Monthly Archives: October 2021

ОТРОВЕН МЕЛАНЖ

Речиси и не е чуден аналфабетскиот однос на поединци, па и на (самонаречени) интелектуалци, кон културата – не само онаа во потесната смисла на зборот и нејзината институционална уреденост – бидејќи културата кај нас никогаш и не била предмет на организирано училишно образование.  Следствено, една извонредно широка област (не само) на општествени односи во Македонија е оставена на волјата/желбата на поединецот, на неговиот потенцијален интерес за културна надградба на елементарното домашно културно воспитување, ако воопшто го имало. Оттука и сите наши апстрактни односно произволни „толкувања“ на културата како поширок или потесен поим, неговите граници и опфати, културата на поединецот и културата на државата итн. А веројатно затоа и среќаваме такви колосални „откритија“ дека и културата била политичко прашање, или катастрофално неуки идентификации на културата со уметноста, при што често превладува „ставот“ дека баш уметноста (читај: поединецот и неговото творештво) треба да биде во фокусот на државата и нејзината културна политика итн. Се разбира, тоа се парадоксалните македонски состојби во „интелектуалниот“ третман на културата коишто, комбинирани со државната силеџиска партократска интервенција во оваа област, создаваат отровен меланж од нестручност, провинцијализам, автархичност… Тука особено предничи македонското т.н. интелектуално или културно крило кое застапува „направи сам“ приземни тези за културата, или нѐ враќа во некои „предисториски“ ситуации, ја апострофира должината на мандатот на министрите за култура како главен фактор во реализацијата на културните политики и слични будалаштини коишто во нормалниот свет се одамна напуштени. А сето тоа, за жал, има свои одгласи во јавноста, се разбира, и колку и да се ступидни овие „ставови“ стануваат четиво на кругови кои баш и не се толку верзирани во културата. Но ова се нешта што нѐ следат со децении – впрочем, на такви недоделкани „тези“ почива и идиотскион Закон за културата што ни оваа власт нема сила (но и знаење) да го тргне од македонската некултурна сцена – и покажуваат дека кај нас секогаш има почва за импровизации од секаков тип. Но тоа се веќе „возразни болести“ на културата во потесната смисла на поимот, а што „успешно“ нѐ следат долго време и на коишто ќе се навраќаме постојано.       

Од друга страна, (повторно), актуелните локални избори ни го свртеа вниманието на отсуството на секаква култура во најшироката смисла на зборот кај нас, потврдувајќи го македонското правило дека сѐ е дозволено во политичката борба. И тоа, повторно, можеби е така во некои пожолтени ПР скрипти, но не и во современата пракса бидејќи и жарот на политичката борба не смее да ги преминува оние важни црвени линии на домашно воспитување, на културно однесување, на (сепак) респект кон политичкиот противник и демократското однесување. Да, знам дека голем дел од коментарите би биле дека балканските политички битки се всушност војни „да се биде или не“, што секако е точно, но не значи и дека е правилно! Ниту една политика, па нека е и изборната, не смее да биде над културата разбрана во нејзиниот најширок опфат на однесување, говор, кампања (црна или бела), рекламирање… А всушност, од 2006 година наваму ние сведочиме на најбрутална и најпростачка војна за власт а не за политичка победа или битка за управување со државата. Политичките партии дури и несвесно откриваат дека тие војуваат за да владеат – со кого: со народот, со државата, со ресурсите…? – покажувајќи го на тој начин стремежот кон авторитарност и неразбирање на самата сушина на демократијата. Секои наши избори уште од времето на почетокот на груевизмот наваму говорат за „бугарски возови“, за кражби на гласови (што, инаку, беше онаа консензуална идиотштина со ливчињата без печат?), за поткуп на сиромашните гласачи, за злоупотреба на институциите и администрацијата… Нашиот провинцијализам, комбиниран со силната страст за владеење=автократија, се уште еден опасен меланж што во континуиотет го труе општеството. Зашто, има ли поприземна, понекултурна, попростачка постапка од уцените со вреќа брашно или пакет масло за готвење на најсиромашните делови на македонското население? За која и за каква (демократска) култура тогаш говориме при ваква нискост и демократска аутистичност на политиката? Бидејќи, како и да ги вртите нештата, нема и не може да има демократија со провинцијално политикантство, со општа некултура, со нестручност и непрофесионалност… Ние остануваме заложници на едно чудно, необјасниво, автократско и анахроно партиско-провинцијално политикантство поддржано од голем дел од македонската „интелигенција“. Или, ако баш сакате, на што личеше онакво (наводно) VIP отворање на она мега-чудовиште викано East Gate Mall? На култура, на политика… или на тежок облик на провинцијализам? Со циркузантскион „VIP“ шљам на Скопје како „украс меѓу VIP почестените „персони“? Среде новиот налет на пандемијата, без заштитни средства…? Тоа ли е „новата македонска нормалност“, тоа ли е новата македонска културна стратегија каде највисоките македонски државни функционери се гледаат себеси како естрадни ѕвезди, плаќани со наши пари? Каков величествен симулакрум – а всушност отровен меланж – на актуелниот македонски миг со седум илјади починати во пандемијата, со плата од 300 евра, со онаков Извештај на ЕУ за 2021 година и состојбите во Северна Македонија (кој никој не смее да го коментира!), со „бомбастичното“ бавење со бугарофилијата и/или бугарофобијата и ѕиркањето во личните работи на луѓето (дури и од страна на „угледни“ професори претворени во вистински манијакални социопати)…      

Некој на социјалните мрежи ни предочи една невозможна за Македонија визија: да замислиме наместо East Gate Mall тоа да беше современ културен мол, со кина, музеи, галерии, книжарници…? Или тоа е незамисливо во новава нормалност и новава Македонија? Веројатно е така, но сосема реално е распаѓањето дури и на националните културни институции – локалните се одамна „потрошени“ – на културниот систем, на вредносниот систем… Нам, очигледно, ни треба систем без систем, од горе до долу, и лево и десно, власт со безвластие, култура без култура, образование по мерка на аналфабети и наука како политикантска алатка. За здравството е излишно понатаму да се коментира, бројките доволно кажуваат!

СПИРАЛА НА НЕЗНАЕЊЕТО

Заморот, депресивноста, но и анксиозноста што во огромни дози го нуди секој нов ден помеѓу двата изборни круга речиси и да не може да се одмине. Не е проблем да се дистанцирате од влијанијата на медиумите и социјалните мрежи, ама не можете целосно да се изолирате од сите други неопходни контакти коишто, свесно или не, на еден или на друг начин, (ќе) ја допираат (и) таа тема. Следствено, посредни или директно, допираат и еден друг, еднакво важен сегмент на овие (но и секои други) избори – културата – но повторно во истиот, негативен контекст. Културата, имено, стана толку неважна во ова општество што одвај некој да ја спомнува дури и во склоп на дискусиите за иднината на Скопје, на „метрополата“, на (демек) „нашиот град“ или „нашето Скопје“, коешто никако не допира до културата како потенцијална важна тема за градот. Скопје, поточно, е „метропола“ за сѐ друго (градежна мафија, загадување, ѓубре, зеленило, улици, гасификација…) освен, изгледа, за културата. Иако културата, согледана во нејзиниот поширок опфат, апсолутно ги акумулира сите овие области од секојдневното живеење, но и многу други нешта. Е јас сакам да говорам за тие други нешта, за културата во потесната смисла на зборот, не зарадеи тоа што партиите и нивните кандидати (со мали исклучоци) така необјасниво ја одбегнуваат туку особено заради фактот што и од 2017 година наваму – оваа година ја потенцирам од разбирливи причини – Македонија во културата продолжува по сите познати (а открива и нови, досега непознати) ќорсокаци, еднакво игнорирана, неразбрана, изгубена во времето, замолчена… Ако за македонското општество во периодот 2006-2021 година можеме да говориме за време на изгубени илузии, тогаш културата дефинитивно е сместена на самиот нивен врв, рамо до рамо со проблематичното разбирање на демократијата, со владеењето на криминалот и корупцијата, со партизацијата на општеството, со кронизмот, со комплетната девастација на природното и културното наследство… И не е којзнае каков проблем што во едно такво „друштво“ културата и денес најчесто не го добива заслуженото внимание, но страшно е што воопшто не се спомнува, или се спомнува во крајно погрешен, често дилетантски контекст, дури и од т.н. интелектуалци на кои барем културата и нејзините потреби би требало да им биде блиски.     

Спиралата на незнаењето и неспособноста во културата, како впрочем и во политиката, веќе достигнува загрижувачки димензии – хоризонтално и вертикално – достигнува до самиот врв на власта и до темелите во администрацијата, се шири на централно и на локално ниво, непречено, (само)убиствено, помогната од простотилакот и шарлатанството на јавните кербери подготвени секогаш да дадат свој придонес, често и „рецепт“ (и) за културата. Затоа и сме во ваква ситуација, се разбира. Многумина ќе речат дека со вакви политики во општеството не може да има поинакви политики ни во културата. И можеби ќе бидат во право, иако многумина од нас се надеваа дека веќе одамна сме ги прележале барем детските болести во оваа област. Ама – не, ние од година в година тонеме сѐ подлабоко, се враќаме во некои одживеани времиња и анахорни ситуации својствени за контроверзните лутања во првата деценија по независноста. Ако за тоа време тоа беше разбирливо, речиси неодминливо, денес тоа веќе прераснува во лудило, во тотален колапс на сите до сега освоени насоки во односите држава-култура. И тоа константно се подгрева не само директно од власта преку нејзините продолжени раце во културата (Министерство за култура, државни институции, агенции и слично) туку и преку гласноговорници блиски до власта, подготвени во секое време да релативизираат и проблематизираат – сѐ. И тука одново влегува во игра оној културен симулакрум што нѐ следи подолго од една деценија, каде што, повторно, реалноста ни се претставува во сите бои на виножитото а сите вредности се превртени наглава, каде државата не е должна ништо да прави за/во културата, каде културата е само непотребен потрошувач (небаре државата има попаметни нешта на кои што би ги потрошила тие пари!), па како тоа воопшто некој мисли дека државата може да „произведе“ култура (божем културата се „произведува“ самата од/по себе?!) што повторно, по којзнае кој пат укажува на нашето шарлатанско мешање на културата и уметноста… итн. И повеќето од оваа поразително празна фразеологија всушност не се бави со културата туку со „одбрана“ на неспосбноста на државата да води културни политики, а често и со некои, некакви лични интереси што немаат ама баш никаква врска со културата туку само со џебот. Тоа се, за жал, оние мали н икакви културни профитерчиња кои гледаат што и колку ќе ушиќарат (и) од оваа власт, дали и колку ќе успеат да го наполнат сопствениот џеб преку општествено „важните“ прашања што ги покренуваат итн. А „важните“ прашања обично почнуваат од улогата на министерот во креирањето на културната политика (дезавуирајќи ги притоа базичните стратешки државни документи за културата), за да завршат со најпрозаичните и најпровидните „аргументи“ од типот „а зошто на Годишниот конкурс може да се конкурира само со еден проект“ и итн. И, се разбира, од тука па до идиотизмот дека дури и една неодамнешна „министерка“ оставила некаков свој траен белег – меѓу другото и „Ск 2014“, нели – е краток патот!

И не се проблем ваквите типови кои не само што немаат ама баш никакви познавања за културата, уште помалку за современите релации помеѓу културата и државата (иако сите се као здушни навивачи за македонските ЕУ интеграции), туку е нејасно зошто се ограничуваат само на културата? Зошто, на пример, не се поставуваат вакви прашања во контекстот на образованието, здравството, науката…? Што бара, на пример, државата да се меша во образованието наместо да ги остави граѓаните да се образуваат како сакаат, знаат и умеат? И зошто пак државата треба да има здравствен систем? Е па еве, нели гледаме како тоа денес изгледа кога нема систем – во случајов здравствен? Треба ли и културата да падне на тие гранки (иако де факто не е далеку)? Или во сите овие идиотштини се кријат некакви други „аргументи“, пред сѐ лични, а потоа и одбранбени за власта, со цел да се прикрие, барем малку, хаосот и државната неспособност во културата? Зашто, не може, не е возможно – или сепак ѐ? – наводно образовани поединци/интелектуалци да бидат тотални незнајковци кога станува збор за културата, односите во неа, обврските на државата во поглед на развојот на културата во државата итн.?

СКОПЈЕ КАКО СТАЛИНГРАД

Македонското гласачко тело веќе нема дилема дека нивната порака е примена. Сепак, се чини дека недостасува повратниот одговор односно поважниот негов дел – дека пораката е навистина разбрана! Зашто, според сето ова што и сега, помеѓу двата изборни круга и онакви „резултати“, го слушаме како одговор од власта, никако не е потврда за разбирање на пораката. Оваа атмосфера многу повеќе почнува да наликува на продлабочување на привидот – на сите привиди! – на проширување на симулакрумот, на симулација на некакво разбирање, но без вистински суштиниски одговор. И тоа на сите фронтови.

На пример, „битката за Скопје“ некако (непотребно?) се трансформира во централна битка од којашто зависи исходот на „војната“. Зошто, кои се причините, што со тоа сака власта да каже? Да го идентификува Скопје со Сталинград, демек од него зависи победата или поразот на изборите? Ако „падне“ Скопје – „паѓа“ Македонија, па нека е и Северна? И кој тоа ги направил тие „калкулации“, и врз основа на што? Или тоа само некому му се сонило како добар лозунг за вториот круг? Да размислувала така и Советската команда во Втората светска војна, којзнае денес што ќе беше со тој СССР. Не велам, не мислам дека Скопје не е важно, напротив. Но, прво, ова Скопје беше еднакво важно и пред четири години односно на Скопје мораше да се мисли од првиот ден после оној јуни 2017 година. Па белки некој помислил дека во оваа 2021 година ќе има нови локални избори? Ама „командата“ на СДСМ си ја разбра работата толку комотно што Скопје не го ставаа ни на крај памет. Мислеа дека е нивно беспоговорно, за век и веков. Се разбира дека не е така, ниту било така. Како што Скопје никогаш не било ни вмровски град. Ама токму тие го направија таков, со нивната нерешителност, незнаење, неумешност, калкулантност… И тука, да се разбереме, најмалку мислам на Шилегов, дури сосема спротивно (без оглед кој како ќе го разбере тоа!). Строго централизираните (неуки) „политики“ на оваа власт, како впрочем и на претходната, ги гушат луѓето, ја обезличуваат локалната иницијатива, не ги разбираат спецификите на градовите/населените места односно не им дозволуваат на локалните власти да раководат онака како што би требало. Впрочем, токму централизираните „политики“ на претходната и на оваа власт го создадоа монструмот викан „Скопје метропола“ како еден од најзагадените градови во светот, како кич престолнина и слично,  нешта што не само што немат ниту една допирна точка со метропола во вистинската смисла на зборот туку повеќе заличуваат на едно големо македонско село, каде секој може да дивее како што ќе посака, каде што царува урбаната мафија, каде се фрла ѓубре од прозорец на 10-от кат, каде што за 3-4 километри со автомобил ви требат 30 минути, каде чекате автобус дваесет минути итн.! И уште многу други нешта, се разбира, коишто Скопје го направија ова што е денес – грд и нељубезен град, а со голема помош (и) на „политиките“ на оваа централна власт. Неразбирањето на душата на овој град, на сите негови специфики по 1963-та година, на суштината на проектот на Танге и „безидејниот“ комунистички режим… доведоа до незамисливо посељачување на Скопје и упропастување не само на неговиот модернистички дух туку и на неговата вистинска градска душа. Тоа, се разбира, не го направи оваа власт туку онаа претходната, ама неспособноста и незззнаењето и на оваа го продолжи, што се покажа еднакво убиствено за градот. Следствено, не можете сега да го прогласувате Скопје за нулта точка на победата, за малтене Сталинград, и да велите дека „Јас и Владата предводена од мене, не може да продолжи ако градот Скопје и општините урбани и рурални уназадуваат назад по сите основи.“ На тоа требало да се мисли уште пред четири години, не денес, да се мисли за оние (неспособни) градоначалници кои тогашните гласачи во скопските општини ги избраа не заради нивниот квалитет туку заради очекуваните промени, а добија исто или дури полошо од времето на вемерото. Зашто, ако власта мисли дека Богоев, Марин, Наумовски, Темелковски… и остала братија беа соодветен одговор за градскиот менталитет на скопските општини, тогаш дебело се излажале. Што се покажува, и докажува денес. Провинцијалната – да не речам сељачката – кронистичка опција на власта не може да им биде наметната на скопските општини без последици. Е тие последици се видливи денес. Ако некој тоа не го разбира, ништо не разбира.

Но добро, општините преминаа „на другата страна“, не по заслуга на опозицијата туку заради неспособноста на власта. Останува Скопје како последен бастион или – ајде да прифатиме – македонски Сталинград. И повторно: се прашува ли власта – не Шилегов! – што направи за Скопје во изминативе четири години? Не. Ама сега сака повторно да го добие или, вели премиерот, дека „(…) тогаш оваа влада не може да го следи тоа, едно со друго не оди, а јас не можам да предводам таква влада.“ По ѓаволите, зарем никој во таа партија цели четири години не направил анализа на ветеното vis a vis сработеното, на оние клучни барања/очекувања на граѓаните на Скопје, на лозунзите што ечеа низ градов во времето на „Шарената револуција“? Или премиерот навистина сѐ уште го гледа тоа движење како некаква граѓанска забава (да не речам заебанција)? Ама, за жал, на тоа наликува неговиот сегашен напор за враќање на Скопје во прегратките на оваа власт. Нешто што било потценувано и пропуштано со години, сега треба да се надомести за само 14 дена? И што воопшто треба да значи онаа самопоставена стапица дека „На 31 граѓаните ќе одлучат дали се за модерно европско Скопје или за Скопје со барок и шмизли.“ Па што направи оваа власт контра барокот и шмизлите? Или Ќосето го видоа како единствена „шмизла“ во градов? Па ве молам, не ја потценувајте толку интелигенцијата на скопјани! Ако некој навистина бара „шмизли“, треба да (по)бара во шампитестата зграда на Владата.

Како и да ѐ, мислам дека Скопје сепак не е Сталинград, и не треба така да се идентификува. Изборите, како и војните, се резултат на (не)успешните политики на власта, но сепак не се така пресудни, и крвави. Сталинград навистина бил „да се биде или не“, со Скопје не е баш така. Нашиот „Сталинград“ беше името, ЕУ интеграциите, правосудството, расчитување со криминалот и корупцијата… Но, дури и да е така односно ете баш Скопје да е тој Сталинград, иако не е, тогаш таа битка мора да се води поразумно, без преголеми емоции, со добра стратегија и тактика. Ништо од тоа не гледаме ни денес, иако изминува првата недела од првиот круг. Таа битка, прво, мора да ја води кандидатот за градоначалник на Скопје, а не премиерот. Тоа е основното политичко правило и во случајов нема никаква причина за отстапување од истото. Инаку, гласачкото тело добива погрешни сигнали. На страна фактот што премиерот и неговите искази во врска со главниот град се, најблаго речено, контрадикторни и прават забуни кај гласачите.     


ЗА СВЕТЕЦОТ И ЦРНИОТ ЃАВОЛ

И сосема очекувано, ударните лукративни вувузели сега на цел глас (ќе) нѐ убедуваат дека вината не е во причините, во условите/состојбите што предизвикале вакво изборно фијаско, туку е во – последиците. Сега станува важно не она што власта не го направила, или го ветила а не го исполнила, или го исполнила погрешно, или не исполнила ама баш ништо… туку керберите ќе се занимаат со оние другите, со нивните „идеологии“ или минато. Оваа фантазмагорична политикантска „логика“ нема да излаже ни дете-прволаче – зашто и нив успеавме да ги задоиме со нашиве поделби – а камоли сериозното гласачко тело. Но, персониве се одлично платени да сејат магла, да лепат етикети, да „објаснуваат“ процеси… и повторно да го дуваат симулакрумскиот балон. За жал, времето до второто пукање им е кратко: само две недели. Немаат толкав капацитет повторно да го надуваат и соодветно да го обојат. Но, се обидуваат, секако, особено разноразни „професорчиња“ кои така одлесно делат националистички и радикалистички квалификативи иако нивните лични катастрофални политикантски „кариери“ никако не им го даваат тоа право, други пак несреќници вршат социјални „анализи“ на членството на одделни опозициски партии извлекувајќи скандалозно бедни „заклучоци“, трети сакаат (по обичај) да седат на две столчиња па малку плукаат и малку фалат… Нормално, мораше и Бранко (Црвенковски) да се „појави“ како кабает. Чудо и Лазо го немаше. Колишевски, се разбира.

Едно запрепастувачко, страшно некритичко перпетуум мобиле на повторното крпење на пачворк симулакрумот во којшто власта, ете, пак ќе си остане најдобра, најдемократска, најпрогресивна. Речиси никој не коментира дали навистина онаа збирштина – со чесни исклучоци – од полуписмени типови е „најдоброто од мојата општина“, или ги понесе истиот бран од пред четири години кога гласачите гледаа по секоја цена да се куртулат од вмровските инсталации па гласаа и за шуто и за рогато? Но тој ентузијастички бран кај гласачкото тело помина, одамна, ама остана партиската тиња да дреме по општините и да тера лични и партиски бизниси. Се разбира, во еден таков пожар горат – или веројатно ќе изгорат – и оние малкумина кои сепак оставија некаков позитивен белег, но тие се, за жал, само мало, одвај забележливо малцинство.

Она што дополнително зачудува е толеранцијата на власта на ваквите самоубиствени потези од нивното мегафонско крило. Тој платенички приврзок само дополнително ги разгневува гласачите, па и оние (не баш) малкумина кои се сѐ уште во дилема каде да се приклонат. Зашто, големината во поразите не е плукањето по победникот – иако засега половичен – туку во прифаќањето на привремениот пад и започнувањето на сериозни анализи за неуспехот. Дали него, неуспехот, ќе го крстиме шлаканица, шамар, бокс или клоца во задникот е сосема ирелевантно и ништо нема да промени во чувството на пониженост. Исто како и невоспитаноста, сељачизмот односно провинцијалното однесување, етикетите, „идеолошките“ конструкции за опозицијата или за нивни одделни членови кои, сепак, наишле на подобар одглас кај гласачкото тело. Дали сето ова им го смести оној „маг“ за ПР? Којзнае, ако се толку глупави. Ама изгледа се, го направија дури и потпретседател!

Во политиката има неколку основни правила, ама едното е: за да се победи црниот ѓавол, треба да се биде – светец! Гледате некој таков во власта? И не може во онаа и онаква македонска политичка опозиција баш да се собрани сите ѓаволови инкарнации, а во власта сите да се светец до светец. Таквата ароганција, впрочем, доведе и до овој изборен резултат. И уште едно правило: никогаш и никаде опозицијата не е виновна за состојбите во државата. Дали таа опозиција се вика вмро, левица, националисти, радикали… или некако поинаку, состојбите во државата зависат само и единствено од – власта. Впрочем, зарем во европските демократии нема националистички, радикални, десни и ултра десни, леви и ултралеви, профашистички па и фашистички политички партии и движења? Кога, и каде, во демократскиот свет сме слушнале некој од позицијата да ја обвинува таквата опозиција за своите глупости? Или можеби токму нашава ѓаволеста опозиција издаваше пасоши на белосветски криминалци, градеше мобилни болници што горат за три минути, го натера ген-секот на Владата да краде пари, ги постави сите оние неспособни министри на витални места во Владата…?

Ако е сето ова така, а така е, единствениот можен чекор на оваа власт, ако воопшто има сила за нешто такво, е, прво, команда „аборт“ за керберите од првите борбени линии зашто прават поголема штета од корист. Во медиумското лајачко натпреварување со опозицијата, каде што двете страни имаат речиси подеднаков успех, опозицијата секогаш ќе биде во предност бидејќи „аргументите“ на позициските вувузели од типот „а што правевте вие кога бевте на власт“ се малоумни и непродуктивни. Или имате сериозен успешен наратив, или – молчите. Нема друго, односно има, ама сега ги гледаме резултатите. И второ, апсолутно е неопходна темелна персонална реконструкција на Владата во времето до следните парламентарни избори. Тие, секако, нема да бидат така бргу – дотолку подобро, бидејќи останува повеќе време – но кога ќе се случат, власта мора да излезе со чист образ пред гласачите, што пак ќе биде потврда дека пораката навистина е не само примена туку и – разбрана. А во контекстот на таа темелна персонална чистка, власта мора да почне токму од керберите и нивниот шеф, кој и да ѐ, чијашто неспособност станува веќе легендарна. А потоа да премине на министерскиот состав (надворешни работи, одбрана, образование, култура, здравство, сообраќај и врски, животна средина, економија…). Сѐ се тоа нестручни за областа „кадри“, лоши менаџери, аминџии на премиерот, неинвентивни и полуписмени поединци кои прават повеќе штета од корист.

Секако, може и да се продолжи по сегашниот пат, но со лесно предвидлив резултат.   


КРОНИЗАМ

Треската на неделните локални избори – за некого хеморагична, за некого славеничка – не е ништо изненадувачко или неочекувано. Таа секако е гром од ведро небо за оние „аналитичари“ кои онака од височините на нивните лукративно заробени умови солеа памет за некаков разумен/рационален пристап на гласачкото тело (небаре разумот некогаш бил наша посилна страна), за убедлива победа (на што, над кого?), за прогрес (како да македнската политика во последниве децении знаела што е тоа) итн. Сето тоа, дополнително надувувано со селските итроштини и вулгарните безобразлуци демонстрирани на партиските митинзи, уште еднаш и дефинитивно ни го покажа симулацискиот балон на власта и нејзината одлепеност од реалноста во земјата. И, се разбира, од самобендисаното секојдневно дување, балонот – пукна! Со сериозен тресок што навестува нови тектонски поместувања на македонската политичка сцена, но потенцијално прогнозира и многу грди нешта. Самите промени во многу општини не се тоа грдо нешто – тие често се и пожелни, ако не повеќе тогаш барем на локално ниво – но како една општа политичка атмосфера индиректно навестува можни репетиции на некои не така дамнешни политички процеси и состојби, како тенденција што евидентноно се шири. И повторно за тоа е одговорна власта, нивниот „лесно ќе биде“ пристап и тоталната политичка незрелост – меѓу другото да го (о)ставите и најодговорниот за пандемиската катастрофа и многубројните човечки жртви да ви ја води кампањата! – е само дел од спектакуларната на моменти неспособност и неумешност да се проценат нештата. Балонот пукна и заради редицата неуспешни политики, заради отстапувањето од ветените реформи, продолжувањето на најцрните методи на владеење од претходната власт и задржувањето на криминалот и корупцијата на сите нивои (дури до Генералниот секретаријат на Владата!), ароганцијата и недокваканоста на голем дел од клучните министерства (надворешни работи, здравство, образование, сообраќај и врски, животна средина, економија… и др.) итн. И сега, повторно, самопрогласените „аналитичари“, а веројатно на сигнал од власта, се обидуваат да нѐ убедат дека сето ова било само безначајна локална приказна, дека на генерален план сѐ е во ред, дека „националните теми“ и понатаму се во добра кондиција, дека разликата од „само“ педесет илјади гласа не е греда… ама тоа воопшто не е така. Дури ни приближно! Ова, се чини, беше увертира, генерална проба за некои блиски парламентарни избори со предвидлив резултат, што посебно загрижува. Не заради тоа што грото од овие властодржечки министерски и директорски минијатури би останале без фотелјите и шансите и понатаму, на подолги патеки, да ги доупропастуваат процесите во државата туку заради фактот што сето тоа повторно и повторно ќе се скрши од главата на незаштитениот граѓанин.  

Меѓутоа, во сите овие фалинки се провлекува и една важна и одамна кај нас усталена нитка, во науката нарекувана кронизам, која што причините за ваквите состојби во општеството прецизно ги лоцира во тотално некритичка односно погрешна кадровска политика: фаворизирање на партиските членови, подметнување на пријатели и другари од личното опкружување на клучни позиции во државата, злоупотреба на семејните врски… некритички однос кон „кадрите“ на коалициските партнери… што на крајот се сведува на една булумента неквалификувани, неспособни, неуки, нестручни тралалајки кои водат важни државни ресори. Несопособноста пак на овие таканаречени „крони“ и нивната неукост понатаму резултира во имплементирање на лоши – да не речам катастрофални – државни „политики“ во сите домени, што пак потоа се реперкуира токму на изборните резултати: локални или парламентарни, сеедно, а некогаш на двете! Не сакам да тврдам дека Македонија е всушност нагледен пример за политички кронизам, но тоа е така, а резултатите се денес видливи. Или не се, поточно – како за кого. Бидејќи, видете, сите овие набрзина смислени флоскули дека „пораката е примена“, „лекцијата е научена“ и слични будалаштини до вчера слушнати којзнае колку пати во изминативе три децении, немаат врска со реалноста. Тоа е повторно симулакрум, симулација, уште еден надуван балон, привид демонстриран во неговата најлоша варијанта, а губитникот е секогаш однапред познат – граѓанинот кој доверува глас, се надева на некаква подобра иднина и верува на политикантските ветувања. Македонскиот кронизам едновремено е и катастрофата на македонските евроинтеграции и реформи бидејќи не можете да очекувате неспособни и неквалификувани кадри да изведат до крај такви сложени процеси. Тоа, впрочем, се покажа – и се покажува – и во (условно) помалку значајните области како здравството (во битката со пандемијата), во образованието (се реформите во тој сектор), во културата (со намерно стопираните реформи), во заштитата на животната средина итн. Ако пак овој своевиден македонски кронизам го дополните со манифестираната ароганција, провинцијализам и недемократичност на пулените на власта, тогаш го добивате ова што го имаме денес како резултат од овие локални избори!

Но, кога кронизмот би бил „болест“ само во врвовите на власта, симулакрумскиот балон не би се распрснал со ваква жестина. За жал, кронизмот како појава – не само на оваа власт – се расплетува како пајакова мрежа долж властелинската пирамида, вертикално и хоризонтално, допирајќи од врвот до дното и на сите четири страни. Згора на сѐ, таа „болест“ ја плаќа целото општество, секој граѓанин-даночен обврзник. Но не само со пари, секако, поточно парите можеби се и помалиот проблем. Секој од нас, поединечно и сите заедно, го плаќаме тој цех со изгубени илузии, со пропуштени животни и професионални можности, со неписмена и неспособна администрација, со лоши образовни и културни политики, со катастрофално здравство прво во светот по починати во пандемијава, со болници што горат за три минути а министерчето се шета по изборна кампања, со плати од 250 евра и масовен одлив на младите од државата… Сето тоа е вклучено (и) во оваа профактура од 17 октомври, со тенденција да биде запечатена со уште поголем цех за 14 дена.

Што е уште поинтересно, истата „болест“, чиниш заразна, иако во помала мера, е евидентна и во кадровската „политика“ на голем дел од т.н. независни листи. И таму гледате кронизам пресликан во семејни (дури маж и жена на една листа!), пријателски, комшиски релации, цела „независна“ листа сведена на две-три улици во едно маало и уште неколку домашни пријатели… Се разбира, „високата“ политика, особено во нејзиниот негатив, ефектно се пресликува на сите рамништа во државата.

ПАРТОКРАТСКО ОКОЛЧУВАЊЕ НА ТРЛОТО

Кај нас, во културата, како впрочем и во целата држава, безмалу сѐ е некаков амалгам на симулација и симулакрум, на некоја нововостановена „реалност“ невтемелена во општеството, кревка како конструкција од кибритчиња и одржлива во последниве петнаесетина години единствено преку беспризорното (само)рекламирање на власта – која и да ѐ и каква и да ѐ – и нејзиниот шарлатански back up од добро платени вувузели. Во тој амалгам европските вредности што така упорно ги вергла државниот врв и нивните приучени партиски апаратчици е компатибилен со нашава реалност само на збор, а ни бил ниту е споив со нивното секојдневно однесување и практикување на државните „политики“. Не го спроведуваат дури ни тоа што самите го ветиле. Инаку, чуму би им бил потребен оној секојдневен хистеричен врисок на булументата „одбранаши“ вгнездени на првата фронтовска линија, зошто воопшто би говореле, и пишувале – Никица Корубин, Апологија на власта…[1] – за „феноменот“ (веројатно присатен само на Балканот) на платени агитпроповски „адвокати“ на власта? И „(…) од кого всушност се брани една власт? Од критиката? И зошто било кој би бранел, избран или именуван функционер од критика? Бидејќи функцијата која ја обавуваат е јавна, токму поради заедничкиот систем и ресурси, како и увидот во работата. Белким јавноста не сака увид, за да ги “пофали”, оние кои се избрани да работат за сите нас. А, избрани се затоа што секако се очекува да го прават она за што се избрани. А, тоа сигурно не е пофалбата и одбраната. Туку константното преиспитување“ (Н. Корубин). Ако пак вака ги поставиме нештата, во рамките на неопходноста од таквото „константно преиспитување“ – коешто, ако власта е навистина демократска и добронамерна, самата би го иницирала! – тогаш што би останало од овој заштитен балон што лебди над македонското секојдневие?

Можеби е точно дека поголемиот дел од нас не разбира што се случува последниве години. Добро е што – божем – им е јасно на оние дваесетина папагали кои секојдневно дуваат во балонот викан Северна Македонија. Ама тој ист балон константно им експлодира в лице, но тие се упорни, дуваат ли дуваат. И какво е тоа отсуство на самокритичност, после сѐ, и каква е таа смелост повторно и повторно да се излегува на јавната сцена со истите шарени лаги и евроинтеграциски лавиринти. Поддршката на оние дваесетина е одамна осамена и недоволно, особено заради фактот што станува збор, веќе е јасно, за циркузанти кои за пари би направиле секакво salto mortale. Бидејќи тоа одамна е далеку од некаква вообичаена политичка поддршла, од некакви дури нека се и симпатии кон власта или нејзини одделни политики. Апологетско-кримогената франшиза на гангстерската претходница од 2006-2017 сега удобно се вдоми и во „новата реалност“ и симулакрумскиот амалгам што глуми демократија. Зашто, на вистинската демократија, на сериозната политика не ѝ се потребни циркузанти кои на даден сигнал ќе релативизираат сѐ, дури и вчера веќе релативизираното. Отсуството на лична одговорност и самокритика, обидите, често успешни, да се замолчи критичкиот дел од јавноста, партократското околчување на трлото нагалено викано држава и дресирањето на јавни кербери за одбрана на стадото не е рецепт препишан од Прибе или кој и да ѐ добронамерник од ЕУ со искрена желба да помогне. И не случајно го спомнувам Прибе, кој неодамна повторно ни порача: „Шест години по иницијалниот извештај за владеење на правото во Македонија, сè уште не е доволно направено. Овој период е испуштена шанса за вашата држава.[2] Оттука, од каде оној самобендисан театар на самофалби за некакви наши постигнувања на сите полиња, за некаков живот ала Швајцарија, за реформи во тек, за успешни луѓе… сето тоа филувано и поткрепено со бесрамни салвопојки од лајачите? Па нашите бајковити сништа за некакви радикални реформи во општеството секогаш завршуваат со звучни шамари во извештаите на меѓународната заедница за нашиот „напредок“ на ова поле. Правосудството, културата, здравството… се нагледните перјаници на власта на ова поле! Следствено, дали токму затоа така настојчиво се негува овој привид на државност, на политика, на демократија… овој амалгамен балон што така грижливо нѐ обвиткува и се обидува да нѐ успие со помош на издашно платените дувачи во балонот? Но нивниот хелиум е фалшив продукт, ја влече власта надолу наместо нагоре, а таа тоа дури и не го забележува. Таквата „поддршка“ и „одбрана“ на актуелните политики и потези е самоубиствен чин, еднаков и на „политиките“ со источниот сосед, со кочењето на реформите, со популизмот, со враќањето на вербалниот деликт (Прилеп), со радикалната (не само) политичка поделба… со аминувањето на секој и секаков парадоксален потег на етничкиот коалициски партнер… итн. Така креираната конфликтна општествена клима никогаш нема да биде разрешена на разумен и демократски политички начин туку политикантството, силеџиството, примитивноста и неукоста ќе продолжат да бидат главните вредности на македонската скала. Впрочем, ние безброј пати во изминативе години на дело ја потврдивме тезата дека револуцијата по правило си ги јаде децата. Поточно, така и го почнавме овој нов политикантски симулакрум во 2017 година: со најбескрупулозната злоупотреба на „Шарената револуција“ како олицетворение на спомнатата теза. Оттогаш наваму, целото општество прогресира во привидно општество, привиден мултикултурализам (а всушност биполарен „културен“ микс на два етникума), на привидна демократија, привидни медиуми итн. Ниту овие (локални) избори нешто ќе променат во таа насока туку можеби само партократското околчувањето во еден дел од општините ќе премине во други раце. А суштината – ќе остане: личното наспроти општото, партиското наспроти објективното, не-вредноста контра квалитетот, констернирано општество на незадоволни, сиромашни и несреќни луѓе… Молчаливото трло ќе биде држано на куп со секакви ветувања зашто без стадото – нема профит!


[1] https://www.facebook.com/nikica.korubin, 13.10.2021

[2] Дејан Азески, Прибе за „Фокус“: Се уште има луѓе на раководни места што го опструираат владеењето на правото, Фокус, 27.09.2021

SLAPS

„Ал Џезира Балкан“ известува за не-знам-колкав-број таканаречени „SLAPP“ (кратенка за „strategic lawsuit against public participation“) тужби против новинари во Хрватска, чија што единствена цел е: замолчување на медиумите. Имавме и ние такви случаи, многу повеќе во минатото. Денес кај нас има обратна ситуација – медиумите/новинарите МОЛЧАТ! Можеби ни треба уште едно ново, некакво регулаторно тело што би ги следело овие состојби и би изрекувало „SLAPS“ (кратенка за „strategic lawsuit against public silence“) тужби против медиумите? Бидејќи нашиот проблем денес е молкот на медиумите, не нивниот говор. Што е парадокс за себе, нели, и е директно спротивставен на идејата за јавен медиум. Плус – дотиран преку власта со пари од граѓаните, како дополнителен парадокс. Според „логиката“ на македонските медиуми, македонскиот граѓанин треба повеќе да биде загрижен за земјотресот на Хаваи отколку за писмото на „Јадран филм“ до македонската јавност бидејќи дел од македонските медиуми, едноставно, не сакаат тоа да го презентираат на читателите! Не сакаат да ја вознемируваат јавноста? Па тогаш нека не објавуваат ни за земјотресот на Хаваи, некого и тоа го вознемирува. Или за ниската излезност на изборите во Ирак. Па и тоа е вознемирувачко, баш сега пред нашиве локални избори! За жал, македонската медиумска приказна, онаа уште од времето на груевизмот, сега продолжува со несмалено темпо, но со други актери во главните улоги! Комуникациите и медиумите одамна го окупирале општеството, па и нашево. Но дали тоа значи дека имаме комуникација и размена на информации? Не, никако, бидејќи кај нас одамна е проблематично дали воопшто имаме меѓусебна комуникација, комуникација преку медиумите, интеркултурна комуникација… И дали нашите медиуми воопшто имаат некаква улога, цел, мисија, визија…? Освен профитот, се разбира. И, се разбира, можам и јас, како впрочем и секој од нас кој подетално ги следи медиумите, да ги набројам оние што ја објавиле дотичната „вест“, како и оние што не го направиле тоа. Но, што со тоа, и кому таа „операција“ нешто би му значела? Залудна работа. Иако, некој ќе рече дека не се само медиумите виновни за создадениот хибриден општествен привид на демократичност, конструктивност, добронамерност, грижа за граѓанинот, професионалност… којшто треба да го замагли, ако не и целосно елиминира од јавниот фокус токму спротивното. И во таа сензитивна група недемократичноста и непрофесионалноста се клучните поими – или фалинки, како сакате – што ја диктираат ваквата состојба во јавната сфера. Кога македонските медиуми навистина би биле втемелени на овие два клучни фактори, нивниот однос кон граѓанинот и воопшто кон општеството во целост би бил комплетно поинаков. Инаку, вака, не можете да препознаете кои се таргет групите на медиумот – освен власта како финансиер, се разбира; жанрот на медиумот (според неговата форма, стил и содржина); идеологија и вредности; репрезентативноста на медиумот итн. 

Како и да ги завртиме нештата, молкот на македонските „меинстрим“ (како еуфемизам за провладина односно партиска ориентација т.е. „уредувачка“ политика) медиуми, нивната навивачка селективност, многу честа неукост (особено кога станува збор за културата) и очигледен непрофесионализам, веќе одамна е општо место. Тие, медиумите, веројатно имаат клучна улога во прикривањето на реалните политички, општествени, културни, мултикултурни… состојби во државата – како што впрочем беа и во периодот 2006-2017 година – се апострофирани како такви во сите компетентни извештаи на меѓународната јавност. Ама не се само тие. Заробените – или хибридните – институции се вториот важен сегмент во недемократскиот македонски мозаик, а професионалниот аспект е можеби најважниот. Зашто, ако во Македонија воопшто постои професионален аспект, или фокус, на нештата, ако во институциите (национални, локални, приватни), па и во медиумите, работат професионалци – стручни луѓе со интегритет, професионално достоинство и авторитет – тогаш сликата на македонското општество, па и медиумското, би била сосема поинаква. Вака како што е петнаесетина години наназад, со тотално замолкната струка, со политизирани стручни асоцијации, со професионални шарлатани на клучни струкови позиции… политиката односно партократското општество може да прави што и како сака. Речиси е неверојатно како една таква афера може да помине без реакција од Друштвото на филмските работници, на пример, или на оние бројни режисери, продуценти, актери… кои секоја година се редат пред касата на Агенцијата за филм – или токму тоа е причината? – па дури и без соодветен одглас од Министерството за култура! Следствено, без соодветна стручна реакција, во отсуство на авторитетен професионален ангажман на сите полиња, медиумите и политиката се трансформираат во единствен општествен „фактор“ што ги диктира правилата на играта. И нивната улога од ден во ден станува сѐ подоминантна. Токму затоа ни се случи и заробената држава, затоа го имаме и хибридниот режим, затоа го добивме и „Скопје 2014“, затоа го имавме и „случајот Струмица“, сега и скандалот „серија Македонија“… и редица други знајни или повешто прикриени афери во културата, образованието, здравството, науката, економијата… Целосната маргинализација на стручноста и професионализмот впрочем доведе и до онакви полуписмени толкувања на бугарската фашистичка окупација, на „заедничката“ историја, на ЕУ интеграциите… и на сите важни сегменти од општествениот живот. итн.

ФИЛМОТ КАКО „СПЕЦИФИЧЕН“ СИМУЛАКРУМ

Не случајно минатиот пат ја спомав Агенцијата за филм и нејзиниот континуиран и очигледно непресушен придонес во македонскиот културен (но и коруптивно-кримоген) симулакрум бидејќи актуелното јавно обраќање од страна на „Јадран филм“ до македонската јавност (и премиерот!), на еден сублимиран начин ги исцртува вертикалите и хоризонталите на веќе сериозно бескрупулозниот привид  за којшто говорам. Зашто, ним веќе и симулакрумот им симнува капа, особено во последниве четири-пет години, им се поклонува на итроштините, на безобразлукот, на неисцрпниот арсенал на лаги и манипулации со коишто ја одржуваат во јавниот живот имитацијата на македонската филмска сцена. Да игнорирате, поточно да криете таков случај каков што беше фамозната серија „Македонија“ и сите перипетии околу неа, да се оглушувате дури и на судски пресуди – па нека се и најнеповолни по државата – и понатаму да создавате слика дека кај нас сѐ функционира нормално (ете, делиме пари и снимаме филмови, славиме и некакви филмски награди, па одржуваме и фестивали…), па згора сме имале и нов филмски бран (каков идиотизам!) итн., е однесување без преседан во македонската култура. Или, поточно, за полесно да се доближиме до срцевината на нештата, можеби овде повеќе одговара суштината на (повторно Бодријар) поимот симулација (simulation) бидејќи станува збор за создавање привид, имитација на цели процеси со намера да се прелаже јавноста (an intent to deceive), лажно претставување и/или криење на вистинските состојби, гангстерска „техника“ на пресоздавање на ситуации и состојби преку соодветни имитирани аналогни констелации итн.

Оние со пократко паметење ќе мора самите да се потрудат да побараат информации за сѐ она што во 2016 и 2017 година, а особено потоа, се изјавуваше, пишуваше, псуеше или плукаше во врска со случајот „серија Македонија“ од тогашните македонски филмски шарлатани на и околу „челото“ на оваа Агенција за. За раскинувањето договори, за заканите со судови, вулгарности од секаков тип… за да сега разбереме дека тоа било само еден чин во претставата, или можеби пролог, ама еве – го гледаме финалето! И веднаш да кажам: јас никако не го гледам оној Грубишиќ како некакво шарено цвеќе за мирисање, но македонската филмска и медиумска јавност го направи поцрн и од најцрниот ѓавол, мафијаш и гангстер дојден тука да ни ги украде парите од македонскиот филм, за нашиве ангели да немаат потоа што да работат. Ама сега, после добиените позитивни пресуди на сите можни македонски судски инстанци, ќе кажеме – што? Ќе се вадиме на компромитирано и корумпирано судство? Ама да беа пресудите во наша полза, судството ќе беше добро?  

Но, но, за жал, еве и да ги исклучиме судските пресуди и сите други нешта за кримогеноста на некои персони и институции во македонскиот филм, а што ги наведува Грубушиќ во името на „Јадран филм“, една болна вистина останува: учеството на власта во криењето на скандалот и избегнувањето на извршувањето на судските пресуди. Зашто, не смее да се заборави, Агенцијата за филм е Владина агенција, директорот го избира Владата – ако не и премиерот лично. Ако пак кон тоа се додадат и сите „епитети“ што од „Јадран филм“ ги добива главниот актер (тогаш директор на Агенцијата) во овој криминал – а сега некаков национален координатор за не-знам-што – резилот поприма незамисливи релации. Ако странски компании, па нека се хрватски, именуваат македонски високи државни службеници со „друго име за корупција“, ако македонската Влада – цела или во стеснет состав – веќе две години знае за неповолната судска разрешница но не реагира, ако новиот директор на Агенцијата за филм – повторно директно човек на власта – ги игнорира одлуките на македонските судски органи и крие информации од јавноста, како се нарекува оваа ситуација: симулација, симулакрум… или повеќе одговара некое погрдо, покриминално, побизарно име? Ако кон сето ова го додаме фактот дека речиси цела година, ако не повеќе, еден широк круг луѓе (особено од филмската фела, но не само тие) знае за изгубениот спор и можните катастрофални разврски на случајот „серија Македонија“, ако ова го знаеле и (барем дел) од македонските медиуми но молчеле, на каква тоа „држава“ наликува Македонија? Да потсетам: не случајно Бодријар ја темели неговата теорија за симулакрумот и симулацијата (Simulacres et Simulation) на културата и медиумите како негови суштествени репрезенти!

И, да потсетам на уште нешто: во декември 2020 година, значи пред само десет месеци, Владата назначи в.д. директор на Агенцијата за филм спротивно на објавениот конкурс каде што се бараше директор и на којшто конкурс се пријавија неколку компетентни лица. За живо чудо, највисокиот извршен државен орган во државата, кршејќи повеќе закони, за в.д. директор го назначи најнекомпетентниот човек, кој истовремено беше и член на Управниот одбор на Агенцијата (во времето на нејзините „активности“ за коишто пишува оној Грубишиќ). На оправданите реакции од јавноста Владата ноншалантно одговори дека разрешувањето на таа персона „(…) ќе биде направено на некоја од наредните седници“, што е тотално незаконска постапка на којашто реагираше дури и ДКСК.[1] Но тоа всушност беше и најбенигната страна на тој „избор“! Зашто, да потсетам, конкурсот на Владата беше за директор на Агенцијата, а не за в.д. директор. Но, Владата имаше свое видување на причините за поставување на в.д. директор: „Конкурсот за директор на Агенцијата за филм е завршен, меѓутоа изборот на кандидат сѐ уште не е направен од причина што станува збор за специфична агенција кадешто детално се анализираат предложените програми за работа, но Владата на Република Северна Македонија сакајќи да излезе во пресрет на вработените постави в.д. директор за краток период кој ќе биде потписник за нормално функционирање на институцијата.“ Замислете, Агенцијата за филм испадна најспецифичен и најважен владин орган, со којзнае какви мистериозни значајни задолженија, па на владината комисија ѝ требале месеци за да го открие вистинскиот човек. А тој им бил пред носот – член на Управниот одбор на Агенцијата, делегиран токму од Владата! Јасно ли ни е денес, во светлината на писмото на Грубишиќ, во што биле „спецификите“ и каков човек им требал? И нормално, потоа истиот човек – без да има каква и да ѐ допирна точка со филмот – беше избран и за директор и денес ги „жнееме“ резултатите од неговата и од работата на неговиот претходник!    


[1] Катерина Смилева Божиновска, Новиот в.д. директор на Агенцијата за филм е истовремено член и на Управниот одбор, Фокус, 17.12.2020  

ЗАТЕМНЕТАТА СТРАНА НА КУЛТУРАТА

Уште Хана Арент, во нејзината книга Помеѓу минатото и сегашноста (1961) констатира дека човекот веќе одамна живее без чувството за традиција и култура, особено во периодите на/по големите кризи. Ние несомнено живееме во една таква (долга) криза, речиси цели триесет години, сакале да го признаеме тоа или не, бидејќи во самиот поим транзиција (од која што никако не можеме да се откачиме) е вкоренета кризата.  Но нашето признавање – или не – не менува ништо во суштината. Ние научивме да живееме со кризата, научивме да ја камуфлираме реалноста за да ни биде поподнослива, свесно ја потиснуваме традицијата и ја отфрламе културата во интерес на некоја, некаква, неизвесна иднина за која што дури не сме сигурни ни дека ќе дојде. Каква што беше бајковитата приказна со ЕУ, нели, од којашто, исто така, и покрај горливите шамари што ги добиваме токму од нејзините репрезенти, не сакаме да се одвоиме. Што е „нормално“, бидејќи тогаш (ќе) мора да се соочиме со суровата реалност: каде бевме – никаде, што правевме – ништо!

Можеби токму заради тоа Мураками вели дека „Спознавањето на вистината не ги подобрува животите на луѓето. Објективното не го надминува секогаш субјективното. А реалноста нема да ја згасне фантазијата“? Со фантазија ли – но чија? – ќе „патуваме“ во светлата иднина?

Но таквите (транзициски) меѓупростори помеѓу минатото и иднината, а ние (сѐ уште) сме во таква состојба, имаат свој „миг на вистината“ кога нештата се согледливи, одредливи, и треба да се избере вистинскиот пат. Можеби, дури, имавме и неколку такви мига но ги пропуштивме. Сите. Ни остана ова секојдневие, овој не-миг!

Во таквото секојдневие, кои се нашите опции, има ли вистинска одбрана од ваквата реалност? Се разбира, за тоа е измислен симулакрумот бидејќи, нели, спознавањето на вистината не ги подобрува животите на луѓето (иако тоа можеби важи само за Јапонија)! Без оглед што тој симулакрум дефинитивно е (нај)темната страна на македонската реалност, па следствено и на културата. Или е едновремено и онаа најоддалечената од вистината страна? Нешто како вечно „непозната“, незнајна, па и недостапна „глетка“ – како онаа страна на Месечината (the far side of the Moon), на пример, којашто ја видоа само оние тројца посветени (Frank Borman, James Lovell и William Anders) од Аполо 8 мисијата? Иако кај нас не станува збор за таков тип на „посветеност“ како кај астронаутите, туку повеќе се работи за желба, за воља за спознавање на вистинските состојби во македонската култура заради преголемиот број пречки на тој пат. Впрочем, така и треба да биде: симулакрумот се гради и доградува, стварноста се обвиткува од сите страни, сликите за вистинските состојби се замаглуваат со фронтовски удар врз сите сетила, што пак треба да предизвика збунетост, зашеметеност, покорна верба во „вистината на системот“. Впрочем, тој „систем“, генерално, така преживува веќе петнаесетина години, држејќи ја јавноста на сигурна дистанца од погубната реална слика. Спознавањето на вистината не ги подобрува животите на луѓето, нели, па зошто тогаш да им создаваме турбуленции во животот, нелагодност и несигурност, потенцијален страв можеби? Токму затоа, безмалу за наше добро, политичкиот симулакрум ни создава вештачка, нереална стварност дека ние некаде напредуваме, дека сме некакви лидери (sic!), дека само што не сме ги започнале преговорите со ЕУ, дека живееме прекрасно ама некако не сме свесни за тоа, дека дури имаме и швајцарски плати од речиси 250 евра… Културниот симулакрум пак е онаа воздушеста целофанска обвивка со којашто се обвиткуваат слаткарските производи за да останат свежи, допадливи, но само илузорно достапни. И за таа намена државата смислила соодветни „демократски“ алатки што едновремено „културниот колач“ ќе го нудат на сите, но ќе прават сѐ тој да остане во досегот само на пожелните, проверените, партиски абонираните…, фалбаџиски ќе го покажуваат но ќе измислат сто и еден начин како фактички да го сокријат, ќе се фалиме пред светот со реформи (и) во оваа област но де факто нема да поместиме ни коцкичка од наследената и така „добро“ средена вмровска „организација“ на културата итн. Оние механизми измислени во сериозните демократии – национални стратегии и планови, годишни конкурси за финансирање, конкурси за директори, институционални планови и програми, информации од јавен карактер… – ќе ги искарикираме до непрепознатливост или ќе им „вдахнеме“ таква партократска нотичка што и културата и државата ќе ви се видат далечни колку и „темната“ страна на Месечината. Симулакрум на дело.

А медиумите и платеничките мегафони се секогаш тука да го дорелативизираат веќе релативизираното, да ја убедуваат јавноста дури и во непотребноста на таквите механизми, во нив ќе видат некакви „шаманизми“ што само ја кочат оваа од власта така добро подредена култура, полуписмено ќе тртљаат дури и за некакви укинувања на министерства зашто тие, ете, ја кочеле нивната „култура“, секакви шарлатани ја мерат успешноста на министрите за култура не според спроведувањето на државните политики во културата туку токму според нивното кршење и измислувањето топла вода… И тие нешта се нижат едно по друго, во симулакрумен сплет каде веќе не се знае ни почетокот ни крајот на лагите, манипулациите, „новото (не)нормално“ наместо старото нормално… меѓу нив и последниот „бисер“ на државниот орган надлежен за работите во културата со продавањето магла за некакво електронско аплицирање на Годишниот конкурс… итн. Ама ниту еден од оние гласни кербери и „силни“ медиуми нема да седне да провери за каква (нова) лага станува збор!

Оттука, ние сме (повторно) осудени и понатаму да живееме во темната – или далечната, како сакате – страна на културата, често заслепени од нејзиниот идиотски „сјај“ како оној во изјавата на шушумигана која глуми директор дека на годинашниов фестивал „Браќа Манаки“ можеле да му позавидат и Кан, Берлин и Венеција… А можеби некој може да ни позавиди и на Агенцијата за филм, онаа како што ја опишува Винко Грубешиќ? Оние малкумина подобро запознаени со состојбите во македонскиот филм ќе ме корегираат дека најголемиот, но и најодвратниот симулакрум во македонската култура е токму таа владина Агенција, и тоа токму во последниве нејзини пет години!

КУЛТУРЕН СИМУЛАКРУМ

Ќе повторам: не случајно Бодријар ја темели неговата теорија за симулакрумот и симулацијата (Simulacres et Simulation) на културата и медиумите како негови суштествени репрезенти. Македонската култура, особено оваа развивана последниве петнаесетина години, е нагледен пример за „лажно посредување“ на реалноста, за политикантска симулација, за „процесија на симулакрумот“. И тоа од почеток до крај, односно од поставеноста на културата во системот, од односот на државниот орган надлежен за културата кон реалната култура, од т.н. културни активности и манифестации како заштитен знак на оваа македонска „култура“ итн. Кај нас, во културата, како впрочем и во целата држава, безмалу сѐ е симулација, симулакрум, некоја нова „реалност“ невтемелена во општеството. Повторно, како во целата држава, и во македонската „култура“ царува личното наспроти општото, партиското наспроти објективното, не-вредноста контра квалитетот… еден стокмен од власта – која и да ѐ и каква и да ѐ – идеализиран биполарен „културен“ мозаик на два етникума, со по некое сиво камче од оние „другите“, попатните малцинства набележани во Уставот како монета за поткусурување и поткревање на македонското чувство за мултикултурно општество. Македонскиот мултикултурализам е, повторно, само симулакрум на некое непостоечко мултикултурно општество!

Таква е сликата за македонската „култура“ што ја добивате гледајќи ги, на пример, „проектите“ застапени во онаа фамозна Годишна програма за финансирање на националниот (sic) интерес во културата (каде поделбата на буџетот е речиси 50%:50% помеѓу македонските и албанските партиски абоненти), државните награди во културата, распределбата на раководните места во државниот орган и особено во „националните“ културни институции  итн. Кога ги читате или ги слушате медиумските извештаи за културните манифестации кај нас добивате впечаток дека сте некаде во Љубљана, Берлин, Париз… а не во Охрид, Битола или Штип зашто сѐ е така одлично реализирано, изведбите се на светско рамниште, македонските „ѕвезди“ сјаат со несмален интензитет, филмските работници работат турбо небаре се ангажирани од некои холивудски продуценти, нашите филмови немаат конкуренција во Европа… еден самопрогласен филмски критичар, дебело залегнат во Битола, ни ширеше славопојки за овогодишниот фестивал „Браќа Манаки“ небаре јавноста беше слепа да го види сиот хаос преку директниот пренос и другите „чаршиски“ муабети (без каталог, без гости, без филмови…), но новинарот, што ќе рече и јавноста, нели, му верува нему а не на сопствените очи… една „независна“ кандидатка за градоначалник на Скопје и доскорешна функционерка во Министерството за животна средина токму во екот на урбанистичката и еколошката катастрофа на Охрид и Скопје, денес се пени да нѐ убеди како таа цел живот се бори „за зелени хумани градови и против бетонизацијата“[1] итн. Симулакрум.

И како по правило, во таа симулација на реалноста гледате едни те исти културно полуписмени ликови (пре)платени да ја убедуваат јавноста во високите дострели на актуелната властодржечка култура, ги слушате државните вувузели како трубат за историските културни придобивки од напорите на власта и нејзините партиски абоненти (иако веќе утре од тие „придобивки“ нема да има ни трага), веќе неподнослива е пресијата за „грижата“ на власта за културното наследство (коешто, секојдневно, таа самата така варварски го упропастува)… За среќа но малкуте преостанати критички погледи на состојбите во културата сепак говорат нешто сосема друго: ја даваат вистинската слика за вкупните состојби во културата, речито ги побиваат сите симулакрумски тези на државната „политика“ во културата, сведочат за целосното отсуство на конструктивен однос на власта кон културата но и за лажливите оркестрации за непостоечките дострели на партиските миленичиња закачени на државниот културен буџет; едновремено, пандан на овие објективни тонови се и потсмешливите коментари по социјалните мрежи vis a vis малоумната државна пропаганда за континуитетот на македонската култура што секојдневно ѝ се сервира на јавноста.

Се разбира, актуелната разрешница на таканаречениот „ Случај Струмица“, на пример, со катастрофално дволичното однесување на министерката за култура и на Владата на Република Северна Македонија, е еден од последните примери на тој симулакрум, на таа симулација на власт, правен поредок, лична/колективна неодговорност и недемократска свест дека за грешките, дури и поминорни од наведениот случај, мора да следува не само морална туку и политичка, а не ретко и прекршочна/кривична одговорност. За оние кои го подзаборавиле случајот, еве во кратки црти: на конкурсот за директор на Центарот за култура во Струмица се јавиле неколку кандидати меѓу кои Министерството за култура, во (тогаш тврдеа) правна и транспарентна постапка, го избраа за директор единствениот кандидат кој не ги исполнуваше бараните услови: имеше апсолутно несоодветна стручна квалификација (….) и немаше ама баш никакво искуство во културата. А сепак, како очигледно партиски кандидат, го доби директорското место. Наспроти сите отворени забелешки и протести против ваквиот избор од страна на вработените во институцијата, наспроти нивното демонстрирано незадоволство – буквално, со манифестиран револт пред Центарот за култура во Струмица, пред Министерството за култура и низ улиците на Скопје – надлежните (Министерството за култура и Владата) тврдоглаво и безобразно арогантно останаа на ставот дека еден фискултурец може и треба да раководи со таква комплексна институција како Центарот за култура во Струмица. Следствено, исцрпувајќи ги сите неформални начини на „борба“ против системот, незадоволните културни работници (поточно: двете одбиени противкандидатки на конкурост) од Центарот поведоа и формална постапка против изборот на директорот пред Управниот суд во Скопје. И – го добија спорот односно Управниот суд, ценејќи ги наводите и фактичката ситуација, ја уважил тужбата и, според образложението на пресудата, тужбата е основана, а Министерството за култура, донело неправилна и незаконита одлука. Според одлуката на судот, Министерството за култура треба да ја повтори постапката за избор на директор на НУЦК „Антон Панов“.

И сега, во секоја нормална држава ќе имаше некакви консеквенци, ако не повеќе тогаш барем против Министерството за култура и оние кои упорно и незаконски фаворизираа еден (несоодветен) кандидат. Но од таму се појави само кусо соопштение: „Министерството за култура ќе постапи во законски определениот рок и согласно насоките и упатствата наведени во самата пресуда“, без да се прецизира кога планира да се повтори постапката за избор.[2] И, се разбира, таму никој не помислува на некакви законски и морални консеквенци, не успеала местенката ама ќе успее следниот пат, министерката се однесува како тоа неа да не ја тангира, уште помалку оние тутурутки од таа некаква нејзина комисија што така настојчиво тврдела дека сѐ е во ред со изборот итн.

Колку долго јавноста ќе се сеќава на „случајот Струмица“? Три, пет, петнаесет дена? Оваа „држава“ секогаш има толку време да сочека, па и повеќе ако затреба. Потоа – симулакрумот повоторно ќе ја покрие, ќе ја затемни стварноста.


[1] Ана Петровска, Партиски или независни?, Слободен печат (онлајн издание), август 2021, https://www.slobodenpecat.mk/partiski-ili-nezavisni/

[2] В. Трајков, Управниот суд го поништи изборот на директор на Центарот за култура во Струмица зашто се фаворизирал еден кандидат, sdk.mk, 18 август 2021