Monthly Archives: June 2022

ЗАБОРАВИВМЕ ЛИ ДЕКА ЈА ЖИВЕЕВМЕ ЕВРОПА?

Дали, всушност, „новата иднина“, онаа на којашто треба(ше) да се радуваме зависи од степенот на замаглување на целиот процес, на отворање на неколку (наводно) клучни патишта по коишто треба ние – „стадото“ – да тргнеме, водени од вољата на овните-предводници на ЕУ? Дали тој пат ќе биде оној на ГЕРБ, ДПС, ИТН, БСП…, кон кој нашиот предводник ќе мора да се придружи, или во меѓувреме ќе биде смислен нов од некој од оние веќе смешни самоумислени европски „големци“ ала Макрон? Или сега (ќе) ја чекаме интервенцијата на „големиот брат“, којашто де факто не е ни потребна бидејќи еден од нашите „експерти“ веќе прогласи „блескава победа“? Само не кажува која е по ред на списокот. Во меѓувреме, ќе продолжат ли нашиве зазбивтани малоформатни полуинтелигенти да нѐ бомбардираат со нивните нарачани инстант менија за придобивање на широките народни маси, а во собранието (малите букви се одраз на релевантноста на оваа „институција“) „мирно“ ќе тече процесот на превоспитување на дел од пратениците во стилот на некогашниот вемеровски двоец од оној „црн понеделник“?

Ние пак, како дел од „стадото“, сепак ќе се држиме до демократската нагласка, којашто наложува одмерен однос кон сечие мислење, па дури и она непоткрепено со аргументи, дури и глупаво ама желно – или жално? – да биде чуено, да излезе надвор. И ние тоа (ќе) го овозможуваме, секому, и на надворешни и на внатрешни палјачовци, да нѐ тормози, да нѐ нарекува со секакви имиња, да бара да се радуваме на црнилата и да веруваме во ирационалното (зашто инаку и секоја баба ќе водела држава!), да прифаќаме вина и онаму каде што објективно ја нема, па дури  да се гледаме себеси и како најголеми мразачи на светот. Според едни мразиме сѐ по список: од јужен, преку западен, а сега и источен сосед, ги мразиме, онака, жестоко, и секогаш без причина; според други „Сенешто мразиме и сите ги мразиме, најмногу оние кои се издвоиле и се издигнале над својата средина!“ (вториов дел е, веројатно, некаква самобендисана лична проекција?!); а според трети, не само што мразиме туку сме и фобични на сѐ и сешто… Сите зла се слеале токму во овој народ кој не дозволува на политикантите и нивните кербери да се радуваат на „светлата“ иднина за оваа земја која, ете, на своите плеќи доброволно држи ваков народ.  

Ваквите пораки од делови на македонската интелектуална (?) јавност сега ќе станат и содржина на меѓународни документи што здушно ни ги подготвуваат. Меѓутоа: го слушаше ли некој директорон на Institut Jacques Delors каква слика ни нацрта? Новиот свет што ни го откриваат тие сликички не е само чуден туку е и вџасувачки убоит, што пак, на некој начин, ни вреска директно во уво дека мора да останеме во сегашноста и да ја заборавиме иднината. Но постои ли само сегашност, без иднина? Или без минато? Зашто минатото, очигледно е, ни е товар, заради него нѐ малтретираат, ни поставуваат невозможни белосветски услови со цел да се откажеме од истото. Што и не е толку чудно, ако се има предвид како живеевме. Тоа е всушност она што им пречи, и надвор и внатре. Повеќе внатре, и околу нас, кај соседите, оние источно, јужно и западно, зашто ги знаеме што и какви беа. Сега ни враќаат „мило за драго“! И нашиве со нив, нашиве кои ни го живееле, ниту пак го разбрале тоа наше минато. Ние ја живеевме Европа многу години пред ЕУ! И тоа сега мора да го платиме. Токму затоа на дел од нас ни се неразбирливи овие неартикулирани мрморења на поединци и групи, иако некои од нив доволно возрасни да ги поврзат сите линии во една права. Или правата не смее да биде – права, туку искривена, испрекината? И токму затоа дел од нас ги обзема нелагодност, дури страв да погледнат во таа новопроектирана низ (наводно) европски „документи“ иднина. Тие „проекции“ што секојдневно ги насетуваме низ ехото на нашиве божемни евро столбови е само безумен лаеж на измамата, на незнаењето и неразбирањето на минатото, сегашноста и иднината. Низ тој лаеж прозвучуваат и трубите на „новиот свет“ во којшто овие отсега мислат дека си резервираат места. Но тие труби, како оние пред Јерихон, уриваат ѕидови. Или тоа е всушност дефинираната цел: ѕидовите, оние на нормалноста и рационалното, мора да паднат?! За да се воспостави некој нов ред и поредок (и) на Балканите. Ако треба и со „демократска“ сила и принуда!? И тоа токму од оние  кои до вчера се колнеа во Устав и закони?!

И тука можеби клучното прашање е: што тие знаат, што разбираат за тој нов свет што го нудат? Или, уште еднаш: го слушаше ли некој директорон на Institut Jacques Delors каква слика на нацрта? Ги гледаат ли нашиве „експерти“ и полуинтелигенти само сјајните места, но не и сенките што надвиснуваат, не и однесувањето на Владата, не и случувањата во собранието (малите букви се одраз на релевантноста на оваа „институција“)? Зашто црнилата се побројни, се закануваат да голтнат сѐ што било и што ѐ. Или тоа ним не им е важно, тие ионака не знаат ни што било ниту пак што ѐ, а најмалку што и како ќе биде? Разбираат ли барем дека е тоа пат од кој нема враќање, или пак токму тоа го посакуваат? Сигурни ли с(м)е дека на тој пат нема да ги пречека уште поголемо зло со многу повеќе лица, дека омразата ќе ја снема, дека корупцијата и криминалот ќе исчезнат или ќе се сведат на прифатливото ЕУ ниво, дека на сите страни ќе цветаат рози а низ Вардар навистина ќе почнат да пловат галии? Секое патување е возбудливо како можна авантура, ама овде сепак станува  збор за нешто друго, нели? И најмалку за – блескавост! Ние, имено, не ќе патуваме заради здодевност или заради авантуризам, туку носени од мислата за некаква нова иднина. Каква? Знае ли некој, насетува ли барем или се ова навистина само лукративни одблесоци на малите умови во малата држава, некакви нивни искривени политикантски „убедувања“ и видувања на нашата иднина? Па, сериозно, завредуваат ли да се поведуваме по нив? Или ние навистина го загубивме интересот за оваа држава па размислуваме за нова?

Некој ќе рече: па нели е ова нова држава, со ново име, како што вели двоецот Османи-Макрон? Можеби ќе биде делумно во право, ама во еден дел барем ја задржавме суштината. Сега, во новава авантура, ќе го проблематизираме ли и тоа? Или, де факто, тоа беше „проектот“ веќе од самиот почеток?

СЕНКИ НАД МАКЕДОНИЈА

Може ли еден настан, еден ден/година, една состојба, да го смени текот на историјата онаква каква што ја познаваме, а едновремено да го смени животот на генерации и генерации во радикална насока, подобра или полоша? Може, се разбира, на простори каков што е Балканот таквите историски претумбации се речиси правило. Современа Македонија памети неколку такви датуми, или настани, како сакате, коишто речиси судбински ја определиле нејзината иднина: 1948-та година и прекинот со СССР, 1991-та и распадот на Југославија, 2001-та и наметнатиот меѓуетнички конфликт, и секако – денес, со (наводно) клучната разврска на нашето патешествие кон ЕУ, но со оној т.н. „Преспански договор“ во позадина, како Дамоколов меч со две острици. Сега се активира втората острица!

Денешните генерации се соочуваат со можеби најнепознатата иднина, животот буквално (ќе) им се менува од ден во ден, ним и на нивните деца, а тие се толку беспомошни, неподготвени за таа и таква иднина, за тоа непознато самочувство на недостоинствен пораз што ја менува суштината на нивното постоење. Зашто, колку и да гледаме најоптимистички на „новиот живот“ што ни се нуди со посредство на праматари во кои веќе отворено не може да се има доверба, сенките/црнилата се влечат во позадината како јата врани подготвени да се стуштат врз нејакиот плен. Светот околу нас радикално се менува од минута во минута, „новиот живот“ со искезено лице чека да нѐ зграпчи. Ќе се најдеме ли во некој друг простор, во некакво друго време, во земја на којашто нема да ѝ го знаеме ни името ниту презимето, нема да знаеме кои сме и што сме, нема да ѝ ја знаеме историјата ни обичаите? Веројатно, таква ни била судбината. А денес никаде ги нема оние кои во 1991-та ветуваа брда и долини, мед и млеко, независност, самостојност, просперитет… Тие што останаа напишаа нови стихови и пеат друга, туѓа песна, преоблечени во поинакви карневалски костими. Коленичат и коледарат од врата на врата веќе 15-16 години, каде ќе стигнат. И повторно никој не ги прима, или ги прима за висока цена. Но ним тоа не им е важно, тие и така плаќаат со наши пари!   

Сето тоа само го засилува нашето чувсто на безнадежност и изолација, нема сигнал што и како треба да се прави, во што и кого да се верува и по кој пат да се тргне. Во која, кон која тоа земја одиме – или нѐ водат, како сакате – и што нѐ чека таму? Безимени мали луѓе со мали умови и животински маски, сеништа од минатото што глумат иднина, простаци кои продаваат држава за триесет сребреници? Македонија се претвора во чудно и диво место каде царуваат крадци, трговци и лажговци богато плаќани од наши пари, а ние им верувавме, и им веруваме, како мали и неуки деца. Верува(в)ме можеби бидејќи нашите фантазии биле пребогати, нашите сништа пресилни, за некаква цивилизирана земја во којашто владеат закони, право и правда, во која просветителството е суштинската идеја водилка, а традициите се осовремени и инкорпорирани во сегашноста. Ништо од тоа не било така, не било точно. Сѐ било/е лага, историјата на овие простори нема континуитет, идеите и идеалите ги убиваат преку ноќ, вистинскиот пат е само симулакрум, некаква густа розова магла просеана низ ситото на властодршците и нивните кербери.   

Дали прерано и пребргу се понадевавме во „новиот живот“, новата иднина? Веројатно, иако Македонија е меѓу последните во Европа – не и последна, има и други, но тоа не некаква утеха – што добила самостојност и независнот, после толку векови премрежија и историски црнила. Да, можеби звучи патетично, иако јас баш и не сум таков патетичар по националните прашања. Но, ова е поинакво време, нови провокации, повторно креирање на некаква друга слика, нова „вистина“, демек уште еден нов лист во испишувањето на историјата. Но, што со старите листови? Историјата не е алваџиски тефтер во којшто неспособни луѓе ќе учат да пишуваат!

Оние, имено, кои ја конструираа сегашнава „приказна“ мора да се извадат во јавноста, со име и со презиме. Нивното криење денес, и утре, е само уште една црна страница во македонската историја. Почнувајќи од 1991 година, сите на највисоките функции во државава практично учествувале во креаирањето на оваа сегашност и, што е полошо, на оваа иднина. Сите до еден, со нивната плашливост или нерешителност, со нивните калкулации и импровизации, со нивниот страв од превземање одговороност за иднината на државата и, секако, со нивната неспособност за вршење на најодговорните функции, додавале по едно камче во мозаикот на ова што денес и утре (ќе) ни се случува. Нерешавањето на клучните проблеми на една држава, па нека тоа се и такви судбоносни прашања како име, историја, идентитет… и нивното препуштање на коцкарската маса викана ЕУ, па и САД, говори за страотна некапацитетност на македонските политички елити, односно „елити“. И тука историјата, убеден сум, ќе нема пардон ниту за еден од тој низ: Андов, Тито Петковски, Црвенковски, Љубчо Георгиевски, Бучковски, Груевски, Шеќеринска, Заев… до овие денешниве шарлатани, не исклучувајќи ги ни починатите (Глигоров, Кљусев, Трајковски…). Сето ова денес е и нивна голема „заслуга“. Утрешнината, онаква мрачна и тегобна, ќе се впише и до нивните имиња. Само еден од преживеаните – Бранко Црвенковски – имаше доблест да излезе во јавноста и да го каже својот став. Сите други (не сметајќи ги оние глупости на Георгиевски и Бучковски) се сметаат амнестирани од иднината? За среќа, иднината не амнестира никого, најмалку такви персони. Зашто, токму тие ги затворија еднаш отворените сончеви порти на нашата иднина. Тие, и нивните партиски пулени и коалициски партнери, сите до еден лукративни политиканти и дилетанти, ги отвораа слоевите на Пандорината кутија, потполно несвесни, зашто неуки, што и како започнуваат.

И таа неспособност, таа неукост сега ја испорачува сметката. Светот што ни се отвори, се затвори од криминал, корупција, волунтаризам, непрофесионалност… Погледот вперен во иднината се претвори во бреме од минатото зашто светот што утре ќе го видиме нема да биде оној што го знаеме, луѓето ќе бидат други, со поинакви имиња и презимиња, со други традиции и обичаи. На многумина тоа, очигледно, не им пречи Тие би да се радуваат, ама ние демек не им дозволуваме. Да се радуваат – на што, и за што? На ирационалното живеење и однесување кое сега го внесуваме како стандард во секојдневието и иднината?   

AUT EU AUT NIHIL

Во македонскиот политички котел, зовриен наводно пред конечната (?) разврска на фарсата викана „Патешествие во ЕУ“, гледано вака од страна, се препознаваат две дефинирани струи: евроскептична и евросилеџиска. И тука не се подразбираат и политичките партии како експоненти на одделни политики „за“ и/или „против“, бидејќи тие имат свои агенди, главно лукративни: тие се одлично платени за своите улоги, па човек дури може и да ги разбере – тие континуирано си работат во полза на сопствените интереси, а на штета на општите. И тоа се однесува главно на двете страни, се разбира, коишто нагалено сакаат да си се викаат власт и опозиција. А не се ни едното ниту другото. Впрочем, зарем во која и да ѐ и каква и да ѐ друга политичка констелација, тие би можеле да бидат некакви влијателни фигури во една нормална држава? И да се смеат на „шегите“ на „шармантниот“ Еди, на „цврстиот“ Макрон, „влијателниот“ Шолц…? 

Но затоа, тука се нашине „независни“ политикантски „мудреци“ од квази-интелектуалната експертска и професорска провениенција во таборот на евронасилниците, сега нешто вознемирени, унервозени и узјогунети пред разрешницата генерално викана „Aut EU aut nihil“, а нагалено македонско-бугарски „спор“. Ги мачи, веројатно, тоа што тие недоволно тоест нецелосно ги исполниле превземените обврски кон газдите – кои и да се – што пак неизоставно ги разнишува и нивните абонентски позиции. Зашто, јавноста одамна веќе ништо не им верува, ги има за мајтап, потсмев. Само пред три дена, еден таков нѐ убедуваше дека конечно Европа е на наша страна и врши притисок врз Бугарија. А веднаш потоа, бум: „планот“ на Паташон! Просто не знаеш кој е поголем циркузант! Затоа, сега, еве нов бран евросилеџиство, притисоци и убедувања, укажувања на нашата малост и безначајност во регионални и европски  рамки, обиди за минирање и на оние ситни наши придобивки кон враќањето на достоинството и самопочитта. А зад главните манипулаторски експоненти се влече и една чета третокласни приучени подлизурковци со некакви свои агенди или новополитички аспирации, кои упорно сите други сакаат да ги сместат меѓу оние кои историчарот Литовски ги нарекува „народ на заборавот“, па нѐ караат дека сме хистерични и заблудени, дека робуваме на некакви „наши вистини“ и слични будалаштини. Дури и дека не сме пораснати, по ѓаволите. Ама тие – се. Пораснати, во амбициите. А нивниот ангажман, као случајно, баш во полза на разврските на штета на државата, а како единствено можно решение за нашите евроинтеграции. Што ќе рече – уште да си ја одгриземе главата! И сето тоа во фокусот на нивните дилетантски глобалнополитички толкувања – оние од типот на „ние-Украина-Бугарија-Венецуела-Кипар“ божемни релации – па дека целото ова замешателство со љубимиот им Макрон и Петков е во рамките на европските регулативи, па дека ние сме само некакво „лево сметало“ во оваа европска сага… Од гледањето кон европските „лидери“, не гледаат што им се случува во земјата. Впрочем, факт е дека нивните „анализи“ по правило завршуваат во локалната септичка јама викана македонска политикантска смрдлива дупка. За најголем дел од овие еунасилници камуфлирани во „ЕУ борци“ контра патриотизмот, националното, етничкото… мотото на Cesare Borgia од насловот е ѕвезда водилка на нивниот пат кон ЕУ. Забораваат дека ова мото, оваа фраза има и друго толкување, она на Кјеркегор за „смртната болест“ односно очајот што оди рака под рака со маката, со патењето, а заради неможноста, неспособноста да се биде баш Цезар. Нивното его е толкаво што не може да види дека повеќе наликуваат Чаплиновиот Хинкел во „Големиот диктатор“ отколку на големиот Цезар! Но, тие се, изгледа, неизбежниот фолклор камуфлиран во ЕУ гашти, подметнат овде да буричка, да прави штета, да внесува смут. Во чија полза? Па и тоа ќе се види, наскоро. Но врз сиот овој жовијален циркус, во вистински избраниот момент, се појавуваат и оние покрупни „ѕверки“ со препознатливиот ex cathedra „стил“, кои веќе сплетената ЕУ мрежа ја зајакнуваат по сите краишта со драматично-бомбастични „експозеа“, поентирајќи дека сега нам ни е редот да попуштиме во „спорот“. Како да имаме каде да „попуштаме“, но тие ќе ни понудат готов рецепт: во Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции! Тие секогаш имаат спремни рецепти, како во она мало шишенце што Борџиите го криеле во ракавот, она од прекрасно муранско стакло, но со најотровната течност на светот. Делува мигновено, и сигурно. Исто како самиот да си ја одгризеш главата. Но ова не е првпат, нема да биде ни последен за такви самоубиствени предлози. Ако го преживееме ова што сега ни се сервира, се разбира. Зашто, дури и наспроти сѐ, дури и, на пример, едногласноста на партиите – па нека е и привидна! – за македонскиот идентитет и јазик како неприкосновена реалност за којашто не смее да се преговара, за наследството од претходните генерации како некаков аманет за идните, грижата за традициите и етнокултурната посебност… дури сето она во спомнатата Резолуција да е романтичен излив на патриотизам, секогаш (ќе) има и такви луѓе кои (ќе) бараат (и) од тоа да се откажеме!

А сега, со новиот, а всушност многу стар „предлог“ на вознесениот Макрон, таборот на евросилеџиите, поосилени од кога и да ѐ, ќе зафаќаат нови бусии на фронтот. Ќе убедуваат, ќе докажуваат, ќе филозофираат… небаре тоа е само уште една белосветска игранка во којашто ние мораме да учествуваме како статисти. „Aut EU aut nihil“ – ќе се пењават, ќе хистеризираат, ќе паѓаат во несвест, ќе си речеш цел живот го поминале, ако не со телото тогаш барем со мислите, во тоа ЕУ. А всушност не излегле од опинците односно опинците од нив, ако ги прашаш што е тоа што очекуваат од ЕУ ќе почнат да пелтечат исто како и во случајот со т.н. „Преспански договор“. И впрочем, ако целта на нашава досегашна белосветска игранка беше безбедноста на државата, нели тоа е постигнато со членството во НАТО?

Не е секогаш и докрај јасно кои и какви се крајните цели на таборот на евронасилниците. Таму, како што реков, се вплеткани безброј лични/поединечни политикантско-лукративни интереси, делумно и партиски пропаганди, кај некои и болната амбиција да се биде во центарот на вниманието барем пет минути – па макар и со глупости, но има и евидентни случаи на симултаност со политиките на некои центри. Тоа се односи гредани со години/децении, се активираат кога е потребно, делуваат јавно а всушност подземно. Во напорот да се избегнат некои потешки кваилификации а сепак да се дојде до појасна претстава, можеби најприфатлива е карактеритиката дека таборот на евронасилниците е добро увежбана збирштина со приѕирна агенда но вешто скриени крајни цели.

Во овој поглед, вториот табор, оној на евроскептиците, е речиси лига на изгубени илузии. Но за тоа во следната прилика.

ВАТАША, ВТОРПАТ

Претпоставувам, односно сигурен сум, дека ќе беше несоодветно, дури непријатно и невоспитано, токму на 16 јуни – денот на стрелањето на 12-те младинци во Ваташа – (повторно) да пишувам за Меморијалниот „споменик“ подигнат во нивна чест на самото место на нивната злосторничка, крвничка егзекуција. Затоа овој текст го оставив за подоцна. А ставањето на зборот споменик во наводници ќе го појаснам подоцна. Поточно, од тој споменик, таков каков што бил замислен и изведен, денес речиси и да не останало ништо!  

Инаку, велам „повторно“ бидејќи за овој споменик, или „споменик“, веќе еднаш пишував во февруари о.г. а во врска со современото „злосторничко“ однесување на сите надлежни во македонската култура (локалниот Музеј и галерија Кавадарци, Општината Кавадарци, Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство, Националниот конзерваторски центар), па и на целиот систем/држава. Зашто, ако и после толку време нема соодветна законска разврска за сите сторители на современото „злосторство“, тогаш за каква заштита на културното наследство говориме – особено правна но и материјална, или за какво негување на спомените на жртвите на фашизмот може да стане збор…? Или – токму за тоа не треба да стане збор, денес? Дури, ако цело Кавадарци, или неговите први луѓе, прават проблем заради гостувањето на една Карлеуша, но не и заради споменикот на стреланите младинци, тогаш што?

Како и да е, Меморијалниот комплекс посветен на 12-те стрелани младинци во Ваташа (Васил Хаџи Јорданов, Ферчо Поп Ѓорѓиев, Диме Чекоров, Блаже Ицев, Ванчо Гурев, Пане Џунов, Данко Дафков, Илчо Димов, Герасим Матаков, Пане Мешков, Ристо Ѓондев и Перо Видев), претставувал долг не само на Ваташа и Кавадрци туку и на цела Македонија кон овие младинци. Затоа, впрочем, споменикот го работел врвниот македонски скулптор Јордан Грабуловски. Комплексот, со рељефот на Грабул, бил свечено откриен на 11 октомври 1961 година.[1] Приказната што потоа следи не е убава. И не завршува убаво, барем засега. Особено што од 1978 година овој споменик е заштитен со закон како споменик на културата, а во 2012 година е извршена ревалоризација со којашто споменикот преминал во категоријата значајно културно наследство.

Наспроти тоа, од 2007 година наваму, дел од споменикот – текстуалниот и ликовниот (релјефот) од Грабуловски – се постојано на мета на крадци, во неколку наврати. И никој не превземал ништо! За да, конечно, во 2015 година, споменикот биде целосно „соголен“ од ваквите содржини. И потоа, не така одамна односно пред една година, на сцената стапува „стручноста“ и државата олицетворени во локалниот Музеј и галерија Кавадарци, Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство. Имено, на конкурсот на Министерството за култура, во областа заштита, Музејот Кавадарци добива средства за „проект“ наречен „Заштита на споменикот 12-те ваташки младинци“. Се разбира, секој нормален ќе се запраша како може локален музеј да врши заштита/интервенции на значајно културно наследство, па згора за тоа и да добие средства од соодветна комисија во Министерството за култура. Веќе тука некој морал да реагира… Ако пак човек почне да го чита тој „проект“, тогаш му стануваат уште појасни состојбите во заштитата во државава. Но, Министерството за култура, со „големата“ и многу загрижена за наследството министерка Стефоска на чело, во два наврати дава пари за тој смешен проект, без воопшто да направи увид кој, што и како прави на споменикот. Во сличен заспан статус, се разбира, е и фамозната ни Управа за заштита на културното наследство која нема поим што и како се случува во Кавадарци. Дури по писмена интервенција на граѓани, Министерството за култура констатира „законски неправилности“ и „презема постапки согласно законските прописи“.

А тие постапки се: по барање на УЗЗКН (орган во состав на МК), Националниот конзерваторски центар од Скопје формира комисија која констатира дека се вршени незаконски интервенци на споменикот, поставен е релјеф од полимер изработен од локален вајар, не се барани соодветни одобренија и дозволи од надлежни институции… ама „не е нанесена дополнителна штета на споменикот“ (sic!). Тоа што еден локален музеј незаконски вршел интервенции врз значајно културно наследство, тоа што некој локален вајар си поставил свој релјеф од пластика, тоа што никој не знаел што и како се работи таму, тоа што за ниту еден сегмент немало конкурс и не се почитувани авторските права… тоа за оваа „стручна“ комисија не било важно.

За да приказната биде уште посмешна, врз основа на овој „извештај“, фамозната Управа за заштита излегува на терен, врши увид и инспекторката изрекува ОПОМЕНА на локалниот Музеј и галерија Кавадарци и неговата директорка заради „изведување работи на непосредна заштита без конзерваторско одобрение“! На значајно културно наследство!!! Такво незнаење, нестручност и срам, не само од страна на сите други инволвирани – вклучувајќи го и „уметникот“ кој се нафатил на такво злодело – не е виден во Македонија последниве години.     

А за срамот да биде поголем, ниту една од спомнатите институции во нивните „решенија“ не наложува фалсификатот – зашто тоа е безочен фалсификат и ништо друго – да биде отстранет од споменикот. Тој стои таму и денес, на годишнината од стрелањето на младинците во Ваташа!


[1] Повеќе за естетските карактеристики на релјефот види во текстот насловен Фашизам од февруари о.г.

ИСТОРИЈА ВО КУСИ ПАНТОЛАНИ

Од времето на т.н. Моравска мисија на светите Кирил и Методиј – го земам овој период како некаков никулец не само на писменоста на овие простори туку и на културата односно цивилизацијата – до денес изминале некаде околу 1.160 години (плус-минус нешто ситно). Што се сменило? Многу нешта, се разбира, цела една Историја, иако неговото височество Времето не ги мери овоземните работи според реалните, или „реалните“, математики на историјата. Но, она што е најочебијно сменето се чувствата за припадност, храброста и самодовербата, поимањето на себството како можен прв чекор кон идентитетот, самопочитта (дури можеби и пркосот!), концептот на постоењето и неговите наративи итн. Кога тој милениумски историски след би можел да се прикаже како графикон, како ли би изгледал? Земајќи го спомнатиот датум како нулта точка, како би се движела линијата на развојот? Од светите браќа, преку основањето на Охридската архиепископија па до Самоил како права нагорна, потоа „стакато“ период, па Отоманскиот период во длабок минус, па Преродбата како повторен феникс но попречен од балканските и светските војни…? Не сме сигурни, се разбира, и покрај фактот што најчесто велиме дека си ја знаеме историјата. Но таа, историјата, не е само војни, освојувачи, колежи, загуби… Дали тој голем временски распон може да се прикаже со изворни искази/сведочења, во случајов со два беседи, една од времето на светите браќа, втората неодамнешен, од Истанбул? Можеби, но не целосно, се разбира, ама доловува барем делче од времето, чувствата, размислите, што погоре ги споменав.

Едниот пример: „Не врне ли дожд од Бога еднакво за сите? А Сонцето не грее ли исто така за сите? Зарем не дишиме воздух сите еднакво? Па тогаш како не се срамите да признаете само три јазика, а сите други народи сакате да бидат слепи и глуви?“ Познавачите велат дека токму ова е репликата на Константин – подоцна Св. Кирил – во Венеција пред речиси дванаесет века, во одбрана на правото сите народи, па и Словените, на свој јазик да ја изведуваат богослужбата – откако во Моравија биле оспорувани од германските свештеници. Тие, вели историјата, ги обвинувале солунските браќа затоа што службата ја изведувале на словенски јазик, тврдејќи дека Божјото слово треба да се проповеда само на три јазици: еврејскиот, грчкиот и латинскиот. Вториот пример вели: „Господ ни е сведок, дека колку ни е надежта голема, уште поголема е нашата полна доверба во Вашиот суд, во Вашето расудување за времето кога треба да се случи уредувањето на овие работи. Вам Ви го оставаме судот на времето, но Ве молиме – не заборавајте нѐ, помагајте ни да растеме“, порачал архиепископот г.г. Стефан на Вселенската патријаршија, само пред некој ден. Да, веројатно прво што паѓа в очи е тонот и дикцијата на двете „беседи“. Некој ќе рече: да, ама поминале векови, нештата се суштински (глобално) изменети, тоа е нормално. Да, но ние одамна – нема да кажам никогаш – не знаеме баш што е тоа нормално, нели? И не мислиме ли дека нормалното, барем во дваесет и првиот век, би требало да изгледа, и звучи, малку поинаку? Приближно онака како зборовите на Константин? И дека Човекот на овој век нема зошто да моли, возрасен а допрва да расте, да питачи милост (да не речам милостина)…?

На крај памет не ми е да се мешам во црковните работи, и канони, и правила… но овие две „беседи“ се само еден можен пример, една паралела за нашата милениумска позиција во светот. Нашето најново „испишување на историјата“, по којзнае кој пат, ме потсетува дека историјата всушност не ја пишуваме ние туку историјата нѐ пишува нас. И дека за нас секогаш има(ло) некој Папа или вселенски патријарх, некој Макрон или Шолц, некое НАТО или Русија… кому ние мораме да се поклониме, често и да коленичиме. Дали, повторно, малите умови во „малите“ култури , дури и денес, се измеќарите на светот? Денес повеќе од кога и да е?

Се разбира дека извлекувањето на онакви праволиниски паралели од деветиот до дваесет и првиот век наликуваат на некаква историја во куси пантолани. Ама тоа не е баш така, историјата, онаа вистинската, и историчарите и антрополозите, оние вистинските, размислуваат во такви формати, во такви дијапазони. Ене ви ги Харари, Хантингтон, Билингтон, Фрејзер, Илијаде…! Па и уметниците, ако баш сакате: еден Бертолучи во „20-отвек“, Михалков, Пикасо… па и еден Чемерски во мозаиците во Кочани, Мазев во Спомен костурницата во Велес. Македонската историја и политика – не. Ние/тие с(м)е тука од денес за денес, не знаеме ни што ќе (ни) се случи утре. Малоста како да ни е веќе генетски всадена, како и измеќарството. Ние сме, всушност, оние во кусите пантолани. И уште ни се скусуваат, веќе три децении.

Каде сме биле, каде сме сега? Можам, ако е баш неопходно, наместо спомнатите беседи, да цитирам и политички говори, на пример на еден Апостолски, Црвенковски, Колишевски… и истите да ги компарираме со сегашните бедни флоскули на денешниве политиканти. Или, можеме да се вратиме и малку поназад во времето, во епохата на Мисирков, на пример, или на Миладиновци, па и на Рацин ако е неопходно, на Конески, Петре М. Андреевски, па дури и Горан Стефановски. Но, со кого би ги компарирале, со кого? Дали ние навистина веруваме во онаа средновековна „поука“ дека задачата на политиката на една мала земја во меѓународното општество на држави е да опстане и дека тоа е некаков стандард, или мерка, за успех во светската политика? И што воопшто значи во еден таков контекст поимот „опстанување“, што тој подразбира? Некаква форма на егзистенција? Па нели „опстанувавме“ и под „пусто турско“ толку векови, што ни требаа оние востанија во коишто гинеа толку луѓе, особено оној Илинден 1903? Па ние, ако баш сакате, ќе „опстанувавме“ и под четиригодишноно бугарско (кое не се случило, нели), ама некому не му беше баш по воља па заминуваше во партизани? И, не можам а да не го кажам и тоа: ние „опстанувавме“ и во оној демократски мрак 2006-2017 година! И? Зошто ни требаше онаа „Шарена револуција“ и што таа всушност ни донесе? Само друга форма на „опстанување“ или требаше да донесе нешто многу повеќе? Зашто, ако гледате суштински, опстанувањето е само задоволување на некаков биолошки закон, некакво елементарно одржување во живот. Тоа ли го сакаме и денес? Или мислиме дека ако не влеземе во ЕУ во наредните неколку години – а „братот“ Петков токму тоа ни го порачува – ќе нѐ снема? Ако е тоа така, ако имаме такви назнаки, тогаш „формулата“ за успех е таа: да опстанеме, по било која цена, па и најскапата! Иако никој не ја кажува таа најскапа, таа највисока цена! Но, впрочем, некои делови од истата веќе одамна почнавме да ги распродаваме. А сепак, мора да бидеме на јасно: дали ние всушност говориме за survival? За онаа ситуација кога животното фатено во стапица си го одгризува екстремитетот само за да преживее? Но и екстремитетите се броени, речиси сите ги одгризавме. Како и пантоланите!

ЧОВЕК НА ЧОВЕКА МУ Е – ТОМОС

Од 2005 година наваму односно од таканаречениот „кандидатски статус“ – којшто, патем, не бил вреден ни „пишљива боба“ – секојдневно испишуваме историја. Де статусот, де патот кон ЕУ и НАТО, де светски првенства во ова или она, де остварувањето на „вечниот“ сон за навистина НАТО, па датум за ЕУ, па датумот го нема, па името го даваме за ново испишување на историја ама сега како северномакедонци, па МПЦ држ-недај за да остане испишувањето на историјата со Охридска архиепископија… Ова испишување историја би заморило и професионални историчари, не пак оние од историскана некрофилска македонско-бугарска комисија. А сепак, на црковниот томос највеќе му се израдувавме, можеби заради тоа што сега ќе ги имаме дури два!? А да ни дадат и грците и бугарите по еден, па да имаме – четири? Баш како црква на црква да е томос односно човек на човека исто така. Зашто сега сме сите возљубени во Нашата земја со Нашата црква, дури и премиерот на државата (според Устав) одделена од црквата читаше, на глас, извадоци од Светото писмо. Или од нешто друго, сеедно, ама и тој испишуваше историја. Впрочем, и целата таа Влада веќе петта година испишува историја на неспособност, на секое поле и во сите сегменти. Ама ова со томосиве – надмина сѐ!

Сепак, за да ја заокружиме приказната со испишувањето истории, потребни се уште неколку работи. Прво, „големиот“ Макрон треба да се смилува на нашата малост (но и глупост!) со некаков негов личен томос наследен веројатно од времето на Франките или Меровинзите, зашто тој, Макрон, да ти бил (велат) европски страв и трепет за томоси. Потоа треба и Бугарија да ни го даде нивниот паспорт односно томосче за нашето патување кон ЕУ. Ако тоа го нема, државната историја останува со цела празна страница, до некое догледно или недогледно идно допишување. И не само државата, секој од нас поединечно останува без томосот за личниот идентитет како паспорт за влез во вечноста викана Европска унија. А малите умови во малите земји/„малите“ култури – ние сме нагледен пример за тоа – без таков томос како и да ги нема. Како и да немале историја, култура, образование…, како да не живееле ако друг не им признае дека живееле, како да не граделе, пишувале, сликале, пееле, играле… ако за тоа не добијат томос од другите. За таков томос сме подготвени на сѐ, па дури на народот, на гласачите, на граѓанинот да му сугерираме да се откаже од име, од црква, од националност, од идентитет… од сѐ. За таков томос вреди граѓанинот да биде и гладен и жеден, да живее со 300 евра минимална плата, секојдневно да му ја покачуваат цената на горивата, да му ги земаат печките на дрва бидејќи загадувале и да му дадат инвертери а потоа струјата да отиде до небеса, да увезуваат масло за јадење а потоа да го извезуваат во соседни држави… итн. Сето тоа е запишано во томосите што секојдевно ги добиваме со амин на власта! Но таа иста власт умее да врачи и локални провинциски томоси на одделни персони, па така Георгиевски и Бучковски го добиле томосот за толкување на бугарските ставови, Заев за историјата и еве сега за опШеството за сите, оној Бислимовски петта година не го вади енергетскиот томос од џебот… Сѐ томосџија до томосџија!

Тие локални квазитомоси се темелат на лажни или полувистинити квалификации, на извртени тези и квазиаргументација, на хистеризирана и во основа дилетантска „надградба“ на одредени поими со цел нештата да се сатанизираат докрај, да се постигне посилен ефект меѓу народот и поен за нивната политичка опција при што другите ќе бидат црни ѓаволи. Затоа тој ист народ ќе биде држен во елементарна неинформираност и неукост, па и непросветеност, а реалноста видена низ розовиот симулакрум на власта и нејзините верни чувари ќе му ги прикажува состојбите во нивната граничност, во директната спротивставеност на „или-или“, на црно-бело, при што по правило само „нашата“ опција е онаа правилната, демократската, проевропската? Е па нели токму „нашиве“ тој томос го добија за само нивната „борба“, за само нивното шетање по улиците, фрлањето боја по оној немушт кич, демолирањето на една јавна канцеларија во центарот на градот… Но тој џокер-томос им го дава правото и за сегашните лекции на/за Ламбе, за неморалот и одбивањето да го работат тоа за што се (пре)платени, за правото и правдата да отвораат фашистички „културни“ клубови низ земјата со оправдување дека нема „забранети теми“ односно дека можеме да подведеме под сомнеж баш сѐ? Или тоа им е резервен томос дека „нема забранети теми“, што му доаѓа исто како кога велат „нема недопрливи поединци“, ама сепак знаат дека – има?!

А ние без томос – да го парафразирам Геровски – без оглед што тој филм баш и не сме го гледале, сега мораме да го гледаме. Згора на тоа, мора и да ни се допадне! Без оглед што оваа Македонија од 1945 година наваму опстојува и се развива со единствениот вистински Томос граден врз темелот на просветителството – науката, образованието, културата итн. – прескокнувајќи вековна заостанатост и провинциска зачмаеност. Секако дека од оваа релативизаторска и затупавена дистанца тоа звучи патетично, но генерации и генерации се вградени во просветителските темели на тој томос наречен државност за да денес допуштаме ваков ретрограден срам.  

Но, изгледа сепак човек на човека му е томос, без оглед како тоа парче хартија се викало во реалноста.

ПАРЛАМЕНТАРЕН КРЕТЕНИЗАМ

Како им се погоди пусти Ламбе, како им улета ко заборав за сите останати идиотштини, да си ја исперат чуварите совеста за премолчувањето на сето друго што се случува околу нас. Па сега, ајде, здушно ќе го черечиме Ламбета! Фактот дека највисокиот законодавен дом викан собрание (малите букви одговараат на образовно-моралното рамниште на таа институција!) односно народните претставници од владејачкото мнозинство, отворено и недвосмислено, одбиваат – и повторно: одбиваат! – дури и да расправаат за однесувањето (еве, не ги спомнувам пцовките) на претседателот на собранието (малите букви одговараат на образовно-моралното рамниште на таа институција!), очигледно не загрижува никого. Тоа е изгледа кај нас нормално. Ламбе – не е.

Но токму затоа тоа собрание (малите букви одговараат на образовно-моралното рамниште на таа институција!) кај мене „воскреснува“ историски асоцијации од времето на Ленин, иако баш и не сум некаков негов голем фан. Но, на Владимир Илич илити Ленин не можам/не сакам ни да му ја одземам историската улога во водството на најпрогресивната социјална и општествено-политичка револуција во светската историја. Згора, некои негови размисли за капитализмот и либерализмот и функционирањето на демократијата под нивна закрила, вклучувајќи ја и Руската Дума, заслужуваат внимание. Ако пак ги пресликате на денешните македонски состојби во таканаречениот Парламент… се поклопуваат безмалу идеално. Зашто, ако највисокиот законодавен дом едноставно не сака – и повторно: не сака! – да санкционира безобразно, вулгарно поведение на спомнатиот кон подредените службеници, а целата нормална јавност во земјата се згрозува од тој чин, тогаш посилна „парламентарна“ порака од таа – нема. Тоа дефинитивно е црешата, или јаготката, како сакате, врз шлагот на тортата наречена квазидемократска Северна Македонија. Од тој миг натаму секој може да ве пцуе и навредува со амнестирачки „томос“ од парламентарното мнозинство и тројцата „големи“ политички лидери. Сè што беше вградено во пирамидата на демократијата во оваа држава во последниве седумдесетина години, заробената и хибридната држава го урна последнава деценија, сите цивилизациски вредности (културни, образовни, професионални, морални, етички…) ги постави на глава или ги удави во Вардар, а зборовите еднаквост, право, правда… ги направи за потсмев. Притворот на Ламбе тоа нема да го поправи.

Затоа Ленин тие и такви форми на наводна парламентарна демократија, а особено онаа воведена во Руската Дума по Револуцијата во 1905 година, ги нарекува – парламентарен кретенизам. А впрочем, ако бараме сличности: нели „новото“ Собрание, она по „Шарената револуција“, требаше да биде различно, ново, суштински демократско… за разлика од Собранието на „заробената држава“? И да, оној „црн понеделни“ – или беше вторник, среда… петок, веќе не е ни важно – беше токму изблик на спомнуваниот парламентарен кретенизам. Но, новиве успешно ги пресликуваат и умешно ги надградуваат тие искуства. И, да не заборавиме уште една сличност: Лениновата партија во тој период се викаше Социјалдемократска работничка партија (РСДРП: Российская социал-демократическая рабочая партия)!

Но, да бидеме историски фер, терминот „парламентарен кретенизам“ Ленин всушност го позајмува од Маркс, кој прв го „сковал“ во неговиот 18 бример на Луј Бонапарта (1852), а по повод државниот удар на Наполеон во декември 1851 година. Маркс и Енгелс го сметале овој преврат за фатална заблуда за социјалистичкото движење односно дека тоа претставува само губење на време и зајакнување на реакционерните сили. (Е сега, оние кои сакаат да прават паралели со заблудите на „Шарената револуција“ и „зајакнувањето на реакционерните сили“ но на друга партија – патот им е отворен!). Во неговата книшка Маркс говори за тогашните парламенти како индиректни претставници на класите – повторно интересна актуелност, или некој мисли дека во денешна Македонија нема класи?! – коишто вештачки ги решаваат горливите прашања, дезориентирани и издвоени од вистинските социјални проблеми. За него тој „парламентарен кретенизам“ создава имагинарен свет без чувство за реалност, меморија и разбирање на вистинските општествени проблеми. Звучи познато, локално, нели? Симулакрум?! За Енгелс пак, тогашниот „парламентарен кретенизам“ – дали и сегашниот? – е „неизлечива зараза“, болест што смета дека „целиот свет, неговата историја и неговата иднина се управувани и детерминирани од мнозинството гласови токму на таа репрезентативна институција што ја има честа да ги има нив како нејзини членови“. Енгелс бил силно во право, дури и денес. Погледнете го само однесувањето на македонските членови/претставници во собранието (малите букви одговараат на образовно-моралното рамниште на таа институција!), нивната бахатост, глупост, аморалност, провинцијализам, необразованост но преплатеност, неукост но награденост со милионски суми за патни трошоци…    

И сепак, да бидам појасен: јас немам ама баш ништо против т.н. парламентарна демократија. А немал ни Ленин многу против парламентот како институција, иако го сметал за “историска застареност“. Особено ваквиот како македонскиот, при што не знаете кој кого застапува и зошто, кои се/какви се вистинските политички заднини на одделни парламентарни партии односно нивни водачи, кои се и какви се тие мерила и критериуми што така широкоградо ги наградуваат тие луѓе кои (барем најголемиот број од нив) едноставно го преспиваат четиригодишниот мандат доделен (наводно) од народот, зошто тие таму би се сметале за „глас на народот“ кога гласот на народот е поприсатен и појасно изразен на социјалните мрежи, чии интереси штити таа збирштина и кој им го дал правото така безобразно да ги кршат сите морални норми? Да, парламентарната демократија е (велат) најмалку лошиот модел на владеење во некакви историски рамки, но вистинското прашање е: имаме ли ние навистина парламентарна демократија или имаме – парламентарен кретенизам? И нели е тој тип на „демократија“ токму клучниот дел во оваа антипросветителската фаза во „Нашата земја“, континуирано спроведувана од двете најголеми македонски партии и ДУИ, добива дополнителна тежина?!

АНТИПРОСВЕТИТЕЛСТВО

Голем грев е по било кој основ да изедначуваш која и да è личност од современата или постарата македонска историја со оној фашист Михајлов но, со сите „огради“ и извинувања, може ли некој да претпостави колку долго ќе издржеше македонски клуб во Софија наречен, на пример, по Блаже Конески? Или по Јане Сандански, Лазар Колишевски, Михајло Апостолски… Тито… итн.? Иако, повторно, фашистот Михајлов не е вреден ни колку црното под ноктите на кој и да è од спомнативе, но сепак: колку ќе издржеше нечепнат од бугарските националисти еден македонски клуб со такво име во Софија? Еден час, еден ден, два дена…? Да не е и тоа многу? Или, воопшто и немаше да биде отворен со такво некое име, ама сега, после онаа мизерна бугарска провокација во Битола и неодамнешната реакција на истата, пак сме ние виновни? Не мислам дека опожарувањето е соодветен одговор, ниту пак друга слична насилна реакција. Но, не беше ли токму тоа и целта на „клубот“ со тоа име – да предизвика токму таква реакција? И, демек, ние паднавме во бугарската стапица? А кој фактички си ја (само)намести стапицата? И зарем ваквите и слични реакции македонската политика не можеше да ги предвиди? Ма дајте, ве молам, па кој нормален молчешкум трпи такви понижувања, без оглед што омилени имиња му се Трпе и Трајче? А впрочем, нели Пламен е типично и често бугарско име? Згора на тоа, бугарската министерка за надворешни работи се однесува токму како ЕУ шериф во Македонија, гледајќи снимки од камери, коментирајќи ги… превземајќи ги всушност сите ингеренции на македонските истражни органи. Или ние, скришно, веќе направивме – един народ?

Сите овие, и слични такви, изливи – наречете ги како сакате, дури и варварски – се само реакција на вкупната македонско-бугарска примитивна атмосфера, а особено на локалното недемократско и во самата суштина криминално опкружување коешто не води сметка за последиците, за можните реакции, за општиот веќе одамна низок праг на трпеливост кај луѓето. Што, да речеме, на подолги патеки се решливи општествени симптоми, освен еден: Македонија одамна се наоѓа во сивите предели на некултурата, но сега дефинитивно запаѓа во длабоката зона не само на  непросветеност, туку на нејзината најлоша варијанта – антипросветителство! Зошто го велам ова? Па затоа што последниве деценија и половина ние континуирано тонеме во жабурникот на простотилакот, примитивизмот, на пцовки и кавги… на отсуство на цивилизирани примери на демократско однесување. Па следствено, никој (не само) од државниот врв не се осврна ни за миг на неодамнешниот „поздрав“  на Н.Е. Дирк Јан Коп, кој како и секој друг Холанѓанец – секогаш отворени и без влакна на јазикот – ни го честиташе празникот на Словенските просветители со отрезнувачка порака: „За жал, Северна Македонија сè уште е дел од групата земји каде што се проценува дека има високо ниво на корупција. Земјава е дури и во група со земји како Етиопија и Колумбија. Ова не е група во која би сакале да бидете и сè уште е далеку од просекот на ЕУ (…) Сите политички партии велат дека целта им е да станат членки на ЕУ, но не соработуваат за да ја постигнат таа цел и наместо тоа меѓусебно се саботираат (…) Интересите на Холандија за Западен Балкан се едноставни, ние сакаме стабилност и просперитет.“[1] (Додуша, имаше една од оние „чувар(к)и“ на стадото, една госпоѓа од ЗЕЛС, која отворено искажа несогласување со амбасадорот. Супер, добро е да имаме такви чувар(к)и од европските „заблуди“!).

Како во некое лимбо остана да лебди пораката на амбасадорот, особено оној дел дека Холандија – што ќе рече и ЕУ – сака „стабилност и просперитет“. А тие две категории, стабилноста и просперитетот, се „производ“ на просветителските држави односно директно обратнопропорционални со криминалот и корупцијата. Амбасадорот не рече дека во Холандија, или ЕУ, нема криминал и корупција. Ги има, како и секаде, но не се доминантни односно издигнати на нивото на партиска односно државна политика, што пак, во крајна инстанца, ги поништува сите напори за стабилност и просперитет. А овие две категории се суштински алки во еден друг важен процес – процесот на просветената држава. Затоа и во неколку наврати го спомнувам поимот антипросветителство како пандан на криминалот и корупцијата односно како движечка сила на една поинаква „држава“, едно непосакувано општество коешто полека но сигурно ја заробува Македонија. Јавно упатената „честитка“ на Денот на просветителите можеби е и последната што сака да ни укаже токму на тоа: земјава не само што тоне во криминал и корупција – ако веќе не е целосно потоната – туку забрзано се движи кон „стандарди“ тотално спротивставени на просветеност од европски тип, кон скандалозно деградирање на цивилизациското поимање на современата просветена држава. И што е уште полошо, а што амбасадорот веројатно не сакаше да го каже, е што никој од државниот врв и владеачката врхушка не се вознемирува заради тоа. Напротив, тие толерираат дури и такво отворено простачко однесување на претседател на парламентот (малите букви одговараат на образовно-моралното рамниште на таа институција!), коешто сигурно го нема ниту во Етиопија и Колумбија. И не е само тоа, секако, туку македонското секојдневие изминатава деценија и половина се претвори во диктатура на непросветеноста, тиранија на простаци и полуписмени луѓе, кадровски хохштаплерај и уплав од стручност и компетентност. Дури и Македонската академија на науките и уметностите, којашто едно време, како сега собранието, ја пишував со мали букви заради нејзината нерелевантност и унисоност со поранешните власти, веќе неколку години јавно говори за катастрофалните состојби во државава особено на планот на трајните вредности, цивилизациските стандарди, просветеноста, образованието…!

Безмалу цели две децении државата, свесно и намерно, ги снижува стручните, професионалните, моралните… критериуми за сите раководни позиции во власта – од најниските директорски до највисоките политички. И тоа веќе е видливо „со голо око“, како впрочем и последиците во сите сегменти на власта. Таа тенденција само привидно наликува на некакво случајно нивелирање односно наметнување на просечни стандарди. Не, тоа е јасна и веќе отворена политика на антипросветителство, на заглупување на народот, на доминација на нестручноста, аматеризмот и дилетантизмот дури и на највисоките државни позиции, на раслојување/деградација на културата, образованието, науката. Факултетските дипломи, па и магистратури и докторати, на дел од политичките врхушки, инаку стекнати за неколку стотини евра низ локалните или соседните „универзитети“ но непоткрепени со соодветна стручност и искуство, не се и не можат да бидат мерило кога од нив не произлегува соодветен резултат. А него очигледно го нема, дури напротив: неговата спротивност – ретроградноста – е насекаде околу нас. На крилјата на непросветеноста партиските политики наметнаа страотна партизација на државата, издигнувајќи го на тронот на вредностите исклучиво партиското припадништво и – ништо друго. Сето друго е заменливо, надоместливо, непосакувано, дури (за нив) одбивно!


[1] Еви Шкопи, Македонија по корупција во група со Етиопија и Колумбија, alsat.mk, 25 мај 2022