Monthly Archives: February 2023

ЖИВОТОТ (НЕ) Е СОН

Во оваа земја веќе одамна сѐ е некако испревртено, поставено на глава: големите криминалци завршуваат со условни казни, „малите“ луѓе скапуваат в затвор; власта (која и да е) од чувар на системот се претвора во негов најголем прекршител и узурпатор; политичарите и сервилните им „интелектуалци“ поставуваат прашања наместо да даваат одговори, а новинарите и аналитичарите се плашат да ги постават вистинските прашања и да ги бараат вистинските одговори; патриотизмот се нарекува национализам а лицемерието, корупцијата, непотизмот и предавството – политика; политиката се занимава со луѓето наместо луѓето да се занимаваат со политиката итн. Нормално ли е тоа или всушност во ненормална земја ништо не може да биде – нормално? Па дури ни реалноста и/или сонот?! Веќе не знаете што е што!

Но, може ли навистина животот да е сон односно личната диоптрија да е замена за реалноста? Или е тоа така само за некого? И – за кого? Науката вели дека 2% од луѓето имаат сосема изменета перцепција за надворешниот свет односно реалноста околу нив. Таа и таква состојба се нарекува дереализација и го издвојува човекот од надворешниот свет, го држи во „магла“ или како покриен со некаков вел во некој негов замислен свет. Ако тие 2% ги калкулираме на она што остана од оние 2 милиони народ во Македонија, резултатот би бил околу триесетина илјади луѓе кои страдаат од ова нарушување. Ако пак таа бројка од трисетина илјади ја „спрострете“ во структурата на системот односно во трите власти, ќе видите дека тие некако се поклопуваат: системот што го создаде оваа македонска партократија – и тука апсолутно не мислам само на оваа власт! – е „систем на дереализација“ каде избраниците многу бргу се прилагодуваат на „новиот свет“ во којшто влегуваат.

Тоа е свет во којшто групата не ја тангираат реалните проблеми на граѓаните, тие се најчесто само магличаво присутни во нивната свест (ако воопшто), нивното „сознание“ за другите односно за реалноста е ограничена со „транспарентен ѕид“ што им пружа заштита од несаканото прозаично секојдневие што се случува околу нив, реалните „звуци на јавноста“ не допираат до нив или се безмалу целосно дисторзирани или замолкнати, времето тече полека и на начин што само ним им одговара… Сето тоа се засилува секојдневно со чувството на сила и моќ што ги дава партијата/власта и преминува во континуирана лебдечка состојба на целосно игнорирање на надворешниот свет. Којшто е небитен, нели, бидејќи не ги тангира по ниту еден основ. За разлика од него, од надворешниот свет, внатрешниот – нивниот партиски односно властодржечки „свет“ – е тој што нуди бенефиции, можности за заработка, непотизам, изземање од владеењето на правото итн.

Затоа, впрочем, надворешниот свет изгледа нереален, често неразбирлив и далечен, „искривен“ односно фалсификуван. Оваа појава велат дека е субјективна, но кај нас поприма димензии на системска хронична болест што го мачи општеството. Велам дека го мачи општеството бидејќи иако таа е вгнездена во однесувањето на релативно мала група луѓе нивниот статус во општеството, нивната извршна моќ и сила надвладуваат над нормалната реалност/све(с)т. Сѐ што се случува вон нивната реалност,  на таа група луѓе, поврзани во/со нивните партиски семејства, им изгледа чудно, туѓо, неприродно, дури застрашувачко.

Затоа, впрочем, и ја игнорираат: бидејќи не се поклопува со нивните желби, замисли, идеи; бидејќи објективно се стреми да го наруши нивниот комодитет, да им контрира на глупостите, да одговори на нивните идиотизми. Зашто нивниот свет, нивната реалност е реалност на мали луѓе со голема моќ, отсекогаш посакувана а сега реализирана, состојба на остварување дури и на незамисливите бизарни желби, систем во којшто тие се над другите, недопирливи и неказниви. Токму затоа сите други, нас, тие нѐ доживуваат како непријатели кои се стремат да им ја одземат „играчката“ викана држава и моќ. Затоа се подготвени да потпишат сѐ што треба за да останат во нивната реалност, затоа општото е закана за личното, затоа е подобро да си пукате во главата отколку во ногата, затоа е подобро да се молчи и да се свитка ’рбетот пред поголемиот и навидум посилниот…

Во тој нивен свет нема место за прашања, за критика, за друго мислење. Не смее да се праша дури ни зошто цели петнаесет дена се криеше „директорката“ на Фондот за здравство, уште помалку пак дали се платени оние огромни 50 милиони евра откуп за нечија неспособност. За нив сите прашања се „незгодни“, а за барањата некакви гаранции за најважните државни прашања следи одговорот дека тие не се „машина за перење Горење или Беко па да даваме такви гаранции“ (sic!)!

Затоа впрочем нивната состојба, нивниот мал свет викан (Северна)Македонија го споредив со сон. Зашто, само во сон е можно остварувањето на желбите на таквиот тип луѓе: да си неук но да раководиш, да си неспособен но да одлучуваш, да си необразуван но да министеруваш, да си корумпиран криминалец но да делиш правда, секоја божја година да добиваш огромни пари од буџетот за лични ќефови и „креативни“ перверзии… Таков сон може да биде јаве само во Македонија! И да биде поддржан од меѓународната заедница.

Зашто, замислете ги овие бедни болни луѓе вон нивниот сон, во една нормална реалност каква што постои некаде – додуша постоеше и кај нас кратко време – во којашто тие ќе мораа(т) да заработуваат со својот труд и знаење, да се возат во јавниот сообраќај што го замислиле за другите, да се лечат во она јавно здравство што го подготвиле за другите, да живеат со онаа просечна плата што ја смислиле за другите. Не ќе преживееа ни еден месец! Токму затоа овој нивен сон тешко се напушта за некаква балканска реалност, уште помалку за некаква фантазмагорична и далечна европска перспектива каде што нештата функцфионираат според други критериуми.

Следствено, нивниот „систем“ едноставно ги блокира непожелните идентитетски вредности и „интрузивни мисли“ што доаѓаат вон нивниот круг. Или, што е најчест симптом кај нас, вината за сите политички и економски катастрофи се бара кај другиот или проблемот едноставно се – заобиколува. Вината (ќе) се бара во потесното (опозиција, непријателски медиуми, лажни вести…) опкружување, или во поширокото (Русија/Путин, енергетска криза, односи со соседите, хибридни војни итн.).

И тоа – не е за чудење – се прифаќа во рамките на нивната „заедница“ како реалност и поттик да се турка напред, иако последните анкети во државава покажуваат сосема спротивно мислење на јавноста: дури 65 проценти сметаат дека одност на ЕУ кон земјата е „нефер, надмен и уценувачки“. Ама каде живее таа јавност, во кој и каков свет/сон? И зошто тие би верувале на нивната реалност, нели?

ХОТЕЛ „ЕВРОПА“

Навистина, уште колку идиоти има таму? И каде седат? Во Европскиот парламент, во Европската комисија…, во која друга европска институција под уникатниот чадор викан хотел „Европа“? Или спомнатите се рамномерно распоредени во сите институции по малку, за да го нервираат оној шапшал Вархеи? И кои, и какви оправдувања сега ќе смислат локалниве „хотелиери“ за да го оправдаат/минимизираат однесувањето на ЕУ комесарот за проширување? Кој, малку-малку, па и нам ни држи некакви предавања за европско однесување, стандарди, вредности? Ако во тој бесплатен хотел со пет ѕвездички работат такви мустри како Вархеи, зарем е чудно што никој не сака да престојува таму? Дури и бесплатно?!

Од наша пак локална позиција, се чини дека нашиот престој во хотелот од насловот е повеќекратно условен, не само од типови како Вархеи, па оној Мишел кој ни се колнеше на верност до гроба, оној смешен Борел и слична братија, а богами ни од источниот ни сосед. Зашто, ако има вистина во констатацијата на г-динот Гаши дека „Ковачевски и Ахмети, покрај политичкото самоубиство што го извршиле, ја убиле и европската иднина на државата“, тогаш сликата драстично се менува, нели? Секако, лидерот на Алтернатива можеше тоа и порано да го каже, а не сега кога го исфрлија од власта. Некако, повеќе ќе му верувавме! Иако можеше да дополни и дека тоа „убиство“ било започнато многу години – ако не и децении – претходно, ама тој „случај“, по наш обичај, е веќе застарен! Но Гаши, во тоа време, бил многу помлад и веројатно тие процеси не го интересирале. Иако, ако бараме и други учесници во тој „случај“, освен посочениот двоец, Гаши веројатно би требал да го спомне и оној политикант кој неговата партија ја внесе во власта, нели? Зашто, во овој случај како „проект во процес“, говориме не само за едно туку за сериски убиства!

Од друга страна, метафоричкото „убиство“ на европската иднина на државата – или на нашата резервација во хотелот со пет ѕвездички, како сакате – можеби денес е апсолутно топ тема, но тоа де факто е само след на однесувањето на едно чудо „заслужни“ личности во редица „значајни“ настани. Овие денес имаат само споредна улога до утрешните форсирани уставни и други измени како увертира во конечниот практичен злосторнички чин: масовното убиство на цела една држава. Но за тоа се разговара само во кулоарите или во кафеаните, па и тогаш некако паушално, ноншалантно, импровизаторски…, а не со сериозно разглобување на проблемот и барање соодветни одговори и/или аргументи од типот „зошто“ и/или „затоа што“. Особено за круцијални теми а не за приказни за стандард, пазар, перспективи, „позитивни екстерналии“ итн.

Има многу „зошто“, но и веројатно многукратно повеќе „затоа што“ во дилемите односно аргументацијата дали Македонија треба/мора баш сега да биде дел од европското семејство на народи. Многу малку од оние објективните „затоа што“ се соодветно содржани во фантазмагоричните „објаснувања“ на надлежните кај нас. Дали со тоа оние потенцијални проблематизирања, оние „зошто“ добиваат на сила и значење? Веројатно, иако еднакво малку од нив се реално издржани сомнежи, а повеќето слободно едрат носени од периферните ветришта на актуелните состојби во државава. А тоа се однесува и на дел од моите „зошто“, признавам. Но, дури и тие, во даден миг, имаат специфична тежина. Особено денес, и особено заради фактот што никој не ги дава потребните одговори.

Зошто? Не заслужуваме јавна, компетентна елаборација на досега постигнатото (или „постигнатото“, сеедно) освен тук-таму нечие закукулено и замумулено осмоодделенско „мудрување“ за тоа „што би било кога (не) би било“ или, како уште пострашна варијанта, онаа бајка за бесплатниот хотел и паркингот? Не знам дали денес на светов остана нешто бесплатно, па нека е и камче, ама цел хотел? И баш во него ние не сакаме да влеземе и малку да одмориме по овие три децении беспаќе низ Европава? И тоа онака, бесплатно и со all inclusive? Ако е навистина така, тогаш ние сме најглупавиот, најмалоумниот, најпростиот народ на светов и веков! Тоа ли сака да ни каже оваа власт, сосе нејзинине „сервисери“? Ама, така ли е, навистина?

И меѓу првите што ви паѓаат на ум е Обединетото кралство. Зошто, побогу, така лесно се откажаа од уживањата во бесплатниот хотел? Или тие се дури и поглупави од нас? Не би рекол, а впрочем не се остварија ни оние катаклизмични предвидувања за крах на економијата, за криза ваква или онаква… Вистина, имаше турбуленции во првите месеци, ама и тоа чудо помина. Ќе се вратат ли во ЕУ? Можеби, некогаш, кога тоа „среќно семејство“ внатрешно ќе се санира, пред сѐ демократски, а потоа и со почитувањето на елементарните човекови права и слободи. Зашто, вакво политичко силеџиство светот одамна не видел! Но отсуството на демократијата во ЕУ и непочитувањето на туѓите човекови права се само еден сегмент, иако можеби најважен и, го сакале ние тоа или не, е јасно отсликан во македонскиот евроскептицизам искажан во последните анкети.

Бидејќи (не само) македонскиот граѓанин е фрапиран – и фрустриран! – од недемократскиот однос на Европа кон Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ. И од некултурата, нетолерантноста, нерамноправноста на сите во „семејството“, агресивноста и тенденциозноста на нејзините лидери ала Вархеи. Европа е можеби лулка на демократијата, но не оваа Европа и не овие европејци. „Убиството“ на европскиот дух во Македонија се практикува(ше) во континуитет веќе три децении, од наметнувањето на онаа глупава референца ФИРОМ, преку „спорот“ за името, сега „спорот“ за територијата, културата и јазикот итн. Утре – којзнае што ново ќе ни измислат!

Затоа, констатацијата на г-динот Гаши, иако некако „изнудена“ и прилагодена на мигот, е извонредно значајна. Прво како пандан на онаа ступидна закана на Таравари, а потоа и како отворена „исповед“ на еден политичар. Но покрај нашиве активни политикантски актери, самата Европа односно нејзиниот ЕУ дел сепак има главна ролја, или удел, како сакате, во оваа фарса викана македонски пат кон ЕУ. Нејзиното демократско самоубиство трае долго и станува сѐ поочигледно, а како „ефект на пеперутката“ предизвикува убиство на помалите и послабите во неа. Согледано историски, ни тоа не е нешто ново, но ние не учиме од историјата, нели?

Да се однесуваше ЕУ вака при секое проширување, „семејството“ одамна ќе го немаше. Инаку, приказните за мали деца за голем пазар, за нови перспективи, за поголем БДП…, се сепак само приказни. Ене го светот, отворен и огромен пазар, но што ние би пласирале таму? Кои конкурентни производи и со каков квалитет? Она малку што го имаме поминува и сега, без оглед дали сме членка на ЕУ или не! Оние способни и образовани и сега мазно влегуваат и работат во европските фирми. Што е тогаш проблемот?

Хотелот „Европа“ е само замена на теза, фантазмагорично бладање на нашиве министерчиња и локалниве абоненти, спакувано во светликав целофан на лажни ветувања, а како супститут на целосниот крах на сите владини политики последниве петнаесетина години. Поточно, сѐ што македонскиве провинциски „елити“ не знаеа, не умееа, не сакаа – да, долго време токму тие беа главната сопирачка во процесот! – да направат на нашиот пат кон ЕУ, сега ни го нудат како иден бесплатен хотел полн со подароци. Подароци што ќе ни ги донесе некој друг, односно самата ЕУ, божем по некој автоматизам или заради тоа што толку многу нѐ сакаат.

РЕА ОД НЕОДГОВОРНОСТ

„Мириса на смрт“, вели еден твит (@mara00914095) и ги набројува сите скандали со смртни последици во последниве две-три години (Тетово, Ласкарци, „Струма“, родилката од Дебар, последниов скандал со болните од цистична фиброза…). Списокот на жртвите на државата – да, на државата! – не е целосен, се разбира, зашто ако на тоа се додадат и оние неспомнати, плус оние шест илјади жртви на бесрамната ковид „политика“ на двоецот Заев-Филипче, тогаш мирисот на смртта се трансфромира (и) во реа на неодоговорна држава и бескрупулозни политичари. Зашто, сето наброено, и многу пропуштено, оди на контото токму на државата чиешто практикување на власта е споредливо единствено со најбескрупулозните режими во светот денес.

Следствено, дали нашава „комфорна“ реалност толкувана од „интелектуалнине сервисери на партиско-комитетските налози и потреби“ е малку потресена од одамна „најавената“ смрт на првиот од страдалниците со цистична фиброза кои чекаа(т) помош од државата? Не е, очигледно. Тие се занимаваат со статистички операции, со „Милчо национале“, со внесувањето Бугари во Уставот… Дали некого од власта, од „сервисериве“ или од „шаренине“ ги допираат оние протести на таа (дали отпишана?) група? Или – малку гласови се во прашање? Ама Таравари носи повеќе? Дали некому од таа иста власт му говорат нешто последните анкети за расположението на граѓаните за нивните пазарџиски „политики“, и особено за текот на интегративниот процес? Којшто (наводно) започна, нели, ама никако да тргне?!  

И се чини ли дека во сервираниот од власта симулакрум, во топлиот удобен меур на индиферентност и игнорирање на проблемите и потребите/волјата на граѓанинот, се појавуваат првите пукнатини? И што чекаат „надлежните“, работата да им ја завршат САД и ЕУ, или да пукне меурот? Можеби, но проблемот со таквите меури е што можат да предизвикаат дополнителни експлозии на незадоволство. Тогаш (ќе) отиде бестрага сѐ, заедно со онаа стара кинеска „клетва“ да се живее во интересни времиња. Од интересност не можеме глава да кренеме.

Затоа, извинете, овие не се интересни времиња. Овие се трагични времиња, времиња на тотален колапс на рационалниот ум, на распад на системот, на општ криминал и корупција поддржан од највисоките редови на власта… Ама, изгледа, така било уште од онаа 1991 година, нели? Па читајте го Гошев, по ѓаволите, за нештата да (ви) бидат појасни!  

Токму заради тоа, овие генерации, токму овој македонски граѓанин, мора на дело да ја побие тезата дека сме осудени на вечен мрак и свиткана кичма со овие и вакви политикантски елити. Зашто нивните (не)дела речито говорат за нив. Но и за нас. Бидејќи, зарем не е веќе очигледно дека нѐ сметаат за малоумни, глупави, недугави…, за ѓубре што не вреди ни пет пари? Па читајте го Бесими, по ѓаволите, и онаа негова бласфемија! Која сосема точно одговара на прашањето: а што правевте до сега? Ништо. А каде потрошивте толку децении и толку буџети? За лични потреби!

Секако, „интересни“ времиња! Со тенденција да станат уште поинтересни. И понепредвидливи, дури опасни. Токму затоа тоа мора да се промени. На оваа реа на недговорност, криминал и корупција мора бргу да се стави крај, инаку влегуваме во менгемето на тезата на оној австриски психијатар (Emil Frankl), кој вели: „Кога не сме повеќе во состојба да смениме една ситуација, предизвикани сме да се смениме себеси“! И тоа е застрашувачка теза којашто ние, де факто, почнуваме да ја живееме. Под присила на „елитите“, пред теророт на нивната просечност, неспособност и некомпетентност, ние започнавме да се менуваме себеси, да се упросечуваме, да глумиме шапшали и шутраци, да се правиме дека ништо не разбираме а уште помалку гледаме или слушаме, дека сме паднати од Марс само за да ги трпиме задоволствата на овие самобендисани провинцијалци!

Но зошто? Зошто ние треба да се подведуваме под нивните сељачки стандарди? Зошто нашето знаење да си го потценуваме, а да ги возвишуваме нивните глупости и лоповлуци? Или некој навистина очекува дека тие ќе ги решат овие кризи што самите ги создадоа? Навистина ли сакаме да личиме на нив, ние, но и нашите деца, внуци…, идните генерации? Да им виси над главите смроносниот меч на оваа неспособност и неодговорност, да им се заканува со радикализација секоја будала која сака да биде мирудија во локалнава политикантска манџа, да им држат предавања некакви аналфабети кои во животот не прочитале една книга, не влегле во музеј, не знаат што е театар…?

Згора, „сервисериве“ почнуваат да шират фрапантно неодговорен дефетизам: дека не е можен каков и да е политички договор помеѓу македонските партии, ни поттураат под нос некакви митови „Глигоров рече вака, Глигоров рече онака“, сѐ со цел нештата да останат статус кво; друг „легендарен“ шапшал нѐ учи што е тоа патриотизам…, а премиерот скиснато коментира дека вака веќе не може! Што не може? Не може тој со нас, му пречиме, медиумите го прозиваат секојдневно, му поставуваат незгодни прашања, сопругата не успева да произведе повеќе струја заради прозивките… итн.? 

Која е, со ваква политичка постава, таа „македонска перспектива“ во онаа фамозна ЕУ што ни ја предочува како на слепци министерот за финансии? Ќе станеме автоматски попаметни, поодговорни, покултурни…? А зошто бугарите не станаа такви? Па дајте, ве молам, зарем некој верува во приказнине на Бесими, Маричиќ, Ковачевски и нивнине абоненти? Како тоа ЕУ ќе ни донесе „подобар стандард“ со вакви крадци во највисоката власт? За кои „нови перспективи“ говорат кога онаа Бугарија, заради нашата глупост, ни стапнала на врат и не попушта? И зарем навистина нема еден, барем еден во нивните редови кој умее да погледне преку „плотот на ЕУ“? Па таму се отвора цел нов свет: Кина, Индија, Јужна Америка, Африка…! Не се ли токму тоа „нови перспективи“ или нашиве се навистина толку кусогледи и кусоумни?

Следствено, дека „вака веќе не може“ е шлагворт што требаше да го вртиме ние како граѓани – јавно, јасно и гласно уште од почетокот на онаа 2018-та година, кога се виде апсолутната неспособност и неодговорност на оваа провинциска „елита“. Криминалот, корупцијата и негативната селекција сѐ уште не беа земале замав, но беа на повидок. Беше ли тоа време за нови протести, за нови прошетки, но против узурпаторите на демократската пролет, на народниот гнев и верба во овие дека сепак можат и знаат да управуваат со државата? Да, беше, но го пропуштивме, заради разни причини. Ако ни се случи тоа и сега, отиде возот.

Ако речиси две третини од граѓаните не веруваат во овие политики, кои се оние погоре спомнатине и нивните пајташи да ја носат државата таму каде што намислиле? Кој им го дал тоа право?  

ДЕЛЕГИТИМИРАЊЕ НА ЃАВОЛОТ

Како на дежурниве им се погоди Србија, и Косово, како „баба рога“ или самиот ѓавол со којшто треба да ги плашат луѓето: ако не сте послушни, ќе ви се случи Србија! Божем ние овие пет/петнаесет години цвета(в)ме, како да ни се случува(ше) рајот на земјата – веднаш и тука! – та сега, ако влезе (и) ѓаволот во игра, многу ќе се потресеме. Не знам зошто овие сезнајковци, овие „интелектуални сервисери на партиско-комитетските налози и потреби со полно работно време“, ги мислат јавноста/граѓаните за малоумни, за политички неписмени, за демократски аналфабети на коишто можат да им ги сервираат сите нивни (веќе дебело наплатени од нарачателите) кафеански „анализи“ скицирани на мрсните од кебапи салфетки? 

И од кога тоа, впрочем, во демократско општество сите, баш сите мораат да мислат не само исто туку баш онака како што тоа го сака власта? Па и да се крстат во ист Господ и да се плашат од ист ѓавол? И тоа ли треба овие вувузели да ни го кажат: кој е нашиот Господ а кој ѓаволот? Овие преоблечени едноумници беа никој и ништо и во едноумието без поткрепата од власта и тоа им прераснало во навика, им прираснало за срце, што ли? Зашто, „прекрасно“ е сите да мислиме исто, да се однесуваме исто, да гледаме низ исти розови очила…, ама сепак – тие да се вечни абоненти на буџетот, за нив да не важат законите, тие да се ослободени од одговорност за зборовите и делата… итн.?

И бидејќи и минатиот пат го спомнав Панчиќ, ќе го „злоупотребам“ повторно: толку ли овие човечиња се исплашени од деспотиве па нон-стоп дуваат во нивните зурли? Или знаат дека нив најмногу ги лути кога поданиците им ја ускратуваат саканата песна – во едно време тоа беше Преспа, сега е Софија – односно одбиваат да „пеат и свират по нивните ноти, ако така им го оспоруваат посебно важниот и кршлив легитимитет којшто посебно им значи (бидејќи секој самонаречен длабоко во себе е несигурен, без оглед колку дивизии има)“?

Затоа ли постојано, во катагодишен континуитет, настојчиво до здодевност, нѐ потсетуваат што може да ни се случи ако не сме умни? Ама ако сме, еве Европа пак ќе го одврзе ќесето со нови стотина милиони евра како поддршка на разграбената North Macedonia не од сопствената криминална власт туку е „affected by the economic shockwaves of Russia’s brutal war“. А небаре тие милиони ќе стасаат до нас, неумните, а не на сметките на деспотиве, како и сите претходни.

Дали навистина нашите и проблемите на Србија се идентични и дали навистина баш „сервисериве“ се тие што умеат тоа да ни го објаснат? Како што ни објаснуваа(т) дека нашава паланка навистина е економска жртва на „Russia’s brutal war“ а не на сопствената алчност, криминал и корупција? Не сум сигурен. Но сигурен сум дека ниту еден од овие до денес не праша каде отидоа оние 600 милиони долари од фамозниот CRIF фонд (попознат како „Countering Russian Influence Fund“)! Зошто? Знаат каде се?

И, се разбира, проблемите на Србија и проблемите на Македонија се далеку од идентични, уште помалку се втемелени во некакви апокалиптични „необјасниви стравови“ или, не дај боже, во некаква опсесивна вљубеност во Русија. Но, секогаш е полесно нештата така да се симплифицираат, да им се залепат очекуваните етикети на сите неистомисленици и со тоа, демек, да се делегитимира ѓаволот. Поедноставно е, нели, да кажете дека „(…) од целата галама конципирана во онаа декларација на бугарското собрание во кое се бараше сè и сешто за да се деблокира нашата интеграција, официјална Софија со преговарачката рамка која ни ја понуди Брисел доби само промена на нашиот Устав и вклучување на Бугарите во него.“ Што е ноторна лага, се разбира, зашто по којзнае кој пат настојува да ги сокрие оние два протоколи како составен дел од рамката! Или навистина ќе нè тераат да мислиме дека онака, „с неба па у ребра“, му текна на премиерот да ги реконструира сите споменици и обележја посветени на НОБ (иако е тоа надлежност на општините)? Но добро, ѓаволот секогаш е кај другиот, нели.  

Просто е неверојатно како се свири по идентичните ноти, како и оние претходнине. Иста мелодија, други изведувачи, но ист звук! Па речиси до вчера ја слушавме, зарем мислите дека ја заборавивме?

Но, дека помеѓу ситуацијата во Србија и Македонија сличности има, има. Ама тие се главно во човечкиот односно „раководниот“ коруптивен материјал на двете страни, во оние „елити“ кои ги донесоа земјите до овој степен на мизерување, а сега се трансформираат во единствени спасители. Земји-пустини што милуваат да си ги нарекуваат – држави! Ни „д“ не им остана од државата. Симплонот „Милошевиќ експрес“ сè уште татни низ Србија, како што и низ Македонија продолжува да се игра она оро во тунелот на „Актор“. Го паметите? Ама тунелот е долг, нели, тешко се излегува од него.   

 Дури и да сакаме, барем за миг, да ги заборавиме овие транзициски децении на комплетно черечење на ресурсите на државата, на енормни лични богатења на поединци, на целосна неспособност и неодговорност на сите досегашни владеачки гарнитури, на милијардата на оној преварант, на „СК 2014“, на пандемиското профитерство и сегашниов енергетски грабеж…, ете дури и да сме подготвени тоа да го ставиме ad acta, што ќе остане како современа македонска историја од 1991 година до денес? Малку, ништо…?! Траорни години, превртени вредности, бандити наместо политичари, месечина од хартија, ужасна девастација на културното наследство, разнебитување на културата, науката, образованието, здравството…? А што ќе остане во Србија? Истото, само што тие барем имаа поголеми странски инвестиции, кои дури и да бидат повлечени – како што ги плашат тетка Урсула – сепак затвориле некоја дупка во буџетот. 

Или, како ќе го крстиме „проектот“ наречен промена на името, или овој актуелниов со источниов сосед? Кога ќе соголиме сѐ, што ќе остане? Членството во НАТО, патот кон ЕУ што трае колку и транзицијава и лоповлуков? И тоа ли е сѐ што сработиле „елитиве“ – покрај нивните лични „успеси“ на приватните конта, се разбира – за цели триесет години? Историјата нема да биде благонаклонета кон овој период, но нив тоа не ги загрижува. Зошто? Па другите се ѓаволот, не тие!

Во овој и ваков миг, со оваа цена што ја плаќа македонскиот граѓанин, флоскулата дека сега ги остваруваме вековните цели е – лажна. Таа им служи на „елитите“ како покритие за нивните криминали и лично богатење, како алиби за тоталната неспособност, неморал и политичка и граѓанска неодговорност. Впрочем, суштинската историска цел веќе беше остварена во 1945 година. И во 1991. Ама овие – ја разнебитуваат. Се разбира, не сакам да кажам дека историјата застанува на одреден датум, ниту пак дека современите држави треба да „стојат“ во место. Не, особено не државите од типот на Македонија. Но, повторно: некакви рекапитулации се неопходни, преформулации на целите се од суштинска важност.

Не е реално, не е можно во Македонија да нема поинаков – отпорен и чесен – човечки материјал, дека целата опозиција или независните интелектуалци се еднакви ѓаволи како и овие од власта. Тие секојдневно наметнувани тези мора некако да бидат делегитимирани. Дури, или особено, и со ЕУ и САД како стратешки партнери кои еднаш (ќе) мора да увидат дека целата држава не е корумпирана, дека сите овде не се крадци и лажговци, дека гневот на праведните мора да се искористи аа елиминирање на превласта на неправедните (кои ионака се малцинство!). Речиси е неверојатно дека (и) тие веруваат во држави, и државници, за кои не постои ништо друго освен личниот профит, кои не знаат што е тоа култура, уметност, вредности… Па зарем никој таму не го следи расположението на јавноста, (не)вербата на граѓаните во овие и вакви „елити“?

Ако пак ние навистина немаме сила да го смениме македонскиот морален универзум, да го делегитимираме вистинскиот Натемаго и да ја промениме ваквата слика за Македонија, со или без ЕУ и САД, тогаш „Нашата земја“ го заслужила ова што ѝ се случува.


ОБСКУРНА МНОГУВЕКОВНА СТРАСТ

Теофил Панчиќ, во еден свој неодамнешен текст, вели: „На крајот, нели е најтешка онаа трагедија што се случува без видлива причина?“ Затоа, кога го слушате барањето на Стејт департментот Бугарија и Македонија да ја деескалираат својата реторика и брзо да ги решат билатералните спорови, останувате малку затечени. Зошто? Затоа што Македонија нема спор со Бугарија туку Бугарија има со – Македонија. Следствено, тие треба да го решат спорот, а не ние.

А во случајов, и САД, па и ЕУ, како да го читаат Панчиќ па нивните коментари на македонско-бугарската ситуација ја префрлуваат на територијата на филозофијата. Но, тоа не е така во случајов односно ставот на Панчиќ, генерализиран односно „филозофиран“, е точен. Но е неприменлив на актуелниов случај бидејќи тој, „случајот“, не „се случува без видлива причина“! Причината е длабока, голема, историска, стресно емотивна… И е еднострана, што не е неважно! Бидејќи станува збор за обскурна страстна желба, за мрачен копнеж (што би рекол Буњуел). 

Тогаш, зошто вакви препораки од САД и ЕУ? Затоа што тие, нормално, (и) овде го следат само сопствениот интерес, и второ, како некој да им сервира за читање и слушање ставови од (најблаго речено) погрешни луѓе од Македонија. Фактот дека има и такви кај нас кои мислат дека ние треба да бидеме „учтиви и студени“ и кога нѐ нарекуваат со најпогрдни имиња, дека треба да му ја отвориме границата и на човек кој на претседателот на државата му се заканува со атентат, дека ние треба да го слабееме автократскиот режим во Москва (sic!) но не и во сопствената држава со најкорумпирана власт…, сето тоа се милозвучни тонови штелувани токму за нивните уши, но не ја одразуваат ситуацијата/расположението во државава. Уште помалку ги расветлуваат корените на „проблемот“.

Зашто, историјата вели дека ништо не се случува без причина. Таа, причината, можеби не е веднаш и целосно видлива – иако во нашава приказна е – но токму затоа постојат книгите, архивите, документите. А најголем дел од нив ги има и во библиотеките во САД и ЕУ! Историјата, секако, не може да ги реши современите проблеми, но може да ги направи поразбирливи.

„Иднината на Македонија е во ЕУ. САД продолжуваат да ја поддржуваат целосната евроатланска интеграција на земјата“, се наведува во изјавата од Стејт департментот. И тоа никој нормален и добронамерен не може да го спори. Но, во „случајов“, Македонија не е таа којашто самата ја кочи сопствената евроинтеграција, како што тоа сака да ни го претстави еден албански квазианалитичар. Напротив. Иако ние, де факто, никогаш и не направивме аналитички осврт кој сѐ, и како, локално го кочеше македонскиот евроатлантски пат од времето на добивањето на кандидатскиот статус до денес. Во таа приказна би имало многу замешани страни, нели?! И прсти, политикантски.

Како и да е, мислам дека „бугарската приказна“ со Македонија никогаш нема да заврши. Или, ќе  заврши – лошо. За нас, се разбира. Како што, впрочем, беше случајот и со грчката приказна. Фактот што некои кај нас и таквите, во основа трагични, приказни сака да ги прикаже како наши победи, е сосема друга работа. Бидејќи ние, демек, имаме цел. Другите – немаат, другите се будалетинки и не знаат што прават. Ок. Меѓутоа, да беше навистина така, да бевме ние – а не другите – тие кои ги води целта, зарем ќе игравме вакво „ситно бугарско“? И зошто? Заради целта? Ма дајте, ве молам. Па замислете оние десетици илјади македонски жртви на германскиот и бугарскиот фашистички окупатор во Втората светска војна да тргнеа по таа „целна логика“ којашто во суштина би значела: спасувај го сопствениот задник?! Каде ќе бевме денес?

По којзнае кој пат низ вековите, Македонија се соочува со оваа „источна страст“, што повторно ги покренува соседните орди на акција: да се заврши незавршеното, страствено да се заокружи посакуваното цело, да се исполни вековниот („мокар“) сон. Денес тој сон е извонредно дипломатски/државнички камуфлиран низ грижата за набрзина склепаното „бугарско малцинство“ во Македонија, за некакви нивни „граждани“ кои некој, ете, ги малтретира заради нивната самосвест и слични глупости. „Среќното“ ЕУ семејство, по којзнае кој пат, наседнува на таа нивна страст, на таа нивна „емотивно“ исткаена врска со нивните „граждани“ овде. Кои, патем, речиси до вчера ги немаше, а и да ги имаше, источниот сосед се грижеше за нив колку и за ланскиот снег.

Тоа ќе рече дека оваа „трагедија“ не „се случува без видлива причина“, туку причината е одамна јасна, јавно изречена дури и низ современи пароли и настојувања, а ги влече корените од времето на Првото бугарско царство, од мигот кога овие јужни опојни мириси – Јадранот и Медитеранот – стануваат главен опијат за источниот сосед. И таа страст трае до денес, низ историјата обележена главно со крв и насилство. Затоа е и обскурна, мрачна, анахрона, ретардирана…

А сепак, дури и да се обидеме историски да ја разбереме таа страст, тоа слепило и насилничко, освојувачко однесување, таа приказна на двете држави се смета(ше) затворена од 1945 година наваму. Не само за нас, не само за Бугарија, туку и за Европа, за САД, и за светот. Дури таа страст и да имала некаква основа (иако сите факти говорат дека не е така), таа територијална алчност да имала некаква подлога во историските собитија на овие простори, денес, во 21-от век да негирате нечие постоење, право на идентитетско самоопределување и јазик, култура, историја итн., е лудило, болест, патологија. Да, и страста умее да премине во патологија, но зарем меѓународните политички механизми, особено овие во ЕУ, немаат соодветна терапија? Имаат, се разбира, како што имале во многу други случаи, но нивната непримена е всушност најтаинствениот дел од мислата на Панчиќ: која е таа невидлива причина што дозволува ваква трагедија денес?  

Денес, се разбира, на европска Бугарија, ваква каква е – политички растурена, визно понижена, монетарно нестабилна… – ѝ е неопходно разгорувањето на овој вековен пожар што тлее, чијшто чад малку би ги затскрил внатрешните проблеми и неспособноста на политикантските им „елити“. Како впрочем и на нашиве, згора натоварени со титулите на најкоруптивна, најзагадена, најнеспособна држава/власт… итн.

Но, чуму им е оваа трагедија на ЕУ и на САД?! Дали е тоа вистинското (наградно) прашање? И зошто никој не го поставува?