Monthly Archives: January 2018

ВЦ

Според луцидното согледување на мојот пријател Ацо Кондев, прифатениот (и) од нас поим „CV“ (во, по нашки, вообичаеното значење на биографија), во инверзна односно пермутирана кирилична варијанта ги дава двете (подеднакво сеопфатни во значењето) букви „ВЦ“. Велам сеопфатни во значењето – некои би рекле кумулативно – бидејќи во поновата историја (не само) на македонската култура она звучно „CV“ најчесто, на крајот, се идентификува со нашето „ВЦ“, во неговото полно (дури и миризливо) значење. Особено последната декада на нашиот културен развој посочи на цела редица такви „ВЦ“ биографии кои доминираа на македонското некултурно небо како опашести ѕвезди во вмронската галаксија. Добро, некои завршија таму каде што им е местото; некои (за жал) ги (от)пуштија; некои (покрај „важните“ ордени) се закитија со по неколку кривични пријави; некои чекаат ним да им дојде редот; некои пак  почувствуваа дека воздухот е чист и одлучија да проговорат дури и за македонската (не)културна мафија. (Иако останува непознато зошто молчеа досега?). Инспиративно, нема што. А многумина, односно најголемиот дел, притаено се инфилтрираат во новиот систем (на вредности?), и тоа токму врз база на некои нивни минати „ВЦ-а“ кои што сега успешно се преведуваат на новојазикот тоест се трансформираат во „CV-а“ кои, одново, ќе и’ донесат незапаметена слава на македонската култура.

Токму во еден таков „ВЦ“ систем се вклопуваат и повеќето од оние македонски самонаречени „естрадни ѕвезди“ кои повторно се обидоа безочно да зграпчат позамашно парче од културниот буџет. А кога не успеаја, се најдоа „изненаѓени и увреѓени“. Демек – они биле професионалци. Можеби, но токму од оној „ВЦ“ калибар научен да расте и да се гои само и исклучиво на државна цицка! Или, ако сакате, токму таканаречената македонска естрада е тој „фи 32“ – или колкав ли е веќе пречникот на таа канализациска цевка – низ која што со години се одлеваа, на еден или на друг начин, огромни културни пари откинати од македонската музичка дејност, но и од другите дејности. Или, ако некој памети, а ги има и такви, великодушно беа финансирани со наши пари безмалу сите нивни концерти, цд-а и двд-а, видео спотови и какви се’ не будалаштини што можеа да бидат смислени во нивните тикви. Оној пајташот на пуфлата на крилјата на џезот се шеташе низ Европа, една друга белосветска тутурутка божем ни отвораше некаков штанд на Азурниот брег, а паметиме финансирање дури и на една цела Блискоисточна турнеја. И сето тоа во името на македонската култура! Цел еден „ВЦ“ систем смислен да дренира огромни износи, а за кои што, ете, некои од таа бранша почнуваат и отворено да говорат. И ете, полека ги откриваме сите заткулисни игри и игрички (ама за големи пари!), па вистинското лице на некои бивши пионерски лидери и остала социјалистичка братија премачкана со сите криминални бои.

Иако, се’ уште, кај нас, малкумина ќе кажат дека на таа естрадна мафија навистина не и’ е место во културниот буџет, уште помалку на листите на (демек!) самостојни уметници, па национални велични и слични будалаштини. Или, замислете на што би личел британскиот културен буџет кога на него би се закачила целата нивна естрадна поп, рок, панк, џез … сцена. Не би останала ни фунта за сериозна уметност! Ама нашиот измислен и непресушен „ВЦ“ културен систем може да поднесе се’. И, за да нема недоразбирања: македонската културна сцена е сепак мала, пазарот никаков а приватната поддршка „мислена именка“. Оттука, и естрадата наоѓа(ла) најлесен начин да преживее и опстане во такви услови. И претходното не значи дека најдобриот нејзин дел не е автоматски дел и од македонската култура. Напротив. Или дека не треба да ужива некои од благодетите од македонскиот културен буџет. Но тоа се / би биле инцидентни случаи, осведочени вредности и проекти, а не систем на пљачка „кој како стигне“!

Се разбира, естрадата не е единствената издувна цевка на македонскиот културен буџет. Премногу „ВЦ-а“ наместо „CV-а“ ни шетаат низ културата, а нивниот број ни денес не се намалува, туку напротив – како да стануваат побројни. Оттука, еден од битните темелни стандарди мора да биде вистинската творечка биографија која не води сметка за личните, еснафските или партиските „непишани правила“ и пропусни вентили кои на многумина им овозможуваа(т) прилично лагоден живот врз грбот и за сметката на современиот уметник. Некој ќе каже дека изминатата деценија докажа дека македонскиот буџет е сепак солиден штом може да поднесе и такви грабежи од типот на естрадниот „ВЦ“ грабеж, па она „ВЦ 2014“, па едно чудо слични дренажни изложби, претстави, книги … Да, ама ние се’ уште не ги знаеме размерите на вистинските жртви на оваа култура, односно не знаеме што се’ било елиминарано за овие да се шепурат низ Европа и светот, да ги снимаат нивните ала Канго шизофрении и да си ги полнат сметките попатно урлајќи и по партиски и секакви други митинзи и прослави. Односно, сето тоа можат да продолжат да го прават, ама без пари од културата зашто, едноставно, таму не припаѓаат! Сведувањето на „ВЦ“ сметките, се разбира, допрва треба да дојде, и не само во естрадата која што, условно, јаде само еден мал дел од парите. Кога ќе се отворат вистинските „ВЦ“ одводни системи во заштитата (каде се офајдувале, со години, цели семејства), па во филмот (кој ги врти најголемите пари во државава), па во издаваштвото …

CV

Долго време во не така далечното минато ни требаше да ја разрешиме мистеријата на двете латинични букви од насловот, иако има(в)ме и соодветен наш пандан наречен – биографија. И го употребувавме, се разбира, кога требаше. Но, според нашиот востановен обичај попрво да ги прифаќаме туѓите решенија, тоа „СиВи“, илити биографија по нашки, ни стана дел од современиот живот. Веќе и бебињата се раѓаат со „cv“. Денес не можеш да бидеш дури ни хигиеничар – без каква и да е’ намера да ја потценувам таа професија, напротив – а да не приложиш „СиВи“ за својата компетентност и искуство за дотичната работа. Како да е тоа некаков крунски доказ за работливоста, познавањата на таа работа, за умешноста во справувањето со човечката нечистотија. Дури и на наш Бабо во Чаршија му го бараат, иако е од првите чистачи на чевли кај нас. Но, тоа „СиВи“, во оделни (ако не сите) професии – а културата секако е меѓу нив – е веројатно клучното јазиче на вагата на „успехот“ или добивањето на одделна работа, ангажманот во некој проект и сл. И ја заокружува приказната за компетентноста како некаков наш (не)стандард. Зашто токму тоа „СиВи“ е (велат) јасна, иако не (пре)голема, гаранција дека (барем) знаете да се „носите“ со тој вид / тип работа, дека (потенцијално) умеете да се справите со проблемите и предизвиците што истата ги носи и, конечно, дека (барем делумно) ја заслужувате таа плата што доаѓа со таа работа. (Без оглед што во некои „наши“ фирми можете како копирант да добиете и 25.000 плата, и тоа без „СиВи“ односно без искуство!). Според таквите конкретни наши „стандарди“ и оние бивши културни пулени – оние на пуфлата и на минатиот режим – беа меѓу најдобрите кандидати (барем во ЕУ) за сите културни функции. И тука неодминлива ми е, повторно, за жал (моја, а можеби и ваша) онаа „професионалкана“ од областа на филмот, некогашнана директорка на Агенцијата за филм и ред други „задолженија“ наредени како ордени, што во омразениот социјализам се нарекуваше – акумулација на функции! Таа, односно тие (зашто она е типичен пример), во изминативе десет години направија „чуда“ за кои на обичен смртник му е потребен цел живот: експерт ваков, експерт онаков; член ваму, член таму; директор овде, директор онде … Таа/ тие, за една (да простите – мочана) деценија ги извртеа сите места и функции што режимот ги овозможуваше, кај нас но и надвор, па и повеќе од тоа. Ги набилдаа СиВи-јата до небото, и назад. Знаеа дека ќе им треба за понатаму: за жалби и поплаки, за лажно претставување. Ама не дај Боже малку да прочепкате по нивното минато, по оценките на факултет, по биографиите пред режимот што така широкоградо ди наградуваше. И сите се една „слика и прилика“, сите се една иста песна, како впрочем и нивните партиски газди – тутурутка до тутурутка, безлични луѓе заскитани во одделни професии, неписмени или одвај писмени, осоколени од полетот на нивното злосторничко здружение, алчни по позиции, по функции. И по пари, нормално. Впрочем, умееа да го искористат мигот што траеше десет години! А ако ги побарате вистинските резултати од тоа нивно „работење“ и „стручност“, врвот ќе го видите во организацијата на еден (меѓународен) конгрес! И, секако, во здушното учество во разнебитувањето на македонската култура, елиминацијата на се’ што беше различно, поквалификувано, поумно од нив, што носеше дополнителни СиВи поени кај нивните стопани во партијата. Како што си ги набилдаа СиВи-јата, така набилдаа и една сосема „нова“, бездушна, иритантна, неинвентивна, анахрона и неспособна култура која сега ни Господ не може да ја оправи.

И таквите сега ни се (се’ уште) тука, со лопата да ги ринете и да не знаете што да им правите. А сите се со дипломи, со магистратури па и докторати – ене ви ја пуфлата за пример, подобар здравје, од неписмена секретарка до доктор на науки за десетина години! – и со партиски стаж еднаков на нивните работни „успеси“ набележени во СиВи-јата. Која се’ будала, на пример, немаше изложба во Њујорк (нема врска што никој не ја видел во таканаречениот Македонски културен центар!), колку се’ книги не се испечатија (кои никој не ги ни виде, уште помалку отвори), претстави се режираа и одглумија (за одвај стотина гледачи), колку само филмови се снимија и стотици милиони евра се потрошија од разноразни лабилни ајванки кои видоа дека тоа е всушност вносен партиски бизнис. Шетаа низ Европа и светот и им го поттураа под нос нивното СиВи, (пот)плаќаа со државни пари таму каде што беше неопходно, нивното „пиарчење“ во континуитет известуваше за нивните „успеси“.

Е тоа на Европа никако нема да успееме да и’ го објасниме. Такви „стручњаци“, „експерти“ од таков (партиски) калибар кој што потоа се идентификуваат со некакво (интер)национално рамниште, кај нив – нема. Дури и тие се чувствуваат нелагодно кога ги читаат нивните биографии, чудејќи се како некој може за една деценија да го оствари сето тоа за кое што (и) тие работат речиси цел живот. И ги споредуваат нашиве „експерти“ со локалните резултати / постигнувања во конкретните области и дури тогаш приказната им станува целосна мистерија. Такви експерти, со такви СиВи-ја,  а културата во нивната земја на рамништето на европскиот деветнаесетти век!? Се разбира, на крај и тие почнуваат правилно да ја читаат (и) оваа македонска (не)културна приказна! Ама, им треба време, многу време.

КОМПЕТЕНТНОСТ

Ние сите во културата сега би можеле да се правиме мутави дека „конкурсот“ на МРТВ и неговите „одлуки“ – ништо поразлични од оние кои беа носени изминативе години од страна на диригираните „патриоти“ членови на злосторничките комисии за поткуп во музичкото (и сите други) творештво/а во државава – е само уште еден мал „инцидент“, некаков рецидив од неодамнешното минато. И да велиме дека за тој тип луѓе времето застанало со бандитот експремиер и пуфлана како министерка за некултура. Истовремено (не) можеме да се правиме неинформирани дека слични (кадровски) „инциденти“ се случуваат и денес, и веројатно ќе се случуваат и во иднина, дека некои нешта, особено силните (групашко-пријателски, еснафски, партиски …) лобија и влијанија се често поставени и над здравиот разум во културата, дури можеме да тврдиме и дека не сме слушнале ништо ни за составот на актуелните комисии во Министерството за култура, чии што одлуки (признавам: со страв!) допрва ќе ги дознаваме, а се однесуваат на судбината на многу – намерно не велам сите – македонски институции и поединци во културата. (Велам дека намерно не велам сите зашто многу од нив – институции и поединци – ама баш воопшто не заслужиле да добијат ниту денар од државната каса. Зошто? Па, прво, заради нивните злосторнички гревови од изминативе години, второ, заради тоа што нивната функција во македонската култура е блиску до измислена, несоодветна, нејасна, што ќе рече штетна и само ангажира средства а не дава резултат, и трето, што на македонската култура навистина и’ треба она цунами за малку да го прочисти воздухот од разноразни бараби закачени на државната каса). И, се разбира, можеме да се правиме на триипол и да коментираме само по кафеанските маси дека ни приказната со повеќето актуелни (некои в.д. а некои богами и од минатиот режим) директори на националните институции повторно, по којзнае кој пат, драстично го отвораат прашањето на стручноста и компетентноста во македонската култура.

Се разбира, актуелната пљачка – зашто чинот во МРТВ никако не може поинаку да се дефинира – на државни пари за потребите на разни сониевци  и остала клиентела како нивно потенцијално последно (дали?) посегање во чекмеџето е скандал без преседан. А особено фактот дека во т.н. комисија, не само последната туку неколку по ред, учествувале (и) нестручни односно некомпетентни лица, поточно послушници спремни да реагираат на партиски или друг диктат само за да си го заработат хонорарот, а можеби и нешто повеќе, кога ќе му дојде времето, нели. (Иако овој скандал, според македонски стандарди, е помал, речиси незабележителен!). Ама овој „грабни и бегај“ резил не е од вчера. Односно не само за и околу таа/ тие комисија/и туку и за сите до една во времето на груевистичко-канчевистичкото киднапирање на македонската култура, ние (повторно) како да не сакаме да разбереме дека и во културата постојат стручност и компетентност, дека постои поделба на знаењата и надлежностите, дека културата не е алајбегова слама во која се валка како прасе кој како ќе посака. Или, ако сакате, ќе отидете ли на операција за жолчка, на пример, кај офталмолог? Или, ќе седнете ли во авион каде на пилотското седиште управува човек со автомобилска „Б“ категорија и абер нема од возење авион? Е па зошто културата би била поинаква односно зошто ликовен уметник би бил компетентен да одлучува за стручноста и издржаноста на одредена изложба, или зошто тромбонист успешно би ја оценил вредноста на едно композиторско дело, или зошто носач на кабли би бил компетентен за оцена на едно филмско остварување? Или, поконкретно: зошто еден груевистички „философ“ би бил компетентен за споменичка естетика (а пак женатаму, денес, за главна шефица во јавниот сервис), еден канчевистички „архитект“ би бил меродавен за скулптура, еден бивш политкомесар за уметнички комесар во Венеција, некоја полуписмена глуп(м)ица би била филмски продуцент а сестричката и’ дури и режисјорка, итн.? Кои, и какви се тие наши (квази)стандарди што допуштаат такви идиотизми?

Или, културата како најневажна работа во државата може да голтне и такви будалаштини, па дури таквите некомпетентни персони да ги поставува и на директорски места на најважни национални институции? Извинете ама кои и какви се компетенциите на сликар, поет или биолог да води национален музеј, или на театарски актер да менаџира театар, или на социолог или политолог да води младински културен центар? Се разбира, во 1945 година, и неколку години потоа, во насушната немаштина за високостручен кадар, (не само) во македонската култура на клучни раководни места седеле (партиски) луѓе без соодветно образование. Но, тоа било време на „ура“, но и време на висока лична одговорност, при што резултатите на одделни такви „нестручни“ луѓе во поедини важни за државата институции давале дури извонредни резултати. И тие луѓе (сепак – малкумина!) се паметат и спомнуваат до ден денес! А времето односно условите ги оправдувале таквите кадровски потези. Ама, во втората деценија на дваесет и првиот век да не сакаме да ставиме компетентен историчар на уметност на раководна позиција во музеј, или театролог (драматург, критичар) за директор на театар, е тоа тогаш отвора едно чудо дилеми за нашиот однос кон сопствената култура.

И тука дефинитивно нема оправдувања, уште помалку на навредлив однос или потценување кон некои професии. Напротив: секој треба да ја врши работата за која што се образувал! И како што историчарот на уметност не може да биде компетентен сликар (или скулптор), или театрологот компетентен актер – секоја често кон исклучоците – така ни сликарот не е образуван / компетентен да менаџира музеј, уште помалку да подготвува, реализира или оценува сложени проекти од областа на визуелните уметности или актерот да оценува потенцијали на еден драмски текст, проект и слично. Како што впрочем ни харфистот не е образован, уште помалку компетентен да оценува една опера, или симфонија! Зашто тука не станува збор за вкусови или допаѓања, туку за – стручна (пр)оценка на едно дело. Тоа, формално, му доаѓа исто како во таквите комисии да сте ставиле и стоматолог или фризер, а за директор во институцијата сте го поставиле вратарот. Се разбира, и во овие професии има сериозни познавачи, луѓе со врвно искуство и нивниот ангажман често е неопходен. Дури – посакуван, зашто искуството е рамно на неколку факултети. Но тоа се исклучоци, барем во европски рамки, а никако правило! И впрочем, колку такви големи, исклучителни и компетентни професионалци имаме во македонската култура?

Единствена професија за која што не се потребни соодветни квалификации и стручни компетенции – не само кај нас – е професијата на политиката, која што навистина толерира се’. Нема факултет за премиери или претседатели на држави, за министри и слични функции. Впрочем, ни успешниот политачар нема за економски советник да земе уметник, како што ни за уметнички советник нема да земе економист, нели?!

Иако праксата (сепак) востановува стандарди и граѓанството учи да препознава / распознава полтрони, криминалци, патолошки лажговци и остали пациенти кои сакаат на мала врата да влезат во политиката. И во власта. Но културата не смее да биде дел од опасната леснотија на тивкото укинување на стручноста и компетентноста, особено во време кога настојчиво се повикуваме на името, идентитетот, значењето на културата итн.

ПОЗАЈМУВАЧИ

Ми се допадна насловот на Ѕвездан Георгиевски „Ајде да се правиме глупави“. И соодветсвува со неговата тема за јазиците. Ама не сум сигурен во правењето односно дали ние, или барем некои од нас, навистина се прават глупави или, онака топтан, како народ, навистина сме тоа. Глупави, де. Како природна состојба. Со чесни исклучоци, се разбира, кои, за жал, ги нема многу! Но тоа е нешто што не се открива баш така лесно иако, историски – од подалечното но и од поблиското минато – се’ оди во прилог на таа теза.

Префрлено на теренот на културата односно уметноста и потребата од апсолутно и целосно менување на нашите поимања, однесување и вреднување апропо европските стандарди, нашата глупост оди дотаму што ние и видливото го правиме божем невидливо, очигледното го замаглуваме, затвораме очи пред цел куп сомнителни (најблаго речено) „остварувања“ што ни го „красат“ градот, државата, институциите. Нашите „творци“ во недостаток на оригинална идеја или искра на инвентивност посегнуваат кон „позајмување“ (како еуфемизам за плагијаторство) и од таму од каде што тоа не смее да се прави, а сето тоа го прават јавно, што би се рекло – транспарентно, со сесрдна поддршка на државата. Или, поточно, системот на „позајмување“ всушност и беше комплетно октроиран и елабориран токму од страна на државата и нејзините (највисоки) институции, што пак, нормално, потоа се шири како чума низ целото општество. И тука, можеби, не е толкав проблем плагијатот на некаков докторат на некојаси шушупатка докторка – иако оваа фела, но и не само таа, како да станаа шампиони во оваа дисциплина – туку истиот чин стана доминантен на ниво на држава, експремиер, институции, уметници итн. Впрочем, пред извесно време, токму на страниците на „Слободен печат“, јавно беше разоткриен и плагијатот на еден „професор“ по историја на уметност.

Па така ние, се разбира, во оваа наша се’ поприсутна „култура на позајмување“ славиме кога ќе се изгради уште еден „Флатирон“, овојпат на скопска почва, на архитектот-плагијатор сигурно му дале и соодветен хонорар, платени паланечки „новинар(к)и“ се воодушевуваат на „билдингот“, фирмата се крева во облаци, а направиле – што? Му дале задача на некое гревче да ископира изглед на една (оригинална) зграда во Њујорк (1902 година, што значи дека доцниме барем 100 години!) и да ја тупоса во Кисела вода. И тоа го разубавувало „работничкиот кварт“. О Господе! Но, нели и на еден друг (попознат) архитект му дадоа дури и награда за изведбата на КОПИЈАТА на некогашниот Народен театар во Скопје, па сега ја имаме онаа т.н. златна шупа што само го имитира некогашниот објект и во која што од сите страни тече вода?! И некој кажа нешто? Се разбира, во оваа насока неодминливо е и „Скопје 2014“ како вистинска државна „апотеоза на позајмувањето“, каде пресликуваа (главно лошо, нели) историски стилови, фасади, детали … сето тоа комбинирано со наш локален „творечки“ зачин со што целата приказна добиваше екстраординарно бурлескни димензии. А во таа насока, секако и оние чудни “совпаѓања“ (најблаго речено) кај неколкуте „скулптури“ во централното градско подрачје – повторно финансирани токму од државата како најголемиот поддржувач на „културата на позајмување“ – со очебијни „сличности“ во инспирацијата на нашиве позајмувачи со некои познати дела низ светот. И иако има обиди тие „совпаѓања“ да се протолкуваат како сосема случајни, тие тоа не се зашто такви „случајности“ во светот на уметноста – нема! А кога овој тип локална „културна“ практика би го прошириле и со примери од издаваштвото, па музичкото творештво и слично, којзнае до какви размери би дошле.

Ваквиот чин на негување на своевидна „култура на позајмување“ испраќа катастрофална порака до Европа, но и до младите кај нас, до сите нормални луѓе. Ние, всушност – тие, не така одамна, прибегнаа кон овој чин дури и при изборот на идејното решение за новите пари (за што пишував во неколку наврати), и сите здружено (сосе некои „новинари“) глумеа дека „не се од тука“! Нормално, кога се пари во прашање, нели?! Не случајно интелектуалната сопственост односно нејзината кражба во современиот свет се смета за едно од најнеморалните злосторства. И не случајно целиот свет полага толкави надежи во заживувањето на заштитата на авторските права на сите полиња на човековата активност.

Оттука, македонската култура (и уметност), а особено критиката – толку колку што ја има – мора остро да реагира на ширењето на оваа појава, особено во визуелните уметности. Повикувањето на финесите на постмодерната, на преплетувањето на изворите на инспирацијата или на „дозволеното“ цитирање, преземање, преработка и слично е прилично тенко во нашите случаи на очебијно директно позајмување од познати примери. Што пак, комбинирано со стручното слепило на партиските комисии, со отворената поддршка од неуката државата и нереагирањето на критиката создава забуни и негува непримерени начини на однесување во културата и уметноста. Тој агресивен тип на малтене државно координирана пиратерија е апсолутно неспоив со европските стандарди и практики.

(НЕ)КВАЛИТЕТ

Прашањето на квалитетот во македонската култура (и уметност, се разбира) е прашање целосно заборавено повеќе од една деценија. За тоа не е заслужна само културоцидната банда што тероризираше десет години со нивните „квалитетни“ испрдоци од малиот мозок кои што се обидуваа да ни ги продадат како некаков наш дострел. Сериозното вреднување во културата ни е слаба точка од поодамна, дури и кога имаше некаква (уметничка) критика (како важен предуслов!), која што исто така е поим целосно исклучен од нашиот сегашен културен систем. Затоа, дури и да претпоставиме дека некогаш ќе ги исполниме (приближно европските) стандарди за човечкиот материјал како еден од основните фактори за квалитетни (културни) институции односно барањето за стручност, компетентност и моралност како основни „привилегии“ за какви и да се’ раководни позиции во културата (но и во целата државна управа), па дури и дека ќе елаборираме (и примениме!) некои од фундаменталните теориски прашања во културата, остануваат уште редица други финеси покрај кои што минува(в)ме некако лефтерно, незаинтересирано, дури благонаклоно, повторно со нашиот типично провинцијален изговор дека, на пример, стандардот за квалитет е доволно растеглив да може да покрие се’, па дури и очигледно незнаење, неспособност, неукост и – кич.

На пример, на сајтот на еден наш „музеј“ стои (буквално) дека тој е основан во 2006 година како „прв специјализиран национален музеј во 28 вековната воена историја на Македонија со кој се манифестира осамостојувањето на Република Македонија и борбата за слобода и стекнување на државна независност“! Не само што е смешно, туку е – за плачење. А „музејот“ има одвај околу 300 артефакти, и уште 1100 заведени предмети под „друго“! Ама токму тој го манифестира нашето осамостојување, и тоа во 28 вековната историја? Или, онаа бившана канчевистичка филмска „професионалка“ (која што во кино влегла преку сила 10 пати), во нејзината плачка до европскиот филмски свет вели дека неодамнешниот ФИАФ Конгрес во Скопје (во нејзина организација, некои велат како мала селска забава) да ти бил „значајно признание на Македонското филмско наследство уште од времето на првите записи на браќата Манаки до денес“! Мислам, колку глуп треба човек да биде за да напише такви нешта? Па и да верува во нив?! И каков квалитет можете да барате од такви „директори“? Според рецептот, ние не би ни требало да работиме – само конгреси да организираме?

Е сега, поимот квалитет, колку и да (за некого) изгледа дискутабилен, е неодминлив дел од културата / културната политика, иако таа, во принцип, не се занимава со тоа, но сепак мора да овозможи услови за негово препознавање. И да, во одреден миг, поимот квалитет може да биде прилично дискутабилна категорија, ама само во одделни сегменти, и тоа само како стручна дебата / полемика, но никако не може да се поистоветува односно подведува под вкус или допаѓање зашто квалитетот и вкусот немаат ама баш никакви допирни точки. Тоа што цела деценија полуписменана булумента не’ убедуваше дека ние нешто не разбираме, дека за вкусовите не се разговара … тоа се само проѕирни финти на неук популизам што профитира од глуп народ подметнувајќи му рог за свеќа. Типичен пример е она чудовишно „Скопје 2014“ кое што баграна сакаше да ни го продаде – со наши пари, се разбира – како „игра на вкусови“, како „anything goes“ и слични божем (ворхоловски) постмодернистички идиотштини. Впрочем, истото се случи и со целиот државен апарат: подметнати полуписмени уличари со платени факултетски (и магистерски и докторски) дипломи, до зла бога неук и корумпиран полусвет претставен како некаква политичка, културна, научна и не знам каква друга елита. И, нормално, истиот принцип беше применет и во културата и уметноста, и тоа не само во кадровската политика, што некако и ќе се преживееше, туку пред се’ во онаа суштинска страна на културата и уметноста, во културните програми и уметничките проекти чие квалитативно рамниште достигна невидено кај нас уназадување.

Мигот кога квалитетот на човечкиот материјал, на програмите на институции, на секој одделен проект за кој што се потрешени макар и минимални јавни пари ќе стане најбитно прашање, кога ќе престанеме да ги броиме „проектите“ туку ќе говориме за нивниот суштински квалитет, тогаш ќе можеме да говориме за некакво сериозно реформирање (па и редефинирање!) на културата и доближување до некакви европски стандарди. И понатаму, за квалитетот нема да се (само)фалат директорите на институциите, туку тоа ќе треба да го прави компетентна критика, ако ја има. Зашто, и тоа ќе мора да го признаеме, конечно, нема квалитет без компетентна критика. А во наши услови, кога таа е намерно замолчена, еден од можните излези е токму идејата на Владата за некакво инвестирање во медиумите. Ама тоа инвестирање треба да биде влог во критичките потенцијали на оваа држава – културни, уметнички, економски, образовни, научни … и секакви други – зашто (само) тие можат да бидат соодветен коректив на јавните политики. Згора на тоа, и лесно се мерливи: колку критички прикази – толку пари. Се разбира, тука не ги подразбирам оние секојдневни бла-бла-средсело собири на одделни телевизии, каде гледате едни те исти луѓе од кои, во крајна инстанца, и немате што сериозно да чуете. А компетентната критичка мисла можат да ја финансираат самите министерства за своите ресори, месечно, повторно според формулата колку музика – толку пари. А ако таа „музика“ е од оној тип што поминува низ шупливите „критериуми“ на јавниот сервис за финансирање на самонаречената музичка продукција, тогаш нека си ја плаќаат самите!

ТРОПРСТИ ПРОФЕСИОНАЛЦИ

Кога говориме за стандарди, кај нас речиси ниту еден поим (во културата) не е компатибилен со европската култура. Говорам за суштината, не за формата, односно не дека ние немаме музеи, галерии, театри, библиотеки и слични „културни“ институции туку како тие функционираат, врз основа на кои и какви параметри (читај: стандарди!), со какви средства, со какви програми … И со каков кадар! Иако, по правило, секогаш се залагаме за некаква европеизација или професионализација на институциите, која што никогаш во праксата не ја спроведуваме. Особено во изминатата деценија, за времето на стравовладата на мафијашката киднаперска група, која што воведе свои (главно лично-уличарски) „стандарди“ за тоа кој е професионалец, односно кој и за што е стручен, квалификуван, компетентен. Иако и тука има извесни, нели, разлики, но тоа би било претерано ситничарење во наши услови! Или, подобро речено, они намерно ги измешаа сите поими, нивната форма и суштина, се’ со цел да се сокрие трагата на разноразните бараби кои под фирмата на завршен факултет – каков и да е’, а особено со дополнителни (главно ефтино купени) магистерски и докторски титули кои што никому не му служат ама баш за ништо – се шверцуваа на директорски и менаџерски позиции што бараа(т) сериозни професионални и стручни стандарди и компетенции.

Или, ви текнува ли на муабетот на оние две будали – бившиот премиер и неговиот шеф на кабинетот – околу идејата за музејот на македонскиот хорор (која што трета будала дури и ја филмуваше небаре македонско ремек „културно“ дело!) и како тие двајца си разменуваа нивни „умни“ ставови и планови за тој иден музеј божем се врвни национални стручњаци музеолози а не само две партиски шушумиги со неограничена власт? Е тоа е приказната за македонската професионалност во културата, тоа беше/е’ нашата културна стварност во која што секој може да биде што ќе посака, може да дели препораки, совети, да прави планови, да управува со национални институции како да му се некакво семејно наследство. Кога од највисока државна функција некој ќе постави таков јавен „стандард“, тогаш добивате приказна во која што буквално секој може да си закачи беџ дека е некаков фактор во некоја област, само ако беџот е солидно партиски верификуван и ако персоната, илити партискиот испрдок, умее да се фотографира со препознатливиот им знак на трите прсти на едната рака (што, наводно, ја симболизирал целоста на Македонија!). И тие и такви тропрсти „стандарди“ беа строго почитувани од злосторничката банда, како некаков знак, препознатлив код на некаква анахрона секта! Или, оние кои не се сеќаваат или не го слушнале „стручниот“ дијалог на двете спомнати шушупатки за основањето на музејот на македонскиот хорор, слободно нека го прочитаат писмото на онаа брбушка на пуфлата Канческа, онаа која глумеше директорка на Агенцијата за филм, а која што сега се жали низ белиот свет како некој овде ја сменил, а она не знае зошто, како она работеле стриктно по ПС, ама не кажува дека тоа ПС беше она на партијата на власт, па како она ти била некаква професионалка (останува нејасно во која област) и слични будалаштини. Таа дури го просветлува филмскиот свет дека и онаа криминална битпазарска зделка популарно наречена серија „Македонија“ била донесена во „crystal clear“ административна процедура! Заборава да го додаде само зборот „партиска“, што целосно ќе ја разјасни „процедурата“. И тоа за „професионалци“ од нејзиниот тип, овенчана дури со некаква “свечена грамота“, е врвен дострел во професијата на која што, всушност, никогаш и не припаѓала. Но, десетгодишниот културоцид во оваа земја спроведен токму од брбушки од тој тип ги остави во уверување дека тие навистина нешто знаеле и умееле, па сега запнале во тоа да го убедуваат и светот. И токму такви трампани „грамоти“, испазарени „проекти“, исцицани милиони и секакви „национални“ награди ги остави во уверување дека се некој и нешто во оваа култура. А сепак, кој ни е крив што ние цела деценија, самите срамејќи се од нивните злодела во културата како да се наши, не ги активиравме нашите контакти во светот објаснувајќи им ја вистината за Македонија? Ама затоа, сега, овие бараби да ти биле во „интелектуален, психолошки, социјален и политички шок“! А кога тие ја шиканираа целата македонска култура, десет полни години, од ден во ден, од месец во месец, тогаш другите не беа – во шок? Можеби беа во рајот, оној нивни, смрдлив, партизиран, криминален? И сега мислат дека заради нивната партиска професионалност не смеат да бидат сменети, па ни кривично гонети? Или треба да им подариме уште некоја грамота, како благодарност од упропастената македонска култура?

Но тие бескрупулозни натрапници поставија дузина (не)културни „стандарди“ кои што уште долго ќе се рефлектираат на македонската културна сцена. Тие партиски „стандарди“ од типот на брбушката и други (тропрстни) директор(к)и, на разноразни национално-партиски „уметници“, на лабилни полуписмени продуцент(к)и, на етноведети и остали квазипрофесионалци се вистинската смртна закана за денешната македонска култура. Зашто тие – а ги има премногу – всушност ја заматуваат реалната слика за тоа со што „на дело“ располага македонската култура и на што во иднина може да се надева. Само вистинската професионализација, онаа со име и презиме но и со реални биографии за стручноста и компетентноста, а вон недрата на партиските штабови, може да внесе сериозни и компетитивни стандарди според кои понатаму ќе се мери и одредува квалитетот како безмалу целосно заборавена категорија во културата и уметноста кај нас.

КУЛТУРНО ЦУНАМИ

Животот е минлив, и менлив. Политичките системи се минливи и менливи, тоа го видовме и „во живо“. Општествата константно се менуваат. Ако сакате, менливоста е суштината на универзумот! Па оттука и културата и уметноста се менливи. Освен кај нас. Или, ако некако се намолиме да ја прифатиме менливоста како несоборлив аргумент, барем да биде што помала, минорна по можност, и да не чепка во стекнатите / наследените права. Но, таква култура, таква уметност – не постои! Барем во познатиов свет. Ние би се’ да е по старо. И е’, што е најинтересно. Желбите ни се исполнуваат, како и на сите идиоти. Додека светот чекори напред во километри во културата и уметноста ние одвај мрдаме за сантим-два, често и во обратна насока. Влезете во некој од скопските / македонските изложбени простори и ќе видите уметност како од пред три-четири децении. Не само како израз туку и како организација, поставка, концепт … Кај нас луѓето уште си шкрткаат и си ги (пот)пишуваат имињата врз уметничките дела како пред двесте години во тунелите на египетските пирамиди или врз колосалните столбови на Карнак и Луксор. Ако пак ова се случува во национални институции, како ли е другаде?

Сосема слична ни е состојбата и во музеите, во театрите, не само со творечкиот израз што соодветствува на некое време пред половина век туку и со вкупниот третман на поставките, на изведбите, на односот кон публиката … Па нели го чекаа шутракон цел час за „концертот“ апропо нивното партиско „отворање“ на Филхармонијата? (Ако ги спомнам библиотеките ќе преминам веќе во средниот век, а не сум подготвен за тоа!). Кај нас уште сите сакаат да бидат на државниот буџет зашто се плашат од паланечкиот ум на општинските власти и нивниот „однос“ кон културата. Ќе ги остават на улица! И не дека тоа не е разбирливо, ама сепак – ова е дваесет и први век. Нештата и во оваа држава, без оглед што е на Балканот, треба да почнат да се менуваат, нели?! Ама ние, по ѓаволите, градиме „ново културно наследство“, и тоа врз старото културно наследство!!! Како на Плаошник, како на скопското Кале, како со објектот на Муличковски. Државата (секуларна!) се’ уште гради и цркви, и џамии! Знаеме ли воопшто во кој век живееме?

Нам (и) во културата и уметноста не ни се потребни трансформации, па дури ни промени, па нека се и со големо „П“. Нам ни е неопходен силен бран – некакво културно цунами – кое што ќе ги збрише старите односи, наследените „права“, закостените разбирања. „Новиот културен бран“ во таа смисла беше само летно ветре, иако навести некакви потенцијални бури.

Културната политика (барем во) Европа е политика на дилеми што постапно се разрешуваат, низ теоријата и низ праксата. Ние како да ги немаме. Дилемите. (Божем) се’ кај нас е познато, јасно, чисто … А не е, воопшто. Се’ е уште како, на пример, во осумдесеттите години на минатиот век, само многу полошо. (Тогаш, барем во ликовната уметност, имавме сериозни поместувања – еве, прв на ум ми паѓа Глигор Стефанов и неговите тогашни инсталации – а денес не знаете кој е поочаен: професорите на ФЛУ или нивните студенти!). Ние се’ уште живееме во времето на државните команди и се крстиме во нив. Но времето на командите одамна е поминато. Денес државата може, и треба, да влијае, но не да командува. Впрочем, тоа го имавме токму до вчера. Со очајно лоши, и криминални, команданти. Но македонската култура уште чека команди. Така и’ е покомотно, сака друг да и’ каже што и како да прави. Ама тоа да биде лефтерно, онака – благонаклоно, со молење ако може.

Европската теориска мисла (Бианкини, Ландри, Матерасо и многу други) размислува за дилеми во културата, во уметноста, оние од типот дали културата е уметност или начин на живот, за културната демократија или демократизацијата на културата, за уметноста како јавно добро или уметноста како кондиционална активност, за уметноста како субвенција или инвестиција итн. И тоа се дилеми од пред дваесетина година, што ќе рече дека денес се веќе разрешени, или на пат кон разрешување, низ културните политики на сериозните културни демократии. Тоа до нас не допира, дури иако е ставено во некаков стратешки документ со задоцнување од цели две-три децении. За многумина тоа е само лист хартија, а македонската култура се’ уште размислува за „категориите“ хонорар, профит, позиција, привилегија … се буни заради укинувањето на „националните“ уметници (кои никогаш тоа не ни биле, туку само минорни партиски послушници!), заради националните пензии итн. И да, и Европа мисли дека културата е неделива од националниот идентитет но, прво, на идентитетот гледа многу поинаку, а потоа, работи на зачувувањето на тоа што навистина е потврдено како национален идентитет во културата. Шведска, на пример, со право ги смета нејзините особени архитектонски традиции за дел од тој национален идентитет и како такви ги штити. Ние? Па ние си го имаме „Скопје 2014“ како наша „традиција“ во архитектурата! И дополнително, ние си ги чукаме главите колку високо треба да биде минарето на Али пашината џамија во Охрид! Ама никого глава не го болеше кога употребуваа динамит на Имарет, во истиот град!?! Оние од фамозната (мафијашка) Управа во тоа време се думаа само колкаво количество динамит е потребно, пред да ја дувнат некаде низ светот, на нивните познати туристички патувања?!?

Така, драги мои, ни се создава култура ниту пак се зачувува некаква културна традиција. Неа, културата, не можат да ја создаваат пробисвети залегнати во државниот орган надлежен за работите во културата, уште помалку можат да ја сочуваат бандити распиштолени во слични државни управи и агенции, кои и денес ни се смеат од истите места. Со такви пробисвети и бандити, но и со култура која што останува закостена во едно далечно време само заради своите лични и групни интереси, Европа нема ни да ја помирисаме. Иако, впрочем, таа иста Европа нема којзнае колку да жали за тоа. Но, ќе жалат нашите / вашите деца, внуци, младите генерации растени во овој апсурден „културен“ амбиент каде крадецот е ценет а уметникот шиканиран, каде партиската бараба или опортунистот добива национални награди а сериозниот културен работник шипки, каде неспособните етнодиректори се недопирливи заради партиски интереси а не заради нивната способност итн. Во една таква „култура“, културното цунами е неопходна, не само посакувана случка!

ЧОВЕЧКИ МАТЕРИЈАЛ

Што е првото што треба да се научи на патот кон стандардите и европските вредности (не само) во културата или, поблагоо кажано, кон некаква (нова) цивилизираност на македонската култура? Многу нешта, се разбира. Некогаш треба да се почне и од тоа дека на соговорникот треба да му се каже добар ден, да му се понуди да седне, или чаша вода, можеби. Да, треба и тоа, зашто некои наши (не само) „културни“ директори и „национални уметници“ ни тоа не го научиле дома! Иако некои ова, токму заради тие причини, го нарекуваат и домашно воспитание. Ама често изостанува, нели? А сепак, во една поширока смисла и тоа влегува во културните стандарди (кои што ги немаме) на средината.

Но добро, во насоката на европеизацијата односно стандардизацијата според европски терк во македонската култура, сосема легитимна чуденка би била: како ова кореспондира со најновата прогноза на Светска банка дека на Македонија ќе и’ требаат барем 30 години за да се доближи до стандардите на ЕУ. Или, ако економскиот раст даде гас и малку повеќе забрза, тогаш тој рок ќе се намали на 15 години!? Но, ова важи за вкупниот македонски стандард, не и за културата. Иако, повторно легитимно, некој уште еднаш ќе праша: а со што тоа македонската култура се издвојува од вкупната „Провинција Македонија“ па може да смета на забрзано фаќање чекор со европските текови во културата? Но, таквото прашање сеепак би било аматерско, зашто ако во нешто оваа држава се обидувала да држи чекор со светот, тоа биле културата и уметноста. Не генерално, не како правило, можеби повеќе како инцидент или индивидуални продори, но сепак! Впрочем, културата секаде, и секогаш, била една од движечките сили во општеството.

Од друга страна, можеби самиот поим стандард односно стандардизација во културата (во нејзиното потесно значење) е пресилен, или можеби недоволно јасен, иако во принцип и тука станува збор за вредности прифатени во средината. На пример: кои се македонските стандарди за еден музеј? И имаме ли воопшто такво нешто? Па – имаме, некакви, ама – ги почитуваме ли? А ако ги почитува(в)ме, ќе го има(в)ме ли оној Музеј на македонскиот хорор, или она недоквакано чудовиште наречено Спомен-куќа на Мајка Тереза? Па, за волја на вистината, и онаа хумореска викана Спомен-куќа на Тоше Проески? Или: кои и какви се тие стандарди што упатуваат на тоа дека еден музеј, или која и да е’ друга културна институција треба да ја добие „етикетата“ национална, што пак подразбира цела низа привилегии, но и обврски? Или, уште поконкретно: ако во (не така) далечните седумдесететти години на минатиот век во македонската култура постоеле одвај пет-шест национални институции, како тогаш, и врз основа на кои критериуми (стандарди) нивниот број по 1990та порасна на неколку десетици, за да денес заврши со над шеесет национални институции, (многу) повеќе од неколку европски земји заедно? Да, јасно е дека (и) стандардите зависат од политичката волја, како и се’ друго во оваа држава. Ама, ако говориме за влез во Европската Унија, па за компатибилност со нејзините системи, дури и во културата, нели е неопходно некакво усогласување? Понатаму, како што вели проф. Малески, ако повеќето македонски закони го „носат“ европското знаменце, а оваа држава е на ова дереџе, нели имаме сериозен проблем што вообичаено се нарекува – човечки материјал? Ама и тука, повторно, имаме проблем. Зашто, ако тој шкарт човечки материјал вообичаено го врзува(в)ме за злосторничкото здружение што ја зароби државата и ја киднапираше културата, зошто тогаш и денес слушаме приказни – веродостојни, by the way – за актуелни дивеења на истиот шкарт човечки материјал во културата, за (дури) малтретирање и изживување врз новите (в.д.) директори во културата, поставени од оваа власт? И навистина ли ништо не може да се направи во таа насока? И, понатаму, за што кука оној несреќен СОНК кој цела деценија дуваше во иста тиква со злосторничкото здружение, а сега наоѓа замерки што токму нивниот расиплив човечки материјал мора да се замени со нов? Што правеше нивното среброљубно раководство додека во Македонија, толку години во културата, образованието и науката се спроведуваше негативна професионална селекција?

Но, добро, ова можеби заличува на друга тема, иако всушност не е, иако и за човечкиот материјал, особено оној кој „се употребува“ за законодавни и извршни функции постојат стандарди и тие први се учат. И се почитуваат! Оттука и првиот стандард (не само) во културата е стандардот на стручност и компетентност, на квалитет и постигнати резултати во професијата. Значи „нешто“ што на ова парче земја одамна е заборавено или сокриено „под тепих“. И во таа насока, во земја каде не само факултетсткото образование туку и магистратурата и докторатот – така лесно и ефтино купливи како сезонско овошје – веќе не се никаква гаранција за квалитет, „минатиот труд“ односно резултатите во струката се едно од главните мерила за компетентноста. И тоа е јасен и лесно проверлив стандард. Па во таа насока, колкумина од минатодецениската злосторничка културна постава го допираа тој стандард? Речиси ниту еден, но затоа имавме домаќинки и биолози за директорки во уметнички институции, па државни скулптор(к)и без едно јавно видено дело, па државно-партиски архитекти без ниту еден изведен проект но волни да работат по нарачка на неизживеаноно фирерче, глупици за директорки на театри, неписмени продуцент(к)и … па следствено на тоа – зошто да не – и библиотекари за академици и пуфли за министерки. Впрочем, слика и прилика се заостанатине „кадри“ на злосторничкото здружение (и колаициските партнери!), оние од типот на „првите луѓе“ на Судскиот совет, на Антикорупциска, на Јавниот сервис, некои заостанати – дури и во вистинската смисла на зборот – и во културните инститтуции итн. Иако и на сегашната кадровска политика можат да и’ се прикачат слични забелешки, ама никако не во таков и толкав обем!

Оттука, човечкиот материјал мора да биде првиот стандард во новата македонска култура и културна политика – безпоговорно, безрезервно, безусловно. Сите дополнителни „услови“, оние од типот на партиско пријателски и други кривини во старт ја подриваат тезата за можни суштински реформи во македонската култура.

СТАНДАРДИ(ЗАЦИЈА)

Според сите наши локални „обичаи“ во првите денови на новата година да се пишуваат „умни“ предвидувања за тоа што и како ќе ни се случува, секој според своето поле на експертиза, се разбира, а на некои телевизии се појавуваат дури и јасновидци да не’ „просветлат“ за тоа каква наводно ќе ни била годината, јас во таков случај би требало да напишам нешто доволно паметно од областа на културата, односно да смислам нешто „провокативно“ како можно обележје на македонската култура во оваа 2018 година. Тоа е’ предизвик, секако, ама не знам колку јас сум видовит – или јасновид – во таа и таква насока. Зашто македонската култура е по правило непредвидлива. Таа не е од оној здодевен западноевропски тип каде се’ е однапред испланирано и очекувано, и на државен и на институционален план! Просто човек не знае како им се работи во такви услови на тие западњаците, нели, кога точно знаете што и како ќе правите не само за една или две туку и за повеќе години, каде институциите немаат само бомбастични имиња туку и еднакво бомбастични програми … Па дури и оние со помалку звучни називи и програми сепак си ја знаат улогата во културата на даденото општество, знаат што и како да очекуваат од државата речиси една деценија однапред и слично. А знаат и што треба „да вратат“ преку формите на културна презентација. Мора навистина да е до зла бога убиствено еднолично да немате за што да се расправате со „државата“ – што и да се подразбира таму под тој поим, односно дека не мора државата задолжително да има министерство за култура, како кај нас – при што речиси сите актери во културата знаат што и како ќе се случува со и околу нив неколку години однапред.

Во отсуство на таква моја способност, но и на соодветно „способен“ културен амбиент, можам само да се ограничам на она што јас би сакал да се случува оваа година кај нас, во културата, се разбира, и околу неа. Иако тоа може да разочара многумина, во повеќе т.н. културни дејности. Зашто, ако посакам(е), на пример, барем да започнеме да разговараме за некакви – нека се и локално македонски – стандарди во културата, ќе биде ли премногу? Можеби, за некого, или за многумина, кои упорно се затскриваа(т) зад провинцијалната логика дека ние сме си посебни (историски и културно), дека сме специфични (а другите демек не се!), дека сме дури и единствени (никогаш не разбрав во што, можеби во глупоста?)  и слични национално нарциосоидни будалаштини. Инаку, најавените реформски процеси (и) во културата треба да значат токму тоа: дека Македонија конечно ќе почне проактивно да прифаќа европски стандарди (но и вредности!) и во културата, се разбира чекор по чекор, со приоритети и селекција на најинтното и она што би можело да причека подобри времиња, итн. (Иако, вториов дел, оној со одложеното, ако го прифатиме здраво за готово, според нашите мерила би можело да значи дека никогаш нема да дојде на ред!).

Од друга страна, и да не сакаме, стандардизацијата ќе дојде на ред, ќе се наметне самата. Зашто во вакви (не)услови македонската култура тешко ќе преживува. Со сите стотина и кусур институции закачени за буџетот на Министерството за култура, со руинирани и посељачени (национални) институции со програми одвај адаптибилни и на македонските нови потреби а камоли на некакви европски, со етничко партиски директори кои со нивната неспособност сепак не одговараат пред никого … на таквата „култура“ можете однапред да и ставите крст. Или, поточно – тој е ставен, само треба поцврсто да го зариете во рофкото тело на македонската културна сцена! И се разбира, во целиот тој значаен процес на стандардизација на македонската култура, никако не ќе можат да се одминат разговорите особено за децентрализацијата, за партиципацијата, за континуитетите и дисконтинуитетите, за валидноста на нашето разбирање на основните поими што ја сочинуваат културната сцена (институции, културни работници, уметници итн.). Зашто, во овој наследен сегашен хаос на неспособност и некомпетентност, на самобендисаност и етно-партизираност редот ќе мора да се востановува „од врвот“ бидејќи еден голем дел од базата е целосно раскомотен и раскокодакан низ културнава провинција како на селско буниште. И веќе сите карти се измешани, поимите и компетенциите се целосно растурени: оној што бил еднаш до Солун, а да не збориме до Париз, веднаш е експерт за меѓународна културна политика; тој/таа кој(а) поднаучила да терцира под домашниот туш веќе е примадона на нашата музичка сцена; свирачите по свадби ни се првокласни виртуози а приучени полуписмени уметници директори на национални институции … Таков „културен“ амбиент просто рика за промени, за стандарди, за вредности. Ако умееме да му ги дадеме, се разбира!