Monthly Archives: November 2020

БОДЛИКАВА ЖИЦА ОКОЛУ ЕУ

Речиси би било сулудо човек сега, особено сега, да се впушти во анализи – а впрочем, „аналитичари“ кај нас колку сакаш! – на оваа садомазохистичка реалност викана pro et contra премиерот, бившиот претседател (и некогаш премиер), интерниот партиски хаос (главно во владејачката партија) и определбите за едниот или за другиот… и сето тоа како одличен ветар во едрата на речиси распаднатото криминално здружение маскирано како политичка партија, сега повторно ококорено со сиот натрупан гнев и омраза во очите. И кој им ја пружа таа нова шанса? Е па сите ние, ние/тие кои требаа да ги залепат на ѕидот на срамот за никогаш повеќе глава да не кренат, а не да филозофираат за распродавање на државни и национални интереси, за предавства и слични тричарии. Иако ни другите две – точно: две – страни, оние во веќе расцепената владејачка партија, не се воопшто подобри: едната страна, се чини со право, хистеризира за непромислениот (велат тие) чин, втората се обидува да (од)брани нешто речиси неодбранливо, дури и со помош на таква „тешка артилерија“ како што се дел од македонските „аналитичари“. А во суштина, повторно се врзуваме во орото на веќе познатите македонски црнила на поделби, едни против други па кому иде – ножот, се разбира! – не сакајќи малку трезвено да размислиме за сите опции, за сите ситуации, без радикални pro et contra едни или други. Но, таква ни била и историјата, таква ни е и сегашноста!

Прилично збунувачки прозвучуваат разногласијата дури и во самиот врв на владејачката партија, но што е уште полошо, и во самиот државен врв, помеѓу министрите во владата, помеѓу влијателни луѓе во македонската политика (или „политика“, којзнае што е посоодветно?). Притоа, повторно е очигледна дополнителната поделба на националното ткиво, во случајов на она коешто придонесе, помалку или повеќе, во соборувањето на криминалниот режим на бегалецот во Будимпешта – на сите рамништа, во сите сегменти, во сите слоеви. Како секој да мора да каже за која опција е, за кого се определува, особено во т.н. интелектуални кругови кои, уште еднаш, покажуват дека се само кругови, но не и интелектуални, за жал. И сето тоа на радост на криминалцине кои, повторно, гледаат своја шанса, шансата што ние самите им ја даваме! Ова, за жал, а според квалитетот на „играта“ и „играчите“, по којзнае кој пат наликува на некаков македонски потсојуз – фудбалски, ракометен, кошаркарски… политички или каков сакате друг – каде фрустрираните партиципиенти и хистеризираната публика водат меѓусебна војна до истребување!

Сето ова пак ме води кон една друга мисла: знаеше ли источниот сосед што ќе предизвика со ваквото негово однесување, со небулозните историско-идентитетски идиотштини, претпоставуваше ли како ќе реагира македонското национално ткиво, како ќе се однесува политичкиот врв и нивните партиски приколки, сметаше ли на веќе легендарната македонска самобендисаност и суета и уште на редица други нешта кои ама баш никако не можат да се поврзат со умно и разумно однесување, уште помалку со – државничко? Сметаше ли таа (мора да признаеме) умна и итра (а божем ние го имаме Итер Пејо!) политика (без оглед колку е „неука“ и “приземна“!) на источниот ни сосед на самодоволноста на македонските политичари и политиканти, на нивната веќе апсолвирана одбојност кон стручноста и експертизата во сите области, вклучетелно и сензитивната историја и надворешна политика? По којзнае кој пат тие, самодоволните македонски политичари и политиканти, знаат се’ и не мора никого да слушаат, како што впрочем беше и во поголемиот дел од овие триесет години независност. Оттука и (разбирливо) се’ погласните прашања дали македонската политика – и внатрешна и надворешна, подеднакво – има некаква одговорност кон граѓаните? Никој не мислел дека сето ова ќе оди мазно и бргу, ама вака? Следствено, не може а да не се постави прашањето дали навистина македонската политика, и актуелната и минатата подеднакво, ги беше предвидела сите можни пречки на македонскиот историски пат кон НАТО и Европската унија, па следствено и дали навистина објективно сме ги испитале сите наши опции во таа насока, дали е срамота во даден момент да се побара и странска експертска па и политичка помош во вака (навидум) безнадежни ситуации итн. Дали има крај на нашите прескапи „храбри одлуки“, и уште колкава цена треба да се плаќа? Од друга страна, и тоа мора да се нагласи, сега во малку поинаква светлина гледаме и на некои не така дамнешни „пробни балони“ од – веќе е јасно – локални „професорски“ шушумиги кои, во едно друго време, тешко ги разведувавме и од Југославија, сега уште потешко од Бугарија, ама ете, денес и тие, или тој, како сакате, ликува(ат) и повторно, без срам, дели совети.

Но, да се вратам на „неуката“ и “приземната“ – наводниците се намерно ставени – политика на принуда на источниот ни сосед којашто, мора да признаете, просто боде очи со својата историска аналфабетност. Или, поинаку поставено, можно ли е денес, возрасни луѓе, на врвни државни позиции, да продаваат таква историска магла што веќе и врапците им се смеат? Можно ли е некој од себе да прави таков кловн, да говори такви будалаштини и доброволно да прима шамари дури и од сопствената научна елита, како што тоа се случува со нивниот министер за одбрана, министерката за надворешни работи и др.? Дали ние сериозно сме размислиле за оваа нивна (нова) домашна и меѓународна историска хаварија, ова детско и уличарско навредување на соседот чијашто независност први ја признаа, или тука се крие и нешто друго, нешто се’ уште неискажано, ама – очигледно, барем за оние кои сакаат да гледаат одоколу? Дали сите овие историски и јазично-идентитетски „пречки“ не се само нова ЕУ фасада – или бодликава жица, ако сакате – за македонското „напредување“ кон рамноправно членство во Унијата? Дали после сите отворени и (почесто) дипломатски двосмислени критики токму од европските политички првенци, на коишто ние, нормално, не реагира(в)ме ни со малиот прст, дали после се’ ова е само логичен продолжеток, или крај, на нивното трпение со нас? Прашањето е само зошто, повторно, е поставена таа бодликава ограда само за нас?

Но, уште еднаш, има ли македонската политика одговорност кон граѓаните да ги испита сите, па и најбезначајните опции што конечно би ни го отвориле патот кон Европа, или се поважни нивните суети и кавги, нивните позиции во партиите и државата? Дали навистина мислевме дека после „Преспанскиот договор“ се’ ќе оди како подмачкано, па сега сме изненадени? Изненадени можеме да бидеме ние простосмртните кои гледаме од страна (иако некогаш, се чини, гледаме подобро) но оние кои со години се платени да гледаат се’ и да мислат на се’ не може/не смее да бидат изненадени. И нас да не’ подготвуваат за тоа и такво изненадување. Не, после се’, особено не после „Преспанскиот договор“!  Или, ако ги оставиме за миг можните тези за европски одговор низ бугарска уста на нашите пристапни преговори за рамноправно членство во Унијата (коишто, сепак, никако не се за потценување!), останува прашањето дали навистина македонската држава направи се’ што е во нејзината моќ не само да предвиди некои нови можни пречки туку и да истражи соодветни одговори? Да истражи, на пример, каква улога има тоа НАТО во случајов и дали може да помогне, да ја потенцирата „американската карта“ искажана уште пред десетина дена а сега само потврдена од Рикер, да проучи (што на нашиве им е најтешко, се разбира) како соседството (Грција, Србија, па и Романија) се однесува кон „бугарскиот проблем 1941-1944“? Сето ова нема ли да ни даде некои и некакви нови знаци на патот по којшто сме тргнале?  

ДАЛИ НАВИСТИНА НЕ РАЗБИРАМЕ?

За да креирате соодветна слика за културата како фактор, па следствено и за културата како потенцијал во меѓународната соработка, мора да знаете што е тоа култура и кои се нејзините прерогативи денес. Тоа мора да го знае и Собранието, Владата, а особено министерката за култура и нејзината советничка за меѓународна соработка, како и сиот оној домашен научен потенцијал кој се бави со среднорочните и долгорочните стратегии за развојот на државата. Во најновата студија од областа на економијата и финансиите (од група еминентни автори) насловена „Големата слика: македонската економија на среден и долг рок“ културата како област не е застапена ниту пак спомната, а самиот поим култура се појавува само 4-5 пати (во 90 страници), но секогаш како додавка/придавка (фискултура, култура на меритократија, научна култура…), но не и како автономен потенцијал којшто треба да се има предвид во некој наш хипотетичен среднорочен и/или долгорочен развој во смислата на можностите на креативните индустрии, културниот туризам, културното наследство итн.

Следствено, навистина ли не’ чуди што ние никако не ја разбираме, на пример, изјавата на Макрон дека „од суштинско значење е земјите од Западен Балкан да ја зајакнат својата соработка“? Белки не мислиме дека тоа се однесува само на онаа (кај нас) фамозна економска соработка? Или мислиме дека културата е некакво слепо црево па тоа не се однесува (и) на неа? Но, дури и така да мислиме, тогаш и за слепото црево има соодветен третман. Ете, нека го прашаат министерот за здравство, ќе им каже.

Но, за жал, ние не знаеме ниту што некои луѓе во оваа власт мислат зошто во онаа проклета Национална стратегија за развој на културата во периодот 2018-2022 година стои дека еден од клучните приоритети на новата културна политика ќе биде воспоставување јасни, принципиелни и професионални темели на идната меѓународна соработка во културата. Дека новиот политички и културен дух ќе се еманира и во меѓународните односи од сферата на културата, дека новата културна политика на добрососедство, регионална соработка, вклученост во меѓународните и европските културни трендови ќе биде операционализирана преку донесување на нова Стратегија за меѓународна соработка итн. Оваа стратегија – спомната и минатиот пат – требаше прецизно да ги зацрта принципите, приоритетите и целите на меѓународната соработка, упатувајќи на мерки, механизми и услови како таа меѓународна соработка да се унапреди и да ја подобри позицијата на Македонија на европско ниво. Тоа ќе значеше создавање на постојани линии за подршка на различни видови и нивои на меѓународна соработка (билатерална, мултилатерална, регионална, европска, светска). Субјектите во културата требаше да се охрабрат и самите да донесат свои стратегии за интернационализација и соработка со коишто ќе ја унапредуваа истата и соодветно ќе ја подобруваа културната понуда.

Тоа пак (ќе) требаше да „произведе“ систематска (и системска) поддршка на културни програми и проекти што ги иницираат/унапредуваат европските перспективи во македонската култура; поддршка на европската мобилност на македонските уметници, културни експерти и менаџери во културата и нивно присуство на европската културна сцена; унапредување на институционалната соработка со сродни европски институции на база на размена на проекти, програми и луѓе итн. Што стана со тоа? Ништо, труба!

Таа стратегија за меѓународна соработка во културата мора да даде одговор и на прашањето каде, на пример, е местото на македонската култура во еден иден обединет европски културен простор каков што предлага Европскиот институт за прогресивни културни политики со седиште во Австрија? И каде, и како ќе се вклопи македонската култура во една единствена европска културна политика? Не само единствена туку и различна од досегашната: културна политика која нема да се базира само на размена и соработка меѓу националните култури и дејци, туку култура која ќе биде трансверзална, мултилатерална, партиципативна, која што ќе го шири демократскиот јавен простор во Европа, ќе создаде еднакви шанси меѓу големите и малите, меѓу сиромашните и развиените. Во еден таков концепт културата нема да се базира на претпоставени затворени национални или други идентитети, туку ќе претставува динамизам на разлики, кои се секогаш отворени за преговарање. А ние денес имаме полоша ситуација од вчера, уште полоша од задвчера… денес сме целосно затворени во своето кожурче и зависиме од тоа што ќе ни предложат едикоиси, според нивниот личен фокус и интерес!

Задача на овие генерации е да го бараат вистинскиот одговор на тие предизвици, да ги отворат европските перспективи на македонскиот творец и културен работник. Па соодветно и културата, како впрочем и целата држава, да започне силна и сериозна домашна и меѓународна активност за приближување на европските културни вредности до македонскиот граѓанин, за имплементација на препораките на ЕУ во културата и особено во авторското право, да отвори широк фронт против корупцијата и криминалот во културата итн.

Но испаѓа како да читаме сценарио за научно-фантастичен филм, за некоја далечна иднина којашто нема да ја доживеат уште многу генерации! Се’ што денес ни се случува во културата е токму спротивно на планираните нешта во најважниот државен документ во културата, но дури и тоа не е најстрашното: најстрашното е што никого не го боли глава, никој не се потресува што ние сме на десет скалила подолу од пред 10-15 години во културната соработка, што регресираме наместо да прогресираме, што институциите (особено националните) се така „фино“ ухлебени во домашнава културна кујна што на памет не им паѓа да сработат нешто сериозно… Некаква (наводно) „планирана“ изложба на икони, дури и во Petit Palais во Париз, ништо нема да значи во општиот долгорочен жабурник. Ние сме жив грев во културата, ама изгледа тоа секогаш мора да ни го кажат странците, па дури и една Бугарија!  

ЛОШО РАЗБРАНА ИДЕЈА

Во 1959 година Музејот на модерна уметност (MOMA) од Њујорк ја организираше сега веќе легендарната изложба насловена „Ново американско сликарство“, прикажувајќи ја низ Европа (и светот) безмалу целата А-репрезентација на апстрактниот експресионизам, почнувајќи од Полок, преку Ротко, де Кунинг, Горки, Њуман и други. Без оглед на различните стручни реакции – еден француски критичар прашал „Зошто тие мислат дека се уметници?“[1] – тоа била фантастична изложба, но и не само изложба, туку триумфален поход, културно освојување на Европа и светот, политички проект пар екселанс. Некои ја нарекуваат оваа изложба и „Оружје на студената војна“, односно многумина добро верзирани во американската политика во тоа време оваа изложба ја гледаат како политички проект, што повторно не и’ одзема ништо од репрезентативноста и квалитетот. Ја спомнувам оваа изложба во контекстот на нашите актуелни „односи“ со источниот сосед, но и во контекстот на деценискиот спор за името на државата со јужниот сосед, па и во врска со сите наши меѓународни односи, ако баш сакате. Зашто, ако една велесила од форматот на Америка, уште во втората половина на дваесеттиот век, почувствувала дека не е се’ во оружјето туку дека и културата односно уметноста се многу важен сегмент во „освојувањето на светот“, како тоа нам, денес, во третата деценија на дваесет и првиот век уште не ни е јасно?

Не сакам да тврдам дека Македонија, со добра – не велам подобра туку само добра зашто ние денес немаме никаква – меѓународна културна политика ќе беше во подобра регионална и меѓународна ситуација и ќе може(ше) полесно да ги решава споровите, па нека се и измислени. Но не сакам ни да одречам дека еден таков обмислен, репрезентативен долгорочен меѓународен културен поход во многу нешта ќе ни ја олеснеше комуникацијата со соседите, регионот и Европа. Не сакам ни да одречам бидејќи не е само посочениот пример на Америка туку ги има уште безброј коишто упатуваат на културата – и не само на културата, се сеќавате на „пинг-понг дипломатијата“ – како можен балансер во потенцијално затегнатите меѓународни односи? Ама, нели, треба човек да знае, па треба да обмисли и конципира долгорочна меѓународна културна политика, па треба да знае што е тоа квалитет и вредност во македонската култура, па треба да знае како тие нешта се пласираат, организираат… итн. Треба човек, особено оној кој решил да се бави со политика, да знае многу нешта! Нашиве партиски шушупатки не знаат ништо бре брате. Особено министрите!

Важноста на меѓународната културна соработка беше согледана уште во раните деведесетти години на минатиот век – значи веднаш по осамостојувањето – и тоа особено потребата од перманентна и континуирана презентација на македонската култура надвор, што пак (логично) водеше до заживување на идејата за македонски културни центри, барем во соседните земји односно во регионот. Ама сето тоа долго остана само на идеја и – толку, се’ до отворањето на Македонскиот културен центар во Софија, па набргу потоа побрзавме и во Њујорк – за некој да не не’ превари и пред нас „културно“ го освои градот – и (повторно) толку, тука заврши нашиот интерес за таа работа. Долго се крчкаше идејата за Истанбул (конечно и тоа профункционира оваа година), па за Тирана… Но и сето тоа помина без сериозна стручна дебата или барем некаков елаборат/стратегија, туку се туркаше, како и се’ друго кај нас, „на мускули“ односно согласно нечии преференции а не државни согледби и потреби. Затоа впрочем и така килаво функционира овој дел зашто никогаш на идејата не и’ дадовме финална обланда во смислата на стручна и компетентна разработка и конципирање на сите неопходни координати на функцинирање. Поточно, испадна дека ние само сакаме нешто, ама не знаеме како тоа го сакаме, и зошто. Бидејќи културните центри самите по себе се само ново оптеретување на државниот буџет ако пред нив не се постават соодветни барања и репери според коишто треба да функционираат. А ние, такви какви што сме, неуки и неспособни, мислевме дека веќе само нивната „фирма“ е доволна за нашата културна промоција, а другото ќе го дополнат институциите и поединците со нивните „културни програми“. Не разбравме, имено, дека тие културни центри во странство се државна односно политичка продолжена рака во културната соработка, а не место кадешто ќе се организираат туристички тури на партиски пулени и пријатели на министрите и вработените во Министерството за култура! Што ќе рече, идејата ја поставивме на глава наместо – на нозе. Затоа се такви и резултатите. Поточно, ако се’, односно комплетната годишна програма на македонските културни центри, како сега, се препушта на потенцијалните предлози на институции и поединци, коишто најчесто се само лично-групни желби за себепромоција и мала (од државата) платена прошетка, тогаш и ефектот е отприлика таков. И тука нема никаква вина кај тие „центри“ бидејќи Министерството за култура со своите небулозни „политики“ ги претворило малтене во туристички агенции. И повторно, не сакам да тврдам дека некоја наша долгорочна, осмислена и стручно конципирана стратегија/програма за присуство на „кремот“ на македонската култура во овие центри значително ќе ја подобреше општата слика за Македонија (барем) во соседните земји, но културата е сепак оска што обединува, упатува на дијалог, на соработка. И менува закоравени мислења и ставови. А нам тоа ни треба(ше)!


[1] Holly Williams, There hasn’t been a major group show of Abstract Expressionism in Europe since 1959, Independent, 27 September 2016

ВЛАСТ КОНТРА НАРОД, ИЛИ ОБРАТНО?

Просто човек да „ужива“ во снимкине од протестите против короната во Берлин. Убаво е сознанието дека не сме само ние единствени будали во светов кои не го признаваат вирусот, нели?! Ама протестите во Берлин асоцираат и на друго: на слободно изразена волја, или став, или гнев… на народот. Што пак уште повеќе асоцира на некои наши шушупатки кои ни морализираат и ни држат лекции за соседот, поведени од обврската на премиерот да се изразува така какошто се изразува. И тој мора да каже дека огромно мнозинство од бугарскиот народ не го поддржува ветото на власта кај источниот сосед контра Македонија. Мора – зашто е на тоа место и тоа му е работа! Ама ова лекцииве од другиве папагали што стасуваат од сите страни, од повикани и неповикани индивидуи, сите некакви бивши кои, ете, се почувствувале компетентни да ни објаснат што е што и кој е кој во „спорот“ со источниот ни сосед. Те не пцујте по Европската унија, те не се лутете на бугарскиот народ, те бидете оптимисти и трпеливи… Како ние да сме сите малоумни, а они испратени од горниот да ни ги толкуваат работите. Само не ни кажуваат дали воопшто имаме право на некого да се лутиме, а? Па и да истуриме некоја пцовка?! И кој и кога спомнал бугарски народ, поѓаволите? Па и да спомнал – што? Па токму во последната негова изјава Борисов се повикува на тој народ!

Ама, за волја на вистината, не мислеше ли бугарското раководство каков пекол отвора со нивните будалаштини и фрустрации, не само денес и утре туку и за години напред? И дека во тој пекол го втурнуваат и сопствениот народ? Што е тоа „народ“ и кој што подразбира под тој поим е една работа но, од друга страна, тој имагинарен „народ“ нема ли глас (како оној во Берлин), не гледа ли што му се случува односно што неговото раководство му приредува на народот на соседната држава? Или тоа тој народ не го интересира? Ама нас треба да не’ интересира неговиот мир и спокојство и не треба многу да ги тревожиме со нашите реакции?

Се разбира дека на крај памет не ми паѓа да обвинувам некој народ за потезите/политиката на неговото раководство, најмалку пак бугарскиот народ. Впрочем, веќе свикнавме на такви ситуации и со јужниот сосед, па никој кај нас не рече дека го обвинува грчкиот народ. Напротив, само ковидов можеше да ги сопре нашите инвазии на нивните плажи!  Ама, повторно, има ли тој некој народ, кој и да е’, право на глас, на протест, на гнев (како оној народ во Берлин)… и на прашања до своето раководство? Има ли тој  некој народ, па и бугарскиот, свест и совест за тоа што неговото раководство му го прави на народот на една соседна држава? Јас сакам да го видам гласот на цела една плејада бугарски интелектуалци како вистински глас на тој народ. (Таков силен и трезвен глас немаше дури ни кај нас, за жал. Ама сега има, во одбрана на бугарскиот народ!??). Ама, ќе дозволите, тоа сепак не е исто. И некој со право може да ми приговори дека тоа и такво поистоветување е само моја желба којашто нема баш многу допири со реалноста.

Впрочем, и ние до неодамна, до пред 3-4 години имавме таква реалност. Траеше цели единаесет години! Не ги чув овие душегрижници за „бугарскиот народ“ да пуштат глас во одбрана на својот народ, но и во одбрана на грчкиот народ, на пример, кога оној криминалецон им ја крадеше историјата и ни ја претставуваше како наша. Ене ја, уште стои распослана низ Скопјево. Како тогаш овие наши шушупатки не кренаа глас против таквите македонски „политики“, или дури ги сметаа за добри?

Се разбира дека е крајно неодговорно и нехумано да се изедначуваат државните политики со „волјата“ на народот. Но, од друга страна, забораваат ли овие душегрижници за бугарскиот и кој и да е’ друг народ на флоскулите на власта дека таа – не само бугарската туку која и да е’ друга, па и нашата, мината и сегашна – најчесто во своите политики се повикува токму на тој „народ“. Дека ја застапува волјата на својот народ, дека има поддршка од тој „народ“ за сите свои будалаштини. Тогаш – зошто да не викаме (и) по народот? Извинете, мене никој не може да ме изедначи со оној „народ“ кој молчеше пред убиствените за државата (и „народот“) политики на криминалецон од Будимпешта, ама што станува со оној огромен друг дел од тој „народ“? Ако молчењето не е согласување – што е’ (вклучувајќи и некои од овие денешни душегрижници за бугарскиот народ)? Или тие повторно си бараат алиби за молчењето долго единаесет години?  

Или, ако баш сакате, каде, во кој „народ“ ќе ги сместиме реакциите на историчарите од регионов – значи не само бугарските или македонските –  против злоупотребата на историјата во процесот на евроинтеграција на Северна Македонија? И во нивната реакција стојат потписите на едно чудо угледни историчари од Србија, Босна, Хрватска, Словенија, Црна Гора. Сега, што се тие? Народ? Каков и чиј народ? Бугарски народ не се, секако, ама бугарски народ сепак не се ни оние инаку бројни бугарски интелектуалци кои го критикуваа(т) бугарското раководство за погрешните политики кон Македонија. Ама народот, оној народ којшто навистина сите го подразбираме како моќна сила на една држава, оној народ којшто, патем, ја донесе и оваа гарнитура на власт токму на неопходниот начин, е па таков бугарски народ – не видовме/не гледаме. Ако тој народ не се согласува со политиката на неговата власт, нема ли начин тоа да го (ис)каже? Следствено, кого тоа сега бранат нашиве „хуманисти“!? Не дека некој навистина го напаѓа или не дај боже пцуе бугарскиот народ, или пак овие као делуваат „превентивно“? Ма дајте ве молам, секоја и секаква пришипетља порасна да ни држи предавања и згора ние треба да ги слушаме!? И ќе ја праша ли некој од „умниве“ и г-ѓата Штајнакер на што мисли кога прашува „кој ќе го сопре бугарскиот мобинг врз Северна Македонија“? Ниту некој мислел на народ, уште помалку спомнал народ – барем не во онаа смисла којашто овие сега ја злоупотребуваат за нивни дневни цели – како виновен за целата ситуација. Ама, повторно, сакаат да тврдат дека токму тој народ (разбран во секоја смисла) за којшто толку се грижат, не треба да покаже што и како мисли за целава ситуација?      

Згора на се’ – на политика, на „народ“, на држави, па и на таа ЕУ…, еве за компетентен повторно се јавува (и) оној со „заедничката историја“, повторно објаснувајќи ни ги неговите „ставови“. И дека „историските недоразбирања“ ќе сме ги разрешеле со – текстови!? Па има ли крај , ве молам, имаат ли усул овие персони свикнати на такво незаслужено внимание што сега едноставно не можат да живеат без него? А ние треба да ги поддржуваме нивните хирови и небулозни ставови?

ЗА ИСТОРИСКИТЕ ЈАЖИЊА

Сепак сето ова не е така едноставно, сепак сето ова не е само уште еден „хир“ на источниот сосед, сепак сето ова не е така наивно. И не дека македонскиот јазик и идентитет не се признаени и во ОН и во сите други значајни меѓународни организации. Ама што со тоа ако не се признаваат токму од првиот сосед? Ќе ни помогнат ли сега и ОН и другите, сега кога таа „признаеност“ треба и официјално да се „легитимира“? Или ние навистина мислевме дека ова е „као“ оној војникот на бивша ЈНА: ние као напаѓаме а они као се бранат? Тоа „као“ после прерасна во грозоморна крвава војна! Уште помалку сето ова се сведува на некаков натпревар во плукање – ние малку по Борисов и Захариева, они по целиот македонски народ и историја… Сето ова не изгледа баш така.

Коца Колбе, во еден нејзин постар текст („Македонија и Бугарија: Минатото како скришно писмо“, 2017) како да го предвиде ваквиот развој на настаните. Но посочи и на една длабока мисла на големиот Адорно: Во куќата на џелатот не смее да се говори за јажето, инаку ќе има нетрпеливост“. А ние сме запнале токму – за јажето! Но, кога некој ја негира жртвата, кога го негира и јажето, кога негира цела историја, токму јажето мора да одигра главна улога. Згора, оваа фарса почнува да замирисува и на многу други нешта, на уште многу нетрпеливост, трауми, фрустрации. Сето ова, за жал, отвора нова Пандорина кутија на Балканот, повторно и повторно чепка по некои стари рани… А сепак, не по наша вина. Можеби заради нашата неукост и наивност (па и во политиката), но не по наша вина. Справувањето со минатото на другите не е наша работа, како што не е ниту нивна работа нашето минато. Но, кога во тоа минато има се’ и сешто, кога треба да се справите со злоделата на вашите татковци и/или дедовци, тогаш започнува проблемот.  

Оттука, барем на Балканов, стариот добар Фукујама и неговите теории за крајот на историјата можат комотно да заминат во пензија. Сега има други (не)уки кои ја „промислуваат“ историјата, својата, и туѓата: Живковистички пилоти, полуписмени политиканти, крадци на коли… Таквата „историја“, на општо запрепастување, некако премолчено поминува во официелна Европа, онаа којашто даде толку милиони жртви во Втората светска војна и борбата против фашизмот. Сега, допишувачите на историјата, оние баш со јажето, велат дека не е важно со кого си бил туку со кого си сега. И тие сериозно го мислат тоа, мислат дека молкот на европските званичници значи и уживање во нивното друштво. Не сум сигурен. Не мислам дека политичари дури и од форматот на сегашнава европска политичка елита – да не говорам за поранешните демократски гиганти – се пресреќни со нив на вратот. Не знам колку ќе бидат среќни и со нас, ама за овие соседиве е одамна јасно. Од првиот ден и причините зошто мораа да ги прифатат во Европското семејство. Иако, претпоставувам, биле свесни што се’ ги чека, но повисоките безбедносни интереси секогаш се приоритет. И сега се, го сакале ние тоа или не. Но сега веќе се создадени и друг тип врски што полека стануваат нераскинливи, или барем не без висока цена. А такви и толкави цени никој не сака да плаќа!

Претпоставувам дека особено на оваа и ваква Европа и’ е кристално јасно за што овде станува збор. И за кого. Повеќедецениските сталинистички режими, особено таквите како кај источниот ни сосед, сега комбинирани со дополнителен криминал и корупција од балканско-европски маштаб и размери, не се менуваат преку ноќ. А знаат и дека ние, сепак, не бевме во тоа друштво. Но блиското, па нека е и сталинистичко односно живковистичко, минато и не е таков и толкав проблем. Проблемите се кријат во малку подалечното минато, оноа прекриено со црни траорни превези, со свастики и јажиња, со транспорти… Но и тоа Европа многу добро го знае. И го кажува, не директно, но преку други, главно умни луѓе на кои јавноста им верува.   

Но, сепак, не сум сигурен дека оваа и ваква Европа ги разбира историските фрустрации што произлегуваат од фокусот на едните, соседите, и на другите, односно нашата диоптрија. И тука голем, огромен удел има токму (и) поблиското минато, онаа повеќедецениска дружба со сталинистичките призраци во нивните дворови, во нивните домови/семејства, под нивните кревети. Тие се неизбришлив дел од нивната свест – тие немаат потсвест, а Богдан Богдановиќ велел да се плашиме оде такви луѓе! – и еден од главните извори на нивните фрустрации. Како и периодот 1941-1945 година. Таквите фрустрации умеат да бидат убиствени. Трујат генерации, минати и идни. Тоа е незаборавено минато, но и сегашност. Ако ние доцниме зад европската култура барем половина век, тие – цел век. Тоа не се надополнува така лесно и така брзо, за дваесеттина години на опашката на ЕУ. Ниту тоа се брише со пристапност до европските фондови. И тоа е уште една фрустрација! Е тоа Европа никогаш нема да го разбере. Но Балканот го разбира, иако некој ќе рече дека сите сме (биле) во истиот казан. Не ќе да е така, не сме биле. Бункерите после нашата југозападна граница се’ уште стојат, а стојат богами и во главите на многумина кај нашиот источен сосед. И тоа не може да мине без последици. По нас, се разбира. Допрва треба да видиме што не’ чека од северниот ни сосед. Иако, тие долго се крчкаа со нас во истиот казан на историјата! Но, никогаш не се знае, и тие имаат свои јажиња.

Меѓутоа, никако не би сакал ова да прозвучи како некаков говор на омраза, зашто ако деновиве тоа го има некаде тогаш тоа е во говорот на званичниците од Софија. Потежок, поотровен говор на омраза и изблик на лични/колективни фрустрации Европа, но и Балканот, одамна немаат видено. Но, едновремено, немам намери ниту да запаѓам во „антибугарски сентимент“ или да ја дефинирам „нивната историја“ (како што вели Никица Корубин), но источните фрустрации со нас и нивната (живковистичка) ука да на(в)редуваат е сепак без преседан во современата историја на Европа. Јужниот сосед во споредба со ова национал-шовинистичко лудило беше вистинско медитеранско ветре!

Уште помалку сакам прозвучам „панично“ или пак да делам совети како да се однесува македонската политика односно „да одговарам со иста мера“ (Никола Димитров), зашто, прво, нашата политика ионака совети не прифаќа, дури и од поумни луѓе од мене, и второ – место за паника навистина нема. Но, има простор за некаква интервенција зашто некој мора да го запре лудилово. Дури, веројатно, тоа единствено го може премиерот, со порака до „братот“ од спротивната страна на границата. Може да го покани него, и само него, да клекне како Вили Брант на местото на убиството на, на пример, Благоја Јанков – Мучето, а потоа да помине и до Ваташа, чисто куртоазно. Ќе биде доволно, за почеток. Па тогаш, одново, да седнат и да разговараат за нивните списоци и нивните јажиња, но и за нашите, ако ги имаме. Ама и за фрустрациите. Европа може да почека уште месец-два, нели!   

КОСТУРИ ОД ПЛАКАРОТ

Ние уште не успеавме да ги расчистиме сите костури од плакарот на злосторничкото здружение, а други почнаа да ги вадат нашите на виделина. И тоа никој друг туку баш „госпожа“ Захариева (белки ова „госпожа“ нема да се земе како говор на омраза?!) набројувајќи ни ги сите наши неисполнети очекувања од тој некаков договор за пријателство со нив. И тоа баш поименично ја спомнува културата каде ние, нормално, година и половина не сме ја потпишале спогодбата за културна соработка со источниот сосед. А ги викаме „братја“, „пријатели“… ама онака, на дистанца, и не сакаме да имаме ништо заедничко со нив. Дури ни во културата. Ама затоа имаме Македонски културен центар во Софија којшто функционира така како што „функционира“ – не по негова вина, се разбира! – како впрочем и уште еден, два во други земји, па дури и во Њујорк (бре, бреее)!

И сега, прво прашање: зошто не сме ја исфорсирале спогодбата за културна соработка со Бугарија, ама очекува(в)ме таа сесрдно да ни помага во нашите пристапни преговори со ЕУ? Има само еден одговор. Добро, можеби два. Првиот е: културата како да беше најпроскрибираниот збор во мината влада и во минатите три години! Зошто? Никој не знае, нема одговор. Освен Колективниот договор, сите други работи во културата останаа непипнати, „с’што като исто“ од времето на груевизмот. Само што ги сменија неговите директори, ама му остана целата прва постава во Министерството за култура, што ќе рече во најважниот културен бункер. И после сакате меѓународна соработка? Е па ете ви ја, сликајте се со неа. И второ: се слушна ли збор, барем „а“ за (не)работата на претходните двајца „министри“ за култура? Ги прашуваше ли некој на тие седници на Владата што всушност тие работат, со што се занимаваат во слободното време односно кога не ги делат парите според партиските им приоритети? Е после – немало спогодба. Па ќе нема, се разбира. Или, во обидот за некакви, какви-такви, реформи во културата во 2017 година, од Секторот за меѓународна соработка во фамозното Министерство беше побарана предлог-стратегија за меѓународната соработка во културата како битен приоритет во реформите. Знаете што се доби? Ништо, zero, nada, niente… барањето остана дури и без куртоазен одговор.

Оттука, со таква наша меѓународна културна „политика“ го добиваме ова што го добивме од источниот сосед – шамар. И тоа јавен, баш пред Европската унија! И тоа никој не може да им го забележи зашто како воопшто мислите да развивате некакво добрососедство, некаква меѓудржавна соработка, кога година и половина заборавате дека во некоја фиока ви стои незавршен документ за културна соработка? Иако, за волја на вистината, и без документ и со документ, македонската културна соработка можете да ја закачите на опашот на магарето. Она што го трениравме со државни пари, ама не го истренирале да решава и културни проблеми, нели. Зашто, кај нас, де факто, не постои такво нешто што може да се нарече меѓународна културна соработка. И со документи и без документи, зашто никој за тоа не се грижи, уште помалку некого го боли главата. Најмалку она Министерство надлежно за неа. Тоа и не знае што значи поимот културна соработка бидејќи таа, кај нас, зависи само и исклучиво од предлозите на институциите, здруженијата и поединците. Тие се нашите предлагачи и носители на соработката, тие самите одлучуваат со кого и како сакаат да соработуваа – Министерството за тоа нема своја стратегија! – во кои области итн. А всушност, ако некаде треба односно мора да се почувствува „државната рака“ во културата, тогаш тоа е таа меѓународна културна соработка. А не секаде кадешто ќе им прдне на памет на министрите или на директорите на институциите. Се разбира дека во таа „операција“ е важна и препораката на Министерството за надворешни работи (којашто де факто никогаш не се случува).

Или, ако сакате, да ја посочеше Министерството за култура во изминатите година и половина соработката со Бугарија како приоритет и да дадеше такви „инструкции“ до националните и локалните установи, па да се селктираат ударни програми и истите да се предложеа до Софија, ќе можеше ли „госпожа“ Захариева да се шепури како паунка пред ЕУ? Веројатно не, ама нашиве развиваа(т) соработка само со Албанија и Косово! Или, ако некој не верува, нека провери: колку програми сме имале во Бугарија (не сметајќи ги оние во Македонскиот културен центар), колку сме имале во Грција, во Србија, во Хрватска… во Франција, Германија… ? Бројките, за среќа, или за жал, не лажат. А ако пак погледнеме кој и каква „соработка“ развивал, нештата ќе ни бидат уште појасни. И посмешни. Тогаш од плакарите и шпајзовите ќе почнат да излегуваат колони костури, не ќе знаеме што да правиме со нив!    

NO COUNTRY FOR WISE MEN

Нашиот однос кон стручноста, кон науката, кон експертите… наспроти воспевањето на партиските апаратчици, клиентелата и подлизурковците – со друг збор: будалите кои упорно ги редиме да го водат орото – се претвора во парадигма на нашето постоење денес. Во сите области, без исклучок. Затоа и модификацијата на насловот на познатиот филм на браќата Коен (No country for old men) изгледа најсоодветен за македонското секојдневие. И иако филмската симболика на браќата Коен беше релативно тешка за следење односно разбирањето на поенатата зошто филмот носи баш таков наслов, кај нас ситуацијата е почиста: нашето секојдневно вратоломно препелкање во шепите на будалестата ороводна партократија којашто само ги усложнува ионака зовриените проблеми се чини бесконечно, неумоливо не’ води во бездна од којашто нема враќање. Тие веќе и не се осврнуваат на (сепак) ретките критики, дури ни на потсмешливите коментари што ги добиваат (оној од типот на Летачкиот циркус на дотичниот доктор е просто феноменален!), состојбите ескалираат не само во пандемиските туку во сите насоки – особено во „спорот“ со „братските“ соседи! – но државата „гази“ смело и отсечно кон светлата иднина.      

А сепак, многумина се прашуваат кому навистина му одговара ваквиот катастрофален развој во сите јавни општествени сегменти. Да, веројатно зборот одговара не е најсоодветен зашто ваквите сценарија едноставно не можат никому да му одговараат, но јавноста увелико говори и за такви нешта. Се добива впечаток дека со справувањето со најлесните проблеми – како со оние кутри магариња – се сака да се испрати порака дека нештата сепак (дури експресно) се решаваат, ама тоа не е баш така. Експресното разрешување на третокласни функционерчиња не е решение на проблемот, прво затоа што е (повторно, и по којзнае кој пат) изнудено од јавноста, и второ затоа што е симболично и осамено. Многу други еднакво арогантни и неспособни „магариња“ за кои и званични државни тела бараа иста постапка си живуркаа(т) уште долго, неказнети. Одвај се ослободивме од нив, ако не повеќе тогаш барем суратот да не им го гледаме! Но, велат, што фајда кога за нивните места чекаат на ред десетици исти такви „магариња“. 

Пред само месец и половина просто не можевме да не му веруваме на мандатарот – денес премиер – дека претстојниот мандат ќе биде посветен на внатрешните прашања (не велам проблеми!) на државата бидејќи надворешната приказна е веќе горе-долу решена односно позната. Сакавме да веруваме зашто де факто се пропуштија цели три години во коишто само неколкумина во бившата/сегашна влада работеа а другите – се сликаа. А некои богами правеа и скандали, дури и меѓународни. Но, како и се’ друго, и тоа бргу ќе го заборавиме. Во неговиот прв говор како премиер неколкупати ја спомна и културата, што порано не беше случај, па дури и потребата од ангажман на сите стручни потенцијали во земјата (што, повторно, порано не беше случај). Но, но… ни тој, веројатно, не се надеваше на ваквите повампирени апетити од зад источната граница што ја реметат целата изборна агенда. Иако тоа суштински не би смеело да ги менува нештата, барем не во доменот на внатрешната политика. А таа ни е најслабата точка!

Не би смеело да ги менува иако, очигледно е веќе, дека тоа ни се случува пред самиот нос, во континуитет, како правило: ние веќе немаме потреба од наука, култура, образование… Па ни од јавно здравство, зашто се’ е веќе препуштено на приватните здравствени праматари. Затоа, ни културата веќе не живее овде, ни науката, ни образованието. Денес овде живеат арогантни подлизурковци кои се колнат во аминот само од врвот на државата и преку ноќ стануваат локални експерти за се’. Ние стануваме расадник на такви „кадри“, на такви „стручњаци“ кои го гледаат вирусот како лета низ воздухот, тренираат магариња или измислуваат нови филмски бранови, се уфилмуваат како во некои холивудски блокбастери и топ не ги бие иако светот ни се смее.

Симболиката на браќата Коен за губењето на сите минати вредности ја живееме веќе секој ден, ден за ден. Почнуваме – како и тие – да се прашуваме дали навистина некогаш сме живееле поинаку, дали тие вредности некогаш навистина постоеле? Ама сепак – постоеле, за нив останале записи, документи, аргументи, сведочења… Пламенот на тие вредности не е двосмислен како оној во сонот на шерифот Бел (Bell) од No country for old men. Затоа, кога некој прашува дали некогаш било поинаку, да – било. Овде живееле и умни и способни луѓе, и творци и политичари, и лекари и културни работници, и професори и новинари… Друга работа е дали ние сакаме да се сеќаваме на нив, да им оддадеме должна почит, да ги следиме нивните траги. Зашто тие траги не се зајачки траги, тие траги се од умни, мудри, успешни луѓе кои ја изградиле оваа држава. И кои оставиле некакви наследници. Не е наше само да растуриме и да заборавиме, да се потсмеваме и постојано да почнуваме од нула како пред нас ништо да не постоело. Затоа, успешна земја е онаа земја која се потпира на своите мудри и умни луѓе, не на партиските апаратчици и ракоплескачи. Од таквите никој никогаш немал полза туку само штета. И време е таа штета да ја (у)видиме, инаку – црно ни се пишува!