Monthly Archives: April 2016

ЦРНОТО ВО ШАРЕНАТА РЕВОЛУЦИЈА

или

НАРОДЕН ГНЕВ (8)

19.

Во теоријата за боите црното е не-боја, отсуство на боја или, како и белата и сивата, таа е ахроматска „боја“. И кај сликарите, ако ги прашате, таа „боја“ има различни аспекти. Гоген би рекол „Отфрлете ја црната“ и „Ништо не е црно, ништо не е сиво“, но затоа Малевич за неговиот црн квадрат би рекол дека „Црниот квадрат треба да го евоцира искуството од чистата не-објективност во белата празнина на ослободеното ништо“[1]. Но тоа е само сликарство!

Не знам дали „Шарената револуција“ користи црна боја. Мислам да, како да сум ја видел на некој од стиропорнине „ѕидови“ на скопското (партиско) „културно наследство“. И по се’ изгледа дека е дојден мигот кога овој изразен народен гнев ќе мора да се справи со таа боја и во нејзините редови.

На тоа, имено, ме потсетува актуелната дилема (не само) кај проф. Стојанов (во „Шарената револуција мора да остане шарена“, Слободен печат, 28 април 2016 г.). Сега можеби заличува на блага дилема, „мека“ дилема, а се однесува на наводните инциденти (исвиркување, пароли и слично) упатени кон опозициската СДСМ од страна на одделни учесниците во протестите. Мислам, како впрочем и другите, дека тоа и не е некоја дилема, најмалку црна точка, зашто приматот (ако сакате) на таа партија и нејзиниот лидер не може туку така да се доведе под прашање од неколкумина (веројатно) провокатори. „Шарената револуција“ секако е, како што вели проф. Стојанов,  „шарена од луѓе што припаѓаат на различни социјални, етнички, религиозни групи“. Ама ниту еден од нив не може да го негира, уште помалку да го омаловажува придонесот на таа партија и нејзиниот лидер во овој народен бунт.

20.

Но, од друга страна, дилемата на проф. Стојанов денес како да е зачеток на дилемата утре – нешто со што „Шарената револуција“ ќе мора да се соочи. И да го разреши, енергично и бескомпромисно. Дилемата за „исклучувањето“, како што тоа го поставува проф. Стојанов, е веќе актуелна дилема, иако и таа се’ уште „мека“, без голем замаф. А ќе биде тврда, остра! Точно е дека сега е најважна „суштината“ – дека „ова општество мора да стане демократско“. Односно, ако процесот е демократичен, и резултатот ќе биде таков. И сите кои придонесуваат кон тоа се, нели, добредојдени.

Е тука, во тој момент, кај мене се јавува друга дилема, и таа се’ уште „мека“, ама со јасно исцртани рабови: дилемата за „црното“ и нејзината улога во „Шарената револуција“. И на таа тема сум пишувал повеќе пати, по различни поводи и во различен контекст, но во време кога таа не била актуелна. Сега е’. Односно, веќе утре, како што ќе наближува денот „Д“ и дефинитивниот пораз на бандата, ќе биде уште подраматично изразена. Или, ако сакате, мислам дека е подобро „црното“ да го има повеќе на скопските ѕидови отколку на скопските улици!

Или, уште појасно, мене – и останувам во прво лице еднина – одамна ми е (најблаго речено) сомнителен процесот на „созревање“ на одделни типуси кои до вчера играа во орото на барабиве, а сега се придружуваат во протестите. Па дури се наметнуваат и како некакви лидери. Затоа и претходниот пат спомнав за некои кои денски (се’ уште) конкретно одработуваат за криминалите на власта а попладне шетаат по скопските улици и божем протестираат. Затоа спомнав и некои имиња во контестот на македонската култура, кои одеднаш (ќе) се престоруваат во (киднапирани) жртви. И тие ќе се множат како што деновите на бандитиве ќе се скратуваат. Мислам дека тоа е / тие се таа „црна боја“ што се заканува да ја изеде „Шарената револуција“.

21.

И воопшто не мислам дека е лесно со тоа да се излезе на крај. Но ќе мора, сигурен сум. Зашто токму таквите ги јадат револуциите, не обратно! Затоа и „исклучувачката матрица“ за која што пишува проф. Стојанов не ја гледам исклучиво како зло или како метод што ќе ги повтори авторитарните „политики“ на бандитскава власт. Можеби грешам но, повторно, бројот на тој црнеж ќе се зголемува од ден во ден по македонските улици. Прво ќе бидат кротки и тивки, милно ќе се смешкаат и безрезервно ќе ги прифаќаат паролите. А кога ќе бидат прифатени, ќе почнат да држат лекции за демократија, право и правда. И за патриотизам. И ќе даваат интервјуа. Зашто тие се такви, така се научени да опстојуваат. А и тие веројатно мислеле дека чинат добро на оваа земја и народ присвојувајќи ги сите ресурси (културни, образовни, научни … и други) само за себе и своите „проекти“?! И ќе сакаат да продолжат по истиот пат како ништо да не се случило. Впрочем, за нив никогаш ништо и не се случува, се’ додека тие се први пред благајните. Затоа и мислам дека тие црнила не му требаат на ова шаренило. Барем не денес, и утре!

[1] Kazimir Malevich, Suprematism, 2003, the Solomon R. Guggenheim Foundation, New York.

РАСШТИМУВАН ОРКЕСТАР

или

НАРОДЕН ГНЕВ (7)

19.

Не знам што мислеше оној синдикат, еден од многуте, со расштимуваниот оркестар пред Министерството за (не)култура. Дали ним да им покаже, уште еднаш, и по којзнае кој пат, дека така функционираат како државен орган надлежен за работите на културата? Не морале, тоа е веќе општо место. Ако пак мислеле да ни покажат како функционира македонската култура последнава деценија, и тоа не морале да го прават. И тоа е апсилвирана тема.

Мислам дека постигнаа ефект што не го посакуваа. Ни покажаа, уште еднаш, како (не) функционира синдикатот во културата. Впрочем, ако Министерството за култура функционира како расштимуван оркестар, ако културата функционира на истиот начин, може ли поинаку да функционира нејзиниот синдикат? Би требало да може, ама во нормални држави!

Некако посимпатичен ми беше синдикатот кога делеше свински полутки и јајца за Великден. Така барем вршеше некаква „општополезна“ работа – ја хранеше сиромашната култура. Вака, со расштимувани оркестри, со двајца без тројца кои глумат протестанти, со празни говори и нејасни закани … не знам. Кому, и како се закануваат дека ќе стапат во генерален штрајк? Кои? Тие педесетина наредени пред Министерството за култура? И што,   Македонската култура ќе запре? Па таа е запрена веќе десетина години и тоа никому не му пречи. Зошто сега некому би му пречел „генерален“ штрајк од педесетина вработени?

20.

Масовниот народен гнев против криминалциве на власт очигледно покрена лавина од секакви протести. И вистински и лажни, тоест фиктивни. Не ги мислам овие од овој синдикат за лажни, уште помалку фиктивни, ниту пак сакам да им ја потценам улогата или работата во институциите каде што работат. Ама, извинете, испадна дека отспале добри десет години, сега ги разбудиле боите на „шарената револуција“ и свирчињата на народот, па ајде „брже-боље“ и ние да се организираме. Против што? Против се’, знајно и незнајно, па нека е и против нешто застарено до усмрдување – како на пример Законот за култура што сега им текна дека треба да се менува – а најлесно е против малите плати и слични елементарни нешта. Како да платите се мали од вчера, или од завчера.

Еден мноооогу (не)угледен дневен весник им ги крсти протестите како „забегани“, што ли да значи тоа во контекстот на културата. Ама добро, таму веќе не им е уредничката како голем „познавач“ на културните состојби – сега таа „уредува“ модерни нешта – па ваквата глупост им се простува. Јас не мислам дека протестите им се забегани, ама се лошо организирани и во овој миг бесмислени. (Што пак не значи и дека се согласувам со оние од СОНК кои не се ништо друго туку Тројански коњ во културата, со оние нивни полуписмени јакимовци и дојчиновци кои појма немаат од култура, уште помалку од образование или не дај боже наука. Особено со нивниот епохално глуп став дека колективните договори важеле само за членовите на непрежалениот СОНК. Што му доаѓа на исто како законите во државава да важат само за членовите на дпмне. А можеби така и функционира во стварноста? Или, ако сакате, кога утре-задутре ќе се видат резултатите од „Шарената револуција“ којашто СОНК очигледно не ја поддржува, нејзините придобивки нема ли да важат за нивните членови? Какви шутраци водат синдикат!).

21.

Не мислам дека не е време (и) за општонародна револуција во културата. Ама, прво, таа е присутна во „Шарената револуција“ со нејзини (важни) претставници. Второ, издвојувањето односно потенцирањето на сегменти од општонародното востание – како што тоа сега го направи овој синдикат – е само губење време, и енергија. Придружете се таму каде што се другите! Иако и таму, слушам, а некогаш и гледам, се влечкаат секакви фаци од (не)културата, се мешаат со народ, некои кои до вчера, и се’ уште, беспоговорно слугуваа(т), некои од разни музеи, од Управата за културно наследство (од сабајле прогласуваат културно наследство, попладне протестираат против своите одлуки!) и слични бескичмени типуси! Ни фалат уште оние бессрамни Милчо и Влатко да се прошетаат по улиците на Скопје!!!

Инаку, на македонската култура и’ треба еден заеднички, ама навистина заеднички простест (но без оние јуди од СОНК), но на начин како што доликува: со сериозна масовност и енергичност. Кога целата македонска култура, сите две-три илјади вработени би застанале пред она Министерство и би викнале во еден глас, фасадата веднаш би им паднала. И глувцине, сосе првата глувчица, би избегале од таму!

Вака, со смешна бројност, со ниту едно познато лице, со набрзина прешалтувани (неспособни) „водачи“ во институциите (барем оние кои ги знам), протестите се претвораат во своја спротивност , во вистински расштимуван оркестар!

КРАТКО ПАМЕТЕЊЕ

или

НАРОДЕН ГНЕВ (6)

16.

Се појави еден особено вдахновен „твит“ како одговор на сите (нарачани) „дилеми“, „чуденки“ и морализирања околу „Шарената револуција“ односно нејзиниот колористички атак токму врз продуктите на шизофреново десетгодишно дивеење на дпмнеовската „естетика“ низ Скопје. „Твитот“ вели: Уништуваме објекти? А не прашаа дали сакаме со НАШИ пари да градат барок? Епа кој к*р ние да прашаме дали да БОИМЕ нешто што е и така наше?

И не гледам што овде би можело да се додаде, или одземе, за нештата да бидат појасни! Иако, се разбира, сите знаеме дека глумењето лудило е омилената улога на трабантиве на криминалнава власт. И само што чувствував некаква нелагодност, нешто како да ми недостасуваше, а тие се појавија – непрежалениот ни „Македонски манифест“ и нивната вообичаена („интелектуална“) поддршка на бандава. Ги немаше поодамна, што е право. Беа ли шокирани од „Вистината за Македонија“, од предавничките ли договори на „лидеро“ и од неговото демисионирање па загубија инспирации, што ли … ама некако – недостасуваа. Оваа трабантска тарапана е бедна без нив, и’ фали нивниот античко македонски „академски“ шмек.

17.

И веднаш почнаа со Платон, се разбира, како што доликува на една „академска“ заедница, и со естетиката и моралот. Зашто времево е токму за тоа: „Скопје 2014“ како врв на нивното естетско мерило и криминалите и аболициите како врв на нивното чувство за морал. И не само тоа туку тие нешта биле и врвот на културата (чија, нивна?), па уште и вековна, а сега тука некакви варвари се намерачиле да ја уриваат. И сето тоа да ти било „напад на колективната меморија на нашиот народ, што значи истовремено и напад на неговиот идентитет и име“! Бреее, ова младиве   какви беспризорни и некултурни да ти биле. Но, ако македонскава „академска“ заедница има паметење од само десет години, чудно ли е тогаш што ни се случуваат вакви нешта? И со тоа нивно кратко паметење тие го бранат името, и идентитетот? Иако на нормален човек му е се’ јасно уште кога ќе ги види, ама ајде. И веднаш му доаѓа на манифестџииве да им го посочи „твитот“ од почетокот. Или тие мислат дека имат поголемо право на градов од младиве родени овде? Па и она б’лгарчено со нив, она што отворено ги повикуваше „браќата“ од Русија?

Мислам дека сега сликата полека се комплетира. Партиското наследство прогласено за наше општо (не)културно наследство доби отворена поддршка од (квази)научната, (квази)спортската, (квази)уметничката и сега (квази)интелектуалната „јавност“. И сите се до зла бога загрижени што тоа му се случува на наследството од „лидеро“, од нивната поп-икона на криминалната македонска историја во последнава деценија. Недостасуваат уште некои битни општествени структури, на пример (квази)бизнисмените – оние кои свртеа огромни пари благодарејќи на врските со бандитиве, па оние (квази)естрадни ѕвезди кои за неколку години наштанцаа стотици музички бљувотини и инкасираа десетици илјади евра – онолку колку што ниту еден сериозен македонски уметник не може да заработи цел живот овие напикаа в џебови со неколкуминутни песнички за идиоти. Не ќе ме зачуди ако и онаа Каљопа во Стокхолм излезе со транспаренти и слики на „лидеро“ во поддршка на неговите криминални политики и осуда на меѓународната заедница! Онаа вавилонскана, помогната од Џорџ „главом и брадом“, уротена конечно да не’ збрише од европската мапа.

(Апропо, навистина не ми е јасно како до сега не им текна дека на Евровизија треба да испратат некоја таква песна, а не будалаштини како некаква „Дона“. Да екне бре брате Каљопа – облечена во нашето знаме од Вергина, разбира се – за нашево стиропорно културно наследство, па за Орав и Бејли, ако треба и за Меркелица, за соросоидите и другите гниди, па да видите како се освојува прво место. И кога ќе се врати да ја поминат под Триумфалнана порта. Шаренана!).

18.

И сета оваа (за среќа малубројна, иако прилично малоумна) збирштина стана во одбрана на краткото македонско паметење сега сведено на последниве десет години, а претставено како наше врвно културно наследство. И наместо во себеси да ги препознаат варварските и хулиганските, па дури и џихадистичките пориви, тие ги бараат кај младите, особено овие кои тотално неоптеретени од политикантски мотиви си го бранат правото на правда, морал, иднина. Фактот што патем се справуваат – колоритно – и со партиското „културно“ наследство на бандитиве и нивниве следбеници е само за поздравување. И тоа и се прави, барем од страна на поголемиот и секако поразумен и попатриотски дел од народот. Пропагандните флоскули на трабантиве и платенициве, меѓу кои очигледно предничат и луѓе кои се’ и’ должат токму на вистинската македонска култура што така здушно сега ја предаваат за парче стиропор, не можат ама баш ништо да сменат. Нивното чипирано кратко паметење во кое што грдото станува убаво а криминалот морал е само – кратко паметење. За еднократна употреба. Некој од тоа веќе утре ќе се срами. Или тие се оперирани (и) од срамот? А нивните деца, внуци, семејство …?

ПРОСТОТИЛАКОТ ВО ОДБРАНА НА ПРИМИТИВИЗМОТ

или

НАРОДЕН ГНЕВ (5)

13.

Не сум изненаден што и млади од возраста на Луми Бекири го делат истото мислење за примитивизмот на „нивната“ министерка за некултура, сосе нејзината „Версаче“ чанта. Впрочем, токму младите од возраста на Бекири се моторната сила на овие протести и нивните цели се токму оние грдотии од „Скопје 2014“, „проект преку кој вашето министерство ги исполнуваше морбидните, гротескни и перверзни желби на аболицираниот екс-премиер Никола Груевски. Проект преку кој го уништивте главниот град, ја направивте културата осквернета на најподол начин“, вели Бекири. Но, тешко дека новиве македонски примитивци можат воопшто да разберат што им говорат младиве. И не само нив, туку и што им говореа и повозрасните, па и целиот свет.

Зашто, паралелно со нивниот примитивизам, на дело функционира и простотилакот и целосната замена на тезите како веќе испробано оружје на трабантите на власта против секој разумен потег на народот во оваа држава. Па така, веќе се активира познатиот ешалон на простаци на браникот на примитивизмот и нивните закостени „тези“ за историјата, државата, партијата … не баре Македонија (треба да) се поистовети со една грдотија од типот на онаа Порта. Но тоа е вообичаената нивна црно-бела слика за нас, или сива, како сакате, на дело веќе цела деценија. (Ама каде ли се криеа толку децении, како никој не ги осети?). И можеби токму затоа младиве ги прогласеија демонстрацииве за „Шарена револуција“, за да внесат малку боја во ова македонско сивило. Иако не сум сигурен дека во заматениве посивени глави на трабантиве бојата воопшто пробива.

14.

Немајќи ниту еден валиден противаргумент, тие вообичаено ја влечат историјата за уши и држат (вампирски, би рекол Тричковски!) квазилекции за некаква историска вредност, за некакви наши претци и нивни гробови, сето тоа, ни мање ни више, пресликано низ онаа стиропорна порта. Се пењави онаа Ачковска, која поминала покрај историјата или историјата покрај неа, дека „Порта Македонија е споменик на сите македонски борби низ историјата. Ако ги проследите релјефите тоа е од најстарите времиња она кое ни останало како наше име Македонија се’ до денешната македонска независност и слобода. Тоа за мене е симбол на една борба која се водела со векови од македонскиот народ за своја државност. Секој кој ќе се обиде да сквернави еден споменик кој е симбол на државноста значи дека ја руши македонската државност“. Ни повеќе ни помалку туку токму тоа грдо здание да ти ги претставувало загинатите македонски борци и нивната жртва! Каков простотилак!!!

Што ќе рече дека нашето, и нивното достоинство (мислам на борците, секако) не било (з)газено десет години од овие бараби на власт, од нивните кражби и узурпации, од нивното јавно криминално погребување на сите придобовки токму од тие македонски жртви, туку тоа го правеле децава со две-три канти боја?! И со полна уста Македонија оваа сподоба и нејзините пајташи десет години се закачени на грбот на оваа држава и овој народ, како првокласни клиенти на една полуписмена банда невидена и немерлива по криминалите во историјата на овие простори.

15.

Но уште погнасно е компарирањето на младиве со хулигани, дури со џихадисти, како што тоа го прави еден македонски сликар. И тоа му е малку па ги изедначува со некакви кодоши од некои само нему / ним знани темни македонски историски времиња, а кои по правило им  погодуваат како алиби за сите недоветности. Ваква гадотија е тешко да се смисли, камоли да се напише за овие млади луѓе кои се решени да раскрстат со оваа криминална банда и да ги вратат вредностите и достоинството на оваа земја, и народ, секако.

Простачката одбрана на овој властелински примитивизам на дпмнеовци очигледно ги обединува сите регресивни сили во ова општество, кои свесни дека крајот доаѓа, за ѓаволи ќе ги прогласат и сопствените деца. Или своите студенти, како онаа „професоркана“ на која студентите на врата и’ напишаа која е и што е’! Ќе хистеризираат дека дошло време да се брани државата, а под неа ги подразбираат оние пет-шеесет жигосани од цел свет криминалци со кои што се здружиле во разнебитувањето и на она малку што остана од оваа земја.

Но, се разбира, простотилакот е нивни, и нивни ќе остане. Младиве воопшто не ги бремзаат, уште помалку им обрнуваат некакво внимание. И така треба. Тоа се реликти на историјата, закоравени полицајци на духот, егземплари на некои темни времиња што младиве не сакаат ниту да ги спомнуваат!

П.С. Она што е најинтересно, се тврдењата дека фамозната „Версаче“ чанта на министерката за (не)култура е – фалсификат, шкарт, бофл … веројатно од некој уличен продавач или бувљак од европските метрополи каде што оваа обично пазари. Не би ме изненадило. Шкарт оди со шкарт!

ПРИМИТИВИЗМОТ НОСИ „ВЕРСАЧЕ“

или

НАРОДЕН ГНЕВ (4)

10.

Актуелниов општонароден гнев излеан низ улиците (не само) на Скопје, помеѓу другото, е насочен и против Македонскиот (или подобро речено властелинскиов дпмнеовски) примитивизам што десет години арачи низ земјата. И тоа е евидентно следејќи ги главните цели на демонстрантите – особено онаа скандалозно грда Порта како израз на триумф на овој примитивизам. Затоа впрочем граѓаните секоја вечер ја разубавуваат. И така навистина изгледа попристојно и секако треба да се следи предлогот тоа грдо здание, вака дотерано, да остане како вечен спомен за скопските / македонските демонстрации против режимов.

И јасно беше дека кога тогаш малоумните „архитектонски“ производи на мегаломанскиве примитивци во опинци ќе се најдат на удар на граѓанскиот гнев. И тоа не само заради фактот што граѓаните не беа прашани за ваквиот скап зафат и нивните континуирани протести низ годиниве беа целосно игнорирани, туку пред се’ заради веќе изградениот естетски вкус на овој град кој не дозволува така да биде нагрдуван. И ова воопшти не беше спорно, беше само прашање на време. Лично, не очекував тоа да се случи со вакви размери, особено не уште во времетраењето на режимот. Мислев дека тоа ќе дојде post festum, што не значи дека и сега не ми се допаѓа, напротив! И, повторно, на удар очигледно се токму перјанциите на невкусот – Портата на срамот и Аце среде плоштад! Иако не се единствени. Другите веројатно ќе дојдат на ред подоцна. Ги има многу и треба да се направи редослед.

Но, да не заборавиме, на ред дојде и институцијата на примитивизмот – Министерството за (не)култура како државен орган задолжен да ги изведува / координира сите примитивни чекори во македонската култура во изминатава деценија! Штета за зградата која ни крива ни должна трпи секојдневна тортура, ама и таа се претвори во олицентворение / тврдина на простотилакот. Штета и за скулптурата на Саздовски, ако навистина е оштетена зашто таа е една малкуте пристојни дела што се нашле помеѓу сиот скопски кич!

11.

Се разбира примитивизмот не бил тоа што е кога би знаел дека е примитивен. Како впрочем и нашана министерка за некултура, сосе нејзината „Версаче“ чанта која и’ личи како на глушец сурла и нејзиниот коментар за примитивизмот на демонстрантите и нивниот „… насилен однос кон културните институции во земјава и кон културното наследство кое го поседуваме како држава …“! Прво, таа изгледа се’ уште не може да разбере – а како и би можела? – дека нејзиното Министерство за (не)култура се трансформираше во најомразена институција во македонската култура токму заради неа и нејзините некултурни политики. Таа квазиинституција се претвори во дувло на срамот на македонската – поточно дпмневската – некултура, на антипод на македонската современа култура која се’ уште егзистира, ако треба и по улиците. Таа, се разбира, нема капацитети тоа да го разбере. Таа, сосе нејзината „Версаче“ чанта, мисли дека културата се мачка на леб или се носи под мишка. Или пак се обложува со стиропор! На примитивецот едноставно не можеш да му објасниш што е тоа култура, дури и да му ја посочуваш со прст, да му пуштат филмови (кои таа, кутрата, никогаш нема да ги разбере) или да му читаш книги (за кои таа, повторно, во животот не слушнала)! На примитивецот не можеш да му објасниш дека културата е идентитет (но не „версачеовски“), континуитет (ама не од Ацета наваму), квалитет (но не овој примитивен, дпмнеовски) … па и дека шмекот на haute couture на „Версаче“ не може да се усклади ако од ушите ви ѕиркаат опинците!

И второ, после толку години во самиот врв на власта и, присилно, во врвот на (не)културата, таа не разбра (а и како би можела?!) што е тоа културно наследство односно дека истото не се создава денес, и тука, а особено не од стиропор и мермер што не е мермер ама личи на мермер! Џабе е и „Версаче“, и „Диор“ или „Луј Вутон“ ако појма немате што е врвна култура во сопствената земја, ако за културно наследство прогласувате скандалозно грди порти и очајно неуки и кичерајски спомен домови, па нека се и на Мајка Тереза! Сето тоа е џабе кога не умеете да кажете имиња на два-тројца сериозни а не партиски сликари, еден-двајца „класици“ на македонската литература наместо овие партискиве стрип мејкери … Таа, кутрата, уште живее во некоја друга Македонија, онаа од времето на „ала франка“. Не научи дека светот одамна не ги цени луѓето според тоа што го носат врз себе, туку според она што го носат во себе, особено во главата!

И како што оној Богов тртља во Вашингтон дека македонската економија била стабилна а земјата му гори, така и оваа ко средсело муабети за стиропорот како културно наследство додека ни пропаѓаат цркви стари десет века!

12.

Но, дека примитивизмот не е одлика само на оваа средина или актуелната политика, повторно (по којзнае кој пат) ни потврдува – кој друг ако не тој – нашиот Милчо „национале“, во новиот лупинг апропо македонските протести. И во овој контекст морам да му се заблагодарам на г-дин Геровски за текстот „Гнасното во себе“, бидејќи не’ ослободува од обврската повторно да се мачиме со овој типус и неговиот примитивизам долетан директно од Њујорк или некоја друга светска метропола.

Сакам да кажам дека примитивизмот навистина нема роднокрајност, ниту пак е по правило врзан за посиромашните слоеви (како што некогаш кажуваше теоријата). Не, зашто нашиве Бети и Милчо – едно време си беа добри другарчиња – секој на свој начин, ги побиваат сите стари и нови теории за примитивизмот и неговите исходишта. Впрочем, како што и ние како „држава“ со нашиве изминати десет години ги урнавме сите можни тези за демократијата, владеењето на правото, за нормалноста, културата, цивилизираноста итн. Станавме држава за во учебник како не треба да се постапува! А впрочем, може(ше) ли друго нешто да се очекува од ваков примитивизам?

ЛАЖНА ДИЛЕМА

или

НАРОДЕН ГНЕВ (3)

7.

Некои извори посочуват дека во времето на заробеништвото во 1941 година Жан Пол Сартр ја поставил позната дилема за должноста / одговорноста преку младиот студент кој сметал за своја должност да и’ помогне на својата окупирана земја и да се придружи на Движењето на отпорот против фашистите но, од друга страна, го „врзувала“ и должноста кон неговата болна мајка која не можел да ја остави сама. Која должност / одговорност е поголема, поважна и превладува во такви ситуации? Разрешницата на студентот не е важна, но оваа дилема некако ми се наметнува кога ја гледам онаа толпа народ – и не само неа – што ја шетаат со автобуси, и’ делат по некоја стотка и парче сендвич и сигурно ја анимираат со флоскули за нивната должност кон партијата, кон лидерот, кон оној кој можеби им обезбедил некаква работа за цркавица од 150 евра …

Зошто, имено, тие мислат дека нивната должност кон партијата е поважна, поголема од должноста кон татковината? Или оние гдомовци постојано им верглаат дека партијата и татковината се едно исто? Или се, да простите, навистина толку глупави па не можат да ја (у)видат разликата? Или – не сакаат? Дали останувањето во тоа трло е навистина нивни избор и став дека токму тоа треба да го направат како нивни долг кон татковината? Тоа ли е нивната должност, одговорност – да кмишат пред седиштето на СДСМ без да се прашаат кој ѓавол бараат таму? А сиот друг нормален народ оди пред институциите што не само што ја произведоа кризата туку и отворено одбиваат да ја решат?!

8.

Но тоа е лажната дилема и на сите други кои, на еден или на друг начин, се двоумат или дури и без двоумење се приклучуваат на таа заталкана на погрешно место толпа. И на сите оние кои навистина имаат проблем со „читањето“ на настаните, на „страните“, на случувањата. Некои би рекле дека кога и МАНУ сфати колку е часот, што тогаш останува за другите! Но, шегата на страна, за многумина, можеби, се’ уште магнетна привлечност има режимот и неговите ветувања. На страна што и тие ветувања се веќе одамна лажни односно фалшиви, тој, режимот, исто така одамна е дисквалификуван од натпреватор во одговорноста. Режимите, особено овој, не можат да бидат супститут за држава, татковина, за правда / право, за морална обврска …

Ние можеби не треба да очекуваме од секој граѓанин да завлегува во детали и да ги разбере сите финеси на прекршувањето на Уставот и законите во случајот со помилувањето и деталите коишто целиот опскурен кабинет на Хорхе ги утнал носејќи таква одлука. Ама можеме, и треба, од секој граѓанин да очекуваме да умее да направи разлика меѓу морал и неморал, помеѓу правда и неправда. Можеме, и мораме од секој граѓанин да очекуваме да умее да направи разлика помеѓу 16 последователни помилувања на еден ист бандит и фиктивното помилување – заради баланс односно како алиби – на некој член на опозицијата. И уште еднаш: можеме и мораме од секој граѓанин да очекуваме да се запраша што всушност бара протестирајќи пред седиштето на една опозициска партија, наместо тоа да го прави пред седиштето на оној кој му кумувал на проблемот. Таквите разлики не може и не смее да ги оправда еден сендвич и 500 денари, кои што овој режим повторно ќе им ги земе назад на некој друг начин.

И токму тоа ни дава за право едните да ги нарекуваме толпа а другите борци против неморалот и неправдата, а во крајна линија и борци за (општа) слобода!

9.

Сето ова ме упатува и на една друга разлика која еден интелектуалец би морал да умее да ја направи. На пример гестот на Димитрие Бужаровски да ја одбие наградата за животно дело на СОКОМ како акт / знак на несогласување со културните и другите политики на оваа држава, а особено и заради фактот што покровител на манифестацијата „Денови на македонската музика“, во чии рамки требало да му се додели наградата, е никој друг туку славниот ни Хорхе. Ова споредено со еден друг македонски интелектуалец кој, слично на Хорхета, десет години молчи за случувањата во Македонија, а сега дојде да ни држи предавање за некакви Балкански стереотипи додека (и) негови студенти протестираат низ градот. Одвратно до зла бога! Но, за жал, македоскиот интелектуалец од ваков профил никогаш и не умеел да се ослободи од личните стереотипи и (лажни) дилеми, а особено од повладувањето на власта, која и да е’ и каква и да е’.

НИВЕЛАЦИЈА

или

НАРОДЕН ГНЕВ (2)

4.

Премногу очигледна е тенденцијата, барем кај најголемиот дел од режимските медиуми, да се изедначат нештата, да се стави знак на равенство, прво, помеѓу сите македонски политичари, второ, помеѓу сите политички партии, и трето, и најважно, помеѓу протестантите. На тој начин, низ една таква радикална нивелација на битните аспекти на кризата, но и на одговорот на истата, се’ ќе се сведе исто, или слично, поништувајќи ги сите понатамошни напори за правна разрешница и демократизирање на државата. Зашто, што добиваме, нели, ако се сменат едни а на нивно место дојдат други, исти како претходните? Или, каква полза од промени кога партиите се исти и (ќе) ја водат државата од криза во криза? И третата, се разбира: и „народот“, иако поделен, во суштина е ист, само што едните се за првите, а другите се за вторите, со таа разлика што едните се „мирни“, „христијански“ настроени, а другите се здивени и кршат се’ пред себе! Па вие сега бирајте. А заради овој „разурнувачки“ аспект, овие другиве ќе ги наречат и толпа, и тоа не само режимските медиуми.

Во такви услови и со такви сличности, кому му требаат промени?

Во ваква констелација, сосема на иста линија и иста цел, се појави и  епохалната скаламерија со помилувањата, бетонирајќи ја тезата за криминалноста и корумпираноста на сите политичари. Иако, нели, едните се помилувани за по едно дело (колку и да е тоа смешно и конструирано), а другите за по пет-шестнаесет. Ама, чуму такви квантификации, битна е суштината: сите се исти – криминалци. Само тој е чесниот (sic)!

5.

И бидејќи тезата за политичарите и партиите веќе одамна функционира во јавноста, сега на ред е нивелацијата на демонстрантите. Прво во бројки – дека горе долу на двете страни има подеднаков број протестанти. Како да е тоа некаков аргумент, иако е очигледно (секоја вечер!) дека и тоа е лага. И второ – тука треба да се потенцира правото на сите да протестираат, едни за едните други за другите, и воопшто не е битно што првите се носат со автобуси од цела Македонија и се поткупуваат да стојат неколку часа во центарот на Скопје, искажувајќи ја „народната воља“!

Другите пак ќе бидат етикетирани како толпа – дури и во релативно независни и пристојни медиуми – особено заради нивната агресивност. Без да се размисли дали изразот одговара за маса луѓе кои протестираат против очигледна неправда, кои се борат за своите (и нашите!) елементарни права, кои не сакаат веќе да трпат криминална банда и поматен ум на чело на државата! Ако (млади) луѓе кои протестират против (у)крадената иднина може да се наречат толпа, односно ако некој тоа умее аргументирано да го образложи, и јас во иднина ќе ги нарекувам така. Само што се сомневам дека такво (аргументирано, валидно) објаснување е можно. По истата логика, сите ослободителни движења во светот би требало да се именуваат на истиот (погрден) начин. Особено народноослободителното движење во Втората светска војна. Па тие користеа дури и оружје! Ако некому овие споредби му се пресилни, мене не ми се, зашто ова што го гледаме низ улиците на Скопје е токму ослободително движење. Тоа е таа „критична маса“ што ја бараа некои, особено странците (а за што во неколку наврати сум пишувал)!

Она пак што особено им се приговара на овие демонстранти е искажаното насилство (во неколку инцидентни случаи!), што пак може да ги квалификува за етикетата – толпа. Но, и тука има еден битен аргумент: каде, и против кого било искажано тоа насилие? Прво, кон канцеларијата на претседателот на државата – значи кон онаа иницијална каписла што го запали овој бунт. И второ, кон државните институции кои што ништо, ама баш ништо не преземаа(т) за заштита на правото и демократијата. Дури спротивното – го отежнуваат процесот. И понатаму, ако целата измината година, сите демонстрации на несогласување со државниот криминал и коруптивната политика беа водени мирно и достоинствено, и не дадоа резултат, тогаш што друго му преостанува на овој народ?

6.

Ако веќе и пристојни новинари решиле да го употребуваат зборот толпа, тој е посоодветен токму за другата група демонстранти, онаа што „христијански“ демонстрира а не знае за што, или против што, онаа толпа која е товарена во автобуси и шетана каде што ќе и’ се нареди, онаа толпа која не прашува каде и зошто ја транспортираат, оној „народ“ кој се продава за сендвич и можеби 500 денари. Не дека јас немам разбирање за сиромаштијата и фактот дека некому токму тие 500 денари (ќе) му значат можеби многу. Ама сепак, белки тие пари можат да се заработат и поинаку? Или, белки некој од нив ќе се прашаше што бараат да протестираат пред седиштето на СДСМ кога одлуката за помилување ја донел никој друг туку нивниот „претседател“?

И токму таквиот дезориентиран, апатичен, столчен и поткупен „народ“ повеќе заличува на толпа отколку оние бунтовни и некогаш насилни млади луѓе со зовриена крв од катастрофата и безизлезот што ги живеат во континуитет од десет години.

НАРОДЕН ГНЕВ

1.

Секој кој ќе посака да каже или напише нешто за актуелниве настани во државава мора претходно или да помине час-два на протестите во Скопје, или барем да погледне повеќе видео снимки од истите. Иако, се согласувам, тоа никако не е исто. Ама за стравотиите на нештата не можеме секогаш да цениме според личните искуства, зашто тоа често е и физички невозможно. Токму затоа современата технологија е оној непристрасен посредник, објективен сведок (и) на злосторствата од најлош вид. Да ги немаше оние снимки од концлогорите во Втората светска војна можеби многумина дури и ќе поверуваа во малоумните (и се’ уште актуелни, барем кај нас) провокации за измислениот холокауст. Ама кога ќе ги видите снимките …

Затоа велам дека и нашиве репортерски видео белешки – а за кои што треба особено да им бидеме благодарни на снимателите и новинарите – сосема пластично и веродостојно ни го покажуваат сиот гнев на народот апропо скандалозните помилувања на криминалната банда. А таков гнев, таков бес, такво јавно (и насилно) несогласување со една „политичка“ одлука оваа земја не видела во нејзината современа историја. И тоа треба да се запамети!

Без оглед што некои малоумни новопечени а недопечени „историчари“ сметаат дека македонската историја започнува во 1991 година, ние кои подолго и подобро паметиме можеме да направиме разлика. И тоа денес ни е особено неопходно! Јасно и гласно да се каже дека вакво нешто оваа земја не доживеала во последните сто години!!! Ваков масовен народен гнев – спонтан, искрен и неконтролибилен – излеан на улиците на Скопје, современата историја не забележала. Затоа, впрочем, дури и бандитите не се осмелуваат (повторно, како лани) да спинуваат за опозициски местенки, за поттикнати „од комуњарите“ протести и слични идиотлуци!

2.

И тие точно ги знаат причините за тој масовен гнев, за тие фуриозни и често насилни (за сега само кон материјалните нешта) искази на несогласување со ваквото криминално водење на државата, со лагите и манипулациите, со нечесното и антидржавно однесување и, во крајна линија, со директното потценување на интелигенцијата на граѓаните. И мислам дека последново е особено изразено во овие протести кои доаѓаат како одговор на перфидните и скандалозно срамните „помилувања“ од страна на една минорна човечка фигура фатена во канџите на мафијашката политика. Која пак упорно глуми некаква институција на која што и’ веруваат 65 проценти од граѓаните! Е па тие му ја покажаа довербата низ улиците на Скопје, и врз неговата „народна канцеларија“!!!

Ваквиот изразен гнев на граѓаните на Скопје е резултат токму на одбивањето да бидат третирани како соучесници во криминалните дејанија на власта, некој да ги гледа само како потенцијални гласачи чиј глас утре може да го фалсификува, да ги понижува со објасненија дека тие дури и не се свесни колку им е убаво во државава. Во нивна режија, се разбира.

Вчерашните пак „објаснувања“ на онаа жална фигура – инаку веќе бележена како најцрната дамка во нашата понова политичка историја – за (повторно) некакви странски служби, за негова чест и морал, за неговите напори за стабилизација на кризата … само дополнително ги разгневуваат граѓаните. Веќе никој не е спремен да слуша такви закоравени во минатото блебетања, такви ксенофобични и сељачки флоскули за некаква „нивна Македонија“ која ја виделе само во нивните мокри соништа, за нивните крстоносни походи против сиот цивилизиран свет. Сето тоа е навреда за современиот македонски граѓанин и тоа се гледа на улиците на Скопје!

3.

И најдобар одговор на „професорот“-претседател дојде токму од студентите, преку пораката по мандатот да не се враќа на Правниот факултет. Зашто после се’ за него таму нема место. Па има ли поголемо понижување од тоа, има ли појасен одговор за неговите постапки изминативе денови? Зарем тој, и тие, уште мислат дека можат туку така незказнето да лажат и мамат, да манипулираат и мантраат за некаква демократија, право, чест …? Некогашната студентска ’68 во бившата Југославија е детска играчка споредена со овој студентски бунт против малоумни политичари и професори идиоти. Овие млади луѓе – а тие се најбројни на секојдневните демонстрации – ко со скалпел прецизно ги сецираат постапките на узурпаториве и нивните слуги и им лепат соодветни етикети: фашист, антидомократ, автократ, бандит … вратете ни ја државата … итн! И им ги закачуваат на вратите на нивните кабинети и по ходниците на факултетите. Просто да ве изеде срам, ни криви ни должни, кога гледате на што, и на кои, спадна оваа држава!

Затоа, сето ова е израз е на потиснувани со години незадоволства, немирење со состојбите, одбивање да се прифати помилување на криминалот и, конечно, некој континуирано да ве третира како глупак. Одбивање понатаму да се повладува и повинува на неспособни и некапацитетни луѓе, полуписмени понављачи и неспособни поединци со кражби добрани до власт, за да вршат нови кражби. И сите навреди за нив се малку, зашто нивните навреди кон нас беа (и се’ уште се) огромни и   континуирани. А тоа не се заборава.

ЛУДАКОТ, ТОТАЛНО СОГОЛЕН

1.

Не сум сигурен дали воопшто има смисла нешто да се пишува за последниве настани – веројатно и премногу пишувавме а малку конкретно сработивме. Дали воопшто има смисла нешто и да се мисли апропо лудакот и онаа банда околу него – веројатно и премногу мислевме и смислувавме додека тие хохштаплерисуваа. Ама не може(в)ме белки сите да се престориме (специјални) јавни обвинители и (специјални) судии? Па и џелати, ако затреба? А можеби треба, кога веќе до овде дојде работата?

Премногу простор им дозволивме, премногу време ни одземаа, премногу нерви потрошивме – и драгоцени години од животот! Не заслужуваат повеќе ни збор, ни минута. Освен, можеби, како што добро предлага Тихомир Јанчовски, човек да се приклучи кон неговиот повик „сите нормални луѓе на оваа земја што го разбираат јазикот на кој пишувам, кога ќе го видат Иванов да му плукнат в лице или да исекнат мрсул на него, за да му стане јасно што човек е и што прави“! Зашто ништо подобро не заслужил(е), зашто нешто вакво не видела, ни чула, ниту една цивилизирана европска земја. Тоа е најмногу, и најмалку, што секој од нас треба да го направи. И толку. Зашто за повеќе – не е вреден. Ни тој, ни пајташите му!

Човек не може да не се согласи и со Геровски дека „Сега треба да се гледа големата слика и да се помириме со ноторните факти. Парламентот е распуштен. Точка. Вељаноски има право да распише избори и ќе го стори тоа. Точка. Постојниот распуштен парламентарен состав не може да заседава за ниту едно друго прашање (па ни за евентуално одлагање на изборите), освен за прашања поврзани со воена или вонредна состојба. Точка“. Многу точки, ама на место се. И – големата слика ни е претерано ужасна, збајатена, застоена! Комплетно сјебана и замирисува на нешто многу лошо.

 

2.

Веќе не е ни смешно, уште помалку тажно. Нашава современа трагедија се претвори во трагедија на лудилото. Актерите целосно го разоткриваат нивното вистинско лице. И ниските, луди пориви. А лудакот на Водно покажува уште една негова страна. Онаа мизернана, квазистручнана, квазиполитичкана ја покажа одамна, сега ни се прикажува и во онаа најличната, (квази)човечката: дека е тотално неспособен, дека е целосно неурамнотежен и – дека е сам! Дека нема ни семјество ни пријатели, ниту еден близок со кој (би) може(л) да сподели тешки моменти, да побара совет: да се направи или не, да се соголи целосно или да сочува трошка достоинство. Покажува дека е напуштен од сите, ако воопшто и ги имал, зашто, инаку, зарем некој близок не би му укажал на последиците од тоа што го (на)прави? Покажува, и докажува, дека цело време бил вртимушка, диригирана кукла на кратко јаженце, сенка без свое јас. И без никој свој. Опкружен само со исти или поголеми лудаци!

А можеше, барем така мислам, можеше со еден достоинствен потег, па нека е и единствениот што го направил во животот, можеше значи да одмавне со раката и да каже – не, благодарам. Дури и по цена да се обелоденат сите валканици што ги правел, сите ујдурми преку кои дошол на тоа место. И можеби некој ќе му простеше. Можеби дури и многумина ќе му простеа, дури и неговите најблиски што повторно и дефинитивно ги изрезилил, за вјек и вјеков. Можеше, во неговото конечно „да се биде или не“, да се престори барем во човек. После ова тој никако не е, го нема, исчезнува во црнилата на македонската историја. Заедно со неговите газди. Останува на сцена само лудакот соголен до гола кожа!

СТРУЧНОСТ И КОМПЕТЕНТНОСТ

или

ЗА ЦЕНЗУРАТА (3)

8.

Една од основните цели на македонската современа цензура (не само) низ медиумите е, прво, да се маскира / камуфлира / целосно сокрие реалната слика за актуелните состојби односно лаги (економски, културни, образовни, инвестициски, системски …), и второ, да се задуши / стиша / елиминира секое друго мислење кое дури и малку внесува сомнеж во единствената вистина пропагирана од Владата и нејзините трабанти, ги разобличува  нивните лаги на сите општествени полиња, откривајќи ја со тоа и нивната вкупна неукост, неспособност и шарлатанство дури и во најсериозните домени на државното управување. Ваквиот тип на цензура е особено присутен деновиве, после самоволното и во основа дилетантско (само)распуштање на Собранието, без распишување на од нив толку посакуваните избори. Тие, демек, ќе биле распишани – дополнително! Така барем не’ просветлува „првиот“ човек на Собранието и, за жал, формациски, втор човек во државава, иако и на просечно упатен (и интелигентен) човек – а оној очигледно не е таков – му е јасно дека тука нешто во старт не штима. Зашто, ако Собранието е (само)распуштено, кој тоа, и кога, и како ќе реши кога ќе ги распише изборите? А кога пак тоа стручно ќе го елаборира и човек од калибарот и реномето на Шкариќ, сите можни дилеми се расчистени. Ама не – за сите, нели, не и за „претседателон“ на Собранието? Она кое веќе не постои бидејќи се самораспуштило. И кога проф. Шкариќ укажува дека тоа е неуставно, овој, со неговата братија, настојчиво тресе глупости.

Но, колкумина ќе го слушнат респектибилниот и стручен став на еден професор по Уставно право ако тој е пренесен само преку една-две телевизии, а останатите 90% свесно го игнорираат – поточно: го цензурираат – за да граѓаните останат во лажното во основа убедување дека се’ се одвива според Уставот и законите? Како и сиве десет години, нели?!

9.

Или фамозната бурлескна одлука на Детската градинка „Влада на РМ“ да ги поништи / укине сите (кадровски) решенија на техничките министри на опозицијата, иако овие формално се се’ уште членови на таа „Влада“. Та и малку писмените знаат дека кадровски решенија не се укинуваат или поништуваат, а најмалку суспендираат (како што просветлено упатува токму вториот човек на државава!) со една Владина одлука, а со важност за сите, наназад, туку се неопходни поединечни решенија за секој случај одделно. И второ: токму Владата не е таа што може / смее тоа да го направи!

Но, кога таква потврда ќе стаса и од стручњак како проф. Данева, тогаш не останува место за сомнеж дека шарлатанине повторно правеле ујдурми. И кога истата професорка ќе ги упати на конкретен учебник („Административно право“) за втора година правни студии, јасна е стручноста на државниот врв. На чело со Трајкота, па оној смешнион нем технички премиер, па надолу. (Ако некој праша за Хорхета, тој сигурно дреме во некое ќоше!). Но, повторно: колкумина ќе ја слушнат / прочитаат Данева и информацијата / објаснувањето за идиотштината на Детската градинка „Влада на РМ“, одвај емитувана на неколку телевизии и еден дневен весник наспроти секојдневното трубење на (про)владините медиуми за успехот и ефектите од овој чекор на Владата?

Затоа, деновиве ни се вистински показ на цензурата на дело, на (главно успешните) обиди да се елиминира секаков сомнеж во неспособноста, во шарлатанството, во кримогениот карактер на владејачкава структура. И тоа, изгледа, допрва ќе го гледаме во огромни количества. Зашто секој нивен потег е шашма, манипулација, уличарство од отворен тип, но успешно камуфлиран со ефектите на пропагандата и црната цензура на медиумите.

И истата постапка се спроведува и по однос на информациите што доаѓаат однадвор. Сосема ретко ќе чуете (главно фризирана) информација за странските одгласи по повод нашиве будалаштини. Ако воопшто нешто дозволат да чуете!

10.

Денес, можеби, критички настроената јавност секојдневно омасовува, очите и ушите се поотворени од кога и да е’ во изминативе десет години, иако од тоа не гледаме којзнае колкава полза. Зашто нештата се движат по оваа пруга веќе цела деценија, тимовите се уиграни, шемите се скроени, се’ функционира безмалу беспрекорно. Социјалните мрежи се навистина преполни со критички тонови и освестени граѓани, дури поосвестени и од македонските „водечки“ политичари (ако тука можат да се вбројат сите оние протуви кои во минатото основале свои семејни партии па сега се спремаат на избори!). Но, не случајно медиумите остануваат последниот бастион на властодршците и нивните мегафони. И ако некој навистина си ги заработил парите во изминатава деценија, тоа се тие новинарски гниди кои секојдневно работеа на инженерингот на информациите во државава. И се’ уште работат. И таа македонска цензорска црнила можеби нема да потрае уште којзнае колку долго. Но доволно долго за да се отиде уште еднаш на избори под стари услови. А ако опозицијата повторно падне на истиот штос – Господ нека им е на помош. И нам со нив!