Monthly Archives: January 2022

ПРВАТА ЖРТВА

Во еден поширок, цивилизациски и секако демократски контекст, актуелните македонски ќорсокаци во руско-украинската „криза“ добиваат и пошироки филозофски и метафорички значења. Сигурен сум дека македонското раководство не може/не умее да ги согледа докрај – да можеа не ќе даваа такви ступидни изјави – но чудно е што и т.н. интелектуална јавност (или барем нејзиниот поголем дел) е така молчалива. Не верувам дека тоа е баш заради НАТО, туку се чини дека доминантен е фактот што целата приказна ја водат односно се инволвирани Соединетите американски држави. Тој, секако моќен, мотор на Атлантската воена алијанса кај нас, некако премолчено, но и, ќе се осмелам да речам незаслужено, се наметна како главен репер во цивилизациските стандарди.

Како и да ѐ, руско-украинските игри без граници не се од вчера, и нема да завршат утре, со нас или без нас. А ние, ние само ќе губиме пријатели со нашето необмислено – да не речам малоумно – прифаќање на сѐ што неспособната македонска политика не умее соодветно да го омекне или да го согледа од поинаков ракурс. А ако некој има(л) историски искуства со воени судири – на своја или на туѓа територија – тоа секако е Македонија. И една таква држава денес да се појавува во улога на активен и гласен лиферант на воени поддршки е, најблаго речено, срамно. Ако ние во државниот врв немаме политичари кои умеат во дадена ситуација да кажа „не“ – сталожено, образложено и аргументирано – тогаш ние имаме сериозен проблем! А, од друга страна, сериозен проблем, што и власта го поттикнува, е идентификацијата на определбите „за“ и „против“ војна како фаќање страна за Путин или Бајден! Тоа, секако, се недолични – да не речам будалести – идентификации што си ги дозволуваат не само грст улични „интелектуалци“ туку и дел од македонската политика.

Но, спомнувајќи го поширокиот контекст на прашањето на нашето учество во (условно) воената интервенција во Украина, нема да го поставам неопходното и очекуваното прашање: дали некој од „војсководциве“ ќе стави некој свој близок во првите редови на оваа македонска воена авантура? Но, ќе поставам друго, еднакво важно, ако не и поважно односно прво на коешто мора(ло) да се помисли при кроењето на воените планови: во случај на – не дај боже – загинување на еден, само еден македонски војник во таа авантура, кој, и како, на неговите блиски ќе му го објасни тоа, со кои зборови? Дека загинал за – Македонија? Можеби онаа „госпожа“ амбасадорска сопруга која така здушно тропа во воените тапани, ќе биде таа личност? Или министерката за одбрана? Од друга страна, или можеби токму од прва: кој е тој во оваа држава кој така лесно може да жртвува нечиј живот? Претседателот на државата и врховен командант, премиерот, министерот за одбрана… целата Влада, Собранието? И врз основа на што? Само заради фактот што ние пред неколку месеци сме станале членка на некоја воена алијанса? Ако е тоа главниот аргумент, а според кажувањата на воинствениве македонски глави се чини дека е, тогаш нели е правично тие – или нивните семејства – што го изгласале и потпишале тоа наше членство да бидат примерот на саможртва за „украинската кауза“? Зашто, извинете, но овде, во крајна линија, станува збор токму за – жртва/жртвување во вистинската и историско-филозофската смисла на зборот.

Првата жртва е библиска тема. Онаа на Аврам и синот му Исак – иако Севишниот навреме го сопрел жртвувањето. Но, записи, иако не експлицитни, постојат и за претходни човечки жртвувања: дека, на пример, првородениот син ќе му припадне на Бога и слично. Сакам да кажам: човекот, уште од зората на неговото постоење и верувања, бил спремен на жртвување дури и на најблиските. Ако вербата, се разбира, била толкава. Дали нашиве „државници“ навистина толку веруваат во мисијата, па се подготвени да жртвуваат човечки животи? Или ниту помислиле на таа страна на „приказната“? Но, повторно, човекот уште од памтивека размислувал на таа тема и барал одговори. И мислам дека ги нашол. Па по ѓаволите, се наоѓаме во третата деценија на 21-от век! Зарем сѐ уште не разбираме дека таквите жртвувања одамна се дел само од историјата на почетоците на Човекот и неговата слепа верба во… што и да ѐ? Зарем навистина македонскиот државен врв е подготвен на таков варварски чин на жртвување макар и на еден млад живот?  

Токму како илустрација на таа тема е и делото Жртвата на Исак (1635, масло на платно, 193х132 см. Ермитаж) на генијалниот Рембрант ван Ријн (1606-1669). Велам генијалниот бидејќи историјата на уметноста не познава многумина вакви сликари. А во неговото време – уште помалку. Оние кои можат да го посетат Амстердам, неизоставно мораат да ги обиколат сите локации сврзани со неговото име – а Холанѓаните сочувале сѐ што можело да се сочува – и сите музеи во коишто се чуваат неговите дела. Тоа е вистинско светско сликарско наследство! Експертите велат дека Рембрант е еден од генијалните сублимати кои Холандија му го дала на светот. Неговите дела, сите до едно, а тоа е навистина реткост, се мајсторска комбинација на длабока психолошка анализа и врвно сликарско знаење базирано на играта на светлината и сенките. Посоченото дело Жртвата на Исак е едно од тие генијални дела што ја следи библиската приказна кога Господ одлучил да ја тестира силата на Аврамовата верба и му наредува да го принесе како жртва. И сега, морам да направам кратка дигресија: кој е тој (Господ?) што на Македонија ѝнаредува да ги жртвува своите синови за целите на НАТО? Има ли тој „господ“ име и презиме или се крие зад акронимот НАТО? И зарем е достоен така и толку да му веруваме? И дали оние ставени во позиција да одлучуваат за жртвата, прво ќе одлучат за личната жртва, како и Аврам?!

WHAAM или ЗВУКОТ НА ВОЈНАТА

Речиси е неверојатно како поединци можат да уживаат во ѕвекотот на оружјето, во „мирисот“ на војната во етерот, па дури и (морбидно) да се радуваат на еден таков судир. Но тие лично не се гледаат во судирот, туку идејата е да ја втурнат цела земја во вооружен конфликт контра една светска нуклеарна сила!? За какви „афинитети“ може тука да станува збор, за какви болни склоности или пак понизно исполнување на некакви и нечии – наредби? Зашто, сегашнава македонска подготвеност – барем според изјавите на одделни наши официозуси – со малоумно НАТО „објаснување“ да ја внесе земјата, или (дел од) нејзината армија, како сакате, во воен судир со Русија а заради кеифовите на НАТО босовите, не може поинаку да се оквалификува. Речиси и не седната во фотелјата, новата министерка за одбрана малтене ѝ објави војна на Русија изјавувајќи дека во Македонија е во тек „изготвување на анализи за можностите за потенцијално учество“ на Армијата на РСМ во случај на „руската инвазија на Украина“! Па и тоа како да ѝ беше малку, туку се впушти и во квалификации за руските активности на тоа поле, потенцирајќи дека „поставувањето на вооружените сили од страна на Руската Федерација (…) е провокативно и има дестабилизирачко дејствување“. За кого има „дестабилизирачко дејствување“ , за Македонија, за регионов? Со што, и како? Или таа гледа месеци, години пред нас, обичните смртници? А сето тоа – сепак релативно поумерено – со поддршка и на кабинетот на „шефот“ на државата Пендаровски, со ограда дека сепак нема дефинитивна одлука за воено учество во Украина но доколку  НАТО побара, можно е АРМ да се вклучи во евентуалниот руско-украински конфликт. Е па, ние навистина умееме да си избереме непријател!

Токму заради сето ова, но и заради горчливо комичниот аспект на целава македонска воена папазјанија, прво на ум ми дојде родоначалникот на поп-артот Рој Лихтенштајн (Roy Lichtenstein, 1923-1997) и неговото славно дело Whaam! (1963, диптих, акрил и масло на платно, 172.7х406.4 см., Теит, Лондон). Во македонски превод насловот на делото би означувал ономатопеа на звук при некаков тресок, судир и слично, нешто како Треес!, што и не е толку важно. Но преводот, се чини, сосема соодветствува на нашето „снаоѓање“ во целава ситуација, на ехото на изјавите на македонските први луѓе задолжени за одбраната. Ќе си речете небаре Русија се окомила на нас со сета нејзина сила, решила да нѐ напаѓа, што ли, па затоа и ваквиот наш хистерично висок воен гард. Како и да ѐ, оние подобро запознаени со историјата на поп-артот знаат дека еден од главните негови „извори“ е стрипот (можеби заради тоа и нашиве „реакции“ ми заличија на – стрип!), а во конкретниов случај со посоченото дело на стрипот All-American Men of War на авторот Irv Novick, објавен во 1962 година. Поточно, Лихтенштајн го “доработил“ оригиналниот цртеж од стрипот, поставувајќи го американскиот авион на едното (лево) платно на диптихот, а погодениот непријателски авион на десното. Според уметникот, за изработката на делото му бил потребен само еден месец (Lichtenstein, letter to Richard Morphet, 10 July 1967, Tate Catalogue file). Претпоставувам дека многумина ќе приговорат дека кај поп-артот, па и во ова дело, во голема мера станува збор за позајмување (во случајов од конкретен стрип). Но Лихтенштајн не мисли така. Тој вели: „Номинално, јас копирам, но всушност јас го преформулирам копираното на друг начин. Правејќи така, оригиналот добива целосно различна текстура“ (Lawrence Alloway, Roy Lichtenstein, New York 1983, стр.106.). Уметникот исто така објаснува и зошто избирал воени теми во многу негови дела во 1962-3 година. Тој вели: „Во тоа време ме интересираше сѐ што можеше да се употреби како емоционално силно – обично љубов, војна, или нешто високо емоционално. Исто така, сакав избраното да биде спротивно на исклучените и промислените сликарски техники“. Следствено и изборот на стрипот што ќе ја претстави воената акција дискутабилна ѝ ќе и даде на сцената смешен и незрел тон. Токму како нашава ситуација!

Оттука, мислам дека мојот избор за овој актуелен контекст е соодветен бидејќи нашето повинување/приклонување кон секакви, па и најступидни, наредби е крајно несериозен и прилично детски за дадената ситуација. А сепак, ситуацијата не е воопшто комична. Не сакам да верувам – иако има и такви назнаки – дека ние, и не само ние, од НАТО центарот во Брисел добиваме готови „формули“ за изјави за приклучување кон одредени активности/акции од ваков тип. Ако е навистина така, и тоа сме го заслужиле. Поточно – не сме заслужиле ништо подобро бидејќи луѓе со ограничени умствени способности не заслужуваат ништо подобро. И ако/кога ние како (наводно) демократска држава така беневолентно се согласуваме дури и на воени акции, на испраќање македонска војска што ќе војува на странски фронтови, во (потенцијална) војна меѓу две од трите најголеми светски воени сили, тогаш, извинете, не може утре друг да ни биде виновен. Не дека Македонија не била во такви ситуации низ историјата, на пример во Балканските војни и Првата светска војна, и претходно, секако, во времето на Отоманската империја, кога младото и военоспособно население било насила мобилизирано и гинело за туѓу апетити. Но во 21-от век самите да се ставаме во таква подредена положба е навистина – малоумно! И, се разбира, и за ова – за ваква валкана војна – кај нас веднаш се формира политички „консензус“, а „интелектуалната“ јавност е тука да даде поддршка и на такви одлуки. Демек, ние со таквите изјави „сме заземале став“! Каков став, по ѓаволите, дека ќе влеземе во војна со Русија? Тоа е – став?!? Или е дебилна послушност и идиотизам од политикантство? И зошто воопшто ние во тој конфликт би заземале некаков став, особено зошто проактивен односно воен? Само заради фактот што сме членка на НАТО? Па такви членки има уште дузина, меѓу нив и Германија, и Хрватска, на пример, па не се согласуваат да водат војни за потребите (првенствено) на САД!

Од друга страна, интересно е како таквите поддржувачи на воени дејствија, па и на Македонија во тој контекст, во нивните „анализи“ успешно забораваат дека членството во НАТО односно учеството во неговите воени акции во принцип се однесува ако е воено загрозена друга членка на НАТО! А Украина тоа не е. Овие воени потпалувачи забораваат и дека Македонија не беше членка на НАТО кога дозволи прелет на нивните авиони за бомбардирање на цивилни цели во Србија во 1999 година. Ваквите „интелектуалци“ тогаш – молчеа!

ЕДНО СРЕЌНО СЕМЕЈСТВО

Се разбира дека неколкуте претходно спомнати примери за тоа какви се и како функционираат менталните матрици во ова општество/држава, не го исцрпуваат предолгиот список на крајно апсурдно, дури антиопштествен, а секако деструктивно однесување на поединци, групи и цели политички партии, кои во услови на отсуство на отворена, јавна критичка свест контра таквото однесување, продолжуваат со примената и негувањето на таквиот модел. И токму отсуството на јавна критичка свест – првенствено во медиумите, но (особено) и од страна на т.н. интелектуална јавнсот – е една од најконтроверзните точки во ваквото македонско општество. Точка којашто, самата по себе, исто така се престорила во соодветна матрица според која гласноста е непосакувана, таа е проблематична, често прогласувана дури и за непријателска (?), а критичката свест и делување се проскрибирани, малтене еден од најголемите општествени гревови. А во тој контекст особено онаа гласност, или критика, како сакате, кон „своите“, кон (наводно) истомислениците – кои, патем, до невиден степен ги злоупотребуваат функциите и доверената служба! – при што молкот постанува/е посакуваното однесување бидејќи отвореното спротивставување на востановените негативни практики наводно ѝ помага на опозицијата. И тоа секако, и повторно, е поттикнувано од власта –  која и да ѐ и каква и да ѐ – со што се обезбедува алиби за сите неуспеси, погрешни политики, скандали и криминали. Таканаречената „интелектуална јавност“ го прифаќа молкот во интерес на некакви повисоки идеолошки/демократски цели, никогаш и никаде срочени и дефинирани, а всушност во интерес на секакви свои лични бенефиции и амбиции во номенклатурата на постојната власт. Таквиот shift во поимањето на критиката или отвореното несогласување со политиките на власта е невидено досега во современите европски демократии!

И, буквално такви и/или слични примери денес имаме премногу: поединци, видни интелектуалци, често (нај)гласни говорници контра некогашниот режим на заробената држава, па дури и познати претставници/предводници на т.н. „Шарена револуција“ – со мали исклучоци – веќе пет години јавно молчат за сите идентични „политики“ и постапки и на оваа власт (којашто, патем, себеси се самопрогласува за најдемократска во кратката историја на македонската демократија!), иако од меѓународната заедница (сепак) веднаш беше квалификувана како хибриден режим. Оттука, зошто за еден интелектуалец типот на режимот – заробена држава или хибриден режим – би претставувал почетна и крајна точка на идеолошкото определување? И зошто против едниот би бил гласен а против вториот би молчел – освен ако нема лични бенифити и/или очекувања односно ветување за реализација на личните амбиции? Оваа ментална матрица, речиси вкоренета кај македонската интелигенција не само од 1991 година, се покажува како најубиствената матрица за македонската демократија! Бидејќи, ако (дел од) македонската интелигенција, како учесник во т.н. „Шарена револуција“ – секако со голем удел и од мнозинството на македонскиот народ како јавна поддршка! – умеела да ги препознае криминалите на режимот на заробената држава, зарем е можно и после пет цели години да не може да ги види истите „политики“ и криминали кај хибридниот режим? И дури и свесно да го одбегнува именувањето на тој режим со етикетата којашто е посочена токму од меѓународниот фактор како сепак стручен во тој поглед? Наместо да се даде гласност токму на усилбите и настојувањата таа етикета да се надмине а политиките да се прочистат од елементите што одат во нејзин прилог, македонската јавност не смее ни да ја спомне а веднаш да не биде оквалификувана како непријател, предавник на каузата, „вмрана“… и др.

За заглушувачкиот јавен молк, особено во културата (дури и сега, по заминувањето на „хибридната министерка“), и јас, и неколкумина други сме пишувале често во изминатата година. И не само за неа, секако, туку и за нејзините претходници, особено двајцана изгубени случаи сокриени под етничкиот превез на заштита, а за кои ни екс-министерката, како „непартиски кадар“, нели, уште помалку екс-премиерот и неговото фамозно инсистирање на стручност и компетентност, не се осмелија да кажат ни збор. Инаку, во ваквите во суштина добро контролирани режими, особено во медиумската сфера, инцидентните јавни критики по правило остануваа(т) без особен повратен резултат. А сепак, се чини, таквите гласови добиваат на силина, се множат, некои луѓе едноставно го прекинуваат молкот – иако, забележливо е, не со целата ударна моќ – но го прекинуваат унисоното раколескање на сите кримогени потези на власта. Меѓу таквите дури сега, по цели пет години, пројавени гласови беше и оној на некогаш агилната предводничка на „Шарената револуција“ и долгогодишен претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права, која јавно детектира слично поведение на оваа и минатата власт во низа ситуации, а особено во клиентелистичката матрица: „Тоа што за пет години не се помести е манирот на владеење во кој се задржа клиентелизмот. Ова се должи на фактот дека политичката култура на партиското членство е на многу ниско ниво. Имам чувство дека партиските лидери, за да ја задржат обединетоста на своето членство, мораат нешто да дадат. Основниот проблем е во свеста дека ако се бориш за промена на власта, мора да бидеш награден. А наградата доаѓа од државниот буџет, односно значи државно вработување“.[1] И тоа не е единствената проблематична точка во нејзиното согледување, туку старите модели на однесување ги препознава речиси и во сите други сегменти, но можеби не така „оркестрирано“ (за ЛГБТ заедницата, сексизмот, хомофобијата…), за говорот на омраза, за евроскептицизмот (но погрешно лоциран само во „партиите што имаат главно национал-шовинистичка агенда“), за „несменетиот менталитет кај администрацијата“ итн. 

 Засега, очигледно е, ваквите осамени (јавни) гласови од некогашни огнени поддржувачи на оваа власт не можат да внесат свеж воздух во застојаната властелинска крчма. Единствено можат да заработат „жолт картон“ од надлежните, или пак дежурните кербери да ги залепат на оние само ним важни јавни листи на неистомисленици и предавници. Што пак е уште еден вид наследена матрица од времето на заробената држава како метод на справување со другото мислење, особено она коешто не одговара на востановениот од власта привид за состојбите во државата. Нивното „опШество“ функционира како едно среќно и безгрешно семејство каде тие се грижат еден за друг, за сите нивни и потребите на нивните потесни или пошироки опкружувања според паролата: никому да не му фали ништо. Матрицата мора да функционира дури и при непредвидените персонални промени во врвот на власта, а во интерес на семејството! Иако, всушност, како и сѐ друго во овие пет години, и тоа „заедништво“ е само креиран привид, симулакрум. Под површината се водеа/се водат битки за превласт помеѓу различни крила/групи, не само внатре меѓу партиската номенклатура туку и на државно ниво. Дури и во тоа, „истоста“ со претходните е – иста.  


[1] Гоце Трпковски, Пировска: Пониските ешалони во двете партии се исти, ПРИЗМА, 10.01.2022

ШАРЛАТАНСКИ МАТРИЦИ

Примерите на актуелната – во принцип дилетантска, на моменти и шарлатантска – македонска ментална матрица се застрашувачки поразителни и навредливи за граѓанинот. А доаѓаат не од (условно) „пониските“ општествени слоеви што често (погрешно) се идентификуваат како необразовани и некултурни, туку токму спротивното: од оној самопрогласен македонски „интелктуален“ сој, наводно високообразован, многумина и со високи академски степени, поединци на важни државни и општествени позиции (претседател на држава, министри, советници на екс-премиерот…). И тие примери понатаму, прво, се преточуваат во пракса и во однесувањето на власта, речиси на сите раководни нивои, и второ, стануваат матрица на размислување и однесување и на пониските политички ешалони, а потоа и на општеството во целина. Таквите примери понатаму се користат и како алиби од другите власти – во стилот „па и претходните тоа го правеа“ – но и во секојдневниот живот, стануваат дел од системот темелен на лаги, скандали, криминали,  недемократско однесување… итн.

Во однос на договорот со Бугарија, односно за неговата потенцијална конечна варијанта, претседателот на државата (во едно неодамнешно интервју на ТВ24) вели: „Ние мораме да обезбедиме поширок политички и општествен консензус и само консензус заснован врз виталните интереси на македонскиот народ и граѓани во спорот со Бугарија може да трае“ (25-26 мин.). Но, кога ќе треба тој документ да биде „претставен“ и евентуално усвоен во Собранието, претседателот на дрѓавата сугерира за него да се гласа со просто мнозинство, бидејќи „видете, многу е тешко вие да добиете двотретинско мнозинство за договор со Бугарија“ (29-30 мин.)! И сега, погледнете го тој страотен лупинг на политичката матрица: претседателот на државата прво бара „поширок политички и општествен консензус и само консензус заснован врз виталните интереси на македонскиот народ и граѓани“, ама потоа смета де за тој консензус се доволни само гласовите на претставниците на владиното мнозинство во Собранието!!! Која лажна политичка матрица му ја нуди на граѓанинот тој највисок функционер на државата, јавно, во интервју на една национална телевизија? Дека е во ред да го лажеме граѓанинот, дека е нормално да создаваме привид на политички изразена и прифатена воља на Владата и Собранието, а со тоа и на целата држава? Дека може туку-така да се исклучи опозицијата – и не само таа – од решенија од „витален интерес на македонскиот народ и граѓани“ само заради фактот што една мала групичка политиканти така сака? И згора на сѐ, такви политички дилетанти ќе нѐ убедуваат дека тоа е – демократија?

Се разбира дека има уште многу такви и слични примери од самите врвови на власта, но вториот, апсолутно неодминлив, повторно е екс-министерката за култура Стефоска која, на заминување, во последно интервју на таа позиција, се наоѓа повикана да говори за некаква „неконзистентност на политиките на една голема партија“ во културата, бидејќи таа, ете, била дури петти министер за пет години! И ни таа ни новинарот воопшто не се прашуваат како, и зошто воопшто (и) таа се нашла на таа важна позиција – што повторно е пример за изместена политичка и стручна матрица – туку дури разговараат за некакви нејзини успеси/дострели во културата. На Стефоска, која се дрзнува најбезобразно, сега, после година и неколку месеци катастрофална неработа, да ни објаснува што е култура и што и како требало да се направи во/за културата во државава! Тоа е веќе одамна познатата матрица на „генерали по војната“, кога и директно одговорни луѓе за одредени ресори во власта дури по смената/заминувањето се осилуваат да држат лекции што и како требало да се сработи во нивниот ресор, дека секогаш има некој други виновен за нивните пропусти и незнаења, дека ова и дека она… но ниту еден нема да застане чесно и поштено пред јавноста и да каже дека, едноставно, не бил и не можел да биде успешен во работата бидејќи бил целосно некомпетентен и нестручен за неа! Сосема слични примери, цела дузина, имавме и со екс-министерката за образование и наука, со екс-министерот за правда (сега дури унапреден!) итн. За жал, сето тоа е крајно некритички и најчесто вулгарно навивачки поддржувано од дел од медиумите, што повторно создава не само лажна слика за квалитетната матрица на овие политичари, туку и за власта во целина. Тоа пак, понатаму, си има свои реперкусии во целото општество, по хоризонтала и по вертикала, создавајќи симулакрум на вредности и модел на постапување.   

Ако пак самите врвови на власта се сосема комотни во таквото однесување, тогаш воопшто не зачудува истата или слична „понуда“ на сите страни и нивои во државата. Кај нас се врежа мислењето-модел дека стручноста и компетентноста се неважни услови/квалитети доколку постојат оние другите – политичките, пријателските, лично-групните, клиентелистичките… И тоа се практикува од највисоките до најниските позиции во општеството, каде психолози и филозофи оценуваат уметнички/културни производи, новинарчиња држат лекции на докажани стручњаци, попови се бават со политика, „инфлуенсери“ стануваат директори на фондови, спортски коментатори делат совети од историја и надворешна политика… Дури, добиваме и рецептура како да продолжиме во таа насока односно да ја воведеме семејната традиција како главен критериум за важни државни и општествени позиции. Па така, просветлени семе дека, ете, „Постојат семејства кои со генерации се успешни бизнисмени, дипломати, адвокати, доктори, архитекти, музичари, па на тапет ни криви ни должни често ќе се најдат нивните деца, без разлика дали се талентирани, едуцирани, едноставно осудени се дека го носат истото презиме и јавноста често ќе ги квалификува како неспособни татини и мамини синови (..).“[1] Што ќе рече дека тие семејства треба да ни бидат ѕвездата водилка при изборот на, на пример, македонски амбасадори само заради фактот што и некој татко, или дедо на дотичниот извршувал таква должност, што пак е доволна потврда за квалитет. Та нели крушата под круша паѓа? Иако може да биде и црвлива, ама тоа веќе би било ситничарење! Ќе воведеме династии архитекти, лекари, амбасадори, музичари… сите налегнати на државниот буџет заради семејната традиција, без оглед на нивната способност, ум, објективна стручност, компетентност… Не разбравме само дали, на пример, амбасадорувањата би морале да биде во една иста (семејна) земја како правило, или кај лекарите во една специјалност, кај музичарите во еден жанр… итн.? Тоа ќе ни биде сервирано како некаква нова – дилетатантска и шарлатанска – општествена матрица за стручност и компетентност?


[1] Александар Ружин,  Како да се разликува непотизмот од семејната традиција?, Плусинфо, 18.01.2022

ЛЕТ ВО МЕСТО

Можеби само јас имам такво чувство, можеби само јас мислам дека ние не се движиме туку стоиме во место – во една точка од којашто не знаеме каде да тргнеме. Можеби сето тоа е така, но тоа е мое чувство веќе долги години, а потенцирано во последниве четири-пет и во тоа чувство ништо не можам да променам. Се разбира дека почитувам и друго мислење, на оние кои сметаат дека се движиме, дека дури и прогресираме, но реалноста односно секојдневните состојби, барем мене, ми говорат нешто друго. И коишто, често, ги поврзувам со онаа историска/антологиска мисла на Горан Стефановски и истоимен наслов на неговата драма Лет во место (1982). Некој можеби ќе каже дека почетокот на нашиот лет во место може да се лоцира и таму некаде, но јас со тоа не би се согласил. Имаше Македонија оттогаш и светли моменти.

Но, оттука, како произлезена токму од тоа мое чувство, оваа чудна, несекојдневна, апсолутно фантазмагорична скулптура на сер Антони Гормли – несомнено еден од најголемите британски скулптори на преодот меѓу двата века – постојано ме потсетува на Горан, неговата (спомната) драма, но и на состојбите што нѐ следат веќе толку децении. Монументалното (не само според димензиите!) дело на Гормли (Sir Antony Mark David Gormley) има наслов Ангелот од север (The Angel of the North, 1998, 20х54 м., челик). Делото се смета за најголема скулптура во Британија и е поставена кај Гејтсхед, на рид во  Low Eighton. Изработката на делото чинела околу 800 илјади фунти и траела 4 години. Скулптурата не е само уметничко дело туку и архитектонски потфат: поставена е на основа од 700 тони бетон под земјата и анкери од 32 тони зајакнат челик на длабочина од 20 метри! На ангелот му се припишуваат мултиплицирани значења, а авторот мудро вели: „You make things because they cannot be said“. Во секој случај, станува збор за навистина величествено дело на отворен простор – таинствено, на мигови можеби и застрашувачко, но секако величествено во својата едноставност (како впрочем и сите други дела на овој уметник), Ангелот од север зрачи со волшебна – токму ангелска – благост, но и сила, комуникација со опкружувањето, некаква исконска поврзаност со луѓето… итн. А всушност, повеќето дела на Гормли (Another Place, Event Horizon, Horizon Field и др.) изведени на отворено ја имаат таа монументалност, таинственост, нишка на некоја недефинирана тага и/или залудно очекување… Во подрачјето на општината Гејтсхед велат дека поставувањето на Ангелот од север означува нов почеток за културата и особено за туризмот во регионот и го сметаат за дел од идентитетот на регионот, слично на Статуата на слободата во Њујорк.

Се разбира ова извонредно дело на Гормли може да биде поттик и за некаков дијалог за состојбите во македонската скулптура – особено на скулптурата на отворен простор – „заглавена“ помеѓу шизоидноста на оној кичерај на СК 2014 и провинискиот „вкус“ на македонските политички елити (или „елити“, како сакате). Но тоа сепак е друга тема. Мене, како што реков на почетокот, паралелно со волшепството на мајсторството на Гормли и неговиот Ангел, веќе втората асоцијација ми е Горановиот Лет во место и македонската ситуација од 1991 година наваму. Не дека немам почит за покажаните, а во даден момент и херојски, напори за осамостојување и сувереност – во коишто, мислам, голем удел имаше целиот народ – но тоа се веќе апсолвирани нешта од коишто, понатаму, требаше да се развие современа демократска држава според европски терк. Што би рекле: 1991 година требаше да биде отскочна штица за ново општество, идеолошки растеретено, научно и стручно фундирано, економски поткрепено… слободарски и демократски осознаено. Наспроти тие и такви надежи и очекувања, денес сме на многу скалила подолу од очекуваното, дури и од стартната линија на којашто бевме. Македонската политика/политичари покажа таква неспособност што дури и летот во место веќе не е соодветна карактеризација – ние постојано назадуваме, буквално во сѐ, а особено во базичните нешта за едно современо општество: во човековите права, во владеењето на правото, во науката, културата и уметноста, образованието, здравството… Ние станавме криминално и висококоруптивно општество, земја на уличари и криминалци, на полуписмени политиканти и нивни клиенти. Сите нив, како што вели Горановиот Киро во Лет во место, не ги „боли газот за народните права“, тие мислат дека „ниту народот ги заслужува, ниту може да ги има, ниту ако ги добие ќе знае што да прави со нив.“ Македонија, па нека е и Северна или поинаква, е всушност ретроградна држава, земја на лаги и манипулации, на рекет и скандали, на кладилници наместо библиотеки и кафеани наместо музеи, на уличари наместо политичари и на провинцијалци наместо интелектуалци. Во таква земја едноставно нема место за развој, за прогрес и натпревар во знаења, нема место за млади луѓе освен ако не се приврзоци на партиите и мамини и татини синови и ќерки на политикантите. Ние се претвораме во депонија, но не само на смет и опасен отпад туку и на шљам од секаков вид: Депонија Македонија би ни било најсоодветното име!

Таква ни е, за жал, и културата – сметиште на полуписмен свет умислен дека нешто создава (со чесни исклучоци, се разбира!), на „уметници“ кои промовираат кич и краен невкус и незнаење, на партиски аналфабетни директори кои не умеат да склопат ни две простопроширени реченици. Ние, се разбира, никогаш, ама баш никогаш нема да имаме еден Гормли, иако ги имавме еден Хаџи Бошков, на пример, па еден Грабул, Мазев, Чемерски… Но тоа беа други времиња, времиња на просветителство и ентузијазам. Денес е време на молчење и чудење: како може за дваесетина години да се упропасти нешто градено безмалу цел век!?

ЗА МЕНТАЛНАТА МАТРИЦА

Неодамна професорот Марјан Бојаџиев, коментирајќи ја актуелната ситуација во Македонија, потенцираше дека „менталната матрица кај нас мора да се смени“. И на таквата констатација реално не можете ништо да приговорите, само кога тоа би било баш така лесно како, на пример, промена на филтер за масло или за воздухот во автомобилот. Ама не е, без оглед што од таа „матрица“ зависи не само сегашноста туку, уште повеќе, иднината на државата. Или токму заради тоа некој не сака да смени ништо, па ни филтерот за воздух? Вторава варијанта е поблизу до вистината кај нас, го сакале ние тоа или не: македонската политичка, но и општествена, ментална матрица не се менува односно никој не инсистира на нејзината промена бидејќи тоа носи нови „проблеми“. А меѓу нив особено оној најболниот: тогаш ќе мора да се сменат и политичките „елити“/партии во државата. А на тоа не е подготвена ниту една власт! Зборот промени е најомразениот збор во македонската политика и општество бидејќи веднаш навестува нешто друго, ново, неизвесно… А тоа тие не го сакаат – ни партиските шефови, ниту пак потесните или пошироките партиски ешалони! Новото, и неизвесното, особено во политиката кај нас, е еднакво на (не само) политичко туку и секакво друго самоубиство затоа што на политичката позиција – власт и опозиција, еднакво – во македонското општество по правило се придодаваат и сите други „принадлежности“ (пари, моќ, бенефиции, влијание…).

Но, мора да се има предвид и фактот дека кај нас политиката подразбира и уште цела една (многубројна) низа пратечки чинители „залепени“ до партиите, кои еднакво се спротивставуваат на новото и неизвесното, какви и да се. Кај нас, имено, кривулестите (и често слепи) патеки на политиката ја следат не само партиските ешалони на коишто исто така менувањата би им пореметиле многу нешта во животот, туку зад неа – зад политиката – се влечка цела една листа таканаречени невладини организации од различна политичка провениенција, па симпатизери, па едно цело опкружување од партиски клиенти и абоненти… сите длабоко зависни од политиката односно власта и трошките, некогаш не баш така мали, што ги добиваат за својата „верност“. Поимот верност овде го ставам во наводници бидејќи тој, најчесто, е директно поврзан со позицијата на партијата кон којашто верноста е искажувана: сѐ додека таа е на власт, верноста е во подем, кога преминува во опозиција, верноста оди со новата власт! 

Од друга страна, како се менува менталитет? Но, прво, што воопшто е тоа – менталитет? Најпростата дефиниција, или објаснување, на поимот менталитет е: карактеристичен начин на размислување/промислување на нештата, умствен капацитет за нивното разбирање, описот како нештата функционираат и др. Ние сите имаме некакви наши лични ментални модели за различни видови ситуации, па и „протоколи“ за социјални интеракции, за различни системи итн. Во нашата свест како да имаме копии за секоја ситуација од којашто (ќе) бараме соодветен резултат (Rouse & Morris, 1986). Во оваа насока, можеме да говориме за личен менталитет (вулгарен, параноичен, нарцисоиден, паланечки итн.); но тоа е друга работа. Во едно општество не станува збор за лични, персонални менталитети што како прост збир го сочинуваат тоа општество, туку мислам дека повеќе треба да говориме за генерален, (условно) мнозински менталитет наметнат во општеството од историските услови и развој, од однесувањето на власта, која и да ѐ и каква и да ѐ, како матрица за постигнување одредени цели, што потоа се пресликува како модел во општеството и др. Па во таа смисла, кои се, какви се тие нешта, тие ментални модели што кај нас се наметнале како патоказ/матрица за тоа како функционира системот и како единката, граѓанинот, да извлече максимум од него во општеството? Впрочем, не мора многу и долго да размислувате и барате соодветни примери и одговори. Тие се присатни, одамна, на социјалните мрежи, во медиумите, во сите странски извештаи за состојбите во државата… Сите заедно говорат за модели на партократија, за криминал и висока корупција, за непотизам… за некултура, за необразованост односно неписменост… за заостанатост, анахроност, неорганизираност… итн., односно како за матрици на однесување во општеството. Сите тие го сочинуваат ’рбетот на актулениот македонски (секако, се обидувам да направам некаква разлика помеѓу различни ентитети, но се чини дека сите полека заличуваат еден на друг)) менталитет диктиран од развојот на општествените и политичките односи во државата. Ако кон тоа се придодадат некои историски вкоренети ментални модели – оној на ропскиот односно поданичкиот менталитет (како некакви рецидиви од минатото), на покорност односно небунтување, на страв од власта, на малост (национална, државна, културна)… итн. – дали се добива некаква заокружена слика? Веројатно, иако не е којзнае колку импресивна. Но, повторно, и тоа е резултат на стекот на историскиот развој на Македонија но, во голема мера, и на современиот развој односно моделите што му биле нудени на македонскиот граѓанин.

Ако пак може да се говори за некаков македонски менталитет, значи ли дека може да се говори и за српски, грчки, бугарски… менталитет? Па следствено и за балкански менталитет, како некакво регионално заокружување на темата? Секако, и за секој од посочените врз основа на потесните (локални), и пошироките (споделени) истории, а за сите заедно како за некакво балкански менталитет веќе одамна познат барем во Европа, ако не и пошироко. А за него, за балканскиот менталитет, пишувале многумина, и во минатото и денес, меѓу нив особено Цветан Тодоров, Марија Тодорова, Славој Жижек, Паскалис Китромилидес… како „израсток“ токму од овие простори. Китромилидес, на пример, се двоуми дали воопшто може да се говори за нешто што би се нарекло „Балкански менталитет“ денес, споделен меѓу повеќенационалниот регион. Тој смета дека, помеѓу другото, „национализмот и неговиот импакт на културата и образованието се главниот камен на сопнување за концептуализацијата на споделениот ’Балкански менталитет’.“ Тука, секако, голем удел има и (главно) ортодоксното христијанство како некаков заеднички елемент, но сето тоа како евентуален „споделен менталитет“ до 18-от век, кога целиот регион сѐ уште бил под Османлиско владеење – период на „политичко единство“ на Балканот. После тоа, на преминот од 18-от во 19-от век, настапува транзиција кон национално самоспознавање, со што престанува да постои и т.н. „Балкански менталитет“!   

Од друга страна, Milica Bakic-Hayden и Robert M. Hayden цитираат една прилично зачудувачка мисла на Св. Сава, во некое негово писмо до Иринеј (?): „На почетокот бевме во недоумица. Истокот мислеше дека сме Запад, додека Западот не сметаше за Исток. Некои од нас не го разбраа нашето место во овој судир на струи па велеа дека не припаѓаме на ниедна страна, додека други сметаа дела припаѓаме само на едната или на другата страна. Но, ти велам Иринеј, ние сме проколнати од вербата да бидеме Исток на Западот и Запад на Истокот…“! Дали навистина Балканскиот менталитет уште од 13-от век наваму се наоѓа(л) на таква цивилизациска крстосница, а имал и свест за тоа? Како и да ѐ, Балканот – и соодветниот менталитет – со векови е некаква „граница“ помеѓу Истокот и Западот, помеѓу „прогресивната“, „модерната“, „рационалната“… Европа и „назадниот“, „анахрониот“, „традиционалниот“, „мистичниот“ Ориент (Edward Said), подразбирајќи го тука и Балканот!


[

ЕДНА ГОЛЕМА НУЛА

А сепак, во контекстот на неколку пати спомнуваните културни војни, или конфликти, како сакате, главно до сега согледувани во пошироки или потесни меѓународни рамки, некако ги запоставив локалните/домашните културни војни коишто, де факто, се оние со повисоки освојувачки амбиции, подеструктивни се, најчесто се со продолжено дејство бидејќи имаат партократска поодршка, и по правило се со најширок опфат. Затоа се и најбезнадежни и најстрашни, по македонската култура, се разбира, но и по државата, секако. Иако тоа малкумина така го толкуваат.

Една таква актуелна (не)културна војна, еден таков страшно провинциски „културен“ конфликт тукушто заврши со заминувањето на екс-министерката за култура Стефоска, којашто се осмели дури и надмено да се пожали дека „никој не ја прашал што сработила“! За жал, никој не се осмели да и врати и да ја праша како воопшто дојде на таа позиција, но тој страв и самопотчинетост на македонската култура секогаш бил наш најголем проблем. А ликови како екс-министерката тоа добро го знаат, таквите персони тоа умеат извонредно да го искористат за себепромоција и за петпарачки лекции екс катедра. Без оглед на нивната апсолутна инфериорност по прашањата на културата воопшто, а особено на македонската култура, ваквите ликови се соживуваат со улогата и важноста на позицијата, па веднаш стануваат експерти за културно наследство, за меѓународна соработка, за уметност… диктираат правила и однесување, градат „политики“ иако во животот ниту поминале крај некаква културна политика, го билдаат партискиот бекграунд заборавајќи дека политиката е она на „к“ и дека кога-тогаш ќе им дојде до главата. Како што и се случи, се разбира, после само една година. А не заслужи ни толку, требаше да ја измаршираат уште веднаш после скандалот со Курбиново, Аквадуктот, СК 2014, „реформите“… „советничките“ што ги нижеше како личен провинциски аксесоар, сосе „стручњачката“ увезена (ни помалку ни повеќе!) директно од Париз… итн.   

Македонија е осудена таа внатрешна културна војна постојано да ја губи, како сега, во континуитет од пет години, но и претходно, безмалу цела деценија (да не го проширувам опфатот на периодот од осамостојувањето, иако може да се оди и до таму!). Во спомнатите години се редеа инфантилни и често полуписмени партиски кадри со никакви знаења или барем предзнаења, оние од албанскиот блок ниту разбираа каде се и што треба да прават но својски беа прилегнале да ги полнат партиските каси преку културниот буџет, македонските пак – како последнава – беа такви незнајковци што партиите и нивните абоненти ги играа како сакаат. Ама на крај, сите се лутеа: никој не ме праша што сум сработил(а)? А што сте сработиле госпоѓо/господа, што воопшто сте можеле да сработите со тоа ваше сиромаштво на духот, со тоа незнаење и непознавање на културата и процесите во неа? Што сте можеле да сработите со тој ваш смешно самобендисан став дека знаете сѐ, па не сакате да слушнете ни добронамерен совет? Што и како воопшто сте можеле да сработите кога не сте ни дел од македонската култура, ниту сте биле на кој и да ѐ начин, а сте минорни и во политичките (пред)знаења за поголеми „игри“? Во ниту еден миг не се прашувавте – ќе го парафразирам Мартин Лутер Кинг – што во денот сте направиле за македонската култура, туку (се) прашувавте што уште треба да направите за партијата што незаслужено ве постави на тоа место, но и за личното пајташко опкружување! А не успевавте ни да ја согледате поголемата слика: дека сте само безбојно камче – раководно, секако – што треба да го дорастури мозаикот на македонската култура, наводно во името на некакви сулуди, големи евроатлантски игри.

За кои и какви здрави институции во македонската култура воопшто може да се говори – како што се фалеше дотичната – кога во нив царуваат исклучиво неспособни партиски кадри? Па зарем, да беше така односно Македонија да имаше здрави културни институции, културата така молчешкум ќе клечеше пред такви министри? И читаа(т) ли воопшто, слушаа(т) ли тие министри за култура што се говори (не само) во македонската јавност за државните институции воопшто, не само за културните? И какво е тогаш тоа лицемерие некој да се повикува токму на нив? Зарем под силни и здрави институции денес се подразбира паднати, неми и стручно полуписмени институции? И што сака да каже екс-министерката кога вели дека „Ако згаснале едно чудо реакции за култура на телевизиите и на другите медиуми сосема е јасно дека културата во фокусот на јавноста е таму некаде на маргините, што е недопустливо за една мала земја?“[1] Па чија должност била да ја смени таа состојба, таа некултурна атмосфера во државава? На министерот за земјоделие, или нејзина? И каква е таа хипокризија, тоа лицемерие дека таа успеала да ја помести културата „(…) од минус 100 во фокусот на владините политики до таму некаде, можеби до нула?“ Инаку, точно е тоа – до нула, една голема округла нула останува зад овој лик во македонската политика – намерно не велам во македонската култура бидејќи таа никогаш тоа и не била! – а згора, во сите нејзини сегашни крокодилски солзи за културата заборава дека три (претходни) години беше и претседател на Комисијата за култура во Собранието! Така што, нулата станува поголема и поголема…

Но, како што реков, овој лик објективно и не е важен за македонската култура, па и политика. Но важен е како симбол, па и симптом, во една внатрешна културна војна што се води – или барем се водеше – помеѓу власта, секоја власт во последниве петнаесетина години, и културата (што и да подразбираме под тој поим). И таа војна еднаш (ќе) мора да сопре, во интерес не само на македонската култура туку и на државата во целина. Од нас зависи дали и кога тоа ќе се случи!    


[1] Марина Дамческа, Стефоска: Културата е клучен ресурс за државата, без силни институции – нема држава, Слободен печат, 13 јануари 2022

СИРОМАШТИЈАТА КАКО ПАРАФРАЗА

Преку делото на славниот ван Гог Јадење компири – иако според оригиналниот наслов и во буквален превод би требало да биде Јадачи на компири, но тоа во македонскиот јазик, барем мене, ми прозвучува некако вулгарно – немам намера само да го парафразирам степенот на сиромаштија што владее во државава. Попрво, би рекол, ние и немаме вистинска претстава за тоа бидејќи никој со таа тема не се занимава. Новите поскапувања на струјата, парното, гасот, бензинот, нафтата… а со нив и на сѐ друго што ги користи овие енергенси, многу бргу ќе го тргнат и компирот од масата на сиромашните во државава. Некој ќе рече дека ние во „метрополата“ – а тоа треба да биде (смешна) заменка за Скопје – баш и немаме увид во вистинската состојба со повеќе од половината население во државава, особено во руралните предели. Иако ни тоа не е точно, како и сѐ што е врзано за државните толкувања на нашата реалност, на процесите што се одвиваат пред наши очи, на рапидното осиромашување на граѓанинот… Не, ние за таа намена ги имаме оние платени заштитници на грбот на државниот естаблишмент, оние кои ги прогласуваа екс-премиерот за небесен месија и доносител на животот во Македонија, и тие ни ја раскажуваат приказната за македонската реалност. За нив, трпезата од компири е тој живот што одамна го очекувавме, а ни го донесе месијата!

Но, повторно, делото на Винсент  ван Гог овде е во друга функција: да ја илустрира ступидноста на најновиот скандал на власта со набавката односно подновувањето на потребштините за владиниот ресторан, каде сѐ мора да биде „под конец“, со чинии со златна линија, со ножеви од десет евра, плус вилушки и лажици по иста или слична цена, па овакви или онакви чаши… и сѐ друго што припаѓа на кујнската номенклатура, а за политичката номенклатура во најсиромашната држава во Европа. Ова, секако, заличува и на славната фраза што ѝ се припишува (од страна на Жан Жак Русо) на Марија Антоанета: „Ако немаат леб, нека јадат колачи“. Во оваа сеопшта криза да се луксузираш со такви набавки, па нека е и за владиниот ресторан, е – премногу. Но, секако, и тоа речито говори за одговорноста и моралот на власта, за нејзината грижа за вистинските потреби во државата. Небаре низ владиниот ресторан секојдневно поминува целиот дипломатски кор, странски државници или блискоисточни шеици, па и набавките така ги планираат и проспособуваат! Се разбира, никако не мислам дека премиерот, министрите – кои и да се – и нивните гости треба да јадат од каленици со дрвени лажици, но репрезентативноста на вкупниот „имиџ“ на тој ресторан, вклучувајќи го и приборот за јадење, може(л) да биде сообразен на финансиската состојба во државата. Или, власта е богата за себе, но не и за граѓаните?

Делото Јадење компири (1885, масло на платно, 82х114 см., Амстердам), според многумина едно од најдобрите дела на уметникот (со што јас, сепак, не би се согласил), не е карактеристично за понатамошниот тек на творештвото на уметникот. Но инсистирањето на ваков тип на сликарство и не била негова намера за иднината, ниту пак да го следи тој тип на фигурација. Базичната идеја на делото е реалноста на животот во тоа време, претставен не само преку „трпезата“ туку и преку ликовите околу масата, нивниот физикус (за што, според пишувањето на уметникот, му требало „a whole winter of painting studies“), атмосферата и колоритот на сликата… итн. Ван Гог му пишувал на брат му Тео: „(…) it’s consequently been a formidable fight, but one for which I have great enthusiasm. Although at times I feared that it wouldn’t come off. But painting is also ‘act and create’“.[1] Сликата е сликана во земјени бои, „нешто слично на бојата на вистинскиот правлив компир, нелупен, се разбира“, вели ван Гог. Оттука, и пораката на делото е токму неговата содржина, а не ликовноста, техничките детали или анатомската перфекција (на којашто дел од критиката имала забелешки) и слично. Сликата е мрачна, и буквално и метафорично! Ова дело е единственото во коешто Винсент ван Гог насликал групен портрет. Податоците кажуваат дека ван Гог добрo го познавал семејството (De Groot) кое го насликал и ги сликал и претходно (ликот со чаша во раката, потоа Gordina de Groot – жената која јаде и др.). Ван Гог би многу задоволен од делото и го сметал за навистина „почувствувано“. Но, јавноста не го прифатила најдобро, дури ни брат му Тео, ниту пак неговиот пријател Anthon van Rappard (кој многу ги критикувал анатомските грешки во фигурите). Секако, во тоа време во Париз владеела „глад“ за импресионизмот, а не за вакви мрачни и песимистички дела.

Но токму атмосферата и песимизмот на сликата Јадење компири е вистинската паралела со нашата денешница, со кризите што се редат една по друга, со апсурдните одлуки на власта да се грижи повеќе за бизнисот на олигарсите во земјата и опремата во владиниот ресторан отколку за реалниот живот и потребите на граѓаните. Во таа смисла и (повторно) актуелните најави за некакво покачување на пензиите, па на просечната плата и слични будалаштини за неколку бедни проценти кога стандардот – ако воопшто смееме и да го употребиме тој збор – рапидно оди надолу, поскапувањата на основните животни потреби многукратно ги надминуваат спомнатите „покачувања“ итн. Во контекстот на спомнатото дело, секако, незаборавни се и „откритијата“ за менито на властелата од претходниот режим, со стекови од бизон и коњ, равиоли со фазан, елен во сос од вргањ, бифтек од дивеч и др. Македонската простотија и провинцијализам, филувани со континуирано разграбување на државниот буџет како да немаат мерка ни крај.


[1] Vincent van Gogh, Letters,  (To Theo van Gogh. Nuenen, Thursday, 30 April 1885), Van Gogh Museum / Huygens ING, 2009

МИНАТО И ИСТОРИЈА

За жал, идентитетската културна војна (или конфликт, како сакате) со источниот сосед поприми многу длабоки димензии, благодарејќи пред сѐ на неуките „ставови“ на политичките врхушки на двете инволвирани страни, но и на Европската унија како некаков фиктивен посредник во „спорот“. Кон тоа особено треба да се приклучат и локалните „инструктори“, кај нас и кај источниот сосед, кои секојдневно дотураат бензин врз и онака распламтените страсти во двете држави. Некакви игри се играат, некакви пари се земаат, некакви интереси се бранат… останува да се види кои, какви, чии, колкави (изразени во евра или долари)…!? Нештата се менуваат од ден во ден, паролашите и самопрогласените лидери преку ноќ го менуваат мислењето заради личните лукративни цели – ене ви го Макрон како почесен пример, особено заради претстојните претседателски избори во Франција – но и нашиве „аналитичари“ не заостануваат. Оние кои до неодамна така здушно нѐ венчаваа со источната (заедничка) историја, сега некако смекнале, полека „влечат“ на страната на државноста. Можеби заради тоа што им го нема веќе стариот политички газда, а кај новиот се немаат сѐ уште вгнездено? Ќе видиме.

Но, едно е видливо: со политичките смени во двете земји нештата како да добиваат малку повисока димензија односно како да се менува пристапот и насоката на овој конфликт. Новата власт кај источниот сосед, очигледно поинтелектуална и политички пофлексибилна, го насочува спорот кон компромисно решение. Слично е и кај нас, со новиот лидер на владејачката македонска партија и мандатар на новата влада. Изворите пренесуваат дека Ковачевски се залага за лидерство кое балканските конфликти би ги надминало со европски пристап[1], односно „преку политика на взаемно почитување, градење иднина, соработка и компромиси“. Но тоа, сепак, е само политичката страна на прашањето. И да, очигледно е, новите актери сакаат да го решаваат спорот во духот на политичката максима – уметност на можното. Дали е тоа вистинскиот пат? Во однос на претходото лигавење, гушкање, бацување и „братско“ пренемагање – секако, но дали, повторно, тоа ќе донесе релаксација на односите, па дури и откажување од бесмисленото вето? Тоа сѐ уште е голема непознаница, како впрочем и кривулестиот политички пат, па нека е и по европски терк, којшто треба умешно да се изоди за да се дојде до задоволително решение. И тука, повторно, се појавува клучниот проблем во овој тип културни конфликти: има ли, постои ли задоволително решение за две страни во еден ваков хиперсензитивен тип на проблем? Може ли идентитетско прашање да се апсолвира со политичко решение? Со политички дијалог секако дека може, но тој дијалог би бил многу краток т.е. би започнал и веднаш би завршил со заедничка согласност дека тоа прашање е вон политичката умешност и уметност, па и вон здравиот разум! Спремна ли е новата бугарска политичка гарнитура на таков чекор? Не знаеме, но едновремено не знаеме ни дали нашата нова политичка гарнитура би инсистирала на таква разврска.    

Зошто го велам ова? Па затоа што во поинаков случај, онака како што почнавме со бившиот премиер, политиката би се нагрбила со навистина нерешливо – со политички методи – прашање, освен она најразумното: дека за некои нешта не се разговара! Македонија и Бугарија, во одредени периоди, секако имаат заедничко минато, но не и заедничка историја. Како што впрочем Македонија има заедничко минато – во дадени мигови – и со сите други соседни земји. Но тоа не е заедничка историја! Политичарите можеби не мораат да ги знаат разликите помеѓу минато и историја, но нивните советници – апсолутно. Минатото е приказна, често бајка, или легенда односно завршен процес што се осознава/аргументира низ историјата; минатото е сплет на наследени преданија и традиции, амбиции и копнежи, но историјата го проверува тоа минато низ факти и аргументи. И го потврдува или го негира. Понатаму, поблиското минато, на пример она за периодот 1941-1944 година, и историјата за него се темелат и на сведоштва на сѐ уште живи сведоци. Следствено, и историјата за тој период е „запаметена“ врз база на тие основи. Историјата студиозно се вмешува во подалечното минато, она на Св. Климент, Самоил, Крале Марко… и др., за коешто се потребни продлабочени истражувања и толкувања. Тоа ќе рече дека минатото е подложно на различни толкувања, често и спротивставени, но историјата на една земја е таква каква што историската наука на таа земја – и не само таа, се разбира – ја утврдила низ научни проучувања и трудови. Дали таа и таква историја можела да биде и погрешно интерпретирана, барем во одделни делови? Можела, и тоа може да биде констатирано – но со аргументи – од кој и да ѐ научник-историчар односно познавач на историјата. Но, такво нешто до вчера не се случило со наводно „проблематичните“ делови на македонската историја, освен во бугарските „толкувања“ на тие делови, коишто толкувања веќе толку пати беа негирани од повеќе историчари и држави! Единствените „проблематични“ регионални моменти во македонската историја ги оспоруваа(т) двата соседи – Грција и со Бугарија и нивните великодржавни историски „толкувања“ – креирајќи небулозни културни конфликти. Но тие и такви конфликти се типичен пример за антиисторичност, но и, како што реков и минатиот пат, се само историски рецидиви со колонијалистички призвук. Тие мораа да останат заборавени на маргините на совремието, во новата Европа. Но, тоа не се случи и Македонија за тоа не сноси ама баш никаква вина.  

Следствено, не може, не смее политиката да биде над науката, особено во доменот на такви прашања како идентитетот, нацијата/народот, историјата, културата… Во една културна војна не смее политиката да ја вооружува науката со лажни тези, со измислени „вистини“, со политикантски „аргументи“. Или со дефетизам, дека нешто мораме да прифатиме! А ние сме, повторно, среде уште една таква војна. Не може, не смее, политиката да биде и над моралот, иако моралот не е научна категорија. Секако, една од фундаменталните премиси на демократијата е дијалогот а не наметнувањето исклучиво на сопственото мислење. Тогаш тоа не е дијалог  туку диктат, особено кога станува збор за вакви теми. Компромисот пак, како уште една фундаментална премиса на демократијата важи за политички проблеми и евентуални недоразбирања, но не и за идентитетски прашања! Тогаш демократијата се претвора во натпревар во надвикување и по правило не дава никаков резултат. Ние бевме во таква фаза. Дали ја надминавме? Останува да се види дали новите политички елити умеат тоа да го надминат. Но, зошто повторно ја „враќам топката“ кај актуелните политички елити на двете држави? Затоа што науката веќе со векови се обидува да најде некаква научна основа за одредување на моралноста, за објаснување како луѓето да станат поморални, како да ги достигнат базичните човечки вредности… а одговорот е секогаш – негативен. Моралот и човечките вредности не се научно одредливи вредности. Тие се, веројатно, нешто повисоко и од науката. И за тоа, впрочем, неодамна пишувал веќе спомнатиот Хантер со колегата Неделиски (Paul Nedelisky) во книгата  Science and the Good: The Tragic Quest for the Foundations of Morality (2019). Науката е немоќна пред прашањето: што е моралност и како треба да живееме во склад со моралноста? Таа, науката, не може – како, на пример, за физиката или хемијата – да даде емпириски (или биолошки базиран) доказ или логично објаснување за моралноста. Но, велат спомнатите автори, сепак денес постои т.н. нова наука за моралот која дава соодветни, па и прифатливи објаснувања, иако често оди по заобиколни патишта.

Но, всушност, тоа е друга тема, а нашата сепак и во основа сѐ уште останува на рамништето на „стариот морал“, а во тој однос и прашањето: ќе смогнат ли доволно моралност новите македонски и бугарски елити да, прво, ги констатираат длабоките морални дилеми во прашањето на идентитетот, и второ, да се согласат дека тие и такви прашања едноставно не се решливи со математички формули или квазиисториски и политикантски толкувања. Стариот добар морал мора да се врати и на Балканот, особено по овие прашања!     


[1] Тука, се разбира, се наметнува дилемата дали ваквите историски и идентитетски прашања воопшто се некаква европска пракса па бараат и европски приста. Но тоа е тема за друга прилика.

НАВИСТИНА ЛИ НЕ ЗАСЛУЖУВАМЕ НИШТО ПОДОБРО?

Ако на внатрешен план, во локалните културни војни и судири, плаќаме таков скап данок на нашата некултура, провинцијалност и малограѓанштина, зарем тоа мора да го правиме и надворешнополитички план и со виталните интереси на државата? Бидејќи, следејќи ги претходно спомнуваните примери на малку поучените и, ќе извините, поумните од нас, некои како веќе посочениот Хантер, на пример, но и многумина други социолози кои сериозно се занимавале со културните вредности, идентитетските прашања и културните војни, само по себе се наметнува прашањето: дали ние навистина не знаеме кои сме и што сме, од каде сме и од кога сме…? Дали некој кај нас навистина, дури и за миг, може да поверува дека еден народ/една нација може преку ноќ да биде создадена од некаква тајна служба, па нека таа се вика и ОЗНА или УДБА, па дури и Коминтерна со сиот „крупен багаж“ што оваа организација го имала? И каков би бил, како би изгледал, тој специјален казан каде тајните служби ги „крчкаат“ народите што треба да бидат создадени во дадено време и на даден простор, а човек на Коминтерната – па дури и самиот „Валтер“ – стои до него со неопходните зачини? Но, ни тоа не е сѐ! Ние, покрај другото, во оваа војна сме обвинети за кражба на идентитет, за фалсификување историја, за геноцидна политика контра некакви фантомски Бугари во Македонија… И сето тоа со сведната глава од страна на македонската политика и со наше инсистирање на некаков „договор“? Со кого, за што? Бидејќи, ако ние односно наши највисоки политички претставници веќе седнуваат на преговарачка маса по овие прашања – па нека тие прашања се и онака бегло нафрлувани во одреден миг, а не се туку се темел на обвинувањата на источниот сосед – зарем тоа не е знак дека и кај нас постои некакво сомневање за нас самите, за нашето потекло, идентитет, историја… И зарем навистина највисокото македонско политичко раководство (претседателот на државата, Собранието, целата Влада, Министерството за надворешни работи и Министерството за култура…) не можат да ги согледаат димензиите на таа специјална културна војна туку мислат дека станува збор само за некаков бугарски хир, за вообичаени меѓудржавни политички недоразбирања, за некаков балансиран преговарачки процес… за соседски муабети преку плот? Колку и да се релативно млади повеќето од спомнатите високи претставници на македонската политика, историски прилично неуки а политички крајно неписмени, зарем немаат некој повозрасен член во семејството за да го прашаат за каква тоа асимилаторска политика кон некакви Бугари во Македонија станува збор и кога се случувал тој фамозен процес? И зарем ние повозрасните не ќе слушневме ни чаршиски слух за тоа или и тука, повторно, некои бугарски шапшали ќе се повикуваат на ОЗНА, УДБА и Коминтерна? Па која и каква сила е таа што може да сокрие таков еден повеќедецениски зафат?   

Зарем навистина во врвовите на македонската политика нема еден, барем еден способен и учен политичар[1] кој отворено ќе одговори дека: ако имало некаква геноцидна/асимилаторска политика кон одделни граѓани тогаш тоа биле Македонците во Бугарија (за тоа барем сведочат пописите во Бугарија во првите години по 1945 година); ако имало какво и да ѐ фалсификување на историјата, тоа се случувало во бугарските цоладрагоевистички „исторически кујни“; ако и денес некаде има наследници на оние коминтерновски, живковистички и великобугарски злонамерни и агресивни политики тогаш нивен главен протагонист е токму нивниот претседател Радев како верен припадник на бившиот комунистички режим во неговата земја… Ако пак ние грешиме, ако сите оние фотографии како „неми“ сведоци на „администраторите“ во Македонија во периодот 1941-1945 се фалсификувани од УДБА и ОЗНА односно ако навистина кај нас или во Бугарија постојат сведоштва за тоа, тогаш ние не заслужуваме подобро. Но, тоа, сепак мора да се докаже и покаже, а не само да се пелтечи на неразбирлив историски дијалект. Ако целата светска лингвистичка наука цврсто стои зад корените на македонскиот јазик, ама само бугарските лингвисти и историчари знаат подобро, не треба ли токму тие малку да се замислат за циркусот што им го приредуваат на бугарските граѓани? Или пипците на УДБА и ОЗНА достигнуваат дури и до европските архиви, па дури и до реномираните медиуми од профилот на еден „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, на пример? Или, всушност, еден токму бугарски „виден“ новополитикант – или циркузант, ако повеќе ви се допаѓа – најпрецизно ја искажа крајната „висока политика“ на источниот сосед и цената на Македонија: безвизен режим од САД и брз влез во Шенген зоната?

Следствено, дали ние со продолжувањето на нашите планови за преговори, па дури и инстистирањето на истите, ги прифаќаме сите погоре спомнати навреди? Ја прифаќаме ли и цената што ја формираше за нас циркузантот Трифонов? Но, како што се движат нештата, а и според некои наши „искусни“ новинари, ние мораме да ги прифатиме сите бугарски уцени, навреди, шамари… зашто Европската унија ни била единствена шанса „да ги спастриме нашите политичари“!? Извинете, но ако ние вршиме комплетно идентитетско самоубиство само заради нашата неспособност да се справиме – или да ги „спастриме“ – алчните и неспособни македонски политичари, тогаш и не сме заслужиле ништо подобро!


[1] Многумина, па и јас, барем делумно, го гледавме Димитров како таков политичар. Без намера да го „оценувам“ неговиот последен настап/истап, се покажува дека тоа не е така.