Monthly Archives: September 2016

ПЛОЧА

1.

Како по обичај, и во врска со најновата македонско бугарска бурлеска наречена спомен плоча на Кајмакчалан, македонската јавност се држи со полуинформации, полувистини или невистини, дезинформации … Некој земал токмак и искршил некаква плоча, некаде. И тоа да ти било казниво дело. Или не е? Или зависи од тоа кој ја кршел плочата, каде е таа плоча и за што била наменета? Исто како и за едно чудо други криминални дејанија низ државава чија што (правна?) разврска зависи од тоа за што и за кого се работи! (И пак оној шапшалон од Советот на обвинители ќе каже дека во судовите не се продавало боза?).

Нејсе, во најновиот случај испаѓа дека е битно што плочата ја кршел некојси козар, а плочата ја поставиле некои Бугари. Ако беа Срби, со нив ќе одеше и Хорхе и ќе чествуваше во став мирно?! Веројатно. Ама Бугарите ја поставиле плочата нелегално. Можеби, ама кога? Тој факт никој не го кажува: кога е поставена плочата на Кајмакчалан? Вчера, пред месец дена, пред колку години …? И како тоа во државава се шетаат луѓе кои поставуваат плочи каде сакаат и кога сакаат, а МВР за тоа чека информација од – Министерството за внатрешни работи? А можеби заради тоа десет години никој не ги апси бандитиве? Чекаат информации од МНР а помпезноно министерче, како и оние пред него, спие?

2.

Го читам и Геровски ама пак не ми се јасни некои работи. На пример, и јас мислев дека целава работа со бугарската плоча е шеговита, ама – не била. По сите основи, а особено што од страната на источниот сосед веќе се упатиле „ловци“ со нови плочи и со закани за одмазнички акции. Е сега, нашиве на граница фатиле една плоча што требала да ја замени старата – за која што се’ уште не знаеме кој и кога ја поставил – ама појма немаат дали таа е единствена односно уште колку такви плочи поминале во автомобили што не биле прегледани. И сега кон Кајмакчалан се упатени неколку Бугарски експедиции со неколку плочи, па кој стаса до горе ќе ја постави. Додека нашево МВР спие, се разбира, или чека понови информации од МНР! (А зарем бугарското МНР го информира нашево МНР за тоа кои луѓе и со колку плочи тргнале накај Македонија?).

Но интересно е и прашањето што го отвориле пријателите на Геровски („интелигентни и разумни луѓе“, вели Геровски), она од легалистички аспект: „ Тие велат дека споменикот на Кајмакчалан е поставен нелегално, без дозвола од македонските власти и без почитување на процедурата, што е сосема точно“.

Овој „легалистички“ аспект како оправдување за „кукавичкиот пир на Миленко“, преведено на нормален секојдневен јазик сака да каже дека тој, некој Миленко, имал право да го искрши споменикот!(?). Што пак ме носи кај другите споменици од тоа време, српските на пример, на истата локација, онаа каде што Хорхе и Николиќ се поклонуваа, па Зебрњак и уште едно чудо други споменици од тоа време. Односно, дали тој некојси Миленко, според легалистичката логика, има право утре да земе три токмака и да испокрши се’ што нема да му се допадне по планините и долините, а за кои што се знае дека немаат дозвола од „македонските власти“? Логиката вели – да. А МВР и тогаш ќе чека информации од МНР, кое изгледа е задолжено да ги врши работите и околу криминалните дела сврзани со странските споменици во Македонија.

(Иако, признавам, прилично тенко ми звучи ставот дека тие немале „дозвола од македонските власти“. Од кои тоа македонски власти, во 1913 или 1914 или 1915 … година? Тоа ми доаѓа слично натегнато како тезата на г-дин Мухиќ дека Мајка Тереза не била родена во Македонија, односно Скопје, туку во Отоманската империја односно Ушкуп, зашто тогаш не постоела македонска држава! Ама тој истиот г-дин да ти бил роден во Босна, во 1943 година, иако таа била во состав на НДХ!!!).

3.

Но, да бидам искрен апсолутно не ме интересираат ни српските ни бугарските споменици, особено не од тоа време. Ама ме интересира таа логика што дозволува земање на правдата во лични раце!

Па, следствено, што ако веќе утре се појави некој Зоран, или Трпе, опремен со пнеуматски чекани, со хилти, а може и багери, и им се пушти на оние самонаречени спомен обележја односно споменици низ централното градско подрачје. Следејќи ја легалистичката логика, тој чин би бил целосно легален зашто тие чуда распоредени низ градов се апсолутно нелегални и на тоа било укажувано многу пати! Згора на се’, бандитиве не би можеле да го обвинат Заев за таква работа зашто човекот јавно кажа дека нема намера да зема чекан во раце. Што не ги спречува другите во такви (легалистички) дејанија, нели?

КАКВА ЦРНА НОРМАЛИЗАЦИЈА

1.

Го читам Фрчкоски со неговите ставови за неопходноста од радикална нормализација, денес-утре, кога-тогаш. И не само Фрчкоски. Сите више вергламе едно те исто. Ама кога ќе ви запне за око наслов од типот „Срѓан Керим ги продолжува консултациите во Њујорк“, и тоа лепнат на првата страница од некогаш угледен дневен весник, дефинитивно ви е јасно дека нормализацијата останува на нивото на „мисловна именка“ (што ли да значи таа чудна флоскула!) и дека ѓаволот е одамна добро закотвен меѓу нас. Не мислам на Керим, нема тој (ни) такви капацитети, ама мислам на новинарството, на информирањето, на стандардите за тоа што е вест а што лага, за димензиите на нашата комплетна забеганост во водите на манипулацијата … за сето ова што не’ опкружува.

И кои црни консултации, какви консултации, со кого, за што …? Ќе си речете дека човекон е тој без кого не се може, некаков фактор во меѓународната политика, дека без него не почнуваат ни Г6 ни Г16 форуми, дека жари и пали низ планетава Земја, а богами е подготвен да тргне и на интерпланетарни мисии, само ако некој го побара. Ене, на пример, на еден од Јупитеровите сателити откриле вода! Не бива ли да замине на една подолга експедиција во тие краишта и малку да не’ олабави? И така во ОН им глуми загриженост за глобалното затоплување – но не и за домашното заглупување, се разбира – па нека се покаже, на дело.

И што ако тоа се негови весници што објавуваат такви будалаштини? Па белки не се само негови. Или, ако можат да ги објавуваат оние срања на Сарајлија, па на „публицистон и режисерон“ и уште редица други шапшали, зошто пак да не можат на/за – газдата? Држи и таа логика, ама повторно: кои се тие негови консултации во Њујорк, со кого и за што, и со што тоа не тангира нас, освен што тој „се консултира“ трошејќи големи  наши пари. Па ако е таков господин каков што милува да се претставува, и таков газда, нека троши свои пари. И кој може ова да го нормализира?

2.

И не дека имам нешто многу против такви паунести билмези, ама нејќам да ми ги трошат парите за нивни идиотлуци. И оние на Владата. Ние ќе сме му дале на светот генсек на ОН!?

Иако можеби јас сум еден од малкуте кој нема против дури и на таквите наши амбиции, ама кога би биле барем малку втемелени во реалноста. И во квалитетите на личноста за која (ќе) се залагаме. Ама за Керим!? Па дајте ве молам. И зошто? За да му исполниме уште една налудничава желба зашто тој на бандитиве им исполнува неброено многу преку неговите весници? Или, со што Македонија, односно ова злосторничко здружение на власт, го задолжи регионот, Европа, па и светот, за да ни поверуваат дека и ние можеме да бидеме дел од високите политики а не само од високите криминали, дека и ние имаме квалитетни луѓе а не само шверцери на евра? Она што ние фактички му го нудиме на светот последнава деценија се само бедеми од концентрични кругови на лаги и измами околу бандата на власт како јадро на една ненародна автократска политика. Пропагирана токму (и) од медијската „империја“ на дотичниот. И мислат дека тоа е влезницата за светот на идеите?

Зошто некој (нормален) во ОН би гласал за наш кандидат, инаку прошверцуван како таков токму на истиот начин по кој и тој стана познат во светот на политиката? Кои се тие наши / нивни / негови (не само политички) успеси за таков потенцијален натпревар? Оние наслови што ни ги посочува Геровски: „За инфраструктурни проекти 400 милиони евра во Буџетот за 2017-та; Над 70 милиони евра капитални инвестиции во здравство и образование во 2017-та година; Во патна инфраструктура ќе се инвестираат 20,16 милијарди денари …“ (инаку прецизно именувани како „наслови за идиоти“) и уште стотици исти или слични низ годиниве? Или навистина нашиве мислат дека светот е составен од идиоти? Ај нормализирајте го ова?! Или она веќе „чувено“ на оној шапшалон за аптеката и бозата?! Па попрво во земјоделска аптека ќе најдете боза отколку законитост, право и правда на македонските судови!

3.

И сето ова во контекстот на продолженото наше живеење, и дивеење, во светот на лагите, каде веќе сите загубија трага во што се’ сме први, во што сме лидери или веднаш при врвот, какви се’ успеси секојдневно постигнуваме … И сето тоа низ окото на вмровизацијата на опкружувањето и  „весниците“ на дотичниот од консултациите во Њујорк. И не само неговите. И не само тој, додуша. Се намножија таквите бараби од курирски тип зафаќајки се’ подлабоко и подлабоко во торбата со марифетлуци, лаги и измами само за да го оттргнат вниманието од вистинските случки низ државава, од СЈО и конкретизираните обвиненија, од претстојните избори … од колапсот на целата држава!

И до кога тоа ние сме должни да исполнуваме желби на секоја будала што се гледа себеси како генсек, како претседател на ова или она, дури на држава, како премиер, министер …? Со што тоа не’ задолжиле тие луѓе, што направиле за државата, за нас? Малку ни беше што Хорхе се виде себеси во два мандати претседател на држава, па оној шалтерски службеник посака да биде премиер, па и тоа му беше малку па сакаше да биде и архитект, и историчар, и музеолог … малку ли желби се исполнуваа минативе десет години? Видете ги само оние битанги во Парламентот! Уште овој ли ни фали, ни мање ни више туку – во Њујорк!? Како ли се нормализираат такви желби?

УШТЕ ДВЕ КАРИКАТУРИ

или

ФЕНОМЕНОТ НА КОЊОТ И ЛАВОТ ВО СОВРЕМЕНАТА

МАКЕДОНСКА МОНУМЕНТАЛНА „УМЕТНОСТ“ (8)

И бидејќи сме кај коњите и карикатурите, неодминливи во овој контекст се уште два коњанички споменици – едниот поставен истовремено, другиот набргу по „Воинот на коњ“.

Првиот е споменикот на Филип Втори во Битола, поставен истиот ден кога и споменикот „Воин на коњ“, што не е никакво случајно совпаѓање туку очигледно диригирана акција со небулозни цели и симболика. Како впрочем и целиот чадор-проект. Како и да е’, споменикот на Филип Втори, како што велат медиумите, бил готов повеќе од цели две години, но чекал „подобри времиња“ (?) во дворот на Општината Битола. И тие подобри времиња дошле токму на 21 јуни 2011 година, кога се кревал и споменикот „Воин на коњ“ во Скопје. Чудо не им текнало да организираат и директен телевизиски пренос од двете случки?

Но, по карикатуралноста и чудесијата што ни ги прикажува споменикот на Филип Втори во Битола го надминува и овој на скопскиот Плоштад. Зашто овој во Скопје барем успеал да се крене – мислам коњот – на двете нозе, па макар и потпрен на опашката. Оној во Битола, кутриот, останал вечно „закотвен“ со мевот на една карпа, божем во скок. Чудо карпата не му го распорила мевот? Или такви незгоди не им се случуваат на Ацета и Филипа?

%d1%84%d0%b8%d0%bb%d0%b8%d0%bf-2-%d0%b1%d0%b8%d1%82%d0%be%d0%bb%d0%b0

Како и да е’, скулпторот (Ангел Коруновски) не’ убедува дека „Разиграниот коњ прескокнува карпа, тоа е симбол на силата. Важен е и естетскиот момент. Фигурата на Филип Втори не е во природна големина. Значи, во издолжена форма што дава многу убав ефект. Совршена убавина“[1]. Чудна убавина, и уште почудна сила, онака натопорен врз карпата, иако не спорам дека некогаш и карикатурата може да биде – убава! Сепак, јасно е дека тој тип „убавина“ се појавил заради неумешноста односно незнаењето да се реши статиката на коњот кренат на две нозе. Што не е лесна работа, претпоставувам, ама ако веќе сте се нафатиле да правите такво нешто, па згора и да земете хонорар …? Можеби Филип навистина бил основач на Битола, не знам, ама особено ако е така, тогаш заслужил нешто многу подобро од тоа што е направено на плоштадот „Магнолија“. (Целосниот грдиот впечаток го комплетира и една фонтана зад споменикот, која што свири и пее, а треба да го глуми кралскиот штит на Филип Втори. А „работи“ – ако е тоа работа – според две програми: „Едната за секојдневни, а другата за посебни моменти“[2]. Монструозно!).

 

vasil_chakalarov2

Вториот „интересен“ коњанички споменик е оној на војводата Васил Чакаларов, еден од малубројните македонски војводи за кои што со сигурност се знае дека јавале коњ. Војводата Чакаларов имено е (барем два пати фотографиран на коњ: еднаш во портретен манир качен на коњ, фотографиран на отворен простор (веројатно некаков двор) пред флорална позадина вообичаена за фотографските дуќани во тоа време. Фотографијата е од јули 1903 година, во времето кога неговата чета ја завземала Клисура (Егејска Македонија). Чакаларов е фотографиран во полна воена опрема, анфас, во поза на вистински водач – командант! Втората фотографија е фотографија на неговата чета веднаш по заземањето на Костурската клисура (23 јули 1903), каде освен војводата Чакаларов на коњи седат уште двајца комити. Војводата Чакаларов на оваа фотографија не седи на истиот (бел) коњ како на првата фотографија!

Како и да е’, станува збор за еминентен револуционер, војвода на Македонската револуционерна организација и личност со позната фотографија – на коњ. Што ќе рече дека денешниве преродбеници, толку загрижени за македонската историја и начинот на нејзиното претставување во јавноста, ги имале сите предуслови за сериозно уметничко одбележување на личноста и делото на овој човек. А што всушност добивме?

%d1%87%d0%b0%d0%ba%d0%b0%d0%bb%d0%b0%d1%80%d0%be%d0%b2

Според претседателот на Одборот за подигање спомен обележје на „Васил Чакаларов“ и познат „стручњак“ за современа уметност, Бранислав Саркањац, „авторите комплетно одговориле на предизвикот за сериозно, аналитичко и современо решение. Истото се одликува со сериозен пристап и тоа не само во многу рафинираната моделација и имплементираните ликовно естетски содржини туку и во успехот во наметнувањето на дополнителни психолошки ефекти. Монументалноста и динамиката во композицијата создаваат една целина, претставувајќи го ликот во најсилно историско значење. Деталниот портрет најавтентично ги доловува физичките способности на Васил Чакаларов“[3]. Се разбира, гледајќи го фактичкиот споменик, оној поставен на кружниот тек пред Католичката црква во Скопје, вакво нешто не би напишал ни гимназијалец, не па професор по филозофија. Зашто, во тоа чудо има се’ и сешто, ама ни трага од она што го потпишал Саркањац. Она на што авторите (Дарко и Елена Дуковски) навистина одговориле е задачата да претстават човек на коњ. И тука не може да им се забележи. Тоа пак што тие, Саркањац, Општина Центар и Владата на РМ сакаат во тоа чудовиште да го видат (и) војводата Васил Чакаларов, тоа е нивна работа. Во некое време, многу бргу, некој од овие, а „стручњакот“ Саркањац сигурно, ќе мора да одговори каде тоа, и според кои параметри, виделе „ сериозно, аналитичко и современо решение“, која е таа „рафинирана моделација“ и „ликовно естетски содржини“, а особено кои се тие „дополнителни психолошки ефекти“? Тие што Чакаларов изгледа како циркузант, на пример? Или под „ликовно естетски содржини“ го подразбираат целосното пресликување на споменикот на Австралиската лесна коњаничка регимента во Бир Шиба, Израел (дело на Австралискиот скулптор Питер Корлет)?

light-horseman

Нашава „рафинирана моделација“ е само уште една карикатура во низата, неименувано „нешто“ што повеќе служи за потсмев отколку за оддавање чест и почит на македонски револуционер. И кому воопшто му требало вакво „нешто“? Ова „дело“, со лудиот коњ во трк и војводата како излезен од „Марвел“ ја заокружува сликата на нечие (без јасна причина) спрдачење со редица видни македонски револуционери кои го положиле животот за оваа земја. Што пречело во конурсот да се приложи оригиналната фотографија на Чакаларов на коњ и да се постави како единствен услов, ако веќе се сакала верна претстава на војводата? Или овие простациве, на чело со Саркањац, мислат дека ова е некаква уметничка визија на војводата?

И, не е на одмет да се спомне, само од оваа малоумна скулптурална претстава „посадена“ божем е некое ремек дело на онаква локација кај Католичката црква, можат да се опарат многумина. На пример, австралискиот скулптор Корлет за такво безочно копирање на неговото дело. Потоа роднини на војводата Чакаларов за вакво скандалозно исмевање на неговиот лик и дело итн. Да се случи вакво нешто во некоја нормална, цивилизирана земја, инвеститорот – кој и да е’ –  би плаќал дебели отштети!

Ваквиот стриповски третман на познат македонски војвода, со такви димензии, е целосно неразбирлив. Како впрочем и она „грандиозно“ и „триумфално“ чудо(виште) на Плоштадот Македонија. Обајцата како да се избегани од некое од оние познати фрик шоу-а од Дивиот Запад. Чакаларов, додуша, има пиштоли, му фали каубојска шапка, а на Александар му требаат комплет реквизити.

[1] (Аноним), Филип се исправи во Битола, Утрински весник, 21.06.2011

[2] Жанета Здравковска, Доцни споменикот на Филип Втори во Битола, Радио Слободна Европа, 05 август, 2009

[3] Општина Центар, Одбор за подигање спомен обележје на „Васил Чакаларов“, 31.08.2011, Скопје, (http://skopje2014.prizma.birn.eu.com/)

ТРИУМФ ИЛИ КАРИКАТУРА

или

ФЕНОМЕНОТ НА КОЊОТ И ЛАВОТ ВО СОВРЕМЕНАТА

МАКЕДОНСКА МОНУМЕНТАЛНА „УМЕТНОСТ“ (7)

И бидејќи, повторно, коњаничкиот споменик наречен „Воин на коњ“, а во тајност обожуван како Александар Македонски, е првата (или меѓу првите, заедно со споменикот на Филип Втори во Битола и во Автокоманда, Скопје) ваква јавна споменичка скулптура кај нас, му должиме посериозно внимание. Заради се’, па и заради големината на глупоста што ја симболизира!

Но, на уште незавршен, и далеку од тоа да биде јавно покажан – што ќе рече само врз основа на еден видео клип, и на збор – нашата универзитетска „стручњачка“ за коњи Е. Димитрова помпезно не’ подучи дека „јадрото на целиот проект или бронзената скулптура на коњаникот на Александар Велики на плоштадот, е многу репрезентативно, раскошно и гламурозно замислен, со динамичка линија“[1]. И иако и претходно сум го спомнувал ова, секогаш се запрепастувам: каква универзитетска видовитост, какво пророштво! За да подоцна, откако „гламурозно замисленово“ чудо беше монтирано на Плоштадот, истата „стручњачка“ повторно ни укаже дека „позата на коњот и анатомијата на животното се во корелација со коњаникот. Изгледа многу ипмозантно и одлично е склопено“, што ли и да значи тоа. Впрочем, имајќи ги предвид сите аспекти во коишто беше реализиран „проектот“ во чии рамки ова чудо го промовираа како „јадро“, и ваквите (во суштина супозиториски дегутантни) изливи на обожување не треба да се коментираат. Особено ако доаѓаат од целосно нестручни лица за проблематиката.

Но, од друга страна, „јадрово“ не ќе можеше да помине ако не беше (повторно) „стручно“ поддржано и од (барем) еден (навидум) компетентен историчар на уметност, во случајов дури „д-р“ и мнооогу познат македонски „енциклопедист“, проф. Величковски. Иако овој, некако попретпазливо, вртеше како „киша око Крагујевца“ и ни објаснуваше што и како претставува / симболизира една таква фигура, велејќи дека „вистинското уметничко дело содржи уверливо предадена симболичност. Во спротивно добиваме бледа пластична илустрација што не кореспондира со јавниот простор“[2].

Е арно де, ама, онака професорски, и енциклопедиски, што всушност добивме: вистинско уметничко дело или бледа пластична илустрација? „Професорот“ не се осмели да каже!

 За среќа, македонскиот јавен збор, меѓу другото и оној стручниот, што е реткост во наши услови, сосема прецизно и прилично елоквентно ја смести оваа грдосија на нејзиното вистинско минорно место, и како „естетика“ и како политика. Но, сепак, иако и претходно сум ја спомнувал, за сега највпечатлива ми е брилијантната анализа на проф. А. Вангелов за овој споменик / скулптура. И затоа повторно ќе ја цитирам. Согледувајќи го имено овој монумент како прв симбол на тогаш актуелната „преродба“, тој вели: „Поставен во самото срце на Скопје како срце на сегашна Македонија, тој симбол зборува многу, непрестајно и моќно за намерите и целите на таа „суштина“, а зборува на еден особен начин, со стилот на својот симболички јазик. Иако тој јазик е немушт, иако никој не може да го чуе неговиот глас, неговите пораки се, помалку или повеќе, мошне јасни и разбирливи за секој оној кој, одблизу или од далеку, ќе воспостави некој контакт со тој симбол, реален или мистичен, како што и самиот Александар беше … Првата порака потекнува од самата грандиозност на таа фигура излеана во бронза по повеќе од 2.400 години од смртта на Александар, а во срцето на една земја која, по низа параметри не само што е најслабата и најсиромашна меѓу своите соседи на Балканот, туку и во Европа и светот. Таа грандиозност упатува, од своја страна, на силна, разорна склоност кон опсесивна мегаломанија“. И понатаму: „Од своја страна, склоноста кон мегаломанија, недвосмислено зборува за духовен склоп со нагласени авторитарни, деспотски својства, а пак тие својства не му беа туѓи на најголемиот освојувач во античката цивилизација. Со таа разлика што, еден мегаломан од форматот на Александар, со оган и меч, ја претвори во стварност својата мегаломанија, додека неговиот далечен наследник, неговиот екстатичен идолопоклоник Груевски најмногу што успеа е – да создаде привид, „перцепција“, како што вели денес тековната политичка реторика, дека таа мегаломанија дошла до некои конкретни, опипливи резултати, при сè што нему омилениот израз “остваруваме“ има необично висока фреквенција во неговите километарски, дебели “отчети за сработеното“[3]. Тоа што, веројатно, требаше да се очекува од македонските професори по историја на уметност, вклучувајќи го и погоре цитираниот „д-р“, вдахновено го кажа проф. Вангелов!

Како и да е’, (Erich) Raith вели дека колку е поголем коњот толку зад него се гледа поголема празнина, изгубеност и несигурност во планирањето. А очигледно дека кај нас намерата беше да се оди на – големо! Сите мали по дух луѓе и народи некако уживаат во Гооолемо. Дали мислат дека со тоа ќе ги сокријат сите мани и слабости, сите комплекси што ги влечат од којзнае каде? Ама и нашето Гооолемо, (или можеби се натпреварувавме да биде Најголемо?), ни го расипаа Џингис Кан и неговиот навистина огромен (40м.) челичен споменик на коњ (Монголија, 2008, скулптор D. Erdembileg и архитект J. Enkhjargal).

chinggis-khaan

За нешто слично како Raith говори и скулпторот Саздовски: „Возможно е и од минијатура да се направи нешто што ќе изгледа монументално и не значи дека ако ја направите скулптурата на Александар Македонски висока 50 метри таа ќе изгледа монументално. Напротив, изгледа како ефтина фигура која можете да ја купите за 2 долари, само зголемена. На скулптурата и е потребен простор за да се согледа, а оптималниот сооднос е 3:1, што значи ако скулптурата е 20 метри, вас ви е потребен простор од 60 метри да ја доживее соодветно, а тоа плоштадот неможе да го понуди“[4].

Но, „професорката“ Димитрова, бидејќи толку стручна за коњанички скулптури, треба да ни го дообјасни „концептот“: „Нагласен е триумфалниот карактер. Позата на коњот со високо кренати предни нозе ја прикажува победата во битката, како што се претставени сите големи триумфални војсководци. И јавачот така стои. Позата е триумфална како што му прилега“.

Бидејќи овде поентата е само на коњот, оние кои барем малку повеќе читале од „професорката“ за спецификите / правилата на коњаничките споменици веднаш ќе ја воочат нелогичноста: Александар не загинал во битка за да Букефал така помпезно стои на две нозе! Или ние повторно, по којзнае кој пат си пишуваме некоја наша историја? Но, кога тоа би бил најголемиот проблем на овој споменик.

И не можејќи да се воздржи од восхитот, нашата новопечена „стручњачка“ за коњанички споменици паѓа во транс: „Коњаници во таа триумфална поза се претставуваат уште од римскиот период, преку ренесансата и неокласистичкиот период, па еве и денес. ’Воинот на коњ’ е во низата најуспешни скулптури“, не’ убедува „професорката“. Да се искаже ваков став, којшто ex cathedra пледира на некаква стручност е, најблаго речено, неуко. И невкусно, и смешно. Да се спореди овој коњ со сите оние други низ историјата на овој тип споменици, почнувајќи од статуата на Марко Аурелие, па познатата „Гатамелата“ од Донатело, или статуата на Ричард Лавјо срце во Лондон, или статуата на Виктор Емануел во Рим, или статуата на големиот Кондотиер од Андреа дел Верокио во Венеција, или статуата на Анри IV во Париз, или статуата на Филип III во Мадрид … или, можеби, незавршениот коњ од Леонардо …?

Или пак „професоркава“ била тоолку импресионирана од фактот дека Букефал кај нас стои на две нозе, во „триумфална поза“, претпоставувајќи дека тоа е некое наше откритие? Тогаш во каков обожувачки транс би паднала, што ли би рекла за истата „поза“ кај многу подобри споменици токму од истиот тип, на пример: Св. Ѓорѓи во Њукасл (1923), Никола I во Санкт Петерсбург (1859), Петар Велики исто во Санкт Петерсбург (1782), ген. Казимир Пуласки во Конектикат (1976), Грофот од Велингтон во Едингург (1852), Еуген од Савоја во Виена (1865), Св. Павле во Лондон (2010), Анита Гарибалди во Рим (1932), кралот Свјатопулк во Братислава (обновен 2010) итн. И во случајов повторно би го исклучиле Леонардо и неговата коњаничка скулптура-модел за споменик на Франсоа I, за која што навистина можат да се употребат поимите триумфално, величенствено, најуспешно итн.

 Затоа, кога се даваат квалификации од таков тип, особено од страна на нестручни за одредена проблематика луѓе, неопходна е поголема доза на воздржаност и скромност. Но, од друга страна, и да не беше светов и веков, и да бевме само ние со нашите споменици, оваа коњаничка скулптура не ќе беше тоа што некои сакаа(т) да биде. Заради многу нешта, на пример: пренагласување до карикатуралност (сосема несоодветно за овој тип скулптура) на физикусот на коњот; очигледна неумешност во доловувањето на анатомијата на коњот; несоодветни пропорции на јавачот и коњот; пренагласувањето на помпезноста отишло во несакана кичесто каубојска насока итн. И се разбира – комплетната анахроност. И се разбира – преголемите сличности со други такви (веќе направени) споменици. И, повторно, се разбира – апсолутната ретроградност на овој тип споменици! Зашто, ако се погледнат годините на поставување на погоре спомнатите споменици од овој тип, забележливо е дека такви коњанички споменици биле актуелни и допадливи во светот некаде помеѓу седумнаесеттиот и првата третина на дваесеттиот век. Тоа е време на монархии, империи, цареви и кралеви, аппсолутистички режими, на коишто им е во природата таквиот тип на нарација и претставување. Подоцна веќе никој не се бавел со тој тип споменици. Освен нас, нормално. И егзалтираната „професорка“.

Кога сме веќе кај другите такви споменици – навистина секој е пример за себе – постои и еден на сосема слична тема, Александар и Букефал (изработен во 1876 година), но со акцент на односот на човекот и коњот, а не на „триумфалната поза“ што денес говори на неартикулиран јазик. Автор е Австрискиот уметник Јозеф Бем, а темата е познатата легенда за Александровото скротување на Букефал. Букефал е претставен во истата поза како и нашиов, дури уште по немирен, искачен на двете задни нозе, додека Александар е до него и го држи за оглавот. Сцената е динамична, со посебни акценти на движењата на коњот, но и на јавачот, со извонредно обликуваните тела и на Букефал и на Александар, на односот коњ – јавач итн.

 Во дадениов контекст односно позата на Букефал и предизвиканото воодушевување кај некои наши „стручњаци“, интересен е фактот дека Букефал, но и целата скулптура, за да може да стои така како што стои, неопходно е да има прецизно пресметана статика. Статика која што ќе го држи коњот, ама и јавачот, така исправен на две нозе, во „триумфална поза“.

Кај Букефал односно кај целата скулптура статиката се базира на опашката на коњот и нејзиниот спој со кружната тераса на која што е прицврстен. И тоа е вообичаениот – и најлесниот – начин на решавање на статиката на ваквите скулптури / споменици: потпорната точка се наоѓа во опашката на коњот, прицврстена за постаментот како носечки елемент на целата скулптура. Се разбира, мајсторијата би била да се реши статиката на скулптурата без таква потпорна точка, односно кревањето на коњот на двете задни нозе да биде што поблиско до реалноста. А во реалноста коњот не се потпира на опашката, нели? Првата скулптура во светот каде што коњот е претставен токму во таква „триумфална поза“, но статички решен без потпирање на опашката, е коњаничкиот споменик на претседателот на САД Ендрју Џексон на Лафајет скверот во Вашингтон, поставен во јануари 1853 година, дело на скулпторот Кларк Милс (Clark Mills). А самата скулптура тежи цели 15 тони! Исто така во Америка е веќе легендарна скулптурата не Фредерик Ремингтон „Bronco Buster“ од 1895 година (со камерни димензии), но подоцна излеана и во големи димензии.

andrew-jackson-clark-mills
Споменик на Ендрју Џексон

Оттука, овој прв и да се надеваме последен ваков споменик во Македонија е далеку од триумф а поблиску до карикатура, далеку од победа а поблиску до уметнички пораз. Такво фијаско не би си дозволила ниту една современа европска држава, а не пак да го смести  „… во самото срце на Скопје како срце на сегашна Македонија …“!

[1] (Е.А.), Скопје е метропола со најзапуштен плоштад, Вечер, 19.02.2010

[2] Биљана Стојановска, Александар симболизира – битката е извојувана, Нова Македонија, 23.06.2011

[3] Атанас Вангелов, Првиот симбол, Facebook, 01 март 2015

[4] Љубен Трајановски, Разговор со уметниците Сашо Саздовски и Пандора Апостоловска Саздовска, МАРХ, 4 јули 2016  

ХИЕНИ

1.

Целава оваа веќе (пре)многу непријатна ситуација со испитувањето на Катица Јанева во својство на специјален јавен обвинител станува дополнително мачна кога гледате одделни фаци како уживаат во неа. Им се гледа на лицата, во очите, во гестикулациите. Изливи на садистички манири платени со големи државни пари. А нивните истомисленици по страста за понижување на луѓето – мислам на оние низ т.н. курир медиуми – додатно ги филуваат сите бесрамности и простотилаци.

Не знам зошто ова се дозволува. И тоа токму во Собранието на РМ! Ниту еден да стане и да ја прекине таа грозоморија на изживување врз една жена,  па нека е и специјален јавен обвинител! Оној туткунон кој порано и’ бил некаков шеф, а сега колега, седи до неа и молчи ко ноќ. И буљи во една точка! Глас не пушта. Не смее ниту да замоли за малку пристојност? Или, ако не тој туткун, барем некој од опозицијата? Или, неразбирливо е и зошто ниту една жена – пратеник не побара прекин на ваквиот садистички пир на колегите. Или – и тие уживаат? И додаваат масло во дивјачкиот танц? Особено оние „три невесте“ кои како да го чекале овој миг да ги истурат сите отрови што ги собирале од мигот кога влегоа во Парламентот како покондирени тикви. Та и тие ли се мислат пратенички, или можеби дури и компетентни за нешто?

Секоја садистичка будала, буквално, само заради фактот што е член на некаква собраниска комисија, добива право да черечи човечко суштество заради неговата професија и моментално работно место, му се дозволува да се изжувува со секакви подлости, со божем испитување (не само) на нечија компетентност и стручност. Но и кога би застанале само таму, на стручноста и компетентноста, токму тие циркузанти ли се оние кои треба да (ис)прашуваат? Со која и каква лична стручност и компетентност? За што и да е’! Особено она швабчено кое мисли дека се родило како министер за надворешни работи. И уште од пелени држел говори!

И каква врска има стручноста и компетентноста со настапите пред камери, со елоквенцијата, со изгледот, со бојата на здолништето …? Слушајќи ги садистиве во Комисијата за политички систем ќе си речете дека сите се таму некакви холивудски ѕвезди или победници на некој ораторски натпревари, сите до еден доктори на науки со не знам каков импакт фактор. А всушност – гледате само едно стадо, една булумента, меѓу кои (минимум) половината се активни членови на познатото злосторничко здружение што ја доведе државата до ова дереџе. И тие добиваат шанса да (ис)прашуваат некого. За што?

Дали, и кога, таа иста злосторничка булумента го испрашувала на истиот начин нивниот претседател, на партија или држава, сеедно? Ден за ден, три дена по ред? За нивната стручност и компетентност за работите што (не) ги вршат? За нивната елоквенција, манири, стил на облекување …? Како никој цели десет години не му постави прашање на оној паташон за неговите квалификации и компетентност во архитектурата, историјата, музеологијата … па и економијата, ако сакате? Или таму садистиве не смеат да чепнат зашто знаат што ги чека? Ама овде, деновиве, покажуваат мускули во вилиците? Тие кои бараа(т) презумпција на невиност дури и при објавувањето на иницијали на нивните криминални камаради овде безмилосно лаат и гризат отворено, пред камери. Како да пред нив седи некој друг а не истата жена, со истата биографија, фризура, гардероба, елоквенција (или неелоквенција, сеедно) … која што ја изгласаа 99% од нив? Или локалниве садисти дејствуваат само со притисок на копче?!

2.

И сето тоа, повторно, ме потсетува на оние хиени кои со лиги во устата и жар во очите ја следеа крвавата работа на онаа (не)славна Комисија за лустрација, чекајќи го името на секоја нова жртва како потенцијален кандидат за черечење. Со каква садистичка сласт тие се нафрлаа врз објавените имиња! И ликуваа, сите, од оној малион лустратор кој изгледа се виде себеси како некакво Наполеонче, преку човечињата во неговата комисија, до хиените распоредени по ќошињата чекајќи ја жртвата. И тогаш гледавме кравав пир, како што го гледаме и денес во највисокиот законодавен дом! Тогаш черечењето главно се вршеше врз починати, што на хиените им даваше и дополнителна носферату димензија, сега начекаа жив и (повторно) незаштитен човек дојден да им презентира годишен извештај! И кога утре некој, по којзнае кој пат, ќе говори за дигнитетот на македонската држава, за македонските институции, особено за тоа Собрание, нека се потсети на сликите што деновиве ни се вртат по телевизиите, дури и во директен пренос.

Филозофијата на нашиве народни „избраници“ – иако Јанева точно им кажа како и колку воопшто се „избрани“ – е налик на филозофијата на хиените. Таа е пак поинаква од онаа на стадото, зашто стадото ја сака просечноста и ја велича како нешто навистина вредно, но хиените ја сакаат агресивноста, крвта, чинот на убивањето. Стадото верува во силата на мнозинството но хиените во желбата за убивање. Заедништвото кај стадото ја потхранува илузијата за сигурност и топлина, но филозофијата на хиената е реалноста на агресијата, на убиството во глутница.

И добро е што ја видовме глутницава од македонски хиени на дело. Еден по еден, и сите заедно. Токму пред избори. Белки народов нешто ќе научи?

РАБОТА ВРЗ МЕМОРИЈАТА

или

ФЕНОМЕНОТ НА КОЊОТ  И ЛАВОТ ВО СОВРЕМЕНАТА

МАКЕДОНСКА МОНУМЕНТАЛНА „УМЕТНОСТ“ (6)

Морам да кажам дека понекогаш им завидувам на ова бандитиве како се организирани и како се’ следат, слушаат, читаат … и веднаш ги активираат загарите во служба на нивната „вистина“. Не им завидувам на загарите, секако, зашто лаат за сува коска, но не можам да не им признаам дека таква верност нема ни кај кучињата.

Ене го читам оној во „Утрински весник“, кој себеси сака да се гледа како „публицист и режисер“ – што ли публикувал и што ли режирал само господ знае – како вели дека спомениците во самонаречениот проект Скопје 2014 се „… вид бедем, одбрана, зацврстување и градење на идентитетот на нацијата“[1] (sic!). А пак на историски план да ти биле „државотворна супстанца“! Или непрежалениот ни, ама секогаш бајковит, Станковски алиас Сарајлија, сега во улога на Пелазг, кој има нова теза: дека во некогашна СФРЈ било забрането да се истражува антиката! И ја разглаба во емисија за економија и бизнис!? (А Циги Павловска одамна барала такви соговорници! Браво!).

Мислам, како можат, како им успева? И како воопшто влегуваат во такви медиуми, во такви емисии, секогаш имаат страница во весник …? Каква организација. Опозицијата ова никогаш не може да го постигне!

А можеби од Пелазгите им се коњиве, па и лавовиве?

*

Во секој случај, ваквиот развој на настаните во споменичкото одбележување односно во национално билданата (ре)валоризација на одделни периоди, настани и личности од македонската историја, како да трпеливо го чекаше своето време. Ако тој процес не се беше случил веднаш по драматичните настани што ја зафатија Источна Европа по паѓањето на Берлинскиот ѕид, ако таквите случувања беа донекаде кај нас амортизирани со првиот период на социјалдемократската идејна матрица по 1991-та година, тоа не значи дека нештата не „висеа“ во воздухот. И не се насетуваа. Впрочем, повторното „читање“ на историјата беше една од првите задачи на нововостановените демократии, на пример, во Балтичките држави. И тоа се случи. Но не треба да се заборави дека овие држави повторно се пронаоѓаа себеси после повеќедецениска окупација прво од Германија, а потоа од СССР. И во тој контекст и спомениците се појавија како битен аспект во расветлувањето на односите помеѓу различните „пластови и рамништа“ (E. Jelin) на меморијата. Но таму, на пример во Естонија, но и во другите Балтички држави, овие прашања (т.н. „војна на спомениците“) се расчистуваа помеѓу локалното население и руското малцинство во тие земји.

Сепак, Македонија немаше таква судбина, барем не од 1945-та година наваму. А впрочем, тоа повторено препрочитување на историјата (и) низ споменичкото одбележување никаде (барем не во Европа) не се случи со вакви размери и не со ваква неукост и шарлатанство!

Можеби Македонија меѓу последните започна отворено, и на ваков начин, да го поставува прашањето „кои сме и каде одиме?“. Нема дилеми дека историската меморија е една од суштествените компоненти на конструкцијата на колективниот идентитет и дека овој процес неминовно води и кон „ново читање“ на минатото, но тоа се постигнува на други начини и преку други средства, особено низ научни дебати за минатото и – иднината. Ваквата „работа врз меморијата“ не е ниту лесна ниту едноставна, таа е „вградена во комплексните релации што решаваат за тоа што навистина е запаметено (или заборавено) и од кого, и зошто“ (Gillis)[2].

 А сепак, во македонската ситуација е дури неприменливо и мислењето дека наследството е „… временски специфично па оттука неговото значење може да биде менувано како што и текстовите се пре-прочитувани во променливи времиња, услови и конструкции на места и опфати. Консеквентно, неизбежно е дека таквите знаења се исто така поле на несогласување“ (B. Graham). Неприменливо зашто кај нас не станува збор за нови читања, за пре-прочитувања, за нови толкувања … на не така далечната историја. Кај нас станува збор за целосно демонтирање на сите претходни историски (наши и странски) толкувања и креирање на една хиперреалност (на пример антиквизацијата на македонскиот народ, или Пелазгите на Ацо Станковски дури до Крит!) која што државата ја октроира како единствена вистина! Во извесна смисла ваквите постапки го користат минатото за да говорат на јазикот на сегашноста, но заради политички односно попрво заради националистички причини. Поточно, измислените, накитените  наративи од минатото постануваат силна политичка алатка во  националистичките политики на државата, со акцент и на проширување вон државните граници односно во дијаспората! Се разбира, сето ова можело да се направи и поинаку, за што впрочем постојат и примери, особено во веќе спомнатите три Балтички држави. Но, тоа сепак е друга тема!

Како и да е’, јавните споменици од овој тип даваат релевантен материјал за истражувања на т.н. „работа врз меморијата“. Тие апсолутно се вклопуваат во оној „грижливо кореографиран збир“ (S. Burch ; D. Smith)[3] на споменици, со сите „знаци“ што нескриено упатуваат дека станува збор за „борци за слобода“. Особено присуството на коњот како посебно да ја апсотрофира нивната големина и значење за нас, за државата. Иако, зачудо, речиси ниту еден споменик нема дополнителни текстуални означувања за важноста и големината на придонесот на посочените поединци, нема поетски вдахновени (често и римувани) зборови за нивното јунаштво, несебичност, патриотизам …, инаку вообичаени за споменици од овој вид. Тоа дополнително говори дека на целиот „проект“ се пристапило прилично аматерски, недоволно јасно и подготвено, да не речам неуко и непрофесионално. Едновремено, веројатно било доста комплицирано да се утврди приоритетот на важноста на претставените (на коњ) личности односно каде / кому да му се додели и тоа повисоко значење изразено и низ евентуален поетско патриотски говор!

Еклатантен пример за сите претходни наводи е споменикот наречен „Воин на коњ“, иако целата јавност, и домашна и странска, е апсолутно свесна дека станува збор за претстава на Александар Велики односно Македонски, на неговиот коњ Букефал. Иако самата појава на ваков предимензиониран споменик на скопскиот плоштад е проблематична (заради многу аспекти) сама по себе – историски, културолошки, уметнички, социолошки итн., а кои што би биле предмет на некаква друга анализа – ова сигурно е првиот македонски споменик на оваа личност, а најверојатно и првиот коњанички споменик во историјата на овој народ[4]!

Се разбира, и за овој, како и за другите коњанички или други споменици низ центарот на Скопје поставени последниве години, може (и секако треба!) да се апострофираат сите проблематични – а ги има многу – аспекти на нивното подигање. Од законски, преку процедурални, до историски, социолошки итн. Но, за тоа е потребна книга, а впрочем овие нешта не се (во моментов) цел на овој текст. Овојпат во фокусот се првенствено мотивите, аспирациите и уметничките (ако ги има) аспекти  во коњаничката споменичка скулптура кај нас, изнедрена последниве години исклучиво како резултат на една државна политика. Велам исклучиво како резултат на една државна политика зашто веќе е извесно дека ваквиот тип споменици не се происход на автентичната творечка мисла на македонскиот уметник туку диктат на една во суштина лажна, измислена и патетички интонирана историја и националистичка политика!

[1] Аљоша Симјановски, Сончевиот крстопат Македонија, Утрински весник, 19 септември 2016

[2] Gillis, J. Gillis, J. (ed) (1994) Introduction. Memory and Identity: The History of a

Relationship. Commemorations: The Politics of National Identity Princeton University Press ,

Princeton, NJ — 1994

[3] Stuart Burch ; David J. Smith, Empty Spaces and the Value of Symbols: Estonia’s “War of Monuments” from Another Angle, (This article is the first published output from British Academy small research grant ref. SG-39197, entitled ‘Public Monuments, Commemoration and the Renegotiation of Collective Identities: Estonia, Sweden and the “Baltic World”’)

[4] Тука, се разбира, не ги вбројувам коњаничките споменици (на пример оние на српско-југословенските кралеви Петар Први и Александар Први Караѓорѓевиќ пред Камениот мост) подигнати од окупаторските власти во Македонија. Едновремено, немам целосен увид за овој вид споменици низ Македонија, но сепак мислам дека скопскиот е прв.

ХИПЕРРЕАЛНОСТ

ФЕНОМЕНОТ НА КОЊОТ И ЛАВОТ ВО СОВРЕМЕНАТА

МАКЕДОНСКА МОНУМЕНТАЛНА УМЕТНОСТ (5)

Прашањето на лицитирањето колку македонски војводи навистина имале коњи и колкумина од нив биле фотографирани на истите како да добива „национални димензии“, иако всушност не е баш во центарот на вниманието на овие текстови. И е безмалу ирелевантно. Или, од друга страна, е релевантно во контекстот на некои познати такви фотографии, споредени со денес направените споменици. Еклатантен пример за тоа е споменикот на Васил Чакаларов. Но до тоа ќе дојдам подоцна. Инаку, постои и една фотографија на четата на Чакаларов каде што се гледаат дури три коњаници! Но, што со тоа? И во што би не’ убедил тој факт? Дека во тогашна Македонија комитите шетале на коњи како на некогашниот Див Запад? Понатаму, не се спорни ни фактите за коњите на војводата Чаулев, за Сандански, за Питу Гули … И кога веќе го спомнувам Питу Гули, една споредба, само колку за размисла: споменикот на Мечкин камен, оној од Димо Тодоровски, каде востаникот фрла камен врз (претпоставено) турскиот аскер (согласно историјата за битката на таа локација), и овој на Питу Гули, на коњ, во Скопје (иако овој споменик го сметам за еден од подобрите коњанички споменици кај нас!)? Споредбата само како дилема, естетска, се разбира.

 Но, сето ова денес има своја (скриена или откриена) тенденција. Современите семиотичари и филозофи постмодернисти велат дека, всушност, во технолошки напредните и постмодерни општества реалноста како веќе и да не постои, туку истата е заменета од хиперреалност. Нам, денес и тука, свесно ни се наметнува една хиперреалност како замена за реалноста, состојба во која што реалното и фикцијата се измешани до крајни, дури непрепознатливи граници, соживеани една со друга и тешко одвоиви едната од другата. Ние веќе немаме механизми да ги раздвоиме и да кажеме каде завршува едната а каде почнува другата.

Бодријар ја дефинира хиперреалноста како „генерација според модели на реалното без потекло или реалност“. Ние се’ уште сме ја задржале оригиналната референца – барем во поголемиот број случаи – но сме создале конфузија мешајќи го „реалното“ со разни симболи и знаци коишто создаваат слика што не постои / постоела! Сме ги задржале имињата и (донекаде) ликовите, ама во сосема видоизменет (да не речам лажен) контекст. „An image without resemblance“ (Deleuze). И тоа дефинитивно е хиперреално (општествено) злосторство!

Впрочем, ние некако свикнавме на оваа македонска хиперреалност. Не само на онаа на Плоштадот „Македонија“, туку и на онаа која што секој божји ден ни се сервира низ најголемиот дел од медиумите. Всушност, живееме две реалности: онаа наметната и онаа што не’ опкружува, што ја гледаме секој ден низ улиците. Онаа според која што сме секогаш и секаде меѓу првите – секогаш сме шампиони во бизнис клима, во можности за инвестирање, во животниот стандард, во спортски и културни потфати …, и онаа што не’ удира в лице по улиците или низ вестите на оние малку слободни медиуми: дека се’ поголем број луѓе  пребаруваат низ контејнерите, секој четврти македонец живее во беда, дека 300.000 млади се отселиле од државата, дека нивото на загаденост кај нас е над сите светски мерила …! Ние сме нагледен пример за хиперреалност.

 Дали навистина толку ни недостасуваа(т) херои, до толку да мораме да ги ре-креираме? Се разбира – не, зашто херои имало и ќе има, но биле луѓе од крв и месо, нормални луѓе со доблести и мани, а Илинденците оделе или пеш или на магаренце, а ретко на „коњи врани“. И дали со тоа им се намалува значењето, важноста за државата и македонската историја? Можеби, но само кај полуписмени идиоти за кои формата е побитна од суштината. И кои цел живот страдале од комплекс на помала вредност.

Дали целта на оваа галопирачка скопско-македонска хиперреалност е (одново) да креира херои-модели на кои ќе се восхитува и огледува денешната младина? Зарем некој денес навистина може да биде толку неук и наивен да помисли дека современи модели за младата генерација можат да бидат комитите, гемиџиите … илинденците, па нека се качени и на слонови, а не на коњи? Се разбира дека тие треба да се учат, да се паметат, да се чествуваат кога им е времето, ама – од нив да се создаваат нови култови? Па малку ли ни беа култови? Или оние социјалистичко комунистичките беа лоши, ама овие се – добри? И кој тоа одлучува кои се лоши а кои добри? Сигурни ли сме дека се одбрани токму оние кои навистина треба да служат за пример? Како Ќосето? А што ќе прават оние историски личности кои заслужуваат подеднакво јавно внимание, но немаат така силна ПР агенција каква што е актуелната власт, што ги застапува интересите на другиве? Дали и кај нас е на дело Данинг-Кругеровиот синдром на некомпетентност, на неможност да се препознае сопственото незнаење? Да, и тоа отворено го потврдуваа(т) не само некомпетентните политичари, туку и поединци  како божемни претставници на „академската“ заедница кои, како паднати од Марс, тртљаат за некаков национален идентитет, за некакви континуитети и слично: „Според мене, тука лежат причините за проектот „Скопје 2014“, во јакнењето на идентитетот, самоидентификација. Целта е денешниот Македонец да сфати дека е посебен народ со свое минато различно од она на соседите (се разбира, со нив имал поблиски или подалечни релации), дека Република Македонија не е никаква бановина или окупирана територија. Идејата е да се прикаже дека овој народ има континуитет од антика, преку Словените, до денес, дека во сите тие мешавини од луѓе јадрото е задржано, како посебен народ со своја култура, јазик, обичаи, територија, минато и иднина, па нека биде прикажано и преку спомениците“[1]. Е па, ако навистина, денешниот Македонец се’ уште не „сфатил“ (како да е тоа учење да возиш автомобил!) кој е и што е, дека е посебен народ со своја историја, тогаш тоа никогаш нема да го „сфати“. Ако самоидентификацијата му е толку комплицирана работа, тогаш не ја ни заслужил. Иако, всушност, ваквите будалаштини служат само како приказни за незрели деца и тенко алиби за потрошените преку 600 милиони евра за идиотштини од типот на оние што секојдневно блеат во нас од националните височини. Или, ако саката, ако националната свест и идентитет така лесно се импутираат  преку неколку споменици, и тоа на коњи, тогаш ние сите – односно оние повозрасните – би требало да се чувствуваат Срби зашто со години пред очи (пред Камениот мост) им стоеа натопорени коњаничките споменици на српско-југословенските кралеви Петар Први и Александар Први Караѓорѓевиќ! И? Тие споменици успеаа да не посрбат, како што овие сегашниве ќе успеат да не помакедончат? Или, можеби, ако почесто го гледаме споменикот „Воин на коњ“ (кому не смеат дури ни вистинското име да му го кажат), навистина ќе поверуваме дека сме антички Македонци? Можеби, конечно, има и такви недораснати (или незрели, не знам) луѓе, како тој Сламков и компанија, на кои таквите будалаштини имаат сериозно влијание! А сепак, и покрај ваквите шарлатански „објаснувања“, останаа премногу отворени прашања, премногу дилеми за еден јавен потфат со такви димензии, значење и (особено!) цена на чинење.

[1]  Ѓорги Сламков, Зошто „Скопје 2014“ ?, Нова Македонија, 11.07.2012

ТИВКА ИЗМАМА

или

ФЕНОМЕНОТ НА КОЊОТ И ЛАВОТ ВО СОВРЕМЕНАТА

МАКЕДОНСКА МОНУМЕНТАЛНА „УМЕТНОСТ“ (4)

Немав претстава дека многу луѓе се просто попалени за македонската коњска историја, па со сите сили се обидуваат да го докажуват недокажливото: дека македонските комити биле еден вид балкански каубојци и маф правеле со нивните коњанички чети по македонските скрки! Некои беспослени пак сето ова го сфаќаат преозбилно, дури и како национален пиетет, објаснувајќи како тогашните македонски фотографи не можеле да внесат во нивните дуќани коњи, па затоа македонските војводи небиле сликани на коњи. Што пак, од друга страна, нема никаква врска со поентата на мојот текст, минатиот и идните. Не е проблемот во коњите – секако дека ги имало, иако не како во американските вестерн филмови, какви наследници на Ацета ќе бевме ако ги немавме и наследниците на Букефал – туку во нивната симболика и злоупотреба во современ контекст. (Што ли ќе правиме кога ќе дојдеме до лавот, па до она искубано суштество што глуми лав на средновековниот македонски грб?).

*

Како и да е’, нечија сулуда – нека е и добронамерна, но сепак е сулуда – идеја да ги претстави македонските комити на коњ, некогаш и во пози типични за вестерн филмовите, несмотрено ја носи македонската коњско уметничка приказна и во несакана насока. На пример, евидентна е дискриминацијата во поглед на коњаничката привилегија помеѓу споменички претставените ликови од македонската историја. Односно, еден број личности – од исто (комитско) време и со горе-долу приближни заслуги – се лишени од задоволството барем на спомениците да се појават на коњи. И овде воопшто не мислам на извесниот монструм Ќосето (чијашто патологија очигледно ги заразила и денешниве политичари па му подигнале споменик), туку на Христо Узунов (војвода во ист ранг со другите), Димитар Поп Георгиев – Беровски, дедо Иљо Малешевски итн.

Понатаму, интересно е што на споменикот на основачите на ВМРО нема коњ. Што можеби е и логично, зашто Христо Татарчев, Петар Поп Арсов, Андон Димитров, Даме Груев, Христо Батанџиев и Иван Хаџиниколов веројатно и немале допирни точки со коњите, ниту пак со нивната симболика. (Но сепак, Даме Груев, на одделен споменик, меѓу првите го доби својот коњ). Ниту пак кај споменикот на Гемиџиите има такви херојски назнаки во вид на коњ или нешто слично, иако овие се практично меѓу првите воинствено настроени дејци. Ама тие, изгледа, не јавале. А Павел Шатев, пак, едниот од нив, директен учесник во солунските вооружени акции, на неговиот споменик е прикажан седнат на фотелја (!?), речиси среде улица, што е идиотизам од друг тип.

Оттука, дали можеби коњот треба(ло) да биде онаа потенцијална, фина (скриена) дистинкција во заслугите и значењето помеѓу личностите? Па тие качените на коњ ќе бидат позаслужни за македонскиот народ, а другите ќе бидат исто така заслужни, ама не толку?! Зашто коњот, во принцип, во споменичката скулптура е токму знак на големина на личноста, го дополнува неговото значење и заслуги за земјата и народот, неговата храброст, дури и важност во меѓународни рамки. И токму за тоа говорат сите (не само) европски примери на вакви споменици односно на личностите претставени на коњ: цареви, кралеви, војсководци, генерали … Коњаничката скулптура првенствено говори за воените подвизи на личноста! И тука нема никакви дилеми. Освен кај нас, се разбира, каде на коњ се претставени и оние кои коњ во животот не виделе, ниту пак имале зошто да го користат.

 Заради тоа, реално би било размислувањето дека присуството на коњот на овие споменици има конкретна и битна улога. Ако покрај воинственоста и мачоизмот што коњот му го дава на јавачот (безрезервно, на секој јавач, дури и на Ацета!) се погледне и симболиката што по правило му се припишува на ова животно тогаш нештата стануваат појасни. Односно на коњот најчесто се гледа како на слободно, верно, силно, елегантно … победоносно животно. Коњот е многувековен сопатник на човекот, без него широките пространства на некогаш дивата Земја ќе беа неосвоиви, војните ќе беа покомплицирани, исконската желба за движење кај човекот ќе беше нерешлива загатка. На коњот му придаваат и мистични особини (Пегаз, еднорог, Сенка на Гандолф), неспоредлива смелост и вештина (Букефал), дури и бојата на коњот (црна, бела, сива) повикува на одредена симболика.

Оттука, сигурно не е чиста случајност што коњот е сеприсутен во рамките на спомениците во т.н. проект „Скопје 2014“. Можеби, да се останело само на претставата (и) на Букефал во споменикот „Воин на коњ“ (или Александар Македонски, како сакате), односно таму каде што и има логика да се појави фигура на коњ, дубиозите околу оваа тематика во најновата споменичка скулптура кај нас сигурно ќе ги немаше. Или ќе ги имаше помалку тоест ќе беа од друга провениенција. Поточно, никој, никогаш и не спорел за врската Александар – Букефал, тој спој доаѓа некако природно врз основа на сите историски извори и укажувања. Но, Гоце Делчев на коњ, Даме Груев, Никола Карев, Пере Тошев … и сите други македонски револуционери од Илинденскиот период, па Михајло Апостолски …? Таквото континуирано (зло)употребување на коњот во овој тип споменичка скулптура, паралелно со очигледното искривување на историјата, однапред е осудено на сомнеж.

Не е одвишно да се потенцира и фактот дека не секогаш и не секаде во уметничкото дело треба да се бара и пронаоѓа одредена симболика. Иако кај овие скулптури за коишто овде станува збор тешко може да се говори за уметнички дела, тие сепак се некаков дел од јавната споменичка скулптура кај нас (барем за сега!). Па оттука логично е кај нив да се размислува и во правецот на застапување на одредена симболика. Иако, на пример, познати се многуте проширени размисли и толкувања околу присуството на коњот и неговата симболика во „Герника“ на Пикасо – можеби најславното и најсилното дело на дваесеттиот век. А сепак, самиот Пикасо велел дека „… овој бик е бик и овој коњ е коњ … Ако им давате значење на одредени работи во моите слики тоа може да биде многу точно, но не е моја идеја да го дадам тоа значење. И јас ги добивав истите идеи како и вие, но инстинктивно, несвесно. Јас ја правам сликата заради сликата. Ги сликам предметите такви какви што се“.

И тоа е сосема едноставно објаснение. Но – за Пикасо. Кај нас, во ваквата поплава на коњи, во оваа (прескапа) ергела среде центарот на Скопје, премногу е јасно дека тие не се тука само заради фактот дека некој / некои многу сакаат коњи, туку за да раскажат некаква друга приказна. Тие се тука заради нивната симболика и разубавувањето на нашата приказна!

 Зашто, претпоставувам, нарачувачот или оној кој ја смислил целата оваа маскарада, сметал дека е полесно да се продаде успешна приказна каде главните актери – револуционерите – се претставени на коњ отколку, на пример, на магаре[1]. И на што, ве молам, би личел Никола Карев, претседателот на Крушевската република, качен на магаре, а сместен  пред Собранието на РМ?! Дури и случајно да постои некаде некаква изворна фотографија, ние би ја уништиле, запалиле, и би ја претставиле историјата подобрена, ретуширана. Каков би бил тој претседател – на магаре? Ние мислиме дека на статусот – политичкиот, општествениот, револуционерниот … – му припаѓа и соодветен надворешен „аранжман“, украс без којшто статусот би загубил многу од своето значење. Замислете го Трајко Вељановски како сегашен сосема случаен современ Карев односно претседател на Собранието, да се вози во што и да е’ друго освен „Mercedes“? Или да се вози со точак низ скопските улици, или не дај боже да пешачи како Палме?

Низ ваквата „тивка измама“ симболиката на „украсот“ преминува и на личноста, нашите револуционери ни заличуваат на митолошки борци за слобода, на визионери качени на коњи со поглед во далечната светла иднина. Иако по правило таа „светлина“, се покажа, не беше резултат на нивниот револуционерен ангажман туку на жртвите кои денес веќе никој и не сака да ги спомне! И кои, повторно, не беа качени на коњи. Се разбира, овде воопшто немам намера да ги намалувам значењето и заслугите и на Илинденците за создавањето на современата македонска држава, но …! И во овој поглед ние стануваме блиски до Платоновото разбирање на претставувањето: создаваме намерно искривени претстави коишто на гледачот му ги сервираме како вистински! Овие се тие заслужни за нашата слобода, вели оваа актуелна еквиманија, овие се тие што мора да ги славиме и да им се поклонуваме, токму овие и само овие се тие херои за кои идните генерации мора да учат и раскажуваат. Дури и бајки, ако треба!

[1] Освен веќе легендарниот придружник на Дон Кихот, има уште неколку познати споменици на личности претставени на магаре, како австралискиот болничар од Првата светска војна Џон Симпсон (претставен на неколку споменици), скулптурата на магаре  во Примоштен, Donkey Memorial во Апингтон (Јужна Африка), извонредните монументални скулптури на жена на магаре на Ботеро итн.

БАЈКОВИТА ИСТОРИЈА

или

ФЕНОМЕНОТ НА КОЊОТ И ЛАВОТ ВО СОВРЕМЕНАТА

МАКЕДОНСКА МОНУМЕНТАЛНА „УМЕТНОСТ“ (3)

Македонската историја се’ уште е преполна со тајни. Денес особено. И секој ја допишува каде и како ќе стигне. Особено македонците. Како историјата да е елемент на (раз)говорната традиција, или пак бајка во која што секој вметнува по нешто, нешто што му се чини дека би било прикладно за одредено време, за одделни ситуации и(ли) потреби, а според актуелната диоптрија. Која што, се покажа(ло), е најчесто патолошки искривена. За среќа, останати се и оригинални документи, сведоштва, фотографии … особено фотографии.

Иако и фотографијата умее да биде лажлив „документ“ – што веќе многу пати било потврдено низ не така долгата историја на фотографијата – таа сепак (со мали резерви) може да се третира како уверлив аргумент. Некогаш многу поуверлив од интерпретацијата, дури и кога истата доаѓа и од наводно компетентни (посебно македонски) историчари. Или, особено кога доаѓа од неколкумина од нив, кои уживат да раскажуват за македонската историја како да биле рамо до рамо со вистинските учесници. И со каква занес, со каков жар тие тоа го прават, како да ѕиркале низ клучалница!?

Во овој контекст, иако не можам себе си да се сметам за историски добро поткрепен, еден пример за нашето толкување на настаните ми останал во сеќавање. Тоа е таканаречената Епопеја на Ножот, историски настан во којшто, според тврдењата, „Педесет и четири Македонци ја испишаа највеличествената страница на македонската историја по Илинденското востание, саможртвувајќи се на каменестиот врв Ножот во близина на Плетвар, пред 100 година на 14 јули 1907, на вториот ден по Петровден. По долгата борба со турскиот аскер на жешкото јулско сонце, откако им снемува муниција, преостанатите живи комити легнале врз последните бомби и колективно заминале во смрт“[1]. Наредниот ден, велат, на местото на настанот дошол еден италијански капетан (Џузепе Луци), кој снимил фотографија на лице место, која што денес се смета како доказ за херојството на овие комити. Не сакајќи воопшто да спорам со аргументацијата или да го доведувам под сомнение тоа што се случило на Ножот, сепак, фотографијата како валиден дикумент, поставува (барем) две прашања.

%d0%b5%d0%bf%d0%be%d0%bf%d0%b5%d1%98%d0%b0-%d0%bd%d0%b0-%d0%bd%d0%be%d0%b6%d0%be%d1%82-2

Прво, на неа, и тоа во прв план, се гледаат две (а во позадината уште неколку) безживотни тела на комитите. Тие не сведочат во полза на приказната за нивната смрт односно тоа не се тела што биле разнесени од бомби! Тука фотографијата не може да лаже дури и да сака. И второ, еднакво интересно, телата на фотографијата се целосно разголени, без облека. Што пак, повторно, наведува на неколку прашања (да не речам сомнежи): зошто телата на комитите се целосно голи; кој им ја соблекол облеката; и со каква цел …? Едно е сигурно – тие не го направиле тоа самите, зашто не би сакале така недостоинствено да загинат. Второ, бомбите активирани со цел да се самоубијат преостанатите борци секако не можеле така „селективно“ да дејствуваат (само) на облеката. Трето, телата на фотографијата не сугерираат таква насилна смрт. Ако пак разголувањето на комитите го направил турскиот аскер (како што сугерираат некои), прашањето е – зошто? Кому му требало да соблекува мртви комити, и заради што? Едно прилично чудно „објаснение“ го тврди токму тоа, дека „Наеднаш чуката поцрне од аскер. Дел од нив се оддадоа на грабеж, сооблазени од облеката и обувките на четниците[2]. Што упатува на тоа дека турските војници ја пљачкосувале облеката на четниците. А што е прилично наивно, да не речам детски, кога се знае дека турскиот аскер во тоа време (особено по модернизацијата на армијата од страна на Селим III и Махмут II) важел за една од најдобро опремените војски во Европа. Зошто тогаш турските војници би ја одземале сиромашната облека на комититите?

Можеби и сите овие прашања, да не речам сомнежи, се непотребни, ама: нешто во оваа приказна недостасува! Или, ако сакате, фотографијата како документ противречи на приказната / митот како квазидокумент. Како и во многу други комитски (современо прераскажани) приказни и „толкувања“, за современа употреба. Како и да е’, поентата беше дека дури ни не така далечната македонска историја не ни е баш докрај чиста, јасна, научно интерпретирана, без „зачински додатоци“ со претерано сомнителен национален (да не речам – националистички) вкус.

Или, ако сакате, не можам да се сетам на некоја фотографија на која што се гледа комита на коњ. Освен една на комитата Ѓорѓи Сугарев. Не велам дека ги нема(ло), ама … На стотици, илјадници оригинални фотографии ќе ги видите македонските комити во полна воена опрема: пушки, пиштоли, бомби, сабји, ножеви, реденици … Ама коњи – нема! Дури ни војводите или опеаните херои  (Делчев, Карев, Тошев, Пиперката, Александров, Сарафов …) не можете да ги видите на коњ. Можете да се восхитувате на различните униформи (Александров, Сарафов), на воружувањето и позите при фотографирањето (Ј. Пиперката),  и слично, ама тешко дека ќе видите до нив четвороножно животно што барем малку заличува на коњ!

%d0%bf%d0%b8%d0%bf%d0%b5%d1%80%d0%ba%d0%b0%d1%82%d0%b0

Ако овие командни личности навистина поседувале коњи, тогаш недвојбено дека ќе барале да бидат фотографирани на истите, во борбена или слична поза. Велат дека комитските војводи уживале да се фотографираат пред секоја битка. Тогаш – зошто не на коњ, ако веќе го имале? Во секој случај би делувале подостоинствено, ако не поборбено. Меѓутоа, такви фотографии (барем во јавноста) нема. Едновремено, и македонските комитски чет(н)и(ци), наредени за фотографирање, по правило се седнати, легнати, или стојат, ама никогаш во близина нема ни коњ, ниту магаре. (За лав да не правиме муабет!). Ни за лек.

Оттука, од каде таа идеја, денес, сите тие комити – знајни и незнајни – да се претставуваат токму на коњ, како јавачи не баре од Дивиот запад или произлезени од некој од филмовите на Џон Форд. Особено последниве споменици, оној на војводата Пере Тошев, Никола Русински … и претходно на Васил Чакаларов, Тодор Александров, Борис Сарафов, на Даме Груев и Гоце Делчев … сите тие се седнати на коњи не баре цел живот јавале низ македонските прерии. А генерал Апостолски се осмелиле да го претстават, онака исправен на коњот, како некаков каскадер на Џон Вејн!

[1] Виктор Цветановски, Епопејата на Ножот 100 години сведочи за македонската драма, Утрински весник, 12.07.2007

[2] (Аноним), Битката на ножот, Македонска нација (веб портал), 14 јули 2010

КОГА НАВИСТИНА БИ МОЖЕЛЕ ДА ГО ОСЛОБОДИМЕ СКОПЈЕ

1.

Јасна Котевска сосема прецизно посочува на неколкуте суштински точки на „несвесната, „подземна“ логика зад проектот Скопје 2014“, на она „што е либидалното јадро што го турка Скопје 2014 да се гради сѐ уште, а цели две години по неговото планирано завршување“: избегнувањето односно одложувањето на прашањето на одговорноста, обидот истиот да стекне право на „нормалност“, финансиско криминалниот аспект … итн. Ама јас би додал уште една, подеднакво битна, ако не и побитна: провинцијализмот сака да му свети пред очите, сака да шљашти, сака „луксуз“, калливи чевли помеѓу канделабри, ужива да се валка во кич како прасе во тиња … Така што сите спомнати аспекти, и многу други, ротираат на вртелешката на мрачните пориви за вечното траење на „Скопје 2014“. Или, ако сакате, Вангелов пред извесно време виспрено потсети на А. Гремас и неговата класификација на сите нешта: во култура (она што е „зададено“) и натура (она што е „дадено“).  Оттука, кај оваа сељачана која што мисли дека гради “ново општество“, ова опкружување им доаѓа како „култура“ (се разбира, во наводници), ама провинцијализмот, простотијата и сето она што оди со тоа секако е – натура. И од тоа нема бегање, тоа е нешто дадено, длабоко во нив, неизбежно, како ДНК!

Затоа и сите нивни манифестации, сите случувања во земјава мора да се согледуваат и низ неизбежната призма на провинцијализмот. Но не мислам дека треба да се простуваат, иако се „дадени“ а не „зададени“, иако на „даденото“, во принцип, не може да се влијае. Тука ти е, си го носиш. Но, не треба да се простуваат особено и заради фактот што нивната простотија, нивниот темен вилает влијае  и врз животите на другите, на сите нас. Кога провинцијалецот би се задржал во неговото кичесто гуњче кожурче осознавајќи (силен збор за тој тип луѓе зашто тие, во принцип, никогаш и ништо не осознаваат!) го светот низ неговата „шанделир“ призма, тоа можеби и би била негова (лична, „дадена“) работа. Ама не, тој сака да диктира, да води, да раководи … та дури и да гради … неговиот идеал е тотална провинцијализација!

2.

Не знам зошто сето ова ме потсетува на редица „наши“ (не)културни настани, фестивали, изложби … па и на неодамнешното отворање на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ и реакциите апропо истото. Можеби заради истите синдроми спомнати погоре, а од кои што не можеме да се ослободиме веќе цела деценија. Провинцијава заседна веќе долго и се виде себеси барокен европеец, во лакирани чевли и костуми „Битсиани“ и кринолини од некоја наша „генијалка“. А од ушите му ѕирка праз! Или од газот, сеедно.

И му засмета голиот човек. Оној, на сцената. Ама и како би знаел дека Ненад  со „Голтарите“, и Македонија со него, ја апсолвираше темата пред многу години. А и да не беше така, како би можел нашиов „конзервативен“  провинцијалец да го прочита она што му се случуваше на сцената во Битола? Кога би можел навистина да го доживее Мартина Кочовски, не би бил провиницијалец, нели? А Долерес без чевли? Какво светогрдие на една државна манифестација!

И бидејќи веќе ги спомнав „Браќа Манаки“, Шербеџија искажа една генијална мисла. Вели: „Ова е филм за Скопје, снимен во Битола“! И тоа е најголемата вистина за филмот генерално – една голема шарена лага која што може да ви продаде се’ за ништо, и обратно. И затоа, впрочем, е убав. Освен кога самиот живот станува поголема лага и од филмот, продавајќи ништо – за се’. Како овој нашиов живот, воден од провинцијалциве на кои им пречи голиот човек. На сцена. Ама не им пречи на платната на нашиот никогаш непрежален Ацо Станковски звани Сарајлија, кога им ги поттура под нос божем Александар и Роксана. А оваа уште трудна! Тогаш и Хорхе и целиот државен врв доживува оргазмички просветленија и се замислува во нивно друштво. Дури и без облека, ако треба. Ќе го голтнат и тоа нашиве конзервативци, само да се со Александар.

Како што, впрочем, изголтаа и се’ друго што им го сервираа провинцијалниве кловнови – од милионски кражби до убиства, од корупција до манипулација, од партизација до фашизам. Мек, додуша. Ама светликав, шљашти, боли глава!

3.

И Медо, во Битола, кажа една голема вистина. За филмот, македонскиот. Ни тоа не им се допадна. Веднаш се организираа да одговорат. Всушност, секогаш добро се организираат. И толпата им е дадена.

Ех, кога навистина би можеле да го ослободиме Скопје!