Monthly Archives: June 2019

ЗАМОР НА МАТЕРИЈАЛОТ

Текстов всушност го започнав по говорот на премиерот во Собранието на РСМ по повод изборот / реконструкцијата на Владата и неговиот обид да се извлече од стапицата со Министерството за финансии. И го насловив: „Дали (можеби) го разбирам Заев“? Ама ми прозвучи по малку како она „Пинки го виде Тито“, иако стварно нема врска со тоа, уште помалу со партија или не дај боже идеологија. Знам дека ни она можеби во заградата не врши којзнае колкава работа во таа насока, ама сепак. Поточно, веројатно би станало појасно ако во насловот го спомнев и Петрит (Сарачини), па и оние 250 души (извинете, нема да ги наречам интелектуалци зашто голем дел од нив тоа не се, а другите ќе ми простат, се надевам!) кои се потпишаа под онаа несреќна петиција, а кон сето ова ќе се додадам и себеси, зашто од тука (можеби?) почнува разбирањето. Но сепак се откажав од насловот, а и не знам дали на Заев воопшто му е потребно моето (евентуално) разбирање. Се откажав всушност зашто текстов има друга поента. А таа е:

Што всушност имаат заедничко спомнатите погоре, па и јас во тоа друштво? Заев, Петрит, оние 250 потписници и мојата дребност? Речиси ништо. Или многу, зависи од аголот на гледање. Петрит, на пример, случајно работи во истата „шампита“ со Заев, јас случајно го знам Петрит – по добро, се разбира, случајно или „службено“ се познавам и со многумина од оние потписницине меѓу кои неколкумина ми се навистина драги пријатели, Заев сум го видел одблизу само еднаш … Затоа, што навистина имаат заедничко овие луѓе? Ќе почнам по случаен редослед при што на Петрит ќе му дадам предност бидејќи мислам дека сите не’ притиска истиот проблем, иако во навидум различен контекст. А сепак, некако – ист!

Петрит имено вели – „дел од овие прогресивни луѓе се изморени“. Тој говори за „старата болка“, за вечно „добрите“ и „поштени“ Албанци. Му го разбирам заморот. Контекстот не е едноставен во оваа земја, особено кога долго трае. А кај нас – трае ли, трае … речиси без крај. И никој не превзема ништо.

Понатаму, еден дел (сепак мал!) и од оние убави луѓе меѓу потписниците за МКЦ од таканаречената независна културна сцена се изморени. И резигнирани. И разочарани. Тука пред се’ мислам на оној навистина интелектуален (мал) дел, оној дел кој е постојано во акција, во работа, во преиспитување (не само) на културните вредности на ова општество. Е токму тие се исто така изморени од партократијата во културата на оваа држава, изморени се од неукоста, од потценувањето, од пазарењето секогаш на штета на културата, од нивелацијата на квалитетот, од општиот кич … Можеби со петицијата не го погодија моментот, и поводот? Можеби, не е мое да судам, јас веќе реков дека имам големи резерви кон начинот на кој што тоа се прави, ама заморот влијае и на рационалните проценки. Тие некако стануваат претерано субјективни, touchy (што би рекле), еднонасочни. Не може човек да каже дека се поводливи зашто оние на кои што мислам навистина не се. Или само им барам добро алиби? Се надевам – не! Со една драга личност меѓу потписниците заедно работевме на текстот на Националната стратегија за развој на културата 2018-2022 година. И целосно се согласувавме во сите констатирани состојби и дијагнози за македонската култура кои што, ете, повторно ни се случуваат, во помал или поголем обем. Имавме и исти цели кои што, повторно, стануваат се’ понедофатливи. Оттука, претпоставувам заморот од континуитетот на не-состојбите, од привидот (или реалноста?) на безизлезот, од неразумното следење на погрешни политики и убиствени за културата потези го прави своето. Дали е тоа и замор од поразите што секојдневно ги доживуваме? Сигурен сум, иако можеби не сакаме да си ги признаеме.

Но, ќе говорам во прво лице зашто токму тука, на овие релации на замореност од реалноста наспроти очекувањата се гледам и себеси и мојата прилично ступидна настојчивост на власта, и не само на власта туку и на културата во целина, или на нејзиниот поголем дел, постојано да им објаснувам и укажувам на грешките – онака како што јас ги гледам и промислувам, се разбира – на потенцијалните исправни и дофатливи потези, на можните варијанти за успешен излез од кризата барем во културата … Заморот – не физичкиот – не може да не се одрази на вкупното расположение, на состојбите на духот, на почетниот оптимизам и елан. И прашањето што постојано ви клечи на рамето: до кога бе луѓе ќе се глупирате?

Дали е тоа што го препознавам и во говорот на премиерот и неговите какви-такви одбрани на донесените решенија? Замор на материјалот, резигнација од стагнацијата во вкупните политики, разочараност од кочењето на реформите, од вкупните состојби во државата кои што не се онакви какви што тој ги замислува(л)? Не знам, но покрај премиерскиот да се нагрбиш со уште еден огромен товар е … како да кажам … малку пресмело, речиси хазардерски, по малку заличува и на самобендисано. Ама ако сте притерани до ѕидот, ако немате друг излез, ако ви се распаѓа визијата што ја носите во себе заради некомпетентноста на соработниците, тогаш ви преостанува ли нешто друго? И овде најмалку мислам на министерот за финансии – дефинитивно најевропскиот лик во оваа влада, човек без опашки, ненаметлив, рационален, таков каков што доликува за тоа место. Ама не и за македонските финансии во ова време, во оваа Влада. Тоа е евидентно зашто премиерот бара брзи и спектакуларни резултати, нешта налик на „Преспанскиот“. А такви нема и не може да има во тој ресор, или ако ги има може да ја банкротираат државата. Ама не е проблемот тој ресор, проблем се сите ресори во оваа Влада (со мали исклучоци, се разбира)! А премиерот е очигледно заморен од нивната инертност, неукост, провинцијализам … Така некако го „читам“ и (како идентификација) го прифаќам овој негов очајнички обид да спаси што може да се спаси. Ама не разбирам зошто тој не може да ги прочита сличните наши заложби за нашите „ресори“, нашата замореност од истите инертни, неуки, привинцијални „политики“ во општествените сегменти на кои што веќе две години му укажуваме?! Зарем не гледа колку луѓе има кои можат да помогнат, а тој ги избира секогаш погрешните?

HOMO (ДЕМЕК) ANTIPOLITICUS

Во многуте (во основа) неиздржани, уште помалку аргументирани навивања апропо фамозниот МКЦ и неговиот в.д. директор (можеби ни крив ни должен, не знаеме), ретки беа оние навистина инспиративни, сеопфатни, продуктивни коментари од типот: „Да имаше ваков општествен ангажман и интерес и кога се предлагаа пратеници и бираа министри, како што е сега за дел од алтернативната културна сцена во Скопје, можеби, немаше да паднеме како општество и систем толку ниско“ (Кирил Ефремовски). И тоа недвојбено е (нај)точната дијагноза на македонското општество, која што може да се интерпретира на многу начини (иако сите водат кон еден резултат), но суштината е дека сме граѓански и политички незрело општество, неупатено во функционирањето на системот, неуко за своите права и обврски, ама затоа сме шампиони во гледањето сеир и бркањето исклучиво лични и групни интереси. А мислевме дека тоа време заврши. Но, всушност, која власт сака образовани, културни, воспитани, освестени и политички активни граѓани? Никоја? Не е точно, цела Европа е изградена на систем на свесни граѓани, со целосна контрола над своите права (и обврски, се разбира), со јасна претстава за својата иднина и иднината на своето семејство. Инаку, ЕУ не ќе ја имаше. И, by the way, тоа е една од причините зошто ние не сме во тоа семејство. Ама, сигурен сум дека тоа на многумина – особено на политиката – им одговара. А меѓу нив и на еден дел од „независната“ културна сцена, на голем дел од институционалната култура, на огромен дел од онаа потенцирана „интелектуална елита“, итн. И ќе се задржам, за кратко, на последново, зашто така ветив: да ја има(в)ме ние таа „интелектуална елита“, зарем ќе бевме на ова дереџе да не’ игра кој како сака? (Иако говорам во прво лице множина, апсолутно не се гледам како дел од таа и таква „интелектуална елита“, иако за најголемиот дел од нив … ајде да не го ширам муабетот зашто ќе испадне премногу личен!). Та кој друг, да простите, го поддржуваше оној злосторникон од Будимпешта ако не баш таа – „интелектуална елита“? Инаку, каде би ја сместиле МАНУ, па УКИМ (со ретки но секако битни исклучоци!), па другине селски „универзитети“, па еден огромен дел од т.н. независна културна сцена, итн.? Оттука, за која и каква „интелектуална елита“ би говориле? За онаа која што беспоговорно се приклонува до секоја власт? Па ајде нека биде и така, ама она претходноно не беше ниту власт, тоа сите, цел свет, го нарекува(ше) – режим! Следствено, ние можеме да говориме за некаква „интелектуална елита“, ама Србите имаат една (прилично симптоматична) поговорка. Велат: спала књига на три слова! За таа ли „интелектуална елита“ говориме, и тоа не само денес туку во контуниутет од триесетина години? Јас мислам да, ама сепак е добро нештата да бидат во стартот дефинирани зашто кај нас секој умее – и му успева – да се упика каде сака и како сака. Особено во т.н. интелигенција зашто таа „етикета“ умее да донесе многу привилегии. Е тоа е тој филм што го гледа(в)ме наназад толку децении, а особено последниве петнаесетина години, тоа е таа бурлеска во која што глумците се токму македонските „чаплин-интелектуалци“ кои (за ситни пари) ги купува кој како стигне, кои менуваат бои како камелеони, кои ползат пред политиката небаре без неа живот нема. Но, толку за таа „елита“ која де факто не заслужува ни милиметар повеќе, дури и тоа и’ е многу. Премногу шалабајзери се шлепаат на тоа име!!!

Но, да продолжам со нашето пословично нереагирање на проблемите во вистинското време туку „вродената“ калкулативност која што, не ризикувајќи ништо од својот комодитет, се обидува да извлече максимум од сите ситуации. Тоа е, дефинитивно, вистинската слика за македонскиот интелектуалец, особено во ситуација како оваа во МКЦ. Токму на македонскиот „интелектуалец“, и политичар, се разбира, не му оди во прилог свесен и политички ориентиран граѓанин. На таа карта толку години играше криминалецон од Будимпешта! И успеваше, за живо чудо. Кај нас очигледно има премногу такви „граѓани“ кои едноставно не сакаат, кои и понатаму одбиваат да се вклучат во актуелните општествено-политички процеси велејќи дека (наводно) политиката не ги интересира. Сакаат да останат политички неписмени иако знаат дека таа, политиката, барем кај нас, се’ уште им го контролира животот. И тоа – буквално, со секој нејзин потег, со секоја одлука, со секој закон! Ние, за жал, не сме ни Шведсска, ни Норвешка, ниту Данска или Финска … нашето општество се’ повеќе функционира по принципот „грабни и бегај“ а надлежните институции се само неми набљудувачи на тие процеси. Оттука, свесниот, политички еманципираниот и активен граѓанин е важен пред се’ заради себеси и своето потесно и пошироко семејство, а потоа и за општеството во целина. И тоа се учи, тоа е процес, тоа се демократски лекции кои што моравме досега да ги усвоиме.

Има и такви, се разбира, кои никогаш нема да научат, не дека не сакаат, ама толку им примаат сивите ќелии. Многумина од нив сметаат дека општествената пасивност им оди во прилог, дека неучеството во општите процеси е некакво нивно право, некаква нивна гарантирана демократска одлука. Ама не е, барем не кај нас. Нашите животи се буквално во туѓи раце и нашето игнорирање на витални заеднички области од општественото живеење кои што во одделни периоди (навидум) не не’ допираат – на пример урбанизмот, или културата, или образованието и науката … – веќе во следниот миг ни голтнале дел од животот, или од владението / имотот, или од иднината токму заради таквото наше слепо однесување. Не е случајност што нашиот човек тешко учи, тоа е данок на вековите, а и кога учи тоа го прави како во деветнаесеттиот век: на туркање! Ама досега веќе требаше да научиме дека ако ние не се бавиме со политиката, тогаш таа (ќе) се бави со нас. И тоа важи за сите општествени области, тоа го чувствуваме на секој чекор, од комуналната хигиена до образованието, од заштитата на животната средина до културата, од конструкцијата на државниот буџет до странските инвестиции … Токму затоа и ја направив онаа компарација на МКЦ и МЕПСО, како што можат да се направат уште стотина други, еднакво навидум некомпатибилни но суштински по својата природа односно по природата на граѓанскиот, демократскиот ангажман на поединецот. И да, ова заличува на некои постари времиња, на Бојс можеби и неговата верба дека секој поединец „… е повикан да учествува во трансформацијата и преобликувањето на условите, мислењето и структурите што ги формираат нашите животи“! Кога би покажувале таква поединечна и групна грижа за сите витални сегменти од секојдневниот живот, можеби не би имале време да се занимаваме со глупости?

СРЕДЕСЕЛСКИ МУАБЕТИ

Елем, како и се’ друго кај нас, оваа фрка околу изборот на директор на фамозниот Младински културен центар (како наша „базична“ институција, јеботе, без која што малтене не ќе постоевме!) барем на површина ги (из)вади сите премолчени тоест недоречени нешта во културата, сите потенцијални / скриени (од јавноста) но и реални поединечни и групни интереси, но и релативно новото наше „откритие“ дека преку „јавниот“ – го ставам зборов во наводници зашто ние, по обичај, извитоперуваме се’, па и поимот јавен / јавно односно најчесто го манипулираме за лични интереси – притисок можат чуда да се направат зашто нашиве политичари имаат уплав токму од јавната критика. Се сеќавате на „случајот Лешоски“, каде со два-триесет подбуцнати фејсбук статуси човекот го тргнаа од претседател на Управен одбор на „Струшки вечери“? Не бил квалификуван – како да имаме факултет за претседатели на управни одбори, немал искуство – како да другите се раѓаат со тоа искуство! Ама таа другата, со долга груевистичка опашка беше квалификувана!, и со искуство(?). И овде нешто такво ми засмрдува, ама ајде. Или, на пример, во сегашната одбрана на оваа институција, не се сеќавам дека имаше толку многу потресени кога таа во 2004 година премина на локално односно градско ниво? Никој не паѓаше во несвест. Уште помалку пак некој ја спомнува нејзината пандан-институција ДКЦ односно Детскиот културен центар во Скопје (некогашниот Пионерски дом „Карпош“), кој што, практично, е токму основата на „младата“ култура во државава! Таа е подмладокот кој што потоа треба да премине во МКЦ. Или таму засегнативе немаат лични интереси? Знае некој кој е таму директор? Не ги интересира? Ама таа институција е основана уште во далечната 1948 година, меѓу првите во државава! И со право, зашто таму почнува културата односно нејзината иднина, МКЦ е само надградба.

Но, повторно, „јавниве“ расправи се фантастичен жолт печат илити вистински барометар за состојбите во културата. Што се’ не прочитавме од таа „јавност“ околу овој во основа банален „случај“ на нормален избор на директор: од носталгично „умување“ да си го вратиме работничкото самоуправување тоест вработените да се единствено надлежни да си бираат директори, преку небулозно (да не речам малоумно) застапување за некакво пазарно мерење на учинокот на културните институции, па се’ до обиди со замени на тези (премиер vs градоначалник) и „гласност“ да се одземат ингеренциите на политиката односно тие да се префрлат на јавна лицитација на поединци и групи по принципот „дај-дам“! Се разбира, културата кај нас секогаш и била општа забава а не сериозна работа, нешто како фудбалот или сега ракометот каде сите се селектори односно капитени на националниот тим. Но, за жал, најголем проблем е кога самата култура си поставува сопки, си наметнува натпревари што не може да ги добие, се (само)бламира и се по(д)ведува по нечии групашки интереси. Патем, зошто ваквите форми на „јавен притисок“ не започнеме да ги применуваме и при изборот, на пример, на професори на УКИМ (или таму сите се потаман?), на директори на клиники, на избор на шеф на Генералштабот … ? Дајте тогаш сите работи да ги препуштиме на „улицата“, или на Фејсбукот!? Особено кога станува збор за (дис)квалификации на луѓе од типот „овој има завршено продукција“ – не баре МКЦ е филм или театарска претстава – а оној е само музичар и не докажал дека умее да раководи институција. Извинете, но тоа се малограѓански муабети, онакви како средсело, или на гумно! Можеби во зборовите „повеќе од очигледно е“ (врз основа на што, извинете, должината на косата, или бројот на чевлите?) дека тој „ни оддалеку го нема потребното искуство да раководи со институција што се занимава со комлексните потреби на независната сцена“ некој не гледа – или не сака да види – чиста и неаргументирана дисквалификација, ама извинете но поочебијна одамна не сме прочитале!

И, да не се разбереме погрешно. Никако не мислам дека јавноста – онаа квалификувана, компетентна и со аргументи – нема право на притисок врз политиката. Напротив. Дури мислам дека кај нас во културата тоа е единствениот можен лек / избор. Но, повторно: силата на аргументите е одлучувачка, а не нечии желби и (можеби скриени) агенди. Конечно, изборот на директори, па и во културата, е сепак работа на политиката. Тоа е легитимно. Или, зошто „независниве“ мислат дека местото директор на МКЦ е поважно од директор на МЕПСО? Но, наше легитимно право е да ги критикуваме нивните решенија / избори кога ќе се покажат лоши, нефункционални, нестручни, некомпетентни … Затоа и прашав: колкумина од потписниците на фамозната петиција реагираа на многу пострашни, на катастрофални – буквално и метафорички – назначувања во националните институции во изминативе години кога повеќе од очигледна беше неспособноста, неукоста, нестручноста на (квази)директорите? Или и до нив лесно доаѓаа и успеваа да најдат заеднички начин, ама сега не се многу сигурни во Бени? Мислам, извинете, звучи приземно, ама само така можам да ја разберам целава фрка. И никако поинаку.

За некоја друга прилика останува тотално нејасната формулација на професорката Најчевска за некаков страв на власта од интелектуалните елити. Не знам на кои елити мисли – во конкретниот случај или воопшто? Зашто, во конкретниов случај дали 10-15 потписници можат да се поистоветат со некоја / некаква елита во културата (иако елитизмот баш никако не доликува на независната сцена). Или „случајов“ се зема како парадигма за целиот (можен?) судир на власта (која и да е’) со интелектуалната елита (која и да е’)?

„НЕЗАВИСНИТЕ“ КОНТРА „ЗАВИСНИТЕ“

Не паметам, а паметам релативно долго, да се покренала ваква „сила“ во културата во името на нечија одбрана! Дури, ако се сеќавате, некои – само некои – од потписниците на актуелната „нота“ контра можната смена на еден в.д. директор во културата протестираа „во живо“ контра смената на еден (сега екс) министер за култура минатиот јуни. Ама нивниот број не преминуваше 10-15 луѓе. Сега, велат, бројот на потписниците се искачува над 200, што е безмалу незамисливо за македонската култура. И сега само една проста аналогија: значи ли дека ова мнозинство ја смета „одбраната“ на дотичниот в.д. директор за поважен настан од минатогодишната смена на министерот за култура? (А мислам дека токму тој министер играше важна улога во назначувањето на овој директор, а особено во полза на т.н. независна сцена? Сеедно.). Дури, ако се цени според бројките, дваесеткратно поважен? Добро, некој ќе рече дека работите не се мерат баш така. Ама, извинете – а како се мерат ако не според бројот на оние кои ве поддржуваат? Иако кај нас и играта на бројките е релативна работа, тоа барем го научивме. Но, повторно, навистина ли е толку важна таа институција наречена Младински културен центар и баш неговиот актуелен в.д. директор, за што се покрена таква „армија“ потписници од редовите на таканаречената независна културна сцена? (Иако, за еден голем дел баш и не би се кладел во епитетот независни, ама ајде). Не се сомневам во важноста на оваа институција за македонската култура, особено денес кога практично и немаме друга таква. Иако – повторно иако – имам и доста забелешки за нејзиното дејствување, особено на „програмите“ во областа на визуелните медиуми кои, искрено, како и да ги нема. А има таков изложбен простор. Но, веројатно подобро функционираат другите програмски целини, заради кои што в.д. директорот добива таква поддршка. Ама, дека е „најдинамична институција“? Ма дајте, ве молам, од кога „динамиката“ стана квалитет?

На крај памет не ми паѓа да се потпишам зад една таква „поддршка“. Не само заради фактот што никој не ме ни поканил, можеби не ме сметаат за независен, за еден од нивните, иако, да простите, со многумина од нив навистина не би седнал на иста маса, уште помалку да се потпишам на исто парче хартија, па нека е и за тендер за тоалетна хартија во МКЦ. Затоа и се чудам кои се’ луѓе, особено некои кои посебно ги ценам, ставиле потпис заедно со другите. Со некои не само зависни, туку ептен етаблирани, некои кои цел живот го поминаа гребејќи се од државата, од власта, која и да е’, па и онаа груевистичката. Сега, одеднаш, сите – независни. Па заборавија ли дека колку до вчера плачеа кај оној Асаф што демек не им дал пари? И не пишуваа „ноти“? И само заради неколкумина навистина независни и чесни поединци не ги спомнувам имињата на оние кои како „независни“ педесет години ја цицаат македонската култура „уздуж и попреко“. Што не значи дека следниот пат ќе ги промашам.

Сепак, не е само тоа проблемот, или тоа е само дел од проблемите. Основниот е што „нотата“ односно поддршката за едниот кандидат е со отворена дисквалификација на другиот. Што ќе рече, за да го „поддржат“ нивниот миленик тие го навредуваат неговиот противкандидат без сериозни аргументи, дури отворено го потценуваат со квалификациите дека „повеќе од очигледно е“ (како тоа, извинете?) дека тој „ни оддалеку го нема потребното искуство да раководи со институција што се занимава со комлексните потреби на независната сцена“!?? Нека е и само оваа реченица, се чудам како некои од потписниците или не ја прочитале, или не ја разбрале, или обете, па и нешто трето, и четврто, и петто … Зашто, прво, како тоа тие ги проценија капацитетите на противкандидатот, врз основа на што? Само заради тоа што досега не се бавел со директорување на таква институција? А, колку за потсетување: а кој можеше до вчера да директорува (не само) таму, односно во последниве дванаесеттина години? Заборави ли „независнава сцена“ кој до вчера директоруваше во таа „нивна“ институција, и како, и како ги нарекуваше токму нив, и кој му беше десна рака …? Сакаат да ги потсетам? Мислам дека не е потребно, ќе се сетат. Или – не сакаат да се саќаваат на тие времиња? Ама – ќе мораат, кога веќе потпишуваат такви „петиции“! Ако не, следниот пат ќе ги потсетам. Но, сепак, во оваа прилика нема да пропуштам да ги потсетам на некои други смени на директори на еднакво важни институции во изминативе дванаесетина години кога никој, ама баш никој од нивните редови не реагираше! Дури и кога за директор на, на пример, Националната галерија беше „избрана“ учителка по биологија! Или една анонимна … ај да не кажам што … стана директорка на МСУ, па после неа уште еден … мислам анонимен … ај да не кажам што? Или независниве не ги сметаат овие институции за важни, ама МКЦ … што да ви кажам! Ама во тие времиња некои од независниве, па и нивниот кандидат, многу убаво се согласуваа со груевистите, други си работеа за големи пари надвор и уво не ги болеше за македонската култура а откако им кљакна газот станаа многу „загрижени“ за овдешните состојби, итн. Затоа, да бидеме чесни: колкумина од таа групација навистина го мислат тоа под што се потпишале?

Но, сепак, никако не потценувајќи го дотичниот в.д. директор, уште помалку некои – не сите – од потписниците, се обидувам со сите сили да најдам сериозно алиби за петицијата. И мислам дека го наоѓам, тоест некако повеќе мислата ми оди во насоката дека на културата веќе и е преку глава од секакви политички комбинаторики, од именувања и „именувања“, од избори и „избори“, па „нотава“ е израз на револтот таложен многу години. И сега колата, непотребно, „се крши“ врз некој трет. Без причина, или барем без видлива причина ако се земат предвид сите оние смешни и полусмешни партиски назначувања во изминативе две години. А никој од „независниве“ не гукна, дури и кај некои институции од рангот на столбовите на македонската култура! Од друга страна, некој зајадлив, или циник, би прашал: а дали, и кога, „званичната“, „институционалната“ култура реагирала на некои случувања кај т.н. независна култура, кај некои нивни кадровски решенија, програми и слично? Не мислам дека такви рески разграничувања ни се потребни но нагласувањето дека петицијата доаѓа од т.н. независна културна сцена кај другите создава мал револт, да не речам отпор. Непотребно!

П.С.

Ене, одделни „независни“ полека почнаа да се повлекуваат! „Дошло им из дупета у главу“ (велат Србите) што потпишале.

ПРОЧИСТУВАЊЕ

Тезата на Искра (Гешовска) за поединечната и општата слобода е теза што општества како нашево треба да ја пресликуваат секаде. Зашто нештата се условени, не само кај слободата. Поточно, како што никој не е слободен ако сите не сме слободни, така и никој не е (доволно) образован ако сите не сме (доволно) образовани, или никој не е (доволно) културен ако сите не сме (доволно) културни … Ја ставам „оградата“ доволно кај образованието, кај културата и слично зашто слободата, сепак, не може да се условува или ограничува. Не може, додуша, ни образованието, ниту пак културата … ама ајде тука да бидеме малку попустливи. Сепак сме – Балкан!

Како и да е’, во контекстот на мојата тема за промените, мислам дека дојдов до клучниот миг – до одговорноста – и за тоа ми се виде „пригодна“ тезата на Искра за слободата. Поточно, сакам да ја подвлечам и оваа паралела: никој не е одговорен ако сите не сме одговорни! Да, звучи тврдо, претенциозно, во извесна смисла и обвинувачки. Ама, ако не се (и) самообвиниме, сите пропаѓаме во бездната на злото. Зошто? Затоа што секој од нас носи барем делче од одговорноста за неуспехот на реформите – ете, морам повторно да ги спомнам – како што сите, сакале или не, носиме дел од одговорноста за оние дванаесет заробени години во нашите животи. Да, некои „исчистија“ дел од таа одговорност преку нивната активност во разобличувањето на времето на Злото, потоа во акциите на „Шарената револуција“ итн., но дали тоа беше доволно? Дали тоа беше се’ што можевме да направиме? Беше многу, несомнено, можеби беше максимум што можеше поединец да направи. Не потценувам ничиј придонес, напротив, дури ни на оние кои мислат дека којзнае што направија фаќајки се за гитарата пред ГТЦ наместо за конкретни дела. Ама знаеа убаво и тоа да го уновчат! А откако си го наплатија „трудот“, пак се вратија на старите добри релации. И мислат дека не’ излажале, како што лажат цел живот: себеси, блиските, цел свет. Нејсе. Да говоревме навреме за одговорноста на секој поединец, Злото не ќе траеше подолго од три години зашто веќе во 2009 година се виде дека политичката партија е всушност криминална „гг“ фирма, дека од политика нема ни „п“ а од култура ни „к“! И тука ќе завршеше приказната. Сеедно, тие изгубени години значат многу во македонската историја – како пример што никогаш не смее да се следи. Особено не денес, иако времето и условите се дијаметрално ралични. Но, вреди да се потсетуваме токму заради опасностите нештата да ги повториме. Оние кои тогаш се лигавеа со злосторниците, кои соработуваа и цинкареа, и сега го прават истото, само на друг начин. И сега ракоплескаат, се клањаат, коленичат … се’ со цел повторно да профитираат. Затоа и ова потсетување на одговорноста, на секој поединечно и сите заедно, за да нема забуни. Дури, има примери каде овие сега ја бранат оваа власт од нас! Шапшали, не се ни свесни колку се проѕирни!

Од друга страна, „формулата“ дека сите, секој на свој начин, сме одговорни за неуспехот на реформите во културата сепак не ја става на страна одговорноста на оние кои биле / се’ на истурените извршни позиции во изминативе две години и чиј што личен фијаско е лесно мерлив. Како што впрочем и премиерот умее да ја измери личната одговорност за евентуалното недобивање датум за преговори со ЕУ преку враќање на мандатот, така белки и нашава македонска културна „елита“ (ќе) знае да биде доблесна во резимирањето на личните резултати во овие две години, нели? (А кај многумина и за подолго!). Или и тоа треба да го направи премиерот? Можеби, зашто кај нас во културата доблеста одамна е заборавена работа. Ние попрво би муабетеле за се’ друго – за времето, за модата, за паркови, измислени соработки … ако треба … наместо да разговараме за сериозни стручни резултати. Но и за морални / етички норми, професионални стандарди и др. За што многумуна денес не сакаат да чујат. Особено оние мамини и татини дечиња ушанчени на директорски позиции, етнички и партиски миленичиња без други видливи квалитети … Но, повторно, и тоа е наш општ пропуст, наша вина зашто не застанавме одлучно против нивното останување / доаѓање на челни позиции од кои што сега топ не ги мрда иако нивната неспособност одамна е констатирана. Иако многумина упорно ги потсетуваат, меѓу нив и јас и едно чудо други кои инсистираат на моралната / етичката страна на нештата како наша легитимација во минатото, сегашноста и иднината. Ние, ако не повеќе, барем го имаме правото да ги поставуваме прашањата, да потсетуваме, да реагираме. Ако тоа некому не му се допаѓа – негов проблем. А не им се допаѓа само и единствено на оние кои сакаат нешто да сокријат. И таквите ги има многу, го признавале ние тоа или не. И тие нешта ќе се појававуваат циклично, де ваму де таму, на еден или на друг начин, се’ додека има луѓе кои паметат. А ги има, верувајте! И треба да ги има. Зашто без меморијата ние сме ништо, ние сме сите едно – крадци и измамници, профитери и корумпирани. Тие кои сакаат да заборават прифаќаат да бидат идентификувани со оваа група. Јас тоа така го гледам и никако поинаку!

Е сега, тој наш незаборав е тешко бреме. Не лично, тоа најмалку односно речиси воопшто (мислејќи на тезата од почетокот!) туку општо, национално, државно, ако сакате. Ама тоа ништо не менува во самата суштина. А таа суштина ние пропуштивме да ја разрешивме во стартот на новата држава: историјата сведочи дека не можете да одите напред ако не сте расчистиле со минатото. Барем во вакви случаи. Какво и да е’ тоа минато, колку и да е’ болно, трауматично, „дискриминациско“. Се разбира, поимот дискриминациско го ставам под наводници зашто нашево расчистување никако не може да биде дискриминациско, иако некој сака така да го претстави. Напротив. Тоа само може да биде коректив на дискриминацијата што ја трпеше толку долго повеќе од две третини од овој народ, особено во културата, може дури да биде регулативна постапка – или прочистување, како што вели поранешната наша судијка во Стразбур – во однос на злосторничките профитери во државава. Ние тоа прочистување не го спроведовме, или не го спроведовме така како што требаше, и тоа ќе го плаќаме уште долго. Со камати, на еден или на друг начин! И тоа, ако сакате, меѓу другите нешта, е голем дел од онаа вина за која што говорам, а што се пишува на нашето конто. Со сета почит кон соживотот, неодмаздата, нереваншизмот … нешта кои што сите во крајна линија безрезервно ги поддржуваме … но тоа значително ги усложнува секојдневните нешта. Затоа, впрочем, и во културата ни се случува тоа што ни се случува, каде истите профитери и колаборационисти повторно се некакви (лажни) национални величини, персони кои не ги ни видовме ни слушнавме дванаесет години – или ги гледавме во скутот на мафијата – заседнаа во директорските фотелји и делат лекции, повторно се афирмираат подземните злосторнички дружби на општа штета ама сега се прикажуваат како дел од посакуваното помирување. Сето тоа придонесува за продолжувањето на впечатокот за „измелезена“ (Геровски) култура, за „тефтерска култура“  од која што ви се поткрева дијафрагмата. И тој впечаток е оправдан, легитимен, хроничен, се’ дури таквите и понатаму роварат низ македонскиот систем. Тоа не може да се оспори или избрише со никаков државен или партиски декрет. Но, повторно, чија вина е тоа, чија одговорност: на сторителите или на молчаливците, на дозмејето или на надземјето, на „мелезите“ или на „чистите“? Ако дозволувате нештата да одат по истиот пат, ако повторно молчите и аминувате такви состојби, чија е тогаш вината, и одговорноста?

Се разбира, прашањето на вината, на одговорноста, особено кога е колективна како што јас мислам но со поделен степен и вид на одговорност, е комплцирано прашање и за многу попаметни од мене. Но можеби тие попаметните не го „живеле“ проблемот, а тој е овде, меѓу нас веќе петнаесетина (ако не и повеќе) години. Затоа, тоа е (и) наш проблем и мораме да (си) го решиме! Ако не сега – кога?

ДАНОК НА НЕМОРАЛОТ И НЕСТРУЧНОСТА

Морам да се вратам на мојата констатација од пред неколку дена дека Владата, или барем премиерот и оние неколку поагилни министри кои (и) вчера гостуваа на една од националните телевизии објаснувајќи и’ ги на јавноста резултатите од нивната двегодишна работа, морат тоа да го прават почесто, барем еднаш во месецот. И тоа е така зашто луѓето очигледно не ги знаат постигнувањата на оваа Влада во повеќето области, или пак тие информации не се соодветно пласирани во јавноста. Тука не мислам на онаа поранешна налудничава мегафонична навика на бандитон и неговото злосторничко здружение да трубат ден и ноќ и за тоа што сработиле а уште повеќе и за она што не го сработиле ама лажеа дека го сработиле. Не, но мислам на оној тип едноставно, разложно и прецизно информирање за се’, па и за најбаналните нешта во кои што често се крие сложеноста на зафатите. Како што впрочем и сега, прв пат, барем за мене, премиерот објасни зошто отстапил од идејата за целосна реформа на правосудниот систем преку (на времето) најавената комплетна реконструкција според системот „надвор-внатре“. Односно, преку распуштање на целиот судски апарат и негово повторно ангажирање врз база на строги стручни, професионални, морални / етички стандарди! Одговорот на премиерот беше фрапантен: ние мора да ги толерираме „сваровски“ судиите зашто немаме со кои други да ги замениме! Поточно: ако во државава има 750 судиски места, а тие се пополнети само со 522 судии – што ќе рече недостасуваат повеќе од 200 (какви-такви) судии – и ако сега на тоа додадеме некаква апроксимативна проценка дека барем, најмалку 200 корумпирани судии не би биле повторно ангажирани во судовите, останува страшниот факт дека нам би ни останале непополнети повеќе од половината систематизирани судиски места. А нема со кого да ги пополните! Што ќе рече – ќе предизвикате целосен застој, да не речам крах на судскиот систем. И мислите дека тоа онаа организирана судска банда не го знае? Го знае итекако, затоа е и така комотна, затоа и ни се смее в лице, на чело со оној „Превара“! Е сега, некој, па и јас, ќе рече: сеедно, ама еднаш мора да се расчисти со таа банда на која што и’ плаќаме таков данок, дури и по цена на колапс на судството. Ама, тој некој, па и јас, не сме политичари, ние би рескирале, ама Заев е’ политичар и бара долгорочни решенија.

Но, ако тоа му го признаеме на премиерот, а мораме, сепак ни останува можноста да бараме резолутни, па и драстични промени во другите ресори, каде што дрскоста во справувањето не би предизвикала такви застои. Иако ситуацијата е секаде горе-долу иста, во сите области: нема доволно, односно има дефицит на стручни и чесни луѓе! Земете го за пример здравството, каде имаме хроничен недостаток на кадар. Кога тоа ќе си го признаеме, нештата стануваат појасни. Ние во континуитет од неколку години започнуваме да го плаќаме данокот на нестручноста и неморалот наследени не само од будимпештанскион бандит и неговите јатаци туку и на некои претходни влади / власти. Дури сега ни станува појасна и формулацијата „заробена држава“ која што не се однесува само на партизацијата на државата, на киднапирањето на админстрацијата, на криминализацијата на апаратот … туку и на ригорозната нивелација на стандардите, на професионалноста, на моралот. Сето тоа оди заедно во насоката на целосна девастација на државата и нејзините функции, од горе (од онаа будала која до неодамна спиеше во вилата на Водно) до долу, до најситниот механизам во државната администрација. И овој данок е долгорочен данок, дури дуплиран со рапидното напуштање на државата од страната на младите и способни генерации кои, де факто, требаа да бидат таа свежа крв во системот.

Оттука, прангите на заробената држава не се кршат преку ноќ. Иако изминативе две години видоа многу проспани ноќи. Па и денови. Зборот ми е: ако немаме што да му противречиме на премиерот на објаснувањето за судскиот систем, сепак можеме да сугерираме дека некои други области не беа / не се засегнати со такви поразителни бројки. На пример културата, па науката, па голем дел од државната администрација. Не дека е баш така лесно да се најдат екстра стручни луѓе за сите области, ама можат да се регрутираат доволно стручни а сепак морални и професионални поединци. А тоа не се (на)прави, што е дополнителен разочарувачки елемент за јавноста. На пример, од кого зависат промените во третманот на македонската наука? Или промените во МАНУ, ако баш сакате? Па таму се’ уште седат главните иницијатори и промотори на заробената држава! Или културата? Радодајните „експерти“ кои коленичеа и снисходливо му служеа на криминалецон од Будимпешта повторно ги водат ората: едно напред – две назад! Политиката и ескпертизата во времето на режимот се споија, станаа едно. Се лажеше и во политиката, се лажеше и во струката; во политичари и експерти се промовираа и келнери и инкасатори, советници станаа најголемите незналици. Сетете се само како онаа пуфлана беше промовирана во културен стручњак. Ама претходно и братучедката и’, не заборавајте. Па уште цела една чета, море бригада, од приучени партиски морончиња и миленичиња кои упропастуваа се’ што ќе допрат. Но зошто мора да ја продолжуваме неуспешната приказна, а сме ветиле – друга, нова, суштински различна?

Овој данок на нестручност и неморал може да го укине само власта, Владата, Премиерот. Никој друг. И треба да почнат од внатре, како што впрочем и почнаа во партиските редови. Ако судството мора и понатаму да остане „бела мечка“ заради икс причини, тој данок не мора да важи во другите области каде не сме толку дефицитарни. Иако, впрочем, и во судството може чекор по чекор да се исчистат судниците од најкорумпираните – а тие барем се познати – од оние најнестручните. Неморалните. Зашто струка / експертиза без морал – нема. Такво нешто во светот не постои. Освен кај нас, се разбира.

ПРОЅИРНИ БОИЧКИ

И бидејќи веќе ги спомнав постоечките два и половина македонски „културни“ центри во странство во контекстот на нашата неопходност да ги именуваме нештата со вистинското име, интересно е зошто никој во јавноста не спомнува како дојде до отворањето на центарот во Истанбул, на пример. „Идејата“ (но и договорите) датираат уште од времето на криминалецон од Будимпешта, оваа власт ги наследи ама малку направи да ги корегира не во наша полза туку да не бидат на наша штета. А беа. Но, да речеме дека не е мое јавно да ги коментирам нештава, но некој би морал Би морал да каже што ние како држава дадовме за да го добиеме тој стан (sic!) во Истанбул кој што ќе треба да глуми културен центар. И тие нешта (ќе) треба да се наречат со вистинското име, а тоа име не е многу за фалење. Во таа насока некој – кога тоа веќе не го прави надлежото Министерство за култура – ќе мора конечно да ја информира јавноста и за „центарот“ во Њујорк: чиј е, како „функционира“, кои се ефектите, колку пари ја чини државата итн. А да не се спрема некоја таква скаламерија и за Белград? Не знам, ама имајќи ги предвид „актерите“ …

Како и да е’, ние мораме барем да почнеме да ги нарекуваме нештата со вистинското име за да ја „соблечеме“ формата и да дојдеме до нивната суштина, а со тоа и до нивната (условно) вредност за македонската култура. Па и за државата, се разбира. И таа операција, гарантирано, нема да им се допадне на многумина, особено на оние закачени на буџетот на Министерството за култура. А меѓу сите тие, прво, можеби некој треба да одговори зошто во Македонија постојат стотици издавачи, на пример? Не велам издавачки куќи зашто тоа е сериозен назив, туку токму издавачи, или „издавачи“, што најчесто подразбира човек-фирма, а некогаш ни толку. Плус, зошто некои издавачи имаат по четири-пет други издавачки фирми, со различни имиња, се разбира, и со сите конкурираат за пари на конкурсите на Министерството за култура? И добиваат, нормално, иако целосно незаслужено и незаконски, дури и со знаење на стручните служби но и на функционерите во Министерството. А добиваат не мали пари! Има име за ова нешто? Има, а тоа е истиот оној „фантастичен“ прекар што го носи судијана на нашиот Врховен суд – превара! Кој повторно е помилуван – не знам за друг посоодветен збор – сега од новиот претседател на Судскиот совет. А и ова многу „се римува“ со прекарон, нели? Како што впрочем извонредно се римуваат и уште редица други актуелни „процеси“ и случки кои што секојдневно ни се случуваат пред очи. Ама се правиме дека не ги гледаме.

Или, се’ уште ли има некој во државава кој се сомнева дека дел од правосудниот систем е устроен како организирана банда, па следствено така и треба да се нарекува? Многумина познавачи на приликите истото го тврдат и за (не мал) дел од културата. Дека внатре владеат коруптивни и кримогени дејанија, дека сето тоа минува глатко низ ходниците на надлежното министерство, дека со години, ако не и децении, за овие нешта само се шепоти … итн. Понатаму, во неопходниот процес на преименување на нештата би можеле / морале малку посоодветно да ги именуваме и „културните“ манфестации во државава, речиси сите од ред (исто како и издавачите) закачени на државниот буџет. И нека ги има, и повеќе ако треба зашто тие сепак се соодветна манифестантна форма на културното живеење, ама сите ли се толку значајни за да уживаат во привилегијата да добиваат (не мали) буџетски пари од даночните обврзници? Како што впрочем прилично точно беа именувани и едно чудо „ликовни колонии“ во државава кои што последниве петнаесетина години се множат ко печурки после дожд само заради фактот што лесно можат да дојдат до пари – какви такви – од државниот буџет. Иако во Министерството за култура од минатата година некаде чмае еден Елаборат кој што прецизно ги констатира овие состојби и дава предлози за нивно надминување. Ама – кој да чита!

Или, ако сакате, со кое вистинско име да се наречат акциите на Општина „Центар“ за расчистување на дивите тераси на кафулињата – активност што беше неопходна и поздравена од сите добронамерни граѓани – ако пред нос и понатаму им / ни стои целион (intactus!) список дивоградби од она идиотсконо „Скопје 2014“. И зошто повеќе би пречеле дивите тераси од дивине дивјачки споменици и други градби среде градов? Зарем за нив треба нешто дополнително да се истражува, да се докажува, да се полемизира? Ако веќе и малите деца научија дека се тоа дивоградби подигани вон закон односно со октроирани одлуки токму на (бившата) администрација / советници на Општина „Центар“, зошто сега не се смогнат сили тие „одлуки“ да се поништат, оние „програми“ за споменичко одбележување да се дерогираат и нештата полека да се доведуваат во ред? Белки нема се’ уште такви кои мислат дека демонтажата на оној чудовишен кич би предизвикала некава бура во македонската јавност? Напротив, тоа ќе значи такво собирање на политички поени – ако веќе се спомнуваат некакви предвремени избори – какви што поодамна не легнале на контото на оваа власт.

Оттука, иако заколната во транспарентноста и отвореноста, оваа власт мора набргу да ги отвори и сите останати „тајни и тајнички“ се’ уште прикривани од претходната администрација, сега здружена во заеднички дилови со новодојдените. Ќе мора (повторно) да (на)учи да ги нарекува нештата со вистинските имиња, како што впрочем и свикнавме во времето на почетокот на промените, но и да испорачува резултати во тој поглед. Резолутноста во отворениот дијалог со јавноста, во ветувањата за демаскирање на сите мали и големи афери и тајни од претходната (но и сегашната) власт беше еден од адутите на оваа политичка гарнитура (тука мислам пред се’ на оние од СДСМ, се разбира). Големиот број континуирани изневерувања (како најблаг израз што во мигов ми паѓа на ум!) и шминкање на стварноста со (сепак) проѕирни детски боички не е не може да биде замена за сериозна политика.

АКО ГИ ИМЕНУВАМЕ НЕШТАТА СО ВИСТИНСКОТО ИМЕ …

Ако ги именуваме нештата со вистинското име, а тоа одамна ни е обврска не само заради ветените промени, тогаш вкупната перцепција за државата, но и за општеството, ќе се промени. Впрочем, така ги именувавме нештата не само ние „надворешните“ партиципиенти во промените, туку истото го правеше и сегашниот премиер, па и неговата партија. И тоа е единствениот начин да се дојде до вистината! Затоа, кога нештата се нарекуваат така како што треба, како што прилега односно каква што им е суштината, тогаш и „опозицијата“ останува злосторничко здружение, а богами и оние нивни пајтон-партии кои така настојчиво ги следеа / следат не само во бившите криминали туку и во сегашното глупирање околу поканата за започнување на преговори со Европската Унија. Која што ќе дојде, ако не утре, тогаш задутре, или малку подоцна … нешто за што криминалецон од Будимпешта и неговите јатаци во Македонијава можеа само да сонуваат. (Иако, всушност, тие сонуваа за нешто друго, а делумно тоа и си го исполнија!). Ако така ги именуваме (и) нив, а Европа одамна така ги именува зашто исказот „заробена држава“ го говори токму тоа, тогаш сметките стануваат почисти а нештата појасни. Да немаме дилеми барем околу тоа, а лаењето на оној „асистентон на тато“ навистина веќе станува напорно и не знам зошто и него некој не го постави на вистинското место. Добро, можеби нештата се движат побавно од мојот метаболизам, од моите желби, ама мислев дека овие од власта се помлади и поагилни од мене. Испаѓа – обратно, тоест во моја (нестрплива и „младешка“) полза!

Затоа, не знам кому му служи денешново фемкање, шминкање на изјавите и соопштенијата ако веќе претходно, во времето на протестите и најавите за промени, нештата беа именувани така како што треба(ше) за да луѓето / народот точно знае за што говориме. Да, некој ќе каже: овој повторно ко слеп за стап, ама зошто оние криминалцине до вчера беа злосторничко здружение а сега им признаваме статус на – опозициска партија? И’ продаваме на Европа љубезност, кооперативност, култура … што ли? Таа, колку што знам, од нас тоа не го бара. Бара – промени, ама не во тонот туку во праксата! И не се проблем само криминалцине, иако од нив се’ почнува. Проблем се вкупните оценки за состојбите и нивното именување со вистинските имиња. Е тоа е малку потешко. Зашто, на пример, кога велиме Министерство за култура тоа за Европа звучи прилично сериозно, нели. Ама сите знаеме дека во праксата тоа најмалку е државен орган одговорен за културата туку, во најголемиот дел, е некаков инертен етничко-партиски конгломерат неспоив со основните задачи што треба да ги извршува. Секоја чест на одделни и за жал малубројни исклучоци кои само го потврдуваа правилото дека тој орган не ќе може да ја помести културата ни еден милиметар во насоката кон задачите што Европа ги очекува. Иако таму, нели, седат околу 170 персони, меѓу кои еден дел со највисоки административни звања во државава (почестени уште од времето на пуфлата). Ако тој „апарат“ имаше нешто експертско во него, ќе беше ли културата на ова дереџе односно сето она констатирано во Националната стратегија (која што, изгледа, веќе ја заборавивме), или културното наследство, на пример, за кое што. очигледно, Европа, ама и светот, имаат сериозен интерес? И тука состојбата е сосема слична, ако не и полоша,  а за жал така е и во Управата за заштита на културното наследство како „газда“ на истото, од каде произлегоа и „Скопје 2014“, и Плаошник, и новите фасади во Скопје и сите други погубни за наследството „мерки и активности“. Па и Охрид, ако сме веќе кај тоа. А така е, ако не и полошо, и во сите други културни институции. Инаку, повторно, да беше поинаку, не ќе бевме на ова дереџе. Толку за стручноста и експертноста на / во македонската култура. И сега, со таа „експертиза“ ние ќе се шлепаме во ЕУ? Тоа се нешта што мора да се именуваат прецизно, за утре да немаме дилеми или изненадувања.

Или, можеби, во оваа насока ќе помогнат новите „експерти“? А сепак, би било интересно да се види на што (ќе) се темелат нивните анализи и активности кои што ќе ги предлагаат до премиерот ако се знае дека конкретно во меѓународната соработка македонската култура е труба, или тромбон, како милувате. Особено, на пример, во функционирањето на нашите т.н. културни центри, оние два и половина, или три (зашто оној во Њујорк е некаков чуден хермафродит!), колку што ги имаме. Бидејќи, прво, ни имало, ниту пак има серизна анализа и истражување за потребата од отворање на такви „центри“, особено оној во Њујорк, и второ, уште помалку ние имаме некакво, какво и да е’ искуство во таа работа. Но, сказната за жабата и коњот кај нас е широко распространета. И не сакам да кажам дека такви културни центри на Македонија не и’ требаат. Напротив. Но тие се отвораат и работат после опсежни анализи и елаборати за нивната потреба, организација, кадровска и друга опременост итн. Нешто што ние го немаме, како што впрочем основаме и нови институции онака, од ракав, без елементарни општествено-стручни експертизи (кои ниту пак има кој да ги направи!). Ние, во суштина, цели триесет години (не само) во културата исполнуваме лични или групни желби издигнати на степенот на државна потреба. Затоа така и ни одат работите. А на тоа ми мириса и ова со последниве „експерти“. Зашто, ако го имаме предвид досегашното функционирање на оние два и половина културни центри, нам на крај памет не би било да бараме уште еден, па нека е и во Белград. Иако таму навистина и би требало да го имаме. Со ова не сакам да кажам дека тие не работеле односно не сработиле ништо. Ама тие „работат“ врз основа на собрани предлози од институциите, а не врз основа на утврдени прироритети / програма од страна на државата! Што ќе рече: работата е од почеток поставена наопаку, па така си тера и понатаму. Затоа, впрочем, тие центри во културата малку цинички ги нарекуваме и наши државни туристички агенции кои прифаќаат гости од Македонија како наши истурени тур-оператори, ги „угостуваат“ колку можат и умеат, па ги пакуваат назад. И ги евидентираат „резултатите“, се разбира. Не ми излегува од глава онаа археолошка изложба наречена „Праисториски дами од Македонија“, со оригинални експонати, изложена во 2013 година во оние 20тина квадрати во КИЦ-от во Софија, онака на отворено, без витрини, без заштита, ама со „голем интерес од публиката“! Како да Софија нема музеи, особено археолошки, како да нема соодветни други простори туку моравме да ја напикаме таа изложба, и не само таа туку и многу други, во крајно несоодветни услови. Да не говорам за нашите „изложби“ и „настапи“ во Њујорк, по правило пред 20-30 посетители, главно нашинци … итн. Е сега, вака ли ќе функционира и новиот „центар“ во Белград, на пример? Или нашата идна „културна“ соработка со Бенелукс? Ама таму немаме културен центар? Па – да отвориме, зошто да не, односно да ја прошириме „задачата“ на оној писателон сега маскиран во експерт за културни центри?

Колку да потсетам, бидејќи веќе ја спомнав Националната стратегија за развој на културата 2018-2022 година, каде децидно стои: „Итна процена и, по потреба, ревидирање на активноста на македонските културни центри во Софија и во Њујорк, како и на планираниот културен центар во Истанбул“. Мислите дека нешто е направено во оваа насока? Не е. А Стратегијата, нели, не предвидува отворање на нов културен центар, па баш во Белград?

ЕКСПЕРТСКИ „ПОЛИТИКИ“

Дали, на пример, новите политики по онаа 2017 година сметаа дека промените – повторно не велам реформите за да не ги возбудуваме премногу духовите – на системот ќе поминат мазно, без отпори, без поголеми последици по институции и поединци, дури и без „жртви“? Денес, од оваа перспектива после цели две години, изгледа дека тоа било така. Односно, изгледа дека констатираните грешки (каков еуфемизам, барем во однос на претходниот „систем“!), па и злоупотреби (во секоја смисла, а особено на службената должност) за кои што малкумина пишуваа во изминативе дванасесетина години но сепак беа општо место во јавниот македонски живот и за нив се шушкаше тивко низ кафулињата и кафеаните, требаа само да се преповторат како укажување дека не се заборавени, и – толку. Укажувањето на злосторите, мали и / или големи, изгледа требаше да послужи главно како предупредување – ајде да не речам уцена – за / во одделни случаи и да се користи како џокер, кога и да затреба. Добро, што се однесува до некои политички процеси што се истуркаа во земјава, тоа се покажа како целисходна „мерка“. И тоа, да речеме, денес (ама не знаеме за утре!?) е апсолвирана работа. Но, тоа беа неколку, можеби десетина-дваесет „случаи“ кои јавноста лесно „ги голтна“ во името на пошироката слика или повисоките цели.

Но, остана цел еден недемонтиран систем, еден цел гломазен и во основа неспособен ама коруптивен и клиентелистички апарат напикан во сите пори на тој систем кој што се „извози“ на таа и таква (велат неопходна) политика и остана негибнат. И никој нема објаснување зошто и како тоа се случи и се’ уште се случува. Дури, има бројни примери на „функционално усисување“ на бившиот криминален кадар во самите врвови на власта, од една страна заради општите заложби за помирување, неодмазништво, соживот … а од друга страна често се турка(ше) и нивната (божемна) неопходност за натамошното спроведување на промените. И првото слабо „држи вода“, а второто – тече од сите страни, зашто тој „кадар“ беше неспособен и во времето на злосторничкото здружение и служеше, прво, како гласачка машина, и второ, како партиска војска секогаш подготвена да скокне во рововите на битката контра демократијата! А тоа и го правеше, ако некои заборавиле, и во времето на протестите на „Архибригадата“, па пред Општина „Центар“, па оној „чувен“ марш на некултурата контра опозицијата и нејзиното „кочење“ на донесувањето на државниот буџет во онаа 2012 година … па се’ до времето на „тврдокорните“ … да не говориме за „27 април“ и актуелното барање на отштети од државата!!! А така, впрочем, обично и завршуваат сите „политики“ од тој тип. Иако, да потсетам, зарем без сесрдната помош на сега амнестираниве по сите основи ќе можеше да се изведе и таа (во последно време почесто спомнувана) трансакција на „неповратен извоз“ на тооолку милијарди евра од земјава (иако веќе никого изгледа глава не го боли ни за тоа), или идиотското „Скопје 2014“ (веќе целосно заборавено), или страобалната узурпацијата на се’ што беше државно а сега е приватно, итн.?

Сигурен сум дека повеќето од моиве потсетувања всушност и не би биле потребни во некоја друга средина каде нештата функционираат според принципите на правото и правдата, ама и на демократските правила: одговорните за злосторствата мора да одговараат! Но кај нас и правото и правдата се оние од времето на злосторничкото здружение, така што … А демократијата? Таа е неспорна, ама сега како да развива некои чудни мутанти, некакви контроверзни релации и тешко разбирливи начини на однесување. Сеедно, нештата треба да се повторуваат за да не се заборават, иако најчесто се забораваат. Ама кога биле заборавани … Беа, имено, заборавени и во 1998 година, и во 2002 година, „политиките“ на арогантно партиско однесување на сите рамништа, а особено во културата, само го билдаа(т) цехот што идните генерации дебело (ќе) го отплаќаат. Ловењето во матно (о)стана основен принцип во културата, и не саљмо таму, а политиката „не се замерувај“ главна алатка. Останува прашањето кому навистина ова му треба, кој има генерална полза (општа но и лична) од ваквите „политики“ и дали тие се навистина диктирани „од горе“ или се производ на некои интерни шмеќерлаци, на некакви задпартиски „договори“, на нам одамна познати криминални договори?

Зашто, ако премиерот децидно вели „Владата постои за граѓаните, но моја законска обврска е да ги слушам експертите, стручните анализи“, тогаш – каде се дилемите? Знам, како и секогаш, дилемите се во експертите, и анализите, односно „експертите“ и „анализите“. И тоа е тоа, иако реченицата е искажана апропо сосема сомнителни „експертизи“, односно во врска со такви „експерти“ кои толку радодајно му служеа и на оној претходнион „премиер“, а сега протежираат апсокутно фашистички методи за решавањето на измислениот проблем. Зашто, ако се во прашање само 1.200 (невакцинирани) деца, а истите „експерти“ со месеци не’ убедуваат дека ако 95% од населението е вакцинирано тогаш сите не’ штити „колективниот имунитет“, знаат ли истите „експерти“ да пресметаат колкав процент се тие 1.200 деца во однос на 2 милиони жители? Или, ако треба, ставете им по една жолта лента на рацете и оставете ги намира, идиоти? И какви се тие „експерти“ кои не признаваат / не прифаќаат мислење од ниту еден странски експерт? И од кога тоа македонската имунологија стана таква светска еспертска велесила? А јапонците, на пример, би биле ли квалификувани да кажат збор-два, или нашиве се сепак постручни?

Но, следствено, никогаш не сум тврдел дека македонската експертиза во било што е врвното стручно / научно мислење што мора да го почитуваме. Проверките се секогаш потребни, дури неопходни, зашто нашите експертизи „умреа“ уште во бивша Југославија. Со чесни исклучоци, се разбира. Но зборовите на премиерот, ако се точно пренесени, ама и ако се изговорени со верба, треба да бидат правило во македонската реалност. Инаку, ако заради многу причини ги применуваме само таму каде што ни одговора, тогаш тие се претвораат во рикошет. Ене слушнете го Фрчковски што говори за образованието! А состојбата во културата е уште полоша, за науката и да не говориме. Или, слушнете го Бујар Османи за енергиите и фрустрациите. Оттука, експертизите не можат да зависат од пријателско-политичките налози и собитија, туку од сериозната верификација кој што сработил во животот, ама (особено) и во последниве дванаесетина години. Зашто, извинете, сите имаме пријатели, роднини, познати … ама не можеме сите да ги промовираме во експерти. Особено не ако му служеле, своеволно, и апсолутно, на бившиот режим! Ама ние тие правила ги заборавивме. Да наведувам примери? Не знам, не е пријатно, ама е пристојно, и потребно. А со тоа се бавам еве веќе толку време. Последните примери се убиствени: на пример, „советникот“ за културни центри има ли анализа како досега функционирале актуелните македонски културни центри, за да „осмислува“ нови? А оној за „културна соработка“ има ли претстава како досега (не) функционирала соработката со државите од Бенелукс-от, ама и не само со нив? Како што впрочем може да се постави истото прашање и за уште цел еден куп проблеми кои веќе две години се провлекуваат во македонската култура? Или сите треба да се однесуваме како оној Асаф односно во стилот на онаа австралиска птица од три букви чиј омилен спорт е бутањето глава во песок? А кога веќе го спомнувам човеков, тој имено, само заради фактот што беше „министер“, воведе такви нестручни (проетнички) стандарди што катастрофалните последици уште ги чувствуваме. И тие, проетничките, одат рака под рака со сите други „експертизи“: пријателските, пајташките, партиските, криминалните (кои најдобро функционираат, како и етничките!) … Ако овие не се расчистат, ни партиска, ни политичка ниту пак каква и да е’ друга распаљотка нема да помогне. Ако не се воведат, сега и овде, веднаш, недвосмислени експертски критериуми, и овие две години ќе паднат во вода. Иако изминативе години многумина ги оспоруваат, меѓу нив и јас, ако не целосно тогаш барем делумно – зашто, сигурен сум, може(в)ме и подобро, многу подобро – факт е дека ние, што е најлошо, остануваме комплетно отсечени од светот, од Европа, од регионот. Во секој поглед, не само културно. Ние живееме во македонска замандалена кутија – living in a box – во која што ништо не се случува. Ние сме отсечени културно, образовно, научно, спортски … секако. Нашите спортски натпревари со кои што толку се гордееме ги пренесуваат туѓи тв мрежи, ние не сме виделе добра странска изложба со години, за нас и Албанија стана Запад, наши сериозни уметници се поканувани (само) од странски куратори, нашиот образовен систем е компатибилен само со Клингонскиот, за некаква македонска наука е илузорно да се говори, итн. И тоа во голем дел заради нашите / вашите „експерти“! Нема многу време тоа да се промени. Ако пак тоа не се случи, крајот (ни) е познат.

ШИЗОФРЕНА СУШТИНА

Ги заслушав пред некој ден – на различни тв должини, ама за иста односно слична работа – Гордан Ѓорѓиев и Хари Локвенец. Првиот (се’ уште) го нарекува ова време „шизофрено време“, а вториот вели дека времето на злосторничкото здружение било „време на формата“, а ова време е „време на суштината“! Иако навидум контрадикторни, не можете да најде замерка на обете формулации, ама сепак првата некако повеќе се поклопува и со некои мои ставови. Не мора да значи дека таа е и поточна, се разбира, зашто (и) таа е производ пред се’ на лична перцепција и, повторно, субјективно толкување. За шизофреноста на времево, за кое што сепак мислевме дека заврши некаде во оној јуни 2017 година можат да се приведат редици примери. Меѓу последните, се разбира, е онаа собраниска игранка околу мандатот на криминалецон од Будимпешта, па интерполскиот рингишпил со истата персона, па новиве „бомби“ што сега трештат дури и од САД, циркусијадата околу нив (ама и не само околу нив туку и околу некакви пашапорти!) на СЈО, итн. Има и најтазе случаи: гледајте како беневолентно се делат бонуси и награди – спортски, книжевни и секакви други – како се востановуваат нови „стандарди“ за прослави среде Плоштадон … Гледајте и учите! И тоа ме навраќа на изјавата на Локвенец за „формата“ и „суштината“, а богами и на многу детали од она што го пишувам безмалу цел месец наназад. Ова денес ли е таа „суштина“ за која што се крена толкава колона луѓе за време на „Шарената“, па и после; и она што се случува со Охрид ли е дел од таа „суштина“; и оние погоре спомнати примери ли се тоа односно таа суштина …  ? Не спорам со Локвенец, никако, дури се согласувам со него околу формата и суштината, или барем околу формата како суштина на она довчерашно празно време. Ама забележуваме ли дека коекакви превртливи сомови во денешната суштина повторно ни ги враќаат токму старите „форми“ (лица, врби, награди, прослави …) од блиското минато? Или, во овој поглед, сепак посоодветна е токму формулацијата на Ѓорѓиев за нашата шизофреност – добро, тој тоа го вели за времето, ама тоа без нас никако не би можело да биде такво, нели – за нашето одбивање еднаш да почнеме нормало да живееме и следствено така да се однесуваме? Зошто баш се’ мора кај нас да функционира обратно, односно наопаку од нормалното, или ајде нека биде секојдневното како поприфатлив поим од нормалното? Да, некој ќе забележи дека ние сепак сме нормални, ама се однесуваме – шизофрено?! Не знам, ама ене, слушнете го малку Зоран Божиновски и неговите отворени коментари за функционирањето на нашето правосудство, сега и овде, во овој „живот“, во оваа демократија, во оваа суштина. Десет проценти од изреченото да е точно – многу е!

Ние мораме да разговараме за суштините, ама тоа да не биде разговор на глуви или муабети на баби средсело туку дијалог со аргументи, и факти. И во тие суштини мора да се најде место и за централните теми: дека системот некако кљакаво функционира (ако воопшто функционира), дека се’ уште – дури и после две години – не успеавме да наметнеме сериозни стандарди во клучните сегменти на функционирањето на државата, дека личните или партиско-политичките („идеолошките“) одредници не се и генерални државни насоки, дека личните и семејните релации не се општа мерка за квалитет, итн. Работата на државата не застанува со сместувањето на партиските кадри на раководни места, па сето друго ќе се движи по автоматизам. Е не се движи! Кај нас тој авотматизам често заличува на шизофренија, или (повторно) на форма без суштина. Ако институциите не функционираат, треба ли некој нешто да превземе? Или ќе ги оставиме да „функционираат“ по инерција, според „мерата“ на неспособните и некомпетентните? А така, впрочем, (не) функционираат, барем во културата, каде првичниот елан (повторно) се стопи во нестручното сивило на формата без суштина. Ова не само заради констатациите од претходниот пат за незавршената суштествена работа – откривање на сите криминали за кои што, велиме со (недокажано!) право – ги обвинувавме претходните. Тоа веќе се претвора во сериозна дамка на совеста на оваа власт. Зашто, верувам дека денес можете да најдете барем стотина (независни) сериозни луѓе од културата кои ќе можеа, и можат, да прочепкаат по архивите на институциите, по скриените предмети, по „зафрлените“ документи во кои што останале запишани сериозните криминали и злоупотреби на претходната власт. Или, повторно – ние не сакаме да чепкаме таму? Зошто? Се разбира, и тоа е уште еден од шизофрените неодговорени прашања кои задираат во самата суштина на нештата. Но кога тоа би била единствената денешна слабост.

Она што останува целосно неотворено прашање дури и две години по промените е апсолутната отпорност на институциите (не само) од областа на културата кон менувањето на начинот на работа. Сето она што беше констатирано во онаа веќе заборавена Национална стратегија за нивната затвореност, самодоволност, исклучивост, некомпетентност, некомпатибилност со денешницата … важи и денес! Се’ – освен директорите, се разбира. Само тие се променија, а работата остана иста. Додуша, некои „директори“, миленици на партиите, не се ни променија, па ни работата не можеше да се промени, нели. Што ќе рече дека целиот македонски систем, барем во културата, а велат дека и во сите други сегменти на општеството – ене видете го образованието, па здравстовото, па „науката“ … ! – е подложен само на персонални но не и на суштински промени. А тоа пак ќе рече дека Европа за нас е се’ уште предалеку, барем во начинот на работа. А тоа е виталната точка на нештата, да не речам повторно – суштината. Зашто, конечно, директор може да биде секој, како што и се покажува, ама функционирањето на институциите тие „секои“ едноставно не можат да го обезбедат. Не дека не сакаат – точно е, некои навистина не сакаат, ама тоа е друга приказна – но толкави им се капацитетите. И тоа е шизофрената суштина на нашето секојдневие (не само) во културата. Она секојдневие кое што, мислевме, го оставаме зад себе засекогаш! Зашто, ваквиот индиферентен кон состојбите однос јавноста нема така лесно да го прости. Осбено не го проштева сериозната културна јавност која очекуваше многу од промените. А доби – што? Иста „суштина“ но во друга „форма“? И со тоа треба да бидеме задоволни? Дури и во примерите како Охрид, Курбиново, Аквадуктот, „новата“ Алипашина џамија, „новиот“ стар Театар, „новите“ кадри, „новите“ советници, „новите“ директори … ? Можеби и ќе свикнеме, некогаш, на тој тип промени кои што во самата суштина инстистираат само на формата. Но ветувањата не беа на таа линија, и тоа луѓето, барем во културата, се’ уште го паметат. И не се среќни, уште помалку задоволни со понуденото. Уште помалку со оствареното!