Monthly Archives: August 2015

ХОХШТАПЛЕРСКА КУЛТУРА

или

КУЛТУРА СПОРЕД ПРОВИНЦИСКА МЕРКА (3)

8.

Hochstapler е човек преварант, измамник, луѓе кои сакаат да бидат видени како нешто повеќе од тоа што всушност се, кои се претставуваат како нешто друго – поумно, попрофесионално, постручно, подобро – од нивните вистински капацитети, навлекувајќи си така костум со позначаен општествен имиџ. Нивната девиза е mundus vult decipi – светот сака да биде измамен! Се разбира, тоа не е точно, особено не во културата и уметноста. Измамите се можни, но секогаш се краткотрајни. Често хохштаплерите оваа мимикрија ја изведуваат во подолг период, безмалу со години, до мигот кога се разоткриени. А тој миг доаѓа, порано или подоцна.

Ние, денес, ја живееме деветтата години на хохштаплерајот во македонската култура и уметност, на удирањето в гради без основа и смисла, на измамите и (себе)промовирањето без мерка и критериум, не баре цела држава, па дури и светот, уживаат да бидат лажени. И, нормално, тука дефинитивно важи поговорката дека можете да измамите некого еднаш, можете да измамите и многумина многу пати, но не можете да ги мамите сите секогаш! Иако нашиве преваранти се се’ уште тука, се’ уште на државните јасли и во сите институции, нивната претстава одамна е прочитана. Публика има се’ помалку!

9.

Имено, затворените култури, културите без широчина на светогледот, провинциските 164 километарски култури без компаративни механизми и затутулени самите во себе, културите што подлежат на секакви други освен на вредносните мерила и критериуми консеквентно продуцираат – хохштаплерски култури. Во нив, по правило, има место за само за поединци и групи кои чекорат по една автоматизирана (во нашиов случај и партизирана) линија на диктат и октроирани тесноумни „вредности“, на наметнати правила и квази-критериуми, на малограѓански спектакли и ширење на шарена лажа. Мерката на врхушката, без оглед колку очигледно е провинциска и неука, е мерка и на државата и на поединецот. Нивниот маалски светоглед се трансформира во „легитимен“ општествен недоглед, нивната кич-естетика постанува државен стил! На таквата (не)култура поважен и е’ настапот на некој Кајмаковски на „Песна на Евровизија“ отколку презентацијата на современата македонска ликовна уметност во истиот град, на таквата периферно ориентирана култура поважен и е бројот на преведените (демек) светски книги отколку квалитетот на нивниот превод што никој жив не го разбира, на таквата државна „стратегија“ во (не)културата побитно и е’ да има илјада партиски хохштаплери во институциите отколку десетина професионалци.

Во таков од горе инсталиран хохштаплерски систем вирее единствено хохштаплерскиот пиреј на културата на измамата, на грабежот, на тендеризмот, на популизмот – сите сме култура, сите можеме се’ (само некои се подобро платени за тоа!), сите сме „уметници“ (само некои се уште подобро платени за тоа!) …! Ваквите провинциски култури несвесно го живеат Бојсовиот идеал, само што во нив „уметниците“ повеќе наликуваат на некаква лумпенпролетерска багра што ужива во државната благосостојба! Инаку, како ќе беше можен онаков (п)откуп на „уметнички“ дела за националните музеи, или како ќе беше можна ваквата легализирана естрадна и турбофолк пљачка на културни пари, или како ќе беа можни новиве цркви со платнени „фрески“ по ѕидовите, или како инаку ќе се „изградеа“ оние стиропорни кулиси низ Скопје и околу нив онаа циркузијада од „споменици“, или …?! Или, како инаку, во рамките на самонаречената културна манифестација „Топол културен бран“, финансиран од буџетски пари и промовиран од Министерството за (не)култура, носечки „ѕвезди“ би биле Здравко Чолиќ и Есма, „Слаткаристика“ и „Силви бенд“, Калиопа и Ламбе Алабаковски …?! И кога „госпожа“ министерка разговара со нејзини европски колеги – иако всушност и не разговара, да не се лажеме, не би можеле ни да се разберат – или држи говори на разноразни славјански „форуми“, што им кажува за карактерот на македонската култура денес? Можеби ги подучува како да ја тендеризираат и естрадизираат и нивната култура? А дали во нејзиното „обраќање“ на Светскиот форум за култура и културни индустрии ги извести присутните дека ние денес го постигнавме идеалот на тој тип „култура“ – ја преобразивме во целосно приватна „културна“ индустрија, од Табановце до Гевгелија!?

10.

Ваков тип на провинциска затворена култура, само(за)доволна култура без критериум, стандард и мерка не е непозната на овие простори. Беше практикувана и кај нас и во сите соседни некогаш социјалистички држави. Кај нас заврши бргу (периодот на соцреализмот 1945 – 1953), кај (некои од)  соседите богами траеше до 1991 година и падот на властодршците. Кај источните соседи еден од стожерниците на комунистичката култура беше Људмила Живкова, ќерка на Тодор Живков. Иако таа ги држеше сите (не само) културни конци во свои раце, сепак нејзината „политика“ имаше и светли мигови на отворање на бугарската култура кон светот, на поттикнување на бугарските уметници да се школуваат и усовршуваат вон Бугарија итн. Се разбира, Живкова беше и образована жена, за разлика од нашиве неписмени!

И сите соседи, за оние подалечнине од Источниот блок и да не говориме,  сите се извлекоа од таа малоумна кал, а ние по втор пат се давиме во неа. Доброволно, своеволно, мазохистички, не баре светот завршува на границите на Македонија. Самите себеси сме си мерка, самите си се прогласуваме за најдобри и најуспешни, самите си делиме награди … и светот почнува и завршува со нас … милина! (Додуша, и северниот сосед, под „културното“ водство на сличната на нашиве Мира Марковиќ доживеа во деведесеттите години реставрација на паланечкиот самозадоволен културен дух, но во многу помали размери од нашиов! Тие навистина ја промовираа идејата дека на светот прво настанале амебите а потоа Србите, ама не си го упропастија тотално главниот град!).

И токму таквата филозофија на паланката погодува на размножувањето на хохшташлерајот (и) во културата, каде успешно се продава кич и шунд, подгреан спектакл и загорен турбо фолк, каде пинџурот е извозен културен производ, каде има „кралеви“ и „кралици“ во секое правливо маало, а естрадниот шунд се издигнува дури на рамништето на револуционерство! Во што – во глупоста, во идиотизмот, во ограниченоста?

Ваквото директно од државата наметнато упросечување на вредностите, нивелирање на критериумите, форсирање на кич вредностите и културниот изолационизам, се разбира, ќе бидат погубни за македонската култура на долг рок. Заради многу причини, но прво заради фактот што самата култура не ги согледува ваквите состојби. Самата култура прифаѓа да се дави во шунд и непрофесиоанлизам, во не-вредност и провинцијализам, не успевајќи да развие соодветен одбрамбен механизам. Можеби таков и нема кога е во прашање „од горе“ наметната стриктна партизација и изолација, кога целата култура зависи од волјата на тр-четири неписмени или полуписмени персони. Но македонската култура ниту покажува свест за состојбите, уште помалку желба да ги надмине.

И џабе ни се сите приказни за „Македонија во срцето на Балканот“ кога ние самите се дистанцираме не само од тој Балкан, туку и од светот. Нашата денешна самодоволност скапо ќе ја плаќаат идните генерации, како впрочем и сиве овие кредити со коишто ја задолжија земјава. И нема да имаат време ни глава да кренат и да видат што се случува во светот околу нив. Ваквото државно поттикнување на културната и творечката изолација на земјата свесно ги хендикепира идните македонски културни генерации!

Кога шпанците ги откриле Канарските острови, нашле заедница на бели луѓе кои живееле како во каменото доба. Можеби споредбата е претерана, ама и нашата култура и уметност денес заличуваат како од каменото доба во однос на дострелите на културата и уметноста во цивилизираниот свет. Таму не ги бројат и делат гостите на фестивалите кој од каде доаѓа, туку се обидуваат со фантастични продукции да ги привлечат и оние на кои на памет не им паѓало да појдат на фестивал! Културната изолација денес не е веќе прашање на географија, туку на ум, она што ние докажано – го немаме!

ВИСТИНСКИТЕ ТИЕ

или

КУЛТУРА СПОРЕД ПРОВИНЦИСКА МЕРКА (2)

5.

Не знам дали некој може да си замисли на што ќе личеше оваа земја да имавме една ваква неписмена кич-културна политичка репрезентација во онаа 1945 година, кога оваа земја требаше да се покрене од средниот директно во дваесеттиот век? Јас можам, зашто денешницава евидентно ни ја проектира таа слика, секој ден. Веројатно уште ќе живеевме во колиби, а главни репрезенти на културата ќе ни беа Есма, Сузето и евентулано Калиопа. Трио снова, што би рекле. А во меѓународните води ќе пловеше „госпожа“ Алачки со нејзината презентација на македонската кујна и култура, за што и сегашново Министерство за (не)култура така широкоградо ја плаќа. И може ли некој да одговори од тоа Министерство – ако веќе „министерката“ е и нема и глува и слепа – која е таа македонска култура што ја шири „госпожа“ Алачки? Дали е тоа културата на пиперките и доматите, на сармичките од штавел или …? И која провинциска будала, да простите, одлучи финансиски да го помага (и) овој „проект“?„Госпожа“ Алачки ли стаса да биде претставник на македонската култура, или кујна, сеедно, дури во Јужна Америка, а оттаму и ширум светот? Според кои паланечки мерила, според какви налудничави критериуми?

Или, впрочем, и тоа не се разликува претерано од сите други „проекти“ што ова Министерство со години ги финансира, сведувајќи ја македонската култура на шарена лажа пропагирана од идиоти? На пример: концерт на Сузана Спасовска со гости, па концетна турнеја на Калиопа низ Македонија (бреее, ама турнеја!), па „проект“ од типот „Музичка вероисповед“, па нормално „Фолк-фест Валандово“ и „Лешочки фолк-фестивал“, па што би правеле без изложба како „Екологирање на екоЛобирање“ или „Огледалото на Мартек – сетете се на уметноста“ или фамозниот серијал сосема достоен за нас и наречен „Кич, да / сте или не“ (кој го смисли насловов треба да добие орден  од Хорхета), и нормално како последен бисер „Дијамант / серија Што е потребно да стане дијамант?“! Нормално, вакви „дијаманти“, има уште безброј – сите производ на нашава етаблирана паланечка културна мерка, толку агилно спроведувана од национално освестенава ама неписмена политичка „елита“.

6.

Какви се овие хоризонти што за македонската култура ги отвора една ваква (не)културна кич политика? Или таа не цели кон отворање на хоризонти, туку кон – затворање? Зашто, кои и какви хоризонти можат да отворат Есма и Сузе, Калиопа и Алачки? Можеби грешам, иако сум сигурен дека не грешам, ама дали (не)културната политика на оваа држава – ако веќе пледираме со сите сили да не’ нарекуваат држава – цели кон проширување на видиците на граѓаните или кон нивно замаглување, дали оваа провинцијална кич политика треба да го образува народот или дополнително да го заглупува? Чија е оваа (не)култура што ја гледаме секој ден во македонската реалност? Или „госпожата“ министерка сака да не’ убеди дека тоа сме вистинските ние? Не, зашто тоа можат да бидат само вистинските тие! Ние сме свикнале и сме пораснале на темелите на една поинаква свест и култура, сме партиципирале во и сме следеле поинакви културни матрици, а богами во извесни мигови и сме ја претставувале вистинската македонска култура и вон границите. Од каде тогаш дојде овој неписмен варварски бран, од каде се појави оваа некултурна булумента што руши се’ пред себе и се пали на турбо треси-меси и десетка со кромид? Или клечела во некое ќоше притаена и замаена во нејзините лажнозлатни ливчиња и мермери што личат на мермери а не се мермери и чекала погоден миг за преврт? Тоталната партизација и турбофолкеризација на македонската култура допрва ќе ги покажува резултатите / последиците, на оваа култура допрва и’ претстојат тешки денови на хемиско чистење и деконтаминација. Зашто загадувањата се секогаш побрзи и поефикасни, а противмерките долготрајни и со дискутабилен резултат. Но овој период на вулгарна естрадизација на културата, на нејзиното поистоветување со кичот како нејзина заменска форма секако ќе најде место во некои идни македонски учебници, магистратури и докторати. Зашто како да е измислена / создадена за темелни проучувања, за дијагнози, за елаборации и дисертации.

И тука не можеме да се правдаме ни со постмодернизацијата илити глобализацијата на кич културата, уште помалку со идентификациите / компарациите и со другите земји во регионот и во Европа, зашто ваква провинцијализација кај нив не се случува. Или, ако се случува, се држи под контрола и не се презентира како официелна државна култура како кај нас!

7.

Нашата провинциска мерка – односно нивна и никаква – е мерката на оние кои цел живот (или она нешто што го замислувале живот) мечтаеле за допир со квази-естрадата, со „славните“, за потпис на марамче или, можеби, на некој поинтимен дел од облеката, сонувале да седат на иста маса со „чаше ломим“ креатури, да муабетат уз кафе за нивните „успеси“. Нивните мерила не успевале да дофрлат ни до Табановце, за Гевгелија да не правиме муабет. И бидејќи, еве,  нивната партија им ги сервираше нивните животни пет минути, сега нивната мерка настојуваат да ни ја наметнат како општ  стандард, како државна култура. Во нивниот кич-свет функцијата (читај државата!) служи за исполнување на личните кич-желби. И токму затоа овој паланечки невкус во оваа антиквизирана вукојебинска – зашто не е дури ни балканска, и Балканот веќе се обидува да се ослободи од нас – „култура“ може да биде израз и производ само на некои лични, од поодамна и дијагностички потврдени постапки. Затоа и програмите ни се такви, затоа и „проектите“ ни се такви, затоа и критериумите ни се такви – никакви!

Впрочем, токму „госпожата“ што глуми директорка на нашиот „најреномиран“ (уште малку па европски!) фестивал во една прилика беше рекла дека сакала да го донесе Бочели на фестивалот. Ма види богати! Како да се тие тука пратени од господа да си ги исполнуваат личните желби и барања, нивните провинциски сништа и мечти, а ние треба да ги плаќаме. Среќа што оваа го потрефила баш Бочели (иако и тој спадна на пеење на промоции на „Алфа ромео“), можеше да биде и Маринко Роквиќ, според преференците на „госпожата“ министерка, нели!? Целата култура, за жал и уметноста, се сведе на нечија налудничава желба и критериум ала Мица трофртаљка.

И затоа кај нас во културата ни царува пирејот, а во уметноста кичот, затоа кај нас наместо изложби се вртат фиќовци во воздух и наместо скулптури се извишуваат карикатури, затоа нашиве „архитекти“ сонуваат passe’ стилови а градежнициве ѕидат со стиропор, затоа шарлатани ни продаваат „спектакли“ а естрадниве „ѕвезди“ им ги јадат парите на уметниците; додека македонските уметници ги бутаат на изложба во собчињата на македонската амбасада во Виена, „стручната“ македонска амбасадорка во истиот град приредува гала вечери во чест на Кајмаковски како последно пласиран на Евровизија …! И сетоа тоа веќе не е случајност, не е инцидент, бидејќи инцидентите се намножија и прераснаа во систем. Систем на неписмени и кичомани, на недокваквани, некултурни и необразовани кои личниот невкус го проектираа(т) на државно рамниште.

КУЛТУРА СПОРЕД ПРОВИНЦИСКА МЕРКА

1.

Еве и јас, како и Геровски, сакам да си ги проширам видиците, па ме интересира „колку треба да си потплатен, или уценет со фотографии …“ на коишто се случува не-знам-што, за да толку си ја мразиш културата, а со тоа и државата, се разбира. И со што се потплатени тие луѓе, која е нивната цена, или што тоа направиле за да уценувачите ги држат трака цврсто в рака па овие не можат да мрднат односно не смеат да го одречат велепредавството кон сопствениот народ и држава уништувајќи им го најсветото – културата? Или, можеби, културата не е приоритетна во оваа држава, можеме ние и без неа како што можеме и без многу други (за цивилизираните народи важни) нешта како морал, етика, хуманост, чест …?

Или, можеби, во културата и не се толку замрсени работите како што изгледа, како во другите (поважни) државни сектори зашто тука, во културата, нештата се веќе јасни како ден, а прилично е јасна и (не)одговорноста? Иако таа, (не)одговорноста, беше / е’ прилично јасна и во случајот Куманово, или „Диво насеље“, на пример, ама таму, колку што видовме, барем имаше одговорност, па нека е и фингирана. А има ли (не)одговорност во мигрантската криза, или во армијата со крпени униформи, или во загубените животи во тетовско … или и тука ќе се мислат кој и за што (би) бил (не)одговорен, и тоа во некоја од паузите при отворањето на „новите“ прозорци низ државава на едниот, или сладењето со пастрмки во ладовините на Охрид, на другиот?

2.

Повторно, за среќа, во културата (не)одговорноста е потранспарентна и е лоцирана кај еден и само кај еден човек – министерката за (не)култура! И Министерството за (не)култура! Одговорноста на целата Влада се подразбира, но таа е некако посредна, индиректна зашто конците по правило ги влече првиот човек на ресорот. И затоа тука нема многу премислувања во некакви и нечии потплатувања или уцени, со или без фотографии или некакви други заебанции. И затоа нема друг субјект кому би се упатило прашањето: немаше ли подобар начин да се потрошат народните пари за стимулација на домашната забавна „музика“ од онаквото безмилосно расфрлање по џебовите на локалниве провинциски „ѕвезди“? Зашто, веќе втора година овој вид „стимул“ на домашната забавна „музика“ (ако некому не му се јасни наводниците нека се јави, ќе му објаснам!) служи, да простите, за подбив и заебанција дури и помеѓу нашиве „ѕвезди“, но парите упорно се истураат небаре ги имаме отповеќе.

И не е последниов случај со македонскава „музика“ само уште еден спорадичен инцидент, туку е само потврда на правилото што во континуитет трае во македонската култура цели девет години, без прекин. Секоја т.н. годишна програма, секоја т.н. манифестација, секој т.н. проект е изблик на малограѓанската македонска некултура, производ без стандард и критериум, објава на локалниот провинциски менталитет за којшто сите веднат глава како да ни е тоа наметнато од некои други. Последниов случај со македонскиве естрадни „ѕвезди“ на нашево темно провинциско небо кои никој нит ги знае нит ги познава вон границите на Табановце и Гевгелија е само уште еден во низата државни дисквалификации на вистинската македонска култура, уште еден грозоморен чин на невкус и омаловажување на творечкиот чин во оваа земја.

3.

Впрочем, на кој, каков и (конечно) чиј невкус повладува ваквата културна „политика“ на македонското Министерство за (не)култура? Ако фамозниот самонаречен проект „Скопје 2014“ беше израз на невкусот односно кич вкусот на Главниот архитект и неколкумина околу него, а не’ чинеше околу 600 милиони евра, чиј е овој провинциски културен кич што од година в година арчи огромни суми пари и создава ненадоместиви некултурни дупки во свеста на младите? Ако „госпожата“ министерка дома ги слуша токму овие македонски „ѕвезди“, мораме ли и ние, мораат ли и нашите деца, внуци …? Ако оваа некултурна односно кич-културна македонска политичка врхушка се одушевува само на турбо фолкот и плагијатот, на ефтините стакленца и џиџи-миџи панаѓурски „спектакли“, мора ли цела држава да ја малтретираат со тоа? Која и каква е таа современа македонска (не)култура што се мери со самата себеси, од северната до јужната, од источната до западната граница? И кому тоа му раскажуваат приказни за гости (па дури од Франција!) кои специјално доаѓаат на „Охридско лето“? Па ако навистина има такви, барем еден, нека му платат престој во Охрид цела божја година. Заслужил човекот! А впрочем, по тоа ли се мери успешноста на еден фестивал? И од кога тоа токму „Охридско лето“ се наредило во редицата на реномирани европски фестивали, како што сака да не’ убеди фестивалскиот менаџмент? Со што? Баш со гостинот Франција? Знае ли оваа македонска (не)култура што всушност денес значи современ фестивал од тој тип? Или ние не поставуваме такви глупави прашања. Ние за се’ имаме наш одговор, наша мерка. Оној / онаа од Табановце до Гевгелија!?

Ние впрочем веќе не поставуваме ни други глупави прашања од типот што тоа значеше добра современа изложба, добар филм, добра претстава … Ние веќе не знаеме ни што е тоа добра културна институција! Нашето добро се замени со нивното „добро“ односно со нивниот кич со којшто не’ трујат секој божји ден. Културниот кич, паралелно со политичкиот и кичот и во сите други општествени пори во оваа земја, се инсталираше директно со државни средства и помош од највисоките државни институции, вклучувајќи ја тука и МАНУ.

4.

Македонија никогаш во овие седумдесеттина години самостојност немала ваков неписмен, кич-културен, необразован културен естаблишмент. Дури ни во првите години по 1945-та, кога на прсти се броеле факултетски образованите граѓани. Дури и тогаш постоела светст за потребата од културно описменување, од културно осамостојување но во релација со светот, а не со самите себеси или, уште полошо, со најнеписмените меѓу нас. Македонија никогаш порано немала вакви самоубиствени политики во културата што ја ставаат во редот на најрегресивните држави во Европа. И тоа нема никаква врска ни со лошата економија, ни со немањето странски инвестиции, ниту пак со некакви глобални или регионални заговори и геополитички срања на некои наши „аналитичари“. Тоа има врска со писменоста, со образованието, со културата, со способноста да се носиш со светот или – да останеш сам, на дното, во калта, во кичот и лажното злато  што некој сака да ни го претстави како култура!

(ТРАГИ)КОМЕДИЈАТА НИКАКО ДА ЗАВРШИ

или

КОНТИНУИТЕТОТ НА БЕЗЗАКОНИЕТО (3)

8.

Претпоставувам дека како што заврши онаа првична комедија со споменикот на Мајка Тереза, така ќе заврши и оваа, новава. Првата комедија, во 1999 година, заврши онака како што доликува на трагикомедија од балкански тип: со говори, поклонувања, спуштање односно кревање на завесата, аплаузи … и споменикот на Мајка Тереза едноставно – никна. На „ура“, наспроти се’, божем во почит на мајка Тереза, а всушност во слава на поединечни и / или групни интересни, наспроти законските процедури, контра здравиот разум и логика. На поклонение на таа тогашна комедија дојдоа најрелевантните во државата, почнувајќи од Претседателот на државата г-динот Глигоров па до сите тогашни актуелни претседателски кандидати (бидејќи во тек беа претседателски избори): Васил Тупурковски, Стојан Андов, Тито Петковски, Борис Трајковски … Во времето на (божем) деполитизацијата на културата, одамна не бевме виделе толку високи политичари заедно на едно место, и тоа на трагикултурен чин!

Дури, тогаш актуелниот Претседател Глигоров се поклони пред споменикот!? Се поклони – кому: на мајка Тереза или на споменикот? И тогаш и сега сакам да верувам дека се поклони на мајка Тереза, зашто втората варијанта би била премногу недостојна, особено за еден Претседател! Но, поклонението, не само неговото туку и на сите високи македонски политичари присутни на самото место, можеше да биде изведено и на изложбата посветена на мајка Тереза. И ќе беше подостоинствено. Заради следното:

Не мислам дека Претседателот на државата и другите (нај)високи македонски политичари мораат да читаат ама баш се’ што се пишува низ печатот, а особено не моите текстови во тогашниот „Дневник“. Но некој од нивните кабинети веројатно нешто прочитал, наслушнал, му дошепнале … дека не било баш се’ така чисто со споменикот што тогаш се подготвуваше да никне среде Скопје. И тие некои во кабинетите веројатно ги предупредиле своите шефови. Наспроти се’, сите дојдоа на поклонение! На поклонение на – дивоградба!(?). Како ли потоа, во кампањата, изгледало нивното залагање за закон, ред и поредок, правна држава и ситу други будалаштини што ни ги верглаа(т) постојано, кога во праксата го прават токму спротивното?

9.

За да сето ова не биде, и тогаш и сега, напишано неаргументирано, еве што велеше тогашниот Закон за споменици и спомен-обележја, (инаку донесен уште во далечната 1982 година). Имено, во членот 5 од овој закон децидно стоеше “дека за настаните и личностите… што треба да се одбележат со споменик се изготвува програма”. Па членот 6 детално ја опишува содржината на таа програма (настани и личности на коишто ќе им биде подигнат споменик, вид на споменикот, локација, основни елементи на текстот на споменикот итн.), членовите 11-16 ја пропишуваат постапката за подигање на споменик содржан во оваа програма (формирање на одбор, јавен конкурс, јавно изложување на пристигнатите проекти) итн. Програмата за којашто зборува законот беше донесена од страна на Собранието на СРМ (“Сл. весник на СРМ бр. 46/86 и 46/88), и во неа беа прецизирани сите споменици што долгорочно треба да се подигнат во Македонија, со точни локации, опис, други елементи и слично. Во неа, се разбира, го немаше овој споменик.

Но наведената Програма не беше света книга дадена еднаш за секогаш. Во неа беше предвидена можност за дополнување со нови споменици, според одредена постапка. Тогаш, во што беше проблемот? Зошто иницијаторите на споменикот на мајка Тереза не покренале постапка за дополнување на оваа Програма, како единствен валиден законски документ според којшто кај нас може да се подигне јавен споменик? Тоа беше едноставна процедура што можела да се заврши за месец-два (а за овој споменик тогаш се говореше  повеќе од шест месеци!) и се’ ќе беше – легално! Не верувам дека некој во Собранието на РМ би бил против таков ЛЕГАЛЕН споменик. (Убеден сум дека и мајка Тереза така ќе се чувствуваше подобро!).

Но, ако една до баналност едноставна процедура не била испочитувана, значи имало некаква “квака 22”, имало – нешто друго!? Што? Дали е тоа, на пример, обврската за јавен конкурс? Па ќе се јават и други уметници со свои проекти, па ќе има комисија, и тоа стручна, па … којзнае!? Но тука веќе би навлегле во сверата на фикциите.

10.

Сепак, она што е цврста и неумолива реалност е  следното: членот 30 од тогашниот Закон за споменици и спомен-обележја вели дека “со парична казна од 30 до 90 плати ќе се казни за прекршок организација на здружен труд, друга самоуправна организација и заедница и здружение на граѓани ако подигнат споменик или спомен-обележје што не се содржани во програмата од член 5 или во програмите од член 18 на овој закон, а споменикот односно спомен-обележјето ЌЕ БИДЕ ОТСТРАНЕТО” (подвлеченото мое)!!!

И сега – што? Нормално, сите и понатаму се правеа недоветни, удрени со мокра чорапа, како и на свеченоста на откривањето на споменикот! И ние сите поминува(в)ме покрај овој спомемник и го гледа(в)ме, ама како да не го гледавме. Споменикот постоеше, ама како да не постоеше? Дури, секоја година, на одреден ден, делегации полагаа цвеќе. На што, на дивоградба? Чествуваа на дрскоста на неколкумина да одат контра се’, баш тука да постават споменик, баш таков, баш од тој и тој, за да се види кој е моѓен во државава. Ама, еве, комедијата, сепак, никако да заврши! Се појавија нови моќници и сега тие им тераат инает, а овие плачат ко онакви!

Да не се разбереме погрешно: ни тогаш, во моите текстови, ни сега, не се залагам за отстранување на споменикот на Мајка Тереза по секоја цена, иако така велеше законот! На крајот на краиштата тоа е сепак некакво уметничко дело. Но, никој, толку години, и не помислуваше да бара решение на проблемот, никого, особено не надлежните, глава не ги заболе што некој пред нос им инсталирал незаконски споменик! А ова не ни се случуваше прв пат, и (тогаш напишав) нема да биде ниту последен. И тука можеби е основниот проблем со овој случај. Зашто, ако може еднаш, може секогаш! Како да се’ уште не можеме да се ослободиме од провинцијалниот начин на водење на работите, од онаа ситна селска итроштина дека кучињата лаат ама карванот си оди, од типично мафијашкиот стил дека со сила се’ поминува. И уште – ќе си го земеле споменикот назад!?!

11.

И повторно, комедијата никако да заврши. Само добива на интензитет, на енергија, на марифетлук. Оние подигнаа еден споменик, овие – цел град! Повторно со измама, со сила, со марифети. Буквално ја пресликаа постапката на овие што сакаат да си го земат споменикот назад, и тоа во сто чекори. Направија цела држава – дивоградба!

Ако во еден предолг период што го нарекуваме социјалистички се однесувавме на тој начин, зошто тоа трае – до денес? Или, всушност: ништо не се изменило?! Наместо уште тогаш да им го однесат дотичниот споменик – овој што оние сакаат да си го земат назад – пред домашната врата и да им наплатат за транспортот, плус законската глоба, нашиве власти, кои и да беа, се нацуцулија ко попчиња на свеченото отворање и дури се поклонуваа. И секоја година полагаа цвеќе!

Денес, во нешто видоизменети услови зашто самата власт инсталира дивоградби, повторно имаме свечени отворања и катагодишно поставување свежо цвеќе на дивоградбите од самопрогласениот преродбенички проект „Скопје 2014“. Самите дивоградат, самите свечено ги отвораат, самите поставуваат цвеќе. Милина! А самите ги носеа и законите, особено оној Закон за меморијалните споменици и спомен обележја, според којшто сосема прецизно е утврдено што е споменик а што спомен обележје и какви се процедурите и за едното и за другото. И никаде во законот не стои дека споменик може да глуми спомен обележје, дури и ако така му се нареди „од горе“. И ние да мора да веруваме во тоа. Се разбира, Законот што самите си го донесуваа кажува и многу други нешта, меѓу кои и таа дека спомен обележја се подигаат за настани и личности од локално значење, што  автоматски, според законот, им го симнува нивото на значењето на сиве овие личности (и настани) почнувајќи од Ацета, преку Ченто и останатите!

Но, Законот предвидува и нешто друго. Предвидува дека глоба во износ од 4.000 до 5.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правно лице подигне меморијален споменик што не е содржан во Програмата на Собранието! Е сега, нормално дека оваа власт нема самата себе да се казнува, и тоа за најмалку педесеттина споменици (по 4.000 евра еднакво 2000.000 евра!), плус се’ друго бесправно подигнато среде градов. Ако пак на тоа се додаде и обвинение за злосторничко здружување – што може да се примени и на првиот споменик на Мајка Тереза, оној што сакаат да си го земат назад – испаѓа доста работа за идниот специјален обивинител, нели?! Можеби дури тогаш, и на таков начин, дефинитивно ќе заврши и оваа македонска трагикомедија?

СПОМЕНИЧКО ЛУДИЛО

или

КОНТИНУИТЕТОТ НА БЕЗЗАКОНИЕТО (2)

4.

Дека ова е луда земја не сведочи само фактот дека еден уметник и еден спонзор / донатор намислиле да си го земат назад споменикот што своевремено, со помпа, му го подарија на Скопје, и тоа само заради фактот што сега и некој друг ќе прави споменик за истата личност. Иако нивниот споменик е чиста довоградба, исто како што ќе биде дивоградба и новиот споменик, од другава „уметничка“, а „донатор“ требаше да биде еден белосветски. Земјава дефинитивно докажува дека е налудничава затоа што, еве, во Битола, велат, скулптура ќе реализира и Руслан Сергеев, исклучително интересен современ уметник кој, за живо чудо, не е ни барокно ориентиран, уште помалку неокласик. Зошто и како власта го дозволува ова? Та зарем не може тоа да го сработи некој од нашиве веќе познати, и видени, „уметници“ кои ни го украсија Скопје? Зошто тие да не преминат и во Битола, малку и таму да заработат? Што ќе и’ е на Македонија некој од надвор, па уште и познат? И не знаеме што може да смисли, да направи? Ако направи и тој некаква „темна естетика“ па да ни ги зарази малите битолчанчиња? Овака, знаевме што може да направи Серафимовски, знаеме што може да направи Валентинчето. Чист рачун!

Но, да се вратам на темата.

5.

Имено, како и денес, и во времето на првиот (нелегален) споменик на Мајка Тереза, овој што овие денес сакаат да си го земат, локалната и централната власт соработуваа како лева и десна рака. Фатени со рацете во незаконскиот мед, почнаа да шират приказни дека тие всушност подигаат спомен-обележје (од неколку метри!), дека тука нема потреба од примена на (тогашниот) Закон за споменици и спомен обележја итн., се’ со цел да се протурка замисленото, иако целосно нелегално.

И тогаш, и денес, надлежните мислеа дека живеат во град на тапоглавци и слепци кои нема да видат дека наводното спомен обележје на Мајка Тереза достигнува височина од цели три (3) метри, а денешново исто така наводно спомен обележје на Ацета цели 15-тина метри. Никој од надлежните во таа 1999 година не одговори на прашањето зошто ни е уште едно (тооолкаво) спомен обележје на Мајка Тереза кога само неколку месеци претходно поставија спомен плоча (т.е. спомен обележје, по дефиниција) среде Скопје? Впрочем, никој од надлежните ни денес не одговара на истите прашања. Ниту пак објаснува ако ваквите шверцувани спомен-обележје ни се толкави, колкави (ќе) треба да ни бидат спомениците: 20, 30, 50 … метри? Како никој да не разбираше, или не сакаше да разбере, дека со вакво (квази) спомен-обележје од 3 и кусур метри воспоставува (квази) стандард што веќе утре ќе ни се удира од глава? Е тоа утре е денес, односно самонаречениот проект „Скопје 2014“ којшто сите споменици ги прогласи за спомен обележја само за да ја избегне законската (собраниска) процедура!

Но, споменикот на Мајка Тереза што денес сакаат да си го земат назад воведе уште еден квази стандард за којшто и тогаш пишував: дека донаторот на споменикот (читај: тој кој плаќа) определува каде и како ќе ја реализира  својата донација! Машала!!! Па така, на градот му требал, можеби, споменик на Самоил или Миладиновци, ама донаторот вели – не, тој намислил тоа да биде Мајка Тереза; или на градот можеби му требала концертна сала, ама донаторот вели – не, тој сака да гради спортска сала … итн! Значи градот ќе расте, ќе се развива и ќе се естетизира согласно замислите на донаторите а не според своите планови и потреби? А што ако некој американски донатор, некогашен рок-енд-рол тип а сега познат бизнисмен, намисли да „донира“ споменик на Елвис Присли, блиску до овој на Мајка Тереза? Или токму до Ацета? И тоа ли ќе биде – донација од скопски тип?

Оттука, “надлежните” на овој начин воведоа и втор квази стандард: дека секој со пари односно донација може во Скопје и Македонија да подигне споменик – кому сака и каде сака!!! И тогаш прашав: не им се чини ли дека е тоа премногу опасно? Нормално, одговор не добив, ама: „Скопје 2014“ и Главниот архитект, како и во се’ друго, го доразвија овој квазистандард па и со туѓи (народни) пари градеа како со свои – што, како и каде сакаат! И после некој ќе каже дека во македонската политика немало континуитет!!!

6.

И повторно: сериозно мислев дека некоја власт, која и да е’, кога и да е’, ќе го „реши“ овој споменик на Мајка Тереза. Прво заради фактот што е нелегален односно ги прекрши сите позитивни законски процедури, и второ, затоа што во суштина е лош споменик. Далеку е под нивото и на Серафимовски и на тогашната македонска скулптура. Дотолку повеќе што е и анатомски нелогична, односно невозможна (десната нога на Мајка Тереза е неприродно изместена, пробајте да застанете така!), иако скулптурата пледира на некаква реалистичност.

majka_tereza

Но, дури и да беше ремек дело, што не е, секоја нормална власт ќе мораше да го отстрани како пример за непочитување на законски процедури. И денес / утре, сосема лесно и легално, повикувајќи се токму на тој чин, ќе може(в)ме да се решиме од кичерајов низ Скопје!

Но затоа, во оваа луда држава – меѓу другото и заради ова, на почетокот, напишав дека ова е дефинитивно луда земја – во 2008 година беше отстранета како нелегална бистата на Тодор Александров поставена во приватниот двор на Драги Каров во Велес. Локалната власт на Велес, пишуваше тогаш „Дневник“, соопштила дека со програмата на Советот на Општината не била  предвидена ваква биста на Тодор Александров и тие побарале да биде отстранета. (На овој типичен наш куриозитет ме потсети Рамадан Рамадани, за што му благодарам!). А како и можела да биде предвидена со некаква општинска програма, кога човекот си ја подигнал бистата во сопствениот двор, со лични средства?

Па оттука, кај нас човек не смее ни во сопствениот двор да си постави биста на некоја историска личност која ја почитува (од едни или други причини), но некој донатор, или пак локалната и државната власт, можат (во наше име!) сосема бесправно да подигаат споменици на кого сакаат и каде сакаат! Или Тодор Александров е непожелен, ама Мајка Тереза е добредојдена? (Но, се разбира, во лудите држави апсурдите секогаш победуваат: само пред две-три години оваа власт – повторно лажејќи дека подига спомен обележје – му подигна цел споменик на истиот Александров, на коњ, под полна воена спрема, среде Кисела вода! А Мајка Тереза? Е неа овие двајцава ќе си ја земеле зашто власта ќе градела уште еден споменик. Чисто лудило! ).

7.

Конечно, останува да виси во воздух прашањето: зошто всушност нам ни беше потребен закон во оваа област, па уште и законски донесена долгорочна програма што ќе предвиди на кои значајни настани и личности, важни за оваа држава, ќе им бидат подигнати споменици, и какви? Затоа што во оваа област во изминативе 50-тина години во Македонија се случуваше токму ова што се случуваше и во 1999 година, но и денес: безредие, беззаконие, илагала, споменичко насилие … Низ Македонија беа изградени секакви споменици и спомен-обележја. Некои достојни на личноста или настанот, достојни и на називот јавен споменик, но и секакви други! Дури срам да те фати. И овие другиве се во значително поголем број. А се граделе токму на денешен  начин, по диктат на полуписмени властодршци, партиски профитери и селски кметови. Важно било на ура да се одбележи со споменик култ-от кон личноста, кон настанот… И „никнувало“ се’ и сешто!

А се решавало слично како и во сегашниов скопски случај: решавале некои “надлежни” – некои од општинските собранија, комбинирани со претставници од општинските комитети, па сојузите на борците … итн. И споменикот – никнал! А, вообичаено, можело да се претпостави и кој уметник ќе го работел споменикот. Односно, поголемиот дел од уметниците си ги добивале спомениците во нивниот роден крај или според слични роднокрајни врски! (Освен ако во меѓувреме не се преселиле во Скопје, но врските долго и успешно функционирале!). Се разбира, и тоа време не било баш толку „диво“ како денешново бидејќи има(ло), останале и доволен број исклучоци, особено за поголемите споменички зафати, кога се’ одело по некаков канален ред: со конкурси (јавни или повикани), со стручни комисии и слично. Така впрочем Македонија и доби неколку вредни јавни споменици. Односно споменици што можат да се наречат и – уметнички дела!

Односно идејата на законското и програмското регулирање на оваа материја беше токму таа: секој споменик финансиран од јавни средства да биде транспарентно програмиран и процедурално реализиран. Само така државата можеше да воведе ред во оваа област, а културата ќе добиеше споменици што ќе можеа да се вбројат во уметнички (ремек) дела! Ама редот и поредокот некогаш не ни одговараат, нели?

НИВЕН И / ИЛИ НАШ СПОМЕНИК

или

КОНТИНУИТЕТОТ НА БЕЗЗАКОНИЕТО (1)

1.

Да не спомнеше г-динот Томе Серафимовски дека, со Трифун Костовски, сакале „на еден законски начин“ да го реализираат (во 1999 година) споменикот на Мајка Тереза во центарот на Скопје пред некогашната католичка црква „Свето срце Исусово“, можеби и ќе си премолчев. Да не спомнеше и пред некој ден г-динот Трифун Костовски дека тој, со г-динот Серафимовски, се навредени од тековните реализации на последната (којзнае дали е последна?) глупост на Владата на РМ да ја реализира идејата (на индискион лажго) за нов споменик на блажената Мајка Тереза среде центарот на Скопје и дека размислуваат да си го тргнат „нивниот“ споменик, можеби пак ќе премолчев. Ама, ко за беља, ги најдов текстовите што во таа 1999 година ги пишував апропо тогашното инсталирање на нивниот споменик, и ме заскокоткаа прстите. Особено што сега испаѓа дека тие двајцата нешто ни дале нам, на неблагодарните скопјани, а сега сакаат да си го земат назад. Зашто, изгледа, ние тоа – нивниот споменик – не го заслужуваме. И можеби требаше со голи гради да го браниме односно да не дозволиме, прво, да се изгради „оној невиден кич од архитектура наречен дом на Мајка Тереза“ (Т. Серафимовски) пред нивниот споменик, и второ, да легнеме сите заедно пред да се постават темелите на новото чудовиште во центарот на Скопје, посветено повторно на Мајка Тереза?

Меморијата е опасна работа. Кога функционира, ако функционира. Односно, не се сеќавам дека господава – лично и персонално – реагираа и по првиот и по вториот повод. Не, напротив, ракоплескаа и се редеа да му честитаат на Големиот архитект на неговите идеи и успеси. А сега нас не’ буцкаат да си ги вадиме очите со него. Или – ќе си го земеле споменикот (!?) односно ќе го преместеле на „некое посвето место“! Мислам дека јас тоа, или нешто слично, го предлагав уште во далечната 1999 година, кога го поставуваа на сегашната локација. Зашто (и) тој споменик е комплетна дивоградба, како и сето денешно „Скопје 2014“, вклучувајќи ја и најновата скаламерија на Големиот архитект посветена (божем) на блажената Тереза.

2.

Се разбира, ништо од тоа не е точно, односно не беше така како што двајцава денес сакаат да го прикажат. И, да бидам искрен, мислев дека во овие пет-шеснаесет години ќе се најде една влада што ќе стави ред на узурпациита и беззаконието во оваа област. Односно, мислев дека ќе се најде човек кој на узурпациите ќе одговори со ред и закон и прв на удар ќе се најдеше токму тој споменик на Мајка Тереза, насилно и незаконски инсталиран пред очите на целата македонска јавност, а сега прикажуван како некаква жртва на денешниве малверзации.

Имено, уште тогаш пишував дека Скопје, без оглед на постојаниот растеж и развој, секогаш ќе си остане некаква чудна балканска касаба. Градот и понатаму ќе се шири и ќе се (пост)модернизира, ќе се раѓаат и ќе растат нови и нови генерации … а менталитетот ќе остане – ист! Оној типичен, балкански, паланечки, малограѓански, кафеански менталитет и начин на шушкање и озборување, на “јавни тајни”, на филозофијата (ако тоа воопшто може така да се нарече) “не се замерувај”. А “нештата” навистина се случуваа(т), сите знаат, сите муабетат, а јавно – молчат!? Молчи државата, молчи Скопје, молчи културата, молчат уметниците … ! И тогаш, и сега, некако сакав да верувам дека нештата сепак ќе мораат да добијат нормален, демократски, јавен тек … Можеби сум го мислел Скопје поинакво: возрасно, мудро, умно, европско. Излегува дека не е така!

И пред пет-шеснаесет години се чудев зошто му е на Скопје споменик на Мајка Тереза? Не сум достоен и немам апсолутно никаква намера да ставам дури и интерпукциски знак на животот и делото на таа жена. Нејзиното дело е споменик! Сепак, Скопје / Македонија, во тоа време, немаше споменик на Самоил, Карпош, Прличев, Пулевски, Миладиновци … На мајката на (можеби) сите мајки Скопје и’ оддаде почит со спомен плочата во центарот на градот. (Не дека таквото ликовно-естетско-споменичко решение особено ми се допаѓаше, но сепак…). Ама, и тогаш, како и денес, остана нејасно кој беше тој / тие што одлучил(е) дека Скопје задолжително треба да има споменик на Мајка Тереза? Зошто, како, според кои критериуми? Та нели веќе има спомен плоча, нели велеа дека ќе се снима и игран филм, итн? Впрочем, Гонча Бојаџиу го спомнуваше Скопје само како роден град, и толку.

Но, најважно, оваа држава и тогаш имаше Закон за споменичко одбележување на настани и личности, многу сличен на денешниот. Според него, никој во оваа држава не смее да поставува споменици на настани и/или личности спротивно на законот. И законот велеше дека во оваа држава ќе се донесе Програма за споменичко одбележување на настани и личности, во којашто децидно ќе бидат набележани сите настани и личности во Македонија на коишто ќе им биде подигнат споменик! И таа Програма беше направена односно изгласана од Собранието на (тогаш) СРМ! Во неа, сепак, го немаше навестуваниот споменик на Мајка Тереза!!! Многумина ќе речат дека во тоа време не можело да се предвиди се’. Точно, но спомнатиот закон водел сметка и за тоа па предвидел дека претходно спомнатата Програма може да се дополнува и со нови споменици, но според прецизно утврдена процедура! (Што, се разбира, во случајов не беше направено!). Понатаму, пишував пред пет-шеснаесет годидни, кои се тие – или тој – што го плаќаат овој споменик? И зошто го прават  тоа? Не ги знаат  ли законите во оваа држава или тие ништо не им значат? Дали, навистина, парите кај нас значат – се’?! Дали навистина со пари кај нас може да се купи  се’? Па дури и – споменик?! (На што: на парите?). Конечно, не помислиле ли тие “спонзори”  дека целото случување за нив ќе биде само – лоша реклама?

И конечно, значи ли тоа дека воведуваме ризична пракса на “принцип” секој да подига споменици каде ќе му текне и како ќе му текне? Само заради тоа што – има пари?

mothertereza1

3.

Целава скопска (или, ако сакате – македонска) можеше да се постави и поинаку. На пример: Скопје треба да има споменик на Мајка Тереза; таква одлука донеле надлежните државни органи; таквата одлука била донесена во склад со законите на оваа држава … И потоа, што? Нормално: се распишува конкурс, се формира комисија, се пријавуваат уметници, комисијата избира најдобар проект … градот / државата добива културен споменик!

Некој ќе рече: да, ама финансиерот не сака да плати за културен споменик туку – за некаков друг. И тоа е за почитување. Секој си ги арчи парите за нешто. Така и овие спонзори. Но, нека платат за одбраниот споменик, ама нека си го постават во сопствениот двор. Едноставно: не можат / не смеат нивното незнање, или несакање, или непочитување…  да (ни) го сместуваат во центарот на градот!

Скопје и тогаш, како и денес, имаше дури отповеќе јавно декларирани надобудни набљудувачи, историчари, пишувачи, хроничари, архитекти, уметници … кои, велат, толку го сакаат градов што се’ би дале за него. Во дадениот случај, како впрочем и денес, сите – молчеа!

Во тоа време искрено посакував споменикот на Мајка Тереза да биде пристојно уметничко дело, реализирано преку позитивните прописи и процедури, без лаги и малограѓански измами. Не се оствари ништо од посакуваното! Нејсе.

Тогашниот мој текст беше објавен на страниците на “Дневник”, а во оригиналот имаше наслов “Култ-ура од неколку метри”, сакајќи да ги потенцира токму некултурните аспекти на поставувањето на споменикот на Мајка Тереза во центарот на Скопје. Требаше едновремено да потенцира дека култ-овите од минатото навистина се’ уште ни траат и дека на ура можеме да направиме буквално – се’!

Тогашната редакција на “Дневник” изгледа не го беше бендисала мојот оригинален наслов, па поимот култ-ура го беше заменила со “споменик”, такашто текстот се појави со наслов “Споменик од неколку метри” (28 август 1999). Не знам зошто била извршена оваа измена; можеби поимот култ-ура им изгледал премногу некултурен за еден таков споменик!?

Меѓутоа, многу бргу се покажа дека оваа измена во насловот била одлична замисла, зашто низ сите тогашни весници (“Дневник”, “Утрински весник” и другите) “надлежните” почнаа да коментираат и да “објаснуваат” дека всушност и не станува збор за споменик туку САМО за спомен-обележје на Мајка Тереза! И ете од каде потекнува идејата за изигрување на законот и за  сите „спомен – обележја“ високи по десетина и повеќе метри во фамозното „Скопје 2014“. Но за тоа во следната прилика.

МИЛЕНИЧЕ СО МЕВ БЕЗ ДНО

1.

Единствен соодветен наслов што можеше да се сретне низ македонските медиуми апропо најновата вест за новите апетити на Музејот на македонскиот хорор беше дека „Музејот на ВМРО ќе проголта уште 611.276 евра“. Сите други се бавеа со некакви еуфемизми од типот „ќе се потрошат“ или „нови средства за Музејот“ и слични глупости, заобиколувајќи ја суштината односно, подобро речено, избегнувајќи ја, како и многу пати до сега. Зашто, не дека се потребни, уште помалку неопходни, туку секоја година, по правило, овој музеј едноставно мора да голтне солидно парче од македонскиот културен буџет, а за што секогаш се измислуваа „соодветни“ причини. Овојпат, тоа да ти било за изведба на работи за ентериерно уредување на конференциска сала. И, ни мање ни више, шест стотини илјади евра, и малку повеќе, за почеток. Зашто како што кај нас одат работите, треба прво да се почне со извесна сума, па таа понатаму континиирано ќе расте како што на нашиве стручњаци преку ноќ ќе им доаѓаат нови идеи односно ќе им растат апетитите.

И ако некому кажете дека овој „музеј“ беше (свечено, нормално!) отворен само пред четири години, нема да верува односно ќе праша зарем тогаш не била уредена конференциската сала. Што за наши прилики не би било чудно, нели. Ама сепак, оваа била, ама како да не била. Сега требало повторно, зашто „сега ќе се врши пренамена, односно ќе стане мултифункционална“, кажал директорот на музејот. Значи до сега не била мултифункционална. Била обична, монофункционална! А сега „… поради големиот интерес решивме да направиме промени, за да тука можат да се одржуваат и други настани, а не само конференции, на пример да може да има и концерти“, повторно не’ просветлува директорот Светозаревиќ. Плус, ако некому кажете дека ова милениче на новата македонска преродба со мало „п“ достигна цена од цели 15 милиони евра иако основниот договор бил склучен на само 4,5 милиони евра – што ќе рече дека чинел речиси четири пати поскапо од предвиденото – не знам дали ќе може тоа да то разбере. Иако, нели, нас веќе никој не се ни труди да не’ разбере. Тоа е невозможна мисија!

2.

Не мислам дека оваа најнова глупост е и најголемата глупост со овој музеј. Таа, најголемата глупост, беше самата негова изградба, под директни упатства на Главниот архитект, тогаш во улога на Главен музејски советник. Ама, после се изредија уште десетици нови глупости. Но никој не прашува како е можно денес, во втората деценија на дваесетипрвиот век, некој да проектира (и изведе) музеј, а само по четири години да се покаже дека ете неговата конференциска сала не била функционална, односно била монофункционална ама требало да биде – мултифункционална! Зашто таму требало да се оджуваат и концерти! Брее, ова стручњациве сакаат едновремено да имаат и музеј, и концертна сала, и конференциска сала (за не-знам-какви конференции!) и можеби ќе посакаат и свемирски центар … Којзнае што ли ќе смислат понатаму, по следните четири години?

Но никој не прашува што всушност се случува во тој „музеј“ на планот на музеологијата, што работат тие луѓе внатре освен што расшетуваат по некој заталкан турист? Иако на една тарапана каква што направија, на тој „музеј“ и не би можела да му се најде некаква основна функција. Зашто, велат, во објектот е сместена музејската поставка со презентирани 109 восочни фигури и 16 слики-портрети (не знам зошто овие во „музејот“ потенцираат дека се уметнички!?) на македонски дејци, револуционери и интелектуалци, потоа 80 слики (повторно уметнички, се разбира, иако ни во нив нема ништо уметничко!) со масовки (главно битки, па говори и слично) на значајни настани од нашето (нормално, богато) револуционерно минато, па макети, карти, оригинални предмети (документи, фотографии, весници, брошури, албуми), па оружје итн. Не знам зошто забораваат да спомнат дека имаат и речиси театарска претстава со сцени од мачења и сл.

Арно де, ама останува нејасно која е основната дејност на „музејот“, што тој проучува, со што се бави, кој му е делокругот на работа, што по цел ден прават тие кустоси таму? Зашто дејноста на овој самонаречен музеј личи на збирштина од воено – историски музеј со играни (театарски) елементи и (самопрогласена) уметничка нишка. Односно го има сето она што и досега го имавме во неколку музеи, особено во Музеите на Македонија (историскиот дел), ама сега го имаме за цели 15 милиони евра повеќе.

Е на сето тоа, плус монофункционалната конференциска сала, им фалела уште и мултифункционална сала за концерти, за плус нови 611.000 евра, со тенденција за нов раст. Феноменално!

3.

А што е најинтересно, никој не прашува зошто му е на „музејот“ таква сала, па уште и мултифункционална, кога тој не си ја врши ни основната дејност, ако воопшто знае која е и каква е. Се разбира, таа, дејноста, се дефинира на самиот старт со идејата за таква институција, од неа почнува елаборатот за општествената оправданост за трошење на толкави државни пари, итн. Нормално, Главниот музејски советник тоа не го знаел. А и како би го знаел кога вокацијата му е архитектура. Уште помалку тоа го знаеле и оние „стручњаци“ во Министерството за (не)култура, на чело со „министерката“, угнездени таму само да слушаат наредби.

Зашто, инаку, некој малку да се заинтересираше за работата на овој „музеј“ и само да ги пролисташе годишните програми на оваа институција, ќе видеше дека таму станува збор за се’, само за работа – не! Таму, всушност, од стручна гледна точка не се случува ништо. Освен по некоја пригодна изложбичка на разгледници и други глупости како (само)промоција на колекцијата на директорот, инаку соодветни за некој локален музеј. Ама затоа, овој „музеј“ е едно од миленичињата на нашава нова преродба со мало „п“, во ранг на еднакво смешнана „Порта Македонија“ или Ацета Македонски, па сообразно на тоа му се услишуваат сите налудничави желби. Иако, признавам, веќе и не се знае чии се’ желби исполнува преродбава.

Па така, на пример во оваа 2015 година Музејов на македонскиот хорор (според Програмата за финансирање на јавниот интерес) ќе работел на следново: откуп на историски предмети, превентивна конзервација на мобилијар и дрвени предмети од сценографијата и микроклиматско решение на депото (sic!). И ова (уште еднаш) ќе потврди дека при планирањето на овој „музеј“, ако воопшто може да стане збор за некакво стручно планирање, не заборавиле само на конференциската сала, туку и дека депото треба да има некакви современи микроклиматски услови! (Иако не се знае што тие чуваат во депоата. Можеби си го чуваат доручекот, па да им биде студен, или топол, односно на соодветна температура?).

Во 2014 година овој „музеј“ ги оправдал вложените во него 15-тина милиони евра со само еден (1) „проект“: Музејот – пријател на децата. Се преработиле. Во 2013 година овој „музеј“ имал една „Филателистичко – картофилска прошетка низ музејската поставка“ и една изложба на стари фотографии од Македонија во османлискиот период! Сега јасно е што (не) работи овој „музеј“?

4.

Ако некому до сега не му беа јасни очебијните диспропорции во третманот на националните институции (не само во оваа област) од ова Министерство за (не)култура, белки сега ќе им се разјасни. Згора на тоа, не можам да се сетам која друга национална институција во музејската дејност има(ла) ваков повластен третман да троши пари како што ќе им прдне на памет на неколкумина полуписмени стручњаци. Особено не за вакви будалаштини крстени „мултифункционална конференциска сала“. Можам да се сетам на еден сличен пример од пред седум-осум години кога Мултимедијалниот центар „Мала станица“ – сега тотално упропастен – бараше средства (од ова исто Министерство) за слична (од стартот планирана и елаборирана во проектот) сала која што требаше да чини десетина пати поевтино од оваа и, се разбира, не ги доби средствата. Ама овие ќе ги добијат, и пак ќе ги „изедат“ во неповрат, и пак ќе бараат нови, за нова будалаштина … Што ти значи да си милениче на една преродба, па нека е и со мало „п“!

КУКАВИЧКА ПРЕРОДБА

или

МАКЕДОНСКА „РЕНЕСАНСА“ (4)

12.

Можеби токму овој 2 Август, можеби токму говорите на „преродбениците“ по повод празникот ни ја открија вистината за оваа „преродба“ со мало „п“, вистината за неостварените болни (да не речам погрд збор) амбиции, цели и идеали? Зашто, врз основа на оној испрдок наречен „Скопје 2014“ да се споредуваш со Илинденците (Груев, Делчев, Карев, Гули…) или антифашистите (Рацин, Димов, Корчагин, Јосифовски, Апостолски … да не ги спомнувам повоените генерации кои лично ја изнедрија втората Преродба) е малку налудничаво, нели? Зашто тоа веќе не е (само) недостаток на неопходната скромност, на морал, на чест и на сите други доблести што обично ги красат сериозните политичари, луѓето воопшто. Тоа е веќе нешто друго, богами. И згора на тоа, на таков празник да ги плашиш луѓето со жива беда мигранти, со терористички намештаљки, со којзнае какви апокалипси само ако некој друг дојде на власт? Та зарем така им се обраќале на Македонците Делчев и Груев, плашејќи ги со турскиот аскер или со бандитските чети, тoа ли биле „идеалите“ на комунистите и антифашистите – да го заплашуваат народот во недостаток на подобри идеи во клучни мигови? И со тоа ли сакаат овие да се споредуваат со оние?

А делата, ќе проговори ли некој за делата? Ама за оние вистинските – баш за оние девет проспиени години, за оние милијарди поарчени на глупости, за други милијарди изнесени којзнае каде, за затупавената администрација, за уништената култура и уметност, за инвеститорите од fucking Virgin Islands, за иселените 400.000 претежно млади од земјата, за …? Дали комунистичките „агитататори“ – како што овие „преродбенициве“ уживаат да ги нарекуваат – му говореа на населението да се сокрие ко глувци во куќите зашто пред влезовите може да им осамнат, да ги начекаат германски или бугарски „мигранти“ и/или терористи? Оние низ шумите гонеа окупатори, овие по улици тепаат новинари. Каква „смела“ генерација, силна на вилици!

13.

Токму затоа, но и не само затоа, оваа цела „преродба“ мириса на неспособност и незнаење, на дилетантизам и политикантство, на затскривање зад минатото и кукавичко несоочување со сегашноста. Зашто, лесно е да се држат говори, потешко е нешто да се направи: да се направи како што треба, според европски и светски стандарди и критериуми, како што доликува на времето и условите, како што тоа го прават сите цивилизирани народи / држави. Зашто лесно е да се копираат туѓи достигнувања, да се пресликуваат туѓи идеи, да се нагрдуваат низ фалсификати дури и уметнички стилови, тешко е да се биде оригинален, уште потешко таа оригиналност да ти ја признае светот.

Впрочем, токму во тоа и се состои целиот кукавичлак и на „преродбава“ и на нејзината (единствена) „круна“ – самонаречениот проект „Скопје 2014“: таа нема намера да се бори за признавање, нема амбиции да го „достигнува светот“, нема за цел да се споредува со другите. Нејзина една и единствена цел е да се самофали, да се споредува со себеси, да се мери и одмерува со локалниот национализам и ксенофобичност, со домашниот простаклук и незнаење. И, се разбира, патем да заработи по нешто за сите „патриоти“ и „преродбеници“, секому според заслугите (што допрва ќе го проверува спец-обвинителот!).

Малку им беше кражбата на стилови, па почнаа да крадат и дрва тоест палми. А шапшалон гледа преку плотот во Рим и Мадрид и се водушевува од нивните палми. Или во она негово свирипичино од коешто беше дошол, растел под палми? И под барок?! Поарно да се опули кон Тетово, каде во 21 век гинат луѓе, и деца, од порои. Е тоа е новата македонска преродба – ваму стиропорна шампитна скаламерија, таму свлечишта што носат луѓе!!! И бидејќи повторно ги спомнав Рим и Мадрид како врвен „македонски сон“, дали можеби таму „преродбенициве“ виделе дека фалсификатот е врвната уметност во тие метрополи? Иако, за овие нашиве „објекти“ и зборот фалсификат е епитет. Ама можеби во нивните римови и мадриди така се гради, со стиропор и „мермер што лични на мермер ама не е мермер“. И чини поскапо иод автентичниот мермер. И дали и во тие Рим и Мадрид организарано, како на работна акција, носеле сликари од Украина и Белорусија да им ги сликаат херојските историски дела, по наш „вкус“ и според епопејски налудничавите замисли на нашите „историчари“? И дали и во тој Рим (за Мадрид не знам, ама може да се провери) им ги давале фонтаните на изработка на шестокласни занаетчии или пак на уметници и архитекти од форматот на Бернини (Fontana del Tritone, Fontana del Quatro Fiumi), Салви (Fontana di Trevi), Липи (фонтаната во Villa Medici), Мадерно и Бернини (фонтаната на плоштадот Св. Петар) и др. А спомениците и скулптурите?

14.

Затоа, велам, има ли поголем кукавичлак од недовербата во своето умеење, во презирот кон сопствената традиција и уметност туку барање туѓи решенија, „прераскажување“ на странски приказни / искази, копирање на одамна мртви решенија? Каков е тој страв на овие преродбеници да се соочат со уметниците на своето време, со уметноста на нашето доба, со оригиналната современа домашна уметничка мисла, туку се задоволуваат со оригинални фалсификати?

Од каде тој страв од соочување со светот и светските влијанија, уплав од современите текови во културата и уметноста, од натпреварот во идеи и дела? Каде ли ќе беше оваа Македонија ако и илинденците и антифашистите така ја затвореа македонската национална мисла? Каква е таа преродба што ја носи земјата во минатото наместо во иднината? Оттука, оваа кукавичка преродба ќе има свое историско место по кое плаче „режисерчено“, ама тоа место никако нема да биде такво какво што тие го посакуваат. Таа измислена преродба ќе биде пример на регрес и декаденција, на неспособност и неодговорност, на кукавичлак и простотилак! И никого не ќе можеме да обвиниме за тоа, освен самите себеси!!!

ФАЛИЧЕН ИСПРДОК НА ПОМАТЕНИ УМОВИ

или

МАКЕДОНСКА „РЕНЕСАНСА“ (3)

9.

Не случајно минатиот пат завршив со основањето на првите македонски национални / културни институции во времето на втората македонска Преродба (по 1945та година), оние институции кои за прв пат во македонската историја работеа на кодифициран литературен македонски јазик, ја фундираа македонската културна, образовна, научна и друга мисла. Оние истите институции што денес се на директен одмазнички удар на новава „преродба“, како да се основани од марсовци а не од (истите) македонци. Или овие денешниве преродбеници се некои други македонци – асли македончишта – штом си дозволуваат такво понижување и деградација токму на тие институции? И треба ли навистина да се набројуваат сите што потпаднаа под ударот на овој нов преродбенички камшик само заради тоа што овие „македончишта“ не го разбираа нивното значење, улога и работа? Треба ли, впрочем, дас е уништи се’ што не се разбира?

Оние кои се’ уште, богами херојски, а главно по навика, одат во овие институции – јас, признавам, одамна не сум еден од тие, не одам ако не морам – и одвреме навреме ги посетуваат онаа беда и јад „програми“ што се вртат низ нив, можат подобро да ја раскажат таа приказна. За мене таа заврши, зашто тажно е да се гледа како преродбенициве упропастуваат се’ што ќе допрат. За нив се битни оние три-четири нивни „институции“ – меѓу кои особено Музејот на македонскиот хорор – коишто така беневолентно се финансираат, зашто изгледа треба да покажат дека цела Македонија во минатото била една голема зандана, се’ до денешново преродбено „ослободување“.

И многу пати досега пишував и ставав дури и фотографии не само за денешниот изглед на „Мала станица“, на пример, или „Чифте амам“, туку и на повеќето други наши институции. Се разбира, без резултат, зашто преродбенициве немаат време за гледање, и читање.

Или, можеби, денешнава преродба треба да покаже дека сето она постигнато во минатото било направено од погрешни луѓе, од некои македонци од несоодветен материјал, па заради тоа треба да се остави да пропадне, за да на нивно место гордо се извишат нивните дилетантски институции? Впрочем, а кои беа мотивите за преоблекувањето на ремек делото на Муличковски во онаа урнебесна шампитовидна скаламерија? Па и фасадине низ централното подрачје, па настојчивоста во затскривањето на стариот (модернистички) објект на Комерцијална банка, па на некогашната НА-МА, па ГТЦ …? Не е само во прашање неразбирањето (незнаењето, неможноста)  односно неписменоста да се „читаат“ современите кодови во уметноста и архитектурата, неразбирањето и непочитувањето на културното наследство (со идеја дека тоа може и денес да се создаде!), малограѓанштината „да се личи на другите“ итн. Во прашање е (и) длабоко притаена омраза токму кон способноста на некои тоа да го разберат, па кон оној некогашен Македонец со „погрешна“ генетска структура, омраза кон се’ што барем малку ја доближува(ло) Македонија кон современиот цивилизиран свет.

10.

Секоја преродба, по правило, особено денес, остава траги – материјални и духовни. И дел од духовните се материјализирани, се разбира, преку книга, филм, уметничко дело, претстава … Таква (материјализирана) духовност оваа самонаречена современа македонска преродба не остави. Таа, главно, остави – ѓубре! И во културата, и во уметноста, особено во архитектурата и градежништвото. Говорам во минато свршено време зашто – очигледно е – оваа преродба заврши и „резултатите“ се на видело. Иако не сите. Ќе има уште многу да гледаме и читаме зашто „стручњациве“ (се’ уште) стручно кријат. Оној „докторон“ со две презимиња во Управата за заштита на културното наследство не дозволува да се видат решенијата со коишто новово ѓубре е прогласено за културно наследство ex lege. Па и не е за давање, којзнае што се’ пишува таму. И кои будали го напишале, и се потпишале. Можеби и Главниот архитект, главом и брадом? Само не знам до кога мисли дека ќе ги крие. А кога еднаш ќе видат бел ден, ќе си ја скине ли дипломата, а сосе докторатот ќе се самозапали ли? Зашто, велат, саможртвата на овој тип македончиња било херојски чин. Ајде да видиме!

Не е исклучено, деновиве некој да посака како духовни вредности да ни ги поттури и оние стотици идиотски текстови нашкрабани и/или изблуени по „весниците“ и другите преродбенички „медиуми“, а во слава на преродбеничкиот дух на владеачката клика. Или можеби ќе ги издадат во вид на сведоштва за новата македонска преродба? Па да ги заштитиме и нив. Но, тоа дури и од преродбенициве би било премногу, нели? Или не?

Сепак, шегата на страна, но останува оној битен дел од потенцијалните духовни траги што ги остава една сериозна преродба, оној збир на општествени, интелектуални, творечки импулси што го придвижуваат општеството во саканата насока, онаа неопходна идејна димензија што иницира суштествени национални промени. Македонската национална Преродба од втората половина на деветнаесеттиот век, паралелено со процесот на културно – националното будење, размислувала во контекстот на поставувањето на Македонија на европската цивилизациска мапа, на препознавањето / (само)идентификацијата на Македонецот како дел од современиот Западен свет.

Македонија по 1945-та односно (подобро речено) по 1953-та година размислувала за „творечко достигнување на светот“, за создавање вредности што (барем) ќе можат да се приближат до европските и светските вредности во културата и уметноста. Иако еден од новиве малициозни македонски шалабајзери на кои оваа држава им даваше се’ што посакаа не’ убедува денес дека од Македонија единствено вредно се кебапите (којзнае, можеби на будалава му се пријале па почнал да ги сонува?), сепак, компетентни луѓе во светот велат дека, на пример, преводот на Хомеровата „Илијада“ на Михајло Петрушевски е еден од  најдобрите во светот! Да, ама кој го чита Хомера денес? Или преводот на комплетниот Шекспир на Драги Михајловски?! Или еден монумент од форматот на Споменикот на Слободата на Чемерски во Кочани? Или и тоа е рамно на „десетка со кромид“?!?

Еден друг пак, веќе спомнат шапшал кој себеси исто така се доживува како режисер, ги сместува продуктите на нашава преродба во оние т.н. психолошки деструктивни тури од типот на турите на Дракула, ама тоа не му пречи да ни порача дека „Идните генерации, убеден сум, ќе бидат горди и благодарни за овој редок благороден градителски напор“ (Аљоша Симјановски, „Скопје 2014“ како Дракула тура, Утрински весник, 24.11.2013). Но, можеби тоа и сме го заслужиле кога секој шиљокуран кај нас станува уметник, режисер, писател … кога секому оваа „култура“ му дава пари за неговите малоумни сочиненија!

Ама јас сепак сум убеден дека идните генерации нема да имаат можност да ни благодарат за ваквата оставнина зашто истата, за среќа, нема да ја има. Таа самата се јаде себеси, се самоуништува пред нашите очи, што е нејзин најголем дострел!

11.

Како и да е’, новава македонска реалност сомнабулно крстена преродба ќе биде предмет и на нови искази и аргументации, обиди за нејзино дефинирање и објаснување. Иако, искрено, не знам што тука има да се дефинира и објаснува. Резултатите се очигледни и ниту една филозофија нема да може да ги прикрие.

Но, заблудите се очигледно огромни, ама огромно е и дефокусирањето од најбитните нешта. Од иницијалната идеја до деталите и не’ следат како хорор сенки. На пример, не знам од каде се влечат аргументите дека „… културниот проект „Скопје 2014“ има намера да ја афирмира, зајакне и осигура историската вистина за македонскиот идентитет како единствена вистина …“, односно дека нашава „преродба“ оваплотена во самонаречениот проект „… се надоврза на серијата разочарувања од НАТО и Европската унија кои упатуваа на неодредено одложување на влезот во двете организации како резултат на проблемот со името помеѓу Грција и Македонија, и покрај тоа што земјата е кандидат за членка на ЕУ уште од 2005 година“ (Проектот Скопје 2014 и неговите ефекти врз перцепцијата на на граѓаните на Скопје за македонскиот идентитет, Институт за општествени и хуманистички науки, Скопје, 2013)? Кој низ онаа гунгула среде Скопје може да види некаков идентитет, и кој, или каков? Дури и да го види, не ќе може да го определи како македонски, па ни античко македонски. Подеднакво збунувачко е и размислувањето на Гран (Andrew Graan) во поглед на идејата „Скопје 2014“ да се согледа како „… инвестиција во македонската меѓународна препознатливост и компетитивност на глобалниот пазар“! Демек, потенцијалните инвеститори, особено (веројатно) европските, можеби ќе се почувствувале како дома меѓу овој (квази)барок и (квази)неокласицизам и ќе истуреле пари во Македонија. Каква приземна логика во еден инаку простоен текст! Впрочем, видовме што пари се истурија во Македонија, и зошто. Овој амбиент го заинтригирал, изгледа, и оној инвеститор дури од fucking Virgin Islands, па ќе градел леарница кај нас. Па зарем некој уште верува во овие бајки (освен „режисерчено“, се разбира)?

Она што останува како факт е дека оваа „преродба“ буквално е нема, а и она што го говори е само пелтечење. Тоа не е говор на разумни луѓе, ниту пак е говор на еден современ и разбирлив јазик, а божем е наменета на современиот граѓанин. Оваа „преродба“ не е ни идентитетска, ниту пак инвестициска, таа е само фаличен испрдок на нечии поматени умови, но смислена и реализирана со некои сосема други цели. Впрочем, тие цели веќе беа посочени од многумина и дома и надвор (Комисијата на Општина Центар, БИРН базата на податоци, многу угледни странски весници и стручни списанија). И овие сознанија богами укажуваат на многу сериозни нешта, нешта кои немаат ама баш никаква врска со некакваси преродба, туку само и исклучиво со конкретни мрачни страни на македонската политика! Затоа, преродбеничкиве македонски народни приказни што ги слушаме на секој 2 Август веќе станаа дегутантни, се гледа дека веќе ни говорниците не веруваат во нив. А останатите? Па, дури е исплатливо, ќе ја везат и понатаму преродбеничката приказна. Додека не најдат полукративна тема!