НАДРИЛЕКАРИ

1.

Не знам дали навистина не можеме без тревкари и надрилекари да го лечиме „болниов на Балканот“, или во сите присутни комбинаторики навистина има само политикантство и лични интереси и – ништо друго. Можеби малку и празна слама, којзнае. И немам апсолутно никаква намера некому да држам лекции за што и да е’, а најмалку на новинари што и како да мислат и како да си ја вршат работата. Ама сакам да си ја дообјаснам својата идеја, без оглед дали и колку некому му се допаѓа.

Па така, најблаго речено зачуден од спомнувањето на одделни имиња во контекстот на некаква (се’ поактуелна) „преодна“, или „техничка“ или каква и да е’ друга влада со јасни и прецизно дефинирани ингеренции – а, меѓу другото, тоа би значело и стабилизација и дезинсекција на базичните  државни институции, подготовка на демократски избори и (според мене најбитно!) водење на македонскиот Нирнбершки процес – мислев дека, можеби, не сум прочитал добро. Но и после неколкукратното читање, кога истите имиња и понатаму стојат црно на бело, чудењето се зголемува. Многумина велат дека тоа, практично, нема никаква врска со стварноста, дека утре никој не би ни водел сметка за тие и такви предлози, односно дека е прерано за такви размислувања. Не сум сигурен дека е така. Иако новинарите, верувам, никако не би биле главните фактори во составувањето на таа идна влада, сепак мислам дека ова, на некој начин, претставува подготовка на тереност / јавноста за некакви идиотски компромиси. Кому и зошто некому му требаат истите – останува нејасно! А бидејќи низ перата на многумина новинари кај нас говорат некои други усти, се’ станува уште позамрсено. Ама токму затоа и мислам дека сето тоа не е ни наивно, уште помалку невино, како што се сака да се претстави. Демек, седнале неколкумина новинари – и тоа токму оние кои беа шиканирани и згора прислушувани од режимов – и си правеле бајрам со умот кој и како би се нашол во таа некаква „преодна влада“. Не ќе да е баш така, ама дури и да е’ така, останува некаков чуден јадеж, некакво студенило околу срцето: зошто? И зарем тука, кај тие неколкумина (ај да не речам што!) завршува македонскиот избор? И не дека тие неколкумина (ај повторно да не речам што!) утре навистина ќе седнат во таа „влада“, ама самата помисла дека некој може / сака да ги види таму е – доволно страшна.

2.

Но, впрочем, да беше само „стилската политичка вежба“ на неколкутемина новинари, ќе речев: добро, си прават бајрам на умот. Ама, како тоа, одеднаш, сите гласила што барем малку мислат слободно – чест на исклучоците – веднаш станаа фанови на т.н. амстердамска тројка, па истите имиња почнаа да се вртат безмалу секој ден низ медиумите, па ги викаат на интервјуа … па – да ти се приповрати. Толку луѓе, подеднакво стручни ако не и постручни за дадените области од овие, стручњаци со години потискувани и шиканирани од владите токму на овие јунци, повторно ли ќе бидат заборавени, или прескокнати заради некакви „повисоки“ интереси? Чии? И да се кладиме дека после оваа увертира нивните имиња уште побргу ќе се врткаат во јавноста како можни кандидати за што и да е’?

Не ги знам дотичните, ниту пак сакам да ги запознавам, ама сепак – не сме од вчера, нели? Ние сега можеме да измислуваме секакви бајки за дотичните, како што впрочем и почна да се прави, некој можеби веќе е ангажиран да им гради нов имиџ на прекалени демократски борци, но барем да не претеруваат.

Иако, мислам дека ако веќе некој запнал, ако веќе е неизбежно, максимумот што би требало да го добијат се некакви административни места во надлежните министерства, оние кадешто сега така здушно некој сака да ги види како челници. Ако веќе, навистина, мора да добијат „нешто“. Мислам дека тоа е доволно, иако, да е до мене, и тоа им е многу. Но, навистина би сакал да чујам со што тоа не задолжија овие персони, за да Македонија сега мора да се грижи за нив? Па уште и на – министерски места? Фактот што после девет години отворија уста? Па за тоа, извинете, не следуваат такви награди. Затоа велам, административни места во угледно министерство – такви какви што би требале да бидат идните македонски министерства – е сосема солидно место!

Но, добро, еве јас не знам, ама навистина би сакал да чујам, и да знам: со што не задолжија персониве? Или фактот дека оној малион Димитров на тато порачува „да им ја вратиме ВМРО на граѓаните, на сите граѓани“ треба нешто специјално да не’ потресе? И нема кој да му каже: не, благодариме, чувај си ја? Или треба да не’ расплаче фактот дека тој и не е така „… чест гостин во штабот …“? Па заради тоа треба да му дадете цело едно министерство, меѓу најважните во државата? Ало, има ли некој дома???

ПИЛУЛИ

3.

Или, уште еден таков „стручњак“ од веќе познатата „тројка“, сака да не’ убеди дека неговиот пријател премиер мотивирал со „… неговите идеи за стабилна, богата, демократска, силна, Европска Македонија“? И овие ко кленови се фатиле на јадицата на убавите зборови и цели девет години не виделе што се случува околу нив и во каква Македонија се претвора ова парче земја?  Тие денес ќе не’ учат што и како треба да се прави во земјата? А тие, пустите, мислеле дека и’ „… помагаат на својата земја …“? И тоа заедно со човек „… кој ја освоил вашата доверба и кому ми верувате“? Е па убаво, нека си тераат и понатаму, и со помошта и со довербата! И што е тука спорно ако им се посака среќен пат во таа нивна ново-стара „мисија“?

Иако, во крајна линија, безмалу никаков проблем не се ни дотичните, ниту кој и да е’ друг. Дури, за министер за култура можат да го предложат и оној „стручњакон“ од Сетинци и Попадинци. Човекот барем ни постави пет-шест споменици низ градов. А во што пак фамозна Ганка би можела да се мери него? Со онаа прочуена трампа со натурализиран македонец во Белград? А за здравство нели одговара онаа којашто ослепе неколкумина? Барем е со искуство!

Ако ние упорно не сакаме да мрднеме ни педа напред, ако инсистираме на лажни вредности, смешни персони и квази-критериуми, онака – до коска, тогаш навистина можеме да ја истераме и оваа трагикомична приказна до самиот крај. И после да си ја чукаме главата, како по обичај. Ако некому не му пречи моето мислење, еве сметам дека и првите десетина-петнаесет поединци што би ги сретнале во даден миг на улица би ни биле подобро решение од некои од овие чии имиња почнаа да се вртат во барабанот на игрите на глупоста.

Впрочем, на ваквата „плодна“ почва на импровизирана „политика“ веднаш се лепат секакви недоквакани од типот на детиштено кое мисли дека „креира“ некакви политики, па предлага, меѓу другото, како мерка за излез од кризата, „објавувањето на прислушуваните снимки треба да запре, а судскиот процес против сите вклучени во аферите ’Пуч’ и ’Прислушување’ треба да продолжи внимателно“!

Само не знам како не се заморивме од вакви небулозни комбинаторики, од алаш-вериш кадровски политики, а особено од луѓе „за сите времиња“. Уште од 1992 година Македонија беше преплавена со нови верници, нови антикомунисти, нови демократи, нови интелектуалци … а од 2006 година со нови патриоти, ново-стари антички македонци, нови конзервативци, нови барокољупци … па нови комити, нови потомци на славните војводи, нови гемиџии … има ли крај? Секогаш кога ни треба нешто „ново“, како да ги гледаме истите луѓе како бргу ги менуваат маските и влетуваат во новите ролји на (повторни) спасители на нацијата. И секогаш, како по правило, наоѓаме некакви чудни надрилекари со застарени рецепти, некои магличави персони од минати времиња – да не речам векови – на кои (наводно) треба да им ја довериме судбината!

Leave a comment