Monthly Archives: July 2018

НЕА ЈА НЕМА, АМА НАВИКИТЕ ОСТАНУВААТ

Морам уште еднаш да се навратам на вистинската (и неопходна во овој миг) рехабилитација на модерното Скопје, на изложбата насловена „Toward a Concrete Utopia: Architecture in Yugoslavia, 1945-1980“ во култниот и по многу нешта ненадминат Музеј на модерната уметност во Њујорк, каде модернистичкото постземјотресно Скопје го добива заслуженото место и признанија во светската архитектура. Помпезно и без каква и да е’ задршка. Но, овојпат ја спомнувам изложбата како еден можен (иден) репер на македонската култура (и уметност, се разбира), која што поставува стандарди на кои што мораме да се потпираме – никако во смислата на организација, тука не се залажувам ни себеси, зашто тоа за нас е недостижно, барем во наредните педесетина години – туку особено во изборот на „теми“ достојни да ја претстават македонската култура (и уметност) пред светот. Или, поточно, ја спомнувам изложбата уште еднаш токму како репер за тоа што навистина светот сака да види од овие простори, што е тоа што е валоризирано во најшироки естетски и цивилизациски рамки а не низ нашата (најчесто) провинцијална призма или, особено, низ призмата на онаа пуфлана во изминатата деценија која, изгледа, ги бираше „настаните“ и „темите“ токму во нејзиниот сељачки дух, како кога се бираат лубеници на пазар: важно е нејзе да и’ звучи „зрело“ и да биде задолжително партиски обоено! Тоа, впрочем, беа македонските стандарди на културната понуда кон странство во времето на стравовладата на пуфлата и нејзините пулени во културата и уметноста. Иако, за волја на вистината, тие „стандарди“ ретко кога кај нас биле повисоки! Но, можеби сега е време да ги подигнеме, барем за некој сантиметар?

Нејсе, нашата културна презентација во светот најчесто е од по маките на едно џуџе во светот на големите, но не заради тоа што немаме што и како да покажеме, туку токму заради тоа што не знаеме што и како да покажеме. Нашата меѓународна културна понуда е главно туристичка, почнувајќи од фолклорните ансамбли до музејските презентации, бидејќи ние токму така и ја разбираме: дека државата е должна да ги финансира нашите „културни“ прошетки во странство, а ние за возврат ќе однесеме пар „артефакти“ во некој ќумез и ќе ги вратиме за десетина-петнаесет дена, зашто толку ни трае шетањето. Па кој видел – видел, кој не успеал да види ќе има прилика за некоја година зашто ние редовно ги повторуваме таквите глупави „презентации“ во странство. Не умееме да смислиме дури ни нешто поинакво! На страна што со таквите глупости се понижуваме себеси, македонската култура и македонските институции, туку го омаловажуваме и историскиот и/или уметничкиот материјал што ни е оставен во наследство. Прво што ми паѓа на памет, иако „на втора“ ми текнуваат и многу други, е онаа прекрасна археолошка изложба наречена „Преисториските дами од Македонија“, или така некако, (станува имено збор за 94 фигури на жени од неолитот и енеолитот, откриени на територијата на Македонија), а која што ја „презентиравме“, ни мање ни више, туку во собичките на т.н. Македонски културен центар во Софија. Материјал, и тоа оригинален, кој што би го посакал секој европски музеј (но конципиран како елитна археолошка изложба), ние го напикавме во две сопчиња во тој „Центар“. Па кој видел – видел! А вестите од изложбата најчесто говореа за „голем интерес“ за изложбата, дека нашиот Културно информативен центар бил претесен да ги прими сите посетители (нормално, таму не собира повеќе од 50 луѓе заедно!) итн. И тоа е само еден пример што ми паѓа на ум. А ги имаме барем стотина, потрошени во ветер „презентации“ на потенцијално занимливи и од светот веќе валоризирани теми!

Една од успешните презентации од овој вид е неодамнешната изложба (2017) на нашиот Археолошки музеј на екслузивните винички „теракотни икони“ – репрезентативен археолошки материјал редок во светот – во престижниот Ашмолеан музеј (Ashmolean Museum of Art and Archaelogy) во Оксфорд (Велика Британија), (велат) култно европско место за археологија! Но, тука се соочивме со друг проблем: колумина во македонската јавност разбраа за оваа престижна изложба во овој музеј? Малкумина, речиси никој, за жал. Колку македонски новинарско-снимателски екипи беа да ја документират изложбата? Ниту една, како впрочем ни онаа во МОМА. Ама денес сите знаеме кога пристигнала Северина и кога е нејзиниот концерт во Охрид, или каде ли ќе биде, сеедно, а особено кога ќе биде концерт на Марија Шерифовиќ. И телевизиски екипи ги пречекуваат на аеродром.   Светски ѕвезди, јеботе, наспроти „провинциските“ винички икони или постземјотресно (кензотангевско) Скопје! Е сега, пуфлата (за среќа!) веќе ја нема, ама навиките – останаа?

СКОПЈЕ ВО СВЕТСКАТА ИСТОРИЈА

Народи и држави кои не си ги препознаваат, а следствено и не ги почитуваат сопствените културни вредности обично имаат тажни судбини. Историјата ги брише од листата на цивилизирани народи / држави. А вредностите тешко се враќаат. Поточно: најчесто неповратно се губат!

Ние тоа многупати сме го покажале и докажале, на сопствена штета, наша и на идните поколенија. И на штета на нашата историја, се разбира, од која што сме избришале редица вредни остварувања само и единствено заради глупоста на поединци, заради алчноста на групи и „политики“, заради неморал и криминал. Еден селски, попрво маалски „философ“, не така одамна за да заборавиме, се дрзна, а за да им се допадне на политичките газди, прво, да го прогласи Скопје за касаба, а понатаму да ни ги пренесе мислењата на некои „негови странци“ – веројатно еднакво прости и глупави како и тој – дека „главната пошта“ ни била „откачена“, ГТЦ бил незнамшто … па дури и дека во постземјотресно Скопје „секакви архитекти (светски и белосветски)“ си нашле „жив, реален простор да експериментираат“ (sic!), итн. И тоа беше као стручно-философски вовед во вулгарната идиотштина што ни ја подготвуваа неговите политички газди, денес низ целиот свет позната како „Скопје 2014“ – медиокритетски „проект“ што едноставно збриша половина од модернистичкото централно градско подрачје, а другата половина ја пресоблече во ним као разбирлив псеудобарок и квазинеокласицизам. А по „философот“ следеше редица полуписмени македонски „интелектуалци“, дури и архитекти – или „архитекти“, како подобра варијанта – кои не се дрзнуваа ни уста да отворат пред налетот на современите варвари, за да набргу и тие, заслепени од лукративните пориви, зацапаат во калта на неморалот и одбраната на неодбранливото.

Сосема ретки и некако воздржани (да не речам плашливи) ни беа реакциите контра варварите. Имаше и зошто: со криминалци заседнати на клучни државни позиции тешко се излегува на крај. Дури, после целосното уништување на еден од архитектонските бисери на градот – „Зградата на ЦК“ на Муличковски – се чинеше дека Скопје е заборавено од сите, овој пат засекогаш. Џабе беа сите протести и укажувања за вредностите на објектот.

За среќа, некогаш – не секогаш! – другите цивилизирани народи се навраќаат на светските вредности (пре)откривајќи ги за новите генерации, но и за старите, оние плашливите кои не умееле да си ги сочуваат белезите на нивниот живот и култура. Тоа се случува сега за Скопје, за Македонија, па и за Југославија и нејзината архитектура, во културното јадро на Њујорк – Музејот МОМА – со изложбата насловена „Toward a Concrete Utopia: Architecture in Yugoslavia, 1945-1980“. Организирана од кураторски тим предводен од Мартино Стерли (главен куратор за архитектура и дизајн на МОМА), изложбата за прв пат му го претставува на светот дострелот на Југословенската повоена архитектура преку извинредните дела на водечките југословенски архитекти од тоа време (Равникар, Рихтер, Богдановиќ, Неихарт, Мушиќ и др.). И, се разбира, едно од централните места, помеѓу останатото од Македонија (макетата на објектот на Македонската опера и балет, фотографиите на „Македониумот“ на Јордан и Искра Грабул и др.), завзема и „метаболистичкиот дизајн“ на постземјотресно Скопје на маестро Кензо Танге, кое што светот го препознава како ремек дело а не како простор за експериментирање на белосветски архитекти. И на Скопје, и нам, ни требаше едно вакво високо признание, како впрочем и на целата поствоена југословенска архитектура, дефинирана како „манифестација на радикална различност, хибридност и идеализам што ја карактеризирале и самата југословенска држава“. Факт е дека Скопје не успеа докрај да го реализира „футуристичкиот“ концепт на Танге. Прашање е и колку тој концепт беше пошироко разбран (особено од постарите генерации), и како, и дали можеше традиционалниот скопјанец да се носи со една таква целосно нова „приказна на живеење“ за неговиот град. Да премине од дотраените главно приземни куќички во нови облакодери, да се дислоцира од „центарот“ во приградските населби што му наложуваа сосема нови секојдневни навики. Но, факт е дека младите генерации кои што растеа со тоа модернистичко Скопје едноставно – го сакаа! Тоа беше нивен нов, европски, светски град во срцето на Балканот. Додека не дојдоа варварите!

Како и да е’, покрај бројните архитекти кои се вградија себеси во тоа Скопје, ставајќи го на светската мапа на модерните градови, ова признание Скопје го должи на заложбите, знаењето, трудот на тројца млади архитекти: Владимир Десковски, Ана Ивановска – Десковска и Јован Ивановски, кои како група веќе неколку години ја (до)истражуваат архитектурата на Скопје. Што ќе рече дека зад сите големи успеси (кај нас) најчесто стои поединецот – или групата – а поретко институциите. Во случајов, иако и Скопје и Македонија имат „звучни“ институции кои што би требале да бидат токму промотори и на вакви наши презентации (односно особено на вакви, а не на сите будалаштини што ни ги сервираат во нивните простори!), иницијативноста, упорноста, знаењето остануваат кај поединецот. За жал, или дури и за среќа.  И добро е што се’ уште имаме такви млади луѓе кои (повторно: се’ уште) се подготвени да се фатат во костец со сета наша малограѓанштина, неукост, незнаење, неинвентивност … а во интерес на некои повисоки цели! Ако ништо повеќе Скопје би можело да помисли (барем) за некаква награда за овие луѓе. Зашто, ако не повеќе, институции како МОМА ја пишуваат светската историја на уметноста, на архитектурата, на дизајност – минатата, сегашната, идната. А Скопје, денес, веќе е таму, благодарејќи токму на овие луѓе!

НА ЗДРАВЈЕ!

или

(САМО)ЗАРОБЕНА ДРЖАВА (7)

Нема подобра сатисфакција од таа кога за една теза ќе добиеш потврда од сериозна, компетентна инстанца. Па нека е тоа и британскиот Комитет за надворешни работи. Или – особено тој! А тој вели дека на државите на Западен Балкан ќе им биде потребно отприлика 50-60 години да го стасаат животниот стандард на Европската унија. Под услов, се разбира, оние – европјанине – да стагнираат ист број години. Што не може да се случи, никако. Јас често пати ова сум го потенцирал, но за областа на културата. Не сум компетентен да носам судови за општи состијби, иако секојдневно ги живеам, сега и тука, што ќе рече дека секој наш граѓанин кој имал прилика почесто да патува во земјите на ЕУ може да дојде до слични заклучоци. Нејсе, но за да го заокружам моето видување на македонската самозаробена држава, ова доаѓа како кец на десетка. И не само тоа, се разбира. Зашто, под поимот стандарди Европската унија, па и британскиот Комитет за надворешни работи, ги подразбираат и демократските стандарди, меѓу другото. И културните, се разбира. Дали тоа нам ни се допаѓа или не, тоа е сепак друга приказна. А бидејќи пред извесно време почнав со Прибе, еве да го спомнам повторно, во овој контекст: добивме ли објаснување од оној Фити, или од кој и да е друг од она ману (малите букви се резултат на угледот и моралот што владеат во таа институција!) за непримањето на германскиот господин кој ни ја откри дефиницијата на заробената држава, но не сакаше докрај да не’ навреди па не го додаде она зборче „само“? Колку што знам – не добивме, ниту пак некој од оние во ману (малите букви се резултат на угледот и моралот што владеат во таа институција!) не’ смета за достојни за какво и да е’ објаснување. Тие веројатно мислат дека е тоа нивна интерна, дури лична работа. Иако живеат – некои и со децении! – од наши пари, буквално. Навистина ли сметаат дека тоа прашање е само нивна работа, онака, за муабет помеѓу две одења на м….., а не и јавна, во значаен дел од значењето на тој збор? Како и да е’, тоа е уште една потврда за самозаробената држава, каде секој смета дека е свет за себе, иако живее од туѓи пари, дека никому не му должи објаснување како и за што ги троши истите, зошто некои луѓе – угледни светски имиња – немаат пристап во нивната мечкина дупка, итн. Таа е само нивна и ничија друга! Браво мануковци!!!

А други потврди на истата теза колку што сакате. На пример, каде, ве молам, ќе се случат онакви скандали, онакви провинциски „објаснувања“ за неучество на дел од македонската естрада на онаа владина прослава на добивањето на виза за членство во НАТО? Такво самозаробување, дури самопогубување на минорни единки меѓу кои некои, дури, ги нарекуваат – или се самонарекуваат! – македонски уметници, е невидено во европски размери. Не спорам дали воопшто беше потребно тоа славје, тоа и такво трошење пари, тоа е друг муабет, но: да се повинуваш на диктат односно да откажуваш учество заради стравот од една политичка партија, или дури да се премислуваш, тоа да ти стои во потсвеста дека заради учеството можеш да сносиш некакви консеквенци, е па подобар пример од самозаробена држава и самозаробен народ – има ли? Да смислуваш секакви „објаснувања“, да се глупираш и резилиш пред целата македонска јавност од пусти страв „што ако“ … ?

Или, најновата информација за руската „финансиска помош“ во протестите контра се’ што е добробит за оваа држава? И тоа ќе го правдаме со сиромаштијата што владее во државава? Не, тоа е резултат на самозаробен ум, на самозаробен поединец, на самозаробена држава! И токму за тоа треба отприлика 50-60 години за некакво, какво-такво ослободување. Ако не и повеќе. Или, ако сакате, погледнете ја блокадата на „најпатриотската“ партија на работата на Собранието, па дури и за најважните закони. Тие болни умови сакаат буквално да ја држат цела држава како заложник на некои нивни ситнопартиски и теснолични интереси, за пазарења со се’ и сешто. И тоа, велат болните, било – демократија. Ма немој, цела држава да зависи од неколку дијагностицирани умови, нивните ненормални напори да ја спречат правдата да си ја заврши започнатата работа со бившото им раководство. Ако цела една „партија“ можете да ја оквалификувате како самозаробена, а истата била на власт во државава последниве дванаесеттина години тогаш има ли некој да и’ противречи на мојата теза за самозаробена држава? И со кои ааргументи? И ако Хан – каков е, таков е, евроминистер е – ама и цела ЕУ вели дека ние немаме институции, а јас тврдам дека имаме ама се самозаробени, што му доаѓа на исто, тогаш: за што ние правиме муабет? Или, ако кај нас осведочените празначи на државни буџети и, патем, останати државни банкоматите стануваат доктори на науки држејќи ни економски лекции, а тоа им го овозможуваат самозаробени укимовски (малите букви се резултат на угледот и моралот што владеат и во таа институција!) „ментори“ и „комисии“, а патем целиот уким (малите букви се резултат на угледот и моралот што владеат во таа институција!) молчи правејќи се на тошо небаре тоа не ги засега, тогаш, повторно – за што ние правиме муабет? Демек, и тоа е демократија: ординарни „онакви“ да стануваат доктори на науки? Ако е така – на здравје. Мене тоа ми личи како на малоно германско автентично фирерче, по некоја случајност да останеше живо, властите потоа да му овозможеа да (од)брани докторат на тема „Демократските принципи во Германија во времето на Третиот рајх“! Ама, тие не би биле толку глупави, нели? А впрочем, на здравје и докторатот, на пример, на пуфлата, која што дефинитивно, и докажано, комплетно ја дезинтегрира македонската култура, ама затоа нејзините „ментори“, кои и да биле тие шутраци, ја докторирале на тема „Европскиот културен модел и културно интеграциската политика на Република Македонија“. После се’ што упропасти, после целата провинцијализација на македонската култура? Па и за вторана пуфла, онаа полуписменана „полицајка“ која се изрезили до даска во „бомбите“: кои беа тие умни самозаробени глави кои ја докторираа и згора ја облекоа во тоа тогата? Па ако веќе моравте, зошто не и’ го пративте сертификатот по пошта, барем да не ја гледате? Или, всушност, баш и сакавте да ве сликаат со неа, мислевте ќе ќарите нешто плус? Ситни, бедни души. И има ли потреба да се коментира онаа Василевска? А ако прашате: извинете, вие се заебавате со нас, шутраците се наоѓаат навредени.

Самозаробениот ум, дефинитивно, е клучниот проблем на оваа држава. Не заради мојата убеденост во тоа, туку заради се’ поочебијните докази за таквите наши состојби на кои што некој мора да им обрне барем малку внимание. Не заради мене / нас – подразбирајќи ја тука мојата генерација, на пример, или неколку генерации помлади, кои сепак ја имаа таа предност, тоа задоволство да се развиваат со отворени умови – туку заради младоста на оваа земја. Ако сакаме да ја имаме, се разбира.

ВРЕМЕ ЗА ДИЈАГНОЗИ

Еве, избројав до десет, до сто, дури до илјада, и повторно мислам исто: „најпатриотската“ македонска партија треба конечно да престане да се резили низ „умот“ на нејзиниот шестокласен глумец и шеф за култура, ако тој им ги пишува оние ступидни соопштенија за предлозите на работната група за решавање на проблемот на музејот на македонскиот хорор. И не само за тој „проблем“, впрочем, туку за сите нивни „коментари“ и „мислења“ од областа на културата. Ако ги пишува односно измислува посочениот. Ако не е тој, нека кажат кој е. И нека му дадат шут карта, веднаш, зашто таков незнајко, таков глупандер одамна не сме слушнале / прочитале. И не како одговор на изнезените во јавноста глупости за мерките предложени од работната група, уште помалку што и мојата дребност била учесник во истата, ама јавноста – бидејќи нема можност да го прочита елаборатот, не знам зошто – има право на правилно и точно информирање. А она што го нудат реакциите и соопштенијата на „најпатриотската“ македонска партија е замена на тези, неуки флоскули, криење на ѓубрето под тепих – и ништо повеќе.

Зошто? Прво затоа што никако не може да стане збор за некаква „најбескрупулозна идеолошко-политичка пресметка со науката и современата научна мисла“ од страна на работната група зашто таа, работната група, не беше ни идеолошка ниту политичка туку беше стручна група формирана да предложи справување токму со најбескрупулозната идеолошко-политичка небулоза во македонската музеологија на една будалетинка и нејзините „научни“ следбеници, непозната, невидена во нашата современа историја! И оттука, ако тоа што таму е направено ја репрезентира македонската „наука и современа научна мисла“, тогаш и идеологот, и репрезентите, ама и овие кои денес ги бранат се, богами, зрели за сериозни дијагнози.

Второ, можеби е точно дека „историската поставка во Музејот на македонската борба е создадена од четири еминентни универзитетски професори, историчари, специјалисти за XIX и XX век“. Велам – можеби. Зашто, прво, тоа што таму го гледаме е се’ друго освен музеј, па следствено е и се’ друго (циркус, театар, панаѓур?) освен музејска поставка. Понатаму, точно е дека тие имиња што ги среќаваме во документите се, за жал, универзитетски професори, но дали, и колку се еминентни треба да процени некој друг а не политичка партија, па нека е „најпатриотска“. Ако пак посочените навистина се идентификуваат со таквите квалификации од страна на една политичка партија, тогаш и не заслужиле ништо подобро. Посочените, можеби, се и историчари, па и специјалисти за нешто, ама ни тоа не се гледа во музејската поставка зашто, повторно, тоа не е – музејска поставка односно таму музејска поставка нема! Тоа таму е само неука илустрација – лоша, болна, детска, малоумна – на една сулуда идеја на нивниот водач, која што тие ја преточиле во збор, слика и восочни фигури!!! И, понатаму, овде односно во тој т.н. музеј воопшто и не станува збор за историја, специјалност и слично, туку треба да станува збор за музејска поставка која што би одговарала (барем малку!) на званичното име на т.н. музеј и, секако, би одговарала на некои, барем некои, па нека се и провинциски стандарди во музеологијата. Ама, повторно, такво нешто таму – нема! Зошто? Бидејќи таму, уште еднаш, нема поставка, нема ни концепт на поставка – инаку ќе го сретневме некаде, напишан, образложен, онака како што бара законската регулатива – туку има една збирштина на глупости и „идеи“ како, според „мали груица“, би требало да изгледа некаква музејска поставка. И за тоа – толку. Но, ако оние, и онакви, наши „четири еминентни универзитетски професори, историчари, специјалисти“, заедно со онаа и онаква политичка партија навистина мислат дека направиле поставка која што ја претставува современата македонска научна мисла, тогаш, извинете, повторно мислам дека е време за сериозни дијагнози.

Трето, дури и да е така, дури и тие „четири еминентни универзитетски професори, историчари, специјалисти“ да напревеле нешто – а направиле, се согласувам, ама „музеј на македонскиот хорор“, според сите музеолошки параметри – и згора на тоа нивната „поставка“ да ја потврдил и цел УКИМ (што не би ме зачудило), па и цел Институт за национална историја (уште помалку), а особено ману (сигурно!), и иако ќе беше добро барем да ги прочитавме и имињата на тие незнајковци, нели, повторно тоа никако не ќе значеше ништо зашто меѓу сите тие (УКИМ, Институт, ману) нема, тврдам – нема, ниту еден што знае што е тоа музејска поставка. А особено не „модерна, научно поткрепена и мултимедијална презентација на историјата на македонскиот народ …“, зашто во онаа збирштина наречена музеј, прво, нема ама баш ништо модерно (или нешто слично на тоа, без оглед што тупаците можат да подразбират под модерност), уште помалку има научна поткрепа (зашто, едноставно, не можете да ја видите), а најмалку има мултимедијалност. Или, за „стручњаците“, мултимедијалност се неколкуте екранчиња во „поставката“ и – восочните фигури? Ако е така, тогаш ние навистина сме дале придонес во дефиницијата за мултимедијалност и нејзината примена во современата музеологија! Честитки за „специјалистите“!!!

Четврто, кога шутракон од „најпатриотската“ партија – или кој и да е’ што му ги пишува „соопштенијата“, ама тој ги чита – говори за најпосетен музеј, со дури над 250.000 посетители, знае ли што говори? Зашто, тој самонаречен музеј можеби и има(л) толку посетители, ама шутракот (се) прашува ли: зошто? И знае ли дека сите основни училишта во Македонија, колку и да е мала, а велат дека тоа важи и за градинките (sic!), морат барем еднаш во годината да го посетат „музејот“ бидејќи тоа им е во наставната програма? И ниту еден друг македонски музеј, туку токму тој, миленичето на налудничавиот фирер?! Во такви услови, јас би рекол дека и таа посета е мала, зашто очигледно дека некои умни училишта, или директори, или наставници, успеале да ескивираат од таа обврска, штитејќи го здравјето на децата кои им се доверени на воспитување и образование.

Петто, но не последно: точно е дека во „инкриминираната“ рабботна група има само еден историчар, за чии што квалитети и стручност (треба да) говорат други а не партиски шутраци. Ама и тој е вработен во музеј односно голем дел од работниот век поминал во музеј, а и останатите членови на групата се токму луѓе чија основна професија се – музеите. И сега, кој е покомпетентен за стандардите, за работата, за поставката на еден музеј: оние „четири еминентни универзитетски професори, историчари, специјалисти“ кои во животот, тврдам, не виделе повеќе од два музеи, или оние од работната група на кои музеите им се професија? И како тоа може да го цени оној шутрак шестокласен глумец кој не знае ни што е театар, а камоли музеј, или пак некаква налудничава партија на чело со уште поналудничав фирер кои не влегле ниту во еден музеј, дури ни македонски? И што можат, г-дине шестокласен глумецу, да направат такви „четири еминентни универзитетски професори, историчари, специјалисти“ кои немаат појма од музеј и музеологија, освен – да следат упатства на уште еден, поглуп и понестручен од нив, оној умисленион и самобендисан „лидеро-историчар“ и да направат трагикомедија на македонски начин? Зашто, повторно, да говоревме навистина за музеј, па нека е и лош, ќе говоревме со поинаков речник, со аргументи, со тези. Вака, говориме односно „дебатираме“ со неуки луѓе и глупави флоскули, со замена на тези (а и тие неаргументирани!), со нестручни и некомпетентни поединци. Ќе дебатиравме, можеби, за нивниот елаборат – што го нема, иако тоа таксативно им го бара Законот за музеи и што „стручњаците“ дебело го наплатиле – ќе говоревме за тоа што планирале ама што (не) оствариле! Впрочем, побарајте им го на оние „четири еминентни универзитетски професори, историчари, специјалисти“ елаборатот за основање на музејот и – објавете го. Потоа побарајте го Елаборатот на работната група и објавете го, па нека цени јавноста! Тоа е вистинскиот начин, нели?

Или, ако навистина „најпатриотската“ партија има проблем со наодите во Елаборатот на работната група, нека побара барем малку стручни и компетентни поединци, барем малку пописмени од „глумецов“ или тој што му ги пишува соопштенијата, нека отвори сериозна јавна дебата и, еве, јас на невидено (и бесплатно) се пријавувам за учество, со кого и да е стручен и компетентен за музејската проблематика. Вака, целата партија испаѓа смешна – не дека ми е гајле и не дека им е првпат – ама и на јавноста и’ го ускратуваме правото на малку посериозна дебата. Ако навистина има потреба од неа, за што тврдам: нема. За жал, имаме само еден грозен објект, со уште погрозна, дури запрепастувачка „поставка“ – ретроградна, анахрона, нестручна, некомпетентна, нејасна, глупава, небезбедна … – направени за едно чудо пари од кои што барем половината не се знае каде „отпатувале“, со лажни награди, лажни статистики, лажни посетители, лажни податоци … Таму, впрочем, се’ е лажно, како и комисијата од „четири еминентни универзитетски професори, историчари, специјалисти“ која што зад себе оставила историски ќумез со елементи на хумореска, но никако и музеј, уште помалку стручни докази дека знаеле што и како работат. А прокнижиле на нивните сметки едно чудо пари! И наместо „најпатриотската“ партија од нив да бара отчет за украдените пари, таа на крајно недостоинствен, нестручен, лаички начин полемизира со еден сериозен, стручен Елаборат на компетентна работна група. Ако ништо повеќе, од него можат нешто и да научат. Барем малку, ако се способни за тоа.

КРИМИНАЛОТ И БАНКОМАТОТ

или

(САМО)ЗАРОБЕНА ДРЖАВА (6)

И сега, видете што се случува: некој треба да ги моли – можеби со рачно навезена молба во незнам колку примероци – оние вагабондски македонски „издавачи“ да ги стават на јавен увид договорите со кои што бившото криминално здружение маскирано како Влада и Министерство за култура, а што ја (само)зароби државата и културата, им обезбеди такви печалби, поточно – пљачки, за кои што овие бараби не ни сонувале. Можеби нивните газди со лепливи прсти треба преку нивните адвокати да ни достават услови под кои што тие ќе ги дадат тие срамни, да не речам криминални, договори? Можеби ќе бараат помилување, амнестија? Можеби дури ќе посакаат и дополнителни договори со кои што државата ќе се обврзе да им доделува такви и слични „бизниси“ уште некои пет-шеснаесет години унапред? А зошто да не, прашувам јас? Ако секому му е оставено, па и на овие, да поставуваат некакви услови визави криминалот што (докажано) го направиле – иако, тие, нормално, ќе се вадат на условите во договорите, во кои што, можеби, пишува дека за преведувачи можат да ангажираат и волови од ат-пазар – тогаш веројатно никогаш нема да стасаме до посакуваното решение. Ама ако некој надлежен ги приведе во станица на информативен разговор, па го загуби клучот, па овие преспијат неколку дена во слични мемливи подруми во какви што го оставиле и нивниот „производ“, мислите дека ништо нема да се смени? Не сум сигурен. Мислам дека тогаш ќе слушаме милозвучна повеќегласовна билбилска песна која што целосно ќе ни ги разјасни сите механизми на крминалот во кој што учествувале. Нека ми простат и Хелсиншки, и адвокатската комора и сите наши обвинителства, ама зарем нормалниот човек, даночниот обврзник кого нон-стоп го пљачкосуваат во оваа држава, нема право на – вистина, и правда?! А вистината, и правдата е: 19 милиони евра негови пари натрупани во џебовите на тие вагабонти, а производот – скапува во подруми!? Или тие ќе се вадат дека нивниот дел од работата си го завршиле? Можеби – ама како? Нема ли во тие договори што ги кријат и ставка за квалитет? Па и некои други ставки околу, можеби, пласманот на „производот“, па други услови? Ако се чисти, зошто по ѓаволите ги кријат договорите? И зарем и тие како и сите други граѓани – иако овие и не се баш граѓани туку бандити – немаат законска обврска во разоткривањето на криминал на државно ниво?

Е кога сето тоа ќе го видиме, ама и уште многу други нешта, дури тогаш можеме да започнеме да говориме за нашите „светлини на патот“ и други нарачани будалести флоскули во одбрана на нашата најмила, најсветла, најнаучна и најкултурна (па згора и најуметничка!) институција, која некои мрачни сили, ете, решиле неаргументирано да ја омаловажуваат. А други – да ја бранат. А тие, „светулките“, кутри душички, невини, неуки (што главно е точно!), неизвалкани … да ти биле дури толку неинформирани што и не знаат што правеле нивните колеги, уште помалку знаеле за нивните криминали, за подрумите, за преводите, за се’ што се случуваше во државава. Ама знаеле секој први во месецот да си го земат хонорарот на банкоматот!? Ама од чии пари: од оние на малион лош фирер, од нивната партија, од оние на нивниот бранител, или …? Затоа, не сум баш сигурен дали, ако се распише референдум за доверба на граѓаните во МАНУ, воопшто и ќе имаме излезност, а не пак да размислуваме за некаква доверба во таа збирштина која што некој сака да ни ја продаде за наша „светлина на патот“! И со сето ова немаат врска ни Блаже Конески, ниту Поленаковиќ, Шопов, Митрев, Мартиноски, Чашуле, Андреевски, Јаневски … Ама, богами, имаат дебела врска многумина други спомнати токму како наша „светлина“ кои, повторно, секој први одат на банкоматот, или можеби, се’ уште, поштарот им ги носи нашите пари дома зашто тие се толку неуки – иако академици – да не знаат ни со банкомат да се справат?

И впрочем, дали директното, конкретното спомнувањето на името на библиотекарон кој што октроирано стана партиски академик како дел од таа наша „светлина“ треба да значи негова амнестија пред македонската јавност? Дали светлиничарите на мануковците ги превземаат сите негови гревови, ама и долгови, па ни го нудат – ете, така очистен – и него како еден од нашите најпреведувани автори? И што, по ѓаволите, тоа има врска со криминалот, after all? Или сега и налудничавоно фирерче, откако си ги преполага шестките од пред дваесетина години (sic!) и докторираше, сега и неговите судски процеси треба ли да запрат? Па, господа, човекот е доктор на науки, а ние го судиме за некакви безначајни празнења на банкомати?

СИРОМАШТИЈА

Кога Синоличка пишува[1] за сиромаштијата, мисли, очигледно е, или можеби јас така тоа го читам, на материјалната сиромаштија која што, точно, е најчесто резултат на „необразованост, запустеност и негрижа за она што го имаш, зашто системот не функционира“. И, се согласувам, „таму каде што царува сиромаштијата, најчесто царува и криминалот“! Кога јас пишувам за самозаробена држава мислам на држава сиромашна со дух, знаење, храброст, чесност, морал …! И тие две нешта не секогаш мора да одат заедно. Односно, имате сиромашни ама храбри, чесни, духовни народи / држави. Како што има и обратни примери. (Иако, се согласувам, таквите генерализации не се многу омилени). Но, крајниот резултат во поглед на материјалната или духовната сиромаштија е речиси секогаш ист: во обата случаи во таа држава царува криминалот. Во едниот случај оној вулгарен, буквален, бандитски уличарски криминал, во другиот случај оној „софистициран“, прикриен, маскиран односно … (квази)интелектуално и (квази)политички и секаков друг криминал! И, повторно, со еднаков производ.

Ние како да не знаеме од кој вид криминал попрво да се одбраниме, ако воопшто сакаме да се (од)браниме. Или поедноставно ни е да се препуштиме на судбината, па нека биде што (треба да) ќе биде? Така се однесуваме, генерално. Зашто, ако повторно ја земам културата како пример, иако таа е безмалу идентична со состојбите и во другите т.н. општествени дејности, ние како воопшто и да немаме намера да се справуваме – борбата за нас е пресилен збор – со наследството од криминалот / криминалците што не’ држеа во пранги повеќе од една деценија. Освен оние тековни судски процеси, кои што не ги потценувам, никако, ама и тие, сега, веќе ми заличуваат на притисок од ЕУ – онаа која што, ете, според „философот“, не’ тера дури и името да си го смениме (мама миа, какви се’ „философи“ се намножија во државава! – како нешто што ние, инаку, би сакале да го прескокнеме, нели. Зашто – повторно ли ќе се делиме: на чесни и криминалци, на морални и бандити …?

Впрочем, да не беше така, нели поинаку ќе се однесувавме, барем оној дел од нас кој што сепак не се гледа како соучесник во самозаробената држава? Ние, денес, ги имаме „на тацна“ речиси сите криминали на злосторничкото здружение, плус нивните јатаци и петтата колона како асистент во самозаробувањето на државата. Ги имаме речиси сите по список, од горе до долу. Не само со слика туку и со звук. Од „бомбите“, де. И? Труба, ништо. Барем да ги изнесеме јавно пред светот, ако не повеќе!? Или повторно во душишчките на Трпе и Трајче се јавува сомнежот: а што ако утре се вратат на власт? Па како бре ќе се вратат на власт кога треба да лежат по минимум дваесет години? Или, Македонија – и се’ е можно?! Зашто, ние се’ уште, не само во културата туку и во здравството, образованието – особено високото – науката итаканатаму не видовме некому да му фали влакно од главата заради отвореното учество и / или поддршка во самозаробувањето на државата, во упропастувањето на ресурсите, потенцијалите, кадрите, во безмилосното пљачкосување на буџетските пари, во кршењето на Уставот и сите можни закони, во узурпацијата на основните човекови права … Учителкине кои носеа крстови со имиња на луѓе од опозицијата, наставници и директори кои не ги пуштаа среднишколците на протести, универзитетскине „професори“ кои сееа омраза и прогласуваа предавници и непријатели, па дури бараа и „долги ножеви“, сите и понатаму комотно си седат на работните места и примаат државна плата како ништо да не се случило; едно чудо приучени културни директорчиња кои ги разнебитија институциите, ја омаловажија професијата и ги урнисаа сите стручни стандарди попатно пљачкосувајќи се’ што можеа да однесат, поминаа само со смена од директорската фотелја; „научницине“ од типот на фамознине „историчари“ кои ги остваруваа сите налудничави фикс идеи на непресметливоно фирерче и кои за тоа беа богато наградувани и понатаму клепаат „наука“ по туѓ политички диктат. Дури, еве, (диригирано?) почнаа да се појавуваат и пофални гласови дека и „највисоката“ ни научна и културна институција, па дури и библиотекарон поименично – кој не’ закрпи со цели 19 милиони евра по мемливи подруми – ни била светлина на патот! Токму од таквата светлина ослепевме, токму од таа светлина дванаесет години живеевме во мртва темница во која што никој, ниту еден од тие „бардови“ глас не пушти во одбрана на правото, правдата, Уставот, законите, моралот … човекот во оваа држава. И ваквите гласови, сигурен сум, ќе зачестат, ќе ги има се’ повеќе за да полека но сигурно се мие срамот од нивните бербатни лица. Ако дозволиме, се разбира. На починатите великани, се разбира, никој ништо не им префрла, ниту може ниту пак сака, зашто тие, за среќа, и не беа вмрежени во злосторничкото здружение, не ги дуваа окупаторските гајди во кои „милно“ им свиреше налудничавиот овчар. И нив секој со пиетет ќе ги спомнува. Ама – овие?

[1] Синоличка Трпкова, За (пре)пораката од нашите предци, Либертас, 06.07.2018

НАСТИНКА ИЛИ ГРИП?

или

САМОЗАРОБЕНА ДРЖАВА (5)

Ние, по правило, премногу значење им придаваме на небитните работи, запоставувајќи ги важните, речиси суштинските. Но и тоа е прашање на знаење, на искуство (државно, се разбира), на приоритети. На пример, едно чудо владини и невладини органи, агенции, организации и работни групи, безмалу некоординирано, веќе година дена ги испитуваат криминалите на т.н. проект „Скопје 2014“. И главно сите поаѓаат од погрешни премиси, наместо од една единствена: дека тој самонаречен проект е целосно незаконски и ги дерогира овластувањата на највисокиот орган на државата – Собранието на РМ! И тука треба да почне се’, а да заврши, односно веќе да завршеше со рушење на сите незаконски подигнати објекти. Башка се кражбите, башка тендерите, башка намештаљките … тоа е посебен криминал што си подлежи на редовни постапки – дел од нив веќе се водат – како и се’ друго.

Ама: ниту еден државен орган, организација, агенција, па ни невладина организација не говори за поважните последици: за образовните, културните, уметничките …, за последиците што тоа ругло секојдневно го произведува и ги труе младите генерации. Сосема идентично, но во многу поголеми размери и со (веројатно) посериозни последици, се однесуваме и кон наследството на самата идеја и (особено) пракса на самозаробената држава, како да е тоа нешто како настинка, или не дај боже грип, ама ќе се залечи со доза демократски ц-витамин и парацетамоли. Која што, патем, никој не ја ни нуди. Никој на оваа македонска повеќевековна чума наречена самозаробена нација не гледа сериозно, истражувачки, научно, со понуда на некаква можна „терапија“ на долги патеки. Ние вообичаено се помируваме со фактот дека најчестите имиња, не случајно, ни се Трпе и Трајче, и со тоа дури си правиме вицеви. Сериозни држави би се замислиле малку повеќе. Или ние, едноставно, сакаме да бидеме робови, да се самозаробуваме, да се самопонижуваме? Та зарем идејата за „Македонија вечна“ или „Македонија цела да е“, па дури и кога таа е Северна, е токму идејата на самозаробена Македонија? Неразбирливо. Дали само за мене, или …? Кога ние односно оние штабквартирни „историчари“ кои така здушно ги брани шестокласнион глумец-митингаш говориме за македонската историја, како ги објаснуваме сите ропства, погроми, окупации, поделби? Со вината на другиот, нели? При што нашата вина, нашата „свиткана глава (што) сабја не ја сече“ нема ни микрон удел во историските настани? Како впрочем ни она што до вчера се случуваше во државава, кога се крадеа избори, се убиваа луѓе, се множеа политички затвореници и се измислуваа предавници и непријатели, а сето тоа со целосната поддршка на (само)заробениот македонски граѓанин-слепец кој сето тоа (божем) не го гледаше и молкум го дозволуваше, во негово име? Па дури и денес, не само заради секојдневните реакции на се’ и сешто од страна на бандата и нивните симпатизери туку и на сите оние (само)заробени плитки умови, особено во културата, кои едноставно не сакаат да прифатат ништо друго – а камоли некакви нови и полиберални законски решенија! – што барем малку би ја ослободило македонската културна мисла и пракса. Па дури и оние неуки ќатовци, кои демек пораснале да се самонаречат „автори“, а кои пред дваесеттина години и’ ги врзаа прангите на културата токму со нивната глупост и незнаење, дури и тие, денес, повторно, имаат „мислење“!(?).

За жал, не се единствени. Ако погледнете повнимателно, ќе видите дека самозаробената држава е надмината само во некои сегменти. Некој ќе каже – големи, крупни сегменти. Можеби. На пример, имаме, конечно, демократска Влада. Ок, ама со тоа не се решава автоматски и проблемот на самозаробувањето. Само ако го прифатиме самозаробувањето како факт, онака како што ја прифативме и дијагнозата на Прибе за заробувањето и само малку ја прошириме и со нашата вина во тој чин, дури тогаш ќе започне вистинската војна против овој македонски феномен. Зашто – еве пак ќе ја земам културата за пример – што всушност расчистивме во културата од времето на самозаробувањето? Смената на неколкуте директори, усвоената стратегија, малку финеси и шминка во финансирањето …? А сето друго – по старо? И така ќе одиме во Европа? Можеби, ама повторно како културни измеќари, повторно како слепци, како што желно посакува онаа „авторкана“ чиј што најсмешен закон на свет (нешто како оној наш најхорор музеј на свет) се’ уште не’ држи во Балканската крчма?

ФИКС-ИДЕЈА ОД 17 МИЛИОНИ ЕВРА

Она што може сосема рамноправно да му конкурира, па и да го надмине во одделни сегменти, на капиталното упропастување на милиони евра државни пари тотално погрешно и некомпетентно насочени од страна на бившиот премиер како идеен конспиратор на „проектот“ и библиотекарот-академик како негов слуга покорни и реализатор на неговите сулуди идеи, е токму македонскиот музеј со најдолго име во светот, а кој што деновиве е посебно актуелен во нашава јавност. И обата „проекти“ комплетно ја илустрираат имбецилноста и на конспираторот – зашто спомнатиот „музеј“ е, повторно, негово идејно чедо – и на неговите следбеници, но најдобро ја илустрира идејата за самозаробената држава која што се’ уште грчевито се држи за македонското секојдневие. Ако библиотекарон-академик и неговите компањони писатели-криминалци, следеејќи ја умоболната умисла на малото овчарче дека тој е даден од господа на оваа земја да и’ ги поттури сите (божем) светски класици но и останатото издавачко ѓубре во очаен македонски превод, така и една група музејски тотално неписмени партиски војници верно ја следеа овчаровата фикс идеја дека тој знае повеќе од сите не само за историјата туку за се’ живо на овој свет. Па и за музеологијата, нормално. И му ја изградија фикс-идејата, „музејот“ од 17 милиони евра (со наши пари, се разбира), му направија „поставка“ (повторно со наши пари), домкнаа едно чудо самозаробен народ (сосе растениено од Водно!) на отворањето, и мислеа дека ни продале – музеј. Се разбира, тие ја продадоа тоест ја уновчија идејата за (божем) музеј на македонската државност и самостојност на безимената самозаробена толпа, сметајќи дека нивната власт ќе трае барем колку и османлиската на овие простори, а несметајќи дека веќе утре, тоест денес, некој може да рече: абе ајде да го видиме одблизу тој фамозен музеј! И таму навистина има што да се види, односно да не се види – зависи кој што бара да види (или да не види!) во еден музеј. Или, токму таму може да се види целата сушност на самозаробената држава, од почеток до крај, од идеја до реализација во една држава што се нарекува жална самозаробена (Северна) Македонија.

Но, токму и овие постфестум реакции на отпадоците на „најпатриотската“ македонска партија јасно упатуваат на сите финеси на мојата теза за самозаробената држава. Зашто, ако еден (самозаробен) и шестокласен „глумец“ толку порасна да појаснува кој е кој во македонската култура, и кој е кој во македонската историја и музеологија, тогаш – се’ би требало да биде јасно. Овој митингаш ниту знае што е музеј, уште помалку разбира што е музејска поставка. За историја ич да не говориме! Но е партиски шеф за култура, ни мање ни више! Или „најпатриотската“ македонска партија решила баш преку него конечно да си го демонстрира односот кон културата? Аферим! Но ако самозаробенине „историчари“ кои прифатија да ја реализираат сулудата идеја на нивниот шеф и да ја преточат во музеј (односно „музеј“) сметаат дека одбраната на нивното „дело“ треба да се објави, и објасни, токму преку партиско соопштение читано од еден партиски митингаш, тоа е сепак нивни проблем. И отворено сведочи за нивната „стручност“ камуфлирана преку штабквартирни објави. Но со тоа покажуваат дека ни тие, односно токму тие, ни знаат што е музеј а што историја, ниту пак умеат да ја направат таа разлика. Зашто музеологијата не е историја или – најмалку е историја. Ако веќе сакаме да ги поврзуваме, тогаш една музејска поставка, или конкретно таа музејска поставка што ги боли жмороните, е само визуелизација на дел од историјата. А тоа е сосема друга работа и посочените „историчари“ се тотални дилетанти во тој поглед! Впрочем, шестокласниот митингаш со (можеби) завршена некаква актерска школа требал (барем) да посочи, односно да документира што и како „стручњациве“ понудиле како концепт за поставката. Можеби да го понуди елаборатот што (не) го изработиле, а врз основа на кој што правеле нешто што повеќе наликува на циркус отколку на музеј? А за што биле дебело платени!? За среќа, можеби, ова ќе бидат последните денови на тој музејски моснтрум!

И всушност, токму тоа е мојата теза за самозаробената држава: каде такви „стручњаци“, такви дилетанти – а по примерот на овчарот сезнајко – се зафаќаат со сериозни културни, образовни, научни … државни работи, а остатокот од петтата колона аплаудира и нивниот „производ“ ни го нуди како нешто несекојдневно, како некаков дострел во посочените области, како репер за – утре. А, кутрите, појма немале ни што правеле ниту што требале да прават. Идејата водилка им биле имбецилните искази на нивниот водач за тоа како тој ја гледа историјата, како тој перцепира еден музеј, како тој ја замислува оваа Македонија како негова лична сопственост преточена демек во современа европска држава. И затоа и велам: не е проблемот (целосно) во него, туку – во нив! Да ги немаше нив, ќе го немаше ниту него: оние неброени, или конкретно изброени – ама џабе – самозаробени поединци кои од него – алоооо, од него! – очекуваа развој, прогрес, членство ваму и таму. Или – не очекуваа? Можеби токму тоа е најточната интерпретација на самозаробената Македонска држава, на самозаробените македонски поданици? Дека тие очекуваа дека ќе имаат самозаробена држава во која што ќе прават што сакаат? Без никој да им се меша во работите?

Какви тутурутки, мајко мила. И тие мислат дека воделе држава?! Или – не мислат, туку точно знаат што и како правеле, ама ние, па и Прибе, им придаваме премногу значење?!

КАПИТАЛНО УПРОПАСТУВАЊЕ

или

(САМО)ЗАРОБЕНА ДРЖАВА (3)

Значи, ако Прибе не е достоен за (каков и да е’) член на ману (малите букви се избрани заради нивната соодветност со моралот и угледот на институцијата), зошто тогаш неговите заклучоци за Македонија како заробена држава би биле валидни за нас? Некој треба да одговори, нели, Фити, или Камбовски, или кој и да е’ друг од поданиците? И дали тогаш Македонија, всушност, и не е / не била – заробена држава? Ако пак не била – што била? Слободен и демократски режим? И што беше тоа шти ни се случуваше цели дванаесет години? Додуша – не на сите, на поданиците ништо не им фалеше, ама сепак?! Ќе одговорат ли оние двајца, или некој друг од нивната „партија“? А пак мојата конструкција наречена самозаробена држава веројатно нема никакви шанси да преживее ниту ден, нели? Е да, кога навистина би било така или кога светот или, не дај боже, Македонија би се вртела според нивните параметри. Сепак, ако за еден – ај да не кажам каков – (растителен) претседател на држава може да се побара, и можеби ќе се побара, конзилијарно психијатриско вештачење за утврдување на неговата пресметливост и работоспособност, зошто тоа не може да се направи за една – велат врвна (sic!) – институција? Толку ли тоа би било проблем, или резил за државата? Та нели е поголем резил да се вештачи, психијатриски, претседателот на државата, ама не и овие другиве? Ако сме спремни за тоа, а сме, дефинитивно, зошто тоа не би го прошириле и на оние метузалеми? Па растението е сепак помладо од нив, иако и позелено, нели?!

Но, заробена или самозаробена, ситуацијата во Македонија, вчера но и денес, говори самата за себе. Можеби спомнатине двајца од ману (и повторно: малите букви се избрани заради нивната соодветност со моралот и угледот на институцијата), или некој од многубројните поданици од нивната институција, конечно, ќе ни понуди нивно видување за се’ што и’ се случуваше на државава во изминатата деценија и нештата ќе ни станат појасни? Иако се сомневам, искрено, зашто од нив, барем досега, сме добиле само сметки за исплата, но не и резултати. За ништо! Такви саможивници оваа држава нема доживеано!!! Нејсе, но, можеби треба да се биде упорен? Да ги потсетуваме почесто? Зашто, само како пример, еден мал, но значаен, и прилично, прилично скап сегмент од самозаробената држава беше оној таканаречен капитален издавачки проект што го водеше токму нивни член, оној партиски октроиран и особено национално запенавен библиотекар – академик, кој буквално, и повторно – буквално, фрли во ветер, или во мемливи подруми, милиони евра за „изданија“ што скапуваат во тие подземни лавиринти изградени од мафијата што ја зароби државата. Со негова помош, се разбира, и со помошта на неговите колеги – и мануковци и писатели – кои до денес не најдоа за потребно да им се извинат на државата и народот за тоа, но и за сите други злосторства што им ги направија. И сега, дали оние двајцана, или некој од Претседателството на ману (повторно: малите букви се избрани заради нивната соодветност со моралот и угледот на институцијата), можеби, или пак некој смел од Одделението за уметност при истата „институција“ ќе посака да каже збор-два во форма на извинување во негово / нивно име? Или ќе кажуваат дека не биле запознаени со неговите „активности“? Сигурни ли се дека баш не знаеле што правел библиотекарот и колку државни пари потрошил за будалаштините на неговиот партиски шеф? Навистина ли мануковците не читаат весници, не гледаат телевизија … каде на долго и на широко се воспеваа овие „успеси“ на злосторничкото здружение и каде, особено, со часови, во разноразни „културни“ емисии се пенавеше библиотекарот? И не ли им е срам денес, кога новинарите шетаат по скопските подруми и ги сликаат нивните (зло)дела? Велам нивните зашто, извинете, ама никако не ги двојам библиотекарот и неговите колеги мануковци. Не дека не сакам, ама – не можам, нелогично е дека само тој е виновен. Или пак неговите колеги писатели, особено оние од т.н. ДПМ, меѓу кои бројни беа токму едно чудо познати и демек признати македонски писатели, па дури и (само)кандидати за мануковци, кои седеа во одборите, бираа наслови, бираа преведувачи и слично. Ги избраа ли и подрумите каде што ќе скапуваат нивните изданија дебело платени со државни пари? Или сега сите се прават на удрени? Ама кога ги инкасираа хонорарите за злосторствата … знаеа за што беа плаќани? Почнувајќи од оној митоманон па надаље?

И сега, некому му треба подобар пример за самозаробена држава? Ок, ајде нека се јави па да се објасниме. Зашто, ако цело едно Друштво на писателите на Македонија, сосе една ману (повторно: малите букви се избрани заради нивната соодветност со моралот и угледот на институцијата), но и со едно чудо други божем компетентни поединци и институции – вклучувајќи тука и соодветни институти, на пример, па катедри за македонски јазик и книжевност и слични „научни“ инстанци – знаеа што и како се случува и сепак молчеа за злосторот, кого ќе обвиниме? Надворешниот непријател, оној кој (божем) не’ зароби, или овие кои не’ / се самозаробија?

И сега, ако ова му се става како грев на Прибе односно фактот дека тој не ја увиде оваа финеса во нашето (само)заробување, па заради тоа онаа ману (повторно: малите букви се избрани заради нивната соодветност со моралот и угледот на институцијата) не сака да го прими во нејзин состав, тогаш тоа е разбирливо. И прифатливо, ако е навистина така. Па тие луѓе целиот живот го посветиле на вистината, а се нашол некој од Германија да им држи предавање дека биле – заробени.

Или г-динот Прибе беше само културен кон нас и не сакаше да ни ја плесне вистината за нашето самозаробување в лице? А и што всушност нему би му значело некакво членство во некаква самозаробена ману?!