Monthly Archives: March 2019

ВОЈНА БЕЗ МИР

Во рамките на (не)грижата на државата за културата, време е да се посочи уште еден лажен мит за кој што мораме да најдеме „лек“: оној дека секој, и буквално секој може да раководи со ресорот култура. Паметам дека јас се согласив се некои неодамнешни констатации на професорката Најчевска околу тоа дека, во основа, и не е битно кој поименично, па ни од аспектот на струката, раководи со ресорите кај нас. Ама тоа беше под еден услов: да имаме стручна, професионална и компетентна администрација! Тогаш навистина воопшто и не е важно дали министерот за култура е економист, градежник, електроинженер или некоја сосема друга професија. Раководењето со ресорот тогаш добива само политички и стратешки димензии, додека стручните работи ги врши обучената за тоа администрација. И тоа, и сега, не го порекнувам. Ама, кај нас, нели, секогаш има едно клучно „ама“, а тоа е: ние немаме таква стручна, професионална и компетентна администрација, особено не во Министерството за култура каде се’ уште владее полуписмената партиска војска на „независната“ пуфла и криминалниот букурештки пребег. Со која што, за живо чудо, еден „елитен“ и (не)културен дел од оваа власт сосема добро се разбира! Токму затоа беше / е’ важно ресорот да го води човек кој потекнува од културата, или барем знае што е култура, а особено ги знае / разбира современите теории за односите помеѓу државата и културата. Иако, нели, кај нас за ништо нема гаранции заради фактот што нема ни стандарди ниту пак критериуми кој со што се бави, и како, кој за што е компетентен итн. Ако треба јас да посочам кој дефинитивно беше најлош министер за култура од 1992 година до денес, покрај актуелниов, тогаш тоа беше Цветан Грозданов, човек токму од „врвната“ култура, кој немаше појма што е тоа култура и за што служи! А беше министер во клучниот за Македонија период, а направи хаос!!!

Затоа, јас можам вака да терам уште којзнае колку, да солам памет некому кој ни разбира ниту пак сака да разбере, туку има своја агенда и си брка работа. Ама, на пример, ако светот, па и ние, констатирал дека не е паметно воено лице да биде министер за одбрана, или полицаец да биде министер за полиција – заради разбирливи причини – а ние тоа сме го прифатиле, зошто ние не би биле доволно умни да прифатиме и дека министер за култура не може да биде човек вон културата? Да, тоа е меч со две острици, при што повторно ќе го посочам погоре спомнатиот пример на нашиот прв „министер“ по осамостојувањето, ама шансата за грешка е сепак многу помала отколку целосно некритичката и во основа неразумна одлука тоа Министерство да му се препушти на некој кој нема ама баш никаква врска со културата. Ниту имал. И тоа во констелација на се’ уште заробена (административно) држава, барем во културата, и не само таму, и натрупани проблеми кои еден таков министер не може ни да ги разбере а не пак да ги разреши. Поставен во еден таков сендвич, секој на тоа место би крахирал, со помалку или со повеќе лоши резултати, па затоа единственото што му преостанува е да тера некоја своја приказна – која што, пак, никогаш не е своја туку е партиска, а во случајов и етничка – и да чека кога ќе му дојде времето за разрешување и заминување на некоја нова функција. Таквиот тек на нештата буквално ја убива македонската култура. Ако тоа некој не го разбира … Да, знам дека тезата има прилично ементалер дупки. Една од нив е и катастрофалното наследството што ни го оставија дури и „министри“ блиски до културата (на пример вмронскине братучетки, и не само тие). Ама тоа беа, условно, контролибилни ситуации, неуки и во основа припрости „политики“, но со поправливи грешки. Тоа важи дури и за „Скопје 2014“! Нам сега ни се заканува не само повторување на тие грешки туку и нивно бетонирање како наша „автохтона“ културна „политика“. И тоа на долги патеки.

Затоа, повторно ќе се навратам на војската и полицијата, каде што и оваа власт постави министри кои во основа немаат (видлива, блиска и професионална) врска со ресорите, но се луѓе во кои премиерот има доверба и која што тие треба да ја оправдаат. И тоа го прават. Но, на пример, ако министерот за одбрана е цивилно лице, началникот на Генералштабот е по дефиниција воено лице, односно генерал во највисок чин. Зошто, случајно? Убаво прашање, ама ако дојде до војна, скраја да е’, цивилот нема три благе везе што треба да прави. А ние во културата дојдовме до степен на континуирана и јавно објавена „војна“ – нека е и со наводници, ама во некои области не е (на пример во заштитата на културното наследство, ене ви ја Матка за пример, па џамијата во Охрид итн.) – но сепак (се’ уште) ги толерираме состојбите такви какви што се. А тие се лоши, буквално и метафорички, ама ние дури и не сакаме да ги разбудиме институциите од нивниот длабок сон. Поточно, ако подрачјето на Матка како природен и културен предел не е мапиран од 1994 година, за која култура ние говориме, за која и каква заштита? Оттука, Толстој за нас е мало дете, ние во културата имаме само војна, и војна, а немаме мир. Мирот за нас би бил суштински, насушен, би бил посакуван миг на одмор и престројување и пополнување на силите и резервите. На македонската култура тоа и’ е неопходно. И да, тоа е мешање во политиката и политичките пазари кои што имавме прилика да ги гледаме низ годиниве. Ама тоа мешање е благородна интервенција, дури очекувана и посакувана од целата култура. Ако некој ни тоа не го гледа, не гледа ништо освен личниот интерес. Зашто, кој „некултурен“ политичар од македонскиот неук тип би ги разбрал контроверзите на спротивставените „концепти“ што со децении ја уништуваат македонската култура, а кои што – се разбира само делумно – ги опишав минатиот пат? Кој и дали воопшто ќе ја разбере потребата од соодветна европски насочена регулатива која ќе го штити и интересот на „државата“ (разбран како јавен интерес) и интересот на поединецот (уметник, културен работник, независна културна сцена итн.)?

Нашите лажни „културни“ митови, концепциски / „стратегиски“ и други, се измислени во поновово време за да служат на културните профитери од сите бои и видови. Особено партиски. Тие меѓусебе се разбираат повеќе и подобро отколку што ние можеме да претпоставиме. И нив во принцип не ги интересираат концепти се’ до мигот додека никој не ги чепка. Впрочем, како тоа упорно говориме само за урбаната мафија, а сите други некако ги заобиколуваме? Мислите културната мафија заработува помалку? Да, веројатно, ама кога профитот ќе го распостелете на неколку децении, континуирано, тогаш богами и не се така мали износите за кои говориме. Да не ги спомнуваме уништените вредности, се разбира, за кои велиме дека се бесценети.

(НЕ)ГРИЖА НА ДРЖАВАТА

Еден од најприсутните лажни „културни“ митови, дури озаконет и практично октроиран низ разноразни глупави форми што ги смислува Министерството за култура цели дваесетина години, е дека државата се грижи за целата култура па следствено ние можеме мирно да спиеме и ништо да не правиме во таа насока. Односно, треба само да смислуваме „национални“ проекти, колку повеќе толку подобро, да најдеме некоја добра дебела врска во Министерството и да ја протераме годината со прилично добра состојба на тековната сметка. Има и за „проектот“, и за вас, и за „соработниците“ … сите среќни и задоволни, а државата – најзадоволна. Ја извршува демек својата задача на општо задоволство! Иако после, од тоа, сите не’ боли глава. Затоа, сериозните култури, наместо да талкаат низ лавиринтите на глупоста на поединци самонаречени експерти со одвај една прочитана книга, па и таа преведена на македонски за да можат да ја разберат, поаѓааат од општите дефиниции на културата и понатаму ги развиваат своите стратегиски приоритети во зависност од степенот на развојот на одделни сегменти / области во културата.

Следствено, низ вкупниот повеќевековен развој на значењата на поимот култура, неговата модерна употреба Вилијамс ја сведува на (1) генерални процеси на интелектуален, духовен и естетски развој, (2) начин на живот на луѓе, на период, на група, и неговата најраширена денешна употреба како (3) дела и практики на интелектуалната и особено уметничката активност. Оттука и делумното поистоветување на културата со музиката, литературата, визуелните уметности, театарот итн., па и поимот „министерство за култура“ како (државна) референца на овие специфични активности – се разбира дополнети и проширени согласно секојдневните трансформации и дополнувања и на самиот поим. И сите негови значења, особено денес, се важни и се преклопуваат во разни насоки. Оттука, ваквата комплексност (и континуиран развој) на поимот никако не дава право за негова селективна односно ограничена употреба во каков и да е’ контекст, па ни практичен, што би рекле: за секојдневна употреба! Уште помалку дава за право расфрлање со искази од типот

И, се разбира, има уште многу такви или слични дефиниции кои што ние никако не сакаме да ги научиме, уште помалку да ги користиме. Неодамна, на пример, Ѕвездан Георгиевски ни посочи еден прекрасен пример на дефинирање на културната политика, оној на Toby Miller и George Yudice, каде се вели дека „културната политика се, всушност, институционални поддршки, кои од една страна се насочуваат кон естетската креативност, а од друга кон севкупниот начин на живеење – културната политика е мост меѓу овие два регистри“. Идеално! И така – повеќе или помалку – Европа ја гледа културата тоест културната политика. Ние културата ја гледа(в)ме како „творештво, објавување на уметничкото творештво и заштита и користење на творештвото“! Што ќе рече: ја гледаме културата бескрајно ограничено и до зла бога глупаво, па следствено и културната политика ни е таква. И тој лажен мит дефинитивно мора да падне, со овој министер или со некој друг, кога-тогаш. Зашто, со децении, односно од 1998 година, ја лаже(в)ме јавноста и ја маме(в)ме културата дека државата навистина (ќе) се грижи за тоа „творештво, објавување на уметничкото творештво и заштита и користење на творештвото“. А зошто, ве молам, државата би се грижела за „творештвото“ на некој Стојан, Адем, Јусуф или Милош, таму некаде во некое Свирипичино, или дури и во Скопје? Што има државата, што имаме ние од тоа нивно „творештво“, па да се грижиме за него?

За среќа, се надева(в)ме дека тоа време помина. Но, од друга страна, сепак мора да се постави прашањето: дали веќе тука, на стартот, се оцртуваа(т) нашите проблеми со перцепцијата на културата и разликите со европските текови на културните политики? Веројатно, зашто уште кога бевме озакониле таква ступидна „дефиниција“ за културата ние практично ги бевме поставиле погрешните смерници на државната политика во културата. Па оттука, дали (само) заради тоа грижата на државата се протегаше (само) на полето на она што Вилијамс го нарекува дела и практики на интелектуалната и особено уметничката активност? Не е само заради тоа, се разбира. Погрешните државни политики беа резултат на многу нешта: на сплет на историски (неуки) наследства, на инерција во толувањата, на современа неписменост и неследење на европските практики итн. Последната деценија ни беше дефинитивен показ за тоа. Впрочем, на што во културата може да се надева (современа) држава која што во дваесет и првиот век воведе категорија „национален уметник“? И толкав лелек кога тој комунистички анахронизам беше резолутно укинат? Но, всушност, ние никогаш и не сме биле современа држава. Не само во културата, туку воопшто! Иако има(в)ме светли (историски) моменти, не само во културата, ама тие дефинитивно ги поклопи мракот на изминатата деценија, на полуписмената братија заседната врз вратот (не само) на културата и уметноста и со пипци се’ уште распослани низ целиот државен апарат! А тоа, ете, со стекот на политичките процеси, продолжува.

Но, контратежата на онаа ступидна дефиниција за културата која што не’ вовлече во овој дведецениски мрак е едно еднакво анахроно разбирање на целиот однос култура-држава, изразен (не така одамна кај нас) низ флоскулата: „дали воопшто има потреба од државно мешање во културата и во уметноста“! Тоа се двете страни на истата глупава паричка денес нарекувана простотилак, незнаење, неукост за значењето на културата во една современа држава, за неопходноста на институционалните и креативните поддршки на културата, за вкупната вграденост на културата во системот на државата како нејзин темел, идентитет, развој. Тоа е исто како да прашате зошто на државата би и’ била потребна науката, или образованието, или здравството, во крајна линија? И зошто секој не би се лечел сам, со свои средства, ако ги има. А ако ги нема? Е за таа опција овој тип социопатски и културофобни „интелектуалци“ од погорниот тип не даваат одговор. А можеби ним им е важно само културата да не добива државна поддршка? Како што на оние другине, повторно социопатски „експерти“ што ни го скроија оној ступиден закон сосе онаа дефиниција за културата, им е веројатно важно да ја разводнат тоест релативизираат културата до степенот на нивните (не)разбирања, така што после тоа ќе можат да сместат се’ во ист кош. Обата се всушност лажни митови, со таа разлика што едниот успеаа да ни го продадат во онаа далечна 1998 година, а вториот се обидуваат, подолго време, но за среќа неуспешно!

Зошто го велам ова? Затоа што ние сме и буквално заглавени на таа раскрсница, на средината на тие котроверзно и дијаметрално различни концепти при што речиси е сеедно кој ќе надвладее. Обата се очајни, (само)убиствени, анахрони. И им одговораат на кознзервативните, неуките, нестручните сили во македонската култура. Двете варијанти се еднакво опасни и контрапродуктивни, но за среќа науката нуди и трети варијанти. Белки ќе знаеме што и како да избереме!

НЕПРИСТОЈНИ РАЗЛИКИ

Бидејќи веќе влегов во „светот“ на парите во културата но на едно друго, малку повисоко рамниште од она на Годишната програма, не е на одмет да се појасни дека, на пример, покрај основните проценки (политичка стабилност, правосуден систем, други општествени фактори) што влијаат на кредитниот рејтинг на државите влегува и културниот фактор. Можеби малку, дури минорно, ама сепак, нели, и културата (онаа во нејзиното потесно и нам омилено значење) е дел од системот и има удел во развојот на државата, сакале ние тоа да го признаеме или не. Па во оваа насока, мислите дека е случајно што меѓу десетте најдобро (кредитно) рангирани земји во светот седум (Норвешка, Швајцарија, Данска, Шведска, Луксембург, Холандија и Финска) се европски држави со најдобра културна политика? Не е, никако. А по нив се и Канада и Австралија – повторно две (мултикултурни) земји но со извонредно суптилна, рационална и современо развиена културна политика! (Прв според кредитниот рејтинг е Сингапур, ама за неговата културна политика не знам ништо). Впрочем, општопознато е, на кредитниот рејтинг на државата влијае вкупниот систем, а културата е во самиот врв на истиот. Барем во овие највисоко рангирани држави. Инаку, „зачудувачки“, нели, четири од најразвиените европски држави се (официјално) кралства, една е кнежевство (!), една (конзервативна) конфедерација, итн. Што ќе рече, балканскиот тип на „демократија“, комбиниран со мултикултурност, по логиката на нештата би требал да има и најдобра културна политика? Не, на Балканот ништо не функционира според логиката и рациото!

Затоа, кога говориме за систем, говориме за множествоинтерактивни и меѓузависни ентитети, мислиме на целост на принципи и процедури според кои општествениот механизам тоест сите негови делови фунционараат заедно во една држава. Го имаме ли ние тоа? Ни блиску, зашто нелогично, ненаучно односно неуко и секој за себе ги развиваме одделните делови на тој систем, на тој механизам, кој што, заради тоа, не е компактен, не е кохерентен, чкрипи, бревта, кочи, застанува, дури одбива да работи. Не можете во еден систем кој што треба да биде единствен да развивате (боже) економија од 21от век; правосуден систем од 19 век; култура од средината на дваесеттиот век; образование во вид на франкештајн со делови од 19, 20 и 21 век; наука на рамништето на просветителскиот период; здравство со бербери кои вадат заби и столари кои ампутираат раце и нозе; човекови права со исклучени цели заедници итн. Ако системот не се развива еднакво во сите сегменти, тој нема да функционира. Зарем тоа е толку тешко да се осознае?

Всушност, бидејќи, ете, кај нас економијата (велат) е нашиот најважен развоен сегмент, многу умни луѓе ги утврдувале врските помеѓу економијата и културата, а впрочем, сите сегменти ви системот интерферираат и влијаат едни врз други и одделни правила и процедури, па и резултати, се исти или слични. Или би требало да бидат. Елем, таква е врската / сличноста помеѓу политиката и економијата и политиката и културата. На пример, во односот на слободниот пазар. Капитализмот инсистира на слободен отворен пазар, без каква и да е’ контрола од политиката. Велат, економијата мора да се развива и функционира без стегите и диктатот на политиката зашто историските примери упатуваат на катастрофални резултати. Идентично како и во културата, каде што слободниот „пазар“ е услов без кој што не се може, како впрочем и слободниот развој на културата. Но, во праксата, речиси ниту една економија не е целосно ослободена од политички влијанија, како што и ниту една култура не е комплетно слободна во својот развој. И не може да биде, се разбира, барем денес и во блиска иднина. Целосната слобода, без политичка „интервенција“ и регулација, и во економијата и во културата води кон хаос, или неговиот братучед најчесто нарекуван монопол. И во економијата и во културата тоа е подеднакво опасно. Во економијата тоа значи монополизација на пазарот и следствено огромна моќ и заработка, а во културата тоа значи монополизација на духот! Обете нешта веќе сме ги виделе, сосе нивните „резултати“, па зошто тогаш повторно да ги гледаме? Зарем ништо не научивме од минатото? Или минатото не’ научи дека економијата не смее да биде диригирана, а културате – смее? И тоа од полуписмени персони и нивните анахрони (не)разбирања на современиот свет?

Понатаму, фетишизирањето на економијата и запоставувањето / потценувањето на сите други општествени сегменти води кон ригидни разлики. И кај нас, како впрочем и во светот, постојат државни претпријатија во економијата, како што постојат и државни / национални институции во културата. Зошто немаат ист, или барем сличен третман? Како, и зошто, сметаме дека македонската економија треба да ја воведеме во демократските односи на 21от век, а културата да остане во нерационалните стеги на нечии разбирања од средината на 20от век? Или, прост пример: како тоа она фамозно МЕПСО, што е компанија во целосна државна сопственост, може слободно, со наши пари, да купува фотелји од „телеќа кожа“ за десетици илјади евра, а еден национален музеј да нема пари да купи еден компјутер од 500 евра? Или колкав е буџетот на онаа Агенција за електронски комуникации во споредба со буџетот на еден национален театар, на пример МНТ? Тоа се вселенски разлики, неразбирливи за едно сериозно општество! Една важна државна агенција само на име провизија за платен промет троши 275.000 денари, што е повеќе од вкупниот годишен буџет на еден национален музеј кај нас, на пример, во Струмица, или во Струга; истата важна агенција само на име „други расходи“ (за кои што, патем, појма немаме што значат!) троши цели 27 милиони денари, колку што нема целата музејска мрежа за годишна програма!И некој сака да ми каже дека тоа е нормално, дури потребно?

А впрочем, кога сме веќе кај капиталот, и културата е некаков капитал, не само духовен, се разбира, и претставува дел од богатставата на државата. Па во тој контекст: постои ли некој во државава што има точна проценка за вредноста на културниот капитал во материјална смисла? На пример, објекти, опрема, збирки (музејски, библиотечни и други) итн.? Може ли некој да не’ просветли колку всушност „тежи“ македонската култура? Ако го немаме ни тој податок, а го немаме, за каква култура и каков културен развој (ќе) говориме? Или пак ќе ја повторуваме флоскулата дека нашето културно богатство е непроценливо, ама ние сепак решаваме да го препуштиме на пропаѓање, до целосна девастација?

ПОВЕЌЕ ПАРИ – ПОМАЛКУ КУЛТУРА

Кога се спомнуваат пари, кај нас царуваат едно чудо лажни митови, особено во економијата и културата. Во културата се’ уште царува лажниот мит дека парите се основата на културниот развој. Тоа ни исторски не е точно зашто културите се појавувале и развивале (но и умирале!) и пред појавата на парите. Но, точно е дека парите односно која и да е форма на материјална размена ја стимулира (и) културата. Особено денес, нема сериозна култура без сериозни пари. Ама кога велам сериозни пари не мислам единствено на количеството како единствен критериум за сериозност. Поточно, преведено на современ јазик, повеќе мислам на следното: колку поголем буџет толку побрз развој, но сето тоа би било / е’ само млатење празна слама ако распределбата на тој буџет за културата се одвива спротивно на нормалниот тек на нештата, спротивно на логиката односно волунтаристички, етно-партиски, криминално, со непочитување или заобиколување на каквите-таквите критериуми, со стимулирање на лажни вредности и слично! Таквиот пристап значи и стимулирање на самоволието на секоја власт и демонстрирање само на нејзината волја во распределбата на средствата, а не на потребите на културата и општеството во целина. Односно: тогаш го добивате она што ние го имаме денес – културниот буџет расте, културата се „смалува“. И затоа немаме развој туку имаме – назадување. Да, контрадикторно, нели, имате повеќе пари во културата, ама наместо прогрес имате регрес! Е па, и тоа го има и ние сме жив нагледен пример. Затоа велат дека парите и умот треба да одат заедно, зашто џабе ви е ако имате пари а немате ум. Како ние. Тогаш парите не ви вредат многу, ги имате ама ги расфрлате, таму каде што не треба!

Понатаму, и оваа Годишна програма, како и сите претходно, на дело покажа дека ние се’ уште живееме во анахроноста на поистоветувањето на културата и уметноста. Ние и понатаму главно говориме само за финансирање на уметнички проекти, кога говориме за културни проекти всушност мислиме на прч-врч или квазитворечки проекти, мислиме дека културата е задоволување на потребите на уметниците на оваа држава (небаре ги имаме илјадници, и тоа од светски глас!), а ги запоставуваме развојните перспективи, демократизацијата на односите во културата, департизацијата и децентрализацијата, интеркултурниот развој, културниот развој на неразвиените подрачја итн. Ние, за тоа, едноставно – (божем) немаме време. А всушност –  немаме знаење, а и она малку што го имаме не го користиме.

Понатаму, а во интерес на поткрепата на целосно погрешниот начин на распределба на културниот буџет, стимулираме некаква идиотска етничка и стручна „рамноправност“, при што не е битно ни кој и како ги оценува „проектите“, уште помалку врз кои и какви критериуми. На Надзорната расправаза културата во Собранието на РСМ слушнавме многу и за тоа, особено од претседателите / членовите на комисиите, меѓу кои некои не се стеснуваа премногу да кажат дека тие – ете баш тие, поименично, небаре станува збор за нобеловци – одлучиле тоа да биде така односно токму тие „избрани“ проекти да ги добијат нашите пари! Како да некој ги поставил таму да водат културна политика во името на државата. А така излегува, така ни се случува зашто тие кои треба да мислат – не мислат!

И повторно, се разбира, парите се еден од најбитните сегменти (и) во културата, како впрочем и во вкупниот развој на цивилизациите. Но, бидеји ние сме земја на апсурдни спротивности, кај нас често се слуша и контра тезата, дури и од универзитетски професори, од типот „дали воопшто има потреба од државно мешање во културата и во уметноста“. Тоа заличува како да се двоумите дали Земјата воопшто е округла или е се’ уште – плоча, ама и тоа е својствено за нашава средина! Таа и таква компарација ми се чини најсоодветна зашто не’ враќа векови назад, во некои мачни и мрачни времиња на човековата глупост. Иако, за волја на вистината, културата / уметноста, и во тоа време уживале сесрдна поддршка од благородништвото и црквата – двата најбитни „државни“ фактори! Затоа, впрочем, и дилемата: од каде доаѓаат ваквите ретроградни гласови, од кои и какви мотиви (про)излегуваат, која и каква им е целта, намерата? Глупаво би било човек да оди подлабоко во мотивите за ваквите истапи (на пример: неразбирање, одбојност кон културата, дури омраза и сл., иако не се невозможни) зашто, претпоставувам, интелектуалецот – а кај нас токму за него станува збор – не би можел / требал да се раководи од такви пориви. Инаку, кога сме кај мотивите за не(до)разбирањата за културата и уметноста и нивните допирни точки си државата, полесно „читливи“ се оние, а и најмногубројни, кои и денес додржуваат на социјалистичко-комунистичкиот курс наречен „култура за сите“ и „секому според потребите“. Нешто како нашиов „славен“ министер Адеми, кој така ја разбра културата и неговата улога во истата.(Иако, за волја на вистината, и тука имаше „делење“ според прилично скриени, поинакви „критериуми“!).

Инаку, кај нас, културата и уметноста во времето на социјализмот беа популарно прибежиште за полуспособните и неспособните, на мрзеливите и неуките. Уште тогаш, а имајќи ги предвид културните не-услови во кои што се развивала Македонија до осамостојувањето и формирањето на првата држава во 1945 година, културата беше едно од приоритетните полиња на развојот во државата. А во ситуација на дефицитарност на високообразовен кадар, особено во културата, државата морала да го прифати и она што во нормално време не би го направила – интервентно да ја пополнува културата со несоодветен односно приучен кадар. И кога тоа трае не само години туку и децении, кога дури и во услови на подобрување на високообразовната структура – па и во културата – се инсистира(ло) на партиско пријателски, роднински / роднокрајни и секакви други формули на пополнување на местата во културата (музеи, библиотеки, театри, заводи за заштита, архиви, музички институции итн.) како популарна форма на државно вработување, тогаш доаѓате до затнување на пропулзивната моќ толку битна во области како културата, добивате дури превработеност, и тоа со несоодветен или недоволно соодветен стручен, а често и тотално нестручен кадар. Што за културата, како впрочем и за образованието, науката, здравството … е самоубиствен потег на долг рок. А тој рок кај нас се развлекол до бестрага, еве го трае до денес, и ќе трае, сведочиме на тоа, и токму заради тој факт реформите во културата ни изгледаат (повторно) толку далечни, безмалу недофатливи!

Во една таква ситуација, а таа во реалноста е многу полоша од опишаното, а за која мојата дребност нема доволно умни зборови, самата култура е првата линија на отпорот, на не(до)разбирањата за нејзината суштинска улога и витални развојни правци. Оттука, според некоја искривена но за неа објективна логика, таквата „култура“ – во суштина ретроградна и штетна – очекувано влече назад, покажува отпор (видлив и скриен) кон секакви менувања на дефиницијата на културата. Но, велам, тоа би била една можна „дијагноза“ кога станува збор за лажните митови односно за не(до)разбирањата во културата кои доаѓаат од самата „културна“ средина. Ама, за жал, тие не се единствени, напротив. Не(до)разбирањата во / за / на културата и штетата што произлегува од истите многу често доаѓа „од страна“, од сектори вон културата, од економски центри на моќ и бизнис заедницата, кои се’ мерат преку економските параметри, ќарот и, за жал, невкусот што најчесто ги следи. Иако, можеби, некои од нив и знаат, на пример, дека Македонија нема таква фабрика или економски капацитет што би можел да му конкурира на еден Лувр и МОМА, на еден „Old Wick“ или не дај боже Миланската скала! Од каде тогаш таквата одбојност кон културата?

АНАЛФАБЕТСКИ КУРС

Да бидеме искрени, согледано од една поинаква перспектива, сите овие небулози не само со резултатите од годишнава Програма за финансирање на националниот интерес во културата туку и со целава последна година во македонската култура, па делумно и со таа пред неа, се уште еден прилог кон расчистувањето со нашите лажни митови за и околу културата, за нејзиниот третман од страна на државата (која пречесто се колне во културата како темел на македонската државност а реалноста е сосема поинаква), за нашиот божем посакуван современ, дури европски пристап и реформи итн. Веќе утре некој ќе се зафати со проучувањето (и) на овој сегмент од развојот на државата и ќе донесе свои заклучоци. Зашто, повторно, т.н. Преспански процес е само гола вода ако не е следен од вкупниот реформски развој на државата во сите насоки, особено во културата! Или, ако баш сакате, ќе биде и лута вода ако не биде поддржан од вкупната култура и процесите во него. Белки тоа ни е јасно, нели? А ова што ни се случува од јуни 2018 година наваму е показ на крајно импровизаторската „политика“ на државата во културата – односно, извинете, не сакам државата да ја постоветувам со Асаф ама него никако не можам да го согледам како нејзин претставник – нејзино препуштање на самоволијата на поединци и групи – етнички и партиски – и безочно расфрлање со буџетските средства наменети за општиот културен развој. Притоа, остануваат безмалу зачудувачки ненаучени лекциите од блиското минато – она против што, на крајот, во рамките на „Шарената револуција“, се крена целиот прогресивен дел на македонската култура – и тоа оние базичните, основните лекции за улогата на државата во развојот на културата и современите културни политики неопходни за нашето достоинствено приклучување во глобалното европско културно семејство.

Она што можеби е најзапрепастувачко е фактот како за само неколку месеци, после јуни 2017 година, се вратија во игра старите ритуали и митови во културата, оние од времето на вемерото и порано, и како преку ноќ повторно завладеа лажното царство на некултурата (не само) на државно рамниште. Дали тоа сведочи за силата, поправо за жилавоста на некултурата на овој простор? Веројатно, но само делумно. Зашто, мораме да се потсетиме дека смената на кормилото на културните процеси настапи заради чисто политички причини (иако многумина не баш го делат тоа мислење!) односно заради олеснувањето на Преспанскиот процес, што пак беше искористено за директен диверзантски упад на ретоградните сили во реформските процеси. Резултатите од тој упад ги гледаме денес, олицетворени во т.н. Годишна програма за финансирање на проекти од јавен интерес во културата во 2019 година, спроведена од „министерот“ Адеми и неговата партија!  И тука нема ни запирка, нема „но“, нема „ама“. Тој процес е директна контрареволуција, или контрареформација во однос на претходните реформски процеси во културата и тоа токму под плаштот на државната односно Владината поткрепа / закрила само заради фактот што министерот за култура автоматски е и член на Владата! Но, тоа е данокот на „големата слика“, или да парафразирам историски: данок во „крв“, зашто македонската култура, делумно и буквално, оваа контрареформација (ќе) ја плаќа многукратно и многустрано! Никако не мислам дека јас сум единствениот кој ова го согледува. Никако, но млитавиот и сегментиран отпор кон партиските и етничките самоволија и безочното трошење државни пари, нереагирањето или симптоматично безволното „реагирање“ дури и на таканаречена независна културна сцена, на самостојните уметници па и на Синдикатот … сведочи за мистериозна „воздржаност“ – ако тоа така може да нарече – на сите важни чинители во културниот процес. А тој филм, впрочем, нели го гледавме и во претходните дванаесет години? Или, повторно да парафразирам, се враќаме ли, уште еднаш, на омилената флоскула на едно минорно скопско кодошче кое цели 25 години, па и денес, ни дели лекција насловена „Ако ти е тркалезен кругот – ништо не си научил во животот“! А сепак, го сакале ние тоа или не, вистината е секогаш тркалезна зашто таа не е филм, не е театар, не е литература. Па така и културата, не како политиката, секогаш треба да биде тркалезна, инаку е крајно субјективна, искривена, волунтаристичка, и на крајот – криминална. А тоа некому му одговара зашто во матни води, велат, најлесно се лови. И повторно, таму, во таквите води, кругот е се’ само не е тркалезен. И тоа нема врска со творештвото, со уметноста, со вредностите … има врска со критериумите и стандардите што важат за сите подеднакво, има врска со моралот и етиката кои што се темелот на секоја култура или истата ја нема, има врска со честа и чесноста наспроти се’ она што беше наша „тркалезна“ реалност во времето на вемерото! Нам дефинитивно ни треба аналфабетски курс во културата на кој што ќе ги седнеме прво оние од Министерството за култура, а потоа богами и добар дел од македонската културна „елита“.

Надеж? Има, секако, ја има дури и таму каде што не се надевате. На пример, кој би поверувал дека советници во една македонска општина можат да донесат одлука во иднина нивниот град да престане да организира концерти на секакви извикани турбо фолк ѕвезди? Е ако ова навистина се случило, и тоа во еден Охрид, тоа може да биде првата лекција на аналфабетскиот курс и за другите македонски општини, може да има широко значење и да претставува далекусежен пример за тоа како се гради една (локална) културна стратегија! Но, зошто прашувам: кој би поверувал? Па затоа што Охрид навистина беше водечкиот град во државава по бројот на ваков тип концерти, некои дури и платени од државата или спонзорирани од „значајни“ македонски фирми под закрилата на небулозната „општествена одговорност“. Се разбира, заедно со Скопје, нешто како овој последниов концерт на оној Самарџиќ спонзориран како „општествена одговорност“ на една голема домашна фирма! Или претстојниот на некојси Саша Ковачевиќ, повторно спонзориран од уште една голема македонска фирма. Не умеат овие македонски гиганти да направат посреќен избор за да ги потрошат екстра парите што така лесно ги заработува од граѓаните на оваа држава? А да спонзорираат некој концерт на Македонската филхармонија со дела на Бетовен, на пример, или Малер, или некој македонски композитор? Или оправдувасњето е дека тоа во Македонија малкумина го сакаат, им велат нивните „стручњаци“ во фирмата, и секогаш има повеќе публиика кај тој Самарџиќ, или Ковачевиќ, а кај Бетовен – речиси никој!? Па токму тоа е проблемот, што таквиот „вкус“ и’ се нуди на публиката од сите рамништа на државата: од Годишната програма на Министерството, преку „политиките“ на општините, до „општествената одговорност“ на големите фирми! Затоа потегот на Охрид е значаен! Почетокот на аналфабетскиот курс во македонската култура ќе мора да опфати широк круг посетители и ќе мора да се справи со многу се’ уште живи – а богами и жилави – лажни митови од типот дека „Ако ти е тркалезен кругот – ништо не си научил во животот“! Напротив: во вредноста кругот е секогаш тркалезен. Само во кичот и криминалот делуваат оние сили што го растегнуваат до неговата непрепознатливост!

ПОСЛЕДНИОТ УДАР

За жал, изгледа дека онаа претстава на Министерството за култура во Собранието на РСМ со оскаровски улоги на оние вмровски државни советници и претседателите на комисиите, после вкупните катастрофални резултати од минатиот јуни до денес, ќе има и продолжение! А продолжението треба да биде последниот удар врз веќе стопираните реформи и (ќе) се вика: реанимација на стариот Закон за културата и дозвола за негово понатамошно деградирање на македонската култура, културните работници и уметници! Оној ист закон кој што не само Националната стратегија туку и вкупната културна јавност го прогласи за монструм, за анахрона сопирачка на сите позитивни развојни сили во културата, за смешка со која што некој се спрдачеше цели дваесет години со нас … Е тоа монструмче сега ќе се дополнувало и изменувало, ќе се шминкало и дотерувало за да одговара на некакви / нечии претпоставени или замислени желби и потреби, за некаква нова и современа (sic!) дорегулација на културата. И тоа ќе се прави покрај веќе готов нов закон, со две успешни јавни расправи по истиот, со позитивни оцени од сета културна јавност … Дури министерот ноншалантно формирал и посебна комисија за таа намена. Му фали уште само Фреди и сите заедно да ја запееме „We are the champions“ зашто нашата глупост е навистина безгранична!

Во некои црни и опскурни параноични сценарија човек прво би се запрашал дали ова навистина ни се случува, а потоа би почнал сомничаво да се врти околу себе и да бара некакви мрачни сили или жолти комбиња кои ги влечат конците во културата со една единствена цел: нејзино целосно уназадување и девастирање? Зашто, на пример, од каде, така одеднаш, онака „с неба па у ребра“, идејата за измени и дополнувања на СТАРИОТ Закон за културата? И за тоа новоформирана комисија, со министерски потпис? Има ли друг логичен одговор освен дека на културата треба да и’ се нанесе и последниот удар, а во името на некакви и нечии (за нас) нејасни и недефинирани цели? И зошто? Зошто, конечно, некому му пречат реформите во македонската култура, зошто им пречат новиот Закон за јавниот интерес во културата и веќе усвоената Национална стратегија за развојот на културата во Република Македонија во периодот 2018-2022 година? Ќе излезат ли, конечно, од сивите сенки и темните гливчешки дупки тие културни криминалци кои поттикнуваат и поддржуваат вакви ретроградни процеси? Кому воопшто му користи она ѓубре од закон наречен Закон за културата и кој тоа поттикнува такви идеи дека тој „закон“ може уште да се дополнува и менува и дека, дури, може да биде и функционален? Функционален – за што? За понатамошно маргинализирање, манипулирање и малтретирање на културата, за натамошно нејзинот криминализрање, за третирањето на културните работници како „услужни работници“ – чии, на политиката? – за понатамошна деградација не само на секој уметник и културен работник во државава туку и на вкупната македонска култура која што всушност ја одржала во живот оваа држава? Или навистина македонскиве политички партии и поединци во нив мислат дека токму тие се господовите посланици во одбраната на македонската кауза, која и да е’ и каква и да е’? Извинете, ама малку скромност не е на одмет, барем малку!

Конечно, морам(е) да го прашам(е) и ова: делува ли актуелниот министер за култура сам и на своја рака во овие крајно сомнителни и дубиозни процеси или навистина станува збор за – нешто друго? Не можам, и не сакам, и не само јас, да верувам(е) дека за ова има некаква согласност и од актуелната Влада која, кога беше најпотребно, доби безрезервна политичка поддршка од македонската култура. Верувам(е) дека ова е само некаков неук хир или лош совет, ако веќе не е криминална завера(?), и дека проблемот – ако воопшто го има – може да се реши на поинаков начин а не со продолжувањето на глупостите наместо реформите! Зашто, извинете, но враќањето на духот на стариот Закон за култура во современиов миг на македонската култура, особено после вакви севкупни катастрофални резултати на овој министер и со оваков етно-партиски начин на „распределба“ на средствата во културата, значи и оживување на старите односи, на старите поделби, на криминалите во културата. Тоа понатаму значи и допуштање на партиските криминалци од сите бои да ја тероризираат културата. А тие не се малку и не се немоќни, напротив. И да оставиме да се доупропасти илјадавековното македонско културно наследство, почнувајќи со Курбоново, Нерези, Охрид, Конески и Андреевски, Мазев и Чемерски, Чернодрински и Прличев, Миладиновци и Цепенков … ? Зашто ако некој ни ова не го гледа, не гледа ништо! Зашто целата повеќегодишна операција инклинира натаму, сакале ние да го признаеме тоа или не. Такви се впрочем резултатите, или резилтатите, како сакате. И ние упорно ги премолчуваме, упорно ја играме играта на „големата слика“ која никој ни ја видел ниту ја чул. На сакам да кажам дека таа „голема слика“ е приказна за мали деца. Таа, често, е приказна за – големи деца. Ако не ја гледаат, и разбираат, секако. Нашата, и не само нашата голема слика е глобалното општество каде што Македонија припаѓа по многу основи, иако многумина, па и актуелнитот „министер“, ако сакате, тоа и’ го оспоруваат.

Не со голем восхит или со којзнае каква адмирација, ама би ги парафразирал зборовите на судијката Кацарска: зарем на овој начин се сака и се штити културата во сопствената земја? Зарем со ретроградни одлуки и поддршка на регресивни процеси се поддржува развојот на културата во сопствената земја на нејзиниот пат кон Европската унија? И овде, можеби, најмалку говорам за актуелниот „министер“ кој не ги смислил, уште помалку може сам да ги реализира овие планови. Црните и во основа криминогени „културни“ сили во оваа држава, од кои што добар дел се кријат зад личните бенефити од практикувањето на власта на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и коалицијата, се апсолутната движечка сила на овие процеси. Власта мора да ги идентификува и исфрли од сопствените редови. Инаку, се солидаризира со нив во нивната историска превратничка мисија во оваа држава! А тоа, кога-тогаш, ќе биде предмет на сериозна, би рекол дури судбинска проверка.

ТЕАТАР ТРАГИКОМЕДИЈА

Оној театар во рамките на Надзорната расправа во Собранието на РСМ што го изведе советничката екипа на Министерството за култура под режисерската палка на министерот може уште отсега да конкурира за најдобра овогодишна претстава на македонските политички штици што живот значат. Иако темата на расправата беше „Културните политики и начинот на донесување на Годишната програма на Министерството за култура за проекти од национален интерес, со посебен осврт на реализацијата на Програмата за 2018 година“, советничките рестлови на злосторничкото здружение, така беневолентно оставени и понатаму да дивеат во Министерството од страна на оваа власт, изведоа едночинка на која можат да и’ позавидат македонските театарски ѕвезди, меѓу нив и многу познати имиња. Тоа беа плачки и кубење коси, крокодилски солзи и малтене повикување на Судот за човекови права во Стразбур, ламентации за забрани / оневозможување да си ја работат работата итн., речиси човек да се посомнева дека се’ уште на власт е токму онаа банда со украдено историско име. Дури човек да се подисплаши и дека случајов ќе се најде во извештајот на Стејт департментот на САД за човекови права за 2019 година. Па и да се праша зошто и како обично педантните за вакви „случаи“ САД ова го пропуштиле во Извештајот за 2018 година, а се сконцентрирале само на елементи од типот на Јово Превара, онаа Зафировска, Лаличиќ и остала криминогена дружина!

Елем, на пример, еден долгогодишен, да не речам целодецениски државен советник за заштита на културното наследство во времето на пуфлата не’ просветли дека во 2017 година дури му било забрането – аууу, јеботе! – да контактира со надлежните директори. А човечето е учител по историја, без ден искуство во заштитата на културното наследство!!! Ама ете, некој во сегашниов „режим“ изгледа го мрази, односно го мразел – секако ексминистерот Алаѓозовски – па не сакал да ги користи неговите „услуги“. (Зачудо, никој не се сети да праша како воопшто човечево, со сето негово незнаење, станало тоа што станало!). Ама сегашниот министер за култура ги бендисува неговите „квалитети“, особено актерските, и уште му дава плата (од наши пари!) како државен советник за заштита на културното наследство. А СДСМ тоа го гледа и – молчи! Веројатно заради „големата слика“? На една друга државна советничка, замислете, пак тој Алаѓозовски, и’ ставил шеф а таа тоа го доживувала како крај на светот. Иако и таа, како и нејзинион колега, во времето на пуфлата директно од небеса падна на фотелјата резервирана за државни советници! А и сега, како и тогаш, со сета нејзина „стручност“ собрана токму во времето на најкриминалната епизода во македонската култура, тврди дека е многу, многу тешко да се евалуираат проекти во културата – со што јас се согласувам, за неуки луѓе тоа е особено тешко! – а згора не’ просветлува и дека една од најважните задачи на Министерството е следењето на реализацијата на Годишната програма. Пази богати, нешто што можат да го прават и два-тројца приучени среднисти испадна една од најважните задачи на Министерството за култура? А всушност – да, за неуките луѓе (и) тоа е сепак голем проблем! За жал, повторно, никој не ги праша – а мораше – како тоа, покрај сите маки на кои што биле изложени од Владата на Социјалдемократскиот сојуз односно од нивниот министер за култура Алаѓозовски, ете, останале државни советници – што е највисоко звање во Министерството – и со огромни плати кои не ги заслужиле ни по еден основ, најмалку по основ на стручност и компетентност? И како тоа сега, со актуелниот министер, се вратија во форма и повторно го заиграа аналфабетското оро во културата? (Патем, да потсетам: пред извесно време напишав дека во фазата на подготовка на Националната стратегија и новиот Закон за остварување на јавниот интерес во културата, токму од оваа советничка композиција, буквално од сите, беа побарани нивни ставови, предлози и мислења за изработката на овие два клучни за Министерството документи. Тоа што беше добиено од нивната „стручност“ е за во музеј, или за во циркус, како сакате, и е вистинско огледало на нивната стручност и компетентност! Не знам дали е згодно да се објавува, ама тоа е вистинското cv на овие државни советници кои, повампирени, повторно држат лекции).

Како и да е’, целава оваа претстава, со главниве (советнички) актери од бившиот режим сега во (лојална) служба на актуелниов министер за култура, се одвива токму во пазувите на реформската влада на Социјалдемократскиот сојуз и нивните коалициски партнери. Што е зачудувачки, нели, имајќи ги предвид „резултатите“ што секојдневно ги испорачуваат овие и одиумот што го предизвикуваат во јавноста! Годинашнава Програма за финансирање на проекти од национален интерес е само еден сегмент во поразителната слика за македонската култура од јуни 2018 година. Ама, нели, театарот треба да креира друга слика, да измисли други виновници, ама проѕирнава спрега на „советнициве“ и актуелната врхушка во Министерството со секој нивни ппотег добива уште победни димензии.

За вториот сегмент – стручноста и компетентноста на комисиите што поделиле милиони и милиони – од оваа собраниска претстава веќе пишував, а богами пишуваа и многу други во државава. А учеството на претседателите на овие комисии на Надзорната расправа е уште еден безобразлук плус, зашто не само што ништо не појаснија туку речиси целосно ја соголеа сопствената нестручност и некомпетентност и ги урницаа тезите на министерот. Со ретки исклучоци (на пр. Петар Арсовски, како соодветен избор, кој патем појасни и зошто некои театарски фестивали не добиле средства, а што е редок случај во склад со битката за реформските процеси!), избраните „експерти“ на министерот главно пелтечеа и мрмореа едни исти флоскули, апсолутно не појаснувајќи зошто, на пример, од средствата за фолклор и музичка дејност се исплаќаат пари и на некакви телевизии (ТВ Глоби, 250.000 за „Истражување на културните и историски богатства на градовите“), или на фамозното здружение „Артал“ цели 3.500.000 денари ама на „Таксират“ само 500.000, па за целовечерен концерт на Ардијан Требица се даваат цели 500.000 денари ама за Меѓународен натпревар по пијано во Битола само 60.000 денари итн.; или како „стручната“ претседателка на Комисијата за музејска дејност ќе ги објасни парите дадени од оваа дејност на Факултетот за физичка култура од Тетово, или на телевизијата Гурра од Кичево за „Цртање на лицето на кичевската невеста …“ (700.000), или оние 700.000 денари за некојси „музеј“ на Зекирја Алији, или како некакво здружение од Кочани ќе изврши „Заштита на етнолошкото наследство …“, итн., итн. На крај, сепак, и за жал, останува фактот дека заедно со оваа Програма, сите актуелни процеси во македонската култура бележат неверојатно десно и премногу лесно свртување кон доскорашните волунтаристички политики на ДПМНЕ, сега поддржувани и дури стимулирани од наводно реформската власт на социјалдемократите. Се разбира, и овие случувања се лекции што треба да се учат, и да се проучуваат, иако, можно е, забрзаните процеси на целосна девастација од културата да остават само празен лист хартија.

ОЧИ ШИРУМ ЗАТВОРЕНИ

Ние дефинитивно имаме (пре)многу грешки во секоја смисла, ама уште од времето од кога си играме демократија имаме голема системска грешка која што политичките партии обилно ја користат зашто никој не им се спротивставил. А и да им се спротивставил, тоа секако ќе било некое неважно – иако за нив, за партиите, сите сме всушност неважни! – малцинство кое што, ќе речат, ете, претерува, бара невозможни нешта, нешта што ги нема на други места, во други демократии. Можеби е така, ама тие другите сепак имаат и традиција и искуство со вистинските демократии и таму нема потреба од неопходните проверки од овој тип. Говорам, имено, за надзорната расправа за културата во Собранието на РСМ, која што, во принцип, доаѓа апостериори, а е тип на расправа што треба да претходи на нечие именување на некаква функција, особено за министри во Владата на РСМ. Да, знам, тоа, во одделни случаи, би било катастрофално за владејачката партија / коалиција, која и да е’, ама е неопходно за демократијата, особено во случаи како нашиов. Или, ако сакате, ваква пракса веќе постои, ама само за идните амбасадори на државава, кои подлежат на „испитување“ во Комисијата за надворешна политика. Зошто само таму? Значи ли тоа дека „по дома“ секој може да не’ резили како ќе стигне, како што сега се случува со Министерството за култура, ама и со многу други министерства? И сепак, замислете, да имавме ваква јавна надзорна расправа пред именувањето на сегашнава постава во Министерството за култура? Ќе се случеа ли вакви трагикомедии на кои што сведочиме денес? Оваа системска грешка треба во блиска иднина да се корегира. Една ваква постапка пред некој министер или висок функционер да биде именуван е вистинска посакувана демократска алатка за зората на македонската демократија. Без неа – се’ е партократија!

Но дотогаш, сите собраниски комисии можат да го следат примерот на Комисијата за култура и нивната актуелна надзорна расправа за резултатите од конкурсот за Годишната програма за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2019 година, а кој што пример, ако не повеќе, тогаш во фарсична форма, и „во живо“, ни ги прикажува главните актери во Министерството за култура денес. И после се чудиме за состојбите? Згора на се’, и сите државни советници на бившата „госпожа“ пуфла, сега одлично организирани и инструирани во одбрана на Министерството и неговите катастрофални резултати! Па за таква претстава луѓе на друго место плаќаат дебели пари!!! Само не знам дали игранкава ја гледа и некој од надлежните во Социјалдемократскиот сојуз? Зашто ваква контрареформистичка пофалба на лудоста на „политиките“ на актуелното Министерство, а плукање по Владините заложби од пред година дена е – бисер на сезонава!

И сега, кога веќе ги спомнувам и овие – а ќе им посветам должно внимание на нивните „стручни“ ставови и понатаму – да се вратам за кратко на минатиот текст за волунтаризмот и опасностите што истиот ги носи во демократските општества. Исходиштето на волунтаризмот, имено, е во – незнаењето. Нема поголем „двигател“ за волунтаризмот од незнаењето, неукоста, нестручноста, непрофесионалноста. Тогаш, и само тогаш мислите дека се’ можете, дека се’ знаете, а всушност ништо не знаете и ништо не можете – зашто и за можењето треба знаење – но можете само да правите глупости и да си го докажувате себеси и на другите сопствениот аналфабетизам! А кој, инаку, освен аналфабета, би можел на глупости да потроши неколку милиони државни евра? Онака, без усул, без (само)контрола, без одговорност? Ете на тоа сведочевме, во најголемиот број случаи – чест на исклучоците – на првата сесија на надзорната расправа во Комисијата за култура во Собранието на РСМ. И тоа беше тажно да се гледа, и слуша, зашто тогаш на дело сведочите на (не)капацитетноста на тие кои наводно треба да ја водат државата во одредена област! (Онолку колку што издржав да доседам, ама ни тоа не беше којзнае колку долго. Ама беше трагично, до коска!). Сведочевме, имено, на тимско епохално незнаење, неукост и непознавање дури и на најважните документи од нивното ресорно Министерство: Националната стратегија, стари и нови закони, водење на културна политика итн! Катастрофа!!!

На пример, министерот за култура вели дека не го користел неговото дискреционо право (sic!, за кое тоа „право“ говори овој човек? да ни си ги донел парите од дома па може да ги дели како што сака, според своето „право“?), туку верувал во стручноста на комисиите? Па половината членови се со конфликт на интереси, другата половина се тотално нестручни за областа за која одлучувале. Јас би можел и поименично да посочам на конкретни луѓе, ама тоа би било непријатно. Тоа е сепак работа на понатамошната постапка на оваа Надзорна расправа. Но, на пример, во Комисијата за визуелни уметности, архитектура и дизајн нема ниту еден, ама ниту еден компетентен член кој би можел сериозно и професионално да одлучува за каков и да е’ проект! Поточно, еден графичар, еден „сликар“ и една модна дизајнерка (sic!), сите до еден анонимуси, се, во најмала рака, првачиња за таа работа. Ама министерот ги смета за – експерти?! Понатаму, во Комисијата за музејска дејност имате претседателка (повторно тотален анонимус) од национален музеј која одлучува за проекти и на својата институција! Како таа потпишала изјава дека нема конфликт на интереси во нејзиниот случај? Понатаму, во комисиите немате драматурзи, немате критичари од ниту една професија, немате теоретичари … ама министерот не’ убедува дека (повторно) сите биле – експерти. Па белки до денес научивме што значи зборот експерт? И конечно: како тогаш сите негови експерти се непознати за пошироката македонска стручна јавност?!?

Оттука, одбраната дека Годишната програма е потпишана со отворени очи – не држи! Односно, очите можеби и биле отворени, ама што и каде гледале? И кого? Она што го пишува во усвоената (по втор пат) Програма е ремек дело на тенеденциозност, нестручност, неукост … па, ако сакате, и на квалификации многу потешки од овие! И овој пат, како впрочем и цели дванаесет години во времето на злосторничконо здружение, очите на Министерството останаа широко затворени за вистнските потреби на македонската култура, за реформските заложби, за стручноста и професионалноста. И некој за ова мора да поднесе одговорност, политичка и секаква друга!

ОПАСЕН ВОЛУНТАРИЗАМ

И сега ние сите – и културата, и Владата и Собранието, но и целата јавност – можеме да се правиме и глуви и слепи, па дури и неписмени, ако сакате, односно дека ова што го читаме всушност и не го читаме, ама реалноста повторно е таа, една те иста, онаа како и пред околу еден месец. Тогаш, имено, се објавија „резултатите“, поточно верзијата на резултатите на Министерството за култура од Годишниот конкурс за финансирање на проекти од национален интерес, кога јавноста, или барем дел од неа, остана запрепастена од „културното“ ниво на Министерството и од веќе алармантниот степен на етно-партиските шмеќерлаци со културниот буџет. И речиси веднаш, по реакцијата на премиерот и на дел од стручната јавност, уследи ретерирање на министерот и правдање со некакви законски / конкурсни услови и правила небаре апликантите конкурирале за членство во НАТО, во Светска банка или во некоја уште понепробојна глобална асоцијација а не за средства за проекти од државниот буџет. Ама се покажа дека тој државен буџет и не е баш така државен, туку пред се’ е партиски, па етнички, па на крајот, во еден мал дел – државен, а ветувањата на министерот, па и на премиерот, требаа да ја задоволат културната јавност дека грешките ќе бидат корегирани. И еве ги корекциите, на показ и доказ како всушност во Македонија се делат не само буџетските пари за културата туку и – лаги. А се делат на истиот, опасно волунтаристички начин како и пред месец дена, со еден и единствен критериум: според етно-партиските преференци на врхушката во Министерството за култура, наспроти сите реакции и жалби, па дури и наспроти сите ветувања дека проблематичните „места“ ќе се разрешат на општо задоволство. Испадна дека задоволоството, повторно, е само на првите персони во Министерството за култура зашто сите, или безмалу сите небулози, идиотизми, волунтаризми, необјективности, неукости … останаа, ама некаква сатисфакција добија оние неколку погласни апликанти, а меѓу кои (оправдано) и Фестивалот „Златно славејче“, „Џез фестивалот“, „Макфест“, „Авалон“ и уште некоја ситна боранија. Но, се разбира, и – „Интерарт“, зашто инаку за што ќе беше она одењено кај министерот? И ова ли се „стандардите и критериумите“ што ги бараа дотичните персони од министерот и заради кои што со денови не’ гњавеа? Па имате ли малку срам, за 500.000 денари? Иако некои од дотичните преку леб бараа погача зашто, пред се’, парите ги барале на погрешно место, како на пример за театарски или уметнички проекти барале средства од интердисциплинарни проекти, мислејќи дека таму полесно ќе поминат? И ете – поминале, безобразно, необјективно, земајќи го местото на друг. Ама и овој дел од резилот е тотално рамноправен со резилот на „монографијата“ на Изет Цури (370.000), на пример, со „проектите“ на сите можни албански факултети, со парите за „сајт на годината“ (430.000), за „Форум за продукциски дизајн“ (500.000), за „Детско катче“ (585.000) … па за „Етнофест – пеливанството продолжува“ (700.000), па за „Музејот на Зекирја Алији“ (700.000), а има богами пари (120.000) и за „Денови на нарцисот“ во Лазарополе … ама за истражување на Скупи може и само со 200.000, за конзервација на фасадата на спомен-куќата на Стив Наумов може и само 280.000 (а биле барани 3.812.347), за Курбиново може и само 1.900.000 од барани 19.850.000 (извинете, но сигурен сум, се кладам дека тие и не знаат што е тоа Курбиново!) ама затоа за куќата на едикојси Даут Болетини во Гостивар може да се дадат 1.100..000 ит, итн.

И токму во контекстот на божемните погоре спомнати корекции е првата дилема што ја отвора оваа нова листа на желби на министерот Адеми и компанија: дали требаше целата култура да се помкне и да му се поклони за тој да го одврзе нашето ќесе и да ни даде нешто ситнеж, колку да не плачеме? А ако некој не сакаше да оди на поклонение? И кој тоа, и каде, утврди дека така се води политика во културата? Ако пак претходно спомнатите, во првата објава не добија средства заради недостаток на документи, зошто само ним им е дозволено повторно да доставуваат што и да доставувале, а не и на другите? Или во оваа држава нема право, ни правда, ни конкурс, ни услови во конкурсот, туку пари добива оној кој прв ќе се пожали, јавно, иќе отиде на ходочастие кај министерот за култура, па овој ако го бендиса – ќе се разберат? Можно ли е македонската култура и македонскиот правен систем да паднале на вакви ниски гранки? И можно ли е ние ова да го гледаме, слушаме и читаме и никој да не реагира? Дури ни премиерот, чии јавни инструкции беа сосема поинакви од ова што денес го гледаме? Или врхушката во Министертвото за култура е навистина недопирлива, заради „големата слика“? Ама која, по ѓаволите, е таа „голема слика“ која цела година дозволува такво малтретирање и девастирање на македонската култура, целосно минирање на започнатите реформи зашто тие едноставно не ги разбираат, делење пари небаре од дома донесени, „шаком и капом“ според лични и партиски преференци или диктат од некои и некакви сиви еминенции? Па извинете, ама за ова ли беше борбата по улиците на Скопје?

Но, парите се трошат а срамот останува. А останува и нешто уште пострашно: останува опасниот волунтаризам на министерот за култура и неговиот кабинет, како и сите оние во самата врхушка на Министерството за култура кои учествувале во оваа некултурна и, да простите, целосно матна зделка. Ако пак Владата се обврзала на некој начин да поддржува вакви зделки, тоа сепак е нејзин проблем. Но, и оваа постава во Министерството бргу ќе биде избришана, и заборавена, ама срамот ќе остане. Ќе остане и опасниот волунтаризам кој што, очигледно, опстојува и ќе служи за пример и на идните министри. Зашто, ако можел еден, зошто не би можеле и другите, кои и да бидат? И кој ќе смее да им забележи? За жал, ваквите примери станаа / стануваат  пребројни и пречести за да се толерираат. И прикриваат, без соодветна одговорност!

КУСИ ПАНТАЛОНИ

Нашата непостојаност и конфликтните ситуации, нашата (честа) контрадикторност – која што не е непознаница во проучувањата на културниот развој на човекот – сепак не е онаа од типот што влече напред. За жал. Нашава контрадикторност настојчиво влече назад. Особено денес. Зошто? Заради фактот што вчера имавме елаборирани, надминати состојби, денес веќе ги немаме. Денес сме вратени барем триесетина години назад, некаде во времето на македонските „етнички културни војни“, кога се објаснувавме што значи поимот култура, што поимот етничка култура, кои и какви се односите држава-култура итн. Овие луѓе денес во културата, во тоа време, веројатно уште биле деца или барем во куси панталони и си играле во (тогашната, каква-таква) сигурност на македонските градски маала. Денес треба повторно да објаснуваме дека овие и вакви контрадикторности произведени во македонската културна политика во изминатава година дена се резултат не на развој туку на назадување, не на прогрес туку на регрес што заради нечие незнаење скапо го плаќаме сите. И тоа не е во ред, и тоа не е конструктивен придонес во развојот на културата и целата држава, не е сериозно туку е шалабајзерско бавење со најважната за нас област – културата! Ако (и) тоа не го разбираме – ништо не разбираме.

Наместо нашиот светоглед, системот на општествени, правни и политички норми и „аранжмани“ да се одвива непречено, како на пример физичките закони на планетава, ние стануваме зависни од некакви меѓупартиски и меѓуетнички пазарења, главно неуки и во принцип неписмени, а на чело со некакви племенски поглавици кои работат во полза на нашата општа штета! Забораваме едно: дека македонската култура, разбрана во најширокото нејзино значење (кое што, за жал на неписмениве, ги опфаќа и образованието, науката, здравството, економијата, политиката … итн.) во однос на (само) европската култура, е се’ уште во куси панталони. Ние доцниме – и ова го пишувам по којзнае кој пат – најмалку половина век во вкупниот развој, во некои сегменти и многу повеќе, што значи дека една култура во (веќе) куси панталони не може, не смее да биде водена и од луѓе во куси панталони. Ако ги немате секој божји ден пред очи степенот на развој на културата во европските држави, ако не знаете како им функционираат институциите, ако немате поим како воопшто општеството се потпира(ло) врз културата во неговиот развој … ако не ја знаете меѓузависноста дури и на контрадикциите и културата … тоа значи дека не знаете ама баш ништо и само импровизирате. Или, што е уште полошо, а што денес ни се случува нам, сте ја оставиле културата на внатрешна етно-партиска ветрометина која што се покажува поубиствена од онаа идеолошкана од првите децении од втората половина на дваесеттиот век! Со, дури, тенденција за нејзино комплетно разнебитување.

Зошто го велам ова? Науката вели дека дури и контрадикторностите можат да бидат односно се’ полезни за развојот на културата. Низ нив се разбиструваат / расчистуваат редица дилеми, тие се резултат или предизвикуваат полеми и внатрешни конфликти кои што, понатаму, низ субстенцијалната динамика, носат видливи промени. Културите во принцип се подложни на контрадикции но и на континуирани обиди истите да ги трансформираат во своја добра страна, во полезни промени. Современиот свет, модерните политики просто „вријат“ од контрадикции, но контролибилни и менливи во полза на општеството. Особено, на пример, човековите права и слободи као дел од културата во поширока смисла. Но тоа се сили што го движат светот напред, барем културниот, оној на кој што сакаме и ние да припаѓаме. А тој свет никого не чека, како што впрочем не не’ чекаше ни низ изминатите децении и векови. Додека ние градевме идеолошки матрици во културата и уметноста (а и тогаш со луѓе во куси панталони!), додека потоа градевме (а всушност разградувавме!) етнички граници, светот иташе напред со невидена брзина. Особено во уметноста и културата, и тоа го гледаме денес. И повторно не учиме од грешките.

Оттука, можеме ли ние, овде и сега, покрај вака неуки, нејасни и самоволно и необјективно конструирани конфликти да очекуваме дека тие ќе дадат некаков сериозен иден плод? Не знам, не сакам ништо да тврдам, ама ова не (в)оди кон нешто добро. Зашто, ние, повторно, не говориме за некакви незначителни микрони или степени, или за краткотрајни напливи на волунтаристичко, самозадоволно и во крајна линија некоректно однесување во културата и трошењето на државни пари, ние сепак говориме за речиси едногодишно девастирање на се’ она што беше ентузијастички направено во претходната година, и тоа без збор објаснување, оправдување, аргументација (ако е воопшто возможна!). Ние, односно тие не’ враќаат на старите и веќе надминати состојби, особено во сферата на етничките културни „права“ неразбирајќи ги современите стремежи во културите. Ние, односно тие, заради нивните куси панталони повторно не’ затвораат во етнички трла наместо да не’ отвораат кон светот. А ние блееме небаре уште еднаш сме ја откриле топлата вода!

Најавената надзорна расправа за културата во Комисијата за култура при Собранието на РСМ влева зрак надеж дека сепак некој мисли сериозно да разговара за културата, иако јас одамна станав скептик во однос на можните резултати од таквите расправи. Но, подигањето на културата на степен на „проблем“ – со или без наводници – во парламентарниот дом е добар знак. Зашто, ако во принцип културата и понатаму молчи, некој треба да превземе одговорност. Тоа, во случајов, го прави Комисијата за култура во Собранието на РСМ. А онаа, да простите, заебанција, со оние (главно) белоглави (или празноглави, сеедно) визити кај министерот за култура и плачките за недобиените пари се жив срам и за тие таму и за целата македонска култура. Иако, во суштина, и тоа се „културњаци“ во куси панталони без оглед на бојата на косата, кои отсекогаш ја разбирале и ја практикувале културата исклучиво како – пари! Затоа, впрочем, и така добро, и бргу, се разбраа со министерот!!!