Monthly Archives: September 2022

НАЦИОНАЛНИ ДЕВАСТАЦИИ

Не можете, немате причина да не му верувате на г-динот Ахмети дека тој/тие ја сметаат ДУИ за – национална инвестиција. Можете само да завидувате. И толку. Можеме да расправаме надолго и нашироко како може политичка партија да биде „национална инвестиција“, и чија, или како може – а може, има и многу други примери – воинствена организација да стане политичка партија од „национален интерес“, ама тоа само ќе не дефокусира од основната констатација: дека тоа е точно!

Ние можеме само да се прашуваме зошто македонскиот дел од политичката сцена, барем во кризни мигови, а таков живееме, нема субјект што така би го гледале. Како замена за такви „национални инвестиции“, ние имаме национални политички девастации. Или катастрофи, како сакате. Што и да допрат – уништуваат. Особено националните интереси. Не само македонските, или северномакедонските.

Се разбира дека во развиените демократии сериозните луѓе само би се насмеале и би одмавнале со раката на вакви националромантични глупости. Ама ние не сме демократија, уште помалку развиена или сериозна. Кај нас е сѐ уште функционална „критичката теорија“ на Адорно која, парафразирано, тврди дека угнетувањето се создава низ политиката, економијата, културата и материјализмот, но најефикасно се оддржува низ свесноста, сознанието! Па следствено, сите актуелни политики, поточно „политики“ – на внатрешен и надворешен план, во економијата, културата, образованието, здравството и др. – нели се токму форма на угнетување, заглупување, непросветеност? Ние, особено денес, сме нагледен пример за тоа.

Формите на јавно форсирано угнетување, заглупавување и антипросветителство се камен темелникот – или македонската „национална инвестиција“ – на ова општество, почнувајќи од самите врвови на власта, преку државната администрација, до дното на политичката хиерархиска пирамида. Македонскиот дел на актуелната партократија секојдневно, и свесно, инвестира во сите можни форми на угнетување и заглупување на народот, особено низ кадровската политика. Безмалу секој важен општествен/државен потег во изминативе години, па и децении, е катастрофално приземен, прозаичен, неук/нестручен, се коси со основната логика. Ние инвестираме во тоа каде што сме најнеспособни: во политиката односно политикантството како локален дериват! Другите инвестираат во науката, образованието, културата, здравството…, во она што се нарекува „welfare state“. 

Извинете, но основите на современата политика кај нас ја градат луѓе без професионални биографии, накитени само со партиска бижутерија и асесоари, а виза им е печатот на „национална инвестиција“ од нивниот лидер: тоа им е замена за неопходната стручност и компетентност, за криминалот и коруптивноста, за политичкиот неморал. Министерот за надворешни работи ни гради куќа на три столба, премиерот се осмелува среде ОН да говори за македонското „образование“, претседателот на собранието толкува Устав, претседателот на државата си приредува изложбички…! А оној фамозен вицепремиер за економија ги меша адресите: наместо да каже дека 93.4% од државната администрација е функционално неписмена, тој за такви ги прогласува – невработените! Па тие ли, невработените, ја доведоа државата до оваа катастрофа?  И дури сега, после цели пет години, вицепремиерот за евроинтеграции вели дека „Сега е најважно да сме фокусирани на реформите и да останеме на европскиот пат. Тоа е наша обврска и задача која им ја должиме на граѓаните, да обезбедиме просперитет и напредок на земјата“ (sic!).

Зошто никој, па ни „опозицијата“ (зацапана со „рачето во медот“) не прашува: а што правевте досега? Па затоа и премиерот ќе го премолчи непоставеното прашање на што се потрошија клучните реформски години, но ќе се дрзне да коментира што и како (не)работела опозицијата во Скопје! Македонските кадровски девастации узурпираа цели пет државни буџети за да не мрднат од стартната позиција прашувајќи ја опозицијата: а што правевте вие додека бевте на власт? Како граѓаните да се малоумни па не паметат што и како (не)работеше оваа опозиција, но еднакво ги паметат и ветувањата на оваа власт. Ама сепак, наместо валидни одговори, добиваат – итерпејовски прашања!

Ноншалантна во сопствената веќе епохална неспособност, оваа коалиција упорно продолжува со играриите од типот „национални инвестии“ и тесноетнички интереси, надополнувани со тоталното отсуство на концепт/систем на работа и одлучување, што впрочем резултираше во галопирачки хаотична и со катастрофални размери криза, деташирана од власта како увезена „украинска“ ситуација. Зарем некој навистина сѐ уште верува дека „економскиот тим“ на Владата е кадарен да ја извлече земјава од оваа криза, или дека евроинтегративниот двоец без кормилар може да се справи со бугарската закана и ЕУ предизвиците? Како што, впрочем, и целата онаа министерска „општествена“ линија е тотално неука и необразована за тековните и претстојните ломови во образованието, науката, културата, здравството, социјалата…!

Македонскиот проблем е проблемот на немање концепт/систем во микроглобалните и микро локалните рамки. Наспроти сите можни (главно пресликани од надвор) стратегии коишто само собираат прав низ архивите, ние во праксата немаме систем за ништо: ни за надворешната политика, ни за внатрешната, ниту за државната администрација или сегментите на општествената надградба и др. Кој и каков е, на пример, концептот на „функционално неписмената“ државна администрација (освен, се разбира, партократскиот „концепт“?

Ги следи ли таа, но и Владата, впрочем, упатувањата на Вебер, на пример, за секојдневниот раст на надежите/барањата на граѓаните за подобрување на животните услови, услугите од администрацијата, поврзувањето со светот, очекувањата за европско образование, култура, здравство, наука и др.? И што прави во таа насока? Ништо, се разбира, зашто тие едноставно немаат капацитет и знаење да ја согледаат неопходноста од аполитична администрација, почитување на законите и формалните процедури, професионализмот и специјализацијата итн. Тие говорат за национални инвестиции, државност и други будалаштини, не гледајќи дека тоа се всушност нивните децениски национални девастации.

Го спомнувам Вебер и неговата социолошка теорија која што е стара безмалу цел век, но и оваа власт е, де факто, со познавањата и однесувањето, од тоа време. Тие не разбираат дека граѓанинот на 21-от век е различен од оној во 20-от, дека современиот граѓанин размислува за причините и последиците, за нивната каузална врска и импактот на неуката власт на таа врска. Тешко веќе поминуваат и приказните за „украинската криза“ наспроти целосниот крах на сите полиња на оваа власт!   

Сакам да кажам, воопшто не е важно – денес и овде – дали говориме за Вебер, Дурхајм, за функционализмот или структурализмот. Ние со оваа неука власт не можеме да говориме на ист современ научен, стручен јазик. Тие тоа не го разбираат, се оглушуваат од барањата на јавноста да ги аргументираат своите постапки, да ги образложат своите глупости. Не разбираат дека веќе одамна не е доволно (нај)високи претставници на власта да ни држат лекции што и како тие „мислат“, ако воопшто нешто мислат. Дваесет и првиот век е век на науката, технологијата, стручноста и професионализмот, а не на итерпејовски и бабини деветини, толку популарни во македонската политика. Граѓанинот одамна не е импресиониран од нивните „национални инвестиции“, од нивните локално партиски митологии и кафеански „анализи“ коишто по правило завршуваат катастрофално по граѓанинот. Па ве молам, вицепремиер на Владата конечно нѐ просветлува дека „Македонија се празни поради иселување“ (sic)!

Впрочем, не е ли конечно крајно време Македонија, Северна или каква и да е, да ги смени приоритетите, концептите, тимовите и кормиларите, да ги преиспита политиките и „политиките“, „инвестициите“ и девастациите кои секојдневно ѝ одземаат дел по дел, ден по ден од иднината?     


[

ЗАТВОРЕН КАБИНЕТ

или

EINE KLEINE AUSSTELUNG

Дали форсираното замолчување на клучните државни институции и воведувањето на насилничката политика на деспотско владеење со нив низ (уште еден) скандал на претседателот на собранието значи дезавуирање и на другите институции, на пример оние во културата? Не, не значи, тие одамна – речиси деценија и половина – се постапно разнебитувани и самоуништувани, што речиси и не постојат. Или постојат само формално, колку вработените да земаат плата. И за тоа сум пишувал често, и многу, и си станав здодевен (и) себеси.

И, како по правило, за тој културоцид ги обвинував властите, сите со ред, бидејќи, во основа, тоа е нивна вина, исто како и колапсот во здравството, образованието, науката итн. И тоа е факт, како што е факт и дека грото македонски високи функционери ниту еднаш во нивниот мандат не го изговориле зборот култура, уште помалку сме ги виделе на некој културен настан, освен ако тоа не било под принудата на протоколот. И тоа секогаш ми претставувало енигма: зошто? Како може современ, наводно цивилизиран човек во текот на својот живот да не влезе во музеј, да не види изложба, да не прочита книга…?

Го добивам(е) ли одговорот на таа енигма низ последниот амблематично скандалозен пример на изложба во Кабинетот на претседателот на државата? И тоа изложба организирана токму по повод 31 година независна македонска држава, небаре Скопје нема музеи, нема галерии, нема културни простори за нешто такво?

И не каква било изложба, туку поставка наречена „Зад Македониумот“ – скици, цртежи, фотографии и макети од личната колекција на Јордан и Искра Грабулоски, автори на можеби најимпозантниот споменик кај нас, симболот на македонскиот отпор но и автентичен симбол на мајсторството на овие автори во споменичката пластика. Македониумот во Крушево несомнено е тоа, и повеќе: едно од малкуте македонски репрезентативни уметнички остварувања со висока репутација во светот!         

Сака ли (и) овој крајно невкусен потег да ни каже дека на македонските политичари културата треба да им ја презентираме во нивните „одаји“, низ приватни поставки, среде нивното „опкружување“ и меѓу избраните повластени малубројни гости? Нема ли право и македонскиот граѓанин да види таква изложба за Македониумот, особено по повод Денот на независноста, или мора претходно да се најави, легитимира и да чека да му биде дозволен пристап преку некаков си „#ОтворенКабинет“? И зарем толкубројниот претседателски кабинет, сосе претседателот на државата во него (малите букви се одраз на неговото реноме), не разбираат дека всушност добиле – Затворен Кабинет?

Која е и каква е оваа (не)култура што ја промовираат македонските функционерски структури? Каков е тој (квази)елитизам што ни го продаваат претседателот на државата и неговите советници, а премиерот со влечкањето на македонски реномирани музичари по некакви вински саеми? Како што се гледаат тие себеси, како патрони на уметноста? Па така – како мецена – себеси се гледаше и криминалецон во Будимпешта! И сето тоа се случува пред министерката за култура со нејзиното немо присаство на такви простачки церемонии, па и екс-министерот Алаѓозовски, како министер во чие време беше подготвена Националната стратегија за развој на културата 2018-2022 година?

И за што се залага(ше) таа стратегија? За вакви умислени властелински собиранки или за достапност на културата до сите граѓани? За квазиелитистичко изживување на политиката врз културата или за ослободување на културата од политиката? Не говори ли таа стратегија за визија за демократска, слободна, динамична култура заснована на рамноправен пристап и учество во културата како основно и неприкосновено човеково право? И за професионализација, институционална и вонинституционална автономија, департизација и децентрализација во дејствувањето во социо-културниот контекст? Тоа ли е оваа „изложба“?

Ќе биде ли таа преседан-изложба пример за воведување на строго контролирана култура, култура на најавувања и безбедносни проверки, на лични карти и матичини броеви при влезот во културните институции? И според чии критериуми ќе се вршат тие проверки? На „службите“? Ова ли е таа социјалдемократска „култура“ за којашто се залага оваа власт и нејзините првенци?

Филмчињата за сопствената важност и големина, а во коишто очигледно се влезени највисоките државни функционери, можат да бидат само нивни лични – за дома, во семејството и др., но не и наши, уште помалку државни, а најмалку културни. Зашто тие, и оваа „изложба“, не само што немаат допирни точки со културата, туку го претставуваат нејзиното најгрдо лице, чиста нејзина антипропаганда. Нивните лични комплекси и фрустрации, особено во однос на културата, не можат да бидат заменувани со приватни/приватизирани културни настани, без оглед на нивото на нивната функција.

И впрочем, што ќе биде следното? Ќе ја качуваат и Филхармонија да им свири Eine kleine Nachtmusik додека вечераат или се шеткаат низ паркот во вилата, ќе посакаат ли да им доаѓаат и венцоносците од Струга да им читаат поезија, или лауреатите од некој филмски фестивал да им организираат приватни проекции? Каква е оваа дрскост, и безобразие?

Кралицата Викторија можеби имала такви свои „моменти“ во Кралската академија за уметност,  Елтон Џон и неколкумина други светски поп ѕвезди можеби ѝ свиреле лично на Елизабета Втора во Бакингемската палата, но тоа е сепак нивен проблем, не наш. По европските кралски одаи се шуткале минстрели и театарски групи, се вдомувале и врвни сликарски имиња…, но тоа ли ќе биде нашиот нов културен модел? И со што и Македониумот заслужи да биде „десерт“ – што би рекло она човечено – за неколкумина „помазани“ од претседателот на државата? Нив им пречи вообичаената културна јавност, публиката, гужвата (R. Rodriguez), тие сакаат да ужуваат во ексклузивноста, (квази)елитизмот, себедоволноста/егоцентризмот…, што ли?

Единствената вистинска култура денес во цивилизираниот свет е културата на хуманизмот (Michael M. J. Fischer), таа е релациска, нема „комфорни зони“ и „затворени кругови“. Македонската култура го гради овој концепт веќе седум децении. Но тој концепт одамна е подјаден, особено последниве петнаесетина години, и тоа токму од последните два режими: заробената држава и хибридниот режим. Јавното го поистоветија со приватното, партиското со државното, you name it.

П.С.

Можеби требал Затворениот Кабинет да го отпечати и дели на присутните текстот на Alice-Azania Jarvis How to behave at a private view…, за да знаат „помазаните“ како да се однесуваат во оние нови (не)културни услови?

ВТОРИОТ ПОГРЕБ НА ДЕМОКРАТИЈАТА

Ние дефинитивно го живееме „мрачното време“ на министерката за култура, не мора да го бараме во минатото. Зашто, по актуелните случувања во собранието (малите букви се одраз на неговото реноме деновиве) со иницијативата за референдумот, веќе не говориме за хибриден режим или квазидемократија туку за јавно, на очиглед на сите, практикуван облик на деспотизам манифестиран од власта и првиот човек на собранието. И тоа не е само „figure of speech“ или вештачко накалемување на ригидни форми врз „кревкиот“ грб на македонската (квази)демократија – иако зборот партократија е посоодветен! – туку станува збор за отворено манифестирање на тој типичен средновековен владетелски концепт во современи услови. Тој што ќе приговори дека ние со современиот свет имаме сѐ помалку допирни точки, ќе биде во право, но ова е наше совремие и ние не можеме да избегаме од него. Но, во случајов, најмалку (ако воопшто) има (како што некои сакаат да подметнуваат!) некаква жал за „пропаднатиот референдум“, туку запрепастеност, па и страв, ако баш сакате, од налетот на примитивизмот, деспотизмот, самобендисаноста. И просто е за неверување како нашите дежурни апаратчици тоа така „глатко“ го прескокнуваат, но „се лепат“ за жалта што, ете, нема да има референдум! Но, впрочем токму на таква почва, во такви погодни услови и расте, цути таквиот тип деспотизам и политичко насилие.

Не дека Европа не го познава(ла) деспотизмот. Чаушеску и Тодор Живков беа едни од последните, па сепак нивните земји така експресно станаа членки на ЕУ. Сталин, вели историјата, бил типичен претставник на овој поим, а всушност многумина го гледаат и како учител на претходно спомнатите двајца деспоти во социјалистичко руво. Многумина го сместуваат и Тито во таа категорија „владетели“. Сепак, има и спротивставени мислења и големи разлики во однос на спомнатите, ако не повеќе тогаш барем во интелигенцијата, широчината на познавања, рафинманот, начинот на практикувањето на власта итн. Оние другине беа – простаци, простотијата им излегуваше „од уши“! А впрочем, екс-Југославија никогаш и не беше тоталитарен режим како Русија, Бугарија, Романија и др. Дека тоа е точно сведочат сѐ уште живите слики од погребот на Тито, со присаство на сите светски државници кои нешто значеа во политиката во тоа време. Простете, но ни актуелниот погреб на Елизабета Втора не може да го достигне тоа. А би сакале, очигледно е тоа, нели.

А впрочем, не дека ни ние, во „демократијава“, само пред една година, немавме „блиски контакти“ со истиот тип деспотско однесување, од истиот протагонист. „Талат Џафери го прекрши Уставот со тоа што се обрати во Европскиот парламент на албански јазик. Имаше три сесии, на двете се обрати на македонски, на третата на албански. Нема да побарам одговорност, очекувам од претседателот да објасни. Политичарите треба да тргнеме од себе и да бидеме пример како треба да се однесуваме, односно да го почитуваме Уставот”, коментирал тогаш екс-премиерот Заев. И не побара одговорност! Како што никој од владејачката коалиција ни сега нема да побара одговорност од истиот човек за исто, или слично, деспотско, насилничко однесување. Како што никој не побара одговорност ни кога ги пцуеше собраниските службеници, ни кога им се закануваше на пратениците итн.  

Дилемата дали авторитарниот/тоталитарниот режим го раѓа деспотот, или деспотот креира тоталитарно опкружување е вештачка. Режим не се создава сам од себе, како што впрочем македонските авторитарни/тоталитарни режими од 2006 година наваму не беа самосоздадени. Деспотскиот менталитет на властодржецот – или партискиот лидер, како сакате – е креаторот на режимот во сите негови пројавни форми. Впрочем, тоталитарните режими, или денес нагалено викани „хибридни режими“, одамна не се енигма за историјата. Познато е дека нивната моќ лежи во силата на организацијата на партијата и институциите. Впрочем, и Сталин ги гледал институциите како „трансмисиски каиш што ја поврзува партијата со луѓето“ и, велат, искрено верувал дека највредното во Советскиот сојуз не се богатството на земјата и продуктивните капацитети туку – кадрите на партијата! Па и Хитлер, for that matter, уште во 1929 година ја согледал „големината“ на фактот дека шеесетина илјади луѓе „по надворешниот изглед станале единствени, дека всушност тие членови се униформа не само по идеите  туку дека и нивната фацијална експресија е речиси иста“ (Хана Арент). Но, историјата и историчноста на постапките се дел од знаењето на просветените држави, на умните и образовани политичари кои во минатото ги пронаоѓаат добрите но и лошите примери во практикувањето на власта. Ако умеат, се разбира, и ако знаат!

Секако, јас овде не говорам за оној облик на средновековен деспотизам со камшикување или сечење раце, со наметнување дури и данок во крв, со робови и робинки… и др. Современиот деспот не држи сабја или камшик во раката, но ги држи најважаните институции низ коишто ја спроведува својата воља! И ја наметнува на целата држава со „оправдувањето“ дека спроведува Устав и закони,  наспроти пропишаните процедури, надлежните институции, експертската јавност итн. Сите тие стануваат подредени на вољата на еден или повеќемина во самиот врв на власта, подржани од нивните партии. Современиот деспотизам од македонски тип, на пример, го видовме токму пред некој ден со самоволното отфрлање на иницијативата за референдум и, особено, со дрското и безобразно „толкување“ на истото од претседателот на собранието. А со него побрза да се согласи и собранискиот координатор на најголемата македонска партија во коалицијата!

И тој тип на соучесништво во деспотизмот, тој тип на оправдување на политичкото насилство во законодавниот дом, е можеби уште пострашната страна на спомнатиот „чин“ на претседателот на собранието. Недостасуваше само аплауз. А можеби и го имало, само во собраниските партиски канцелатии, скриен од погледот на јавност? Што пак ќе каже дека се свесни за срамот, за насилието, за прескокнувањето на процедурите и укинувањето на демократијата! И тогаш, се наметнува прашањето: во што е овој „чин“ различен од она исфрлање на опозицијата од собранието на 24 декември 2012 година? И повторно еден цитат: „Две години по смртта на парламентарната демократија во Македонија, пред овој споменик на ‘црниот понеделник’, порачуваме – Ќе ставиме точка на намерата на власта да продолжи до конечната пресметка со слободата на говорот, со демократијата, со слободата на избор на граѓаните“, изјавил Зоран Заев, (тогаш) лидер на опозицијата. А фамозниот „споменик“ бил парче картон со порака „Парламентарна демократија 8 јануари 1991 – 24 декември 2012“!

Сега, на (речиси) десетгодишнината од тоа погребување на демократијата, оваа коалиција, со парите акумулирани низ овие пет години, би можела/требала да подигне барем попристоен споменик на втората смрт на демократијата во „Нашата земја“!


КРИТИЧНАТА МАСА КОНТРА КВАЗИДЕМОКРАТИЈА

Многумина ќе речат дека во ваква „држава“ всушност и немаше дилеми дека ќе се случи тоа што се случи со најавениот референдум во собранието (малите букви се одраз на неговото реноме деновиве), како што впрочем немаше ама баш никаков сомнеж дека ќе биде изгласан и „францускиот предлог“ и сѐ друго што на своите пратеници ќе им го сервира актуелново акционерско криминално и коруптивно друштво што сака да се нарекува – власт. Но дека власта толку ќе се соголи низ „интерпретациите“ и „толкувањата“ на претседателот на собранието, дека така отворено ќе го прифати не тоталитаризмот туку деспотизмот, тоа малкумина веруваа. Меѓу нив и јас, се разбира. Следствено, како човек се справува со таква форма на тоталитаризам/деспотизам, со какви средства и на кој начин? Со фамозната критична маса? Но за тоа малку подолу.

За волја на вистината, кај нас никогаш и не било многу различно, уште од 1992 година. Иако не до ова безобразно рамниште. А сепак ние тоа го нарекуваме – демократија. Македонија одамна е во сосема друга „коцкарска шема“ (како што вели г-ѓа Куновска), а зарот секогаш им паѓа на добитна комбинација. Но, вистинскиот циркус ќе почне набргу, кога ќе треба да се киднапираат пратеници за промена на Уставот, кога уште посилно ќе налегне кризата и инфлацијата – па и темницата! – кога и соседите конечно ќе речат: аман од вас! И ќе нема крај, зашто и владата и мнозинството во собранието се покажуваат како одлично уигран во неспособноста тим, особено со резервната клупа со Трајанов, Милевски и остала ситна боранија, кои мислат дека со нивната превртливост се во состојба да го надмудрат и најголемиот ѓавол – народот!? Се излажале, се разбира, и ќе си ја платат цената, кога-тогаш.

Кога во државава – ако уште остана некакво „одличје“ што ова парче земја го квалификува за тој поим – ќе се спушти конечниот мрак предизвикан од цела армија приглупи апаратчици кои одработуваат за само десетина-петнаесет „газди“ во земјава, нештата можеби, конечно, ќе станат појасни. Ако станат, се разбира, зашто во таков тип на конечен мрак, се заматува погледот и умот, луѓето бараат излез од катастрофата, секакви идеи стануваат реалност. Не верувам дека власта мисли на тоа, ниту пак смета дека таквиот расплет на ситуациите е можен кај нас. Но, така мислеше и оној бегалецон во Будимпешта. А сега ситацијата е барем двојно полоша од тогаш, на сите полиња. Ваква реалност како македонскава најпластично се нарекува – ќорсокак! А во него, во тој ќорсокак, по правило ве носат аналфабети и некадарни луѓе/власти неспособни нормално да реагираат во кризни моменти, политиканти со поминат рок и приглупи „државници“, офицери кои се дрзнуваат да толкуваат Устав а Уставниот суд молчи, каде премиерот ви се фали дека дваесет години работи во компании ама никаде не можете да прочитате што навистина сработил, ако универзитетски професор по Уставно право е надгласан во полза на некој пензионер-бирократ кој чека повторно да залегне на висока функција, ако американската амбасадорка во очи ви вели дека „Во Македонија недостига одоговорност и транспарентност, а има непотизам, корупција и институционална неефикасност“…, за каква тогаш држава говориме? За „држава“ каде „жолти комбиња“ преку ноќ стануваат „хибридни напади“, каде полуписмени поединци на високи забрчански позиции во стилот на Титовите бригадири бараат „засукување на ракавите“, каде културата одамна заличува на интелектуална паланка во којашто виреат илјада приглупи цветови на анти-интелектуланоста и непросветеноста?      

Затоа, всушност, често и говорам за темпирана политика на антипросветителство, за исклучително груба и немилосрдно простачка реалполитика што меле сè пред себе. Концептот на сила и неограничена моќ е вистинската „демократија“ во земјава, а безобразлукот и непросветеноста се столбовите на политикантската власт. Што впрочем и не е некаков нов „концелт“ или изум на нашиве аналфабети. Тие ниту умеат да мислат, за нешто да смислат.  

Но умеат да имитираат и да ги слушаат „препораките“ на „советниците“. И впрочем, зошто никој не прашува кому му треба ваква Македонија, па нека е и Северна? Ако американската амбасадорка го мисли тоа што јавно го говори, ако истото тоа, со малку ублажена реторика, ни го порачуваат и амбасадорите на Германија, Холандија, Франција…, тогаш кому навистина му треба една ваква тоталитарна и нехумана провинција? Зарем таканаречената „меѓународна јавност“ нема сили да се справи со политикантската и криминалната мафија во Македонија, или токму тие се нејзиниот главен ментор и поткрепа? И зошто?

Но, повторно „но“: ако е тоа така, ако и американската амбасадорка, ако и целиот дипломатски кор е свесен и говори против оваа неконтролирана моќ на квазидемократската односно деспотската власт, зошто никој не превзема ништо? Уште ли ја чекаме онаа „критична маса“ која никако да дојде? И што всушност претставува таа, колкав процент од населението е потребен? 20%, 30%… колку проценти ни се потребни за Македонија конечно да тргне по вистинскиот демократски пат? И колку жртви треба да се дадат? Зошто никој од странските амбасадори не говори за тоа? Затоа што знаат дека тоа е глупост, дека таква „критична маса“ не постои, како што не постоела ни во минатото. Инаку, зарем немавме „критична маса“ во 2016 година и колкав процент од таа „маса“ континуирано излегуваше на протестите во 2016 година? 2%, 3%… колку? И од тој процент дојде „уривањето на режимот со пенкало“? Од таа и толкуцкава „критична маса“? Можеби, но зарем таа „критична маса“ би застанала зад лик викан З.З.? Или зад Талат Џафери во собранието? Или станува збор за – нешто друго? И немавме ли доволна „критична маса“ за локалните избори во 2021 година? И, што се случи со „масата“?

А инаку, колкава беше таа „критична маса“ во Македонија на 11 октомври 1941 година? 0,1%, 0,5%…, колку? И успеа да победи онаква воена машинерија како германската и оние нејзини потрчковци кои сега повторно креваат фашистичка глава!? Како успеа? Е тоа е вистинското прашање коешто македонија (малите букви се одраз на нејзиното, ни крива ни должна, реноме годиниве!) тгреба да си го поставува секој божји ден. Ни недостасува ли храброст, воља, решителност, цврстина… организираност? Извинете, но ваква аморфна маса историјата не памети на овие простори. Исто како што не памети ни попримитивна, понеука и подеструктивна власт! Не можат Фејсбук и Твитер да бидат замена за вистинска реакција на случувањата што пет години со ред ја тормозат оваа земја, како што впрочем не можат ни колумните од овој тип тоа да го направат. Тие можат да бидат некаква иницијалната каписла, но не повеќе. А „критичната маса“, ако до денес ја нема, нема никогаш да ја има!     

ДРУШТВО НА МРТВИ ПОЛИТИЧАРИ

Секоја година, веќе со децении, е исто: славиме нешто – не знаеме што: ни сме самостојни, ниту независни, најмалку сме суверени! Сите наши славја се пирови славја, сите наши „победи“ исто така. И секоја година, со ред, говори ни држат истите од Друштвото на мртвите политичари, само во нови костуми, во поинаков амбиент, со други ликови околу нив. Граѓани, или народ, како сакате, сѐ помалку доаѓа на нивните прослави зашто знаат дека овие се одамна мртви, тукашни се но покојни, сегашни се но минати. Само тие не го знаат тоа! Само тие мислат дека нешто важно ни кажуваат, само тие мислат дека ние ги слушаме. Немаме што да чуеме, одамна. Нивното Акционерско друштво „Друштво на мртви политичари“сѐ уште мисли дека господари со нас. Можеби, но не и со иднината, не и со историјата. Тие одамна ги имаат упокоено и – погребано. Маргините на историјата се полни со ликови како нив. Ни биле, ниту можат да бидат. Некој, некогаш, можеби и ќе се сети на нив, но со празно срце, или полно со омраза.

Кај нас, во овие три децении, анонимуси и аутсајдери, уличари и кецароши остареа во Парламентот и сите можни влади и министерства, се испоженија и оформија семејства, и нив ги згрижија а можеби и нивните поколенија…, само државата остана иста. И мртва, како нив. Иако некои велат дека и неа одамна веќе ја нема и дека целата власт е всушност во рацете на Акционерското друштво. Што е најверојатно точно бидејќи вештачки ја оживуваат само за празници како овој. И уште по некој. Или кога доаѓа странски гостин. Тогаш ги развиоруваат на искривени стапови избледените од сонце државни знамиња и ги пеат осакатените химни, секогаш вадејќи по една „неподобна“ строфа. Иако и пеењето им е онака, колку да помине редот. Знаат дека и тие белези се мртви, непотребни, неценети.Кому му требаат државни обележја ако државата – ја нема?! Ако таа е заменета со некакво партократско акционерско друштво викано „Друштво на мртви политичари“, ако секоја будала од тоа Друштво смета дека има право на празници да ни се обраќа како на малоумни мрсулави деца иако токму неговата малоумност просто „штрчи“ на сите страни од говорницата? Едниот се фали дека бил „експерт за продажба“? Па што сега ќе продава, рестловите од државава? Кому, и по која цена? А нас, ќе нѐ купи ли некој или ние да си бараме нова држава?

Друг ни тртља за некаков „голем натпревар“ меѓу државите од Централна, Источна и Југоисточна Европа. Па со што ние влеговме/влегуваме во тој натпреварт? Со вас, мртвите политичари кои тоа сѐ уште не го знаат, со криминалот и корупцијата што ги инсталиравте во општеството како клучни „политички“ механизми, со непотизмот, неписменоста, партократијата…, со што? Имаат ли претстава овие прегазени од времето политиканти каква беше оваа држава пред триесет години, каква беше оваа култура, каков беше Универзитетот, каква беше Државна болница…? И какви се сега? Тоа што преостана ли го прославуваа(т) вчера, денес, утре? Трет припадник на Друштвото веќе со години – а сега повторно, празнично – нѐ убедува дека суверенитетот е всушност анахронизам, дека сите наши национални понижувања биле – наши победи! Можеби, но тоа е прашање на перцепција кој колку шамари може да истрпи, и до кога? Некои се така „скроени“ што можат да ги плукаат цел живот. Затоа и се во тоа Друштво.

На вакви „празници“ всушност го гледате вистинското Друштво на мртви политичари во нивниот елемент, во акција. Но гледате и нешто друго: дека ние освен Илинден и АСНОМ немаме што да му покажеме на светот. Што ѝ покажаа пред некој ден на претседателката на Словачка? И што денес ќе му покажат на претседателот на Италија? Само еден мртов херој кого по којзнае кој пат го предаваат/препродаваат. Тој ѐ за пример и чествување, но не со нив околу него! На Друштвото на мртвите политичари треба да им се забрани пристапот до неговиот гроб.

Од АСНОМ пак не остана ништо, не смеат ни да го спомнат. Ниту пак нешто сврзано со него. Како онаа табла во Прохор Пчински, го вадат само кога ќе им притреба и повторно го враќаат во подрумот. Мртвите политичари ангажираат мртви историчари кои и малкуте вистински победи ќе ги замаглат, ќе ги препишат и допишат, а нивните споменици ќе ги преправат. Не знаеме кога процесот ќе почне, но ќе почне, сигурно. Тоа ни го навести уште оној член на Друштвото кој уште живее во убедувањето дека со пенкало урнал режим. И сѐ уште го четаат на наша сметка. Малку му беше, сака уште. Ваквите „празници“ и растрчаните членови на Друштвото на мртви политичари се само уште една добра прилика да се потсетиме на зборовите што недостасуваат во Нашата земја. Зборовите што нема да ги чуете од устите на членовите на Друштвото и нивните следбеници: чест, образ, морал, вистина, култура… Тоа се зборови што никогаш нема да ги слушнете во нивните празни празнични говори, тоа се зборовите што недостасуваа(т) сега и тука, вчера и денес, и само низ нивната призма светот ги цени цивилизираните луѓе, па и политичари. Но не политиканти, не мртви политичари прегазени не само од времето туку и од културата, од цивилизацијата, од доброто домашно воспитување, од современиот вокабулар. Во нивните секојдневни политикантски кокодакања не може да се најде современиот, културниот, образованиот поединец. Само мафиите и нивните абоненти и ракоплескачи. Уште помалку може некој нормален денес да има верба во нив. Нивните зборови веќе не се ни црни ниту сиви, тие се тотално безлични, безчесни, безобразни, како и нивните дела. Иако, ни срамот не е нивна силна страна, не кон себеси или семејството, пријателите, сопартијците, туку од она што останало од државата, ако останало нешто, од она што останало од македонската култура, ако и од неа нешто останало!

ДАЛИ ИГРАТА ШТОТУКУ ЗАВРШУВА?

Насловот, секако, е директна парафраза на Дугиновата реченица дека „руско-западните релации штотуку започнуваат“. Ние, вакви какви сме, одамна не започнуваме нешто. Ние – завршуваме, катастрофично го ништиме целиот општествен (образовен, културен, научен, политички… државен) капитал што ни го оставиле претходните генерации. Ние се плеткаме низ Балканов, по саеми се фалиме со вино додека културата се распаѓа, додека децата не ги добиваат учебниците навреме, додека клиниките ни се под вода… и државата пука по сите шевови. Релациите со источниот сосед не се ни на мртва точка – тие регресираат кон конечен завршеток, кон наше целосно разнебитување во интерес на т.н. евроинтеграции. Вреди ли целта за таква висока цена? Да, во нормални времиња и услови. Не, во ваква смртоносна бугарска прегратка! Но, за тој потенцијален завршеток никој не говори ништо, ни јавно ниту „тајно“, во медиумите; повторно како и за „Преспанскиот договор“ се точ(ка)ат не само малигани во Белград туку и високи европски политичари повторно да нѐ убедуваат дека самоубиството е чин за почит. Исто како што го возвишуваа и Горбачов – лесна му земја – кој толкава држава ја сведе на московски пашалук. Но Русија тоа можеше да го издржи, ние – којзнае?

Нашата катастрофална економска немоќ, еднаква на неспособноста на државното раководство, толку ја заслепува јавноста што сѐ друго станува неважно. Но не е. Спомнатата од минатиот пат компарација за културната политика во време на криза помеѓу Македонија („олеснета“ за цели 100 милиони евра) и Германија (со дополнителна културна „инфузија“ од цели 148 милиони евра!), е само дел од сликата за состојбите во целата држава (и) последниве пет години. Сите говорат за можниот крах на економијата, никој за дефинитивниот завршеток на културата. Иако, точно, уште Харари потврди дека без економија нема цивилизација. А цивилизацијата е – култура. Но, но – иако јас не сум тој кој би му парирал на Харари – економијата е обновлива и на краток рок, културата не е. Или, многу потешко.

Од друга страна, економијата, или стопанството (како што милуваме да ја нарекуваме), барем последниве две децении, постојано имало свои високи претставници во власта/владата и ги диктирало државните политики во економијата. Културата – никогаш. Таа немала ни министер со барем минорни познавања на културата, не пак личност која реално можела да се избори за поинаков третман на културата во државава. Тоа е најочигледно и денес, кога економијата, преку своите агилни претставници на стопанските комори, секојдневно предупредува на опасностите, а за културата говорат одвај неколкумина.

Затоа ли културата буквално дојде до ѕидот? Не само заради тоа, се разбира, и не само заради континуираното парчосување на нејзиниот буџет, туку заради фактот што културата одамна никој не ја спомнува како релевантен фактор во државата. Ја поттурнаа на опашката, или под неа, дури и во клучните „релации“ со Бугарија и нејзината перфидна „политика“, никој збор не кажува ниту за убиствените вистини на, на пример, проф. Тодороска, за повикот на Милчин, за текстовите на Геровски… и др. Притоа, навредите не доаѓаат само од истокот, туку и од внатре, од кај нас. По втор пат за неколку дена едно човече буквално блуе навреди за македонскиот народ и – никому ништо. Премиерот и пола влада се шетаат низ Белград на некаква „Винска визија на Отворен Балкан“. „Културна визија“ не би ги интересирала, нели? А наместо да го влечкаат и „виртуозот“ Стефановски со нив да ги забавува, можат да отидат во прошетка по културните институции на Белград – Музејот на современата уметност, Народниот музеј, Конакот на књегиња Милица, Југословенско драмско… и др. – за да видат на кое рамниште е културата на само 450 км. од Скопје.  Или за онаков профил луѓе како македонската владина делегација е опасно да се влезе во културна институција? И имаат ли тие воопшто претстава што е тоа култура? И што ли претставувал Влатко Стефановски таму? „Десерт“, што би рекло човечено? За тоа ли служи културата?!

Едновремено, остана неодговорено и за кои и какви минати „мрачни времиња“ неодамна говореше министерката за култура! За 1945 година, за 1948, за 1956…? И што воопшто овие знаат за тоа време? Ако пак мислат на 2014-та, на пример, умеат ли да направат разлика, и која, и каква, би била таа? И има ли поцрно време од ова кога во услови на отворено негирање токму на сѐ што е поврзано со македонската култура во најшироката смисла на зборот се прави еклатантен цензорски (и финансиски) упад? Ама културата ни ги кочи ЕУ перспективите, урлаат трабантите. Ма немој, а какви ви се тие перспективи со сегашниве социјалдемократски ждановисти и без македонската култура во нив? Од друга страна, кога беше најпотребно односно во првата деценија по 1991 година, кога македонските „дипломати“ дремеа по ходниците на евроинституциите или влегуваа на задна врата, токму македонската култура беше единствената гласна врска со регионот, Европа и светот. Ама како тоа би го знаеле овие новоиспилени ждановисти за кои тогаш Лепа Брена и Миленко Ротквиќ беа врв на културата! Сега ги заменија Карлеуша и Цеца, ама која е разликата? И има ли помрачни времиња од овие каде културата ја влечкаат по вински саеми, кога со културните фондови си играат како со лего коцки, кога полуписмен полусвет добива простор јавно и без реперкусии да навредува цел еден народ?