Monthly Archives: September 2015

СРЦЕ ИЛИ ЏЕБ

или

(НЕ)ЧИНЕЊЕТО КАКО ОБЛИК НА СОУЧЕСНИШТВО (4)

10.

Во принцип немам никаков проблем со тирадата на нашион Милчо национале дека „за да снимиш филм треба да имаш срце“. Секој има право на свој поглед на нештата. Иако, да бидам искрен, мислев дека за филм треба да имаш и некој други нешта, на пример – пари. Ама изгледа нашиве филмаџии лесно доаѓаат до нив па срцето им е поголем проблем? Но, од друга страна, мислам и дека ние, во глобала, со „срцата“ немаме особени проблеми и дури ги има(в)ме и отповеќе. Барем според тоа колку филмови се снимаат во земјава. Нам треба некој да ни каже што треба да се има за да се биде Уметник. Тоа ни е поголем проблем, а филмови – колку сакаш. И пари, особено кога ги дава Владата, онака, под рака и преку ред, како и орденон на Буш Јуниор. И мислам дека, особено кај „филмаџииве“, срцето е одамна престорен во – џеб. И тоа длабок, прилично!

И ова пак ме враќа на Најчевска: од толку филмаџии, писатели, сликари, музичари, културњаци … колку вистински уметници и професионалци имаме? Онакви кои би можеле / смееле на министерката за (не)култура да и’ го кажат тоа што навистина го мислат за нејзините (не)културни политики а не да се смешкаат ко луд на месечина.  Да кажат и што треба да се има за да се биде Уметник – па и професионалец, ако сакате – во вистинската смисла на зборот па отворено да се проговори за состојбите во културата и уметноста кај нас? Односно, што навистина треба да се има за да се биде претседател, премиер, министер, директор … или баш секоја неделкана будала кај нас е родена (и) за тоа? Или: како после цели десет години на театарската сцена се прекинува поданичкиот молк кај нас и се појавува претстава како „Време на забава“ на Бузалкова (во којашто „игра“ и минатиот пат цитираната Најчевска, во улога на балерина)? И зошто во една таква претстава нема ниту еден, ама баш ниту еден од оние омилени на власта и на по некој „писател“ фаворити и фаворитки што врескаат по партиски митинзи, (а сега тоа ќе можат да го прават и пеејќе ја славната им синдикална химна)? Дали ова значи дека во Македонија сепак МОЖЕ да се чуе и друг културен, творечки глас освен режимскиот и поданичкиот, ама неопходен е сериозен ангажман, а не само – срце? Тој тип на критичка творечка активност секако не е забава, иако насловот на спомнатата претстава упатува на тоа. Или – можеби им било навистина забавно да ја подготвуваат претставата? Прашање е колку е навистина забавно да се подготвува претстава без пари бидејќи, како што вели режисерката, им било јасно дека „… не ни смееме да конкурираме за пари од државата, ако сакаме да имаме навистина тотална слобода да го направиме она што сме го замислиле“.

11.

И тоа можеби е еден од цврстите џокери со којшто се оправдува молкот на малодушната македонска култура во вакви времиња на „забави“ – немањето пари! Кога во една земја сите пари, па и културните, алчно ги држи една партија и ги арчи преку министерката за (не)култура на нивни потреби, не секој, велат, е подготвен личниот бунт, или барем несогласување со актуелните (не)културни политики, да ги искажува на сопствен трошок. И патем да ризикува уште години да биде на некоја / нечија црна листа (за којашто сите, нели, велат дека не постои!).

Се разбира дека егзистенцијалниот колапс – кај нас одамна дојден до точката на живуркање односно голо преживување – е проблем што во културата и уметноста е можеби најизразен. Поточно, кај нас секогаш и бил, иако никогаш до оваа мерка. И познато е дека во отсуството на вистински културен / уметнички пазар, или милје, како сакате, и кога се’ што се случува во државата на планот на културата е горе-долу (пре)платено од страна на властодршците, кои и да се, не е лесно да се крева гласот против оние што плаќаат. Дури и ако тие плаќаат со туѓи односно со наши пари (а некои будали понизно ги нарекуваат мецени!). Но спомнатата претстава, како и неколку други (за жал малубројни) пројави низ годиниве (на пример, ми паѓа на ум активноста на „Кооперација“ и редица слични творечки „колективи“), коишто оформија интересна независна (свесно го одбегнувам префорсираниот поим андерграунд) уметничка сцена (барем во Скопје, но и во Битола, па Струга итн.), говорат дека може и поинаку. Односно, во контекстот на темата за (не)чинењето како соучесништво, таа сведочи дека македонската култура сепак не е мртва, дека не с(м)е сите соучесници во злосторството. Или, ако сакате, ако најголемиот дел од македонската култура и уметност премолчено ја прифаќа улогата на лабораториското глувче со кое идиоти си прават партиски експерименти накарадно наречени култура, ако најголемиот дел од македонските творци прифаќаат да бидат дневни аргати на неписмени газди, убаво е да се види дека има и некои гласови во тој хор што пеат атонално, дури фалшираат (според гледањето на етаблираната „култура“), само за да покажат дека се живи, дека се тука. Е за тоа треба срце, помеѓу останатото!

12.

Ако една интелигенција не сака да ја земе сопствената и општата судбина во свои раце, ако професионалците во администрацијата, и пошироко, не се способни да се изборат за својот стручен збор и став туку десет години се (о)ставаат под команда на кловнови, тогаш дефинитивно го губат правото да бидат нарекувани со тоа звучно име. Таа интелегенција односно таа социјална, интелектуална, културна, творечка и економска елита мора да биде идентификувана низ нејзиниот неспорен интегритет, цврста моралност, непоколеблив дигнитет и принципи ако сака земјата да има верба во неа. Ако тие не се совеста на едно општество, ако не се чувари на моралниот компас на народот, тогаш – што се? Замолчена и поткупена безлична толпа којашто се движи според насоките на властодршците? Тоа ли е примерот (не само) за нивните деца, за идните млади генерации? Или фактот дека нашето „независно“ новинарство дури денес, после толку години, „открива“ дека имаме целосно партизирана администрација? И со новинарите едно чудо „експерти“ дури сега гледаат дека таа администрација не е професионална туку е само сервилна и ништо повеќе? Можеби им требаат уште десетина години за да се доразбудат и откријат и дека повеќе немаат ниту држава?!

Знам, звучи премногу морализаторски, ама ние сме стасани до тоа дереџе. Дојдовме до фазата кога со гадење и презир гледаме на довчерашните ведети на научната, културната, уметничката … интелектуалната мисла во Македонија, кога луѓето си прават мајтап со највисоките македонски институции од реномето на една МАНУ, или Универзитетот, или судството или…! Таа интелектуална елита, тие професионалци со години плаќани од државниот буџет, прво, го поплукаа некогаш идеализираниот систем што до вчера (некои дури и гордо!) го градеа, за да денес се обесат на вратот на други – а всушност идентични, само понеписмени – властелини кои тотално го криминализираа македонското општество и урнисаа се’ по ред. Или, ако сакате, во што е разликата помеѓу оние осумдесеттина „народни“ пратеници кои секојдневно креваат рака „за“ продолжување на животот на ова злосторничко здружување, и оваа безимена толпа што континуирано молчи безмалу десет години?

П.С.

Ако е точно, а немам причина да не му верувам на Геровски, дека во тимот на спец-обвинителката се нашла и таа „професионалка“ која го притворила Кежаровски, тогаш во мојата теза за нечинењето како соучесништво доаѓаме до уште еден апсурд: дека токму чинењето – и тоа она најотворено, најподаничко соучество во македонските злостори – се покажува како одлична препорака, дури доблест, и за времињава во коишто се надевавме на промени. Па тогаш, зошто воопшто нешто да се менува? Најефтино е се’ да си остане по старо! Господ на помош!!!

ЈАС ИЛИ НИЕ

или

(НЕ)ЧИНЕЊЕТО КАКО ОБЛИК НА СОУЧЕСНИШТВО (3)

7.

Не случајно ја спомнав идиотската химна на СОНК, зашто токму тоа е обележјето на денешните „професионалци“ во културата (а веројатно и во образованието, науката итн.), олицетворени во нивните „министри“, се разбира. Зашто, зарем сериозни професионалци би трпеле такви полуписмени „министри“ кои со нивното незнаење им одземаа(т) десет години од „кариерите“? И затоа и верувам дека тие ќе се редат и со задоволство ќе урлаат според малоумните рими на оваа златнославејска песничка, за којашто, велат, повторно министерката за (не)култура дала пари. За какви „професионалци“ – таква химна. Зашто никој од нив глас не крена кога им носеа од дома домаќинки за директорки во национални уметнички музеи, или дури од Демир Капија (бреее каков археолошки топос станала таа паланка!) за директорка во новиот Археолошки музеј, или кога за претседател на (п)откупната комисија за музеите ја сместија онаа која  „омажи“ толку дела во профитерската трампа на векот помеѓу Уметничката галерија и една македоно-белградска бараба …

И затоа, овде не станува збор за обичните гласачи на една или друга партија, за симпатизери на една, друга или трета политичка опција, туку станува збор за воспоставен однос помеѓу стручната интелигенција и властите, за изградени поданички, или клиентелистички, како сакате,  релации – повеќето (пот)платени со одредени привилегии. Велам повеќето зашто не може човек туку-така да ги обвини сите стручни луѓе во државава, особено оние во администрацијата, дека влечат некакви – нека се и минимални – бенефити од оваа криминална власт, за себе или за своите. Но, останува мистерија како можеа / можат да премолчат континуирано, систематско неуко владеење на незнајковци, како архитекти можат молчешкум да ги гледаат оние стиропорни објекти низ Скопје (иако, всушност, архитектите, барем голем дел од нив, беа најгласни меѓу македонските професионалци во културата), како историчарите на уметноста и уметниците можеа / можат да останат индиферентни пред оние карикатури од скулптури во центарот на градот, како македонскиве т.н. писатели успеаа да одмолчат цели десет години наспроти сите идиотизми што ги преживеа македонската култура и уметност, како можеа македонските музичари да останат неми на расфрлањето буџетски пари за глупостите на македонската естрада …?

8.

Се разбира, останува на ниво на хипотеза дали, и колку, нешто ќе се сменеше во македонското културно секојдневие ако професионалците, низ нивните професионални асоцијации но и самостојно, реагираа од самиот почеток на оваа македонска културна бламажа меѓу и околу нив? Дали ако повеќето македонски скулптори реагираа на начинот (и диктатот) на реализацијата на онаа беда и јад наречена споменици низ централното градско подрачје, дали можеби ќе го сопреа процесот? Дали ќе имаше ефект ако ним им се придружеа и професионалните аоцијации на историчарите на уметноста и критичарите? Зарем не се засрами цел Архитектонски факултет (со чесни исклучоци) читајќи го проф. Константинов (на негова возраст!) и неговото настојчиво објаснување на идиотштните на нашиве политички „градители“ и нивните стручни стирополагачи од „форматот“ на оној сеприсутен Чаушевски? Зарем „табернакулци“ не го слушнаа потсмевот но и гневот на (нека е и малубројната) јавност во врска со нивната „награда“ од името на оваа криминална власт, па продолжуваат и оваа година со таа комедија? Како што пред цели шест-седум години се собраа сите оние – ај да не кажам што – од Македонската филхармонија, нацуцулени ракоплескајќи пред темелите на новата зграда што требаше да биде готова за две години, зошто годиниве наназад никој глас не пушти за тој се’ уште незавршен објект? Ако оној СОНК, наместо да составува онакви идиотски клепаници, се зафатеше со општокултурни протести при воведувањето на 86-те (се разбира, импровизирам) платни разреди во културата, ќе се осмелеше ли (не)културнана министерка да донесе таков закон?

Или, ако сакате, а да излеземе малку од кругот на културата: претседателот на некојаси fucking стопанска комора се’ уште говори за некакви одговорни луѓе кои го проектирале буџетот, за некоиси проекции и калкулации. После толку години економски крах македонската „бизнис“ заедница да ти имала доверба во овие криминалци? Или, ако сакате уште еднаш, од каде толкав страв од предлогот за месечна транспарентност / јавна отчетност на буџетот? Кога само Министерството за (не)култура месечно би ги објавувало финансиските дознаки до поединци, групи и групички, би ги покренало ли тоа нашиве професионалци на повишен тон?

Да, сето ова може да се нарече чиста шпекулација, ама ниту една власт не е имуна на протести, особено не на протести од страна на стручната интелигенција! Впрочем, тоа најдобро го покажаа студентските (и професорските, иако малубројни) протести на почетокот на годинава. Кај нас,  вчера, и особено денес, не станува(ше) збор само за личен, персонален / професионален став и избор туку за – историски став и избор! Став и избор за добробит на опстанок на оваа култура!!!

9.

И да, како да сето тоа му се случува(ше) на некој друг и нив тоа не ги тангира. Тоа, се разбира, во малку поинаква форма, е вообичаениот одговор на интелигенцијата секаде во светот: ние не знаевме што се случува! Нормално, сите се овде ќорави или слепи, глуви или наглуви, сите се зафатени со личните „проекти“ и проблеми и не гледаат што се случува надвор. Никој овде не гледаше како се упропастува цел еден град, како се девастира цела една култура, како се дезоириентира цела една уметност. Сите беа зафатени со својата работа и не знаеа што му се случува на – другиот! Огромното, сеприсутното „јас“ надвладува над бледото и неважното „ние“. Свеста, моралот, етиката се развиле само до степенот на самопреживување, илити, ако сакате, до степенот на некои пониски форми на егзистенција.

Во оваа насока, еклатантна е експликацијата на големиот Мстислав Ростропович, еден од шиканираните (но преживеани) творци во времето на Сталин, кој за колегите вели: „Зарем мислите дека мојот голем пријател Шостакович, кој напиша неколку дела специјално за мене, или мојот близок пријател Хачатуријан, или композитор како Кабалевски, не знаеа низ што поминувам додека бев прогонуван? Тие знаеа! Шостакович и Хачатуријан ме видоа неколку пати како липам. Зарем не можеа сите да отидат кај членовите на владата, да им кажат: знаете, Ростропович е уметник кој се’ уште може да и’ служи на Советската музика; може да ни биде од голема музичка полза, не го отпуштајте! Тој има многу студенти и ќе ја онеспособите нашата чело програма?“[1].

И ова е само еден пример од многуте, не само од времето на Сталиновите чистки во СССР. Колку пак слични примери на нечинење, на нереагирање можат да се најдат во Германија во времето на фашизмот, или секаде низ светот во времиња на авторитарни режими? Многумина ова прашање ќе го видат повеќе во светлината на личните, човечките карактеристики односно мани (ако воопшто овој збор одговара), но зарем професионалците, особено професионалците, интелегинцијата, не треба да биде токму пример и за другите? Некој ќе забележи дека во Македонија, денес, сепак нема таков прогон и погром на интелегенцијата како во времето на фашизмот и сталинизмот. Ама, прво, прогон има, и тоа оној најперфидниот – сеприсутен но тивок, безмалу нечуен (демек незабележителен!), проткаен со тотално игнорирање, оневозможување, замолчување. А потоа: ако во вакво време македонската стручна интелигенција молчи, ако во втората деценија на дваесет и првиот век нашите стручњаци и професионалци се согласни да бидат тотално исклучени од најважните општествени текови, тогаш како ли би се однесувале во потешки, покрвави времиња?!?

П.С.

Кога сите би имале, да простите, муда како Мирјана Најчевска па да ги именуват работите и персоните со нивните вистински имиња, а притоа да се самопрогласат кој за Плисецкаја, кој за Пикасо, некој и за Толстој, нештата во македонската култура (и општество) дефинитивно би тргнале на подобро. Овака, со локалниве ќутолози, секоја будала станува претседател, премиер, министер … директор … стручњак …!

[1] Claude Samuel, When Silence is not Golden, (conversations with Mstislav Rostropovich and Galina Vishsnevskaya), Azerbaijan International Magazine, Summer 2005 (13.2)

КОНФОРЕН МОЛК

или

(НЕ)ЧИНЕЊЕТО КАКО ОБЛИК НА СОУЧЕСНИШТВО (2)

4.

Не случајно го спомнав (с)ломот на моралната вертикала на македонската интелигенција и професионализам како битен фактор во општата девастација на системот. Зашто, иако за политиката можеби моралот е небитно оптеретување, за стручниот кадар, за професионалците, за творците тоа би требало да биде (нај)битен репер. Зашто нема стручност, нема професионалност без моралност. Но, политиката, како и парите, ги расипува луѓето. Не случајно О’Конел (Daniel O’Connell), ирски политички водач, велел дека „ништо не е политички исправно ако е морално погрешно“. Во Македонија, денес, политичкото стана примарно, а моралното, стручното, професионалното заборавено. Меѓу политичкиот (или политикантскиот) и моралниот концепт, превагнува првиот. За жал. И никој не сака да види дека неморалноста ги води во криминал!

Токму затоа оваа година се покажува клучна за победата и на македонската моралност, за (повторно) наметнување на моралната, стручната, професионалната вертикала како единствено можна во едно современо општество. Оттука, не знам дали може некој сериозно нешто да му приговори на ставот на Фрчковски дека развојот на настаните сведочи за „голема победа“ на демократскиот и опозицискиот курс односно пораз на сите опструкции на оваа криминална власт. Со мала или со глема помош на странскиот фактор, сеедно, атмсоферата во Македонија суштински се менува и тоа е една од големите придобивки на овој период.

Но, она што мене ме интересира е: како е можно македонската култура да живее толку години во тоталитарен мрак; зарем никој (со чесни но малубројни исклучоци) од таа армија „професионалци“ не само во администрацијата не најде за потребно да крене глас против сите узурпации на системот; дали конформизмот, лукративноста, синекурата беа / се основните (движечки) мотиви на македонската интелигенција и професионалците во културата …? Кому, впрочем, треба да биде (условно) благодарна македонската интелегенција за сите (лични и општо, културни, творечки) придобивки во изминативе децении – на поединци од оваа власт или на државата како целина, нејзината култура и уметност? И немаа(т) ли обврска да проговорат во одбрана на таа култура и таа уметност?

Ако, на пример, Димче Протуѓер и Борко Лазески, во далечната 1954 имаа доволно смелост и прифесионален дигнитет јавно, на страниците на „Разгледи“, да се спротивстават на соцреалистичките ставови на еден Киро Хаџи Василев (тогашен висок партиски функционер, министер за просвета, министер без ресор итн.), како тоа денес – после цели шеесет години – никој од етаблираниве творци, професионалци и интелектуалци нема(ше) смелост да се спротивстави на глупостите на „госпожа“ министерка? Ако пак спомнатите Протуѓер и Лазески гледаа опасност во тврдењето на Хаџи Василев дека уметноста не смее да му служи на уметникот „… за некаква ’слободна’ егзибиција на, со ништо неограничената, разгоропадена уметникова фантазија, којашто може да роди, се разбира, најмонструозни и најневозможни творби, како што тоа речовито го покажува имено современата западна пикасовска уметност“[1], како никој денес не виде дека наназад десет години власта не само што ја ограничува уметноста и културата туку дури и диктира што и како да се гради, какви споменици да се прават, каква музика да се создава …!?!

5.

Колкумина македонски интелектуалци, уметници, творци, професионалци видовме на неодамнешните протести низ Скопје, колкумина од нив сме прочитале во малкуте независни весници или сме ги виделе да отворат уста на некој од подеднакво малкуте независни медиуми? Се бројат на прсти. Пропаднаа во нивната опортуна малодушност, во улежаниот садистички систем на делење според заслугите кон режимот, се удавија од затворените усти и умови.

И не дека сме ние исклучок. Сосема идентични ситуации покажаа и други култури во дадени турбулентни времиња. Арапската пролет во Тунис, Мароко, Египет, сега во Сирија, тотално го урниса кредибилитетот на многу интелектуалци и творци кои важеа за модерни, смели борци против неправдата, а во интерес на човекот и културниот напредок. Еден Адонис, носител и на Струшкиот венец, „е парализиран додека Арапската култура се движи околу него“[2], вели Мона Нагар, „и ги предаде сите идеали што ги пропагираше … Тој маневрира и очигледно се надева дека ’темните облаци’ бргу ќе поминат“. Но тие не поминуваат, Сирија стана синоним на крвопролевање и болка, но Адонис – молчи! И истата приказна се повторува со редица видни арапски интелектуалци и творци кои ги одмолчаа и Арапската пролет, и демонстрациите на плоштадот Тахир во Каиро или авенијата Бургиба во Тунис, ја вртеа главата на друга страна кога илјадници нивни сограѓани бараа слобода, права, подобар живот.

Ние само ги усовршивме начините, механизмите на молк и нечинење, ги доведовме речиси до совршенство. И воведовме наши, ама и пошироки „стандарди“: дека професионалната администрација мора да биде исклучиво партиска и да служи на партијата на власт, дека уметноста мора да биде целосно партизирана а носителите на истата да ја носат партиската ккнишка блиску до срцето а далеку од умот, дека културниот денар од сите граѓани е за распределба според строго партиски и послушнички критериуми …

6.

Се разбира дека таквото недолично поведение на интелектуалната и професионалната елита и’ беше добредојдено на власта. Оттука, qui tacet consentire videtur (молчењето е одобрување), иако можеби  најслабата / најлабавата форма на некаква претпоставена консензуална „согласност“, сепак беше сламката за којашто се закачи свеста на неписмениве дека цела Македонија, бидејќи молчи – ги одобрува нивните „политики“ (и) во културата. Оние малкумина кои говореа и пишуваа, оние малкумина кои протестираа против, тие беа непатриоти, некадарници, соросоиди …

Молчаливата Македонија навистина премолча се’, како во нем црно-бел филм во втората деценија на дваесетипрвиот век, како фон на некоја  Чаплинова урнебесна комедија. Конфорот и привилегиите на нашите стручњаци, професионалци, експерти, интелигенција … не можеа да го нарушат ни т.н. бомби на опозицијата, ни пленумите, ни стиропорот, ни лошата бронза и фалшивото злато, ниту палмите низ целата држава или средновековните галии и врби среде Вардар, потсмевот на целиот свет или  општото рангирање меѓу најмизерните земји во светот. Затоа и зачуденоста: која е таа стручност, кој е тој професионализам и интелигенција што утре ќе не’ извадат од оваа кал којашто денес упорно не сакаат да ја видат? Можеби онаа „стручост“ и „професионалност“ што здушно се издерава на новата химна на СОНК, нивната „клетва и заклетва“, за сите времиња!?! Па малоумни едни, во 1945 година не се пеело така! И сега Лисичков прашува: нели им е срам? Па како може на малоумни да им биде срам?

[1] Денес 1953 – 1983, Уметничка галерија Скопје, Скопје, 1983, стр. 83

[2] Mona Naggar, The Silence of the Thinkers, Qantara.de 2011

„ПРОФЕСИОНАЛЦИ“

или

(НЕ)ЧИНЕЊЕТО КАКО ОБЛИК НА СОУЧЕСНИШТВО (1)

1.

Некако паралелно го слушам Заев (на „Вин – вин“) и го читам – не многу внимателно, признавам – предлогот од актуелниве „стручњаци“ за измени и дополнувања на Законот за заштита на културното наследство. И ајде после некој нека каже дека нема(ло) никаков договор помеѓу двете партии? Заев говори (не прв пат!) за македонската професионална администрација, за потребата да се има доза на почит кон оние професионалци во актуелнава бирократија кои чесно и совесно си ја вршат работата. А Законот, односно предложените измени и дополнувања (повторно) се плеткаат со некакви лиценци, со некакви испити, со бази на прашања, тестови, комисии за верификација на прашањата и слични будалаштини од „професионален“ тип. Односно, сакам да кажам дека сите некако удриле на оваа тврда професионализација – не само во културата, на добивање на некакви (пара)стручни дополнителни дипломи и лиценци од, повторно, (пара)стручни комисии, а никој не гледа како (не) ни оди работата! Па со толку образовани стручњаци, со толку професионалци, со толку лиценцирани и со триста дипломи потврдени експерти … зарем оваа држава ќе беше на ова дереџе (не само) во културата?

И од каде таа необјаснива глад за нови професионалци и лиценци, за персони со најтазе потврди и дипломи, за допрофесионализација на постојните ионака професионални кадри? И кому, и што му гарантираат тие, и за што им се потребни кога тоа се истите лица кои ионака ги вршат истите работи? Односно – не ги вршат! Што ќе се промени со тие лиценци?

2.

Се разбира, не мислам дека има каков и да е’ договор (дури и) по ова прашање меѓу партиите. Скраја да е. Напомените на Заев околу „професионалната“ администрација сакам да ги гледам само како некаков политички бонус на СДСМ на ова шутрациве заседнати во македонската администрација, како необврзно заобиколување – барем во дадениот миг, до април – на најгорливиот проблем (покрај криминалот, некој би рекол) во македонското општество. И тоа е нивно право, нивен начин на објавување на евентуалните идни чекори што би ги правеле како влада после април 2016, со задолжителните дообјаснувања (а ќе мора да ги има) во некое догледно време. Зашто лично не верувам дека некој кај нив мисли сериозно кога го говори ова. Дури ни Заев. Тие можеби посакуваат така да биде, ама …! Или спротивното однесување некој би го толкувал како реваншизам? Не би рекол.

Односно, веќе цела Европа знае што и како се случувало во Македонија во изминативе десеттина години. Па зарем таков криминал и со такви размери, зарем таква нестручност (да не речам глупост), зарем такво незнаење ќе беше можно со професионална, стручна администрација за којашто (сака да) говори Заев? На крај памет не ми е да негирам дека има(ло) и такви – стручни и професионални кадри во македонската државна администрација – ама, сликовито кажано, тоа би било како микро оазички во пустината на смртта. А треба да е обратно: професионалноста и стручноста да се оазата во којашто се провлекле смртоносни островчиња жив песок! Ама не е така, за жал, и нашето секојдневие тоа го потврдува.

Или, ако сакате, да не грешам душа, ама како би било можно сериозни стручњаци и професионалци – барем во културата – да останат неми на сите идиотштини што ни се случуваа во оваа област изминативе години? Каде беа / се тие „професионалци“ во времето на разнебитувањето, партизацијата, параинституционализацијата … на македонската култура и уметност? Некој им слушна ли глас, прочита ли нешто од нив, го виде ли некаде да протестираат против комплетната девастација на културата? И бидејќи го спомнав Законот за заштита на културното наследство: се јави ли некој (освен Барџиева!) да протестира против запишувањето на малоумните нови стиропорни објекти во Листата на заштитено недвижно културно наследство? Или тие, оние со идните лиценци, се престручни за такви баналности? Тие би, можеби, веднаш да ги (пре)откриваат египетските пирамиди, или да му се приклучат на нашион академик во новото „дешифрирање“ на каменот од Розета?

И, извенете на прашањето, какви се тие професионалци кои цели девет години ја накривиле капата, подработуваат тук-таму по нешто за да ја оправдаат платата и – уста не отвораат? Како можат да седат мирни ко кленови покрај се’ што се случува(ше) во културата годиниве, а и понатаму да се сметаат себеси за стручњаци, за професионалци, лиценцирани или не? Во македонската култура во изминативе години требаше да се случат најмалку неколку културни револуции токму од заспаниве професионалци, и тоа по суштинските прашања за опстанокот на оваа култура. А се случи – сматок, ќорфишек, катастрофа, цунами …! Ама тие се се’ уште професионалци?!? И некој смета на нив, утре, задутре?

3.

Од друга страна, кога ги гледате актуелниве назнајковци и нивното континуирање измислување на нова и нова „топла вода“, просто човек останува без текст. Ама они немаат гајле.

Во таква светлина и ова инстистирање на некаква дополнителна (а всушност многу сомнителна) допрофесионализација, доусовршување, лиценцирање … на сегашнава администрација и „професионалците“ од страна на неписмениве на власт. Едно од можните прашања е: дали тоа е нивна компензација за личната неписменост, незнаење, неспособност … за работите за коишто ги плаќаме, па од другите го бараат тоа што тие – го немаат? Како инаку да се објасни оваа трка по стручњаци со секакви лиценци кои, ете, веќе утре божем ќе ни го сменат животот во културата, или во случајов во заштитата на културното наследство? На пример, прво, дали некој им побарал проверка на знаењата од областа на културата – односно нивна подготвеност, да не речам поткованост, што може да е посоодветен термин – на министерката за (не)култура, а потоа и на нејзиниот заменик? Зашто, некој ќе праша: каква врска има социологијата со културата? Да, постои социологија на културата, ама нашево Министерство за (не)култура не се бави со тоа, ниту пак министерката е специјалист за социологија на културата. Затоа, ќе и’ побара ли некој, па нека е и денес, после толку години, формална (но и фактичка) лиценца за бавење со оваа материја? Или можеби затоа културата ни е на ова ниво, заради нејзината некомпетентност?

Ако пак таа е тотално некомпетентна за работата што (не) ја врши, можеби и’ дале компетентен заменик? Ама, тој со земјоделски факултет тешко дека би бил покомпетентен од неа, односно воопшто компетентен за што и да е’ друго во врска со културата. Или некој ги помешал лончињата „култура“ и „земјоделска култура“?

Ако пак првите двајца надлежни за културата на оваа држава се тотални дунстери за областа, апсолутно неподготвени и априори некомпетентни, тогаш за каква стручност говориме, за какви професионалци, за какви лиценци? И за каква култура воопшто можеме да говориме во оваа држава кога и остатокот од културниот „кадар“ по институциите е слика и прилика на првите двајца челници на македонската култура? Оттука, ние (да го парафразирам проф. Малески) не само што имаме „слом на демократскиот систем“, туку имаме (с)лом на човечкиот материјал, на неговите професионални, стручни и морални шевови. И тука веќе не е прашање само на спороста на идниот „процес на негова рехабилитација и консолидација“, туку е прашање на идната доверба во таквите „професионалци“ и „стручњаци“!

КОЈ ПРОФИТИРАШЕ ОД ОВА?

или

КУЛТУРА СПОРЕД ПРОВИНЦИСКА МЕРКА (7)

22.

Уште еднаш: ако некој мисли дека штетите од повеќегодишното таложење на лажната самодоверба, некритичност и отсуство на мерка од типот „во генот на македонското ’јас’ силно одекнува исконско ехо за убавите нешта“, се лесно надоместливи – се лаже. Или некој можеби мисли дека, на пример, тврдењето дека „македонската ликовна сцена убедливо, модерно и храбро чекори во ритамот на современоста рамноправно со сите други“, искажано од истата млада уметничка, директно од Париз, не е апсолутен производ на општата самобендисана провинцијална клима од последнава деценија? И ова е само една банална илустрација на перфидното влијание на наметнатиот систем на не-вредност, на лажни величини, на отсуство на мерка и критериум.

Од друга страна, знам дека многумна ќе кажат дека и не е така тешко да се критикува провинцискиот менталитет на провинцијалци, кич-вкусот на кичери, паланечката мерка на сељачаана … односно дека е многу лесно да се пишува за овие и вакви актуелни (не)културни „политики“ на една булумента полуписмен свет кој некако се добрал до власт. Ама – тоа е нивни проблем, нели? Иако не е само нивни проблем, зашто нивелацијата на вредностите и критериумите според нивната провинцијална рамка цунамивидно зафати огромен дел и од онаа врвна македонска култура, оној дел од некогашната елитна македонска интелегенција, сега нурната заедно со нив во калта на паланката, уплашена за својот задник и профит. Токму тој дел, впрочем, на македонската култура и интелегенција овозможи ваков лупинг на македонската култура и уметност, безумно (или свесно?) вклучувајќи се во овој повеќегодишен dance macabre што ништеше се’ пред себе, лакомо и соучеснички грабајќи го своето парченце од културниот колач. Токму тој дел, впрочем, на македонската култура и интелегенција овозможи криминалци да се вгнездат во највисоките пори на државата, дијалекти да го исплукаат литературниот јазик, технички секретарки да стануваат министерки, домаќинки директорки, понављачи стратези, уличари идеолози, итн. Дисолуцијата на вредностите не можеше да биде протуркана сама од себе или само од овие незнајковци. Беше потребна помош и истата беше дадена. На (сребрен) послужавник, сосе врвните македонски вредности на него. Онака, како од чиста заебанција, а всушност од лакомост и профитерство, од пуста глад да останат вклучени (и) во овој грабеж, некој да не им го зафати местото. За една или две книги повеќе, за една или три изложби во некоја европска дупка, за комисиички, за хонорарчиња и ситни бенефиции додека оние горе товареа шлепери и галии незаработени пари. Пред нивни очи. А овие – молчеа!

23.

Основното прашање и тука, во оваа провинцијализирана современа култура по паланечки терк не е: зошто ни требаше ова? Тоа прашање е безмалу небитно, или со познат одговор. Битното прашање е: кој профитира(ше) од тоа? Само тоа прашање е легитимно и легално и треба веќе утре да посочи на бараните одговори. Иако горе-долу ги знаеме уште денес, а ги насетувавме и вчера. Тоа се оние истите бедни човечиња (како оној од „најреномираниот“ ни фестивал!) кои денес божем се пренемагаат дека се ужаснати од поделбата на македонскиот народ а всушност настојчиво, секојдневно работат во таа насока зашто само во таква поделеност можат да бидат важни во оваа култура. Тоа се оние исти третокласни глупици и глупци кои немаше никој да ги спомне ако не врескаа(т) на партиските митинзи и по социјалните мрежи. Оние силни доктори на науки кои во листите за културно наследство впишуваат стиропорни објекти изградени вчера и денес, или со сета сила на својот беден авторитет сакаат да не’ убедат дека „сјајот“ на руско-украинскине плакати обесени низ македонскиот музеј на хоророт е нашиот современ уметнички врв. Тоа се истите сили на паланечкото мракобесие кои само во вакво наметнато (само)изолирање можат дома да лажат колку се важни и неопходни за оваа земја и култура, кои ги здебелија личните конта на трансакционите и девизните сметки секојдневно одејќи на поклонение пред дворската камарила по нови и нови задачи против сопствената култура. А впрочем провинцијата така функционира: како неколку баби средсело, како три-четири оговарачки кои целодневно мелат и создаваат афери, како пиљари кои продаваат грав за кавијар!

Многумина „учени“ кои елоквентно партиципираа во нашава партизирана провинцијализација, една демек почнал да размислува „… колку е падната етиката на сите професии. И колку се сите професии понижени: од професор, преку лекар, до келнер“. Што перфидно ја префрла вината на професиите а не на поединците, на човекот. Божем професиите, еве во културата, беа тие што ја уназадија македонската култура за цели два-триесет години, божем професиите беа тие што билдаа кич и партиски значки како барјак на оваа култура и уметност! А така ќе биде и утре. Провинцијалците и партиципиентите, злосторниците и нивните помошници ќе бараат вина во некој трет, можеби (повторно, по којзнае кој пат) во историските неприлики, во опкружувањето … во професиите … !!! А „ученион“ пак ќе подучува дека „Долго време живееме во поделена колективна свест, во еден вид колективна полит-медиумска шизофренија. Расцепеност на две“. Не, ние – не, тие – можеби, иако и тоа е само мамка, маска, отстапница за утре.

24.

Ако профитерите горе-долу ги знаеме, губитниците – уште повеќе. Не само цитираната млада уметница и нејзини помлади и постари колеги и колешки. Станува збор за генерации и генерации растени во извртен на глава систем на вредности, во лажен сјај и креирана „самодоверба“.

Оттука, наш проблем секако е што ги трпевме толку долго и што ќе мора да се справуваме, долгорочно, со штетите. Како знаеме и како умееме, односно ако знаеме и ако умееме. Зашто минатото, па и сегашноста, не се некоја голема утеха бидејќи покажуваат дека има(ло) големи сличности во третманот на културата и на другата страна, во т.н. опозициски блок. И не само во минатото. Малкуте (со оглед на распоредот на политичките сили), но сепак актуелни примери, покажуваат дека и таму, за жал, владее провинциска мисла и неразбирање што е’ а што не е култура, дека културниот денар често е само параван за заебанција на општинските власти и подмирување на повторно оживеаните апетити на еден дел од вечно гладната македонска сивоеминентна култура! Тоа се „опозициските“ структури за кои новогодишните прослави и градското украсување или пак „манифестации“ од типот на „Денови на македонскиот мед“ и печатењето општински рекламен материјал се третираат како – култура! И таквите будалаштини, ни сантим подалеку од владеачката провинциска логика во културата, некој ги третира сериозно и ги троши пари на граѓаните. Кај нив веќе сега се прилепени сите минати шалабајзери, а сегашните чекаат на ред.

Токму затоа, сериозната опозиција има сериозна задача бргу да покаже современ концепт на културни политики, а за што има реални назнаки. Да покаже дека културата не е само песна и игра, и тоа лоша песна и игра, дека македонската култура не е периферија, а уметноста провинција, дека парите вложени во културата можат да претставуваат сериозна инвестиција. Едновремено, утрешната културна политика ќе мора да се темели на современи знаења и практики, а трабантите – кои секако веднаш ќе се прешалтуваат, а старите ќе кренат глава – децидно и јасно да ги исклучи од главните текови. Зашто, не може оние кои намерно ја провинцијализираа културата, кои наметнуваа дилетантски „уметнички“ практики и кич светоглед, сега повторно да бидат во жижата на реставрацијата. Бидејќи токму реставрација од најстручен тип им е неопходна на македонската култура и уметност, хоризонти што ќе натфрлат над граничните ѕидови издигнати од незнајковци и неспособни, што ќе ја отворат вратата за светот и за нас во него. Тоа подразбира и цврсти стандарди и критериуми за вредност (иако, нормално, шупелкиве повторно ќе се обидат се’ да релативизираат!), квалитет наместо квантитет и уметност наместо кич.

Ако пак почнат и утрешните одговорни за културата да се вадат дека тоа не се прави преку ноќ, дека македонската култура е тотално девастирана, дека гласачите барале ова и она, дека … тогаш подобро нека не се зафаќаат. Ако повторно почнат да ги слушаат советите на оние нивни пулени и некогашни големи душегрижници и сиви еминенции кои вообичаено се повикуваат на нивните не-знам-какви „заслуги“ и „квалитети“ – подобро нека не се зафаќаат. Зашто, не дека македонската култура не е тотално девастирана, не дека еден огромен дел творци и културни работници не се целосно избламирани, не дека и нивните гласачи нема да бараат ова и она … и точно е дека сето тоа не се прави преку ноќ, ама се прави – бргу. Ако знаеш. Ако не, тогаш ни пет години не се доволни, а голготата на македонската култура само ќе се продлабочува. А патот од подрумот до пеколот не е долг!

ПОДРУМОТ НИ Е ОДАМНА ТАТКОВИНА

или

КУЛТУРА СПОРЕД ПРОВИНЦИСКА МЕРКА (6)

18.

Се разбира, крајот делото го краси! Малку ни е што кошаркарите ни ги сервираат Калиопи и Каролина, сега и на фудбалерите требал да им пее – „хер“ Кајмаковски, „венцоносецот“ на последното место на „Евросонг“. Што ли си мислеа оние во ФФМ, дека Кајмаковски може да им биде некаква среќа, кога самиот за себе е малер? И, ни мање ни више, на нашиов прв од позади мораше клавир да му свири никој друг туку Симон Трпчевски!(?) Пијанистот кој настапува во „Ројал Алберт хол“ ние го третираме како придружба на Кајмаковски, свирејќи ја македонската химна. Или нашиве мислат дека тоа за него е голема чест? Веројатно, а уште поголема кога му свири на Кајмаковски. Зашто, тоа се нашите репери за вредност: Трпчевски го придружува Кајмаковски. Не обратно, никако обратно, зашто кај нас „ѕвезда“ е вториов (односно последниов), а Трпчевски ако сака нека свири. Ако не – ќе најдат друг. Или пак и на тој толку му фаќа умот, дека служи како параван на еден кафански пеач?

Но впрочем, токму тоа и го споменав неодамна: дека оваа македонска фалична и до зла бога паушална државна „категоризација“ на (не)вредностите во исти кош ги става и Калиопи и Милчо Манчевски, и Каролина и Горан Стефановски, и Алачки и едикојси, а еве сега и Симон Трпчевски со Кајмаковски! Како што ја направи и Есма национален уметник. И како што и деновиве ја направи и Ана Дурловски национален уметник. И тоа со комисија во која што членува (дури) и академик Ќулавкова (веројатно како протеже на идејата за национален уметник што ни ја донесе дури од Украина!). И уште еден академик, Газанфер Бајрам. Кое ниво – за Комисијата или за академициве, не сум сигурен. Можеби заради тоа МАНУ нема време да се зафати со посериозни нешта што ја мачат државава и нејзината (не)култура? Не можат да се откажат од членството во вакви петпарачки комисии? Пуста пара, буши дури и во МАНУ.

Инаку немам ништо, ама баш ништо против Ана Дурловски. Напротив, со задоволство ја слушам. Ама таа е родена во 1978 година, а дебитирала на македонската сцена во 2000-та. И за петнаесет години стана национален уметник? Наспроти Бајруш Мјаку како противкандидат? Извинете, академици, ама вие појма немате ни од култура, уште помалку од вредност во вистинската смисла на зборот. А впрочем, токму таква ни е и „културата“ на Академијата. (На другите членови на Комисијата мислам дека не вреди човек ни да се обраќа. Ем не би разбрале, ем тие си одработуваат други долгови!).

19.

Но, кога напишав дека крајот делото го краси повеќе мислев на говорот на премиерот (ако некому му пречи што зборот е напишан со мала буква, нека се јави ќе му објаснам зошто е така направено!) по повод националниот празник. На премиерот кој, според сите узанси и параметри, според сите негови лични фалби и манифестации, но и туѓи искажувања, е главниот инспиратор и промотор на новиве „вредности“ и стандарди во македонската култура, на новово паланечко мапирање на македонската уметност. Промотор и „мецена“ токму на понапред елаборираната паланечка „филозофија“ на културата, репрезент на маалскиот политикантски јазик и норми, поддржувач на сите оние лажни вредности што денес ја „красат“ македонската култура. Заедно, се разбира, со оние шупелки коишто мојата маленкост ги гледа само како уназадување, провинцијализација, периферизација, самоизолација … на оваа култура и уметност.

И дефинитивно добив потврда за тоа. Зашто, дефинитивно се покажа дека кај нас царува двојниот морал, политикантството, незнаењето односно лагата, лицемерието и демагогијата, паланечката „мудрост“ да говориш едно а да правиш друго. Поинаку овој говор не може да се доживее.

На пример, (и нема да се задржувам на сите изречени политички и историски глупости, туку ќе се ограничам на мојата тема) што значи следниов исказ: „ Оттогаш па наваму (се мисли на 8 септември 1991, м.з.) главниот предизвик е како подобро да се уреди животот и функционирањето на нашата држава, во рамките на демократските принципи, и како побрзо во секој поглед да ги достигнеме стандардите на заедниците во кои стремиме – ЕУ и НАТО“. Ок, супер, само: во која земја членка на ЕУ културата е уредена на ваков провинцијален и партиски принцип; во која земја членка на ЕУ културата од буџетски средства наменети за културни програми гради споменици што потоа лажно ги поттура како спомен обележја само за да го изигра законот; во која земја членка на ЕУ културата дава пари, и тоа големи пари, на естрадата, ги плаќа и нивните концерти и промоции, нивните ЦД-а и ДВД-а, нивните турнеи …; во која земја Министерството за (не)култура откупува дела директно од уметниците и потоа им ги дели на музеите и галериите; во која земја членка на ЕУ од културниот буџет се плаќаат готварските авантури на одделни персони, божем под превезот на промоција на културата; во која земја членка на ЕУ Министерството за (не)култура цела деценија нема јавен финансиски извештај за потрошените пари; во која земја членка на ЕУ Министерството за (не)култура избира национален уметник, …?

20.

Или, на пример: „Апелирам, основните вредности да не се предмет на политичко поткусурување и собирање ситни политички поени. Основните вредности се столбот на општеството, не смееме да ги рушиме“. Супер, и со ова се согласувам, ама – кои се, и какви се основните вредности во македонската култура? Дали столбовите на општеството, на културата, се естрадата и фолк музиката; дали столб на општеството во културата може да биде насоката за лажно претставување односно фалсификување и плагирање на туѓи дела, како што (докажано) се повеќето од оние „скулптури“ расфрлани низ центарот на Скопје; зарем основна вредност, столб на културата и уметноста може да биде исклучивото форсирање на партиски или партизирани поединци, најчесто и без основни квалификации, и претставувани како наша вредност во културата и уметноста; зарем столб на едно општество, на една култура можат да бидат национални институции тотално разнебитени од полуписмена партиска „политика“; зарем не е рушење на основните вредности во културата и уметноста целосното дезавуирање – да не речам игнорирање – на генерации и генерации творци и културни работници, а во полза на партиските културтрегери и профитери; зарем не е целосно уривање на вредносните столбови она перверзно – да не речам шизофрено – масакрирање на историската архитектура на Скопје, …?

Или, ако сакате, што треба да значи реченицата: „Со иднината на нашите деца правиме дневна политика“. Кој тоа прави политика, ние – граѓаните, опозицијата, невладиниот сектор … – или токму владата (ако некој сака да знае зошто владата е со мала буква, повторно нека се јави, ќе му објаснам)? Кој во името на дневната провинциска политика го преплави градот со кич и лажен мермер со коишто растат „нашите деца“ мислејќи дека тоа е Европа? Кој во името на дневната паланечка филозофија упорно, со години, го турка „концептот“ на лажна барокизација на македонската современа архитектура, учејќи ги „нашите деца“ дека тоа било архитектонски современ стил? Кој во името на маалската итроштина токму на „нашите деца“ им продава рог за свеќа, муда за бубрези, стиропор наместо мермер, столбови од половина зграда, лоша бронза и уште полоша скулптура, карикатуризам како уметнички стил? Ние или – владата?

Па згора на се’, и констатацијата: „Ама без знаење, без учење и во таа ЕУ, ќе бидеме секогаш на опашката, на дното, најслаби, во подрумот“. А каде сме сега, г-дине премиер? Да не сме можеби на врвот, или блиску до него? Та за ова општество, денес, вакво какво што го направија овие „политики“, и подрумот е многу. Одамна сме ние таму, само ми се чини дека паѓаме и подлабоко, во дупките на пеколот. И каде, во која ЕУ премиерите и министрите за (не)култура можат да се пофалат со такви неуки кадри на раководни места во институциите? Каде во Европа директор на некој музеј на современа уметност може да биде уметнички тотално неписмена персона која во животот немала еден ден контакт со уметноста? Или биолог, каква што назначивте во Националната галерија? Или разноразни глупици и глупци како директори по театрите (а едновремено и главни викачи на партиските митинзи), или газолисци и остали партиски неписмени шупливоглавци како кочоперни директорчиња на (некогаш) значајни манифестации? Каде, во која ЕУ, во кое НАТО го има тоа „без знаење, без учење“ директно да се седне во директорска фотелја и да се упропастува нечиј повеќедецениски труд? И каде, впрочем, во која земја членка на ЕУ и НАТО, поштари и келнери, хостеси и унезверени партиски жентурачи стануваат дипломати, да не спомнувам за лица со криминални досиеа?

21.

Оваа култура, оваа уметност односно она малку вистинско што остана од неа не може да застане ниту зад една запирка од таквите демагошки и политикантски, а во основа и провинциски итроштини, што по повод националниот празник требаа божем да го подигнат моралот на „државава“. Од толкав „говор“, од толку „мудрости“, македонската култура и уметност можат да се согласат само со една изречена реченица: „Зошто нешто што е нормално во другите држави кај нас не е нормално“? Ама ние не можеме да одговориме на тоа лицемерно прашање, нели?! Тоа е во ваша и во надлежност на министерката за (не)култура!!!

(НЕ)КУЛТУРЕН (НЕ)ГОВОР

или

КУЛТУРА СПОРЕД ПРОВИНЦИСКА МЕРКА (5)

15.

Не верувам дека некој, па и јас, сериозно очекува дека македонските репрезентативни кошаркари, после евентуална победа ќе слават со  Бетовеновата „Ероика“ или после поразите – како почест случај, за жал – ќе тагуваат со „Патетичната симфонија“ на Чајковски. Нашиве, според некоја нивна логика, и вкус, сакат да слават и да тагуваат со Калиопи и Каролина. Ама, некој можеби би рекол дека тоа баш и не е само нивна работа, и вкус, зашто таму не се застапуваат себеси туку – државата. Арно де, ама сигурно не можат да „го пеат“ ни Стојан Стојков? (Некој, исто така, би можел да приговори дека некои други спортисти, репрезентативци на некоја друга земја, не ќе поминеа така одлесно, па дури и славенички, како оној пат нашиве со „Излези момче“!).

А сепак, зошто баш Калиопи и Каролина, и кому мислат дека му се обраќаат со таквата песна? Баш на сите Македонци што ги гледале и поддржувале? Односно, според чија мерка се одбрани баш тие две персони и нивната музика (иако некој не би согласил дека тоа е музика!)? Според критериумот на селекторот, на шефот на стручниот штаб, на директорот на репрезентацијата, на претседателот на КФМ …? Иако, искрено, не мислам дека е баш најбитно како и со што слават македонските државни спортисти, зашто некогаш еуфоријата на резултатот простува други нешта. Ама кај нив дури и тоа се’ помалку го има, а песна – се’ повеќе. Онаа според Калиопи и Каролина, иако не е јасно каде се Есма и особено „госпожа“ Алачки (која најверојатно е пак на некое „културно“ патешествие низ светот, со наши пари, се разбира!).

Меѓутоа, мислам дека е битно кому и како се обраќа, на пример, министерката за (не)култура на оваа земја. Односно, кога таа вели дека „од денеска во нашата држава ќе се снимаат големи филмски остварувања, што е резултат на заложбите на Владата која изминатиов период интензивно настојуваше да ги промовира потенцијалите на нашата држава и да ги зголеми вложувањата во наша земја“, прво, што точно мисли, и второ, кому тоа му се обраќа со такви зборови? Или, на пример, што за министерката значи „големо филмско остварување“ кога филмот уште не започнал да се снима? Демек таа однапред знае дека „остварувањето“ секако ќе биде големо зашто се снима кај нас? И зашто тоа било заложба на Владата, а научивме дека сите нејзини заложби се гооолеми? А богами и скапи, за граѓаните. (Мислам дека допрва ќе видиме колку и ова „големо филмско остварување“ ќе не’ чини!). Или е гоооолемо заради фактот што се снима кај нас, а во екот на туристичката сезона ќе го затвори единствениот патен правец Велес – Градско, плус обиколницата на Скопје? На цели 28 дена, односно цел месец, речено народски? И тоа за пишливи 280.000 евра за коишто, мислам, се’ уште не се знае од чии пари ќе бидат платени. (И во чии џебови ќе отдат?). Во тоа ли е големината на филмов што ќе не’ нервира месец дена? Или фактот што „госпожа“ министерка седнала со режисерот на филмот автоматски го прави гооолем?

16.

Се разбира, на крајот филмот може да излезе и добар зашто режисерот веќе покажал дека знае да прави филм, ама прашањето не е во тоа. Прашањето е: има ли нешто што не е тооолку големо што го направила оваа Влада, ова Министерство, нешто што сепак се мери во обични човечки пропорции а не нивни провинциски мерки дека се’ направено од нивните раце е безмалу епохално? И кому е упатен ваквиот паланечки политички говор што се’ прогласува големо, уште непочнато? Кого треба да убедат ваквите самофалбени зборови – македонската културна јавност, македонското гласачко тело, странците … кого? Ако досега не ги видовме и осознавме паланечките капацитети на оваа Влада, особено во провинцијализацијата на културата, сега ли допрва ќе не’ убедуваат во нивните способности? Овој ограничен не-говор може само уште еднаш да ги потврди сознанијата за тоталното отсуство на мерка и познавање на нештата, на чистата импровизација и служењето со полувистини, на апсолутното непознавање што и како се случувало во оваа култура пред десет, петнаесет, дваесет години итн.

Но тоа е генералниот јазик на овој не-говор на провинциската свест, на периферните познавања и кич вкусови, истиот оној „говор“ на типични малограѓани и скороевиќи втурнати во политички авантуризам. Македонскиот јавен простор – политички и особено културен – со години е затруен од провинцијализам, од маалски некултурни дијалекти, од творечки пелтечења што одвај допираат до Табановце а ни се претставуваат како европски и светски потфати.

Или, ако сакате, еден од највпечатливите примери – можеби претходница на сите други – на овој наш нововремен провинцијален не-говор е забележан надворешните „ѕидови“ на еден од најгрдите објекти во центарот на Скопје – т.н. Порта „Македонија“. Таму, Големиот архитект не’ убедува дека таа квазиградба да ти била „… еден од најубавите објекти во Македонија и обележје на метрополата“! И дека ние бевме како луди без неа, ќе бевме никој и ништо, и дека таа „стана симбол, обележје на градот“ … па дека „Порта Македонија, како и другите објекти и споменици од проектот Скопје 2014 му дадоа нов лик на центарот на Скопје, значително го зголемија бројот на туристи во главниот град и сите заедно дадоа сериозен печат на нашата историја, државност, независнот, традиција и идентитет, токму во време кога тој беше најмногу негиран и оспоруван од сите страни“!

Повторно епохални провинциски потфати, повторно маалски идентитет, улична симболика, кич традиција, сето спакувано во популистичко интонирано незнаење и неукост. Кога онаа малоумна грдотија како споменик на нашата очајна некултура и паланечка естетика би имала барем десет проценти од тоа што и’ се припишува, би биле навистина среќни.

17.

Но, повторно, која е таа фамозна македонска културна мерка што јавно изрекува вакви будалаштини, и кому му ги соопштува, па уште ги врамува на ѕидовите на грдотиите што ги распослала низ градов како споменик на сопствената глупост? Зарем навистина некој, денес, во втората деценија на дваесет и првиот век, може да верува дека оваа кич стандардизација е сериозен репер што треба да се следи? Зарем постои и таква и толкава кратковидост и незнаење, толкава неукост и неинформираност?

И да се вратам пак на почетокот: со што се потплатени тие луѓе, која е нивната цена, или што тоа направиле за да уценувачите ги држат така цврсто в рака па овие не можат да мрднат односно не смеат да го одречат велепредавството кон сопствениот народ и држава уништувајќи им го најсветото – културата? Или, повторно: немаше ли подобар начин да се потрошат народните пари за стимулација на домашната забавна „музика“ од онаквото безмилосно расфрлање по џебовите на локалниве провинциски „ѕвезди“? Или на оној најнов кичерај за Мајка Тереза, за којшто, повоторно министерката не’ убедува дека ќе ни го разубави животот и културата а ќе не’ чини само 5-6 милиони евра? Која е, каква е таа маалска, провинциска мерка на овие луѓе, како успеаа да посељачат цела една држава?!?

Провинциската психологија на цела една номенклатура, мерејќи ги нештата според сопствениот паланечки светоглед, ја тера културата во изолација а творештвото во стагнација и ретроградност. И тоа го прави најпростачки, безобзирно и со помош на лаги и манипулации. Онака како што министерката за (не)култура тртља дека дури и најновата лага наречена споменик на Мајка Тереза „… е дел од програмата на Министерството која добила доверба од граѓаните“! Што, всушност, за ваков тип на (не)култура е стандардна измама!!!

(САМО)ИЗОЛАЦИЈА

или

КУЛТУРА СПОРЕД ПРОВИНЦИСКА МЕРКА (4)

11.

Културната изолација може да биде наметната од друга земја, од повеќе земји или од меѓународни организации. Во одделни периоди на нашата историја, дури и оваа поновава, сме искусиле (главно делумни) манифестации од тој вид. Но наметната културна изолација, како и секој наметнат проблем, краткорочно или долгорочно, е решлив. Како што впрочем и Македонија, постапно, во минатото, решавала слични проблеми. Се разбира, ги решавале разумни луѓе, не како овие неписмениве!

Самоизолацијата е потежок облик на изолација. Како впрочем и се’ друго што е самонаметнато. Некогаш, или најчесто, самонаметнатото е неизлечиво. Зашто не постои свест за тоа или постои, ама во искривена форма – за самоизолацијата, за нејзината штетност, да не речам погубност. Да постоела свест за тоа, веројатно немало ни да има самоизолација. Или – се лажам?

А под самоизолацијата не мислам на географската изолација како природно наметнат проблем, каков што е спомнатиот пример на Канарските острови. Или Кина, на пример, иако низ историјата кинезите во дадени периоди самите ја потенцирале географската (Хималаите, пустината Гоби, Пацификот, Источното кинеско море, Жолтото море) изолација и (несаканите) странски влијанија преку разни мерки (Кинескиот ѕид) итн.

Една студија на професори од Вилијамс колеџот и Браун универзитетот констатира дека, прво, поголемиот степен на културен диверзитет го зголемува(л) животниот стандар во индустриската ера (земајќи ја 1960 година како репер), второ, културната хомогеност имала позитивен импакт на економскиот развој пред Индустриската револуција но води кон намалување на per capita приходот по 1960 година, и трето, недостатокот на културната дифузија ја слабее способноста на тие општества да се адаптираат на новите технолошки парадигми!

Ама, Македонија е, нели, во центарот на светот?

12.

Провинцијализацијата е дефинитивно самоизолација. Во секој поглед, во секоја област. Во културата и уметноста особено, а во културата и уметноста на малите народи – неизоставно! Тоа е како самите да си потпишете смртна пресуда, да си ја ставите јамката околу вратот и да чекате кога столчето ќе падне. (Не дека штетите од самоизолацијата и во другите области се помали. На пример, судството и последниве „случаи“ со неприфаќањето на снимките од аферата „Прислушување“ или „пресудата“ за сменетата уредничка на Телма. Ако тоа не е самоизолација не само од правото, и меѓународното преаво, туку е изолација од здравиот разум, од логиката, од умот!).

Без оглед што парадоксот ни е второ име за државата, во ваквата самонаметната (културна) изолација некои други нешта – да не речам цела државна политика – стануваат уште  понеобјасниви. На пример, кој и каков идентитет бранеа / бранат патриотиве, кога истиот го губат дома на секој чекор, особено во културата и уметноста? Или мислат дека истиот се чува преку провинцијализацијата на овие области? За кој и каков идентитет, за која и каква македонска идеја ќе можеме да говориме кога во културата ни царуваат блефери и хохштаплери а во уметноста плагијатори и фалсификатори? Зарем мислат дека во оваа паланечка варијанта на културата и уметноста странците не препознаваат свои – пресликани односно плагирани – елементи, детали, градби …? Зарем кога ќе го видат идното панорамско тркало шизофрено забодено среде Вардар или некаква посељачена вмро-вска варијанта на шпанските скали среде Скопје нема да знаат колку е часот и со кого си имаат работа?

Или, ако сакате, како е можно една земја што мисли дека е (во) центарот на светот, што се гледа себеси како следбеник на „големиот“ освојувач со нејзино име (односно презиме), да повикува странски инвеститори … а едновремено да ја држи сопствената култура и уметност во изолација (не само) преку наметнатиот државен и парадржавен провинциски критериум во овие области? Нормално, ние сме земја на парадокси, па затоа и е можно Владата да се фали дека околу 63% од населението користи интернет – а до 2018 таа бројка наводно ќе се покачела до фантастични 80% – а во културата и уметноста да се работи на свеќа. Или на газиена ламба, сеедно. Зашто во овие области сме застанале некаде тука. Се разбира, прашање е колку и сиве овие владини бројки се валидни, како впрочем и сите други фалби на властиве во другите области, коишто потоа им се удираат во глава низ меѓународните мерења и анализи (како со нашето „реформско“ здравство на последното место во Европа, или судството, или образовниот „систем“ итн.). Каква е ползата од ова интернетско „просветлување“ кога приоритет во сите области, а особено во културата и уметноста, добиваат токму оние кои се’ уште живеат во блаженото незнаење на средниот век, на бабините деветини, на мастиљавите моливи? Ние, можеби, го имаме интернетот како прозорец во светот, ние можеби глумиме дека учествуваме на меѓународни културни манифестации, ние можеби мислиме дека имаме културни институции, но всушност нашиот интернет, нашиот вкупен систем е како севернокорејскиот локален интранет систем на којшто „драгиот лидер“ љубезно ни става се’ што треба да знаеме и видиме!

13.

Западната цивилизација, онаа на која што мислиме дека припаѓаме, се темели (се’ уште) на културата која што континуирано и константно го јакне човечкото знаење и неговите многукратни и многузначни дострели. Кај нас провинцијализацијата наметна култура на периферијата, на партијата и (во последно време) на верата. Една, по силата на историските случувања заборавена земја, одвај крената од средновековната кал и турната од тогашната интелектуална елита во нејзиното Просветителство и Модерна, сега се враќа во мракобесието на културната заостанатост и интелектуална зачмаеност. Македонскава културна летаргија самозадоволно се валка во правот на кичот, незнаењето и перфидната сто пати повторена лага на „драгиот лидер“ и неговата камарила.

Ако првите година-две од ваквата провинцијализација на македонската кутлура и нејзината јавна изолација од светските културни и уметнички текови можевме да ги припишеме на неснаоѓањето на новите (не)културни кадри, на нивното сиромашно познавање дури и на македонските културни процеси а камоли на европските и светските, денес, после толку години доследно посељачување на се’ што допреа, веќе не можат да се бараат и измислуваат оправдувања. Денес е евидентно дека, прво, станува збор за очајно неуки и неспособни поединци заседнати на челните позиции на македонската култура. Второ, станува збор за инсталирани ешалони на тотално неспособна и неписмена (не само) културна администрација, послушна само на / за партиските шефови и нивните „идеи“. Трето, веќе е очебијно дека и огромните пари што со години флуктуираа низ џебовите на партиските (или партизираните) уметници, режисјори, музичари, актери … не беа и не се доволни од нив да создадат сериозна културна екипа. Напротив, се покажа дека станува збор за аутсајдери со паланечка мерка, за културтрегеска булумента неспособна да изроди автентичен културен дискурс, неуки дури и само да следат одделни европски културни процеси.

14.

Современите антрополози сметаат дека културата е општествено конструиран, научен комуникациски код на еден споделен систем на знаци (Mac Marshall). Ама ние овие денешни немтурски знаци не можеме да ги разбереме просто зашто се – неразбирливи, неразговетни, нечитливи. Тоа е збирштина од „знаци“ на некаква локална малоумна група, без логика и след, без смисла и сериозно значење. Дури, кога би можеле да фатиме конци на некаков критериум и мерка, на некаков валиден стандард што би се провлекувал низ овие неразумни постапки, тогаш, велам можеби, би се обиделе да најдеме некакво логично објаснување за ова што ни се случува. Межутоа, не еднаш, не сто пати оваа кич номенклатура покажала дека нема ни мерка ни критериум, ни стандард ни вредност што би се земале како репер на нивната „политика“ (не само) во културата. Или, каков шизофрен спој е Аце Македонски и неокласицизмот, барокните фасади и пифтијадите, поправањето појачала и водењето држава, естрадното треси-меси и информатичкото општество …? Или, ако во една вреќа ги ставите Есма и Милчо Манчевски, Калиопа и Љубиша Герогиевски, (сега и) „госпожа“ Алачки и „Рембрант“ алиас Сарајлија, за каков критериум, за каква културна мерка можеме да говориме. Или, всушност, токму тоа е не-мерката, не-политиката, не-културата: партискиот мастиљав молив и лењирче за потцртување – се разбира со црвено – на „вредностите“ во современата македонска култура?