Monthly Archives: December 2014

АЈВАРИЈАДИ И ПИВТИЈАДИ

или

ЗА ВРАЊЕ И КРАГУЕВАЦ (2)

5.

Не случајно го спомнав Министерството за култура. Како што сосема намерно треба да се спомне и Министерството за образование и наука, па и она за здравство, па државните институции под нивна капа итн. Ако оваа држава сака, се залага за отворени граници и луѓе со широки погледи, ако оваа држава поттикнува чекори од седум милји кои би го прескокнале полувековниот јаз што не’ дели од цивилизирана Европа, ако оваа држава се поклонува пред стручноста и компетентноста, ако … зарем ќе имавме такви министерства, со таков кадар во нив? Зарем тие и такви министерства, и не само тие туку и целиот државен амбиент, ќе вршеа таква ригорозна негативна селекција насочена кон се’ што малку отскокнува од нивниот полуписмен светоглед, од нивната аналфабетска провениенција? Ако оваа и ваква држава, со овие и вакви функционери навистина сака(ше) да се натпреварува со светот на планот на културата, образованието, науката, зарем ќе толерираше вакви дилетанти кои денес се шепурат по државните ходници? Ако оваа и ваква провинцијална средина навистина сакаше да оформи здрав и широкоглед интелектуален круг, зарем ќе стимулираше коекакви лопови, лажговци и преваранти, особено во културата, образованието и науката, кои секојдневно го олеснуваат државниот буџет за милионски суми?

6.

Многу пати до сега сум пишувал за годишните програми и чудесијата што таму можат да се видат секоја божја година. Е па зарем така се стимулираат поединци и институции да гледаат подалеку од Врање и Лесковац, па и Крагуевац? Вреди ли да се повторуваат? Вреди, уште сто пати: „Народната култура – трајна инспирација во моето творештво“; „Уметност – вистина и(ли) лага“; „Низ четката на преспански уметници“; „Цртање на асфалт“; „Снежен град и карван“; „Го градам мојот град“; „Кич, да?! (сте или не)“; „Биди креативен“;„Една слика илјада зборови!“; „Душата како слика“; „Поглед низ пресеци виа поглед кон мојот идентитет виа визуелноста на просторноста на квантумот виа“; „Ова е Вардарската долина“, (видеопрезентација); Годишна изложба на основни училишта; „65 години НТ Антон Панов преку фотографии и плакати“; „Туѓината – јадот и сјајот на душата“, ревија на костими; Изложба „Шарено велигденско јајце“; Моден дизајн, модна илустрација и ревија; „Land art 2014“ – ликовен проект; „Градина на бои – Допри ја уметноста“;„Нашиот шарпланинец“, „Успехот во наставата“, „Ревија ЕКО – Шар“, „Сетина и Попадија во минатото“, „Шар шланина низ слики и зборови“, „Корените ти се во оваа илирска земја“, „Охрид Травел Магазин“, „Free Time Guide Macedonia“, „Не можам да ти простам двапати“, „Струшки денови на отпорот“, „Ромите, небески народ“, „Приказни за Филип и Александар“ итн. И уште стотици вакви и слични идиотштини поддржани дебело финансиски токму од оние кои, наводно, гледаат подалеку, сакаат побрзо, повисоко. Ова ли се тие нешта што ќе не однесат подалеку од Врање и Крагуевац? Плус разноразни ракијади, пастрмајлијади, пивтијади, ајваројади и останати јадови, на чесо со берењето калинки на Хорхета, сите финансирани од државниот буџет.

И тоа е нашиот приоритетен културен производ, нашиот национален културен квалитет, и тоа само со примери во визуелните уметности (и делумно издаваштвото) што  македонската културна и уметничка сцена ќе ја вознесе подалеку од Врање и Лесковац?

И уште еден (спорадичен ама индикативен)) пример, за којшто веќе пишував: ако Тина Гверовиќ,  (релативно) млада мултимедијална хрватско британска уметница, со  магистерски студии на Јан ван Ајк академијата во Мастрихт и докторат на тема „Откривањето на современите меѓници: визуелната уметност и формирањето на современиот хрватски идентитет“, беше добра за изложба во ноември минатата година, во Tate Modern во Лондон, како тоа нашиве „стручни“ комисии со хоризонти преку Врање и Крагуевац глатко ја одбија за изложба кај нас? И уште колку вакви примери ќе бидат потребни да се види дека, всушност, не е проблемот во професорите … и сите други? Дека проблемчето се крие во друга грмушче?

7.

А кога веќе спомнав комисии составени од миленичиња на власта кои, веројатно, (треба да) имаат широки и современи светогледи, до кога Министерството за култура ќе ги крие имињата на членовите на нивните комисии? Ама јавно, и тенденциозно, ќе се објавуваат имињата на професори кои божем немале научни трудови? А кои се компетенциите и стручноста на посочените комисии кога кројат такви годишни програми? Какви ли импакт фактори на Глупоста имаат тие персони за да застанат зад такви „проекти“?

Или, можеме да продолжиме и понатаму па да посочиме примери на актуелни конјуктурни и особено ценети шарлатани, некои дури и со некакви академски титули, кои ни продаваат рог за свеќа и (мислат) не’ преведуваат жедни преку Врање и Лесковац и не носат во Европа. На пример оние наводни идеолози и крстоносни бранители на сите будалаштини во самонаречениот проект „Скопје 2014“, шуплоглавци од профилот на кичевсконо сељаче кои во таквиот дискурс дури ќе видат „дизајн“ (sic!) „кој со својот класичен епски реализам е повеќе од соодветен на очекувањата и естетскиот вкус на тој ист народ“. Или некоја друга будала која целиот овој гротескно шизофрен склоп на квазизнаци ќе ги оправда со фактот дека некој се слика пред објектите и спомениците. Или маалски филозофчиња чии газови се биле здрвиле од седење пред „Кооператива“ или „Дракстор“, па сега мудруваат дека „главната пошта во архитектонска смисла е толку откачена што странците се чудат што уште не сме направиле лого на градот со таа зграда“. Та такви ли, кукала им мајка, стигнаа да ни држат лекции од култура и уметност?

Ама странците – ги читаме и слушаме секој ден – не се чудат на вакви будали, нив впрочем ги има секаде, иако не во толкав број, туку се чудат на власта и на народов што ги трпи и ги толерира нивните стиропорни мудрувања обвиткани со златце од чоколатце. Тие ли закоравени умови ќе ни го покажат патот отаде Врање?

Проблемот е во тоа што со овој и ваков ум нам и Врање ни е многу. Нам ни се сосема доволни козјите патеки од Табановце до Гевгелија и од Делчево до Охрида града, да се вртиме ко нездрави на ова парче земја и да сонуваме за подобри времиња што никогаш нема да дојдат. Ако за оваа безмалу цела деценија никој не ни покажа што навистина има зад тоа Врање, сега допрва ли ќе ни покажува? Колку фалшиви врања и крагуевци видовме, не можеме да ги доброиме. И сите платени во цврста валута. Малку-малку па некој ја промовира македонската (не)култура некаде надвор, во некоја слична на нас вукојебина, а нашиве упикувачи – особено оние од т.н. новинарска фела – го пумпаат балонот до распрскување. И мислат дека им веруваме. Па уште и објавуваат фотографии. Како од последната „изложба“ во македонската амбасада во Виена. Ако е тоа проширување на нашиот врањански видокруг, подобро и да го нема. Зашто ниту е проширување, ниту пак е видокруг, зашто и тука и таму никој не не’ гледа.

И нема да не’ гледа зашто сме – невидливи! Тука сме, а не’ нема. Постоиме, ама сами за себе. За другите сме сива зона, бришан простор, магла … И Врање и Лесковац, полека, за нас стануваат недостижни цели. Зашто ние и таму не би знаеле што да направиме. Нам ни е се’ – сеедно. Токму како и да не постоиме. И за тоа се најмалку виновни професорите и нивните импакт фактори. Уште помалку ние другите. И тука со полно право се вклучувам и себеси. Зашто, дури и кога сме сакале да помогнеме, помошта била одбивана. Не сме биле – ваши, што и да значи таа будалаштина. А сите оние волови и магариња кои секојдневно дефилираат низ медиумите, некои со бели коси, некои уште си пубертетски мозолчиња на лицето, е таа неписмена багра ја претставува денешна Македонија. Жална Македонија.

ЗА ВРАЊЕ И КРАГУЕВАЦ

1.

Не сум по природа параноичен, ама веќе со години имам чувство дека некој ми ги краде идеите. За многу примери имам и здрави аргументи, особено во поглед на некои проекти што (поединечно) сум ги доставувал до Министерството за култура на годишниот конкурс. Се разбира, ниту еден не поминал кај нивните „стручни“ комисии, ама малку-малку, за година-две, ќе видев во програмата безмалу ист проект, малку изменет во насловот и модифициран во некои маргинални  сегменти, а го реализира некој од онаа булумента полуписмени пулени, кои Министерството секоја година широкоградо ги чести. И сум мислел да реагирам, ама, си велам, каде, кому? Па тие годинава, по повод конурсот за директор во Националната галерија на Македонија, отворено не’ лажеа дека решавањето е во тек, дека Антикорупциска ги известила да го одложат изборот додека траат претседателските избори, па дојдоа парламентарните, па дојде есен … за да на крај, после цела година малтретирање и лажење, не’ известат дека уште во февруари тие решиле да го поништат конкурсот зашто немало пријавени соодветни кандидати за директор. Ама Палоши им беше соодветна, нели, и онаа пред неа? Елем, како и да е’, вреди ли кај такви лажговци да се жалиш кога однапред знаеш што те чека? Да, некој ќе рече дека тие тоа и го сакаат – луѓето сами да се откажуваат – ама мора тук-таму да си ги штедиме живците. И нервите, нели?!

Како и да е’, престанав (барем за кратко) да конкурирам на нивниот „конкурс“ за да не им давам идеи на тупаците. Но, ова со кражбите не е само таму. Кај непрежаленана Палоши во Националната галерија се случуваа такви интерни папазјании, што цели изложби се „префрлаа“ (ај да не речам се крадеа!) од еден на друг кустос. Документирано! И – никому ништо, вук појео магарца, што викаат Србите.

vranje

Врање

2.

Како и да е’, и ова за Врање и Крагуевац (иако мислам дека кај мене беше Лесковац!) сум го спомнувал неколку пати. Но, ајде да речеме дека и на некој друг, во случајов премиерот, може сосема случајно истите градови, и во ист контекст, да му се видат како соодветни за поентата. Не спорам. Иако јас ги „извлеков“ овие два града токму од „научните“ трудови на некои од професорските пулени на власта. Оние кои секогаш, по правило, тооолку знаат што нивниот научен видокруг допира одвај до Врање, преку сила до Лесковац. Крагуевац е сепак подалеку, мислам?

Но, впрочем, актуелнава „дискусија“ околу нашиве професори (а зошто само тие?) е стара македонска рак-рана. Барем беше во минатото, зашто безмалу сите наши светогледи допираа некаде до Белград, и таму – запираа. Како да имаше некаква замислена граница. (Така што, изгледа, со Врање и Лесковац се враќаме многу назад!). Ова највеќе се отсликуваше во културата и уметноста, но во принцип важеше и за сите други области од општествениот живот. Ако стасаш до Белград, цел свет е твој! Не случајно и Личеноски живееше таму неколку години. Тоа ни беше прозорец кон светот. Нормално, многумина тој прозорец го искористија да п(р)огледаат и подалеку, до европските метрополи, ама за грото од македонската култура и уметност Белград остана поим за свет.

3.

Новото време – новата држава само навидум сакаше да ги отвори хоризонтите подалеку. Само навидум зашто, вообичаено, не можат луѓе со ограничени хоризонти да ги отвораат хоризонтите на другите. Или, ако сакате, да ја парафразирам (иако неволно) Солза Грчева, ние постојано се бафтавме со некакви „храбри“ влади, наместо да бараме умни влади! Храбрите поединци се можеби соодветни за воени и кризни времиња, ама за ваква држава беа / се потребни умни луѓе. Луѓе со отворени хоризонти, со визии, со знаење барем два пати поголемо од оние на кои (ќе) сакаат да им продават памет. За жал, ни имавме ниту пак имаме такви луѓе во власта. Со чесни исклучоци, се разбира. Ама, ако претседателот на државата ви е човек со просек 7, за што правите муабет, за каков стандард, за какви визии и знаење? И сето тоа после се пресликува надолу со геометриска прогресија. И џабе му е и на оној кој го направи асистент вон сите процедури и критериуми сега да бара место во првиот ред на студентските протести. Требал тоа на времето да го бара, да бара асистенти од првите редови, а не од последните. Сега и нему му следува последен ред, ако воопшто нешто му следува!

Оттука, повторно за жал, не е далеку од вистината констатацијата за Врање и Лесковац, или Крагуевац. Ама, погледнете кој се’ стана професор во оние дисперзирани по селските полјани факултети. Па за нив и Скопје беше / е метропола! За Белград да не говориме, зашто тие ниту го виделе. Или погледнете го Собранието на РМ и членовите во тамошните комисии: таму врие од нестручни луѓе токму за областите за коишто ги седнале да „одлучуваат“. За културата одлучуваат правници, лекари, педагози, психолози, новинари … и тук таму некој поблизок до областа; за образованието и науката исто (земјоделка, економист, пак психолог, математичар …). Е па каков квалитет бараме, какви хоризонти подалеку од Врање и Лесковац  бараме од тие луѓе?

4.

Ако пак се знае вкупната политичко – партиска констелација во државава и фактот дека Собранието е само гласачка машина за предлозите на Владата, тогаш кој е виновен за Врање и Лесковац, или Крагуевац? Ако Собранието добива такви предлози од министрите, а мора да ги изгласа, тогаш – каде се крие зајчето? Во Врање и Крагуевац? Не ќе да е така. Таквите врања и лесковци, или крагуевци, се зацементирани во главите на оние што бистрат политика како во меана, што мислат дека се способни за сите ресори а не ги бива за ништо, оние кои без партиската книшка одвај би биле и вратари во некоја државна институција. Па дури и оние кои се наводно квалификувани за својата работа, како министерон за земјоделие, пелтечат како првачиња со бели коси: „па мене никој не ме известил за штрајкот … па еве сега … па сега еве … еве …“. Што „еве“, нема „еве“, или знаеш или не знаеш?

Или, поточно, ако бараме професорите да гледаат подалеку од Врање и Крагуевац, не треба ли да бараме и такви министерства односно министри, таква Влада, такво Собрание? Зошто само овие би биле виновни и би морале пред општеството да положуваат сметки за својата кусогледост, а другите – не? Или, повторно како кај хонорарите: за едни ќе важи, за други не?

Да се разбереме: моето мислење за професорската бранша не е далеку од Врање и Крагуевац. Некој не допираат ни до таму. Не дека и оние од пред повеќе децении беа којзнае колку попотковани. Барем моите. Ама стигнуваа до Белград, барем. Но имаше и исклучителни фигури. Мошин, на пример. Или Христо Илиевски. И уште неколкумина. А такви сигурно има и денес. И не баш така малку. Можеби е валидно и прашањето зошто ги нема повеќе. Ама прашањето повторно се враќа како бумеранг кај тие што запнале да го поставуваат. И тоа да важи само за професорите. А прашањето е: што им / ни пружа оваа fucking држава како поддршка, за да гледаме подалеку од Белград? И би го ценела ли тоа, навистина, ако гледаме подалеку? Или професорите, па и сите други, чии хоризонти допираат прилично подалеку од регионов, мора самите да инвестираат во својата надградба, во контактите, во истражувањата, а оваа банда лезилебовиќи да се шетка од Скопје до Куманово, евентуално до Врање, и тоа да го наплатува во суво злато? И уште да држи лекции?

Ако почнам да наведувам лични примери, ова ќе заличи на фалење. Ама оние тарабуки во Министерството за култура знаат за какви се’ меѓународни собири сум се јавувал кај нив и сум барал финансиска поддршка. Само за пат. А сум добил – нула! Дури се јавувале – особено оној земјоделецон – во Советот на Европа да не ми испраќаат покани. Не сум бил нивни. Е па, тоа „вашите“ ќе ве однесат токму до Врање. Крагуевац им е предалеку!

РАДОДАЈКИ

 

1.

Овде нешто сериозно мириса, да не речам – смрди. Толку реакции на актуелниве (квази)политички решенија немало ни за целиве изминати осум години. И тука, се разбира, не мислам ни на студентските протести, ниту пак на сите други (оправдани) протести на стечајци, загубари, сексуални работници, хонорарци и(ли) потенцијални хонорарци … туку мислам на поединечни и сталешки реакции на премолченото прифаќање на погубните економски мерки (и) во културата, образованието, здравството … Зашто, како сакате гледајте ги тие „пребези“ од јавното здравство во приватното (иако онаа шушумигана ќе одработува и за нив, нели), тоа е форма на протест; или она писмо на 110 професори за „мерките“ во образованието (меѓу кои и оние кои до вчера се смееа дека ним нема кој да им ги состави „екстерните“ прашања) … сето тоа се сепак нови реакции против актуелното дивеење во овие области.

А на ред ќе дојдат и другите, неизбежно: пензионерите на кои им е преку глава „водството“ од оној бивш соц-полтрон; уште професори контра своите срамни усмрдени ректори и декани (патем, виде ли некој потпис на некој професор од Архитектонскиот факултет, од Факултетот за ликовни уметност, од Историја на уметноста …?); независни синдикати контра оној битолскион полнет мисир според кој во државава тече мед и млеко … можеби некој од бизнисмените ќе се осмели да крене глава … можеби некој од оние глувчиња во стопанските комори … ?!

2.

Се разбира, сите ќе дојдат на ред, на еден или на друг начин. Иако најголемиот дел од тие post festum реакции ќе бидат некако изнудени од пуст срам, од немајкаде да не им се смеат дома жените / мажите и децата, или (повторно, по којзнае кој пат) заради просто пресоблекување на дресот. На време, да се фати приклучок. Некако така наликуваат и реакциите односно одбивањето на „реформите“ во хонорарната работа кај неколкуте здруженије од областа на културата. Кај оние кои до денес не пуштија глас ама баш за ниту една друга „реформа“, за ниту еден друг катастрофален (да не речам самоубиствен) „потфат“ на надлежните во културата. Чудно е како, и зошто, овие познати радодајки на сите влади, системи и идеологии токму сега кренаа глас. Ако воопшто го кренале, ако сето ова не е само уште една наместена заебанција!

Речиси запрепастувачки звучи несогласувањето дури и на еден ДЛУМ (Друштво на лековерните, пардон – ликовните уметници на Македонија) со измените во законот за задолжително социјално и здравствено осигурување, што директно им брцаат в џеб на уметниците. (Дали тоа можеби е основната причина за „буната на бродот на будалите“, пардон, мислев на „бродот Баунти“?). Зошто запрепастувачки? Па бидејќи наспроти се’ она што им го правеа изминативе години, оваа „мерка“ е играчка за мали деца. Додуша, удира директно по џебот (а тоа изгледа највеќе боли?), а она порано беа тупаници по општиот имот и благодети, па многу не ги болеше.

„Ликовните уметници, членови на ДЛУМ, често работат за хонорарен надоместок. Со додатните давачки се скратуваат веќе скромните средства за реализација на проекти. На тој начин, се обременува и онака незавидната состојба на ликовните творци. Со новите законски измени, вредноста на уметноста се занемарува и девалвира. Лично право на секој граѓанин е правото на избор, да плаќа или не плаќа придонеси“, го пренесува Плусинфо соопштението на ДЛУМ-овци. И тоа соопштение просто врие од дволичност во однос на сето она што само пред шест месеци, и цели десетина година, го говореа, па се сликаа со дотичните од Министерството, па се смееа. Та нели никој до сега не водел тоооолку сметка за уметноста како оваа власт, никој не вршел толку (и такви!) откупи, никој тоооолку не водел сметка за македонските уметници, никој не подигал тооооолку споменици. И сето тоа е – точно. Зашто никој до сега на таков безобразен начин не се пресметувал со уметноста и уметниците! И овие пак климаа со главите.

3.

А им зедоа – се’. Прво ги избркаа од салонот крај Вардар и ги фрлија во стан во Аеродром, па им го дадоа некогашниот Уметнички павилјон, па им го зедоа после само неколку месеци за да ја сместат таму Царинската управа. Па ги набутаа во Домот на АРМ, ама сега пред нив градат „храм“. Па те им даваа пари за годишните изложби, те не им даваа. И со години немаше откупи, за да сега ги има тооолку, ама фалшиви. И што се’ не се случуваше во државава, нека само (и) на планот на културата и уметноста, ама овие туткуни глас не пуштија. Барем за ГТЦ да кажеа збор-два, зашто седиштето им беше со години таму.

И што се’ не им земаа(т), и што се’ не им ветуваа(т), и што се’ не им правеа … а овие молчеа. Прави туткуни. Радодајки, само за ќар, од кого и да е’. Може и од црниот ѓавол. Зашумолат ли парички, затропкаат ли сребреници, радодајките спремно креваа(т) нозе. Па затоа, сега, кога ќе им чепнат во најсветото – во хонорарите – здушно креваат глас. Преку соопштение, заедничко. Никој од нив нема доволно доблест ни да излезе сам да се побуни. Барем да им парираат на ова глумциве, кои глумат дека протестираат. Ама и ним не им е сеедно. Џебот (ќе) им знае. Иако и меѓу ликовните уметници има сериозни и глумци. И тоа какви! И Лоренс Оливије да им позавиди. Ем се авангардисти, ем се неокласицисти, те се шути, те рогати, како милува власта. Денес се на улица да протестираат, утре седат заедно со министри и претседатели. Типични радодајки – ко да више. А највише ќе добие оној Смилков, од „академијата“ во Штип. Тој бре брате отворено се нуди!

За да не бидат осамени, им се придружуваат и филмските работници. Ама без оние кои добиваат пари преку wi-fi врска директно од репарираниот објект на Илинденска бб. Право на нивно конто. Радодајниот систем кај нив функционира речиси идеално: колку пари – толку / таков филм. Молим лепо. Современа сага – толку, комитска сага – толку и толку, егејска сага – толку, толку и толку … Ним можеби нема да им ги оданочуваат хонорарите? Па и тие се некакви функционери. Во филмот, нели?

И, за живо чудо, ене ги и театарските работници, оние истите што го предводеа „културниот штрајк“ против опозицијата, и тие сега не се задоволни. Изгледа пак опозицијата замешала прсти и во актуелново кратење на нивните хонорари. Ќе излезат ли пак на улица? На чело со директорите, и таламбасите? Ќе свири ли оној пак на својата цигулка, ќе тропаат ли тапани …? Да – кога врбата ќе роди грозје!

WHORE

4.

Единствено радодајно родокрајно здружение односно поединци кои многу не му се секираат се писателите. Тие бре брате се секогаш со крената глава. Свака част. Што и да се случува, тие стојат на браникот на власта, и на парите. И не мрдаат, стамени се. И закони им носат, овие ни да трепнат. Знаат дека тие се над обичната културна раја, привилегирани, подмирени, академизирани. И филувани, од сите страни. Секогаш и биле, нашите инженери на човечките души. Тие се сите во категоријата функционери. Изземени од овоземните грижи и бламажи, ушушкани во нивните книжулиња според годишната програма и по нешто од страна. И кој што сака нека каже – не е лесно да се биде инжинер. Како што, се разбира, не е лесно да се биде ни државен режисер, ни државен сликар, ни државен професор, ни државна … радодајка. Сите бараат, сите мора да добијат.

П.С.

Ко за беља, сабајлево читам дека и Друштвото на писателите на Македонија се приклучило кон протестот против наметнувањето нови давачки на хонорарите. Иако и нивното соопштение е штуро и прозаично како и кај ДЛУМ, сепак остава впечаток. Впечаток дека македонската култура е единствена, барем кога станува збор за џебот. И иако практично не побива ништо од претходно реченото, изгледа на некој му дошло од газот до главата дека не би требало само тие да останат на страна од актуелните збиднувања.  Поздрав, инженери!

ЗА ПРАВОТО НА ГЛУПОСТ

1.

Се разбира дека секој, ама баш секој има право на глупост. Без оглед на возраста, полот, верата, националноста … И тоа право им го гарантират устави и закони во сиот демократски свет. И никој не смее да им го одземе тоа право. Иако другите човекови права се по правило – дискутабилни. И секој може, со скрпено „образложение“, да посегне по нив и да ги негира. Ама ова – не може. Ова е исконско, вродено право на еден дел од човечката популација. Кај нас – на голем дел. Треба само внимателно да се гледа, слуша и чита. А ко за беља, токму тие со ваквото вродено право се најгласни. Ги гледате, слушате и читате на секое ќоше. Искакаат од фрижидер ко нинџа желки, се пенават објаснувајќи и докажувајќи. И по правило не ги интересираат туѓите права. За нив тие не постојат. But, who cares? Треба човек да ги игнорира, да гледа низ нив, да ги погледне од височина, со презир.

Правото на глупост им е загарантирано буквално на сите – од претседател на држава, па надолу. И сите го користат, кој повеќе кој помалку. Кај нас тоа право како да „следува“ / расте со растот на функцијата / звањето на персоната. Колку повисока функција, колку повисоко звање, толку повеќе глупости! Само направете ретроспекција на глупостите на Хорхета и се’ ви е јасно. Или: што се не видовме и не чувме во изминативе дваесеттина години од персони што ги нарекуваме академици само заради нивното членување во МАНУ?! Та малку ли беа изречените куп глупости за потребата од поделба на Македонија во 2001-та година токму од академската булумента што беше на челото на таа институција? Или последниве глупости за актуелното „екстерно“ на еден Росоклија, и тој „академик“ и божем еминентен стручњак со повеќегодишен стаж во белиот свет? Што ќе рече: глупоста не избира, се вгнездува секаде каде што има подотворена врата. И не ги одминува ни најумните (можеби тука се потребни наводници?), како и најнеумните, се разбира. И се излева, кога – тогаш!

2.

Кај нас и во ова, како и во се’ друго, нештата се поставени наопаку. Студентите и средношколците, кои по дефиниција би требале да бидат најнеумни (разбрано метафорично), најбрзи и неконтролирани, импулзивни и непромислени (повторно метафорично) … во дадениве услови се покажуваат како најзрел и најстамен дел од општеството. Дел што привлекува и други позитивни енергии, дел што сака да направи разлика, да се издвои од општата глупост, да ги (и)менува нештата.

Велат дека глупоста е заразна, и тоа е факт што со години наназад, и на дело, се докажува(ше) кај нас. Како инаку ќе бевме на ова дереџе – клонирани идиоти – како сите до еден да цицале од Мајката наречена Глупост во исто време. И се нацицале, бога ми, добро. Глупоста им се излева не само низ устите туку излегува и низ ушите. И сите почнавме да се сопнуваме од неа – на улица, на работа, на телевизија, во печатот … (Владиката) Петар вели „медена уста железна врата отвора“. Ма јок, кај нас глупоста отвора и железни и рајски врати, отвора цели буџети и скриени чекмеџиња, прави кариери и патриотски  профитери. И дели памет. (Патријархот) Стефан вели дека новата црква, она „чудо“ во изградба во центарот на Скопје, ќе ни била „ремек дело“! И олигарсите даваат пари. Како за некогашните индулгенции, за откуп на гревовите. Кога се’ би било така едноставно.

Затоа, овој дел од студентите ветува. Не сака слепо да се повинува на глупоста со големо Г. А македонското образование е токму тоа: глупост со големо Г. Сосе министрите и дисперзираните „факултети“. А и да е само тоа.

Правото на глупост е непреносливо право. Повеќе е врзано со генетиката, со наследството, отколку со стекнувањето по други основи. И се штити според Законот за авторски права: секој идиот си има авторско право на своите глупости. Не можете да му ги одземете!

И неизлечиво е. Затоа и медицината одамна кренала раце од него. Попрво ќе најдат третман и за еболата, но глупоста останува вечна и неизлечива.

3.

Што ли би дало Министерството за култура да ја излечи сопствената глупост? Кога би можело, се разбира. Колку ли би чинел тој фамозен лек? Видете само како им се удираат од глава ко бумеранг сите глупости што ги правеа и ги прават изминативе години. Од закони вакви и онакви, од проекти за малоумни будали, од програми за недораснати и непораснати … Од една страна ја „стимулираат“ културата и уметноста со цркавици, за да од друга страна им земат дупло повеќе пари на истите уметници. И уво (или глупост) не ги боли што овие веќе отворено им кажуваат дека се неспособни. Не бре брате, до глупоста не допира ништо. Замумулени во оној некогашен генералштаб (и што ли му требаше на Баге таа работа?) одамна почнаа да се замислуваат генерали. Или пуковници? Сите по ред, од оној Илиријан па наваму. Нема само војници. Им избегаа, нема кој да работи. Кога глупоста би болела, сите би врескале од болка!

И токму тоа е проблемот со глупоста. Што е недопирлива, недофатлива, глува и слепа … Не сака да гледа, а сака да биде видена. Не сака да слуша, а сака да биде чуена. Затоа и реакциите ништо не и’ значат. Како да ги нема(ло). Прохујало с вихором. Реакциите и укажувањата, дури и од сериозни уметници, дури и од оние кои до неодамна ги поддржувале, завршуваат само на еден начин: на кладата на крајот на денот. Изгорени како и да не постоеле. Траг останува само во црните тефтери на задолжените за тоа пиони кои ги бележат имињата на тие што се бунат. Со црвено, за да бидат позабележливи, за утре да не се случи да добијат нешто, некаква цркавица од хонорарче од коешто секако ќе мора да вратат триесеттина проценти, некаква улогичка или концертче, некакво проектче … Пионите – писари се најревносни токму во таа работа – во обележувањето на луѓето. Зашто глупоста не трпи спротивставување, реакција, коментар. Глупоста е – непрокосновена! И секогаш ќе биде таква, барем на овие простори.

4.

Зошто? Бидејќи македонската глупост, дефинитивно, докажано, е инфективна. Се шири ко чума. Зафаќа и здраво и полуздраво, болно и полуболно, ама и нормално. Особено она што (сме мислеле дека) е нормално. Како инаку нашата варијанта на глупоста би траела толку долго? Затоа и луѓето се во дилема дали оние кои до вчера се поклонуваа пред глупоста, а денес (наводно) полека се исправаат, дали тоа е искрен став или само уште една мимикрија? Но, се разбира, секоја инфекција има своја кулминација. Потоа, полека, стивнува. Ама, сепак, остава длабоки траги во околината.

И бидејќи веќе спомнав двајца црковни великодостојници, да спомнам уште еден: (владиката) Пимен вели дека (парафразирано, односно ако јас се’ уште  добро ги разбирам овие религиозни луѓе) „токму тие генерации“, оние што учествувале на студентски протести, што се бореле за студентски права, „одлучуваат во овој момент да воведат државен испит“. Или одлучуваат за што и да е’.

Е не ќе да е така, зашто генерации кои учествувале на студентски, протести, кои се бореле за какви и да се права, кои биле некогаш слободоумни, не носат вакви одлуки. Напротив. Ова се некои генерации излезени од глувчји дупки во кои се криеле цел живот, кои сега ги намирисале своите пет минути и изигруваат власт и интелигенција. Та нели се она истите петти и шестти  виолини, вечните епизодисти, оние познати шалабајзери и молери, кои протестираа против опозицијата на фамозниот „културен протест“? Тоа се оние луѓе од вечната сенка, од Мрачната страна, роднини и побратими на Глупоста.

СЕ’ ИМА СВОЈ КРАЈ

или

„УМЕТНИЧКА“ ДРЖАВА (6)

1.

„Све има свој крај, па чак и Минимакс“ беше одјавното мото на некогаш бесмртниот Минимакс (Милован Илиќ) на едно од белградските радија. Се разбира, и неговата емисија имаше крај, како и многу други успешни нешта, иако Минимакс беше настојчив и водеше уште редица други радио и тв програми. Та оттука, а земајќи го неговото мото како крај на овие текстови за нашето накарадно поимање на дефиницијата уметник и нејзината уште поскандалозна примена, нормално е некои нешта и кај нас да дојдат до својот крај. И доаѓаат, наспроти цврстиот шарлатански бедем изграден позади секој „проект“ во културата, потпрен врз плеќите на таа војска некадарни неработници прогласени од власта за уметници, а насочен контра се’ што барем малку заличува на градска, урбана, современа култура и уметност.

Овие текстови беа делумно ин(ф)ицирани од фамозниот петпарачки откуп на ликовни „дела“ од страна на Министерството за култура (после којшто, како турска шербетли серија, продолжија слични будалаштини и во другите уметнички области), а делумно од се’ уште валидната македонска „дефиниција“ за поимот уметник, низ која што кај нас се провира секоја будала која што клима со главата во полза на власта на нејзините политики во културата. Но и на тие „политики“ ќе им дојде крајот, кога – тогаш. И навистина не знам што и како мислеа и оние во Министерствоно, но и оние во „стручнана“ комисија – и сите други „комисии“ – која што, наводно, избирала дела за македонските национални музеи. Мислеа ли дека со упорното необјавување на списокот на откупени „дела“ ќе ја сокријат направената валкана измама? Мислеа ли дека делата нема да стигнат до музеите, или ќе стигнат низ некои тајни катакомби и никој нема да ги види? И никој нема да каже за какви, да простите, лајна се давале пари? Или мислеа дека оние пет-шест шутрачиња кои некогаш ги сметавме сериозни уметници, а кои им седеа во првиот ред при објавувањето на „резултатите“ од откупот, ќе им бидат доволно покритие за партиската кражба на македонската уметност?

 Otkupi 1

Otkupi 1A

2.

Минимакс имаше уште едно познато мото: „минимум зборување, максимум музика“. И се држеше до тоа. И ги правеше ремпере сите тогашни ју-фолк „ѕвезди“, од Лепа Брена до Силвана Арменулиќ и Маринко Роквиќ. Што ли би говорел тој и таков Минимакс денес, среде Скопје? Ако воопшто му дадат да говори?!

Но, кај нас, денес, важи мотото: минимум зборување, максимум ујдурма! И тоа баш онака, легална, низ конкурси и комисии, преку годишни програми и повторно комисии, преку секакви измислици што ќе ги покријат три-четири  будали седнати во комисиите и уште толку во првите редови, а кои што влечат директна лична полза од целата ујдурма. На страна што чаршијата вели дека не баш сите уметници од фамозниот откуп добиле само по две-три илјади евра по дело. Имало и такви кои добиле и по десетина, петнаесет, ама – да молчат. Нејсе, нивни проблем, којшто сега е и наш проблем, ама којшто ќе се расчисти. Кога – тогаш.

Како и да е’, повторно: се’ има свој крај, па дури и приказната за откупот на ликовни дела и славните македонски „уметници“. И тоа не баш било какви дела, туку дека „приоритет при откупот ќе имаат квалитетни ликовни дела од автори од Република Македонија кои дале исклучителен придонес во создавањето, профилирањето и афирмирањето на македонската современа ликовна уметност“. Така барем стоеше во објавениот конкурс во септември 2013 година! И би откуп, и би славје, и еве полека ги носат „делата“, оние од автори „… кои дале исклучителен придонес во создавањето, профилирањето и афирмирањето на македонската современа ликовна уметност“!!! А откупени по избор на стручна комисија. И човек може само да се крсти што се’ овие прогласиле за уметност и уметници со „исклучителен придонес“. Просто болат очите од насобраниот кич, од мизеријата за која што се дадени пари.

 Otkupi 2

3.

И во случајов воопшто и не се битни имињата на „уметниците“ кои Министерството и комисијата, по силата на партискиот диктат, ги набутаа во депоата на националните музеи. Не се битни имињата зашто и така никој не ги знае. Но битен е квалитетот и квантитетот на кичот што овие го прогласуваат за уметност. Со исклучително значење. Просто срам ве фаќа што воопшто имате такви „колеги“ кои со такво „знаење“ со децении држеле места и грееле фотелји во значајни институции. И дури сте им кажувале добар ден.

Па нема ли ниту еден од „стручњацине“ што учествуваа во оваа битпазарска зделка да излезе и да не’ просветли со нивните критериуми во случајов? За „критериумите“ или образложенијата според кои што застрашувачки дрвен сандак врз кои „уметникот“ редел чашки и гобленски рамки, или за „пејзажи“ како од деца од второ одделение, или за молерски мачканици врз платна … се прогласени за уметност „со исклучително значење“? Тоа ли е македонската уметност денес, таа што треба скапо да се плаќа со државни пари? Ова што деновиве можеме да го видиме како нивен избор на дела што  пристигнува во музеите, а што треба да биде со „исклучителен придонес во создавањето, профилирањето и афирмирањето на македонската современа ликовна уметност“ е, најблаго речено, катастрофално. Мизерија, срам не само за нив, туку за сите нас. Тие и такви дела не се ни за во селска задруга, некогашната КО-РА за нив би била „Метрополитен“. „Бевме строги во однос на сите пријави“, тогаш изјавуваше библиотекаркана која што најчесто, по потреба, ја преоблекуват во партиски „стручњак“ за уметност. Е па ова ли е таа ваша стручна строгост, ова ли е тој фамозен стручен критериум којшто дозволува и вакви „уради сам“ скаламерии да влезат во национални институции? Ова не е строгост, ова е идиотштина што наложува да им се одземат дипломите на господата „стручњаци“ и да им се даде по една битпазарска тезга да продаваат домати и пипер. Ако ги бива и за тоа, се разбира.

И, ќе повторам: како постојано едни те исти „стручњаци“ – пред се’ библиотекаркана маскирана во кустос, па онаа од МСУ која уште пред петнаесеттина години правеше државни трампи со еден белградски „галерист“, па нејзината колешка, исто од МСУ, до неодамна претседателка на ИКОМ (sic!), а сите членови и на Македонската асоцијација на ликовни критичари … – се наоѓаат во такви дубиозни државно – приватни игри?

Otkupi 3

4.

Се разбира, повторно Минимакс: се’ (ќе) има свој крај, па дури и оваа страотна епизода од македонската уметност. А сепак, крајот делото го краси и приказнава не би требало да заврши само на ова. Некој ќе мора, утре-задутре, да организира изложба на овие откупени грдотии за да може целата јавност да види што било плаќано со државни пари. И кој тоа го плаќал. И зошто, и што стои позади целата оваа ујдурма. И ќе мора да бидат изложени и оние фотографии од фамозната прес конференција, сосе „еминентнине“ македонски уметници кои седат во првите редови и сериозно ги слушаат бајковитите лаги на комисијата.

И ќе мора некои стручни асоцијации – АИКА, ИКОМ и други – да превземаат соодветни мерки против ваквата бедна узурпација од страна на нивни членови. И ќе мора да се преиспитаат сите вакви комисии и нивните антикултурни и антиуметнички дејанија од ваков и сличен тип. И, ако некој паметен се сети и има три чисти, да се смени таа ступидна дефиниција за уметник во оној уште поступиден Закон за културата.

Иако, всушност, дефиницијата не е сама по себе виновна. Во вакви услови, со вакви „стручњаци“ и вакви бирократи во Министерството за култура, да ја имавме и дефиницијата на УНЕСКО приказната ќе беше иста. Културата и уметноста не ја создаваат дефинициите, туку луѓето. И ја уништуваат, се разбира. Но многу повеќе оние кои седат во првите редови и заради лична корист молчат за злосторствата што им се одвиваат пред очи. И ним не им пречи што во македонските музеи нивните дела ќе стојат покрај овие грдотии. И што токму тие аплаудирале при носењето на таквите „строги“ одлуки.

СЛУЧАЈОТ НА R.W.

или

„УМЕТНИЧКА“ ДРЖАВА (5)

1.

Има еден „случај“ што често се спомнува во теоријата и праксата, а е директно сврзан токму со проблемот на валоризацијата на нечиј (условно) уметнички статус, односно на нечие прифаќање како уметник. Или не. Тоа е „случајот“ на повозрасната R.W.[1] од САД која во 1975 година го тужела Универзитетот во Аризона бидејќи не била примена на постдипломски студии за Master of Fine Arts and Studio Painting на истиот универзитет. И, за живо чудо, добила на првото судење, но Универзитетот се жалел до Апелациониот суд кој што, нормално, ја поништил првата пресуда и му наложил на првостепениот суд да пресуди во полза на Универзитетот.

Во што е суштината на овој спор?

По завршувањето на College of Fine Arts на Универзитетот во Аризона (главен предмет studio art), како и неколку други курсеви (Columbia University, Southern Methodist University, Washington University), госпожата R.W. посакала да се запише и на постдипломски студии на Катедрата за уметност на Универзитетот во Аризона. Шефот на Катедрата за уметност, врз основа на едногласното мислење на петчлена (стручна) комисија, ја одбил нејзината кандидатура. Суштината на одбивањето била содржана во реченицата дека: „Нејзините работи изгледаат како да се веќе на професионално рамниште, но комисијата смета дека тие не се во особена хармонија со естетските ставови на катедрата за уметност“!

2.

Наместо да се задоволи дури и со едно такво (само навидум) штуро образложение, госпожата превиткала лист хартија и поднела тужба до првостепен суд. Меѓу другото, таа во тужбата навела дека „имала добиено награди на уметнички изложби, дека продала некои дела и дека имала добри оценки“. И некој шутрак судија паднал на таков штос и пресудил во нејзина полза, наведувајќи дури дека членовите на комисијата одлучувале (само) врз основа на лични ставови и убедувања, дури и дека образложението на комисијата било „неразумно, арбитрарно, каприциозно и дискриминаторско“! Машала, како да пресудил некој македонски полуписмен судија.

Нормално, Универзитетот го искористил правото на жалба до повисок суд, што резултирало во укинување на првичната пресуда, решавање на спорот (без право на жалба) во полза на Универзитетот, но и дополнително резилење на госпожата R.W. во текот на процесот. Зашто, нејзините професори, а некои и членови на комисијата што не ја прифатила на постдипломски студии, морале да изнесат низа стручни оценки за нејзината „уметност“, за нејзиниот однос во текот на студиите и слично. Што ќе рече „уметничката“ била јавно избламирана до сто и едно, и назад. Голем дел од професорите се изјасниле дека нејзината „уметност“ е всушност само „клише, напишана формула“, дека нејзините работи се „стагнантни“, дека многу нешта на нејзините слики заличуваат на оние „дела“ што се продаваат во „стоковни куќи и во продавници за туристи“, дека нејзините „дела“ се „сахарин“ на кој што „му недостасува формална инвенција и оригиналност“ итн., итн. И, како шлаг на тортата, професорите го појасниле ставот наведен во образложението дека „нејзините работи изгледаат како да се веќе на професионално рамниште …“, потенцирајќи дека постојат рамништа на професионалност, а сликите на госпожата R.W. се на нивото за туристичка продавница!

Професорите и членовите на комисијата потенцирале дека нивната одлука се базирала исклучиво на согледувањата од приложените дела, а не и од фактот дека таа веќе учествувала на изложби, дека е дури и добитник на некакви награди и слично. Односно, појасниле дека кога ги гледаат делата на апликанти за постдипломски студии, тие бараат „future promises“, дека тие бараат потенцијал што може да се развива во оригинални насоки, бараат инвентивност и елементи за автономен развој, а не дела коишто веќе во стартот се заробени во ќорсокак. Се разбира, за наши прилики би било интересно да се побара мислењето на нашиве професори (или „професори“?) за многумина нивни постдипломци: што и како видоа во нивните дела, како тоа ги оценија нивните потенцијали, меѓу кои, денес, гледаме и некои чудесија расфрлени низ градов?!

3.

Но, подеднакво поучен, дури брилијантен, е и заклучокот на судијата кој го водел спорот и кој целосно ја поништил првостепената одлука.

Овој судија (HOWARD, Chief Judge), прво, потенцирал дека овој случај е вистински пример за тоа дека судовите не треба да се мешаат во академските програми на универзитетите (sic!) и дека „судот не може да го наметнува своето мислење во однос вредностите на делата на тужителот  наспроти ставот на факултетската комисија која што била избрана да го процени квалитетот на нејзините дела“!!!

Второ, овој судија смета дека наспроти фасцинацијата со т.н. чек-листи (check lists) односно напишани на лист хартија „објективни стандарди“ што кандидатот треба да ги исполни, инаку толку посакувани во одделни професии, во уметноста тие се неприфатливи. И судот не може да бара такви „стандарди“ / насоки во оваа област, што е сосема исправен став на судијата зашто уметноста не е список за во дуќанче, иако некои и така ја гледаат. И ја „проценуваат“ според образованието, бројот на изложби, награди итн. Кога така би тргнале, буквално сите дипломирани студенти на сите уметнички академии во светот автоматски би станале уметници. Што е вон памет, се разбира. Секаде, освен кај нас.

И ова, веројатно, е клучниот заклучок од еден паметен судија: уметноста не е збир на правила и не може да се просудува според нив. Дури напротив, ако се погледне повнимателно уметноста на повеќето значајни уметници во сите области (Пикасо, Мане, Џојс, Малер, Велс, Ејзенштајн, Станиславски …), очигледно е дека нивната уметност е токму кршење на востановените правила, оние што ги напишале некакви тупоглави академски структури сакајќи да ја замандалат уметноста во рамките на нивниот ограничен светоглед. Но, од друга страна, ваквата „слобода“ во проценувањето на уметничките дострели не значи дека можат да се соберат пет некомпетентни будали – како што тоа обично се прави кај нас – кои потоа ќе делат „шаком и капом“ звања „слободен уметник“ или пари за „проекти“ на коекакви шалабајзери. Зашто токму таква е актуелната пракса на нашиов орган којшто замислува дека е Министерство за култура: во секоја комисија по неколку неквалификувани будали кои потоа, за добар хонорар, ќе мора да играат како што другите им свират! И ќе делат пари, ќе прогласуваат уметници, ќе делат пензии и ќе купуваат „ликовни дела“!!! Токму како во една „уметничка“ налудничава наопаку поставена држава. Алиса во земјата на чудата!

4.

На крајот и фактот што овој случај уште еднаш го потетенцира: дека за да некој биде прифатен / признаен за уметник, не е битно дали има соодветно уметничко образование или не. Некој, во случајов, ќе се направи паметен па ќе приговори дека комисијата на Универзитетот во Аризона фактички си ја оспорила дипломата на сопствениот факултет, зашто дотичната госпожа била нивни дипломец. Ама дали е баш така? Односно, повторно, уметничките факултети не даваат дипломи за уметници. Тие само потврдуваат дека некој стекнал знаења од одделна област – во случајов сликарство, а може да биде и која и да е’ друга уметничка дисциплина – и ништо повеќе. Или, погрубо кажано, дека некој станал занаетчија во таа област, односно го научил занаетот: да оптегне платно, да го препарира, да меша бои, да нацрта човечка фигура, да постави композиција (?) … и толку. Ниту еден професор не може да го научи студентот да биде – уметник! Ама затоа кај нас државата може да ве прогласи за „уметник“ низ различни смислени постапки и манипулации: низ годишни програми, низ разноразни конкурси, низ измислени процедури. И сето тоа со државен печат.

А што е уште пострашно, овие „ументици“ и се фалат со тоа, ги креваат носовите до небо не баре господ го фатиле за таквото. Да те прогласи за уметник едно полуписмено министерство, каква „чест“ и кеиф е тоа?

Оттука, цитираната УНЕСКО-ва дефиниција за поимот уметник е онаа битна основа од која што може да се појде во натамошното прецизирање на елементите – ако веќе толку ни се потребни – за статусот уметник. Во таа дефиниција битни се сите елементи, но посебно овој за којшто сега стана збор: за неопходноста од стручна, компетентна валоризација на нечија уметност, на нечиј уметнички статус! Сето друго е само волунтаризам, манипулација, фалсификат … преку којшто секој, и буквално секој може да биде промовиран во уметник за дневни, поединечни, групни, партиски потреби.

*

Но, повторно, не е најголемиот проблем во таа булумента „уметници“ што ни ја наметна Министерството за култура. Поголем проблем е она малцинство вистински уметници – не само со диплома туку со сериозни рецензии, награди, критики, признанија за нивната уметност – кое дозволува работите да течат на таков начин. Кое дозволува да биде стуткано во ордата некадарници, дури и често истуркано од нив на маргините на македонската уметност. И поголем проблем е нивното безрбетно подаништво за уште една книга или изложба повеќе, па нека е и кај Хорхета, нивното премолчено клечење во иста редица со останатата полуписмена сурија која по правило добива повеќе, а овие се прават дека тоа не го гледаат. И впрочем, вистинскиот уметник не се гледа само во творештвото, туку и во животот и моралот, етиката, честа, професионализмот што тој живот ги носи. Или не!

[1] Случај: 24 Ariz.App. 469, 539 P.2d 943

АМБИЦИОЗНИ ЗАНАЕТЧИИ

или

„УМЕТНИЧКА“ ДРЖАВА (4)

1.

Не знам дали кај нас навистина, се’ уште, некој паметен не може да направи разлика помеѓу уметник и забавувач, на пример, помеѓу уметник и неговата спротивност, помеѓу уметник и дилетант, арлекин … Не знам, ама прашање е и колку паметни луѓе останаа овде? Зашто, ако цениме според реакциите што ги нема …?! Но, секако, немам воопшто намера да ги потценувам напорите и резултатите на македонската естрада, на македонската забавна музика, на македонскиот аматеризам во која и да е’ област. Ама не можам да ги наречам уметници. Зашто тоа – не се. Без оглед што нашево Министерство со сите сили (и наши пари!) запнало да не’ убеди во спротивното. Ако, имено, една од навистина малкуте естрадни македонски ѕвезди, една од малкуте која заслужува можеби да и’ се додаде придавката уметник, вели дека не знае во која насока ќе се движи нејзиниот иден репертоар и кариера зашто „ние само ја следиме реакцијата на публиката“, дали тоа појаснува некои нешта? На Министерството, на пример, за да направи разлика?

Оттука, имајќи ја предвид нашата „дефиниција“ за поимот уметник и нејзината практична примена особено последниве неколку години, почнуваат дури и перверзно да звучат сите оние самонаречени културни политики,  „проекти“ и „фестивали“ на кои што оваа држава троши огромни пари, а под наводното мото за унапредување на културата и уметноста. Токму заради очебијното не само незнаење туку и несакање сериозно да се зафатат со ново, компетентно промислување односно редефинирање на сите аспекти на културната политика, а во тие рамки и на дефиницијата за уметникот и  нејзината практична примена, подразбирајќи тука пред се’ ригорозна дистинкција помеѓу кичот и културата, помеѓу уметноста и шарлатанството, нашево Министерство може да биде само министерство за не-култура!

2.

Но, останува уште еден суштински аспект: веќе спомнатата УНЕСКО-ва дефиниција на поимот уметник нуди уште една битна, можеби најбитна, круцијална разлика во гледањето / третманот на уметникот кај нас и во светот. Тоа е оној дел од дефиницијата каде што се инсистира на аспектот на валоризација, односно признание т.е. прифаќање на нечија желба да биде уметник. Тоа е делот каде што стои дека „Под уметник се подразбира секоја особа која создава или му дава креативна експресија на нешто, или пресоздава уметнички дела, која смета дека неговата уметничка креација е есенцијален дел од неговиот живот, кој придонесува на тој начин во развојот на уметноста и културата и кој е’ или бара да биде признат како уметник (потцртано мое!)…“. Преку ова децидно се појаснува дека не е битна само желбата и самосвеста на поединецот, туку побитна е свеста / прифаќањето / признанието на другите дека некој е уметник! Дури тогаш, и дури така, веднаш радикално се стеснува кругот на уметниците, односно од нашите потенцијални два милиони уметници прогласени со некаква ступидна дефиниција, бројот веројатно ќе се сведе одвај на стотина, во сите области и категории.

Зашто, веројатно, сите – и шуто и рогато, како кај нас – бараат да бидат признаени како уметници. Фактот дека тоа, на еден или на друг начин, им го признава Министерството за (не)култура не значи ама баш ништо. Со тоа можат само да се сликаат, евентуално за оние пасоши од „Фокус“, или дури ни за тие.  Тие навистина ќе бидат прифатени како уметници само тогаш кога компетентната стручна јавност ќе им го признае тоа! Тоа е исто со фактот дека најголемиот број (количински) на она ругло низ центарот на Скопје е дело на една личност, која што дури има некаква уметничка диплома. И таа може во нејзините партиски кругови да котира како не знам каков уметник, ама во рамките на македонската уметност таа личност е само уште еден промашен занаетчија со уметнички амбиции! А и сите други околу неа!!!

3.

Сето ова пак значи дека „цепидлаките“ во тоа УНЕСКО апсолутно го почитуваат сиот личен „ангажман“ и не спорат дека некој / секој можеби е уметник. Не, но тие, едноставно, бараат некој компетентен тоа да го потврди односно валоризира, односно бараат тој нечиј ангажман да биде признат како уметност. „Квака 22“? Се разбира, зашто светот не е налудничав како нас, па  заради диктатот на еден грст незнајковци во некое Министерство да прифати дека во државата сите се уметници!

Впрочем, овој механизам на валоризација ниту е нов ниту е непознат. Дури и кај нас. Зошто, на пример, за другите професии – лекар, архитект, економист, правник итн. – првенствено се бараат примарни, а потоа и секундарни (ако можат така да се наречат) докази за стручноста на поединецот? На пример, како примарен доказ може да се смета соодветната диплома (иако, кај нас, веќе ни тоа не е доказ за стручност!), а потоа и искуството – практично и теориско, објавени / реализирани трудови и слично. Зошто сето ова би важело за еден лекар, а не и за уметник? По што уметникот е различен од другите граѓани во оваа држава, па само преку неговата лична желба или намера ние треба да му признаеме дека тој е – уметник? Зашто, нели, ние велиме дека секој може да биде уметник, „независно од образованието, правниот статус, регистрацијата, државјанството, друг вид припадност итн“! Е, ама лекар не може да се биде „независно од образованието …“, нели? Зашто – а се изнагледавме и такви примери – ќе упропастува живи луѓе, а може и да ги направи неживи. Ама на необразованиот „уметник“ ќе му дадеме пари од буџетот за неговите поетски срања, за неговите имбецилни изложби, па ќе му дадеме статус слободен „уметник“, па национална пензија … И тоа да ти било во ред?! Иако, додуша, последниве години се изнагледавме и секакви идиотизми токму од „уметници“ со соодветно образование, и тоа баш во центарот на градот, па во музеите и галериите, па на нашите меѓународни „претставувања“ итн. (За оние кои имаат повеќе време: нека појдат до „Чифте амам“ и нека ја видат македонската „изложба“ што беше претставена во Виена – во македонската амбасада – а за која што веќе пишував. Е таму ќе ги видат „ремек делата“ на неколкумина наши „уметници“ со соодветно образование, дури и професори на ФЛУ!).

4.

Се разбира, историјата на уметноста, низ бројни примери, постојано ќе не потсетува дека образованието не е (нај)битниот предуслов за бавењето со уметност. И тоа било точно, и ќе биде точно. Иако се’ помалку и се’ поретко, денес, среќаваме сериозни уметнички необразовани уметници. Но праксата допушта и такви примери. Но таквите примери не можат да бидат пракса, односно праксата не (може да) се базира само на такви примери. Уште помалку да ги зема како модел за нормирање во културата. И тоа мора да (ни) биде јасно. Секој не е и не може да биде уметник. Како што и секој со уметничко образование не е уметник. (И повторно посочувам на личноста од т.3 и целата таа братија која настојчиво сака да се упика во македонската уметност). Или барем – добар уметник. Уметничката диплома потврдува завршено уметничко образование, горе-долу на ниво на занает, но не гарантира дека некој станал уметник! Уште помалку тоа може да го гарантира некаква ступидна законска норма во вид на неколку склепани неповрзани и нејасни формулации. Па и цела држава да се раководи според нив!

Токму затоа сериозните дефиниции за поимот уметник ја вметнуваат неопходноста од валоризација на нечии уметнички постигнувања. И таа валоризација не можат и не смеат да ја спроведуваат бирократи во некакво Министерство за (не)култура, уште помалку партиски полуписмени шушумиги кои појма немаат ни што е тоа уметност. И тие механизми на валоризација, или дури признавање ако сакате, не подразбираат двајца сведоци, или куп поблиски или подалечни роднини, партиска препорака или книшка и слично. Светот не признава такви „механизми“ на уметничко признание. А можеби и затоа во светот нема којзнае колку многу уметници?!

Но, претпоставувам дека токму оваа „дребулија“ е трн во окото на нашиве „стручњаци“: а кој е тој / тие што ја вршат уметничката валоризација односно „прогласуваат“ уметници? Та нели ние сме на власт, нели ние сме олицетворение на државата и нам ни е дадено правото (од народот, sic!) да владееме и признаваме се’ што треба да се признае?! И што тука има да се меша некој од страна? И впрочем, ова често сме го слушале последниве години за сите други животни сегменти, па не би ме зачудило и во уметноста да владее истата логика. Впрочем, таа е толку очигледна, насекаде околу нас.

Но, затоа, уште еднаш: дефиницијата утврдена од УНЕСКО и прифатена во светот не случајно останала во употреба цели триесет и пет години! Токму (и) заради такви како нас.

5.

Она што уште еднаш, за потврдоглавите, можеби треба да се дообјасни е фактот дека уметник не се станува ни со самиот чин на завршување на некоја од уметничките академии, па дури ни со фактот дека некој објавил толку и толку книги, приредил толку и толку изложби или снимил не-знам-колку филмови. Тоа се само прости податоци за нечија активност, ако сакате и кариера. Можеме дури да ја наречеме и творечка активност и творечка кариера. Но тоа автоматски не подразбира дека таа (творечка) активност е – уметност. И дека тој / таа е – уметник! Како што не значи дека и секоја будала која се појавува на телевизија или пишува во весник е – новинар. Та малку ли примери имаме за тоа годиниве?

Други инстанци, професионално обучувани за таа работа, проценуват (низ разни начини и форми) дали една активност е уметност или не. И каква уметност е’, ако воопшто е уметност!

Зашто токму нашата дефиниција и нашата актуелна пракса наназад толку децении промовираше (и тоа буквално беше производство!) активности од секаков тип во т.н. уметнички дејности. Најголемиот дел од тоа не беше ни на ниво на занает, а сосема мал процент може(ше) да влезе во конкуренцијата за уметност. Но ако тоа можеби и беше разбирливо за првите неколку децении по 1945-та година и неопходноста младата држава да изгради (и) уметнички систем, кому тоа му треба денес? И зошто? Да се создава партиска „уметничка“ каста? Кога уметност и уметници би се создавале со закон или партиски наредби, ние би биле светски шампиони по глава на жител. Впрочем, една од големите грешки на македонските еснафски здруженија (ДЛУМ, ДПМ …) е што буквално ги отворија вратите за сечии желби да бидат уметници, писатели, музичари … и во здруженијата да членуваат заедно. Затоа денес овие здруженија се претворени во збирштини од амбициозни занаетчии – иако некој не го заслужуваат ни тоа име – кои ги потиснаа малкумината вистински уметници и ги затворија дома. Секоја будала што напишала три стиха или еден расказ стана писател, секој туткун што имал една изложба во Свирипичино веднаш конкурира за во МСУ и Националната галерија. И ги примаат, што е најтрагично! А на „писателине“ дури им даваат и награди, државни.

Се разбира, процесите на зреење на еден занаетчија во уметник се долги и сложени. И тие сепак не зависат од нечија – персонална или групна (партиска) – поддршка и признание. Тоа е (и) процес на валоризација и ревалоризација, подложен на континуирани сомнежи, преиспитувања, дилеми … Но тој процес, ниту пак резултатите од тој процес, не зависат од некаков државен орган надлежен за културата и неговата умисленост дека создава – уметници.

СРЕДНОВЕКОВНА ЛОГИКА

или

„УМЕТНИЧКА“ ДРЖАВА (3)

1.

Не би било фер кон нашиве тапоглавци да се каже дека отсекогаш се знаело кој / што е уметник, а кој / што не е. Луѓето во средниот век не правеле таква разлика и за нив се’ било едно – и занаетчија, и сликар, и хроничар или илуминатор … сите можеле да бидат уметници, или да не бидат. Тоа не им било премногу важно. Но, веќе од Ренесансата наваму уметниците – сликарите, скулпторите, па и архитектите – настојувале да се одвојат и според името од останатите „слични“ професии. Историјата дури дава и конкретни податоци кога во 1360 година, од фирентинскиот занаетчиски еснаф на лекарите, аптекарите, сликарите и др., се издвоил специјален огранок само за „уметниците“, каде што членството било задолжително. Кон оваа дифиренцијација понатаму многу придонесуваат и академиите, па менувањето на пазарните услови и слично, но тоа е сепак друга приказна.

Или во музиката, иако  Библијата вели дека Џубал бил таткото на харфата и фрулата, тој сигурно не се смета за музички уметник, ниту пак сите оние кои низ историјата свиркале во некој инструмент. И музичкиот уметник е повеќе производ на Ренесансата, главно под патронатот на црквата и / или моќните кралеви / цареви, но секако во таа категорија не спаѓале и сите оние певаљки и забавувачи по европските друмски крчми и селски меани. Или пак, за споредба, ако се префрлиме на современ терен, што ќе се случеше ако Британија, на пример, прифатеше такво наше толкување на музичките „уметници“ и целата британска музичка индустрија – поп, рок итн., – ја префрлеше на државен буџет? Од Клиф Ричард, преку Битлси и Стоунси па надоле? Како што правиме ние со нашиве петпарачки „ѕвезди“? Ќе им останеа ли пари за нешто друго во културата? Ама британците не се луди како нас!

Аналогно, дали нашиве (не само правници) во Министерството за култура, ама и целата македонска (не)култура, се’ уште размислуваат како во средниот век? Па – приближно, односно знаењата им се горе-долу на тоа рамниште! За жал.

2.

Се разбира, ниту било ниту е’ баш се’ така како што мислат нашиве „стручњаци“. Светот сепак е малку посериозно место од нашава „видео игра“, каде луѓето не се расфрлаат туку-така со поими и дефиниции, особено не во така сериозни области како што се културата и уметноста.

Ако ништо повеќе, ако баш и не сакаме да копаме по книги и лексикони, во светот постои една реномирана меѓународна организација која што се бави со прашањата од образованието, науката и културата и се вика УНЕСКО. Нивна работа, меѓу другото, е и да ги појаснат нештата низ дефиниции, па луѓето прифатиле една таква и за поимот уметник: „Под уметник се подразбира секоја особа која создава или му дава креативна експресија на нешто, или пресоздава уметнички дела, која смета дека неговата уметничка креација е есенцијален дел од неговиот живот, кој придонесува на тој начин во развојот на уметноста и културата и кој е’ или бара да биде признат како уметник, без оглед дали е поврзан на каков и да е начин со вработување или здружување“ (УНЕСКО, Препораки за статусот на уметникот, Белград 1980). Прилично комплицирано, а во суштина едноставно, но и многу, многу различно од нашата „дефиниција“!

Ја давам оваа дефиниција зашто е се’ уште валидна и актуелна, обмислена од сите агли, издржана, целосна, ги зема предвид сите аспекти на уметничката работа … Се разбира, лексиконите, речниците и другите помагала дават кратки, збиени дефиниции од типот „уметник е особа што создава уметност“, или „уметник е особа чија работа покажува исклучителна креативност и вештина“ итн. Тие не помагаат во саканата насока зашто или бегло се концентрираат на најопштото („создава уметност“), или потенцираат еден, два битни аспекти („креативност и вештина“) итн. И чудно, никако не спомнуваат „авторско дело“?! Се разбира, уметникот сепак не е така едноставна работа како што замислуваат нашиве „стручњаци“. Токму заради тоа сметам дека дефиницијата на УНЕСКО сериозно и потполно го поставува поимот уметник, извлекувајќи ги односно потенцирајќи ги најбитните аспекти.

Прво, се разбира, и тие допуштаат дека секоја особа „која создава или му дава креативна експресија на нешто, или пресоздава уметнички дела …“ може да биде уметник. И тоа не е спорно, ниту пак некој смета дека тоа право е гарантирано само за некои, па нека се и врвни уметници. Понатаму, оваа дефиниција потенцира дека потенцијалниот уметник треба да „… смета дека неговата уметничка креација е есенцијален дел од неговиот живот …“, со што сака сепак да направи уште една сериозна дистинкција помеѓу него и оние т.н. викенд „уметници“ кои сопственото дилетантско бавење со „уметност“ во слободното време ни го поттураат под нос како наш императив. А „стручњацине“ во Министерството го издигнуваат на степен на државен интерес! Или, дали некој друг освен Министерството за култура можеби сериозно мисли дека нашиве „ѕвезди“ на кој и да е’ начин придонесуваат „… во развојот на уметноста и културата …“, како што бара дефиницијата на УНЕСКО? И во која тоа уметност и во која тоа култура придонесуваат, и на кој начин, сите оние (турбо)фолк фестивали широкоградо платени со буџетски пари? Или какви тоа „креативни“ културни индустрии од типот „Велосипедска, културно-рекреативна тура …“, или „Четврт фестивал на фигури од овошје и зеленчук Сочни фигури 2014“, или „Ре/дизајн на производи од здрава и органска храна“ и уште едно чудо други слични будалаштини, „развива“ нашево непрежалено Министерство за култура со буџетски пари?

3.

Оттука, нашата и УНЕСКО-вата дефиниција се разидуваат безмалу во сите  сегменти, што и не е за чудење кога се знае кој кај нас, и денес и вчера, се бави со нормирањето на културата.

Ние, односно нашиве, сметаат дека уметник се станува по желба. Доволно е таа желба да постои кај вас, ако е силно изразена дотолку подобро, и нешто сепак треба да сработите. Тоа „нешто“ може да биде сешто: да врескате мислејќи дека пеете, да шкрткате мислејќи дека цртате, да шкрабате мислејќи дека пишувате … битна е желбата и битно е делото (разбира се – авторско!) и вие автоматски станувате уметник. Тоа дури не мора да биде ни ваша основна ниту единствена професија. Вие можете комотно преку неделата да си работите во канцеларија, на нива, во бутик, а во викендите да врескате, шкрткате, шкрабате односно да бидете – уметник. И можете да барате пари од буџетот за своите „проекти“.

Се разбира, би можеле сегментарно до бескрај да го анализираме секој аспект на разликите во дефинициите, но тоа не би донело ништо ново. Тој што сака да разбере – разбира веднаш. Нашиве не сакаат да разберат. На страна тоа што се неуки, што не знаат, што се полуписмени … Основниот проблем е што тие не сакаат да се лишат од суштествениот механизам за манипулација – тие да оценуваат и проценуваат кој е уметник и што е уметност. И сето тоа да го подведат под нивните сељачки „стандарди“ и  партизирани „критериуми“ што ќе ја полнат сметката на сетинци и попадинци, на ојле и дојле, на секоја будала која или земала книшка или има чичко / вујко што ја има … Тие нив со субвенции, а овие пак ќе им враќаат низ разноразни проѕирни „донации“. Да се чудиш! Некултурата и кичот станаа секојдневие, заштитен знак за оваа земја. Или, во која друга земја фестивалите, безмалу сите до еден, би биле приоритет на Министерството за култура, па и на локалните власти? И тоа не само оние што наводно ја „слават“ уметноста, туку особено оние со апостроф на јадењето и пиењето (алкохол, се разбира) како македонски заштитен знак. И со тоа овозможувале, како што често велат, рамномерен културен развој и достапност на уметноста и на културата до граѓаните од сите делови на државата (?!). Та веројатно никој повеќе не верува во таа будалаштина?

А впрочем, како тоа оние десетици ракијади, пастрмајлијади, пивтијади, пиво фестови и скараџиски викенд шоуа се вклопуваат во најновите кампањи за здрава храна? Или тие се само начин здраво да се заработи?