Monthly Archives: March 2014

ИТРОМАНСКА ИТЕРПЕЈОВШТИНА

или

БАКНЕЖОТ НА СМРТТА (2)

1.

Претходниот текст за нашите страсни но смртоносни политички бакнежи и аморални шурувања со власта per se мора да има барем уште едно продолжение. Прво, заради фактот што, еве, започна кампањата и на бините, барабар со нивните газди, се изнаредија сите оние локални естрадни „ѕвезди“ чијашто слава достигнува дури до Табановце(кај некои, што е право, и до Сава и Дунав) и, нормално, до фамозната Песна на Евровизија како наш вековен сон. Тука, односно таму, почнува и завршува нашата „велелепна“ забавна музика, онаа којашто стана дури и национален приоритет на Министерството ни и се финансира со суво злато. Нашиве се разиграле и распеале како да се братучеди на Бионсе и Тимбрлејк. И тоа, сега, го прават само за едни “миленици“! Утре ќе играт и ќе пеат за други, нема проблем. Ко да више. Па малку ли им е оној куп пари од конкурсите на Министерството за леб и игри? Цело богатство! Среќа што ниту еден од нив не е на некоја листа за пратеник – не дај боже кандидат за претседател – зашто кој ќе ги слушаше како рикаат цели четири години. Иако и пелтечењено на Хорхета не беше ништо поарно.

А за да не бидат ексклузивци во пентарењето по политички бини, ене го и оној шутон во пензија, на бината во Пробиштип го поддржува Хорхета зашто овој му дошол на претстава. Хумана. И одседел цели два часа и половина, што и не е мала работа кога мора да го гледаш (и слушаш) Чоревски. Е тоа е богами подвиг за претседателски мандат, а не разноразни намигнувања и калимерисувања!

2.

Но, затоа, објавените листи покажаа кој и како си ја одработил домашната задача од т.н. јавни личности. Ете, на пример, „(само)иницијаторката“ на кандидатурата на Хорхета – онака, од хумани и пријателски побуди – експресно се најде на високо и добитно четврто место. И уште еден лекар, оној кој со исклучително „висок“ просек од 6,7 и непознавање на ниту еден јазик, дури ни македонскиот, го протуркаа до некое звање, се најде на листите за пратеник. Иако останува нејасно кои се неговите други заслуги. Дали и тој потпишал некаква иницијатива? Или тој е таму да го подобри просекот на другите? Којзнае.

Ако пак се цени според луѓето во културата застапени на листите, веројатно наредните години ќе умираме од смеење. Не дека и досега смеата во Парламентот ни недостасуваше, ама ако сега имаме за кандидат директорка на Театарот комедија, тогаш циркузот е загарантиран! Со што ли пак таа заслужи вакво партиско внимание? Или станува збор за некакво друго внимание? Ќе се види, кај и да е’! Само не знам зошто шутон го нема? Дури тогаш ќе имавме виииисоко циркузантско рамниште. Ама овој изгледа не сработил доволно, што ли?!

3.

Од друга страна, некој ќе рече: кутри душички, нека ги, па и тие заслужуват некакво внимание, кој инаку би ги спомнал … Дека се кутри – кутри се, ама зарем право во Парламент, или како оној Хорхе – директно на Водно?

Но, ако овие се веќе елаборирана и здодевна запирка на секоја власт, останува (уште барем) еден аспект на нашите етаблирани квази-интелектуални вратоломии со политичката властела. И тој не е од вчера, или завчера, туку има богами длабоки корени, некои велат уште од времето на pax ottomana (Ѓурсел), кога биле втемелени главните народни „мудрости“ од типот „наведната глава сабја не ја сече“, омилените имиња (Трајче, Трпе и слични) и редица други „искуствени“ будалаштини. Таквиот поданички став кон власта, која и да е’, комбинирана со подеднакво познатата итроманска итерпејовштина како „симбол“ или survival kit на народната одржливост, што и да значи тоа, како да го трасираа патот за себеспознавањето на Македонецот. Секогаш, и секаде, во секакви (историски) ситуации – со неколку светли исклучоци –  подобро било да се сочека другите да го решат проблемот!

Периодот на комуно-социјализмот само ги продлабочи тие вековно напластени (веќе) карактерни цртички на македонската интелектуална „елита“ – повторно: со одделни светли и чесни исклучоци – секогаш во валкана служба на власта, која и да е’, каква и да е’. Требаше да падне Берлинскиот ѕид и да се распадне Југославија, за да разбереме какви се’ „дисиденти“ и „борци“ за македонските права сме имале, за да „интелектуалецот“ се осамосвести и види каде и како живеел и што (не) правел. Оттука, веројатно, и себепреиспитувањето на малион маалски „филозоф“: „Како да се разберам себеси како човек кој е политичко суштество и Македонец или граѓанин на Македонија по падот на комунизмот …?“. Ако нашава денешна самоумислена интелектуална „елита“ која ни ги диктира политичките процеси, требала допрва, по падот на комунизмот, да се освестува и себепронаоѓа, чудно ли е што сме на ова дереџе? И чудно ли е што токму тие, како и разни пенисолози, буреколози и минхаузени, мразејќи ја сопствената слика во тоа огледало, се трансформираа во најжестоките пцујачи по комунизмот на којшто му се восхитуваа?

ЈАНУС

4.

Значи, остана аспектот на оние „позадинци“, грмушкари, односно оној (за жал огромен) дел од нашава (самонаречена) интелегенција, којшто на крилјата на прикриениот политички коитус со власта се’ уште жари и пали низ државава. Ама сака за тоа да се молчи. Како ништо да не било. Никој ни видел, ни чул!    Поточно, тоа е оној наш итромански итерпејовски „интелектуален“ корпус кој камелеонски умее да се прикрие во грмушките на оваа наречи демократија, да се стопи со политичката / општествената околина, каква и да е’, и понатаму – ако може вечно – да ужива во сите ниските страсти на тајната „љубов“ и сите нејзини можни придобивки.

И иако одамна „видни“ членови на денешното интелектуално злосторничко здружување, токму тие највеќе креваат галама ако некој ги спомне во ваков или онаков (главно политички, за нив најопасен!) контекст, ако ги дешифрира односно дефинира баш такви какви што се – припадници на таа „интелектуална“ злосторничка дружина – ако ги определи во еден од тие алибаба табори. Овие напросто се ужаснуваат да бидат демаскирани и со тоа определени, тие свикнале да ја носат двојната јанусова маска и да шират фама дека се над секојдневието, па да цицаат од сите цицки. Колку што ги има. И им успева. Понекогаш. Почесто се, сепак, проѕирни до зла бога, како татко им да е џамџија.

И секако дека е нормално секој да сака себеси да се види / претстави поколористично, во поубави нијанси. Најчесто во розови. И никој, во принцип,  нема ништо против таквото (нивно) право. Ама имаме ли пак ние право да ги гледаме / видиме во нивното вистинско голо издание? Онака, дволично сервилни, патетично понизни, yes minister-ски полтрони кои скокаат на секој миг на власта, се бут(к)аат во првите ударно епигонски редови за да ги осветли „благородната“ милост на властелата. Ама често забораваат дека и камерите се тука, па снимаат.

Тие се подготвени едновремено да играат и виенски валцер во тешки чизми или копачка во лакирани чевли, само ако тоа е конјуктурно. И ако носи исплатливи провизии од најразличен тип. Ама другите не смеат да ги покажат со прст, не смеат да ја посочат вистинската им соголена слика и прилика?!

Е тогаш се лутат, па дури и се чудат како тоа другите ги гледаат низ темната диоптрија. Како оној писателон кој се жали дека преку една (духовита) фотомонтажа му била извршена „симболичка ликвидација и политичка травестија“. Значи, нивното значење (дури и политичко!) за оваа држава е такво и толкаво, нивната глава е толку битна, што некој со сите сили се труди да им ја пресече и да ги ликвидира. Види богати. Ама, некако, низ реакцијата се чувствува дека тоа не е најболната точка, дека има и нешто друго. Односно, главната болка да ти била што човеков бил ставен „во друштво на кое по ништо не му припаѓа(м)“. Е тоа бил проблемот, зашто тие / тој (божем) не припаѓале таму, во друштвото со „оние“ од власта. Иако секогаш ги гледаме (и слушаме) токму таму и токму така како што сака властелата. И делат награди, и фалат, и држат говори, и поддржуваат се’ што ќе им побараат … Ама пак – не биле тие. Да немаат некој брат близнак, или некој ги имитира? Што пак, во крајна линија, може и да е точно. Можеби тие навистина не припаѓаат таму?  Зашто тие, всушност, не припаѓаат никаде, тие само се гребат / грабат – секаде.

А ги има многу. Премногу. И најдобро виреат во темните ќошиња, низ сенките, по сокачињата, се бутаат низ малите врати … само никој да не ги покаже со прст. А да останат на платните списоци! Тоа им е животен сон – да бидат на сите платни списоци. И затоа не сакаат да бидат апострофирани на кој и да е’ начин. Зашто тогаш се губат привилегиите, ваму или онаму. Ако не денес, тогаш утре. А тие не се научени да живеат низ такви страаашни премрежија.

Но, мислам дека највеќе ги боли што се свесни дека се фатени во гнасната  пергратка и не можат / не смеат да се пуштат. Ги боли што тоа го гледаат и нивните семејства – поблиски и подалечни – нивните деца, на кои што веројатно им раскажувале бајки за својата големина. Затоа и бараат од нас да ги гледаме со други очи, да бидеме сите исти и изедначени во злосторството, во старата колективна вина.

Што пак многу ме потсетува на една асли бараба – и тој јанусов  „интелектуалец“ грмушкар (ај, не мора да го именувам) – која со години, јавно и дебилно, ни ја претставува (не само) културната реалност низ розови очила. Е овој невиден офф-офф егземплар (ми) држи „предавање“ преку ФБ – се разбира, додека не заврши со скршени прсти – дека оние претходните (ууу, виѓи врага!) биле одговорни за ова денес, дека тоа било само увертира во денешниве состојби. Што ќе рече дека оние претходните, оние демек црвените преправени во плави (со кои тој, патем, уживаше ко бубрег у лој) биле виновни за сето ова што денес ни се случува. Брее, каква „мудрост“, каква селска итерпејовштина. Извонредно оправдување за сопствениот неморал и алчност: сите с(м)е виновни! Тие / тој дрпа на сите страни ко незаситна ала, ама сите сме биле одговорни, дури и тие (јас веројатно се подразбирам!?) пред којзнае колку години. Сме биле „увертира“! Во што бре, барабо?

5.

Но, впрочем, таквите гниди секогаш имат „оправдување“. Ама нивната гнасност и неморал стасува дури до таму што тие им ги сакаат парите, коленичат за нив, јавното дружење морат тук-таму да го поднесуваат, ама скриено – ги мразат. Тие се согласни да седат во министерски совети, во разни комисии, имињата постојано да им се на видни места во годишните културни „приоритети“, да фалат кај што треба и кај што не треба, но откако тоа ќе го наплатат, им останува омразата. Оној тип на омраза кон другите, а всушност кон самиот себе. (Себе)омраза заради паѓањето на такви ниски гранки. (Себе)омраза, длабока, заради сопствената превртливост, алчност, дволичност … Затоа човек можеби треба да – ги жали?!

БИЛА ЗОРА, ИЛИ МРАК – СЕЕДНО!

1.

Бидејќи „истражувањата“ кај Билазора и околните локалитети во светиноколско конечно завршија, на многумина им лекна. Уште ништо не се знае, нема конкретни информации, значи магијата се’ уште ќе држи влага, можеби дури и до некои други избори. Или порано, иако стручњацине велат дека им требаат барем два месеци за некакви посигурни резултати, не е чудо да бидат темпирани за вториот круг парламентарни избори. И тогаш ќе видиме кому ќе му зазори, или ќе му се стемни, сеедно. Ќе продолжи ли демократскиот мрак или Аце величенствено ќе светне и ќе се истопори како наша нова зора, наше врвно македонско (политичко) божество? (Иако јас се надевав дека Хорхе наш, онака залетано задуван, ќе се наврти на Ацета, ама тој решил – или му решиле – да се бави со друг тип научна фантастика, онаа наречена „што јас сработив“!).

Инаку, зошто Управата за заштита на културното наследство би издала дозвола – така барем се фали тимот, популарно наречен археолошки CSI – за истражувања под познатиот геоглиф во тој дел на Македонија? Заради стручни причини? Кои, какви …? Па во „тимот“ нема ниту еден археолог!? Ни за лек! Ама, тоа, за Лилчиќ, како наш гооолем „стручњак“, не е битно. Ако е таква наредбата од началството, се разбира. Е од такви „стручњаци“ да ти пукне таквото. А впрочем, штом можел да им даде дозволи и на оние од Еуро-Балкан како вчера испилен „универзитет“ да копаат кај ќе стигнат, зошто па да не можат и овие? Особено кога имаат консултанти како нашине „опинион мејкери“ (?) кои во македонскиот циркус продаваат бурек, визи и слични археолошки и други потребштини.

2.

Но, да бидам искрен, навреда е странциве (иако се наши бивши „браќа“) да ги изедначувам со домашнине од спомнатиот „универзитет“. Па и со некои други. Морам да признаам дека ми е многу интересна таа група што така ентузијастички истражува во светиниколско, со амбиција да (не?) го откријат гробот на наш Аце. (Видете им ја кваката 22: или ќе ја потврдиме тезата или ќе ја демантираме! Или ќе врне, или нема да врне!!!Браво.).

И немам никакви предрасуди кон нивниот ангажман. Дури напротив. Во крајна линија, тие се стручни во одделни области – дури сериозно стручни – што мултидисциплинарно можат да се поврзуваат и со вакви истражувања. А очигледно (се’ уште) имаат и доволна доза елан и ентузијазам, веројатно и добро награден, да се бават со вакви експедиции. (Само не знам што со нив бара Абрамовиќ, ама нејсе!).

Зашто, ако сакате, бројни се во минатото сличните авантури(сти) кои дошле до епохални откритија. Особено од луѓе како овие, кои немале видлива врска со археологијата, но имале некакви предзнаења од таа област и – голема желба. Па и среќа, ако такво нешто постои во археологијата. Почнувајќи од Малер, Томпсон, Шлиман, дури и Еванс … па наваму. Не дека кај нив немало манипулација, подметнувања, лаги, „штимање“ на наодите ако сакате, но резултатите сепак се тука и говорат сами за себе.

Мене ми се поинтересни нашиве „стручњаци“, оние од типот „знам се’ а не знам ништо“, кои уживаат да се лепат на вакви теми. Бурекопродавачон да ти гледал History channel, што несомнено го прави експерт во областа; еден друг (кој ужива да се потпишува со уметник) од мали нозе да ти го гледал Кусто, што повторно е диплома по себе, плус постојано „нешто“ му заигрува во пределот на срцето кога ќе влезе во црква (?!); оној „пејачон“ Г(м)иш пословично знае се’, од политика, преку култура до археологија … итн. И во вакви гранични области тие можат да пљампаат до сто и едно и назад, од тесли до хиперборејци, од религии до археоакустики. Какви мозоци, за жал неупотребени за ништо сериозно. Ако воопшто и можат да се употребат за нешто! Колку (скапи) телевизиски минути потрошени за – ништо!

ГЕОГЛИФ

3.

Но, шега на страна, (не само) трагачиве по возбуди оставаат многу отворени прашања зад нив. Дури и привремено, односно до конечните резултати.

Прво, ако нашана гооолема Управа, барабар со уште поголееееемиот Лилчиќ, имале некакви сознанија дека таму долу светиниколско постојат елементи на сериозност, вистинитост, научна рационалност … дека под т.н. геоглиф се крие нешто, зошто не поттикнале или организирале домашен археолошки тим за истражување? Зошто морале да чекаат странци да го прават тоа? Можеби ние ја немаме – и сигурно ја немаме – скапата опрема за т.н. археоакустика, ама имаме традиционални начини на истражување, имаме средства, имаме време … зошто треба некој друг да го прави тоа за нас? Или го нема Паско и ние не умееме ништо да направиме? Та мора ли постојано да чекаме да се поклопат сказалките на трите негови часовници за да превземеме нешто? Или е долга неговата рака, дури и од домашен притвор?

Второ, ако познатиот геоглиф е, соред т.н. древномакедонски јазик, посветен „на Врховната Божица“ или на врховното божество на древномакедонците  (според Тентов), каква врска има Аце наш со тоа?

Трето, како оние звучни сонди на авантуристине открија дека станува збор токму за сакрална градба под геоглифот? Та не ќе да е дека звучните или електромагнетните бранови го разбираат „јазикот“ на светото, сакралното? По што се препознава тоа? И зошто тоа „нешто“, таму долу, да не се остатоци од обичен резервоар, или од некаква селска куќа, или …? Како тоа во звуците и брановите се препознава – сакралното?!

Четврто, каде се, по ѓаволите, нашине „стручњаци“, од Митревски, преку Тентов до незнам кој мој, зошто никој од нив глас не пушта? Односно, зошто не’ кљукаат со контрадикторни информации: те со нив се, те не се со нив, те се согласуваат со истражувањето, те знаат дека таму нема ништо …! Толку ли никој од нив нема онакво па да излезе и нешто да каже? Барем „две слатке речи“?!

Петто, и покрај тооолку скапата опрема, како тимот не вклучува никаква друга современа метода за детекција, како на пример: геомагнетно скенирање, инфрацрвено, помош од сателитски и високорезолуциски снимки, т.н. далечинска детекција и слично?

ACE MAKEDONSKI

4.

Но, денес, подеднакво интересна е тезата „што би било кога би било“. Односно, замислете да се појави гробот на Ацета токму таму, под геоглифот.

Прво, нашиве „стручњаци“ ќе си го изгризат тоа што го немаат, зашто странциве ќе им ја земат целата слава. Е, да простите, такво нешто на Паскота не би му се случило. Тој не би дозволил други да му роварат низ негова територија. А овие другиве шутрачиња, се’ ти е тоа приучено до зла бога.

Второ, што ако, навистина, од под земјата се појави, во целата своја маленкост Аце наш Македонски. Ќе има многу жртви. На пример, не знам како тоа ќе го преживее Дојчиновска. А потоа, богами, ќе летаат и глави на нашиве „стручњаци“ кои дозволиле такво нешто. (Апропо, не знаеме што се случи со оној гроб што го откри „госпожава“, со сесрдна помош на „директорката“ на Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика при МНР. Та тие, откако го открија, по којзнае кој пат, гробот на Ацета некаде тамууу, далекууу, во Азија, побараа итна интервенција на највисоките државни органи, испраќање на екипи, мисии, што ли не, дури и воспоставување дипломатски односи со гробот и размена на амбасадори. Можеба некоја од нив се виде како наша амбасадорка кај Ацета, којзнае? Кај ли застана таа работа?).

Трето, не дај боже, и тоа сериозно го мислам, да излезе од вековната темница гробот на Аце. Прво, ќе се фрлат огромни пари за тоа чудо да се обзнани на светот (на пример Форбс, Економист, СНН, АБЦ …), па гробницата да почне да се уредува односно да биде достапна за посета, па да се усогласи со плановите на оној Рој околу фармите … итн. Па второ, кога ќе му дојдат типови од профилот на Сарајлија и Божиновски, па кога ќе рикнат гробницата да се уреди во неокласицистички стил со елементи на барок, како оригинерен стил измислен директно од Ацета и македонските династии. Па трето, кога таму ќе никне некаков монструм кој ќе (мора да) се гледа уште од ТАВ Петровец, за да знаат странцине каде пат да фатат … Па четврто, кога ќе се разодат орди туристи и низ светиниколско, низ скопско и целото македонско поле, ќе се нема раат …

Затоа, за добро на сите, попаметно е Аце да не е таму. Или, ако е таму, нека си почива во мир. И каква е таа глупава навика да се будат покојниците и да се покажуваат на луѓето како некакво чудо? И ова озбилно го мислам! Е па ајде да ги откопаме татковците, дедовците, бабите … на сите овие трагачи по возбуди и да ги изложиме, онака, на бела виделина, сите да ги гледаат и да се чудат!!!

БАКНЕЖОТ НА СМРТТА

1.

Не знам дали се’ уште има некој кој се сомнева дека, кај нас, денес,  прегратката на политика е ѓаволска, а политичкиот бакнеж е бакнеж – на смртта. И во таквите прегратки проследени со бакнежи нема никакви емоции. Тие се, едноставно, смислено убиство на долги патеки.

Заради тоа не знам дали навистина се’ уште има некој кој мисли дека кај нас, денес, политиката е професија а не бескрупулозна алатка за трупање пари, или дека бавењето со политика е општополезна работа а не здружена манипулација. Ако последниве години не ги разубедија и малкуте преостанати скептици, тогаш навистина им треба сериозен стручен третман. Или, ако некои се’ уште мислат дека политиката може да им помогне во професијата и животот, е тука, богами, треба не само сериозен стручен третман туку и подолгорочна институционална помош. И тоа е се’ поочигледно пред секои избори – локални, парламентарни, претседателски. Но се’ поочигледно е и дека кај нас бројот на политичките „зависници“ се зголемува, а се’ уште има и „експерти“ кои тврдат дека при јавното политичко декларирање – онака, из чиста мира и од никого не предизвикано –  кај нас се изразува лично мислење, дека секој има право на тоа, дека на тоа не треба да се гледа како на зло … и секакви други будалаштини замотани во целофанот на „стручното“ гледање на работите.

И кога, згора на се’, ќе почнат да не’ изедначуваат со Америка, па како таму ѕвездите (од филмот, спортот итн.) често отворено застанувале зад одделни политички опции, тоа веќе преминува во вистинска перверзија.

БРЕЖНЕВ БАКНЕЖ

2.

А сепак, изгледа дека кај нас се’ уште некој мисли дека македонската политика последниве години се идентификува со способност на решавање на проблемите. Ако тие луѓе не се освестиле дека, кај нас, денес, политиката не решава туку создава проблеми, дека политиката не е дијалог туку конфликт, дека кај нас политиката не се темели на разум туку на џеб, тогаш нема дискусија туку има разговор на малоумни. И тоа глуви.

Неспособноста, неукоста, комплексите на македонската политичка „мисла“ (ако такво нешто постои!) денес е евидентна токму во настојувањата да се „врзе“ за некакви, барем некакви, јавни лица од спортско – естрадно – културно – уметничка провениенција, со што (автоматски?) ќе си го подигне рејтингот, особено меѓу неопределените гласачи. Зашто верните припадници, членовите на политичките партии, особено на партиите на власт, немаат проблем со сопствената (гласачко политичка) ориентација. Проблем се сите други – особено неопределените – кои се двоумат. Токму тие се таргет групата на церемонијалните ревии на симпатизерите од редот на спортистите, естрадните „ѕвезди“, уметниците и другите кои треба да го подигнат културно интелектуалното ниво на партиите. И, повторно некој „стручњак“, ќе рече дека тука безмалу нема ништо спорно, и дека тоа го прават безмалу сите политички партии во светот. Можеби не така отворено и грубо, можеби не така простачки, ама – го прават. Е па токму во тоа е проблемот, токму во простаклукот, во сељачкото чаламење, во злоупотребата, во искористувањето …!

3.

Од друга страна, на крај памет не ми е да го оспорувам правото на лично мислење, личен став, дури и по политичките прашања, вакви или онакви, на сите оние кои нашава политика така безмилосно ги користи, особено оние од погоренаведените области. Тоа, впрочем, е нивно загарантирано лично право, луѓето се возрасни и би требало да знаат што прават и каде ги води таквото постапување. Ама … секогаш има некое „ама“ … прегратката на политиката е ѓаволска, а нејзиниот бакнежот – смртоносен.

Зашто, политичкиот печат на една спортска или творечка кариера – па дури и естрадата да ја гледаме како вид на творештво – е безмилосен. И не се брише. Зарем новоизбраната „актерка“ за наградата на оној наш гооолем дневен „весник“ не е свесна како ја гледаат луѓето, откако истата награда прво ја одби нејзин колега? (А текстон на „уредничката“, па па паааа!). Или, не знае ли, навистина, Лазаров дека наградата „Спортист на годината“ ја добил заради сосема други „заслуги“, а истата морално припаѓа на девојката која го искачи Монт Еверест? Или, не гледаме ли сите што остана од оној наш слааавен режисер, откако со него си ги избриша чевлите македонската политика? Или на што личат оние улични „интелектуалци“ што секој ден „антиквизираат“ низ дневнине весници, а до вчера се колнеа во ѕведата петокрака, и црвена и плава?

И тука, повторно, е евидентна разликата помеѓу политичарите и другите. На политичарите им е дозволено да ги менуваат боите – партиите, некогаш и по неколку пати, како што ќе посакаат. Не еднаш сме биле сведоци на такви политички лупинзи. И тие продолжуваат како ништо да не било. И згора на тоа, јавноста / народот им прогледува низ прсти, зашто им одбива на глупоста. Политички шљам. (Некои барем имаа доблест да се извинат. Други не).

Меѓутоа, политичките ветерници во другите професии се гледаат низ друга диоптрија. Политичките лупинзи во спортот, културата, уметноста … новинарството … особено кога се толку проѕирно лукративни, се самоубиствени и тоа јавноста не го проштева. Зашто, политичкото лигавење кај нив веќе не е само став, јавно искажан, веќе не е личен избор, зашто тој избор може да се направи и тивко и мирно, со едноставно заокружување во гласачкото ливче. Зошто од тоа треба да се прави јавна претстава? Оттука, тој објавен личен став овде се претвора во просјачење, во коленичење, полтронство, упикување, усмрдување … недолично за човечкиот род. Или, навистина некој (се’ уште) мисли дека потпишувањето политички „иницијативи“ односно кандидатури е резултат на некакви хумани и пријателски побуди а не просто (и простачко) политичко / стручно / професионално … авансирање и додворување? Или, попрецизно речено, политички агитпроп. И дали навистина некој верува дека ако една будала изнесе на политичка сцена еден цел женски тим, а друга цел еден машки тим – ракометарски или кошаркарски, сеедно – дека тоа е израз на искрена (политичка) поддршка, а не манипулација? И дека тоа луѓето не го разбираат?!

KISS OF DEATH

4.

Она што навистина загрижува, повторно, не е желбата на политичарите да манипулираат, туку подготвеноста на другите да бидат манипулирани. И резилени. И претворени во политички крпи со коишто се брише политичката јавна сцена. Like a puppet on a string.

Зачудува спремноста токму на спортисти, уметници, певаљки, писатели … лекари, новинари … да се спуштат на толку испоганетото македонско политичко рамниште. Толку ли е голем бенефитот, ќарот од таквото коленичење? Веројатно. Погледнете го само новоно Радио Слободна Македонија и кој се’ таму „држи банка“. Платена – преплатена. Или видете ги општинските и градските совети, колумнистите, управните одбори, комисиите што решаваат за се’ и сешто … Па тие би прифатиле членство и во комисија за празнење на септичките јами во скопските предградија! Или најнована „акција“ на една издавачка куќа и естраднине „ѕвезди“ кои рекламираат книги а не прочитале ниту една! Зарем мораше тоа да се прави под безобразно  политизираното покровителство на Министерството за леб и игри?

Или, ако сакате, пресметајте му го месечниот политички приход на пенисологон Сарајлија од колумните и радијата, од комисиите и одборите, додека тој од брановите на новото радио им посакува на слушателите да добијат „сладострасен порив“. Или, зарем за оној маалскион „филозоф“, кој патем е доктор на науки, не е под честа да се реди во сите совети – прво општински, па селски, па градски – па во управни одбори, па да советува, да „пишува“ закони и „студии“, а сега и тој станал и радио шут? Кога ќе кажат – доста? И, има ли воопшто – доста? Цела булумента такви се валкаат низ македонскава политичка кал глумејќи интелектуалци и творци.

Од друга страна, на превеаниве лукративни полтрони од првиот ешалон очигледно веќе им е се’ рамно, па се резилат јавно. Оние од вториот ешалон се „посрамежливи“, тие исто така дебело наплатуваат но гледаат да не бидат постојано пред очите на јавноста. Тие се кукавички срам и арам по себе и за себе. Не знаеш кои се погадни, посмрдливи … Вториве само од време на време ќе пуштат глас, ќе се појават тук-там да не ги заборават властелините, ќе заѕвонат со ѕвонливата им капа и пак ќе се скријат ко глувци. Ама и тие си седат по „високоумни“ совети и одбори, разнразни комисиички, толку колку да капе. А минатото го кријат ко змија нозе! Еден лигав кленовиден оф-оф „маестро“ го имаше, на времето, дури и сателитскиот број на Б.Ц., па кога му го мереа паметот го местеа да врти на истиот и да арчи едно чудо пари. Ама пак му се исплаќаше, му ги враќаа на други начини. Сега веројатно врти на други броеви, и пак му се исплатува. Друг „авангардист“ мољакаше низ чаршија и бараше влез во СДСМ не баре влегува кај господ. Денес е „еминентен“ барокољубец и покорно „верен“ антиквизациски апологет! И уште едно чудо такви возљубени чеда властелински, сите со превртени шинели.

А всушност, тоа е најголемата заблуда на политиката со овие луѓе. Кај нив има верност помалку отколку и кај онаа најстара професија од женски (па и машки) род. Тие се бре брате верни само на кешот и тука завршуваат сите други приказни. И бивши се, ама уште не знаат.

 

ИМАЛО ГОСПОД?

1.

Не, немало Господ, имало избори. И токму заради тоа Националната галерија на Македонија се куртули од катаклизмата наречена Палоши. А тоа што одделни телали – стари и млади – чукаат во барабаните разгласувајќи низ скопската чаршија  дека било вака или онака, сето тоа се само приказни за недозреани македончиња.

Впрочем, еве како едно новинарско пискарало ги „анализира“ овие случувања: „Kолкава е случајноста по мандат од три години и четири месеци директорката на Националната галерија на Македонија Халиде Палоши токму во саботата да реши да ги смени таблите на институцијата и без одобрение од претпоставените да постави двојазични? Kолкави се шансите по толку време ова да се случи токму на денот кога премиерот Никола Груевски на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ рече дека ја прифаќа фрлената ракавица од лидерот на ДУИ Али Ахмети за предвремени парламентарни избори? Математичарите би рекле – многу мали, а познавачите на политичките состојби во земјава би рекле – никакви“.

Ееееј, каква политичко – културолошка „анализа“! Па ово нема ни у Београду, што би рекол Лисичков. А да се замислеше мастиљавово моливче дали сето ова со дотичната ќе се случеше да не беше распуштен Парламентот, и да не беа распишани избори, што ќе рече – да не беше растурена коалицијата? Дали некој ќе смееше да ја чепне биологичарката на привремена работа во  уметноста? Ама не, ни неа, ниту на некои постари – што би значело, по дефиниција, поумни глави – таква дијагноза не им паѓа на памет.

2.

И како тоа кај нас се’ се случува одненадеж? Онака, с неба па у ребра? И одеднаш сите се паметни, што би се рекло – генерали после војната? Та не знаеше ли мастиљавово моливче која е и што е Палоши, што и како се случува во таа (божем) Национална галерија, какви се’ идиотски инсценации се играа низ таа институција цели три години?

Како сите, изненада – вклучувајќи го тука и претседателот на Управниот одбор –  вадат пиштол „на мртвога Германца“, што би рекле Кумановчани? Како цели три години никој ништо не гледаше и не слушаше, не знаеа за петнасетте посто што Палоши им ги краде на уметниците за да си ги плати луѓето што бесправно ги донесе во Галеријата? Сите беа и глуви, неми и слепи, од медиумите преку Управниот одбор, па Министерството за култура, барабар со Владата …? Или и тоа влегуваше во коалицискиот договор и таму не смееше да се чепка? Ама сега идат избори и може да се говори слободно!? Е па, ајде да говориме, додека можеме.

3.

Најмалку јас мислам дека дотичната Палоши беше цвеќе за мирисање. Напротив, ама јас за тоа пишувам повеќе од две години. И се расправам со неа цели три години. Додека другите, а пред се’ сите погоре спомнати, и’ ги аминуваа сите будалаштини што таа ги смислуваше. И молчеа.

Е па, ајде, на пример, да говориме за програмите на Националната галерија на Македонија во изминативе години, оние исти програми за кои сега е виновна Палоши – која, патем, нема(ше) веза ни што е тоа програма, ни што е тоа уметност – а коишто благонадежното ни Министерство за леб и игри  така великодушно ги прифаќаше! И не само тоа туку и се’ друго во врска со Националната галерија – веќе од „изборот“ на биологичарката – испаѓа новост за дотичното Министерство коешто сега, со „смел“ потег, ја разрешува сопствената грешка? Та не ги читаа ли тие „програми“, не гледаа ли што се изложува во таа институција цели три години?

И еве, одеднаш, со самото распишување на избори, се појави во јавноста гласот за „теророт“ на кутрата Палоши. Од кого? Токму од нејзините соучесници кои со години знаеа што и како се случува во Националната галерија и со прст не мрднаа. Вклучувајќи ги и медиумите, особено овие кои сега така „критички“ го разгледуваат нејзиното работење, и особено ова мастиљаво неписмено моливче кое до вчера како да живеело на друга планета. А уште дневниот весник „Фокус“ (еееј, кога беше тоа!?), па и „Шпиц“,  пишуваа за сите глупости, дури и за 15-те проценти, ама тие беа, нели, од опозицијата. Кој ги шиша, сигурно лажат. Е ама сега, кога стигна сигналот од началството, мастиљавово пискарало пее прв глас против. А сите други околу некогашната директорка, кои ем шетаа со неа низ венеции, виени, софии, америки … и „презентираа“ најступидни изложби, ем и’ пишуваа текстови за во каталог каде што кутрава ставаше и своја сликичка, е тие се сега хорот на поттикнувачите и подржувачите на линчот. Па имате ли барем малку срам?

И патем, прашање за „новинарката“: А кој цели три години и’ даваше пари на таа иста Палоши да си тера некаква своја „програма“?! И да шета низ светот? Зошто еднаш, барем еднаш не напишат два збора за нашево непрежалено Министерство за леб и игри коешто или е слепо и глуво, или е – малоумно? Како тоа упорно, цели три години, го финансира она за коешто од самиот почеток знае дека е лошо?!

И уште едно потенцијално прашање за новинарчињава, ако се осмелат да го постават: како тоа едно чудо гооолеми (а неписмени) директори во македонскава култура последниве години се покажаа како обични криминалци, па ги пикаа во затвори и притвори, ги разрешуваа(т) или ги тераа(т) сами да си поднесуват оставки … Ќе постави ли некој такво прашање, некогаш, во блиска иднина, до Министерството за леб и игри?

4.

И сето тоа што денес се жврљави низ македонскиов жолт печат е горе-долу точно. Но тоа е само дел од сето она што се случуваше во таа Национална галерија на Македонија, но и во ред други македонски институции во културата за коишто, се’ уште, никој не проговорил. Ама ќе проговори, некогаш, кад-тад.

„Гревовите“ на Палоши се најмалку нејзини. Тие се – нивни. На сите кои денес ги бројат нејзините мани и пропусти, ама само до вчера не ги ни приметуваа. Одеднаш, преку ноќ, се отворија архивите на омразата и почнаа да се редат будалаштините што всушност им беа пред носовите цели три години. И односот кон уметниците, и 15-те проценти закинување од проектите, и уништување на поставката, и целосното деградирање на реномето на институцијата, и малтретирањето на вработените … И сега им текна на изложбата „100 уметници 100 слики“. Демек, ја нарушила поставката во Даут пашин амам. Ама ги заборавија сите други изложби за кои истите мастиљави моливчиња во нивните диригирани весничиња во изминативе години ревносно известуваа како за незнам какви „културни“ настани, а коишто подеднакво ја нарушуваа и поставката и реномето на институцијата. И кога Палоши своерачно ги вметна двете (подарени) дела на Омер Калеши во поставката, тоа за нив беше нормална работа? Тогаш не им текнуваше да поставуваат прашања и да пишуваат уводници?

5.

За воља на вистината, ниту оваа катаклизма со Палоши не беше некоја новост во Националната галерија. А претходната катастрофа да не беше подобра? И мастиљавиве моливчиња и нивните весничиња и тогаш пишуваа хвалоспеви од нивните канцеларии, не гледајќи што им се случуваше пред носот. И тогаш се правеше хаос во поставката – дури уште понестручен и де факто потрагичен – амбасадори и реномирани македонски уметници чекаа со часови пред канцеларијата на дотичната „госпожа“ која себе се нарекуваше Институција, Националната галерија правеше изложби во културно – уметнички друштва и други подруми, се арчеа едно чудо пари за смешни „проекти“ … Њујорк им стана дестинација ала Куманово … ама новинарчињава молчеа. И новинарчињата и нивните уредници / уреднички.  Или мислеа дека така треба, дека тоа е култура? И никој немаше забелешки? Или се плашеа дека ќе бидат прескокнати при некоја екскурзија во странство, или дека нема да си ги вработат децата во дотичното Министерство за леб и игри? Нека си ги препрочитаат старите текстови и нека ги прелистаат „каталозите“ за да се потсетат што и како аминувале како дострел во македонската култура. Та сега, Палоши била или не била, нејзинана претходничка била или не била, таква е судбината и на оваа (не)култура и на овие институции последниве години. Тие, институциите, очигледно треба да се уништат докрај, да се заборави што и како биле претходно – дека можело и подобро, и подалеку, и повисоко – за да денес во јавноста и во македонската (не)култура се издигнат некои нови квазиинституции што промовираат кич и безобразие, дека наместо стручни поединци со нив треба да раководат послушни духовни мрзеливци и морални тутурутки.

НЕКУЛТУРАТА Е НАЈСКАПА, ДРУЖЕ!

1.

Некако не ме мрзеше да земам и уште еднаш да ја прелистам (зашто не е за читање) фамозната Национална стратегија за развој на културата за периодот 2013 – 2017 и повторно да ги проверам „стручњацине“ за каква тоа несогласност со оваа Национална држ-ме-мајко стратегија говорат и со какви тоа „критериуми“ оперираат во нивните злодела. И еве што вели таа фамозна Стратегија, во делот „Посебни цели за развој на културата во Република Македонија по области“, а во т.4.8. „Визуелни уметности, архитектура и дизајн“. (Патем, во точката нема ниту збор за архитектурата, а за дизајнот да не правиме муабет!). И во оваа точка, во алинеа 4 буквално пишува: „Селективен пристап во изборот на колониите кои ќе бидат финансирани од Министерството за култура, како и разрешување на сопственичкиот статус на создадените дела на ликовните колони“.

Што значи, барем за нормален човек, дека Стратегијата поддржува и ќе финансира активности од овој тип – значи ликовни колонии – ама тие ќе бидат селективно избрани од некои „стручни“ платеници од типот на павлесци, пирковци и слични …овци. ОК, и што тука има нејасно? Значи фамозната Стратегија или, подобро речено, политичката воља не ги проблематизира колониите како такви, ама „стручњаците“ од гореспомнатиот вид се тие кои што ќе селектираат. Оттука, утре или задутре, кога повторно ќе бидат прашани како тоа го правеа изборот за „Позитивната листа“ на Министерството за леб и игри, истите тие павлесци, пирковци и други …овци не ќе можат да се вадат со политички притисоци, со дошепнати решенија, со ова или она, зашто ним, и само ним, како (божем) стручњаци им било оставено да го направат тој избор!

2.

И што направиле „стручњациве“? Ете, нивните „критериуми“ не можеле да бидат задоволени од апликацијата на Ликовната колонија во Прилеп, уште помалку од нејзиното портфолио, ама тие биле презадоволни од, на пример, Ликовната колонија „Дрен“, или Ликовната колонија „Михајлово“, па Ликовна колонија во Тетово (ама не се знае каква), па Ликовна колонија Куманово … „Арт – поинт Гумно“ (со ефект токму за на гумно!) … и кој и каков е тој национален интерес што овде го видоа овие платеници? Или, сепак, им кажаа каде да го видат?!

Но, воопшто не ми беше намера да се навраќам на нивните „критериуми“, на нивната „стручност“, на нивните хоризонти до Кисела вода и Сарај, а најдалеку до гумноно во Брод, или каде е … немав намера да се навраќам на нивните актуелни злодела против македонската уметничка сцена. Тие се сепак ситни риби, платени мали мозоци во спрега на некои повисоки „интереси“.

Меѓутоа, тие едновремено (и не само тие, туку и оние пред и по нив) се одлична илустрација за една интересна изјава директно од врвот на Министерството за леб и игри, преку којашто и медиумите и опозицијата преминаа некако  премногу лесно, односно истата остана без соодветен коментар.

Имено, пред извесно време, а директно на Комисијата за култура во Собранието на РМ, заменик министерот за култура, инаку со Земјоделски факултет, што, нели, го прави „стручњак“ во областа, ни соопшти дека „културата е скапа, некултурата е уште поскапа“. Длабокоумен, дури филозофски издржан став пред кој, некои паметни би рекле, и боговите молчат. И тоа навистина би било така кога кај нас би се знаело што е култура, а што – некултура. Значи, што е она поевтиното, а што она поскапото?!

НЕКУЛТУРА

3.

Оттука, ако се цени, еве, само според овогодишната „Позитивна листа“ наречена Годишна програма на Министерството за леб и игри, и тоа само во делот за Визеулните уметности, што всушност сме добиле? Култура или некултура, скапо или уште поскапо? Веројатно нема потреба одново да ги наведувам оние „проекти“ што онаа „стручна“ Комисија од двајцана егзекутори ни ги продава како национален интерес. Ама има уште многу други, на пример: „Народната култура – трајна инспирација во моето творештво“; „Уметност – вистина и(ли) лага“; „Низ четката на преспански уметници“; „Цртање на асфалт“; „Снежен град и карван“; „Го градам мојот град“; „Кич, да?! (сте или не)“; „Биди креативен“;„Една слика илјада зборови!“; „Душата како слика“ …? Или оние едно чудо самостојни „проекти“ од типот  „Поглед низ пресеци виа поглед кон мојот идентитет виа визуелноста на просторноста на квантумот виа“ итн.? И тоа е нашиот приоритетен културен производ, нашиот национален културен квалитет во визуелните уметности без кои македонската ликовна сцена во 2014 ќе беше навистина сиромашна? И кому впрочем ја продавате таа магла?

Каде ли би стасале кога вака би ги прочешлале и другите културни области, од издавачката до театрите, какви се’ глупости ни се продаваат како скапа култура? Или како, на пример, еден од вчера (само)прогласен Универзитет „Евро – Балкан“ веќе денес може да врши ископувања на неолитската населба во с. Могила и геофизичко скенирање на тумби во Пелагонија, или да врши археолошки истражувања на локалитетот Видин Град во неговото непосредно опкружување; или што бара Занаетчиската комора да јаде пари од Музејска дејност за наводен автентичен занаетчиски сувенир „Made in Macedonia“; или каква врска има Галичка свадба 2014 со парите од Музејската дејност; а уште повеќе Комисијата за односи со верските заедници да ги „открива“ светите места во Македонија; или навистина е од национално значење „проектот“ за уредување на Спомен-соба на дедо Митко, ороводецот на Копачката? Зарем без сите овие будалаштини македонската култура не ќе ја преживееше оваа 2014 година?

4.

Оттука, повторно, има вистина во мудрувањето на заменикон „стручњак“, ама ја утнал работата во степенувањето на нештата. Кај нас, имено, некултурата секогаш била најскапа. Народните пари безмилосно се арчат за се’ и сешто, главно за она што во секоја друга нормална земја би се нарекло или некултура или – забава. Но, ние секогаш сме биле забавен народ. Сме им служеле на другите за забава!

Кога би се собрале сите (не)културни буџети во изминативе години потрошени на идиотштини од горенаведениот вид, би дошле до фрапирачка бројка. Бројка којашто во Македонија, со два – тројца мааалку попаметни луѓе во културата, сигурно би дала сериозни резултати и на творечки план и на планот на заштитата на културното наследство.

А нашево Министерство за леб и игри дури се фали дека годинава ќе имале повеќе пари за трошење, ќе им го покачеле буџетот за некои 27 проценти, што ќе рече дека толку ќе ни поскапи и некултурата во државата. Ако пак на тоа се додадат и парите што секоја година ги јаде самото Министерство, а што за оваа година изнесува цели 394.918.000 денари, или 6.369.645 евра (!) што ги троши македонската (не)културна бирократија, тоа практично е едно цело богатство. За држави како нашава, 189 луѓе да дремат по цел ден и некој да ги плаќа толкави пари, е тоа е право лудило! Тоа е најскапата некултура што некогаш ја имала оваа држава, друже!!!

ЗА МОРАЛОТ … И ЗА ПРИЛЕПСКАТА КОЛОНИЈА

1.

Има една работа којашто денес многу ми се допаѓа. Само една. А тоа е што секојдневно учам. Дури и на овие, ај да речам, возрасни години. Има бре брате толку „учители“ по секакви мајстории и шашми, толку „стручњаци“ што просто им завидувам. И не можам да постигнам. Порано немаше толку „бистри“ луѓе. Немаше човек од кого да научи. Моравме да читаме книги. И да учиме. Овие денес ти држат скратени курсеви по се’ и сешто. Стручњаци, нема што. Иако меѓу нив има и многумина од стариот ков – односно повеќето се такви – персони што и порано сме ги гледале, дури сме правеле муабет со нив, ама денес многу пораснаа. За глава, две, и тоа на возрасни години. Демек, се опаметија, што и да значи тоа. И денес – тие одлучуваат. За се’, а главно за сешто.

2.

Зошто ваков вовед? Па, го читам Марин (некогаш) Бабиќ, сега Гермов, и прво не можев да сфатам што всушност е работава. Што проблем има човеков? Иако насловот „По 57 години ’се осмелија’ да ја уништат најстарата уметничка колонија во светот“ треба да е прилично јасен. Всушност, ме збуни таа паралела со „светот“ и заради тоа не ми отиде мислата накај Прилеп. Зашто, сепак, Ликовната колонија во Прилеп, подоцна меѓународна, уште подоцна Симпозиум за мермер, е’ најстарата ликовна колонија кај нас, ама во светот …? Сеедно, значи прво ме збуни „светот“, а потоа и нагласката на уништувањето. Која ли будала си зела, или добила, задача да ја уништува таа колонија? И зошто? И како? И потоа, пак јас наивен, помислив некое ѓаволе си немало друга работа и, да простите, си ги онаквело ѓаволчињата. Ама не било така.

А всушност, очигледно се’ уште не сум се прилагодил на новиве правила. Заборавам дека никнаа едно чудо будали и ѓаволи – што ќе рече има кој да се бави и со такви уништувања – а потоа, едноставно, на будалите не им треба вистинска причина. А како? Наједноставно, сите механизми, особено финансиските, им се при рака!

3.

Нејсе, препрочитувајќи го (со доза на неверување) Бабиќ, а потоа и „позитивната листа“ на Министерството за леб и игри наречена Годишна програма за остварување на националниот интерес во културата за 2014 година, гледам дека нема шега. Човекот имал право, будаливе навистина ја избришале најстарата ликовна колонија од списокот. На нејзино место се распослале едно чудо други, се петелат, демек тие го остваруваат тој национален интерес. Оние новокомпониранине колонии, каде учесниците ги бираат според сите други само не уметнички параметри, ги товат и појат неколку дена и потоа ги истовараат за по дома. Некои и ги тркалаат. Зависно од малиганската состојба! Е тие да ти биле денешниве претставници на некогаш прогресивната македонска заложба низ овој вид групни уметнички потфати да се пропагира и популаризира ликовната уметност и да се создаваат (вредни) дела за македонските музеи и галерии.

Кога сега би се зафатил со објаснување што и како претставува прилепската колонија за македонската уметност и култура, би ми требало многу простор. И време. Низ неа проструи творечкиот дух на стотици македонски и странски уметници и не е претерано ако се каже дека оваа колонија ги поставуваше стандардите на вистински македонски културен амбасадор. Ама мислам дека оние кои барем малку се упатени во развојот на ликовната уметност кај нас, знаат точно на што мислам. А можат да го (пре)прочитаат и Бабиќ, кој прецизно ги опишува ентузијастичките  почетоците. Ама – македонска работа. Или, на комшијата козата. Уште Бошко Бабиќ им беше трн во очите на некои полуписмени прилепчани, особено на некои маслосани „духовници“ кај кои џебот е подлабок од умот, кои сметаа(т) дека Македонија се’ уште треба да си живее „лагодно“ во 19-от век. И веднаш по неговата смрт, хиените почнаа да кружат прво околу манастирот, а потоа и околу колонијата. И никој со прст не мрдна во некаква одбрана! Не, дури и се ситеа. Сепак, некоја / некаква традиција и квалитет се задржаа и во видоизменетите услови, толку колку што дозволуваа средствата. Активностите се сведоа на некаков минимум, некогаш и под нивото на колонија од тој тип, за неа престана да се говори со вообичаената радозналост и интерес, впрочем како и за многу други подеднакво важни македонски културни институции. Некои од нив како да беа од некого предодредени за пропаст. Се разбира, во таквите типично балкански селски игри, секогаш се наоѓаат платеници да ги завршат валканите работи.

4.

Поточно, изгледа дека кога сите сме мислеле дека, вака-така, ама сепак, (не само) колонијата ја оставаат на мира, еве се појавиле нови „духовници“, оние од најлошиот бирократски и платеничко „стручен“ тип, за кои ништо не е вредно и свето, кои по директива уриваат се’ пред себе. Бирократите планираат, платените „стручњаци“ спроведуваат. И пишуваат образложенија. Онака, „стручни“. А за оваа година нашле двајца „вредни“ егзекутори во форма на една Комисија: еден „скулптор“ (кој наместо да прави скулптури божем пишува книги и истите ги изложува како – скулптури) и една библиотекарка која со години глуми „критичарка“, а инаку дежурна измеќарка за сите валканици последниве години.

И двајцава сиротани, како „стручно“ алиби на бирократите, велат дека токму оваа колонија да ти била најголемиот македонски проблем, ако ја нема неа се’ ќе ти било поарно, дека нејзината програма „не е во согласност со Националната стратегија за култура 2013 – 2017 и приоритетите наведени во“ некое нивно Упатство! Пази богати, ова „стручњациве“ да ти знаеле и што е стратегија, а да ти имале и упатство? За што? За уништување македонски културни и уметнички институции? Ако тие двајца ја виделе дотичната стратегија, јас секој ден ќе ја читам по сто пати, а за она неписмено упатство што бирократите го печатат на нивните формулари да не правиме муабет. Ама тука не запираат. За да целосно го запечатат злосторството тие не се срамат да кажат дека „особено внимание“ посветиле и на „финансиските елементи, квалитетот и успешноста на реализирани проекти на корисникот … во изминативе години“, и – трт, полуписмениве не ја завршиле мислата. Ама ја завршиле мисијата! Поточно, тие накусо кажале дека сето тоа што во Колонијата се работело со години не заслужува ни пишливи две банки, дека таа безмалу е жив грев на оваа култура … и – за неа нема пари. Мореее, „стручњаци“. И едниот – кој со години јадел и пиел таму, и другата – која со години терала одмор во Колонијата. Е ама сега, сега има директива. И шутрациве не се ни свесни дека одработуваат туѓи агенди, дека извршуваат туѓо испланирано злосторство, дека се само продолжена рака на група уличари. А можеби и не ги интересира, ако се добро платени, се разбира. Та тие и рода би погребале за грст сребреници!

ГРАБУЛЈордан Грабулоски

5.

И всушност, оттука и гневот, горчината, разочарувањето за овие и слични случувања што не’ следат со години. Воопшто не се битни неписменине и прости бирократи кои изигруваат некаква власт, а појма немаат ни каде се ни што треба да работат. Тие, впрочем, и не се навикнати да работат. Тие ги навикнуваат другите да – одработуваат.

И тука влетуваат полуписмениве неморални „стручњаци“, секогаш полетни и агилни некого и нешто да парчосаат, да закопаат, да оцрнат. Кај нив нема ни свест ни совест, нема меморија, а моралот е непозната категорија. И токму овие двајца бессрамници јас годинава ги повикував неколку пати да се откријат, да не се кријат зад Министерството за леб и игри и да ја образложат нивната „позитивна листа“ на уметници и изложби за годинава. Тогаш не знаев точно кои се. Сега знам, ама знаат изгледа и сите други. И како утре ќе излезат на улица, како ќе се појават во јавноста? Па зарем „проектите“ од типот на „Ова е Вардарската долина“, (видеопрезентација); Годишна изложба на основни училишта; „65 години НТ Антон Панов преку фотографии и плакати“ (ама тоа било театар, ама нема веза); „Туѓината – јадот и сјајот на душата“, ревија на костими; Изложба „Шарено велигденско јајце“; Моден дизајн, модна илустрација и ревија; „Land art 2014“ – ликовен проект; „Градина на бои – Допри ја уметноста“ … итн., се навистина од национален интерес? А Ликовната колонија во Прилеп не е?! Па каков е тој личен и професионален морал кој дозволува вакви перверзии? И пак ќе ги прашам – зашто сега знам кои се – за проектот на уметницата Тина Гверовиќ и Бен Каин? Односно, како е можно, „г-дине“ и „г-ѓо“, таа уметница да е добра за Теит Модерн во Лондон, а не за вашите идиотски „критериуми“? Немала потпишано преддоговор! А каков тоа преддоговор да потпишете со странски уметник, и на кој јазик? На македонски? И што да му ветите на тој странски уметник во преддоговорот? Дека две наши будали ќе одлучуваат за неговиот проект? Алоо, главите не служат само за потстрижување, треба малку и да се мисли со нив. Или воопшто и не можевте да го прочитате проектот зашто е на – латиница?!

И како тоа, господа „стручни“ платеници, пари може да добиваат секакви можни здруженија во Македонија, за секакви бесмислени „проекти“, ама никако кај вас да помине една нормална работа? И зошто, наспроти сите повици, ко глувци се криете од јавноста?

6.

Конечно, ако утре, некој, повторно и по којзнае кој пат, праша како тоа Македонија нема традиција, нема ова, нема она, одговорот ќе ни биде полесен. Веќе ја научивме лекцијата. Односно, ете има такви „стручњаци“ на кои ништо не им е важно. Тие се подготвени да распродадат се’ живо, дури и сопствената совест и морал, за да си удоволат себеси и на некои ситни уличарски интереси. Кога можат да ја подведат под сомнеж колонијата којашто буквално произведе илјадници дела, чии скулптури не се само низ цел Прилеп, цела Македонија, туку и во најважните ликовни институции во земјата, тогаш што останува за другите? Или сега некои од новиве „уметнички“ поила и товила треба да ги заменат некогашните колонии по кои Македонија беше позната?

А впрочем сега станува појасно и како функционира целиот систем на „нови вредности“ и „позитивни листи“ што за нечии интереси ги воспоставуваат овие платеници. Уништи ги старите, ќе промовираме „нови“! Какви – такви – килави, некому му вршат работа.