Monthly Archives: June 2020

ПОСТ-ТРАУМАТИЧНО ВРЕМЕ

Ние не престануваме да го запрепастуваме светот. Дури и најмалку со новиот „пик“ – или подобро речено пикови – на коронавирусот, туку повеќе со мерките што (не) ги преземаме односно со нашата ноншалантност, да не кажам глупост, во натамошното третирање на оваа пандемија кај нас. Едноставно, нема разумно објаснување за овој неразбирлив државен мазохизам, оваа целосна распуштеност од врвот до „базата“, по хоризонтала и вертикала, „уздуж и попреко“… ? Згора на се’, ги отворивме и границите за влез на сите кои тоа ќе го посакаат, здрави или болни, се разбира, како да ни е малку нашево локално мачење па треба да увезуваме и туѓо. А заради таа „мерка“, индиректно, настрада само еден човек кој, као за беља, на својот фејсбук профил напиша дека тој е заслужен за тоа и ги повика сограѓаните од неговиот етнукум да дојдат и да гласаат на изборите. Испадна дека единствено казниво дело кај нас во ова време е – шкрабањето по социјалните мрежи! Особено на албански. Човеков (као) ја навредил Комисијата за заразни болести? Па зарем тие самите малку или недоволно се самонавредуваа па им требаше некој друг од страна? А после оние скандалозни „реплики“ што претседателот на таа Комисија им ги испорачуваше на новинарите тој не требаше да биде разрешен, нели? Каква е оваа нова демократска нормалност, какви се овие нови пандемиски правила на однесување? Или некому му требаше жртвен јарец, па го најдоа во внукот на самопрогласениот кандидат за премиер Зибери? Но, и „стручната“, и „аналитичката“ и општата јавност – молчи. А замислете да беше обратно (во етничка смисла мислам)?! Ако пак некои „надележни“, на пример, со право иницираа правна постапка контра оној гнасен „твит“ на „поетесана“ која глуми академичка, зарем ова е нешто подолу од тоа? Имаме уште многу за учење. Ако сакаме да учиме, се разбира.

Но, бидејќи со престанувањето на т.н. вонредна состојба – каква смешка! – и сега со целосното отворање на границите формално кај нас престанува пандемијата (иако фактички таа е во најголемиот ек) и настапува пост-пандемично односно пост-трауматично време, се наметнуваат две основни прашања: што понатаму и научивме ли нешто?

Одговорот на првото е сепак полесен и ми се чини дека веќе (успешно) го глумиме: дека оние застрашувачки бројки што ги гледаме секојдневно се некаква детска играрија, (ќе) се правиме дека (и) коронавирусот отишол на летување па следствено и пандемијата повеќе нема да ни прави проблем, барем не до завршувањето на изборите, па ќе чекаме нов парламент и нова влада, какви-такви, ќе гледаме некои ново-стари коалиции, какви-такви… некои нови луѓе, какви-такви… ? Кога сета таа „нова ненормалност“ ќе се вообличи, ќе се етаблира здраво и ќе се почувствува сигурна, пак ќе дојдат нови вонредни состојби, нови полициски часови и засилени мерки, можеби и со поригорозни казни. Зашто ова нема туку-така да изчезне, напротив. Ама ние сега не можеме (и) на тоа да мислиме зашто умовите ни функционираат еднонасочно: можат да се справуваат само со една цел, а таа сега се – изборите! Впрочем, и техничкиот премиер ни вели дека откако биле поставени „основите за правна држава“, во наредниот период „… е на ред правосудството да се прочисти од корумпирани судии и обвинители“! И јас не се сомневам дека тоа е така односно дека ќе биде така. Меѓутоа, проблемот овде е што изгледа дека во оваа сегашна власт има(ше) само еден грст луѓе кои вистински работат – на влезот во НАТО, на Преспанскиот договор, на почетокот на преговорите со ЕУ итн. – а се’ друго (поточно онаа булумента партиски пришипетљи и коалициски крлежи) си се бавеа со свои лични и групашки интереси неконтролирано трошејќи го државниот буџет за мешетарење и лична промоција и богатење. Ако во овој контекст ја спомнам културата, ќе биде ли појасно? Не верувам, зашто колкумина одблизу ги следат случувањата во таа маргинална за општествово област? Ама затоа и не се свесни колку пари таму „се изедоа“ за таа намена! Или можеби фондот за невладините организации, за медиумите, за иновативност… !?

Во овој контекст, она што ние утре ќе го добиеме ќе биде нов пост-трауматичен парламент и нова пост-трауматична влада. Гледајќи ги изборните листи, ќе си дозволам да коментирам само дека тоа навистина ќе биде пост-трауматичен парламент – па видете го оној циркузантон Дурловски, на пример – ама не и реформски парламент. Белки нема да биде „авангарден“, како што ни порачува калфана од Камчевата „бела шампита“, зашто ние од такви „авангарди“ дојдовме на ова дереџе. Но, тоа (велат „аналитичарите“) не може со сигурност да се предвиди односно да се исклучи како опција. Ако е така, нашето пост-пандемиско односно пост-трауматично време ќе се претвори во државна „авангардна“ зандана. Ако не друго, повторно – како со заробената држава – ќе го збогатиме светскиот политикантски речник! Плус, замислете го спојот на оваа вмронска криминална авангарда со онаа „лева авангарда“. Што ли тие би ни смислиле ни ѓаволот не би знаел подобро!

ПАНДЕМИЈАТА КАКО УМЕТНИЧКИ РЕФЛЕКС

Кризните состојби во светот секогаш биле предизвик за уметноста. Дури и оние најопасните – војните, природните катастрофи, пандемиите… Впрочем, и Скопје памети такви состојби, но памети и уметнички „одговори“ на истите, „одговори“ кои што останале во архивите на македонската историја на уметноста за показ и наук на следните поколенија. Една иницијатива, вклучувајќи две варијанти на скулптура во јавен простор од уметникот Ранко Дакиќ, го прифати тој предизвик на единствениот можен начин: како јавен уметнички „одговор“ којшто ќе го одбележи ова специфично кризно време зашто Уметноста, меѓу останатото, ја има и таа „должност“: да остави креативни „одговори“ за своето време како завет за идните генерации, да биде творечки сублимат на одредени состојби и ситуации, да потсетува, да предупредува, да сведочи…

АНТИТЕЛО ПЛОШТАД 4

Скулптура „АНТИТЕЛО“, Скопје, (плоштад Македонија)

 

ПЛОШТАД TELO CRNO

Скулптура „(САМО)ИЗОЛАЦИЈА“, Скопје, (плоштад Македонија)

 

Двете варијанти се планирани за новата тревна површина во самиот центар на Скопје. Оваа локација нуди извонредни релации со околината – визуелни и содржински – коишто посебно одеа во прилог на овие дела, особено како антипод на остатоците од кичот на „Скопје 2014“! Поточно, наративот на овие две скулптури – без оглед за која би се определила јавноста – е онаа уметничка форма, оној уметнички израз толку неопходен на овој град во ова време. Токму оваа уметничка форма, овој творечки исказ треба да ја потенцира определбата на градската (и државната) власт за современост, за „нова“ модерност/постмодерност, за европеизација на уметноста и културата токму во овој миг.

ВОНРЕДНАТА СОСТОЈБА КАКО ИЗДИШАН БАЛОН

Не знам какво е чувството меѓу граѓанството со завршувањето и на оваа „вонредна состојба“, ама се чини дека е како и за се’ друго во државава: пуфффф, издишан балон. Како и да не била, или како народнана „се тресеше гората, се роди глувче“, или како… сите наши мерки, закони, стратегии, реформи… Било – како да не било, се случило – ама како да не се случило! Зашто, токму во времето на последнава „вонредна состојба“ го видовме највисокиот раст на новозаразени од коронавирусот во државава, најголемиот пораст на починати, сведочевме на провинциското дивеење по меаните како некои да не виделе јадење и пиење, гледа(в)ме масовки на свадби и коекакви јавно-семејни прослави каде не им се чудиш на умот само на оние кои ги организираат туку и на оние кои одат на такви дешавки во ова време итн. И повторно – никому ништо, каква „вонредна состојба“, какви бакрачи. Како што впрочем беше и во времето на претходните – а ги имавме уште три – испорачувани од страна на претседателот на државата како да станува збор новогодишни подароци за нацијата! А, додуша, и беа. Беа подарок за владата односно за нејзините уредби со законска сила во коишто не може/не смее никој да им се меша, особено заради фактот што немаше ниту активно Собрание заради инаетот на еден и само еден човек! Ама – со премолчена согласност од сите „релевантни“ политички субјекти, нели?!

Како и да е, овој (прилично вознемирувачки, да не речам застрашувачки) поим, сместен онака комотно дури и во нашиот Устав но никогаш законски операционализиран, на крајот стана детска играчка, новата баба рога со којашто ги плашеа малечките ако не се умни, ако не јадат и слични будалаштини. А требаше да биде крајната, најрадикалната мерка што ќе се справи со пандемијата. Така впрочем ни кажа и техничкиот премиер Спасовски уште на 18 март: „Ситуацијата наложува вонредни мерки, ова е вонредна ситуација и затоа е потребна вонредна состојба. Мерките досега ги дадоа очекуваните резултатите, но мерките мора да се радикализираат, за да спречиме уште поголем пик на коронавирусот.Таквата ескалација можеме да ја спречиме со вонредната состојба“ (https://www.pravdiko.mk/spasovski-da-se-vovede-vonredna-sostjba-vo-drzhavata/)! И сите – или барем повеќето од нас, иако имаше и осамени (логични!) гласови против! – тоа го прифативме (без оглед што ова фактички беше прва вонредна состојба во државава од нејзиното осамостојување) некако премногу одлесно или, подобро речено, со надеж за брзо справување со пандемијата. Така впрочем требаше и да биде. Ама, после првата следуваа уште три и речиси ништо не се смени. Дури напротив – ситуацијата, како што се гледа, ескалираше: Министерството за здравство тукушто ги објави најновите податоци за ширењето на пандемијата кај нас: 136 новозаболени, 8 починати… Ама, повторно, потпретседателот на владата Бујар Османи ни вели дека е време да ги отвориме границите и аеродромите без ограничувања (sic!). Не знам, навистина, што и како работи оваа техничка влада, а особено нејзиниот спомнат потпретседател, што пак прават државните институции коишто (повторно) се подготвуваат соодветно да постапат… ?

Ниту пандемиите се некоја голема новост во светов, уште помалку се тоа вонредните состојби иако, морам да повторам, ова фактички беше прва (но со продолжено траење) вонредна состојба во државава од нејзиното осамостојување. За пандемиите сведочи и историјата уште од времето на Античка Грција каде градовите-полиси имале свои начини (не баш ефикасни!) на справување со нив. Но, некои мерки биле слични: пред се’ затворањето на градовите (она што ние, на пример, не го направивме, освен во Дебар!), принесување човечки жртви (морбидно би било да кажам дека и ние свесно ги принесувавме), итн. Но факт е дека нам ни три-четири вонредни состојби не ни помогнаа во справувањето со пандемијата, дури напротив – таа сега уште пожестоко се шири а граѓаните на Македонија стануваат најнепосакувани гости на европските граници.

Некој, некогаш, ќе мора да ги објасни тие нешта. Како што и политичките елити ќе мора да го објаснат фактот дека цели триесет години ја оставија државата без закон за вонредна состојба, каде ќе беше разработена целата постапка на нејзиното донесување, важење, престанување и слично. Но, кај нас е секогаш подобро кога за нешто – нема закон! Тогаш стапува „на сила“ нашата проверена смисла за импровизација (секогаш со катастрофални последици!), нашите етно-партиски релации (со ист ефект!), нашите лични „стручни“ толкувања итн. Или, можеби, некој, некогаш, ќе ни објасни ако со членот 125 од Уставот е делумно „покриено“ донесувањето на одлуката за нејзино воведување од страна на претседателот на државата (а во случај кога Собранието не може да се состане), од каде правото на истиот тој претседател да прогласува и завршување на вонредната состојба ако членот 126 изрично вели дека за тоа „… одлучува Собранието“!? Ееее, ама Талат не сака(л) да го свика и за нас неговата одлука е посилна од Уставот? Веројатно, или повторно сите ќе се правиме на триипол, па ќе велиме дека тоа било во јавен интерес – а као Уставот и неговите одредби не се!? – па ќе измислуваме уште којзнае колку оправдувања за нашите дневни импровизации ама никогаш докрај нема да ги расветлиме вистинските промашувања, нели? А во нив, во вистинските промашувања сврзани со овие вонредни состојби со продолжено траење, нема да ги вброиме ни оние за отсуството на полицијата од улиците во македонските градови, од целосната и апсолутно неразбирливата незаинтересираност на АРМ за случувањата во државава (дури и наспроти нивната законска обврска за делување!), за политичкото – да не речам политикантсткото – непочитување на стручните препораки/предлози на т.н. Комисија за заразни болести, но едновремено и за отсуството на етика и професионалност на истата Комисија кога нејзините стручни совети во државава служат наместо тоалет хартија… итн., итн. Ако тука го вброиме и де факто непродуктивното ограничување на правата и слободите само на една категорија граѓани – или, ако сакате, затворањето на очите пред верското дивеење во државава, потоа демонстрирањето на сила на државата врз незаштитениот поединец наспроти очебијната моќ на разноразни интересни групи и категории граѓани… до каде тогаш ќе стаса нашиот список на промашена „вонредна состојба“? А имавме трикратно продолжување, да не речам узурпирање, на тој инструмент во државава, после што ситуацијата се покажува(ше) побезизлезна од претходно!?

Можеме ли ова да го припишеме на неискуство (прв пат!), на можеби незнаење, неумење… на сите оние фамозни македонски „не“ што не’ следат низ „нашиот пат“? Не би требало, ама можеме, секако, зашто се’ уште сме неуки, или се правиме дека сме, во практикувањето на демократијата. Сепак, она што повеќе загрижува, како и обично, е необјаснивиот молк на експертите, на „аналитичарите“, на стручната јавност… на општата јавност. Како никого да не го интересира што и како се случува со нивните слободи и права и нивните ограничувања, како на сите да ни е сеедно што и како се случува во државава. Сакате да кажете дека ние всушност можеме и да продолжиме да живееме во/со вонредната состојба и ништо нема да ни недостасува? Да, веројатно, зашто ништо многу не беше различно од претходната нормалност освен – декларираната „вонредна состојба“! Којашто се покажа целосно бесполезна. Барем да завршеше некоја работа…

ПИРЕЈОТ ГО ЗАЛЕВАМЕ, ЗАРЕМ НЕ?

Секако дека воопшто не е случајно што едно судење, односно две пресуди засенуваат се’ друго во државава и стануваат топ тема. Има зошто, се разбира, и токму тоа е најболното што ете, повторно – само после три години – се враќаме на такви судења, на такви „пресуди“, на такви „правосудни“ театри… Ама уште помалку е случајност што не се ни обидуваме да допреме до основата: зошто се случува тоа што (ни) се случува? И не е во прашање само оваа актуелна тема која што само за миг ги засенува другите, подеднакво важните, меѓу другото и веќе скандалозното однесување со коронапандемијата, лудилото со изборите… ама и „заборавањето“ на другите, можеби уште поважните: наметнувањето на етничката припадност како стандард за потенцијален премиер, ректорската фарса, вонредната состојба како четврт бурек (Тортевски)… Сето тоа говори многу за состојбите во општеството, за „ориентацијата“ на јавноста – или манипулацијата на медиумите со таа јавност во оваа насока – за гладта за правда но не и за вистината, итн. Но, простете, тоа највеќе говори за нашата неспособност, или несакање – иако не би знаел зошто – да се справуваме навреме со негативниот тренд во државата, со катастрофалната негативна селекција во сите пори на општеството, во веќе отворената поддршка на највисоките политички структури и медиумите на таа негативна селекција и слично. Déjà vu приказна? Секако. Како ништо да не научивме од минатото, а особено лекцијата дека токму негативната селекција е првата и последната станица на заробената држава.

Покојниот Зоран Ѓинѓиќ беше рекол: „Во секоја земја има пиреј, ама само во Србија пирејот се залева“. Се разбира, ние знаеме дека не е баш така, дека пирејот успешно вирее и кај нас веќе три децении токму заради тоа што (и) ние толку настојчиво го залеваме! Зашто, да реагираа „надлежните“, или сите да реагиравме навреме, зарем онаа пуста Катица навистина ќе беше тоа што беше и ќе беше платена толку колку што беше? Па следствено, немаше ни да ги направи сите овие глупости што ги направи. Оттука прашањето денес е: кому му требаше таа и таква Катица? И за што? Па понатаму, ако сакаме да бидеме искрени, зарем не ќе се прашавме во која патологија влегуваме уште кога се отвори онаа „телевизија“ а на нејзино чело заседна еден опскурен лик како овој осудениов? И молчевме кога ни кажуваше дека тој ќе ги постави медиумските стандарди во државава? И кога на отворањето на таа и таква „телевизија“, со тој и таков „стручњак“, му дојде половина од македонската Влада? За жал, ние никогаш не сме доволно искрени, кон себе и кон државата/општеството, па следствено нон-стоп запаѓаме во вакви ситуации. Или, можеби, и тоа некому му одговара? И кому? А ако сакаме целосно да бидеме искрени, зарем не ќе се прашавме и зошто остана нечепнат – освен двајца! – целиот судски систем, ама и Јавното обвинителство, па можеби некој ќе прашаше и што правеа истиве овие луѓе од тоа Обвинителството во времето на злосторничкото здружение, па следствено според кои параметри истите (не само во обвинителствата) и сега се компетентни да го гонат највисокиот криминал во државава, итн., итн.? Дали залевањето на пирејот кај нас стана приоритетна политика, на сите рамништа?

Бидејќи, всушност, сето ова е само врв на ледениот брег, а под него – уште пиреј, уште ѓубре, мнооогу ѓубре коешто самите сме го сместиле таму и никому на ум не му паѓа да почне да го расчистува. Или да престане да го залева. Дури напротив – и понатаму ја загадуваме државава и нејзината администрација со неуки, неспособни, неморални, криминални пирејни партиски „кадри“!

Речиси секогаш кога надлежните молчат, а дежурните „аналитичари“ настојчиво се бават со коекакви глупости само за да не ја допрат „жешката“ тема, станува јасно дека токму премолченото е вистинскиот јавен интерес, вистинската тема којашто де факто ги интересира (не само) граѓаните туку би требало да ги интересира и политичките структури, социолозите, политиколозите и другите истражувачи во земјава. Не знам зошто тие и такви теми (вештачки) се држат подалеку од јавниот интерес, од јавните расправи по истите, од поширока елаборација на сите можни причини/последици и можни идни ефекти. Не верувам дека тоа е прашање на контролираните медиуми во државава – такви, наводно, нема кај нас – но сосема е реално да се претпостави дека сепак некакви договори помеѓу власта и медиумската сфера постојат, дека некои од спомнатите дежурни аналитичари се во постојана врска со стиропорната торта на Илинденска б.б., дека информациите се сепак контролирани… Зашто, нема друг одговор за чудниот и сосема краток живот на одделни теми во јавниот фокус, а со широки рефлексии во социјалните мрежи коишто, сепак, не се така влијателни како што се претставува.

А во тој контекст, јавноста се замајува со будалаштините на оној Мицковски и остатоците од ордите на злосторничкото здружение, или што мислел/рекол тој а што му одговориле другине; па ќе читаме сечии ментални мастурбации за славите, мекиците и собиранките на (по правило „идиотскиот“ народ) ама никој нема да ги постави вистинските прашања: до кога со глупостите на надлежната Комисија?; вербално ќе му се силат на оној квазиминистер Чулев ама никој (освен Тричковски) нема да праша: па зошто, по ѓаволите, не го суспендирате, уапсите, обезвластите… ?; никој нема јавно да испрати абер до Владата да поразмисли малку за штетите што и’ ги прави она ступидно етнонавивање на Бујар Османи; дури ни борбениот тотално националистички восклик на оној Џафери не предизвикува суштинска расправа за патиштата на македонската демократија и дали тоа не е отворен повик за возвратен племенски одговор „Македонци, обединете се“… !? Инаку, нормално дека „Преспанскиот договор“ односно неговата двегодишнина беше една од најзначајните актуелни теми. Ама таа тема е минато – се разбира одлично сработено, ама толку. Што сега тука треба повеќе да се кажува а што не било кажано изминативе две години? Добро, разбирам, идат избори… ама едно чудо извонредно важни, актуелни за државата, за системот теми не можат да се премолчуваат само заради изборите односно предвреме да не се прокоцка евентуалната неопходна потреба од повторување на сегашната коалиција. Не може државата да биде заложник на евентуалните коалиции и на, да простите, нечии малоумни (не само предизборни) агенди коишто нас као треба да не’ плашат, или што?

Па следствено: зошто, кому толку му треба македонскиот пиреј па така прилежно, така систематски го одгледува – во администрацијата, на универзитетите, во културата, во образованието… ? Нашиот локален пиреј (со мала помош од странски „супстанци“!) се покажува особено жилав, длабоко вкоренет, силен токму заради соодветната грижа што ја добива од највисоките политички структури. Ама тој пиреј постојано зема жртви, некогаш видливи но најчесто невидливи, меѓутоа се стреми да ја проголта најголемата – целата држава!

UBERMENSCH МАНИФЕСТ

Актуелнава ситуација со она „Pse Jo?“ – инаку визуелно перфектно реализирано на скопското Кале, секоја чест! – дополнително ја „компликува“ кој друг ако не најголемиот „логичар“ во земјава, несуден уставотолкувач и единствен преостанат „пратеник со портфељ“ Талат Џафери. Тој не само што ја продолжува праксата на убиствената негативна селекција којашто речиси две децении настојчиво ја спроведува неговата партија, туку сега и ја проширува, ја етнизира: па и не мора идниот премиер Албанец да биде баш од ДУИ, ама мора да биде Албанец! Пази богати. Зошто? Затоа што неколкумина така мислат? Или бидејќи баш тој Талат Џафери се покажа како досега најдобриот претседател на Собранието па ние сега би биле луди ако не ја продолжиме таа пракса и на премиерско ниво? Ма дајте ве молам, до кога вака ќе не возат коекакви партиски „камионџии“? Па ако цениме баш според постигнатото, особено на екс-претседателот на Собранието, ние никогаш не би требале да имаме премиер Албанец!

Што пак не’ враќа на (не само) македонскиот втор голем, преголем, Сизифовски камен забиен во самата срж на негативната селекција како продолжување на некаква „државна програма“ (не само во „високата“ политика!), а тоа секако е фамозното „Скопје 2014“ и сите негови пропратни „манифестации“ и „опашки“. И не само што тој „проект“ беше врв на партиската узурпација на државата и октроирање на небулозни (квази)историски, (квази)уметнички, (квази)културни, (квази)идентитетски… (квази)концепти туку – што можеби е и најстрашно – продолжува во сета негова идиотштина, како континуитет на налудничавите груевистички политики против коишто никој не превзема ништо! Затоа и велам: ова со „Pse Jo?“, да не е ДУИ и особено типови како Талат Џафери, можеби и ќе беше некаква (речиси) нормална „кампања“ во едно демократско мултикултурно општество. Се разбира, оној што ќе приговори дека во едно такво општество таква „кампања“ не би била потребна, ќе биде во право, ама тоа е сепак друга тема! Или – прва?! Но, зошто, она дрско, вулгарно македонистичко партиско и крајно негативно инфилтрирање во самонаречениот проект „Скопје 2014“ го изедначувам со актуелново албанистичко (квази)политичко и (квази)етничко барање проектирано на ѕидовите на Калето? Затоа што суштината им е иста, затоа што се трансформират во етнички ubermensch манифест, промовираат договорна (квази)демократија, (квази)општество, (квази)сегашност. Ако „Скопје 2014“ сите го прогласивме за октроирана партиска/државна интервенција во општеството, ова „Pse Jo?“ – особено кога доаѓа како повик од Талат Џафери – не може да се доживее поинаку од етничка политикантска интервенција во државното ткиво! (Коешто, повторно, никој не го истражува, нема пријава дури ни против „непознат сторител“, што уште еднаш кај граѓаните ја потхранува тезата дека во оваа државна негативна селекција дури ни во престапите не с(м)е сите исти!).  Се истошти ли општествово од тие етно-партиски игрички, се исцрпија ли сите демократски паравани па сега, повторно, вака безобразно отворено настапува (квази)политиката – да не речам политикантсвото – како конечен „судија“?

Нерадо го спомнувам она „Скопје 2014“, коешто сите мислевме дека бргу ќе го заборавиме зашто од него нема да остане „ни камен на камен“. Не’ излажаа, секако, зашто ене го, уште стои во центарот на градот и блеска во умовите на злосторничкото здружение не само како споменик на негативната селекција туку и како симбол на заробената држава, дисфункционалното општество, македонистичкиот моронизам и идиотскиот груевизам… И уште не можеме да откриеме кому таа планина од кич му се допаѓа, кому толку му залегнала на срцето па ја пази ко очи во глава. Она што е уште пострашно, ни оваа власт едноставно не може да ги увиди сите краткорочни и особено долгорочни штети што континуирано ги шири ова злодело. И нема, повторно, да ги спомнувам штетите (особено за младата генерација) на уметнички план зашто за тоа македонските политичари се очигледно слепи и глуви. Ама, сепак, не можат ли барем да го видат очигледното: не можат ли да ја видат онаа онолкава главурда на Никола Карев пред Собранието; онаа апсолутна диспропорција на целиот „склоп“ на „Воинот на коњ“; оној тотален фашизоиден кич и одбојност на „Паднати за Македонија“ или онаа крајна неукост и примитивизам на споменикот на „Првото заседание на АСНОМ“; оние до хистеричност смешни македонски дејци седнати на фотелји од двете страни на шизоидната „Порта Македонија“… ? Па зарем навистина македонската култура и уметност, ама и државата, останаа на убиственото рамниште на груевистичкиот вкус?

ДАНОК ВО МИНАТО

Ако некому насловот му асоцира на она турсконо „данок во крв“, сум ја погодил асоцијацијата. Кај оние кај кои има дилеми, еве им појаснувам: да, данокот во минато (или во наследство, ако подобро звучи) треба да се идентификува како антипод на турското данок во крв (или девширме), иако јас попрво би го нарекол данок во иднина! Впрочем, и функцијата му е слична, ако не иста.

Данокот во крв (иднина) во Османлиската империја се состоел во собирање на најздравите (главно христијански) деца кои потоа биле носени во Цариград, исламизирани и подложувани на специјален воспитен режим. Најголемиот дел од нив понатаму бил основата на познатите јаничарски одреди. И мојот акцент на спомнувањето на овој најомразен османлиски данок е на најздравите деца, односно на поентата на иднината на народите од кои тие биле одземани. Зашто, иднината на човештвото е токму неговото потомство, неговите деца! Ама, ако пак тие деца, или денешните деца, ги лишите од нивното минато односно од нивното културно наследство, каква иднина сте им оставиле? Како гуски во магла, како луѓе без идентитет, без меморија, без сушност! Малку ли ни биле векови такво битисување, па и денес, во самостојна и независна држава, со толкав државен апарат, да ја продолжуваме истата историја но сега на повисок степен, со саможртва, со самоуништување, со самоелиминација? Малку ли ни биле векови на прогон, уништување, игнорирање… па сега треба самите тоа да си го правиме?

Токму заради тоа нашиот однос кон културното наследство не може, не смее да биде препуштено на аматери, на дилетанти, на политиканти, па дури ни на (наводно) сериозни политичари ако целта е злоупотреба за дневнополитички играрии. Ако тоа наследство го преживеало Отоманскиот период, Балканските и двете светски војни, ако го преживеало дури и т.н. комунизам – којшто, патем, имаше многу покултивиран однос кон него – тогаш истото денес не може/не смее да има третман на монета за меѓупартиско (или коалициско, како сакате) и меѓуетничко поткусурување. Особено не денес, со целата оваа нова техника и технологија во заштитата на културното наследство. Дотолку повеќе што ако главната поента на заштитата на културното наследство е неговото сочувување за идните генерации, тогаш што ние ќе им пренесеме на тие генерации ако сето ова веќе утре го снема? А ќе го снема, дефинитивно, со ваквиот наш однос, ќе исчезне неповратно, засекогаш. И тогаш ќе имаме генерации кои нема да знаат кои се и што се, од каде доаѓаат и каде одат, нема да знаат кои им се предците и што тие мислеле и правеле за нив. Ќе ја знаат Цеца но не и Михајло и Евтихиј, ќе се воодушевуваат на Ајфеловата кула но не и на црквичето во Курбиново!

Просто, нели, ама едновремено и многу, многу сложено! Барем за оние кои разбираат или сакаат да разберат. Зашто, равенството помеѓу наследството и идентитетот не е случајно, ниту е пак неважно. Ако идентитетот на Македонецот со векови, па и денес, бил/е оспоруван, дојде време да се самооспоруваме, да се деидентификуваме? Бидејќи, отстранувањето на специфичните колективни идентификатори (материјални и нематеријални), како и постапното бришење на вистинското знаење за идентитетот, минатото, историјата… е токму таа од некого посакувана деидентификација! И кому ние денес го плаќаме тој застрашувачки данок преку негрижата за наследството, преку неговото свесно/намерно уништување односно препуштањето на судбинските прашања на неуки политиканти? Сето тоа веќе заличува на некаква монструозна „државна програма“, некаков заговорнички план на полуписмени пробисвети уште од 1999 година!

Зашто, што е инаку онаа незграпна нападна грдосија на Плаошник што чинела цели 2,2 милиони евра, ако не поништување на културниот идентитет, спрдачина со македонското градителско наследство? Или некој сака да каже дека тоа чудовиште е синоним на аскетскиот Св. Климентов дух? Такви недоквакани приказни можете да им раскажувате само на своите семејства (ама не и на децата, зашто тоа би било злосторство). А впрочем, што поинаку направивме и со скромноста и аскетизмот на една Мајка Тереза во Скопје? Оној нејзин циркузантски спомен-дом? И како, ве молам, можат овие вчерашни градби денес да бидат – културно наследство? Баш ме интересира што ли ќе кажеше професорот Коцо да можеше да ја види онаа грдотија на Плаошник, или Гонџа Бојаџиу за начинот како ние се сеќаваме на неа? (Апропо, кога пак ги читате „вдахновените“ мисли на нашине „учени“ Грозданов, Димитрова и др. за Плаошник и за Климент, со кого секогаш се на „ти“ и му ги знаат и најскриените мисли, да ви се преврти утробата од таква македонска „наука“!). Што е уште пострашно, сето тоа го градеше токму државата персонифицирана во неколку налудничави глави, а од буџетски – што ќе рече наши, на граѓаните – пари. И не само тоа туку и разноразни „универзитети“, па резиденција на МПЦ, па некаков „музеј“ итн., повторно со средства од буџетот и со самоволни одлуки на еден грст фрустрирани незнајковци. И сето тоа, уште речиси недоизградено, токму „стручните“ институции на оваа држава и нејзините партиски кадри, минати и сегашни, го прогласуваа(т) за македонско културно наследство!

И сето тоа ругло и денес се кочопери така и таму, ни пика прст в око а поединци од власта ни велат дека тоа е само раска (што би рекле прилепчани!). А сето тоа, целата таа трагедија, денешниве (се’ уште заробени, ама не знаеме од кого) институции го толерираат, па и продолжуваат да го финансираат, повторно со буџетски средства, ама секогаш ние сме тие кои поставуваат незгодни прашања или кои немаат чувство за нашата „сегашност“ и „ситуација“. Меѓутоа, ако ние – подразбирајќи ја тука токму сегашната држава и нејзините надлежни институции – навистина мислиме дека тоа е’ и таков треба да биде нашиот однос кон културното наследство, тогаш не сме заслужиле ништо подобро. Ако таа грандоманија и непримереност на Св. Климентовиот дух треба да ја прифатиме како своја и денешен изблик на неговата мудрост и аскетизам, тогаш подобро да се откажеме и од вера и од наследство, а другите ќе не’ откажат од државата. Зашто, извинете – како да не ја заслужуваме!

И овде намерно не ги спомнувам уметничките вредности на македонското културно наследство зашто кај нас чувството за уметничка вредност умре одамна, а го погребавме дефинитивно во 2014 година, во Скопје и во Охрид. Сега им правиме само помен, иако и тоа не баш така често.

ОХРИД КАКО ПАРАДИГМА НА НЕСПОСОБНОСТА

Иако мислев прво малку да го расчепкаме она „Скопје 2014“ – да, по којзнае кој пат, ама сега од аспектот на негативната селекција – сепак Охрид некако се наметна, не само заради фактот што „надлежниот“ министер се појави на една од националните телевиизии и – не’ остави без зборови! Повторувам, не’ остави без зборови, но и во фрапантна дилема: дали оваа власт навистина сака да се справи со „случајот Охрид“ или тоа е само уште еден театар, уште една фарса на нејзината подолга листа, со којашто као ќе ги „играме“ УНЕСКО, ЕУ и светот дека, ете, ние нешто правиме? Зашто, извинете, ама не можете еден таков комплексен, мултидимензионален но пред се’ СТРУЧЕН проблем да го решавате со полтикантски флоскули, со луѓе кои во Охрид оделе само на двонеделен одмор, кои за заштитата на културното и природното наследство знаат толку колку и за интергалактичките врски помеѓу Алфа Кентаур и Орион во некое време илјада светлосни години пред нас. И, да бидеме докрај искрени, зарем го заборавивме фијаското викано Баку, па оној закон за Охрид на кој се инсистираше пред одењето на таа екскурзија па којшто потоа беше експресно повлечен и никому ништо, па лекциите што само последниве три години на власта и’ ги држат невладините од Охрид и експертите од цела Македонија и светот… ? Ако се’ тоа сме заборавиле и ако уште инсистираме на политикантски и негативно селективни решенија за балканскиот Ерусалим, се плашам дека од него сепак ќе направиме македонски Лас Вегас! И не се сомневам дека, во името на некаков измислен економски бум на тој град, па дури нека е и реален, голем дел од жителите ја избираат токму таа солуција. Ама има многу и против, нели? Или тие не се важни, а уште помалку важни се оние 5 милиони години старост на езерото и повеќемилениумската културна рефлексија на градот?

И го слушам екс-премиерот и најверојатно (повторен) иден мандатар како ги повикува граѓаните на избори за да ги вратиме институциите! Не чув точно на кои мисли, ама оние на коишто јас мислам и коишто се надлежни за Охрид (не само) последниве три години никој не ни ги украл па сега да мора да ги враќаме. Но, точно е, беа украдени долго време, цели два-тринаесет години и на најбезочен, највулгарен начин ја узурпираа и поништија својата стручност и професионалност – ако воопшто некогаш ја имале – туку во спрега со политикантството и криминалот на злосторничкото вморонско здружение деноноќно работеа на комплетната девастација на Охрид и околината! Сакам да кажам, тогаш на дело имавме целосна негативна селекција во државата – од врвната извршна власт, преку стручните институции, до локалната самоуправа, и сите како да имаа само една цел: што повеќе да заграбат од охридската историска почва и од најстарото европско езеро, уништувајќи притоа се’ со ред, од цивилизациските стратуми до акватичкиот екосистем!

Меѓутоа, тоа време, за среќа, помина и ние, нели, еднаш ги ослободивме институциите. И на нивно чело заседнаа компетентни луѓе кои требаа да се справат со сите криминали, узурпации, нестручност и непрофесионалност, а особено со „случајот Охрид“ којшто претходната власт го криеше како змија нозе. И зошто оваа власт не го направи тоа односно зошто (сега нејзините) институции не го направија тоа? И зошто никој не покрена постапки – кривични, прекршочни и секакви други – контра онаа дилетантска банда која упропасти се’ живо во градот и околината? Ако институциите беа „наши“, ако луѓето беа стручни, зошто никој не мрдна со мал прст? Дури, сведочевме на обратен процес: повторно на дело се појави негативната селекција, па оние кои и претходно креваа глас против девастацијата на градот, околината, езерото… беа едноставно игнорирани, а во последно време и брутално отстранувани од позициите од кадешто можеа да делуваат во полза на Охрид. Последниот пример со разрешувањето на еден од малкуте експерти за заштитата на културното наследство од Комисијата за Охрид, со смешно „образложение“ на Владата (заради некакво „членство“ во тајновито тело викано Координативно тело за следење на реформите во културата!) е само последниот од низата необјасниви потези токму на линијата на повторно востановената негативна селекција во државава. Од друга страна, дури и да така како што вели Владата – дури и да функционира тоа фамозно Координативно тело, а не функционира, дури и во Комисијата за Охрид да е предвидена некаква постапка за смена на експертите, а не е – повторно ќе беше повеќе од смешно да го менуваш дефицитарниот експертски кадар, а во Владата со тие прашања да се бават аматери!

Но, кога ќе ги погледнете во целина сите состојби во државава, а особено на планот на заштитата на културното наследство, во културата, во науката и образованието, негативната селекција и овојпат зема таков замав што просто втерува страв кај луѓето. Но и прашање: што е проблемот? Не сакаме ли државата да се справува со проблемите, или со нив мора да се справуваат само партиски пулени, па макар и неспособни? Затоа, впрочем, кои тоа институции би ги враќале по изборите? Овие сегашниве? Па во нив се наоѓаат луѓе поставени токму од оваа власт? Тогаш, зошто таа не реагирала навреме и не ги иницирала сите механизми што и’ стоеле на располагање?

Впрочем, „случајот Охрид“ се трансформира во вистинска парадигма на неспособноста на државата и нејзините институции да се справат со проблемот. Еден голем дел во тој проблем е токму принципот на негативната селекција, на непринципиелна кадровска политика, на неспособно раководење, на нестручност…

МОЛКОТ КАКО НЕГАТИВНА СЕЛЕКЦИЈА

Токму (безмалу) ултимативниот предлог за премиер Албанец е актуелен пример без преседан за духот на негативната селекција што клечи врз грбот на македонската демократија. И не е, се разбира, негативноста скриена во фактот што прејудицирано, пред избори, се предлага иден премиер од еден етникум – можел предлогот да биде и за кој и да е’ друг (Турчин, Србин, Ром…) – туку што, прво, сегашниот степен на политички/демократски развој на државата воопшто допушта таква (по)мисла, и второ, што државата/власта (но и јавноста!) експресно реагира на фрлената ракавица. Поточно, во однос на второто, таа експресна реакција (инаку на место, и со коректен вокабулар) има прилично амбивалентен карактер: дали власта реагира само заради фактот што е директно засегната односно затоа што и таа има такви апетити, или молскавичната реакција треба да ја разбереме како лекција по демократија за актуелниот коалициски партнер? Никако не верувам дека г-динот Ахмети не е/не бил свесен што ќе предизвика со фамозната реченица, ниту пак дека сакал да го опипа пулсот на власта и јавноста. Неговата изјава си има своја цел и таа, веројатно, е постигната. Затоа, многу поинтересни се реакциите!

Но, од друга страна, како власта ги бира темите на коишто ќе реагира? Според нечиј личен избор, според некакви стандарди, критериуми… како? И зошто толку ја погоди спомнатата изјава? Зарем оваа власт воопшто не ја допира твитот на онаа „академичка“? Зарем никој од власта нема што да каже по тој повод? Зашто, ако сакате, каква разлика – суштинска – има меѓу двете изјави? Или, повторно, зарем ни највисоката и по дефиниција најетичката институција во државава викана МАНУ нема што да каже апропо отровно ксенофобичните простотилаци на нејзини членови? Или, зарем власта навистина нема што да каже кога нејзини државни службеничиња водат „висока“ регионална надворешна „политика“ навредувајќи се’ по ред, кога неписмени новинари и  полуписмени главни и (не)одговорни уредници на национални телевизии ви диктираат силеџиска медиумска политика… ? Кога државата и во вакви случаи молчи, тогаш нешто сериозно не е в ред! А тој молк станува – громогласен. Зошто? Бидејќи станува збор за политика laissez-faire, или не замерување со медиуми баш пред избори, или бидејќи резилот го расејуваат партиски пулени, или бидејќи коекакви шалабајзери глумат некакви големи уметници и држат лекции што и како треба да се прави во државава… ? Во случајов молкот е најгласната негативна селекција! Не може, не смее државата да молчи кога целата јавност говори, да не речам вреска. Кога целата јавност бара санкции за криминално однесување, кога бара одговорност за неодговорно постапување, за нарушување на угледот на државата, граѓаните, културата. Не смее државата да биде нема не само пред локалните остатоци на бившиот режим туку и пред неговите странски пулени кои до вчера седеа во скутот на пуфлана и на криминалецон од Будимпешта, а денес ни поттураат под нос некакви нивни поддршки за домашни палјачовци! Држава/власт без став не е држава/власт. Не може нејзиниот молк како став да се „пишува“ во провинциски меани и од неуки луѓе, не смее уличари да го глумат ставот на државата, што пак повторно се сведува на немање став, што остава срамен впечаток, а сите белосветски бараби си играат мајтап со нас. А, од друга страна, експресно да реагира кога ќе биде кажано нешто што директно се меша во нејзините најтесни (лично-политички) интереси!

И тука доаѓаме до претходно спомнатите две важни парадигми на македонската негативна селекција: „Скопје 2014“ и Охрид (како еден вид митска културна престолнина дури и на оваа држава), парадигми за кои државниот молк е најгромогласен ама и најпонижувачки, најболен ама и најотрезнувачки. Знам дека многумина ќе ги сугерираат и актуелните случувања во скопската Чарија, или Куршумли ан, или Аквадуктот, или Курбиното како делови од истиот мозаик. И ќе бидат во право, се разбира, ама Охрид некако ги обединува сите овие. Иако секој од спомнатите си има своја специфична тежина, особено фактот дека покрај толку (наводно) стручни институции во државава скопската Чаршија се „реновира“ од страна на општински власти; или случајот со Куршумли ан за којшто така тајновито се молчи а Министерството за култура ги упатува заинтересираните за организација на некакви културни содржини во тој објект да се обраќаат – до Турската влада, итн.

Сите спомнати примери се врв на смразниот брег викан негативна селекција, а комбиниран со оние фамозни македонски „не“, плус корупција, криминал итн. Дали секое чепкање во нив ќе открие и несакани нешта? Можеби, ама тие секако ќе бидат расчепкани, некогаш. Или – важно е тоа да не биде баш сега?!

КОПИЛИЊА НА СИСТЕМОТ

или

НЕГАТИВНА СЕЛЕКЦИЈА (2)

Историјата на културите е историја на културниот прогрес, на социокултурната (р)еволуција како чекор напред (но не и два назад, или ретко, можеби!) или на не-генетичката еволуција, на размената на „информации“, знаења и ученост низ различни форми на социјална трансмисија. Во принцип, културниот прогрес или социокултурната еволуција е безрезервно свртена кон иднината, кон супериорните форми, иако не е исклучено и да стагнира, или – да назадува. Ние сме пример за тоа назадување, или стагнација, ако тоа повеќе ви се допаѓа, еве веќе три децении. Нерадо  го земам како репер социјализмот, ама немам друг. Ако некој има подобар, го молам да се јави. Но ние, во името на раскинувањето на сите врски со социјализмот, си го „раскинавме“ и коренот на промената, на културниот развој, или прогрес, како сакате, на социокултурната револуција зашто еволуција кај нас не беше можна. Не можевме да еволуираме од глувци во – луѓе! А до 1945 година бевме глувци, кој што сака нека каже. Односно, подобро речено, не бевме луѓе. Не само на културен план. Но потоа, во времето на социјализмот, Македонија се граничеше со светот, ја допираше светската култура и уметност, за да денес повторно се врати во глувчешката дупка! Каква реверзибилна трансформација. Се разбира дека секој нормален ќе праша: зарем е можно од луѓе до (повторно) глувци? Е па – на што инаку ви личи денешнината?

И сето тоа е продукт токму на најригорозната негативната, реверзибилната социокултурна селекција спроведувана континуирано од 1992та година до денес, на на сите општествени и политички рамништа. Умешно следејќи ја тезата за информацијата како средство за моќ – збогатена, се разбира, со несебичната помош од „службите“ – дел од шестокласните ешалони на некогашната „авангарда“ го присвоија целиот углед (и имот!) на претходниците, узурпирајќи ги и правата на сите други граѓани на некаков процент од наследството. Испадна дека само некои се деца, а сите други с(м)е копилиња на бившиот систем. И така остана до денес. Тој тип на негативна селекција на признаени (партиски) деца наспроти копилиња на системот го гледаме во континуитет веќе триесет години, со нагорнини и удолници, со варијации коишто сепак (минимално или воопшто) не ја нарушуваат „целовитоста“ и „цврстината“ на системот. Во едно такво опкружување, копилињата ги имаат само оние права коишто партократијата ќе се смилува да им ги даде, или додели, а инаку се без право на глас – фактички, не формално – без можност за поопстојно учество или (не дај боже) влијание врз процесите. Почитуваната Кица Колбе тоа го нарекува „вирус македоникус“, јас копилиња на системот, вие наречето го како сакате. Суштината не се менува со името – тоа е едне од малкуте примери каде nomen non est omen! Па кога имате така инсталирана партократија, еден од нејзините логични производи е негативната селекција. Како на онаа лента во спотот на Пинк Флојд! Кај нас овој тип на селекција на добри односно подобни се издигна на приоритетен принцип којшто безочно, беспоштедно (негативно) селектира, бирајќи исклучиво во партиските редови наместо во општеството. Впрочем, погледнете што се случува со актуелната пандемија: и таа стана исклучиво партиско бојно поле на две божем стручни партиски комисии, при што остатокот од населението е само пандемиско месо!

Кога партијата станува единствениот моќник во државата (нешто така вулгарно „апсолвирано“ од претходниот систем), кога од неа ви зависи целокупниот живот – ваш и на вашето семејство – тогаш сите други критериуми се губат попатно, сите стандарди и востановени вредносни системи стануваат одвишни. Оттука, македонското општество, или македонскиот културен систем, веќе три децении се движи линеарно според точно определена партиска шема, ненарушена од промената на партиската власт во државата: секоја нова власт се придржува до некои базични функционални правила од коишто не се отстапува по никоја цена. Сите наши надежи за забрзан општествен развој – економски, културен, социјален, образовен… – мораме да ги полагаме во партиските „кадри“ одговорни за сите наши успеси. За неуспесите – виновен е народот! Таков „систем“ и денес продуцира политичката власт, дури и во вакви кризни периоди: не прифаќа препораки на стручно тело (Комисија за заразни болести), и тоа без какво и да е’ образложение! Но уште пострашно е кога струката со молчење се повинува на таквата одлука, на што всушност сведочиме не само денес туку веќе цели три децении, иако од таквите одлуки не ретко ни зависи и животот. За што тогаш ние овде разговараме?

Партократската „кадровска политика“ ги наполни институциите на системот со подобни иако приглупи послушници. Таквите спроведуваат се’ што ќе се нареди! Таквите понатаму спроведуваат своја „кадровска политика“, па овие своја… и се’ така во недоглед. Ваквото време-невреме само ги потенцирате таквите примери, ги исфрла во преден план и ги прави уште повоочливи. Заедно со неодговорноста, како врвен партократски принцип на недопирливост на подобните и послушните. Се разбира, секое време носи свои специфики. Ова денешново внесе еден нов дух во ваквите поделби: сега дури и кадрите инсталирани од злосторничконо здружение се подобри од слободоумниот македонски граѓанин. Што можеби и не е баш така неочекувано, иако беше изненадувачки, барем во почетокот. Се покажува дека партиските кадри одлично умеат да соработуваат заедно, без оглед на (божем) ривалитетот и „идеолошките“ разлики. Како инаку би ги објасниле сите кадровски бисери – вклучувајќи го тука и последниот со Комисијата за Охрид – што ни се случуваат (особено во културата, но не само таму!) последниве две години? Кој тоа, и според која и каква стручност, па и заслуги, ако сакате, ги прави тие манипулации? И зошто? Треба нешто да се прикрие, нешто недозволено да се дозаврши? Ако е така, тие „кадри“ се неприкосновени! Но не е само тоа, се разбира. А нам ни останува само да се згрозуваме од таквиот начин на (не)функционирањето на државата.

Покрај сите (условно) ситни примери на глупост, неукост, простотија и нестручност (МАНУ, верските заедници, медиумите, културата, образованието…), токму негативната селекција ни остави во наследство два Сизифови камена: „Скопје 2014“ и Охрид. Тие се парадигма за сите други состојби во државава: за несакањето, за неумеењето, за нестручноста, за неодговорноста, за партократијата… И колку и да ги турка(в)ме кон некаква разрешница, тие пак ни се враќаат со нова сила! Но за тоа, понатаму.

80 : 20?

или

НЕГАТИВНА СЕЛЕКЦИЈА (1)

Прв пат се сомневам во една „дијагноза“ на професорот Чепреганов, кого исклучително го почитувам, инаку искажана за оној сооднос од 80:20 проценти од населението кои нешто почитуваат. Мислам дека професорот згреши: сакаше да каже дека реалниот сооднос е 20:80! Ама се уплаши. И имам објаснување за мојот сомнеж и неговиот „страв“. Професорот е човек од „старата гарда“, не сака премногу да не’ вознемирува, кон пациентите/нас пристапува одмерено и со почит. Ако го кажеше вистинскиот сооднос… Сакал малку да не’ утеши, де! (А за да немаме натамошни недоразбирања, јас не се сместувам себеси во оние 20%).

Меѓутоа, нам не ни требаат дури ни такви стручни толкувања на сето ова што се случува околу нас. Доволно да ги погледнете медиумите, социјалните мрежи, настапите на поединци од власта… Тоа е слика и прилика на милјето што не’ опкружува долго време – не само во овие пандемиски месеци – тоа е огледало на состојбите во државата. Има тука свој придонес и повтореново вехементно ширење на пандемијата, неуспешното справување со истото, мерките што не се превземаат или не се почитуваат итн. Ама, актуелната пандемија, со сета должна почит кон жртвите, е само незначаен дел од сето она што и’ се случува на оваа држава повеќе од три децении. А сега изгледа го доживува пикот! И никого глава не го боли за тоа! Оваа (да се надеваме) краткотрајна епизода – повторно: со (непотребни?) жртви – ќе помине, (за жал) за многумина лошо, никој утре нема да го постави прашањето на објективна и субјективна одговорност, повторно најодговорен ќе биде граѓанинот кого нема кој да го одбрани, секој ќе го тепа по глава или ќе му лепи шамари, ќе му кажува како токму тој е глуп и заради него се случува ова што се случува, дека тој е недисциплиниран и со некаков марсовски менталитет… Во тотално неодговорна држава, што можат да направат оние 20%? Па дури и да се 50%? Ништо, а ние сме жив пример за тоа! Кон трите фамозни наши „не“ – незнаење, неспособност и несакање да се работи – се придружува со сета сила и четвртото (иако ги има уште многу!) викано неодговорност.

Оние навистина одговорнине, оние кои власта/државата ги поставила да ги решаваат а не да ги создаваат проблемите, повторно ќе излегуваат пред медиумите и ќе ни говорат за статистики но не и за нивната лична и групна одговорност, никој нема да спомне збор-два за притисоците што ги имале (ако ги имале), за присутното очигледно политикантство, медиумите ќе тераат со својата партиска пропаганда – секој според својата ориентација (ама и неукост, за жал); Комисијата за заразни болести ќе предлага мерки коишто Владата нема да ги прифаќа, ние ќе се смееме и ќе се крстиме, ама тие и понатаму ќе си седат во фотелјите без некој да го спомне зборот оставка; оние шутраци од опозицијата ќе се кријат по меани и ќе се вадат дека не биле запознаени со најновите протоколи зашто истите често се менувале (sic!), настојчиво ќе поттикнуваат недисциплина и хаос, ќе лажат и подметнуваат само да се спасат од избори… а ние повторно ќе се смееме и ќе се крстиме, иако неверници, нели. И сите као – разочарани!

И се’ така ќе тече ама генералниот проблем ќе остане. А тој генерален проблем не може да се опфати со еден збор којшто би ги опфатил сите наши „не“. Таков инклузивен поим светот се’ уште не измислил, ама ние го практикуваме, секој ден, 24/7.

И овде (кажано со актуелниот пандемиски речник) нема т.н. кластери коишто би можеле да ги лоцирате па и изолирате, тука не помага ни полициски час ниту пак други растриктивни мерки. Нашиот генерален (безимен) проблем е вткаен во сите општествени и системски пори, на сите нивои на власта, во реалниот сектор… секаде кадешто допира долгата рака на државата, а таа допира – буквално секаде. И не само што допира туку цврсто го држи системот во железна прегратка. И никој не пушта глас! На МАНУ не и пречи што дотичната „поетеса“ со години сее омраза во етерот – од таму ни да писнат. До кога ќе молчи МАНУ за идиотштините на нејзините членови? Ни МПЦ и ИВЗ воопшто не се возбудуваат што станаа најголемите пандемиски кластери во државава, а едновремено и недопирливи за законите што важат за сите. Во својата тотална неукост и непрофесионалност, медиумите – со мали, чесни исклучоци, повеќе персонални отколку институционални – прераснаа во еден од најригидните сегменти во државава, на коишто таа иста држава продолжува така беневолентно да им ги дели нашите пари како да не знае што да прави со нив. И последниот простачко силеџиски пример со оној главен и (не)одговорен уредник на Телма е само уште пример за дното што го допре македонската медиумска сфера, а за кое нешто, повторно, никој од надлежните не реагира. Ако пак ги заслушате оние тутурутки наречени новинари кои си земаат за слобода да поставуваат „сериозни“ прашања за состојбите во државава, нештата стануваат запрепастувачки – од некултурен, неук, непристоен, провинцијален… аспект!

Што пак никако не го оправдува личниот/субјективниот настап на д-р Караџовски на последната прес конференција, кој не е повикан таму да се расправа со „новинари“ и да ни раскажува свои лични приказни туку да информира за состојбите и за мерките што ќе ги превземе државата!

Но, и д-р Караџовски, како и проф. Чепреганов, се послужи со некакви илустративни проценти велејќи дека (парафразирам) 20% од населението не ги сфаќа надлежните озбилно? Јас, повторно, би полемизирал и би рекол дека и овде процентот е обратен односно дека 80% од населението не ги сфаќа надлежните озбилно. Но, она на што никој не се обидува да одговори е: на што се должи тоа? Зошто големи проценти не ја сфаќаат озбилно државата и нејзините мерки? Тоа е вистинското прашање и тоа би бил вистинскиот одговор во ова време. Зашто, ако оваа држава, преку луѓето надлежни да ги решаваат а не да ги создаваат проблемите, навистина работи посветено и сериозно, оваа состојба не ќе беше ваква. Ако во оваа држава се почитуваат стручноста, компетентноста, знаењето, посветеноста, одговорноста… процентите на доверба секако би биле поинакви. Но, ако се’ уште владее принципот на негативна селекција којшто не’ следи веќе три децении…