Monthly Archives: August 2016

„ТЕЛО“ БЕЗ МОЗОК

1.

Ако е точно она што Ризаов го раскажува околу неговите „приклученија“ во Избирачкиот список, а ние немаме сериозна причина да не му веруваме, тогаш ние не ги исполнуваме условите ни да имаме држава, а камоли да организираме фер и регуларни избори. И ако толку време плаќаме шушумиги кои себеси, а и по партиска линија, се нарекуваат експерти, и тоа ги плаќаме безмалу со суво злато во споредба со просечните примања на луѓето во оваа држава, а тие, да простите се заебаваат, или не’ заебаваат уздуж и попреку, тогаш сме зрели и за психијатриски проценки. Сите, топтан! (Тие – не, тие се изгледа и најпаметните овде!). И згора на се’ се надеваме дека некакво „тело“ ќе ни ги реши проблеми со медиумите? Барем привремено? А кога тоа, и каде, „тело“, без мозок, решило некаков проблем? По таа логика и ДИК има тело, ама мозокот – каде е? Го оставаат дома, во тегла, ако воопшто и има што да остават?!

Затоа денес, или утре, некој може и да запне дека сме исполниле којзнае какви услови во не знам какви области и дека сме зрели за избори. А сите ќе знаеме дека сме зелени – не во онаа убава еко смисла – или сме зрели, ама за фајронт, за банкрот!

Впрочем, и оној ај да не речам што од Агенцијата за кризи констатираше дека се исполнети условите нивните екипи да се повлечат од кризните подрачја околу Скопје. Ама прашајте ги жителите на Стајковци, Ченто и остатак света? Или, не мора да ги слушате нив, доволно е да ги видите снимките од тоа „лице место“. И тоа се исполнети услови? Или тоа се добри, исполнети услови, ама за тие луѓе?

Или, ако некој сака ама баш целосно да се убеди дека ништо не е сменето, нека ја послуша минутка-две расправата по комисиите во Собранието за ребалансот на буџетот. И тоа се сменети услови, подобра атмосфера за работа, та дури и за избори?

2.

Или, можеби, видовме некакво сменето поведение на властодршците, на институциите, на сите оние шапшали кои цела деценија ни дефилираа низ животот убедувајќи не’ колку ни е добро и колку сме среќни? Она помпезноно министерче за надворешни работи, што смени тоа во неговото однесување? Или оној мвро? Или Димето? Да не се смени нешто во образованието а јас да сум го преспал? Освен, вистина, во финансиите, што си отиде оној шутракон љубител на чоколадо а на негово место дојде нов токмак со исти афинитети за слатките работи од задолжувањата. А Хорхе? Смени ли тој нешто, исполни ли некаков услов? Барем условот да замолчи до истекот на мандатот, за што имаше сеопшт консензус во државава?

Не знам според кои параметри денес, утре или задутре, некој ќе проценува дали, и колку, се исполнети условите за крај односно за некаков нов почеток во оваа не знам како да ја наречам творба. Можеби тие имаат нивни параметри невидливи за нашите очи, или невидливи само за моите очи?

Но, да се вратам на „телото“, или „телата“: според кои искуства, според кои и чии параметри од нив толкави очекувања? Малку ни е искуството со „телото“ наречено ДИК? Впрочем, колку вакви „тела“ имавме до сега, за разни горливи проблеми, да не речам скандали во творбава, почнувајќи од оној 24 декември наваму? И упорно очекуваме „телото“, без учество на мозокот – зашто го нема или отишол на зелена паша – да ги реши проблемите. Каде, кога и кои тоа проблеми ги решиле „телата“? Безмозочните „тела“ правеа се’ проблемите да останат, по потреба да се трансформираат во „тоалетна хартија“, или да се модифицираат ако веќе не може да се множат, што би било најдобро за нив. Зашто повторно „телото“ би било во функција!

3.

Телото, човечкото, се разбира, е еден од најсложените механизми во природата. Дури и кај животните. Па и во демократиите! Ама телото е дисфункционален механизам ако го нема „инокосниот“, раководниот орган – мозокот. Дури и кај животните, колку и да е мал, неразвиен или недоразвиен. Дури и во демократиите, па нека се и „демократии“ како нашава, каде дури и минимално количество сива материја би се покажало добредојдено. Ако ништо повеќе таа сива материја дава команди, вакви или онакви, најчесто функционални. Ние успеавме да измислиме тела без мозоци и да ги промовираме во омилено решение за сите проблеми! И ги множиме, ги штанцаме како на фабричка лента, давајќи им секакви надлежности и чекајќи ги да ни ги решат работите. Како и ова последново, згора и помпезно наречено ад-хок „тело“! Без ад-хок мозок!?

Наместо да бараме врати што можат да ни се отворат, ние стоиме пред затворена, очигледно замандалена врата чекајќи помош од телата без мозоци! И вратите никогаш нема да се отворат зашто не добива соодветна, таква команда. Напротив, добиваат сосема спротивни, инстинктивни или нагонски команди за самоодржување да ја држи вратата уште поцврсто затворена. И нас, со нив малоумни или безмозочни, да не’ држат во оваа творба.

Затоа, утре, или задутре, можеби ќе не’ убедуваат дека навистина нешто се сменило, дека некои услови навистина се исполниле, ама тоа ќе биде само продолжеток на десетгодишниот сон на оваа фајронт држава. Зашто не може ништо да се исполни, уште помалку да се смени од „тела“ без мозок. Додека таа направа не ја ставиме во функција, ќе немаме ни услови, ни држава. За избори муабет да не правиме. А впрочем, кога пак за избори бил потребен мозок? Та нели и тоа, сосема во академски стил, неодамна јасно ни го посочи академик Тополинјска?

ДРЕСИРАНИ УМОВИ

или

МЕМОРИЈАТА Е КАКО ШИЛО … (6)

16.

Нормално е кога нешто ќе започне скандалозно, така и да заврши – скандалозно. Не сме ние од тој профил, од таа класа па скандалозните нешта да успеваме да ги корегираме брзо и соодветно, културно. Говорам за Струшките вечери на поезијата, се разбира, кои што започнаа срамно, или скандалозно, а во режија на професорката Шелева, ама завршија исто така, без нејзино учество, но со учество на целата преостаната жири комисија, па целиот Управен одбор, па Дирекцијата, па Министерството за (не)култура како надлежен орган.

Зашто, прво, на крајот ги разбравме преостанатите четворица од онаа жири комисија, оние четворица (двајца, демек, поети и две, демек, поетеси!) кои не смееа глас да пуштат на обвинувањата на „петтиот елемент“, кој(а) ги обвини за „тенденциозна одлука“, за „етички и естетички преседан“, за огрешување и  отстапување „од темелните вредносни и етички параметри / принципи“. Овие четворица, двајца демек поети и две демек поетеси, на сето тоа плукање се однесуваа како да ги врне дожд, што би рекле народски! Какви неморални дебелокожци. Никој ни „а“ ни „б“. Не знам така ли ги учат, така ли ги дресираат ова властелините пред да ги впуштат во погон за нив да ги вршат валканите „културни“ работи, ама ова не е поетско, уште помалку човечко однесување. Што ли значеше нивниот молк во случајов не сакам ни да нагаѓам. Би паднал на нивното рамниште, а тоа е премногу ниско.

17.

Но, ако првото им беше тренирано, не сум сигурен дека беше и второто, она кога нивната Дирекција се огласи со фамозното „Зошто имало потреба да се направи скандал поради еден автор? Зарем другите 40, кои не се селектирани, не се вредни зад нив да се застане, во случај да имало некаков проблем во жирирањето“. Или тие мислат дека тоа не се однесува (и) на нив? Тие не се такви поети, од оние за кои нема потреба да се прави скандал зашто таквите (скандалозни) дејанија се резервирани за посебна (непријателска?) група автори? Веројатно и не се, веројатно воопшто и не се поети штом не ги интересира ете токму тој „еден автор“, еден колега / колешка, па нека е и Димковска, нека е и некој кој воопшто не живее тука?! Или, ги заболе нив за авторите се’ дури тие си седат по такви и слични тренирани комисии?

Ама и тоа како да беше малку, па четворицава дресирани уста не отворија ни за „елоквенцијата“ на директотор им, кој на прес конференција ги поплука, испцу и испрати на психијатриско лекување сите оние на кои не им се допаѓала одлуката на жирито и на дирекцијата, сите оние кои изгледа имале нешто против неговите Струшки вечери итн. Го премолчеа и тоа, иако овој говореше (и) во нивно име! Што ти е современа дресура, од македонски тренери!!!

Апропо сето ова, глас не пушти ни годинашниов добитник на наградата „Браќа Миладиновци“. Ниту него не го тангира тој „еден автор“, кој и да е’, ниту него не го засега речникот и поведението на тие кои му ја доделуваат наградата. Но, и тоа е своевидна дресура – ништо да не те интересира освен личните интереси во вид на награди! Не се огласи, нормално, ниту некој од оние „поети“ кои влегоа во потесна конкуренција за наградата. И за нив тој „еден автор“ беше ирелевантен!

18.

Е сега, ние овие „персони’ можеме да ги гледаме како сакаме, можеме да ги нарекуваме како сакаме – а впрочем, сите имиња би им одговарале, не се сомневам – нивното однесување за нив и за многумина ним слични е безмалу нормално. Но, ако ваквиот молк, ако ваквото однесување, особено и последниот скандал со насилното исфрлување на шефот на кабинетот на градоначалникот на Струга (зашто не бил акредитиран новинар!?), е примерено за една поголема група дресирани типови, запрепастува молкот на сите други инволвирани. Бидејќи, не можеме да одречеме дека тука е значително инволвирано – директно или индиректно – и Друштвото на писателите на Македонија, зашто тоа е „надлежно“ дури и за оној „еден автор“, или колку и да се, што им ги боцка(ат) очите на овие. Тоа е надлежно за сите македонски (и не само македонски!) автори, тоа е надлежно и за речникот на директорот на манифестацијата … Или и таму се сите – дресирани? Не можеме, понатаму, да ја одречеме и надлежноста, и тоа формална но и фактичка, и на Министерството за (не)култура, зашто станува збор за манифестација од (интер)национален карактер финансирана со огромни средства од заедничкиот буџет, што ќе рече и од парите на оние  „проблематични“ автори.

Без да ме потсетува некој, знам дека првиот, најнадлежниот во случајов, би бил Управниот одбор или Советот или како и да се вика телото кое што, барем формално, „раководи“ со оваа манифестација односно ги застапува пошироките општествени интереси. Ама намерно ги прескокнав. Зашто, тие да беа навистина некакво одговорно тело, ќе се јавеа веднаш, уште при самата најава на скандалот. Вака, за такви неморални дресирани умови не вреди да се троши време!

КАКВИ БИТАНГИ!

1.

Дали сега и’ е јасно на пошироката македонска јавност? Дали сега и’ е појасно на македонската култура со кого си има(ла) работа? А на македонската музеологија, па на оние од ИКОМ, од ИКОМОС, од бели и црвени штитови и какви се’ други ги има? На оние (за среќа) бившине „претседателки“ – едната од Природонаучниот, другата од МСУ – на Македонскиот комитет на ИКОМ кои си ги шетаа задниците низ светот продавајќи магла за македонските музеи? Јасно ли им е какви битанги ја кроеле – буквално – музејската „политика“ во државава, кој се’ аздисувал низ Европава и светов „бирајќи“ музејски „експонати“ и договарајќи секакви музејски бизниси? Или, повторно, никој ништо не знаел? По обичај, нели, како што ни денес не знае? Како што (повторно) ИКОМ, ама и АИКА не знаеа кој тоа откупува ѓубре во името на музеите и го складира во нивните депои?

Ако навистина не знаеле, и не знаат, нели е време да си одат? Некаде, каде сакаат, само да не ја трујат повеќе срединава? Ама да си ја земат и миленичката од Министерството, онаа што им бира(ла) експонати за музеите, а можат патем да го соберат и оној Џемаили, ама сосе Илиријан!

Или, ако и најновите информации – иако, за многумина, прилично бајата вест – за газошетачите низ европските музеи на восочни фигури не им се доволни за разбистрување на сликата за македонските музеи во изминатава деценија, нека го погледнат филмот „Музеј“. Таму, на самиот почеток, ќе го чујат бившиот им љубим премиер како „стручно“ ја развивал теоријата за Музејот на македонскиот хорор, нашата потреба од таков „музеј“ – безмалу сме биле како луди без тоа чудо – па како тој ќе ја препуштел идејата на музеалците откако начелно ќе ја разработел …! Можеби болниов се замислувал некаков современ Медичи кој остава некакво наследство „на народот на Македонија и сите нации“? И затоа, впрочем, во неговиот музеј не можете да влезете како во сите музеи во светот – слободно, туку мора претходно да се најавите, па кога ќе дојдете да ве сместат во група водена од водич од кој вергла некаква налудничава и само ним позната историја!

Или и тоа за нашиве ќе биде новост зашто тие, обично, си живеат под земја и излегуваат на светлината на денот само во крајна нужда, ако треба некаде да патуваат?

2.

Но, се вели: секое зошто има свое затоа! Па така и кај музеите, зашто со нив практично не се бави никој, дури ни струката. Ние музеологијата ја дефинираме како „информациска наука што се занимава со комплексот на истражувањето, заштитата и презентацијата на материјалните и нематеријалните сведоштва на културата и на природата. Територијата на Македонија, со бројното културно и природно наследство, е особено погодна за музеолошка обработка. Ги има поминато речиси сите фази на музеологијата во светот. Присутни се фазите поврзани со емпириско-дескриптивната и со теоретско-синтетичката дејност. Повеќе е изразен практичниот, отколку теоретскиот аспект на музеологијата“[1]. Разбирате нешто? Нормално – не. И ова не е напишано пред стотина и повеќе години, туку пред само седум, и тоа во (фамозната) Македонска енциклопедија на чичо Блаже сезнајкото! Па затоа и бившиот премиер-„музеолог“ си земал за право да соли памет и да поставува теории како треба да изгледа и што треба да содржи еден музеј. И затоа и тутуруткана што се шетала низ Лондон после може да им држи предавања за „Мадам Тисо“ и какви восочни фигури треба да ги глумат македонските експонати во Музејот на македонскиот хорор. Затоа, впрочем, и во новиот Археолошки музеј место експонати редиме копии, а поплавите ги нарекуваме „миење со црево“! Затоа и во музеите  има(в)ме домаќинки кои треба(ше) ужасната здодевност на секојдневието да си ја убиваат во музеј, или пропали дипломати кои подеднакво не знаат што да прават со себеси, или разноразни шушумиги кои себеси се нарекуваат – уметници! Такви „музи“ шетаат низ нашиот museion! А впрочем, само такви слепци, додуша, би можеле и да голтаат се’ што им сервираат битангине.

3.

Сигурен сум дека има многумина кои, за разлика од нашине „музеалци“, навистина ќе бидат запрепастени од смелоста на двајца тотални дунстери, целосни шарлатани за каква и да е елементарна музејска (или која и да е’ друга сериозна) работа, да се натокмат среде Лондон, па потоа во Санкт Петерсбург и Москва, да „бираат“ восочни фигури за македонскион Музеј на хоророт. Ама верувам дека таквите се сепак малцинство и дека веќе и малите деца разбраа со какви битанги сме си имале работа цели десет години. Или, некој ќе рече: ако оној ТодорОФФ мисли дека може да научи да оперира од интернет, зошто пак овие двајца да не помислат дека бирањето на фигури за еден таков музеј е некаква сложена работа? Онаа првана будала си игра со животите на луѓето, овие барем со восочни фигури! Можеби и ќе имаат право.

А сепак, замислете само како ли ги гледале низ тие музеи кога шапшаливе барале прием, ако барале, па се ѕвереле по фигурите … жив срам … а не умеат ни два збора да срочат … јад и беда! Зашто, луѓето во современиов свет гледаат на музеите сериозно и со достојна почит, а не како на играчки за малоумна партиска забава.

[1] К(рсте) Бо(гоевски), Македонска енциклопедија, том 2, МАНУ, Скопје, 2009

ДВЕ БИТНИ „АМА“

или

КОМУ МУ ТЕКНУВААТ ТАКВИ ИДЕИ? (2)

4.

Жалам што мора да ја одложам темата за битангине кои си ги шетале задниците по Лондон, Санкт Петерсбург и Москва божем бирајќи восочни фигури, ама ред е да го завршам овој текст за македонската (не)култура.

Значи, дали македонската (не)култура, таква каква што е, едноставно ја преспа катастрофата само заради фактот што во поплавените Стајковци, Ченто, Арачиново … нема културни институции на кои што, евентуално, им требаше помош? Или, на другите луѓе, оние што не се од културата, нека им помагаат оние институции што не се од културата? Иако, колку што знам, и во тие подрачја се наоѓа по некој македонски уметник или културен работник? Или, бидејќи дефиницијата на нашево „умно“ Министерство за (не)култура дефинитивно ги збриша и едните и другите нарекувајќи ги „даватели на јавни услуги“, тие веќе не се тоа што беа? Можеби. Но сепак, „умното“ ни Министерство за (не)култура, конечно мораше, прво, да смисли, а после и да истрча на терен и да се произнесе за мерките што ќе ги превземе како помош на настраданите подрачја. И тоа не траеше долго. И смислија: „Министерството за култура преку своите институции: театри, музеи, галерии ќе реализира повеќе хуманитарни театарски претстави, концерти, продажни изложби и други активности со што се вклучува со донација на приходи од продажбата на билети со цел да помогне на населението чии домови настрадаа во катастрофалните поплави. Собраните средства ќе бидат префрлени на посебна жиро-сметка наменета за помош на граѓаните погодени од поплавата“. И следи програма на активностите, главно онаа редовната во рамките на манифестации („Охридско лето“) и институциите: Македонски народен театар, Драмски театар, Театар „Комедија“ и други театри со, главно, случки од постојниот репертоар, потоа крводарителна акција (sic!) во новиот Археолошки музеј, едномесечен приход од продажба на влезници во Музејот на македонскиот хорор, неколку изложби во Музејот на Македонија, итн. И списокот е навистина долг, со институции и од другите градови (Битола, Кавадарци, Велес, Штип, Куманово …)! Или, вкупно, околу четириесетина културни настани што, како бројка, па дури и како квалитет, не се за потценување? Ама … секогаш има едно (до две) „ама“.

5.

На пример, тоа „ама“ кај мене, прво, предизвикува непријатно чувство дека целата македонска култура морала да чека сигнал од државата дека треба да се вклучи во акцијата за помош на настраданите. Или – било обратно, можеби токму институциите му сигнализирале на по правило сонливото Министерството дека треба нешто да се направи? Можеби, но во јавноста се доби друг, лош впечаток, дека сме се’ уште во некоја 1948 година. Но, и тоа не е она поголемото „ама“.

Поголемото „ама“, барем кај мене, е сврзано со она чувство со кое што го  почнав текстот: дека на некои теми човек им пристапува со задршка, со скриена желба да не биде во право односно неговото мислење на крајот да се покаже како неточно, или само делумно точно. А тоа се однесува на ефектите – се разбира материјалните односно паричните – од оваа акција. Или, упростено, тоа се сведува на прашањето: колку тоа заработуваат македонските институции во културата со нивните редовни програми, за една ваква акција да има позитивен ефект? Или, уште во старт ќе се оправдаме дека тука не се битни парите, битен е гестот? Ама извинете, овде не е битен гестот, или најмалку е битен гестот. Зашто од гестот односно од покажаната наводна солидарност нема да се поправат куќите во поплавените подрачја, нема да се санираат другите штети, со гестот нема луѓето да можат да купат нова покуќнина. Затоа – битни се парите! И повторно – колку тоа заработува македонската култура за да свесно се влезе во една ваква акција и истата да се рекламира / потенцира како „помош на граѓаните погодени од поплавата“?

6.

Колку средства инкасира еден театар (МНТ, Драмски …) од една (просечна) претстава? Илјада евра, две? А „Танец“ од еден концерт? Отприлика исто толку? Ајде да ја земеме целосно нереалната проценка од дури (фантастични) две илјади евра „чист приход“? А колку заработува од влезници Музејот на македонскиот хорор? Илјада евра? (Патем, а зошто не го спомнуваат вонредниот приход од издавање на просторот, што им е повносна ставка, туку се фатиле за влезниците?). И колку тоа заработува од влезници и каталози Музејот на Македонија? И да не ги редам сите по ред, можеме ли да земеме некаков просек од две илјади евра по вклучен настан (што, повторно, е целосно нереално!)? Мојата математика вели дека се тоа околу 80.000 евра? И тоа е помошта од македонската култура? Дури и да додадеме уште 50% – онака, од ракав – пак ќе бидат 120.000 евра! Не велам дека е тоа мал износ, особено не за македонската култура. Ама, споредено со првичните проценки од 33 милиони евра потребни за санирање на последиците? (И овде нема да ги спомнувам, зашто ми се одвратни, оние македонски „ѕвезди“ кои секој месец укнижуват по десетици илјади евра од парите на граѓаните за нивните идиотски песнички и спотови. Нив не ги гледамеме како учесници во оваа акција, нели? Тие се над неа? Каде е онаа Каљопа, па оној Канго, па сите оние други полуписмени распеани зевзеци што си ги шетаат магарињата со преполни бисаги?).

И не, не мислам дека македонската култура треба да се откаже од оваа акција. Но, кога македонската култура би ги дала овие средства, ама паралелно со тоа би покренала акција – независна од Министерството, се разбира – за пренамена на парите од она налудничаво тркало планирано среде Скопје, па парите од фасадите и „Палома бјанка“ … би се собрале доволно средства, нели? Колку и да глумат овие од власта дека тие пари не биле од буџетот, веќе на сите им е јасно дека ни ЈСП ниту пак свети ЈСП ги нема тие средства за да ги фрла на такви идиотлуци.

Затоа, македонската култура најдобро ќе им помогне на постраданите подрачја со една сеопшта културна акција – добротворен марш, протест, собир – на кој што гласно и јасно ќе ги бара тие пари. Само така ќе си го задржи достоинството наместо да биде соучесник во будалаштините што ги смислува некој во она Министерство за (не)култура! И навистина, кој во тоа смешно Министерство смислува такви глупави идеи?

КОМУ МУ ТЕКНУВААТ ТАКВИ ИДЕИ?

1.

На некои теми човек им пристапува со задршка, со скриена желба да не биде во право односно неговото мислење на крајот да се покаже како неточно, или само делумно точно. Таква е темата со катастрофалната поплава што однесе дури дваесеттина животи и упропасти којзнае колку тешко стекнат имот, и помошта што македонската култура им ја ветува на тие луѓе. Односно не директно македонската култура како некаков „независен субјект“ – зашто такво нешто одамна не постои на овие простори – туку официелната македонска култура олицетворена преку „славното“ ни Министерство за (не)култура и неговите институции. Кои што, со чест на неколку исклучоци, чекаа „државата“ да се собере од одморите, па да осознае какви и колкави се размерите на „тоа“ што се случило, па да смисли што и како може и културата да помогне … итн. А бидејќи ние за ништо немаме стратегии и утврдени политики пред лошите (но и добрите) „нешта“ да се случат, и за соодветните реакции (во културата) требаше прилично да се причека. Но, никогаш не е доцна и секоја помош е добредојдена. Барем така се вели!

2.

Се разбира, клучно е (скептичното) прашање: како, и дали воопшто, може културата да помогне во вакви случаи? Особено „културите“ од диригиран и авансиран тип како нашата. Култури што се целосно зависни и кога се „независни“, култури кои што во себе и околу себе гледаат само и единствено профит – толку колку што се може во наши услови, зашто и цркавицата е профит, во крајна линија! Таквите „култури“ ретко, односно никогаш не успевале ниту да си помогнат себеси, а камо ли на другите.

Оние од повозрасните генерации, израснати на неколкуте Live Aid рок концерти од светски опфат (стадионите „Вембли“ во Лондон и „Џон Ф. Кенеди“ во Филаделфија, 1985; концертите познати како „Farm Aid“ за помош на семејствата на американските фармери, 1985; „Sport Aid“, 1986; концертот за Бангладеш, организиран од Џорџ Харисон во 1971 година; серијата концерти „Live 8“ во Лондон, Филаделфија, Берлин, Рим и др., 2005; серијата концерти во Сиднеј, Јоханесбург, Рио, Токио, Шангај и други, познати како „Live Earth“, 2007 година итн.) ја паметат енергијата и моќноста на ваквите повици (и собири) за помош од секаков вид! Таквиот тип на собири и жарот со којшто музичарите од светски глас се обединуваа за несебичната помош на светот ја воздиг(н)аа харизматичната аура на рок културата до највисок степен!

Но, во развиените држави постојат и стандардни / постојани организациски форми готови да помогнат во даден миг. Њујоршката CultureAID (Culture Active in Disasters) е мрежа „измислена“ токму за тоа: да ја зајакне културната заедница на Њујорк пред, за време и после природни катастрофи преку организиран комуникациски систем, како и преку роганзиирани и координирани активности на терен. Оваа мрежа го обединува сите уметнички здруженија на ниво на Њујорк, сите совети за култура итн. Или нам не ни треба(ше) нешто такво зашто во поплавените подрачја и онака нема културни институции?

3.

Се разбира, тоа е Њујорк, по население колку десет Македонии, со за нас незамисливи културни капацитети. И никој не мисли дека ние треба да се мериме со еден таков центар, или со една таква организација. Но македонската култура во времето по првите денови по скопската катастрофа покажа неверојатно ниско ниво на сочуство со настраданите подрачја – повторно со ретки исклучоци – на организирана акција, на обид за помош. Екот на сезоната на одмори не е оправдување за отсуството на акција! Поголемо (со)чувство со настраданите покажаа „Продиџи“ кои ветија дека ќе донираат дел од нивниот хонорар од концертот во Охрид отколку македонската култура! Да не ја заборавам и Каролина Гочева, се разбира, но и некои српски фолк и поп ѕвезди кои допрва треба да имаат концерти кај нас.

Тоталното отсуство на организирана акција и сочуство од страна на македонските културни институции, здруженија и разноразни асоцијации беше застрашувачки срамно! Освен оној бизарен повик од Друштвото на писателите на Македонија до своите членови да донираат книги за помош на настраданите во поплавите во Скопје. „Донирањето книги е скромен материјален, но важен морален чин во овие тешки денови за настраданите во поплавите, но и за сите граѓани во земјата, се вели во соопштението на македонската писателска асоцијација“, рекоа од ДПМ. Кому ли во тие мигови му беше до книгите на македонските писатели, не би можел да кажам. Видов еден таков нивен (смешен) пункт во „Сити мол“. За жив грев! И не можам да се изначудам кому му текнуваат такви идиотски идеи на памет? И што да прават луѓето во поплавените подрачја со подарените книги? Да седнат да ги читаат среде онаа кал? Да им ги читаат на децата како летна лектира додека немаат ни храна за нив? Нели ќе беше поедноставно да купат еден камион вода и да го однесат во настраданите подрачја?

Не чувме ниту дека МАНУ се потресе нешто посебно. Тие си славеа во Охрид и до последен миг се мислеа дали да си ја отворат изложбата на копии на икони и фрески (?!) на денот на жалост!

И сите како да го чекаа главниот “шеф“ на македонската култура – Министерството за (не)култура на оваа држава – тие да смислат што и како ќе се помага. И овие – смислија!

Но за тоа во следната прилика.

ЗЕМЈОДЕЛСКА ЗАДРУГА

или

МЕМОРИЈАТА Е КАКО ШИЛО … (5)

13.

И кога би можеле таму да застанат, само на оние уличарски мајмунлаци, кога би можеле да задржат барем грам, барем зрнце некакво / никакво достоинство, да не ги резилат докрај тие Струшки вечери на поезијата, таа некогаш врвна поетска манифестација, една од малкуте македонски „брендови“ во културата. Ама не, кај нив нема ни „д“ од достоинство, ни „м“ од морал, таму веќе се надминал и клиентелизмот и сервилноста зашто таму не останало ништо – ни елементарно воспитание, а најмалку човечност. Управата на Струшките вечери на поезијата сериозно прашува: „Зошто имало потреба да се направи скандал поради еден автор? Зарем другите 40, кои не се селектирани, не се вредни зад нив да се застане, во случај да имало некаков проблем во жирирањето“[1]?

Како да станува збор за некаква земјоделска задруга, каде родот е горе долу собран, каде навистина не прави разлика дали пченката, или пченицата, или што ли веќе садат на тој фестивал, е за килограм-два повеќе или помалку од лани, како да е толку битно дали доматите се розови или црвени а дињите од сортата „руски ананас“ или некоја друга. Во тие и такви задруги распослани (и) низ македонската култура навистина и не е битно дали има еден или десет поети повеќе или помалку, дали двајца или дваесетмина уметници не се појавуваат со години на ликовната сцена … За тие наши задруги е битно дали се на број оние неколкумина за кои што нивните управи се таму поставени: онаа лукративна багра преправена во културни задругари која десетина години се расшетува од една до друга задруга, битно е дали „нивните“ се на број и дали ќе го добијат договореното, дали ќе им дојде некој од „централата“ и како ќе го угостат … И што е тогаш важна таму едикојаси поетеса, која воопшто и не е „нивна“ а и не живее кај нас, која и така и така требала да биде елиминирана, а по грешка воопшто и била кандидирана за таму нешто?

14.

Кога една поетска манифестација што сака да се види себеси како светска, а која што впрочем, во минатото и се доближила до тој врв, е кога таква манифестација не’ прашува „Зошто имало потреба да се направи скандал поради еден автор? Зарем другите 40, кои не се селектирани, не се вредни зад нив да се застане, во случај да имало некаков проблем во жирирањето“, тогаш тоа е вистинската слика и прилика не само на македонската култура туку на целото македонско општество. А ќе имаше ли разлика ако беа два автори? Или седум? Дали тогаш проблемот за оваа задруга ќе беше посериозен, поголем? А ако тој еден автор беше некој од вашите, тогаш каков ќе беше проблемот? И ако се јавеа од началството, што ќе се случеше тогаш, ќе ескалираа ли работите?

Тоа целосно е во духот на новата македонска задругарска филозофија: дека не е битен поединецот, туку е битен колективитетот, дека индивидуата нема никакво значење за општеството туку важна е само задругата / нацијата! А во тој колективитет и во таа нација, сепак,  најважни се „нашите“, оние од глутницата.

Оваа нова македонска задругарска филозофија, впрочем, на дело се покажа во сиот нејзин „раскош“ и во неодамнешната скопска катастрофа каде, повторно, исплива прашањето: а што се прави толку галама за неколку приградски населби, а зошто се крева толкава ѓурултија за дваесетина жртви? И зошто воопшто се бараат оставки? Та нели  најважното – државата како задруга и раководната партија – се на сигурно и безбедни, нели таму нема штети и жртви? Тогаш чуму такви скандали и барање некаква одговорност кога сите сме одговорни за се’ што (ни) се случува, па и за поплавите? А и помошта ќе дојде, онака, со ред – прво нашите, па после … ќе видиме! И впрочем, направи ли некој идентификација на жртвите по партиска припадност, да се знае кој е кој, како што сега се прави за оние кои помагале во расчистувањето и за оние кои треба да добијат помош?

15.

Тоа е таа нова и бескрајно срамна, понижувачка македонска злосторничко партиска филозофија што во пранги ја држи државата цели десет години. Сокриена зад партизираниот бирократски говор – еве сега и „поетизиран“ – ја јавна и културата пребројувајќи ги и авторите, и уметниците и културните работници. Неспособна до зла бога, неука и самобендисана, се врти во сопствениот маѓепсан круг бркајќи си го опашот. За неа постојано има „одредени поединци и групи“, обиди за вовлекување во „политички и политикантски расправии“, секојдневно некој лошо им мисли ним, на лидеро, на партијата … а никако да си го видат голиот газ светнат пред светот.

„Со Македонија владее криминална банда“, вели „Зидвест пресе“, ама ним им е гајле се’ додека е тука државната каса да ги крепи. И гајле им е дали станува збор за еден или за десет автори се’ додека тие можат да уживаат во благодетите на нивното задругарство.

А ние, и ние како и Теофил Панчиќ се прашуваме дали воопшто постоиме „во реалноста“? Или само ги живееме злоделата на оваа злосторничка група како измислени статисти во нивната ефтина психодрама? И, како што вели Панчиќ, „ако сонувачот се разбуди, наебавме: ќе се распрснеме како авети бидејќи ние сме тоа“! Но сепак, дури и да е така, не би се трампел со нив, со нивната простотија, со нивниот примитивизам и нечовечност, со нивиот калливобалкански профитерски дух (и) во културата, во која што не можат да си најдат место со квалитет, па се упикуваат со шашми!

[1] (Аноним), СВП: Зошто се прави скандал поради еден автор? Слободен печат, 17 август 2016

ГЛУТНИЦА

или

МЕМОРИЈАТА Е КАКО ШИЛО … (4)

10.

Лошиот ден на проф. Шелева, за жал, потраја(л). Некои велат и цели десет години. Веројатно. Ама тогаш, во она време односно во тие (според некои – клучни!) 2009 и 2010  година, македонската јавност се диференцираше особено по однос на „Скопје 2014“: студентите од Прва архи бригада протестираа па добија ќотек на Плоштадот „Македонија“ (а нивниот тогашен декан, сегашен ала Шелева „гласен“ сенатор, молчеше „ко заливен“!), почна рапидно да се празни културниот буџет односно најголемиот дел одеше за кичот што требаше да биде инсталиран за да градот не ни „личи на паланка“ (ама за тоа Шелева, и не само таа, глас не пушти!), деноноќно се билдаше античкиот идентитет на македоноцот зашто, нели, според Шелева, сме немале „никаков идентитет“ … итн!

Само неколку дена по „историската“ расправа за паланечкиот лик на центарот на Скопје и благодетите што ќе ни ги донесат архитектине циркузанти, глутниците на власта одново се собраа, овојпат на трибината „Архитектурата и политиката“, организирана од Институтот за општествени и хуманистички истражувања „Евро-Балкан“. И таму проф. Шелева не додржала мирна туку, покрај другите вообичаени флоскули, прилично загрижено, рекла „дека архитектурата за разлика од другите уметности е во голема мерка исполитизирана“[1]! Што за нас е ново просветление и уште еднаш не’ зацврстува во мислењето дека професорката тајно се бави (и) со оваа професија а, веројатно заради скромност, не сака за тоа многу да говори.

11.

А сепак, за воља на вистината, на таа трибина во „Евро-Балкан“, се саморазоткрија уште неколкумина притаени архитекти. Дури и од поголем маштаб од проф. Шелева. На пример професорката по средновековна уметност Елизабета Димитрова особено вдахновено ги искажала своите импресии од „проектот“, но и своите стравувања: „Во однос на формата и содржината, мултифункционалноста, не гледам ништо спорно … Единствено стравувам дека проектот нема да може да се реализира до 2014 година, поради тоа што е комплексен. Императорите Јустинијан и Цар Самуил се дизајнирани на престол, а заслужуваат порепрезентативна форма“[2] (sic)! И, се разбира, за да и оваа професорка ги потенцира своите познавања, не’ просветлила дека „јадрото на целиот проект или бронзената скулптура на коњаникот на Александар Велики на плоштадот, е многу репрезентативно, раскошно и гламурозно замислен, со динамичка линија“[3]!!! Маестрално. И сето ова согледано само од она смешно видео клипче! Или, можеби, овие подобниве имале претходни консултативни состаноци за шизоидниот проект, па биле добро информирани? Којзнае?!

Нормално, во тие тогашни услови и при јасни наредби меѓу ова подобниве сигурно се разгорувал некаков натпревар кој посилно, и поглупаво ќе и’ аплаудира на власта, па можеби и затоа доаѓало до искази од секаков вид. На пример, поетот Ефтим Клетникот, како што пренесува цитираниот „Вечер“, целел да ја преземе тезата на Шелева од претходната дебата, па и тој не’ искара дека „скопскиот градски плоштад во споредба со европските метрополи е можеби најзапуштен плоштад. Кога нешто се гради треба да се поддржи со позитивна енергија, а не да се пристапи кон него деструктивно“. Ама и тоа му било малку, па засилил: „Некој се сетил да култивира, а ние со сета енергија се нафрлуваме да го деградираме од некој аспект“, рекол поетот кој во слободно време веројатно е „направи сам“ архитект!

12.

Знам, многумина би рекле: не е за чудење. Не знам дали не е, не сум сигурен дека можеме баш се’ да оправдуваме со нашиот познат лукративен менталитет (особено во интелектуалните кругови), со којзнае колку пати видената клиентелистичка понизност на едно огромно мнозинство токму од редовите на таа самонаречена интелектуална елита!?

Едновремено, ова е само илустрација дека проф. Шелева не била ни сама ниту единствена во „суицидните“ напори да се додвори на власта, ако треба и преку вакви конструкти. За воља на вистината, со нејзиното истапување во полза на писателката Димовска и одбраната на своите критериуми и принципи, таа е една од ретките (па нека е и задоцнето) која го крева гласот против наметнатите (очигледно) партиски, непрофесионални и секако нечовечни „ставови“. На другите такво нешто (се’ уште) не им текнува. Тие грчевито се борат и за последното денарче во државниот сеф!

Од друга страна, не би сакал да ја доведувам и Димковска во непријатна положба споредувајќи ги димензиите на нејзиниот случај со оние на Скопје 2014 односно поставувајќи ги прашањата како, и зошто, на проф. Шелева десет години не и пречеше „огрешувањето“ или „отстапувањето“ од сите темелни вредности во однос на разнебитувањето на целата македонска култура, вклучувајќи го тука и Скопје; „личните анимозитети“ и „идеолошките несогласувања“ кои што елиминираа стотици македонски интелектуалци од културната сцена; „параметрите / принципите кои не запираат кај Табановце или Ѓуешево“ во литературата, ама запираат во културата, и кај човечноста?

Развлекувањето на нејзините „аргументи“, велам, во крајна инстанца, повеќе би штетеле отколку користеле!

[1] Е.А., Скопје е метропола со најзапуштен плоштад!, Вечер, 18 февруари 2010

[2] Деспина Трајковска, Скромни идеи за историските личности, Утрински весник, 18.02.2010

[3] Исто

ЛОШ ДЕН?

или

МЕМОРИЈАТА Е КАКО ШИЛО … (3)

7.

Ако 2007 година беше година на наслушнување, опипување на пулсот, на прилагодување, иако и тогаш некои први потези на власта јасно најавија што не’ чека, веќе од 2008 само слеп, глуп или наивен можеше да очекува толеранција, демократизација, прогрес, ЕУ перспективност! Веќе на првите поединечни срамежливи реакции во јавноста за отворениот антидемократски курс, власта организираше партиски групировки кои што требаа да ги амортизираат, барем во почетокот, а потоа и целосно замолчат обидите за конструктивна критика, за барање аргументираност и професионалност во политиките. Веќе тогаш општеството, особено интелектуалната сфера и медиумите, се расцепија на огромно про-мнозинство намамено со клиентелистички и профитерски ветувања и сразмерно малубројни и критички настроени групи и поединци.

Еден од првите големи демократски тестови беше шизоидниот самонаречен  проект „Скопје 2014“, кој што дополнително ги поларизираше силите во македонското интелектуално милје. Власта бараше од своите поданици цврсто да застанат во одбраната на лудилото што требаше да го упропасти главниот град, да му го збрише дотогашниот лик наметнувајќи му квазимодовска „барокна“ маска. Зашто, веднаш по објавата на „славното“ трагикомично видео (4 февруари 2010), реакциите во јавноста не стивнуваа, а нивниот дијапазон се движеше од неверување до смеење! Затоа впрочем и контрареакцијата на шарлатаните од власта мораше да биде брза и сеопфатна, за што пак мораа да бидат впрегнати сите „заколнати“ приврзеници. Па веќе после една недела, во новооснованиот институт (sic!) „Димитрија Чуповски“, во одбрана на своите „трудови“ се најдоа авторите на објектите Градска куќа и Уставен суд, архитектите Коста Мангаровски и Слободан Живковски, потпомогнати со никој друг туку проф. Елизабета Шелева! Ако некој мене ме праша што и како таа барала таму – немам одговор. Ќе мора да ја прашаат неа. Или, можеби, архитектурата и урбанизмот и’ се хоби?

8.

Како и да е’, проф. Шелева не била таму само за да им чува страв на двајцана „архитекти“ или да ја претставува македонската интелектуална јавност од вмровска провениенција, туку држела и предавање за изгледот на Скопје, неговиот плоштад, за архитектурата и идентитетот и сл. Според неа, ни помалку ни повеќе туку „За жал, сега кога ќе ги видиме плоштадот и околината, гледаме вакуум, и тоа не само пространа испразнетост, туку немаме никаков идентитет. Плоштадот сега ни личи на паланка“[1], мудрувала Елизабета Шелева како во својство на врвен архитект и урбанист а не  професор на Филозофскиот факултет. Таа дури не’ искара и не’ просветли дека овој налудничав владин зафат всушност „е спас за сите досега исконски рамнодушни субјекти кон плоштадот и кон околината“! „Нова Македонија“ пак, преку статијата насловена „Со Скопје 2014 ќе се обнови душата на градот“ (од 12 февруари 2010) информира дека „Архитектите Коста Мангаровски и Слободан Живковски заедно со академскиот сликар Марјан Камиловски и професорката на Филозофскиот факултет Елизабета Шелева се сложија дека со реализирањето на проектот Скопје 2014 ќе му се врати загубениот дух на Скопје и дека тој повеќе нема да биде град на духови“. Се разбира, има и други такви бисери на професорката (на пример дека „сегашниот плоштад има незаокруженост на просторот и личи на паланка. Шелева посочи дека градовите можат да бидат личности кои нешто ни соопштуваат и нивниот идентитет се гради по хоризонтална и вертикална линија“, Нет прес, 11.02.2010), која што очигледно прилично запалено агитирала да ни го продаде овој владин проект!

9.

Се разбира, секој може да има свој лош ден, па и проф. Шелева. Тоа можело да биде нејзин лош ден иако, според извештаите, прилично агитпроповски  била ангажирана во докажувањето на добрите страни на шизофреното „Скопје 2014“.

Е сега, прво, од толку „првенци“ на властелата, како таа се нашла во таква „војничка“ улога? Се пријавила сама или не можела да одбие? И зошто? И не можела ли да „статира“, да глуми присуство наместо да пука од сите оружја, наместо да блуе таква нарачана (патем – идиотска) пропаганда? Зарем тоа таму, и тогаш, не било „соучесништво“ во „етички и естетички преседан“, како што сака сега да каже по повод оставката во комисијата на Струшките вечери; зарем тоа, тогаш и таму, не беше „огрешување или отстапување“, како што сега вели, “од темелните вредносни и етички параметри / принципи, кои не запираат кај Табановце или Ѓуешево!“?

[1] Деспина Трајковска, Нова дебата за одбрана на „Скопје 2014“, Утрински весник, 11.02.2010

МЕМОРИЈАТА Е КАКО ШИЛО … (2)

4.

Е сега, како се станува член на тоа „подобно друштванце“, онаа реалтивно мала група која решава за „всјо и всја“ во македонската култура? Врз основа на стручност и компетентност, знаење и познавање на нештата во дадената област, врз основа на професионалноста … и слични нешта или такозвани критериуми? Не, такви критериуми важат во цивилизираниот свет, иако и таму се’ помалку. Кај нас делуваат подземните, субверзивните „критериуми“ на идеолошко партиска припадност, како прво, а потоа листата се разгранува на подобни и по други основи: симпатизери, волонтери, мегафони или гласноговорници, интелектуална клиентела … итн. И овие „критериуми“ се менливи и растегливи, често кај одделни луѓе се обединуваат повеќето од нив, кај другите доминира само клиентелизмот и подготвеноста да се поддржи се’ што наложува главниот „стожер“ или, дури, и самиот Пастир, лично и персонално. Некоја од тие и такви „препораки“, претходно проверени низ праксата, се главниот адут во играта. Потоа, се’ е инерција и нештата си течат праволиниски! Константата е „тешка форма на соучесништво во злото“ (Тричковски).

Но има и една друга константа: меѓу таа подобна братија не се влегува ако некогаш, некаде, сте искажале критика, контра став, мислење … спротивно на званичните партиски односно владини ставови! Или контра нејзините политики, не дај боже. Во оваа држава се’ е дозволено, до извесна граница, се разбира, дури и криминалот, само да не се коси со партиските ставови и политики или интересите на властелините. Тоа е непростив грев и се казнува по автоматизам – членство на листата на неподобните. И тогаш сите (јавни) врати неповратно се заклучуваат! Нема проекти, нема комисии, нема одбори, нема прифатени проекти … можете да си ѕенѕате во својот маѓепсан критички ориентиран круг. Од него има само два излези: или ќе се прекршите и со некоја активност ќе станете клиент на злосторничкото здружение, или ќе ја одберете тишината на молкот, на повлеченоста, на „аполитичноста“ и незаинтересираноста, па тогаш, кога некој ќе одлучи дека сте превоспитани и доволно мирни, можеби и ќе се смилуваат да ве вклучат во некоја периферна ситнопрофитерска (не само културна) зделка!

5.

Мислам дека, горе-долу, или најгрубо поставено, тоа е основата на нашиот (не само културен) систем. И нештата се лесно проверливи, ако некој баш запнал да ги проверува. Нека земе список на сите одбори за државни награди во изминативе години, на сите можни комисии (ако му дадат), на сите управни одбори на националните институции и манифестации … Приказната е секаде – иста! Со гаранција од сто проценти таму седеле, и седат, луѓе кои се – директно или индиректно, на еден или на друг начин – клиентелистички врзани со властелата. Тоа е услов без кој едноставно не се може. А за да станете клиент, како што веќе реков, мора да се поклоните: пред лидеро, пред министеро, пред партијата и нејзините политики. Молкот не ве вбројува во таа братија!

Е сега, повторно, како проф. Шелева се најде во едно такво „друштво“ наречено комисија за наградата „Браќа Миладиновци“ во 2016 година, што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата? И не само во таа. На крај памет не ми паѓа да и’ ја оспорам стручноста и компетентноста за дадената област. Така, впрочем, индиректно би ја навредил и Лидија Димковска, која и не сакајќи се најде во оваа „џамбалаја приказна“, а таква намера навистина немам.

Или, ако сакате, повеќе ме зачуди реакцијата / оставката на Шелева, зашто и тие нешта, таквите „инциденти“ кај нас се несвојствени бидејќи, нормално, кај подобните не може да постојат несогласувања ниту по еден основ. Ако постоја, тие се решават спогодбено – денес јас, утре ти, или со амин на „началството“ – а ваква непослушност не се толерира. Затоа и без зачуден: од каде сега таков „отпадник“ односно „неподобен“ во една таква “престижна“ комисија? Да не би да ослабнало вниманието на надлежните, да не е ова некаков пропуст, шверц на некој неподобен во подобна комисија? Или се фаќа чекор со времето, идно и очигледно неминовно?

6.

И тогаш кај мене проработи меморијата, па со помош не ѓаволот интернет коцкичките се сложија. Односно, се покажа дека релативно одамна, оваа госпоѓа си извадила долгорочен билет за членство во сите наши престижни и непрестижни литературни комисии на властелава, и не само во нив. Или си го визирала пасошот, ако сакате, со трајна виза за влез меѓу подобните, меѓу оние кои одлучуваат за судбините на другите, делат награди и признанија и се’ друго што ќе затреба. И можеби не ќе го запаметев тој нејзин лукративен ангажман во името на властелата ако тоа не беше во мојата област, односно во областа која што не е нејзина – Скопје 2014!

Човек ќе си рече: кој се’ не кажа за тоа проклето шизоидно Скопје 2014 што мисли и како мисли, та сега секому ли кусур ќе му земаме? Можеби е и така, ама оваа госпоѓа никако не е „било кој“, а не е ни стручна, уште помалку компетентна за давање судови и оценки за тоа чудо. А згора на тоа нејзините судови и оценки се дадени во идеолошко партиските дувла на власта, каде што ретко кој (неподобен, слободоумен, критичен) е повикан и добредојден. Плус, или дотолку повеќе, што нејзините „ставови“ искажани апропо (тогаш, 2010) тукушто испилениот шизофрен „проект“ имаа сила на ударна тупаница на власта контра критиките што веднаш се појавија од компетентните за тоа поединци. И особено се крајно контрадикторни и спротивставени на ова што денес го проповеда проф. Шелева во нејзината оставка, а се однесува на одбивањето „да бидам соучесник во ваков етички и естетички преседан“, неприфаќањето „да се огрешам или да отстапам од темелните вредносни и етички параметри / принципи, кои не запираат кај Табановце или Ѓуешево!“!

МЕМОРИЈАТА Е КАКО ШИЛО … (1)

1.

Не верувам дека некој разумен нема да го разбере протестот на проф. Елизабета Шелева и нејзината оставка од жири комисијата за наградата „Браќа Миладиновци“ во 2016 година, што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата. И да го оправда, се разбира. Протестот, и оставката, доаѓаат „поради тенденциозната одлука на мнозинството членови во комисијата, книгата ’Црно на бело’ од Лидија Димковска да не биде вклучена во потесниот избор од пет дела“, вели таа[1]. Дури и оние кои не прочитале ништо од Димковска, но ги следат барем информациите од културата, ќе се сетат на сите признанија / награди што оваа македонска писателка ги добиваше последниве години на меѓународната литературна сцена (или, како што наведува Шелева, барем „пет важни и големи меѓународни признанија: германската награда за поезија „Хубер Бурда“, наградата на Европската унија за книжевност, романските награди за литература „Поесис“ и „Тудор Аргези“, како и европската награда за поезија „Петру Крду“- додека нејзините песни и прозни дела се преведени, застапени и објавени во врвни антологии и книжевни списанија, не само кај нас, туку и во светот“!

Некој можеби ќе се потсети и дека само пред некој месец на истата Димковска насилнички и’ беше одземена наградата за најчитан македонски автор, што ја доделува Библиотеката „Браќа Миладиновци“! Но тогаш никој не помисли на оставки.

Конциденција во двата случаи? Такви коинциденции постојат само на филм. Или во сказните, оние од македонска политикантска провениенција. Но, јас не сум компетенен квалификувано да ја оценувам литературата на Димковска. Можам да кажам личен суд, а тој е дека со уживање ги читам нејзините романи. Поезијата не и’ ја познавам.

2.

Но, во конкретниот случај ме интересира нешто друго. Прво, (Атанас) Вангелов вели дека „Убаво звучи сè што рече (и не рече!) јавно Шелева во својата оставка. Ама, би било добро да ни каже нешто повеќе. На пример, кои се тие силни таленти кои ја фрлиле преку палуба лириката на Димковска? Кои и какви докази стојат зад нив како сертификати за тоа дека знаат да судат за литература? Потоа, кој ги поставил таму и како?“[2]. Тоа, признавам, ме интересира и мене во прва инстанца – некој да ни ги соопшти тие „силни таленти“, тие македонски „стручњаци“ кои, како што вели Атанас, „ја фрлиле преку палуба лириката на Димковска“. Тие наши идиоти кои по втор пат за кратко време ја убиваат литературата на Димковска. Иако знам дека и овој скандал, како и многу други слични низ годиниве, ќе биде „секое чудо за три дена“. Тие ќе имаат свои „критериуми“, свој „став“, и тука (ќе) нема простор за дискусија. Зашто ние веќе свикнавме секој да има свој став, свој критериум, па и најголемите будали, и тие „ставови и критериуми“ да бидат валидни во оваа држава односно кога тоа некому му одговара. Иако, најчесто, будалите кои имаа такви „ставови и критериуми“ остануваа непознати – како, на пример, членовите на оние силни комисии во Министерството за култура, па надворешните консултанти во шизоидното „Скопје 2014“, итн. – зашто полесно е да се делува субверзивно од темница, под ќулавка. Тие, по правило, имаа(т) „ставови и критериуми“ како и владеачките политички шарлатани кои своите иделошко партиски желби ги простреа низ целото општество, вклучувајќи ја и културата, се разбира. А особено кога некој треба(ше) да биде – награден! Во оваа држава веќе цела деценија постои список за подобни за сите нешта (не само) во културата: за награди (државни или локални), за национални пензии, за национални уметници, за културни амбасадори, за автори чии бљувотини завиткани во проектна амбалажа поминуваат на годинишните конкурси на Министерството за култура, итн. И тука не може ни пиле да прелета а да не е аминувано од партискиот штаб и надворешните консултанти!

Но, со тек на времето, кога тогаш, ќе ги разбереме сите овие кои „стручно“ кумуваа на ваквите состојби (не само) во македонската култура.

3.

Она второто што подеднакво ме интересира е: како проф. Шелева се најде во една таква престижна (или ќе да е „престижна“?) жири комисија? Зошто го велам ова? Заради тоа што паралелно со списокот на подобните за награди во македонската култура има и список на подобни кои треба да одлучуваат за подобните за награди. Зашто, како би можело за подобни да решаваат неподобни или, ако сакате, како би можеле да бидете сигурни дека наградите ќе ги добијат токму тие на кои властелините одлучиле дека им дошол редот? Е па токму за тоа постои и листа на подобни членови на сите можни жири и селекциони комисии кои решаваат за сите битни награди, конкурси, програми, проекти … за секоја област одделно! За да властелините спијат мирно односно работите да се во доверливи раце. И тие, барем до сега, сосема добро тоест верно (на партијата, на властта, на еди кој си поединец … се разбира) си ја извршуваа(т) својата работа.

Затоа во таквите комисии за награди од секаков вид се ставаа(т) луѓе кои на еден или на друг начин експлицитно ја искажале својата припадност, подобност, верност кон каузата, кон актуелните политики, кон властелините … Токму затоа и тие списоци се прават во главниот партиски штаб, каде што со сигурност знаат кој колку е верен и заслужен. Затоа, впрочем, и во првиот миг бев збунет околу членувањето на проф. Шелева во една таква верна комисија, а потоа и од реакцијата. Ама, пусто, меморијата е како шило … а ако таа затаи, тука е семожниот интернет!

Но за тоа во следната прилика.

[1] Шелева: Давам оставка во жири комисијата за „Браќа Миладиновци“, Плусинфо, 13 август 2016

[2] Атанас Вангелов, Димковска и Шелева, Плусинфо, 14 абгуст 2016