Monthly Archives: July 2016

СИМБОЛИ

или

НА СПОМЕНИЦИТЕ НЕ ТРЕБА ДА ИМ СЕ ВЕРУВА (12)

34.

Иако претходно веќе беше спомната необјаснивата, фрапантната сличност на организацијата на овој споменик (не само) со оној во Кардиф, уште повоочливи се упатувањата (да не кажам присвојувањата) и на одделни елементи од вкупната композиција со познати детали од европското споменичко милје: квадригата (која што и не е квадрига бидејќи коњите не се впрегнати!), божицата, медаљоните … и слично. Или, на пример, нека биде и „квадрига“, нека личи и на некои други такви и толку пати веќе употребени симболи, но нејасна, или збунувачка, останува нивната поза! На страна што уметникот не се ни помачил коњите познати од неговите постари скулптури да ги прилагоди на карактерот на споменикот, туку едноставно пропорционално ги зголемил. Но збунува намерата, впечатокот / смислата односно можните читања на една ваква збесната „квадрига“ на место каде што треба да владее мир и почит!? Ако требала да се прави некаква паралела со коњичката поза на Букефал на Плоштадот, тогаш во тоа се успеало, ама суштината на двете спомен обележја што глумат споменици е сосема различна, па заради тоа и промашувањето е дотолку поголемо! Или, ако сакате, такви (аздисани) коњи има во квадригите поставени, на пример, на зградата на Бољшој театарот во Москва, или Александрински театарот во Санкт Петерсбург, ама и таму тие имаат сосемо друго значење и функција.

Или, понатаму, такви квадриги, па и со коњи во таква исправена положба (Велингтоновата арка во Лондон) се правеле низ цела Европа, ама тие се поставувани безмалу исклучиво врз триумфални арки (порти). Што ќе рече дека нивната функција е да го слават триумфот, победата, а не смртта. Да, некој ќе рече дека тоа се сведува на исто, односно дека нема победа без смрт, ама сепак не е исто. Бидејќи овде се слави жртвата, а не победата, односно онаа разлика што ја потенцира и Богдановиќ (во спомен „на жртвите, не на победителите“)! Оттука, кај нас, триумфалниот скок на четирите коњи го прави токму спротивното – ја слави победата наместо да ја почитува смртта, помпезно го вознемирува спокојот на хероите и сеќавањата на нив, манифестира наместо да комеморира. Или слепциве си правеле некаков свој споменик, за нивни потреби и „сеќавања“?

Од друга страна, како што спомнав, онаа квадрига што не е квадрига зашто коњите се невпрегнати односно се слободни, со самиот тој факт губи секаква смисла во контекстот на еден ваков споменик. Тие и такви коњи можеби, ако воопшто, би имале функција во некаков споменик на слободата, но овде – не. Овде попрво наликуваат на фасцинацијата со овие животни на к(р)ал Дрого и неговото племе („Игра на тронови“), но сведочат и за незнаењата на уметникот, за немањето вистински концепт и идеја не само за еден ваков споменик туку и за правилно разбирање на ова што самиот го направил!

35.

Вториот битен елемент во ова спомен обележје – споменик на „Паднатите херои“ е божицата поставена на еден (пре)висок столб, а која треба да биде римската Викторија, божицата на победата. И повторно незнаење во толкувањата на суштината, односно дека овој споменик не слави победи туку (ко)меморира смрт! На пример, кај веќе спомнатиот „Национален воен паметник на Велс“ (The Welsh National War Memorial), 1928 година, од Сер Џон Ниниан Компер во Кардиф, не случајно на столбот стои Архангел Михаил, а не некоја божица. Затоа што овој (арх)ангел е заповедникот на Господовата војска и воедно заштитник на борците (војниците)! Оттука, најприродно е еден таков лик да стои на паметник на паднати борци. Божицата на победата, Нике или Викторија (која што Аџиевски во една прилика ја нарекува „жената-ангел Викторија“, потврдувајќи дека појма нема што сакал да каже / направи!), е посакуван симбол кај спомениците што ја слават победата. А овде не станува збор за тоа. Или, можеби, навистина се слави некоја / нечија победа?

Оттука, ако два (коњите во т.н. квадрига што не е квадрига и божицата) важни симболи во овој споменик се дисфункционални односно целосно промашени, тогаш каква, и чија „приказна“ раскажува споменикот? Ако двата битни симболи се наметливи знаци за нешто сосема друго и попоинакво од основната цел / намена на споменикот, зарем третиот елемент може да има толку силно значење што ќе ги поништи првите два односно на споменикот ќе му ја врати смислата?

36.

Така доаѓаме до проблематичниот (сега веќе огаќен) Прометеј, оној кој ја предизвика целата бура односно „бес“ на протестантите од „Шарената револуција“.

Намерно ги потенцирам зборовите „сега веќе огаќен“ бидејќи оригиналната скулптура го претставуваше Прометеј како машки акт. Меѓутоа, многу бргу, безмалу само неколку дена по поставувањето, во јавноста се појави информација дека „Поставената скулптура на Прометеј во паркот ’Жена-борец’ веќе не е разголена. Спорните за дел од јавноста, откриени гениталии на митолошкиот јунак, од викендов се покриени со бронзена наметка налик на гаќи. Надлежните одлучија да ја облечат скулптурата по реакциите на голем број женски невладини организации, кои реагирале дека не доликува среде центарот да стои гол исправен маж, независно што станува збор за скулптура“[1]. Уште поинтересен беше фактот што авторот Аџиевски, „иако сметаше дека неговото дело не е спорно, сепак, по барање на инвеститорот Општина Центар, со бронза ја преработи скулптурата“!

Зошто го потенцирам овој факт? Заради (барем) два битни моменти: прво, не толку заради односот на „јавноста“ (нешто што се случувало и во културно поразвиени земји од нашава) туку повеќе заради односот на „надлежните“, и второ, заради односот на уметникот кон своето дело! И понатаму, двата моменти како суштински израз / став на сите инволвирани („надлежните, уметникот, државата …) кон споменикот во целина. За сето ова во следната прилика.

[1] (Аноним), На Прометеј му облекоа гаќи, Утрински весник, 27.05.2012

КОНТЕКСТИ

или

НА СПОМЕНИЦИТЕ НЕ ТРЕБА ДА ИМ СЕ ВЕРУВА (11)

32.

Следното интересно прашање, сврзано со (можеби непристојната компарација, но сепак) „Могилата на непобедените“ на Богдановиќ и спомен обележјето – споменик на „Паднатите херои“ на Аџиевски е: дали се ова споменици на војната? Веројатно да, иако всушност ги слават жртвите. Веројатно да, иако тоа експлицитно не го нагласуваат, но јасно е дека станува збор за жртви во војна. Во првиот случај, кај Богдановиќ, тоа е  евидентно уште од самото име на споменикот (иако можеби не докрај, зашто непобедени нема само во војните!), а во вториот случај („Споменик на паднатите херои“) е подеднакво јасно на кој и каков хероизам се мисли. Но, двата споменика немаат – или имаат недоминанти – визуелни белези што би упатувале на воени наративи. Кај Богдановиќ особено (последната, осма нимфа, само глуми „божица на победата“!), додека кај скопскиот споменик фигурата на божицата Викторија (Победа) прилично експлицитно упатува на војна. Иако, да речеме, двата споменика не инсистираат на вообичаениот „говор“ на оружјето, како на пример Споменикот на ослободителите на Скопје – секако еден од најрепрезентативните споменици од тој тип кај нас.

Меѓутоа, кои се, повторно, евидентните разлики во третирањето на односот кон жртвата кај двата споменика? Во Прилеп тоа е направено на суштински достоинствен, доличен комеморативен начин, со доза на присуство на духот на античката трагедија. Во Скопје пак нема таков обид – нема еп, нема почит, напротив, доминантен е чаламџиски патос и неприличен славенички дух!

Оттука, во еден ваков контекст, би можеле (само) да ги спомнеме и идеолошките теории коишто сметаат дека комуникациите и значењата имаат и социо-политичка димензија и дека социјалниот контекст е круцијален за нивната интерпретација. Оттука и прашањето, за какви различни, и за кои социјални контексти сведочат овие два споменика? Ако, како што смета Чендлер, знаците и’ служат на идеолошката функција низ „дефинирањето на реалностите“, за кои и какви реалности говорат овие два споменика, и „чии реалности се привилегирани а чии се потиснати“ (Chendler, 2007:11). Но тоа пак би не одвлекло во длабока социо-политичка анализа, со што би била запоставена примарната, естетската. Но, кога сме веќе кај темата, не смее да се заборави дека теориските рамки не му дават на аналитичарот цврсти, фиксни или универзални методи за отклучување на значењата што перманентно лежат во семиотичкиот „извор“. Секогаш мора да се има предвид дека создавањето на знакови е процес што расте и од интересите и од потребите на општеството на даденото време.

33.

Клучното прашање е, како што (парафразирано) потенцира Панофски, дали овие споменици ги откриваат базичните ставови на една нација, на еден период, на една класа или група можеби, одредено религиозно и филозофско убедување и слично.

Понатаму, а бидејќи веќе ги спомнав недоминантните визуелни белези, битен (иако, секако, не најбитен!) сегмент во овој вид споменици е и текстот. Бидејќи и текстот е културолошки и социолошки „пренесувач“ на одделни значења важни за разбирањето на споменикот. Зашто, уште Барт укажувал на релациите на текстот и сликата (овде споменикот), дека лингвистичката порака ги „збива“, ги компресира значењата на споменикот. Кај Богдановиќ, кој во принцип го одбегнува дури и овој „белег“ на неговите споменици, имињата се испишани во криптата и визуелно не го нарушуваат споменикот. Во Скопје пак, и нарачателот, и уметникот и тие коишто го одобрувале споменикот не успеале да видат ниту дека, на пример, зборот „Justitia“ (Правда) е напишан погрешно, како „Justicia“. И тоа, еве, веќе неколку години стои така, наспроти јавните укажувања! „Објаснувањето“ на Аџиевски дека „Justicia“ не е грешка, туку загатка односно дека тука „се работи за латински дијалекти на шпански и на каталонски јазик“[1] е само за мали деца од вмро-вска провениенција! Или македонските уметници последниве години навистина мислат дека може да им помине се’, секаква будалаштина која што потоа ќе се обидат да ја затскријат со измислици од типот на „латински дијалекти на шпански и на каталонски јазик“? И зошто воопшто дијалекти на овие два јазици, а не на кинескиот и кореанскиот? И што имаат паднатите херои со „латински дијалекти на шпански и на каталонски јазик“? Дали така им се зголемува значењето, чествувањето, херојството …? Или можеби правдата кај нас функционира само на тие дијалекти, а ние не сме знаеле? И ајде што ние не сме знаеле, ама тоа треба(ло) да го знае Специјалното јавно обвинителство, зашто очигледно заради тоа не им поминува ниту еден обвинителен акт. Можеби ќе треба да го напишат на некој од овие дијалекти? Како и да е’, нека е и загатка, но Аџиевски тогаш порача  дека „… сега нема да ги откријам одговорите на сите овие загатки“, ама оттогаш поминаа цели четири години. Не смета ли дека веќе е време да не’ просветли, да ни открие што сакал „писателот“ да каже? Зашто, како што поминува времето, ќе заборави и тој што сакал да каже, а ние ќе останеме ускратени од едно такво „уметничко откровение“!

Оттука, за каква сериозност, за каков однос (кон паднатите херои!), за какви пораки тогаш може тука да се говори, кога ни еден латински збор не умеале да напишат правилно туку сега се затскриваат зад „загатки“? Дали воопшто споменикот е тоа што треба да биде, дали воопшто некој сакал тоа чудо нешто да биде, дали воопшто некому му е важно тоа таму? За каква, впрочем, уметност односно „уметност“ воопшто може овде да стане збор?!

[1] (Ј.И.), Јустиција не е грешка, туку загатка, Дневник, 07.09.2012

ДВА СПОМЕНИКА: ЗНАЧЕЊА

или

НА СПОМЕНИЦИТЕ НЕ ТРЕБА ДА ИМ СЕ ВЕРУВА (10)

29.

„Могилата на непобедените“, едно од ремек делата на Богдан Богдановиќ во Македонија, била нарачана по повод одбележувањето на 20-годишнината од востанието / првата пушка во Прилеп. Веќе самата локација што ја одбрал градителот (вон понудените три), а којашто тој ја нарекува „воздушен споменик“, укажува на мудро око: на извишено плато веднаш до градот, на место кадешто претходно имало парк, релативно осамено и „празно“ а сепак достапно … на самата граница помеѓу урбаното и природното, со плаво небо како позадина (барем во тоа време, се разбира!).

И Богдановиќ „конструирал“ споменик – некропола, ремек дело не само за тоа време, без државни или партиски обележја, без идеолошки симболи … Само големи „деформирани“, односно женсковидно заоблени (7) столбови налик на јонски, високи 2.9 метри. „Моите нимфи“, како што ги нарекува авторот. Но тие се и надреалистички нимфи, зашто имаат две лица: во анфас и во профил. И всушност, целиот споменик е со доминантен женски принцип. Пред се’ заради „нимфите“, зашто жената го претставува континуитетот. Жртвата е дадена, но животот мора да продолжи!

Бидејќи градските претставници не биле целосно задоволни со понуденото и сметале дека мора да има и некакво победоносно обележје, Богдановиќ направил уште еден столб, повисок од другите и дијагонално профилиран во поднежјето и го нарекол „божица на победата“. Гладта за симболика била задоволена!

(Денес се среќаваат и поинакви толкувања за карактерот на споменикот, пред се’ на столбовите коишто, наводно, претставуваат урни, а најголемата пак го носи вечниот пламен, итн. Тоа уште еднаш говори за податноста на овој тип на споменици за разни наративи, за општи но и лични толкувања. Толкувањето што јас го давам се темели на искажувањата на Богдан Богдановиќ за овој споменик[1]).

30.

Не знам дали во еден ваков контекст смеам да го ставам и нашево спомен обележје што глуми „Споменик на паднатите херои“ во Скопје. Тоа веројатно би била длабока навреда и кон споменикот во Прилеп и кон неговиот автор но, од друга страна, станува збор за „тематски“ сличен контекст на споменичко одбележување и, според искажувањето на авторот на вториот споменик (Томе Аџиевски), за спроведување на сличен (антички) концепт. Аџиевски сака да потенцира дека споменикот е составен од неколку целини, што секако е евидентно, при што античкиот концепт е превземен преку трите дела: агората или светот на живите (со фонтана и фигурата на Прометеј), портата (со квадрилата како почит кон мртвите херои) како премин и конечно ротондата (со божицата на победата) како простор на мртвите односно на вечноста. И тоа звучи доста пристојно, да не речам убедливо. Иако и многу различно од сето она што го гледаме во потесниот и поширокиот круг околу ова спомен обележје. Што пак не го земам за негова слабост, дури напротив, но: дали тоа, таа различност од сите други спомен обележја што глумат споменици го натерала авторот да се дообјаснува себеси, и делото, преку краток текст – објаснение делено на новинарите? „Естетската рамка на проектот е класицистичка во постмодерна постапка што гази на тенката линија помеѓу културата и ангажманот. Препознатливи се германскиот неокласицизам во архитектурата и францускиот академизам во скулптурите. Проектот во целина е лишен од декорации со нагласен минимализам во архитектурата пропратен со модернистички скулптурални решенија. Инспиративен мотив за фигуративната скулптура на проектот ми беше концептот за рехабилитација на предвоената европска пост-Харковска скулптура. Моќниот ангажман кај скулпторите Вера Мухина, Георг Колбе и др, заслужува почит од денешна дистанца …“, вели Аџиевски во неговото писание. И колку и да е необично еден уметник – а Аџиевски тоа беше, за разлика од повеќето кои беа вклучени во „Скопје 2014“ – да си го „дообјаснува“ делото, овие неколку реченици само ни ја потврдуваат извесната конфузија во „концептот“: од класицистичка преку модерна до постмодерна постапка (три во едно!), од германски неокласицизам преку француски академизам до пост-Харковска скулптура и Вера Мухина и Георг Колбе (пет во едно), итн.

Во една анкета по повод целиот самонаречен проект „Скопје 2014“, за ова дело напишав: „Кога ќе го слушнете уметникот Аџиевски како го објаснува значењето на ’делото’, односно дека ’значењето е универзално, светско, сите елементи што се на споменикот се од универзална природа’ – се’ ви е јасно. Кога тој самиот не знае што направил, како ќе знаеме ние? Во секој случај, македонската историја на уметноста ќе го забележи како најголем (по димензии) плагијат на овие простори. Жалам што во минатото сум потрошил прилично време за овој ’уметник’“[2].

Или, ако сакате, ова „објаснување“ на Аџиевски само уште повеќе ни ја комплицира пробавната агонија со ова спомен обележје, зацврстувајќи го ставот дека авторот сакал многу да каже, ама не кажал – ништо! Односно, попрецизно, барем јас мислев дека ќе се „дообјаснува“ себеси тоест ќе посочи паралели со неговата постара скулптура (коњите, на пример), дека ќе скицира развојна линија во неговото творештво наместо да се обидува да се мери со немерливи нешта, особено нештата од европски ранг!

31.

Или, ако сакате, се’ што Богдан Богдановиќ успеал како емоција и уметност да извлече од „приказната“ за непобедените во Прилеп, сето тоа односно (приближно) истата приказна / тема Аџиевски успеал да го поништи со импостираниот златносјаен шум и „болните сетилни дразби“ (М. Грчев) што тој ги предизвикува. Зашто кај него нема ни меморија ниту комеморација, ни чест ниту почит, ни стојност ниту понизност пред саможртвата … Дури напротив, тоа спомен обележје – споменик како да е замислено да произведува непријатна звучност, дури силина на екот со неговата кичеста помпезност и непотребно перчење, со потенцираниот блескот и „суперчовечка“ предимензионираност. Нашиот контакт со него предизвикува контраефект: стриповска радозналост и вчудовидување, идеја за циркус или гладијаторски борби, нападна самопромоција и непријатна отуѓеност!

Но кога би можел(е) тука и да застанеме.

[1] Urša Komac, Pablo Guillén, Bogdan Bogdanovic and the public space to enjoy  solitude: Prilep, Travnik and Vukovar, S A J, 2011, 3

 

[2] Окно анкета за СКо14 (7), 10.10.2012

РАМНИШТА НА ИНТЕРПРЕТАЦИЈАТА

или

НА СПОМЕНИЦИТЕ НЕ ТРЕБА ДА ИМ СЕ ВЕРУВА (9)

26.

Пред извесно време се појави запрепастувачка информација дека Македонија заостанува повеќе од еден век во економскиот развој зад Финска, а причината за тоа, пред сè, може да се лоцира во третманот што оваа земја го има кон своите граѓани. Никој на направил истражување колку доцниме во творечкиот, во уметничкиот развој, но сигурен сум дека и тој податок подеднакво би бил шокантен. Дел од одговорот денес го гледаме низ македонските музеи и галерии, на меѓународните „изложби“ што со некоја смешна гордост ги презентираме низ разни ќошиња на Европа, на Биеналето во Венеција итн. Порано, пред дваесеттина и кусур години, сите некако бевме согласни дека во уметноста, односно во некои нејзини сегменти, доцневме два-триесет години. Денес – педесеттина, минимум. Ако пак компарацијата ја правиме врз основа на резултатите во монументалната, споменичката уметност денес, доцниме цел век. Или „вонвременски“ (како што Аџиевски ужива да го нарекува своето спомен обележје – споменик), зашто кичот нема временски граници!

А дека доцнењето цел век не е ни туку-така ниту пак со некаква злоба  кажано, сведочи дури и една сосема површна компарација на нашето спомен обележје „Споменик на паднатите херои“, 2012 година, од Томе Аџиевски во Скопје, и „Националниот воен паметник на Велс“ (The Welsh National War Memorial), 1928 година, од Сер Џон Ниниан Компер во Кардиф.

Станува имено збор за запрепастувачки ист концепт на отворена кружна колонада, со централна фигура на крилест гласник (во Кардиф крилеста машка фигура која го претставува Архангел Михаил, кај нас крилеста женска фигура која, наводно, треба да биде Нике / Викторија); во Кардиф коринтската колонада „ја затвора“, ја закрилува фигурата, кај нас неспецифираната по стил (модернистичка, постмодернистичка?) колонада пренагласено е надвишена од централната фигура; кај споменикот во Кардиф фонтаната е внатре, кај нас е надвор; кај Компер се претставени три скулптури што ги претставуаат трите воени родови, кај нас пред колонадата е поставена скулптура на Прометеј, со сосема нејасна конотација со темата. И едниот и другиот споменик се поставени во централниот парк, едниот во Кардиф, другиот во Скопје.

Ни едниот ни другиот споменик фактички не соодветствуваат со уметноста на времето во коешто се направени. Но, нашиов е направен речиси цел век подоцна! А ако кон тоа се додадат и сите други (најблаго речено) проблематични конотации, да не речам пресликувања, со некои детали од неколку други европски споменици, нашава приказна дефинитивно се трансфромира во блуткава пародија на нешто одамна видено.

WELSH MEMORIAL

27.

За да се разберат целосно спомениците како мултимодален „текст“, неопходно е анализите да одат до контекстот на нивната продукција. Зашто препознавањето на знаците е процес што се потпира на интересите и потребите на општеството на едно дадено време. Поточно, еден споменик не е „производ“ само на нарачателот и изведувачот (уметникот) туку врз неговото „производство“ влијае цела лепеза поврзани фактори. Целосното, или приближно целосното спознавање на говорот на споменикот воопшто не е лесна работа. Особено на споменици со такви претпоставено комплексни значења какви што би требало да имаат националните споменици.

(Ервин) Панофски препознава три рамништа на иконолошка интерпретација. На првото гледачот идентификува познати елементи, елементи што дури може да ги именува. На второто рамниште неопходно е поврзување на препознаените нешта со теми, концепти, конвенции, начинот на којшто тие се обединети итн. Третото иконолошко рамниште наложува интерпретација, што ќе рече дека гледачот мора да се впушти во полето на „симболичките“ вредности, оние со подлабоки значења, како на пример идеолошките  перспективи и слично, откривањето на нивои на значења, интуитивно поврзување и синтеза на интерпретациите итн. Нималку лесен процес. Или, поточно, зависи што е исправено пред нас.

Ако ова го преточиме врз рамништата на интерпретација на „нештата“ расфрлани низ скопското централно градско подрачје, одвај би дошле до првото рамниште, она на основната идентификација. И тука би застанале зашто нема што друго да се прави – „нештата“ се соголени вече на прв поглед, тоа што го гледате тоа е тоа што треба да го видите! Имагинацијата, мајсторијата, знаењето, умеењето … застанале веќе кај првиот чекор. Толкав им бил капацитетот. Сепак, и за тоа постојат учесни објаснувања во литературата. Но за то подоцна. Од друга страна, токму „нападнатото“ спомен обележје – споменик на „Паднатите херои“ се издвојува од овој галиматијас на праволиниска идентификација и барем во вториот чекор наложува извесен напор за сивите ќелии. Но и за тоа подоцна.

28.

Денес, после повеќе од половина век, особено со „производите“ од самонаречениот проект Скопје 2014, не сме многу подалеку од разбирањата на спомениците од времето на социјализмот. Во тоа време речиси секоја форма којашто не беше на прв поглед препознатлива, беше – апстрактна, модернистичка. Баш како и денес. И тоа не беше којзнае колку посакувано од власта. Иако добивме и силни спротивни примери – на пример „Македониумот“ во Крушево, и не само тој – но за тоа подеднакво беа заслужни уметниците кои не така лесно се откажува од нивните концепти, па макар и „апстрактни“ односно „модернистички“! Денес, македонските уметници чекаат пред вратите на политичарите за да го добијат својот „творечки концепт“!

Еден од таканаречените enfant terrible на тогашната југословенска уметност и архитектура беше протомајсторот Богдан Богдановиќ, чии споменици континуирано ги збунуваа и властите но и колегите. И постојано беа нарекувани „апстрактни“ и „модернистички“, иако тие навистина имаат многу малку допирни точки со асптракцијата и модернизмот. Југословенската монументална уметност пред Богдановиќ беше уметност на бисти и групни фигуративни споменици, спомен плочи и слични веристички одбележувања во духот на соцреализмот и читливото, препознатливото, традиционалното. Нешто слично како денес! Подоцнежниот модернистички дух внесува и апстракција, но главно се држи до проверените споменички формули низ коишто доминира победничкиот дух, херојството, вечноста. Како што вели Керин, „Како идеологија, модернизмот имал многу силна тенденција да направи нешто ново, вредно, конструктивно и футуристичко, што би останало за навек. Таа тенденција за долговечност навистина постоела, спомениците биле обмислувани и изработувани како нешто што би можело  да ја раскаже приказната кога нас ќе не нема“.

Пристапот на Богдан Богдановиќ е радикално поинаков. Неговите споменици / меморијални комплекси не го слават победникот. Ги слават жртвите, и тоа е првата битна разлика што овој автор ја воведува кај нас. Тие не се ниту еднонационални, зашто Втората светска војна во Југославија беше и граѓанска, братоубиствена војна. Оттука, тие не им припаѓаат исклучиво на една националност. И понатаму, тие не слават конкретна идеологија, најмалку комунистичката, зашто на нив нема идеолошки знаци, нема идеолошки обележја.

А всушност, неговите споменици не ни личат на споменици. Тие се сосема различни од се’ она видено пред и по него. Тие се објекти, градби, композиции … приказни … низ кои секогаш шетаат луѓе. Тие како да не се од овој свет, или барем не се од ова поднебје. Можат да бидат од Месопотамија, од Грција, од Индија можеби!? Односно, нивната филозофска нишка е митологијата, доброто и злото, архајската борба на овие два принципи. Секој во нив ќе го види тоа што го бара. Но тие изгледаат како да се останати од некоја друга, стара и исчезната цивилизација, типични сведоци на Времето за коешто не можете никако да кажете: Е тоа е нашето време!

Но, зошто го спомнувам Богдановиќ? Па заради фактот што треба да ги спомнуваме и да се мерме со навистина големите мајстори, а овој протомајстор остави свои ремек дела и во Македонија, кои што можат да ни послужат и како компарација со ова што шутрациве ни го нудат денес!

ANIMAL SYMBOLICUM

или

НА СПОМЕНИЦИТЕ НЕ ТРЕБА ДА ИМ СЕ ВЕРУВА (8)

23.

Наспроти фактот дека веќе пет-шест децении имаме Катедра односно  Институт за историја на уметноста, дека повеќе од три децении имаме Факултет за ликовни уметности, дека последниве години, во рамките на т.н. дисперзирано образование се отворија едно чудо универзитети / факултети што, наводно, се бават со уметноста, дизајнот, архитектурата, значи наспроти сето тоа, ние денес се судруваме со „нешто“ од форматот на „Скопје 2014“. Наспроти фактот дека имаме едно чудо дипломирани историчари на уметност – многумина со докторски и магистерски титули – па уметници, архитекти, дизајнери итн., тоа „нешто“ помпезно наречено „Скопје 2014“ ни се издигна буквално пред очи.

Наполно уважувајќи го ставот на Бурдие дека естетското искуство е сепак нешто што се учи, дека во таа насока огромна улога имаат институциите и училиштето, се разбира и семејството, сепак мислев, и не само јас, дека низ овие изминати децении македонското естетско искуство веќе одамна го поминало прагот на талкање во темница. Дека сме изградиле цврсти и способни институции, стручни поединци и некаква професионална етика, нешта низ кои што се филтрираат сите будалаштини од типот на „Скопје 2014“.

Па заради тоа, кога и да поминам низ центарон на Скопје, една те иста мисла не ми дава мира: како е можно? Како е можно во втората деценија на дваесет и првиот век некој да размислува на таков начин? Не само за уметноста или архитектурата зашто, практично, таму го нема ни едното ниту пак другото, туку воопшто – за културата, за секојдневието, за минатото, за меморијата, за одбележувањето, за славењето … Зашто сето она што го гледаме низ центарот на Скопје, а не е од типот на фамозните филмско-театарски кулиси што глумат сценографија за некаков антички град, сето останато, или поголемиот дел, може да се подведе под желбата, идејата, напорот некој или нешто да се одбележи, прослави, да се укаже / потенцира нечија големина или важноста на некој настан, да се потсетат сегашните генерации на нивните минати големци и случувања.

Впрочем, зборот споменик – а токму тоа се (или треба да бидат) сите оние вчудоневидувачки нешта околу нас на Плоштадот „Македонија“ – во македонскиот јазик е изведен од посочените нешта. Нешто што останува за спомен, што се спомнува, што (треба да) се памети … за секогаш. И, во основа, тоа не е спорно: некој решил – па нека е и без поширока консултација, па нека е и без посеопфатни анализи, па нека е и наспроти стручните укажувања – дека некои нешта неоправдано сме ги заборавиле и запоставиле, дека некои настани и личности заслужуваат поголемо внимание односно сеќавање, итн. (Релативно) ништо од тоа не е спорно. Но, спорно е: како е тоа направено, на каков начин, со каков „јазик“, со кои и какви пораки? А во тој контекст, секако, и спомен обележјето – споменик на „Паднатите херои“, со сите негови можни (не)скриени пораки и значења.

24.

Односно, според повеќето дефиниции, споменикот е тој односно монументалната (споменичката) уметност е таа со којашто се одбележуваат значајни настани и истакнати личности, нештата кои сакаме да останат во меморијата на генерациите како некаков национален незаборав, да бидат тука со нас денес но и за навек, нешта со кои се гордееме и сакаме тоа да му го покажеме на светот. Спомениците односно споменичката уметност, сепак, одбележува и неславни (во вообичаената смисла на тој збор) настани, трагедии и жртви, што ќе рече дека споменикот нема само и исклучиво свечен, среќен и глорифицирачки претекст и значење, туку може и да тагува, да сугерира незаборав во негативен контекст, да еманира предупредувачки пораки итн. Такви се, на пример, монументите за скопскиот земјотрес на гробиштата Бутел, монументалниот комплекс Јасеновац во некогашна СФРЈ, споменикот на големиот пожар во Лондон во 1666 година, „Могилата на непобедените“ во Прилеп итн. Што би рекол токму авторот на споменикот во Прилеп Богдан Богдановиќ, тие често се во спомен „на жртвите, не на победителите“.

Зашто, не само (условно) убави, славни, херојски нешта се дел од животот. Иако спомениците сакаат главно да се бават токму со таа страна на животот.

Оттука, секоја / секаква структура којашто е создадена заради експлицитно одбележување (позитивно или негативно) на настан или поединец, може да биде споменик. Тоа е првото рамниште на коешто се идентификува споменикот. И затоа споменик може да биде и архитектонска градба (или група на градби), и скулптура, и фонтана и … се’ што може да замисли и изведе човековата имагинација, а што е првенствено насочено кон одбележување на настан(и) или личност(и) важни за една (интер)национална историја, култура, наука итн. Заради тоа многумина за споменици ги сметаат и менхирите и долмените, па Египетските пирамиди, Партенон, дури и Ајфеловата кула!

Или, ако сакате, поедноставено: спомениците с(м)е ние, нашата култура, нашето разбирање на нештата, нашата симболика! Прилично (неоправдано) подзаборавениот Касирер (Ernst Cassirer), сакајќи да ја потенцира токму оваа страна на човекот, маестрално ја трансформира Аристотеловата дефиниција за човекот како animal rationale во animal symbolicum. Дали и колку ќе ја прифатиме денешнава симболика што ни ја (по)нуди Скопје 2014 за „наша“, не е (само) личен избор. Но, нема да згрешиме ако го прифатиме тврдењето на овој филозоф дека целата уметност, па и архитектурата, којашто тој дефинитивно ја гледа како уметност, треба „да се дефинира како симболичен јазик – како конкретна манифестација на единството на интуитивната и структуралната форма, со други зборови, како шема“.

25.

Најголемиот дел од спомениците се апсолутно идеолошки, односно се израз на одредена владеечка идеолошка матрица на тоа време. Особено спомениците од дваесеттиот век и особено во земјите зад некогашната т.н.  Железна завеса (но и во Мексико, на пример, па во некои комунистички општини во Италија и Франција, итн.) имаат доминантна идеолошко – политичка, а често и класна интонација. Многумина вакви карактеристики (тенденциозно) им припишуваат и на речиси сите југословенски (и македонски) споменици од тоа време, што е прилично дискутабилно, но тоа е друга тема. Но, ако тоа беше својствено за идеолошки втемелените општества – а денес важи ставот дека југословенското беше такво, па со тоа и македонското – и дека современата демократија е неспоива со каква и да е’ идеологија од тој тип, кому му беше потребно повторното оживување на старите начини на „славење“ на настани и личности? Или, уште попрецизно, зошто, згора на тоа, ни е потребно и оживувањето на некои дамнешни и неспоиви со слободниот дух „естетики“ во современата демократија, како што тоа го прави токму спомен обележјето – споменик на „Паднатите херои“?

ДВОЛИЧНОСТ

или

НА СПОМЕНИЦИТЕ НЕ ТРЕБА ДА ИМ СЕ ВЕРУВА (7)

20.

За да нема недоразбирања и можни грешки при парафразирањето, еве прецизен цитат: „За мене е неприфатливо од било каков аспект, нели нормално е некој да протестира, тоа е легитимно деморатско право и го почитувам тоа право, но да уништувате нешто што е создадено, дали сега, дали од овие генерации или претходни генерации, или нешто од идни генерации итаканатака, тоа е иднината на нашата држава, ние треба да уништуваме нешто што е создадено претходно, сега, или треба нашата младина во иднина да уништува нешто друго?“. Ова се зборови на онаа шушумига Канческа – Милевска која во слободно време, кога не работи на уништување на македонската културна и особено на македонското културно наследство, глуми министерка за култура! И ова е само еден извадок од  нејзиниот особено релаксиран и „интелектуално“ набиен разговор со стручњакот за култура и градителско наследство, такозвани „Јади бурек“ (07 јуни 2016г.), но битен за илустрацијата на уште една – покрај останатите – битна локална специфика за актуелниот однос на граѓаните (особено) на Скопје кон „споменичкото“ наследство на криминалната банда на власт, вклучувајќи го тука и спомен обележјето – споменик на „Паднатите херои“. Имено таа дволичност во прикажувањето на стварноста, таа итерпејовска  превртливост во вреднувањето на нештата, онаа слепа партиска приврзеност кон злосторот кон овој народ и неговата култура и уметност, покрај другото, е силниот мотив контра материјалните траги на овој режим. (Справувањето со духовното „наследство“ ќе биде подолготраен и помакотрпен процес!). На граѓаните на Скопје очигледно им дојде преку глава со нивниот град да си играат полуписмени шутраци и нереализирани типуси, да им кажуваат што е вредно а што не е, да ги уриваат децениските симболи на градот и буквално да му го менуваат личниот опис. Во таков контекст треба да се гледаат и активностите контра спомен обележјето – споменик на „Паднатите херои“, на т.н. Триумфална порта и објектите на неколку владини институции.

21.

Од друга страна, и во еден поширок контекст, едно од релевантните (локални и специфични) прашања во рамките на обидот за уривање на скулптурата на Прометеј како сегмент на спомен обележјето – споменик на „Паднатите херои“ е: зошто ваквата појава на галопирачка нетрпеливост кон одделни (материјализирани) белези на оваа власт не беше манифестирана кај нас во времето на распаѓањето на Југославија односно рушењето на стариот систем и замената со нов? Како што впрочем тоа се случуваше во повеќето тогашни социјалистички држави, како што тоа се случуваше во Источен Берлин, Романија итн. Зашто, ако имаше вистинско време за искажување на наталожените (негативни) чувства кон системот, ако имаше миг кога можеше да профункционира некаква (негативна) колективна меморија, тоа беше почетокот на деведесеттите години на минатиот век, преломен период возбудлив сам по себе, кога со системот се рушеа и митовите, а голем дел од нив беа „излиени“ и во тогашните споменици. А сепак, тоа изостана.

Една можна (идеолошки – пропагандно интонирана) хипотеза би била дека немало толкав број незадоволници да започнат таква акција. Но тоа, се разбира, не би било точно. А сепак, ќе беше „разбирливо“ токму во почетокот на деведесеттите години да ескалираат манифестациите контра стариот систем во распаѓање. Друга можна хипотеза е дека таквите случувања беа донекаде кај нас амортизирани со мирниот премин во нов општествен систем и реалтивно долгото владеење на социјалдемократската идејна матрица по 1991-та година.  Што пак не значи дека некои нешта не беа јавно искажувани, не „висеа“ во воздухот. Или – не се насетуваа. Особено желбите за повторното „читање“ на историјата, што пак, на пример, беше една од првите задачи на нововостановените демократии во Балтичките држави. Што и се случи. (Но не треба да се заборави дека овие држави повторно се пронаоѓаа себеси после повеќедецениска окупација прво од Германија, а потоа од СССР. И во тој контекст и спомениците се појавија како битен аспект во расветлувањето на односите помеѓу различните „пластови и рамништа“ (E. Jelin) на меморијата. Но таму, на пример во Естонија, но и во другите Балтички држави, овие прашања (т.н. „војна на спомениците“) се расчистуваа помеѓу локалното население и руското малцинство во тие земји).

22.

И повторно: односот кон историјата, одделни националистички истапи, маргинални манифестации на нетрпеливост кон остатоци од стариот систем (физичко оштетување на бисти на првоборци, менување на имиња на улици и сл.) беа безмалу разбирливи изолирани изблици. Но, симболите на тоа време, оние излиените во бронза или врежаните во камен, преживуваа. Иако некој повнимателен набљудувач или подобар аналитичар во некои потези ќе видеше претскажување! На пример, сето она што се случуваше во периодот 1998 – 2002: рушењето на џамијата на Имарет (како јасен нецивилизациски  чин и показател на варварското лице на „патриотите“, но и молкот на македонските „интелектуалци“!), уништувањето на Калето во Скопје и Плаошник во Охрид (како симбол на „почитувањето“ на историјата и културното наследство!) итн. За умни луѓе тоа ќе беа повеќе од доволни  (дволични) знаци! Ама на вакви како нас – мораше да им се случи 2006, се’ до денес!!!

ПРАВО НА ИЛУЗИЈА

или

НА СПОМЕНИЦИТЕ НЕ ТРЕБА ДА ИМ СЕ ВЕРУВА (6)

17.

Човековото право на илузија можеби не спаѓа во редот на основните човекови права, но подеднакво е гарантирано и неотуѓиво право. Иако, се чини, поголемиот дел од нас веќе одамна е „опериран“ од тоа право, барем во одделни сегменти на општественото живеење. Па така и јас немам никакви илузии дека, кај нас, е баш така лесно да се изведе солиден јавен споменик (на личност, на група, на настан …). Но има примери, и кај нас и во светот, кои подучуваат, во двете насоки: добрата и лошата. Има и доволно литература која што може да биде сериозна помош во конципирањето на еден јавен споменик и неговата реализација, во обидот за задоволување на сите, или повеќето, барани / очекувани аспекти. А тие не се мали, не се ни малку.

Намерно го потенцирам поимот „јавен“ споменик бидејќи сето ова ѓубре што го гледаме околу нас низ централното подрачје на Скопје се јавни споменици, во јавен простор, платени со пари на граѓаните и (наводно) наменети за граѓаните на овој град, и на државата, секако. Иако, во крајната инстанца, испадна дека оваа (прескапа) збирштина е (само)задоволување на  нечии илузии дека е голем политичар, државник, па и архитект. Од друга страна, да беше тоа некаква приватна зделка, некаква лична (или групна)  амбиција (па нека е и болна) да си направи свој циркус, за свои пари, на свој простор, не верувам дека некој нормален ќе се побунеше. Да си ги осмислија своите дворови со таков илузионистички декор, или да си купеа некоја парцела во некоја од приградските населби и таму да се изживуваа на овој начин, повторно, сигурен сум, никој немаше ни „а“ да каже. Ама, во оваа ситуација, кога станува збор за јавен простор и за (големи!) јавни пари, изживувањето на една група малоумници и повладувањето на личните болни илузии мора да предизвика реперкусии. И нив денес ги гледаме на дело, односно сега само како почеток на еден јавен референдум, на еден процес на преиспитување и справување со насилието манифестирано од една партиска врхушка.

18.

Следствено, и македонските „уметници“, оние кои партиципираа така жизнерадосно во упропастувањето на овој град и кражбата на народните пари, можат да продолжат да уживаат во нивните (бедни) илузии дека создале „нешто“. Но, нивните илузии бргу се распаѓаат под жестокоста на соочувањето со реалноста на народниот гнев. И допрва ќе се распаѓаат, и буквално!

Па така и авторот на спомен обележјето – споменик на „Паднатите херои“ може да си ја потхранува илузијата дека „Ова е политички мотивирано и не случајно се концентрирале на скулптурата ’Прометеј’ … Ним им беше најлесно ’Прометеј’ да го направат парадигма на оваа власт и на наводното фашистичко владеење“.

За „политичките“ мотиви на експонентите и учесниците во „Шарената револуција“ веќе доста пишував и тука нема што повеќе да се додава. Кога некој сака да ги затскрие своите нечисти политики, го обвинува за истите – другиот! Но, за вториот дел, она за „парадигма на оваа власт“ и за „наводното фашистичко владеење“ има богами подоста да се пишува. Зашто тоа е, повторно, ништо друго туку само илузија, лична и групна. И тука веќе – наспроти општите – навлегуваме во некои локални специфики на причините зошто луѓето, во принцип, уриваат споменици, или зошто токму овој споемник е мета на граѓаните на Скопје.

Мислам дека овде авторот се обидува да си придаде преголемо значење, поголемо отколку објективно (може да) има, и тој и неговото спомен обележје – споменик. Како што впрочем и целиот „споменик“ е една шарена лажа, ова е само шлаг на тортата, или црешката на врвот, како сакате. Не дека еден споменик на „Паднатите херои“ не би заслужувал да биде некаква парадигма на една современа власт, некаков национален симбол, па и во уметничка смисла. Но не овој, овој најмалку. И не на оваа власт. Зашто, тоа е барем познато, оваа власт „ја заболе“ за паднатите херои на оваа држава. Како што „ја заболе“ и за народот на оваа држава. Оваа власт има своја парадигма, има свој симбол, има свое „вјерују“, и тие се веќе општопознати од објавуваните разговори, а нивната материјализација е некаде далеку вон земјата, по разноразни белосветски островчиња познати како даночни раеви! Но, тоа се суштините што треба(ше) да останат вон спознанијата на народот, при што тој ист народ требаше да се замајува со материјализирани илузии за некакви длабоки антички корени, за големи идентитети и слични шарлатански приказни. Со такви бомбастични илузии требаше да бидат хранети два милиони луѓе, плус потхранувани со оживеаните фантазмагории од серијалот Скопје 2014. И токму таа приказна, со редица категоризирани херои, требаше да биде таа парадигма на оваа власт, за пред народот. А срцето на таа парадигма никако не може да бидат „Паднатите херои“, туку истата е сместена, како што соопшти веќе спомнатиот проф. Вангелов, „… во самото срце на Скопје како срце на сегашна Македонија …, и тоа е неприкосновениот Александар и сето она што тој го претставува односно што некој мисли дека го претставува. Затоа впрочем е и на тоа место, со тие димензии и „поза“, затоа и сите државно партиски манифестации се држат во негова близина. Та зарем малку тиради се изнаслушавме, од Пастирот па до оној смешнион Сламков, за идентитетот и самоидентификацијата, за античките корени на Македонецот, на којшто бандитиве не му оставија опција да верува во иднината туку го силуваа да верува во – минатото! И да живее од него, ако може. За тоа време тие живееа од неговите пари!!!

19.

Затоа, самозалажувањето, или илузијата на авторот на спомен обележјето – споменик на „Паднатите херои“ служи само за потхранување на личното его. И зарем тој навистина мисли, а и другите со него, дека младиве се такви тутурутки, безмалу како нив, па да кренат рака на нешто навистина свето, нешто што навистина им оддава почит на паднатите херои? И зарем тие исти млади, и не само млади, ако имаа барем и трошка верба, и илузии, за и околу вредностите и пардигмите на онаа смешна Триумфална порта, зарем ќе кренеа рака на неа? Зарем ќе ја „нашминкаа“ така како божем излезена од некој од фамозните скопски шминкераи, попознати како „академии“? Или, ако сакате, зошто ниту еден, и повторно – ниту еден од „Шарената револуција“, не посегна по Споменикот на ослободителите на Скопје, сега заграден во атарот на Владата на РМ? Ако можеа со катапултите да допрат до „белата шампита“, зошто не свртеа и накај споменикот?

Затоа, таквите малолетни ставови се дебело потценување на овој народ, на овие млади образувани луѓе кои умеат да препознаат вредност, традиција, квалитет …! Затоа, впрочем, спомен обележјето – споменик на „Паднатите херои“ секако е само еден од светликавите (и омразените) симболи на денешницата, но никако не и некаква парадигма со којзнае какво значење.

НЕГАТИВНА МЕМОРИЈА

или

НА СПОМЕНИЦИТЕ НЕ ТРЕБА ДА ИМ СЕ ВЕРУВА (5)

14.

Ако до сега е јасно – а јасно е – дека сите обвинувања за некаков вандализам, џихадизам и слични негативни „изми“ е само перфиден обид (повторно, по којзнае кој пат) да се затскријат вистинските мотиви на бунтот на граѓаните на Скопје против политиките на оваа бандитска власт и нивните криминали, тогаш може да се премине на едно поинакво рамниште на разгледувањето на „случката“ со (неуспешното) уривање на „љубениот ни“ Прометеј пред Собранието на РМ.

Оваа случка содржи (барем) две битни рамништа: општо – односно некои веќе (историски) манифестирани и објаснети примери што како матрица се пресликуваат во многу идентични или слични ситуации, и локално – оние финеси кои што на нашиот „случај“ му даваат специфични белези.

Oпштото рамниште, главно, го поставува прашањето: зошто луѓето воопшто ги уриваат спомениците? И тука можат да се сместат некои од спомнатите примери – спомениците на Ленин во бившите советски републики, спомениците на Садам Хусеин во Ирак, но и многу други. Во овој контекст можеме да се враќаме дури до осумнаесеттата династија на древниот Египет и времето на Екнатон (1353–1336) – револуционерниот (квази)монотеистички фараон – кој ќе ги сврти на глава долгогодишните традиционални религиски верувања во царството, што пак ќе се реперкуира врз целокупниот живот на египетското општество. Одмаздата на неговите наследници ќе биде сурова: неговиот лик ќе биде брутално изгребан до непрепознатливост од сите египетски храмови, а храмовите што тој ги изградил ќе бидат урнати! Само тук-таму сочуваните сведочат за неговиот (и на неговата жена Нефретити) вистински лик.

 

И таквата пракса ќе се повторува со илјадници години, менувајќи ги само модалитетите и обемот на акциите, а во името на одмаздата – религиозна, политичка, идеолошка, културна … И по правило, спомениците страдале први! Што секако има тесна врска со нивната основна функција: да бидат („вечни“) паметници на едно време, еден човек (власт, режим, поредок), една идеја!

15.

Оттука, очигледно не држат зборовите на еден американски конгресмен (Натаниел Меикон) од 1800 година дека „Со пронаоѓањето на печатењето, спомениците не вредат ништо“, изречени по повод тогашната иницијатива за подигање споменик на Џорџ Вашингтон. Конгресменот сметал дека зборовите а не камењата и статуите ги чуваат сеќавањата на големите луѓе. Современите просветлени нации, со изградени демократски институции и образовани граѓани немаат полза од такви „погубни акти на перчење“[1]. Впрочем тоа е само уште едно потсетување на познатите зборови на Перикле дека најзначајниот споменик е „всаден во срцето а не е врежан во камен“! Но, безмалу е незамисливо дури и современо општество без споменици. Што ќе рече дека многумина, како што тврди проф. Севиџ, се’ уште сметаат дека каменот (мермерот, бронзата …) ќе го сочуваат значењето (големината, важноста) засекогаш, дека „За разлика од историите и биографиите, кои што можат постојано да бидат ревидирани со текот на времето, еден споменик се здобива со вид на светост, недопирлив статус“.

Но, како што се подигале, така и се уривале. Можеби не со истото темпо, но сепак. „Њусвик“ се повикува на извори во Институтот за национално сеќавање во Полска тврдејќи дека во оваа држава набргу ќе бидат отстранети околу 500 советски споменици. „Гардиан“ пак наведува податок дека, на пример, се смета дека во Украина повеќе од 100 статуи на Ленин биле демонтирани за помалку од една година од времето на соборувањето на омразениот режим на Јануковиќ во декември 2013 година[2]. И намерно го наведувам зборот омразен, зашто негативните чувства се силен мотиватор, а омразата едно од најсилните, што пак директно води кон прибегнувањето кон насилен одговор / реакција. Односно, негативната меморија, таложена со години, некогаш со децении или векови, ги активира насилните механизми како директна одмазда за „изгубеното време“, за жртвите, за загубите … Тоа ќе рече дека меморијата е клучна за нашиот однос кон спомениците, но не онаа историска или т.н. универзална или објективна меморија туку колективната меморија нелимитирана во простор и време (Halbwach, 1950)! А впрочем, нам, во конкретниот случај, не ни е ни потребна којзнае каква меморија зашто ние  практично ја живееме и секојдневно ја (пр)оценуваме десетгодишната „историјата“.

16.

Или, ако сакате, ние на дело ја живееме Бодријаровата хиперреалност. Нам, денес и тука, свесно ни се наметнува една хиперреалност како замена за реалноста, состојба во која што реалното и фикцијата се измешани до крајни, дури непрепознатливи граници, соживеани една со друга и тешко одвоиви едната од другата. Ние веќе немаме механизми да ги раздвоиме и да кажеме каде завршува едната а каде почнува другата. Нам ни е наметната конфузија што го меша „реалното“ со разни симболи и знаци коишто создаваат слика што не постои / постоела! Сме ги задржале имињата и (донекаде) ликовите, ама во сосема видоизменет (да не речам лажен) контекст. „An image without resemblance“ (Deleuze). И тоа дефинитивно е хиперреално (општествено) злосторство!

Но, кога темелите на таа хиперреалност започнуваат сериозно да се нишаат, се манифестира насобраниот гнев. И се истура прво врз најблиското, врз репрезентите, па нека се и од камен, или бронза, како во нашиот „случај“. На нацијата очигледно и’ е доста од измислени митови и херои и нивните симболи овде на земјава. Особено ако тие говорат на некои непознати или немушти јазици, ако пелтечат како прволачиња или ни продаваат камуфлирани партиски „естетики“!

[1] Kirk Savage, Monument Wars: Washington, D.C, the National Mall, and the Transformation of the Memorial Landscape, University of California Press, 2009

[2] Agata Pyzik, Why Soviet monuments should be protected, The Guardian, 29 September 2014

НЕМУШТ ГОВОР

или

НА СПОМЕНИЦИТЕ НЕ ТРЕБА ДА ИМ СЕ ВЕРУВА (4)

11.

Оноре де Балзак умира во 1850 година, но требале да поминат речиси педесет години за да некој се сети дека славниот писател треба да добие споменик во Париз. На тоа се сетил Зола, и во својство на претседател на Друштвото на писателите на Франција протуркал иницијатива за нарачка на споменик на Балзак кај големиот Роден. Нарачката била исполнета и Роден го претставил споменикот во 1898 година. Наспроти неговото мислење дека споменикот е негово „животно дело, стожер на мојата естетика“, нарачателите го одбиле споменикот. Дури ни Зола не можел ништо да направи по тоа прашање. И тој споменик „чекал“ во ателјето на маестро Роден до јули 1939 да го добие своето место во јавноста, на аголот на булеварите Распаи и Монпарнас.

Оттука, дури и кога се работи за ремек дела (а споменикот на Балзак несомнено е тоа!) односно кога станува збор за врвни мајстори како Роден, не оди се’ баш така лесно и мазно, како што тоа им одеше на нашиве шустери кои ги штанцаа спомен обележјата наречени споменици и ги редеа низ централното градско подрачје. И тоа оди така лесно и без контрола само кога со таква работа ќе се зафати една бескрупулозна, автократска и манипулативна политика каква што гледавме на дело цели десет години, а особено во рамките на самонаречениот проект Скопје 2014. И токму затоа, повторно, најточна е несвесната забелешка на авторот на спомен обележјето – споменик „Паднати херои на Македонија“ дека акциите контра ова спомен обележје – споменик, но и не само овој туку и сите други од Скопје 2014, се „политички“ мотивирани. Само што во акциите станува(ше) збор за граѓански контра партиски политики, за демократски контра автократски постапки, за отворени и транспарентни наспроти тајни и манипулативни активности.

12.

Инаку, на спомениците, особено од овој тип, по ниту еден основ не може да им се одрече политизацијата односно политичката страна. И тоа никој паметен не го спори. Такви, политички „обоени“, се и повеќето споменици кај нас од времето на социјализмот. И тоа, повторно, никој паметен не го спори. И тие имаа цел / задача да слават едно време, една идеологија / идеали односно истите да ги овековечат, да ги монументалзираат на најдобар можен начин. А кога велам „на најдобар можен начин“, тоа и го мислам, односно дури и тие „комуњари“ – како денес сите се осилија така да ги нарекуваат, а до вчера им се клањаа – знаеа дека идејата, идеологијата, ќе биде најдобро преточена во монумент ако е реализирана од страна на најдобрите! Што ќе рече дека и тие „комуњари“, такви какви што биле, умееле да изберат вредност, квалитет. А зад изборот на уметниците стоеле и квалификувани комисии. „На пример, за подигањето на ’Македониумот’ во Крушево, во Комисијата бил Бошко Станковски (професионален политичар, подоцна претседател на Собранието), но и еден Антоние Николовски (историчар на уметност), еден Димо Тодоровски (скулптор), еден Спасе Куноски (сликар), еден Славко Брезовски (архитект), итн. Зошто ние се’ уште не разбравме кои се тие наши големци кои стојат зад ’нашиов’ т.н. проект ’Скопје 2014’? И кои се тие ’стручњаци’ што креваа два прста во полза на еден или друг ’споменик’ што како кукавички јајца ги подметнаа на секое слободно просторче во центарот на Скопје? И да го видиме нивниот кредибилитет и стручност за одлучување во наше име?“[1]. Затоа, всушност, денес и говориме за неодговорни политичари, за автократско делување, за манипулации … и за неодговорни уметници, помеѓу останатото. Зашто, ако вашето дело го оценуваат партиски послушници со крајно сомнителни квалификации за дадената област, тотално немеродавни поединци кои не умеат да разликуваат коњ од вол или Прометеј од Übermensch … тогаш за каква уметност можеме да говориме?

13.

Не е спорна ни вистината дека спомениците, особено оние од државен / идеолошки / политички тип, се – порака. И дека говорат на јазик којшто, наводно, треба да е разбирлив за сите, или барем за мнозинството. Но, кога „јазикот“ го одередуваат неписмени дилетанти, поединци кои во животот немале ама баш никаков допир со уметноста, уште помалку со монументалната уметност, тогаш тој „јазик“ се трансформира во своја спротивност. А во тој контекст ми остана запаметена една впечатлива анализа на проф. Вангелов на спомен обележјето – споменик „Воин на коњ“ како прв симбол на тогаш (и се’ уште) актуелната преродба: „„Поставен во самото срце на Скопје како срце на сегашна Македонија, тој симбол зборува многу, непрестајно и моќно за намерите и целите на таа ’суштина’, а зборува на еден особен начин, со стилот на својот симболички јазик. Иако тој јазик е немушт, иако никој не може да го чуе неговиот глас, неговите пораки се, помалку или повеќе, мошне јасни и разбирливи за секој оној кој, одблизу или од далеку, ќе воспостави некој контакт со тој симбол … Првата порака потекнува од самата грандиозност на таа фигура излеана во бронза по повеќе од 2.400 години од смртта на Александар, а во срцето на една земја која, по низа параметри не само што е најслабата и најсиромашна меѓу своите соседи на Балканот, туку и во Европа и светот. Таа грандиозност упатува, од своја страна, на силна, разорна склоност кон опсесивна мегаломанија“. И понатаму: „Од своја страна, склоноста кон мегаломанија, недвосмислено зборува за духовен склоп со нагласени авторитарни, деспотски својства … Со таа разлика што, еден мегаломан од форматот на Александар, со оган и меч, ја претвори во стварност својата мегаломанија, додека неговиот далечен наследник, неговиот екстатичен идолопоклоник Груевски најмногу што успеа е – да создаде привид, ’перцепција’, како што вели денес тековната политичка реторика, дека таа мегаломанија дошла до некои конкретни, опипливи резултати, при сè што нему омилениот израз ’остваруваме’ има необично висока фреквенција во неговите километарски, дебели ’отчети за сработеното’[2].

Или, колку за илустрација, можеби на македонскиот уметник денес му се поблиски „генијалните“ објаснувања на поединци од типот на некој Сламков, но и редица други, како божемни претставници на „академската“ заедница кои, како паднати од Марс, тртљаа за некаков национален идентитет, за некакви континуитети и слично: „Според мене, тука лежат причините за проектот „Скопје 2014“, во јакнењето на идентитетот, самоидентификација. Целта е денешниот Македонец да сфати дека е посебен народ со свое минато различно од она на соседите (се разбира, со нив имал поблиски или подалечни релации), дека Република Македонија не е никаква бановина или окупирана територија. Идејата е да се прикаже дека овој народ има континуитет од антика, преку Словените, до денес, дека во сите тие мешавини од луѓе јадрото е задржано, како посебен народ со своја култура, јазик, обичаи, територија, минато и иднина, па нека биде прикажано и преку спомениците“[3]?

И затоа, иако на сериозните луѓе им се крева стомакот од вакви малоумни „експликации“, тука се еднакво малоумните уметници да ги реализираат, да ги „оживотворат“, да им се најдат при рака на диктаторите кога ќе затреба, нешто слично како и оној Арно Брекер со Хитлер, од кого нашиов прометеољубец научил многу!

[1] Златко Теодосиевски, Македонската монументална уметност денес, (необјавен текст), 2014

[2] Атанас Вангелов, Првиот симбол, Facebook, 01 март 2015

[3]  Ѓорги Сламков, Зошто „Скопје 2014“ ?, Нова Македонија, 11.07.2012

„ПОЛИТИЧКИ“ ОДГОВОР

или

НА СПОМЕНИЦИТЕ НЕ ТРЕБА ДА ИМ СЕ ВЕРУВА (3)

8.

Не знам колкумина имале прилика да го видат филмот на Макавејев („На спомениците не треба да им се верува“, 1958) којшто ми го позајмува насловот за оваа серија написи. Со оглед на годината на настанување – малкумина. Не можам ни самиот да се пофалам дека сум го видел во интегрална верзија но, главно, станува збор за една млада девојка (Мирјана Ваќиќ) која (се обидува да) „води љубов“ со херојските споменици од времето на некогашна Југославија. И токму тоа очајно потсетува на нашиве барокољубци и нивните „споменици“ низ Скопјево, со кои што, очигледно, се подготвени и да легнат и да станат само за да го задоволат газдата им и главен инспиратор и режисјор на целава (очајна) претстава наречена Скопје 2014. И, како што веќе беше констатирано, не се срамат да потенцираат – како што впрочем тоа го прави и авторот на нападнатиот „Споменик на паднатите херои“ – дека тоа е политички проект пар екселанс, т.н. „славење на македонизмот“ (sic!), дека власта се обидела „да понуди своја естетика“ … итн. Власта, оваа овде, таква каква што е – неписмена, неморална, корумпирана, необразована, клиентелистичка – нуди „своја естетика“, во втората деценија на дваесетипрвиот век! Слави Боже идиоти и секаква друга глупантерија!!!

Ама затоа, кога добиваат (и) политички одговор на нивната политичка „естетика“, е тогаш тоа не било добро, не било цивилизирано, било вандалски и џихадистички! Иако, всушност, вистинскиот политички одговор на оваа идиотштина се’ уште не е дојден. А ќе стигне, кога тогаш, и тогаш ќе биде испорачан во поинаква форма отколку еден благ и пред се’ култивиран обид за симболично ничкосување на само еден, секако омразен, сегмент од тој споменик.

Велам дека политичкиот одговор допрва ќе дојде и тој секако нема да биде така култивиран. Она пак што неодамна се случи со оној Прометеј беше само најава на тој иден одговор, испорачана од релативно мирни, умни, културни млади граѓани кои и не беа баш така запнати да отвораат фронт со триесеттина полицајци кои божем го бранеа споменикот. Зашто, таму имаше барем сто пати по триесет демонстранти и тие, ако навистина беа решени нешто да уриваат, тоа немаше така да куртули! Ниту пак полицајците ќе успееа да ги сопрат.

9.

Затоа и тој (неуспешен) обид го гледам само како проба, како најава на вистинскиот политички одговор. И правен, секако, бидејќи и овој споменик, како и се’ друго, е – дивоградба. Роден е, и лулан, како мртвороденче, како манипулација и перфидна лага, без оглед колку авторот се пењави за некакви „легални демократски средства“. Таму, како и во целиот самонаречен проект, нема ништо легално. Зошто инаку би се викал „спомен обележје – споменик на Паднати херои за Македонија“[1]? И што мисли Аџиевски, кого успеал да излаже, како впрочем и сите оние негови колеги соучесници во криминалот Скопје 2014, а кои се буцаат в гради со нивните патриотски и семакедонски чувства? Не знаеле во што учествуваат? Или виделе лесна шанса за богатење, за неказнет грабеж на државни пари? Ама сега вандали и џихадисти биле граѓаните кои сакале да им ги рушат „легалните“ спомен обележја во вид на споменици? Затоа, кога Аџиевски, и не само тој, така загрижено се прашува дали „вакво нешто се случило во поранешна Југославија“, вистинското прашање би било: дали ваков криминал тежок милиони евра се случил каде и да е’ во светот? Та оттука, и да имало некаков „анархизам“ (sic!) од страна на граѓаните, тој секако имал поинакви мотиви!

Се разбира, јас (повторно) не ги исклучувам ни политичките мотиви – или подобро речено политичката / идеолошката ориентација – во делувањето на поединци или групи во „Шарената револуција“, вклучувајќи го тука и чинот на обидот за ничкосување на огаќениот Прометеј. Зашто, таквите потези неминовно добиваат и политичка боја, дури и кога тоа не го посакуваат. Таква политичка боја впрочем добивале и сите оние историски случки на уривање на одделни споменици низ Европа, а на кои што, демек со гадење,  се повикуваат нашиве споменољубци. Иако, нормално, забораваат, а веројатно никогаш и не знаеле дека, на пример, токму славниот Густав Курбе, претседател на Асоцијацијата на уметници на Париз и член на Комуната, во 1871 година го иницира отстранувањето на споменикот на Наполеон I од врвот на познатиот столб на плоштадот Вандом. Тогаш Курбе за себе велел дека настапува како „граѓанинот Курбе“!

10.

И токму тоа е одговорот, ако воопшто е потребен, на нашине бароковозљубени уметници и други душегрижници околу „политичките“ мотиви на обидот за уривање на огаќениот Прометеј. Зашто токму „Шарената револуција“ односно огромното мнозинство граѓани во неа ги искажуваа нивните граѓански и морални ставови не само контра скулптурата на Прометеј како таква, туку како симбол, или еден од симболите, на омразената власт, нивните политики и Скопје 2014 како дел од нив. Тој народ кај нас ја претставува онаа „јавна сфера“ (Хабермас), веќе згадена од коруптивните политики на власта, едностраната партизација на целото општество, вклучувајќи ги тука и културата и уметноста. Таа „јавна сфера“ секако има свои политички преференци, своја идеологија, но тогаш, и сега, настапува во името на граѓаните на Скопје и на Македонија. И ако таа намислила дека на Прометеј му завршило времето, ни кожни гаќи не го спасуваат!

[1] Записник од Комисијата за јавни набавки за спроведување на постапка за набавка со преговарање без претходно објавување оглас, одржан на 11.12.2009, Општина Центар, бр. 21-3332/7 од 15.12.2009