Monthly Archives: April 2020

БЕЗОБРАЗНИ „ОТСЈАИ“

Не може да се одрече дека оваа е најагресивна непријателска офанзива досега. И со специфични „отсјаи“. Оние претходнине беа налик на петарди од Бит-пазар, оваа како да користи и увозно „оружје“, релативно поубоито во намерите, иако и тоа најчесто пука со ќорфишеци. Коишто или набавувачот им ги подметнал или овие навистина се таралајки и ништо не знаат. Ама добро, за чалам е одлично, дига галама, они пред членството се фалат дека се во убиствен напад – само да не биде самоубиствен? – дека победуваат, нивниот ел команданте се удира в гради и урла дека овојпат ќе го победат непријателот еднаш за секогаш! Туф, туф, туф… и што после? Пак ќе се фрлат на оние исти „операции“ како во времето на криминалецон од Будимпешта? Па за тоа ли ќе гласа народот за нив?

Не велам дека нивните напади некаде немаат ефект. Особено што, иако ретко, погодуваат во целта користејќи ги сите слабости на власта. А тие ги има, колку сакаш, ама такво е и времето, нездраво. Што јас би прашал да сум на нивно место? На пример, ако фамозниот Кризен штаб предлага lockdown од три дена за овој викенд, кој е тој што презел таква одговорност и одлучил тој предлог да не се почитува? Тоа е сериозно прашање, ама се’ ми се чини дека еден од тие е и нивниот министер за внатрешни работи! Е па, ако утре, не дај боже, се влоши коронава, кој ќе биде одговорен?

Како и да е’, целата жестина на офанзивата јасно упатува на тоа дека таа може да биде пресудна и за целата војна: ако сега ги загуби изборите, оваа и ваква „опозиција“ – ќе се распадне! Целосно и дефинитивно. И наме да може да обвинува коекакви предавнички „отсјаи“. Додуша, таа секако ќе се распаѓа, полека но сигурно, штом почнат да се реализираат судските одлуки и/или започнат преостанатите судски процеси каде обвинети се најголем дел од врхушката на ова злосторничко здружение. Такво нешто е неминовно, нужно, дури историски неопходно, такви „партии“ базирани на криминал не можат долго да опстојуваат во овој век, дури ни на овие простори. Но, пораз на претстојните избори, кога и да се одржат, за нив би значел крај, енде. Па можеби некои нови луѓе ќе се обидат повторно, ама и со нов начин на работа, со нови иде(ал)и, нов пристап и кон државата и кон политиката. Омразата, очигледно, не води никаде, уште помалку криминалот, неукоста, инаетот… Затоа впрочем ова нивново и не се вика политика туку уличарство, контрабанда, политикантство, импровизација… Често и лага, како со безобразнине „отсјаи“ коишто никако да ја сокријат вистината!

Речиси и да немам сомневање – иако имам, да бидам искрен – дека и во тоа здружение има културни луѓе, умни и политички потковани, па и образовани, ама тие веројатно не можат да дојдат до израз. Затоа и вака им одат работите. Впрочем, видете кој им ги застапува ставовите во клучни политички прашања, или во културата (со „министеркана“, оние палјачовци од глумци, академикон-библиотекар или писателот со најдолг претседателски стаж во ДПМ!), во дипломатијата (спала књига на три коња, пардон – слова, велат севернине соседи), во здравството… Такви „командантчиња“ не победуваат во големи битки, барем тоа го покажала историјата, ако не друго.

Но, ајде да го отворам барем културниот фронт. Кои се актуелните забелешки на оваа и ваква опозиција со коишто влегуваат во оваа офанзива? Концертите на Шилегов во време на пандемија? Па мислам, нешто попаметно не ви паѓа на ум? А и што толку мана им најдовте па „министеркана“ да се треска од земја а најдолговечниот претседател на ДПМ да се најде повикан да критикува? А нивниот Коце нели ни поттураше под нос идентични такви (платени) улични забавувачи? Па каде беа тогаш вмрониве да реагираат? Или ако нема корона, секоја будала може да биде плаќана од наши пари? На писателот му пречат покривите. Ок, ама прво не се само покриви, и второ: каде да се држат концертите а да можат да бидат видени/чуени од повеќе граѓани? Во подрум, како оние силни едиции на комарад Груевски? Ако сега спомнам некои светски познати концерти токму на покриви (Битлси во Лондон, 1969; U2 во ЛА, 1987, Лондон 2009 и уште едно чудо други) ќе звучи претенциозно дека нашиве изведувачи ги споредувам со такви ѕвезди од светски формат, но не го правам тоа туку само наведувам дека Шилегов, или кој и да е’ друг во негово име, не измислил ништо ново и невидено. Ама ново и невидено/нечуено е тоа што вакви нешта му пречат некому. Зошто, има логично објаснение? „Карикатура од култура“? Навистина? Или вистински карикатури се токму тие и такви гласови против? Но, како што плаче „министеркана“, Скопје парите требало да ги донираат „во некои здравствени институции“. Ама не слушнавме дека таа даде таков предлог со онаа речиси милијарда фрлена за „Ск 2014“ да се донираат за здравството, да се изгради некоја болница, да се набави опрема… ? Извинете, но ова е страшно дрско и безобразно политикантство!

И уште еднаш: не велам дека градските власти измислија „топла вода“ со нивните мерки во културата за времетраењето на пандемијата. Можете да им посочите и забелешки, се разбира, иако баш свирките тоа никако не се, а може да им се сугерираат и други, поинвентивни мерки. Но вака блеферски и крајно провинциски да се критизира, а зад грбот да имате криминали од огромни размери впишани на контото на вашата партија, е – без преседан! И токму тоа е заштитиниот знак на целата оваа вмронска офанзива – не само во културата – која што игра на картата на краткото паметење на луѓето, на заборавот како наш локален спорт и извртувањето на фактите и вистината. И баш тие и такви како нив ќе ни кажат што и како треба да правиме, тие кои гледаа што се случуваше во државава цели дванаесет години и молчеа, или заедно со криминалците од врхушката го играа истото „национално“ оро?! Тие сега ќе држат некому лекции?

П.С.

И ве молам, зарем навистина мислите дека некого сте убедиле со „отсјајот од светлината“ во теретаната? Е исто толку сте ги убедиле и со другите ваши „вистини“!

ЈАЛОВИ ЛАМЕНТИ

или

ПЕТТА НЕПРИЈАТЕЛСКА ОФАНЗИВА (2)

Не може да се одрече дека оваа непријателска офанзива контра македонската демократија е најсилна досега и организирана на повеќе фронтови. (Иако веќе овој факт, за учени луѓе и просечно паметни историчари би значел и сигнал дека тоа баш и не е сериозно обмислен потег зашто офанзивите на повеќе од еден фронт – вели историјата – најчесто неславно завршуваат. Ама во генералштабот на „најтатковинската партија“ очигледно нема такви луѓе!). И фронтовите се отвораат според актуелните случувања во земјата. Најчесто предност добива ситуацијата со пандемијата и наводно нејзиното лошо менаџирање (без оглед што сите показатели го говорат спротивното), па рестриктивните мерки (кадешто, точно е, власта покажа многу нелогичности и пропусти, коишто пак слепциве дури и не ги спомнуваат!), тук-таму се допира областа на наводниот криминал, па економијата (којашто задолжително тоне, нели!), па неизбежната култура како „експертиза“ на оваа партија, мерките во Скопје итн. И на фронтот на овие „отворени теми“ се јавува кој како ќе стигне, без оглед на стручноста и/или компетентноста. И (дури) поставува прашања! Поставува прашања ама не дава одговори зашто тоа е потешкиот дел од работата. Па следствено, за менаџирањето на епидемијата свое „мислење“ имаат секакви умислени „културни“ шупелки, за правото и демократијата „расправаат“ минорни раселени „поети“, за идентитетот „филозофираат“ пропали дипломати, за културата се надлежни мастиљави писателчиња и певци и страобално неуки и неспособни бивши министерки… Страшно губење на време, на енергија – за жал не и знаење, коешто го немаат – и се’ со цел во јавноста да се предизвика смут, да се лансираат дезинформации или да се наметне божем стручно мислење за проблемите коишто де факто ни се знаат уште помалку се познаваат. А што е уште пострашно, на сите тие состојби им кумувале самите тие, токму татковинољубците од таа партија кои цели дванаесет години ја развлекуваа на сите четири страни и економијата и здравството, културата и дипломатијата, демократијата ја продадоа за грст тоталитарни сребреници ама сега трубат на јуриш, во времето на нивната еднодецениска стравовлада се украдоа повеќе пари и ресурси отколку за цело пусто турско… И повторно имаат сурат да се појавуваат во јавноста, па дури и да поставуваат демек сериозни прашања на коишто всушност тие самите најдобро го знаат одговорот бидејќи биле директни или индиректни кумови на состојбите во државава што сега секој ден стануваат поочигледни и ни се удираат од глава. Здравството е само една, иако денес најважната, секако. Но тие и тука имаат замерки, нели, имаат дури и свои партиски доктори – каква бламажа во бели ментили е тоа ! – кои нивните „лекции“ за состојбите забораваат да ги адресираат на вистинските луѓе, меѓу нив и на оној криминалецон во Будимпешта, па оној д-р Смрт и останатата „бела мафија“ која мајка му расплака на македонското здравство. Идентично е и со лелекот на неколкумина наши „проминентни“ култур-трегери, сега секогаш подготвени за божем критички збор, а всушност јалов ламент за некои времиња кога жареа и палеа низ македонската култура, кога сееа страв и башибозук, вклучувајќи ја тука и онаа лицемерна бивша министерка која као сега се згрозува од нешто, ама одлесно распродаваше културно наследство на коекакви белградски криминалци со македонско потекло. И да беше само тоа и да беше само толку! Оној мастиљавион не најде за потребно да напише два збора за тоните „книги“ што неговата омилена власт ги финансираше за да чмаат во подруми, ама сега му запречија напорите на Скопје да анимира некакво музичко случување во времето на рестрикциите. И секако неодминлив е и некогашниот министер за финансии со полна уста забелешки за справувањето со економската ситуација во државава, ама беше слика без тон во времето кога неговите компањони отвораа прекуокеански островски сметки и го распрчкуваа домашниот буџет низ светот!

Се разбира, не можете се’ да доброите зашто фронтот навистина е широк, најширок досега, што пак, повторно, упатува на стратегиските слабости во командувањето бидејќи ниту еден отворен фронт не е успешно затворен. И нема да биде, зашто „елитните“ единици им се фалш, неспособни, неуки. Плус, со дооолги опашки. Ама ним тоа очигледно не им пречи. Ним во основа им пречи секоја друга власт освен нивната, им пречи демократската ориентација на ова општество (со сите манифестирани слабости, но сепак), заокружувањето на главните стратешки политички правци (НАТО и пристапни преговори за ЕУ), и сепак успешното справување со кризата, без оглед на очигледните пропусти за коишто и самиот сум пишувал.

За да нема недоразбирања: сосема се согласувам дека токму тоа е работа на секоја политичка опозиција – да ја критикува власта. Ама, овде, прво, не станува збор за нормално време, и второ, не станува збор за нормална опозиција. Овде станува збор за пандемиска криза, за ненормално и крајно опасно време, и станува збор за остатоци на злосторничко здружение коешто ја тероризираше оваа држава дванаесет години. Особено овие кои сега се јавуваат како некакви компетентни критичари. Не, тие тоа никако не можат да бидат зашто, прво, не се компетентни, а второ, тие се – делумно или целосно – (со)одговорни за сите состојби во оваа држава цела деценија наназад. И (со)одговорни се, меѓу другото, и за се’ што денес оваа власт објективно не може да стори токму заради тоа наследство. Не говорам за редица субјективни пропусти што веројатно ги има, и ќе ги има, ама овие никако не се баш оние ангели што би го имале правото да укажуваат на тоа.

П.С.

Апропо, во оваа и ваква дрска, безобразна но и јалова опозиција дефинитивно се вброи и комплетниот Уставен суд со неговата одлука за ненамалувањето на платите на функционерите, судиите, пратениците… а меѓу нив и на уставните судии! Одлучувајќи самите за себе односно во своја полза, тие се наредија во самата врхушка на опозицијата контра оваа власт, а оној плач на претседателот на Уставниот суд ќе биде регистриран како скеч на годината. Наместо да му ги истегнат ушите на претседателот на Собранието и неговите аматерски „толкувања“ на Уставот, тие се бават самите со себе и нивните плати!

SCHWARZ

или

ПЕТТА НЕПРИЈАТЕЛСКА ОФАНЗИВА

Наспроти глобалната светска војна во којашто државите ги користат сите можни ресурси и, горе-долу сплотено, очекуваат дефинитивна победа, кај нас, паралелно со големата, уште од февруари се одвива и друга, мала но еднакво жестока локална политичка војна којашто – сите се надевавме – требаше да земе тајмаут токму во интерес на заедничките интереси и прегрупирање на сите сили за „пандемиската војна“. За жал, се чини дека македонската опозиција олицетворена во самопрогласената „најпатриотска партија“ не мислеше така односно сметаше дека и во вакво време треба да организира беспоштедни воинствени кампањи контра власта. Или, поедноставено, на општо запрепастување, ја отвори Петтата непријателска офанзива, на сите фронтови и со сите достапни оружја. Ако првите три главно се држеа до одделни сегменти од културата, четвртата беше најава за оваа нова, петта, и започна токму на територијата на пандемијата. Ова сега е нејзин „пик“!  Сулудо, непромислено, неуко… ? Секако, ама изгледа тие не сфаќаат што (си) прават, не им е јасно дека од оваа офанзива не можат да излезат како победници. Но, ајде, времето ќе покаже.

А сепак, не знам дали е само проста коинциденција што некои оперативни имиња на важни битки од Втората светска војна водени на територијата на некогашна Југославија се совпаѓаат со сегашниве настани кај нас. Веројатно е така, не сум толку лекомислен, или лековерен, да мислам поинаку. Ама – се совпаѓаат маестрално! На пример називот „Schwarz“ за Петтата непријателска офанзива, кај нас попозната како Битката на Сутјеска, којашто подоцна стана симбол на пожртвуваност, смелост и цврстина во најтешките искушенија. Уште едно совпаѓање, или: има ли нешто поschawarz од ова што речиси два месеци се случува кај нас? Да водиш ваква, наводно опозициска а всушност чиста непријателска офанзива контра власта, денес, во ова време?

Мислам дека никој не се надеваше дека Петтата непријателска офанзива контра македонската демократија ќе започне и ќе се одвива во вакви невозможни услови. Зашто светска пандемија, со комплетен пакет локални реперкусии и дури броење жртви, не е баш време за водење војна, дури ни со зборови. Повеќе е време на примирје, на заедничка акција контра заразата, помош таму кадешто е најпотребно… И, божем така некако се беа и договориле? Ама, како велеа во социјализмот: непријателот никогаш не спие! Што се покажува точно, сто проценти, нели?

Инаку, како вие би го нарекле ова, што друго е оваа малоумна континуирана офанзивна пизма, ова безумно непријателство што се манифестира на македонската политичка сцена, ако не отворена војна со сите средства, дејство од сите достапни оружја и орудија, а највеќе оние недемократските, оние валканите и манипулативните. Да, јасно е дека во војна е малтене се’ дозволено, ама ова нели требаше да биде време на примирје, на заедничка акција – не од љубов на едни кон други – контра заедничкиот непријател: коронавирусот?

А сепак, не знам како би ги нарекле ни овие луѓе? Што чудовиште е ова што ја користи секоја прилика за лага, за манипулација, за креирање и ширење лажни вести и паника? Каква сорта народ е ова? Веќе сме виделе секакви самонаречени патриоти, татковинољубци, идеолошки слепци и ќорави националисти, дневни политиканти и секакви други „анти“… ама вакво чудо навистина не сме виделе! Почнувајќи од оној нападно и безобразно непријатен нивен привремен шеф, па преку она јанусово човече што глуми некаков генерален секретар… па се’ до оперскион пардониран певец и некои пришипетљи писателчиња, „поетеси-академички“, професорки и остала квази-интелектуална братија… сето тоа се прикажува во полната светлина на јад и беда, на карантински политикантски профитери, епидемиолошки предизборни манипулатори кои баш во ова време формирале главен штаб за командување со (можеби?) одлучувачката битка во оваа војна. Зошто? Затоа што оваа предизборна увертира може да ги дефинира изборите, а со тоа и иднината на државата! Се разбира, тук-таму ним им се придружува уште некоја загубена душа која не знае што да прави со себе во ова време-невреме, иако многумина од оние нивни прекалени профитери некако се повлекоа од јавната сцена. Не е сосема јасно дали баш не се согласуваат со главниот партиски штаб, или ги притиска надвиснатиот меч на македонската Правда – денес се’ уште слепа, ама со добра надеж за иднината? Ќе се види бргу.

Инаку, за да го запазам историскиот след на нештата, да посочам дека Петтата непријателска офанзива во оние времиња на НОВ – наречена „Schwarz“ од тогашниот германски окупатор – се водела на просторот на Санџак, источна Црна Гора и на крај во Босна, во периодот помеѓу 15 мај и 15 јуни 1943 година. (Пак слично, нели?). На непријателската страна, покрај бројни германски сили, делувале и домобрански сили на тогашната НДХ, италијански и бугарски воени сили (упс, да не не е ова во духот на добрососедските односи?)!.

Како и да е’, ваквиот до беспризорност агресивен и најчесто целосно неаргументиран односно манипулативен настап на силите на политичката опозиција во Македонија во ова време е без преседан во поновата македонска историја. И не можат да се најдат ама баш никакви реални причини за таквото сегашно однесување, особено заради фактот што токму од нивните редови, на почетокот на оваа криза, беа објавувани помирливи тонови за „прекин на непријателствата“ за времетраењето на пандемијата. Згора на тоа, и тие, преку нивни претставници, партиципираат во оваа техничка Влада. Што е тогаш проблемот, зошто се прекршува декларираното примирје? Дали само заради несогласувањето со мерките што ги спроведува власта? Најмалку, туку токму спротивното: главен проблем на оваа ново-стара вмровска номенклатура е успешното справување на власта со кризата! Или, како што вели Ордановски, „(…) досегашното успешно менаџирање со кризата ја прави опозицијата политички парализирана како уплашен зајак кој на сред пат ќе биде осветлен од фаровите на камион што доаѓа“.[1] И тоа овој зајак инстинктивно го чувствува, знае дека на претстојната изборна трка, ако се’ оди вака како што оди, камионот-шлепер ќе го прегази по којзнае кој пат. Ќе го направи – флека, schwarz флека. И не му сеедно, се разбира. Ама зајакот во случајов не гледа дека неговото однесување покренува цела колона други, граѓански шлепери коишто флеката ќе ја разнесат на сите четири страни на државава и од него нема да остане ама баш ни трага! Непријателската штаб-квартира и раководството во неа е толку слепо и (да простите) глупо што тоа никако не го гледа. Тие веројатно се приклонуваат на аплаузите на чисто партискиот тесен круг во „Белата палата“, не гледајќи дека во целата земја предизвикуваат вистински одиум со својата пизма, со глупостите што ги тресат, со мерките што ги предлагаат…

[1] Сашо Ордановски, Политизирање на дарежливоста?, Либертас, 13.04.2020

ИНФОДЕМИЈА

Оние кои повнимателно ги следат соопштенијата на генералниот директор на Светската здравствена организација веројатно го забележаа релативно непознатиот поим – инфодемија – употребен во контекстот на актуелната корона пандемија. Дури и престижниот Oxford English Dictionary (првпат печатен во 1884 година) го вклучува овој поим (infodemic) со неговото сегашно проширено значење во неговото априлско онлајн издание 2020 година, како впрочем и неколку други што ги донесе пандемијава, на пример: COVID-19, социјална дистанца, самоизолација и др., што значи дека и ваквите катастрофични појави го збогатуваат современиот јазик. Инаку, поимот првпат бил употребен од новинарот на Washington Post Дејвид Роткоф во контекстот на епидемијата на САРС во 2003 година, и во денешното полно значење упатува на „пролиферација на различни, често непотврдени информации во врска со некоја криза, контроверзност, или настан, коишто се шират брзо и неконтролирано низ вестите, онлајн и социјалните медиуми, и се сметаат за засилена јавна шпекулација или вознемиреност“. Познато, нели?! Но кога и директорот на СЗО ќе го употреби зборот и ќе ги повика владите, компаниите и медиумите ширум светот да се борат против инфодемијата на лажни вести сметајќи ги еднакво опасни како и самиот коронавирус, тогаш веројатно ѓаволот ја однел шегата.

Но зборот инфодемија е особено интересен и за нас зашто нашево општество се мачи со таа појава во непрекинат континуитет веќе цела деценија, ако не и повеќе. Иако тогаш, а и претходно, поимот не беше во употреба, како впрочем ни оној за fake news, туку имавме наши локални изрази кои горе-долу го подразбираа истото. А во одделни периоди бевме и некакви светски шампиони во нивното производство: Велес и претседателската кампања во САД во 2016, при што нашиот град беше прогласен за „fake news capital of the world“! Во тоа време via Велес биле отворени и работеле преку 100 про-Трамп веб сајтови, коишто „или наведувале на погрешно мислење или биле 100 проценти лажни“ (Крег Силверман, уредник во Buzzfeed News, човек кој прв ги откри т.н. велешки тролови). Оттука, нам инфодемијата не ни е туѓа. Особено во вакво време – ја сведочиме „на дело“ секој ден, низ медиумите и на социјалните мрежи. Впрочем, не случајно и НАТО пред само неколку дена објави формирање на тимови за борба против хибридни закани во Македонија (и Црна Гора), особено откако лажните вести и дезинформации од две други суперсили земаа замав кај нас. Но, тоа кога станува збор за странски извори.

Од друга страна, кога веќе спомнувам „лоши времиња“ и епидемии, неминовно се наметнува една не така дамнешна споредба со епидемијата на морбили во Скопје, па и во целата држава кога, повторно, со полна пареа работеа разноразни „центри“ – партиски или којзнае какви други – убедувајќи не’ во неопходноста од масовна вакцинација, еден дел од македонската популација, таканаречените „антиваксери“, беа нарекувани со секакви имиња, навредувани, понижувани… ама училиштата и градинките си работеа нормално, немаше полициски час или други рестрикции. Иако, некои експерти велат дека рубеола вирусот (морбилите) е дури и посилен и позаразен од короната. Дел од тие „антиваксери“ беа/се убедени дека против нив се водеше „специјална здравствена војна“, или кампања, како сакате, во нечија полза! Сакам да кажам: секогаш кога јавноста нема соодветна, јасна, прецизна, логична… информација, заживуваат дезинформациите во вид на инфодемија. Без исклучок! Затоа и веќе спомнатиот Силверман инсистира дека „фундаментална вистина е дека слуховите и дезинформациите ги придружуваат итните состојби“. Токму затоа Сантиаго Лион, заменик претседател на The Associated Press вели: „… Неопходно е новинарите никогаш да не претпоставуваат нешто и секогаш повторно да проверуваат и верификуваат со цел да останат доверлив извор на вести и информации“! Зашто, дури и во ова време на речиси опсесивна обземеност со социјалните медиуми, сепак новинарите и медиумските куќи се главниот извор на информации. Така и треба да биде. А кај нас – нема да биде пресилно ако речам – тие се често главниот извор на дезинформациите, лажните вести, непроверените информации и конструкти. Што е катастрофално за една современа држава! И тука, за жал, морам да спомнам најблаго речено чудни „оправдувања“ дури и од сериозни македонски новинари дека тие, новинарите, се занимаваат со секојдневна макотрпна работа, дека се во постојана битка со времето, па заради тоа не можат да копаат по законски и подзаконски акти за да напишат еден есеј, итн! И тоа е веројатно делумно точно, ама тогаш која е и каква е одговорноста на новинарот кога ќе напише неточни информации, кога на извесен начин го инструира јавното мислење, кога навива и пренесува дезинформации… ? Каде е неговата професионалност и чесност? И каде би стасале кога сите би си наоѓале такви и слични „оправдувања“ за лошо извршената работа?

И сега, не случајно ја спомнувам и инфодемијата, а во контекстот на „македонскиот журнализам“ (ако такво нешто воопшто постои!) но особено и во контекстот на потенцијалните парламентарни избори коишто, сепак, „висат“ во воздухот иако сите главни актери као се прават мутави! А сето тоа во светлината на пандемијава, и инфодемијава, која што ако тргне како лавина пред избори ќе потопи се’ пред себе. Во општата релативизација на сите факти и информации ќе се „пука“ од најтешките оружја, вистината тогаш ќе биде најмалку важна, а сосе неа ќе „страдаме“ но и навистина ќе страдаме – сите! Белки некој мисли и на тие нешта?

ПАРАДОКСАЛНИ РЕЛАТИВИЗАЦИИ

Можеме ли/смееме ли да претпоставиме една ваква хипотетичка (иако многумина експерти велат сосема реална!) ситуација: проблемот со пандемијата и рестрикциите ќе остане подолго време, можеби уште цела година, што ќе рече дека ќе нема изгледи за организирање избори, што пак ќе рече дека нашиот врвен уставен „експерт“ камуфлиран во претседател на Собранието нема да го свикува највисокиот законодавен дом, што пак ќе рече дека и сите македонски политички „елити“ ќе молчат, што пак ќе рече дека ќе имаме уште барем десет пати продолжена вонредна состојба… Црно сценарио? Којзнае, можеби е’, ама ако редица компетентни стручњаци веќе отворено го кажуваат тоа, ние као нешто глумиме дека тоа не не’ допира? И сите се среќни и задоволни? И уште колкумина локални „експерти“ од секаква провениенција ќе најдеме да не’ убедуваат дека тоа така треба, дека непотребно комплицираме и од глушец правиме слон, дека (дури) ако немаш здравје не ти треба ни слобода… Мислам, до каде може да оди нашата умешност на импровизација, на релативизирање на се’ околу нас, па и на вакви крајно сериозни теми коишто директно не’ допираат сите, нашето секојдневие, нашите животи… почитувањето на Уставот, на законите… па следствено и на демократијата, ако сакате? Дали тврдоглавоста на еден човек и неговото его дека тој е најголем познавач на Уставот, наспроти сите други, навистина ќе го блокира Собранието „за век и веков“ и 120 нему еднакви ќе му бидат заложници? Или ние сите ќе се приклониме и на таа релативизација дека еднаш распуштено Собрание повторно не може да се собере? Ама Собранието било распуштено заради избори, а избори – нема? Па што е важно, некогаш ќе ги има, ако не сега тогаш следната година, или онаа после неа, а Собранието ќе чека, распуштено, по меракот на еден човек или неколку локални „експерти“ за сите нешта? Извинете, ама мене тоа многу ми наликува на „Трамп терапиите“ со дезинфекциското средство! Па, извинете, ама ене ви го професорот Шкариќ, ене ви уште барем десетина сериозни и компетентни експерти, ене ви го Институтот за демократија… прашајте и постапете, по ѓаволите! Зашто ако вака го „развлекуваме“ и Уставот и организираме игри без граници, што останува со законите, а зошто пак не и со мерките контра пандемијата?

Ако почне во државата да се шири ваквиот дух на релативизација и наметнување на самопрогласени експерти дури и за прашања од Уставот и законите, како што впрочем цел месец слушаме и разноразни безимени „експерти“ за пандемијава, нештата само ќе одат кон полошо. Како луѓе од културата, некако навикнавме на таа импровизација, на таа релативизација, на самопрогласени „стручњаци“, ама мислев дека тие нешта се резервирани само за културата како најнебитната тема/област во државава, каде што мајките обично си ги бараат заталканите деца. Впрочем, гледајте што се случува со Чаршијата, иако таа каша не е зготвена од културата туку повторно – од политиката! Културата таму е само зачин, „додатак јелима“. Кадешто и Министерството за култура има свое „мислење“, и тоа е, секако, на линија на „политиката“. И парадоксално: не коментираат зошто, на пример, тие, или надлежна институција за заштита не е главен носител на проектот за таков важен сегмент од културното наследство каква што е Чаршијата, туку даваат поддршка на – Општина Чаир! Сосема во истиот (парадоксален) дух на поддршките на „експертскиот“ став на претседателот на Собранието визави целата друга стручна јавност!

Актуелнава состојба со пандемијата не може и не смее да биде оправдување за аматерски импровизации и парадоксални релативизации во интерес на некаква претпоставена „општа“ цел. Таа цел, прво, воопшто не е општа, и второ, се’ повеќе станува премногу „лична“ и – контрапродуктивна. Немам дилеми дека најважното нешто во ова време е вербата на граѓанинот во државата зашто поголемиот дел од нас ја има само оваа држава. Затоа и повеќето од нас инсистираат на стручност, компетентност и решителност во промислувањето и спроведувањето на политиките на власта. Ама тоа не подразбира само монолози на поединци од власта туку пред се’ ДИЈАЛОГ со стручната и компетентната јавност за сите важни мерки што се превземаат. Или не се превземаат! Само така може да се дојде до целовити решенија во полза на општото добро. Дури и признавањето на грешката, една или повеќе, нема во таков случај да биде земена за зло, напротив. Зашто довербата на граѓаните во државата и мерките што таа ги спроведува се едновремено круцијални и за самодовербата на државата. Или тоа нејзе не и’ е важно? Не сум сигурен. Зашто, ако зборот што се’ почесто почнува да се шири за некакви брзи избори во јуни е точен, тогаш на државата не би требало да и’ биде сеедно што и како мислат граѓаните. Иако многумина во ваква ситуација би рекле: какви бе, луѓе, црни избори, на што тоа ќе личи, со маски и со ракавици ли ќе одиме да гласаме (и како ќе ни ги прскаат палците, преку ракавици?)… таа опција веројатно често е на масата на власта. Но, за тоа се неопходни дебели аргументи и целосна поддршка од јавноста. Инаку, џабе избори ако нема кој да гласа. На пример, оние од 67+, а велат ги има околу 300 илјади, кои оваа држава, под превезот на лажната грижа целосно ги маргинализираше, ќе излезат ли на избори? Или ќе се повикаат на ограничувањето на движењето и ќе си останат дома без оглед колку власта  повторно ќе ја релативизира стварноста и ќе ги убедува дека веќе нема никакви опасности по нивното здравје? А другите, на пример младите од 18+ до 25-6, кои исто така беа секако ограничувани, и нарекувани?

Сакам да кажам: кога се’ е до крајни граници парадоксално релативизирано, тоа може да им се случи и на евентуалните избори, ама сега од страна на избирачите. Ако изборите се, на пример, во невреме, или ако некои од власта си тераат свои лични филмови. Плус, не заборавајте го инаетот на овој народ и неговото паметење на лошото. А секако и толку пати потврдената желба да казнува, дури и за многу помали грешки и пропусти!

ПРАВО НА ВИСТИНА

Ако не можеме да влијаеме, ниту пак смееме/имаме право да ги релативизираме/менуваме мерките коишто – за наше добро – ни го контролираат движењето, уште помалку можеме, ниту пак ни дозволуваат, да имаме некаква контрола над вистината. Онаа секојдневната, но и долгорочната. Особено во вакви времиња. Зошто?

Затоа што вистината, во вакви времиња, може да биде прилично закукуљена и замумуљена, сериозно дискутабилна, дури – опасна! Не можеби за колективитетот како таков, односно (судбински) за народот/државата, ама за власта, за поединци и групи особено. На пример, која би била таа вистина којашто во вакви времиња би можела да биде дури и опасна? Па, на пример, вистината за состојбите во/со буџетот, за состојбите во здравствениот систем (достапна опрема, количество на тестови, заштитни средства, доволен персонал и болнички капацитети…), состојбата со државните резерви итн. Опасна за кого? Па опасна и за едните и за другите: за власта заради фактот што оваа и ваква наша „опозиција“ одвај чека такви податоци, за јавноста опасна заради можното поткревање на нивото на општа паника. Но, во секој случај, опасна и за угледот на власта! Па оттука, има ли власта право да ја прикрива вистината, или: го има ли, навистина, власта, секоја власт, дури и во демократските системи, самододеленото право на една и единствена вистина? И на онаа другата, којашто беневолентно ќе ја споделува со нас, со граѓаните кои сме им ја доделиле власта, со сите права и обврски, дури и во вакви ситуации?

Јас, се разбира, немам одговор на тоа прашање, ниту пак треба да го имам. Или мојот одговор (веројатно) би бил моја лична работа, ама валидниот одговор на тоа прашање треба(ло) да го имаат некои други и да ни го кажат – во некоја нормална ситуација, се разбира, но добро би било и сега – за да знаеме како да се однесуваме во кризни/вонредни ситуации. Никој тоа досега не ни го кажал. Или – нема(ло) потреба, зашто одговорот се подразбира? Ама, мораме ли сега сите да седнеме да читаме устав, закони, филозофски трактати за Вистината и правото на неа во ваква или онаква ситуација… или граѓаните во една демократска држава треба да бидат информирани (и) за такви нешта? И на тоа прашање некои други треба(ло) да ни дадат одговор: има ли граѓанинот право на целосна и неотповиклива вистина во вакви времиња? Или е, можеби, навистина оправдано, па и логично, во вакви мигови секоја држава/власт да смета дека само таа го има правото на целата вистина, а ние на нејзини дневни разблажени дози?

И (повторно) како што вели професорот Фрчковски, ние, сакале-нејќеле, доаѓаме до улогата на „(…) суверенот-државата и некои нејзини битни биополитички техники (…)“, односно ние практично и немаме друг избор: упатени сме на неа, на државата, каква е – таква е, „(…) обраќање на сите нас кон неа повторно и кон никој друг (…)“![1] Ама дали тоа значи дека таа токму заради тоа може, дури и дека таа има право да ни ја крие Вистината, наводно заради наше добро, па дури и да манипулира со неа, пак за наше добро?

И во овој контекст, пак ќе потсетам: професорката Најчевска постави едно прашање, поточно јавно изнесе констатација за однесувањето на оваа власт во ова време, а во поглед на нејзиното барање до Советот на Европа за дерогација на некои индивидуални права на граѓаните. Од власта – комплетен  молк. Како ние треба да го разбереме тој молк? Како потврда на тврдењето на професорката? Како негирање односно игнорирање? Или како знак за нешто многу грдо: дека тоа не е наша работа, дека тоа не треба да не’ интересира односно дека не заслужуваме одговор?! Навистина ли никој нема обврска да одговори?

Можеби некој ќе најде оправдување за ваквото одење по работ на Вистината во дадениов случај, но што ако сето ова се трансформира во исклучиво право на државата/власта?! А кај нас, полека но сигурно, а со помош на коекакви „експерти“, како да се назира и таква тенденција и тоа е лошиот сајд-ефект на ваквите состојби. А тој сајд-ефект, повторно полека но сигурно, се прелева во правило кое експлицитно исклучува секакво друго мислење/вистина. Особено кога е искажано од компетентни луѓе. (Во случајов, на пример, еден реномиран стручњак како д-р Никола Пановски!). Не велам дека државата во вакво време треба да организира тркалезни маси за секое прашање од нејзина надлежност, тоа никој не го бара, но технолошкото совремие му нуди на граѓанинот многу „вистини“ и многу компетентни мислења од целиот свет. И искуства, се разбира, зашто светот практично е во иста ситуација, само различно го решава проблемот. Оттука, зошто ние мислиме дека најдобро се справуваме со ситуацијата и дека таа дава резултати? А сите други, или повеќето – грешат? Зашто ние, односно државата во наше име така се однесува: нејзината Вистина како да е единствена на светот, како таа да е шампион во Европа, или барем во регионов, во борбата со епидемијата, како другите да не знаат што прават итн. Таков впечаток се добива, го сакале тие тоа или не, зашто ние – поточно: тие – не даваат никакво објаснение за тоа што другите прават, дали нивните мерки, или вистини, како сакате, даваат резултати, туку нон-стоп не’ убедуваат дека нашиот пат е единствениот пат!

Министерот за здравство вели дека добива совети од „Многу стручни луѓе со големо искуство во справувањето со вакви состојби…“; премиерот Спасовски кажува исто: „Врз основа на сите анализи што се прават…“ – ама каде се тие стручни луѓе, или каде се тие анализи, досега не видовме ниеден таков стручњак, ниту една таква анализа не била јавно презентирана, за да врз основа на неа се каже: направивме тоа и тоа – резултатите се тие и тие… Стручните луѓе мора да имаат име и презиме, па и лик, а анализите соодветни податоци (кој, кога и каде ги направил и со што ги компарирал за да истите бидат валидни). Ако тоа го нема, сето тоа е ветар и магла, приказни за мали деца, а државата/власта повторно пледира само на нејзината Вистина и ниту една друга. Иако нашата „чаршија“ секогаш има на лагер барем неколку „вистини“ коишто никој надлежен не се ни обидува одговорно да ги демантира. Дури, сведочиме на посредни обиди за целосна релативизација на нештата, особено на Вистината, на наводно „стручни“ афирмативни толкувања на сите потези на власта. Што секогаш се враќа како бумеранг!

Или, повторно, и конкретно: зарем навистина уставната и законската Вистина во оваа држава целосно се наоѓа во рацете на еден Таљат Џафери и тој може да си игра со неа како што сака?

[1] Љубомир Д. Фрчоски, Пандемијата и лузните врз неолиберната држава, Либертас, 08.04.2020

КОНТРОЛА НАД ПОЕДИНЕЦОТ

Моќта на државата во вакви времиња најдобро се согледува во следниве два сегменти: контрола над поединецот и контрола над вистината. Сето друго се пропратни манифестации коишто само ги надополнуваат горните две.

Кај нас првата – контролата над поединецот – е речиси целосно остварена. И тоа со наша (премолчена) согласност односно кооперативност, или барем на најголемиот дел од нас. Затоа, тука немаме многу простор да се буниме. Апропо, има „осамени гласови во пустината“, ама онака, од инает, или чисто „контрашење“, но не и сериозно противење на првичните мерки на контрола на движењето што Владата ги воведе низ т.н. полициски час. И нашата согласност беше главно резултат на нашиот страв од непознатото и безмалу целосната капитулација пред посилниот, пред вирусот. Инаку, велам речиси целосно остварена зашто таа контрола главно се однесува на ограничувањето на движењето на поединецот и неговото право на собирање. За друг тип контрола не знаеме, но оваа, на движењето, така-речи е клучот на контролата, нели. А понатаму, претставената (и според многумина спорна) апликација наречена StopKorona!, наменета за откривање близок контакт со потенцијално заразени лица е само „проширување“ на можноста за контрола на движењето. Некои велат: а можеби и за нешто повеќе? Сепак, тоа (се’ уште) е на ниво на шпекулација, а згора – инсталацијата на таа апликација е доброволно! Но, ако сите, или барем најголемиот дел од нас, (премолчено) сме се согласиле/сме делегирале ваква моќ на државата, сепак не сме дале carte blanche за неуко експериментирање на поединци со овие мерки, а особено не за дискриминација од секаков вид во нивната примена. И токму тоа е најспорната точка во полемичните тонови присатни во јавното мислење околу тренирањето на моќта на државата во овој сегмент.

Објективниот проследувач на „развојот“ на овие мерки и нивното имплементирање во реалниот ни живот не може да не остане запрепастен од нивото на импровизацијата, повладувањето на стереотипите но и ароганцијата на власта во овој поглед. И ако во првите денови на т.н. полициски час и првиот бран на епидемијата можеби дури и не размислувавме за ова, сега веќе некои работи стануваат очигледни. Но тука повторно доаѓа до израз „глувоста“ на власта за реакциите на граѓаните, за нивните предлози и мислења за тие мерки. Или, ако сакате, на кои и какви (научни) сознанија се темели исказот на министерот за внатрешни работи дека повозрасните луѓе стануваат порано па затоа новата мерка за нив (ќе) важи од 08-12.00 часот? На постојните стереотипи дека пензионерите си легнуваат „со кокошките“ и стануваат пред изгрејсонце; на некои/нечии прифатени проучувања, на нечие семејно искуство… на што? Па власта белки не мисли дека уште живееме во времето на газиени ламби кои ги гасиме во 21.00 часот и си легнуваме? А најновата мерка, ете, ни овозможува циркулација дури од 05.00 наутро. Добро, што мисли власта дека ќе прават пензионерите во тоа време? Ќе одат на работа во рудник, ќе собираат габи, ќе ги ранат кокошките, оние со коишто подоцна, околу 21.00 часот ќе си заспиваат? Абе дајте малку, бидете сериозни во тоа предлозите! Ако пак се држиме до некои стереотипи или бабини деветини и во овие државни „политики“, тогаш нека забранат црни мачки да се движат по улиците и да ни го сечат патот кога излегуваме (зашто тоа, нели, носи несреќа!), или ако се држиме до малоумните совети на некои наши социолози за „природата“ на жената, а следствено и на упатувањата од Библијата, нели, тогаш и тука би имале некоја соодветна мерка за предлагање… итн.

Во истиот кош „образложенија“ оди и она дека Манастирот „Св. Јован Бигорски“ е помала затворена заедница, па за неа важат други правила односно таму можело да се врши групно празнување на Велигден, сосе причестување? А ако соберам јас кај мене дома, во двор, 50-тина луѓе на викенд-џумбус, нема ли и тоа да биде „затворена заедница“ па и за нас да важат други правила? Извинете, ама тоа е несериозно, да не речам неодговорно! И уште колку такви примери може секој од нас да наведе? Десет, дваесет… стотина? Во што тогаш се претвораат мерките на власта и како граѓаните да имаат доверба во нив?

Се разбира, мајтапењето со ваквите „мерки“ ни е се’ што имаме во овој миг зашто и вака и онака никој не не’ слуша. Но, сакам да кажам дека ако веќе „доброволно“, или премолчено доброволно, сме се одрекле од дел од нашите индивидуални права, тоа сепак не значи дека сме се одрекле и од здравиот разум. И очекуваме тоа некој да го почитува а не да не’ замајува со секакви малограѓанштини и глупави празноверија. Барем таа почит веројатно сме ја заслужиле од државата?! Или навистина таа, државата, ужива во тренирањето на строгоста и рестриктивноста? Ако се покаже така, тогаш (ќе) имаме сериозен проблем и повторно ќе се навраќаме на Фукујама.

Но, од друга страна, и посредно повторно во врска со рестрикциите односно контролата врз поединецот, ако она што го говори професорката Најчевска е точно односно дека оваа власт побарала од Советот на Европа дерогација на одредени членови од Конвенцијата за човекови права (правото на слободно движење, правото на здружување и др.), нели е логично прашањето: дали ние и на тоа сме се согласиле? И дали, „пренесувајќи“ ги премолчено сите наши права и обврски на државата во една ваква вонредна состојба – патем, неодобрена од Парламентот! – сме се согласиле и на такво нешто? Или, ако не сме, кој во наше име тоа го направил? И зошто никој тоа не ни го соопштил?

Дури, имајќи го сето ова на ум во даденава ситуација, може ли легитимно да се постави и прашањето дали државата манипулира со стравот на граѓаните, стравот од непознатото и стравот од заразата? Да, тоа би завлегло во оние ступидни теории на заговор ама точно кон тоа води и ваквата затвореност на државата во однос на информации што мора да ги лиферува до граѓаните!

(НЕ)МОЌТА НА ДРЖАВАТА

Стручњаците за теоријата на правото и nа државата, филозофите, социолозите, писателите како „инженери на човечките души“… веројатно ќе најдат редица тези во поткрепа на однесувањето на државата во вакви услови. И тоа не е спорно. Дури, без таквата (однапред претпоставена во устав и закони) моќ на државата, справувањето со вакви кризи веројатно не би ни било можно. Но, вистинските проблеми доаѓаат кога однесувањето на државата односно нејзината демонстрација на добиената моќ – инаку произлезена/пренесена од нас, од граѓаните – треба да му ја објасните на тој ист граѓанин, на некој хипотетичен „просечен“ граѓанин кој не ја познава теоријата на правото, на државата, можеби не ги познава ни конкретните закони што се однесуваат на таа материја. (Иако умниот Фукујама вели дека вистинскиот предизвик за државата во вакви услови е дали „носителите на власта ќе ја вратат моќта кога кризата ќе помине“! Но за тоа подоцна).

Значи, во стилот на перформансот на Бојс „Како да му се објаснат сликите на мртвиот зајак“ (1965), логично е, нели, сличното прашање: како на обичниот граѓанин да му се објаснат постапките на власта? Дури и ако „обичниот“ граѓанин се обидува да ја прифати оправданоста на сите (па и на нелогичните) рестриктивни мерки на државата, тој во секој случај има право да каже дека не разбира дел од конкретните постапки во врска со тие мерки.

Првото прашање е: кои постапки? Еве, да почнеме од последните: како ќе го објасните приведувањето дури во полициска станица на еден млад човек кој си го шетал кучето вон дозволениот радиус од 100 метри? Првиот одговор е точен и гласи: ако мерките важат за сите, важат и за него! Се разбира, ама, прво, мерките не важат за сите подеднакво, и второ, зарем директно во „марица“ и во полициска станица? Онаа иста „марица“ којашто можеби ги развезуваше поповине по црквите, среде полициски час, за да држат литургија? Или, да не бидам обвинет за ширење дезинформации, ама ова прашање јас го поставувам веќе трет пат, а го поставуваат и други граѓани: како имено стасаа поповите во црквите среде полициски час? И кој тоа им го дозволи? И како? Со писмена дозвола, онаква иста каква што имаат новинарите, лекарите… ? Зошто? И зошто никој надлежен од таа/оваа држава не го санкционира она религиозно дивеење во манастирот „Св. Јован Бигорски“? И уште колку „зошто“ се потребни? Па „протестите“ во Сингелиќ, па „орото“ во Гевгелија… како можеби бенигни примери… ама настојчивото несвикување на Собранието како потенцијален малигнен пример… ? А кривичната пријава за „компјутерски говор на омраза“ – или, подобро речено, „компјутерски деликт“ како наш придонес во светското глупаво право – против „непознатиот“ сторител Б.Т. (68) е каков пример – бениген или малиген? А толерирањето на дивеењето на банките во овие услови, каков пример би бил? Прашањето „Дали навистина во пандемијата сме сите заедно“ што го поставува Мајкл Сандел е, кај нас, – вистинското прашање. Ама бара и вистински одговор од оние на кои граѓаните им ја делегирале моќта на својот глас!

Дури, „просечниот“ граѓанин може да се запраша и дали неговата држава односно власта којашто ја избрал соодветно ја употребува добиената моќ, дали нејзините највисоки претставници се на висината на задачите и превземените обврски? Дали, можеби, во ова и вакво време власта ја злоупотребува добиената моќ, дури и ненамерно, да речеме, дури и од неукост, од незнаење? Моќта секако е предизвик, ама и голема одговорност. А одговорноста подразбира давање одговори на јавноста, секогаш кога таа поставува прашања. Ама јавноста не ги добива бараните одговори или е едноставно – игнорирана, што е недопустиво за сериозна и демократска власт. Особено за власт со ваква моќ!

Граѓанинот со полно право ќе се запраша дали неговата власт, онаа којашто тој со својот глас ја избрал, е едуцирана и чита/слуша што сугерираат нејзини учени и видни граѓани? Ако еден Фрчковски и’ сугерира на власта дека „(…) сопственоста создава права и обврски и треба да служи за доброто на поединецот И НА ЗАЕДНИЦАТА“, а таа комплетно го игнорира тој став, што и како ќе мисли „просечниот“ граѓанин? (Се разбира, овде можам да наведам уште барем десеттина стручни за одделни области луѓе, но и дадениот пример во случајов е доволен!). Ќе мисли ли граѓанинот дека и неговиот глас, дури нека е и понеук од оној на Фрчковски, поминува како летно ветре покрај ушите на државата? И дали навистина власта/државата е тоооолку зависна од банките, „големиот“ бизнис и оној 1% најбогати па едноставно одбива соодветно да ги обремени во ова невреме? Ама нема никакви дилеми за сите други? Некој ќе одговори ли (и) на тоа прашање?

Но, генерално, во оваа држава нема одговори. И тоа е можеби најголемиот проблем. Нема одговори ниту на едно сериозно прашање за кое јавноста очекува компетентно објаснување, или на истото одговараат целосно маргинални односно некомпетентни личности. Единствени компетентни одговори јавноста, „просечниот“ граѓанин, добива само од министерот за здравство, а тоа не е доволно бидејќи тој министер не е компетентен за сите други области во државава. А тогаш се поставува убоитото прашање: зошто власта/државата – молчи? Нема одговор? Ако навистина е така, тогаш говориме за несериозна, некомпетентна власт. Ама со голема моќ! Ако не сака да одговори, значи дека има нешто што сака да сокрие, што повторно ја прави некомпетентна. И тоа е апсолутно неприфатливо! Зашто, во најдобар случај, јавноста се прекршува (барем) на два дела: pro et contra! Дали тоа навистина и’ одговара на оваа власт? Во ова време? Дали тоа навистина му одговара на „просечниот“ граѓанин? Мислам дека сите го знаеме одговорот. Ама не ја знаеме причината за молчењето, нели? И затоа виреат сите идиотски теории на заговор и маалски приказни.

СТИГМАТИЗАЦИЈА

Не само заради фактот што зборот стигма е со грчки корен и не само заради фактот што, велат, дека Гркот Аристотел е еден од најголемите филозофи на сите времиња, ама човекот уште тогаш рекол дека „Дури и во најтемните мигови мора да се фокусираме да ја видиме светлината“. Ама не знам, не сум сигурен дека тоа важи и за нас. Поточно, дикцијата на неговата мисла не трпи дискусија, но сепак. Особено што Аристотел нема(л) шанса да не’ види нас на дело! Е сега, ние можеме надолго и нашироко да разглабаме кои се и какви се тие „најтемни мигови“ и дали се апликативни на ова наше време-невреме. Веројатно се. Потемни не сме имале. Сме имале лоши времиња, некои дури и неодамна, и тие траеле предолго, ама ние некако еднакво се однесуваме секогаш: ретко се обидуваме да ја видиме и да се избориме за светлината. Како мракот да ни е природна состојба, пожелна, присакувана. Зашто токму во такви состојби, во вакви не-услови, на површина излегува полната сложена и често контрадикторна човекова природа – лична и колективна – којашто го диктира поведението на единката, групата, колективитетот.

Точно е дека нашето поведение во овие услови е така-речи диктирано од наметнатите мерки. Но мерките, во принцип, не (треба да) целат кон дискриминација, поделба на населението на „едни“ и „други“, на верници и неверници –  иако тоа, можеби и недоволно промислено беше направено – но мерките апсолутно не можеме да ги обвиниме за она што зема се’ поголем замав во пандемијава: екскомуникација на заразените/заболените од коронавирусот, нивна стигматизација, изопштување од заедницата (соседството, градот и пошироко). Примерот од Пехчево е само уште еден на листата од многуте! И нема да биде последен, за жал, ќе ги има се’ повеќе, како што ќе расте бројот на заболени. А тој, повторно – за жал, ќе расте, зашто, велат, се’ уште не сме го достигнале врвот на епидемијата. Речиси истото се случуваше и со луѓето кои беа сместувани во задолжителен карантин а коишто доаѓаа од средно или високоризични подрачја, се           објавуваа дури и листи со имиња и презимиња на (потенцијално) заболените итн.

Некој ќе рече дека тоа се природни реакции. Не сум сигурен дека во тоа има нешто многу природно зашто ние одамна не сме во „природната состојба“. Белки денес живееме, ако не повеќе, тогаш барем во просветената фаза? Или не?! И разбирам, стравот го прави своето, и ќе го прави. Ама не е само стравот во прашање. Нас никој веќе триесет години не не’ учи да ја бараме светлината, да го гледаме доброто, да бидеме хумани, да ги надраснуваме „природните состојби“. Та не сме белки уште на првиот стадиум на хомо сапиенс? Добро, мене и мојата генерација, но и многу генерации после мене, веќе никој ништо не може да не’ научи. Ама нас не’ научија нашите родители, нашиот образовен систем, културата на тогашната средина. Денес младите никој не се ни обидува нешто да ги учи, или ги учи на спротивното од она што го вели Аристотел. Ги учи дека треба да го мразат различното, дека само нивното е добро, дека луѓето по придота се лоши, дека другите, особено послабите, треба да бидат исмејувани и навредувани… И од ова не ги исклучувам ни верските заедници, за жал. Се престоривме во затворено општество, во општество на омраза и нетрпеливост, ксенофобија и уште едно чудо други фобии, децата немаат чувство на припадност кон светот туку само кон своето разулавено „племе“… Се сеќавате на онаа „учителка“ која пред три години шеташе со еден огромен крст со името на (тогаш) лидерот на опозицијата? Такви денес ги учат децата! Ги учат на мрак, на завист, на злоба, на лошотија. Како да овие несреќници заразени со коронавирусот самите си го барале тоа, како да сакале да им се случи тоа што им се случува. Или другиве мислат дека нивниот Бог ги казнува? Ама зошто? Тоа дури и не е важно. Верувам дека сешто им се врти низ главите на овие и вакви бедници, но за жал ни државата ништо не превзема. А нема кој друг да ги заштити тие луѓе! Нашево општество е податливо општество за таков вид дискриминации. Сетете се што и како се случуваше со ХИВ вирусот. Не дека истото не се случуваше и во светот, се’ до моментот на отрезнувањето дека тој вирус не се пренесува преку допир или преку воздух. Впрочем, сетете се на „Филаделфија“.

Ама овој проклет вирус е поопасен и полесно пренослив од ХИВ-от. Затоа и се неопходни поригорозни мерки, но и поригорозни казни за сите прекршители, вклучувајќи ги и сејачите на омраза и стигматизација! Нема општество отпорно на тоа, ама ние сепак, без оглед на „мулти“ карактерот, сме општество со релативно мал опфат. И сите нешта би требало да се полесно решливи. Ако сакаме, се разбира, и ако се „прешалтуваме“ да ја гледаме светлната наместо мракот. Или, ако сакате, ние баш и немаме само еден најтажен ден во годината, како што велат некои. Секој има свој најтажен ден, а на сите заедно сите денови ни заличуваат на најтажни, и најмрачни. Ако не ги „осветлиме“, нормално. Ама треба да се потрудиме, многу, и сериозно, на чело со власта, која и да е’, денес и утре, и наместо поделби да инсистираме не на „братство и единство“ (иако и на тоа ништо не му фалеше!) туку на човекољубие, на достоинство, на почитување на другиот…

Или, ако сакате, ако Алијансата на Албанците, сега и овде, бара најстрого казнување на прекршителите на мерките на Владата – целејќи, имено, на свештенството во манастирот „Св. Јован Бигорски“ – мораат да бидат подготвени истото да го бараат и за прекршителите на мерките за време на празникот Рамазан. Ако не биде така, тогаш ние навистина немаме за што да разговараме!

П.С.

Некој може да ми префрли дека и јас, всушност, ја гледам само темната страна на нештата. Ама ајде видете ја светлината кога МеВеРето, во ова време, апси деца кои шетаат кучиња и се бави со „непозната особа“ Б.Т. (68) затоа што (компјутерски!) им го навредувал партискиот шеф. А патем, никој не објасни како поповите стигнаа во црквите во време на полицискиот час? Со полициска придружба?Аристотел може само да учи од нас!

НЕКОИ НОВИ КРСТОНОСЦИ

Не можам да кажам дека не ми се допаднаа зборовите на Г.Г. Стефан дека „Празникот на Христовото воскресение не потсетува да размислуваме за своите постапки и да се стремиме кон добродетелен живот и кон љубовта“. Обмислени, прилагодени и пригодни, за сите. За жал, атмосферата во државата не е таква, не само заради пандемичните (и политичките) тензии. Сосема непотребно се создадоа и дополнителни „конфликти“, дури и поделби, со непристојни и сосема несоодветни зборови/испади упатени од (божем) верници кон сите оние кои го поставуваа деновиве најлогичното прашање: кому ова му треба(ше) во ова време, и зошто? И тие апсолутно валидни прашања наидоа на бранови реакции од т.н. верници – иако за многумина кои се служат со таков речник тешко е да се употреби тој поим! – дури и од луѓе од (квази)интелектуалната сфера, од највисоките македонски институции  и сл. Па и од бивши комунисти! Господ да чува и да брани од бетер. Реакции остри речиси како вирусот, сечат како жилет, квазиверници ученици на оној Агатангел, целосно неприлагодени на времето, на условите, на христијанското милосрдие и толеранција. Треба уште да ни објават којзнае која по ред крстоносна војна и да не исчистат од државава, што ли?!

Да, говорам токму за тие таканаречените „верници“ кои и оваа ситуација, па и оправданите сомнежи во целисходноста на сегашното држење до некаква канонска традиција, отвораат уште еден фронт меѓу народот, делат полуписмени лекции за верата, и неверата, за божественото (иако појма немаат што е тоа) итн.

Зошто го велам ова? Затоа што вистински верник никогаш нема да си дозволи да загрозува туѓ живот со своето однесување! Тоа е основното правило на христијанството, и на сите други вистински религии. Зашто, што е религијата? Верба во злото, во злочинењето, во туѓата несреќа… ? Напротив. А Г.Г. Стефан го рече и следново: „Да се молиме во срцата за здравје и спасение“. Како тоа луѓево за кои говорам се молат за општото здравје и спасение? Со навреди и понижување на сите други, на оние таканаречени „неверници“, на оние кои, ете, не с(м)е на тоа нивно „високо ниво“ на свест и не можеме да се наречеме верници. Заради тоа сме помалку важни за државава и нашето здравје треба да биде загрозено? Сигурен сум дека едно чудо од тие „неверници“ направиле за Човекот многу повеќе добри дела од оние самонаречени верници.

И можам да посочам конкретни персони на кои мислам пишувајќи ги овие редови, оние „интелектуални“ крстоносци/крстоноснички попримитивни и побезобразни од најнеуките луѓе во државава. Но нема, зашто би се спуштил на нивно приземно рамниште. А впрочем, оваа земја отсекогаш чмаела токму заради таквата самонаречена интелигенција, сега и со лажниот крст на челото во поход против сите кои не мислат како нив. Ви продаваат побожност, дури влечат споредби со некакви врвни писатели и филозофи кои „биле на некој начин побожни“! Како да е тоа некакво мерило за ум, квалитет, критериум за вредност? Тртљаат за работи што не ги ни разбираат („нема совршени уметнички дела кои не се загледани од онаа страна на земното!“), божем „копнеат“ по божественото, неуко изедначувајќи го со – религијата! Дури се дрзнуваат да речат и дека „атеистите се површни“! Одново се отвораат темите за христијанофобството, за прогонот на христијаните… Ве молам, денес, во третата деценија на 21-от век!? Зарем и денес треба да се повторуваат некои искази на еден Ајнштајн – несомнено еден од најголемите умови во историјата на човештвото – за корените на верувањето во Бог, или да ги набројуваме сите „писатели и филозофи“ кои не биле верници?

Се разбира, на крај памет не ми паѓа да отворам некаква полемика за постоењето – или не – на еден Бог. Уште помалку за правото на верување и практикување на верата. Ама тоа право, прво, не е неприкосновено, и второ, не е поголемо од правото на другите да не веруваат! Дали и колку тие со тоа губат – тоа е сепак нивен личен проблем. Но, општото (и навистина неприкосновено) право на здравје и живот на сите е над правото на верникот со неговото практикување на верата да ги загрозува другите, вклучувајќи ги и другите верници, нели?!

Инаку, навистина е нејасно од каде извира сета таа приземност и простотија, речиси и не верувам дека Македонската православна црква „воспитува“ баш вакви „верници“, но знам дека едно чудо врвни македонски институции се полни со вакви блефери. И имајќи ги на ум токму ваквите лажни пророци и верочувари, мислам дека МПЦ мораше да ги откаже сите канонски традиции во ова невреме, за да им покаже на ваквите „верници“ дека таа се грижи за сите подеднакво, дека таму има разумно свештенство, дека умеат да носат смели одлуки во важни времиња! Како впрочем и нивните сестрински цркви во Русија, Србија, Грција… Зошто секогаш другите треба да бидат попаметни од нас? И зошто мораше свештенството/монаштвото на „Св. Јован Бигорски“ баш со видео да ни прикаже дека манастирот е полн со луѓе, дека на службата се напикани како сардини и си дишат во врат… ? Зошто, кога веќе прекршувале наредби и препораки, тоа морале и јавно да го обзнанат? Да ни покажат дека се посилни од нас, посилни од државата?! И кому тоа му служи, на Бога? Извинете, ама не мислам така. Така, ќе простите, не се гради вера, уште помалку црква во којашто луѓето (ќе) веруваат. И никако не се привлекуваат нови верници.

И тоа мораше на ум да го има Г.Г. Стефан, и да му укаже на свештенството на тоа. Зашто, сепак, денес, нови „крстоносни војни“ не се во полза на црквата/религијата. Тие се однапред загубени односно нивниот пораз во такви војни е само прашање на време. Ако пак ни тоа не го знаеле – тогаш навистина ништо не знаат! За жал.