Monthly Archives: September 2017

СКОПЈЕСЕРИТИС

Еднаш напишав дека во многу блиска иднина, речиси утре, очекувам и големиот малоумен архитект, оној кој ни го смести „Скопје 2014“ како плод на неговите детски кошмари – зашто сепак не можете да кажете фантазии, резултатот околу нас никако не е плод на фантазија туку на нешто страшно морбидно – јавно, јасно и гласно да го попљука и изрезили. И ова сериозно го мислам зашто и тој не е толку глуп колку што го мислиме, гледа и тој што и колку е конјуктурно денес и овде (гледате како му текна за новата ера!), па зошто да не ушиќари и он некој поен. А и идат избори, секакви, ќе му требаат поените – рејтингот му оди накај нула! Затоа ова може да се случи дури и побргу отколку што очекувам, можеби веднаш пред локаливе, којзнае.

И сериозно, скопјесеритисот – не знам дали треба голема или мала буква? – како наша актуелна епидемија поприма неверојатни размери: секоја будала денес има што да каже, и општо и конкретно, да сугерира, па и да кара за неажурност. Очекувам оние двајцана, оној докторон на „иќ“ и онаа другана, како епидемиолози кои десет години ги гледавме зад грбот на грујокио, а и сега пак се тука, да се произнесат и по ова прашање и да прогласат епидемија од ограничени размери за која што во насловот сугерирам и име. И името и епидемијата ќе ги регистрираме, ќе ги заштитиме и ќе дадеме наш патриотски придонес во светските епидемиолошки учебници.

Зашто, извинете, ова веќе не се трпи. Кој како стигне зема пенкало или тастатура во рака и – бум: што и како да се прави со „Скопје 2014“. Од една страна разбирливо – молчеа десет години додека тоа чудовиште им растеше и се множеше во главниот град. Не смееа, што се вели, да писнат. Е сега, дојде живот. И што впрочем му требаше на премиерот да одговара – па баш и така искрено – на новинарски провокации за Ќосето? Добро, ај да речеме и дека не беа провокации, ама беше ефтино ловење во матно. Некој можеби ќе рече и дека беше прилично пресметано зашто веќе на сите им стана јасно, а особено на нашата седма „сила“, дека Заев преферира искреност и чесност пред се’, дури и пред својата кожа. И овие тоа обилно го користат. Инаку, тој елегантно можеше да одговори: а му го поставивте ли ова прашање на малоумниот архитект во 2014 година, кога беше подигнат тој споменик? Или прашавте ли, можеби, некој друг од тогашната Влада да ви појасни кој и што бил тој човек и зошто му подигаат споменик? И зошто баш таму? Иако сосема пристојно им ја „врати“ топката упатувајќи на соодветни законски процедури и постапки дури и за отстранување на една таква дивоградба – а денес веќе нема сомнение дека (и) тоа е дивоградба – и дека една сериозна влада не може да влезе со токмаци и хилти и туку-така да урива или преместува споменици. Иако, да повторам, јас како граѓанин чиј град го упропасти ова злосторничко здружение – но со, да не заборавиме, здушна помош на македонската бизнис елита која што сега мрсомуди за некаква демократија – сосема свесно и без трошка грижа на совест би се придружил на едно такво андерграунд дејание!

Но, актуелноста на првиот познат македонски масовен убиец кој доби свој споменик и не е толку битна во случајов, колку што се битни токму тие епидемиолошки размери на скопјесеритисот, што ги зафаќаат сите пори на општеството. Не мислам дека со такви широки „теми“ што задираат во животот на секој граѓанин треба да се бават само тесни и затворени стручни кругови ама, велам, фали уште Ќосето да стане и да почне да пцуе по тие кои му го направиле споменикот. Апропо, никој од оние наши фамозни новинари истражувачи не се ни обидува да го побара оној суртук од мистериозното Егејско селско здружение кој ни го смести овој споменик, ниту пак го прашува рускион мужик кој глуми скопски градоначалник и се одзива на името Коце, па да ги праша нив за и околу мотивите и „финесите“ за овој споменик. А можат да мрднат и чекор понатаму па да подистражат како течеле тие процедури за и околу експресното спуштање на Ќосето на таа локација, па кој пишувал рецензии како препорака за ликот и делото на монструмот итн. Ама ние, по обичај, се фаќаме за најлесното. И право кај премиерот.

А скопјесеритисот, ако веќе се развива во локална епидемија, нека се позабави малку и со пропратните епидемиолошки симптоми од типот на фрлените милиони евра во се’ уште недовршената Филхармонија, сосе „свеченото отворање“, па заостанатиот долг, па коктелите од десетици илјади евра и прашањето кој би требало да ги надомести тие пари; или со (не)условите во кои работи „фантастичниот“ ни Археолошки музеј како, претпоставувам, единствен таков музеј во светот без зракче дневна светлина, но и уште едно чудо дилетантски македонски „изуми“ во музеологијата реализирани во него, итн. А они: Ќосето па Ќосето. А пустиот – не може да се (од)брани иако е солидно наоружан. Што ли се’ тој би имал да каже? И зошто не им пречи оној Јустинијан, квакнат ко заскитано куче на кејон покрај Вардар, луѓе поминуваат и се чудат која е оваа будала седната овде ко на царски престол; или оној Самоил кој секојдневно се ежи што го снашло после Беласица па да мора сега да седи пред „Пелистер“ и да го гледа онаквото на Букефал?

Во крајна линија, нема ништо лошо ни во прашањата односно предлозите кои што, ете, по силата на нештата, беа толку долго премолчувани. Ама останува нејасно зошто оваа Влада сега треба да ги решава работите преку колено само зашто некому тоа така му се допаѓа или сака да биде актуелен. Во што тогаш би се разликувале од претходните, од онаа банда која што вон ум, разум, закони и процедури го инсталираше монструмот среде Скопје, а денешниве божем загрижени – гледаа. Некои дури и одобруваа. А сега, одеднаш: се’ морало итно, се’ морало веднаш, како да ќе ни избега денот. Не бега денот, ќе дојде, кога треба и како што треба!

ЗАКОНСКИ НЕБУЛОЗИ

Оние кои сакаат да се занимаваат со небулози и мисинтерпретации, со бесмислени лаичко партиски диоптрии за критериуми во културата или, подобро речено, со наивни местенки достојни на нашата (не)културна паланка, можат да го земат Законот за националниот уметник и – да уживаат. Такво четиво не е лесно да се смисли, па и напише. Усвојувањето одело полесно, сигурен сум, зашто во македонското собрание такви работи поминуваат глатко, по наредба. А читањето – тоа е посебно задоволство. Ќе остане тајна кој е авторот односно авторите на законот, тоест која е таа стручна фела што умеела така ступидно да ги навезе и групира сите оние „критериуми“ според кои оваа држава – односно некои токмаци во нејзино име – ценела дека некој кај нас заслужува да се нарече „национален уметник“.

На пример, во ликовната уметност, доволно било, како прв критериум за оценување, уметникот „да е добитник на најмалку три домашни стручни вреднувања, признанија или награди доделени на врвни манифестации од областа на ликовната уметност и фотографијата во Република Македонија“. Супер, само што законодавецот не кажал кои се тие „врвни манифестации“ од оваа област кај нас. Оние кои малку знаат за состојбите во ликовната уметност кај нас ќе речат дека такви манифестации ние немаме – ниту една, а не пак цели три. Но, ако сакате да се мајтапите односно да терате законска шега, тогаш ќе речете дека има – две, три, пет, колку што сакате – ама нема да ги наведете поменично. А тоа значи дека сте им оставиле на некои потенцијални шапшали во дотична комисија самите да си толкуваат кои се тие „врвни манифестации“. Па ако треба и да се фатат за гуша во жарот на дискусиите и промоцијата на својот кандидат! Се разбира, таа „комисија“, тие „стручни“ шапшали, какви што, впрочем, редовно гледавме во комисиите на некогашното Министерство на пуфлата, ќе требало претходно да решат / да се договорат што значи поимот „вреднување“ наспроти признание или награда, зашто законодавецот и тука си приуштил таква несекојдневна лефтерност за таков вид документ! Или, ако сакате, веќе на самиот старт – зашто ликовната дејност ја беа ставиле прва на листата на уметностите од каде што би се бирале националните уметници – имате неверојатно замешателство со недефинирани поими или можни произволни толкувања, што пак недвојбено води кон неквалитетни резултати. Сосема слични се и другите „критериуми“, на пример: листата на видни меѓународни манифестации (каде Александриското биенале стои како фактор иако во времето на носењето на законот тоа веќе не се одржувало, по втор пат!, па веќе претходно спомнатото Меѓународно графичко биенале во Љубљана како рамноправно на една Венеција или Сао Паоло, итн.), или зошто на листата стои и Биеналето во Венеција каде Македонија секако учествува како држава и тоа не треба да се цени паралелно и компаративно со другите манифестации, потоа што значи реченицата „да има учествувано или добиено награда на групни изложби во афирмирани светски институции на покана на светски критичари, или „да има реализирано најмалку една ретроспективна изложба во најзначајните музеи или галерии во државава или во светот“ итн. Просто – да не можете да се изначудите од незнаење, нејаснотии, произволности … Што значи тоа „да има учествувано или добиено награда на групни изложби во афирмирани светски институции …“? „Нашион“ такозвани културен центар во Њујорк нели е една таква „светска“ институција? Инаку зошто Министерството секоја година би давало пари за „наши“ изложби таму? И зошто тој „центар“ би бил полош, на пример, од една МОМА, во очите на некој македонски дебил кому „организацијата“ решила да му ја сошие на челото ѕвездата „национален уметник“? Кои воопшто за нас и нашиве „стручњаци“ се тие „афирмирани светски институции“, или пак „светски критичари“? Можеби оние кои славниот ни ДЛУМ си ги канеше да му ги „селектираат“ годишните изложби? Па според тој критериум цел ДЛУМ треба да добие титула национален уметник!

И кога ќе тргнете така малку посериозно од смислувачите и пишувачите на тој велелепен закон, ќе видите дека тука воопшто и не постоела намера да се сработи нешто сериозно, туку само да се протурка нечија сулуда анахрона идеја. Па после – ќе му мислиме, ама државата, доживотно, некому би му броела по две просечни плати. Што пак е уште едно „умно“ решение кое постојано би растело до незнајни височини, како што би растела и просечната плата. Или, ако сакате самите да пресметате, и тоа според сегашни износи, испаѓа дека државата би требало да му исплаќа на еден „национален уметник“ на триесет и некоја годишна возраст – под претпоставка тој/таа убаво да си поживее барем уште четириесетина години – отприлика уште 300 до 400.000 евра. Континуирано. И кога тоа би го помножиле со сегашниот број на национални уметници, па згора и оние кои ќе требаа да бидат вклучени во тој список во наредните децении, сето тоа испаѓа повеќе од една еврообврзница или некој друг сериозен странски кредит!

И, што е најинтересно, ниту еден од толку македонски „национални величини“ не ја осозна целата ујдурма – пред се’ со критериумите, па после и со се’ друго – целата игра сместена од полуписмени будали кои си играа мали богови (и) во македонската култура? Или – сите се надеваа да се најдат меѓу повластените, добитните, кога-тогаш, а приговори во таа насеока само би биле штетни, нели?

ПОДАРОК ЗА ВЕЧНОСТ

И сега, не треба да се крие дека многумина во оваа држава односно во нејзината „култура“ го видоа Законот за националниот уметник како чекмеџе полно пари, како седмица на лото – не знам дали оваа игра уште постои кај нас ама сеедно, знаат луѓето што значеше – па дури и нешто повеќе, многу повеќе. Зашто сите игри на среќа, па и наоѓањето на турското грне со златници сокриено во некоја дупка од страна на отоманците при бегството од славните илинденци е само еднократна среќа, колку и да е’ голема.  За разлика од тоа, фирмата „национален уметник“ претставуваше чист комитл’к (што би рекол Ранко Дакиќ), од Господа (подобро речено од „организацијата“!) даден подарок за вечност! А за него не требаше многу: само верност, посветеност на комитл’кот, и „исклучителен придонес во градењето и унапредувањето на културата и уметноста на Република Македонија, како и за нејзина афирмација во светот“. Врз основа на критериуми, се разбира. За првите два услови – верноста и посветеноста – немаше посебни критериуми и нив ги пропишуваше Господ тоест „организацијата“ на власт. И тука немаше проблем, барем ние во Македонија знаеме како тие се исполнуваат. А и она другото, поопипливото и врзано со придонесот, унапредувањето и афирмацијата на културата и уметноста беше лесно за штимање, особено ако за тоа се заложеше, прво, „големиот мал креатор“ на македонските нешта, и второ, пуфлата позиционирана како министерка за (не)култура. И толку! После, се’ течеше мазно.

(Апропо, на еден член на онаа мултиплицирана пратеничка банда во Собранието на РМ му запречил зборот пуфла, често употребуван од моја страна како најсоодветна придавка за една негова побратимка во бандата, инаку токму бивша министерка за некултура. Не знам зошто? Мисли дека придавката не е соодветна? И јас така мислам, ама тоа некако ми е најблаг израз за тоа суштество – не можам дури ни да речам персона, зашто тоа не е, никако, бидејќи персоната има персоналитет, односно индивидуалитет, што оваа го нема – и најсоодветен за вакво јавно обраќање. Се’ друго би било навреда, а ние, нели, сакаме да бидеме фини, дури и со такви суштества. Инаку, ако сте го читале најновиот извештај на Прибе, ова суштество е олицетворение на сите карактеристики на владеењето на системот на бандата во оваа држава. А пред се’ онаа за „киднапирана држава“, само што оваа си имаше киднапирано еден убав, богат сегмент, само за себе, оној таканаречен – култура. И во тој сегмент жареше и палеше, и буквално и метафорички, безмалу цела деценија, спроведувајќи ја, меѓу другото, и оваа малоумна идеја за македонски национален уметник!).

Како и да е’, овој македонски подарок за вечност, или наша локална Нобелова награда на доживотни рати, се доделувала според толку смешни, но и различни критериуми, токму онака како што кај нас се прави со туѓи односно со народни пари. Ама најсмешни се оние за „уметник од областа на литературата“, каде било доволно да добиеш една домашна и една странска награда и – оп: илјада евра месечно, до крајот на животот! А во однос на критериумот, изедначена по важност е наградата „Балканика“ со Букеровата или Пулицеровата награда! Стручно до немајкаде. Или, во ликовната уметност изедначени се наградите односно селекциите на „Документа“ во Касел со Меѓународното графичко биенале во Љубљана, што му доаѓа како „бог и шеширџија“, што би рекле србите. И се’ така со ред, редено и местено за одредени верни и посветени на партијата и на малоумниот „голем мал креатор“, просто можеш, меѓу редови, да им ги прочиташ имињата на сите потенцијални комити. Исто онака како што, впрочем, се правеше и со останатите државни награди. И тоа беше верижен процес: на комитите прво им се даваа една до две од тие награди (како еден од „битните“ услови за следното скалило), а потоа влегуваа во конкуренција за локалната Нобелова на рати награда! Функционален систем – милина. Плус, да трае сто години. И сите ќе се изредеа! Ама дојдоа овие со животот и им ги поматија сметките.

Но, и покрај веќе укинатата награда, добитниците ќе продолжеле да си ја примаат клиентелистички заработената сума пари и никого уво не го боли. Ниту еден од нив да се огласи, да гукне барем, да рече – не, благодарам, доволно беше. Навистина ли мислат дека ја заслужиле? На пример онаа певицана, со само петнаесетгодишен стаж на сцената, навистина ли верува дека дала „исклучителен придонес во градењето и унапредувањето на културата и уметноста на Република Македонија, како и за нејзина афирмација во светот“? И тоа на 37 годишна возраст (во моментот на добивањето на наградата)? Или славниот пијанист кој и’ свиреше на увце на бандата во незавршениот објект, на само 32 годишна возраст? А на народнине херои кои го дадоа животот за оваа земја се’ уште им ги кршат бистите по парковите? Која, и каква е таа (не)култура со такви „критериуми“ за вредност?!

НАЦИОНАЛЕН СРАМ

Некакво чудно (не само) македонско историско проклетство е кога  кривонасадени полуписмени „организации“ – модерно нарекувани партии – се мешаат во се’ и сешто, па и во државни работи. И не само таму туку и во културата, па и во уметноста. Зашто тие, во нивната неспособност, секогаш имаат проблем(и). Со сите, и со се’. Зошто? Па затоа што, главно, имаат неписмен, или полуписмен „кадар“ – пазете: кадар, човек ќе рече дека токмаците биле школувани и обучувани за ова што се денес, а всушност тие останале тоа што биле, такозвана сељачана! – кој не разбира подалеку од носот, ама ужива да се плетка токму во тоа што не го разбира. Е тоа е само наш изум, и производ!

Ене ја мојата „љубимица“ Бетка, ја оставиле на собраниска комисија самата да се бори со титански категории како „национален уметник“, а таа пустата не знае ниту што е тоа уметник, а камоли – национален. За неа, како впрочем и за целата нејзина (не само) културно неписмена партија, сето тоа е исто: занаетчија, пазарџија, водоводџија, кавалџија … алваџија за бозаџија … сето тоа за нив е с’што како исто, само ако тие решат – или, попрво, ако реши „главниот архитект“ – дека тоа и тоа е уметност. Па дури и со големо У. А впрочем, како инаку таква тутурутката ќе станеше главен архитект, па главен музеалец, па главен издавач … ако не со такви како Бетка, па библиотекарон „из Београда“, ама и некој други помошници во таа такозвана МАНУ, кои ја смислија, односно ја купија од Русија, Белорусија или којзнае која бусија формулата за „национален уметник“ и ни ја пресадија како Коце палмите. Па колку палми се фатија во Скопје, толку се фати и формулата пресадена од словенските браќа, и тоа во културата на Македонија во дваесет и првиот век. Да се чудиш колку оние југомакедонски комуњари биле понапред од оваа полуписмена булумента кога не сакале ни да помислат на нешто такво,  „во име на народот и партијата“! Кај овие – нема гајле. Што будалата (ќе) гледа, тоа будалата (ќе) прави!

Елем, наша Бетка, а низ нејзината „медна“ уста и нејзината крахирана партија, запнала да го брани неодбранливото, да брани изживеана формула, пресадена „палма“ однапред осудена на смрт односно сушење. Зашто, како и се’ друго што допреа – исушија, уништија, усмрдеа, запустија. И избрукаа уште едно чудо народ. Иако во случајот со националниот уметник „носителите“ самите се избрукаа, да не речам изрезилија, заради многу нешта. Прво и основно: не може денес да се трти еден уметник дека е некаква авангарда, некаква топ класа – тука и во светот – а да паѓа на усрани партиски формули наречени „национален уметник“. Да прифатиш таков статус значи да си (најблаго речено) провинцијалец, неук, неморален, тутмак, непринципиелен … Зошто? Зарем навистина треба елаборација? Мислам – не. Умните ќе разберат, „националните“ не разбрале ни тогаш кога ги бирале, нема ниту сега. Или, можеби, само се правеле дека не разбираат? И тие ли го живееле митот за стогодишното владеење на неписменине, па мислеле дека и нивното ќе трае?

Сеедно, ама и тоа многу говори за нив. Зашто, за да прифатиш, на четириесетина, или некоја година повеќе, да те озваничат за „национален уметник“ во втората деценија на дваесет и првиот век, па згора и во целата немаштија на македонската култура секој месец да инкасираш по илјада евра на име на таа будалаштина, е мора да си нешто малку од претходните „епитети“ (провинцијалец, неук, неморален, тутмак, непринципиелен …), ако не и сите заедно. А згора на се’, да го прифатиш тоа од рацете на оној фашизоиден диктатор и од неговата продолжена рака во културата наречена тетка Бетка, е тогаш мора да си и повеќе од оние епитети. И тоа е така и никако поинаку не може да биде! Добро, некои (со право) ќе приговорат дека слична беше постапката и за неколкумина навистина сериозни странски творци – од калибарот на еден Кундера, Ршумовиќ, Памук, Стопард, Милер … а во режија на полтроните од „Табернакул“ – ама тоа сепак не е исто. Зошто? Затоа што тоа сепак беше само  еднократна награда, иако повторно од шепите на диктаторот, во износ од 5 илјади евра. Износ што нашиве го инкасираат за пет месеци, континуирано! А до крајот на животот … ехееј, цела Нобелова награда! (Апропо, што стана со таа наша „престижна“ награда што божем ја доделуваше „големиот креатор“ на македонските нешта? Се загубија и полтроните што ја смислија и оној малоумнион „креатор“ што божем ја даваше. А зошто? Нема веќе светски имиња кои треба да се наградат, или секна изворчето, а малоумниот не сака да дава свои пари, научен е само да – зема?).

Тие кои сакаат да го бранат концептот на национелан уметник во дваесет и првиот век во македонската култура треба итно да го посетат проф. Чепреганов! Ако професорот е уште активен – се надевам дека е’ и во добро здравје. Зашто ум, особено креативен, кој прифаќа таква награда, згора и од такви луѓе, е – пореметен ум, или ум кој само се претставува дека е креативен, културен, прогресивен. Исто, впрочем, како и оној статус на „културен амбасадор“. Да умреш од смеење кој се’ не се стекна со таква резил титула. А за што? За две-три отпечатени книги, одиграни претстави, снимени филмови …! Ебави тоа „творците“, фашизоидни во умот како и вашиот (политички) ментор од кого што сега сакате „брже-боље“ да се раатисате. Е ама бељата – да беше барем само беља – ќе ве следи цел живот. И треба. Ќе си бидете во друштвото на изрезилените мртви поети, ги има доста: среброљупци, властољупци, наградољупци, ќе се споредувате со нив, можеби ќе влезете и во некоја македонска енциклопедија, ама ќе излезете – дефинитивно – од големата граѓанско патриотска книга на живите на оваа држава. Иако вашите ментори мислеа дека тоа е исто. Е – не е! И не може да биде. И не треба!

ТРОЕН ОКСИМОРОН

Да продолжам каде што застанав: кај тројниот оксиморон наречен „успешни македонски бизнисмени“ кои, еве, по цела деценија подаништво, очајна подлизурштина, коленичење и бацување рака таму каде што треба – а требало, богами, на многу места, и не само рака – сега почнуваат да делат совети, па дури и да бидат вицкасти. Новите реформски даночни мерки на Владата, демек, да ти биле „робинхудовска демагошка приказна“ за „постигнување краткорочни пи-ар ефекти“, па и дека со воведувањето на прогресивното оданочување бизнис заедницата ќе го извлечела најдебелиот крај односно дека тоа било „казнување на најуспешните“ и слични гадости недолични за сериозни луѓе какви што сакаат да ни се прикажат македонскиве бизнисмени. Зашто, прво, ако некој влечел „краеви“ од секаков тип, а особено лукративни, тогаш тоа биле тие. Побудалеа од влечење. Посебно во изминатата деценија, само ако беа умни, покорни и молчаливи. И беа, токму такви: предеа како мачиња пред хунтата, а ваму изигруваат некакви лавови. Плишани додуша, ама ете – креваат глава зашто сега ќе морале да плаќаат повеќе. И тие да ти биле најуспешните? Во што? Тоа му доаѓа исто како флоскулите за и околу успешните македонски уметници во изминатите десет години, со кои што ги честеше злосторничкото здружение сите оние гладни, голи и боси – разбрано метафорично, се разбира и сконцентрирано главно во (не)мислечката сива материја во главата – во македонската култура и уметност, а кои беа подготвени да бидат оние паљачовци кои ќе го величаат Пастирот и неговото стадо на чело со пуфлата предводничка, па ќе ги нарекуваат дури и од Господ дадени мецени. Со наши пари, се разбира. Така и меѓу нив се појавија заслужни и најзаслужни, успешни и најуспешни, и следствено и беа наградувани. Со „стимулативни“ мерки, но и разноразни други што ќе ги смислеше злосторничката братија – а овие тука беа ненадминати! – во полза на „најуспешните“ македонски творци.

Некогаш, некој умен ќе направи ранг листа токму на најуспешни помагачи на деценискиот режим. Зашто, историјата вели, ниту еден режим не може(л) да опстои сам и во сиромаштија. Особено режими од типот на нашиот. Преку вековната формулата на взаемодејствие помеѓу бизнисот и политиката, на овие простори цутеле такви партнерства. Порано ги викаа петоколонашки. А таму, на тој список, сигурен сум, на самиот врв ќе бидат овие наши оксиморонисти, по име и презиме, што ним веројатно ништо не им значи зашто образот им е веќе ѓон сторен. Овие богати умобедници не ги тангира очебијното раслојување на општеството, нееднаквоста, сиромаштијата – безмалу бедата во која што живее значаен процент на нивни сограѓани – не знаат што значи зборот солидарност, хуманост, користење на јавните добра и услуги. Ним им е битен само џебот односно сметката в банка, по можност истата да е во некој далечен економски рај каде што новите власти нема да можат да ја допрат.

Добро, секој се определува во животот: некој за паљачо, некој за битанга, некој дури и за бизснисмен како „професија“ што ги обединува првите две, барем кај нас. И тоа е нивно право да се определат да бидат тоа што сакаат да бидат, тоа што највеќе одговара на нивните ментални капацитети и конституција. И нека си ги трошат парите. Ама може ли барем малку поскромно, потивко, малку – што се вели – со усул. Барем овие најгласниве, кои до вчера беа „има слика – нема тон“! И климаа и ракоплескаа на сите „виртуозни“ таламбаси на партиско-владината врхушка кога не’ убедуваа за нашето (не само) економско односно бизнис место во светот, за да веќе вториот ден по падот на криминалците – преку една госпожа која, претпоставувам глумела некаков претседател на некаква нивна комора, една од многуте – почнат да не’ убедуваат дека економијата е пред, или веќе во, клиничка смрт, дека нема ова и нема она, дека ним им било битно да имаат стабилен систем за да можат да продолжат да работат итн. Бреее, а нам не ни треба, ние можеме, и мораме да работиме и во услови на режим и хунта, и злосторничко здружување, ама тие – оксиморонските македонски бизнисмени – биле научени само на мир и стабилен политички систем. Се разбира, зашто каде на друго место можете само од една зделка да инкасирате цели седумнаесет милиони евра, како оној вкочанетион кој помина неколку месеци на „службен пат“? А видовме и нешто друго: дека воопшто не е точна констатацијата на приватниот сектор односно на бизнис заедницата дека таа ја носи на грб државата односно администрацијата – што грбои ќе имаа, богати?! – туку дека попрво државата, колку и да изгледа имагинарен тој поим, ги носи нив на грб. Зашто, ако само од една откриена зделка „бизнисменот“ инкасира седумнаесет (и со цифра: 17) милиони евра, колку набутал во џебовите од другите неоткриени зделки? Пута единаесет години, колку изнесува тоа? И кого тоа они носат на грб? Какви се тие нивни бизниси што демек „ја држат“ државата? И зошто тогаш постојано ги гледавме како сенки на локалниве арамии, закачени на нивните рамења и упикани во нивните задници?

Затоа, веќе одвратно е, грдо е тоа нивно директно брцање в око, лепење шамари лево и десно за нивната важност и успешност во државава, нивната  божемна загриженост. И не велам, и не мислам дека баш сите македонски бизнисмени се такви. Ама, извинете, се изнагледавме полуписмени мрсулковци кои здушно навиваа за злосторничкото здружение и кои десет години не кажаа ни збор за газењето на човековите права во Македонија, за апсењето на нивни „проблематични“ колеги, за континуираните кражби на изборите … за оној „црн понеделник“ или за неодамнешниот „крвав четврток“? Или – тие не знаеа за сето ова? Беа занесени во нивната „успешност“? Ма дајте, ве молам, па не сме од вчера!

ФЛЕКИ

Флеки, или дамки, како сакате – ама штом Ристо Лазаров го употребува зборот, немам дилеми во неговата точност – токму оние флеки од „намерно и несовесно раководење на државата“ (како што вели тој), ама кои што никако не можат да се исперат ни со „бабачки“ машини за перење флеки. Зашто нашиве десетгодишни флеки не се ни обични ниту пак вообичаени, тие се лочки, кажано народски, инкриминирачки маслосано-валкани траги на кожата на државата, на образот на многумина, но и на душите на сите оние кои беа сметани за неподобни, несоодветни, несакани, непријатни, па и, демек, непријателски настроени. Овие вториве, оние кои не припаѓаа(т) на збиените редови на партиското злосторничко малцинство, се некако збунети, се’ уште воздржани, како да им фали поцврст ориентир во времето, па и во просторот, ако сакате, зашто целана онаа лочкосана булумента на партиски поддржувачи, следбеници, ракоплескачи и главоклимачи, па и оние кои, ете, и денес се онесвестуваат од зборовите на лидеро (баш и не мислам на детено, има такви и повозрасни од него), уште се тука, црвени и згоени – ене оној Цветко, „учитело“ по фискултура, уште сакал да добива 90.000 денари плата, Амди и понатаму коле и беси (стока де, ама сеедно) на улица – и како да никој ништо не им може?! Како да се’ уште не се знае кој добил, и што, на изборите, кој формирал влада, и кој и што прави во државава. Лочкосанине дебили распределени во дури десет „пратенички“ групи во Собранието се можеби и најмалиот проблем. Тие се веќе толку изрезилени што никому, или на сосема мал број идиоти од сличен калибар, им оставаат некаков впечаток. Ама останаа другите. Ене ви го оној – некојси „скот“ – кој не само што ги тера работниците да работат на државен празник, се разбира со амин на Владата, поранешна или сегашна, не се знае, туку уште и ги тужи да му платат оштета, цели три и кусур илјади евра за еден ден! Скот, и формално и фактички. И сега, флеката не знаеме каде е: кај оние минатите, или кај овие сегашниве? Кој на „скотот“ му дава такви права, или кој не му ги одзема(л)? Тоа што работничките самите си дале отказ, тоа ли ќе ја избрише лочката од образот на државата? Или можеби фактот дека „скотот“ ќе ја повлече тужбата, ама работничките ќе останат без работа? Та не сме белки толкави идиоти. И што ако „скотот“ го избркаме од државата, сосе бизнисот? Толку ли ќе осиромашиме? Навистина?! Или ќе сме дале „лош сигнал“ на меѓународниот „дуинг бизнис“? Па таков сигнал баш и треба да дадеме, на такви „скотови“. Тие не се за „дуинг бизнис“, тие се дерикожи! А и повееќе ќе остане за нашиве, од истата провениенција, оние „успешнине“ за кои „робинхудовскиот“ данок бил само убава приказна. Пази – успешни македонски бизнисмени! Па тоа е троен оксиморон!!!

Или како да ќе пропадне светов ако не го викнат оној „аналитичарон“ во емисија, оној кој за две-три години инкасирал повеќе од половина милион евра за „анализи“ и „истражувања“ на јавното мислење? Та немаме ли барем малку поумни – а од него имаме, сигурен сум, само треба да прошетаме низ Скопје, Битола, Кавадарци, Богданци … – и поефтини луѓе? И уште ли тој ќе ни продава памет, која што, патем, ниту ја има? Па колку треба(ше) во оваа држава за да видиме кој е кој, и што е што? Џабе и транспарентност, објави за грабеж преку картици и сите останати начини на пљачкосување државни пари ако тоа остане само забава за народ. Такви забави баш не ни недостасуваат. Ги гледавме десет години! И да е само „аналитичарон“, туку се повампируваат и секакви други бараби и битанги гледајќи го беневолентниот однос он нив? Луѓе без сработен ден во изминативе деценија и кусур – некакви божем „конзерваторки“, фотографчиња, писателчиња што им ги издавале химните на  дилетантчињата – сите полека излегуваат од сенките и почнуваат да ни се поттураат како стручни за нешто. За што: за неработа, за махинации, за манипулации и подлизурковство? Еден сега надобуден „писател“, па уште и издавач – токму на една од контрацептивните химноспеви на некоја од оние партиски тутурутки – многу е загрижен за македонската култура и секој ден соли памет. Лочка. До вчера беа сраснати со злосторничкана дружина, лочкосани се од глава до петици, премачкани со сите маслени и акрилни бои. Ај што уште им даваат плати, ама да ги слушаме како „експерти“? Културата ни е се’ уште полна со химнописци и климоглавци, со неспособни и некадарни, со недоделкани профитери од сите провениенции. Во кој момент впрочем човек станува соучесник во крминалот? Кога директно учествува во него или кога само молчи за истиот, потполно свесен што и како се случува околу него? Да, тоа никој не успеал да го измери, велат, ама дали е баш така?

Мислам дека како општество се’ уште не сме доволно свесни што ни случувало во изминативе десет-единаесет години, какви и колкави се димензиите на лудилото спрострено низ сите пори на државата – особено таму каде што никако не би смеело да го има: во администрацијата, во образованието, културата, медиумите, економијата … дури и среде Владата со оние стотина (или колку и да се) суртуци што не доаѓале на работа! Како да се’ уште не ни е јасно дека оставањето на лочкосаните и црвосаните во здравото општествено ткиво е рамно на постапно самоубиство. Таа навидум мртва војска во распаѓање одвај чека да крене глава. Како во „Игра на тронови“. Впрочем, беше инсталирана во системот токму за тоа. Не пледирам дека јас сум еден од малкуте свесни или освестени, напротив – социјалните мрежи вријат од вакви и слични укажувања. Ниту пак мислам дека нештата можат да се расчистат преку ноќ. Напротив, ама некои – можат. Што вели Героски, тие што тврдат дека „не може“ – не знаат. Ниту знаеле. Знаеме и дека санацијата на целиот систем од штетите ќе трае барем двојно подолго од неговото траење, а некои нешта, или луѓе, никогаш нема да се отрезнат од лудилото. Силен збор? Можеби, но како и да го наречеме ова што се’ уште го гледаме и слушаме во јавниот простор, во крајната инстанца ќе се сведе на некаква форма на лудило. И голема, мрсна флека, лочка на кожата на државата.

ЗА „ФЕЛАТА“

Годинава неколку пати почнував текстови за македонското нивинарство – или она што сака така да се нарекува – и за новинарската „фела“ (тие уживаат така да се нарекуваат себеси иако не разбраа дека тоа е погрден назив!), но секогаш кревав рачна велејќи дека тоа сепак не е моја работа, нека се стрват и колат меѓусебе (некој ќе каже подобро и не заслужиле!). Иако споредено со најголемиот број од нив сум соработувал со повеќе медиуми отколку што тие можат да замислат. Нејсе, но „случајот“ со вкочанетоно новинарче некако ми се гледа не само како парадигма на целата состојба во таа професија, туку и за сите „постреволуционерни“  состојби кај нас. А човечето е дибидус и буквално вкочанет – како да голтнал метла од која што не може да се ослободи при секое негово (некогашно) појавување на тв екраните. Можеби подобро би му оделе пишуваните медиуми? Можеби, ама веќе ги нема, сега остана само Героски, а детено црка по него и си ја сече гранката на која што би можел да седне! Евентуално, иако лично се сомневам во вкупните негови капацитети.

Како и да е’, си велам: јас не сум Героски, нема мене зошто да ми се лути, можеби ќе посака да го разбере ова малку пообјективно. И не дека Героски не е во право. Во право е сто посто! Ама има право и детено. На пример, дека тој барем избрал – погрешно, ама избрал, па згрешил, добро, и грешките се за луѓе – и последиците ги сноси самиот и, за жал, неговото семејство. Затоа е добро при такви избори човек здраааво да размисли што и како прави. Тој тоа не го направил. И очегледно станува свесен за тој ноторен факт, ама не сака докрај да го признае, како впрочем и илјадници други, па мисли дека сега некој му „суди“. Не, тоа никој не го прави, за жал, а можеби треба. Треба зашто нивното злосторство – мислам на медиумите каде што тие работеа – се вистинската петта колона во државава и морат да си го споделат делот од одговорноста. Ова што сега му се случува е – ништо! Ништо во споредеба со тоа што ни го приредуваа(т) толку години. Вкочанетата тв, и тој меѓу нив, можеби пократко од другите, ама подеднакво ефикасно! Сакам да кажам, а во контекстот на тоа дека кај нас се’ уште, ништо не е готово, дека ваквите случувања допрва ни претстојат. Дури и со вистински судски завршници. Така што ова не е ништо, ова е најбезболното. Неговото однесување од типот „јас не сум од тука“ само дополнително ја нервира јавноста. И тоа е уште посимптоматичното во овој „случај“. Навистина ли овој сој луѓе нема чувство за реалност, за професионалност, за објективност, не чувстувуваат ли никаква морална одговорност за состојбите во кои што ја беа втурнале државава со вкупната нивна работа? Згора, виновни испаѓаат оние кои што ќе се осмелат да им преречат, да им укажат на неморалното, непрофесионалното, дури предавничкото однесување. Па употребуваат и тешка артилерија од типот на „инквизиција“, заборавајќи дека токму тие запечатуваа судбини, ширеа пропаганда (најблаго речено!), ја туркаа земјата во пропаст од името и во полза на една малубројна злосторничка дружина. Никој со спротивно мислење нема(ше) пристап до нивните медиуми. И сега – некој нив ги судел? Не, ова е тек почеток, за многумина.

Иако, лично, мислам дека детево воопшто не беше во онаа прва лига манипулатори и клиенти на Злото. Не му ги загледував многу емисиите, редовно го прескокнував зашто беше некако блед, дури уплашен, по малку неук. Да не беше „одбраната“, ќе немаше ни „случај“. Ама, имам чувство дека намерно ги превидуваат ороводачите, а овој испаѓа жртвено јагне. Тоа не е и не треба да биде целта. И понатаму, иако и тој потег не е баш најдоблесен – демек: а другите што правеа? – има голема вистина во неговото дека извесни „професионалци (…) десет години години дремеа и земаа плати во режимските медиуми – пишани или електронски, а сега се истакнати провладини пера во ’демократските’ медиуми“. И понатаму: дека некои од нив „завршија и по владините кабинети како разни гласноговорници и советници“!

Е тоа е работа што „фелата“ мора да ја расчисти, ама не преку грбот на детево. И таа битка мора да ја отворат, јавно, зашто премногу доцнат. Како впрочем и во сите други професии, каде вирееше таква сорта гниди. А вирееше на сите страни! Ама некако почнавме да се правиме многу фини, да глумиме демократи од формат, да делиме пардон и каде треба и каде што не треба. А не треба, многу не треба. И ако вака ја тераме работата ќе стасаме – никаде. Ќе станеме општество на лицемери, на неморални суштества исти како и претходните, ќе ги заштитуваме „силните“ а ќе удираме по „слабите“. Затоа, не е готово додека не е дефинитивно готово. А ние – не сме ни почнале!

КОМПАРАТИВЕН ИДИОТИЗАМ

„Законот за компаративен идиотизам“ (парафразирано според Е. Шафак) како базичен, системски закон во живеачката на Балканиве царува веќе толку векови според цврсти одредби / принципи, а основата ја наоѓа во следното: кога сите се идиоти, никој не е идиот! Има, се разбира, уште цела редица умни мисли и сентенци што еднакво убаво го опишуваат овој балкански синдром, ама мене некако ми се допадна токму оваа. Зашто сето ова што континуирано го гледаме од деведесеттите години наваму, а што требаше да се нарекува од кон демократијата, не е ништо друго туку само подлабоко сплотување во идиотизмот. Некаде повеќе – некаде помалку, некаде појасно – некаде подзатскриено, ама секаде доволно речито и експлицитно за да никој не се почувствува навреден, или отфрлен, или не-знам-што-друго. Скраја да е’! На што би личело кога само ние би имале наше „Скопје 2014“ и само нам светот да ни смее, а албанскиот дел од популацијата да го нема „Плоштад Скендербег“? Плоштад над булевар – извонредна балканска измислица и придонес во урбанизмот! Или, ние да го имаме онолкав Аце, а тие Скендербег во минорни димензии? Затоа му треба (барем) поголем, повисок постамент. Сигурен сум дека не го прашале авторот (Тома Томаи) за дозвола така да му го нагрдат делото. Или ние да го имаме оној фашизоиден „Споменик на паднатите херои“ од нашиот локален Томче „Тинекс“ Бонд, а тие да го немаат оној маоистички плакат распослан по ѕидовите на „плоштадот“, од засега непознат ама нивни маалски автор? Сето тоа говори за видливи напори во нивелацијата на идиотизмот – едните да не се почувствуваат позапоставени од другите, или почествувани, или како сакате наречете го тој вид идиотизам што вирее кај нас.

А компаративниот идиотизам е како вирус, airborne, се шири со идиотски прогресии. На пример, зошто, повторно, само ние да го имаме „Скопје 2014“ а соседен Белград да се резили со стари идеи и идиотизми? Го смислија „Белград на вода“, иако со прилично различна „естетика“ и финансиски импликации но со истите балкански идиотски методи на присила и притисок, манипулации и автократија … А идиотизмите можевме компаративно да си ги мериме во сите домени на живеењето, особено во политиката и владеењето (повторно ние и Белград како брат и сестра, ама и со Хрватска, Црна Гора па и другите во регионот), во културата (пак истата дестинација северно, на околу 450 км.), во загадувањата (иако тука сепак сме шампиони), во корупцијата итн. Затоа и кога некој, во даден миг, ќе посака да излезе од прегратката на тој компаративен синдром, како новата политичка ситуација во Македонија на пример, тогаш следува реакција како (повторно) северните кошавски ветришта среде јули, а очекувани се и друг тип на одговори во вид на некакви измислени временско-политички непогоди. Зашто, ако некој посака да излезе од маѓепсаниот круг на идиотизмот, веднаш се менува целата констелација на односите и геополитичката слика на идиотизмот, па камерите зујат и се вртат кон поинтересниот, понеобичниот кадар и се покажува дека не се баш сите еднакви на дното на пеколот, дека може и поинаку, и подобро.

Оттука, овие рецидиви на едно мртвородено време (ама и луѓе!) какво што беше груевизмот и неговата номенклатура, задоцнети во нивната минатост и минливост, предизвикуваат само кисела насмевка, понекој лош збор или можеби дури и пцост, ама не од немоќ, како што беше порано, туку повеќе од сожалување. И надеж дека навистина станува збор за заостанати „долгови“ на менталитетот и практики што запираат тука. Ако е тоа последното камче во идиотскиот мозаик наречен „Скопје 2014“ – платен и преплатен со наши пари во туѓи џебови – ајде и тоа ќе го голтнеме. Иако со голем срам дека вакви нешта може да се случуваат во втората деценија на дваесетипрвиот век, а особено после сето она што го гледавме низ централното подрачје на Скопје. Ама и со ветување дека опашките тука прекинуваат, дека баграта не може понатаму да диктира свои „естетики“ и „културни политики“, и секакви други политики, се разбира, дека девастирањето на македонскиот (не само) културен простор конечно мора да заврши. А на сите оние клиенти на бившиот режим кои очигледно веќе нашле приклучоци и се уштекале и во новите политики мора да им се исклучи струјата. И ефтината и скапата (иако тие обично работеа на најскапата струја!). Ним конечно треба да ги фати мракот, ист онаков каков што му товареа на македонското општество во целата измината деценија. И тука нема и не може да има пардон за никој од таа криминална булумента, без оглед на нивниот (октроиран) општествен статус, „важност“, „заслужност“ и слични будалаштини. Единствената нивна заслуга и важност е времетраењето на претходниот режим, кому тие и нивните поддршки му подарија цели десет мафијашки години. Таа „културна“ банда професори и режисери, актери и сликари, книжевници и сценаристи, музиканти и секакви други „анти“ беа срцевината на македонскиот компаративен идиотизам, наш придонес во историјата на човечката глупост на овие простори. Нели е време да речеме: доста е?