Monthly Archives: March 2015

НАЦИОНАЛНА ГОРДОСТ – ИЛИ СРАМ?

или

ЗОШТО БУДАЛИТЕ НЕМААТ РОГОВИ? (2)

6.

Не видов творба што мене лично би ми била со сомнителен карактер. Навистина сум задоволен од сето ова. Во име на уметниците, како уметник и како член на Друштвото на ликовни уметници, можам да дадам целосна поддршка на оваа акција“, вели Данчо Ордев, македонски уметник, на отворањето на изложбата како претставник на ДЛУМ, а по повод „спектакуларната“ изложба на (от)купени дела од страна на Министерството за (не)култура.

И сега, кој би можел да му забележи на зборовите на Ордев, од перспектива на уметник со (от)купено дело во „акцијата“? Веројатно никој од неговите колеги, со исто така (от)купени дела. Ама, во оваа „акција“ (каков патетичен назив, небаре ја спасуваат македонската уметност!), не се бараа(т) „творби“, уште помалку со „сомнителен карактер“, туку се бараа дела (и автори) со национални вредности. Или поточно, ако Ордев заборавил, приоритет во Конкурсот беа „… квалитетни ликовни дела од автори од Република Македонија кои дале исклучителен придонес во создавањето, профилирањето и афирмирањето на македонската современа ликовна уметност“! Или уште попрецизно, зошто на националните институции – Националната галерија и Музејот на современата уметност пред се’ – би им требале „сомнителни“ или какви и да се други неупотребливи дела, односно „дела“ што понатаму ќе фаќаат прашина по ќошови и во депоа?

???????????????????????????? И ова е, наводно, „дело“ со „национални вредности“

7.

Впрочем, токму затоа тој / таа кој(а) го пишувал(а) „говорот“ на Канческа (иако не сум сигурен дека таа нешто разбрала од напишаното, и виденото!) ни подметнува вака: „Уметничките слики, скулптурите, инсталациите кои се пред нас го потврдуваат историскиот континуитет на современото македонско творештво, тоа се дела на автори кои се гордост на македонската уметност и култура“! Ама, ако козата лаже …

Е па токму тука е проблемот, во квалификациите на конкурсот што бара(л) „дела од автори … кои дале исклучителен придонес …“, односно (како што сака да укаже Министерството за некултура во говорот на министерката) дела коишто би го потврдиле „… историскиот континуитет на современото македонско творештво …“ и „… автори кои се гордост на македонската уметност и култура“! Е па сега, ако ова што го гледаме во Чифте амам е токму тоа – секоја чест. И на Ордев (односно најмалку нему, зашто нему му паднало во должност да фали нешто што не се фали!), и на министерката сосе Министерството, особено на онаа домаќинкана од МСУ (којашто дури се осмелила да говори на отворањето небаре и таа е некаков стручњак!), а посебно на Комисијата што ги „избрала“ овие „дела“.

А впрочем, токму тука, во таа спрега – полуписмено ама богато Министерство, послушни „директори“ на национални институции, коруптивни уметници и “puppet on a string“ Комисија – е изведена целата ујдурма, за среќа за релативно мали пари (се разбира, споредено со финансиските „ефекти“ на овие криминални умови во другите „проекти“ и „операции“ од „национално“ значење). Но, оваа „акција“ беше само увертира, да се испипа пулсот на македонската култура, на јавноста, на уметници … Кога сите си легнаа на брашно мирно и молчешкум, следуваа(т) нови конкурси со поголеми пари. И, најверојатно, со истите резултати!

???????????????????????????? И ова „дело“ треба да биде со „национални вредности“

8.

Но, на отворањето на изложбата Ордев, можеби не сакајќи, рече и нешто друго. Односно, рече дека „Ова е пресек на ликовното творештво во Македонија – имаме од сите возрасти, од сите правци, од сите сензибилитети“. Е сега, тоа ли беше поентата? Да добиеме уште една ДЛУМ-ова изложба, овојпат платена подебело отколку нивните редовни годишни „изложби“? И низ неа да протурат и се’ она друго (ќе простите) ѓубре кое никако поинаку не би можело да влезе во некоја од националните институции? Да платат некому за верноста, за (можеби) помошта, за партиските активности – онака, наместо сокче и сендвич ? Зашто, ако (повторно) целта на оваа акција беше да се откупат дела со национални вредности, дела од уметници кои претставуваат гордост на македонската уметност .. . тогаш каква врска со тоа има некаков пишлив „пресек“, или некакви „возрасти“, „правци“, „сензибилитети“? И уште ли не им јасно на оние неколкумина релативно сериозни и реномирани македонски творци во каква ујдурма влетале? Или важно е само едно: грабни ги парите и бегај да не се предомислат?

Ако ова требаше да биде само уште еден вообичаен и по правило здодевен  ДЛУМ ама со партиски предзнак, нели ќе беше многу поефтино и поедноставно да се направеше еден убав панаѓур на којшто сите ќе си донесеа по две-три дела, ќе поминеше истата „стручна“ Комисија (сосе библиотекаркана која ужива да се преоблекува во стручњак, па онаа од МСУ која буквално трампеше Надежда Петровиќ за Личеноски, Емануел Видовиќ за еден прилично сомнителен Мартиноски којшто сега стои кај „чеканот“ Ставре, итн.), па ќе ги „селектираа“ истите гадости, пардон „гордости“, на македонската уметност, и – чича Мича готова прича! Кому, и зошто, му требаше ваков циркус, и срам?

???????????????????????????? И уште едно „дело“ со „национални вредности“

9.

Но, најконкретно, она со што така дично се фали Министерството за (не)култура, па згора и двете национални институции, се (от)купените 64 дела, од коишто 21 дело ќе оди во МСУ  (од авторите Ж. Вангели, Б. Маневски, С. Јанешлиева, Б. Ибрахим, Г. Наневски, М. Арсовска, Л. Цветковски, А. Мазневски, Г. Поповски, Д. Старова, И. Димитрова, И. Сековски, Б. Шемов, и др.), а 15 дела (од уметниците Р. Калчевски, С. Шемов, Р. Корубин, В. Ташовски, И. Аризанов, Л. Стефанова, Т. Аџиевски, А. Спасовски, А. Миов, Ј. Новковска, М. Кировска и др.) во Националната галерија.

Ама, една проста математика – не знам дали Канческа и оние приглупине во Министерството умеат толку да собираат – вели дека 21 плус 15 се 36! Што ќе рече дека до 64 (от)купени дела остануваат уште 28 дела, или „дела“, за коишто не се знае каде ќе одат. Соопштението на Министерството вели – „… некои од делата ќе бидат подарени во државни институции“ (sic!). Извинете, ама Конкурсот не предвидуваше „државни институции“! Ако државните институции сакаат да имаат уметнички дела, зошто не си ги купат? Малку ли пари имаат, или тие пари се за други „намени“, онакви какви што слушаме во „бомбите“? И никој ли не го поставува тоа прашање? Ако „акцијата“ била организирана за националните институции односно за пополнување на нивните збирки, каква тогаш врска имаат некакви државни институции и нивните канцеларии и ходници каде што, веројатно, би виселе овие дела?

Се разбира, сето тоа се коцкички во мозаикот наречен „Големата превара“ односно „откуп“ на уметнички дела со национални вредности за националните институции. Сложувањето на коцкичките можеби оди полека, ама мозаикот веќе доби грда, криминална форма. А впрочем, помудрите ќе речат дека сето ова беше познато – однапред. Имајќи предвид како досега „работеше“ ова Министерство во сите негови „проекти“, како да беше јасно во чии едра и овој пат ќе дувне ветерот. Иако, веројатно, не мислевме дека во целото криминално замешателство улоги ќе земат и неколкумина реномирани македонски уметници.

Но, да речам и јас дека, некако, се’ беше јасно уште во стартот, зашто ниту еден паметен кој барем малку знае како се откупуваат дела за национални институции, не би поверувал дека целта на оваа „акција“ било токму тоа. Канческа и нејзината карневалска дружина сигурно немаат појма дека уметнички дела не се купуваат на кило и на пазар како патлиџани и пиперки, дека национални институции од „реномето“ (од коешто, за жал, не остана ама баш ништо!) на МСУ и Националната галерија имат потреба од конкретни (ремек) дела од конкретни реномирани автори, дека често таквите дела дури и не се сопственост на уметниците туку треба да се преговара со колекционери и галеристи, дека уметноста не е и не може да биде алаш-вериш операција (без оглед колку тие би сакале да ја направат таква!).

Но бидејќи на целата селско кооперативна „акција“ пристапиле со ситнотрговски менталитет на очебијни провинцијалци, затоа се такви и резултатите. Затоа се, впрочем, такви и резултатите во македонската култура девет години наназад, од Канческа па надолу! Од целата таа збирштина натрупана во Чифте амамот, само едно – и само едно – дело го заслужува епитетот антологиско дело: делото „Крик“ (2002) на Славица Јанешлиева (иако и тоа нецелосно односно несоодветно презентирано на изложбата!). Само тоа дело завредува да се најде во национална институција (и тука жалам што отишло во МСУ, зашто тие слепци не умееле на време да го побараат за новната Постојана поставка). Сето друго е, мање-више, ремек дело на незнаењето, шарлатанството и кичот, што можат комотно да им го вратат на уметниците, дури и по цена да им ги остават парите! Нека им се алал на алчноста!!!

ЗОШТО БУДАЛИТЕ НЕМААТ РОГОВИ?

1.

Не знам дали има уште некој нормален во земјава кому не му е јасно што и како ни се случувало изминативе девет години со оваа „преродбеничка“ криминална гарнитура. Можеби има по некој кој допрва се свестува, (или и дел од гарнитурата!), но како што се движат работите, приказната полека се ближи кон крајот. И тогаш, богами, многумина ќе имаат време не само за вежбање на личните кафеански „способности“ како онаа будала во Штип, туку ќе можат да учат цели оперски арии.

Но, веројатно станува збор за „заробени умови“, како што вели Атанас Вангелов, односно дека „верува е посилно од – гледа!“. Таквите сигурно не ги разубедува ни „фасадата“ на (новото) Министерство за правда, уште помалку – опачината, како посебна прича за себе. Тие веруваат во тоа што не гледаат, веруваат во некаква историска небулоза дека цел живот некој друг ни е виновен!

2.

Но, на страна кој во што верува и кој што гледа или не сака да види. Ама јас, иако безмалу од првиот ден имав прилично точна претстава со кого (ќе) си имаме работа, се’ уште, барем во некои ситуации, ги мислев попаметни. Попаметни во смисла дека некои нешта се учат и попат, дека ако гледаш дека ти се смеат во лице на глупостите што ги правиш, барем малку ќе си ја чукнеш главата, или ќе ставиш прст на чело, или … не знам, нешто, некој ќе те посоветува … Ама овие се дефинитивно изгубен случај, овие не знаат ни дека прават глупости, а уште помалку веруваат кога некој им се смее. Односно – ги исмејува. Тие мислат дека тоа е на идеолошка, а не на мајмунска основа. Каква црна идеологија, та тие и не знаат што значи тоа. Ама за мајмунлаци – знаат. И брзо учат.

Како и да е, и не само јас, во повеќе наврати беше јавно пишувано – да не речам исмејувано – за идиотските „проекти“ на Министерството за култура и потенцијалните, но и веќе евидентните штети на истите за актулената и идната македонска култура и уметност. Не дека и од тоа имаше некаква фајда, ама човек некако несвесно верува дека гласот сепак допира, фаќа место, што се вели. Зашто имаше и добронамерни укажувања (моите не беа такви, признавам!) на грешките, на катастрофалните последици, на ненадоместливите штети, на бескрупулозното трошење пари на глупости … Се разбира, како и за се’ друго во врска со овие полуписмени „преродбеници“, и тие укажувања и критики беа залудни. Ама, пак велам, барем да поднаучеа да се сокријат, да ги затскријат трагите, да не ги боцкаат очите на луѓето, да играат на картата на заборавањето. Не бре брате, овие запнале ко сивоњи да се горедеат и од она од коешто другите се срамат – сосема доволен е примерот со „Скопје 2014“ – да ги промовираат своите идиотштини на сите ѕвона, да играат и пеат на погреб! Што е бре ова, се’ лудо и полулудо, пијано, болно во тоа мозочињата …?

otkupenidela

И ова ли е национална вредност?

3.

Еве, сега, ни мање ни више, запнале да прават изложба на „дела“ од „проектот“ на налудничавиот ни „Рембрант“ (како негов подарок-испрдок за македонската култура и уметност) односно т.н. откуп на дела со (квази)национални вредности за збирките на националните институции од областа на уметноста. И вон сите критериуми и стандарди, како впрочем и во се’ друго што направија, вон сите законски и професионални норми, запнаа и ја истераа „акцијата“. Не потрошија многу пари, за волја на вистината. Некакави пишливи 60-70.000 евра, ама доволни да им затнат устите на (безмалу) сите (самопрогласени) величини во македонската современа уметност, кои се продадоа за смешни 2-3.000 евра за дело. Некои и за – помалку, многу помалку.

И нормално, како и кај сите шутраци, што на ум – то на друм, бууум – го истераа и тој „откуп“ наспроти сите јавни укажувања за кршење на закон, за непрофесионално однесување, за неморал, за мешање на политиката во уметност … Го затрупаа Министерството со „уметнички“ дела, а тоа пак под итно им ги препрати на националните институции – главно Националната галерија и Музејот на современата уметност – за да овие ги сместам директно во поставките. Ни мање ни више, зашто така решиле „Рембрант“ и онаа Канческа. Обајцата како стручњаци, нели?! „Рембрант“ алиас Сарајлија* како првокласен дворски сликар на македонската криминална камарила, а Канческа како што, како пригодна „фигурина“ која прв пат видела музеј кога станала министерка?

И сега, ајде, било што било, поминала вревата, им ги дале паричките на тие што намислиле да им ги дадат, и наместо да се подзатскријат дури нештата се заборават, не – овие тераат даље. Решиле да прават изложба на „откупени“ дела за да покажат пред јавноста што и како сработиле!?! Нормално, за луѓе кои во животот ништо и не сработиле, ова може да се смета и за тешка умствена работа, нели?

НОВКОВСКА

                                               И ова?

4.

Знам дека многумина, многу често, се прашувале зошто будалите немаат рогови? И тоа е, според мене, една значајна еволуциска грешка. Се’ ќе беше поинаку ако барем некако можевме да ги разликуваме. А сепак – можеме, зашто Природата се погрижила грешката да не остане целосно сокриена. Затоа, им ги оставила делата, а на паметните моќта по истите да ги препознаваат будалите. Зашто токму делата се дефинитивно најмоќната дијагноза, помоќна од многу лекарски, а богами и од жолтото комбе толку неопходно за Скопје.

Па така и во случајов: ајде што направиле глупост во стартот со удоволувањето на шизоидната „идеја“ на еден член на Советот за култура, ајде што прекршиле закон и редица други пишани и непишани критериуми и стандарди, ајде што ги лишиле навредиле стручните институции и ги лишиле од нивната важна стручна работа, ајде што траљаво и колку (не)знаеле и (не)умееле ја истуркале работата според само ним познати виолинско партиски клучеви … туку сега сакаат и да се перчат. Демек – еве што сме направиле! А сето тоа за да во старт се сокрие нивното злосторство што во изминативе години не дале ни скршена пара за откуп на уметнички дела, обвинувајќи ги за тоа, ни мање ни више, туку националните институции. Како да тие се Метрополитен или Лувр, па располагаат со којзнае какви независни буџети? Ама затоа, за пулените во налудничавото „Скопје 2014“ имаше пари за астрономски хонорари за какви ни Леонардо ни Микеланѓело не можеле да сонуваат?

5.

Па затоа, уште еднаш: што мислите дека сте направиле бре шутраци? Нешто капитално за македонската уметност? Нешто полезно за македонските уметници?

Прво, ги претворивте националните институции во партиска маша, во безгласни орудија на шарлатани собрани во некакво самонаречено Министерство за (не)култура. Второ, ќе си теравте работа онака дилетантски да не ви беше укажано дека никој од надвор не може на националните институции да им каже кои и какви дела им требаат во поставките, па бргу ја преправивте комисијата со членови и од овие институции, ама кои пак ќе пеат според вашите ноти. Трето, им го срозавте угледот на едно чудо македонски уметници, а не само угледот туку и реалните цени на нивните дела на пазарот (иако, дел, ако не и сите, се очигледно подеднакви шутраци како и бирократите во Министерството, несвесни во каква игра влегле!). Петто, направивте директен упад на македонскиот уметнички пазар со дампинг цени утврдени од разноразни будали без никаков критериум, загрозувајќи ја егзистенцијата на галеристите кои живеат од таа работа (иако, како и кај уметниците, многумина од нив, ако не и сите, тотално немаат појма што и како им се случило!). Шесто, ги затрупавте – со тенденција тоа континуирано да го правите – националните институции со непотребно ѓубре коешто, главно, ќе чмае во депоата (до мигот кога ќе им биде вратено на директните учесници во оваа далавера, со обврска за нивна финансиска компензација, се разбира, па тие нека си ги закачат дома „делата“). Седмо, јасно и јавно покажавте дека немате појма ни од култура, уште помалку од уметност, претворајќи ги институциите во ваши политички пиони неспособни за самостојно одлучување.

И згора на се’, со тоа јавно се гордеете? Уште да дадевте пари и за каталог за „изложбата“, па циркусот да ви беше – комплетен! Ама не е ни доцна, можете и сега да поарчите уште пет-шест илјади евра. Што е тоа за вас, та не ги давате од џеб!

______________

* Фамозниот ни „Рембрант“ пред некоја година го доби, едногласно и со право, престижниот прекар Сарајлија, во силна локална конкуренција. Инаку, Сима Милутиновиќ – Сарајлија е Босанец, фантастичен лик, кој „откри“ дека зборот Мухамед доаѓа од „муха“ и „мед“, нешто слично како и нашиот локален Сарајлија, кој исто така „откри“ многу нешта, меѓу другото и дека Анти произлегува од Антика (или беше обратно?), и редица други бисери!

НАДРИЛЕКАРИ

1.

Не знам дали навистина не можеме без тревкари и надрилекари да го лечиме „болниов на Балканот“, или во сите присутни комбинаторики навистина има само политикантство и лични интереси и – ништо друго. Можеби малку и празна слама, којзнае. И немам апсолутно никаква намера некому да држам лекции за што и да е’, а најмалку на новинари што и како да мислат и како да си ја вршат работата. Ама сакам да си ја дообјаснам својата идеја, без оглед дали и колку некому му се допаѓа.

Па така, најблаго речено зачуден од спомнувањето на одделни имиња во контекстот на некаква (се’ поактуелна) „преодна“, или „техничка“ или каква и да е’ друга влада со јасни и прецизно дефинирани ингеренции – а, меѓу другото, тоа би значело и стабилизација и дезинсекција на базичните  државни институции, подготовка на демократски избори и (според мене најбитно!) водење на македонскиот Нирнбершки процес – мислев дека, можеби, не сум прочитал добро. Но и после неколкукратното читање, кога истите имиња и понатаму стојат црно на бело, чудењето се зголемува. Многумина велат дека тоа, практично, нема никаква врска со стварноста, дека утре никој не би ни водел сметка за тие и такви предлози, односно дека е прерано за такви размислувања. Не сум сигурен дека е така. Иако новинарите, верувам, никако не би биле главните фактори во составувањето на таа идна влада, сепак мислам дека ова, на некој начин, претставува подготовка на тереност / јавноста за некакви идиотски компромиси. Кому и зошто некому му требаат истите – останува нејасно! А бидејќи низ перата на многумина новинари кај нас говорат некои други усти, се’ станува уште позамрсено. Ама токму затоа и мислам дека сето тоа не е ни наивно, уште помалку невино, како што се сака да се претстави. Демек, седнале неколкумина новинари – и тоа токму оние кои беа шиканирани и згора прислушувани од режимов – и си правеле бајрам со умот кој и како би се нашол во таа некаква „преодна влада“. Не ќе да е баш така, ама дури и да е’ така, останува некаков чуден јадеж, некакво студенило околу срцето: зошто? И зарем тука, кај тие неколкумина (ај да не речам што!) завршува македонскиот избор? И не дека тие неколкумина (ај повторно да не речам што!) утре навистина ќе седнат во таа „влада“, ама самата помисла дека некој може / сака да ги види таму е – доволно страшна.

2.

Но, впрочем, да беше само „стилската политичка вежба“ на неколкутемина новинари, ќе речев: добро, си прават бајрам на умот. Ама, како тоа, одеднаш, сите гласила што барем малку мислат слободно – чест на исклучоците – веднаш станаа фанови на т.н. амстердамска тројка, па истите имиња почнаа да се вртат безмалу секој ден низ медиумите, па ги викаат на интервјуа … па – да ти се приповрати. Толку луѓе, подеднакво стручни ако не и постручни за дадените области од овие, стручњаци со години потискувани и шиканирани од владите токму на овие јунци, повторно ли ќе бидат заборавени, или прескокнати заради некакви „повисоки“ интереси? Чии? И да се кладиме дека после оваа увертира нивните имиња уште побргу ќе се врткаат во јавноста како можни кандидати за што и да е’?

Не ги знам дотичните, ниту пак сакам да ги запознавам, ама сепак – не сме од вчера, нели? Ние сега можеме да измислуваме секакви бајки за дотичните, како што впрочем и почна да се прави, некој можеби веќе е ангажиран да им гради нов имиџ на прекалени демократски борци, но барем да не претеруваат.

Иако, мислам дека ако веќе некој запнал, ако веќе е неизбежно, максимумот што би требало да го добијат се некакви административни места во надлежните министерства, оние кадешто сега така здушно некој сака да ги види како челници. Ако веќе, навистина, мора да добијат „нешто“. Мислам дека тоа е доволно, иако, да е до мене, и тоа им е многу. Но, навистина би сакал да чујам со што тоа не задолжија овие персони, за да Македонија сега мора да се грижи за нив? Па уште и на – министерски места? Фактот што после девет години отворија уста? Па за тоа, извинете, не следуваат такви награди. Затоа велам, административни места во угледно министерство – такви какви што би требале да бидат идните македонски министерства – е сосема солидно место!

Но, добро, еве јас не знам, ама навистина би сакал да чујам, и да знам: со што не задолжија персониве? Или фактот дека оној малион Димитров на тато порачува „да им ја вратиме ВМРО на граѓаните, на сите граѓани“ треба нешто специјално да не’ потресе? И нема кој да му каже: не, благодариме, чувај си ја? Или треба да не’ расплаче фактот дека тој и не е така „… чест гостин во штабот …“? Па заради тоа треба да му дадете цело едно министерство, меѓу најважните во државата? Ало, има ли некој дома???

ПИЛУЛИ

3.

Или, уште еден таков „стручњак“ од веќе познатата „тројка“, сака да не’ убеди дека неговиот пријател премиер мотивирал со „… неговите идеи за стабилна, богата, демократска, силна, Европска Македонија“? И овие ко кленови се фатиле на јадицата на убавите зборови и цели девет години не виделе што се случува околу нив и во каква Македонија се претвора ова парче земја?  Тие денес ќе не’ учат што и како треба да се прави во земјата? А тие, пустите, мислеле дека и’ „… помагаат на својата земја …“? И тоа заедно со човек „… кој ја освоил вашата доверба и кому ми верувате“? Е па убаво, нека си тераат и понатаму, и со помошта и со довербата! И што е тука спорно ако им се посака среќен пат во таа нивна ново-стара „мисија“?

Иако, во крајна линија, безмалу никаков проблем не се ни дотичните, ниту кој и да е’ друг. Дури, за министер за култура можат да го предложат и оној „стручњакон“ од Сетинци и Попадинци. Човекот барем ни постави пет-шест споменици низ градов. А во што пак фамозна Ганка би можела да се мери него? Со онаа прочуена трампа со натурализиран македонец во Белград? А за здравство нели одговара онаа којашто ослепе неколкумина? Барем е со искуство!

Ако ние упорно не сакаме да мрднеме ни педа напред, ако инсистираме на лажни вредности, смешни персони и квази-критериуми, онака – до коска, тогаш навистина можеме да ја истераме и оваа трагикомична приказна до самиот крај. И после да си ја чукаме главата, како по обичај. Ако некому не му пречи моето мислење, еве сметам дека и првите десетина-петнаесет поединци што би ги сретнале во даден миг на улица би ни биле подобро решение од некои од овие чии имиња почнаа да се вртат во барабанот на игрите на глупоста.

Впрочем, на ваквата „плодна“ почва на импровизирана „политика“ веднаш се лепат секакви недоквакани од типот на детиштено кое мисли дека „креира“ некакви политики, па предлага, меѓу другото, како мерка за излез од кризата, „објавувањето на прислушуваните снимки треба да запре, а судскиот процес против сите вклучени во аферите ’Пуч’ и ’Прислушување’ треба да продолжи внимателно“!

Само не знам како не се заморивме од вакви небулозни комбинаторики, од алаш-вериш кадровски политики, а особено од луѓе „за сите времиња“. Уште од 1992 година Македонија беше преплавена со нови верници, нови антикомунисти, нови демократи, нови интелектуалци … а од 2006 година со нови патриоти, ново-стари антички македонци, нови конзервативци, нови барокољупци … па нови комити, нови потомци на славните војводи, нови гемиџии … има ли крај? Секогаш кога ни треба нешто „ново“, како да ги гледаме истите луѓе како бргу ги менуваат маските и влетуваат во новите ролји на (повторни) спасители на нацијата. И секогаш, како по правило, наоѓаме некакви чудни надрилекари со застарени рецепти, некои магличави персони од минати времиња – да не речам векови – на кои (наводно) треба да им ја довериме судбината!

БОЛНИОТ НА БАЛКАНОТ

1.

Не мора човек да биде којзнае каков дијагностичар за да ги почувствува, онака, „во лет“, главните симптоми на нашата општествена болест. Впрочем, таа е веќе хронична и ги минала безмалу сите прогресирачки фази, до последната, терминалната. Таа, се разбира, претстои, и може да биде многу болна, или помалку болна. Зависи и од пациентот и од лекарскиот конзилиум и / односно од третманот. Значи ли тоа дека сега, во оваа фаза, нема никаква (функционална) терапија? Тоа допрва треба да го кажат експертите, и нашите и странските, зашто за „болниов на Балканот“ мора да има меѓународен конзилиум кој најефикасно, но и најбезболно, ќе му ги скрати маките. Зашто, ова, веќе е – мачење! Тука веќе не помагаат ни оние препишани од надрилекари дневни прошетки на чист воздух карикатурално крстени како некакво „движење“ за спас на болниот, не помагаат ниту зголемените дози морфиум на оние „куртон медиуми“. Распадот е евидентен, и неминовен.

2.

На сите малку поразумни, веќе на стартот како да им беше јасно дека нашава неоплазматична состојба не може да биде ни бенигна, ниту пре-малигна, туку баш – канцерогена. Веднаш, од прва.

И меѓу последните опитни и јавно изречени дијагнози, којашто патем (повторно) се покажа и сосема точна, беше и онаа на д-р Чаусидис. Тој утврди дека „… сегашните состојби во нашево општество можат да се споредат со заболен организам. Притоа, функциите на компонентите што ги предизвикуваат проблемите во него ме доведоа токму до дијагнозата „Канцер“. Зошто сред толку болести се решив токму за оваа, а не за некоја друга, како на пример, некаква бактериска или вирусна инфекција? Затоа што кон неа ме насочуваат симптомите на болеста, нејзината физиологија и концептите на дејствување. Канцер, затоа што и нашава општествена болест не ја предизвикува видлив екстерен окупатор во вид на некаков микроорганизам или паразит. На некој начин предизвикувачот сме самите ние, нашиот организам, односно некои негови мутирани клетки“. Не му беа потребни ни биопсии, ни други марифети, само – чисто набљудување!

И тоа е, се разбира, сериозна дијагноза, и сериозна болест. Мислам дека веќе ја потврдуваат многумина компетентни, и дома и надвор. Иако болештината и беше очекувана, зашто после толкаво истоштување на сите демократско – имунолошки капацитети на општествениот организам, по правило се јавуаат терминални процеси. Иако, за воља на вистината, нашите демократски и имунолошки (на криминал и марифетлуци) капацитети никогаш не ни биле на завидно ниво. Нашиот општествен организам никако не успеа да изгради соодветни одбрамбени системи, не успеа да воспостави баланс на очекувањата и можностите, не обезбеди континуираност на редовни дијагностички специјалистички и субспецијалистички прегледи кои на време би откриле автоимуни или други авторитарни / тоталитарни п(р)ојави.

Напротив, најбитните државни одбрамбени механизми, да не речам елитните општествени структури веќе на почетокот се поклонија пред терминаторот, пред заразата, пред Злото, посакувајќи му добредојде на Туморот како на радо виден гостин. Не баре ни носеше среќа и радост а не тага, не баре ни носеше просперитет а не – смрт! После тоа, метастазите само си ја вршеа својата вообичаена работа!!!

Cancer

3.

Она што ние подеднакво не успеавме навреме да направиме, после точната дијагностика, беше почетокот на сериозен третман. Малкумина укажуваа на вистинското лице на Злото, многумина мислеа дека е тоа краткотрајна инфекција, не баре настинка, грип, што ли, ама како никој да не бараше лек!?

Токму заради таа подзадоцнета и делумно игнорирана дијагноза и одолговлекувањето на иницијалните третмани, Туморот се почуствувал на топло и на сигурно. И земал замав, живнал. Впрочем, психологијата на Туморот е, велат, специфична психологија. Зашто и Туморот е жив па следствено ја има психологијата на – животот. Без оглед на степенот, и Туморот е крв, ткиво и месо. „Расте и се прилагодува на околината, се бори за опстанок … Се храни од домаќинот, расте и се бори за живот … “, вели еден филмски лик, инаку неврохирург. И сега, никој не сака такво нешто во организмот, па ни во општеството, се разбира, како посебен вид „организам“. Но, од друга страна, а ние сме жив пример за тоа, Туморот уште во стартот замислува дека не е тој проблемот, туку дека проблемот му е – домаќинот. Тоест, проблемот е организмот, или општеството, како сакате. Тој (организмот) односно тоа (општеството), од перспективата на Туморот, му е главната закана (иако се храни од него!), ние сме му опасноста – го напаѓаме  – ние сме му проблемот. За Туморот, ние сме Канцерот! Тој, се разбира, сака да преживее и да се развива, а ние сакаме да го уништиме! Дури, кај нас, перверзијата оди дотаму што Туморот се предлага и како решение на проблемот. Што ќе рече, допуштете му да го „изеде“ општеството, и така е солидно етаблиран и веќе добро ухранет, па нека ја заврши работата. Прогласете смрт на општеството, а живот на Туморот! Општеството е мртво, да живее Туморот!!!

Зашто во оваа Балканска канцерогена перверзија испаѓа дека ние сме варварите кои сакаат да го отстранат Туморот, кои сакаат да му го одземат неговото перфектно осмислено и опремено живеалиште. А тој е подготвен на такви манифестации на слабост. Ќе превземе веднаш, попрво ќе уништи се’ отколку да се предаде. Ако му дозволите, се разбира.

4.

Затоа, туморите се решаваат со инвазивни методи, а на крај – со хирушки зафати. Зашто друго нема, колку и да се мислиме, колку и да бараме поблаги решенија. А ако скалперот малку промаши, односно остави делови од канцерогеното ткиво, исто како и да не направил ништо. Тоа Зло е се’ уште живо и бара нови простори за растење и развивање. Тие таканаречени метастази се, тогаш, уште поопасни зашто започнуваат да се развиваат неконтролирано и во сите зони.

Затоа и зачудува нашата се’ уште наивна толерантност, до глупост. Ние сме подготвени, наводно, да се справиме со злото, ама ако може, онака, со аспирин. Аналгетик ако е ептен неопходно. И да не „се сече“ ептен длабоко. Ако воопшто мора. Затоа, впрочем, овој балкански пациент и боледува толку долго зашто е лечен од шарлатани и со бабини девитини. За секоја болка – тревка, за температура – две тревки! Ние никогаш не сме спремни да одиме до крај во борбата со Злото.

Затоа и сите базични институции се одамна метастазирани. Туморот веќе фатил позиција. Токму затоа и оние кои ги предлагаат (метастазираните) институции како логично решение на проблемот, се всушност само клонови на Туморот. Знаат дека тој, тогаш – ќе преживее! Впрочем, сосема на истата линија на „барање“ на решенија се и оние новинарскине „демократски“ вежби  за т.н. Преодна влада. Та видете им ги луѓето, барем половината се метастазирани парчиња на Туморот што со години го јаде(ше) ова општество. Ама македонскиве новинари сметаат дека токму тие метастази, иако дел (поголем или помал) од болештината, токму тие ќе ни го решеле актуелниот проблем! Како? Со нови тумори, со нови разграноци?

Изгледа дека овде малкумина разбираат дека „болниов на Балканот“ е навистина сериозно болен. И дека со такви болести нема играчки од типот мои и твои „фаворити“, од активирање на стари неплатени сметки, можни симпатии и слично. Ако пак тоа не го разабира дури ни т.н. седма сила односно, поточно, токму оние кои беа сериозно „гризени“ од локалниов Тумор, тогаш, можеби, ни треба – еутаназија? Како инаку би си ги објасниле нивниве – и не само нивните, се разбира – надрилекарски рецепти за решавање на проблемот, со враџбини, тревки и подеднакво инфективни „терапии“?

НАРОД vs ПОЕДИНЕЦ

или

„НАШИОТ“ НАРОД (3)

11.

Не знам дали некој, некаде направил таква стручна анализа на сопствениот народ каква што прават, особено денес, нашиве „политичари“. Се сомневам, иако не е исклучено, во одделни слични на нашата „демократии“.

Но, она што во самата суштина е интересно, е дефиницијата на поимот народ. Што подразбираме под зборот „народ“ кога денес, особено денес, толку често го изговараме, каде треба и (почесто) каде не треба. Народот стана џокер, алиби за се’ и сешто, особено (сега) за покритие за сите криминали. Божем, ако народот е „со нас“, тогаш слободно можеме да крадеме, што ли? Но, штом многумина толку често го ставаат во устите колнејќи се во неговата благосостојба, веројатно е некој и некаков важен фактор!

The Cambridge Dictionary дава една многу едноставна дефиниција за нашиот збор „народ“ (people): „сите мажи, жени и деца кои живеат во одредена земја, или кои имаат иста култура или јазик“. Според првиот дел на оваа дефиниција, сите кои живеат во Македонија би биле еден народ (не и нација, секако!), па следствено, „македонската дефиниција“ дека „нашиот народ е мирен, спокоен, семеен …“ може да се однесува на сите. Ама не верувам дека останатите етнички заедници би се согласиле, прво, дека сме еден народ (people), а второ, можеби и не би се согласиле дека се такви какви што ги опишува „премиерот“.

Според остатокот од дефиницијата на Кембриџ, не можеме сите да се стокмиме како еден народ во една земја, така што, повторно, мислам дека добро сум проценил дека онаа „дефиниција“ на „премиерот“ сепак се однесува само на македончињата. Односно – на Македонците!  Иако, мислам, дека многумина од нас Македонците исто така не би се согласиле со неа, зашто не се гледаат себеси како мирни, како спокојни, а уште помалку како семејни (според неговите „стандарди“).

Но, ако една власт, преку нејзиниот главен репрезент – ќе ми прости Хорхе, се надевам – така го гледа, или сака да го види народот, што се случува со сите други кои не се гледаат себеси во еден таков контекст, во една таква конструирана според свои потреби „дефиниција“ (мирни, спокојни, семејни)? Дали тие не се тој народ за кој мечтае власта? И што ако не се? Дали автоматски стануваат предавници, непатриоти, соросоиди, комуњари … што ќе рече: народ од втор ред? Дали, во овој контекст, треба да се започне со видливо обележување на едниот и другиот народ, бидејќи инаку тешко се препознаваме? Едните би носеле ленти со сонцето од Вергина, другите црвени ѕвезди петокраки?! Дали така власта конечно ќе знае кој е кој? Или они и така одамна знаат – кој е кој?!

12.

Друг битен момент во нашава актуелна „народна“ приказна е фактот дека, божем, ние одамна го напуштивме (комунистичко – социјалистичкиот) принцип на колективитети, а во полза на силата и важноста на индивидуата, поединецот, граѓанинот. Зашто народите, во принцип, се само филозофско политичка фантазмагорија, непостојна категорија. Народите се збир на индивидуи, нив ги прават поединците со нивното делување, или неделување. Ниту војните не ги добиваат народите, туку токму оној збир на храбри поединци, од кои некои и ги оставаат животите на бојното поле, за добробитта на другите. А впрочем тоа се и оние истите (македонски) бранители кои денес овие ги нарекуваат „човечиња“, а понекогаш и – „говеда“! И тие не се сметаат за нивни „народ“.

Ако во социјализмот силата беше народот (и партијата, се разбира, ама повторно произлезена од народот), нели во демократскиот плурализам ќе доминираше поединецот и неговите (граѓански) потреби и интереси? Или тоа беа само флоскули додека се грабне власта? Зошто се тогаш потребни силењата од типот „еве со кого е народот, во овој народ е нашата сила, во сите овие луѓе …“? И што потоа? Што со таа наводна сила, ќе се употреби повторно против другиот дел од народот, оној другиот? Затоа, впрочем, и теоријата вели дека таквите (зло)употреби на народот се своствени главно на недемократските и авторитарните системи, ако ова кај нас воопшто и можеме да го наречеме систем.

Оттука, што се случи со поединецот, со индивидуата и неговото право на глас(ност)? Дали значи дека ако веќе е узурпирано правото на глас, а видовме и чувме дека е’, дали е укинато и правото на гласност? Се разбира, тоа е првото што се укинува, што пак се гледа и од актуелните состојби и од медиумската застапеност на едниот и на другиот „народ“!

Ако ова општество треба(ше) да биде општество на поединци, на (силни и самостојни) индивидуи, што се случи со таа насока? Каде, и кој, попатно – ја загуби? Наместо да се стимулира поединецот, особено оној кој мисли и делува самостојно, тие повторно се бават со стада; наместо да стимулираат модерна и слободоумна младина тиа сакаат да ја антиквизираат и униформират; наместо да се потпре на учени и писмени индивидуи овој „систем“ негува полтрони и поткупливци …

13.

Затоа, уште еднаш: народот не е ништо друго туку само прост збир на поединци, на индивидуи „… кои живеат во одредена земја, или кои имаат иста култура или јазик“, како што вели Кембриџ. Ако пак (демократската) власт се црпи од тој народ, што ќе рече од волјата на секој поединец искажана на (демократски) избори, каде е овде таа волја на поединецот, на индивидуата? И после се’ што слушнавме, може ли некој се’ уште да говори за искажана слободна волја? Ако некој пак ја узурпира (краде, манипулира, фалсификува) таа волја на поединецот, за каква народна власт можеме да говориме? И со таа и таква фалсификувана волја на толку поединци некој сега се повикува на – народ? А впрочем, и пресудите, нели, се носат во името на народот? Па слушајќи ги сега сите овие судски перверзии што ни се случувале во изминативе години, прашањето е: во името на кој народ се носени тие пресуди? И од кои судии?

Не знам какви се карактеристиките на македонскиот народ, ниту пак на другите што живеат овде. Не сум толку умен како власта која си го „знае“  стадото. Иако мислам дека воопшто и не е битно што ние самите мислиме за себеси, какви се’ карактеристики си придаваме, додаваме, измислуваме. Не само за Македонецот вчера и завчера, туку и за овој денес, особено за овој денес. Побитно е што другите мислат за нас. И историски, и сега. А тоа не е баш за фалење.

Никој паметен не говори за цели народи, туку за негови репрезенти, за негови претставници – политички, научни, културни, уметнички, спортски … Само истакнатите поединци се вистинските репрезенти на еден народ, оние кои навистина ги признава и препознава (цивилизираниот) свет. Флоскулите од типот „народот“, „ние“, „ние и народот“ не поминуваат веќе никаде. Тоа се „модели“ закречени во некое далечно минато, реторички празни и суштински надминати. Токму тие „модели“ на однесување беа оние што требаше одамна да ги закопаме. Или – одново и одново (ќе) ги оживуваме популистичките слогани од типот „народот и партијата“?

14.

Народот е препознатлив, ценет, силенако сакате, само и единствено заради препознатливите, ценетите и силните репрезенти, заради индивидуите чие знаење, умеење, интегритет, постигнувања … се мерат во регионални и меѓународни рамки. Не според парите и плацевите, не според пцовките и оговарањата, не според местенките и криминалот …

По што ние стануваме препознатливи за светот, вчера и особено денес? По кои големи луѓе, по какви големи дела? Кои се поединците, силните индивидуи со морален и творечки интегритет што му ги нудиме на светот, покрај „мирниот, спокоен и семеен … народ“? Кои се современите претставници на тој „мирен, спокоен и семеен … народ“? Кое е и тоа минато, ако баш сакате, на коешто овие се гордеат? Аце, Самоил, онаа дузина карикатури од комити во Џон Вејн стил, оние восочни лилипутанци во Музејот на хоророт или оние тролчиња на уште посмешните мостчиња? Или можеби некој од политичкава „елита“: оној кој самиот себеси се вика Хорхе, овие кои секој ден ги слушаме како го пцујат другиот им народ? Тоа ли е нашето денешно наследство – за иднината? И за светот? Или можеби на светот ќе му ги понудиме „интелектуалците“ од димензиите на оние глувонеми МАНУ-ковци, или swarovski судијкине, или можеби некој од „професорите“ од калибарот на онаа збирштина во анти-пленумот, можеби некој од „синдикалцине“ за два или „уметницине“ за три гроша  …? Извинете, ама таа багра не е ни за локална употреба, камо ли за меѓународна!

Не мислам и не велам дека ние немаме поединци, дека немаме силни творечки индивидуи кои со вкупниот морален (намерно го потенцирам овој сегмент!) и творечки интегритет можат да ја претставуваат Македонија секогаш и секаде. Ама, повеќето од нив не се по „стандардите“ на оваа власт. Не се покорни, не виткаат кичма, премногу говорат и – лошо мислат. Не мислат во насоката на дополнителното лично и газдинско збогатување, туку повеќе се ориентирани кон духот. Е таквите не се по воља на оваа држава. Таа сака да крцка кесенцето, само нивното, а за другите – ќе размислат!

ГРЕШИ ЛИ НАРОДОТ?

или

„НАШИОТ“ НАРОД (2)

7.

Во актуелниве престројувања и пребројувања на „народот“, почнувајќи од последнава навистина инфантилна дескрипција на истиот како „мирен, спокоен, семеен …, а во истата насока и деструктивните на дело поделби со крајно навредливи придавки (предавници, непатриоти, соросоиди, комуњари …), човек, заради некаква објективност – или подобро речено потсетување – мора да се врати и неколку години наназад. На пример, на онаа веќе историска изјава на Оној на кој (се’ уште) не смее да му се спомне името, дека „народот е секогаш во право, дури и кога греши“! Не можам да се сетам, а паметам прилично долго, дека некој на политичката сцена (не само македонска) изрекол вакви зборови за сопствениот народ!

И какви се’ не одгласи доби таа изјава, и тогаш, а гледам некои ја влечат за уши и денес. Од „Народот греши, но Бранко е секогаш во право!“, до „Народот е секогаш во право и не греши“, па велеа дека „… македонскиот народ плебисцитарно се изјасни дека сака да остане истата партија со истиот мандатар-премиер на власт во државава“, дека „кој не ја сфатил, или пак не може да се помири со народната одлука, има проблем со кој ќе треба да се справи додека го осознае“, итн., итн.! (Ама сега, кога народот бара оставки, никој не треба да се справува и да го осознава барањето?).

Впрочем, токму заради ваквите непромислени „реакции“, уште повалиден станува научниот инструмент наречен историска дистанца, низ којшто најобјективно се „осознаваат“ вистините.

Иако, сигурен сум, оваа изјава имаше, и очигледно и денес има „употреблива вредност“ и секакви, најчесто произволни, толкувања, во дадениов контекст и од оваа историска дистанца мене ми звучи вака:

Прво, изјавата секако го дели народот на наши и ваши, иако не експлицитно. Зашто, претпоставувам, Б.Ц. (ајде, ќе му ги спомнам барем иницијалите, па што биде) не мислел дека и народот кој гласал за неговата партија – грешел. Што пак значи дека грешел оној другиот народ, кој гласал за противниците, односно за актуелнава бандитска опција. Потоа, од оваа перспектива, оваа изјава е апсолутно точна, гледајќи (и слушајќи) што и како се случувало тогаш, а и денес. Зашто, да беше поинаку, тој друг народ да гласаше поинаку, денес не ќе го имавме овој циркус. (Иако, впрочем, добро е што го имаме, зашто и тој друг народ веќе гледа кого донел на власт!).

Но, сепак, и таа изјава, на некој начин, иако денес потврден, го делеше народот на наши и – некои други. Но, зошто, ако веќе тој народ грешел, бил (според изјавата) во право? Јасно, тоа е чисто политичка изјава којашто не сака да ги навреди и тие други, односно цели (дури и да е привидно, а е’) да им го остави правото на личен избор, што во основа е демократски. За разлика од денес, кога овие ги нарекуваат другите со најпогрдните зборови (комуњари, цигани, шиптари, ги правиме салата, им ебав мајката, че им ги исклучам лифтовите итн.).

А сепак, на крајот, наспроти сите квалификативи, оваа изјава денес прозвучува, прво, целосно точно – зашто тој народ тогаш навистина грешел, и второ, целосно неточно – зашто се покажува дека и нивниот народ не грешел, барем не многу, зашто победата тие самите си ја земале. На сила, и со измама!

8.

И денешниот лидер на опозицијата често го спомнува народот, во различен контекст. Најчесто – позитивен. Дури, смета дека не само другиот народ, што ќе рече оној кој гласал за овие денешниве, туку и припадниците на владеачката партија се малтене невини за сето ова што ни се случува денес, и девет години наназад! Но, и тоа е политички говор, којшто во суштина нема врска со реалноста зашто СИТЕ, а особено тие другите, знаеле што и како се случува(ло). Можеби не до детали, ама сепак. Сите можеби и немаат директна кривична или политичка одговорност, ама не може да не знаеле што и како се случувало во државава. Сите можеби не знаеле чии биле парцелите на Водно, кој и како ги купувал фирмите низ Македонија, чии се сметките по оф-шор дестинациите … ама СИТЕ знаеле како се вработувале, тие и нивните семејства, сите знаеле и повеќето директно учествувале во грабежите на изборите, сите (или повеќето) знаеле за очебијните намештаљки на тендерите, пресудите, конкурсите … Сите знаеле дека морат на изборите да донесат уште по толку и толку гласови. Ако знаевме ние, знаеле и тие, зашто тие тоа го спроведуваа!

Лидерот на опозицијата вели (за „Алџезира“) и дека „нашиот народ покажа капацитет, државотворност и чувство дека татковината е пред се’ и над се’“. Ок, ама не знам кој тоа „наш“ народ го покажа тоа? Веројатно не мисли и на оној „нивен“ народ кој само покажа дека е тупав, и кој сепак гласаше за газдиве, ги поддржуваше со години, дури и сега, иако го влечат за уши? Иако не ми е јасно ни како тој капацитет и државотворност го покажа и „другиот“ народ молчејќи цели девет години? Точно е и тоа, што вели Заев, дека сега „нашиот народ е похрабар и порешителен“, дека реагира правилно на овој поттик на опозицијата. И тука мислам дека мисли и на едниот и на другиот народ. И во право е. Ама, да го немаше тој поттик, уште колку години ќе тераше „нашиот“ народ онака кукавички? За „нивниот“ да не говориме, „нивниот“ е, нели, „мирен, спокоен, семеен“, задоволен од своите водачи!

9.

Слушаме деновиве повторно за (дел од) народот: Заев ветува и дека нема да ја „чисти“ туку, буквално, ќе ја чести администрацијата, оваа партискава, оставајќи ја на работа. Белки не мисли сериозно? Но и тоа можеби треба да се гледа во контекстот на другите политички изјави, којашто оди по тенката (но опасна!) линија дека нивниот народ нема врска со криминалите на бандата. Велам опасна, зашто амнестира однапред, калкулира, свири на тенките егзистенцијални жици што произведуваат фалш тонови. Зошто тие би биле амнестирани кога токму тој „народен“ државен (а всушност тотално исполитизиран) апарат е пешадијата што ги спроведувала сите, и буквално сите наредби на Началството? Ама морале, за корка леб, ќе каже некој. Прво, администрацијата нема плати баш само за корка леб, а второ, другите не заслужувале ли, не заслужуваат ли да имат иста корка леб? И трето: токму таа партизирана а целосно неквалификувана, неефикасна и полуписмена администрација беше, и е’ р’бетот на овој неспособен „народен“ систем. Токму низ таа партизирана а целосно неквалификувана и полуписмена администрација поминуваа сите можни небулозни закони, правилници, решенија … „проекти“, што од еден пристоен систем направија швајцарско сирење. Токму таа „народна“ партизирана а целосно неквалификувана, неефикасна и полуписмена администрација е клучот на намерно онеспособените институции, оние исти коишто слепо му служеа на овој и ваков криминал!

karavan

10.

Но, сепак, дури и хипотетички: греши ли народот, некој народ, некогаш? Веројатно, дури и историски погледнато има такви примери. Иако никогаш и никаде не може да се говори за грешките на еден цел народ, дури ни во Сталиновото време во СССР (или токму спротивното!), во Хитлерова Германија, во Чиле под Аљенде – што ќе рече ни во најцрните авторитарни режими, дури ниту во религиозните судири, како некогашните хинду – исламски колежи во Индија и Пакистан, во шиитско – сунитските конфликти, па дури ни во крстоносните војни. Зашто, доволно е да се најде само еден, или група – претставници на еден народ или религија – па тезата за грешноста на народите да падне во вода. А по правило има повеќе од поединец, од група!

Оттука, кај нас, сега и овде, а во светлината на најновите јавно обелоденети кражби и манипулации на изборите, уште помалку може да се говори „грешен народ“. Иако актуелните поделби по политичка основа остануваат, сразмерите се битно променети. Оној нивен „наш“ народ сега е сведен на сосема мал процент кој сепак ќе мора да го носи срамот на плеќите. Ако воопшто и може да го согледа, ако воопшто и можат да направат некаква дистинкција во таа насока.

Особено не во онаа категорија на некакви нивни „поугледни“ репрезенти кои продолжуваат уште пожестоко да сејат магла и поддржуваат небулозни приказни пучеви, издајници и слични будалаштини. Некои од нив, како една „г-жа“ којашто инаку нејзините ја нарекуваат плачка заради парно греење, дури раскажуваат идиотски приказни за филмови во режија на опозицијата, се’ со цел да се оцрни инаку прекрасната и најдемократска Македонија, токму онаа Македонија на чија цицка тие научија да бидат со години закачени, ама сега некако како да снемува млеко. Таа проклета опозиција, вели еден екс-амбасадор кој половина живот амбасадоруваше под референцата ФИРОМ ама сега глави би сечел ако некој спомне промена на името, е па тој лично и персонално смета дека државата не ја оцрнува оној дел од неговиот „народ“ кој крадел, мамел и лажел толку години, туку оние кои тоа сега го обзнануваат. И уште едно чудо такви типични репрезенти на тој нивен „народ“, со секакви морски теории – од вербални деликти до зајачки дупки како врв на нивните „анализи“ – само и единствено колку-толку да се спинува погубната вистина за водачите на нивниот дел од „народот“. И спремни се на се’: да инволвираат и МОСАД и УЧК, да набилдаат сценарија во коишто сите други се виновни освен вистинските криминалци, да смислуваат приказни дека не нивните газди туку токму опозицијата ги разнебитува институциите, дека еве некој друг дел од народот се ујдисал да го руши кредибилитетот на државата. Кој ли црн кредибилитет, каде ли го гледаат? Во простаклукот на прилепчанецон, во „мвро“-то како изборен штаб, во финансиско-градежните махинации на „лидеро“, во одмазничкиот чекан на „чуварот“ на партиското чоколадо … каде ли го видоа тој кредибилитет?

Ама, како што запрежната кола што ја влече нивниот народ се тркала по прашливите излокани македонски патеки, така од неа еден по друг испаѓаат и некогаш „видните“ претставници на тој народ. Од Лазаревиќ, Димитров на тате, Јове на бате … И ако Заев лаже, и овие ли лажат? Та нели до вчера беа дел од вашиот народ? Ама сега се дел од шпионската афера? И како што полека ќе испаѓаат и другите, на кого ќе остане запрежната кола? На смешнана Валентина, на оној кутрион Никовски, на уште покутриот Мирчев …? Е па, има на кого и да се потпрете!

„НАШИОТ“ НАРОД

1.

„Нашиот народ е мирен, спокоен, семеен … и не дај боже да му брцнеш во око или да го излажеш …“, така некако велеше „премиерот“ во последниот му говор. „Министерката“ пак од „мвро“-то со слична интонација не подучи дека оние другине, оние не-патриоти се свесни дека кај нашиов народ „… нивната приказна не поминува“! И се изнаслушавме, и ќе се изнаслушаме уште многу „мудрости“ за карактерот / табиетот на „нашиот народ“, од различни аспекти. Дури и за неговиот генетски код, откриен од битолскион слаткар во улога на режисјор. И, некако, сите му го знаат табиетот на народот, сите знаат што сака а што не сака, сите (а особено политичарите) знаат што тој „наш“ народ мисли, и конечно – сите (божем) се трудат како да му угодат. Иако токму овие полни девет години, иако токму овие кои денес држат говори, не само што му брцаа во очи туку и умот му го зедоа, особено „патриотиве“ кога наплаќаа(т) по амерички или јапонски цени.

2.

Не верувам дека воопшто постои таков хомоген народ каков што го мислат политичариве. Тоа, особено, не може да се однесува на македонскиот народ. Зашто, кога велат „македонскиот народ“, на кого и на што мислат? Дали се тоа, на пример, оние „ антички македонци“ од првата не така одамна наметната поделба? Или е тоа остатокот од оние „словени“ и останата боранија? А Илири, има или нема, или друг се грижи за нив и тие не спаѓаат во „нашиот народ“? А Ромите, или како ли ги викаше онаа малечкана? А „небескиот народ“ и неговите припадници овде, на чело со земјоделецон во Министерството за култура (еееј, што работа им заврши тој таму на неговите браќа)? Сето тоа не само што ја побива тезата за некаков „наш“ народ, за некаква хомогеност, за некакво познавање на луѓето. И повеќе говори за научени на памет (деветнаестовековни) флоскули што, можеби, палат кај само еден дел од тој „наш“ народ.

Од друга страна, ние всушност и не знаеме како би се препознавале меѓу себе кој е кој, и кој е – што? Дали ако сите, како Хорхе онојпат, ставиме антички шлем на глава и мафтаме со сонцето од Вергина, автоматски стануваме „антички македонци“? А останатите се само словенски и некакви други македончиња? И остала боранија? И дали, како новооткриени наши браќа ќе ги сметаме оние од Белизе, Лугано … и другите од оф-шор дестинациите? И во која категорија на „нашиот“ народ ќе ги сместиме?

Па понатаму, дали поделбата на патриоти и издајници е подеднакво маркирана со некаков знак (на чело, на гради, на нозе …?), видлив односно препознатлив за сите, или пак има некаков таен поздрав, некакви шифри и движења според коишто луѓето се препознаваат? Или, можеби, постои – и мислам дека тоа е знакот – некаков новоговор што ги разделува едните од другите, ги калкулира во дадената категорија? Тоа е, веројатно, оној тип новоговор присутен на одделни (национални) телевизии, во некои пишани медиуми, оној новоговор кој тера се у п.м. и најчесто го слушаме и низ актуелните „бомби“ на опозицијата!

Впрочем и зборот „опозиција“ е само уште една можна поделба контра замислената хомогеност на овој народ, како антипод на зборот „позиција“, подразбирајќи тука пред се’ – власт. Иако зборот „позиција“ не влегува во онаа прва категорија на суштествени карактеристики на еден народ, кај нас е сепак поинаку. Кај нас овој збор значи се’: остварување на желбите, седумка на лото, златна рипка … кај нас зборот „позиција“ во последниве години стана синоним за carte blanche за лажење, крадење, мамење, фалсификување … Но и еквивалент за неспособност, неукост, неумешност, неписменост, тупавост, глупост …!

3.

Затоа, кога политичариве велат „нашиот народ“, на што точно мислат? На сите два милиони граѓани, иако со различно етничко потекло но со (изгледа) еднакви или слични генетски всадени карактеристики? И кој тоа, и како, ќе не селектира? Слаткарон Ламброзо од Битола?

Или, сепак, кога ги велат овие нешта мислат само на нивното членство и, евентуално, на нивното гласачко тело (што денес е веќе тооолку релативизирано со актуелните „бомби“)? Но, дури и во таков случај, никако не би можело да се рече дека сите мислат исто, дури и помеѓу членството, дека баш сите се некаква хомогена (генетска) целина, зашто, еве, и таму се јавуваат некакви други „патриоти“, некакви други „водачи“.

Оттука, не знам од каде им е таа убеденост дека „го знаат народот“, дека тоа што го велат се потврдило низ некаква историја, поблиска или подалечна. „Народот е нашата сила“, велат. Не е точно, се покажа дека силата е во манипулацијата, измамата, фалсификатот, исклучувањето на лифтовите, влечењето за уши … Ако веќе говориме за македонскиот народ, попрво би се обложил дека сето погоре изречено, па и она неизреченото или што ќе биде допрва изречено, нема ама баш никаква врска со реалниот народ. Зошто?

4.

Прво, мислам дека хипотетичката слика за некакви национални карактеристики, особено оние од типот што сакаат да ни ги наметнат  „политичарите“ кога сакаат да не’ одоброволат, нема врска со вистинската реалноста. Овој народ тоа многу пати го покажал и го докажал. А ако овој (само) двамилионски народ не можете да го подветете под едно равенство, како ли ќе се справите со народ што брои педесеттина, или стотина (да не речам една милијарда!) милиони „души“? Какви ли карактеристики би им пришиле нашиве актуелни „политичари“ на една (и нешто повеќе) милијарда кинези? Освен дека имаат преубава кујна, ама и тоа не е точно, зашто има огромни (и суштински!) разлики меѓу кинеските кујни, зависно од регионот од којшто доаѓаат. Впрочем, како и кај македонската кујна, којашто не е иста во Скопје и Гевгелија, во Охрид и Берово, што ќе рече на растојание од некакви пишливи стотина и пет-шеесет километри.

Не знам дали некој друг во овој и ваков свет толку се бави со „својот“ народ, сакајќи да го карактеризира и категоризира, да го сместува во (фиктивни) фиоки и полици, да го нарекува со секакви имиња. Ни постоел ниту пак може да постои таков хогомоген народ за каков сонуваат актуелниве македонски „политичари“. Ни постојат, ниту пак можат да постојат некакви национални карактеристики што би му биле својствени на „нашиот“ или кој и да е’ друг народ.

На пример, ние сме биле гостољубиви! Види богати, а другите – не се? Или ние сме имале одлична храна! А другите – што, тие јадат лишаи, или пасат трева, или ние стигнавме да им кажуваме за храна на французите, или италијанците, или индијците …? Па, ние сме биле весел народ! А дугите нон-стоп плачат, што ли? Ма ајде богати, нека излезат малку по улициве да ги видат тие „весели“ лица како се мислат како да врзат крај со крај во денот, за месецот да не говориме!!! Или, ние сме имале богата историја? А другите – немале, нивната историја да ти била сиромашна? Мислам, убаво е човек да си ја сака земјата, да си го цени „нашиот“ народ, ама да тресе вакви глупости, како да сме сами на планетава?

А зошто пак вистинскиот „наш“ народ да не е оној што вандализираше пред и околу Општина Центар силувајќи го донесувањето на ДУП-от за (скриените) интереси на нивниот пастир? Или оној „наш“ народ од далаверите на изборите во Струмица – сега обнародени – или од Центар, или …?

shepherd-and-flock1

5.

Меѓутоа, мислам дека тие дури и не мислат на сето ова. За нив е битно овој „наш“ народ да е мирен, спокоен, семеен (што ли и да значи таа будалаштина, дека имаат по три гладни деца, што ли?!) … да гласа за нив и да не прашува многу. Особено – да не верува на неверниците, односно издајниците, односно непатриотите. И на „бомбите“. Да му верува само и единствено на Пастирот, зашто сите други му брцаат во око, го лажат, го крадат, му купуваат парцели, му ги кријат парите по оф-шор дестинации … За жал, мислам дека дел од тој фамозен „наш“ народ токму така и се однесува. Не знам во колкав процент, зашто кај нас бројките се веќе толку релативизирани што ни Ајнштајн не би ги средил, ама десетина проценти се сигурно под таква анестезија. И тука нема помош, тоа е (сепак) привремена состојба на несвесност, нечувствителност, отсуство на примарни функции, губење на меморија …

Оттука, сигурен сум дека тие мислат само на „својот“ народ, оној кој го посвојуваат, буквално го приватизираат заради идејата дека токму тој му  носи барем дел од „победата“ на избори, какви и да се. Му одработува, ако ништо повеќе. Иако знаат дека, генерално, се’ е лага – како што впрочем и се покажа. Па останува само оној „наш“ народ што (ќе) се собира влечен за уши на последните партиски собири, оној страден народ за сендвич и сокче, за вреќа брашно, за кутија зејтин. Зашто, впрочем, тоа е и најдобриот модел да се има „свој“ народ: осиромашен до гола егзистенција, подложен на лаги и манипулации, особено на поткуп, на приказни за некакво славно минато и горделиви предци, иако ништо од тоа никогаш нема да се повтори. Како што впрочем никогаш и не било, освен во приказните и новокомпониранава историја на Ачковска и остала „научна“ булумента! Та да имаше Македонија тооолку комити и тооолку херои, зарем ќе останеше пет века под турско ропство?

6.

Затоа, без оглед кој и како ќе го толкува, не би можел да се идентификувам со тој „наш“ народ, со оваа анестетизирана толпа водена од полуписмени преваранти. Со целото разбирање за економските тешкотии – коишто, патем, се резултат токму на нивните „водачи“ – тој „наш“ народ ќе мора еднаш да се свести и излезе од историската стапица во којашто го фрлиле. Ако мисли тој нивни народ дека може да се живее од митови и легенди, од бронза и стиропор, нека продолжи и понатаму. Со среќа, иако таа никако нема да ги следи! А за тоа време нивните водачи ќе купуваат планини и долини, згради и фирми, од езера ќе прават мориња … се’ за благосостојбата на нивниот народ овековечена во сендвичот (со маргарин или паштета?) и сокчето. И, евентуално, сликањето пред Ацета, среде „метрополата“!

Тој и таков нивни народ не може да биде вистински репрезентативен примерок на нашиов народ. Ако тоа, преку измами и лаги, било толку години наметнувано како идеја за македонскиот народ (подразбирајќи ги тука и сите други кои живеат во земјава), тогаш таа приказна мора да престане. И тие и „нивниот“ народ нека си најдат некој друг народ да го малтретираат.

ПР.Б. – ПО.Б.

1.

Фактот дека прогласив фајронт за целава ситуација, барем во мојот компјутер, ако не повече, не значи дека нема да напишам ниту збор повеќе за истата. Тоа беше само мое чувство дека тоа ние е единственото решение. Фајронтот, впрочем, секогаш е и објава на крајот на играта, па и на оваа. Особено на оваа!

Апропо, апсолутно не мислам дека кај нас, сега и тука, животот треба целосно да замре. Тоа никој нормален не може да го бара од луѓето (иако многумина би се прашале дали пак ние сме навистина – нормални?). Луѓето мораат да продолжат да одат на работа, децата во градинка или училиште, оние без работа да продолжат да ја бараат, некаде, ако треба и надвор, пензионерите ќе ги користат првите сончеви денови по парковите (или она што останало од нив, ако не – нека се „грејат“ под спомениците) … Не сум сигурен дека еден голем дел ќе продолжат да си ги извршуваат секојдневните обврски со истиот ентузијазам (ако воопшто и постоел?), со истата посветеност. Зашто гледаат што се случува околу нив. Некои пак – да, ама тие тоа го прават веќе толку долго. И само тие знаеа – зошто. Но, сега, и ние знаеме.

И не секој може, или сака, да застане рамо до рамо, секоја вечер, со Ангелов. Или да оди на пресовите на Заев. Или да направи што и да е’ во прилог на актуелните случувања. И тоа е разбирливо. И никој не ги ни тера. И тоа спаѓа во основните човекови права. Дали спаѓа и во моралните, етичките, хуманите, граѓанските, цивилизациските … обврски, тоа е друг муабет што ќе се води во некое подобро време. Но, кај нас, вообичаено, се’ е некако замаглено. Или некој само сака така да изгледа? Дали со тоа се искажува став? Можеби, иако – не верувам. Кај нас, во принцип, се бега од став. Поарно е кога го нема.

Меѓутоа, дури и да не беше оној циркус во неделата, времето во Македонија е дефинитивно сменето. Без оглед дали некој сака тоа да го прифати, или не. И притоа воопшто не мислам на пролетта што (календарски) доаѓа и останатите годишни времиња – тоа веќе го направија студентите запролетувајќи ја зимата – туку мислам на оние историски години-маркери, оние пресвртни години како референци според коишто се мери времето / историјата. Како пред Христа и после Христа, како мерење на времето во Исламот од 622 година, како оние реперни 1914 година, 1941 годна, 1945 година итн. Години кога се менува се’ во животот, особено поимањето на нештата.

Кај нас, денес, добивме нова историска временска референца: пред бомбите (пр.б.), и после бомбите (по.б.)! И колку тоа некому да не му се допаѓа, тоа е вистината. Зашто, ништо после ова кај нас нема, или барем не би требало, да биде – исто!!! Новото демократското време, обновувањето на демократијата во Македонија (ќе) треба да се мери според овој нов временски параметар, без оглед на можните разврски. Ако Втората Република беше онаа по 1992 година, оваа би била – Трета. И ќе биде! (Мислам дека ова веќе го рече Фрчковски, не сум сигурен!).

БОМБА

2.

Затоа зачудува ставот дека ова некого не би требало да го интересира, или дека, дури, му е дозволена некаква (квази)интелектуална, (квази)граѓанска  рамнодушност. Оние малкумина, па нека се и илјадници „човечиња“ донесени вчера, а по којзнае кој пат, со автобуси во „метрополата“, се сепак – малкумина. Другине пак се уште помалку, собрани во една спортска сала, и си аплаудираат себеси божем кревајќи си го дефинитивно треснатиот од земја углед (ако воопшто такво нешто постоело?), лажливата чесност, обнародената алчност, објавениот криминал. И упорно, и повторно верглаат: не верувајте си на ушите, не верувајте си на очите! Останете слепи и глуви и покрај се’ и верувајте во „преродбата“. Да, ама чија? Зашто гледаме дека овде има(ло) само лична и никаква друга преродба, само лично мафијашко богатење и лукративен интерес и – ништо друго! Оние пак, уште помалкумина, кои пееја и се кревељеа, кои играа и божем се радуваа, сето тоа е само добро осмислена сценографија за прикривање на суштината, и на трагите. Дури и онаа што се дереше како нездрава божем пеејќи ја химната, па оној „вечнион“, уште од комунистите кодиран со сите кодови (а највеќе оние слаткарските, лепливите) режисјор кој сега глуми антички македонец … А глумците си се глумци, секогаш – глумат. Ама мислам дека и овие знаат дека глумат. Некако кисело се смешкаа(т). Важно „г-жа“ министерка за култура весело плеска со рачињата. Мисли – куртулила!

Се разбира, за тие кои одбрале да продолжат да живеат како влекачи, нема решение. Тоа е личен избор. Иако, според некои, можеби и разбирлив. Зашто „заработеното“ мора да се одбрани, стекнатото (па нека е и на нечесен начин) да се заштити, па нека и на ваков начин, со отплата на рати. Иако, знаат, на тоа одбрана нема.

Меѓутоа, овој креиран привид дека се’ тече ама ништо не се менува е само уште еден дополнителен чин во трагедијата. Подолг, или пократок, сеедно. Тоа барем режисјорон-слаткар со шербетли прсти би требало да го знае. Хорот (chorus) овде, вклучувајќи го и него лично, упорно ја декламира истата рецитација: се’ е лага. И глуми – нормалност! Ама, се разбира, тоа е само – привид, нормалноста (веќе) ја нема, повеќе не живее тука ! А впрочем, вакви „претстави“ и  беа очекувани, иако можеби не со таква патетика и глума. Но сепак, повторно, влоговите се огромни! Дури и кај влекачите.

3.

Но, ако на почетокот, во општата збунетост, дури неверување во сопствените очи и уши, некако по инерција многумина продолжија да придонесуваат во привидот на нормална држава, денес таквото однесување се граничи веќе  со чист безобразлук, неморал, недостоинство, бласфемија … соучесништво! Зашто, веќе е необјасниво, не само кај македонската интелигенција, ова свесно наметнување на привиден мир во државата. И се’ некако божем тече континуирано, се „работи“, се исполнуваат „програмите“: овде концертче, онде изложбичка, ваму промоција … онде лопата! За кого, и од кого? Како да ништо не се случува, како се’ да си функционира ама баш најтековно. Што и како демонстрираат / потврдуваат овие луѓе – дека во Македонија е се’ нормално? Можеби, ама само во нивните празни глави. Или, утре, ќе се вадат на веќе договорени термини, превземени обврски … што ли? „Моралниот човек ќе најде начин да се спротистави на неморалното општество. А неморалниот? Ќе бара изговори“, вели проф. Малески.

Затоа и реков на почетокот дека е апсурдно да се бара животот да запре. Ама – кој и каков живот? Ама мене животот ми е изложбата, ќе возврати уметникот. Се разбира, ама во нормални времиња. Или, повторно, ова време за нив е – нормално? Случувањата надвор се нешта што му се случуваат на – некој друг? Или, нормално е додека мене ми е нормално? Можеби, ама така треба да бидат и понатаму, во иднина третирани. Токму како – некој друг! Како соучесници. Или толку им е важно ама баш сега да се покажат во јавноста? Зошто?

Ако веќе не можат / не сакаат да стојат во редици со другите кои протестираат, ако веќе не сакаат отворено да се спротивстават на оваа банда, забораваат ли дека има и други начини? На пример, нечинењето како  став!? Неучеството во креирањето на привидот на оваа квазинормала!? Ако се толку плитки да не можат да ја видат историската пресвртница, тогаш се поплитки и од тоа што сум ги мислел!

Зашто, дури и на светот, оној европскиот, полека му стана јасно за што овде се работи. И дека не можат повеќе да се прават мутави. „Financial Times“ констатира дека објавуваните разговори се „само еден мрачен детал од она што произлегува како еден од најлошите изборни скандали во Европа во поновата историја. Владата на Република Македонија се наоѓа под меѓународен притисок за решавање на обвинувањата дека организирала голема шема за фалсифкување на изборите за да ја украде победата на минатогодишните парламентарни избори. Тврдењата за изборна измама се најновите обвинувања кои произлегуваат од политичкиот хаос што ја зафати малата балканска држава во последниве неколку недели, труејќи ја својата политичка клима и нанесувајќи им удар на амбициите за членство во ЕУ“.

Швајцарскиот пак „Ноје Цирхер Цајтунг“ е посебно вдахновен опишувајќи ја состојбата во Македонија по откривањето на скандалот со прислушувањето како „мочуриште од уцени, злоупотреба на моќта и корупција“,и „аферата потсетува на надреалистичка театарска претстава“.

Затоа, ако не веруваат во опозицијата, ако не веруваат во објавеното, нека веруваат во странците! Или, и тие – лажат?

Оттука, зрело е времето кога „Секој граѓанин во Македонија мора да се рестартира себеси! Одново да се запраша која е неговата мисија во животот, колкав е неговиот личен придонес како хумано суштество и како индивидуа и какво место под сонцето ќе изгради. Што тој, како единка, освен што ја размножува својата ништожност, ѝ возвраќа на заедницата која некој ја изградил верувајќи во идеали?“ (Б. Илиќ). Тоа, се разбира, е лично право. Но,  право што ќе го мери историјата. Онаа „пред бомбите“ (пр.б.) и особено оваа „после бомбите“ (по.б.)!

ФАЈРОНТ

1.

Ако кај нас јавниот обвинител, а во врска со објавувањето на материјали од ПИМ на интернет, вели: „Во врска со објавување на материјали на такви мрежи, надлежното јавно обвинителство до надлежните институции има издадено наредби да се открие дали материјалите потекнуваат од посебни истражни мерки и дали се соодветни со некакви истражни мерки, односно кој и како ги поставил таму и, од друга страна, исто така, до надлежните институции дадени се наредби да се отстранат таквите материјали, без разлика од каде потекнуваат, и да се спречи натамошно објавување“; ако „претседателот“ на државата смета дека, во ваква криза, „Советот за безбедност не е ниту собраниска комисија ниту јавно обвинителство“ и ќе го свикал кога ќе добиел „… збирни податоци информации од надлежните институции“; ако мишеви-каракамишеви сега велат: „Правото да се има слобода на мисла и слобода на говор, како и слобода на политичко уверување е неприкосновено човечко право“; ако една друга професорка плачно вели „Премиере, ние не сме против Владата“; ако цела Влада се прави мутава за сопствените криминални зделки и говори за „конструкции“, „сецкања“, „лепења“ … наспроти здравиот разум и сетила на сите нас; ако една „г-жа“ – мајка и жена – толку години глуми министерка, па уште за култура; ако (не)културните работници протестираат против опозицијата; ако некојси Миле (от Прилеп) брка луѓе од работа и укинува музеи; ако за еден „претседател“ на МАНУ оваа македонска монструозна реалност е само дневна политика и ја препушта да ја „решаваат институциите“, а осумдесеттина подеднакво умни, ако не и поумни од него, “академици“ молчат како глувци; ако еден Коле Манев, одамна бел во главата, вели дека „Никој не знае зошто од волшебните фрески во Помпеја се’ до појавата на италијанската ренесанса владееше дванаесет вековна ликовна штама“, а еден „новинар“, и тој подеднакво бел јавно измислува зборови од типот „скулптурство“ ; ако може премиерот, онака ноншалантно, божем од свој џеб, да му даде 2.5 милиони евра на едикојси режисер за едикојси филм; ако веќе секоја будала може да излезе и да тртља што сака а новинарите веднаш му ставаат микрофон пред фаца … мислам дека сме зрели за – фајронт. Зрели, презреани!

2.

Ако во една држава, една партиска врхушка функционира како мафијашка организација за којашто не постојат ни институции, ни судство, ни јавност; ако во оваа и ваква држава надлежните институции сосе „министерот“ и „лекарите“ на чело оставаат едно деветгодишно девојче да умре заради нивна негрижа; ако во една земја примената на сите закони, вклучувајќи го и Уставот, зависат од два-тројца луѓе; ако во некоја држава една партија ја јавнала државата, а народот го трансформирала во клиентела поделена на „наши“ и „нивни“; ако „интелектуалците“ во една држава се малоумни до тој степен што не умеат да разликуваат бело од црно; ако во една земја континуирано и најбезочно се крадат избори; ако … тогаш некој мора да објави фајронт и да ги изгасне светлата! Зашто ова веќе не се трпи, а и нема сврха да продолжи до недоглед. Чуму?

Затоа, мислам дека од некаде мора да се појави конобарот и да ја донесе сметката, мора да излезе шумарот и да ја растера оваа глутница, мора некој да направи нешто сериозно зашто ова ќе оди во недоглед. И воопшто не е битно кој ќе биде тој некој – конобарот, шумарот, медијаторот – битно е оваа агонија да заврши. Зашто, сето ова веќе нема смисла. Не дека бомбите не се, или нема да бидат убоити, ама барабите носат панцири. И уште ја држат за м… цела држава. И не пуштаат! Од горе до доле, од десно до центар, од најголемине будали ала „домобранине“ до цела една Македонска академија на науките и уметностите продадена за 35.000 денари. По „академик“, (месечно, се разбира)!

Волшебното стапче кај нас одамна е загубено, ако воопшто и сме го имале. Целиот општествен живот – политички, културен, научен, образовен … – е сведен на лага и измама, и трка по пари. Кој колку може, и како може. Ако човек може дури и да ги разбере помладиве наакани „домобрани“, зарем и на МАНУ-ковците им се се’ уште толку битни денарите? За што? Ќе ги носат во Бутел?

3.

Ако ние не сакаме да разбереме дека ни е неопходна една Лаура Кодрута Ковеси; ако граѓаните се’ уште не можат да разберат дека не можат две-три будали да им го упропастуваат градот само заради нивните инфантилни лични комплекси; ако кај нас се’ уште нема свест дека не може секоја шушумига да биде министер, а секоја лејка универзитетски професор; ако ние не сакаме да се справиме со еден прилепски простак кој мисли дека баш така може да дојде во Скопје и да ни ја е.. мајката; ако дури и во опозицијата има такви што мислат дека ова што ни се случува е затоа што не сме во ЕУ (а да бевме, немаше да ни случува?); ако … тогаш ние не сме ни зрели за држава. Ама зрели сме за фајронт. И за ремонт, генерален. На сите рамништа.

Само не знам кој ќе го прави ремонтот? Ако се потпреме на оние кои Мисини сака да ги види како малкумина „херои“ во сегашните институции – ама кои преспаа цели девет години извршувајќи секакви гнасни наредби – тешко дека ремонтот ќе биде успешен. Ќе подзаборават некои витални делови, ќе поврзат погрешни жици, ќе доупропастат се’. Ако опозицијата не игра на картата на некомпромитирани (ама не онакви од типот на пребегнатите им пратенички!); ако не се воведе строг стручен и професионален филтер што однапред ќе го сопре можниот талог од типот на милевци, канчевки, ирени, стевчовци …; ако пак почнат да се влечкаат ко црева фамилијарни и пријателски врски; ако пак почнат „широки“ или не знам какви коалиции со лилиња и павлиња, со зиковци и слични шутрачиња – е тогаш ќе играат само едно лето. А ремонтот ќе создаде само нов монструм!

КЕЛНЕР

4.

Но, прво мора сериозно да се одсвири фајронтот. И да се наплатат сметките. И домашните, ама и странските, оние низ сите белосветски оф-шор дестинации. Сето испумпано надвор мора повторно да стане домицилно, а оберконобарот потоа да почне да ги наплаќа домашните сметки. По азбучен ред, и по дејности: од градежна (инфра)структура до култура, од олигарси до издавачи, од лекари до пекари … Колку за пример, ама и за долго паметење! Инаку, се’ ќе биде залудно – и „бомби“ и ровови и митинзи. Не знам дали е добро оберкелнерот да биде странец зашто тие се во принцип попустливи. Не’ гледаат како малоумни, заостанати, испрдоци … и ни попуштаат и ни одбиваат на глупост. И си оставаат простор и за понатамошна работа. Затоа, фајронтот мора да го обзнани и процесуира домашен еснаф човек, добро запознаен со сите марифетлуци на барабиве. Од најгоре, до најдоле. И кога ќе подвлече црта – да е подвлечена. Со црвено!

АЛО, АЛО

1.

Не знам дали некаква / секаква сличност помеѓу легендарната британска серија „Ало, ало“ и нашево актуелно и монструозно реалити шоу е случајна или намерна. Без оглед што во британската серија прштеше од хумор и заебанција, а во нашиов политички серијал експлодираат криминал и простотија, бесрамност и крвожедност. Кај британците авиони исфрлаа помош за француското движење на отпорот, кај нас авиони истураат гласачи за „историската“ партија! Па и галеријата на ликови не е многу различна: од оној малион herr Flick во германскиот „гестапо“ до нашево мало Горде во македонското „мвро“; Рене уживаше да потштипне некоја од келнерките, додека кај нас главешините се (само)задоволуваат со слушалки на уши; … Таму имаа една прилично комплицирана самоправска „машина“ за комуникација со Лондон, кај нас си ги имаат мобилните оператори. Ист е, можеби, и начинот на ловењето на тие комуникации: во британскиот серијал низ селото кружеше оној германски џип со ротирачка антена, во нашево реалити шоу пак (велат) некои комбиња низ Скопје ловеле базни станици … Можеме да најдеме и уште некоја сличност, намерна или не, но и не мора. Ама, барем да имавме некоја како Private Helga или како Vicky Michelle, па да видевме и нешто убаво. Вака, спаднавме на „г-жа“ (не)културна министерка која од пуста злоба (како, впрочем, нејзин основен двигател) сака да го „укине“ и семејството на Тоше Проески, во дует со Милета, кој прилично наликува на Lieutenant Gruber во желбите ем да командува ем да се додворува!

HERR FLICK

2.

Оттука, понекогаш се обидувам да ги видам злоделава и од таа некаква смешна страна, колку може. Иако не може, односно – тешко е. Има и сериозни „работи“. Ама сепак.

Од друга страна, некако не верувам дека многумина се нешто (пре)многу потресени заради следењето на приватните телефонски комуникации. Како впрочем и во „Ало, ало“. Живот тече даље! Ја употребувам описната реченица „следење на комуникациите“ како некаква замена, можеби деминутив за вистинскиот поим – прислушкувањето, што пак, кој како сака нека рече, звучи грубо, навистина. Особено за ушите на некои се’ уште попалени „домобрани“ кои добиваат дури нервен слом на спомнувањето на зборот. Зашто, велат, такво нешто како и да немало, односно – имало, ама тоа е дело на странските служби. Во таков обем, во таков број. И „нашите“  властодржци со тоа немале врска. Други пак, како Ставрето ни Џиков, целава забегана „операција“ ја именува како – настан. Нешто како концертче, изложбичка, промоција … што ли?

Ок, секој според своето „поимање“ на нештата. Иако, очегледно, на таквите  тоа многу не им значи – дали не’ прислушувале едни или други? Дали тоа била навистина монструозна операција или некакво „настанче“ не баре од селско значење. Не им значи ама баш ништо. Ќе си живеат и понатаму како и до сега, прислушувани или не.

129077b

3.

Дефинитивно најпотресени се токму властодршците, зашто тие имаа(т) што да сокријат. Иако, всушност, веќе и тие немаат што да кријат. Дефинитивно се  разоткриени. Ама, сепак, читајте ја „г-жа“ министерка како хистеризира на facebook. Демек, она била жена, мајка, министерка. За првите две не знам, ама за третово сигурен сум дека не е така. Ни била, ниту може да биде. Односно, може(ла) да биде – ама само со вакви бараби! Па само до пред некоја година му беше техничка секретарка на „г-дин“ Димитров. И не умееше да се јави на телефон. А сега е – министерка!?

Како и да е’, во овој поглед, мислам дека и новинарите малку претеруваат по прашањето дека биле следени во комуникациите (одлично стои деминутивчево!). Освен ако на телефоните не прават едни муабети, а пишуваат – други. Во што не верувам, барем кај поголемиот дел од оние навистина значајни за македонскиот информативен простор. Што повеќе можеле да чујат „глувине“? Некаква приватна аферичка, некој трач, ти-реков-ми-рече …? Освен разговорите со некакви доверливи извори на информации, ако имале такви. Ама, затоа, за возврат сега имаат прилика дебело (со акцент на второто „е“) да заработат и да си ги вратат (со камата) парите од сите небулозни судски пресуди. Дали е добра компензацијата? Не знам, тие треба да кажат.

Мене, признавам, повеќе ме загрижуваат некои од „новинарите“ кои, еве дури и јавно, како оној на „Телма“, признаваат дека некои „таму“ и ним им вртат телефон навечер (?), ги консултираат ли за ова или за она, што ќе рече дека, демек, тие се се’ уште „во игра“! Или само сакаат така да мислиме, сакаат да си ја дигнат цената? Можеби, инаку: зошто политичарите би звонеле кај (наводно) опозициските новинари? Видовме, односно чувме, каде ѕвонат: кај „куртоните“! Ама да не има и други такви, некогаш употребени и одамна фрлени („новинари“), кои еве се враќаат (повторно) на „политичката“ сцена? Па дури и им даваат цели телевизии?

Зашто, сега сите сакаат да биле прислушкувани. И власта да им звони. Вклучувајќи ме и мене, се разбира. Веќе сум направил план како ќе ги потрошам парите. Ако сум во групата прислушкувани, се разбира. Само не знам што би слуш(н)але, и порано, и сега. Ама, дај боже да слушале!

4.

И не сум сигурен дека Шеќеринска е во право кога вели (парафразирам) дека сега сме виделе дека она „24/7“ било лага. Не, тоа било точно, луѓето си работеле 24/7. Прашањето е само – што? Е тоа го видовме деновиве. И како кутрион женкар Рене од „Ало, ало“, кој со сите сили се обидуваше да ги сокрие на невозможни начини своите малечки слатки аферички со убавите келнерки, овие се убија од криење на очигледната вистина што и како работеле овие девет години. Вистината е, нели, шило? Е па – е’!

Ама и оние слепцине од мобилните оператори, и тие уживаат да се прават на три и пол. „Благодариме што не’ прогласивте за најдобра мобилна мрежа“, велат едните, па другите, па третите, односно токму сите каде стратегиски се распоредени слушалките на власта преку разноразни фамилијарни врски, па од кај нив и кај другите оператори, па се’ така во круг создавајќи „префинета“ мрежа за следење на нивните претплатници. Оние од коишто всушност живеат, и заработуваат! Или – заработуваат од нешто друго, многу повеќе? Којзнае, ама факт е дека се’ уште никој не ги чепка. Велат, биле законски покриени! А како, извинете на прашањето? Со фактот што некој им наредил да си ги следат претплатниците, без да ги известат? Ама не еден, пет, сто, туку илјадници, и тоа со години! И никој не смеел да каже – не? Ма дајте, ве молам. Кога ние навистина би биле народ, па да се договориме барем еден ден, ако не можеме повеќе, да ги исклучиме мобилните. Чисто како предупредување, за газдите и нивните македонски слуги. И предупредувањето да се зголемува пропорционално на криењето, секој ден по еден ден повеќе. Па не ирени и жариња, не јованки и трајанки … сите ќе пеат друга песна. И тоа „Марсељеза“, ако треба!

Или онаа Агенција за електронски комуникации, чии основни задачи да ти биле да „ги промовира интересите на граѓаните и тоа особено на следниве начини: … придонес во обезбедувањето на високо ново на заштита на личните податоци и приватноста, … обезбедување дека се одржува интегритетот и безбедноста на јавните електронски комуникациски мрежи …“, итн. Или дека токму таа Агенција „ … врши надзор и контрола и да го следи работењето на операторите во согласност со овој закон и прописите донесени врз основа на него“. Е па како таа Агенција ја обезбедувала приватноста на граѓаните, како вршела надзор и контрола на работењето на операторите, ако преку нив оделе сите следења на комуникациите. Ако пак не било така, односно ако и таа фамозна Агенција, ама и тие грабливи оператори се чисти, зошто никој до денес не се огласи, не се огради, не си ги изми рацете од ова грозоморно реалити „ало, ало“ шоу? И како тоа можело, по желба, да се исклучуваат одредени броеви, ако тоа му прдне на памет на прилепчанецон? Уште ли им е тој директор – на пат?

И згора на се’, токму таа фамозна Агенција да ти била одговорна за доверливоста на комуникациите, а тоа посебно значело дека „(2) Забранети се сите форми на слушање, следење, чување, снимање, задржување или секој друг облик на пресретнување или надзор над комуникациите од ставот (1) на овој член, без добиена согласност од корисниците за кои се работи …“. Иако курназите после вметнале „квака 22“ за исклучоци од ова правило – кога тоа ќе им го нареди газдата, односно шефот, односно не знам како си го викаат тој кој им издава наредби!

Но, веројатно, сите ќе дојдат на ред, зашто Заев е очигледно систематичен и нема да прескокне никого. Ни сега, ни подоцна. Е тоа ќе биде филм над филмовите, а не оној на Стале алиас Столе Попов за некакви комити, или оние бајки за мали деца во сценаријата на Ачковска и Тодоровски. Во овој „ало, ало“ сериал во режија на Заев конечно ќе се расветли вистинската македонска трагедија за којашто никогаш не била потребна помош од страна. Се’ сме си правеле самите!