Monthly Archives: February 2017

ЕДНА КОМПОЗИЦИЈА – ЕДНА СЛИКА

или

УДАРНИ(ЧКИ) НОТИ (3)

И за да не остане се’ само на празни зборови околу „проценките“ на државата во областа на уметноста, еве еден релативно свеж пример: на конкурсот за (п)откуп на ликовни дела во 2014та година, еден сликар (нема особена потреба да го посочувам неговото име, но ако затреба …)  конкурирал со свое дело на конкурсот, посочувајќи откупна цена од 3.000 евра. Нормално, бидејќи не бил / е’ дел од партиската багра за чии што впрочем потреби и се организираа(т) овие откупи во сите творечки области, на уметникот му биле понудени 2.000 евра за делото кое што, можам да потврдам, е сериозно дело, од реномиран и особено значаен за Македонија сликар, со големи димензии (150 х 120 см.), и какво што нема во збирките на националните институции од областа на ликовните уметности. И, колку за потсетување, главните мотиви за овој (п)откуп на дела божем беа да се пополнат збирките на овие институции. Ама, Министерството повеќе било по ценкањето, и настојчиво нудело само 2.000 евра, со образложение дека понудата е во „… согласност со направената категоризација и одредени параметри при определување на висината на понудениот износ за откуп на дела“, како и дека понудениот износ од 120.000 денари (бруто, што ќе рече дека не се ни цели 2.000 евра!) „соодветствува со актуелните пазарни цени“ (sic!). Многу глупости на мал простор!

Лично верувам дека тие кои го составиле тоа т.н. решение, а најмалку Елизабет која го потпишала, појма немаат какви се будалаштини напишале во него. Верувам и дека се’ уште пишуваат, и потпишуваат – исти такви. Но тоа се случува кога неуки луѓе, притоа и приглупи, се зафаќаат со работи што не ги разбираат. А патем консултираат еднакво неуки и приглупи „стручњаци“ од типот на онаа вљубенана во трампи, која што не’ убедуваше дека за Македонија никакво значење немаат ни делата на една Надежда Петровиќ, Емануел Видовиќ, Петар Добровиќ, Петар Лубарда и др. Оттука, навистина би сакал да ги видам посочените „категоризација и одредени параметри“ според кои што Министерството тукутака се расфрла со прифаќање и отфрлање на автори и дела. (А бидејќи времето на Елизабет во тоа Министерство рапидно се намалува, сите нешта бргу ќе излезат на површина!). И особено би било интересно да се види списокот на тие македонски галерии според кои што се верификуваат тие фамозни пазарни цени на одделни автори и дела. Зашто, хартијата трпи се’ а будалите во Министерството за култура можат да смислат секакви акробации и да ги стават на хартија, ама сето тоа се само празни муабети за мали деца. Зашто, ако веќе сте влегле во играта со „проценки“ и „пазарни вредности“, а на уметникот не му посочувате каде, и кое негово дело може да се набави по таа и таа цена која што се зема како репер, тогаш сето (повторно) останува празен муабет. И на крајот целата работа почнува да замирисува на неверојатна произволност, амтеризам, хохшаплерај со висок сјај. И поткуп, се разбира! На страна основниот факт дека уметноста никогаш, ама баш никогаш, не се проценува само и единствено преку споредби со пазарните вредности на делата!

Како и да е, ако за ликовната уметност постои тој проклет репер наречен „пазарна цена“, како ли тоа се прави во музиката? Која е пазарната цена на догматикот, на пример? И како истата се определува? Или и таму секој сам си ја определува цената, а партиската комисија, немајќи други репери, го цени придонесот на композиторот во поддршката на актуелната власт, неговото учество во дебатните емисии во одбрана на криминалното здружение на режимските телевизии итн.? Зашто во нашево Министерство за (не)култура и тоа се валидни репери. Некогаш, или секогаш, на самиот врв на бараните критериуми!

Инаку, Министерството за (не)култура кон крајот на минатата година се пофали дека на конкурсите за (п)откуп на ликовни дека досега (п)откупило 119 автори со 163 дела за вкупно 21.967.000 денари. Што е точно 134.766 денари по дело – нешто над 2.000 евра по парче. Една музичка композиција – една слика! Баш би сакал да знам зошто се закатанчиле за таа бројка од 2.000 евра?

ЗА ИЧ ПАРИ

или

УДАРНИ(ЧКИ) НОТИ (2)

Прашањето на вреднувањето на уметничкиот труд не е ни ново ниту пак непознато прашање. Дури и кај нас. Светот се обидувал, и се обидува да го разреши најчесто во полза на уметникот. Ние – обратно. Ако можеме, да му ја одереме и кожата и да ја продадеме на пазар. За ич пари! А кожата му е дури и поскапа од делото, зашто делото му го земаат за џабе. Најчесто како подарок. Та нели Валентинчето, па и некои други македонски „уметници“, ни „донираа“ по неколку „споменици“? Онака, од срце, од ќеф, што се вели, и зашто многу не’ сакаат. А богами тоа и не беа баш мали „споемници“. И ако така ги поставите нештата, а не знам како поинаку би можело, тогаш испаѓа дека оние композиции од македонските „композитори“, платени на конурсот на Елизабет и Министерството за (не)култура по околу 2.000 евра, се – изгор скапи! Платени како за најдобрите светски композитори, море безмалу како да се од Бетовен. Зашто, ако можете да добиете цел споменик (од цирка две-тристотини илјади евра, па и повеќе) без пари, тогаш двете илјади евра се претерано многу пари за една композиција. Па нека е и од оној догматикон Стојков, па нека е за Божиќ!

Таа е, имено, логиката, и нема друга, кога државата проценува колку чини едно уметничко дело. Или, ако сакате, кога уметникот – и не само тој туку и сите професии (ин)директно поврзани со уметноста – и’ дозволува на државата да проценува колку чини уметноста. А кога државата е мафијашко здружение како нашево вгнездено во самото срце на системот, тогаш во неа цветаат илјадници „цветови“ наречени големи и мали бизниси кои што се’ претвораат во профитабилни зделки. Според паролата „Дил ориентед“, се разбира!

За да не биде само да се вика по композиторите, ене во „Мала станица“ се изложени (не коментирам како се изложени, зашто од таму сепак добивам плата!) неколку дела добиени преку (претпоставувам) минатогодишниот откуп на ликовни дела. И има неколку пристојни парчиња – од Мартиноски, Гуте, Личеноски, Пандилов – и, ако се’ уште е во сила „проценката“ на Елизабет и нејзините гавази од областа на ликовната уметност (можеби онаа која ја гледаме во сите нејзини комисии, како „стручњак“ за трампа на македонски автори?) дека преку оваа „мерка“ и „акција“ цените се лимитирани на околу 2.000 евра по парче, значи дека и делата на овие основоположници чинат толку! Иако т.н. пазар, па и неговата македонска варијанта, вели нешто сосема друго. Се разбира, не мислам како Елизабет и нејзините подопашници дека сите дела можат, според принципот на урамниловка, да се вреднуваат исто. Дури мислам дека некои дела, па и од Пандилов, или Личеноски, не вредат – како ликовна / естетска вредност, што е сепак различно од нивната историска вредност – ни толку пари.

А на македонскиот пазар дела како откупените односно изложените достигнуват цени повисоки барем за три до четири пати! Ама, државата, преку нејзините партиски „проценители“, вели – не. Или две илјади или носете си го делото дома. Проблемите со македонскиот уметнички пазар се големи, и сложени, и често неразбирливи зашто ги создаваат нестручни и некомпетентни поединци кои уживаат да се нарекуваат себеси галеристи. Тие дури не се ни очешале од некој сериозен галерист, ама им годи така да се гледаат себеси. Како и да е’, тие воопшто и не реагираат на ваквиот државен упад во нивниот бизнис, на ваквото безочно државно подривање на правото на овие препродавачи на уметност да си се бават со нивниот занает. Не реагира ни ДЛУМ, ниту пак некое од стручните асоцијации чија работа е сосема тесно поврзана со уметноста.

Затоа впрочем и Елизабет и нејзините партиски „проценители“ можат да градат и уриваат цени, да им држат лекции дури и на творците за цените на нивните дела без оглед дали станува збор за уметност, музика, сценарио, филм … А тука, понатаму, се кријат и можности за лични и семејни бизниси, за билдање на нечии цени – на пример дело кое не би го земале ни за двесте евра овие го плаќаат две илјади – но и биографии итн. И сето тоа влегува во т.н. културна политика на непрежаленово ни Министерство за (не)култура! И затоа голем дел од нашиве творци се всушност „творци“ мерени само и исклучиво според аршините на мафијашково здружение се’ уште на власт во државава, типични производи на кај нас никогаш целосно напуштената соцреалистичка логика во културата и уметноста.

УДАРНИ(ЧКИ) НОТИ

Минатиот пат ја дезинформирав јавноста велејќи дека „не знаеме дали Елизабет е вратена од Берлин или ќе продолжи на некоја друга дестинација, на некоја нова премиера“. А таа да ти била тука, вратена, ама прилично тивка, исто како и да е не е тука. Но затоа, вчера, или задвчера, и таа како и онаа од Сојузот на стопанските комори, со бум-трес настап. Иако појавата на Елизабет не беше така драматична. Беше прилично комична, што за неа е некако вообичаено. Како впрочем и целата нејзина врло веома појава. А таа всушност цели два месеци е сведена само на тоа – на појава. Зашто, Алаѓозовски ја исплаши дека не е повеќе министерка и не смее ништо да потпишува, ама не и’ кажа дали смее да се појавува и да си ја глуми функцијата и понатаму. И оваа си го зема тоа здраво за готово – така е кога и СДСМ излегува со половични информации – и сега само се појавува во јавноста како министерка, но не и како министерка потписник. Таа или седи како кукла, како во Берлин, зашто таму никој и не ја забележува освен некои од македонските филмаџии кои и’ се вечно благодарни – а впрочем има и за што – или ги објаснува најновите успеси на Министерството. Во кое својство го прави тоа – не се знае, најверојатно оној земјоделецон не го бидува многу за говорење. А Елизабет ја бидува. Врло веома! (Седеше, додуша, и на прославата на Друштвото на писателите на Македонија, ама ни гукна ниту за новчаник се фати. Второво му го препушти на Трифун Костовски, а македонските „писатели“ се опарија за нови две илјади евра!).

Последното комично гукање на Елизабет уште еднаш не’ фрли во дилема за капацитетите на овие луѓе, за нивната временско идеолошка ориентација, па и за нас дали ние воопшто сме ги напуштиле оние некогашни мрачни историски премрежија викани социјалистички (или не знам каков) реализам, информбиро и како уште не, дали воопшто живееме во времево сегашно или само во историјата што ни се повторува како фарса. Иако, сигурен сум дека и тогашните убер-комунисти и најзадрти соцреалисти би се налутиле на ваквите навреди и поистоветувања со сегашниве лумпен десничари во црвено-портокалови бои. И со право, зашто ним не им паѓаа на ум вакви ударничко болшевички манифестации на така цврстата сплотеност на  идеологијата со културата и уметноста. Или, во случајов, со музиката.

Зашто Елизабет, придружена со неколкумина типични соцреалистички персони како бодигарди од под Ранковиќевиот шинел, повторно не’ просветли за што всушност служат  културата и уметноста, денес, во оваа Македонија. Навртена овојпат на музиката, таа, сосе бодигардите, го залепи  последниот десноболшевички плакат кој што на јавноста и’ ги посочува најновите ударнички успеси на македонската музика. Па така, дознавме дека како општество сме станале побогати – или, за да ви биде потешко: сите заедно сме платиле – за една композиција во чест на Факултетот за музичка уметност, па музичко-сценска композиција за Ансамблот за народни игри и песни „Танец“, па уште и Композиција за вокален солист(и) и симфониски оркестар во духот на македонскиот православен обичај Божик итн. Не знам дали имаме и нова композиција за дострелите на криминалната банда на власт. А некоја детска песничка, за да оди на мониторите во она на „М“? Не кажаа. Можеби тоа го држат во тајност за да не иритирираат сега, во овој тензичен период?

Како и да е’, добро е барем да знаеме за што се користи народниот оданочен денар. А Елизабет, како типичен политкомесар, само малку подобро дотерана, раководи со церемонијата на прогласувањето на најновите ударнички успеси на македонската музика. Абе, не Ранковиќ, не Ѓилас … не Колишевски … изберете или допишете кого сакате … не им се ни до колена на овие! Да умееа спомнативе така идеолошки конструктивно да се справуваат со народните пари и музичари – или во случајов композитори – ние уште ќе бевме во „убавиот“ црвен соцреализам. Или евентуално портокалов, колку „да паше“ со совремието!

Посебен куриозитет, барем за мене, е повторното, којзнае кое по ред појавување на „прославениот“ ни композитор Стојан Стојков, кој во оваа прилика не знаеме во какво својство беше клекнат таму, ама секако беше еден од бодигардите, по обичај, само во случајов и – награден. За композицијата „Догматик“! Ха, ајде сега некој нека рече дека Фројд не бил во право!?! Абе потсвеста излегува, каде и да ја криеш. Но, појавата и овојпат на овој типус ја врзувам со претходните негови сенишни тук-таму изникнувања, како член, па и претседател на сите комисии за музика, дури и циркуска, во Министерството за (не)култура. И имаше некакви дилеми – според некои – дека тие се објективни проценители, дека кај нив нема(ло) влијанија и слични будалаштини. И сигурно се такви, сите, особено овој. Само што, ете, излегува на виделина како тие комисии, односно нивните членови си го наплатуваат „трудот“, подоцна! Како „догматиков“!!!

Елем, Елизабет не пропушти да нагласи дела оваа мерка – јеботе, за неа овој поткуп се вика „мерка“ – се спроведува од 2014 година, при што досега биле создадени вкупно 128 композиции од 41 македонски автор, за кои што биле издвоени 15 милиони денари. И сега, една проста математика, применлива дури и за тупаци како македонскиве музичари – не сите, се разбира, ама оние кои квачат до „министерката“ секако – вели дека една нивна (ударничка) „композиција“ чини просечно околу 117,187.5 денари, што не е ни две илјади евра. Е толку е цената на тие тутурутки кои глумат македонски композитори, колку што впрочем е и цената на еден македонски визуелен уметник (сликар, скулптор итн.), сценариста или некоја слична „профитабилна“ културолошко уметничка професија! Е па нека им е алал. Елизабет ги зема тие пари секој месец, мање-више!!!

ЗА СТАДОТО

или

ПЕТ МИНУТИ (3)

Иако Атанас (Вангелов) стручно го насука идентитетскиот брод на пуфлана со докторат по политички науки, а бидејќи веќе ја почнав темата со разноразните будали кои тук-таму се опробуваат на полето на омаловажување на националниот идентитет, ред е да продолжам. И, морам да кажам дека за разлика од Атанас, јас наоѓам разбирање за бившата полицајка и нејзините „тези“ дека „… македонскиот идентитет не е ниту Јаневски, ниту Серафимовски, ниту кое било име или поединец. Во македонскиот идентитет се вградени сите наши претци. Тоа што ми пречи е обидот македонскиот идентитет да се поистовети со поединци“. Затоа, во извесна мера, најдов разбирање и за оној несреќник Цветин, па за Антонио и нивните пет минути слава. Ако не сега – кога?

Наоѓам разбирање не само за неа туку и за многумина како неа зашто тоа е единствениот начин да се почуствуваат како „некој“ и „нешто“, да го сведат поединецот на рамништето на нивното стадо во кое што сите (ќе) блеат подеднакво. Кога сите сме џуџиња, зошто некои да штрчат? Тоа е психологијата на анонимусот, па нека е и со три докторски титули, ама за кои што сите знаат како се стекнати! И дека важат само во нивното маало, и стадо. Или партија, сеедно. Никој друг, ни жив ни мртов не ги есапи за сериозно, уште помалку за нешто вистинито. Тоа е тезата дека сите с(м)е еднакви, дека нема заслужни и незаслужни, само што некои се подобро платени, нели. Синдромот на неважноста, на анонимноста, па и на неспособноста, ако сакате, го навлекува, го прејудицира менталитетот на стадото како спас, како единствен можен излез од проклетството на безименоста. Затоа и бункерот на општоста, на униформираноста, на вкупноста е сигурно засолниште за тој тип луѓе!

Тоа впрочем беше и идејата на влезот на нејзиниот газда во МАНУ на денот на промоцијата на неговата магистерска теза небаре добил Нобелова награда – иако пуфлата ја оспорува токму таа награда – и бесрамниот шпалир во кој што ги нареди мануковци да чекаат за неговиот потпис. Да беше сето тоа осмислено како перформанс, како вид на културен хепенинг, ќе зрачеше моќно, оригинално. Ама не, тоа беше простачко покажување на моќ и мускули, тоа беше провинцијализација / упросечување на самата институција односно нејзино вклучување во стадото. (Иако тоа на таа „институција“ можеби и’ требаше, но тоа е друга тема). Психологијата на стадото, особено од овие македонски плодни пасишта, е длабоко всадена во умот на македончето. Некои, особено од овие нововерниве „историчари“, ни поттураат тези дека тоа и го одржало, со што никој нормален не може да се согласи. Зашто, да останело се’ на „сите наши претци“ со менталитет на стадото, Отоманската империја и денес ќе беше тука! Благодарејќи токму на поединците како доволна критична маса – она што толку години ни недостасуваше да се куртулиме од стадово на пуфлата и нејзиниот газда – во минатиот век ова парче земја се оттргна од прегратката на нечија провинција, епархија, бановина итн.

И, велам, не ме чудат пуфли во докторски тоги или анонимуси со цветни имиња кои во стилот поклони се и почни си ги одработуваат петте минути. Ме чудат некои божем посериозни луѓе, божем креативни и со бели глави – што ќе рече дека барем подолго паметат, ако не знаат – кога држат лекции лево и десно, уствари не десно, никако десно, само лево, и изигруваат палјачовци адресирајќи ги прашањата на неточни адреси. Барем ним не им треба стадото како покритие зашто, нели, тие се творци? Или психологијата на стадото и нема врска со тоа? Можеби, зашто само така можат да се разберат настојувањата на еден македонски белокос сликар упорно до бесвест да бара одговори од водачот на македонската опозиција, за се’ па и за ланскиот снег, а никако да погледне и малку десно, во своето стадо и да си го праша пастирот, или некој друг од „одговорните“. Можеше и Антонио, ако сакаше. И наместо да ги поплука, ошамари, расчеречи … неговиот Пастир и џуџињата од типот на цветини и милошовци и ним да им ги испрати „изданијата на творештвото на Блаже Конески, Славко Јаневски, Гане Тодоровски, Ацо Шопов, Петре М. Андреевски, Анте Поповски, Светлана Христова Јоциќ … Имиња кои ја задолжија нашата култура“[1], тој сака да му ги испрати – на Заев! Зашто овој преговарал за употребата на албанскиот јазик на целата територија. А на неговиве од стадото кои истите тие творци ги резилат и нарекуваат џуџиња, не им ги праќа? И тие великани на македонската пишана реч „ќе се превртуваат во нивните вечни одморалишта“ заради Заев, а не заради тоа што неговите од стадото ги третираат како ништожници, како џуџиња? Па ако е и од стадото – многу е, ако е и од некаков ептен јужен локал патриотизам – премногу е!

[1] Коле Манев, Секој да си го прибере умот, Дневник, 22.02.2017

БИЗНИСЖЕНИ

Ми остана јанѕа: што сакаше да (ни) каже госпожана која глуми претседателка на Сојузот на стопанските комори кога вели дека „стопанството во овој момент е на машини за реанимација и тешко ќе може да издржи уште долго, освен ако не се најде заедничко решение или начин за функционирање на институциите“? И дека „Буквално, не можеме да предвидиме уште колку време ќе може да се опстои под овие услови како сегашните. Ситуацијата е многу деликатна. Наместо да се сконцентираме на тоа да работиме и да го развиваме приватниот сектор кој е генератор на економскиот раст и оној што треба да ги креира политиките, да работи на зголемување на вработувањето. Но, ништо од тоа не е возможно“? Ние неупатените во нивните бизнис тајни можеме секако да ги толкуваме нејзините зборови, а највеќе како сува констатација без дијагноза, како проста состојба без терапија или – како приказна за мали деца. А сепак не сме толку мали, имаме барем десет години, некои и повеќе.

Зашто, кога првиот бизнисмен тоест бизнисжена во државава, а таа го глуми токму тоа, вели дека „стопанството во овој момент е на машини за реанимација и тешко ќе може да издржи уште долго“, таквата бомбастична изјава не само што е шок  за нас кои живее(в)ме на крилјата на нашата полетна економија, туку е и запрепастувачки факт од кој што тешко ќе се опоравуваме. Како тоа, одеднаш – трас: реанимација? Та нели, прво, сите здушно се надевавме дека како втора економија во светот за нас (ќе) нема зима дури и ако температурата се спушта и под триесеттиот степен. Во минус, се разбира. И зошто госпожава не се (по)јави тогаш да демантира, туку не’ остави да живееме во илузии? И второ, што е тоа што се смени за помалку од половина година та нашата цврста како мермер економија да спадне на машини за реанимација? (Освен, ако тој мермер не е од оној кој само личи на мермер ама не е мермер?).

Впрочем, владата е иста, коалицијата е иста, милјето е непроменето, атмосферата е победничка …? Или овде некој – лаже(л), цела деценија? Односно, се надоврзувам на нејзините зборови дека „не можеме да предвидиме уште колку време ќе може да се опстои под овие услови како сегашните“. Кои се имено тие нови услови („како сегашниве“) кога Владата не’ убедува дека се’ функционира нормално, дека министрите се на нивните вообичаени места – ене Елизабет одлета дури до Берлин на премиерата на новиот македонски филм – и продолжуваат со работа 24/7? Ене и психоТодорОФ вообичаено смислува нови и нови начини како да ги доизмалтретира лекарите! Што е тоа што така драстично се сменило па нашиве бизнисмени и бизнисжени не можат да си ја извршуваат секојдневната задача која што се викала „генератор на економскиот раст“? А министерот за финансии вели дека државата нема никакви обврски кон стопанството?

Што е право, не сум економист и можеби не ги разбирам економските процеси доволно за да извлекувам л(ог)ични заклучоци. Ама за тоа се тука таквите госпожи бизнисжени да ни ги објаснат нештата нам неуките. А тие, одеднаш – бум: реанимација! Па извинете, ама кога започна таа кризна состојба кај болниот, која терапија беше применувана кога беше откриена болеста, какви беа симптомите и предвидувањата и кои служби беа алармирани …? Или сака госпожава да не’ убеди дека ова е срцев или мозочен удар, „с неба па у ребра“, кај целосно здрав и прав организам? И немаше никакви симптоми, никакви показатели за можниот развој на ситуацијата? Неверојатно! А ваму делат признанија за животно дело. Кому, и за што? За целосно успропастен, девастиран град како главна активност и заслуга на славеникот? Кој дури и самоуверено  продолжува со тие негови дејанија.

Ама бизнисжената ни сега не кажува кои мерки ги превземаат или ќе ги превземат, туку само го притиска црвеното алармно копче ноншалантно велејќи дека пациентот е на реанимација. И што сега ние да правиме? Да дојдеме со антибиотик, со некои вакцини, со што …? Кое е тоа фамозно „заедничко решение“ што не ни го кажува претседателката, ама го знае, очигледно е тоа? Е па што им треба за да му вдахнат нов живот на ненадејно колабираниот? Нови тендери, колку, за кого, со кого …? Зарем не беше тоа рецептот, зарем не беше таа терапијата што ја применуваа цела деценија и се смееја и се сликаа, сите среќни и задоволни. И а малку секне чешмичето, веднаш – узбуна, брза помош, реанимација? Па каде отидоа, во кои џебови и банки, тие силни инвестиции, иновации, развојни програми, па и провизии? Ништо ли не остана?

И, повторно, иако не сум економист, ама: зарем за да се произведе една ролна тоалетна хартија треба специјални политички услови; или за да се изведат овците на паша задолжително е да се има некаква посебна политичка палтформа …? И зошто, на пример, постојано се бунат тоа коморите, а не се буни културата, образованието, здравството …? Та само тие ли работат во државава, дури и во криза, а бизнисмените и бизнисжените не можат? Културата, на пример, работи дури и без министерка. Одамна, уште од крајот на декември, па никој не стана да се пожали на ситуацијата, на кризата (која криза?). Дури и не знаеме дали Елизабет е вратена од Берлин или ќе продолжи на некоја друга дестинација, на некоја нова премиера, ама ете, културата си тера по зацртаните патеки. И ниже успеси, а на ова бизнисжениве се’ нешто им фали. И зошто Елизабет не ја кандидираат за претседателка на тоа коморите, па да им покаже како се води бизнис?

А на крај, објективно се сомневам дека онаа бизнисженана имаше дозвола од криминалнана врхушка – која што, патем, беше вистинскиот претседател на тој ССК – за вакви потресителни упади во нашата здрава економија! Се слушнала ли таа, се видела ли, воопшто, со Шефот?

ПЕТ МИНУТИ (2)

Но, но, има една мала, или голема запирка, како сакате, во настапите / исказите на разноразни будали за одделни актуелни или историски настани и личности. Се разбира, повторно целам на сите оние владовци, цветини, филипи, валентини и остала булумента која за пет минути медиумско внимание е спремна да каже се’ и сешто, и тоа што го мисли и тоа што не го мисли, па и тоа што некој и’ рекол да го мисли или рече. Малата, или големата запирка е својството, улогата, позицијата во која што односно од која што се говорат нештата. Затоа, кога извесен Цветин тресе глупости како незрело дете расфрлајќи се со квалификации за личности на кои не им е ни до колена и во области за кои што апсолутно не е компетентен, тогаш не гледам причина зошто тие и такви изјави би привлекувале какво и да е’ внимание во јавноста. Решила будала да кине зелени и што тука има чудно? Или загрижувачко? Знаеме ли кој се’ лупета слични будалаштини низ македонските биртии и кафетерии, какви се’ „епитети“ добиваат и актуелните и историските македонски политичари и дејци, секојдневно? Не знаеме и не не’ интересира, уште помалку им придаваме некакво значење.

Ама кога еден Антонио Милошоски, како народен пратеник и/или министер за надворешни работи ќе излае онаква реченица за Блаже Конески, тогаш не гледаме кој навистина е тој шутрак и какви се неговите квалификации за такво нешто – иако, патем, некој требаше да се праша какви беа неговите квалификации и за тие функции – туку гледаме висок државен функционер кој сее идиотштини од висока државна позиција и се прашуваме во чие име го прави тоа? Зашто, повторно, оној Милошоски од Кичеа ама баш ич не не’ интересира, ама тој истиот како народен пратеник и/или министер за надворешни работи итекако е од интерес на јавноста за изнезените ставови. И за тоа треба(ше) да се бара одговорност не само од него туку и од оние кои го плаќаа! Инаку, истиот типус, порано, ама во својство на уличар, велат дека ја нарекувал македонската азбука „караџица“, дека барал воведување на (бугарскиот) мал и голем ер итн. Ама такви уличари, тогаш, никого премногу не го тангирале!

Иста ситуација имаме и кога оној Цветин Чилиманов, ама сега уредник на сервис на англиски јазик во Македонската информативна агенција и некогашен дел од кабинетот на Претседателот на државата излегува во јавност со такви налудничави изјави. Ако е тоа така односно ако тој тип само пред кратко време бил навистина дел од тој кабинет, а денес е уредник во државна информативна агенција, тогаш повторно добиваме квалитетно нова ситуација. Тогаш добиваме ситуација висок државен службеник да се јавува во улога на проценител на значењето на одделни македонски историски личности, па во тој случај можеме да говориме барем за двојна одговорност: на персоната, но и на неговиот шеф! Зашто, позициите наметнуваат обврски, и тие мора да се почитуваат. За жал, не видовме и не слушнавме некој да побара став од неговиот претпоставен за ваквото однесување на уредникот. Ако пак тој сам не се јави и не појасни што и како мисли за таквото однесување на неговиот уредник, и тоа е некаков знак!

И ако сето ова е така, а така е’, тогаш сосема логично се наметнува прашањето чии всушност ставови изнесуваат ваквите шутрааци од типот на еден едикојси Цветин, но особено на еден Цветин Чилиманов како уредник во државната информативна агенција и некогашен член на тимот на претседателот на државата? А тоа не враќа повторно и на оние познати хистерии од пред некој месец, кога на митинзите на криминалциве се редеа највисоки државни службеници / функционери (директори на Комисијата за односи помеѓу верските заедници, на Државниот архив итн.) урлајќи како нездрави и повикувајќи на нож и на крв. И повторно – никому ништо. Никој не го фати за уши оној Емил Никола Димитриев да го праша што тој има да каже  за однесувањето на неговите директори, на пример! Или тој секогаш има оправдување – не е од тука?!

Во една ваква поставеност сосема се „порелаксирани“ истапите на исти или слични теми на еден Саше Политико (иако и новинарската професија подразбира голема доза на одговорност за јавниот збор, ама тоа кај нас никогаш не било така во реалноста!), па и на оној глумецон. Иако, всушност, кај нас одамна се знае кој од кој ров пука, во кого и зошто, ама нечија стрелба може да има третман на ќорфишек, а нечија е бога ми – убоита! Иако најчесто повеќе за стрелецот отколку за жртвата!!! Зашто така функционираат јавните служби, барем во цивилизираниот свет. Ние, нормално, одамна не сме тоа, токму заради ваквите простаци заседнати на важни јавни фотелји и без грам не само елементарно домашно туку и општо воспитување и образование.

ПЕТ МИНУТИ

Мислам дека почнавме, поодамна, да претеруваме во придавањето значење на сите шутраци и будали и нивните „изјави“ – особено оние постирани на фејсбук – или коментари за одделни актуелни или историски настани и личности. Се разбира, целам на сите оние владовци, цветини, филипи и  остала булумента која за пет минути медиумско внимание е спремна да каже се’ и сешто, и тоа што го мисли и тоа што не го мисли, па и тоа што некој и’  рекол да го мисли или рече. Некако, се заморуваме околу неважни нешта, се концентрираме околу провинциски тралалајки а ни поминуваат цели композиции суштенствени работи на кои што не стигнуваме да им обрнеме внимание.

Рекол некој тоа и тоа! Па што ако рекол? И зошто е пак тој толку важен односно неговото мислење за ова или она би било од некакво значење за нас? Па нека е и за Рацин, или за потенцијалната војна во Македонија? Ако една битанга може кај секој од нас, но и во јавноста, да го смени мислењето за основоположникот на современата македонска поезија, тогаш ние и не сме имале некое високо мислење за Рацина, нели? Или сега ќе тргнеме да ги менуваме учебниците (ако Рацина воопшто и го има во нив) или книгите во кои што се спомнува неговото име и (особено) поезијата само заради фактот што еден шутрак почуствувал што „пали“ во државава, начекал микрофон и распалил „све у шеснаест“? А пред да се обрне посериозно внимамние, треба и да се погледне подобро кои се тие што ги шират тие и такви муабети, колку се тие достојни и името на некои македонски великани да го спомнат. И не само тој некојси Цветин, туку и оној ситен гаулајтер кој се осмели да го изговори името на Конески во познатиот контекст – а Цветинот да го копира, барем да измислеше нешто свое – и уште многумина такви гниди кои безмалу цела деценија ги полнеа страниците на печатот и екраните на телевизиите со нивните гадости за се’ што беше цивилизирано, креативно, вредно во оваа држава во минатото.

Некој, мислам дека беше Ворхол, беше рекол дека секој во животот заслужува пет минути слава. (Да, знам дека Ворхол говорел за петнаесет минути слава, ама тоа било во далечната 1968 година. Денес таквиот тип „слава“ трае само – пет минути!). Па нека им е, макар кај некои тие пет минути траат и пет дена, кај некои дури десет години. Ама таа и таква „слава“ баш и не ја посакува секој, особено не нормалните луѓе! Затоа – нека им ја, им личи и нека си ја носат!

И не мислам некому да солам памет како треба да се однесува во такви случаи зашто и јас сум реагирал, и реагирам – глупаво, се разбира – на одделни слични будали и будалаштини (од форматот на Сарајлија, норамално), свесен дека сето тоа, на крајот, одело во ветар и дека е само дел од петте минути на овие. Па нека им се! Иако, признавам, повеќе успева да ме исфрли од такт она другоно „интелектуално“ лигавење кое по секоја цена сака кај ваквите идиоти да пронајде нешто конструктивно, да анализира, „поучно“ да сугерира … наместо да измаршира – отворено и јасно. И се’ е некако во ракавици – а овие токму тоа и го сакаат – се’ е „округло па на ќоше“, според старата македонско византиска „ука“.

Или замислете што се’ се говори во некоја поголема од нас земја, некоја со три-четириесет милиони жители, меѓу мои, секако, и добар број будали кои исто така во заседа ги чекаат нивните пет минути. Какви се’ глупости и идиотизми и во какви количества се изнесуваат и во тие земји само за да се домами рефлекторот на јавноста, па никој претерано не се потресува или им придава некакво значење?

Истото сум го мислел, и го мислам и за оние фами околу наводните смислените планови и операции од страна на криминалнава врхушка за божемни настојувања за некаква ревизија, или ретуш на мaкедoнскaтa истoријa и некои истoриски личнoсти, нивната компромитација и/или реалтивизација на нивното значење.

Прво, не можат вакви глупи луѓе да смислат такви планови и операции. Можат, евентуално, да добијат „од надвор“ некаков готов рецепт, некаква обмислена „стратегија“ за ослободување од елементи од поблиското или подалечното минато, за „прочистување“ од „комуњарските“ инфилтрации во културата, науката, образованието. Ама, второ, вакви шутраци не би можеле ни готово сервираното да го спроведат. Неуки се бре брате, неспособни, глупави … Ја утињаат поентата, или ја забораваат, им бега суштината а излегува идиотштината итн. Она што нашиве можат да смислат е шизофренија од типот на „Скопје 2014“, и тука можеби замешале прсти и некакви станковци, серкањци и остала каллива лумпен интелигенција, ама, повторно – гледајте го резултатот!

Таков впрочем е и обидот на тој Цветин, и на сите други, и ете како завршуваат: за подсмев! Некој, можеби и тој, како и другите пред него, нешто ситно ќе ќари, ама генерално јавноста веќе бара жолтото комбе да почне да функционира, конечно, на релацијата Скопје – Бардовци!. Инаку да, зборот е пуштен, што се вели, муабетот е излезен, ама такви муабети се изнаслушавме во овие десет години … Плус, кога ќе видите кој им аплаудира, се’ ви станува уште појасно! Впрочем, и фејсбукот, и сите реалити шоуа и контактни емисии се измислени токму заради потребата секоја будала да си ја (по)каже маката. (Не се исклучувам ни себеси, се разбира!).

УМЕТНОСТА И КАПИТАЛОТ

или

БЕРЛИНСКИ БЕЛЕШКИ (7)

Се разбира дека уметноста во Берлин не е само на улиците – во архитектурата и околу / пред неа, во парковите, пред или во државните институции (куполата на Фостер во Рајхстагот, скулптурата на Чилида пред Бундесканцеларијата итн.), некогаш и на самите покриви (скулптурата „Феникс“ на покривот на Филхармонијата, „висечкиот“ вонземјанин на Ауке де Ври и др.) – туку за најголемиот дел од уметничкото богатство мора да влезете и во музеите и галерии. А нив ги има „премногу“ за нашето разбирање на нештата, иако за културниот свет зборовите премногу и уметност никако не одат заедно.

Во Берлин, и во Германија, државните уметнички институции се стандард кој што ние можеби ќе го достигнеме за некои педесетина години. Ама за тоа време тие ќе стасат којзнае каде! Но (не само) во Берлин, и (не само) во Германија, веќе со децении и капиталот, а тука мислам на моќните економски корпорации и големите државни фирми, е тесно поврзан со уметноста, обидувајќи се на граѓанинот да му ја доближи нивната приказна за т.н. корпоративна општествената свест и одговорност. И тука навистина има што да се види и доживее, не само во огромните брендови од типот на Дојче банк или корпорации како Дајмлер, туку и во релативно помалите и „посиромашните“ фирми кои што сепак сакат да му покажат на граѓанинот, но и на вработените и на клиентите дека профитот не е нивната единствена грижа. Се разбира, знам дека овде станува збор за неспоредливи профити и капитал, за нас веројатно и несфатливи, и дека за уметноста и културата се издвојува еден, да речеме, незначителен процент, ама сепак тоа убаво звучи, а газдите покажуваат дека умеат да се откажат од по некое евро, или долар, на нивните конта.

4_khakhar01_you_cant_please_all
Бупен Какхар, You can not please all

Дојче банк, на пример, има посебен програм „уметност, култура & спорт“, каде што издвојува големи средства за поддршка на ваквите активности. Во тој контекст функционира и нивната Уметничка галерија – сега во неа се прикажува извонредна ретроспектива на индискиот уметник Бупен Какар – а нивни изложби патуваат и во друго светски музеи (изложбата на Басим Магди од Берлин „прошетала“ до Рим и до Музејот на совремната уметност во Чикаго). Тоа ќе рече дека овде не станува збор за некакви пригодни (да простите) срања кои треба да ги оправдаат каматите, кредитите и сите други финансиски трансакции што се слеваат во трезорите на Дојче банк, туку тоа се сериозни, професионални проекти добредојдени и во врвните уметнички институции во светот.

Галеријата Дајмлер, на самиот Потсдамер плац, прикажува впечатлива изложба насловена „За редимејдот или употребувајќи го Рембрант како даска за пеглање“ (концепт на уметницата Бетан Хус), која што ги истражува историските и современите значења на редимејдот низ призмата на Дишан, се разбира, а преку делата од колекцијата Дајмлер. И нормално, во галерии од овој тип се’ е блескаво (особено просторот!) и бесплатно – од влез, преку богати каталози, водич-слушалки низ изложбата … а ви нудат дела од Џад, Ворхол, Дишан, Урлике Розенбах, Лу Зенг, Мејплторп, Георг Грос, Јан Хендриксе итн.!

readymade

Или, дури и не морате да влегувате во музеи и галерии. Големата уметност ќе ве начека и во ресторан, како еден импресивен, огромен Базелиц на ѕидот во ресторанот „Gendarmerie“ кај Фридрихстрасе.

basellitz-berlin

ОД РЕАЛНОСТА НЕ СЕ БЕГА

или

БЕРЛИНСКИ БЕЛЕШКИ (6)

Човек ако тргне само по берлинските булевари за да се одушевува на архитектурата, на концептот на Градот (големата буква за овој град е задолжителна), на протомајсторите – знајни и незнајни – кои ги вложиле личните знаења, умеења и енергии во служба на своите сограѓани, на институциите кои што им го прават животот на берлинците повеќе од убав (барем вака, гледано од страна), ризикува да заборави од каде дошол, а тоа не е добро. Или можеби и не е, зависи од аголот на гледање, зашто кога сте во една ваква не само европска туку и светска метропола, ви се чини дека животот сепак може да биде и поубав, попристоен, подостоинствен, а тоа богами пленува. Пленува до бескрај, дури да посакате да не се вратите во онаа скопска (зимска, ама стана и летна) смрдеа. Иако и таму, во тоа и такво Скопје, во кое што има и провинцијални персони кои сакаат да си играат со некакви „ин“ и „аут“, па во „ин“ ги ставаат дури и нашине културни криминалци, има, не велам не, има нешта кои што ви требаат, дури и „органски“, ама не и културолошки, или егзистенцијално, најмалку политички. Родниот град не се заборава така лесно, нели?

Ама, кога ќе прочитате дека има и будали кои посакуваат војна, кои дури и се закануваат со такви дејствија, ви одмилува и град, и држава и се’ по список што е на некој начин сврзано со тие простори. Како да градот, државата, е само нивна, проклета и проколната и од нив и од сите други како нив, како да само тие живеат таму и токму тие решаваат за судбината на преостанатите на тоа парче земја. Впрочем, десет години се однесуваа така и гледаме каде не’ доведоа. Ама сакаат уште, сега како да им треба крв. Им треба што и да е’ што ќе ги покрие злосторствата што никако не се покриваат, им треба акција што ќе го одвлече вниманието од нивните криминали, од нивните кражби наречени хонорари, од нивните простотилаци и некултура со кои што не’ ставија на последното светско место во сите области!

И згора на се’, една таква сељачаана, еден таков неписмен народ си зема за право другите да ги апострофира според местото на раѓање или живеење, божем они доаѓаат од Париз, Лондон, или – Берлин, а другите да ти биле од Муртино. А всушност токму тие да ти доаѓале од Муртино на квадрат, на куб или ента степен, од некое свирипичино кое што човек и не може да го изговори! Иако тоа, впрочем, и не е битно. Ама битно е ако местото на раѓање го апострофираш како негативен белег, како дисфункционалност, како мана. А самиот си мана вродена, негативец до коска – не само според местото на раѓање, самиот си црновладин клиент, параспур на платен список на разноразни „муртиновци“ кои ја одведоа оваа земја буквално во пропаст! Ама, повторно, другите се виновни, нели, како и обично, како и секогаш во македонскава историја. Додека едните калапеле – во турски, грчки, српски или банките на Белизе – другите морале да бидат виновни за се’ што се случувало. И да бидат дежурните предавници!

И таквите параспури вечно ќе се прават и слепи, и глуви, па и глупи, ако треба. Ќе си ги бранат газдите до последната капка ракиичка, па и сендвич, иако овие од културата богами скалупија многу сендивичи. Цели вагони! Ама, човек од многу може и да се задави, нели?

nurnberg-1

А впрочем, се назираат и други времиња, оние на онаквите од „муртино“, ама и на таквите од СЈО. Е тоа време што доаѓа нема да свири на тенки патриотски жици туку ќе одмерува по право, и правда. А таму сте тенки до зла бога. Па кога ќе ве репнат … тугооо! И ние ќе гледаме како се криете како оние од Нирнбершкиот процес, како ги криете лицата со весник или што и да е’ друго за да не ве препознаат децата и роднините. Ама ќе биде џабе, веќе цела држава, па и децата и роднините, ве научија. Тоа е вашата и нашата реалност, нема друга.

МОЌТА НА УМЕТНОСТА

или

БЕРЛИНСКИ БЕЛЕШКИ (5)

Подеднакво важен, незаобиколлив и величествен како и Музејот на Евреите на Либескинд, но едновремено и еднакво битен потсетник на нацистичкото минато на Берлин е познатиот Меморијал на убиените Евреи во Европа (2005 год.), или пократко: Меморијал на Холокаустот. Тоа што за многумина архитекти и уметници било безмалу незамисливо, дури светогрдие – еден таков чувствителен паметник да се осмисли на таков начин – го направиле во 2005 година Петер Еисенман и Буро Хаполд директно во срцето на некогашна нацистичка Германија. Веднаш до Потсдамер плац, само на стотина метри од Бранденбуршката порта (онаа која што „нашиот“ Аџиевски толку лошо ја пеистираше!), видлив и од Рајхстагот, овој паметник просто не ги остава на мира берлинците кои би сакале да го подзаборават тоа време. И тие жртви. Впрочем, локацијата не била баш случајно избрана, зашто токму на тоа место се наоѓало срцето на убиствената машина во тоа време – Хитлеровата рајхсканцеларија, неговиот бункер итн.

memorial-1

„Големината и размерите на Холокаустот се такви што секој обид тој да биде претставен со традиционални средства е неизбежно неадекватен … Нашиот меморијал се обидува да претстави една нова идеја на меморијата како далечна на носталгијата … Ние денес можеме да го осознаеме минатото само низ манифестацијата во сегашноста“, вели Питер Еисенман. Можеби токму еден таков споменик, таков комплекс којшто всушност не е ни минато ниту иднина може да биде соодветен одговор?!

Инаугурацијата на меморијалниот комплекс била одржана на шеесетгодишнината од завршувањето на Втората светска војна, на 10 мај 2005 година. Велат, за многумина комплексот бил – шок!

Веројатно не е во ред да се каже дека грандиозноста на чувството на овој споменик може да се почувствува само со лично присуство, зашто тоа горе  долу важи за секој споменик, но тврдам – а сум видел безброј споменици – овде чувството е речиси неопишливо. На 19.000 квадратни метри простор авторите поставиле 2.711 правоаголни блокови, или „стели“, мрежесто подредени во шпалир / лавиринт на нерамна подлога. Секој блок, или стела, е со иста должина (2.38 м.) и широчина (0,95 м.), но со различна височина што варира од 0.2 до 4.8 метри. Со тоа е постигната брановидна глетка на блоковите, на систем без систем. Иако авторите се воздржуват од какви и да се симболички врзувања, првиот (и последниот!) впечаток е дека станува збор за гробишта, можеби целосно апстрактни или исчистени од повеќето упатувачки знаци, но во секој случај комплекс којшто специфично монументално ја одбележува смртта –  ја слави, ја почитува, ја памети. Нерамнината на основата и раличната височина на стелите создале  единствен спиритуелен амбиент, свето место во коешто, шетајќи, самите се соочувате со секоја жртва посебно но и со сите заедно, некогаш, меѓу повисоките блокови сте клаустрофобично заробени од болката и страдањата на мртвите, за да само неколку метри подалеку „испливате“ повторно на површината на светлината / надежта. Нема имиња, нема специјални ознаки, сите се исти во смртта!

memorial-2

Се разбира, еден вака конципиран меморијален споменик – или каков и да е друг – не (би) можел да помине без опонентни. Па така и во Берлин, и во Германија, бројни биле / се незадоволниците од ваквиот (дали апстрактен?) карактер на комплексот. Меѓу нив и еден Гинтер Грас. Зошто ли тоа му било потребно? Којзнае. Но, може ли, на каков и да е начин, да се претстави целиот хорор и страдање во Холокаустот? Може, и тоа е направено во Берлин во посебно музејско здание наречено Топографија на теророт, каде што низ фотографии и историски документи е претставено времето помеѓу 1933 и 1945 година и сите негови стравотии. Но тоа е фактографија, болна до коска но сепак само фактографија која што ја прикажува механичката страна на машината за убивање во што беше претворена Хитлерова Германија. Сосе нејзините главни протагонисти. Овој музеј е поставен токму на местото на некогашното злогласно Гестапо, каде што и му е местото.

memorial-3

Но, Меморијалот на Евреите е сепак нешто друго. Тоа е уметничка визија на смртта и теророт – подеднакво болна како и фотографиите од стрелањата, од бесењата, од логорите, а поболна како транспонирано сеќавање. Таму на едно место го доживувате целото злосторство, од почетокот до крајот, речиси во еден миг, во еден опфат на окото. Таа моќ ја има само уметноста!