А ДА БЕШЕ АЦА ЛУКАС БУГАРИН?

Кога навистина би можеле да застанеме само на забраната на Аца Лукас и турбо фолкот како само уште еден циркус во низата, односно тука да ја започнеме и веднаш да ја завршиме новата скандалозна приказна на Министерството за контрола (пардон: за култура), коешто решило да не ги даде ветените пишливи 2.500 евра бидејќи името на дотичниот се нашло на плакатот на некаков фестивал во Крива Паланка . Ама – не можеме, оваа „приказна“ ќе трае. Не можеме бидејќи новиот скандал повторно остава блуткав вкус во устата, а глумиме дека не знаеме зошто. Дали затоа што станува збор за спомнатиот турбофолкер, или затоа што тој е од Србија, или затоа што некој го смета турбо фолкот за кич или пак така ја гледа (и) спомнатата земја од каде што доаѓа пејачот… итн.? А да беше Цеца во прашање, ќе беше поинаку? Знае ли Министерството колку пати таа му гостувала не екс-премиерот Заев дома, во Струмица? Или Аца Лукас да беше Словенец, или Бугарин, ќе постапеа ли исто? Или, на плакатот да се појавеше името на Влатко Стефановски (исто така ненајавен), или некоја наша оперска првенка (исто така ненајавена)…, повторно ли немаше да им ги дадат парите на кривопаланчани? Што од спомнатото, па и неспомнотато, е навистина спорно во новиот скандал или, повторно, некој неконтролирано си игра со жарчето викано неождановистичка контрола?

Инаку, фестивалот, според информациите од Крива Паланка, во најголемиот дел е финансиран од општината и спонзори, а Лукас доаѓа по желба на (велат: рударите) и жителите на Крива Паланка.

Се разбира дека дел од „прогресивната“ јавност ќе ракоплеска на потегот на Министерството коешто, ете, се грижи за вкусот и ушите на рударите и останатите жители на Крива Паланка. А ќе се грижи и понатаму, согласно „надлежностите“ од бугарскиот Протокол! Но, првото прашање што веднаш се наметнува е: што досега на културен план направи Министерството за контрола – пардон: за култура – за рударите во Паланка, и не само за нив туку и за другите жители на општината? И тоа не е тешко да се утврди, доволно е да се пролистаат фамозните годишни програми за финансирање на националниот интерес и да се види што, и колку, од тој „национален интерес“ отишол во Паланка. Зашто, за да се грижите за нечиј вкус и уши, треба во континуитет да им нудите нешто подобро од забранетото, нешто наводно попривлечно и посуптилно од срцепарателниот турбо фолк на Аца Лукас. Ако само турбо-фолкот е проблем во случајов, не и пејачот лично или земјата од каде што доаѓа? Затоа впрочем ја земам таа опција како најверојатна бидејќи другите две би нѐ одвеле во уште полошо политикантство!

Следствено, во случајов, Министерството мора да нѐ просветли кој тоа кај нас, и кога, утврдил дека турбо фолкот е лош. Дека е можеби кич, а Аца Лукас негов еминентен претставник? Не ми паѓа на крај памет да го „бранам“ дотичниот, ниту пак тој за тоа има потреба – впрочем, концертот му е платен 15.000 евра! – но зошто тој би бил поразличен, или полош, да речеме, од една Крлеуша, Цеца и слични претставнички на истата „музика“ кои редовно шетаат низ земјава, со или без парите на нашето чуварско Министерство? Или од некои од нашиве фолкери, кое редовно добиваа пари не само за концерти туку и за снимање ЦД-а, спотови, турнеи итн.? Ако треба да ги листаме оние годишни програми, ќе налетаме, на пример, во областа на музиката и музичко-сценската дејност, на 120 физички лица (од „национален интерес“, sic!) кои, вонинституционално, организираат нешто – концерти, некакви „вечери“ на нешто, издавање на албуми и др. – во музичката дејност и инкасираат огромни суми. И сето тоа со етикетата „национален интерес“! Што е кич самото по себе, нели. Или некој сака да каже дека, на пример, оние десетици „музички“ и други фестивалчиња што секоја година се одржуваат кај нас со огромни пари од државава се некаков квалитет наспроти Аца Лукас?

Се разбира, овие во принцип „политики на лош вкус“ не се присатни само во музичката дејност. Ги имате буквално секаде, а сето тоа финансирано како „национален интерес“ токму од истиот орган наречен Министерство за контрола – пардон: за култура – и без какви и да се реперкусии по барателите на средства односно организаторите. Е сега, дали навистина некому баш толку не му се допаѓа тој Аца Лукас, или ние, по обичај, треба да го свртиме вниманието од другите нешта во културата, а турбо фолкот се нашол при рака? Ако, на пример, во издавачката дејност во 2021 година, истото Министерство за контрола финансирало, ни помалку ни повеќе, туку 491 „проект“ со вкупен буџет од  цели 61.330.312,00 денари (што, во превод, значи околу 100.000 евра!), некој во државава сака да каже дека целото тоа ѓубре – и уште еднаш: ѓубре, барем во поголемиот дел! – е од „национален интерес“? Каде што не можете да одредите што е литература, што е култура, што е наука, што е публицистика…, или сето тоа е исто само за да се задоволат клиентите и абонентите? Или, кога веќе говориме за кичот – ако тој е вистинскиот проблем – зошто никој не прави такви „ревизии“ во македонскиот филм и најскапиот домашен КИЧ во него? Или, ако на една ретроспективна изложба на еминентен македонски сликар во (наводно) реномирана национална институција викана Национална галерија на Македонија гледате изложена само една половина од диптих, каков поголем кич ви е потребен?

Или, ако пак државата, преку Министерството за контрола, смета дека треба да наметнува „вкус“ кај публиката, а тој наводен вкус е концентриран во тоа Министерство и Владата како такви, зарем среде Скопје сѐ уште ќе стоеше онаа кич-шума викана „СК 2014“? Се разбира дека дисперзијата на културните вредности е една од работите во надлежност на тоа Министерство (и Владата, се разбира), но тој сегмент не можете да го видите во ниту една програма на тој орган, ни како интенција ниту како реализација. А во тој сегмент по правило треба да бидат инкорпорирани и програмите за рамномерен културен развој во државата. Токму тука треба да се побара и Крива Паланка, но и едно Кратово, Радовиш, Ресен, Делчево… и други, чии жители еднакво плаќаат придонеси за култура и годишен данок на државата, но за возврат добиваат – нула!

Затоа, ако (и) оваа „прогресивна“ власт очигледно решила да продолжи да изигрува цензор и да спроведува неождановистички „политики“ на контрола во духот на бласфемичните забрани на „министерон“ Адеми и Тозија – кој, ете, сега, ќе биде дури и награден! – тоа е нивен личен проблем а не проблем на македонската култура. Нека си го цензурираат семејството дома, нека им заповедаат што да гледаат, слушаат, читаат…, нека продолжат да живеат во тој свој мрачен свет. Ако навистина постои нешто кич во оваа држава денес, тоа е токму таа власт и тие луѓе! Ако секојдневно седите во оние кич објекти односно во суштината на некогашното злосторничко здружение, ако поминувате покрај онаа кич споменичка сценографија во центарот на градот и тоа не ви пречи, ако потпишувате онакви кич договори и протоколи со други земји негирајќи си ја сопствената култура и историја, тогаш кичот ви станува – живот. А тој „живот“ е само „лажна сензација“ (Клемент Гринберг) и „дезинфикуван поглед на светот“ (Кундера), својствен токму на тоталитарните режими. Или хибридните, како сакате. 

2 thoughts on “А ДА БЕШЕ АЦА ЛУКАС БУГАРИН?

  1. Со должна почит, ама “… вкупен буџет од цели 61.330.312,00 денари (што, во превод, значи околу 100.000 евра!)”, чинам дека се околу 1.000.000 евра (и со букви: еден милион евра – заслужува 3 (три) извичника 🤔).
    Фурај и даље свој фазон, Мајсторе! 👍

Leave a comment