Monthly Archives: March 2022

СТИГМАТИЗАЦИИ

Дали целата вџасувачки катастрофична атмосфера во светот, па и кај нас, влијае на сите сетила и на целиот ментален склоп кај луѓево, а особено на рационалното однесување на поединци – инаку директно ставени во политикантска служба на актуелниот естаблишмент – или ваквите кризни состојби само реално го демонстрираат интелектуалниот капацитет на тие луѓе, па и на власта во целина? Дали ова денес е всушност нашето единаесет години очекувано „ново нормално“ или сите станавме хиперсензитивни па се кошкаме околу дребулии? Ама, извинете, овие состојби кај нас никако не можете да ги наречете само дребулии или политикантски фаули, а најмалку можете да ги крстите како нешто ново, уште помалку – нормално. Сѐ е премногу старо, дури ветво, одамна видено, и жално. Многу жално за држава/општество кое мислеше дека со месец-два шетање по улиците на главниот град ќе излезе од тоталитаризмот и автократијата на еден режим и ќе дојде до некаква слобода. Цената на слободата, се покажува, е многу, многу повисока! 

Но дури и да е така, дури и после цели пет години да ги немаме тие капацитети да мрднеме од мртва точка, сепак некои нешта остануваат голема мистерија. На пример, како да се разбере човековата потреба низ историјата, но и во оваа сегашност викана демократија (вклучувајќи ја тука, секако, и оваа во македонската држава) за стигматизација – да не речам жигосување – на луѓето со поинакво мислење (потекло, боја на кожа, сексуална определба итн.). И од каде желбата за унифицираност, за изедначување на сите во едномислечки колони како на фабричките ленти во „Метрополис“ или во спотот за ремек-делото „Another brick in the wall“ на Pink Floyd? Што е целта и на актуелниве пребројувања кој е за а кој против руската интервенција во Украина (каква идиотска „теза“), кој е про а кој антируски настроен (уште една од ист калибар!), сосема слично и на сѐ уште популарното пребројување и стигматизирање на вакцинираните и невакцинираните (без оглед на причините на вториве!), што пак нѐ враќа во некои несакани времиња од поблиската или подалечната македонска (периодот, на пример, на 1948-та, па 1968-1971, па 2006-2017 итн.) но и светска историја. И кој воопшто им го дава тоа право на овие пребројувачи, на овие современи обележувачи/жигосувачи: власта генерално со некаква carte blanche, некое конкретно министерство, некој друг државен орган… кој тоа дели такви легитимации на поединци и групи да ги прозиваат и „пребројуваат“ граѓаните по сите основи? И што е всушност поентата, која е крајната нивна цел?

Ќе воведуваме ли повторно „жолти ѕвезди“ или некој нов тип на обележување? Ќе ги облечеме ли тие луѓе во специјални и лесно препознатливи униформи, ќе им ставиме ли ѕвончиња на вратовите за да можат „едномислечкиве“ да знаат дека некој од тие им се приближува? Можно ли е оваа држава, но и не само таа, да не гледа во што се претвора (или ја претвораат), можно ли е власта да ги иницира и одобрува ваквите современи „класификации“ на луѓето во Македонија, па нека е и Северна? И што, да простите, ги заболе она „професорчено“, оној „аналитичарон“, онаа цела булумента кербери кој е за а кој против нешто, или се платени „по учинок“, да ги пребројуваат и жигосуваат луѓето? Почнаа ли да се печатат некои нови „сертификати на вистината“, а ние да не знаеме?

Сите големи македонски „демократи“, сосе Хелсиншкиот комитет, онаа од Прага која очигледно не знае што да прави со себе во тој свет и др., оправдуваат дури и забранување на медиуми зашто ширеле – лажни вести. Ама нашиве, односно нивниве, ни ја кажуваат – вистината. Но која? Зашто кај нас, очигледно е веќе, постојат многу вистини: главната поларизација денес не е само НАТО вистината контра руската вистина, туку ние си имаме и локални поделби на вмро и сдсм вистини (малите букви се одраз на моралниот кредибилитет на двете партии денес!), па на дуи и беса вистини, па на прогресивни и регресивни вистини итн., а сега и на нови т.н. пописни вистини! Хана Арент (често ќе ја цитирам или парафразирам овде) вели дека тоталитаризмот е нечиј друг сон што го освојува вашето тело сѐ додека не се претвори во ноќна мора. Тука ли сме стасани, до кошмарот, или имаме уште пат за одење? Ама – уште колку, и зарем забраната на медиуми и пребројувањето со тенденција за жигосување не е последениот стадиум? Што е следното? Не знаеме, ќе видиме, човечкиот ум „се развива“ во сите, па и во најмонструозните насоки. Иако одамна е јасно дека „(…) плурализмот исчезнал во Еден Човек со гигантски димензии“. И сега, тој и таков човек ли е нашата мерка за реалноста, дали поверувавме во нешто – во уште една голема лага – што всушност не постои ама ние баш сакаме да ја прегрнеме? Ние веќе не говориме за благосостојбата на човекот, за граѓанинот-поединецот, туку за малкумина поединци кои ни го „организираат“, или упропастуваат, животот според свој терк, кои присвојуваат сѐ до што можат да допрат – а можат многу – кои упропастија цела една држава којашто, ако не повеќе, барем можеше да се самопрехрани. „Пред да дојдат на власт и да го етаблираат светот според нивните докторини, тоталитарните движења магично создаваат еден лажлив свет на конзистентност којшто е поадекватен на човечкиот ум од самата реалност“, вели (повторно) Арент. Тоа ли ни се случува(ше) наназад петнаесет години, па сега дојдовме до оваа „нова реалност“ на дефинитивно пребројување? И сега, конечно, треба ли да постанеме оние „идеални субјекти“ кои нема да смеат да прават разлика помеѓу фактите и фикцијата, вистината и лагата, и сите ќе мора да говориме исто и ќе немаме право дури ни на критичко мислење? Впрочем, нели беше токму тоа идејата и на оној закон за којшто човечето кое го предложи доби дури и унапредување? Ние, односно некои од нас, се обидуваат да ни го наметнат и тврдењето дека има различни агресии, дека дури и бомбардирањето на Србија во 1999 година било легитимно и за добро на српскиот народ! И конечно, пак Хана Арент – во едно интервју од 1974 година – повторно нѐ подучува дека „ако сите секогаш ве лажат, консеквенцата не е дека вие верувате во лагите, туку попрво дека никој повеќе не верува во ништо“!

Конечно, не е никаква среќа што слични нешта, во еднаква ригидна форма, се случуваат дури и во поцивилизирани ЕУ земји: денунцијации, жигосувања, присилувања на некакво „изјаснување“… Дури и уметниците почнаа да ги пребројуваат, да им бараат „црно на бело“ дека се одрекуваат од Ѓаволот, па и од сопствената земја. Извинете, но во некои европски земји со не така далечна мрачна историја, тоа делува толку морничаво, толку многу заличува на некои нивни познати „методи“ од минати времиња. Некој ќе рече: мислевме дека и војните на европско тло се минато. Точно, мислевме, но војните, па и во Европа, очигледно никогаш нема да бидат само далечно минато, не додека постојат автократски режими и отсуство на дијалог. Но ни дава ли тоа право и ние така да се однесуваме? И во што тогаш, со ова наше жигосувачко насилство, се разликуваме од оној/оние кои така здушно ги осудуваме? Или, ако ги употребиме зборовите на актуелниот Вил Смит од неговото извинување на Крис Рок дека „насилството во било која форма е отровно и деструктивно“, зарем мислиме дека „новиот вид“ на пребројувачко и жигосувачко насилство е некаков подобар и поприфатлив тип агресија? 

STREPTOCOCCUS INFORMBIROTICUS

Најдемократскиот институт во еден парламент – пратеничките прашања – кај нас инаку најчесто заобиколуван, и тоа токму од страна на владеачкото мнозинство (вчерашно, денешно, утрешно…) коешто има одлучувачки збор во конципирањето на работата на македонското Собрание, е нелегитимно, нелегално, и крајно симптоматично однесување на секоја власт од демократска гледна точка. Но, кога таквото однесување се проектира на целото општество, при што инсталираните медиуми и поединци, во реалноста (само)прогласени како „аналитичари“, не дозволуваат поинакво мислење или прашања што ја поткопуваат „вистината“ на власта (која и да ѐ и каква и да ѐ), тогаш нешто не штима со демократијата во земјата. А кај нас тој процес забрзано започнува од 2007 година наваму, со еден краток „грејс период“ во втората половина на 2017-та година – моментот на конечното устоличување на експремиерот Заев – за да потоа рапидно ескалира во истите, дури и „инвентивно“ надградени, процеси на строго контролирана „наша вистина“ на нивото на целата држава. Едни советници преку ноќ беа заменети со други, старите послушници со нови, „аналитичарите“ галантно си ги заменија местата (некои и дресовите!)… а „објективната вистина“ и граѓанскиот глас (о)станаа последното дупче на властелинското свирче. И повторно, како правило, секоја власт кај нас се ежи на сѐ почестите погласни јавни идентификации со праксата на нивните претходници! Но, затоа впрочем секоја власт инсталира онакви човечиња задолжени за нивниот „систем на комуникации“, вклучувајќи тука и „независни“ вувузели (инаку зависно видливи на тајни списоци на хонорарци!) кои секојденевно нѐ уверуваат дека живееме во демократија поквалитетна дури и од онаа во Европа. И не ѝ е тешко на власта за секоја прилика од списоците да извлече некој токмак кој ќе бара да ги прескокнеме сите демократски процедури за промена на Устав и преку ноќ во него да внесеме дури и некое (непостоечко?) малцинство од стотина луѓе, друг ќе инсистира дека имаме премногу руски дипломати и време е некого да протераме итн. Тогаш власта, секоја власт, добила „легитимни“ барања од „јавноста“ и постапува по нив. Кај оној дел од јавноста каде ќе се појави евентуална дилема за тие и такви потези, задолжена е бригадата ботови, трутови и трутчекери. Ако сте поминале само со етикета, дури и добро сте поминале! Иако има и полоша варијанта: For God’s sake, this man cannot remain in…! Веќе никој и не може да доброи колку често сме го слушале ова во локална варијанта. Но, велат, денес и тоа се вика – демократија!!!

А впрочем, тоа се кај нас очигледните рецидиви на онаа сѐ уште жива бактерија викана streptococcus informbiroticus 1948, кога и во Македонија за прв пат се воведе кризната состојба на само една можна вистина. И никогаш не излезе од земјава, наспроти сите системски промени. Сега, додуша, ефектите од таа стрептокока не се така застрашувачки смртоносни, но се ублажени со формите на етикетирање, анатемисување и на крајот изопштување од „нашата“ заедницата – формално, но и суштински. Некому, се разбира, таквите мерки не му пречат, но тие потоа се простираат не само на изопштениот туку и на неговото семејство, поблиско и подалечно. Иако, за посериозни прекршувања на едната вистина некогаш следуваат и поефективни казни. Да, го нема веќе оној Голи оток, ама ништо поедноставно не е ни денешново пребројување, „класифицирање“, плакатирање… (За овие „мерки“ во следната прилика). Што друго е различно? Па, историјата тврди дека првата појава на бактеријата викана streptococcus informbiroticus 1948 била неопходна за спас на тогашната држава. И тоа е веројатно точно, повеќе или помалку, бидејќи тогашната сталинистичка чизма никако не била за потценување. Некои настојчиво се обидуваат да нѐ убедат дека е така и денес, дека сме исправени пред опасни внатрешни кризни состојби (коишто, главно, самите си ги предизвикуваме), дека (повторно) некој „надворешен непријател“ одвај чека да нѐ пороби (?)… и дека и оваа путиновска чизма е со еднаква или приближно слична тежина (што е единствено точно, но како ли таа би стасала до нас?). А сепак, и разликите се големи, но за нив никој не сака да разговара. На власта, на секоја власт, ѝ одговара стуткан, исплашен, сиромашен, обезличен… и на колена народ. Тогаш поминуваат сите (ефтини) приказни! Речиси секојдневно имате дози на нови и нови „вистини“, на најнови достигнувања на власта на многу полиња (особено на планот на безбедноста!), на нашата дружба со „големите сили“ како рамноправни партнери (но во што?), итн. Бригадата на информатори и плакатери, на факт и трутчекери, на ботови и трутови… од ден во ден се зголемува. И постојано излегува некое човече да нѐ убедува дека ние сега имаме „наша страна“, имаме дури и „демократски блок“ и „активна транспарентност“, а како шлаг за крајот ни открива дека имаме (наши, се разбира) тролови и ботови што возат по автопат наспроти истите такви (ама туѓи, „од другата страна“) кои кликаат по подруми! Нормално, не можете баш да ја разберете разликата зошто локално „туѓите“ се полоши од локално „нашите“ зашто ботови се ботови, ама изгледа едните шират „наша“ вистина а другите туѓи „лаги“. И тие и такви човечиња по правило се накитени со бомбастични функции од типот на „национални координатори“ за сѐ и сешто, меѓу другото и за – вистината. И повторно воведуваа само една вистина – ама онаа, „нашата“! Се разбира, расправите за неа, за вистината – но не „нашата“ вистина – постојано биле едно од клучните прашања, дури и во демократските општества, бидејќи секогаш постојат тенденции за воведување на само „наша“ вистина. Но демократските општества се нарекуваат демократски токму заради отвореноста и за другото мислење, за друг став, па нека е и спротивен односно спротивставен, но со право на глас и гласност. Сето друго е само рецидив во различна форма и степен на онаа streptococcus informbiroticus 1948! И само чекам кога „координативноно“ човече деновиве ќе излезе и на неговата листа на непријатели ќе ги стави и Daily Mail, The Times, The Post, The Guardian… и сите други што, ете, се дрзнуваат да пишуваат за биолабораториите во Украина, за синот на „водачот“ на демократскиот свет… итн.

Впрочем, и деновиве, а во врска со годишнината од нашето приклучување кон акронимот од светите четири „одбранбени“ букви, читаме и слушаме нови и нови „вистини“, заслуги на овој и оној, херојско (само)величање од дури титовски формат. И повторно – тие се во право, ние грешиме. 

ТРОЈАНСКИ ГЛУВЦИ

Повторното навраќање на темата на Тројанскиот коњ но во малку видоизменета верзија, сега со акцент на неговата подготовка – и пак преку уште едно дело на Тиеполо насловено Изградбата на Тројанскиот коњ (1760)­ – има повеќе причини. Оваа тема, имено,не може да се исцрпи само со нејзиното актуелизирање, метафорично значење и „внесувањето“ во некоја современа приказна, туку мора да се посочи и на миговите на подготовката на „главниот лик“ – Тројанскиот коњ – односно неговата изградба, како што тоа го прави и Тиеполо (синот), а не како што тоа го направи историкот-првоодделенец Ангел Димитров. Во целата таа „приказна“ има многу финеси што треба барем да се отворат, ако не расветлат. На пример, каога започнала „изградбата“ на Тројанскиот коњ во Македонија, ако веќе ние сме требале да го глумиме тој лик? Кога бил кастингот за улогата, кој ни ја наменил? И како тоа, онака одеднаш, го откри Димитров? Од друга страна, за некои соседни држави, особено од Истокот, постојат веродостојни укажувања дека „коњот“ бил одамна подготвуван и се чекало само вистинското време за неговото отворено влегување на современата историска сцена. Иако Никица Корубин, во еден нејзин ФБ статус, скицира интересна теза дека „Нема потреба за други да бидеме тројански коњ, сами за себе сме“[1] – а тоа е така, како и во многу други нешта! – оваа приказна пласирана директно од бугарскиот политички врв сепак не е баш така наивна. Таа има свои подготвителни фази, причини, намерно дефокусирање (или не?) итн. Притоа, интересно е и како ЕУ останува комплетно глува и нема на таквите обвинувања на една нејзина членка. Се разбира, секогаш можеме таквите испади да ги припишеме на нечија глупост, незнаење, зла намера… иако мислам дека ова не е таков случај. А сепак – премолчеа сите, и ние и ЕУ, нели?! Зошто?

Иако, за една одредена шарлатанска структура во самите врвови на Европската унија, воопшто и не ме чуди молкот. Колку за потсетување, претходниот комесар за проширување, „славниот“ Јоханес Хан, а со него и врвот на ЕУ, во јули 2018 година излезе со (уште) една „историска“ изјава дека никој друг туку Кина (sic!) може да ги претвори земјите од регионот во свои тројански коњи! Хан ја просветли ЕУ, а таа сјаеше во глупоста заедно со него, дека „комбинацијата на капитализам и политичко диктаторство“ може да им се допадне на лидерите во регионов. Што, де факто, не е погрешно, но географски лошо лоцирано. Па, дури, за да биде поубедлив, „славниот“ Хан „поентира“ дека иако Западот повеќе се фокусирал на улогата на Русија, всушност Кина и нејзините инвестиции на Балканот треба да внесуваат немир кај ЕУ. И тоа повторно ќе рече дека само до пред нецели четири години Русија и Путин не беа закана за Балканот и ЕУ? Голема политика, големи политичари![2]     

Од друга страна, во февруари 2020 година, на сајтот „Bloomberg“се појавува интересен текст насловен Russia’s Old ‘Trojan Horse’ Plays East Against West.[3] Секако, самиот наслов доволно говори, но приказната е уште поинтересна. Се разбира, станува збор за Бугарија – ако некому до сега не му било јасно кој е „Стариот Тројански коњ на Русија“ – и еден таканаречен „Руски комплекс“, всушност хотелски ресорт сместен во селото Камчиа, на самиот брег на Црното море, вреден 200 милиони евра. Комплексот бил „проект-милениче“ на градоначалникот на Москва Јури Лужков и има хотел, театри, кино, тв студио, олимписки базен, спортски терени, планетариум и др. Авторите велат дека санкциите контра Москва финансиски го погодиле и овој комплекс, но и дека рускиот надворешен министер Лавров сепак видно се грижи за комплексот, што доволно говори не за „велнес“ политиката на Русија туку за нејзините геостратешки интереси. Лавров имено изјавил дека Камчиа е „unique“, „ideal model of soft power“, и предложил да биде земена под контрола на Кремљ! Како и да ѐ, интересен е заклучокот на авторите на текстот: „Што и да се случува понатаму, Камчиа покажува дека Бугарија останува критичката истурена позиција во време на зголемени тензии околу шпијунажата, енергетската сигурност и корупцијата. Таа историска улога постанува уште посомнителна последниве месеци (…)“! И додаваат еден исказ од Илијан Василев, екс-бугарскиот амбасадор во Русија (2000-2006) дека „The problem for the U.S. and Western Europe is that Bulgaria chooses to remain Russia’s biggest foothold in Putin’s orbit because that serves the interests of the people who run the country“.

И сега, во „изградбата“ на овој „тројански коњ“ можеме да се враќаме уште поназад, на пример во 2006 година и зборовите на Владимир Чижов, руски амбасадор во ЕУ, кој изјавил дека Бугарија била „потенцијален руски ’Тројански коњ’ во ЕУ“[4], итн., итн., но сето тоа, во крајна линија, се нешта што се познати на многумина, па и кај нас. Иако сите се обидуваат да ги игнорираат. Но сето претходно упатува на една подолга предисторија на подготовките/изградбата на еден таков Тројански коњ на Балканите, којшто би бил чуван во соодветна „штала“ до мигот кога ќе биде потребен. Нешто како кртовите во шпиунскиот свет, нели. Но, немам апсолутно никаква намера да обвинувам една земја, па и нејзините политичари, за таков тип заговори, барем не како што тоа го направи екс-бугарскиот амбасадор во Македонија и пионер-историк Ангел Димитров. Зашто тоа беше ништо друго туку – подло подметнување! Или не беше? Токму затоа уште поневеројатен е молкот на македонската официелна политика, а и на оние чувари на македонскиот јавен простор кои сложно одлучија да ја прескокнат оваа („безначајна“) тема.

Или пак, навистина, има „нешто“ точно во зборовите на Димитров? Тоа „нешто“ е прилично лекомислен збор, недоволно јасен и речиси намерно немушт. Не кажува ништо, или кажува – сѐ? Можеби, како и многупати досега, македонската политика нѐ држи во темница, а однадвор добиваме сигнали што самите треба да си ги толкуваме? Не знаеме, но ќе дознаеме, некогаш. Ама и сега некои македонски „зделки“, некои сомнителни високодржавни контакти, па и некои „оставки“, фрлаат некаква друга светлина на македонската реалност. Иако не би рекол дека тоа е некој спектакуларен нов „Тројански коњ“ подготвуван во оние заостанати хангари од „СК 2014“ зашто кај нас нема политичари со таков капацитет, ама веројатно има одред политикантски тројански глувци кои успеваат од сѐ да направат профит!?      


[1] Никица Корубин, Кризата во Украина, како лакмус за лажниот македонизам, ФБ статус, 23 март 2022

[2]  Ryan Heath and Andrew Gray, Beware Chinese Trojan horses in the Balkans, EU warns, POLITICO, July 27, 2018

[3] Rodney Jefferson and Slav Okov, Russia’s Old ‘Trojan Horse’ Plays East Against West, February 21, 2020, https://www.bloomberg.com/news/features/2020-02-21/russia-s-old-trojan-horse-plays-east-against-west

[4] Bulgaria is not Russia’s Trojan Horse in Nato, PM Borissov tells Stoltenberg, The Sofia Globe, March 1, 2019

СИ БИЛА ЕДНАШ…

Речиси сите бајки во светот почнуваат со познатата реченица: си бил(а,о) еднаш… Македонската бајка сѐ уште се пишува, но и таа почнува на истиот начин. Освен што не го знаеме продолжетокот на реченицата. Ако би ја завршувале сега, таа веројатно би продолжила вака: си била еднаш една земја во која прашања не се поставувале. Но, дури и да се поставеле, редовно останувале без одговор!

Можеби грешам, но мене бајковитата сегашност на „Нашата земја“ ми изгледа токму така. А прашањето што никогаш не го поставуваме, барем не во неговата најчиста, елементарна форма, е прашањето: зошто? Иако сите сме свесни дека прашањето што секогаш треба да го поставуваме во неговата чиста, елементарна форма е токму прашањето – зошто! На пример, зошто ни се случува ова што ни се случува, зошто на светот му се случува ова што му се случува? Љубопитните – а јас би рекол поинтелигентните – деца умеат да бидат бескрајно здодевни со тоа прашање („зошто ова“ и „зошто она“) на коешто ние најчесто одговараме со: така. Што и не е некаков одговор, нели. А тие всушност преку тоа прашање само се обидуваат да го осознаваат светот и неговите причинско последични односи. Впрочем, токму тоа прашање е фундаменталниот двигател на човечката цивилизација, прашањата „зошто“ што си ги поставувале Сократ, Платон, Њутн, Галилеј, да Винчи, Ајнштајн, Кири, Хокинг, Харари… Во одбрана на моќта на прашањето, познато е Сократовото елоквентно тврдење во времето на неговото судење во Атина дека „неистражениот живот не е вреден да се живее“. Дали ако една таква есенцијална констатација ја прошириме и простреме на македонската ситуација добиваме живот без одговор на суштинските прашања, добиваме гола егзистенција – ако ова денес воопшто може така да се нарече! – без спознавање на основните алки што ни го сочинуваат животот? Или него, животот, мораме да го прифатиме баш така, беспоговорно, обоен само со политикантските и квазиекспертски „бои“ на власта – секоја власт – и нејзините молерофарбарски друштва? И зошто ние не сме заслужиле да дојдеме до сржта на проблемите/процесите во оваа држава, зошто не сме заслужиле некаков одговор? Или ни е добро вака, секој со својата „вистина“, секој со својата „теорија“?

Дали животот во „Нашата земја“ би ни бил појасен, поцелисходен, поконструктивен… доколку ги добиваме бараните одговори во редовни следувања? Не велам дека би биле посреќни, повесели, побогати… туку само дека полесно би се ориентирале тука и надвор, нештата би добивале смисол, а можеби и нашите (ре)акции. Или поентата е токму во тоа: сѐ да остане замаглено, закукулено и замумулено, граѓанинот да се држи само во некои глобални егзистенцијални рамки, заморен од борбата со животот и минималната плата од 300 евра?

Но, дали ако секој ден го поставува(в)ме прашањето зошто ова ни се случува(ше) во/со државата последниве триесет години, и денес, нештата ќе беа поинакви? Можеби. Па ако тоа прашање започнеше секојдневно да се поставува и во Парламентот, и да се инсистираше на одговори, ќе го покреневме ли процесот на преиспитување на целокупната македонска ситуација/транзиција и ќе дојдевме ли до некаков одговор? Веројатно. Зашто, ние денес сме во ситуацијата на еден обичен механизам – а државата секако е сложен општествен механизам – што не се одржува(л) соодветно, не се поправале на време неговите дотраени делови или не се заменувале со нови…, заради што тој механизам полека престана(л) да функционира. Или, уште поточно: започнал реверзибилен процес – врти во обратна насока, се истоштува себеси! Престанал ли да функционира македонскиот механизам? И кој треба(л) да го одржува, да го поправа, да се грижи за него? И го правел ли тоа на соодветен начин? Ако пак сме дошле до вакви прашања, тоа значи дека тој механизам е пред сериозен колапс! Или тоа, едноставно, одговорните не сакаат да го видат? Не сакаат или – не можат? Зашто, кај нас, вообичаено, квалитетот што се претпоставува е оној партискиот а не стручниот, бараната делотворност на системот не е во компетентноста на механизмите туку во нивната „идеолошка“ припадност. Но, кога гледаме дека претпоставениот (партиски) квалитет нѐ довел до амбисот, што тогаш? И конечно: зошто постојано разговараме за последиците, но не и за причините?

Следствено, ако почнеме, секојдневно, да го поставуваме елементарното прашање „зошто“, на пример, зошто никој во државава не превзел соодветни мерки ако уште во ноември 2021 година знаеле за војната во Украина, ќе дојдеме ли до некаков посериозен одговор? Ама во ноември 2021 година ние – поточно тие, и власта и опозицијата – се занимаваа со прашањето ќе си оди ли Заев, и кога, па кој ќе го наследи и како, па ќе опстои ли владата, па кој ќе остане во неа а кој ќе си оди…! (А во овој контекст, го постави ли воопшто некој прашањето: а зошто всушност си отиде Заев?). Понатаму, добивме ли меродавен одговор зошто до неодамна власта нѐ убедуваше дека стоковите резерви се полни, а сега плачеме во Србија и бараме итни интервентни мерки само за нас? Па понатаму, зошто две третини од парламентарниот состав е речиси полуписмен и на најголемиот број „пратеници“ во текот на целиот мандат не им го слушаме гласот? Или зошто целата држава освен Скопје е оставена без секаква развојна перспектива (иако и „развојноста“ на Скопје всушност е сведена само на градење? Или зошто обвинителството е оставено со само 5 обвинители, а оној Јовески мафта со пензионерското прсте во знак на закана за изнесениот факт? И зошто сме толку неодговорни што и американската амбасадорка треба да им кажува на судовите што и како треба да работат? И уште колку вакви „зошто“ можеме да посочиме за прашања од витална важност за државата и гражаните, но никогаш не добиваме квалификувани одговори?! И која е таа таинствена инстанца што мора, што е должна да му одговори на граѓанинот? Или и таа таинствена инстанца смета дека на сите наши прашања зошто, доволен е одговорот – така!?

СЛИКИТЕ ШТО (НЕ) ГИ ГЛЕДАМЕ

Фактот што ние така настојчиво и наводно аналитички се занимаваме со сите белосветски проблеми и нивното (повторно наводно) којзнае какво влијание врз земјава по принципот на „butterfly effect“ е само уште еден, со векови стар, начин да се оттргне вниманието од нештата што ни се пред очи ама не ги гледаме, оние од животна важност, сега и тука, за реалните состојби во земјата… (за ценовниот хипер-шок, за последниот „демократски“ удар врз „Шарената толпа“ наместо врз македонските олигарси и криминалци, за двојните стандарди „ние и тие“ во сите сфери на општеството…). Или, ако не повеќе, тогаш барем за случувањата во соседството, каде нѐ прогласија за руски „Тројански коњ“ во ЕУ, инаку пласирано директно како дел од нивната државна политика кон Македонија (да беше поинаку, нели, нормално ќе беше оној приправникон историчар Димитров веднаш да биде повлечен од т.н. Историска комисија!). Ама не, ние бладаме за некакви сфери на интерес, плачеме по некаковси „светски поредок“ небаре сме биле негов важен дел итн. Малите умови просто се дразнат на „големи теми“, на глобални политики, не гледајќи дека таквата нивна попаленост само ја потенцира нивната малост. Не дека некој не треба да мисли и на тие нешта, ама овие кои мислат дека мислат, и како што мислат… Или, баш дека му е во „опис и попис“ на „министеро“ за локална да брка странски амабасадори од земјава, или „професоркана“ – сега „амбасадорка“ – дури од Прага да ни држи (да простите – малоумни) лекции по демократија и човекови права, па дури и „банкарон“ без банка да мора да го гледаме баш на сите портали со неговите (пак да простите) платени испрдоци од малиот мозок…

Од друга страна, во таа и таква медиумска шарада има и промислена и во основа зла намера, смислен конструкт, сега налепен на наводно завршната фаза на преговорите со соседот, па следствено не треба „да брануваме“ и да ги нервираме. Без оглед што тие, нели, нѐ пцујат секој божји ден. Ама и тоа се викало – надворешна политика! Како и да ѐ, токму најновите случувања во соседството, источното, откриваат многу нешта што некој би сакал да бидат скриени, нешта што токму можат да се подведат под спомнатиот „butterfly effect“ во некоја блиска иднина, кај нас позната како наша најважна цел – евроинтеграциите. Или, поточно, тоа се некои слики на потенцијалното „цунами“ што би можело да ни се врати по нашето станување полноправна членка (но и порано!) на ЕУ  – нешто што (наводно) толку настојчиво го бараме. Секако дека тој што ќе каже дека до тој ден има да поминат уште многу години, ќе биде во право. Но балканските политиканти, ако нешто умеат, тогаш умеат да согледаат некои репери во блиската или подалечната иднина, умеат да направат лични и групни проекции за суштинските нешта. Нивните мали умови функционираат беспрекорно во насоките на грижата за сопствената кожа и стекнатото – на нелегален начин, се разбира – семејно богатство што треба да „крепи“ барем неколку нивни идни генерации. Дали токму затоа, уште еднаш, соседството, блиското и наводно поцивилизираното (заради членството во ЕУ), ни дава појасна слика и за нас, дали тамошните актуелни случувања рефлектираат чудна светлина важна и за нашата иднина, поблиска или подалечна? Или, можеби, некој да се запраша: па со кого тоа ние се братимевме и договаравме?

Зашто, сликите што ги гледаме, оние од апсењето на довчерашниот бугарски премиер Борисов, еден од оние наши „големи братја“ (барем според еден македонски експремиер), и тоа не заради некаков локален ќеф на бугарската полиција туку по налог на Европската обвинителска канцеларија и нејзиниот шеф, познатата романка Лаура Ковеси, не се баш благопријатни, а можат дури да се постават и во некаква идна македонска перспектива. Но, да завршам прво за соседот: ова акција во Бугарија е, велат, прва поголема таква операција од основањето на тоа Европско обвинителство. Во операцијата бил приведен не само експремиерот Борисов, туку и неговиот поранешен министер за финансиуи Горанов, шефот на парламентарната комисија за финансии Стојанова и портпаролката на ГЕРБ Арнаудова. Инаку, во Бугарија како членка на ЕУ има девет обвинители на спомнатото Европско обвинителство. И тие, очигледно, си ја вршат работата бидејќи нивните бугарски колеги, многу слично на македонските, тоа не го прават, или го прават спротивното. Инаку, дури и бугарските медиуми констатират дека апсењето на спомнатите се базира на голема истражна операција за проневера на пари од европските фондови, и тоа во земјоделието, градежништвото и јавните набавки. Но, ни моќната Ковеси, а ни премиерот Петков, изгледа не ги земале предвид дебелите врски на бугарското обвинителство и довчерашните важни политичари, кои биле малтене веднаш ослободени по приведувањето. Впрочем, нервозата на актуелниот премиер Петков и неговиот „плач“ дека во Бугарија нема независно обвинителство, тоа само го потврдува! А говори и многу други нешта за таа држава, „европеизирана“. Меѓу другото, и она што истиот Петков сега го изјавува за „Обсервер“, дека тој, баш тој, ќе ја “(…) ослободи Бугарија од корупцијата“! И, веројатно, Бугарија многу почесто тоа го слушала од нас, ама и ние, помалку или повеќе, се изнаслушавме едно чудо шарлатански ветувања што требаше да нѐ ослободат од тоа зло. И уште нѐ ослободуваат.

Но, се разбира, соседските глупости се (условно) внатрешна работа на источниот комшија и тие ќе си се справуваат со проблемите. Ако можат и умеат, бидејќи, повторно цитирајќи го актуелниот премиер Петков, тој и неговата влада имаат проблем со видот, или со диоптријата, па чекаат што и како за состојбите во нивната земја ќе им откријат далекувидите САД од дистанца од 8.000 километри! Што ќе рече дека бугарските власти во континуитет не знаат што и како им се случува дома, но точно знаат што се случува кај нас, колку бугари има во Македонија, знаат со кого сме „генетски“ врзани и ги гледаат сенките на Сталин и Тито сѐ уште надвиснати над нас… А нам, како што изгледа, и понатаму од нив ни зависи иднината. И од таквите како „брат Борисов“!

Но, повторно, зошто кај нас званично се игнорирани ваквите слики и вести од Истокот? Зарем настаните во соседството не нѐ тангираат во ниеден поглед? Сепак е индикативно како еден настан од онаков формат прилично бледо се рефлектира кај нас. Зошто? Не смееме да ја видиме вистинската слика за соседот? Или некој не сака да знаеме што потенцијално може во иднина да се случува и кај нас, на нашиот пат кон ЕУ? Впрочем, исти, па и погрди слики гледавме и во Романија, безмалу цела деценија. Или некој не сака да се потсетуваме на слични (и сѐ уште матни) коруптивни скандали со европски пари кај нас, или други криминали јавно отворени од ДКСК па скришно затворени од власта…? Ако во Бугарија денес има осум европски обвинители кои следат сѐ што се случува со европските пари во државата, колку утре ќе има кај нас? Три-четири? Ќе бидат ли доволно? Бидејќи, нели, „шефот“ на македонската „дипломатија“ бара Македонија итно да ги започне пристапните преговори. Или и тоа е само уште една отворена приказна со познат и од некого посакуван крај?             

ТРОЈАНСКИ КОЊ

Претпоставувам дека е повеќе од очигледно дека во претставата на Тројанскиот коњ од Тиеполо (Giovanni Domenico Tiepolo, 1727-1804) – син на еднакво познатиот венециски сликар Ѓовани Батиста Тиеполо – во делото насловено Внесување на Тројанскиот коњ во Троја (1760), уметникот си дозволил голема доза на слобода и имагинација. Тројанскиот коњ ама баш никако не можел да изгледа така како што тој го „видел“ во свето дело. Но, се разбира, уметноста си ја дозволува и таа и таква слобода. Времето кога јас ја посетив Троја (раните седумдесети години во минатиот век), пред влезот на локалитетот – за жал (тогаш) визуелно прилично „сиромашен“ – стоеше голем дрвен коњ, некаква потенцијална, можна реплика на оригиналот од времето на Тројанската војна. Денес, според достапните фотографии, локалитетот познат како славната античка Троја е целосно изменет, со нов коњ, со музеј итн. (Турција е една од ретките земји во светот која сѐ уште така професионално и стручно се грижи за културното наследство суштински различно односно неповрзано со нејзината историја/современост). Но, и тогашниот коњ беше прилично импресивен и можеше да ја долови идејата на лукавството на Грците и триесетте најдобри Ахајски борци скриени во внатрешноста на „животното“. Понатаму – приказната е позната. Иако, де факто, не постои многу прецизен опис на дрвениот коњ што ги измамил тројанците, па дури тој и не се спомнува кај легендарниот Хомер и неговата Иијада. За Тројанскиот коњ дознаваме од Вергилиј во неговата поема Енеида (29-19 пр.Хр.). Се знае дека бил дрвен и доволно голем во него да се сместат елитните 30 ахајски војници кои подоцна одвнатре ќе ги отворат неосвоивите врати на Троја. На десната слабина на коњот на Тиеполо стои натписот PALADI VOTUM, со значење „Подарок на Палас“ (Атина).

Но, интересно како ваквите историски итроштини траат низ времето, па дури, одвреме-навреме, оживуваат и во меѓународните релации. Тројанскиот коњ метафорички се трансформираше во секоја итроштина, или стратегиски трик, да му се нанесе удар на непријателот до конечниот негов пораз.

Интересно како неодамна оваа метафора влезе и во регионалниот геополитички контекст: преку една (да простите) простачка, или попрво налудничава, изјава на бугарскиот „историчар“ Ангел Димитров. Историската стручност на Димитров ја ставам во наводници зашто да изјавите дека „Белград и Скопје (…) ќе бидат толку потребните „тројански коњи“ (на Русија, м.з.) во Европската унија“ не е само навредливо туку е типичен шарлатански – а никако историчарски – пристап во односите помеѓу трите соседни земји на Балканот. Згора на сѐ, тој Димитров е копретседател (од бугарска страна) на фамозната македонско-бугарска Историска комисија! Меѓутоа, ваквиот кловновски конструкт на овој човек не беше ни прв, ниту пак ќе биде последен, а воедно е и особено илустративен за „напорите“ што источниот ни сосед ги вложува за разрешување на спорот со Македонија.

Но, што точно рече Димитров? Тој рече: „Од таква перспектива, дали Европската Унија и САД разбираат дека упатувајќи критики само кон Бугарија, тие всушност ја рехабилитираат Коминтерната, руските и српските интереси, Сталин и Тито и тоа идеолошко наследство кое е апсурдно далеку од научната прецизност, политичка коректност и европски вредности? И дека држава која е генетски поврзана со Србија и со Русија не може и не сака да им го сврти грбот? Во овој контекст, апсурдни се навестувањата дека позицијата на Бугарија им е на услуга, бидејќи Бугарија силно ја поддржа евроатлантската интеграција на Република Северна Македонија за да ѝ помогне да излезе од старата југословенска комунистичка орбита. Инаку, Москва нема ништо против евроинтеграциите на Белград и Скопје, бидејќи – со оглед на нивното политичко наследство – тие ќе бидат толку потребните „тројански коњи“ во Европската унија“, смета „историчарот“. И во оваа – пак да простите – дијареа од квалификации не само за Македонија, од ова мешање на Коминтерната, Тито и Сталин во 21-от век, за нашата „генетска поврзаност со Србија и Русија“ (заборавајќи дека цело време тврди дека Македонците се – Бугари!)… повторно ќе го видите лажливото лице на „историкот“ и црната душа на политикантот Димитров.

Но, ајде да ги прескокнеме овие и вакви навреди – иако ние како држава не смееме тоа да го игнорираме и некој мора да размисли за предлогот на Трајанов оваа блгарска мустра да се прогласи за persona non grata во Македонија! – и да ѕирнеме кој тоа всушност нас нѐ обвинува за Коминтернизам, Сталинизам и Титоизам, за комунизам и слични будалаштини? Историскиот приправник Ангел Димитров повеќе од две третини од досегашниот живот го поминал во најцрниот болшевизам во регионот, во Живковистичка Бугарија, во колевката на балканскиот терор против сѐ што имало демократски предзнак. И тоа, тогаш, не му пречело. Токму таа Бугарија од најголемиот дел од неговиот живот била железниот руски бастион во овој дел од Европа, тој Димитров и тие како него се научени во сѐ и во секого да гледаат непријател. Таквата историја, таквото разбирање на државата/општеството и тој менталитет не се напуштаат лесно. Дури и денес, очигледно е, откако таквата Бугарија, „на једвите јаде“ (што би рекле нашите „генетски сврзници“ Србите) се ослободи – или ја ослободија, подобро речено – од талозите на Живковизмот, па безмалу со сила ја внесоа и во ЕУ и НАТО. Но менувањето на името на системот не ја менува и неговата суштина, без оглед што таму најголемите дрвесини станаа најжестоки „демократи“. Притоа, за жал, таквите како првоодделенскиов историк не се ни многу важни. Поважно е што една таква крајно некултурна, дури безобразна и очебијно неинтелигентна упадица во екот на разрешувањето на „спорот“ меѓу двете држави, туку, ако баш сакате, ја отсликува и целата хипокризија на Бугарија во однос на Македонија, нејзиното дрско недемократско, нечовечно и несоседско непочитување спротивно на сите меѓународни правила и кодекси.

Од друга страна, денес, па и во целата нејзина современа историја од 1945 година наваму, да ја наречеш Македонија „Тројански коњ“ на Русија, е тотална „историска фантазија“ (И. Дичев), недостојна за некој кој себеси се смета за сериозен историчар. Уште помалку што токму Македонија нема ама баш никаква историска причина за таква доверба и улога во полза на Русија. Напротив. Што пак не може да се каже за Бугарија и нејзината папочна вреска со СССР, па и Русија, евидентна дури и денес. Следствено, „Тројанскиот коњ“ отсекогаш кружел низ Балканите, ама главната „штала“ сепак му била малку поисточно од Македонија!      

ИНТЕЛИГЕНЦИЈАТА ОД ПОСЛЕДНИОТ РЕД

Тажно е, секогаш е тажно, кога гледате како некои од силните македонски „демократи“ и актуелни пазачи на истомислечкиот јавен ред и мир одеднаш ќе се сепнат, ќе видат со кого имале/имаат работа, и ќе почнат да плачат. На возрасни години. Тоа не изгледа убаво, секако, и не доликува за едно опШество за сите во кое тие, наводно, сѐ уште веруваат, ама ете – заради лична болка – ќе им се испушти солза што открива многу. Открива дека општеството не е баш за сите, дека некои имаат голема предност само заради тоа што се на власт, други заради тоа што се членови на дотични коалиции, трети заради тоа што се пајташи со власта… итн. Иако, за волја на вистината, и тие во едно време биле „угледни“ пајташи со власта, оваа или некоја друга. Извинете, ама овде одамна нема стручност, нема професионалност, нема знаење, традиција, биографија, придонес, искуство… Се разбира, тие тоа го знаат, ама сега глумат повреденост. Иако, реално, треба да се чувствуваат така, а некој би рекол дека е време и тие како и сите останати да го почуствуваат тоа на своја кожа и дека македонскиот мал ум – без оглед дали е лев или десен – им определува ист „третман“ на сите кои во даден момент не мислат како нив. Без оглед што еден широк круг саморегрутирани „прогресивци“ се нон-стоп во првите борбени редови докажувајќи дека се „нивни“ – „душом и телом“, што би рекол некој – сепак забораваат дека таквите лукративни приклученија – а некои ги нарекуваат и поинаку! – се крајно нестабилна врска, некогаш и со тешки последици. А забораваат и дека „сметките“ со власта, со секоја власт, секојдневно се балансираат: можеби на нивната сметка одамна е преплатено па сега не ги канат ни таму каде што објективно имат што да (по)кажат? Нашава актуелна самопрогласена интелигенција упорно заборава дека македонската политикантска елита ревносно и во континуитет ги следи состојбите на взаемните сметки: кога приходната страна (изразена во финансиски или други индексни поени од типот на семејни вработувања и сл.) кај овие наемници почнува значително да претежнува во однос на возвратеното, се случуваат курцшлуси од секаков вид. Вие можете да мислите дека сето тоа сте го заслужиле со својата верност, стручност, искуство, придонес ваков или онаков… но малиот политикантски ум не мисли така. Тој ве гледа како потрошен материјал, денес и овде. Не размислува за утре бидејќи неговото утре е одамна дефинирано. И на неговото семејство, се разбира, за неколку идни генерации.

Но, можат ли солзите нешто да сменат, може ли една власт, онаа претходната или оваа сегашнава или некоја идна, да покаже повисок степен на почит и толеранција кон граѓанинот, кон професионалецот, кон стручњакот…? Ни може, ниту пак сака! Таа отстапка македонскиот политикантски мал ум ја гледа како слабост, како најслаба алка во партократскиот систем, како клин директно забиен во нивните лични/групни интереси. Оттука, не ни се институциите нефункционални, или дементни, дементен ни е системот што дозволува ваква состојба и, во крајна линија, дементни се малине умови кои раководат со тие институции! Но, пред сѐ, да не заборавиме: дементна ни е интелигенцијата која покажува чувства само кога власта – претходна, сегашна или некоја идна – ќе ги дисциплинира и ќе им го покаже местото – во последниот ред! Затоа, на ваквите „крокодилски солзи“ никој нормален не им  верува. Тие се само израз на провинциски страв (повторно) за себе и својот статус, инаку „дементноста“ ќе беше персонално адресирана. Ама, да простите, за тоа треба нешто многу повеќе од универзитетска диплома. Па дури и undisputed стручност! Се додека македонскиот интелектуалец во потсвеста ја носи онаа малост, оној страв дека неговиот глас против ќе резултира во намалувањето на неговите (и на неговото семејство, секако) привилегии, ние нема да имаме нормална држава, уште помалку современа демократија. Повторно морам да ја спомнам онаа „проклета“ таканаречена „Шарена револуција“ – која што, да простите, со случувањата во Украина добива само дополнителни чуденки и дилеми – со нејзините пароли по име и презиме, и речити квалификации (па и за дементноста како таква) за конкретни луѓе на чело на тие дементни институции, ама денес, очигледно, тоа не е дозволено. Иако т.н. дементност е идентична и тогаш и денес, повеќе или помалку – на системот, на институциите, на луѓето кои ги раководат!

Проблемот кај нас е не само во реалното смалување на земјата според некои најави за резултатите од пописот, туку и за континуираното стеснување на ионака малите умови – повторно според според истите најави за резултатите од пописот. Сега, во наредните десетина, дванаесет дена започнува подготовката на (дел од) земјата за „резултатите“ од тој попис и новите скандали што следат. Но, кога малиот политикантски ум воопшто можеше да смисли попис во крајно ризични пандемиски услови… И повторно ќе биде на тест македонската интелигенција која ќе мора да го одработи и тоа, ќе мора да ги оправда „резултатите“ – сакала, не сакала – за повторно да не се најде во последниот ред на власта!     


МАЛИТЕ ЗЕМЈИ НА МАЛИТЕ УМОВИ

Се удавивме во стереотипи. Како да сакаме сите до еден да ги потврдиме, да ги докажеме низ нашето секојдневие: за нашето минато и историја, за наведнатата глава, за неспособноста и корумпираноста на политичарите, за партократијата, непотизмот и кронизмот, за недопирливоста на власта, за мафијата и државата односно за „државата на мафијата“, за „каков народ таква власт“… сите до еден. Сега како да сме запнале во пракса да го потврдиме и последниот – за малите земји и малите умови. Што ќе рече дека од мала земја не можеш да очекуваш друго освен мал ум. Што не е точно, се разбира, како што не се точни – или барем не како правило! – ни претходно спомнатите. Зашто, ене видете ја Украина. Голема земја, со голема мака, ама изгледа со мали умови. Врз сета мака носат и закон со кој се забранува негирање или оправдување на руската агресија. Прво, зарем навистина некој Украинец би ја оправдал агресијата? И зошто? И второ, ако дури има и такви, зарем законот ќе им го смени мислењето? И трето, ќе ми беше разбирливо ние да го дополневме нашиот предлог-закон за граѓанска одговорност – оној каде се одговара и за „негативно мислење“ – во некоја таква уште поналудничава насока, на пример да се забрани дури и во сонот да ти дефилираат некакви негативни флешеви за власта, да ги забранат сите медиуми што се осмелуваат да искажат спротивно мислење од дозволеното, да не смееш во негативен контекст да ги спомнуваш имињата на државните функционери итн., ама Украина?  Или, на пример, ќе беше нормално најавената наша нова фондација да се вика „Едно опШество за сите истомисленици“, бидејќи државата одамна функционира по тој и таков терк итн. Тоа би биле логичните изблици на малите умови во една мала земја како Македонија, па нека е Северна.

Комплексот на малост, згора на тоа и провинциска – ова го потенцирам бидејќи и една Словенија, на пример, е мала, ама не е провинција, едно Монако е уште помало итн. – е страшен, убиствен комплекс. И заразен. Се пренесува од генерација на генерација, во сѐ и во секој поглед. И не може така лесно да се надмине. А сепак, и тоа е само еден стереотип, фиксирана (но со ништо оправдана) претстава за нашата ништожност низ историјата, што понатаму се доразвива во континуирана огорченост, чувство на инфериорност, страв… Комплексите кај нас се веќе длабоко вселени во свесното и несвесното, а во понови време и интенционално наметнувани од владеачките структури како од Севишниот дадено покритие за нивната неспособност и неукост. Следствено, се наметнува само една мисла: има ли нешто полесно од управување со искомлексиран, заплашен народ?

Оттука, всушност, кај нас, барем во последниве две децении, повеќе станува збор за инверзивен процес. Наместо самостојната и независна држава да расте во духовна смисла, таа се смалува; наместо развојот да е приоритет, кај нас стагнацијата е доминантна; наместо ослободување на мислата во секоја смисла ние добиваме пресликување на комплексите на самопрогласените политички елити врз целиот народ и наметнување на нивното чувство/комплекс на малост, уплашеност, неспособност… врз сите нас. Нивните комплекси се затскриваат со нагласена демонстрација на сила и моќ флуктуирани низ темните ќорсокаци на партократијата, на „јавното мислење“ обликувано од еден грст полуписмени и/или недоучени простаци, а низ вешто потенцираната „прогресивна“ аверзија кон сѐ што заличува на демократско, културно, национално (веднаш, се разбира, прогласувано за националистичко). Дури и грото од нашите јавни „дебати“ – со чесни исклучоци – се моделирани и модерирани врз истиот шаблон за лечење на простачко-провинциски комплекси низ омилените наводно глобални „анализи“. Нашите актуелни експерти се на „ти“ со Бајден и Путин, ги знаат како дишат и мислат односно (обично Путин) не мислат, одеднаш во домовите ни влетува некоја Констракта како (пази богати!) замена за Марина Абрамовиќ и сите веќе пиеле кафе со неа, со Игор Мандиќ (RIP) биле на п.м., Ким Кардашијан им е прва другарка… и уште цел список „фаворити“ преку кои мислат дека конечно ќе се одвојат од нивното свирипичино, од нивната внатрешна духовна касаба на поданици, платеници, сурогати. И токму затоа, и за тоа, е смислена целата оваа машинерија што ја меле македонската реалност и ја претвора во непосакуван од мнозинството театар во којшто нивните политички „лидери“ и дворјанството ќе уживаат во луксузот на неконтролибилните тендери, енормните неоданочени приходи, богатствата стекнати од мекици и родендени, фирмите на нивните сѐ уште малолетни деца… па сѐ до секојдневните угодности од државни коли и бесплатен бензин, петтоцифрен надомест (во евра) на патни трошоци… до бифтек за 180 денари само за повластената категорија покондурени сељачишта за кои до вчера чварките биле врвен гастрономски домет.

Затоа малата земја се грижи само за својата малоумна категорија граѓани, оставајќи го огромното мнозинство на милост и немилост на неконтролираното секојдневие. Затоа впрочем и ни доаѓаат – проследени со сите државни почести – коекакви индивидуи во својство на официозуси со „волја“ но не и со решение, кои дури и не се снебиваат со директни навреди да ја потценуваат нашата интелигенција. За таквите оваа (мала) држава како и да не постои, уште помалку овој непризнат народ на кој секоја будала може да му го негира името, презимето, идентитетот… а нашине плиткоумни елити ќе се стројат за званичен пречек на таквите билмези. Оттука и конечниот резултат: да преговарате за тоа кои сте и што сте, дури и со бивш окупатор кого сега вашиот мал ум ќе го доживува како администратор, па дури и брат.     

Или, да го парафразирам Плеханов: кај нас малиот ум е фактор во општествениот развој до неограничен степен бидејќи општествените релации му го допуштаат тоа! Незрелоста и стеснетите умови на политичките елити ни диктираат општество сѐ уште незрело за демократија, за владеење на правото, за легитимни избори, за нормален живот… Македонското секојдневие – особено политичкото – и односите во власта, релациите со соседите и меѓународната позиција и углед на земјата како дефинитивно да го зацементираа кај нас и тој стереотип: дека малите земји раѓаат мали умови!

COLD WAR (STEVE)

Се разбира, Студената војна (Cold war) беше поим што мислевме дека сме го испратиле во историјата. Онаа којашто ја снема, којашто наводно – според Фукујама – престана да постои, ама ненадејно повторно се појави, па дури и се радикализираше од студена во топла, па и жешка, како што се покажува оваа во Украина. А сепак, дури и жешката и за жал реална војна има своја студена страна – онаа којашто ја следи во чекор како војна на политичка и/или медиумска пропаганда, како точни или т.н fake news коишто де факто веќе никој – или само неколкумина – умеат да ги разликуваат, итн. Вистината за војната, која и да ѐ и каква и да ѐ, безмалу секогаш ќе остане скриена од најшироката јавност. Наспроти (божемните) напори на таа јавност за „осветлување“ на причините за воените дејствија, за добриот и лошиот, за пријателите и непријателите… итн. Македонија, ваква каква ѐ, „горда“ членка на „одбранбениот“ систем наречен НАТО, има свои „видни“ промотори, или претставници, како сакате, на тезата дека има само една вистина, а таа е – нивната. Но, тие минорни персони се тука само за да создаваат шум, да креваат галама во интерес на некои други цели. А меѓу нив и личните, лукративните.

За жал, ние немаме пандан на таквите дежурни потпалувачи на јавното мислење. И тука не мислам на некаква спротивствена страна којашто ќе им парира на ваквите загари. Напротив, мислам на некои доста поинтелигентни поединци, особено уметници, кои низ силата на уметничкиот гест ќе отвораат поинакви теми, можеби ќе ја релативизираат оваа еднострана заробеност и зависност на општеството само од шумот на политиката односно политикантството – зашто, во крајна линија, „анализите“ и „коментарите“ на оние спомнатине гласноговорници не е ништо друго туку баш политикантство – односно во секој случај ќе се обидат да предложат некакви поинакви, подлабоки, контексти на актуелните случувања. Зашто, настаните, барем оние со широк радиус на влијание,  никогаш не се изолирани вон времето и глобалниот простор. И речиси никогаш нема само еден виновник! Барем тоа историјата успешно го докажала.

Еден од таквите влијателни луѓе/уметници, човек со генерално поинаков став од званичниот во Велика Британија во однос на актуелните руско-украински случувања, е Cold War Steve, псевдоним зад којшто се „крие“ уметникот и сатиричар Кристофер Спенсер (Christopher Spencer, 1975). Главната алатка на Cold War Steve е фотомонтажата односно колажот, жанрот е политичка сатира, а целта – сите јавни личности од британскиот политички живот, дури и кралицата, се разбира, ставени во контекст на локалните или глобалните случувања. И Спенсер тука е неумолив: нема пардон за никого, ги следи во чекор сите скандали на британската политичка сцена – од пијанките (односно таканаречените „забави“ на премиерот Џонсон во Downing 10) до финансиските врски на Путин и руските олигарси со водечките личности на британската политика и одделни личности од медиумите, културата (Најџел Фараж, Арон Бенкс, Шила Блек, Евгениј Лебедев, Мајкл Гов, Стивен Сегал и др.) итн. Многумина ја споредуваат неговата работа со славниот британски сликар, сатиричар и социјален критичар Вилијам Хогарт (William Hogarth, 1697-1764), но и со антинацистичките фотомонтажи на Џон Хартфилд (John Heartfield, 1891-1968). Инаку, репродуцираната фотографија е едно од најновите дела на Cold War Steve, насловено Сибирски брези, каде, повторно, во главните улоги се Борис Џонсон, министерката Лиз Трас, новинарката Изабел Оукшот, (пак) Најџел Фараж и др. И, нормално, Путин и Лавров. 

Но, Cold War Steve, се разбира, не е единствениот кој на овој начин се обидува да ја фокусира јавноста на една поширока слика за локалните и меѓународните случувања. Oliver Bullough (1977) е британски писател и новинар, долгогодишен соработник на The Guardian, кој седум години работел како новинат во Русисија за различни медиуми. Неговиот најнов „видео есеј“ насловен Олигарсите на Путин и лондонската пералница (Putin’s oligarchs & the London Laundromat, 2022) е запрепастувачки приказ на леснотија со којашто британските власти со децении го овозможувале трансферот на (украдените) пари на руските олигарси во Лондон. Заклучокот на Bullough вели: „The road from Moskow to Kyiv passes through Belgravia“. (А Белгравиа е еден од најскапите и најпознатите делови на Централен Лондон). И продолжува: „For decades the London laundromat has helped keep Putin in power“.

Но, сето ова е речиси нормално, на еден или на друг начин, за високоразвиените демократски земји во Европа. Таму вистината, ако е позната, е достапна за јавноста. Кај нас – не е. Кај нас клучот за вистината, дури и за најбаналните нешта, секогаш го има власта – која и да ѐ и каква и да ѐ – а клучалницата ја глумат неколкумина професори, аналитичари, новинари… менливи односно минливи со минливоста/менливоста на власта. И клучалницата се отвора по потреба и секогаш еднонасочно. Се разбира, со клучот во рацете на власта, а преку разноразни, најчесто лукративни, привилегии за клучалницата. Оттука, ние по правило имаме една приказна со којашто мораме да се согласиме. Друг избор/извор – немаме. Затоа, впрочем, кај нас е нормално да се прашуваме дали навистина во војна – ете, ние и не знаевме дека сме во војна, дури ни тоа не ни го кажуваат! – имаме право на цензура, па за истата да ја оправдаме смислуваме некакви „регуларни“ и „нерегуларни“ медиуми (подразбирајќи дека на вториве можете да им правите што сакате); нормално е и за една агресија да смислувате оправдувања дека, ете, тој и тој народ упорно нервирал некого па затоа и бил подложен на бомбадирање цели три месеци, што е оправдано заради нервирањето, нели; дури, токму од „вистините“ на клучалницата започнува дури и некакво мачно и во основа фашистичко пребројување на луѓето кој е „за“ а кој „против“ (за и против кого, што?)… итн. Сето тоа, се разбира, е производ на нашата простотија и провинцијализам, на нашата неизживеаност, на нашиот извртен систем на морал и вредности пропагиран безмалу од исти луѓе од обете страни цели три децении. Тие и такви луѓе ли станаа нашата мерка за демократија, за плурализам, за вредност, за морал и професионална етика? Тие и такви ли луѓе и „вистини“ станаа нашата реалност (и) денес?        

Хана Арент – во едно интервју од 1974 година – повторно нѐ подучува дека „ако сите секогаш ве лажат, консеквенцата не е дека вие верувате во лагите, туку попрво дека никој повеќе не верува во ништо“. А ние станавме мајстори на лагата! Кај нас дури ни уметноста не се осмелува да проговори на друг јазик. Впрочем, кај нас уметноста одамна не се осмелува на ништо, но и тоа е производ на овие 15-20 години на форсирана агресивна „државна вистина“.

ИЗГУБЕНИ ГОДИНИ

Минатиот пат завршив со прашањето: кој од сите познати модели на културна политика највеќе ѝ одговара на Македонија? И ова е прашање за милион долари, а сепак може лесно да се одговори – секој друг освен постојниот! Се разбира, на место би бил контраодговорот: па ние и немаме културна политика. Точно, но се чини дека е најтешко – барем за неуки власти од сите „идеолошки“ профили како македонските – да се најде соодветниот модел. Односно, да се знае што се сака и да се знае како тоа да се постигне. Секако, јас воопшто немам намера некому да „солам памет“ кој/каков модел е најсоодветен за Македонија. Тоа ќе го оставам за некоја друга прилика. Но впрочем, за тоа во власта има барем педесетина луѓе кои секој месец примаат не мали плати. Плус, министри, заменици министри, државни секретари, државни советници… цела административна војска во Министерството за култура… па оние „теоретичарки“ од (не)зависната културна сцена… итн. Што, по ѓаволите, работат тие луѓе кога ние не сме стасале ни до буквата „а“? Ако ние, во културата, па и не само таму, не сме го разрешиле фундаменталното прашање, тогаш што и како правиме како држава во оваа област, за што и зошто трошиме толкави средства што полнат нечии сметки и џебови а културата, во самата суштина, нема никаква полза од тоа? Нема ни државата, ако сме веќе кај тоа, но таа очигледно не се грижи премногу за таквото расфрлање на пари. Што сѐ може да се направи со тие средства…

Како и да ѐ, еден ден, некој ќе мора да одговори на овие прашања. Затоа и дел од овие текстови ги подведов под еден заеднички именител наречен време на изгубени илузии бидејќи токму последниве пет години се „цветот“ на тоа време. Се разбира, не се само тие изгубените години во културата – и не само таму – но тие години ни беа ветувани како пресвртни, како нов почеток, конечен влез на оваа „наша држава“ во 21-от век и чекор поблизу до цивилизираните европски земји. Барем во културата. Зашто, имавме доволно искуство, доволно загубено време и талкања по беспаќата на партикратските режими што само го менуваа(т) името. Ако за првите години по осамостојувањето има(в)ме оправдување односно може(в)ме да кажеме дека се обидувавме да учиме за „новото“, за остатокот од времето немаме. Имавме премногу неуки и неспособни политичари и министри за култура, но не можеме нив да им ја префрлиме целата вина за незнаењето, неукоста, профитерството во културата, клиентелизмот и четите абоненти, и на крајот – молкот на целата култура како „одговор“ на сето претходно спомнато. Дали тоа треба да значи дека неодговорното однесување, анахроноста и често ретроградноста во културните процеси, примитивизмот и провинцијализмот… се навистина пријателското опкружување на македонската култура денес?

Не сакам да верувам во тоа, иако изгледа дека токму тоа е објективната состојба. Дали пак тоа е една од причините за изгубените илузии дека нешто може да се промени? Веројатно. Но состојбите во културата не се осамени односно не се единствени во државниот систем. Подобро упатените ќе набројат уште многу сегменти во општеството во коешто нештата се исти или дури полоши од оние во културата. На пример здравството, образованието, науката… политиката! Дури, многумина се согласни дека одамна стручноста, компетентноста, моралот и професионалната етика се изгонети од државата. Но дали тоа треба да претставува некаква утеха за македонската култура? Веројатно – да, зашто инаку би помислиле дека културата е на некаква „црна листа“ во оваа држава. А не е, реално не е така бидејќи македонските црни листи станаа општо место.         

Некој, некогаш, ќе пишува и за бројните изгубени генерации во македонската култура, за нивната обесправеност објективно да се соочат со светот, за ускратувањето на културните хоризонти и шансата да се почувствуваат како вистински граѓани на оваа планета. Можеби само ќе останат имињата на оние чии потенцијали биле препознаени но задушени, оние кои ветувале но не успеале да се раскрилат во литературата, уметноста, филмот, театарот… благодарејќи на лошата државна политика во културата. Веројатно така ќе биде, но тоа денес никого не го интересира, уште помалку го загрижува. Но ни вчера не ги загрижуваше, ни годините пред тоа. Се претворивме во една голема непристојна црна дупка која неповратно голта сѐ што барем малку заличува на култивиран поглед на нештата. Изгубените пет години не изгледаат многу во еден цивилизациски континуум, но се ненадоместливи во ова време на брзи промени, нови текови, глобални светски предизвици… Ние, односно овие што така опскурно се менуваат на раководни позиции во државата, едноставно с(м)е неспособни да се фатиме в костец со ова време. Затоа и трчкаме по него, со некаква налудничава надеж дека ќе го стигнеме. За жал, наместо секоја година да надоместуваме по две-три години одеднаш од оние педесет претходни колку што заостанува(в)ме зад Европа, ние само го зголемуваме цивилизацискиот јаз. Не сме веќе ни во „мртва трка“ со европските демократии. И изгледа овие генерации ги осудивме тие да го платат цехот!

Сепак, еден ден, веројатно, вистинските елити ќе се изборат за своето место во општеството. Оние елити со без купени дипломи, со темелни експертизи во одделно области – па и во културата – без семејни и пријателски „опашки“ или клиентелистички врски. Нив ги чека тешката задача за целосен хуманистички преврат и неопходен пресврт во оваа сива македонска реалност. Впрочем, тоа ни е и единствената надеж.