Monthly Archives: January 2017

ШОПИНГ ЛИСТА

или

ИНДИГНАЦИЈА (7)

Иако на главните коруптивни столбови на сегашниот начин на „селекција“ на проекти / програми „од национален интерес“ во годишните програми за финансирање на проекти во културата се укажува веќе десетина години, ништо, и буквално ништо до денес не е сменето. Самиот тој факт, наспроти јавните приговори, барања, прогласи …, говори за целосното дезавуирање на културната јавност и клиентелистичката ориентација на овој начин на работа како единствено можен за задоволувањето на партиските апетити во културата. Само низ спрегата министер – партиски комисии – некритичност – отсуство на евалуација и неотчетност може да се спроведе тоталитаристичката политика на оваа власт и во културата.

Во таа спрега функционира уште една апсурдна, дури парадоксална алка, подеднакво битна за партиската уиграност на овој систем. Поточно,  институциите (јавни или локални установи) во културата се доминантни корисници на буџетските средства од годишната програма, особено националните институции во кои што се чува непроценливо културно богатство од областа на визулените уметности, кои што имаат и одредени законски ингеренции (иако во најголем дел присвоени од самото Министерство!), работат (или се обидуваат да работат) според одредени професионални стандарди итн. И тие институции имаат директори избрани токму од тоа Министерство за (не)култура, а врз база на јавни конкурси и (задолжителни) четиригодишни предлог програми за работа на дотичната институција како основна, битна ставка во нивниот избор.

Но, од друга страна, тие национални институции се ставени во иста стартна позиција со сите други апликанти за средства пред Министерството за (не)култура односно должни се да учествуваат со нивни предлог годишни програми на конкурсот на Министерството. И за нивните програми одлучува некоја, некаква комисија составена од ад хок собрани поединци, главно уметници, кои си дозволуваат – односно им дозволува Министерството – да ги „креираат“ годишните програми и на националните институции. Ваквиот парадоксален начин на работа води до две апсурдни ситуации. Прво, легално избраниот директор на националната институција, со прифатена четиригодишна програма за работа, иако 100% партиски селектиран и диригиран, не може да реализира ни „а“ од неговата програма зашто таа, де факто, ја шнајдерисува некој друг! Тогаш, зошто Елизабет на конкурсите им бара четиригодишна програма на своите пулени апликанти за директори на националните институции кога тие немаат никаква шанса да реализираат нешто од таа програма? И каков е тој директор на национална институција кој не може, не му е дозволено да реализира своја програма туку таа му е наметната од некаква партиска комисија? И, за живо чудо, ниту еден од „директорите“ кои промаршираа низ нашиве институции во изминатава деценија глас не пушти за овој очебиен апсурд? Или битно им беше да седнат во директорска фотелја, а уште подобро ако некој друг им ја прави програмата? И ова, се разбира, се однесува на сите – и буквално на сите – национални институции во културата, од МНТ преку Филхармонија, МСУ и Националната галерија, Народната и универзитетска библиотека итн.

Второ, ваквиот шарлатански пристап кон дејноста и програмите на националните институции во културата дозволува секој шапшал кој по којзнае какви клиентелистички заслуги се уфрлил во некоја комисија, да одлучува за сериозни годишни програми што ја профилираат работата на националните институции. И тоа дури нескриено го потенцираат, како оној Стојков кој се фали дека им дале забелешки на неколку институции околу нивните програми! Види мајката, па оди конкурирај за директор па дели памет и спроведувај програми, шапшал низаеден.

И трето, а како најголем апсурд, министерот може во секое време да го смени директорот заради нереализација на програмата или заради (условно) лоша програма. А таа програма воопшто не е негова односно истата му е натурена – токму од министерот и неговите партиски комисиски пулени!

*

Оттука, целата оваа фарса наречена годишна програма за финансирање на националниот интерес во културата е само партиско провинциска шопинг листа каде секоја протува од оваа некултурна булумента си ги запишува своите желби и очекувања. Секоја будала, под услов да е партиска или барем блиска до партијата, има право да удри црта и да си ги запише желбите, а Министерството како со магично стапче им ги исполнува. Повеќе или помалку, вдолж и попреку, некаде во целост или барем во поголемиот дел, не водејќи ама баш никаква сметка за вистинските потреби на македонската култура. Затоа впрочем програмата и личи не на национална туку на партиска шопинг листа стокмена за набавка во селското мизерно снабдено гранапче. Ама со високи, дури европски цени!

ЌЕ ГО ПОТПИШЕШЕ ЛИ БЛАЖЕ КОНЕСКИ „ПРОГЛАСОТ“?

или

ИНДИГНАЦИЈА (6)

Кога една клиентелистичка гнида, еден типичен претставник на родот mammalia, во својство на претседател на комисијата за издавачка дејност и шнајдер на годинешнава програма во издаваштвото,  за други ќе каже дека се „членови, активисти и приврзаници на конкретна политичка партија и платформа“, тогаш се’ е јасно и не заслужува никаков коментар.

Затоа: зошто е толку битен Прогласот за заштита на достоинственото на македонски писталел и на македонската книжевност за денешниот миг на македонската култура? Заедно и, се разбира, со сите други реакции – поединечни или групни – апропо годишната програма за финансирање на националниот интерес на Министерството за (не)култура, а всушност контра сите напластени состојби во македонската култура во изминатава деценија. Затоа што покажува дека во државава има достоинствени луѓе на кои им пречат ќорсокаците на македонската културна „политика“, кои се загрижени заради агресивното, дури милитантно и во суштина безочно безобразие вткаено во сите одлуки, програми, акции … на ова Министерство, луѓе кои се гнасат од „системот на фрлање под нога на многу од она што се градело во изминативе седумдесетина години, но и во голема мера и на она што се гради денес во културата“ (Д. Башевски). Прогласот е битен затоа што ги обединува поединечните гласови во прогресивен хор што се срами од и протестира контра ваквата заробена и најпростачки партизирана култура, битен е затоа што изрично порачува дека „не можеме да дозволиме овој обид за обезличување и посрамотување на книжевната стварност од страна на мал број некомпетентни лица да успее“.

И тука воопшто не е важно кој каков писател е, кој колку книги објавил или продал. Тука, во и околу овој Проглас и сите други критики контра Министерството за (не)култура и нивниот културен геноцид, е важно што стојат имињата на педесетина македонски писатели од сите генерации и (творечки) ориентации! Се разбира дека ќе беше поубаво, дека ќе бевме погорди ако под Прогласот стоеа и потписите на повеќемина други реномирани писатели, некои од форматот на еден Матеја Матевски, на пример, или Милан Ѓурчинов, или … Импровизирам, се разбирам, и никако не се сомневам во нивните чувства и ставови кои што многу пати ги искажувале. Но, едновремено, се мислам, би го потпишал ли Прогласот и еден Блаже Конески? Или Петре М. Андреевски? Ниту во тоа воопшто не се сомневам, напротив! Верувам дека ќе беа први на списокот (иако овој е реден по азбучен ред). Во тоа ја гледам големината не само на писателот, на уметникот, туку и на – човекот!

И токму затоа, на некои (приватни) реакции апропо моето спомнување (во негативен контекст, се разбира) на одделни имиња на реномирани македонски писатели кои уста не отворија десет години туку својски работеа на приграбувањето на сите можни награди, пензии, привилегии – на сметка на нивните колеги, се разбира – велам: овде, денес, не станува збор за творештвото на овега или онега, за квалитетот и естетиката на нивната поезија или проза. Овде, и денес, и не само во Прогласот, не станува збор само за писателот, за творецот, туку пред се’ за човекот, зашто нема творец без човек, или има – ама тој / таа е „творец“ без здив. Има творци не-луѓе, ама кратко траат! Вистинскиот творец, пред се’ и пред сите, има света должност да (за)стане во името на правото, правдата и творештвото, ама на сите, не само на своето. Вистинскиот творец не може да го гледа само својот џеб и мев и да не му е гајле за другите. А токму тоа се случува(ше) во оваа Македонија цела една деценија. Или, како и Елизабет, и тие, утре, божем со индигнација ќе ги отфрлат сите критики на нивната пасивност, колаборационизам, неколегијалност … нечовечност? И токму затоа и мислам дека еден Конески, еден Андреевски и многумина други секако ќе го ставеа својот потпис под Прогласот зашто беа творци со голема почетна буква. А тоа е не само доблест туку и – обврска! И сигурен сум дека под Прогласот ќе го видевме и потписот на еден Славко Јаневски, но и на Петар Мазев, Танас Луловски, Живко Поповски, Јордан и Искра Грабулоски, Михаило Петрушевски, Фимчо Муратовски, Илија Милчин, Ненад Стојановски …

Затоа и чекам, веројатно не осамен, да видам дали Прогласот на групата писатели ќе придвижи некаква свест, некаков морал и потреба од акција и кај другите творци во државава, оние во ликовната уметност, кај музичарите, актерите, композиторите …? Ќе се смени ли нешто во свеста кај македонскиот творец, ќе тргне ли, конечно, по нов пат мислата дека некој друг треба да ги бие нивните битки? Или и понатаму ќе калкулираат, ќе чекаат и како глувци ќе ја ослушнуваат политичката ситуација, можните промени што би требало да ги ослободат? Ќе останат ли заробеници на етаблираните „политики“ на оваа власт и на личните лукративни апетити? Ќе ја (у)видат ли конечно убиствената „политика“ на оваа власт, онаа која што ја посочува и писателот Башевски, дека „Кога сака книги, државата си издава самата, и тоа во големи количества“[1], кога сака изложби ги тегне за уши нејзините пулени во ликовната уметност, ако сака театарски претстави си има на располагање свои партиски актери …?

Затоа, впрочем, и прашањето од насловот не е (само) реторичко, туку е суштинско за овој миг на македонската култура. Зашто, во пресудни мигови како овој, треба почесто да си го поставуваме прашањето како во дадена ситуација би постапиле некои македонски великани во културата. Но прашањето не е битно само за културата, туку и за достоинството на државата во која што, во некои подобри времиња, творците навистина беа нејзина доблест!

[1] Димитар Башевски, Културата на „заробена држава“, Плусинфо, 27 јануари 2017

ФРЧАТ ШАМАРИ НА СИТЕ СТРАНИ

или

ИНДИГНАЦИЈА (5)

Многу ме интересира кои загари сега ќе ги ангажира Елизабет за да и’ го покријат срамот односно, барем малку, да го амортизираат аперкатот на Ристо Лазаров за годинашнава „програма“ за издавачка дејност во рамките на фамозната годишна програма за финансирање на националниот интерес во културата. Зашто Лазаров им срочи терминирачка дијагноза, ја пикна в шише и им ја испрати низ смрдливион Вардар. А во шишето, заедно со „програмата“, попатно ги настега и сите други факти околу издавачките „напори“ на нашево Министерство за (не)култура и нивните „епохални проекти“ со кои што не’ замајуваат толку години трошејќи државни пари и делејќи си екстра дебели хонорари за дебилните им услуги. Од „Звездите на светската книжевност“, преку едицијата „Нобеловци“, па до неписмените преводи – сите до еден лукративни тезгарошки чекмеџиња на нашите гооолеми литерати. И тој, повторно, заедно со се’ друго, го постави клучното прашање: зошто ова Министерство (кое што Лазаров шеретски го преименува во Министерство за благодарност!), покрај толку издавачи, се јавува како носител на сите тие „проекти“? Толку ли е, богати, стручна таа Елизабет, сосе „тимот“ околу неа, па умеат самите да реализираат се’ во оваа национална култура, од откупи на ликовни дела, преку конурси за сценарија, музики и музички заебанции, па до „епохални“ издавачки продукции? И зошто тогаш воопшто им се потребни издавачи, национални институции, директори во истите (прашање на кое што посебно ќе се навратам следниот пат!) …? Зошто Елизабет и „тимот“ не укинат се’ околу нив – и така се покажува непродуктивно – и не ја земат целата работа во нивни „стручни“ раце?

Да бидам искрен – не ме зачуди реакцијата на Лазаров. Не му е прва. И на место е, како што треба. Некој од малкуте останати сериозни и со непоматен углед писатели мораше тоа да го направи.

Ама ме зачуди, да не речам запрепасти, една слична реакција, наречена „Проглас за заштита на достоинственото на македонски писталел и на македонската книжевност“, од поголема група македонски писатели која што се појави веднаш по реакцијата на Ристо Лазаров. Или, можеби, двете реакции се синхронизирани, не знам, ама јас прво ја прочитав онаа на г-дин Лазаров, а потоа оваа другава. Нејсе, Прогласот го потпишуваат 56 македонски писатели, меѓу кои и некои за кои што не сум ни знаел дека се писатели – што секако е мој пропуст – и ја прават пуздер и Елизабет, и нејзиниот „тим“, и годишната програма за издавачка дејност, и се’ друго по список! Просто човек да се најде во чудо од каде таа и таква смелост? Шамари фрчат на сите страни, меѓу нив и такви што велат дека „Годинешната програма е олицетворение на отсуство на волја проектите да се оценуваат според нивната книжевна вредност, туку, сосем очигледно, тоа да се прави според политички, па и бизнис-критериуми. Години наназад беше така, но овојпат е достигната точката што веќе не може да биде пониска“!

Иако ни ваквата смелост не е толку мистериозна имајќи го предвид политичкиот развој на настаните кај нас и речиси извесното тонење на „националниот брод“ на кој што многумина (дури и од потписниците!) се шлепаа сиве години. На пример писателон митоман кој цинички јавно се заебаваше со младите кои протестираа во театарот „Комедија“? И со „Шарената револуција“ и со се’ друго што претставуваше опозиција на криминалциве во државава? Па дури делеше и награди во името на шефот на мафијата! И кој, патем, седи во сите одбори, пододбори, комисии и поткомисии на сите проекти за издавачка дејност на Елизабет, особено оние „големите“, „значајните“?! Значи ли ова дека ќе ги врати сите тие незаслужени хонорари? Па до него некои МАНУ-ковци кои така лагодно си ги поминаа овие десет години на крилјата на нивните „национални чувства“, дури и директорувајќи со престижни литературни манифестации, па си ги вработија жените во национални институции, колку да имаат барем за џепарлак, и за пензија. Уште фалеше да го видевме и потписот на Санде Стојчевски на Прогласот …!

Од друга страна, некои од спомнативе сепак се наоѓаат на списокот на прифатени автори во годинешнава програма (на пример Венко Андоновски), па и во минатите години, и тоа некако не можам да го разберам. Дали, сега, ова значи дека тие претходно, и вчера, прифаќале да бидат оценувани вон, како што велат, „нивната книжевна вредност“ и „според политички, па и бизнис-критериуми“, ама сега одбиваат тоа да го прават во иднина, или … не знам како да го толкувам …? Јас инаку верувам во моќта на нивното инженерствување со човечките, па и нашите предавнички души, ама ова е тотален инженеринг, нели?

Со ова, секако, воопшто не сакам да ја минимизирам улогата на останатите потписници и нивните, верувам, искрени заложби за конечни промени. Многумина од нив ги слушавме и читавме низ годиниве со истите или слични критики на востановените коруптивни механизми на одлучување во тоа Министерство. Но, особено важен, ако сакате круцијален е токму овој нивни заеднички потег во овој миг како подршка и на другите отворени критики не само на таканаречената годишна програма туку и на целокупниот инсталиран  систем на партиски апаратчици и нивниот диригиран начин на одлучување во тоа Министерство!

Не сум сигурен што и како може да се очекува како контра удар од Елизабет и нејзината тајфа платеници. Не е чудо веќе утре да се појави контра проглас од оние македонски „величини“ кои секоја година ги читавме низ сите програми како наш врвен национален интерес. Зашто нашите ренџовци и лужини, саркањци и смилевци, ташковци и клетниковци, урошевиќи и силјановци … се презадолжени кај оваа власт и мораат да играат според музиката што газдите (ќе) им ја сервираат. И играат, се разбира. Ќе видиме до кога, зашто и нивното раслојување веќе е евидентно! А светнува и нов ден, а тие, кутрите, се навикнати на – мрак.

ТОТАЛНА КОРУПТИВНОСТ

или

ИНДИГНАЦИЈА (4)

Не знам дали оние од ТВ Нова имаат меил адреси на оние будалине кои пред некоја вечер и’ го штитеа задникот на Елизабет, за да им го испратат последното рангирање на „Транспаренси интернешнл“ и местото на Македонија како најкоруптивна држава во регионов (сосе Косово). Зашто голем, огромен дел во таа наша коруптивна трофејност се должни токму и на културата, сосе Елизабет топтан, се разбира. И сосе будалетинките од нивниот калибар – токму тие кои така здушно се ставаат на располагање на криминалната банда за сите дополнителни јавни манипулации со вистината. И кога велам дека еден голем, огромен дел во таа наша коруптивна трофејност се должи токму и на културата, сосе Елизабет, се разбира, и сосе нејзините клиенти низ целиот процес на создаваните должничко доверителски односи во овој децениски некултурен разврат, мислам пред се’ на „Скопје 2014“, на сите оние „конкурси“ за откупи на се’ и сешто промовирани последниве години, но и на овој фамозен годишен конкурс со кој што божем се селектираат проекти „од национален интерес“! И чии што клиенти, како што впрочем и видовме, толку загрижено инсистираат истиот да продолжи до недоглед. Воопшто и не сакајќи да размислат – ако можат, се разбира – за сите негови очебијни коруптивни страни и елементи, за небулозноста на еден таков „избор“ без финансиски квантификации, дури и без годишен финансиски извештај итн.

Што е тоа што овој начин на „селекција“ на проекти / програми „од национален интерес“ го прави толку коруптивен, толку сомнителен, толку анахрон и пред се’ толку клиентелистички? Неколку битни, есенцијални елементи: наметнатата (или присвоената, сеедно) пресудна улога на министерот како политичко а не стручно / професионално лице, партизираноста и потенцијалната должничко доверителска инструментализираност на комисиите, сомнителната тајновитост и стручност на истите, финансиската неотчетност на министерот и Министерството, немањето критичка евалуација на претходно финансираните проекти / корисници итн, итн. И ова е само врвот на ледениот брег под којшто демнат уште десетици бирократски и партократски замки и „кваки“ кои што апликантите можат но и не морат да ги знаат. А во принцип, сеедно им е, знаеле – не знаеле исто им се фаќа зашто бандитите одлучуваат според нивните тајни „критериуми“ и никому не полагаат сметка за тоа.

Подетално разглобени, посочените проблематични елементи изгледаат вака. На пример, врховната и неприкосновена моќ на министерот (во случајов за некултура) е показ за себе, недемократски реликт заостанат само во земји од профилот на фашизоидната Македонија. Тој министер – или во случајов министерка – е само и единствено политичко избрано лице кое што, како во нашиот случај, не мора да има никаква врска со ресорот (во случајов со културата). Дури може да биде и целосен дунстер (повторно како во нашиов случај). Но неговите прерогативи се само и исклучиво политички, преточени во политички одлуки (за генералните политики, стратешки прашања, кадровски прашања, меѓудржавни договори итн.) а не стручни и особено не финансиски (во смисла на директно „ракување“ со буџетските средства и плеткање во програми на институции!). Или, поедноставено, парите подалеку од политичарите! Ама што друго би правела нашава неука и, ќе простите, ама очигледно и неспособна министерка ако не се занимава токму со парите? Па тоа и’ е партиска задача!

Понатаму, премногу е очигледна партизираноста на тие таканаречени комисии што решаваат за квалитетот на пријавените проекти и нивниот  наводен „национален потенцијал“. Па не сме толку неуки и неинформирани, иако Елизабет не’ есапи за такви. Впрочем, ни Македонија не е којзнае колкава за да не си ги знаеме (меѓу другото) и политичките афинитети. Од друга страна, секој, и буквално секој член на комисиите – или, еве, да се оградам само на комисијата за визуелните уметности – е директен клиент со минат труд на Министерството за (не)култура или партиите на власт. И нивните имиња ќе ги видите на сите списоци за откупи, за гостувања ваму или онаму, за изложби, за се’ што може да се плати со буџетски пари. И тоа со тенденција секоја година да хипертрофира до невидени размери, како годинашниве дури три платени од буџетот изложби на Ацо Станковски алиас Сарајлија! Се разбира, секој долг мора да се (на)плати, на еден или на друг начин.

И, кога сум веќе кај комисиите, очебијна е дискрепанцата на составите на сите комисии по т.н. уметнички дејности и стручноста на членовите во истите. И за тоа сум пишувал неколку пати, а особено за фактот дека ликовните уметници – сликари, скулптори, графичари итн. – се нестручни за работата што им се дава односно што ја вршат. Зошто? Затоа што тие се (об)учени да создаваат а не да (пр)оценуваат, тие се автори но не и критичари односно историчари на уметноста. Тие, генерално, не се подготвени да ја (пр)оценуваат потенцијалната уметничност и издржаност на проектите, зашто тоа не им е работа ниту пак имаат такво искуство! Ама се, изгледа, полесни за манипулација и подобри клиенти?

На крајот, она што е најсомнително и што настојчиво се крие како змија нозете се финансиските квантификации на „избраните“ проекти односно средствата доделени за секој проект одделно. Тоа никој жив вон еден тесен круг во нашено Министерство за (не)култура не смее да го знае зашто тогаш сите маски паѓаат и вистината односно политизираноста, манипулацијата, лагата, кражбата … излегуваат на светлината на денот. Се разбира, тоа нема да остане тајна, како што и ништо друго не успеаа да сокријат бандитиве. И ќе се види кој е кој и што е што. Само не знам во која глувчешка дупка ќе се кријат сегашниве „стручњаци“, „експерти“, независни и божем неинструментализирани уметници од калибарот на госпожа Вангели кои така одлесно, шаком и капом делат квалификации за квалитет, но и грдни пари на нивните идеолошки колеги, пријатели, интимуси и разаноразни други бараби!

БУДАЛИ

или

ИНДИГНАЦИЈА (3)

Се разбира, не требаше долго за моето прашање дали навистина има  таква будала во оваа земја која мисли дека ова е најдоброто што можеме да го дадеме во културата да добие одговор. Се пријавија самите – Елизабет во мистифицирана пратеничко министерска главна улога, и Дејан Лилиќ, Стојан Стојков и Жанета Вангели како статисти клиенти – на новиот канал на Националниот сервис наречен тв Нова. А со нив и Владимир Блажевски, ко паднат од Марс и во непознато својство! И богами борбено и’ го чуваа задникот на Елизабет, бранејќи ја до бесвест, безмалу до лудост Годишната програма. За пари, нормално, за што друго? И „чест“, клиентелистичка! И не дека е ова прв пат македонски „уметници“ и „културни работници“ да глумат шутови во улога на бодигарди на власта. Ама после се’, после се’ што видовме и чувме последниве две години, особено за Елизабет и нејзините махинации, премногу е жално, дури гнасно да ги гледате заседнати и заплеткани во нивните коруптивни мрежи бранејќи го неодбранливото. Да седнеш на иста маса со Елизабет за да во две-три минути (наспроти нејзини полуписмени полчасовни тиради) и’ ги браниш злосторствата – треба многу да си должен!

Се разбира, секој си е одговорен пред сопствената совест, ако ја има, и личниот морал, ако го има и него. Иако, особено првите  тројца, остануваат должни и на македонската култура за сите изречени лаги во одбрана на овогодишното злосторство спакувано како годишна „програма“ за финансирање на националниот интерес во културата. Остануваат должни и денес и во иднина. Зашто, прво, нечесно е, и неморално, да браните нешто во што сте директно лукративно вплеткани. Може ли впрочем Лилиќ да каже збор против „програмата“ кога е директен клиент со проектот работилница „Детски свет“? Или како ќе решава спомнуваниот Куфојанакис во комисијата за музика кога неговото име се наоѓа на списокот за концерт во Македонскиот културен центар во Њујорк? Или Вангели со нејзиното „Архив 1987 – 2017“ во МСУ (што и да значи тоа, а мислам дека знаеме што значи зашто таа за мало не се фаќа), па згора и нејзиниот интимус, ако сакате, со дури три изложби годинава? Нели се тоа должничко доверителски односи од најгнасен тип со Елизабет и нејзиното злосторничко здружение што глуми Министерство? И сега таа ќе ја брани „програмата“ на истото? Бљак, гадно и перверзно!

И токму овие егземплари, особено Вангели, ни продаваат некаква професионалност, морал и знаење и не’ убедуваат во исправноста на Елизабет и нејзините криминални „политики“? Дека комисиите се држеле до квалитетот и пропозициите? Особено (повторно) Вангели која децидно тврди дека во визуелната уметност се избрани најдобрите проекти? Врз основа на што, затоа што во комисијата биле нејзини колеги уметници? И тие се таа гаранција или пак добивала директни инсајдерски известувања подготвувајќи ја нејзината голема одбрана на Елизабет? И, се разбира, нема да ја потсетувам таа персона на нејзиното минато (кое она така розово си го гледа!) и како нејзините проекти поминуваа глатко преку државните јасли на некогашното идеолошки спротивставено министерство, но таа на јавноста, а богами и мене, должи неколку одговори. Прво, како член на комисијата за избор на македонски претставник за Биеналето во Венеција должи одговор како во „кураторот“ (Б. Саркањац) и „организаторот“ (М. Стафановски) препознала „стручни и етаблирани лица од областа“, како што бараа пропозициите на тој конкурс? Врз основа на што? Врз основа на кои и какви нивни биографии што би имале макар една сериозна допирна точка со уметноста?

И понатаму, бидејќи токму таа ни се претстави како врвен експерт за македонската ликовна уметност, сигурно може да ги објасни и квалитетите, особено националните, на „проекти“ од типот: Ретроспективна самостојна изложба на Петра Спирковски, Мултимедијални ликовни истражувања – Алтипармакови, Колективна изложба „Жена творец за 8-ми Март“,Изложба на слики, пастели и дрворез во боја, „Младинска керамичка работилница за изработување и декорирање на керамички производи“, „Шарено велигденско јајце“, Ликовен хепенинг „Балкански културни средби“, „Мобилноста како креатор на нови ликови“, 42. Државна изложба на детски ликовни творби „Народната култура како трајна инспирација во моето творештво“, Креативна и едукативна ликовна работилница „Твориме заедно за Кочани“, сите „изложби“ во МКЦ, Меѓународна конференција на применети науки, „Цртање на асфалт“, „Од руралните средини кон светските модни писти: редизајн на македонската народна носија од популизам до елитизам“, „Сајт на годината 2017“, 63. изложба на копаници, Интернационален саем на современа уметност „Паратисима Скопје“, „Градина на бои – Допри ја уметноста 4“, „Handmade Day Probistip 2017″, Работилница за дизајн на мебел и декоративни светилки, едно чудо изложбички на сите селски и приселски ликовни колонии, итн и итн. Се разбира, не би сакал да ги пропушти и трите  изложби на Ацо Станковски алиас Сарајлија, односно би сакал да го чујам коментарот дали баш мора три пати во годината овој неа познат човек да зема државни пари за негови „изложби“? Може патем да ги прокоментира и „програмите“ на МСУ и Националната галерија, ако сака. Баш ме интересира што ќе каже!

Вита јела, зелен бор, чекам брзи одговор!!!

ИДНИНАТА КАКО ОБВРСКА

или

ИНДИГНАЦИЈА (2)

Спомнатиот случај со графичарот и професор Јакимовски и неговата непостоечка изложба што некако, со помош на магија, треба да се преземе од Националната галерија во Центарот за култура во Прилеп не е инцидент, туку правило со секоја од тие т.н. годишни програми за финансирање на националниот интерес во културата во Македонија. И слепците кои ги кројат таквите „програми“ се нашиот инцидент престорени во правилото на неспособноста што царува во нашата култура откако заседнаа бандитиве. Ако пак министерката за култура на Јужна Кореја е уапсена заедно со уште тројца функционери затоа што, според обвинувањата, направиле листа со имињата на неколку илјади „неподобни“ уметници и други лица од областа на културата, за да ги оневозможат да учествуваат во програмите финансирани од државата, тогаш нашиве треба да скапат во затвор. Ако тоа во Јужна Кореја се квалификува како злоупотреба на моќта, македонскиве бандити треба да бидат затворени заради истата квалификација, плус лажење, крадење, манипулации, измами … и клучот од занданата да се фрли на неодредено време.

Десет црни години голем дел од македонска култура – освен оние, од газдите милувани повластени поединци – настојчиво нотира дека начинот на поделбата на културниот буџет е партизиран, клиентелизиран, намерно атрофиран, нефункционален, подложен на манипулации, негативно  селективен … дека мора да бидат познати членовите на комисиите кои така диригирано ги делат парите, дека секој одбиен проект мора да има соодветно образложение, дека мора да се знаат доделените износи за секој проект одделно … дека дури и одлуките на (партиските) комисии подоцна бирократски се преправаат, дека не смее министерот да има решавчака улога во поделбата на парите, дека ова, дека она … но злосторничкото здружение под фирмата Министерство за култура полна деценија тотално се оглушува од сите валидни и рационални барања на културната јавност. И тоа е сосема доволно за морална, но и криминална осуда зашто станува збор за тешки манипулации и злоупотреби со државни средства! И тие злосторници можат да бидат индигнирани колку што им душа сака, ама мора да бидат и подложени на сериозна одговорност. За пример, и за правда. Но и за враќање на достоинството на македонската култура! Бидејќи, на крајот на краиштата, најлесно е човек да крене раце и да не конкурира за средства на нивниот „конкурс“ знаејќи однапред каков ќе биде резултатот. Но, тогаш, каква слика за македонската култура добиваме врз основа на така штимуваната годишна „програма“, за каков „национален интерес“ и квалитет говориме? И до каков заклучок ќе дојде некој знатижелен истражувач после дваесеттина години, оценувајќи го нашиот културен развој во оваа декада? Или иднината не е наша обврска?

Односно, по којзнае кој пат можеме да почнеме од почеток и безмалу за секој прифатен проект, во која и да е област, да поставиме легитимно прашање за критериумите на „оценувачите“ и квалитетот на „проектот“, за очебијната  партиска обоеност на некој / секој од носителите на истиот, сомнителните партиско пријателски врски или, најблаго речено, неспоивоста на „проектот“ со флоскулата „национален интерес“ итн. И тоа, се разбира, ништо нема да промени, како што ништо не промени ни во минатото. Ниту пак некој од главните актери се засрами или не дај боже го повлече „проектот“ односно не си ги зеде парите. Како што, впрочем, повторно, по којзнае кој пат, ниту една надлежна институција, ниту една уметничка асоцијација, ниту еден поединец  не реагираше на манипулацијата и срамниот избор на македонски претставник за Биеналето во Венеција! Или сите, некако потајно, се надеваат дека утре токму тие ќе бидат избраните среќници, а другите – ќе молчат? Јака надеж, нема што! И многу професионална, секако.

Или можеби навистина мислат дека некој Илиријан Беќири е голем македонски сликар кому треба да му се направи изложба дури и во Македонскиот културен центар во Софија? И дека некој си Саркањац е водечки македонски куратор а едикојси Мирко Стефановски егземпларен комесар за наше учество на Меѓународното биенале во Венеција а не вечно лево сметало во оваа култура? Или дека „шефот“ на Македонскиот културен центар во Истанбул Лилиќ треба да се занимава со работилница „Детски свет“, а на „госпожа“ Јосифова-Неделковска да и’ се финансираат дури четири концерти годишно, меѓу кои и во fucking Јукатан? Или, остана ли уште некој сомнабулен испрдок од искривениот ум на Станковски алиас Сарајлија што треба државава да го плати со суво злато? А Маџиров, има уште некое катче во светот каде не отишол со наши пари или сега ќе се преориентира на меѓугалактички поетски фестивали?

Има ли поголем резил за една национална култура отколку фактот што истите имиња, ама буквално истите, ги гледате секоја година во „програмите“ на Министерството за (не)култура, со таа разлика што се менува само дестинацијата односно локацијата на нивните „проекти“?! Има ли, навистина, таква будала во оваа земја која мисли дека ова е најдоброто што можеме да го дадеме во културата?

И никој нема ништо да каже по тоа прашање? Освен Манчевски, се разбира, како културен амбасадор ама на „црна листа“?!

ИНДИГНАЦИЈА

1.

Не сум сигурен дека оние неписменине ќатовци во Министерството за (не)култура кои ги пишуваат „соопштенијата“ во името на нашана индигнирана Елизабет воопшто знаат што значи зборот индигнација. И кој во македонскиот случај би требало да биде индигниран од состојбите во македонската (не)култура. Таа, и нејзиното празноглаво опкружување, секако не се тие. Ама можеби така се „осеќаат“? Можеби, ама мислам дека тие допрва ќе се „осеќаат“, а ние останатите, и со право индигнираните од нивните повеќегодишни криминални постапки, белки ќе почувствуваме некакво олеснување. Од индигнацијата, и од се’ друго што ни сервираа цела една деценија.

Така всушност се обидувам да го видам и последново – со надеж дека навистина ќе биде последно – опскурно злосторство контра македонската култура и уметност наречено Годишна програма за финансирање на националниот интерес во културата за оваа 2017 година. Иако, од друга страна, имам и спротивставени чувства. Поточно, кога ќе видам кој се’ се жали и си дозволува да ја коментира истата, вклучувајќи го тука и званичниот (не)културен амбасадор на ова Министерство, Милчо Манчевски – кој, виѓи врага, „секогаш имал тежок однос“ со македонскиот културен естаблишмент (sic!) – си велам: не се плеткај со гнаси!

Ама сепак, не може човек да се оттргне од впечатокот дека навистина оваа „програма“ е одмаздничка. На многу подолно, односно „повисоко“ рамниште од претходните. Дури, би рекол, се надминале себеси. Есенција на неспособност со злосторнички намери. Најгадна комбинација! Не мора човек ни да биде којзнае каков познавач или експерт за македонската култура и уметност за да види до каде ги довеле незнаењето, неспособноста, клиентелизмот и партизацијата филувани со жестоки одмазднички чувства кон се’ што барем малку заличува на квалитет. Па видете им ја само „програмата“ во издаваштвото, или во визуелните уметности. Човек да умре од смеа! Колку ли напор треба да се вложи, колку неукост и мизерни чувства треба да се во игра за да предложите нешто такво и, плус, да го наречете – национален интерес!? Но, нормално, и вообичаено, тој клиентелистички „национален интерес“ и овој пат никако не ги заборава главните пулени на ова Министерство и на оваа (не)култура, почнувајќи од непрежалениот ни „авангардист“ Станковски алиас Сарајлија, па Калиопа и останатиот џган на македонската „естрада“, сите можни културни лета, есени и зими, издавање на музички цд-а на секоја кафанска певаљка што умее да се дере, потоа неизоставното здружение на оние крушокрадцине и останатата вмровска контрасоросна братија итн.

2.

Затоа, кога веќе се дрзнуват да манипулираат со зборови од калибарот на индигнација, нека си стават огледало пред лицето и ќе ја видат во полна светлина, на дело како еден од основните движечки механизми на нивните културни „политики“. Впрочем, Елизабет со слична индигнација ги отфрлаше и цврстите повеќегодишни обвиненија од целокупната нормална македонска јавност, а сега и од Специјалното јавно обвинителство, околу нејзиното криминално посвојче наречено „Скопје 2014“, ама од авион се гледаше дека тоа е само индигнирана маска под која што трешти реален страв од заслужената казна. Во таа насока, не знам колкумина и од нејзиниот „тим“ – ако таа неписмена булумента воопшто може така да се нарече – ќе бидат на истиот начин индигнирани и почестени со резервирано место во една од соодветните институции во околината на Скопје, но останува да се види. И да им ги видиме тогашните „внатрешни“ соопштенија.

Но она што дополнително иритира до фрапантност е дрскоста на истата таа Елизабет и понатаму, иако целосно нелегитимно, да се шепури во нејзиниот стар кокошарник и понатаму глумејќи кокошка несилка од министерски формат. Џабе пратеничкиот мандат, не може пустата да се откачи од парите, лепливи се. И од моќта, уште послатка и полеплива. Кој ли ќе ја ферма утре како пратеник? Нема добар ден да и’ кажат ни овие кои секоја година ги товеше со буџетски пари!

3.

Но ниту еден проблем не е (пре)голем ако има решение. А овој, и со Елизабет и со нејзината „програма“ и останатите одлуки влечени за уши последниот период, го има наједноставното можно решение: поништување. Идната влада ќе има (не само) морална обврска да ги укине, поништи, дерегулира, исчисти, отстрани сите нелегитимни одлуки на оваа неморална персона, и не само нејзини, се разбира. Зашто, самозаборавена во министерската моќ таа одлучуваше и кога за тоа немаше право, законски и морално. Иако, да бидеме искрени, сите – и буквално сите до една – нејзини одлуки во сите нејзини мандати се неморални, криминални, партиски, одмазнички, некултурни, неуки, неспособни … Но за тоа веројатно ќе одговара посебно, за секоја одделно. Но, кај тие штетата е веќе направена и таа допрва ќе се поправа. Оваа последнава со „програмата“, како и онаа за македонското учество на Биеналето во Венеција кога како бинго ги награди и последните криминалци од „Скопје 2014“, се одлуки кои што утре ќе продуцираат идни штети по македонската култура и уметност и нивниот углед – она малку што остана – дома и во светот! Затоа и мора веќе вториот ден на новата влада да бидат укинати!

П.С.

Колку за илустрација за „квалитетот“ на оваа „програма“: кај Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп „стручњаците“ предвиделе „преземање на изложбата“ на скулптури од Зоран Јакимовски од Националната галерија на Македонија. Супер, ама Зоран Јакимовски, прво, не е скулптор туку е графичар. Иако, можеби, може и да сработи некоја скулптура, ако овие баш запнат. Ама, второ, таква изложба на Јакимовски воопшто нема во „програмата“ на НГМ – ни на скулптури на Јакимовски, уште помалку на графики! Што ли ќе „преземат“ овие од Прилеп, останува да се види! Изгледа Елизабет многу работела со гумичето!!!

КРИМИНАЛЕН ОДГОВОР

или

ЗНААТ КАКО (6)

Кога сите битни репери десет години наназад ќе се стават на вагата на рационалното, логичното, нормалното, разумното, тогаш коалицијата „знаат како“ дефинитивно ги губи сите можни белези на политичко организирање и  се’ повеќе заличува на злосторничко здружување за остварување на лични и групни криминални цели. И тоа е веќе неспорно и дефинитивно зацементирано со заканата на шефот на тоа здружување искажана јавно, во интервју за дневен весник: „Знаат ДУИ како“! И тука нема ама баш ништо политичко туку типично мафијашко, тука нема ама баш ништо конструктивно, легално, легалистичко, државничко … туку токму спротивното – деструктивно, илегално, злосторничко, подземно, криминално! И кога на тоа ќе се надоврзат сите важни собитија на кои што, за жал, сведочевме во изминатава деценија, на македонската политичка сцена остануваат само  куп соголени отпадоци, токму ѓубрето на тоа злосторничко здружение кое што некој друг ќе мора да го чисти прилично долго време! И тоа е историјата на овој македонски „политички“ период попознат и по низа други помпезни називи – меѓу кои и антиквизација, преродба, „Скопје 2014“ и слични будалаштини – што ја чинеше државата неколку милијарди украдени евра на приватни сметки и повеќе од половина милион иселено работоспосбно население. Тоа е уште еден успех во низата за кој што, сигурен сум, некаде повторно ќе заработиме прво место во светот.

И кога од тој агол ќе ги согледате сите аспекти на изминатиот период, јасно ви станува зошто дури и реченицата „погубни политики“ е деминутив, благ израз за сето она што го гледавме годиниве. Зашто придавката „политики“ по правило се врзува за нешто обмислено, анализирано, издржано, рационално, логично … нешто што ние го нема(в)ме во македонското општество. Затоа и не можете да си спомните ниту на една „политика“ која што вродила со плод, дала резултат, која што барем оставила некаква сугестивна трага или предизвикала позитивни поместувања во нашите животи. Не, напротив, се сеќаваме само на идиотски ад хок брканици низ политикантските ходници на власта, на шизофрени „проекти“ со бомбастични називи испилени од малите неписмени мозочиња на шефовите на криминалната организација, на циркузантски себепромоции во стилот на римските цезари на кои нашиве „технократи“ не им се ни до колената.

Впрочем, политики утврдуваат и водат политичари, а не неписмени пајташи собрани од приградските скопски сокаци и стокмени во министерски одела. А сите „наши“ минати влади во оваа деценија беа токму тоа. Како да политичар се станува во биртија! Но тоа не важи само за првиот ешалон на ова мафијашко здружение кое што глумеше некаква политичка партија, згора и национална односно патриотска, туку беше репер, стандард и за сите ешалони надолу – втор, трет, четврт … – распоредени по пирамидалниот принцип на таквите организации. Затоа и не можете да се сетите на едно сериозно име кое што помина низ македонските институции на системот, низ сите тие министерства, агенции, национални установи, на една умна глава со издржан план и програма за работа, со барем некакво знаење за местото кое што го завземаше. Впрочем, тие и не доаѓаа да работат!

И токму затоа ние цели десет години не видовме нормална политичка одговорност на македонската политичка сцена. Зашто не ни може да има политичка одговорност каде што нема политика, политичари и политичка партија. И затоа сосема добро „легнува“ оваа ситуација со Специјалното јавно обвинителство кое што бара, и ќе добие – ќе добиеме сите – криминална одговорност за главните актери на локалнава мафијашка сцена. Бидејќи криминална одговорност одговара за криминалци, политичка – за политичари!

И затоа ова што му се случува на мафијашкиот шеф кога ќе посака да се расходи во Градскиот парк е само најблага варијанта на тоа што тој им го приредувал на неговите неиостомисленици, а што допрва ќе го искусува и тој и целата негова тајфа. Зашто на криминалното поведение следува единствениот можен – криминален одговор. И за тоа впрочем постојат соодветни државни институции кои што полека но сигурно ќе си ја сработат задачата. Но постои и јавен одговор, токму како тој на младите од Градскиот парк. И не само на младите туку на сите понижени и навредени нормални граѓани на оваа држава! И со таков одговор, со таков или сличен рефрен треба да бидат испратени сите криминални опашки зад главниот мафиозо, сите оние нивни министерчиња, директорчиња, началничиња, сета таа криминална банда што ја тероризираше државава во негово име толку години.