Monthly Archives: August 2017

НЕ Е ГОТОВО

Никогаш не е готово додека дефинитивно не е готово. Овие ништо не се сеќаваат, дури „не паметат“ ни како, ниту каде ги трошеле државните пари од картичките – пуфлана дури „не знае“ ни дали ги трошела од нејзината или од службената картичка – некои, се покажува, имале и двојни (можеби и тројни?) идентитети (од Г.Г. на В.В., а можеби и „нешто треќе“!) па сега државава не знае кого всушност бара, тврдокорнине пак ќе маршираат – а „промаршираа“ и на сцената на СВП, каде од првите редови, повторно, се ѕвереа истите петрифицирани лејки, само Паскалчо по правило ѕиркаше од третиот ред – градежните работи си продолжуваат со забрзано темпо да се фатат роковите … И – било готово?! Што? „Скопје 2014“? Како да не! Од Плоштадот „Скендербег“ се возвишува нов соцреалистички етно-ораториум како современа „замена“ за некогашниот „кубистички ораториум“ (Б. Петковски) на Борко Лазески во старата Железничка станица во Скопје. Овој е само неколку стотини метри кон Север, и на отворено, луѓето да не се мачат да влегуваат во разноразни објекти за да го видат. Денес побрзо се живее, се нема време за губење. Впрочем, додека ние педесетина години се каниме божем да го обновиме стариот, некој се сетил да ни направи – нов! Е сега, не бил таков, бил ваков, бил онаков … бил смешен … па смешно е и времето во кое што живееме, нели? Кога би тргнале по логиката на смешното, би умреле од смеење! А и споменикот на Скендербег добил нов постамент, речиси идентичен како оние некогашни два на српските престолонаследници, лево и десно од Камениот мост. Чиста „Постмодерна“!

И според австралиски стандарди – земја која што апсолутно не е за потценување – кај нас ќе биде готово дури после 138 години, што ќе рече некаде во далечната 2155 година. Тогаш, можеби, ако ги достигнеме австралиските височини на размислувањето, ќе почнеме сериозно да се занимаваме со прашањето на „Скопје 2014“. Зашто ним, на австралијците, со сиот нивни демократски бекграунд, им требале точно толку години да се свестат дека споменикот на оној Џејмс Кук во Сиднеј им раскажува лажна приказна, па едни посакале да ја менуваат само таблата а други богами и да го урнат целиот споменик. Не знам дали нашава група за „Ск 2014“ ќе издржи до 2155 година за да се’ биде готово, иако не знам дали и во тој рок ќе се успее се’ да се заврши.

Како и да е’, приказната продолжува, со добро темпо. И иако, ете, дури и од Полска не’ прозиваат за нашите „етноцентристички модуси“, немам ама баш никаква намера да анализирам – иако не знам дури и што тука би се анализирало – нешто околу т.н. мурали за Скендербег. А би можел, зашто знам некои од решенијата што беа нудени на конкурсот, пред година-две. И кои што се како бог и шеширџија во однос на ова што го гледаме, а кое што некој сака некому да му го продаде како мурал односно како уметност. Дури не би се согласил дека тоа е етноцентристички модус. Тоа, за мене, е – идиотски модус, па кој како сака. И не гледам што тука би требало да се додаде!

Но, да се вратам на времето, она после некои цирка 140 години, кога ќе ни стаса од газот до главата дека тука нешто не штима, дека ова околу нас е чист идиотизам, белки тогаш нема повторно да формираме работни групи туку ќе излеземе, тоест ќе излезат, здушно македонци и албанци, со чекани и хилти в раце, па и багери ако треба, и ќе ги решат овие лепешки. За некои не ќе треба мака, самите дотогаш ќе се распаднат во прав и пепел, последново „ремек дело“ сигурно, но врз тоа што ќе остане – бронзата не е така лесно разложлива – ќе мора конечно да се интервенира. Иако тоа може(ло) да се направи и вчера, и денес, па и утре, ако сакате, и животот ќе ни тече(л) еднакво среќно по истите патеки. Зашто тука воопшто не е во прашање Скендербег или Аце Велики, Ченто или Гоце, Питу или едикојси. Тука станува збор само за алчност, коруптивност, криминал … и ништо друго. Но, како сакате, можеме и да причекаме, што се пак 140 години наспроти вечноста?

image-0-02-04-bbea1bc2b080bae05404813f9dde0f9fc8bef2fbdbe1318dc615ee466e6fea5a-V

Инаку, дека ама баш ништо не е готово и дека секој овде може да прави што ќе му прдне на памет покажува и најсвежиот пример пред училиштето „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела вода, каде некоја будала, веројатно со амин на „големата“ глупица (не е техничка грешка!) која што глуми градоначалничка, распослала две голи (гипсени) жени среде тревникот и мисли дека завршил голема работа! Затоа, пред да викаме по Скендербег, ѕирнете си во дворот – училишниот, малскиот, домашниот … Со ваков народ никогаш не е готово!

image-0-02-05-096d45ff0e472657e3332647db597a451056ee834cab39fab57c7616dc61e041-V

ПАЛАНЕЧКА МЕЛНИЦА НА ДУШИ

Какво време дојде, ако не се изјасниш за Дарко Лешоски барем со збор-два како да не си (од) тука, како да си на некоја друга планета или барем некој од оние астероиди што зачестено профучуваат покрај нас. А јас дури да кажам „а“, човеков крена раце од нас. Подобро и не сме заслужиле зашто уште еднаш, по којзнае кој пат, ја покажавме целата разорна моќ на македонската паланечка (не)култура, толку длабоко вкоренета во македонскиот јавен простор. Барем да му дадеа шанса, па ако / нека ја прокоцка и тогаш да имаме за што да го критикуваме. И да го смениме, и да му удриме ќотек, ако треба. Вака … Но, можеби и му направија услуга, зашто и не е некоја посебна чест да бидеш претседател на Управен одбор на Струшките вечери, онакви какви што ги наследуваме од неписмената орда. А во тој Управен одбор само Лешоски им засмета? Оние другите, оние анонимуси покрај него – тие се ок? А оние претходните? Но добро, и тоа е ука, и на тоа треба да се учат младите, па кога ќе станат пет-шеесет годишници, тогаш државата (повторно) ќе им даде шанса! Не знам што и како ќе направеше Лешоски со Струшките вечери. Веројатно имал некаква идеја инаку не би се нафатил на работата. Нема да дознаеме, во блиска иднина. Но, признавам, ме допре неговата претходна „исповед“ на неговиот матичен медиум – ФБ! И бидејќи го споредуваа со некои повозрасни и демек посериозни претходници на Струшките вечери, ќе се осмелам да кажам дека многумина од тие „заслужници“ на македонската поезија и култура во животот не напишале толку бурен и животен текст!

Но, она што беше уште помизерно беше поистоветувањето на младиот поет со еден возрасен … ај да не кажам што … кој исто така, демек, „се откажа“ од понуденото функционерско место. Е тоа е уште погрозната страна на паланечката мелница на луѓе, кога ве поистоветуваат со секакви, па и такви, а со кои немате ама баш никаква допирна точка, освен фактот, или актот, дека сте постапиле слично во дадена ситуација. Иако ни ситуацијата ниту постапката не е слична, апсолутно! Уште помалку луѓето. Ама паланката не бира средства и методи, не бара да ги согледува нештата трезвено и објективно, туку работи методично по принципот на дискредитации, гласини, „мислења“, „ставови“ … најчесто од тотално некомпетентни луѓе. Да, разбирам што е демократија и јавно мислење, особено потребата истите да ги имаме денес и овде – некои ќе речат дека за тоа се бореле, јас не, не’ сум се борел за ништо, можеби сум се залагал за нешто а тоа нешто, ете, добило шанса – ама се’ има свои граници. Или барем треба да ги има. А тие граници ги поставува вистинската култура, онаа на културната демократија, на културниот дијалог, на правата на единката, па и на фактот дека никој не е виновен додека не се докаже спротивното. А детево го осудија на жими мајка, прво само затоа што е млад, што е најстрашно, а потоа и заради тоа што бил неискусен – демек Струшките вечери едно искуство, па, па, па – а во крајна линија најгласни беа коментарите зошто тој а не јас, или нешто слично, а ова вадеше очи меѓу редови! Некои кои се немаа огласено цела деценија, кои не кажаа збор за злосторничкото здружение и нивните криминали, сега кренаа глас. Демек – во одбрана на демократските права. За разлика од тоа, ниту еден, или сосема мал број, регистрираше дека еден од симболите на македонската пролет, новинарот Кежаровски, ја напуштил земјата во потрага по подобро денес и утре. Тој, имено, не го заслужи нивното демократско внимание, ама детево – да, само заради фактот што сакало да се нафати на неблагодарната работа (тоа го потпишувам уште еднаш!) наречена Струшки вечери на поезијата.

И овде веќе започнува да работи и паранојата, мојата секако, дека паланката се има удружено во интерес токму на тој мастодонт на македонската (не)култура – иако некои сакаат да го прикажат како перјаница на македонската поезија и симбол на македонскиот идентитет, што е чист нонсенс во даденава ситуација – само за да се задржат некои / нечии позиции, некои закостени односи, некои анахрони теченија на „поезијата“. Не спомнувам (барем засега) бенефиции и финансии, но тие се во самата срж на прашањето, како впрочем и во целата македонска култура во изминатава деценија. Паланката по правило сака нештата да остануваат по старо, зашто секоја промена е ризик, а промената со млади и квалитетни луѓе е двоен ризик. И, очигледно, нивната пропаганда поминува, фаќа корен дури и денес, неколку месеци по обидите за демократизација на македонското општество! За жал, секако.

АЛЧНОСТ И НЕЗАСИТНОСТ

или

ДЕВЕТ КРУГА (2)

Е сега, дали, на пример, во некој од деветте пеколни круга концентрично како одбрана наредени пред ликовите-симболи на злосторничконо здружение повторно ќе ги гледаме истите фаци како, на пример, оние кои ги мереа скопските улици закитени со црвено-жолти ленти? Или тоа друштво се распрсна на сите страни како што впрочем и се собра, зашто сега снема пари односно како што државната каса премина во рацете на ова комуњариве? Ќе има ли игри и песни – фолклорни, се разбира – како вечерта пред Собранието на РМ, додека внатре толпата беснееше и тепаше се’ живо што не мисли како нив? Во тогаш вртените ора гледавме, богами, секакви фаци, на бината зад микрофоните тие денови урлаа дури и уметнички (пот)платени со скапи ретроспективни изложби, однапред исплатени, за да на комуњариве не им текне да им ги секнат парите кога ќе ги превземат институциите. Знаете како: комуњари како комуњари, веднаш пристапуваат кон радикални мерки! Иако, да ме прашаат мене, јас би ги оправдал и на дело, „во живо“, таквите епитети. Нека си ја прави изложбата дома, и така е преплатена, што мора да зафаќа простор во институциите?

Како и да е, Данте, во првиот круг на Пеколот ги сместува т.н. неверници, или нехристијани, меѓу кои и многу славни имиња од форматот на Хомер, Аристотел, Електра, Саладин, Јулие Цезар и други – иако нивната вина не е многу јасна. Тие не се неверници по избор. Но кај нас ситуацијата би била (барем) обратна. Кај нас токму самопрогласените верници застанаа, и повторно ќе застанат во првиот од концентричните кругови во одбрана на злосторничкото здружение. Како што впрочем и криминалциве се’ што правеа правеа за народот, за државата и (божем) – за верата. Таквите клеро-криминални комбинации секогаш палеле на овие простори. И играле ора. И секогаш „верниците“ се ределе зад нив, или пред нив, сеедно. Така ќе биде и утре кога ќе треба криминалците да ги спасуваат од заслужената казна!

Во вториот круг, кругот на Алчноста, во делот каде „нештата не сјаат“, ќе има голема навалица. Ако нешто функционираше во минатата заробена држава, тоа беше алчноста. За се’ и по се’! Неизживеана, гладна, непрошетана, необлечена, сиромашна … толпа народ начека истомисленици што ќе ја водат во неказнето (така барем мислеа!) ограбување. Првите редови во кругот на алчните веројатно ќе бидат резервирани за оние кутрине контрапротестџии гладни за сендвич, бесплатен превоз и по некоја ситниш дневница, ама останатите редови сигурно ќе бидат пополнувани од клиентелата од различни професионални профили зашто алчноста кај нас во изминативе години беше распространет, речиси национален спорт. Не знам само кој од „најпатриотската“ партија ќе ја има улогата на Минос односно распределувач на клиентиве по круговите. Ако оној бившион шеф на кабинет е, како што велат, неупотреблив, можеби некој од Халкидики ќе ја превземе таа улога? Чисто онака, заради географија, и митологија?!

А всушност, мислам дека распоредот по концентричните кругови во одбрана на врхушката на злосторничкото здружение по угледот на Дантеовите девет круга и нема да биде баш така лесна работа за само еден човек. Зашто ние, односно тие – клиентите кои така ревносно и „гладно“ ги поддржуваа криминалциве цели десет години – не можат едноставно да се класифицираат во само една категорија или еден круг (Алчност, Лакомост, Незаситност, Гнев итн.). Ние, односно тие секогаш биле специфични, историски, и обединувале повеќе гревови во една личност. А изминатава деценија беше како измислена за сите грешни души во оваа земја, како подарена од небесата за да се види кој е кој и што е што. И видовме, мислам, и разбравме. И тоа, мислам, повторно ќе го гледаме кога ситуацијата ќе се „згусне“, кога по наредба, повторно, сите, или барем повеќето, пак ќе застанат во одбрамбениот круг околу врхушката која така одлесно ги плаќаше и нивните (не)дела. А ги има многу. На (не)делата мислам. Ги има и конкретни и виртуелни, се’ уште неконкретизирани. Едни се во онаа група за која што е задолжено Специјалното јавно обвинителство, ама има многу и во јавниот простор. Речиси подеднакво се страшни, човек дури не може да се определи дали „приватниот“ криминал (кражбата) е посвирепа од јавниот криминал, оној од типот на „Скопје 2014“, на пример, или на јавните поддршки и плукања по се’ што пројавуваше поинакво мислење итн. Замислете само колку, и какви, ги имаше во културата. На пример алчноста, лакомоста и незаситноста во македонскиот филм?! Колку пари изеде овој аждер? А сака уште! Колку самонаречени продуцент(к)и, режисери, глупици … продефилираа овие десет години?

Концентричните кругови на грешните во одбрана на злото како оние што ги гледавме неодамна во Собранието сепак ќе бидат разретчени. Односно, се ретчат, и ќе се ретчат сами од себе веќе со самиот факт што не функционира заедничката злосторничка каса. Зашто Злото во принцип така функционира – додека има од што да се храни. Кај нас имаше, премногу. А многумина, богами, останаа и вечни должници на злосторниците и тие никако не ќе можат да се повлечат. Не се само изложби и откупи, филмови и бизниси во прашање, има таму и подебели нешта!

ДЕВЕТ КРУГА

Има голема симболика (политичка, социолошка, криминална, но и психопатолошка) во она опозициско стадолико опкружување на собраниската говорница, штитење на микрофонот и тогашниот говорник, недозволување на тековните процедури односно продолжување на сега и физичката заштита на колаборационистот на криминалното здружение кој, кога ќе биде сменет, а тоа ќе биде бргу, може и да „пропее“, или не, сеедно, но кулата од карти наречена „најпатриотска“ македонска партија ќе се урне речиси преку ноќ. Затоа, впрочем, злосторничкото здружение трансформирано во десет пратенички групи сега изигрува партиско СЈО чувајќи му ги гласните жици на нивниот главен  заштитен сведок – некогашниот јавен обвинител на оваа држава. Другите бивши јавни обвинители ги ангажираат како нивни адвокати! Кај нас и тоа е, велат, нормално! А зошто па да не, кога пред очи и така ни се одвива и друг неверојатен процес: на трансформација на главните бранители на идеологиите на злосторничкото здружение во први критичари на истото! Просто од нив не можете веќе да дојдете на ред да кажете нешто. Ене го и „професорон“ – препишувач се загнал секојдневно да ги полни страниците со негови „критики“ на омилениот му т.н. проект „Скопје 2014“, зашто сега веќе тоа е полукративно отколку одбраната на истиот. Колкумина такви ќе се провлечат низ познатиот македонски систем на неодговорност и неотчетност, на релативизацијата на се’, до крајни граници? Очекуваме, наскоро, да се огласи и лудиот „архитект“ и категорично да ги отфрли односно демантира  сите врски со истата будалаштина која што, веројатно, некој или му ја подметнал додека спиел или тоа уште еднаш е некое масло на Сорос и неговите поданици во Македонија! И целата таа кружна симболика, повторно, е наша симболика – на нашата политика и култура, на нашиот морал, на нашиот професионализам, ама и на нашиот познат нагон за самоодржување / преживување, тестиран цели неколку века, а кој што редовно дава „добри“ резултати. Иако губи во најважното, во достоинството, ама кој пак денес, или кога е да е’ на овие простори, мислел на тоа?!

Ако пак релативизациите на нивните учества во злосторствата не поминат, тогаш тука е обрачот – онаков како во Собранието, заштитен стадовиден круг кој што, мислат тие, (ќе) ги штити од правдата што ја бара народот. Можете да замислите што и како ќе се случува кога ќе дојде ред за апсења? Или кога, можеби на чело со „професорот“-препишувач сега во стилот на голуб превртувач (во улога на Вергилие?), во некоја блиска иднина, ќе тргнат багерите кон Ќосето и останатата споменичка дружина? Тогаш ќе се формираат дури девет одбрамбени круга околу Андона Лазов, околу лудиот „архитект“ и неговата дружина, околу Ацета Велики … во кои што, според Дантеовите приказанија, ќе се наредат сите локални „патриотски“ сили на некогашниот режим. Тие ќе го бранат, како што вели Данте, царството на оние кои ги отфрлиле духовните вредности, давајќи им предност на бестиалните апетити или насилството, или искривоколчувајќи го нивниот хуман интелект во измама или омраза кон останатите.

А не случајно во предворјето – во вестибулот – на деветте круга Данте ги сместил неопределените, онаа безлична, безоблична маса опортунисти кои за ништо немаат мислење и став освен за својот личен интерес. Тоа е ордата на оние кои наводно политиката не ги интересира, но кои настојчиво им даваа легитимитет на злосторнициве цели единаесет години. Тие се вистинските врати на Пеколот за сите нас зашто низ нив поминуваа(т) таквите како оние во Собранието на РМ кои што потоа концентрично се редат околу говорницата бранејќи го неодбранливото. Тие молчаливо гледаа како се растура една држава, како се ограбува и разнесува се’ што ќе допрат, собирајќи патем, ако можат, трошки и за себе. Тоа е таа бедна во духот толпа која што молчеше и на 24 декември, и на 27 април – двата најцрни датуми во македонската демократија. Тие се и сега тука, и такви: ги одмеруват силите на едните и другите, ставаат се’ на нивната лична вага па каде ќе натежне, меркаат од сенките и ќошињата дали добро процениле. А сепак, нивниот кордон би бил најлесен, најаморфен, таков како и тие самите – безличен. А понатаму, преку првиот круг (Лимбото), ќе се редат во нивна одбрана сите поддржувачи на злосторничкото здружение. Или можеби – не, можеби ќе се разбегаат „куд који мили моји“ пред тупаницата на правдата – онаа иста тупаница со која што ни се закануваше идиотон со големо „уметничко“ име, а сега кога му секна режимот го нема да гукне – оставајќи ги криминалците сами? Ќе видиме, бргу!

QUOD LICET BOVI …

Да, знам дека старата латинска оди поинаку, ама за нашите сегашни потреби токму оваа варијанта е најпогодна. Зашто, кога ќе ги чуете сегашниве „најпатриотски“ опозиционери како рикаат баш како bovi заради актуелните смени на директорските и на другите места во сите можни управни, надзорни и којзнае какви лукративни одбори, ништо попаметно не ви паѓа на памет. Да беа некои посаглам, некои поприбрани, повоздржани, почесни и поморални, па и да се обидете да правите паралели со Јупитеровото покровителство. Ама овие беа и останаа македонска беда на духот, пример за бесчестие и алчност … а сега и на веќе неподнослива реа на недостоинство и кукавичлак. Зашто, не може поинаку да се гледа на целава актуелна ситуација освен на единствениот можен начин: дека тие, додека беа на власт, можеа да прават што сакаат и како сакаат, заборавајќи притоа дека власта, колку е слатка, толку е и кратка. И дека се’ има свој крај, па дури и стравовладата на режимот на лудиот „архитект“. И во таа деценија се однесуваа баш како Јупитерови потомци, иако празот постојано им ѕиркаше од задникот. Ама не можеа да си го видат, пустите. А камоли да размислуваат за божествени соѕвездија. Иако некои замислуваа дека се дел од Пантеонот, дека за нив навистина не важеа ни Устав ни закони, ни прописи ни правила! Сепак, се покажа дека повеќе се дел од зелените пасишта отколку од Пантеонот.

Е, а потоа доаѓа ова што сега дојде – разрешувања! А со тоа, богами, не само намалувањето на прилично богатите приливи во домашните буџети, туку и губење на редица други привилегии, а кај многумина (ќе) следува и политичка и кривична одговорност, кои што можат дополнително да им го комплицираат животот ви блиска или подалечна иднина.  Тука очигледно ќе нема пардон. А и не треба да има за такви злосторници, зашто наследството што го оставаат е катастрофално!

Е ама кај волињата меморијата е куса, ако воопшто ја има. Кај овој локален македонски тип очигледно ја нема односно тие се однесуваат како типични домашни трнорушки штотуку разбудени од илјадагодишен сон – ништо не паметат. Ни што правеа, ни како правеа, одеднаш се’ им изгледа најголемо, најстрашно, најнедемократско, најбрзо … смените на нивните полуписмени директори им доаѓаат некако преку ноќ (или мислеа дека новиве ќе ги остават уште да лудуваат?), позицијата крајно недемократски не им прифаќала амандмани (заборавија дека на клоци ја бркаа тогашната опозиција од седници во Собранието за да не поднесува амандмани), та дури и пожарите во државава биле најголеми досега бидејќи, нели, и природата се буни против комуњариве! Веројатно и Центарон за слепи деца во Велес се отворил сам од себе, онака природно, а дудуцине Спасов, Димовски и другите таму се врткале во потрага по росна трева? Нивната пропагандна машинерија (која што, патем, очигледно полека но сигурно се распаѓа) сега спаднала на онаа групичка ќосави партиско платенички историчари кои, ни мање ни више, открија Америка дека сегашнава позиција, инаку, нели, наследник на светлите традиции на КПМ, онаа која што ги судеше Албанците по Втората светска војна, сега, ете, коалицира со нив! Мислам, навистина колку ниско може човек да падне па да тресе такви глупости, онака јавно, да го гледа семејството, деца, жена, татко, мајка …? И како да они последниве години коалицираа со марсовци а не со тие исти албански партии кои сега не им чинат. Или тие се добри само кога се со нив? Како впрочем и се’ друго што и самите го прават, кога се на власт. Онаа другана пак, „професоркана“, се тужака како стара баба по судови што ја разрешиле од некаква си комисија. Ќе стигне и до Стразбур, веројатно. Сака уште, малку и’ биле десет години! Па станаа и колумнисти, па радио водители, па експерти за се’. Затоа и старата латинска за говедчето и Јупитер им лежи. Во извртена, инверзна форма!

И се разбира дека тие сега горат од желба преку ноќ да ги заборавиме сите срамови и неправди што и’ ги нанесуваа на државата цела деценија, во домашни и меѓународни рамки. Изрезилија се’, од име до историја, од политика до култура! Неписмени жаби преку ноќ си се видоа расни липицанери и кренаа нога – да ги потковаат. Не им текнуваше дека освен со опинци поинаку не умеат да одат!

БРЦАЊЕ В ОКО

Топ тема во летниве горештини, особено кај клиентите на бившиот режим, се кадровските смени во повеќе области, како десерт за беспосленине баби уз кафе. Една таква, раскажуваат луѓе, во предолгото слободно време зашто и’ го укинаа „списанието“, континуирано хистеризира дека некој/и правел(е) заговори, што ли, контра професионалците – каде ли ги виде, јеботе? – во  Министерството за култура, ги потценувал(е) и не знам што друго им правеле. Ги поливале со мраз студена вода, ги терале да стојат на една нога …?  Што и не е чудно, за бабата. Луѓе без работа, би рекол, провинцијални домаќинки (со извинување на вистинските домаќинки што ги ставам во ваков валкан контекст!) како „сој“ луѓе научен константно да шефува по разноразни ѓубришта благодарејќи исклучиво на политикантските релации со македонската кримогена политичка збирштина. Но, се разбира, нема да си го губам времето со такви простачки, но однесувањето е индикативно и како пресликано во многу слични усти кои деновиве лаат на сите страни за кадровските промени во културата, во здравството и во јавните претпријатија. Зашто, нели, вмровскине војници биле, демек, професионалци, а овие сега се – не знам што. А и министрите кои ги вршат овие промени се нестручни односно непрофесионалци. На пример пуфлана Бети, која и’ ја вработи ќерката на бабана од почетокот, демек, била професионалец – о, Господе – ама Алаѓозовски не е!

Гледам и Героски се обидува да подобјасни некои нешта за министерот Таравари и неговото „брцање в око“ на македонското партизирано здравство.  Ама – кому, па и – зошто? Нема смисла, нема потреба, нема резон кога глупердиве тоа не го разбираат. Не дека мислам дека во културата во изминатиов криминално катастрофичен период немаше и луѓе кои си ја знаат професијата. Иако беа малкумина, сепак – ги имаше. И тоа е уште пострашната македонска реалност дека токму тие беа најгласните мегафони, солдатите во првите редови, плукачите и сејачите на ѓубрето, потпалувачите на омразите контра колегите и се’ што беше вредно во македонската култура.

Токму како и во здравството, каде, низ муабет, еден наш реномиран доктор вели дека е неопходно „да се направи разлика помеѓу стручноста, академската титула и тоа што тие сменети лекари, професори, како партиски војници беа директни извршители на политиките на претходниот режим кој направи невидена катастрофа во целото општество, вклучително и во здравството. Значи треба да постои политичка и морална одговорност ка дотичните, ма колку да се оние добри како лекари, стручни и хумани, оние се соучесници на една политика која што и’ нанесе огромна штета на државата во целост. Тие лично му дадоа безрезервна поддршка на нивниот лидер и на последниот партиски конгрес во Куманово, директно учествувајќи во дезинтеграцијата на Клиничкиот центар, беа членови на разни комисии во ФЗО и Министерството за здравство и со своите одлуки (политики) директно доведоа до погубни последици по здравјето на поединци, знани и незнајни случаи. Титулите, референците и авторитетот кои ги имаат, како и стручноста и хуманоста во кои никој не се сомнева, никој не може да им ја одземе. Ама, ќе беше најдобро – а јас би рекол и многу подостоинствено, ако навистина беа стручњаци – да поднесоа оставки на време од позициите и фотелјите во кои седеа, некои (помалку или повеќе) цели единаесет години“. Така вели докторов, а ако во неговите зборови само ја смените професијата и ставите, на пример, културни работници, или уметници, или што и да е’ друго, пак доаѓате на истото односно на истите констатации!

А тоа истото е дека такви гниди како онаа од почетокот и нејзината партиска компанија се, прво, тотално некомпетентни да оценуваат кој е’ а кој не е професионалец. Таа, можеби, евентуално, може да грака во рамките на нејзината професија – новинарите, ама мислам дека за тоа е уште помалку квалификувана и компетентна. Затоа, ни останува да се ослониме не само на нашето паметење и сегашните постапки на дотичните министри – а на кои, можеби, кога ќе треба, ако треба, ќе им упатиме и критички зборови за нивните потези – туку на постојната состојба во државава токму на планот на здравството, културата, науката, образованието. Тоа е најдобриот показател  на сите „придобивки“ од „професионалците“ во нашите редови построени под  знамето на „најпатриотската“ македонска партија. Токму тие, „резултатите“, сосе криминалите, се показот за нивниот професионализам. А за сега на виделина е излезен само еден мал процент од нивните активности. Допрва ќе се отвораат големите вистини!

Или, можеби, овие мислат на онакви незаменливи „професионалци“ од типот на Зврлевски, или оној од неодамна разбуденион „професор“ – препишувач кој почна да кукурика за „Скопје 2014“ како варен петел на зајдисонце?

ИНСТАНТ МУЗЕИ

или

ТРЛА БАБА ЛАН (3)

И сега, навраќајки се повторно на прашањето „Зошто Мазев, Хаџи Бошков, Куновски … немаат свој музеј“, некаква сериозна / стручна расправа по тоа прашање се надевам дека би завршила со соломонски одговор дека би било убаво да го имаме и тоа, ама во некоја друга иднина. Или, можеме да кажеме дека тоа веќе можевме да го имаме ако застаневме решително, како струка но и како нормална јавност, против расипничкото трошење пари за некакви смешни инстант музеи од типот на спомен куќата на Мајка Тереза (па и тоа ни беше малку па сега правиме и „објект со скулптурална композиција“ за нови 5,6 милиони евра), па – ни мање ни више – цел Музеј на Тоше Проески, па разноразни споменици и колонади … Но и тоа не би биле  доволни аргументи ако го немаме првичното. А тоа е дека музеј не се гради само ако некому така му прдне на памет – како впрочем на онаа будалетинка која изигруваше главен архитект во државава – туку за тоа се неопходни сериозни стручни истражувања од повеќе области! Дури кога тие ќе се направат и кога ќе покажат дека еден таков музеј би бил економски и стручно оправдан тоест издржан, тогаш би можело да се размислува за понатаму. Патем, што би ставиле во инстант музејот на Петар Мазев ако најголемиот број најзначајни негови дела веќе се наоѓаат во државните, па и во приватните колекции? Иако Мазев важеше за еден од најплодните македонски сликари, сепак во тој иден „музеј“ би требало да ги има повеќето негови антологиски дела, нели? Или, во тој случај, би постапувале како со новиот Археолошки музеј: ќе одземаме експонати од другите музеи за да го наполниме новоно чудовиште на „големиот архитект“? Белки не сме такви простаци? И понатаму – а бидејќи добро се сеќавам на куќата на Мазев освен ако низ годиниве нешто битно не се сменило – колку дела ќе прими поставката? Триесет, четириесет …?

Апропо, Џексон Полок нема музеј во САД токму заради една од причините што ги наведов и за Мазев: најголемиот број негови дела веќе се во други музеи! Само МОМА има преку педесет од неговите најдобри дела. Затоа, и да сакале да му направат музеј тоа веројатно било прилично тешко, па сочувана, реновирана и отворена за јавноста е плевната на Полок и неговата сопруга Ли Краснер која што тие ја претвориле во нивно ателје. Главен „експонат“ таму е дрвениот под на кој што со години се таложела бојата што капела („dripping“!) од четките на Полок. Ама, се разбира, луѓе одат и тоа да го видат. Инаку, кои би биле нашите проценки за посетеноста на „музејот“ на Мазев? Отприлика? Не знаеме, нели. Стотина, двесте, илјада луѓе годишно? А ги знаеме ли годишните трошоци што државата би требала да ги плаќа за да неговиот дом го претвориме во „музеј“? Ни тоа не го знаеме, ама важно поставуваме прашања па надлежните нека мислат?

„Случајот“ со оставнината на Петар Хаџи Бошков исто така не е сјајна, но е подобра од онаа на Мазев. Таму има(ше?) материјал за скромен музеј. Понатаму, Хаџи Бошков сепак имаше поширока интернационална кариера отколку Мазев (иако, некои од тие кои всушност требаа да го „вивнат“ Мазев и неговото творештво барем во Европа сега божем загрижено бараат негов музеј!). Тоа се некакви подобри перспективи за евентуалната посетеност на тој иден музеј. Но, за жал, и тоа е малку, само делче од сите други неопходни фактори што мора да се задоволат! Инаку, точно е дека ние како прилично некултурна нација малку внимание посветуваме особено на современото уметничко творештво. Иако ни со традиционалното културно наследство не сме во многу подобри односи. Охрид ви е најдобар пример за тоа. Многумина очекуваа дека низ изминативе седумдесетина години се профилираа  темелите на тој однос, ама изгледа не е така. Тоа е очигледно и затоа, веројатно, ни треба уште време. Впрочем, ни европските културни навики не биле создадени преку ноќ! Ние во тој поглед можеме да прескокнуваме децении, ама некои дупки остануваат. И култура не се гради без образование и без граѓанска / демократска свест за вредностите на едно општество. А најдобриот одговор за рамништето на таа наша свест е токму Скопје, неговото девастирано централно подрачје. Нормална држава со мнозинство нормални граѓани не си го дозволува луксузот на едно такво разорно уништување на сопствената историја и култура. Ние – и тоа го дозволивме!

Ја разбирам и опасноста дел од уметничката оставнина на некои уметници да биде неповратно загубена. Тоа се опасности што демнат, но и тие се предизвик, па и тема за размислување. Ако веќе говориме за интересите на државата, тие би можеле тука да се бараат. На пример, во откупот на творештвото – односно она што е преостанато – на неколкумината најзначајни македонски уметници и заштита на истото до некои подобри времиња! Тоа, веќе, би бил (по)сериозен пристап и третман на придонесот на овие творци за македонските култура и уметност!

ПАРАМЕТРИ

или

ТРЛА БАБА ЛАН (2)

Ние, генерално, можеме да поставуваме секакви прашања, па и такви од типот „а зошто ние немаме ова, или она, а другите имаат“, па макар тоа да води и во залудни споредби помеѓу уметници од форматот на еден Пикасо, Ван Гог, Полок и слично и нашите Мазев, Хаџи Бошков, Куновски, па и други. За жал, со тоа само покажуваме колку не знаеме за другите, ама и за себе. На пример, споменуваните европски музеи, особено оној на Ван Гог во Амстердам, потоа оној на Пикасо во Барцелона (иако еден има и во Малага, а друг во Париз итн.) и на ним слични, не се државни творби. Нив ги основаат фондации, некои имаат јавно-приватно партнерство, и се во најголема мера независни од државите. Зошто? Затоа што можат да се издржуваат себеси преку продажбата на билетите и другиот пропаганден материјал, како и преку другите музејски активности. Музејот на Пикасо во Барцелона во буџетот за 2015 година обезбедил 90,3%  од сопствени активности, а 9,7% од буџетот на градот Барцелона. За која држава тогаш говориме? Музејот Ван Гог во Амстердам е една од највносните туристички индустрии во градот – годишно го посетуваат преку 1,5 милиони посетители, што ќе рече отприлика колку една цела Македонија (во сегашни услови!) да се сјати во текот на годината во тој музеј. Ние, во нашите музеи, посетителите ги броиме во стотици, ретко во илјади! Се разбира, и оние европските добиваат помош од државата, финансиска па и секаква друга, но најчесто таа е симболична, односно минимална, колку да се демонстрира интересот на државата за нив и поддржи нивната мисија.

Можеби Роденовиот музеј во Париз е нешто најблиско до нашите потенцијални желби, бидејќи е направен врз основа на подарок на уметникот на сите негови дела  на Француската држава. А кога велиме сите, тоа значи: околу 6.000 скулптури (гипс, мермер, бронза), 7.000 цртежи, 40 негови слики, колекција од 160 модерни дела, меѓу кои и Ван Гог, Реноар, Моне и други, колекција од 6.500 антиквитети, личната библиотека и архива! (Споредете ја оваа донација со онаа на наследниците на Личеноски од одвај стотина слики – повеќето главно лоши – а за возврат добиле цел музеј, не којзнае каков, ама сепак!). Музејот секоја година има околу 600 илјади посетители и не добива ниту евро субвенции од државата, иако е – државна институција. Говориме за дијаметрално различни параметри!

Оттука, само некој кој не влегол во еден ваков музеј може да мисли дека ние сме во состојба да направиме такво нешто! Или, ајде да се поправам: можеби и можеме, со многу пари, ама што во него ќе ставиме односно кој од светот ќе дојде тоа да го гледа?

Ако пак сакате, можеме „проблемот“ да го поставиме и вака: во изминативе шест-седум години во Македонија се отворија неколку музеи и се потрошија големи (за наши услови) пари. И тоа беа / се попрво „музеи“ отколку сериозни музејски институции, зашто беа правени со политички декрети наместо со стручни елаборати. И сите се на грбот на државата. Инаку, само Археолошкиот музеј (сосе двете други придрушни институции) чинел цели 42 милиони евра, Музејот на македонскиот хорор 17 милиони (евра), Спомен дом на Мајка Тереза околу 2,5 милиони итн. И во времето додека се градеа никој од денешниве навивачи не се сети на Мазев, на Хаџи Бошков, на можноста барем дел од парите да се пренаменат за вакви потреби? Или барем да крене глас против безочното арчење државни пари за политички будалаштини? Или, не одете толку далеку до музеите. Ене ја онаа идиотска Колонада „Независна Македонија“ што чини скоро 1,5 милиони евра! Кому служи таа, и за што, освен што одделни „уметници“ (Беди, Башески, Анѓелковски и др.) инкасирале едно чудо пари за некои смешни скулптури на музи и лавови? И сега, таквото расипништво поминуваше глатко, никому не му текна дека ги имаме Мазев, Хаџи Бошков (а им беа професори на оние погоре спомнатине) и уште некој сериозен уметник за кои што можеби треба нешто да се направи? А бидејќи, нели, ваквите „идеи“ секогаш се проследени и со придавките од типот на можни „фантастични туристички атракции“, треба ли да се потсетуваме дека и целото „Скопје 2014“ требаше да биде токму така туристичка атракција која што бргу ќе ги исплатеше вложените околу 700 милиони евра? Имаме ли барем еден позитивен показател за тие ветувања?

ТРЛА БАБА ЛАН …

Пред некој ден прочитав еден навидум реторички наслов, или не?, кој се / не’ прашува „Зошто Мазев, Хаџи Бошков, Куновски … немаат свој музеј?“. И сега, наслов како наслов, треба да привлече внимание, и привлекува, ама не е се до насловот, нели? Зашто ако во натамошниот текст читате дека „Холандија го има Ван Гог, Шпанија го има Пикасо, Франција го има Роден, Америка го има Џексон Полок …“ итаканатаму, гледате дека ѓаволот ја однел шегата и дека ова сака да пледира на сериозност. Иако почнува прилично дилетантски, зашто да споредувате локални македонски уметници со светски имиња од форматот на Ван Гог и Пикасо, а особено нивните музеи кои на државите, од туризмот, им носат мали богатства, е доволно дилетантски за да не продолжите со читањето. Зашто, потоа може да ве дочека и нешто како: а  зошто ние немаме наш Лувр?, и тогаш престанува секој муабет.

Но, нели сме демократија и секој може да постави прашање? Се разбира. А не дека прашањето, онака формално, не е интригантно. Иако, онака суштински, може да биде и иритантно зашто, често, македонската самобендисаност во одделни мигови навистина умее да ги премине границите на пристојноста. Сепак, да не претеруваме: Мазев, Хаџи Бошков, Куновски … не се ни близу посочените светски имиња и нивното ставање во такви контексти може да заличи на шега, подбивање, па и нешто полошо. А тоа навистина не ни треба, барем не со нив! За подбив имаме стотици поприкладни теми и личности. Зашто, барем првите двајца, се големоформатни македонски уметници кои многукратно ја задолжиле македонската култура и уметност за да така ефтино им ги влечкаме имињата по весници!

Да, и ова звучи сосема спротивно на претходно реченото, ама не е. Ќе објаснам. Но, повторно, нивното споредување со Ван Гог, Пикасо, па Мазев со Полок … извинете ама тоа е комплетно идиотски! Понатаму, неодамна од печат излезе една монографија за Никола Мартиноски каде се вели дека „Никола Мартиноски е несомнено најголемиот и најважниот македонски уметник на дваесеттиот век“. Ако е ова точно, иако не е, тогаш оваа држава го одолжила својот долг кон нејзиниот „најголем и најважен уметник“, нејзиниот „Ван Гог“ и можеби „Пикасо“ отворајќи му го музејот / галеријата во Крушево уште пред многу децении! Со други зборови – имаме пандан на нашиот „најголем и најважен уметник“ со најголемите и најважните уметници на спомнатине држави (иако тие никогаш не би дале таква квалификација ни за Ван Гог, ниту за Пикасо!). Згора на се’, еве со години веќе го отвораме и музејот / куќата на вториот по ред „најголем и најважен уметник“ (што повторно не е точно!) кај нас: Лазар Личеноски. Тоа пак ама баш ич не ни требаше, ама кога политиката и „стручњаци“ од типот на разноразни галички дебели врски ќе запнат – уметноста потклекнува. Зашто, Личеноски, лично и персонално, а особено творечки, не е ни блиску до Мартински, а за Ван Гог и Пикасо да не правиме муабет. Ама, повторно, кога одредени „сили“ ќе запнат, особено со државни пари, нештата редовно одат во погрешна насока! И, да не заборавам: целосно иста е постапката и со лоцирањето на т.н. музеј, или поставка, или што и да е’, на Кираца Висулчева во Ресен. Прво решаваше политиката и разноразни политиканти во културата, а потоа државата мораше да бара чаре! И кога веќе ги спомнувам постојните македонски примери, не оди да не ги спомнам двата случаи каде соработката уметник – држава профункционирала на задоволителен начин. Тоа се поставките на Љубомир Белогаски и Родољуб Анастасов во Музејот на град Скопје како единствени – или едни од малкуте – примери на добра кооперативност и резултат (за наши услови!). Ама во овие два случаи никој од „државата“ не барал да му отвори музеј, туку го понудиле сопственото творештво на една институција, под одредени услови, се разбира. И дошло до соработка.

Инаку, колку да се знае, легатот на Љубомир Белогаски – зашто таков вид „подарок“, под одредени услови, правно се нарекува легат – прво бил понуден во тогашната „Уметничка галерија – Скопје“, но уметникот бил – одбиен. Бил одбиен од „стручњак“ кој денес успеа на државата да и’ го смести музејот / куќата на Личеноски, не баре ние треба вечно да му бидеме благодарни. Ама, како велат, дури има овци, ќе има и волна!

Затоа, ваквите муабети, безмалу тотално непромислени и депласирани, а доаѓаат од луѓе кои веќе не знаат што да прават со себе и своето слободно време, заличуваат на некакви бапски средби средсело, или на песнана од Корнелие Ковач! Ние, де факто, да сме паметни, би ги затвориле – барем на две-три години – и постојните музеи кои што се бават со модерна и современа уметност. Зошто? Затоа што, прво, не умеат да ги чуваат делата за кои што се надлежни, не знаат да ги промовираат вистинските вредности во македонската визуелна уметност и, најважно, нам ни пропаѓа, онака пред очи, вредно културно наследство од форматот на едно Курбиново, Матејче, Нерези и слично. А ние ќе се бавиме со музеи на Мазев, Хаџи Бошков и Куновски? Ма дајте, ве молам!

Но, не дека темата не е интересна колку да си ги чешаме прстите од тастатурата, ама е плитка, очајно плитка. А за тоа – следниот пат!