ЗОШТО БУДАЛИТЕ НЕМААТ РОГОВИ?

1.

Не знам дали има уште некој нормален во земјава кому не му е јасно што и како ни се случувало изминативе девет години со оваа „преродбеничка“ криминална гарнитура. Можеби има по некој кој допрва се свестува, (или и дел од гарнитурата!), но како што се движат работите, приказната полека се ближи кон крајот. И тогаш, богами, многумина ќе имаат време не само за вежбање на личните кафеански „способности“ како онаа будала во Штип, туку ќе можат да учат цели оперски арии.

Но, веројатно станува збор за „заробени умови“, како што вели Атанас Вангелов, односно дека „верува е посилно од – гледа!“. Таквите сигурно не ги разубедува ни „фасадата“ на (новото) Министерство за правда, уште помалку – опачината, како посебна прича за себе. Тие веруваат во тоа што не гледаат, веруваат во некаква историска небулоза дека цел живот некој друг ни е виновен!

2.

Но, на страна кој во што верува и кој што гледа или не сака да види. Ама јас, иако безмалу од првиот ден имав прилично точна претстава со кого (ќе) си имаме работа, се’ уште, барем во некои ситуации, ги мислев попаметни. Попаметни во смисла дека некои нешта се учат и попат, дека ако гледаш дека ти се смеат во лице на глупостите што ги правиш, барем малку ќе си ја чукнеш главата, или ќе ставиш прст на чело, или … не знам, нешто, некој ќе те посоветува … Ама овие се дефинитивно изгубен случај, овие не знаат ни дека прават глупости, а уште помалку веруваат кога некој им се смее. Односно – ги исмејува. Тие мислат дека тоа е на идеолошка, а не на мајмунска основа. Каква црна идеологија, та тие и не знаат што значи тоа. Ама за мајмунлаци – знаат. И брзо учат.

Како и да е, и не само јас, во повеќе наврати беше јавно пишувано – да не речам исмејувано – за идиотските „проекти“ на Министерството за култура и потенцијалните, но и веќе евидентните штети на истите за актулената и идната македонска култура и уметност. Не дека и од тоа имаше некаква фајда, ама човек некако несвесно верува дека гласот сепак допира, фаќа место, што се вели. Зашто имаше и добронамерни укажувања (моите не беа такви, признавам!) на грешките, на катастрофалните последици, на ненадоместливите штети, на бескрупулозното трошење пари на глупости … Се разбира, како и за се’ друго во врска со овие полуписмени „преродбеници“, и тие укажувања и критики беа залудни. Ама, пак велам, барем да поднаучеа да се сокријат, да ги затскријат трагите, да не ги боцкаат очите на луѓето, да играат на картата на заборавањето. Не бре брате, овие запнале ко сивоњи да се горедеат и од она од коешто другите се срамат – сосема доволен е примерот со „Скопје 2014“ – да ги промовираат своите идиотштини на сите ѕвона, да играат и пеат на погреб! Што е бре ова, се’ лудо и полулудо, пијано, болно во тоа мозочињата …?

otkupenidela

И ова ли е национална вредност?

3.

Еве, сега, ни мање ни више, запнале да прават изложба на „дела“ од „проектот“ на налудничавиот ни „Рембрант“ (како негов подарок-испрдок за македонската култура и уметност) односно т.н. откуп на дела со (квази)национални вредности за збирките на националните институции од областа на уметноста. И вон сите критериуми и стандарди, како впрочем и во се’ друго што направија, вон сите законски и професионални норми, запнаа и ја истераа „акцијата“. Не потрошија многу пари, за волја на вистината. Некакави пишливи 60-70.000 евра, ама доволни да им затнат устите на (безмалу) сите (самопрогласени) величини во македонската современа уметност, кои се продадоа за смешни 2-3.000 евра за дело. Некои и за – помалку, многу помалку.

И нормално, како и кај сите шутраци, што на ум – то на друм, бууум – го истераа и тој „откуп“ наспроти сите јавни укажувања за кршење на закон, за непрофесионално однесување, за неморал, за мешање на политиката во уметност … Го затрупаа Министерството со „уметнички“ дела, а тоа пак под итно им ги препрати на националните институции – главно Националната галерија и Музејот на современата уметност – за да овие ги сместам директно во поставките. Ни мање ни више, зашто така решиле „Рембрант“ и онаа Канческа. Обајцата како стручњаци, нели?! „Рембрант“ алиас Сарајлија* како првокласен дворски сликар на македонската криминална камарила, а Канческа како што, како пригодна „фигурина“ која прв пат видела музеј кога станала министерка?

И сега, ајде, било што било, поминала вревата, им ги дале паричките на тие што намислиле да им ги дадат, и наместо да се подзатскријат дури нештата се заборават, не – овие тераат даље. Решиле да прават изложба на „откупени“ дела за да покажат пред јавноста што и како сработиле!?! Нормално, за луѓе кои во животот ништо и не сработиле, ова може да се смета и за тешка умствена работа, нели?

НОВКОВСКА

                                               И ова?

4.

Знам дека многумина, многу често, се прашувале зошто будалите немаат рогови? И тоа е, според мене, една значајна еволуциска грешка. Се’ ќе беше поинаку ако барем некако можевме да ги разликуваме. А сепак – можеме, зашто Природата се погрижила грешката да не остане целосно сокриена. Затоа, им ги оставила делата, а на паметните моќта по истите да ги препознаваат будалите. Зашто токму делата се дефинитивно најмоќната дијагноза, помоќна од многу лекарски, а богами и од жолтото комбе толку неопходно за Скопје.

Па така и во случајов: ајде што направиле глупост во стартот со удоволувањето на шизоидната „идеја“ на еден член на Советот за култура, ајде што прекршиле закон и редица други пишани и непишани критериуми и стандарди, ајде што ги лишиле навредиле стручните институции и ги лишиле од нивната важна стручна работа, ајде што траљаво и колку (не)знаеле и (не)умееле ја истуркале работата според само ним познати виолинско партиски клучеви … туку сега сакаат и да се перчат. Демек – еве што сме направиле! А сето тоа за да во старт се сокрие нивното злосторство што во изминативе години не дале ни скршена пара за откуп на уметнички дела, обвинувајќи ги за тоа, ни мање ни више, туку националните институции. Како да тие се Метрополитен или Лувр, па располагаат со којзнае какви независни буџети? Ама затоа, за пулените во налудничавото „Скопје 2014“ имаше пари за астрономски хонорари за какви ни Леонардо ни Микеланѓело не можеле да сонуваат?

5.

Па затоа, уште еднаш: што мислите дека сте направиле бре шутраци? Нешто капитално за македонската уметност? Нешто полезно за македонските уметници?

Прво, ги претворивте националните институции во партиска маша, во безгласни орудија на шарлатани собрани во некакво самонаречено Министерство за (не)култура. Второ, ќе си теравте работа онака дилетантски да не ви беше укажано дека никој од надвор не може на националните институции да им каже кои и какви дела им требаат во поставките, па бргу ја преправивте комисијата со членови и од овие институции, ама кои пак ќе пеат според вашите ноти. Трето, им го срозавте угледот на едно чудо македонски уметници, а не само угледот туку и реалните цени на нивните дела на пазарот (иако, дел, ако не и сите, се очигледно подеднакви шутраци како и бирократите во Министерството, несвесни во каква игра влегле!). Петто, направивте директен упад на македонскиот уметнички пазар со дампинг цени утврдени од разноразни будали без никаков критериум, загрозувајќи ја егзистенцијата на галеристите кои живеат од таа работа (иако, како и кај уметниците, многумина од нив, ако не и сите, тотално немаат појма што и како им се случило!). Шесто, ги затрупавте – со тенденција тоа континуирано да го правите – националните институции со непотребно ѓубре коешто, главно, ќе чмае во депоата (до мигот кога ќе им биде вратено на директните учесници во оваа далавера, со обврска за нивна финансиска компензација, се разбира, па тие нека си ги закачат дома „делата“). Седмо, јасно и јавно покажавте дека немате појма ни од култура, уште помалку од уметност, претворајќи ги институциите во ваши политички пиони неспособни за самостојно одлучување.

И згора на се’, со тоа јавно се гордеете? Уште да дадевте пари и за каталог за „изложбата“, па циркусот да ви беше – комплетен! Ама не е ни доцна, можете и сега да поарчите уште пет-шест илјади евра. Што е тоа за вас, та не ги давате од џеб!

______________

* Фамозниот ни „Рембрант“ пред некоја година го доби, едногласно и со право, престижниот прекар Сарајлија, во силна локална конкуренција. Инаку, Сима Милутиновиќ – Сарајлија е Босанец, фантастичен лик, кој „откри“ дека зборот Мухамед доаѓа од „муха“ и „мед“, нешто слично како и нашиот локален Сарајлија, кој исто така „откри“ многу нешта, меѓу другото и дека Анти произлегува од Антика (или беше обратно?), и редица други бисери!

Leave a comment