Monthly Archives: September 2019

СТОЛБ НА СРАМОТ

Неодамна јавно го поставив прашањето што може поединецот да направи контра овој „гламурозен“ кич во главниот град, контра „Скопје 2014“, или контра кој и да е’ план на власта – која и да е’ – ако таа навистина намислила да се однесува, или да не се однесува, согласно дадените ветувања и/или демократските принципи. Кај нас, сега и тука, како впрочем и пред неколку години, одговорот е еден и ист – ништо! И тоа е поразувачкиот факт не само во поглед на „Скопје 2014“ туку и во однос на сите политики на власта, која и да е’, во дадениот македонски општествено политички миг. И тоа е нашата алфа и омега, првата и задната страница на македонската демократија која што, за жал, се сведува само и единствено на ветувања и – неисполнувања на ветеното. И тоа така не може да функционира, ниту ден повеќе, без оглед што, формално, па и фактички, никој не обрнува којзнае колкаво внимание на гласот на јавноста. Тој поразителен факт е клучната точка на македонската демократија. Или ќе почне да функционира, или – не. Ама тоа не значи многу нешта, меѓу другото и губењето на вербата во потенцијалните демократски капацитети на државата, особено во времето на оваа политичка опција која сите сакаме да ја гледаме како социјалдемократска, како демократска во пошироката смисла на поимот, како „народна“ (што и да значи тоа!). Ако наспроти сите поединечни, (неформално но и формално) групни укажувања за сите злосторства на дотичното „Скопје 2014“, ако наспроти едно чудо експертски извештаи и елаборати и сериозни меѓународни упатувања на сите кршења на безброј важечки закони власта односно нејзините носечки институции остануваат глувонеми, тогаш логично е прашањето: за кого истите работат? Ако само јас, на овие страници, изнесував факти и аргументи за незаконската и во суштина штетната страна на овој „проект“, паралелно со отворен повик до надлежното обвинителство и неговиот прв човек, а сето тоа најбезобразно се игнорира, како да ја дефинирате таа ситуација? Ако кај нас, се’ уште, ниту еден официјален во тоа време орган или поединец не е ниту повикан на некаков разговор, да не речам распит, за каква правда и правосудтство говориме во оваа држава? Зарем криминалот на оној Боки Зеричи и неговите компањони со рекетирањето на некои бедни 2-3 милиони евра се побитни за државава од „Скопје 2014“ и украдените речиси една милијарда евра? Некој треба ли да одговори на овие прашања? Или – не?!

Сеедно, не дека и треба да се очекува којзнае каков спектакуларен одговор, но она што поединецот (се’ уште) може да го направи во интерес на правдата во оваа држава е да биде настојчив во јавното покренување на сите битни прашања / криминали сврзани со овој самонаречен и самонарачан проект, но и со посочувањето на главните виновници за целата оваа историска калварија на македонската култура, уметност, демократија, законодавство, правда … Зашто овој „проект“, и овој „проект“ поименично мислам дека вреди – според украдените материјални но и духовни вредности – многу повеќе од барем половината случаи покренати од покојното Специјално јавно обвинителство. Зошто? Мислам дека го знам, и барем го насетувам одговорот, ама коментарот ќе го оставам за некоја друга прилика. Или, само како навестување: убеден сум дека нашите правосудни органи се до толку неписмени за овој вид криминал што дури не умеат да ги согледаат ни неговите вистински димензии! Тие се тотално некомпетентни за оваа материја, ама не сакаат тоа да го кажат. Мислите дека грешам? Баш би сакал да слушнам противодговор!!! Поточно, ако грешам, ако тие се свесни за сите аспекти на овој мега-криминал, зошто тогаш не покренуваат случај? Има ли поголем криминално-политички случај, има ли поголем финансиски крминал, има ли поголем културен криминал во оваа и ваква јадна Македонија? Ќе гукне ли Јовески, или и понатаму ќе се вади на важноста на некои ситни шибицари од типот на онаа „медиумска“ будала?

Како и да е’, а имајќи ја предвид особено горенаведената причина, но и сите други, особено онаа дека контра ваков јавен, отворен, масивен и масовен криминал мора да постои соодветен одговор, можеби поединецот може посилно и поконсеквентно да влијае на јавното мислење во поглед на покренувањето на соодветни постапки контра сите учесници во овој мега-криминал, или кражба на векот, како сакате. А тоа може / треба да биде на следниот начин: макеодонската јавност мора да оформи столб на срамот на кој што со мрсни црни букви ќе бидат впишани сите главни имиња – учесници во овој криминал. Да, знам, секој полуписмен македонски адвокат ќе скокне и ќе свика дека тоа е прејудицирање на вината, дека секој е невин додека не се докаже спротивното, ама … центарот на Скопје најречито говори во полза на обвинувањата. Ама, нели велат правдата била слепа? Е па во случајов – не е! Или, ако сакате, за која и каква презумција на невиност можеме говориме за оној бандит во Будимпешта кој отворено изјави дека е творец на „Скопје 2014“, или за министрите во неговата влада (а особено за оној надлежен за финансиите) кои свесно и доброволно учествуваа во криминалот односно во неговото прикривање, или пуфлана како министерка за култура преку чии раце поминаа сите пари за овој кичерај, или за оние градоначалници на Општина Центар кои така беневолентно ги земаа незаконски доделените државни пари и ги расфрлаа на она ѓубре среде градот? Понатаму, на македонскиот столб на срамот ќе мора да се најдат и имињата на сите оние „стручни“ поддржувачи на шизоидното „Скопје 2014“, почнувајќи од онаа фарсична збирштина од разноразни „д-р“ директорчиња во Управата за заштита на културното наследство, па на националниот / локалните конзерваторски центри кои безрезервно го бришеа вистинското македонско културно наследство за да отстапат место за прогласување на новите вмронски идиотски „градби“ за ново културно наследство, па сета онаа македонска интелектуална фукара (филозофи, сликари, писатели, глумци и остала багра) која секојдневно, по налог на малоно фирерче, ја труеше јавноста со нивните славопојки во полза на неговата идиотштина, оние полуписмени „архитекти“ кои ни продаваа муда за бубрези тоест штали и колиби за постмодерна, оние провинциски историчари на уметност и критичари чии што перверзни тези тежнееа да го оправдаат грабежот и кичерајскиот криминал низ сите оние испрдоци што секојдневно ни предизвикуваат гнасење, кога и да ги видиме … Се разбира дека на тој хипотетички столб на срамот, апсолутно при врвот ќе се најдат имињата и на оние самонаречени (партиски) уметници чии што дилетантски „творби“ ни го засмрдуваат градот веќе толку години, заедно со имињата на оние општински одбори и комисии кои што им ги прифаќаа по цени недостојни за такви шутраци. А сите беа плаќани со државни пари небаре се најголемите светски мајстори на занаетото. А тие да ти биле мајстори на далаверата, зашто поинаку не би ни можеле да опстојат.

Заборавив некого? Можеби, ама историјата нема да ги заборави, во тоа треба да бидат сигурни зашто кога-тогаш на чело на оваа држава ќе дојдат посмели и поучени луѓе, посмели и поодговорни за судбината на идните генерации. И тие, верувам, навистина ќе го подигнат тој столб на срамот, зашто оваа држава имала големи срамови во минатото, ама друг културен срам од ваков формат – не! И тоа мора соодветно да се обележи. Она што малку „ме јаде“, иако немам за тоа лична причина, е следната вистина: дали идните генерации ќе ги поштедат и овие кои денес глумат дека не го гледаат оваа смрдливо гомно пред носот, кои едноставно, од неразбирливи причини, нне мрдаат со прст да се справат со ова зло наречено „Скопје 2014“? Или, и нивните имиња ќе се најдат на тој столб на срамот? Не знам, не сакам да прејудицирам, секој треба да мисли на / за себе. Ама сигурен сум дека тој ден ќе дојде!

(НЕ)ПОСТОЕЧКИОТ ЕСТЕТСКИ ИДЕАЛ

Ќе ја парафразирам неодамнешната утописка констатација на реномираниот македонски актер Ристановски дека „добриот театар е универзално разбирлив“ во една проширена „дефиниција“ дека во суштина Уметноста е универзално разбирлива, со сета потенцијална опасност за можните зајадливо саркастични „коментари“ околу современите уметнички искази. Како на пример оние со кои што е преплавен фејсбукот деновиве околу белградската ретроспектива на светската примадона на перформансот Марина Абрамовиќ. Или како и многу други пред него, а сигурно и после него, (ќе) сведочат дека „дефинициите“, желбите, очекувањата во поглед на Уметноста се едно, а реалноста сепак нешто друго. Некој ќе рече дека тоа сепак, генерално, е прашање (и) на вкусови, неопходни предзнаења, (пред)убедувања, отвореност кон промените во самата Уметност итн. Не би рекол.

Но, по којзнае кој пат самата реалност наметнува и едно големо „но“: велат дека и кичот – оној антипод на Уметноста – е универзално„разбирлив“! Типичен пример, во негативна смисла секако, е нашено налудничаво „Скопје 2014“, кое што може да служи како нагледен пример за сите дефиниции и објаснувања за приемчивоста на кичот кај широката публика, за неговата заводливост, зашеќереност, сентименталност и мелодраматичност, итн. А тоа е неговата вистинска сушност! Или, ако баш сакате, иако тој не говори само и единствено за уметноста туку повеќе за политиката, што нам ни е особено блиско, нели, Кундера вели дека кичот е естетски идеал во кој што „гомното е негирано и сите се однесуваат како тоа да не постои“! Има подобра дефиниција за нашево „Скопје 2014“? Нема! Зашто цела држава, на чело со цела една Влада, цело едно Собрание, цела една нова (или „нова“?) администрација се однесува како Гомното да не постои, иако тоа ни е под носот ежедневно, смрди – корне, сите го мирисаат и гледаат ама глумат дека тоа не е тоа што мислиме, дека всушност мирисаме некаков Chanel 5 или Nuit D’Issei, или нивна евентуална комбинација. Ама, кичот е тоа што е’, тоа што е наменет да биде – субститут, розови очила, славје наместо траор, манифест наместо тестамент – неговите пипалки ве опфаќаат од сите страни, ве милуваат и ви шепотат дека животот е прекрасен, дека нема проблеми, дека ние сме големи, дека ние сме среќни и весели иако некои немаат што да јадат, дека нашата историја е велелепна …Та зарем ви треба некаква Уметност што ќе ве разубеди тоест ќе ве убедува во спротивното?

Но, замислете, само за миг замислете нашиот Аце на Плоштадот да беше стокмен од некој светски уметник, ама како масовен убиец – што и бил, нели, ама ние сакаме да забораваме – со меч во раката под кој што паѓале и дечиња, семејства, народи … ? И дури и цел свет да го прогласеше тоа замислено дело за ремек дело на современата скулптура, ќе опстоеше ли кај нас подолго од неколку дена? Ќе се правдавме дека делото е агресивно, дури крваво, дека секојдневно го гледаат и деца, дека еманира такви и онакви сигнали / пораки, дека ова и дека она …! И ќе го отстраневме за три дена. Или замислете уште пострашна сцена: Аце наш да беше претставен во онаа негова „поинаква“ интимна, машка страна? Не ќе о(п)станеше ни ден, дури и да беше дело на еден Хенри Мур, на пример, или на Аниш Капур, дури и на Пикасо …! Ама затоа, она што сега стои на Плоштадот, оној огромен и смрдлив кич ни нуди една „херојска“ иако лажна приказна, не’ поистоветува со тој фалсификат јунак и (божем) ни влева самодоверба, смелост, борбеност … (божем) ни дава кураж, визија за Македонецот, сегашниов, иако никогаш не бил таков? Е тоа е работата на кичот, тоа е неговата основна функција, задача без која инаку би останал без работа! И ние тоа го обожуваме, нели?!

И да, знам дека повторно ја допирам контрадикцијата со првата констатација за општата разбирливост на Уметноста. Но, и тука има едно „но“: Уметноста бара познавања, претходни знаења, некаков „тренинг“, сака отворен ум, напор и разбирање, го бара она што ние го немаме, за жал. Ние во последниве петнаесеттина години имаме тренинг токму за нејзината спротивност, закичот. Тоа ни го нуди државата како некаква алтернатива, тоа е нејзиниот избор, ви се допаѓал или не. А кичот не бара ништо! Не бара никаков напор, уште помалку знаење, не бара разбирање – тоест го бара она најплиткото „разбирање“ – а за возврат нуди прекрасни розови очила со кои што животот е (барем) поднослив, ние стануваме прекрасни супермени и супержени, супернароди и супердржави! Та кој тоа не би го посакал!?

Кичот, велат, повеќе говори за посматрачот отколку за посматраното, за гледачот отколку за гледаното. Иако јас не би давал таков примат туку би рекол дека едновремено говориме за обете нешта. Но, конечното прашање е: сакаме ли навистина да бидеме кич град со кич граѓани, кич држава со кич народ? Не знам, немам егзактен одговор иако, според сите досегашни манифестации, веројатно многумина го сакаат тоа дури и не размислувајќи за суштината на посакуваното. Што и не е, можеби, целосно нивна вина зашто кај нас целиот систем започна да се престројувакон кич дестинацијата. Што беше незамисливо во оној никаков комунизам, нели?! Нашето образование произведува кич подмладок, нашата култура е пропулзивна за кичот … а тие де факто се темелот на секоја држава.Да не ја спомнувам политиката која целосно е кичизирана. Затоа, државата / власта е единствениот можен коректив. А тоа, секако, е пресериозна и прекомплицирана тема за расправа сега и тука, но „Скопје 2014“ требаше да биде таа очекувана пресвртница, дури и за кичот во политиката, за кој што така вдахновено пишувал Кундера. „Шарената револуција“ беше очекуваното и како од господ дадено антикич движење во секој поглед, кое што влеваше сериозна надеж. Од надежта, за жал, не остана ништо, дури ни нејзините носители (со мали исклучоци!). Останувањето на ова „Скопје 2014“ со ваква сушност и во вакви размери е дефинитивен пораз на државата, нејзината култура, нејзиното образование, нејзината политика … нејзините интелектуални потенцијали. А тоа, во крајна инстанца, за секој сериозен граѓанин на оваа и ваква држава е – катастрофална, неодржлива состојба!

Оттука, ни треба ли некој(а) македонска Грета Тунберг кој(а) ќе го крене гласот (барем) во името на децата и нивната иднина во поглед на кич окупацијата на нивното секојдневие и отсуството на вистинската Уметност од нивните животи?! И кој е тој, кои се тие кои што го имаат правото на младите да им го наметнуваат својот „вкус“ и кич-ракурс како јавно добро?!

ОПАШКАТА НА ВОЛОТ

И сега сите (ќе) се чудат што една пратеничка – се разбира не треба да прецизирам од која „партија“ – барала (па се премислила!) во ребалансот на буџетот да се предвидат 100.000 денари за откинатата опашка на оној продукт на „Скопје 2014“ кои сите милуваат да го нарекуваат скулптура „Бик“. Прво, никој на пратеничката не и’ објаснил дека тоа не е скулптура, уште помалку е – уметничко дело. За да биде едно од тие нешта, особено второто, мора да задоволи некои основни критериуми. Она чудо не задоволува ниту еден. И второ, на пратеничката никој не и’ објаснил дека тоа чудовиште не може да биде бик, туку само вол, зашто бикот е сепак нешто друго, а нашено е – типичен селски вол! И трето, прочитајте („Либертас“) како пратеничката го образложува своето барање. Вели: „Наместо да се зачуваат работите, се уништуваат“ (sic)! Па следствено, ќе бараме ли / ќе бараат ли пари, не мали, не колку за волот, и за обнова – да не речам реставрација, зашто тој поим сепак подразбира некаков квалитет – и на сите други испрдоци од малиот мозок на македонското фирерче? Ќе бараат, стрпете се. Се’ дури тој кичерај стои пред нашите очи, тие ќе бараат, ќе инсистираат, ќе пцујат и ќе колнат … веројатно се’ според диктатот на умоболникон, ама и благодарејќи на нашата необјаснива толеранција.

Оттука, опашката на волот ни станува некаква парадигма на целава оваа циркусијада со шизоидното Ск 2014, со сите опашки што го следат, ама за жал и со сите лажги со опашки што ги слушаме од власта во овие две-три години. Но, од друга страна, ако вие на луѓето не им објасните што е што, ако малоно фирерче трубеше на сите ѕвона, а сите македонски медиуми ја распростираа низ етерот свирката дека тој – ееееј, тој! – ни создал уметност / историја / идентитет и ни ги сместил во самиот центар на градот, што тогаш очекувате? Ако, повторно, никој на пратеничката не и’ објаснил дека оној тупав селски вол со типичен заматен воловски поглед, сместен кај „Пеко“, не е скулптура, не е ни споменик, а најмалку е уметност, што тогаш очекувате таа да мисли? Се разбира дека ќе мисли дека тоа е нешто вредно штом „државата“ го поставила, а оваа власт, дури и после сите нејзини протести, одлучила и понатаму да го чува! И секој друг, не само пратеничката, ќе мисли дека тоа во најмала рака е некакво значајно уметничко дело штом стои – добро, идиотски, ама таму е – во центарот на градот. Инаку, кој нормален би држел такво нешто на такво место? Ако никој на народот не се ни обидува да му објасни дека сето тоа е, прво, криминал од највисоки размери, потоа (второ) дивоградба (и тоа државна!), и трето (иако има уште) дека тоа не е никаква уметност, уште помалку јавна или споменичка, што очекувате луѓето да мислат? Што, патем, очекувате децата да мислат кога го гледаат сиот тој кич и криминал, несвесни што всушност гледаат односно незнаејќи дека сето тоа е олицетворение на кич и криминал? Се разбира дека (и тие, тоест тие особено!) мислат дека тоа е нешто вредно, дека така треба, некој родител можеби и ќе се излаже и ќе им каже дека така изгледа едно уметничко дело … и детето понатаму ќе живее со тоа убедување безмалу цел живот! И затоа државата ќе ни биде Шизниленд а народот шизни-народ!!!

Оттука, ако не за нас повозрасните, кои сепак имавме многу подобри развојни услови и значително почисти стандарди и критериуми за тоа што е уметност, тогаш барем за овие млади генерации кои веќе неколку години живеат со сиот овој кич околу нив некој мора нешто да стори во оваа насока. Ако тие деца, сега веќе прволачиња, а уште утре адолесценти кои (ќе) впиваат се’ како сунѓер, продолжат да го гледаат тоа ѓубре околу нив, како вие / ние ќе ги убедиме дека уметноста е сепак нешто друго, дека во Македонија постоеле / постојат и уметници-скулптори како Тодоровски, Хаџи Бошков, Маневски, Митриќески, Карадаре … па дури и скулптори од помладата генерација како еден Саздовски на пример, но ниту еден од оние партиципиенти во идиотското „Скопје 2014“? Како, и кога ќе им ја објаснуваме македонската уметност кога тие се учат токму на најлошите примери, токму на кичот како замена за уметноста? И кој ќе биде одговорен за тоа? И не ли е тоа исто како самата држава денес / утре на сите ѕвона да промовира лечење кај коекакви надрилекари и бајачи наместо во македонското здравство? Дали оваа компарација доволно добро ја отсликува реалноста со „статусот“ на „уметноста“ на ова проклето „Скопје 2014“? И / или ваквиот однос, ако баш сакате, во најмала рака е токму онаа (најблаго речено) дезинформација за која штотуку вчера говореа премиерот и претседателот на државата! Дезинформација пар екселанс каде што кичот се претставува како уметност, каде ѓубрето се плаќа со (огромни) државни пари, каде државата толерира докажан криминал и – свесно или не – го промовира како уметност!

И да се вратам на она со што завршив претходниот пат: зошто клучните македонски институции не смеат денес уста да отворат контра оваа македонска идиотштина? Па, прво, еден дел од јавноста има длабоки сомневања дека и тие, како можеби и дел од власта, имаат скриени афирмативни чувства кон овој Шизниленд, а сепак е рано тоа отворено да се каже, нели. Не се сомневам во тоа. Не се сомневам дека и во оние минатиот пат спомнати (врвни) институции клечат поклоници на кичот (не само) на „Скопје 2014“. Но, едновремено, ако тие сега почнат да го квалификуваат нивното милениче според други критериуми, секој нормален ќе праша: а зошто молчевте толку време? И зошто сега би ви верувале, нели?

Но, сепак, тоа и не е најважното прашање. Односно – е’, ама во контекстот на уште побитното: зошто дозволија / дозволивме ова да се случи? Факт е дека македонската култура / уметност беа целосно, неотповикливо, неспорно политизирани, партизирани, онеспособувани, деградирани, депрофесионализирани, уништувани … во времето на владеењето на духот на ова „Скопје 2014“, факт е дека тоа се случуваше и со институциите на системот. Но, повторно ли никој не е виновен? Дури ни за нечинење? А впрочем, кој би бил виновен, простете? Уметниците – кои јас (мислам со право) постојано ги прозивам; уметничките здруженија – за кои што исто така немам убави зборови, оние од типот на ДЛУМ, ИКОМ, АИКА, ААМ; МАНУ, ФЛУ … итн.? Поточно, ако институциите беа замолчувани, зарем и поединците не смееа да пуштат глас? Дури ни академиците, оние од областа на уметноста? Се разбира, ние ова ќе го третираме како споредно прашање, иако е клучно. Ако македонската култура, ако македонската уметност јасно и гласно застанеше контра овој кич што го труе јавниот простор на Скопје, ќе имаше ли надеж за спас? Не знаеме, се разбира, и нема да дознаеме, но секаде каде што има(ло) отпор – има(ло) и надеж, нели?

ЛОШИОТ ДУХ НА СК 2014

Ако некој се обиде да приговори дека состојбите во македонската култура во последнава деценија баш и не се така тесно поврзани со креатурата викана „Скопје 2014“, ќе биде само делумно во право. Тоест, ќе биде до толку во право што „Скопје 2014“ никако не е култура туку тоа е очебиен пример за – некултура, или поточно: некултурниот дух на таа креатура целосно и неотповикливо ја смени македонската култура и е дефинитивно нејзино лице, или попрво опачина веќе два-тринаесетина години наназад. И тоа, таа (не)култура е евидентна во секој нејзин сегмент, во секој настан, манифестација, книга, претстава, филм … произлезени од тогашните македонски (не)културни институции. Поточно, кога културата станува некултура, уметноста (безмалу) нема избор туку се приклонува кон општата тегобна атмосфера, кон општата некултура, кон општиот кич во општеството отсликан во секое негово делче, почнувајќи од државниот орган надлежен за работите во културата (и во уметноста, секако) па понатаму, до финалниот културен односно уметнички производ како типичен производ на своето време. И за тоа го имате на увид и голеееемиот пример, целиот кичерајски дух на самонарачаниот и самонаречениот проект „Скопје 2014“, но и неговите најмали, најситни пратечки елементи – оние дебилни „сувенири“ изработени во илјадници примероци и потрошени преку 300.000 евра буџетски пари, а кои што се’ уште можат да се најдат во продажба низ Скопјево, а веројатно и низ внатрешноста. Е кога македонската уметност ги дозволи тие две крајности – голеееемото и малото „Скопје 2014“ – кога македонските (самонаречени) уметници не пуштија глас контра таквото тотално деградирање на уметничката професија и (нека се и скромните) традиции на македонската (ликовна, визуелна, споменичка, јавна …) уметност, тогаш за каква уметност воопшто и можеме да говориме? Кога македонското издаваштво и македонските писатели сведнаа глава пред голеееемите издавачки „проекти“ на тогашната малоумна македонска Влада, кога македонските музејски институции дозволија Министерството за култура да им ги бира делата за нивните збирки, кога македонските скулптори прифатија оној налудничавион бегалец да им ги оценува скулптурите и да им нуди готови решенија, кога македонската архитектура не само што го дозволи тоа проклето „Скопје 2014“ туку и комплетното пресоблекување на ремек-делото на Муличковски … тогаш за каква македонска уметност може(в)ме да говориме?

Историјата на уметноста е (и) историја на поклонувањето / приклонувањето на уметноста кон силата и парите. Особено од Ренесансата наваму. Но, Модерната и современата уметност се (и) историја на отпорот на уметноста / уметникот контра тие доминантни стеги. И тоа е успешна приказна во светски рамки. Освен кај нас. Кај нас се’ уште владее властелинскиот систем и логиката дека кој ги има парите е господар на нештата – од човековите права, правдата, културата, уметноста … Впрочем, една наша локална будала, инаку голем миленик на бившиот режим, не случајно јавно го прогласи тогашниот премиер за мецена! Како да тие пари, како целиот државен буџет да беше негова / нивна своина, како да го беа донеле од дома, па следствено и неговата распределба зависеше само и единствено од нив. Се разбира, таквиот систем мораше да се простре низ сите сегменти во државата, па следствено и во културата и во уметноста. Така и бидна, а како еталон мерка служеа искуствата токму од ова „Скопје 2014“, од неговите наместени конкурси, од неговите лажни калкулации, од ефтините материјали за прескапи пари, од „светските“ фондерии со десеткратно повисоки цени од еднаквоквалитетните домашни или соседни, итн. Точно во истото тоа, во мултиплицирана приказна ала „Скопје 2014“ се претворија и македонската култура и уметност одтогаш наваму. И таа приказна некогаш одеше постапно но некогаш наврапито и сосила, но секако систематски уништувачки и потиснувајќи го секој пројавен инакумислечки дух во државата. Прва на удар беше критиката – одамна веќе во Македонија не постои сериозна стручна критичка мисла ниту во еден сегмент од уметноста, потоа следуваше брза кадровска замена на сите „поинакви“ од оние кои се лепеа на провинцискиот партиски дух на режимската врхушка, полека се вршеше (кадровски и финансиски) притисок врз клучните македонски уметнички институции, се’ додека целата македонска култура и уметност не клекнаа на колена пред властодршците! Македонската култура и уметност останаа голи и боси пред надојдувачкиот провинциски бран олицетворен во една дузина малограѓани со сосема скудни, да не речам никакви знаења за културата и уметноста, реномираните македонски уметници – не сите, сепак! – одеа на поклонение, поединечно или групно, како еснафи, пред полуписмените имбецили стокмени во костуми „а ла франка“, пред пуфлана и нејзините ташни на кои што и оној Б уште и’ завидува, пред најнеспособните во професијата, па и вон неа, како на пример пред онаа учителка по биологија во Националната галерија! Ја шетаа барабана по сетови, и’ ги бутаа децата на думкање на пуфлата. Која беда и јад! Е тоа е македонската културна и уметничка приказна во времето на она „Скопје 2014“ која што некој / некои настојчиво се трудат уште да ни ја држат под носот, да не’ потсетуваат на неа односно да ни ја нудат и како сегашна можна варијанта во културата и уметноста.

Духот на тоа „Скопје 2014“ се одржува и денес во негувањето на необјаснивото отсуство на критиката, во отсуството на професионалноста, во немањето дијалог за најбитните културни и уметнички прашања во оваа држава. Оние малкумина среќници кои можеа да присуствуваат на дијалогот помеѓу Ед Лахман и Фатих Акин на годинашниов Фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ знаат за што говорам. Говорам за сето она што ние го немаме, а сме го имале, можеби не во тој светски формат, но сепак. Говорам за високопрофесионален, отворен, срдечен, стручен дијалог за технички и естетски прашања во филмот, на пример, но и во сите други уметности. Говорам за размена на мислења, за master class на отворена сцена, за големи мајстори кои умеат да примат и дадат совет, јавно. Кога сте слушнале две простопроширени, па дури и прости јавни реченици на нашиве филмски „богови“ кои катагодишно го јадат државниот буџет за филм, а да кажаното не е само и единствено во нивна полза и самопроектирана големина? Кога последен пат сте прочитале – со чесни исклучоци – сериозна студија за која и да е’ уметничка дисциплина кај нас, или нека е критика за изложба (книга, претстава …), или продуховен, професионален, стручен разговор со директор на некоја македонска уметничка институција? Македонските уметнички институции, дури и врвни од форматот на МАНУ, па Факултетот за ликовни уметности, па оние силни професори по уметност поединечно, па македонските уметнички музеи и асоцијации не отворија / отвораат уста (не само) контра ова „Скопје 2014“ не само во екот на неговата реализација туку и денес. За нив, изгледа, тоа е завршена работа. А ако е така, што тогаш ние поединечно би можеле да сториме?

Но, тука (повторно) има едно „но“ кое што, можеби, го објаснува нивниот молк. За тоа – следниот пат.

ДИМЕНЗИИ

Уште еднаш, за крај: ако ние не ги разбираме сите димензии до кои што допираат аспектите на ова „Скопје 2014“, а понатаму и последиците што тие со себе ги носат – не разбираме ништо. Ако ние не ги разбираме идентитетските, историските, образовните, културните, научните, – нема да ги спомнувам законските зашто претходнине се многу, многу посилни! – аспекти на мега-креатурата сместена во централното градско подрачје, тогаш ние и не заслужуваме подобро. Ни подобар град, ниту подобра држава. Градот, овој град и понатаму ќе ни се вика Лас Вегас на истокот, државата Шизниленд а ние нејзини шизни-граѓани, и тие се, одамна, меѓу најточните формулации, дебело заслужени. Но и тие, всушност, се втопија во општата шизофренија и едно чудо други слични по сила формулации, што веќе се’ почнува да заличува на една голема фарса. Сакам да кажам: ако немаме правна држава – немаме држава, ако немаме образована држава – немаме држава, ако немаме културна држава – немаме држава … и уште редица други нема-нема, сите точни и неспорни. Но, би рекол, оваа чудовишна инсталација, барем за мене, е врвната синтеза на нашата глупост, ги обединува сите, или повеќето наши лични но пред се’ државни промашувања. Ние, де факто, немаме таков и толкав криминален случај кој во себе ги содржи сите суштествени аспекти за опстанокот на една држава. Намерно не велам народ, зашто некој ќе помисли дека ја ограничувам „приказната“ само на македонскиот народ, а „Скопје 2014“ не е (само) тоа. Колку за пример, упатувам на оној т.н. плоштад ни на небо ни на земја кај споменикот на Скендербег на почетокот на Старата чаршија што, дефинитивно и званично, е (и) дел од она чудовишно „Скопје 2014“. Ако некој од албанските колеги, не само историчари на уметност туку и уметници, философи, теоретичари, активисти … ја сметаат таа „инсталација“ за современ прототип на актуелната јавна албанска уметност, за потенцијално „творечко“ согледување на албанската историја, уметност, сегашност и иднина … тогаш јас немам апсолутно никакви забелешки. Или – имам, ама тие се апсолутно идентични како и оние за „македонскиот дел“ на „Скопје 2014“! Ни повеќе, ни помалку. И впрочем кога во контекстот на еден град, главен град, ќе чуете / прочитате една таква формулација за „македонска“ и „албанска“ уметност, историја, сегашност и иднина, безмалу се’ е јасно. За жал – во негативната смисла на зборот!

Но, не се сметам себеси за целосно компетентен за историските (или митоманските, ако баш сакате) приказни (иако, со некои актуелни македонски историчари ми е под чест да се споредувам), идентитетските (можам да посочам редица сериозни македонски интелектуалци кои пишуваа за ова прашање, на пример г-ѓата Колбе, но и многу други), архитектонско-урбанистичките (г-динот Грчев но и редица помлади македонски архитекти и урбанисти) … и уште цела плејада македонски интелектуалци кои потрошија години објаснувајќи ги сите негативни аспекти на оваа македонска политикантска креатура. Се разбира, уште помалку се сметам за компетентен за уставно-правните детали што се одамна загатнати со самото бесправно започнување на реализацијата на ова чудо (иако и тука немам ама баш никакво разбирање за општиот молк – со мали исклучоци – на правната професија во државава). Затоа, ќе се задржам на културните и уметничките аспекти, како човек, како истражувач на културата на оваа земја, како критичар и историчар на уметноста кој повеќе од педесетина години се бави, меѓу другото, и со прашањата на јавната уметност, итн. А јавната (особено споменичката) уметност не е детска игра, уште помалку е играчка за приучени политичари и нивните полуписмени „експертски“ тимови, зашто тие сериозно имаат недостаток од општи и стручни знаења во сите области, па и оваа, немаат поим што е тоа јавна уметност и какви се’ кобни грешки можат да произлезат од нивните дилетантски одлуки!

Но, впрочем, општа беше / е’ констатацијата дека културата и уметноста на оваа држава, покрај правната држава, беа првите и најголемите жртви на минатиот режим. Жртви кои што до денес не можат да се опорават, жртви чии што развој не беше само успорен односно целосно сопрен туку беа комплетно ретроградно ориентирани, уназадени, вратени неколку децении назад во минатото. Такви беа „стандардите“ и „критериумите“ на „стручњаците“ на режимот, толку им фаќаше умот на партиската врхушка. За нив културата беше првенствено манипулативна алатка за промоција и устоличување на полуписмените партиски пулени, а институциите во културата, заедно со државниот орган надлежен за работите во културата, беа партиски играчки за задоволување на сите нивни желби, особено криминалните. Впрочем, само така и можеше да биде смислена, организирана и реализирана таква монструозна идеја како „Скопје 2014“: со сесрдна финансиска и логистичка помош од Министерството за култура, од Управата за заштита на културното наследство, од Националниот конзерваторски центар, од Градскиот конзерваторски центар, од Музејот на Македонија, Музејот на овремената уметност, Националната галерија … и сите тамошни полуписмени назови директори, обилно поткрепени со „експертизата“ од едно чудо „видни“ дилетанти во сите области – археолози, историчари, историчари на уметност, уметници …! Цела една малоумна партија закрепостена во една перверзна идеја за уништување на меморијата на еден град, на една држава, за нивно целосно преобликување според своите умоболни соништа. И за пљачкосување, се разбира, како дополнителна активност. Кога така ја согледувате таа суштина на ова проклето „Скопје 2014“ – а не можете поинаку, зашто тоа би била намерно извртена перцепција! – тогаш сосема соодветно ви изгледаат и сите оние навидум форсирани споредби со еден друг умоболен систем роден, и за среќа одамна погребан, во срцето на Европа во триесеттите и четириесеттите години на минатиот век. Оттука, кулисите на ова проклето „Скопје 2014“ се кулисите на тој умоболен наметнат систем, кои сегашнава власт премногу беневолентно продолжува да ги негува. И не само градбите, туку и идеите и нивните промотори, особено во културата! Затоа, впрочем, македонската култура и денес го има тој и таков образ – или го нема вистинскиот, како сакате – кој што не’ резилеше секаде во светот. Не’ претставуваа аматери наместо стручњаци, дилетанти наместо експерти, партиски пулени наместо нормални луѓе, платеници наместо културни работници, молери наместо сликари, дрводелци наместо скулптори … За жал, приказната како да продолжува, барем во некои сегменти на културата на оваа држава.

ПОСЛЕДИЦИ

Не случајно го наведов цитатот за „Скопје 2014“ како „префинета системска кражба, легализирано уништување на природната средина и културното наследство и загрозување на човечки животи без поднесување на одговорност …“ зашто секој разумен граѓанин на оваа држава би се запрашал: зарем во една демократска држава може да има нешто поприоритетно од ова и зарем разрешувањето на еден таков крупен криминал филуван со уште едно чудо прекршувања на сериозни закони може навистина да има – висока цена? Ако подривањето на системот, непочитувањето на законите, злоупотребата на службената должност, мамењето односно злоупотребата на државниот буџет … комбинирани со уништување на природната средина и културното наследство и загрозување на човечки животи не се врвен приоритет, зарем тоа можат да бидат едикоиси и едикаквиси „економски“ проекти, нуклеарни постројки, небулозни тунели … па фолк и пиво фестови и разноразни ступидни (но неуништиви) пифтијади и ракијади? Ако граѓанинот, велевме, е централната точка на демократијата, нели неговите желби / барања се обврска за власта, која и да е’? Ако пак граѓаните на Скопје веќе се беа изјасниле со големо мнозинство за ревидирање односно отстранување на кичот што низ градов го посеа минатата власт, нели со тоа се изјаснил и за што сака да се трошат неговите пари? Или политиката тоа не го гледа така? А како го гледа, ќе ни објасни ли некој?

Но, за да не бидам неправеден, мора да се потенцира дека еден дел – иако минорен – од тоа самонарачано „Скопје 2014“ беше „решен“ од оваа власт. И тоа: веќе спомнатиот споменик на масовниот убиец Ќосето, стопирањето на градбата (иако, мислам, со тешко срце!) на т.н. Спомен дом на Мајка Тереза, стопирањето на изградбата на она сулудо Панорамско тркало … и отприлика толку. Малку? Малку! Но, (дали) како компензација за „штетите“, се продолжи и се финишираат еднакво идиотските „проекти“ на малоумникот од Будимпешта, и тоа: копијата на Офицерскиот дом, копијата на Бруклинскиот мост (во македонска минијатурна и урнебесно смешна верзија), завршувањето на Министерството за транспорт и врски (ваљда како завет на Милета?), се завршува и новата кулиса наречена Народна банка на СРМ итн. Многу? Многу! Сигурен сум дека ни побегуљата од Будимпешта ниту неговите јатаци овде не се надеваа на таков исход после цела деценија плукање по нивниот „проект“. А згора на се’, ене ја, гордо ни се смее и нивната штабна квартира наречена „Бела палата“, од каде што како чума доаѓаат сите дневни несреќи во државава. Остана сосе „нелегалната“ настрешница! Е сега, прашањето е дали, на пример, завршувањето на сите будалаштини од самонарачаниот „проект“ не изедоа барем дел од парите што можеа да се употребат за отстранувањето на најакутните чиреви во срцето на градот? Барем оние идентитетски мистификации, Аце и татко му? Или некој и од сегашнава гарнитура политичари навистина мисли дека ние потекнуваме токму од нив? А и што ако потекнуваме, тоа не’ прави поумни, подобри, посилни … ? Па да беше така, нели ќе се видеше тоа, кога-тогаш? Оттука, повторно, што навистина е проблемот со ова „Скопје 2014“? Верува ли некој, навистина, дека тоа што го гледаме – некој повеќе, некој помалку – е архитектура, уметноста, урбанизам … култура? Не можам да поверувам во тоа. Или – не сакам? Сеедно, и на страна фактот дека навистина среде Скопје и околу сиот тој кичерај дневно се точкаат едно чудо народ, многумина (се) фотографираат, ама народот би се фотографирал пред / покрај се’. Та зарем малку фотографии сме виделе на толпа фотографирана пред обесени, стрелани, убиени луѓе!? Сакам да кажам: зарем навистина не ги согледуваме целосно сите долгорочни импликации на опстојувањето на едно вакво „архитектонско-урбанистичко-уметничко“ ругло среде главниот град? И еднакво важната порака дека нашиот индиферентен однос кон овој криминал испраќа сигнали дека навистина не с(м)е сите еднакви пред законот, дека поединци од високи политички позиции можат да поминат неказнето и за такви криминални дејанија, дека политиката е секогаш над правото, дека правната држава не допира до сите инстанци, дека вината – и тоа не мала, туку можеби клучна – може да се откупи со глас „за“ во Собранието, дека криминалот направен „во име на државата“ всушност и не е криминал … Недопирливоста во оваа смисла е погубна порака за младите македонски генерации. Зошто тогаш би не’ чудело нивното забрзано заминување од земјата? Некои, со право, ја нарекуваат и Дивиот запад на истокот! Кој, тогаш, на прагот на третата деценија на дваесет и првиот век би посакал да остане и живее во едно такво беззаконие и безредие? Искрено, баш и ме заболе за Катица и нејзините рекетарски компањони зашто и тие, токму тие, се производот на ова беззаконие. Ама ако треба – пуштете ги, нивните неколку милиони евра рекет се ништо во споредба со овие безмалу милијарда евра отидени по разноразни џебови, а главно кај малоумникон, неговите јатаци и некоја поситна боранија. Цела држава се крена на нозе за две тотално беззначајни – и да си признаеме: полуписмени – фигури, заради нивните пубертетско-перверзни манипулации и шибицарски методи со кои што сакаа да рекетираат поглупави од себеси. Овде, во ова „Скопје 2014“, токму оние поглупави од нас, поглупави дури и од оние двајца, се’ уште не’ рекетираат, ни го рекетираат духот, умот, знаењето … не’ држат заложници на нивните фикс-идеи и првооделенски „мокри сништа“. И никого за тоа не го боли глава? Зошто ова злосторство во каталогот на власта би било помало од злосторството на Катица и компанија? Нели, на пример, злосторствата се мерат според штетата? Која е штетата на Катица и полуписмената компанија? Неколку милиони евра од џебот на познати крминалци? И цела држава на нозе? Наместо системот да се праша од каде им на оние бараби толку пари – во готово или низ банките – тие велат: зошто им ги земате? А оние претходнине бараби пљачкосуваа како визиготи низ Скопјево и Македонијава, поттураа кама и пиштол под врат, се спрдачеа со законите и Собранието, крадеа бизниси и фирми, уништуваа луѓе и кариери … ама оваа власт тоа не ја интересира? А што ја интересира, ве молам? Да им ги продолжи бизнисите?

И повторно: ако ние не ги разбираме димензии до кои што допираат сите аспекти на ова „Скопје 2014“ и последиците што сосебе ги носат – не разбираме ништо. Ако не го разбираме тоа не разбираме ни што е држава и врз што се темели државата. А тогаш џабе ни се и Филип и Аце и ние како нивни безгласни и глупави наследници. Такви какви што сме, секогаш ќе бидеме лесен плен за непријателот, кој и да е’! Ни ЕУ ниту НАТО тоа не може да го смени!!!

ВИСОКА ЦЕНА?

Бидејќи минатиот пат застанав кај (потенцијално) високата цена на отстранувањето на сите „продукти“ од кражбата на векот во Македонија помпезно наречена „Скопје 2014“, ред е (и) таа „дилема“ да се подрасчисти. Зашто, вака како што сме почнале, кај нас се’ е скапо, само човечкиот живот и здравје се – ефтини. Дури багателно!

Елем, што значи поимот „висока цена“ кој што една година наназад стана главен адут во нечинењето односно нерасчистувањето со криминалот на „Скопје 2014“? Дали, на пример, износот од 100 милиони евра е – висока цена? Од друга страна, ниту еден званичен државен орган до денес не излегол со вкупна проценка за целосно враќање на градов во првобитната состојба – толку колку што тоа би било возможно – па врз основа на тоа да се прават проценки и евентуално приоритети во таа потенцијална акција. Оттука, од каде идејата дека тоа би било прескапо односно има висока цена? Таа проценка секако би требало да вклучи и ставки за рециклирање на одделни материјали, за нивна повторна употреба (бронзата на пример) итн. Затоа, уште еднаш, и повторно, онака од око: многу ли се 100 милиони евра (на пример за првата година) за најитно справување со „Скопје 2014“?   Можеби се многу , но споредено со – што? Со еден нов клинички центар, на пример, кој што, онака од око, без претходна студија, беше проценет на 700 милиони евра? Да, споредбата е можеби неумесна, ама е дозволена, зашто некој може да каже дека и тоа се големи пари и дека не ни треба нов клинички центар. Или, можеме да правиме уште редица други (во принцип неспоредливи) споредби, што нема никаде да не’ доведе. Затоа, велам, власта е должна да направи првична проценка, етапна се разбира, за отстранување на сиот тој јавен кич по години, и со тоа да излезе пред граѓаните. Како што впрочем направи градоначалникот на Скопје летото минатата година со „галиите“ во Вардар.

Имено, после цела година убедувања дека и тој и сите структури во градот стојат зад планот овие објекти (сместени во коритото на Вардар како урбана опрема!) да се отстранат бидејќи претставуваат сериозна опасност за Скопје, во јули 2018 година тој ист градоначалник се појави со информација дека таа дислокација би го чинела градот 6 милиони евра, пари што градот ги нема. И тоа е ок, чесно, отворено: направена е калкулацијата, чини толку пари, ама тие пари ги немаме. Но, не е во ред на тоа да се застане односно тука приказната да заврши, особено ако од доаѓањето на оваа власт се трубеше на сите страни дека особено „галиите“ се сериозна закана за градот во случај на поголемо надоаѓање на водите на Вардар (што, патем, се случува секоја зима!). Зашто, ако станува збор за сериозна закана, зарем градот и неговите жители се поефтини од 6 милиони евра? Извинете, но не може човек, жител на овој град, поинаку освен компаративно да ги постави нештата. Ако утре се појават и други закани по градот и неговите жители, така ли ќе ги мериме мерките што ќе треба да се спроведат – според цената? И ако таа е превисока, ќе кренеме раце и од градот и од народот? Но, уште позачудувачки беше податокот дека всушност приказната со „галиите“ се сведува на чист криминал односно неодговорно поставување на градежни објекти во т.н. минор корито на Вардар! Ако е тоа така, зошто градот би требал да плаќа за нивна дислокација? Ако овие „галии“ не се „урбана опрема“ – а не се – односно ако се бесправно поставени во Вардар, нели треба да бидат отстранети а трошоците да паднат на товар на сопствениците? Или, дали и во случајот со други „обични“ дивоградби, нивното отстранување (ќе) го плаќа градот, или државата, или оној кој ги поставил? Или, понатаму, зошто оние тераси во Охрид претставуваат проблем и ќе се отстрануваат на товар на сопствениците, ама отстранувањето на овие чудовишта среде Вардар треба да ги плаќаме – ние? Ако пак и најновата Студија за намалување на ризикот од поплави во Скопје направена ид УНДП покажува дека новите „мостови“ – мислам, дајте да не се лажеме, тоа не се мостови, тоа се детски играчки! – и „галиите“ значително ја намалуваат пропусноста на речното корито, што уште ни / им треба?

Но, морам уште еднаш да се навратам на „високата цена“ која што, повторно, ќе ја платиме (индиректно) ние, но за кои што пари градот или државата ќе мора да се откажат од некои нивни „приоритети“, ако веќе граѓаните на оваа држава не се таков приоритет. На пример, и покрај противењето на редица невладини организации, еколошки здруженија и еко-експерти, власта вели дека би учествувала со цели две милијарди евра во нуклеарната електрана во „Белене“ (Бугарија). Тоа е (пре)висока цена, или не? И според чии критериуми? И со какви ефекти? Не го спорам, на крај памет не ми е, значењето на тој тип нуклеарни електрани, особено за мали земји од наш тип, ама има ли власта обврска да слушне малку што велат и другите по тази впрос? И немаме ли поитни нешта за решавање? Да, знам дека многумина мислат дека ова идиотско „Скопје 2014“ не е приоритет, не е воопшто ниту важно – се лажат, многу се лажат, а впрочем не мислеа така пред две години! – и дека може да чека подобри времиња. Ама кои и какви подобри времиња? Ако вицепремиерот Анѓушев вели „Аплицирајте, има средства во Буџетот“, значи ли дека тие средства мора да се разделат (по којзнае кој пат) на македонските „бизнисмени“ за сите нивни небулозни и никому потребни „проекти“? Постои ли „висока цена“ за македонската бизнис заедница, или тие флоскули се резервирани само за граѓаните и нивните барања?

Се разбира, свесен сум дека во оваа и ваква Македонија, Северна или обична, после онаа криминална, финансиска и секаква друга катаклизма во периодот 2017-2017 година и тогашната малоумна власт, се’ е приоритет, се’ е „уште за вчера“, многу „дупки“ остануваат отворени до некои идни подобри времиња. Ама „Скопје 2014“ не смее да биде таква „дупка“! Не смее заради многу причини, кои немам намера да ги повторувам. Ако власта, сегашнава, навистина не ги знае или не сака да ги знае, јас немам намера да ги потсетувам. Само (уште еднаш) ќе употребам зборови на Ивана Драгшиќ, активистка на некогашната „Плоштад Слобода“ – апропо, што се случи со сите овие „ентитети“ по паѓањето на режимот, мислеа дека војната е готова? – која вели дека „Скопје 2014“ беше „префинета системска кражба, легализирано уништување на природната средина и културното наследство и загрозување на човечки животи без поднесување на одговорност …“! И сега ние, како свесни граѓани, треба сето ова да го аминуваме, божем заради високата цена на неговото разрешување?

КОНТРАДИКЦИИ

Се’ што стои во програмските приоритети на Владата за „Скопје 2014“ е, главно, јасно, прецизно и соодветно кажано. Се’ освен онаа констатација за „гигантската дивоградба“, зашто како Влада не можете тоа да го кажете без сите оние претходни дејствија што веќе се наведени како потреба, како неопходност, тоест: преиспитување на политичките, уставно-правните, меѓуетничките, културните, архитектонските, урбано-градителските, финансиските и естетските аспекти на самонарачаниоти самонаречениот проект „Скопје 2014“. Зашто, ако сето ова не сте го преиспитале, од каде правото така да го нарекувате налудничавото чедо на врхушката на вемерото? Или, Владата им верувала на оние (сепак малкумина) експерти кои континуирано пишуваа(т) за дел од клучните аспекти поврзани со овој „проект“? Велам дел зашто ги следев, некаде и учествував, во повеќето отворени расправи за и околу ова чудовиште, ама сите главно се вртевме околу културните, архитектонските, урбано-градителските и естетските аспекти, одвреме навреме и правните, се разбира, но најчесто во делот на Законот за меморијални споменици и спомен обележја, а многу поретко, или воопшто не и за меѓуетничките, а особено не околу финансиските аспекти, зашто во тоа време не беа достапни тие податоци. Мислам дека не се дури ни денес, мислам како вкупен корпус на потрошени пари за сите глупости што произлегоа од таа будалаштина.

Оттука, Владата сосема исправно вели дека дури „откако ќе завршат сите уставно-правни, судско-кривични и инспекциски работи со кои ќе се расчистат злоупотребите и криминалот“, е дури тогаш ќе започне распетлувањето на замрсеното злосторство наречено „Скопје 2014“. А за тоа ќе требаат неколку Шерлок Холмсовци и д-р Вотсони. Е сега, која е мојата шпекулација? Поправо, тоа не е шпекулација туку е дилема, или прашање: каде се тие Холмсовци и Вотсони, или некоја нивна македонска варијанта, кои што требаше да копаат длабоко, широко и високо, и за овие двеипол години да ископаат се’ што имаше да се ископа, па сето тоа да го просеат низ ептен ситно сито за да на крајот се дојде до резултатот што би ги задоволил сите аспекти за кои што се фатила Владата? Станува ли овде збор за некакви тајни процеси и процедури за кои што јавноста не треба да знае за да не ги ремети истрагите? Можеби, ние како држава, и како народ, уживаме во такви тајновити, мистериозни приказни. Но, има и едно големо но: не треба да се заборави за каков обем на криминал овде станува збор! Обем од околу 30тина згради, 40тина споменици, 5 плоштади, 4 моста, 40тина скулптури, една порта, две фонтани итн., итн. Што ќе рече еден цел град во град! Тоа не е работа за ден-два, па ни за две години. Но, повторно едно големо но: ако навистина нема тајновити групи и институционални активности кои што темелно го обработуваат ова прашање токму низ посочената призма на Владата, чуму тогаш сите оние прогласи и укажувања? Она што јавноста знае дека е сработено е анализата на една (двочлена) работна група при Општина Центар (надлежна за дел од спомениците на територијата на таа општина и која што ја заврши задачата и испорача соодветен резултат) и Работната група при Министерството за култура, се’ уште активна, но практично без никаква институционална поддршка и средства за работа, која што, исто така, досега сработи петнаесетина елаборати за одделни споменици и објекти, со сите неопходни констатации и предлози до Министерството за култура и Владата. Но, работата на спомнатите групи е само капка во криминалното море на „Скопје 2014“, а колку што знам, а што впрочем е и евидентно, нивните предлози во ниту еден случај не се почитувани. Дури, за одделни објекти, Владата постапува токму спротивно на предлозите (на пример Спомен домот на Мајка Тереза, Портата Македонија, спомениците на Александар Велики и Филип Втори Македонски итн.)! Значи, можната „шпекулација“ е: ако власта се залага за „… уставно-правни, судско-кривични и инспекциски работи со кои ќе се расчистат злоупотребите и криминалот“, како и преиспитување на политичките, уставно-правните, меѓуетничките, културните, архитектонските, урбано-градителските, финансиските и естетските аспекти на овој криминал, ама не превзема ништо во таа насока иако ги има на располагање сите механизми и институции, кој е заклучокот? Поточно, нели е токму тоа изворот на сите шпекулации околу овој „проект“, вклучувајќи ја и онаа за вкусовите односно допаѓањето?

Понатаму, сосема нормална, дури очекувана тоест посакувана е онаа заложба на власта за избегнување / спречување на „избрзани, произволни или популистички мотивирани решенија“. Кои и какви би биле тие? Се разбира, првото и основното е она барање, често истакнувано и на овие страници, за целосно отстранување на сите испрдоци на овој налудничав проект и враќање на ситуацијата во првобитната состојба. И за ова има многу аргументи, или „аргументи“, како сакате, но тоа може да заличи токму на популистички мотивирано решение. Иако не е, барем за мене. Но, прифаќам, без сеопфатна и целосна истрага, особено на финансискиот и секој друг криминал, такви зафати можеби би имале извесен популистички мирис. Но, повторно едно но: ако вака ги поставиме нештата, тогаш каков „мирис“ имаше отстранувањето на споменикот на оној масовен убиец карши „Мавровка“? На чист популистички парфем? Или, можеби грешам, можеби градот експресно ги спровел сите барани од власта постапки и пресудил така како што пресудил? Но, ако е така, а не е, зошто нема казнени консеквенци за оние кои го беа поставиле тоа монструмче со кама и пиштол (и пушка како резерва!) пред судовите? И понатаму, ако таа постапка одела така експресно, зошто работите застанаа само таму а не се продолжи на сите други монструмчиња низ градов? Или тоа претставуваше само демонстрација на решеноста на новата власт да одговори на јасните и гласни барања на граѓаните, но на рамништето на „елегантен“ обид да се замолкнат се’ почестите (јавни) реакции. Демек, ете, ние и тоа го можеме? Ок, одлично, ама зошто не продолжите? Впрочем, некои велат дека кон масовните убијци од форматот на оној отстранетион не треба да се има голема милост, ама сепак не можете да го „елиминирате“ без соодветен процес и правосилна пресуда!

Вакви контрадикции во целава оваа скаламерија околу „Скопје 2014“ има уште многу, дури и премногу за една демократска власт. Молкот, непостапувањето, глумењето „ја нисам одавде“ и слични провинциски фазони сепак беа својствени за оние претходнине. На овој град тоа повеќе не му треба. Впрочем, тоа беше и едно од ветувањата! Но, останува уште еден-два важни аспекти – и тие можеби шпекулации!? – на пример околу високата цена на отстранувањето на сиот тој кич и слично, но за тоа следниот пат.

ШПЕКУЛАЦИИ БР. 2

Првата од вториве две шпекулации е баш шпекулација, асли шпекулација, што се вели. И, повторно, не е моја, но чаршијата навелико говори за неа. И, признавам, и јас често помислував на тоа во недостаток на подобро образложение. Елем, чаршијата вели: „Скопје 2014“ е недопирливо бидејќи и’ се допаѓа и на новата власт! Е сега, можеме да расправаме за формулацијата „и’ се допаѓа“ и што тоа може да значи, но тоа главно упатува дека (и) таа (оваа власт) со одобрување, дури симпатии гледа на овој кич од комбиниран квазибарок и ала неокласицизам на новомакедонски начин. И тоа на самиот крај на втората деценија на дваесети и првиот век!

Но, всушност, за оваа шпекулација и нема што многу да се расправа. Од проста причина што, велат, за вкусовите не се дискутира. И така и треба да биде, за личните вкусови. А сепак, од друга страна, има многу да се расправа зашто чаршијата, или ние овде, не би расправале за вкусовите на некои случајни минувачи низ Скопјево, а има такви на кои ова чудо навистина им се допаѓа па дури и се фотографираат пред монструмчињата, уште помалку расправаме за (не)допаѓањето кај некои ситни партиски структури, на власт или во опозиција. Но, ако личните вкусови се функционално операционализирани на високо државно ниво, тогаш има за што да се расправа, нели? Ако личните вкусови на високи државни функционери стануваат доминантни при носењето значајни државни одлуки, тогаш настанува проблем. Тоа се конкретни ситуации, но овде, да не заборавиме, сепак станува збор за – шпекулации. Овде во извесна смисла (може да) станува збор за „допаѓање“ (наводниците се неопходни зашто навистина не знаеме за што станува збор) како мотив за непостапување. Односно, во некаков најширок контекст може евентуално да се говори за лични мотиви како основ за (бесправно) одржување на неодржливи состојби. И тоа состојби кои што не се баш наивни или безначајни туку тангираат цел еден град тоест токму главниот град на државата. Во таков случај, ако навистина има простор дури и за такви размислувања односно ако навистина сериозно може да стане збор за толерирање на чудовишното „Скопје 2014“ само заради нечии лични вкусови, тогаш веќе целата состојба поприма димензии на злосторство еднакво на претходното! А сепак, за волја на вистината, и (би додал) за среќа, досега не е забележана ниту една изјава на актуелен висок владин (па и локален) функционер која што би наведувала на помисла дека може да стане збор (и) за нешто такво како толерирање заради допаѓање. Такво нешто немало, иако чаршијата настојчиво ја тера таа приказна па наведува присуство на високи владини претставници во / на одредени „објекти“ од „Скопје 2014“ и слично. Што не значи ништо, најмалку е доказ за допаѓање. Впрочем, и потписникот на овие редови си вети себеси дека нема да влезе во оној кичерајски „Златен театар“, ама секојдневието некогаш ви поставува неочекувани стапици. Додуша, тоа беше само еднаш, но на галија не сум се качил, не сум се фотографирал пред / со некој од овие идиотски  споменици … итн. Така што, таквиот „доказен материјал“ не мора да значи ништо, најмалку – допаѓање! Иако чаршијата и понатаму ќе го манипулира овој мотив и ќе го потенцира како основен во целава скаламерија со непостапувањето не само по дадените предизборни ветувања туку и по усвоените и објавени владини програми / приоритети.

И  токму на тоа се базира вторава од овој блок шпекулации, и таа е целосно моја. Имено, мислам дека и претходно цитирав изводи од Програмата на оваа Влада, каде што дословно стои: „Владата темелно ќе го преиспитува проектот „Скопје 2014“ и неговите политички, уставно-правни, меѓуетнички, културни, архитектонски, урбано-градителски, финансиски и естетски аспекти. За справување со последиците на „Скопје 2014“ Владата ќе ги повика да се вклучат сите надлежни институции од културата, науката и уметноста. Откако ќе завршат сите уставно-правни, судско-кривични и инспекциски работи со кои ќе се расчистат злоупотребите и криминалот сторен со и низ оваа гигантска дивоградба, ќе покренеме мерки за ревитализација на централното градско подрачје и Старата скопска чаршија. На тој начин ќе се спречат избрзани, произволни или популистички мотивирани решенија“! Овој пасус навидум, но само навидум, се расфрла со прилично „тешки“ зборови, па (повторно) со ветувања, но, би рекол, и со точно и рационално избрани формулации. Поточно, иако Владата некако избрзано веќе го „осудила“ овој „проект“ како „гигантска дивоградба“, таа сепак ветува темелно преиспитување на сите негови аспекти („политички, уставно-правни, меѓуетнички, културни, архитектонски, урбано-градителски, финансиски и естетски аспекти“). И така треба да постапува една Влада. Ние, како поединци, имаме право дури и однапред – иако не неосновано – да го прогласуваме овој „проект“ дури и за идиотски, налудничав, ваков или онаков, па и криминален. Тоа впрочем е многупати аргументирано и компетентно објаснувано, од многу фактори, дури и на овие мои страници. И тоа право никој не може да ни го одземе. Но, една Влада, една правна држава не може така да постапува односно не може / не смее да осудува без соодветни процедури / постапки. Токму затоа и таа искажана резерва – дека ќе се постапува дури по спроведување на сите потребни легални дејствија! За тоа следниот пат.

ШПЕКУЛАЦИЈА БР. 1а

Пред да поминам на втората „чаршиска“ шпекулација, треба да се разгледаат уште некои аспекти на првата шпекулација, онаа за „стравот“ на власта од (можната) реакција на „народот“ – во сите негови форми – при евентуалното преземање соодветни (законски, секако) мерки за справување со вмронската кретенска инсталација вика нагалено „Скопје 2014“.

Ако првата, имено, варијанта се однесуваше на обемот односно форматот на тој „страв“ разбран како множество народ што би се кренал да ги брани испрдоците на малиот мозок на криминалецот од Будимпешта и уште неколкумина еднакви малоумници заблеани по „длабоките“ корени на македонизмот – меѓу нив и неколкумина самонаречени интелектуалци, па медиуми-хушкачи, па универзитетски „професори“ (некои од нив така благонаклоно честени и од оваа власт со високи позиции, особено во културата) – вторава варијанта би се бавела со шпекулацијата за „ликовите“ односно „значењето“ на некои споменици (сега веќе очигледно дел и од „колективната“ националистичка меморија!). На пример, дали таков бран општонародни протести, или само партиски поттикнати демонстрации на „отпор“, би предизвикало демонтирањето на оној „Воин на коњ“ натопорен во самиот центар на градскиот дух на Скопје, среде Плоштадот „Македонија“? Можеби, односно верувам дека какви и да се активности околу отстранувањето на овој кич, или „естетско“ ругло, од нашиот видокруг би предизвикале педесетина запаленковци – секако здраво нахушкани, а веројатно и (пот)платени – кои би се обиделе као нешто да спречат. Но, зарем таква толпа би претставувала некаков проблем, без оглед што е во самиот центар на градот? Сепак, ако таква една активност навистина може да претставува проблем за власта, тогаш демонтажата може да се изведе како што се изведуваше и монтажата на грото од спомениците во 2015 и 2016 година, тоест среде ноќ, па тогаш сигурно не би имало големи проблеми зашто и барабите мораат малку да поспијат. Да, таа операција е прилично сложена заради масивноста на споменикот, но доволно е да се почне, на пример, со главата на воинот, па и на коњот. После тоа се’ оди полесно. (И во оваа прилика би го кажал своето мислење – не шпекулација – дека, барем за почеток, доволно е да се отстрани само оној грд столб со сите будалаштини закачени на него, а да се остави фонтаната, без лавовите, се разбира, зашто Плоштадот може некому да се види многу празен. Понатаму, тој простор ќе се решава на поинаков начин, во нормална и стручна постапка, како што доликува на демократска власт, па во тој контекст и судбината на фонтаната. А ако треба, фонтаната и понатаму нека „пее“, дури и борбени патриотски песни!).

Ако воинот, сега веќе накнадно (пре)крстен во Александар Велики, некогаш Македонски, според шпекулациите, нема да предизвика којзнае какви реперкусии по власта, уште помалку тоа може да се случи со татко му и мајка му, онаму кај Ибни Пајко. Посебно за г-жата Олимпија која не е многу милувана ни од историјата и историчарите. Освен ако не се јави некое запалено машко здружение кое би посакало и понатаму секојдневно да ја чествува со присуство среде чинот на доење на малиот Аце! (Што уште еднаш не’ навраќа на парадоксот со гаќите на оној Аџиевско-Брекеровски „Die Partei“ што го глуми Прометеј и кого големиот македонски „уметник“ доброволно си го огаќи, додуша под благ притисок на некакво смешно и никогаш обелоденето женско здружение. Зачудо, испадна дека ни на женските ниту пак на машките „здруженија“ не им пречи раскошната доилка Олимпија?! Или во нејзината раскошност гледеаат мајчинство а во шиљокуранот „Die Partei Прометеј“ – што? Безобразлук, навреда …?). Како и да е’, зборот ми беше дека ни отстранувањето на овие смешни ликови не би предизвикало којзнае какви бранувања во јавноста, најмалку оние од насилен тип. Оттука – што навистина е проблемот со проклетово „Скопје 2014“?

Затоа, останува шпекулацијава да се задржи на македонските национални дејци како единствен можен извор на некакви протести, насилни, полунасилни (ако и такво нешто постои) или само во формата на мирни демонстрации на незадоволство. И, повторно, тоа би можело да се случи со отстранувањето на двата најзначајни лика од серијата македонски национални дејци – оние кои го чуваат Камениот мост небаре Вучиќ се намерачил да го однесе во Белград. А уствари – којзнае, ако уште ги учат децата во Србија дека е Душанов? Меѓутоа, мислам дека за Делчев веќе пишував и тука не се очекуваат којзнае какви протести, особено по неговото побугарчување, па следствено ни за Груев. Плус, објективно, не само што се чисти дивоградби и на очајно погрешно место, станува збор и за лоши споменици. Такви споменици не се правеле повеќе ни при крајот на деветнаесеттиот век. Ама пусто македонче, сешто можеш да му подметнеш! Во оваа насока, уште помал проблем би требало да има со Карев пред Собранието на РСМ, кој што, занатски, е уште полоша скулптура од претходнине две. Башка оној „Да Винчиевски“ дорат … мајко мила!

Е сега, можна шпекулација може да се гради околу потенцијалната „популарност“ на уште една личност од т.н. национално минато, иако оваа малку повеќе „црна“, или контроверзна, како сакате, а се вика Тодор Александров. Неговиот споменик – на почетокот наречен „Македонски војвода на коњ“, а потоа соодветно преименуван, за да нема забуни и пучанството да знае каде да се клања – се наоѓа на територијата на општина Кисела вода и мислам дека е единствен испрдок на „Скопје 2014“ на целото подрачје на таа општина. Колку што знам, (и) таму градоначалникот исто така е од владејачката (македонска) партија, ама со прст не мрда да се справи со овој „војвода“. Како впрочем и сите други нивни градоначалници! (А можеби сето тоа им се допаѓа? Е тоа ќе биде мојата втора шпекулација!). Но, да речеме дека токму овој споменик може да предизвика бурни, или побурни реакции кај македонскиве „патриоти“ зашто тој лик, според многу назнаки, има многу приврзеници. Има дури и еден – ако е само еден! – македонски актуелен амбасадор, оној во Бугарија, инаку некогашен градоначалник на Кисела вода, кој јавно ја искажува(ше) својата лична почит кон оваа шуплива персона. Затоа, токму овој споменик може да биде првиот тест на власта за бунтовната настроеност на скопјани-„патриоти“. И тој тест ќе покаже се’, иако всушност сите однапред го знаеме / претпоставуваме резултатот. Горе-долу, плус-минус. Но, тоа важеше за вчера, и можеби за денес. Веќе утре, со брзото и во принцип непредвидливото менување на расположението на граѓаните, нашите предвидувања (веќе) ништо не значат.