Monthly Archives: January 2021

ХОРОТ НА (НЕ)СВЕСНИТЕ

Кога во јануари 1954 година, на страниците на „Разгледи“, сликарот Борко Лазеско (подоцна му се придружи и сликарот Димче Протуѓер) со текстот „За и против нефигуративната уметност“ ја „отвори“ полемиката со Киро Хаџи Василев – министер, публицист, општествено политички работник… – современиците велат дека се случил културен шок: да отвориш полемика со личност од таков формат каков што (со право) бил Киро Хаџи Василев, многумина го сметале за самоубиствен потег. Но, очигледно, не и сликарите Лазески и Протуѓер кои цврсто истрајале на нивните (аргументирани) ставови за апстрактната уметност. И ништо лошо не им се случило!

Ние денес, 67 години подоцна, можеме само да сонуваме таква културна клима, таква отвореност, таков дијалог, па и полемика. Ние денес јавно не разговараме за ништо, а оние кои ќе се обидат да искажат поинакво (стручно) мислење или се целосно игнорирани или веднаш добиваат соодветни етикети, што пак во старт ја убива и секоја помисла на каква и да е’ реакција. Особено што ни одделни надлежни поединци, платени со јавни пари за тоа што го работат, или не го работат, на кои во описот и пописот на работите им стои и контакти со јавноста – едноставно избираат да останат неми, и глуви, или заобиколно да се „обраќаат“ на евентуалните критики, да се затскриваат зад неуки флоскули и партиски ставови итн. А има за што да се разговара, дури и да се полемизира, но нема со кого. Стручната јавност во земјава нема партнер за разговор, па и за полемика, во надлежните во државните институции кои настапуваат со силата на позицијата и власта и (често) услужноста на одделни медиуми да бидат отворени само за нивниот глас! Дури, стручната јавност добива и отворени навреди, а нема ама баш никаква можност да и’ реплицира ни на министерката за култура кога (и) таа се вклучува во хорот што ја пее химната „Не сме свесни што поседуваме“!? Кои се тие „не сме“, кои се „ние“, а кои се другите односно – тие, и зошто некој си зема таква слобода да говори и во наше име? Какви се тие лични проекции врз цел еден народ? И дали навистина НИЕ не сме свесни или токму тие што треба да постапуваат и се платени за тоа – не се свесни? И до кога ќе трае оваа свесно-несвесна приказна – овој свесно-несвесен атонален хор – и до кога секој ќе не’ прогласува за вакви или онакви, како ќе му текне? Како тоа НИЕ не сме свесни што поседуваме, каква вредност имаме кога луѓе востановиле цел систем на заштита, основале институции, пишувале магистерски тези и докторати на таа тема, пишувале закони…? Врз основа на што? Врз основа на не-свест за тоа што го имаме? И како ваков несвесен народ успеал да го сочува тоа наследство цели илјада години ама денес, со оние „свеснине“, тоа не ни оди од рака? Ако навистина бевме толку несвесни за вредноста на културното наследство на оваа земја, што пак отворено упатува и на нашата негрижа за истото, зарем толку ќе пишувавме и ќе укажувавме – без евидентен одглас и резултат кај „свесните“ – на сите грешки што во континуитет се прават не само со наследството туку и со целата култура? Зарем и оние триесетина невладини организации кои јавно говорат за состојбите во Охрид се несвесни за природните и културните вредности на градот и околината? Зарем навистина им е толку сеедно, ама бидејќи немаат што друго да прават се занимаваат со тие прашања да им мине времето? Хорот на неуките, на арогантните, на „свесните“, е веројатно толку гласен заради моментните позиции, но тоа не значи дека во нивната химна е вистината. Никако, дури напротив!

Во недостигот на дијалог, во осеката на конструктивната размена на мислења – а пандемијава никако не е оправдување за тоа! – гласноста и позицијата не се аргументи. Уште помалку можат тоа да бидат наспроти стручноста, експертизата, професионалноста. Прогласувањето на општа несвесност за нештата е опасна работа, ама тоа никако не може да се однесува на струката. Затоа и минуваме низ овие пеколни (не)културни кругови, затоа и заглавуваме во ќорсокаците викани Охрид, Курбиново, Нерези, измислуваме македонски Мона Лизи, преку ноќ промовираме „експерти“ од кои имаме само штета… Од што се плашиме? Од дијалог, од полемика… или од фактот дека токму надлежните ќе ги видиме во вистинската светлина, како толку пати досега? Но тоа веќе не се очекувани болести на младата демократија зашто триесет години и не се баш некоја младост. А болестите ни се тука во континуитет, никако да ги „прележиме“!


НЕ ЗНАЕМЕ КАКВА ВРЕДНОСТ ИМАМЕ?

Фактот дека ние не учиме од грешките што секојдневно ги правиме е веќе ноторен факт, ама од таквите констатации – ако нештата не ги менувате – нема којзнае каква полза. Културата ни е слика и прилика за тој факт, ама ние сме, нели, упорни, тврдоглави во нашето незнаење и неспособност, па само доградуваме, дополнуваме… наместо да менуваме. Да бевме поинакви веројатно не ќе моравме повторно да минуваме низ ваков циркус со Курбиново, Нерези, Охрид и низ редица други циркуски точки во културата само заради нечии суети, самодоволност, неукост…? Мора ли секогаш одново да се бијат битки за нешта толку јасни и очигледни за целиот свет, освен за нас, да се трпат нови и нови порази? И тие битки да ги бијат само поединци? Зашто, кога и такви темелни вредности како непроценливото културно наследство поминуваат без соодветна поширока (општествена, стручна, еснафска) и особено медиумска поддршка и препознавање на исклучителната важност не само за културата, тогаш повторно ги правиме истите грешки. А во конкретниов случај таа целосно изостана, освен во третманот во два-три медиуми – два портали и една телевизија – коишто покажуваа(т) чувство за јавниот интерес во таквите теми, за нивното пошироко општествено значење, за пласирање на информација (особено стручна, експертска) и од „другата страна“…?

Инаку, државниот орган надлежен за работите во културата „комуницира“ со јавноста и експертите исклучиво преку „свои“ медиуми. И таму се редат сите – еден денес, друг утре… праќаат „пораки“, некакви свои „вистини“, раскажуваат приказни… Грото од другите медиуми се речиси (повторно) претворени во нечии вувузели: трубат како ќе им наредат. Она што зачудува е фактот што одделни строго опозициски медиуми попрво покажуваат интерес и за „други вистини“, значи не само за оние од „надлежните“, што и не е така лошо. Но, на крај памет не ми паѓа да полемизирам или да ревидирам нечии медиумски политики. Тие се такви какви што се, но запрепастувачки е како повеќето ни во еден случај не се обидуваат да дадат малку појасна слика за случувањата во културата, во уметноста, во културното наследство – особено она од светско значење? Зарем само она што плута по површината треба да биде видливо за јавноста? Па тоа и така е видливо, „боде очи“, па и „мириса“, ако баш сакате, но некој мора да чепне и под површината, нели? Најчесто таму се крие вистината, ако сакате да ја барате!

Иако, всушност, ваквиот медиумски молк за извонредно значајни теми си има свој корен во самата македонска култура којашто, де факто, мазохостички настојчиво се поништува себеси. И медиумите тоа го гледаат и можеби и’ прават услуга што не ја резилат уште повеќе, и подолу. Зашто, кога слушате дека „Ние уствари и не знаеме што поседуваме…“, а тоа во еден момент го вели актуелниот директор на Управата за заштита на културното наследство, институција најдоговорна – и уште еднаш: НАЈОДГОВОРНА – за катастрофалната состојба со наследството во Македонија, тогаш што?! И што тука треба да направат медиумите? Да го дораспретуваат тоа ѓубриште и да го бараат дното? Дното на културата кај нас е недофатливо и него може да го распрета единствено самата култура. Медиумите можат само да помогнат, ако сакаат. Но, очигледно, нема доволно конструктивна желба на обете страни.  

И спомнатата изјава е веројатно најжалната констатација којашто најчесто ја слушаме од најголем дел од (наводно) одговорните луѓе за културата во државава, а истата е едновремено – најточната. Зашто, кај нас со културата, а особено со културното наследство, се бават луѓе кои многу малку или ништо не разбираат од областа, кои се тотално неупатени и не умеат – нестручни се! – да проценат што е што, што е вредност а што кич, па следствено ни се случува ова што ни се случува. А ни се случува многу! Од 2006 година наваму преплавени сме со кич, со незнаење, со неумеење, со дилетантизам…! И таа поплава е со библиски размери, тој потоп на катастрофални нешта што му се случуваат на културното наследство  многумина се обидуваат да го камуфлираат со партиски соопштенија, приспивни песнички и медиумска поддршка од неколку вувузели, умеат да раскажуваат приказни за мали деца и можат да релативизираат се’, па дури и катастрофалниот Извештај на УНЕСКО за состојбите во Охрид, можат да превидат цело едно ремек дело од форматот на Св. Пантелејмон, дозволено е – буквално се’! Дури, дозволено е Управата како најмеродавен државен орган во заштитата на културното наследство да „нема доволно информации зошто тоа се случувало“, да нема увид во сите оние дивоградби (не само) во Охрид, да не ја разбира катастрофата со овој град и понижувањата на целата држава туку тоа да го крстат „предизвик Охрид да биде ставен на Листата на загрозено културно наследство“… итн.!?! Па за што беше онаа фингирана битка во Баку, па и оној глупав (после повлечен) Закон за Охрид, ако не да се избегне овој град уште тогаш да биде ставен на таа „(не)славна“ Листа? Ама денес тоа ќе го крстиме – „предизвик“? Речиси е неверојатно како сме ги измешале знаењето и незнаењето, одговорноста и неодговорноста, умеењето и неумеењето, стручноста со шарлатанството… па имаме од се’ по малку, за секоја ситуација. Оваа држава, оваа власт, не смее понатаму да си дозволува вакви импровизации! Тоа де факто ни го кажува и холандскиот амбасадор во земјава кога прашува „Зошто луѓето очекуваат дека ќе бидат земени за рака и дека ќе треба само да следат инструкции наместо да преземат одговорност и самите да ја завршат тешката работа?“. Дали со тоа што ние ќе го препуштиме Охрид на (безмалу) целосна грижа на УНЕСКО ќе ни донесе некакви поени како држава? Или ако донесеме „експерти“ од Европа да ни го спасуваат Курбиново, ќе не’ ценат повеќе? Дали со тоа што некритички ќе лицитираме секој ден со по еден вреден објект од корпусот на културното наследство за Листата на светско културно наследство ќе пораснеме во очите на Европа и светот? Не, само повторно, и погласно – ќе ни се смеат!

Ако спомнатиот амбасадор понатаму прашува: „Како можеме ние да ве мотивираме вас, политичкото водство и населението, ако вие не можете самите да се мотивирате?“, не треба ли ни тоа да не’ замисли, барем во културата? Но, факт е: состојбите во македонската култура се демотивирачки и тоа го кажува безмалу секој кој е дел од неа. Го чувствува буквално на својата кожа. Но факт е и тоа дека токму поединците на најодговорни места делуваат демотивирачки – пред се’ со нивното незнаење! Тие, едноставно, не можат и нема да можат да ја мотивираат културата. Не можат бидејќи не знаат што треба да прават, бидејќи не знаат какви вредности имаат, бидејќи се’ уште како вредност го чуваат „Скопје 2014“, бидејќи и понатаму за културата одлучуваат шарлатани и некултурни луѓе, бидејќи целата култура е заложник на неколку па(р)толошки групи кои одлучуваат во името на сите, бидејќи…    

ЗАЧЕТОК НА НОВ КОНЦЕПТ

Значењето на црквата Св. Пантелејмон во Нерези е толкаво, а нејзиното запоставување последниве децении уште поголемо, што заслужува барем уште неколку дополнителни реченици. И не само заради ова денес туку и заради она вчера, на пример: ние како држава во 2014та година целосно го заборавивме нејзиниот јубилеј – 850 години од изградбата на црквата којашто според сите нејзини карактеристики апсолутно го заслужува приматот на ремек дело на средновековната уметност (не само) на тлото на Македонија. Тогаш, наспроти сите наши очекувања, никој не ја ни спомна, дури ни МАНУ, уште помалку тогашните „патриоти“ и големи македонци кои глумеа власт во државата. Барем некој нешто да кажеше во слава на анонимните мајстори кои на Македонија и’ подарија дело препознатливо низ светот, некој да кажеше нешто за државата и народот да се почувствуваваа навистина горди, а не победени, загубени, предадени…

Токму заради тоа, во таа 2014 година напишав еден текст за Св. Пантелејмон насловен Заборавена „модерна“, а во слава на црквичката и наспроти нашето тогашно игнорирање на нејзиниот јубилеј. Не верував дека таквата состојба ќе продолжи, а сепак (и) тоа се случи. Дали денес сме на пат да го смениме ваквиот однос кон наследството или повторно ќе се срамиме? Ќе видиме како „надлежните“ ќе се однесуваат. Можеме ли да се надеваме на подобро од „случајот Курбиново“ и она – како што велат – неуко образложение за црквата Св. Ѓорѓи? И тоа останува да го видиме! Мојот текст во таа 2014 година го пишував и заради тоа што мислев, и мислам, дека црквичката крај Скопје, и според архитектурата и според фрескоживописот, недвојбено е светско културно наследство par excellence. Факт што нам – а всушност ним – тогаш не им значеше ништо, уште помалку дека треба да го заштитат со налепницата UNESCO World Heritage. „Надлежните“ тогаш ги предлагаа Маркови кули и Кокино – масивни карпести предели кои што и без нас преживеале илјадници години, и ќе преживеат уште пет пати по толку. Нерези пак е нежно, чувствително на секакви промени, старееше лошо и беше главно незгрижено… Ќе биде ли утре поинаку? И тоа не го знаеме зашто и тоа зависи од некои други луѓе, од нивната способност, знаење, умеење…

И тогаш, како впрочем и сега, напишав дека нема сериозен проучувач на византиската уметност во светот, и кај нас, кој го одминал фрескоживописот на Нерези во контекстот на времето во коешто настанал и неговото значење за светската ликовна уметност. „Особено двете битни  композиции, „Симнувањето од крст“ и „Оплакувањето“, коишто се сметаат за ремек дела не само на своето време. Поточно, исказот „не само на своето време“ е прилично неодреден и треба да укаже на можни влијанија на едно дело врз некои други дела, нешто како предвесник, како модел за ново гледање на уметноста, потенцијално нов концепт на ликовно размислување и слично. Во овој контекст, фрескосликарството на Нерези, не еднаш и не од вчера, во смислата на тој исказ било поврзувано со некои можни прапочетоци на Ренесансата, претходница дури и на општоприфатените фрески на Ѓото во Падова (1305 год.). Токму во таа смисла, сликарството на Нерези од многумина се согледува како зачетник на еден нов концепт во кој што започнува да превладува интересот за чувството на поединецот и трагичноста на настанот, дури и кога станува збор за ликови како Христос, Марија и др. Тоа се најави, зачетоци на една ликовна концепција која што малку подоцна – или многу подоцна, повеќе од цел еден век – ќе експлодира во Италија под името Ренесанса“. Нерези, се разбира, не било едно и единствено. Се смета дека никулците на овој нов концепт можеле да се следат на повеќе места во тогашна Византија, но Нерези е единствениот останат пример, пример којшто Талбот Рајс го квалификува како „(…) единствено место каде што сликите ги карактеризира оплеменетост и истенчен израз“ . Потенцирајќи ја нивната чувствителност и „похуман пристап“ Талбот Рајс констатира дека сличните остварувања на други места „се погруби!“ Грабар пак, сосема децидно го определува сликарството на Нарези како „модерно за своето време“! Тој посебно ги издвојува двете најбитни композиции – истите на кои што, впрочем, примат им дал и самиот сликар – и тоа „Симнување од крст“ и „Оплакување“, како најкарактеристични за констатираната „модерност“, односно воведувањето на „… трагичниот израз на главите на мртвиот Христос и Богородица која своето лице го наслонува до образот на синот“ и „крајната напнатост што ја изразуваат редовите осамени или во грстови собрани вртежи“. Грабар не се стеснува да констатира дека двете драматични слики, „особено Оплакувањето, заслужуваат место во секоја антологија на средновековното сликарство“. Во друга прилика Грабар се дополнува: „(…) запрепастени сме од убедливата сила на оваа уметност кога опишува млади и стари глави, ја изнесува болката во изразите на лицата, од етнички различните типови, од движењата… Тоа е уметност со голема сензибилност…“.

Тогаш, во таа 2014 година, но и сега, една од поентите на црквата Св. Пантелејмон ги гледав/гледам во нејзиното потенцирано специфично значење како можен претходник, предвесник, антиципација на идните Ренесансни квалитети во сликарството, оние што ќе се појават во Италијанската Ренесанса во 14от век со фреските на Ѓото ди Бондоне во Падова во 1305 година. Не знам зошто фреските на Ѓото во Cappella degli Scrovegni упорно, речиси со векови, го држат приматот на први Ренесансни импулси во ликовната уметност. Ѓото, некако насила, останува првиот Ренесансен уметник, иако анонимниот мајстор од Нерези го сторил истото, дури и подобро од него, и тоа безмалу век и половина претходно. Можеби заради тоа што бил анонимен, односно не му го знаеме името? Но, не е само тоа, зашто редица други анонимни творци низ историјата го добиле заслуженото место и примат. Причините за ваквиот однос и на науката (односно дел од неа) и на пошироката јавност се бројни. И, претпоставувам, немаат речиси никаква врска со реалните состојби, односно со некакви обиди да се забошоти (можната) вистина, да се потцени едно творештво во полза на друго, итн. И не би бил прв пат одделни достигнувања, особено во културата и уметноста, што доаѓаат од „трети“ простори како Балканот, да бидат запоставувани (дури и присвојувани!) во полза на таканаречените „понадмоќните“ култури. Токму затоа нашиот долг кон црквата Св. Пантелејмон е уште поголем и позначаен.  

А сепак, Нерези, сликарството на Св. Пантелејмон, ни ја дава онаа посакувана сатисфакција дека нема „мали“ и „големи“ култури, нема „слаби“ и „надмоќни“ уметности. Таквите „поделби“ си ги наметнуваат како алиби другите. А, ако им дозволите, таквите флоскули ќе ве изедат жив. Ние дури и денес, благодарејќи не редица локални будали, самите си наметнуваме некаков „неоколонијален статус“ и го обвинуваме Западот за се’ и сешто. Мислам дека овде не станува збор за тоа, односно не само за тоа. Не дека низ историјата немало игнорантски однос на развиените европски култури кон оние само навидум регионални/локални проблесоци, не дека немало и нелегални/неморални кражби и присвојувања, но тоа е минато свршено време, или „плусквамперфект“, што би рекол Крлежа. Македонската култура мора да се (из)бори за својот статус пред светот, особено преку културното наследство и примерите како Св. Пантелејмон. И Курбиново, секако.


КОГА И БОГОВИТЕ МОРА ДА (ЗА)МОЛЧАТ

За сериозни, културни средини, за интелектуална јавност која почитува стручност, компетентност, експертиза стекнувана со децении напорна работа, зборот на еден Андре Грабар, или Дејвид Талбот Рајс, е нешто што не може да се прескокне. Кога Грабар ќе напише (а напишал!) дека „Оплакувањето во Нерези (1164) претставува меѓник во историјата на Европското сликарство“, а истото го тврди и Рајс кога вели дека сликарството на Нерези „(…) го најавува она што подоцна ќе преовладува во ренесансната уметност во Италија“ тогаш, извинете, и боговите молчат! Барем во вакви случаи како овој за којшто пишувам. Сите богови, освен можеби нашите локални партиски. Но тоа е сепак – наш проблем. Во нормални ситуации, во нормални средини кадешто се почитува стручност и научен интегритет, особено од такви авторитети, боговите секогаш молчат! Се разбира дека простор за дискусија секогаш има, но дискусија со аргументи, а не со инает, самобендисаност и игнорирање!

Оттука, дури и да беше само на овие двајца реномирани византолози (а не е!), дури и да беше и на одделни наши експерти кои го проучувале Нерези и неговите вредности – а имаме такви – ќе моравме и ние да покажеме минимум респект за нивните проучувања и експликации. Но со вредностите на Св. Пантелејмон и неговото значење за европската уметност пишувале експерти и после Грабар и Рајс. Меѓу последните такви историчари секако е и Andrew Graham-Dixon – британски историчар на уметноста, писател и тв презентер, автор на бројни неповторливи емисии за светската уметност, со докторат од прочуениот Courtauld Institute of Art во Лондон – кој на сликарството на Нерези му дава епитети слични на оние на неговите претходници. Според мислењето на овој историчар, искажано во неговата тв серија „Ренесанса“ (ББЦ, 1999), фреските во Св. Пантелејмон, со нивното „(…) физичко, електрично присуство“ сведочат дека во византиската уметност има нешто многу повеќе од формалноста и спиритуалноста на нејзината традиција на мозаикот и иконата, дека Ѓото е оној мајстор кој дефинитивно го „извлекува“ западното фрескосликарство од силното (но сепак „примитивно“) византиско влијание… Греам-Диксон ги гледа фреските во Нерези како антиципација на ново чувство, издвоено од византиската традиција, чувство што не е статично туку е хумано и реалистично, чувство коешто го гледа Синот Божји како човек од крв и месо, најавувајќи го така она што ќе се случува во европското сликарство цели 150 години подоцна! Сцената со Оплакувањето на Христос тој ја гледа како спој на животот и смртта во една слика, говори за чувствата на Марија која го оплакува Христа… за да заклучи дека „византискиот Исток играл многу поголема формативна улога во развојот на ренесансната уметност отколку што Вазари бил подготвен да признае“.      

Се разбира дека и неколкумина македонски експерти за овој период (Димче Коцо, Петар Миљковиќ-Пепек, Донка Барџиева-Трајковска и др.), на еден или на друг начин, ги потврдуваа овие ставови на светската наука. Без оглед дали има финеси – како што и треба да има – во толкувањата на извонредноста на уметноста на Нерези, независно дали фокусот е ставен на теолошките/догматските или пак на чисто естетските/современите проучувања односно толкувања на фрескосликарството во Св. Пантелејмон, приматот на оваа уметност никој не ја доведува во прашање! Но токму затоа надлежните денес мораат да ги имат предвид сите овие нешта. Ако, нормално, говориме за сериозен (стручен и научен) пристап кон македонското културно наследство, ако говориме за сериозен државен пристап кон нашиот потенцијален предлог за Листата на светско културно наследство на УНЕСКО. Сето друго е/би било чиста импровизација, непромисленост, неразбирливо самоволие… Зошто ни е тоа потребно? Историјата на уметноста, не само денес, не може да не ги согледа и јавно констатира ваквите ремек дела што навестиле – или директно направиле – темелни пресврти во развојот на уметноста. Нерези, неговото фрескосликарство, е едно од тие и ние никако не смееме тоа да го прескокнеме. И тука говориме за целото сликарство, се разбира, со фини акценти на одделни сцени коишто науката ги смета за неповторливи, за вистинско богатство на човековиот дух и сликарско мајсторство. Впрочем, суштината на двата клучни лика – Христос и Марија и нивната „приказна“ – (не само) во европската уметност безмалу е врв на емотивната скала, „проблем“ што „ги мачи” уметниците веќе две илјади години и којшто на Уметноста и на човештвото му подари вистински ремек дела од големината на еден Гриневалд, Ѓото, Мантења, Роже ван дер Вајден, Нолде, Дали… па се’ до морничаво пленувачкиот филм на Мел Гибсон! Но, токму во таа светска ризница на уметнички „толкувања“ стои и маестралното дело на мајсторската школа на Нерези – фреската Оплакувањето на Христос, но и другите претстави во оваа црква.И некако, како токму оттука, од Нерези да започнува новата визија за Христос и Марија, за нивната човечка сушност, за грчот и болката, за човековото страдање. Нерешкиот мајстор секако го имал на ум Јован од Дамаск (отприлика 675 – 753/4), подоцна канонизиран, кој велел: „Кога тој кој е без тело и форма, немерлив во безграничноста на неговата природа, постоејќи во формата на Господ, ќе се испразни себеси и ќе ја земе формата на слуга во субстанцата и ставата и ќе се најде во земно тело, тогаш можете да ја сликате неговата слика и да ја покажувате на секој што ќе посака да ја гледа“. И во неговите фрески веќе обезживотеното тело на Христос е токму земно тело, по кое плаче земна мајка, а тажат и ангелите. И тие, и мајката, па нека е и Богородица, и ангелите, првпат тажат и плачат на таков начин по (Бого)Човекот! Како и секоја мајка, и Мајката на (Бого)Човекот со расчекорени нозе го прифаќа мртвото тело на единствениот син. И првпат на една ваква слика е претставена вистинска смрт – земниот крај на човек кој страдал и крајот на бесмртниот Бог! Нерешкиот сликар – или сликари – како да ја набљудуваат сцената „одвнатре“, којзнае колку пати ја преживуваат, повторно го оплакуваат Синот Божји како наша општа, колективна свест. Оттука, ова сликарство, ова мајсторство, едноставно не може, не смее да не биде дел од светското културно наследство и во смислата на посочената Листа на светско културно наследство на УНЕСКО. Не смееме да дозволиме тоа да се случи, барем не сега кога веќе имаме право на избор, и заради минатите и заради идните генерации!

Ако во времето на стравовладата на злосторничкото здружение многумина мислеа дека ситуацијата е безизлезна, дека не може ништо да се направи, дека се’ е блокирано, дека самоволијата се едноставно непремостливи… денес тоа не е случај. Денес се’ зависи од нас и нашата волја, но и подготовеноста да ги менуваме одлуките ако се погрешни. А оваа со приматот даден само на Курбиново е – погрешна. Таа не предизвикува штета во материјална смисла, но штети на нашиот углед во светот, на нашата професионалност, на нашата компетентност, на нашата наука. Тоа, едноставно, не смееме да го дозволиме!    

П.С. Последните информации во јавноста говорат дека Министерството за култура одлучило и црквата Св. Пантелејмон да биде номинирана за Листата на светско културно наследство на УНЕСКО. Иако, повторно, на начин што ги крши сите процедури и закони, оваа одлука е за поздравување!

КЛУЧОТ Е ВО НЕРЕЗИ

Моето прашање од минатиот пат („Помисли ли некој на Св. Пантелејмон?“), освен на црквата во Нерези, можеше да биде адресирано и на неколку други објекти од средновековното културно наследство, а пред се’ на црквата Св. Софија во Охрид, или Богородица Перивлепта (исто така во Охрид), зашто тоа се „скапоцени камења“ еднакви на црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново – сега избрана од некој во Министерството за култура за наш фаворит за Листата на светско културно наследство на УНЕСКО. Впрочем, Св. Софија, ако некој не знае(л), а треба(л) да знае, била катедрална црква, градена речиси цел еден век пред Св. Ѓорѓи во Курбиново – староста не ја наведувам како аргумент, но сепак! – со извонредно значајна архитектура и живопис… во еден период била и соборен храм на Охридската архиепископија… затоа, секако, е и една од најголемите средновековни цркви на овие простори… со извонредна сликарска декорација во т.н. „престолен стил“ (David Talbot Rice)[1] и со претстава и на шест римски папи (што е особено интересен податок!)… Или, попрво, ако Св. Ѓорѓи во Курбиново е бисер, Св. Софија е вистински дијамант во мозаикот на византиско-македонското културно наследство од тоа време. Оттука: зошто никој не ја земал предвид ни оваа црква за наш фаворит за Листата на светско културно наследство на УНЕСКО?

Во една од првите книги (Byzantine Painting, Historical and Critical Study, 1953)[2] на прочуениот византолог Андре Грабар (1896-1990), на самиот почеток е дадена карта на дел од Европа, на којашто можат по држави и градови да се следи патот на подготовката на книгата и фотографирањето на капиталните дела на Византиската уметност XI-XIV век (главно Италија, Југославија, Грција, Бугарија и Турција). Во Македонија (како дел од тогашна Југославија) обележени се само два града: Скопје (со Нерези) и Охрид! И во текстуалниот дел, во главата Фрески на Балканот и Грција и подглавата Цркви во Југославија, Грабар започнува со реченицата дека речиси и да нема сочувани фрагменти на фрески од 9от и 10от век во овој регион освен оние „(…) од највисок квалитет – припишани на првата половина на единаесеттиот век и претставени во Катедралата Св. Софија во Охрид (…), важен религиозен центар во тој период“. И понатаму: „(…) иако нивниот стил е пофлексибилен од оној во мозаиците, одделни фрагменти се впечатливи со шематизмот на нивното строго, апстрактно претставување“.

Но, главните поенти Грабар сепак ги остава за Нерези, за црквата Св. Пантелејмон (1164), потенцирајќи дека „Декорацијата на црквата во Нерези близу Скопје (Југославија) е едно од двете ремек дела на оваа уметност, второто, подоцнежно за неколку декади, е Катедралата Св. Димитрие во Владимир (Русија).“ И понатаму, на цела страница, Грабар говори за стилот на фреските во Св. Пантелејмон, за „новата концепција на уметноста“ во нив, за „индивидуализираните лица“, за Света Ана, за композицијата Влегување во Ерусалим… за конечно да дојде до сцената на Оплакувањето и „(…) сцените на смрт и страдање коишто, над се’, го трогнале сликарот од Нерези за поблиска опсервација на природата и особено на движењата, гестовите и однесувањето на човек измачуван од болка и длабоко сочуство.“

И конечно, како единствен можен заклучок, Грабар констатира: „Секако, Оплакувањето во Нерези (1164) претставува меѓник во историјата на Европското сликарство“!!!

Извинете, но зарем навистина некому му треба поголема препорака од ова? Кога еден од најголемите европски и светски византолози ви вели дека „Оплакувањето во Нерези (1164) претставува меѓник во историјата на Европското сликарство“, што друго ви е потребно или останува да се каже? Или пак ние – особено оние во Министерството за култура и во Националната комисија за УНЕСКО – мислат дека можат подобро, и поумно, и постручно… да го објаснат игнорирањето на Нерези? Но, кога би бил во прашање само Андре Грабар, секој би имал право да констатира дека и покрај неговото реноме во областа, тој е сепак само единка. Но не е само Грабар, туку и секој иоле посериозен научник од европски и светски формат кој се смета за експерт во оваа област го дели ова мислење. Или, го надградува, со сознанија акумулирани со текот на времето и новите истражувања, а со оглед на фактот дека Грабар пророчки го напишал тоа што го напишал пред цели 70 години.          

Едниот од таквите великани, Рајс (David Talbot Rice) избира друг пример од Нерези – сцената Симнување од крст – и говори за сликарство „со извонреден квалитет“, потенцирајќи дека: „Претставите како што е Симнувањето од крст покажуваат сосема нова концепција со својот интерес за чувствата на поединецот и трагиката на случката. Емоцијата на сомилостна тага е искажана на навистина извонреден начин. Хиератичката монументална концепција на поранешното доба му отстапила место на нова која го најавува она што подоцна ќе преовладува во ренесансната уметност во Италија.“ Следствено, ако веќе сакаме да бараме врски со европското подоцнежно сликарство и со Ренесансата наместо онаа глупост со Мона Лиза, еве го клучот. Но не во Курбиново туку – во Нерези! Или, поточно, Рајс наоѓа врски меѓу двете цркви, но вели дека во Курбиново „работата покажува влијание од Нерези, но е помалку елегантна и префинета.“ Други истражувачи, како на пример Andrew Graham-Dixon, се уште поексплицитни во епитетите за сликарството на Нерези, но за тоа во следната прилика.

Оттука, нејасно е што е тоа што како аргумент се крие во одлуките на Министерството за култура и/или Националната комисија за УНЕСКО, а говори повеќе во полза на црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново наспроти величественоста на сликарството на Св. Пантелејмон во Нерези. Но тука веќе не смее да станува збор за лични или некакви групни афинитети или коекакви други нејасни калкулации зашто во случајот со Нерези говориме за светски авторитети на кои им се поклонува науката и од кои недвојбено учеле и македонските историчари на уметноста.   


[1] David Talbot Rice, Umetnost vizantijskog doba, „Jugoslavija“, Beograd, 1968

[2] Andre Grabar, Byzantine Painting, Historical and Critical Study, Editions d’Art Albert Scira, 1953

ПОМИСЛИ ЛИ НЕКОЈ НА Св. ПАНТЕЛЕЈМОН?

Секакво квалитативно „натпреварување“ во категоријата на најдрагоценото културно наследство е неумесно, непрофесионално и често контрапродуктивно. Самата придавка дека станува збор за светско културно наследство во најголем број случаи сосема доволно ја одразува непроценливата вреденост на тоа наследство. Но кога/ако како држава сте исправени пред (хипотетичкиот) избор на што да дадете предност при потенцијалната квалификација за Листата на светско културно наследство на УНЕСКО тогаш, за жал, (ќе) морате да се определите, (ќе) морате да изберете. И од тој избор веројатно (ќе) зависат многу идни нешта, се разбира, за избраниот објект. Но – и на неизбраниот, можеби!?

Затоа, кога тој избор го прави државата – никој друг – истиот не може, не смее да биде препуштен на затворени кругови на одлучување, на салонски „политичари“, уште помалку на умислени или самопрогласени стручњаци. Кога државата предлага дел од сопственото културно наследство за Листата на светско културно наследство на УНЕСКО – што ќе рече го предлага она што смета дека е највредно во државата – тој предлог едноставно мора да помине повеќе стручни и јавни инстанци, мора да биде филтриран низ компетентното јавно и стручно мислење, па дури тогаш, со таа „тежина“, да се пристапи кон званичен предлог. Се’ друго би било импровизација, самоволие, непрофесионалност… А, за жал, на тоа наликуваше (не само) онаа првична (најблаго речено смешна) „најава“ пред Министерството за култура од 02 декември минатата година за започнување на процедурата за запишување на црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново на Листата на светско културно наследство на УНЕСКО. И никој ни тогаш, но ни денес, не објасни зошто, како, од каде дојде предлогот за Курбиново визави толку други монументални градби – пред или токму од истиот период, со идентични атрибути, квалитети и вредности – за да јавноста добие впечаток дека станува збор за сериозен, обмислен и стручно фундиран предлог! Или, ако сакате, сето тоа наликуваше на некаква непотребна трка по „резултат“ во 100те дена, нешто што не смее (барем не во таа област!) да му се случува на државен орган надлежен за работите на културата! Јавноста, но и струката, мораат да бидат убедени, недвосмислено, дека Министерството за култура како прв претставник/застапник на државата во таа област, работи според јавни, јасни, професионални, компетентни… стандарди и критериуми, врз основа на широки консултации (барем) со експерти од областа итн. Ако не повеќе тоа мораше да биде направено на посоодветен начин, со други луѓе – експерти за областа, во поинаков амбиент, со друга дикција, со стручна експликација… со директен упат дека (барем) зад таквиот предлог стои и Националната комисија за УНЕСКО, со знаење на Владата, со известување на Парламентот… Зашто, простете, вака излегува дека секој таму, во тоа Министерство – па нека е и административец директно од седиштето на УНЕСКО во Париз – се бави со нешто што е целосно вон неговите компетенции!?!   

Но, но, на крај памет не ми паѓа да помислам, не пак да кажам, дека едно Курбиново, еден драгоцен бисер како црквичката Св. Ѓорѓи, не е достојно да биде предложено од страна на државата за впишување на Листата на светско културно наследство на УНЕСКО. Никако! Меѓутоа, мислам дека во целата таа постапка некако биле измешани брзините, компетенциите, надлежностите, начинот на избор… па се’ до самиот избор како таков! И тоа ќе го образложам. Прво, како што веќе реков, предлогот дојде само два месеци од формирањето на новиот кабинет во Министерството за култура, и дури месец и половина пред конститутивната седница на новата Национална комисија на УНЕСКО (sic!). Следствено, прашањето е дали тоа навистина бил баш првиот и најважниот приоритет? Но и да бил, тоа прашање не може да се држи само во „ексклузивните ровови“ на државниот орган надлежен за работите на културата – особено заради фактот што во неговиот кабинет нема ама баш ниту еден стручен човек за тоа прашање (вклучувајќи ги тука и посебните советнички)! – па дури ни во владините редови. Едно можно (идно) решение во оваа насока би било носење на ваквите одлуки на ниво на Собранието на СРМ, кадешто може да дојдат до израз различни стручни (па нека се и политички!) ставови.

Второ, бидејќи црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново веќе беше впишана на онаа прелиминарна листа (Tentative list) на УНЕСКО кадешто секоја држава има слободен пристап и право да впишува свое културно наследство, а имајќи предвид дека црквата денес е во процес на целосна реставрација – така барем велат надлежните – нели е логично црквата Св. Ѓорѓи да остане на прелиминарната листа до завршување на работите и стручниот увид во истите? И следствено, да се покрене постапка за впишување на Листата на светско културно наследство на УНЕСКО на друг еднакво важен (некои велат и поважен!) објект од тој период?

Трето, токму црквата Св.Ѓорги во Курбиново, иако еден од највредните споменици на архитектонското и сликарското средновековно наследство во Македонија, кај нас дома не ужива никаква заштита, а ние ќе бараме УНЕСКО да ја запише на светската листа? Ако црквата Св.Ѓорги во Курбиново уште ја „заштитуваме“ според решение од 1952 година, а истото не е ревалоризирано дури ни според законот од 2004 година, како ова надлежните ќе му го образложат на УНЕСКО?   

 Четврто, без оглед што никој компетентен не објави барем минимално аргументирано образложение за предлогот токму овој објект да биде предложен за Листата на светско културно наследство на УНЕСКО – можеби сметајќи дека тоа е непотребно – сепак може да се постави следново прашање: а дали некој помисли на црквата Св. Пантелејмон во Нерези? Дали некој помисли дека токму овој објект, а имајќи предвид некои од претходните наводи, сепак има некаква „предност“ во овој поглед?

За ова, и за многу други нешта, во следната прилика!

МАКЕДОНСКА „МОНА ЛИЗА“?!

Фактот дека ние имаме ваков однос кон сопственото културно наследство каков што демонстрираме секој божји ден, формално не ја намалува неговата непроценлива вредност. Фактот дека ние не знаеме што е тоа културно наследство и како истото се заштитува односно неговата заштита ја препуштаме на аматери сепак (делумно) ја намалува – ја девастира – неговата физичка/материјална но не и духовна вредност. Но кога полуписмен, недоучен свет, на тоа наследство, на одделни негови бисери сака (наводно) да му придодава нешто на неговата инхерентна вредност, нешто што во самата суштина е неспоиво со него, тогаш објективната штета станува непроценлива! Тогаш светот ни се смее, по којзнае кој пат, и си ги потврдува дамнешните констатации дека ние, за жал, не знаеме ни што имаме не пак соодветно да се однесуваме кон тоа, што пак логично резултира во сомнеж за нашата компетентност (не само) во оваа област. Веќе излитената од употреба фраза дека културното наследство не е само минато туку и сегашност и иднина е за многумина – заморна. Тие не се грижат за минатото, уште помалку за иднината: важен е сегашниот миг и што од него може да се профитира!  Затоа и сме преплавени од производство на лоши политики, погрешни проценки… што завршуваат во неуки зафати, во јалови активности… односно во тотална негрижа за најдрагоценото во државата, за симболите на културниот идентитет, за неповторливите уметнички вредности.

Затоа, впрочем, некои мислат дека е дозволено, дека можат дури и на едно Курбиново да му сместат „ДДВ“, да му додадат „нешто“ за тоа да стане „пограндиозно“, „повелелепно“, „подуховно“…! Тие никако не можат да разберат дека грандиозноста на едно Курбиново е во неговата едноставност, дека неговата велелепност е во неговата  блескава „скромност“, дека неговата авангардност е во неговата духовност… Затоа и мислат дека е дозволено да му ја залепат споредбата со „Мона Лиза“! Зошто? И што Курбиново, или Белиот ангел во него ќе добие со тоа? И каков тоа искривен ум воопшто и може да дојде до такви неуки споредби и какви тоа неписмени новинари и медиуми можат да објавуваат такви будалаштини? Наводниот комплимент „Мона Лиза“ – недвојбено ремек дело на големиот Леонардо од 1503 година – гордо искажан од некојси наш аналфабет, во случајов е само етикета лепната туку-така врз црквичето во Курбиново и неговите фрески (крај на 12 век) којашто не само што не значи ништо туку всушност говори дека ние (односно тие!) немаат поим што е Курбиново, што се фреските во него, каква е нивната вредност итн. Ама работат на нивна конзервација! Поведени само од еден наслушнат збор – Ренесанса – неуките прават морски „идентификации“ и „компарации“ мислејќи дека нешто му помагаат на црквичето! Најголемата помош би била кога таквите неуки би се тргнале од тоа место, би ја препуштиле работата на некои постручни и поквалификувани – а такви има – со што и македонската култура и заштитата на културното наследство полека ќе почнат да си го враќаат некогашното реноме. Поимот „Ренесанса“, искажан во контекстот на Курбиново може единствено да ја означува онаа таканаречена „Македонска Ренесанса“ (9-11 век) како историографски поим употребуван во рамките на тој период на развојот на Византиската култура во времето на Македонската династија. Но таа да се става во некаков налудничав контекст, па дури и како замислен „комплимент“, со подоцнежната Ренесанса во Италија (15-16 век) е елементарно незнаење! Па згора и Мона Лиза и фреските во Курбиново… односно овие да се прогласуваат за предвесник на Италијанската Ренесанса? Таканаречената „Македонска Ренесанса“ имала, се разбира, влијание врз фррескосликарството и мозаичното творештво во Италија во 13от век, и понатаму, познати се сличности (или, ако сакате „позајмувања“), историјата на уметноста често го употребува и изразот „maniera greca“ (Вазари) во смислата на влијанието на византиските (па и македонските) икони во италијанското (Проторенесансно) сликарство од тринаесеттиот век (Чимабуе, на пример, Гвидо да Сиена и др.). Но, кому му се потребни небулозно натегнатите, дури бласфемични споредби со Мона Лиза и високата Ренесанса, и што де факто добива Курбиново со тоа? Добива некаква вредност плус, или – што? Да споредувате црква со слика? Да го споредувате едно Курбиново – „(…) предание, завет, кој не е минато затоа што неговите содржини се есхатолошки и го надминуваат времетраењето“ (Игор Котларовски, Васил Трајковски) – со (сепак) бледата сенка викана „Мона Лиза“? Зошто? И кому ова му е потребно?

Многу пати, и многумина кај нас, пишувале за македонското културно наследство. Иако денес се’ помалку, зашто се’ помалку има и учени луѓе кои го разбираат и доследно и компетентно го проценуваат. Но, колку малку и да ги има, тоа наследство, особено ова вонвременско од форматот на едно Курбиново но и многу други, не смее понатаму да биде препуштано на неуки, на аматери и на шарлатани чиешто незнзаење, а особено неукост од спомнатиот тип, само ги девалвира неговите вредности. За ова особено треба да води сметка државата односно државниот орган надлежен за работите во културата, надлежните институции во заштитата и др., кои не смеат да толерираат вакви изливи на шарлатанство. Заштитата на културното наследство, особено она со врвни карактеристики и стојности, мора да биде нивен апсолутен приоритет.

А во овој контекст, кога веќе во континуитет е отворено прашањето за Курбиново – неговиот статус, односот на државата кон него но и запоставувањето на други врвни објекти од или дури пред тоа време – во следната прилика ќе посочам на одредени нејаснотии, па и нелогичности во поглед на приматот на Курбиново над, на пример, црквата Св. Пантелејмон во Нерези којашто, за среќа, никој се’ уште не ја споредил со некое дело од италијанската Висока Ренесанса! Или пак тоа би бил некаков „аргумент“ за наш ангажман и таму?    

ПРОСТУВАЊЕ vs ИЗВИНУВАЊЕ

Пред и по сите други аспекти сврзани со „приказната“ за македонските споменици од времето на Втората светска војна и барањето на источниот сосед за ревизија на нивната „историска лекција“ изразена низ формулацијата „бугарски фашистички окупатор“, значи пред сето тоа македонските власти, кои и да се и кога и да се, мораат – барем пред себе – да го расчистат клучното прашање: дали со ревизијата на колективната меморија од времето на Народноослободителната војна и Револуцијата и бришењето на „спорната“ формулација сакаме само (времено) да го „решиме“ спорот околу овој (навидум неважен) детал, или пак де факто сме подготвени да му простиме на источниот сосед за злоделата што ги чинел во периодот 1941-1944 година во Македонија? Зошто го велам ова? Затоа што од нашата базична намера треба да произлезат и соодветни потези односно обид за решение. А тоа не може да биде исто за двата случаи!

И овде намерно ги ставам спомениците во групата „навидум неважни“ детали во спорот, прво затоа што јавноста, а особено стручните кругови (историчари, историчари на уметноста и др.), имаат такво чувство, и второ затоа што тоа прашање (повторно само навидум!) изгледа полесно решливо од оние мега проблематични и крајно неприфатливи уцени од типот на заедничка историја, јазик, идентитет итн. Меѓутоа, ова само навидум лесно решливо прашање во себе го содржи еднакво многу проблематичниот аспект на ПРОСТУВАЊЕТО како чин! И тоа не е обично простување, туке е простување од страна на државата, односно од сите нас, на злосторствата на друга држава т.е. нејзините окупациски војски во даден историски период. Не сум скептичен дали државата е таа што може да прости. Но скептичен сум дали државата е таа што во овој случај може и треба да прости! Скептичен сум дали воопшто тоа е во делокругот на една држава, која и да е’, или тоа е личен чин на секој поединец кој загубил некого во дадениот период на бугарската фашистичка окупација! Сакам да кажам: нема општо простување, има само лично простување. Простувањето е ефективно само ако е лично, дадено на џелатот од наследниците на жртвите. Инаку, другото простување би било само фиктивно, гест можеби на добра волја и подготвеност да се реши актуелниот проблем, но тоа никако не би било сериозно простување.

Секако дека ги имам предвид повеќето искази од големи луѓе за простувањето, меѓу нив и оној на Махатма Ганди дека „Слабите никогаш не можат да простат. Простувањето е атрибут на силните“. Моќта на простувањето е особено силен медикамент. Го имам предвид и искажувањето на Хана Арент кадешто таа вели дека непредвидливите и неповратните ефекти на човековото дејствување имаат коректив, па дури и она дека „Исус од Назарет беше Откривачот на улогата на простувањето во царството на човечките односи“![1]  Ама сепак, ако баш сакате, зарем една држава, преку една политичка одлука, може да му прости на крвникот и во името на неговите жртви? Не сум сигурен дека тоа баш така функционира. Може ли во овој случај историјата да не’ подучи? Можеби, иако димензиите на историските настани слични на нашиве не се еднакви, а ни условите, секако. Но, само како пример може да послужи Договорот за репарации помеѓу Израел и Федералната Република Германија (1952), којшто никако не значел некаква форма на простување за злосторствата врз евреите во Втората светска војна, но во Израел бил така доживуван речиси од сите тогашни политички партии (десните Херут и Ционисти, но и левата Мапам). Сепак Договорот бил потпишан бидејќи превагнала состојбата на длабока економска криза што владеела во Израел а репарациите можеле барем малку да ја ублажат. Како и да е’, тоа е само еден можен пример, а ги има многу, различни. Поучен е и вториот пример, повторно со Израел и судењето на Ајхман (1961), кога дури и Бен-Гурион, тогашен премиер и противник на смртната казна, го изнел предлогот за помилување пред кабинетот. Предлогот бил отфрлен, а во јавноста се појавиле жестоки реакции по повод обидот да се помилува таков воен злосторник, при што доминантни биле изјавите дека таквото помилување (или простување, како сакате) може да биде дадено само од страна на жртвите! И, за волја на вистината, имало и директни преживеани на Холокаустот кои јавно им простиле на нивните мачители. [2]        

И овде, секако, ја имам предвид и актуелната изјава на сегашниот македонски министер за надворешни работи Османи кој вели дека „не можеме да ги гледаме соседите со истите очила од минатото“. Но, тоа менување на диоптријата на нашиот фокус кон поблиското и подалечното минато веријатно не зависи само од опортунистичката волја на политиката? И сепак, иако политиката и логиката не се баш премногу дружељубиви меѓусебе, нели би било логично/нормално простувањето како чин да следи после извинувањето на починителот на злосторствата? А во случајов тоа би била „другата страна“ во спорот, онаа чиишто војски ги починија злосторствата на територијата на Македонија во наведениот период 1941-1944 година? Дури тогаш, и само тогаш, државата може да пристапи кон евалуација на начинот и модалитетите на нашето простување, ако е тоа воопшто можно.


[1] Hannah Arendt, The human condition, University of Chicago Press, 1958

[2]  Deborah E. Lipstadt, She survived Auschwitz — and eventually forgave her persecutors. Should others?, The Washington Post, July 17, 2019

КОНФЛИКТ НА МЕМОРИИ

Во актуелниот македонско-бугарски „спор“ во врска со перидот 1941-1944 година, Народноослободителната борба против германската и бугарската наци-фашистичка окупација и, следствено, денешното сеќавање/толкување на тие настани, на сцена е класичен таканаречен „конфликт на мемории“ – нешто прилично слично со настаните во САД и Велика Британија и движењето „Black Lives Matter“, со што и ја започнав оваа серија текстови. Но, велам само прилично, зашто освен потенцијалната сличност во различното толкување на сеќавањата за спомнатиот период – и не само за него – помеѓу нас и соседите, многу нешта се, се разбира, различни, особено во поглед на димензиите и времетраењето на случувањата и др. Но, и тие (условно) мали сличности се во принцип доволни за некакви можни споредби. А нив ги има, секако, дури и премногу. И ќе ги има уште повеќе, иако нашиве „аналитичари“ мислеа дека приказната е всушност завршена па се свртеа кон Капитол, небаре државата им зависи од тоа. Но, секогаш е полесно да ги „толкуваш“ другите, нели? Но нашава приказна изгледа допрва почнува!

Како и да е’, нерасчистените или недоволно расчистените „сметки“ со минатото, особено со периодот на ропството и Граѓанската војна, коишто неодамна во САД се враќаа(т) како историски бумеранг, говорат за тлеењето (и) на таа конфликтна меморија сврзана со основното човеково право – правото на слобода. Ништо поразлично во базичните причини не беше ниту уривањето на споменикот на Едвард Колстон – трговец со робови – во Бристол (ВБ), како и фактот дека на удар во САД се наоѓаа дури и споменици на Кристифор Колумбо, Теодор Рузвелт и други, а во Лондон дури и споменикот на Черчил. И на неговиот споменик, од тогаш па за секогаш, дури и кога ќе биде избришана, ќе стои квалификацијата: „расист“! Сето тоа е резултат на едно поинакво историско сеќавање на засегнатите луѓе со потемна боја на кожата и нивното толкување на улогата (не само) на посочениве историски личности во едниот од најгнасните, најнецивилизираните периоди во човековата историја – периодот на ропството и трговијата со живи луѓе!

Сличен суштински проблем – проблем можеби не на ропството во буквалната смисла на зборот но секако на поробувањето, или современо нарекувано окупација – е вгнезден и во македонската меморија за спомнатиот период 1941-1944 година. Што пак не е случај со источниот сосед, чијашто меморија рапидно „еволуира“ од 1945 година до денес: од целосно признавање на општоприфатените историски вистини за тој период, до апсолутно негирање односно преквалификување во некакво „администрирање“, дури и – ослободување! Што е невиден безобразлук, by the way, и историска измама. Меѓутоа, ако на нештата, па нека се и историски,  им пристапите без предрасуди, чисто хуманистички и со отворена свест, тешко да најдете сериозни аргументи за многу нешта против коишто се крена движењето „Black Lives Matter“, па дури и за „мисијата“ на еден Колумбо. Откривање на Новиот свет? Ма дајте, ве молам, ќе беше така ако „мисијата“ не беше проследена со чист геноцид (и културцид) на тамошните народи и екстензивно освојување територии проследено со невидено пљачкосување. Што, тогаш, има благородно, прогресивно, хумано… во таа и таква „мисија“?! Како што впрочем нема ама баш ништо благородно, прогресивно, или не дај боже хумано во чинот на организираниот лов на црниот човек ширум африканскиот континент, товарањето на „уловот“ на бородови и транспортирањето и препродажбата на овие луѓе како робови ширум Европа и Америка. И како што нема ништо ослободувачко, уште помалку заедничко историско, во фактот дека војските на источниот сосед во даден период ја окупирале територијата на сегашна Македонија и спроведувале невиден терор врз населението! 

Следствено: ако меморијалните споменици и спомен обележја во Македонија ја раскажуваат нашата приказна за тоа време во форма и на начин како што и денес сметаме дека е валиден/соодветен, тогаш зошто нашата меморија – а спомнатите споменици и спомен обележја се токму тоа! – би требала да се потчини на меморијата на (условно) посилниот, како што тоа се случувало токму и во наведениот период 1941-1944 година? И дали и денес источниот сосед ќе продолжи да тропка со силата на „оружјето“ – се разбира не буквално, но членството во ЕУ во денешни услови итекако е силно оружје! Барем во однос на една Македонија. Или, ако баш инсистираат на конфликт, зошто не го побараат во еднакво силните Чешка и Словачка, кои де факто единствени застанаа на страната на Македонија во овој квазиисториски „спор“, па таму нека си ги мерат силите?  

Оттука, а во светлината на нашата искажана идна подготвеност дури и да се зафатиме со онаква сложена и историски неоправдана операција на цензурирање на некогашните табли на спомениците и спомен обележјата од периодот на НОБ, ние (можеби) ќе затвориме еден фронт – оној со спомениците – но ќе отвориме друг – со нашата колективна меморија! Но ни тоа нема да биде крај зашто, како што гледаме, „посилниот“ ќе отвора нови и нови фронтови за задоволување на своите вековни опсесивно агресивни аспирации.

БУГАРСКА „ФОРМУЛА“

Прашањето зошто би го правеле тоа што сакаме да го направиме со таблите на спомениците од Народноослободителната војна е практично реторичко прашање. Никој на него не очекува одговор, најмалку Бугарија. И тоа изгледа сите го знаат, ама политичката ситуација во таа земја е таква што, изгледа, мораат да инстистираат (и) на такви идиотизми. Зашто, велат многумина, Македонија отсекогаш била нивен неотсонуван сон, нивно посакувано азно. И тоа може да носи многу гласови на претстојните парламентарни избори. Иако многумина, вклучувајќи ја и мојата дребност, мислат дека ваквите „сништа“ ќе им се скршат одглава. Но тоа е само лаичко мислење. А всушност, тоа е нивен проблем, не наш, (иако ние го направивме – и наш!).

Зашто, ќе повторам, ако бугарската „формула“ викана „тоа што не го гледам не постои“ била применувана во светот веќе 23 века, а не дала опиплив резултат, зошто тие би мислеле дека сега ќе постигнат нешто повеќе од старите египќани, од римјаните, од советите… ? Мислат дека тие се нешто попаметни од овие? Можеби и мислат, ама еве јас – поточно: не јас туку историјата – велам дека не се. Со факти, нели, со примери. Односно, ќе (се) повторам: како ние денес ќе знаевме за една Хатшепсут, или за Екнатон, ако стриктно биле спроведувани наредбите на нивните наследници? Или за Комод и Галериј, и уште едно чудо имиња од римската историја, бришени со одлука на Сенатот? Не случајно го спомнувам овој факт: во римската република вакви одлуки носел само Сенатот. Никој друг. Сакам да кажам: не може кај нас за тоа да решаваат било кои инстанци, дури ни премиерот лично, па ни Владата. Тоа е работа на Собранието, ако веќе некој треба со тоа да се бави односно ако ние веќе навистина сме решени да бришеме односно допишуваме историја и колективно паметење.

Но, повторно ќе ги спомнам примерите со кралицата Хатшепсут, со фараонот Екнатон и редица други историски личности чии имиња/ликови поминале низ процесот на „бришење“: таквите дејствија никогаш не можат да бидат спроведени целосно, стопроцентно, на целата територија на државата, колку таа и да е мала, па нека е и како Македонија. Секогаш некаде ќе остане делче од таа неизбришана историја, некои име или настан за којшто некој решил дека треба да не постои, и тоа делче е доволно да го урне целиот заговор за корекција на историјата. Или, преведено на нашиот случај, ние – под претпоставка Собранието да усвои некоја таква одлука – можеби и би успеале да ги замениме/избришеме сите табли/натписи на коишто стои она историско „бугарски фашистички окупатор“. Но, но, познатиот египтолог Доналд Редфорд вели: „Тук-таму, во темните катчиња на храмот или гробницата, кадешто плебејско око не може да погледне, краличиниот картуш или фигурина биле оставени недопрени…“!

Дали сме ние поумни и поспособни од старите египтјани? Знам, некои мислат дека сме, ама не сме. Следствено, ќе успееме ли навистина да ги собереме (и, претпоставувам, запалиме?) сите досега напишани историски учебници, па книги, па скрипти… во државава? Навистина ли би излегле накрај со еден таков (невозможен) зафат? Не, сигурно не, само би се залажувале дека успеваме. Но, дури и да успееме, зарем има начин да ја избришеме таа формулација од меморијата на народот, на историчарите, на наставниците по историја… на роднините на сите оние загинати од бугарските „администратори“? Во една глава да остане, да се сочува споменот на таа формулација и тоа време – доволно е. Тоа понатаму ќе се прераскажува, ќе се пренесува на поколенија и поколенија, дури (повторно) не ги добие денешните размери. А дотогаш многу нешта ќе се сменат, ќе бидат на сила други тези, други прописи, ќе се појават некои нови умни глави… Од друга страна, не може една држава да превзема чекори од такви размери – не мислам (засега) тука на ништо други туку само на обемноста на зафатот! – а да не знае што ја чека во таа акција. Знае ли Владата колку такви спомен плочи има во државава, на колку од нив стои непожелната формулација, на колку споменици ја има, во каква форма итн.? Не знае, сигурен сум. Така впрочем беше и со спроведувањето на онаа одредба од „Преспанскиот договор“, и тоа не половично туку на не повеќе од 20% на постојните проблематични споменици, на сонцето од Вергина врз шахтите, врз други површини, на општинските грбови итн. Просто е неразбирливо, при толкава администрација, при толкаво Министерство за култура, при толкави владини служби, така непотребно и зачудувачки да се импровизира.