Monthly Archives: May 2020

(НЕ)ПРИСТОЈНИ УСЛОВИ

Две „поенти“ од победоносните обраќања по повод завршувањето на првата етапа во борбата со вирусот се многу битни за држави како нашава: „пристојните услови“ (не само, или не воопшто само во врска со „условите“ во карантинот) и самонадраснувањето на државата (оригинално: „државата се надрасна себеси“!). Двете „поенти“, изречени така какошто беа изречени и во таков контекст, говорат многу, премногу за нашето ниво на комуникација со граѓаните, за општите состојби во државава, за тоа како ние се гледаме себеси, за нашите стандарди и критериуми, нашиот менталитет, за она што како современост му го нудиме на граѓанинот! А впрочем, како што напишав претходно, ние – поточно секоја досегашна власт – во континуитет од три децении имаме проблем со „пристојните услови“ односно „како мали Ѓокица ги разбира истите“ (што би рекол Тортевски). Но кај нас не е проблем само во разбирањето, нека си ги разбира кој како сака, туку е проблемот во наметнувањето на тие „пристојни услови“ и се’ она друго што тоа го подразбира на ниво на целата држава. И тие нивни „пристојни услови“ потоа стануваат репер за наше однесување, дури и за наше казнување, стануваат дел од коекакви „протоколи“ што морате да ги почитувате без оглед на нивната дебилност (не само ова со конобарите како врв на глупоста!), се прогласуваат за стандард за сите граѓани, за критериум за квалитет… итн. Впрочем, што беше она со „дозволата“ за излез на оние од 67+ од 05.00 часот наутро, во март месец? Кој и каков „пристоен“ ум можеше да смисли таква мерка, како за рудари? Ама и тоа беа „пристојни услови“, нели? Па, ако сакате, дали рефлексот од нашиве „пристојни услови“ ни ја затвора вратата за влез кај некои соседи? И да е само тоа.

Но најмалку што сакам е се’ уште да се задржувам на идиотските мерки (и особено на нивното толкување од „надлежните“!) сврзани со актуелната ситуација. Ги има премногу и одземаат простор. Доволно е да ја спомнете само „пристојната“ распределба на „помошта“ од државниот буџет, меѓу другите и на странски фирми, на фирмата на довчерашниот потпретседател на Владата и на – казината и коцкарниците! Замислете колку бргу би се стопил огромниот буџет на САД кога Мнучин би предложил таква мерка дури само за казината во еден Лас Вегас? Но кај нас и тоа е „пристојно“, нели, како впрочем и „пристојното“ однесување на поглаварите на двете најголеми верски заедници во државава (проследено со громогласен молк од Комисијата за заразни болести!), на државните функционери кои само за себе изгласуваат мерки за патување вон државата без задолжителен карантин по враќањето, итн., итн.

Тоа нечие рамниште на „пристојност“ на/во државата што ни се наметнува во сите области веќе три децении е еден од битните фактори за континуираниот лет во место на земјата, на безперспективната стагнација, дури и очебијното назадување во некои витални сегменти (образованието, науката, културата, здравството, заштитата на животната средина…). И токму тоа непристојно ниво на „пристојност“ што најчесто ни го нудат надлежните фактори низ деценииве, нивната некултура и во одредени случаи неукост/необразованост, нивото на (не)разбирање на современите аспекти на животот во една потенцијално европска земја и нејзиниот главен град и денес ни се наметнува како некаква „пристојност“. Што е уште потрагично, нивото на нечие „пристојно“ разбирање дури и на демократијата во изминативе години, а особено во периодот 2006-2017 година, ги докрајчи и оние ретки навистина пристојни демократски никулци во македонското општество и политиката. Впрочем, една злосторничко-политикантска гарнитура во наведениот период не само што се обиде туку и успеа во наметнувањето на нејзините непристојни светогледи и „стандарди“ во целото општество, коишто се се’ уште околу нас, толку живи што поживи и понепристојни не можат ни да бидат. Или, во што е пристојноста на македонското судство, на пример, и која е долната граница на таа и таква нивна „пристојност“? Или на пристојноста на ЈО кога онаа „лекарка“ што испозарази толку луѓе ја казнува само со 10.000 евра? Или веќе епската непристојност на Уставниот суд? Или на нивото на „пристојност“ на одредени државни функционерчиња кои највулгарно ја бламираат државата на секој чекор мешајќи се во внатрешните работи на соседни држави до мерка што тоа станува меѓудржавен проблем?

Оттука, кога власта односно нејзини високи претставници говорат за „пристојни услови“ во која и да е’ област, нас не не’ интересира нивото на нивната очебијна (не)пристојност туку европското ниво кон кое стремиме. И дали можат тоа да ни го понудат, или не. И тоа се однесува и на целата македонската политика како таква. Фактот што сме отпочнуваме пристапни преговори не е факт за пристојност на државата и нејзините надлежни поединци. Дури напротив, токму тоа е почеток на нашето упристојување според европски стандарди!

Впрочем, чие ниво на пристојност сега ни се нуди и дали тоа е и нашето ниво на пристојност? Ако не е, чуму ни е такво ниво на пристојност? Дали наше ниво на пристојност треба да биде и она на екс-претседателот на Собранието, кој вели дека не е обврзан да им одговори на колегите пратеници? Тоа ли е пристојност на ниво на Собранието? Значи, говориме за различни оптики, за квалитативно поинакви согледби, дури за дијаметрално различни хоризонти и перспективи! И повторно: не говорам тука, се разбира, само за „пристојните услови“ за сместување на изолираните, туку за се’ што не’ следеше низ овие два-три месеци и две-три децении, за општиот третман на граѓаните, за „понудата“ наспроти реалните потреби, за трансформацијата на државата во пристојно место за живеење (а не за дивеење), за демократијата и се’ што оди со неа. Зашто, во крајна линија, ние денес се соочуваме со до експлозија поларизирана ситуација граѓаните преку социјалните мрежи и медиумите да нудат мерки и решенија на далеку повисоко рамниште од надлежните власти, да предлагаат излезни решенија за многу области, а власта да игнорира се’ што доаѓа вон нејзините затворени салонски кругови. Па барем да се салонски туку се до зла бога провинцијални и најчесто неуки! Дури и од т.н. специјалисти за одредени прашања. Таквите состојби во оваа држава се веќе неодржливи. Не може граѓанинот на својот грб да ја носи државата а оваа да ги игнорира неговите европски стремежи и потреби, не може државата да биде потрчко на олигархијата и банкарите без оглед колку се тие моќни, нејзиното во принцип ниско ниво на пристојност не смее да ни го наметнува и нам туку мора да биде обратно! Ако сакаме да бидеме современа цивилизирана држава, се разбира.

 

ПОЧЕТОК НА КРАЈОТ

Крајот, велат, делото го краси. Дај боже да биде така, иако се’ оди во прилог на спротивното: дека крајот не е ни блиску и дека нема да биде баш така „красив“! Дај боже да грешам. Но, како и да е’, пак испадна онака како што кажа Реисот: дека Ковид 19 е умрен. Дури после него се огласија сите други, па и Владата и „чуената“ Комисија за заразни болести. Која пак уште и се фали дека нешто предвидела. Ама не предвидела како ќе се бори со вирусот туку колку заболени ќе има! Просто – да се чудиш што се’ можеш да чуеш од денешниве лекари. Иако, апоропо крајот, од Европа, преку г-ѓа Меркел, доаѓаат повоздржани тонови дека сепак сме се’ уште на почетокот на пандемијава. Ама нашиве – слават. Они предвиделе!

Но, она што никој не можеше да го предвиди е крајот на оној кој ја умре короната. Освета на короната? Не, само на Ријасетот на Исламската верска заедница којшто, велат, со двотретинско мнозинство го разрешила досегашниот реис улема Сулејман Реџепи. Е тоа е веќе сериозен крај на една не толку религиозна колку, би рекол, политикантска (а некои велат и поинаква) кариера на еден верски водач. Чијашто смена, од еден друг аспект, е безмалу запрепастувачка: дури и во верата (за разлика од политиката) има демократија! Зашто, Ријасетот може да се посматра како некакво Собрание, каде муфтиите (како верски пратеници) гласаат како и во секое друго нормално собрание. И Сулејман – отиде! Ај одите така сменете го неговион колега, нашион емпеце верски политикант? Како не, мало сутра. Или одете смените го оној ректорон на Груевски? Нашите се вечни.

Како и да е’, ова не е крај туку само почеток на крајот. Не во негативна, пророчко-катастрофична смисла, не мислам на тоа туку на она што ќе беше логично продолжение на ситуацијата: постапно ублажување на мерките/протоколите, внимателно степенување на ограничувањата, разумни и логични чекори… наместо безмалу еуфорично славење на „победата“. Зашто, ништо од тоа, а најмалку нашите желби (и навики) за безгрижно банчење по меани и кафулиња фактички не ја победува пандемијата. Дури ни укинувањето на некому омилената вонредна состојба нема да биде тој долго очекуван крај. Зашто, извинете, попрво би и’ верувал на г-ѓа Меркел отколку на нашана Комисија. Зошто? Па затоа што струката, професијата, не само лекарската и не само од вчера, кај нас веќе толку се девалвираше самата себеси што не остана ни „с“ од стручноста. Така не’ извозија (особено) овие два месеци што веќе не знаеме ни на што да дуваме – на топло млеко, на студен јогурт, на корона… на нивните „соопштенија“ и фалби? Па се испофалија дури и дека на кутрине луѓе во државен карантин – а ги имало речиси 5 илјади – им обезбедиле „пристојни услови“. Заборавија ли што се’ слушавме и гледавме токму од луѓето кои беа заробени во тие „пристојни услови“. Од „Молика“ кај Битола, па низ целата земја. И повторно се враќаме на истото: кој што подразбира под „пристојни услови“, кој што подразбира под стандарди и вредности, кој што подразбира под држава, здравство, политика, култура… морал/етика… Но, за тоа во друга прилика.

И сепак, да излезеш онака во јавност и малтене да славиш, а во моментот да имаш 3 нови починати и се’ уште 480 активни случаи е интересен феномен. Не само македонски, се разбира, ама сепак нашето внимание прво е ориентирано овде. А освен бројките од здравствениот билтен доволно е и да излезете на улица! Таму ќе ја видите вистинската славеничка слика и горе-долу ќе можете да „предвидите“ што и како ќе се случува понатаму. Ако сакате да ја видите, се разбира. Она што плаши е дека многумина надлежни едноставно одбиваат да ја видат реалната слика, да видат што се случува по скопските/македонските улици, сето тоа уживаат да го припишуваат на менталитетот (како другите да го немаат, или го немале), на недисциплината, на одбивањето да се почитуваат законите (пази богати!)… со еден збор: и за тоа, како и за коронотата, засега нема лек. Кога ќе има – никој не знае. А кога гледате и слушате како се однесуваат граѓаните на некои европски земји, просто ве фаќа срам, и повторно – страв. Зашто, велам, доволно е да прошетате час-два по скопските улици за да сосема комотно се впуштите во авантурата на предвидување што се’ може да ни се случи и сега, а особено кога ќе започнат турбо да работат меаните, кафулињата, игротеките… Или, ако кај нас во екот на пандемијата, во најцрниот полициски час луѓе шетаа среде ноќ, а среде ден дури и без заштитна опрема, не треба да сте којзнае колку видовит за да ви стане јасно кон што се движиме. Барем кај нас веќе се’ е предвидливо, однапред „предодредено“ со нефункционалниот систем и едно чудо неспособни ама „смели“ типови, така што воопшто и не ви се потребни филозофски трактати за тоа што не’ чека утре, дали навистина ќе ни се отвори некаков подобар, похуман свет, дали „новата нормалност“ ќе биде само „стара ненормалност“ итн. А упорно, сите, не’ убедуваат дека ништо не е како што беше, иако всушност се’ е исто! И дека највредното нешто во државава е здравјето на секој од нас, како што тврди претседателката на Инспекцискиот совет, ама да беше така зарем ќе го имавме ова надвор? Или, ако ние во екот на пандемијата не можевме по улиците да ги видиме органите за безбедност – или ги гледавме секој десетти ден – како ли ќе биде отсега? Ама ете, и тоа ни го објаснија: во кафеаните и кафулињата келнерите ќе можат да ве легитимираат за да видат дали на масата седите со вашето семејство или (не дај боже) со пријатели, или (уште понедај боже) со некоја „пријателка“/„пријател“, што е најголем грев во време на коронавирусот. Што пак многу наликува на примерот што ни го дава Челиковиќ за данските власти и нивниот (пропаднат) обид да им ги проверуваат љубовните врски на граѓаните што сакаат да патуваат во странство за да си ги видат „партнерите“.

Како и да е’, ете ќе доживееме да не’ легитимираат конобари, со заштитни маски. Ако има кој нив прво да ги „легитимира“ дали се здрави за работата. Е тоа е тоа „ново време“ што некои ни го смислиле и мислат дека завршиле голема работа. Но за впечатокот за „новото време“ да се заокружи „до даска“, „новинар“ од Канал 5 прашува како инспекциските служби ќе утврдат дека на маса во кафеана седат 2 лица? И добива одговор, нормално: па визуелно, инспекторот ќе види дали се 2 или повеќе лица! Е тоа се македонските медиуми во „новово време“. Но добро, секогаш сме имале голем јаз помеѓу реалното и замисленото, прокламираното и оствареното, помеѓу ветеното и реализираното, помеѓу сонот и јавето, иако со уживање продолжуваме да сонуваме за некоја утрешна „Швајцарија на Балканите“. Ама таа никако да дојде, попрво Балканите ќе отидат во Швајцарија!

ШАМАРИ НА СИТЕ СТРАНИ

Речиси е јасно дека остатоците од она злосторничко здружение од периодот на заробената држава, денес се’ уште присатно кај нас под фирмата на политичка опозиција, ја критикува власта за се’ и сешто само да се најде во работа, да се покаже пред она малку членство што им останало дека и тие, ете, нешто прават. Иако се’ што прават – прават глупаво, недоветно, детски неразумно, неуко. Што и не е некое посебно чудо кога ќе им го видиш раководствоно – една збирштина неуки провинцијалци со божем генералски еполети, бог да чува и да брани. Ама, си велам, веќе ништо не не’ чуди, свикнавме на такви сурати и простаклук, на глупави изјави, на смешни коментари… И постојано нешто се правдаат дека некој – односно власта, нормално – не им дава ова или она, како некој да е должен постојано нешто да им дава. Ама и тоа е пуста навика, уште од времето на оној криминалецон.

Но, тоа некако и се прежвакува – едноставно гасиш тон и слика, ама кога ги слушаш и луѓево од власта, особено највисоките функционери од Владата како се жалат дека не можат да си ја извршуваат работата, како ни објаснуваат што е државата и дека од неа никој не е посилен… ама повторно и ним некој им пречи – главно опозицијата, се разбира – просто човек се наоѓа во чудо: па добро, кој раководи со оваа и ваква држава – ако некој воопшто тоа го прави – и како, кога сите се жалат едни на други? Веќе свикнавме на секакви подметнувања помеѓу власта и опозицијата, на префрлањето на вината едни на други, ама се чини дека работиве отидоа предалеку па веќе и не знаеме што е што и кој е кој, кој треба да раководи и како, кој ги има механизмите на власта и дали ги применува… ? Зашто, ако државата е навистина најсилниот фактор во земјава, како тоа двајца религиозни политиканти отворено се мајтапат со нејзините одлуки и мерки, како тоа еден градоначалник јавно се потсмева со нејзиниот углед и парадира со некоја негова лична моќ, зошто и (нај)високи државни функционери се спрдачат и не ги спроведуваат мерките за коишто гласаат на седниците на таа иста Влада во којашто членуваат… ? Извинете ама ќе ни објасни ли некој кој тоа им пречи да работат и кому тоа тие објаснуваат кој е овде силен и кој е кому потчинет? Или тоа ние, граѓаните, нешто им пречиме, не сме доволно послушни… или тоа сепак се однесува на опозицијата – онаа и онаква јадна и никаква која не знае што со себе, или станува збор за некој трет? И кој е тој трет, ако смееме да знаеме?

Или Владата си пречи самата себеси? Зашто кога го слушаме и читаме министерот за здравство дека „здравствените работници не можат сами“, дека „мерките се добри и навремени, но тие функционираат само ако се почитуваат, во спротивно немаат ефект“, првото прашање што се наметнува е: кому му се обраќа министерот? Нам, на граѓаните? Ние нешто им пречиме на здравствените работиници да си ја вршат работата, ние не ги почитуваме мерките? Или мисли на некој друг, односно некои други? И на кого? Дали министерот фактички се обраќа на неговите колеги во Владата, дали во нив ја насетува/гледа главната кочница во важните битки против короната? Ако е така, а голем дел од граѓаните не се сомнева дека безмалу сите проблеми произлегуваат токму од „белата шампита“ и различните интереси што таму владеат дури и во вакво време, зошто не ги именува, јасно и гласно, зошто не побара поддршка од колегите во Владата, од здравствените работници, па и од граѓаните? Таа поддршка сигурно и безрезервно би си ја обезбедил од второ и третоспомнатите. За првите – тој подобро знае. Ама се чини почнуваме и ние да знаеме! Но, што е уште поинтересно, во општиот плач дека некој нешто ни прави, дека оваа наша „реалност“ станува веќе неподнослива, полека се вклучува и  СДСМ, чијшто потпретседател признава дека целата ситуација „(…) се претвори во политичко препукување и битка за политички поени“ (https://libertas.mk/2020/05/26/nesovesnoto-odnesuva-e-na-grupa-gra-ani-i-ignorantno-odnesuva-e-na-mvr-e-shamar-vrz-site-gra-ani/). И дека целиот овој галиматијас е шамар „за сите граѓани“, „шамар за целата држава“ (sic!). Што е стопроцентно точно, немаш што да додадеш, немаш што да одземеш.

Освен едно: кој ни ги лепи тие шамари!? Та не’ не претвори коронава во некакви мазохисти па да уживаме некој да ни лепи шамари? Ако тоа некој треба да го знае, треба да го знае власта, првенствено Владата. Зашто ако остане на ваква типично социјалистичка изјава за „некој“ или „некои“, според таа иста стара социјалистичка логика тоа е еднакво на никој и – никои. И тоа не е разложно, разумно објаснување, повеќе наликува на затскривање на нештата односно несакање да се говори отворено. Зошто, кога тие „некој“ и „некои“ ги видовме сите (освен можеби вечно нерасонетото ни Јавно обвинителство), дел од нив ги знаеме по име и презиме, па следствено: што тогаш тука има да се крие? Тоа веќе не е ни соодветен политички коректен говор, уште помалку некаква меѓупартиска или којзнае каква друга „дипломатија“. Сакам да кажам: ако главната движечка сила на коалицијата на власт веќе отворено констатира дека некој ги шамара „сите граѓани“ на оваа држава, па дури дека тој некој, или некои, ја шамараат и „целата држава“, социјалистичката реторика никако не соодветствува на димензиите на случувањето. Ако министерот за здравство отворено вели дека „здравствените работници не можат сами“, без помош на главните државни механизми да се справат со пандемијата, тогаш во целиот систем нешто не штима. Тогаш во целиот државен систем очигледно има поединци, или групи, кои – најблаго речено – му поставуваат сопки на системот, го кочат, не дозволуваат тој навремено и соодветно да дејствува. Ако пак сето тоа пораснало толку многу, дури до (незамисливите) димензии на шамарање на граѓаните и целата држава, тогаш овој систем, оваа држава е во сериозни проблеми. И ако тоа е едно од оправдувањата на Социјалдемократскиот сојуз за брзи избори дури и во време на пандемија, тогаш заслужуваат безрезервна поддршка.

Ама, секогаш има некое „ама“: слични ситуации имавме и пред две-три години, многу нешта чкрипеа во владеачката коалиција, за да прераснат во она што на дело го гледаме денес. Ама (ни) тогаш не се превзедоа сериозни чекори. Што е тоа што ќе не’ убеди дека сега ќе биде поинаку? И дека во иднина нема да има шамари, за нас и за државата? Знам, веднаш некој ќе рече дека такви гаранции никој не може да даде. Извинете, ама не е така. Ние имавме извесни (не мали, напротив) гаранции и пред три години, коишто со помош на коалициската магија исчезнаа од агендата на власта. Говорам за сериозни гаранции за уште посериозни проблеми. Гаранциите се стопија, проблемите останаа, дури нараснаа. Оттука, не тврдам, не сум пророк, ама мислите дека гласачкото тело и понатаму е онака незрело и неуко како пред многу години? Не сум сигурен во тие и такви „анализи“.

МАКЕДОНСКА ФАРСА

Не знам дали некој од надлежните – оние од Комисијата за заразни болести, па оние од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, па Министерството за здравство и сите други надлежни и ненадлежни владини служби, па и самата Влада, ако баш сакате – слушна дека од завчера Ковид 19 е умрен и дека ние ја победивме заразата. Ова го потенцирам за да утре не речат дека не слушнале, зашто некој можеби не гледа телевизија, или гледа без тон (тоа обично им се случува на обвинителите заради оној „допрен глас“ да не допре и до нив!) и тоа да биде главен аргумент за продолжување на карантинските мерки и сите други малтретирања за нас обичните смртници. Плус, информацијата мора да се земе сериозно зашто доаѓа од еден од најсериозните политичари во државава – и ова навистина го мислам! – а којашто информација тој веројатно му ја дошепнал и на неговиот колега од другата најголема (верска) партија којашто во неделата исто така си организираше свои (отворени за јавноста) масовни празнувања на Денот на македонските просветители. Сосе сите пропратни салтанати, бацувања на крст итн. И да, без заштитна опрема, нормално.

Но, повторно, проблемот е дали гласот ќе допре до тие до коишто треба да допре? Којзнае, кај нас обично тоа не се случува зашто надлежните – особено оние од обвинителствата – се изгледа за таму намерно бирани со слаб слух, илити простонародски речено глуви, како сакате, за да не слушаат секакви будалаштини што се зборат во јавноста. А некои се богами и со многу, многу слаб вид. Тоа јасно пред некој ден го кажа и нивниот шеф, дури и без трошка срам и професионална одговорност, дека тие се’ уште го „испитуваат“ она верско-партиско дивеење во Струхан. Она што цела земја (освен нив, нормално) со запрепастување го гледаше. Ама и покрај сите достапни снимки и информации од очевидци, тие не гледаат ништо! Како што не го видоа и она развезување и прскање со корона водичка во Кавадарци, па журкана во Бигорски, итн.

Како и да е’, и ним ќе им лекне со оваа званично прогласена умирачка на коронавирусот. Сега, апропо објавената смрт, нема ни да треба понатаму да испитуваат што се’ се случуваше во неделата низ државава. Ќе можат да си се посветат на редовните активности: негледање, неслушање, незнаење… итн. Иако се чини дека Владата, или барем некои нејзини важни функционери, и претходно ја имале информацијата за умирачката. На вирусот. Инаку, како министерката за финансии би си држела состаноци со по 15-тина присутни – без (барем) маска. Којашто инаку би го сокрила од јавноста карминот во иста боја како блузата!? А тоа е, извинете, важен елемент за македонската јавност, за неашите евроинтеграции, па можеби и за борбата со вирусот, којзнае? Пардон – грешка: вирусот веќе беше на умирање!

Така, очекувано впрочем, и продолжува, со негледање и неслушање – некој би рекол слепо и груво – македонската монтипајтоновска пандемична трагикомедија, сега со длабоко навлегување во третиот чин наречен фарса. Зашто ова наша неодговорна реалност и не може поинаку да се нарече. Само што во нашава фарсична реалност, за разлика од театарската фарса, ништо не е претерано или прекумерно, апсурдно или намерно искривено. Се’ е вистинито до зла бога, сите ликови и случки се вистинити, ама не се забавни! Никогаш и не биле. Смешни – да, некогаш и до болка, ама смеата често не е и забава, нели. А ако прочепкате низ интернетот, ќе научите дека најстарата позната фарса потекнува од 1266 година и се викала „ Le Garçon et l’aveugle“ (Момчето и слепиот човек)! Е истата ја играме ние денес. Само што во нашиов случај не знаеме кое е момчето. Слепиот човек, или неговата персонификација, го знаеме! Зашто ние веќе три децении талкаме низ просторов и времево токму како слепи (и глуви) луѓе. Нашата реалност, како впрочем и реалноста на секој слеп (и глув) човек, е поинаква од реалната реалност. Иако живееме во свет, во космос со се’ уште неоткриени димензии и со често парадоксална реалност, ние се држиме до нашата еднодимензионална и апсурдна реалност. Иако светот живее на едно ниво на перцепција, сепак признава и други, а во таа другост сакаме да се упикаме токму ние со нашето паланечко-племенско ниво и да се претставиме како нова перцепција, не гледајќи дека на сите веќе сме им дојдени прекуглава. Кај нас само нашето ниво на перцепција е посакуваното ниво. Она на племенските и верските водачи. Тоа ниво е официјалното, општоприфатеното, другите не се земаат предвид. Другите не не’ ни интересираат зашто во нив се кријат некакви други „светови“ коишто ние не ги разбираме, светови различни од нашиот. А тогаш настанува проблем: ќе разбереме дека може и поинаку и подобро, дека ние не сме најпаметни на светот, дека короноравирусот не е умрен заради нашата верба во севишните сили и дека луѓе се’ уште умираат од него (па и кај нас, како што велат дневните билтени!), дека цивилизираниот свет има некои други реалности коишто кај нас ќе дојдат после некои педесеттина години, дека ние со нашето празноверие и политикантство едноставно не се вклопуваме во оваа и ваква Европа… „Короната“ е гола? Ма не, само е умрена!

Македонската фарса – или македонската реалност, како сакате – не ни ги отвора тие други светови, не ни ги (по)кажува тие различни нешта. На нашава мала сцена секодневно се играат скечеви со коекакви налудничави епизодисти, протагонисти-аматери уфилмени во некои нивни замислени приказни. А ние сме им дале – главни улоги!

НА ШТО МИСЛИ АМБАСАДОРКАТА?

Во контекстот на македонската монтипајтоновска пандемиска епопеја, пред претстојните контрадикторни 58-часовен lockdown а веднаш по него отворање на сите меани и биртии во државава, особено е илустративна изјавата: „Од перспектива на САД, разумно е да се очекува избори да се одржат веднаш штом дозволат условите, имајќи ги на ум здравјето и благосостојбата и на гласачите и на членовите на избирачките одбори“ (sic!). Кога САД нешто ќе кажат, директно или индиректно – преку нивниот официјален претставник во државава (во случајов Н.Е. Амбасадорката Брнз) – што е еднакво на најдиректно, тогаш сите галами во државава стивнуваат, барем привремено, за да се чита и препрочита кажаното, за да се филтрира низ партиските „експертски“ решета, за да се проверуваат точките и запирките да не случајно се крие нешто и во нив… А така впрочем и треба, иако таков однос властите, кои и да се, би требало да покажуваат и во однос на ставовите на Европската комисија. Ама тие за нас секогаш биле второстепени, иако ние всушност бараме да станеме членка на ЕУ, не на САД. А можеби тука ни е грешката? Којзнае, не сме пробале! Можеби САД попрво би не’ примиле, безусловно? (И, апропо, наместо за ова да размислувал првион ни министер за надворешни, он сака да не’ носи во – Бугарија. Господ да чува и да брани!).

Како и да е’, на крај памет не ми паѓа да ги анализирам зборовите на амбасадорката зашто, прво, за тоа нема потреба – се’ е јасно да појасно не може да биде – второ, не сум доволно компетентен да наоѓам скриени значења во точки и запирки (ако овде воопшто ги има), и трето, многумина други тоа детално ќе го прават а јас во тоа не гледам некакво особено задоволство.

Но, вреди подетално да се потенцира оној дел од пораката на амбасадорката, оној којшто говори за избори, но „(…) веднаш штом дозволат условите, имајќи ги на ум здравјето и благосостојбата и на гласачите и на членовите на избирачките одбори“. Ако во овој контекст го поставите претстојниот карневалски карантин – на избори не треба ни да се помисли. Ама ако веднаш потоа следи целосно распиштолување на македонскиот граѓанин низ сите меани, биртии, ресторани и се’ друго регистрирано под таква или слична фирма, ние можеме на избори да одиме уште утре. Е сега, на што мисли амбасадорката, на кои услови: на оние коишто не’ карантинизираат, или на оние коишто целосно не’ распуштаат? А на што пак мислат нашиве „стручњаци“? Сигурен сум дека таа точно знае на што мисли, ама не сум сигурен како ова ќе го прочитаат оние нашине „стручњаци“ од Комисијана, па оние од ДСЗИ, па оние од Министерството за здравство, па Владата, па лидерите… Има меѓу нив едно чудо потенцијални читачи за кои, сигурен сум, не би сте се нафатиле да ставите рака в оган дека сите се баш функционално описменети, нели? Зашто, ако ја гледате нашава циркусијада со мерките – денес е вака утре онака, вчера бевме спремни за целосно отворање ама денес сме зрели за фултајм карантин, па можете да одите во меани да се дружите, јадете и пиете до бесвест ама не можете во кафуле на кафе или чај, до завчера оние „бедници“ од 67+ не смееа нос да извадат надвор ама откако Уставен им врза шамар на регулаториве си шетаме како сакаме и никој ни да писне – тогаш гледате дека овде нешто не штима. Плус, кога ќе се решиме за избори ќе можеме: да одиме и на митинзи зашто тоа сепак не е масовна собиранка туку сериозна политичка работа; па ќе можат во иста затворена просторија да престојуваат речиси цел ден и по 15-тина души од избирачките одбори и претставниците на партии и ОБСЕ (ама со заштитна опрема, нели), иако не би смееле повеќе од двајца, ама повторно – изборите се сериозна работа а пандемијава заебанција; па во истата таа просторија ќе се точкаат уште и по 3-4 избирачи (се разбира сите со заштитна опрема!); во истата таа просторија ќе ве тераат да ја симнете заштитната маска за да се легитимирате, ама и тоа е во ред зашто се избори; во истата таа просторија ќе се доближите на 30-тина сантиметри до чуварот на избирачкиот список за да се потпишете, иако не би смееле да бидете до него поблиску од 2 метри…, итн., итн. Значи, колку и какви се’ не „толкувања“ имаме ние (кога велам ние мислам на тие!) за да и’ удоволиме на Н.Е. Амбасадорката на САД и да ја убедиме дека ние всушност целосно се придржуваме до она „(…) веднаш штом дозволат условите, имајќи ги на ум здравјето и благосостојбата и на гласачите и на членовите на избирачките одбори“?! Мислам, што всушност ние подразбираме под „(…) веднаш штом дозволат условите, имајќи ги на ум здравјето и благосостојбата и на гласачите и на членовите на избирачките одбори“, има ли некој компетентен тоа да ни го објасни? Ако имаме право на објаснување, се разбира. А можеби немаме? Или самите ќе си објаснуваме: она што мојата лаичка дребност го подразбира гледајќи ги и читајќи ги нашите протоколи и однесување, или тоа е сепак – нешто друго? И што е тоа друго? И ене, вчера, 40 нови заболени и еден починат! Дали (и) тоа е она што го дозволуваат условите, или повторно е – нешто друго? И колку ќе има новозаболени после теревенките по меаните? И тоа ли е калкулирано во она „друго“?

Знам дека некој сето ова ќе сака да го види и ќе сака да го прочита како ситничарење. Ама не е, нема таква намера. Напротив. А сигурно не е ситничарење за семејствата на оние 111 починати. Не дека за тоа се виновни предлагачите на мерките, ама не се ни целосно амнестирани зашто причините и последиците се поврзани, мерките и последиците се поврзани, затворањето на очите или намигнувањето на верата и политиката се поврзани со последиците… Да, Европа и светот ги олабавуваат мерките, ама некој сериозно мора да процени дали и ние сме подготвени за тоа. Сосе оние 409 активни случаи (според податокот од вчера), а уште колку ќе дојдат после Струхан, после Фитер Бајрам, после меаните, сосе ваква неодговорна полиција… ? Оттука, одговорноста е целосно во рацете на оние кои сакаат да се нарекуваат експерти и стручњаци, ама шушукаат со политиката и верата, со бизнисот и партиите. Во услови на ваква пандемија не може да има два генералштаба, две команди. Ќе има една команда и таа ќе биде целосно и неотповикливо одговорна за случувањата. Ако е способна. Ако не, ќе се бара друга, и трета… некоја којашто ќе ги има на ум условите, состојбите, развојот на настаните, благосостојбата на луѓето… Да не мислела на тоа амбасадорката?

РЕЗИЛ

И сега, кому да верувате: на науката или на политиката? Што кога науката дува во ист тромбон како и политиката, поточно – станува политикантство, па денес вели едно ама утре дијаметрално друго? И што им вредат сите титули, меѓу другото и дипломите, на сите тие заседнати во некакви комисии, одбори, тела… дури и со префикси што автоматски предизвикуваат стравопочит: Комисија за заразни болести (уууу, јеботе), па ДСЗИ (дупло јеботе), па Министерство за здравство (како то гордо звучи)… па едно чудо „експерти“ во разноразни области…! Резилот на најодговорните во македонското здравство како да нема крај. Се’ што нивните колеги секојдневно го постигнуваат на првата линија на фронтот, овие го упропастуваат со нивното полтронство, улизување, аминување на сите будалаштини на политиката и околу политиката… Абе дајте луѓе, уозбилете се, ова пандемијава не е политичка играчка, уште помалку забава за лаици и самопрогласени експертизи! Па вие секој божји ден убивате луѓе – и тоа некој мора конечно да ви го каже – со самиот факт што сте или неспособни и неуки за работата што (не) ја извршувате или сте толку седнати во скутот на политиканството што не знаете ни каде ви е главата, уште помалку задникот!

Не можете, ве молам, денес вака утре онака, не можете да се раководите од тоа колку луѓе ќе фатите во некоја статистичка стапица, како ќе ви се отворат картите утрото, кој/чиј телефон ќе ви зазвони. Или знаете што правите или не знаете, па следствено – одете си дома и дајте некој посериозен да ја заврши работата! Иако не сте ни за дома, ама време е некој да ви каже: благодариме, доста се грижевте за нас, ај најдете некој друг да се грижи. Или ние да си најдеме. Зашто вашево више не се трпи. Играте според секакви ноти – еднаш оние на власта, па оние на Македонската православна црква, па потоа (заради рамнотежа) според Исламската верска заедница, па веројатно и според некои ваши лични глупави свирки… Задвчера не’ убедувавте дека пандемијата стивнува, денес предлагате тридневен целосен lockdown; а од вторник отворате ресторани; пеевте дека се’ имате под контрола, ама испаѓа дека немате; па на власта и’ угодувате дека е во ред во предизборната кампања да има (дури) и митинзи („мали“, додуша), па колегите (и не само тие) ви се смеат и ве нарекуваат со секакви имиња… заслужено, се разбира. Целава работа почна да заличува на монтипајтоновска серија во којашто вие сте најсмешната епизода, но и ние со вас, се разбира, како главни актери во истата. Ама ситуацијата не е смешна, за жал, зашто луѓе умираа, и се’ уште умираат! Зошто тогаш, и според чии упатства, ги олабавува(в)те мерките, ја лажевте јавноста дека пандемијата стивнува иако бројките го кажуваа спротивното? А сега сосема спротивно – ќе ве држиме во кафез 58 часа! А впрочем, ако сите мерки не ви се прилагодени, меѓу другото, и на менталитетот на населението, којшто или го знаете или не го знаете, тогаш добивате една голема смешка како нашава. А вие сте најголемата.

Јавноста де факто имаше голема, огромна доверба во вас. Ама до извесен миг, до мигот кога се виде дека не контролирате ништо, дека ве играат како сакаат. И тогаш требаше да си одите, уште првиот пат кога надлежните, кои и да се’, не ги почитуваа вашите стручни предлози, а не да седите како мали деца и секој да ве влече за уши! Одамна веќе не знаеме кому можеме да веруваме: на професијата или на политиката, на науката или на струката, на човекот или на политикантот. И досега сите, или барем повеќето мерки ви беа смешни, контрадикторни и контрапродуктивни, ама сега ги преминувате сите граници. Дајте покажете ни го тој стручњак кој сега, после се’, сака да не’ затвори цели три дена дома. А зошто? Затоа што се зголемува бројот на заразени? Па зарем тоа не го знае(в)те цело време следејќи ја состојбата и спроведувањето на мерките? Кој тогаш предлага(ше) олабавување на мерките, отворање на молови и продавници, на ова и она, опуштање од божем цврстите стеги (коишто, патем, во ваша интерпретација станаа забава за јавноста!)… А веднаш по карантинскиот викенд ќе ги отворите сите кафеани и биртии!? Па ваква неспособност и полтронство не сме виделе со децении!

Се разбира дека ние можеме да се забавуваме и лицитираме со се’ и сешто зашто во ова време-невреме немаме што друго попаметно да правиме. Ама вие – не смеете! Или тоа не го знае(в)те? Ако пак и тоа не го знае(в)те, тогаш ништо не знаете. И не сте способни, уште помалку компетентни за работата што ја вршите!

Зашто, повторно, сите оние жртви не одат само на сметката на пандемијата. Тоа некој ќе мора и јавно да го каже, ако не денес тогаш утре.

НЕКОИ ТОА ГО САКААТ ЖЕШКО

Дури и во „ненормално време“, нештата мора да бидат јасни и прецизни: науката за нејзините работи, политиката за нејзините. Таму каде што „интересите“ им се поклопуваат, кај нас најчесто превагнува политиката. Зошто? Затоа што науката е спора а на политиката најчесто и’ се брза: некои одлуки мора да се носат во еден ден, да не речам во миг. Ние најчесто така работиме – ги оставаме нештата да „зреат“ до пукање, па итно бараме излез. Тука наука не помага. А сепак, домените мора да се знаат, и да се почитуваат. Умните политичари не трчаат пред науката. А во вакво „ненормално време“ се’ се вжештува, особено страстите, политичките. Како филмон! Но, да одам со ред.

Да беше прес конференцијата на г-динот Заев ден-два подоцна, ќе се фалев дека го прочитал мојот текст за конфузните сигнали на власта и побрзал да ги појасни, поправи, за мој атер. Ама не беше така, за моја жал! Ми отидоа неповрат фалбите. И, апропо неговиот прес, некако не можете а да не се согласите со него. Речиси во се’! Дури и во оние нешта во коишто не би сакал да се согласам. На пример за изборите. Ама, морам да го кажам и следново, без оглед колку звучи лично: како да се враќа стариот Зоран Заев, оној од пред две-три години. Ок, тоа е мое чувство, зашто како да се беше изгубил токму во политичките – или политикантските? – есапи, заборавајќи ги основните вредности?! Но, да се вратам на неговото објаснување за изборите, (иако неволно зашто моите заложби паѓаат во вода): дури и да ги ставиме на страна Уставот и законите, која е другата опција? Онаа на вемерото, на есен? Тогаш ситуацијата ќе биде уште покатастрофална! Или – така треба, „неки то воле вруќе“? Доволно е да го прочитате предвидувањето на СЗО за оваа есен и зима и веднаш да ви стане јасно што не’ очекува. И што сака вемерото. Оттука, друга опција очигледно нема. И добро што лидерот на СДСМ ова уште еднаш го образложува, натенане и конкретно, проследено и со предлозите на другите партии и негови коментари зошто истите се неприфатливи. Следствено, ако тоа некому му значи, и јас не можам а да не го повлечам моето „противење“ за вака рани избори, иако ми остануваат неколку други „адути“ коишто Заев баш и не ги поби најдобро. На пример, оној за излезноста. И за евентуалното неучество на опозицијата. И за „протоколите“… Се’ се тоа битни елементи во изборниот процес и финалната изборна слика што понатаму ќе ја следи Македонија во наредните четири години. Поточно, на пример, секому му е јасно дека зад искажаната наводна грижа за здравјето на граѓаните од страна на вемерото стои уплав од избори во јуни зашто и нивните пресметки говорат за катастрофален пораз. Дури и со мала излезност, а камоли во нормална ситуација каква што посакува СДСМ. Зашто, да бидеме искрени, ниту нешто нудат, уште помалку знаат што да понудат, а конечно – се покажува дека и ова вемеро е она истото злосторничко здружение од пред три години, само со сменети фаци и поблага реторика. Умот и однесувањето се идентични! Оттука, за СДСМ нема страв од избори, ама излезноста, а особено евентуалниот бојкот на најголемата опозициска партија – којшто станува се’ поизвесен – може да фрли голема сенка над наредните години. Но, тука политичките одлуки се примарни, и приоритетни (иако и науката можеби би имала што да каже, ама таа е, како што реков, преспора за такви ситуации!), но и одговорноста е нивна! А во таа насока, Заев го спомна зборот иритација – односно дали гласачите, генерално, ќе бидат иритирани од инсистирањето на избори, дали поединечните гласачи (особено оние од 67+) држат инает од lockdown-от, дали кога ќе дојдат партиските емисари на врата воопшто и ќе им отворат… Се’ се тоа големи непознаници што стојат пред политиката, ама и пред науката (ако таква има кај нас!).

Ама, ама… од друга страна, повторно и политиката и Заев трчаат пред науката. Прераскажуваните „протоколи за изборите“ се толку смушени, нејасни, често звучат контрадикторно и контрапродуктивно, дури и смешно. И г-динот Заев повторно се заплеткува во објаснувања и се става пред епидемиолошките ескперти толкувајќи што и како ќе биде, колку тоа е сигурно за граѓаните и сл. Не сум сигурен дека е тоа работа на политиката. Тоа секако е работа на науката, особено на епидемиолозите, или на министерот за здравство… Но, ако министерот е цврсто зграпчен од канџите на политиката, ене ви го д-р Никола Пановски, човекот јасно и гласно вели да за избори ама големо НЕ за митинзи. И што тука не е јасно и за што уште треба да се разговара?

И како трето: секогаш кога читав, пишував, размислував… за распуштеното Собрание и инаетот и некултурата на Џафери, мислев на проф. Шкариќ како еден од малкуте врвни експерти кај нас во оваа област. Поточно, си велев: добро, зошто човекот не се јави, макар со две реченици, зошто не ги расчисти маглите што надвиснаа над ова прашање, оставајќи ни нам лаиците, но и на некои самопрогласени експерти, да дебатираме до утре сабајле? Конечно – човекот се јави и ја растера маглата, давајќи му за право на (екс)претседателот на распуштеното Собрание. И прва мисла ми беше: да не му се јавил овој на Шкариќ, сосема службено – не би ме зачудило – и да побарал негово толкување, па после се држел до него како слеп за стап глумејќи дека тоа е негов став? Не знам, не сакам да го обвинувам човекот, дури треба да се извинам што го нарекував инаетчија и тврдоглав. Ама тоа само за толкувањето на категоријата „распуштено собрание“, не и за неговиот некултурен однос кон колегите пратеници кои не ги ни удостои со одговор. Никаде не пишувало дека тој треба да одговори! Ма није ваљда, пишува во основите на бон-тон дека на нечие барање треба да се одговори!!! Како и да е’, добро е што и таа дилема е разрешена со помош на науката, иако на мое „разочарување“. И предоцна. Ама, нели, некои тоа го сакаат жешко!

КОНФУЗНИ СИГНАЛИ

Пред извесно време напишав дека луѓето, или барем поголемиот дел од нив, во принцип и’ веруваат на власта. Особено на оваа власт. Така веројатно и треба да биде, посебно во вакви времиња, инаку на што би личела државава? (Иако, за волја на вистината, му веруваат и на она злосторничконо здружение, безмалу сите до еден!). А и не можете да очекувате баш секој критички да го опсервира секој нивен потег, плус нејзините секојдневни мерки и соопштенија апропо пандемијава, па економските „пакети“, па однесувањето на нејзините највисоки претставници (кое најчесто не е во склад со прокламираното) итн. Луѓето си имаат и цел куп други грижи.

Ама сега изгледа дека особено им лекна зашто со олабавувањето на стегите, плус  срамежливото продолжување на вонредната состојба од само 14 дена, па глупостине на Уставниот суд – коишто најголемиот дел од луѓето ги гледаат како договорени со власта, го сакала таа тоа или не! – и сето тоа собрано на куп им праќа сигнал дека пандемијава е под контрола, дека можат да се олабават, да здивнат. И тие тоа го прават, нормално. Доволно е да излезете да прошетате час-два и се’ да ви е јасно: нема заштитна опрема (или ја има кај секој 10-ти), мајки со мали деца (повторно без заштита) шетаат небаре се на некоја грчка плажа, групировки по сите основи и возрасти… каква пандемија какви бакрачи! Конфузен, погрешен сигнал, дефинитивно.

Иако тој и таков „сигнал“ се темели на суетата на човекот да сака херојски приказни, сака да изгледа како победник, тоа му е некако во гените. Особено сегашнава приказна со изборите е дефинитивен гарант за уште една наша херојска победа, овојпат над непознатиот и особено непријателски настроен вирус, а со цел гордо да излеземе на избори иако до вчера се криевме како глувци дома, дури не излегувавме и кога тоа беше дозволено. (Така впрочем беше и со оној другион „вирус“ викан груевизам: цела држава не смееше да писне, ама сега сите се првоборци! Веројатно и самиот Груевски, сосе мајка му.). Не сака(в)ме ни да ги чуеме претпазливите гласови дека ништо не е како што изгледа, престанавме да ги читаме и здравствените билтени коишто, сепак, велат дека секојдневно има нови заразени, низ светот, ама и кај нас, луѓе се’ уште умираат… Но добро, една успешна приказна не е на одмет, ако е навистина – успешна. Дај боже да биде!

Но, ако на овој (во самата негова суштина) конфузен и да не чуе злото контрапродуктивен сигнал ги накалемите и сите други исти или слични испраќани во етерот од страна на власта односно коалицијата во ова време, добивате какофонија од лоши, двосмислени пораки за коишто очигледно никој не се грижи. Нема во власта умен човек за читање на ваквите пораки пред испраќање? Не знам, веројатно, ама ако нема, еве – се препорачувам. Не дека јас сум некој македонски Еко или локален „читач“ на јавни сигнали, ама некои нешта се веќе толку очигледни што поочигледни и не можат да бидат. Земете го Охрид, на пример, и она таканаречено „парапетче Груевски“ – објавено пред два дена, и бидејќи јавно обзнането веќе урнато од локалната власт иако за него знаеле речиси цел месец. Не, не мислам дека тоа е лошо, ама ако тоа може да се егзекутира за само два дена, зошто не можат стотиците други дивоградби „крај езеро“? За ова има воља, и средства, а за другото – немет? Или земете ја Струга за пример – не Струхан, тоа веќе го одживеавме како катастрофален сигнал од власта – и декламациите на нејзиниот градоначалник (кој, апропо, глас не пушти за Струхан) дека таму нема дивоградби! Ма немој богати? А тоа што го кажуваат сите други освен локална власт – е лага? И што мислите, како граѓаните, или ако повеќе сакате – гласачите, го читаат овој „сигнал“, ама не низ зборовите на г-дин Мерко туку низ молчењето на централната власт? Некој стручњак да ни појасни, можеби? Има таков во Владата или – не? Или никој во власта не ги чита дури ни двете силни реакции на Лина Ќостарова Унковска и Ѕвездан Герогиевски? Да, подготвениот одговор на вакво прашање е: а колкумина од гласачите ги прочитале? Со надеж дека нивната бројка е мала, дека македонскиот гласач е по дефиниција „неписмен“ и не чита… ? Пе не ќе да е баш така, нели?! И не треба ли некој навистина компетентен од власта да каже нешто?

Како што впрочем не слушнавме ништо друго освен конфузни молби, ниту едно компетентно мислење од власта за самоволијата на Џафери, ама слушнавме и прочитавме едно чудо експертски мислења за таа афера и сите до едно одеа контра умислениот уставотолкувач, но и контра власта којашто го толерира таквото однесување. А во таа насока и едно чудо стручни мислења од компетенти експерти (меѓу другите и од Фрчкоски, Прешова и др.) за неукоста на спикерот и неговата тенденциозна тврдоглавост во несвикувањето на Собранието – ама очигледно поддржувана и од власта – како крајно недемократски сигнал дека во државава се’ уште може да владее самоволие, ако тоа е во интерес на власта! Зашто, ако дури и претседателот на државата „го укорува“ самобендисаниот пратеник (привремено заседнат на претседателското столче), а као и Владата го прави истото, ама овој не реагира односно според познатиот принцип „село гори Џафери се чешла“ тој молчи сокриен некаде во тетовско, тогаш – што ние да мислиме?

И сега, ако се редат уште едно чудо такви конфузно склепани сигнали коишто, на еден или на друг начин, допираат до гласачкото тело – нека е и до само 10 проценти од истото – зарем надлежните мислат дека тоа е така лесно надоместливо или дека дел од тие проценти не оди на контото на онаа и онаква опозиција, билдајќи и’ го рејтингот? И ова се сосема случајно собрани/одбрани погрешни „пораки“ за коишто изгледа никој не се грижи. Толку ли с(м)е сигурни во победата? Можеби, дај боже, ама да не е и тоа погрешно прочитан сигнал?

Но, она што особено внесува (за мене) оправдан немир повеќе е генералниот молк на јавноста отколку половичните тук-таму спорадични реакции. Не само за овие конфузни сигнали од власта туку за вкупните состојби во државава, меѓу нив некои и од витална важност за македонската демократија. На пример, не сретнав дури ни краток осврт, реченица-две од некој од оние силни дежурни гласови за еден особено интересен текст во „Фокус“ насловен „Толкувањето на Талат Џафери е опасно“ (https://fokus.mk/tolkuvaneto-na-talat-dhaferi-e-opasno/), под којшто дословно стои: „Авторот е познат на Редакцијата“ (sic!). Значи: не говорам за текстот (добар, лош, ваков, онаков) туку за – „потписот“. Вакви и слични „потписи“ (со иницијали, со измислени податоци, или целосно непотпишани) беа обележје на едно друго време за коешто велиме дека не сакаме да се повтори. Зошто сега, и зошто (и) за оваа тема? Иако мислам дека темата и не е така битна, барем за аспектот за којшто говорам, туку повеќе начинот на практикувањето на „јавноста“! Од што се исплашил авторот (познат на Редакцијата), што може да му се случи, и зошто? Навистина ли никого не загрижува оваа појава – и не мислам тука само на власта, никако – никој ли од оние обично гласни вувузели не сакаат за ова да „коментираат“? Токму овие се најопасните сигнали што власта мора да ги има предвид, особено ако веќе решила да оди на избори.

AUT ИЗБОРИ AUT NIHIL

Само пред неколку дена техничкиот премиер, се чинеше многу искрено, посочи дека „Ние (…) се наоѓаме во време што е ненормално, време кое не изместува сите нас од обичниот начин на живеење и време кое ќе бара нова нормалност во идниот период“ (https://fokus.mk/spasovski-ostavka-na-chulev-e-moralen-chin/). И не знам што би одземале или додале на оваа негова изјава, дури и својски да запнеме, освен можеби потенцијалните „филозофски“ толкувања на таа некоја претпоставена „нова нормалност“. И факт е дека оваа пандемиска криза не’ соочи со многу предизвици, и општи и лични, некои ги совладуваме, некои не’ совладуваат нас, не знам кој превагнува и дали воопшто таа битка е фер битка. Ама, што се смени за овие неколку дена, па ненормалното време преку ноќ стана нормално, се заборави се’ и повторно се артикулира воскликот: aut избори aut nihil!? Што тоа „нормализиравме“, што ли пак не’ „нормализираше“ нас, кога сите податоци говорат спротивно на претпоставената нормалност за толку бргу да заборавиме што всушност се случува околу нас?

Но, ако правиме – а правиме – суштински разлики помеѓу реалноста и политиката, па во таа насока се обидуваме и да ја разбереме политичката „носталгија“ (некои велат и потреба„) за избори дури и во ненормално време, ако можеме да ја разбереме власта дека актуелниот соодност на политичките сили е веќе неоджлив, можеме ли со ист аршин да ги мериме и оние едно чудо „умни“ глави кои никогаш не спијат и дежураат на браникот на секоја власт? И еве повторно навиваат за избори небаре животот – или судбината на Македонија, како што најчесто милуваат да кажат – навистина им зависи од таа политичка алатка-играчка? Впрочем, голем дел од нив ги паметиме уште од периодот на режимот на злосторничкото здружение – тогаш дејствуваа од вшанчени во режимот ем-пе-ем позиции – ама бргу се престроија и сега, одново, делуваат од рововите (и) на оваа власт. И повторно ни држат лекции како да сме мали или малоумни деца, како ние ништо да не разбираме за времево и државава, ама тие разбираат се’. А уште позачудувачки е што, и сега како и во времето на груевизмот, власта благонаклоно ги гали по главчињата, овие предат ко властелински миленичиња, повторно си ги заоструваат ноктите… Не дека не се обидувам да ги разберам, мора од нешто да се живее, ама не разбирам зошто таквите и’ требаат и на оваа власта? Иако велат дека такви трабанти и мегафони и’ требаат на секоја власт, ама овие се истрошени и избламирани до зла бога, играат на секоја музика, особено ако доаѓа од „белата шампита“. Таа им е омилена!

И тоа е таква една збирштина која одамна нема ама баш никакво јавно влијание, особено што обединува и пропали изрезилени бивши политиканти кои не знаат што со себе па здушно не’ тераат на избори зашто инаку ќе сме биле „против интересите на Македонија“! Бреее, а згора за пример ни ја даваат дури и Србија, of all countries, а со мантрата на власта: aut избори aut nihil! Па нели власта смета дека таа е доволна во тие и такви јавни убедувања, особено што очигледно го придобила и министерот за здравство кој, ете, сега измислува протоколи за избори во ненормално време, во време на светска пандемија. Којашто, очигледно, за ќефот на изборите, може и да ја снема преку ноќ, ко со рака однесена! Одеднаш нема ни дистанца, ни маски, ни ракавици… или и нив ќе ги снема,  за да ве легитимираат на изборното место ќе мора да ја симнете маската како нешто најнормално, за да се потпишете на списокот ќе мора прилично да се доближите… освен ако надлежните не наредат преку ноќ да ни се продолжат рацете за метар и нешто… нема да важи правилото во една просторија не повеќе од неколкумина… итн. Зашто се’ друго било контра „интересите на Македонија“!? Ма дајте ве молам, па такви демагогии немаше ни во социјализмот. Згора, ние не успеваме да одржиме таков ред ни денес, пред банка или маркет, а камоли за – избори!

Но добро, сега кога веќе сите се впрегнаа во таа кочија – а со сите, волно или неволно, и министерот за здравство Филипче кој ризикува да загуби се’ што досега стекна на јавен план – значи ли тоа дека никој не смее да дигне два прста против? Учителке, еве јас… или – не може? Па извинете ама едно чудо „компетентни“ да се тркаат кој ќе искаже посилна верба во државава и нејзината подготвеност за организирање на општи парламентарни избори, дури да не’ прогласуваат за коцкари со интересите на државата… па ве молам, има ли некој да го сопре ова лудило? Се разбира дека ги разбирам „аргументите“ на политикантон, пресијата на платенициве од седмата „сила“ да дуваат во мегафоните, па и желбата, неопходноста на власта да се излезе од овој ќорсокак во којшто самата се донесе или во којшто ја/не’ донесоа неколку будали. Дали сето ова ќе се случуваше ако функционираше Собранието? Не сме баш сигурни, нели? И дали баш така едноставно, на жими мајка, изборите закажани за 12 април, сега „помоќу магије“ се пазарат за јуни, јули, август… Па не треба ли збор-два за тоа да каже и Парламентот? Или не мора – па ненормално време е! Ама за избори е нормално, нели? Или ако Србија го прави тоа, па уште и Хрватска, ние помали ли шутраци сме од нив? Но, ако сме стасале на ова поле да се докажуваме со бившите ју-будали, тогаш нема крај на оваа трагедија.

Не баш дека само инаетот, егото, незнаењето и неспособноста на оној заседнат на најголемото столче во Собранието не’ туркаат во вакви закатанчени ситуации. Ама сега, токму заради тоа, цела држава се кренала да смислува „протоколи“ за гласање, па и избори во два дена (првиот ден од А до М, вториот од Н до Ш), па ќе го „растегнеме“ и полицискиот час ако треба, па сите ќе се редат како војници на растојание од два метри (иако тоа никако не успевавме да го обезбедиме и во времето на најстрогите мерки), па згора на се’ ќе имало и митинзи (ама пак со два метри растојание!)… Како да слушаме на дело некаков швркнат камерен оркестар под раководство на актуелниот претседател на Собранието како шеф-диригент, првите виолини во судиски тоги на Уставниот суд, дувачка секција од вувузели од неколкумина дежурни абоненти… И сите ја свират рапсодијата „ Aut избори aut nihil“!

Не знам дали навистина ни треба уште една поделба, уште еден конфликт, уште еден експеримент со нас. Настрана што многумина стручни луѓе упатуваат дека фактички власта пропушти неколку клучни чекори по откажувањето на априлските избори (на пример, враќање на политичката влада, зошто да не?), но ова сегашно силување може да се преврти во контрапродуктивен револт, па и инает кај гласачкото тело. Впрочем, дали некој навистина има сериозни сознанија дека гласачите се подготвени да си го ризикуваат здравјето заради избори? Оној камерен оркестар, оние дувачки и тапанарски секции, сепак не се доволна гаранција за тоа!

ХИСТЕРИЧНИ КРИМИНАЛЦИ

Луѓето, или барем поголемиот дел од нив, во принцип и’ веруваат на власта. Така веројатно и треба да биде, особено во вакви времиња, инаку на што би личела државава? А и не можете да очекувате баш секој критички да го опсервира секој потег на власта, плус нејзините мерки и соопштенија апропо пандемијава, однесувањето на нејзините највисоки претставници (кое најчесто не е во склад со прокламираното) итн. Луѓето си имаат и цел куп други грижи. Некои, велат, и одвај преживуваат. Но, од друга страна, му веруваа дури и на претходнион режим – затоа толку и траеше.

Како и да е, низ која призма, со каква диоптрија луѓето, или барем поголемиот дел, сега ќе ја перцепираат последната неочекувана изјава на висок претставник на власта (апропо јавните реакции контра случувањата во Струга) дека „Верниците не се криминалци, нивната потреба за враќање на врската со верата не е криминал“ (https://www.libertas.mk/osmani-drzhavata-da-izgotvi-merki-za-zashtita-pri-verskite-obredi-a-verskite-zaedniczi-da-gi-pochituvaat-preporakite/) Настрана фактот што никој така не ги нарече, барем не јавно, но дали тоа значи дека само тие имаат потреби, во случајов верски, и тие власта мора да ги сервисира, а ние останатите „неверници“ немаме никакви потреби па можеме да останеме во домашен притвор уште цела година, ако треба и подолго? Какво е тоа издигнување на „верските потреби“ на ултимативно рамниште, а потценување на потребите за движење, рекреација, социјализација (па нека е и со маски)… на другите? Какви се тоа впрочем „верски потреби“ и зарем тие не можат да се исполнуваат и во домот туку исклучиво во верски објект? А затворениците-верници, и нив ли власта секојдневно ги развезува низ верските објекти за да си ги исполнат „верските потреби“?

Што пак, од друга страна, ако малку потемелно ја анализирате тезата, испаѓа дека всушност во оваа држава ние останатите сме криминалците – затоа сме и затворени, впрочем – а верниците се тие обожуваните суштества на власта на кои треба да им се угодува а нивните „потреби“ да се исполнуваат дури и во време на пандемија! И тоа без заштитна опрема!!! Зашто, извинете, ама ако ние, останатите, дури и во ретките часови кога имаме право на излез, не смееме да се движиме без соодветна заштитна опрема, ако не смееме да се групираме повеќе од двајца, ако мораме да држиме дистанца, ако не смееме ова и не смееме она – плус не смееме ни да хистеризираме – а на кутрите верници сето тоа им е дозволено, па и многу повеќе, тогаш единствен можен заклучок во оваа насока е: ние сме криминалците во оваа држава. Јасно и гласно! Ако пак кон ова ги придодадете и изјавите дека власта нема право да ги ограничува верските слободи (иако законите го велат спротивното) – ама има право да ги ограничува личните слободи на сите други кои не се верници – тогаш, повторно, мораме да прифатиме дека ние сме најголемиот проблем во оваа држава и таа има право да не’ третира вака какошто не’ третира: како криминалци. И ние очигледно некому му пречиме, особено на верниците, ама и на некои функционери, бидејќи хистеризираме, се грижиме за сопственото здравје но и за здравјето на другите итн.

Но, од друга страна. кога ќе ја слушнете последната изјава на прим. Караџовски (шеф на Комисијата за заразни болести) дека во однос на последното зголемување на заболените во Македонија „најверојатно се работи за непочитување на мерките кои се донесени во изминатиот период“ односно дека „Согласно инкубацијата на ова заболување од 10 до 14 дена, ние ги лоцираме проблемите дека се случиле некаде околу Велигден и 1-ви Мај“, тогаш кому граѓанинот да му верува? И ако д-р Караџоски тврди дека „Комисијата зазела и став дека ниедна од епидемиолошките мерки кои биле предложени не биле почитувани за време на литијата која се случи во Струга и заради непочитувањето на овие мерки, резултатот не е подобар“, што треба ние криминалците да мислиме за оние не-криминалци односно верници? И кому да веруваме? И кому воопшто му служат таквите неодмерени изјави на високи владини функционери, крајно контрадикторни на стручните согледувања на компетентните лица во државава?

Или, ако сакате, ако во државава има 18 регистрирани цркви, 9 верски заедници и 10 религиозни групи – што ќе рече вкупно 37 верски субјекти – и сите во даден миг односно во еден месец, еве можеби од утре, решат да организираат свои процесии низ градовите во Македонија, има ли некој претстава на што тоа ќе личи? Може ли некој во власта, следствено на сопствениот став за немешање во нивните (верските) работи, да претпостави каква променада на не-криминалци ќе има низ македонските градови, секој ден? И со каква бројност? Или тогаш власта ќе интервенира зашто таа не се меша во верските работи само на двете најголеми верски заедници во земјава? А другите се исти како нас, криминалци?

Не знам дали некој во власта докрај ги согледува димензиите на некои вакви зачудувачки неодмерени изјави коишто, недемантирани од никого, делуваат фрустрирачки кај голем број граѓани? Многумина ќе „одбијат“ на лапсус, на друго, ама начинот на којшто – дури и ненамерно – го квалификува мнозинството на своите граѓани е недопустиво. Особено пред избори! Или мислат дека гласовите на неверниците-криминалци им се гарантирани? Не сум сигурен дека во политиката има такви гаранции, освен ако верниците како „кремот“ на оваа држава дале некакви гаранции. Но, да речеме дека власта има свои аналитичари, има свои истражувања и прогнози, ама: навистина ли мислат дека верниците се мнозинството во оваа држава и дека баш од сите уживаат безрезервна поддршка? Не се плаќа ли прескапа цена со ваквото додворување кон таа категорија граѓани и дали баш така треба да изгледа македонската демократија, денес и утре?!

Од друга страна, иако не би сакал да изигрувам пророк, особено не во вакви нешта, нешто како да останува некажано, но навестено. Односно, дали овде некој не’ подготвува за нешто што следува?