Monthly Archives: February 2019

СЕНКИ

или

(НЕДО)РАЗБИРАЊА ЗА КУЛТУРАТА (1)

Културните разлики помеѓу нас и, да речеме, некоја пристојна европска земја се огромни, наликуваат на непремостливи. Кај нас луѓето од внатрешноста – да не речам провинцијата, тоа е сепак навредлив збор, а за провинцијализмот се најмалку тие виновни – доаѓаат во Скопје да го видат монструмон на коњ натопорен среде плоштадот, а во Холандија последна желба на еден број смртно болни луѓе им е да ја видат големата изложба на Рембрант во Ријкс музејот во Амстердам! Јасна ви е разликата? И нејзината (навидум) непремостливост? Знам, некои „патриоти“ веднаш ќе ми ја посочат нашата мачна, тешка, тегобна историја и онаа на Холандија, каде што (божем) само лалиња цутеле. Е па ни таму не цутеле само лалиња, ама луѓето работеле на своето образование и култура. Со векови!

Затоа, се’ повеќе сум убеден: треба постојано да и’ се труби на власта дека греши, кога / ако греши, а особено кога грешките се катастрофални. Колку и да се лутат тие, тоа сепак е наша работа. Односно, поточно, не само што треба туку МОРА тоа да се прави, и тоа онака како што неодамна тоа (по којзнае кој пат!) го направи Кица Колбе – мора буквално да им се црта дека нивните грешки, или незнаење, ќе ги плаќа некој друг, веќе утре, задутре … И тоа плаќање, тие сметки нема да бидат безначајни. Тие се историски! Тоа се сметки што (ќе) ги плаќаат генерации и генерации, со астрономски камати што ќе им ги пресметува цивилизираниот дел на светот гледајќи на нив (и понатаму!) со потценување, малтене со презир, со чудење како нивните претци (тоест ние) не умееле, не знаеле да ги проценат нештата, да спојат два со два. Впрочем, историјата е преполна со такви примери, ако сакаме да ги видиме, се разбира! Доволно е само да се потсетиме каде бевме во културата и образованието во осумдесеттите години на минатиот век а каде сме денес. Или какви се’ шанси пропуштивме во изминативе триесетина години транзиција заради ограниченоста и глупоста на неколку генерации политичари? Или, посликовито и можеби поразбирливо за власта, секоја власт, па и оваа: како што сега се чудиме зошто безмалу три децении не се решаваше проблемот со името – чие што решавање, патем, за оваа земја порано ќе премостеше и многу други проблеми – а светот се восхитува на смелоста и визионерството на двата премиери Заев и Ципрас, така утре некој ќе се чуди зошто она гробје среде Скопје некој го оставил толку долго да го труе духот на младите генерации, да ги учи на искривена историја, на кич наместо на уметност, дека и кршењето на сите можни закони може да помине неказнето ако тоа го прави државата (демек) во името на народот итн. И не знаете кое злосторство е потешко во историски размери! Имаат, имено, пари да ја тргнат само железната ограда, ама не и столбовите? Ма дајте, ве молам. Ама, по ѓаволите, дури и да е така, тргнете го тогаш она чудовиште со меч на коњ среде Скопје, ама оставете ја фонтаната ако толку ви се допаѓа! И замислувајте си дека ТОЈ е се’ уште таму, сосе мечот насочен кон имагинарниот (дали?) непријател, дека се’ уште некому му дава алиби за мечтаење за големи идни историски „подвизи“, дека тој е светлина на името македонско, или северномакедонско, како сакате, ама само – тргнете го! Или уште некому не му е јасно дека продолжуваме да живееме според концептот на шизофреникот од Будимпешта, дека неговата кич матрица – историска, уметничка, популистичка, тиранска … – од ден во ден станува матрица на новите млади генерации кои не виделе подобро? Зарем само толку можеме, зарем само толку знаеме? Ако другите не можат, ако другите не знаат, обврска е на тие што можат и знаат постојано да говорат за овие злосторства додека тие се меѓу нас.

Злосторствата на таа генерација македонски политиканти кои се криеа зад маската на историското име не се ни мали ни безначајни. Не се ни ефтини, односно – ефтини се во духовна но скапи во материјална смисла. Кичот е секогаш најскап! Се’ уште не им ја знаеме конечната цена во евра, или денари, а само ја претпоставуваме, но никогаш целосно, духовната штета врз неколку генерации. Со продолжено дејство! Ама зарем мораме се’ уште да ги толерираме?

Како што вели Колбе, „естетиката е непотребен трошок“. Ама зарем навистина така размислува и оваа политичка гарнитура, која успеа да го истурка „Преспанскиот договор“? Ако е така, ако во Холандија луѓе на смртна постела ги носат последен пат да го видат Рембрант а ние уживаме во кичот наследен од еден крајно корумпиран и ненароден режим, тогаш ништо подобро и не сме заслужиле. Дури и да ги оставиме по страна оние страшни асоцијации на кои што не’ потсетува Колбе – божемната „цивилизациска супериорност на античките Македонци“, фашизоидната театралност и милитантност, нечии скриени желби за такви и слични идентификации дури и на општо национално рамниште итн. – останува фактот дека среде главниот град, во естетска смисла, едни ни октроирале горчлив кич а други истиот го толерираат и оставаат светот и понатаму да ни се смее и да не’ нарекува со секакви имиња! Оттука, повторно, наша сериозна обврска останува перманентното повторување на барањата до власта за справување со тоа петпарачко кич наследство, ако не заради нас тогаш заради иднината на децата кои растат во неговата сенка. А тоа е сенка, верувајте, не само физичка имајќи ги предвид димензиите на монструмон на коњ туку суштинска: културна, образовна, историска, естетска, цивилизациска. Младите генерации израснати во оваа сенка, и оние кои допрва доаѓаат, се во старт хендикепирани, одземено им е правото на чист, уреден и естетски животен простор. Заедно со енормното аерозагадување, нивната изложеност и на оваа културна и образовна контаминација е убиствено и ги прави граѓани од втор ред на светската провинција. Ако тоа некому не му е јасно – ништо не му е јасно! И затоа, без оглед дали, и колку нашите барања и понатаму ќе остануваат нечуени, игнорирани или потсмешливо адресирани, треба да се биде упорен.

И овде намерно ја оставам на страна поентата на Колбе за политичката сенка на криминалецон од Будимпешта во која што денес, се’ уште, одбира да живее и оваа генерација политичари со несомнено поинакви ориентации. Таа загатка не е наша да ја решаваме, тоа мора тие самите да го решат. Нам ни останува да бидеме здодевни како забоболка, да говориме и пишуваме, се’ додека проблемот – не мал – не се реши. Некој ќе рече: во денешната (не)културна констелација, а имајќи ги предвид сите состојби во културата и образованието, илузорно е да се очекува брзо решавање (и) на ова прашање. Ама ова прашање, по неговата суштина и димензии, ако некој сака тоа да го разбере, е еднакво на прашањето / дилемите за името. Па го решија, нели?!

ВИНА?

Како и се’ друго, и ова ќе помине. Мислам – во културата. Зашто таа не е толку битна како тоа дали некоја битанга добила два-три шамари во „Шутка“! Што е за осуда, секако, се согласувам, и ако веќе некој треба да поднесе одговорност тогаш тоа ќе да е директорот на затворот, се разбира. Не ги спровел или не обезбедил да се спроведат потребните процедури. И тоа е демократија, ни се допаѓало нам или не. Ама, ако во целата култура, а не само во еден-два изолирани случаи, се направи комплетен и комплексен хаос со државни пари, тогаш – никој нема вина? Ако, случајно, или не дај боже намерно ја изместите централната културна оска на државава, ако инвалидизирате цели важни сектори, ако не знаете што (треба да) работат музеите во државава, ако не знаете / не сте го виделе единственото критичко филмско списание („Филм +“) во државава или пак тоа ама баш ништо не ви значи па не му ни давате пари, ако немате три благе везе колку години требаа да заживее една манифестација викана „Недела на гордоста“, ако за конзервација на црквата „Св. Ѓорги“ во Курбиново од потребни 19 милиони денари сте определиле само 1.9 милиони денари ама за „Алим-бегова куќа“ во Тетово цели 2.8 милиони денари … тогаш има некој нешто да каже? Или не? Заради „големата слика“? Ок.

Но, токму заради културата, без оглед колку и како ја цениме, ама ни треба, тука сите (божем) се согласуваат, тогаш мора и овие случувања да се расчистат. Па, ако треба, вината нека си ја понесат дотичните комисии. Барем тие, односно оние кои го направија хаосот со нивното незнаење, нестручност, некомпетентност. Или, ако мислат дека вината не е во нив, нека посочат каде е! А не може да не е (и) кај нив, барем еден голем, ако не најголем дел. Зашто, прво, се нафатиле да работат нешто што не го знаат, што не им е професија, за што немаат ниту искуство. И за тоа се сноси вина.  Односно, дури и не мора овие и вакви „комисии“ – не сите, сепак да бидеме докрај искрени – да бидат тие од кои што прво ќе се почне односно врз кои што ќе се „скрши колата“. Но со години (еве, нема повеќе да ја спомнувам Стратегијата!) наназад го говориме истото: не секој кој завршил некакво уметничко школо е компетентен да носи сериозни и важни одлуки за таканаречени „проекти од национален интерес“, дека не секој кој во животот прочитал една книга може да одлучува по издавачката годишна програма во државава или не секој кој наводно имал една самостојна изложба во некаква шупа може да одлучува за годишната програма за визуелни уметности, архитектура и дизајн, итн.! Уште помалку партиската или етничката припадност е некаква препорака за стручност и компетентност. Барем не во нормални, цивилизирани држави.

Да, знам дека мешањето баби и жаби односно затворски „меки боксови“ (Вангелов) и некултурни (комисиски) шлаканици немаат голема врска, но не ни треба да имаат. Врска има она што доаѓа после: одговорноста кај бабите, а неодговорноста кај жабите. Или обратно, како сакате. Ама одговорноста ќе дојде и кај бабите, или кај жабите, ќе мора, кога-тогаш. Или нема да имаме култура, дефинитивно. Иако, сигурен сум, има многумина на кои што ова би им одговарало – зошто? заради премногу лични, групни и партиски лукративни причини! – и тогаш фронтот ќе биде затворен. Тоест, нема да има фронт. Сега – се’ уште го има, се’ уште има оптимисти кои упорно конкурираат и им се плеткаат во есапите, има будали кои се’ уште веруваат во потребата оваа земја да ги продолжи културните традиции на минатото. Нивни проблем, би рекле некои. А така и е’! Зашто, наместо граѓанска култура ние повторно добиваме партиска квазикултура со „еминенти“ партиски апаратчици кои се гледаат само себеси во денешната златна државна рамка. А таа е најбитна – онаа кога те признава „државата“, или нејзината сенка, но никој друг: ни колеги, ни пријатели, ни јавност. Ама, што е побитно за опстанокот на една огромна група медиокритети кои намислиле дека токму културата им е најлесната опција, дека токму таму можат да ги реализираат личните мечти за „слава“ и богатство, за тапшање по рамо и удирање в гради? Се разбира дека е подобра лажната рамка во која што некоја имагинарна држава прогласува кој е кој во имагинарната култура, му дава „капом и шаком“, дури ни ги нуди и како некаков фактор во македонскиот имагинарен културен свет. Таа искривена партиска слика дебело ја плаќаме, тој т.н. културен симулакрум што денес ни се нуди е се’ само не она што треба да биде. И уште еднаш: ќе има ли некој одговорен за тоа?

ЦИРКУС

И повторно: овој цуркус воден особено од сега новоосвестени „демократки“ кои врескаат за некакви критериуми и стандарди при распределбата на средствата во културата не може да штети, ама е, најблаго речено, смешен. Ама ако некој решил да се прави палјачо, тоа е негов проблем. Но не знам зошто треба и други да ја прифаќаат таа улога. Зарем не ни беше доволно што таквите, во времето на режимот, беа тотално глуви за сите демократски барања, за нив тогаш не требаа критериуми и стандарди туку доаѓаа во Министерството со вреќите, ги товареа на магаренцето и си одеа дома. А ние кои и тогаш баравме стандарди и критериуми за поправична распределба на културниот буџет бевме целосно игнорирани, како да не постоиме, како да немаме право на глас – а де факто и немавме – како да сме нивни измеќари должни само да си го платиме данокот за да за нив има повеќе. Не знам само како магаренцата не им цркнаа покрај толкав товар што го разнесуваа секоја божја година!? И сега, одеднаш, кога некој ќе се дрзне да не им даде толку колку што тие намислиле – а ним, да простите, никогаш не им е доста! – е тогаш настанува проблем во државава, демек отсуствуваат стандарди и критериуми, демек не чини дури ни важечкиот закон (ама им чинеше цели дваесетина година!), а богами не чини ни новиот што е во подготовка па тие се нудат да го средат. Абе што вие ќе средите, гревки, не можете себеси да се средите, не па закон да правите!

Не можам да разберам како, и зошто, се бавиме со секакви „мислења“ што не вредат „ни пишљива боба“. И како, одеднаш, тие и такви „мислења“ имаат влез секаде?! Па нели имавме две јавни расправи по новиот текст на законот за остварување на јавниот интерес во културата, нели речиси година дена текстот на тој закон е видливо „закачен“ на веб страницата на Министерството за култура, нели секој можеше, ако сакаше и умееше, да даде свој придонес преку забелешки, предлози, мислења … Што правеше „стручњачката“ тогаш, а и другите со неа? Не веруваа дека некој може да ги избрише со гумичка како што тие ги бришеа другите во изминатата деценија? Но, добро, некој решил, заради навистина нејасни причини – ама такви во македонската култура секогаш има – да им посвети должно внимание и сега тие „оп“, а ние – скок? Па да организираме и една дебата апропо „критиките“ на шестокласнион актер, а сега наводно културен вмронски „шеф“ кому исто така нешто му пречи? И како тоа замислуваат луѓево баш сега да го менуваат постојниот закон кога претстојат избори за претседател на државава? Или за нив тоа нема значење, они едноставно – сакаат. Е па ајде да видиме како ли ќе им удоволат и на тој ќеф!? Ама мислам дека никој всушност не разбира што тие сакаат. Тие, имено, сакаат во стариот или новиот закон, сеедно, да стои нивното име и презиме, по можност и на нивните „фирми“, со клаузула дека тие мораат, во секаква политичка и/или финансиска констелација, да добиваат пари на годишниот конкурс. Ако пак ги има повеќе во текот на годината, тогаш на секој конкурс одделно. Тие секако – или барем се надевам!? – немаат против и некој друг да добие средства за некој, некаков проект, ама прво тие да си го добијат бараното, а потоа преостанатото нека се дели на другите! Зашто, ако сме циркус, а сме, заштитените бели мечки мора први да го добијат своето. За другите – ќе видиме!

И не е ова никаква пародија на неодамнешните егземпларни случувања во македонската култура околу резултатите на Годишниот кункурс за финансирање на проекти од национален интерес за 2019 година. Ние, практично, тој циркус го гледаме секоја година, без исклучок. Ги гледаме и горе-долу истите актери односно бели мечки како алтернативно танцуваат на звуците на тешкото или интернационалата, сеедно, како не’ прават луди при здрава памет, како се расфрлаат со туѓи пари небаре ги донеле од дома. Народната вели: секое зло за добро! Да, и во ова зло наречено резултати по Годишниот кункурс за финансирање на проекти од национален интерес за 2019 година – а ова зло веројатно е најголемото досега, речиси невидено и нечуено до вчера во македонската култура – практично го добивме огледалото на македонската култура денес. И добро е што го добивме, дури и ако е искривено, дури и ако потсетува на оние циркуски огледала каде еднаш изгледаме дебели, па слаби, високи па ниски, смешни па трагични … Сето тоа сме ние, сето тоа е македонската култура денес, нејзиното олицетворение, и на оние кои ја водат! Циркузантската епизода, дури и со партиципацијата на поединци на кои едноставно не им личи да седат со секакви дилетанти, сепак останува само циркузантска точка во која што театарот се трансформира во уличарски циркус.

Но, време е македонската култура да се подготви на нови предизвици, предизвици кои од неа ќе бараат да си / им ја каже в лице вистината и себеси но и на оние бројни блефери, узурпатори, музатори, шалабајзери, профитери (партиски и „културни“), партиски и етнички клиенти и муватори. Ова веќе е време на признанија, пред себе и пред другите, инаку циркусот само ќе ескалира до невидени размери. А кога велам невидени – така и мислам, иако некои велат дека тие „височини“ веќе ги достигнавме, со тенденција да освојуваме нови! Ќе ескалира дотаму парите да се делат исклучиво по партиски и етнички клуч, а македонската култура да венее до целосна смрт. А таа смрт на културата ќе не’ чини, не скапо, туку – прескапо! Некој можеби е подготвен и тоа да го поднесе, и прифати, па дури и оправда. Можеби ние и треба да имаме само партиска и етничка култура, и онаа циркускана, се разбира, онаа на новопеченана демократка и сличните на неа чии профитерски апетити се бескрајни. И не мислете дека некој сериозно ве става на ум, дека некој навистина мисли на вас. Не, грешите, верувајте, осамени сте, зашто, впрочем, никој и не ве повика за да ги изнесете вашите забелешки или да ве праша за мислење. Ама циркузантиве веднаш влегоа кај министерот, нели?

МНОГУ, И – НИШТО!

Ако, како што (апсолутно компетентно) вели г-ѓата Елена Михајлова – Стратилати[1], „ … целта на транзицијата од репресивен режим кон демократија е да се потврди нов систем на општествени и политички вредности“, како ова денес би го превеле во актуелните состојби на македонската општествено политичка пракса? За секој општествен сегмент ни треба еднакво компетентен одговор и само тоа може да биде мерилото валидно после безмалу две години од функционирањето на сегашната власт, наспроти фалбите, или (само)критиките, за одделни потези. Или, ако баш сакате, можеме да се повикуваме – само до кога, дури не си замине? – и на заклучокот од средбата на премиерот со Прибе: одговорност од сите во државата за да се обезбеди функционална правна држава! Одлично!!!

Ако станува збор за културата, важат истите прашања односно препораки: што, на пример, од таа ветена транзиција добив(а)ме денес во културата? И кој ќе поднесе одговорност за очигледниот неуспех? Но, да одиме со ред. Прво, можен ли е, валиден ли е одговорот дека на почетокот, во вистинската пролет на македонската демократија во јуни 2017 година добивме многу, а потоа – ништо!? Мислам дека е неспорно дека почетокот беше фуриозен, дури неочекуван, дека добивме многу во првата година од транзицијата од еден режим кон потенцијална демократија, односно ги добивме најважните нешта: релаксирање на состојбите, демократизација во дијалогот, упатување на најважните реформски зафати, работа на стратешкиот документ во културата за наредниот петгодишен период, „тргна“ и процесот со новата норматива, дури и со јавни дебати, итн. И тоа, имено, беа логичните почетоци, ако сакате и темелите на тој транзициски процес кон демократска култура односно демократија во културата. И одеднаш – тука се застана, без збор, без објаснение, без отчет. Некој треба ли да објасни зошто? Големата слика? Која е, простете, таа „голема слика“ на оваа држава без нејзината култура? Ја чита ли некој овде Кица Колбе и нејзините согледби за тоа „колку е значајна за промоцијата на македонската самобитност – не само во Грција туку и во ЕУ – токму културата“? Или „големата слика“ може и без културата? Е баш би сакал да го видам тој филм! Или некој навистина мисли дека економијата е движечката сила на општеството? Каков аматеризам. Но, сеедно, некој може и така да мисли, ама зошто тоа никој не го кажува отворено, или зошто никој барем не и’ се извини на македонската култура која што имаше максимални очекувања од овој транзициски период, не ја замоли да се стрпи додека се изживеат некои / нечии страсти, додека не се комплетира „големата слика“? Се плашам дека патем ќе уништиме многу мали слики, сликички, безброј од нив кои го сочинуваат богатството на она што го нареку(в)авме – македонска култура. А тука не мислам само на културата на македонската етничка заедница, туку и на сите други кои живеат на ова парче земја. Иако, очигледно е, некои од нив баш и не мислат на нас! И мисли ли некој дека ова залудно загубено време може да се надомести? И мисли ли некој дека компетентните поединци кои се вложија себеси во овој процес – а тука мислам на бројните експерти ангажирани за изработка на стручни елаборати за состојбите во културните дејности, а кои буквално беа исшутирани од актуелниот министер – утре повторно ќе бидат на располагање? И повторно ќе го парафразирам умниот Прибе кога вели дека ова не е упатено до партија или политичка опција. Ова е наш, општ проблем, но сведен на разбирањата на поединци кои, за жал, ама баш никако не ги разбираат нештата.

Но, она што предизвикува најголеми забуни во јавноста и за кое што – еве говорам отворено – секојдневно ме прашуваат непознати луѓе на улица, е фактот дека вакви нешта се дозволени само и единствено во културата. Зошто? Може ли некој ова да го објасни односно дали навистина културата по правило е (популарно наречено) монета за поткусурување и дали, кога ова би се случувало на сличен начин во некој друг ресор, резултатот би бил сличен? На пример, кога некој министер за образование, спротивно на закон и утврдени реформски стратегии, самоволно би решил дека средното образование не е задолжително? Дали едно такво решение би наишло на општи молк и нечинење во државава како што тоа се случува со реформите во културата? Или, на пример, да ги укине средствата за државните основни училишта и истите да ги пренамени за приватни основни училишта? Дали општеството навистина би било толку незаинтересирано и во таков случај како што манифестира во однос на, на пример, узурпирањето на правото на работа на музеите во државава? И зошто, кога сме веќе кај ова, училиштата не конкурираат за средства на годишен конкурс, туку тоа мора да го прават државните културни институции? Или навистина мислиме дека образованието е тооолку поважно од културата? И понатаму, што ако некој министер за здравство денес одлучи да укине дел од средствата за државните болници и истите ги пренасочи во приватните? И тогаш ли општеството на тоа ќе гледа благонаклоно, како воља на министерот, или дури негово право наспроти сите закони во државава и здравата логика? Или културата навистина ја сметаме за поле каде што секој има право да експериментира (сосема несоодветен збор, но друг би бил навредлив, претпоставувам) колку и како сака, а тоа нема да остави последици за културниот „систем“ во државата? Или пак мислиме дека тој „систем“ е така лесно обновлив како што изгледа?

Не е, воопшто не е, дури е потешко обновлив од еднакво ступидните (евентуални) мерки во образованието, или здравството. Културните злосторства се најтешки, најтешко обновливи и најненадоместливи. За нив се потребни генерации и генерации кои ќе ги пополнат „дупките“ во системот, ако воопшто го има! Па барем македонската историја има едно чудо сведоштва за тоа. Што друго ни треба?

Затоа, повторно, некој мора да објасни зошто ова се допушта во културата и зошто мислиме дека културата е така лесно обновлива? И понатаму, ако на таа иста култура на почетокот на македонската демократска пролет и’ беа дадени сите надежи и гаранции, зошто така бргу, за само една година, и’ беа одземени, и во името на што? И дали некој за она ништо што следеше по она многу ќе поднесе некаква одговорност, онаа од почетокот на текстот? Инаку, апропо барањето на една новородена „демократска госпожа“ за некакви стандарди и критериуми денес, зошто никој, а најмалку таа, истите не ги бараше до вчера, во режимот кога таа и пулените користеа буџети „до небо“ и врз грбот на сите нас?

[1] Елена Михајлова-Стратилати, Македонска транзициона правда“, Либертас, 20.02.2019

ПРАВО НА КУЛТУРА

Правото на грешка, особено правото на стотина грешки во еден потег, не може да биде поголемо од правото на култура на поединецот / институциите во еден колку-толку одржлив културен систем. Но Годишната програма за 2019 година на ова Министерство за култура го прави токму тоа: го дисквалификува односно го поништува правото на култура особено на институциите основани од државата, а не ги санкционира грешките – случајни или намерни – во однос на неправедната / небулозната распределба на јавни средства. Поточно – дури и ги мултиплицира со самиот факт што сега, наводно, министерот и премиерот заедно (ќе) ги разгледуваат одбиените проекти! Та нели комисиите биле стручни, па професионални, па неутрални, па не-знам-какви … и што има сега тука да прават министерот (инженер) и премиерот (економист)!? Но, тоа впрочем е и најмалиот проблем. Поголемиот, или најголемиот, е што ниту комисиите биле така стручни, или професионални, или неутрални, или пак не-знам-какви, уште помалку целата постапка била транспарентна и демократска. Фактот дека на многумина, но пред се’ на државните (националните и локалните) институции им е одземено правото на култура, а со тоа и на сите нас, згора и на огромен број поединци, сериозни уметници, културни работници, е преседан невиден кај нас. Односно, го гледавме тук-таму во времето на режимот на злосторничкото здружение, но никогаш во вакви скандалозни размери!

И за да бидам појасен: под правото на култура овде не го подразбирам целиот корпус човекови права во културата – иако делумно и тоа го има во овој конкурс – туку пред се’ ги подразбирам правата на работа во културата на еден огромен број национални и локални установи, (некои дури) основани со закон или со одлуки на некоја македонска влада, а сега целосно узурпирани / изместени во полза на тотални анонимуси маскирани во граѓански здруженија основани само неколку дена пред објавувањето на конкурсот за распределба на средствата, во разноразни чудни (најблаго речено) ентитети целосно нестручни и некомпетентни за извршување на задачите за кои што добиле пари од државниот буџет, што е спротивно на закон, итн. Значи, говорам за средства од буџетот на Министерството за култура по овој Годишен конкурс на кој што треба да се финансираат само проекти со специфична културна тежина од т.н. „национален интерес“, а не и секоја будалетинка која што однапред се договорила со некој во тоа Министерство, па и добила пари, не мали, за пријавената будалаштина. Не мислам да кажам, уште помалку се залагам за некакво апсолутно право на државните институции (национални или локални) да го трошат целиот културен буџет. Да беше така, не ќе бев дел од групата шти ја работеше Националната стратегија. Но, во одделни области, особено во заштитата на културното наследство, во музејската дејност и сл., државните институции мораат да имат генерално предимство бидејќи, прво, тие се основани од државата за вршење на специјализираните работи во дејноста, второ, во нив се сепак сконцентрирани најстручните кадри во тие области, и трето, тие ги имаат сите законски и институционални ингеренции за вршење на стручните работи во соодветната дејност. Со ова, повторно, никако немам намера да ги минимизирам значењето и работата и на независните ентитети во овие области, но објективно нивните кадровски и други ресурси во однос на некои зафати во овие области се значително стеснети. Конечно, ако државата оцени дека некои државни институции (национални или локални) нецелосно, несоодветно или воопшто не ги извршуваат со закон утврдените работи, нема пречка тие да бидат – укинати. Зошто инаку би им давала плата цела година, а не и средства за работа? А тие средства се токму овие средства од Годишниот конкурс, кој што сега некој им ги ускратува, или воопшто не им ги дава, а со цел да ги пренасочи на некои десеетти корисници кои немаат три благе везе со работата што треба да ја завршат. Инаку, на овој начин, тоа значи препуштање на институциите на тивка, долготрајна но сигурна смрт. И токму таму ги води оваа Годишна програма зашто целосно дилетантски ги фаворизира нестручните граѓански здруженија, некои други неидентификувани ентитети, па дури и фолклорни друштва и нивното „право“ на култура таму каде што не им е местото.

За да не биде празен муабет, Годишната програма во, на пример, музејската дејност е исклучителен пример на незнаење, нестручност, непрофесионалност, но и илустрација токму на она ускратување на правото на култура на институциите основани од државата за извршување на работите во таа дејност. Зашто, ако на еден музеј, на пример Музејот во Велес, му определите средства само за едно археолошко истражување (локалитет Кале/Градиште) и изработка на еден водич, тоа е исто како да музејот сте го осудиле таа година да дреме, брка муви низ зградата и измислува други глупости само да го пополни времето. И таква е ситуацијата со речиси сите локални музеи на кои онаа „стручна“, „професионална“, „компетентна“ комисија им разрежала по еден-два проекти за цела година, во вкупни износи не поголеми од 200.000 денари. Ама затоа тука се оние т.н. други буџетски корисници, на пример Институт за историја и археологија при Универзитетот во Штип, кој наместо да бара пари од Министерството за наука овде си добива цели 300.000 денари, па на Институтот за национална историја му текнало да држи симпозиум „Идентитети“ и нормално – пари од култура (цели 300.000 денари), а на списокот дури се нашол и Факултетот за физичка култура (sic!) при Универзитетот во Тетово со „проект“ наречен „Развивање на моторични особини на аутистични деца во синхронизација со учење на народни ора кај аутистични деца“ (150.000 денари)! Да не биде „покус“, и Филозофскиот факултет во Скопје ќе вршел археолошки истражувања (Старо Бонче, прилепско), за што добил 150.000 денари. Или, ако е попрегледно: 11 локални музеи во Македонија добиле некакви цркавици од цирка (вкупно) 2 милиони денари (што во просек доаѓа по пишливи 200.000 денари за целогодишна работа на еден музеј!), ама оние фамозни „други буџетски корисници“ кои не припаѓаат овде ниту по еден критериум, а ги има 10, инкасирале цирка 2,5 милиони денари!!! Сака ли некој во тоа Министерство и во таа „стручна“ комисија да каже дека овие „корисници“ се поважни од македонските музеи па добиваат и повеќе пари од нив? Ако пак кон ова ги приклучите и сите оние здруженија, невладини организации и поединци (?), а ги има дури 79 (!?) кои добиле пари од средствата за музејска дејност, не треба многу да донесете соодветни заклучоци, нели. И повторно колку за илустрација, за „стручноста“ но и за другите нешта, пари добивале и, на пример, „проекти“ од типот на пеливанство (700.000), прослава на јубилеј 5 години „Копачка“ во УНЕСКО (130.000), модна ревија „Современ дизајн накитен со минатото“ (80.000), „Ракотворбите и жената“ (280.000), заштитата на етнолошкото наследство во Кочани ќе го врши некое граѓанско здружение ама за 360.000 денари, друго здружение ќе го прославува „Денот на грозјето“ за 550.000 денари, итн.!

Треба коментар?

ПРАВО НА ГРЕШКА

Некој греши, некој длабоко греши. И тука има само две варијанти: или грешиме ние, подразбирајќи го тука мнозинството реформски ориентирани културњаци, или грешат они, кои и да се односно оние кои „случајно“ или намерно ги кочат реформските процеси во државава!Трето нема, средина нема. И понатаму, ако врвот на званичната македонска политика – Владата на Р(С)М и Собранието на Р(С)М – усвоиле најважен стратегиски документ што ги посочува неопходните реформи во културата и Акциски план што истите ги операционализира по години, тогаш кој е тој фактор со доволна сила и моќ тоа да го игнорира? Ако Националната стратегија за развој на културата во Република Македонија во периодот 2018-2022 година констатира дека „Финансирањето во културата е заробено од централизираната волја на политиката, која настојува да создава партиска култура и уметност“ односно дека „Ваквите тенденции особено дојдоа до израз во изминатата деценија влечејќи ја културата назад и оневозможувајќи вистински развој“, некој овде мисли дека тие реченицисе само лажливо лижавче за македонските уметници и културни работници? Ако истата таа Стратегија е децидна дека „Распределбата на државниот буџет за култура не се темели на оцена на спроведените програми, ниту на поставување јасни цели и критериуми“ (што и годинава се потврди!), дека „Финансиските средства се распределуваат нетранспарентно“ (што и годинава се потврди!), дека „се нагласува потребата и стратегиската определба за демократичност, транспарентност, отчетност и стручност во одлучувањето, како и ослободување на процесот на распределба на средствата од партиски влијанија“ (што и годинава се потврди!), „обезбедување соодветна финансиска поддршка што ќе гарантира висок квалитет и стандарди на продукцијата и што ќе го зачува достоинството на авторскиот труд“ (што и годинава се потврди!) итн., тогаш зошто некој мисли дека има право да се подигрува и да ги манипулира овие цели? И, повторно: кому овие цели и реформи не му одговараат и кои се тие сиви и (божем) невидливи сили што упорно не’ влечат назад?

Сакам да кажам: секој има право на грешка. Дури и повеќе од еднаш. Тоа право го имаат дури и (нај)високи државни функционери, ако навистина станува збор за – грешка. Ама, можете да згрешите еднаш, двапати, па ајде и трипати, ама не може цела програма да ви е – грешка. Ете, нека биде грешка „Златно славејче“, ама колку такви „славејчиња“ пеати ли пеат фалш во оваа „Програма“? Толкаво право на грешки – множина, се разбира – нема никој, никаде. Значи, јавноста, особено културната, е по правило толерантна и го почитува правото на ненамерна грешка. Потенцирам – ненамерна, и таа, повторно, се случува еднаш, двапати … ама не сто, двесте, триста пати, и тоа во еден единствен документ!? Тогаш веќе преминува во нешто друго, а тоа друго треба / мора да го квалификуваат високи државни органи. Дури и не само од политички аспект, туку и од малку поинаков, оној кој што утврдува друг тип на одговорност. Зашто, ако се слушаат слухови – јас не сакам да ги потенцирам, ама баш никако, но мислам дека набргу и тие јавно ќе се обзнанат! – дека и членовите на комисиите се чудат на „резултатите“ кои што божем ги утврдиле, тогаш тука има место за многу нешта а не само за – политичка одговорност! Но, најмалку што сакам е да прејудицирам одредени состојби или идни потези, владини или други. Но дека некој мора да се позанимава со оваа работа и од некаковдруг „аспект“, тоа е несомнено! Дури, би рекол, овде станува збор за склоп на многу нешта, а најмалку – за грешка!!! И овде не можа а да не го наведам ставот на реномираниот Димитар Башевски кој му држи вистинска демократска лекција на министерот Адеми. Сакам да кажам: зошто никој не ги чита овие искажувања на сериозни македонски интелектуалци, зошто никој не ги зема предвид при решавањето на вакви крупни, да не речам круцијални прашања за македонската култура? Зарем правото на (тристакратна) грешка на министерот е нешто повредно и поголемо од ставот на еден, а во случајов и не само еден реномиран македонски интелектуалец? И како, и зошто, „грешките“ на највисоките македонски функционери се случуваат безмалу исклучиво на планот на финансиите и вработувањата? А кога говориме за културата тоа е полето каде злосторничкото здружение го достигна врвот и мислевме дека по смената на власта барем во таа насока нема да има враќање назад. И токму затоа Стратегијата е така и толку јасна во тој поглед, па и ригорозна, ако сакате, барајќи целосна промена на начинот на размислување за системот на финансирање во културата. Не дека тој е најважен, не е, иако кај нас, практично, државата е најмоќниот / единствениот финансиер па следствено тој дел е подложен и на најбројни манипулации.

И овде ми се наметнува една компарација: да се правеа вакви „грешки“ низ т.н. Преспански процес, ќе беа еднакво толерирани од страна на Владата, Собранието и др.? Или културата баш и не е толку важна? Колку за пример, во една прилика, еден голем човек според неговите културни димензии и познавања, па и заслуги, ако сакате, а се вика Љубиша Ристиќ, вели: „Стратегијата во културата е, спротивно на вообичаеното мислење, основ на секоја друга стратегија во државата: кој ја решава кризата во културата, ќе има можност да ја реши и кризата во општеството“. Претерано? Не би рекол. Ристиќ знае за што говори, повеќе од било кој. Особено овде, во ова балканско културно мочуриште!

На крајот, неволно, но сепак, ќе се вратам на веќе претходно спомнатиот гласен молк на еден голем дел од македонската компетентна културна јавност и морам да искажам личен став во однос на таканаречените реакции апропо катастрофалниот исход на Годишната програма. Еден голем дел од таа јавност секојдневно маршираше во времето на „Шарената револуција“ низ скопските улици барајќи промени (и реформи) и во културата. Денес, тоа ја тангира само Ирена (Стериовска), на пример? Денес тој ист дел од таа иста компетентна културна јавност избира да седи дома и – молчи? Ја оправдува „грешката“ на министерот, бара оправдување и за својот молк, што ли? Или мисли дека е сепак се’ во ред? Ако е така, и тоа треба да се каже, јасно и гласно. Или фактот дека голем дел од таа јавност, дури и наспроти во многу случаи очебијниот конфликт на интереси, сепак се наоѓа на списоците на добитници на средства од Министерството за култура им ги блокира гласните жици? А нели така и пуфлата во нејзиното време си ги обезбедуваше навивачите и ракоплескачите? Или тоа брзо се заборави?!

ЗАГЛУШУВАЧКИ МОЛК

Кај нас молкот секогаш е заглушувачки. И запрепастувачки, било да доаѓа од надлежните институции или од стручната или пошироката јавност. Во случајов со Големото Ништо на Министерството за култура наречено Годишен конкурс за финансирање на националниот интерес во културата во 2019 година заглушувачкиот односно запрепастувачкиот молк и овојпат доаѓа од најважните македонски институции во културата, од стручните асоцијации, од „големите“ национални дејци и остала братија. Тие сосема ноншалантно им ги препуштаат револтот и коментарите на културната „раја“, на оние кои после цела деценија строг културен пост доживуваат уште една силна шлаканица како благодарност за нивниот не така мал удел во рушењето на „културниот“ дел од злосторничкото здружение што им беше залегнато на вратот толку неродни години. Тук-таму се огласуваат, главно срамежливо, неколку театри, еден-два издавачи, па дури и Друштвото на писателите на Македонија (за нив врвен „аргумент“ е колку многу побарале а колку малку добиле, а особено што не добиле пари за оние дај-дам награди што си ги делат секоја година!) и – толку. Другите муабетат главно на Фејсбук, по кафиќи и кафеани, и таму се најгласни. Секоја чест на оние кои веднаш јавно истапија со отворен револт и барање објаснување, меѓу нив секако и Зоја Бузалкова, Скопје џез фестивалот, Авалон, Или-или … Што ќе рече: другите се, значи, задоволни со добиеното? Без намера да им бидам адвокат, или пак да барам од нив да реагираат ама, на пример, ако за организација на изложби од областа на визеулените уметности средства добиле само два локални музеи (Велес и Неготино, а и добиените средства се жива беда!), а го нема, на пример, Музеј на град Скопје, тоа некому му кажува нешто? Или ако Младинскиот културен центар во Скопје, со толкава галерија добива смешни средства за само две изложби (вкупно 57.000) ама Државниот универзитет во Тетово добива 105.000 денари за нешто недефинирано што се вика „Мост со три крака“, или некакво здружение „Добре дојде“ за (повторно недефинирано нешто) викано „Мозаик – соработка во традиција и современо живеење“ (?) добива цели 170.000 денари, и тоа ли ништо не значи? Зборот ми е: заглушувачкиот молк за ваквите будалаштини во само еден сегмент од Годишната програма говори не само за отсуството на критичка перцепција за едно суштинско и катастрофално промашување туку и за нешто уште полошо, уште пострашно! Можете да го наречете / дефинирате како сакате, ама нема да можете да излезете од шаблонот на времето на азилантот и пуфлата како две најомразени личности во македонската култура изминатата деценија. И тој шаблон се вика: недоверба и – страв!

Добро, веднаш ќе се демантирам себеси – барем во еден дел – со фактот дека меѓу првите се огласи директно премиерот! Што не е мала работа. И кажа дека Годишната програма ќе се преиспита во делот каде што имало најмногу забелешки. Тоа азилантот никогаш не го направи. И не би го направил ни за сто години, не само зашто беше кукавица туку и зашто тој практично го делеше најголемиот дел од културниот колач. И, следствено, не можете да бидете несогласен со себеси, нели? Но, она фамозно македонско „но“: не сум сигурен дека беше избран најдобриот начин на реакција, и тоа за „ревизија“ на само дел од одбиените проекти. Тие се „помалиот“ дел од проблемот, ако воопшто може да има помал и поголем дел од еден толкав проблем наречен (не само од мене) Големото Ништо! Сепак, премиерот сметал за потребно тоа да го потенцира. И тоа е доволно за да ги охрабри поединците, институциите да реагираат и да укажат на констатираните пропусти, на недоследностите во вреднувањето, на потенцијалните случајни или намерни пропусти, па и криминал (зашто овие категории се постојано присутни при донесувањето на оваа програма!) … Ако пак тоа не го прават, тогаш веројатно има некој / некаков друг проблем! А тој, повторно, се вика – недоверба и страв! Кој како сака нека го разбере ова, но културата некако свикна да живее и работи во таква атмосфера. Во недоверба и страв од власта, која и да е’! Искуството е такво, се пресликува и денес. Страв дека јавниот глас веќе утре ќе биде етикетиран, па одбивање на идни проекти, ставање на црна листа – да, таквите и денес постојат! – па квалификации од секаков друг тип, неможност да се работи работата и да се заработи за живот (нешто што на многумина во македонската култура им е многу добро познато!) итн. Да, тоа беа методи на бившата власт ама, знаете како, луѓето паметат и треба да ги убедите дека сега дошло друго време. Или живот – како што милува да каже премиерот! Е сега, што е живот во културата, тоа е нешто за што можеме да разговараме. Ама не врз оваа и ваква Годишна програма. Таа за многумина значи односно може да значи и – смрт. Метафорички кажано, се разбира, но не е предалеку и од реалноста, особено ако културата ви е единствениот „бизнис“, а недобивањето средства по Годишната програма една година или не дај боже две значи и клуч на врата! А власта, секоја власт, умее да биде осветољубива. Тоа можат да ви го потврдат многумина во македонската култура. Затоа, можеби, и можеме, или „мораме“ да го прифатиме и овој молк како и многугодишниот претходно како основан, реален, прагматичен. Иако практично не води никаде. Односно – води, води во несакана насока, води кон продолжување на притисокот од власта – секоја власт – врз  културата, води кон неконтролирано самоволие на секој министер и бирократизираната структура во Министерството врз творците и културните работници. И тоа, се разбира, беше една од особено важните теми допрени во Националната стратегија, со понудени решенија. Ама, очигледно, некому не му одговараат!

БЕРЗА НА ГЛУПОСТИ

Читајќи ги неверојатните будалаштини што ги говорат членовите на таканаречените стручни комисии во Министерството за култура кои „решавале“ за проектите по Годишниот конкурс за финансирање на проекти од национален интерес за 2019 година, во телефон ми улетува Ранко Дакиќ и вели дека ова што се случува во Македонија апропо  фамозниот конкурс е вистинска берза на глупости. И каде, ве молам, ќе најдете подобар наслов за целана онаа комично-трагична некултурна претстава што се случува кај нас деновиве? Затоа, уште еднаш: благодарност до Ранко за инспиративниот наслов! Иако навистина не знам дали некој од власта, вклучувајќи го тука особено министерот за култура, ама и сите оние као загрижени културни функционери од владеечките партии, се свесни за резилот што го продуцираат, за глупостите што ги прават, за катастрофата што ја оставаат како белег на нивното „раководење“ со културата? На крај памет не ми е да се солидаризирам со оној шестокласнион актер од злосторничкото здружение, ама ако ним сме им оставиле простор да критикуваат, со право да мелат, па нека и со измислени или со извртени тези, тогаш – што навистина сме направиле? Е па сме го направиле она од насловот: од културата направивме берза на глупости, каде секој може да лицитира со сопствената будалаштина сметајќи ја за најважна, најбитна, најголема … И да ја вергла до сто-и-едно-и-назад небаре смислил ненадминлив философски трактат за смислата на културата во 21от век!

И во таа насока, претседателине / членовине на комисиите при Министерството за култура кои ја забиберија целава манџа наречена културна програма 2019 година, без срам или барем трошка самокритика излегуваат пред јавноста со нивните небулози за некаков недостаток на документи, за непотпишани изјави за обезбеден простор дури и за ѕвезди од светски формат (учесници на Скопје џез фестивалот, па Лени Кравиц, Стинг и др. планирани од Авалон итн.). Се’ ми се чини дека луѓево немаат појма кои се овие и зошто е важно тие да дојдат во Скопје / Македонија, што е (битен) дел од проблемот или дел од берзата на глупости, како сакате. Истото го потврдуваат безмалу сите кои се појавиле на таа ургентно свикана ама за жал смешна прес конференција. Смешна заради фактот што точно покажува кој и како одлучувал по пријавите за проектите. И, се разбира, на крај памет не ми паѓа да барам некој незаконски да прифати пријава за (релативно) големи пари без соодветна документација, ама да барате потпишани преддоговори од светски ѕвезди, или договори за простор во македонски услови (кога не знаете кога, и дали воопшто ќе ги добиете парите од Министерството) говори за тотално неискуство, незнаење, целосна изгубеност на луѓето во комисиите на кои им била доверена сложена односно за нив пресложена и прекомлицирана работа! И оние на пуфлата беа дунстери, партиски апаратчици, неуки до зла бога, ама овие се, да простите, стварно егземплари на берзата на глупоста! Да се држите ко слеп за стап за тоа единствен критериум да ви биде документацијата, а притоа да занемарите два-триесет години нечија работа е неверојатна неодговорност. Уште пострашно, се стекнува впечаток дека еден дел од претседателите / членовите на комисиите не знаат за кого / за што воопшто станува збор, кој е кој, што е што. За нив најбитни биле хартиите, не проектите, не носителите на програмите, не учесниците!

Знам, некој ќе рече: а како поинаку? Како поинаку да се вреднуваат пријавите ако не според пропишаните стандарди? Е па и тоа прашање беше дел од реформскиот процес и делумно – ама само делумно! – беше средено со пријавите за 2018 година, а остана да се досреди за 2019 година. Ама господинот министер не беше заинтересиран за тоа, иако самиот побара поцврсти и подобри критериуми. Но не сакаше да ги прифати! Зашто, извинете, ама вака, половично, е полесно: ќе ги одбиеме сите што не ги знаеме, сите што не ги сакаме, сите кои што можат да одземат поголеми средства, така што повеќе ќе остане за нас. И читајте го ова како сакате, ама тое е – тоа. И тие, оние анонимуси кои ги читаме низ Годишната програма, ќе ги исполнат до точка и запирка сите идиотски барања и ќе си ги инкасираат парите. А дали тоа навистина е она што го бара конкурсот, тоа е сосема друго прашање! И не е, зашто првото што (треба да) го бара овој конкурс е квалитет односно проекти од широко, национално (јавно) значење за културата. Но комисиите, имено, заради нивната очигледна нестручност, се бават со процедури и со документи, а не со – квалитет! Зошто? Зашто она другото, она што бара сериозни познавања, критичко вреднување, антиципација на квалитет, им е туѓо, нејасно, непознато. Ама процедурите, особено партиските, е тоа е веќе многу појасно и поисплатливо! И ако и ова не сака да го види премиерот, или Владата, тоа повторно останува само нивен проблем. Тоа, имено, никако не може да биде проблем на македонската култура, барем не на оној дел кој секогаш бил носечкиот дел на културните процеси кај нас. Па нека тоа се вика и Скопски џез фестивал како еден од милениците на пуфлата, Авалон продукција, или некој друг. Впрочем, согласно Националната стратегија, Министерството за култура има обврска да ја објави и листата на одбиени проекти, со образложение зошто се одбиени. Така што оние случајни луѓе кои сега ни објаснуваат што они правеле, или не правеле, можат слободно да си одат дома и да седнат, овојпат сериозно, и да подготват образложенија за двете категории: прифатени и одбиени. И тоа да го објават на веб страницата на Министерството за култура. И дури тогаш, можеби, ако сакаме, ќе имаме некаков основ за сериозна расправа. Инаку, оваа нивна берза на глупоста никому не му користи, најмалку на министерот. Само уште повеќе сведочи дека таму не се чисти работите, најблаго речено. Ако речам дека смрдат, некој може да се навреди, а тоа не ми е намерата. Но, нештава со годинашниов конкурс мора да се истераат докрај инаку, извинете, ама сето ова почнува да замирисува на некаква етничка забава каде се собирале наводни стручњаци кои никој никогаш ни ги видел нити ги чул и решавале за работи што апсолутно не ги знаат. А во таа насока, секоја чест на г-ѓата Хоџа, ама ако јас после 45 години работа, и не само јас, прв пат и’ го слушам името во контекстот на современата македонска уметност, тогаш не можам ни да ги прифатам нејзините квалификации во однос на „праведниот“ избор во рамките на конкурсот за визуелни уметности! И тоа се однесува на поголемиот дел на комисиите кои „работеле“ на овој конкурс. Ако тоа некому не му е јасно, тогаш ние всушност и немаме за што да разговараме. Зашто за културата, се разбира, може и мора да се разговара и во рамките на мултикултурализмот односно интеркултурализмот, како што впрочем и срочивме во Националната стратегија. Ама тоа никако не се однесува на квалитетот per se односно не може интеркултуралноста да го надвладува квалитетот на културниот производ. Тоа се различни категории, а ако некој не ги знае – нека си оди дома. Ние апсолутно немаме потреба од вакви бикултурни берзи на глупоста во дилетантска режија на партократски елементи. А и зошто би имале? Или, ако некој мисли дека грешам, би сакал да чујам спротивно мислење!

ЕДНО ГОЛЕМО НИШТО

Оваа држава ќе мора да смисли соодветен начин да му се оддолжи на Бранко Тричковски и неговиот виспрен ум за сите лекции што ни ги држи, за сите нешта за кои што тој отворено говори а ние само шепотиме. Ова го велам заради неговата промптна и апсолутно точна дијагноза за сегашниов миг на македонската култура, а низ еден можен „одговор“ на почитуваната Зоја Бузалкова и жртвувањето на културата. Бузалкова не ја познавам лично, но ја знам, се разбира, и таа е една од ретките која што се осмели да повлече вистински потег во вистинско време. Иако Тричковски, во извесна смисла, тоа го гледа поинаку! Поточно, тој спори, и со право ја проблематизира вкупната македонска култура во сегашниов миг прашувајќи „што навистина е култура“? И вели дека „културата е тоа што едно општество ќе го искачи на повисоката скала на постоењето“, ама тоа „во Македонија го нема“! Не ни се допаѓа? Можеби, ама тоа е нашата „културна“ реалност. И заради тоа онаа желба на министерот за култура за „култура за сите“ е само пуста желба зашто не можете да имате „за сите“ нешто  што го нема, што не постои, нешто што го нема ни за поединецот. Следствено, не можел ни премиерот „да жртвува“ (Бузалкова) нешто што де факто не постои! Кај нас, денес, и не само денес, постои само сенка од некаква култура, некакво нејзино ехо од прилично подалечни времиња. Како што, за жал, постои уште подлабока сенка од она што некогаш го викавме наука, или образование, или здравство … Да, постои она нешто што Милчин го нарече „автономна култура надвор од Министерството за култура“ ама тоа не е она за што ние говориме и не е предмет на опсервација денес. Ниту ќе биде во блиска иднина зашто државата очигледно не е заинтересирана за тој сегмент. Таа гледа да ги потроши парите што сме и’ ги дале на располагање, и тоа да ги потроши онака како што таа – државата односно нашите делегирани претставници – мисли дека треба. А гледаме како и што мисли!

Оттука, треба ли да се предадеме, да кренеме раце од се’? Можеби, и да им ја оставиме културата на политикантите, да ја доупропастат, дорастурат, да ја разглобат на нејзините составни делови? Што пак не би им претставувало голем проблем денес зашто не би било многу далеку од сегашнава состојба, но нашиве политиканти секогаш можат полошо, посилно, подолу … А ако македонската култура одамна е само едно големо ништо, што се тогаш оние 2.700 „проекти“ што добиваат некаква финансиска поддршка од министерот за култура? Секој од нив е 2.700ти дел од Големото Ништо? Се разбира, и тоа е најточната дефиниција на резултатите од овој „конкурс“. Но, за да бидам попрактичен, може целата работа да се постави и поинаку, односно наопаку или обратно. На пример, ако секој од тие 2.700 „проекти“ претставува делче од Големата Слика за македонската култура сега и тука, значи сите заедно ја градат токму посакуваната претстава за таа култура, за нејзиниот актуелен миг, за нејзините (претпоставени или вистински) вредности? Односно, сите тие „проекти“ кои што глумат „култура за сите“ едновремено глумат (иако како споредна улога) и „проекти“ од национално значење. Што, се разбира, е контрадикторно и невозможно, ама кај нас веќе се’ е возможно, нели? Ајде така да ја поставиме приказната и да видиме каде ќе стасаме. Во оваа прилика, еве, ќе се воздржам да ги коментирам главните актери во оваа приказна – оние самонаречени стручни поединци (со мали исклучоци) во т.н. стручни комисии – како и оној од министерот толку фален бирократски „професионален“ апарат во Министерството за култура кој што, нели, десет пати ја проверувал програмата која што предизвика таква бура кај (дел од) нас. Еве, нив ќе ги оставам за некоја следна прилика.

И само ќе читам / пишувам делови од Програмата за 2019 година, со тук-таму коментар, иако и тоа е излишно. И сега нема да ја чепкам фамозната Македонска фризерска асоцијација – за која што, патем, некој мора да даде дебело образложение – туку ќе почнам со за мене најблиската област: визуелната уметност. И мислам дека, повторно, некој треба крупно да образлага од каков тоа национален интерес, или дури и од интересот наречен „култура за сите“, е на пример проектот „Магла“ на Националната галерија на Косово, за кој што ние треба да дадеме цели 300.000 денари? Наспроти штедливите 180.000 денари за ретропективно-јубилејна изложба на Рубенс Корубин? А едновремено толку (180.000 денари) добива за самостојна изложба и извесен Реџаи Исени? За кои и какви тоа критериуми говореше министерот и за кои и какви професионалци со некакви стандарди кои вака успеале да ги „изнивелираат“ вредностите? И понатаму: по кој пат наназад три години Костантин Танчев-Динка ќе добива пари за ретроспективна изложба; и од каде пак сега Македонски народен театар црпи пари од сметката за визуелни уметности, малку пари имаат во театарска дејност?; и повторно Исени Реџаи ќе добие плус 40.000 денари за превземање на изложбата во Куманово; и каква врска имаат оние четири изложби (две за накит, па две историски и слично) во Музејот во Тетово со визуелната уметност (ако требало да им се дадат средства, а требало, се согласувам, зошто не им се дале од соодветна ставка); и какви ќе бидат оние изложби низ македонските музеи каде се дадени само по 10.000 денари од изложба, или 20-30.000 денари, дури и за уметници како Ниче Василев, Данчо Ордев и други; и кој и според кои критериуми успеа да пресече 20.000 денари за ретроспективна изложба на Панде Петровски во Битола, ама за сите самостојни изложби во Центарот за култура во Гостивар има по 50.000 денари; и каква врска има со визуелната уметност изложбата на фотографии и постери на поствизантиски сакрални објекти од скопскиот регион; и каква е таа будалаштина пари за изложби – и тоа не мали – да се даваат на Државен универзитет во Тетово (за студентска изложба 150.000 денари) и на Американ колеџ (90.000); па на Пионерски дом Гевгелија за изложба „Без наслов со ерос“ (?); и каква е таа фамозна годишна програма на некаква подружница на Акантус па треба да добие 100.000 денари а ДЛУМ 210.000; па МРИКА за „Арт камп“ цели 180.000 денари; и зарем некој навистина мисли дека ќе не’ излаже дека државава треба да плаќа за монографија за Изет Цури цели 370.000 денари а Фото сојуз на Македонија добива за Деновина македонска фотографија пишливи 47.000 денари; па некој Европски центар за развој, толеранција и соработка од Гостивар треба да добие цели 300.000 за не се знае што; и каква е и зошто ни е онаа изложба на креации од светстката мода (sic!) што треба да изеде цели 250.000 денари од овогодишниот буџет; и каква е таа будалаштина наречена Форум за продукциски дизајн што треба да се плати цели 500.000 денари а единствената графичка работилница во Македонија некој ја проценил на само 250.000 денари; и ако барателот сам вели дека ќе „режира глупости“, колку глуп треба да бидеш за да му дадеш цели 380.000 денари; и повторно Реџаи Исени ќе добие 30.000 ама сега за изложба во Гостивар а и на Масин „великодушно“ ќе му определат цели 30.000 денари за јубилејно – ретроспективна изложба … итн., итн., … просто да ти се смачи! Едно навистина големо ништо во кое што можеме да се удавиме сите. Или да ги удавиме оние кои ова го одобриле!?

И ќе има ли некој објаснение за сите овие глупости во само еден сегмент од фамозната програма „за сите“? И нели е пологично наместо преиспитување на одбиените проекти некој да се зафати со сериозно преиспитување на одобрените, заедно со износите? Ако нема друг, еве јас се пријавувам, ако треба и сам, и за два дена ќе им направам симфонија од програма за визуелна уметност за 2019 година, со не повеќе од 30-40 сериозни проекти финансирани целосно, како што доликува!

КУЛТУРА ЗА СИТЕ?

Не знам колку ќе звучи сериозно ако кажам дека го разбирам министерот за култура. Или, барем – се обидувам да го разберам. И се обидувам врз база на неговите јавно искажани зборови да најдам објаснување за ова што се случува. Па следствено од тука и ќе го почнам моето гледање на игрите за и околу конкурсот. Значи, главно, според она што го читам како негова изјава („Плусинфо“, 10.02.2019) речиси сум сигурен дека го мисли тоа што го кажува. (Онаа резерва искажана со зборот „речиси“ ќе ја дообјаснувам понатаму). Зошто мислам вака? Прво, човекот, објективно, не може да процени што и како направил со чинот, како што вели, „јас ставив потпис на финалното решение“. Не може зашто културата како област му е далечна, непозната, дури нејасна, особено нејзините специфични врски со државата. Врските држава – култура се нејасни, необјасниви и за многу (самонаречени) професионалци кои цел живот работат во културата. Како што, впрочем, тоа им е апсолутна тајна и на оние „вработени“ во Министерството за култура на кои се повикува министерот, а во најголем дел и на „членовите на комисиите“ кои „едногласно одлучиле“ и му ги донеле на потпис предлозите. И тој ги потпишал! Дека сето ова не го говорам напамет потврдува реченицата на министерот каде тој вели дека рекол дека ќе се погрижи „културата да биде еднаква за сите“. Такво нешто не успеа да реализира ни руската авангарда, тоа го немаше ни во југословенскиот социјализам, денес поготово, а нема ниту да има зашто такво нешто едноставно – не постои. Или, можеби, ќе постои некогаш, во некое далечно идно време. И ова некој морал да му го објасни на министерот, некој од неговите советници, од „вработените“ во Министерството, од тие некои „докажани професионалци“ на кои се повикува. Некој таму нешто читал ама недочитал, не разбрал или недоразбрал, или читал „дијагонално“, што е најлошо, особено ако не знаеш да читаш. За „култура за сите“ односно за достапноста на културата за сите говори и спомнуваната Национална стратегија, ама тоа нема врска со овој конкурс, ниту пак со кој и да е’ друг конкурс на Министерството за култура, барем од овие кои сега постојат. Култура за сите не се решава со конкурс, особено не со овој конкурс. Овој Годишен конкурс има точна, прецизна назнака на што се однесува и тука не може / не смее да има забуни. Освен ако некој не ги креира намерно, па потоа го лаже министерот дека тој постапува правилно. Односно, токму спротивното: овој Годишен конкурс за финансирање на проекти од национален интерес во културата сосема јасно вели дека е апсолутно селективен, дури тенденциозно „дисквалификувачки“ зашто бара проекти не од сите или за сите туку проекти од национален (јавен) интерес за државата / културата! А тука има огромна разлика!!! Тие проекти можат односно треба да бидат и проекти за сите односно еден проект од национален (јавен) интерес за државата треба да ја има и таа димензија – да биде за сите, колку може – но тоа не е единствениот ниту најважниот услов. Или, ако сакате, како една книга, на албански или македонски, ќе биде – за сите? Невозможно, зашто, прво, се печати во околу 500 примероци, нели. Или една претстава, па и филм. Колку од тие „сите“ ќе ги видат? И ова морал некој да му го објасни на министерот, некој од неговите советници, од „вработените“ во Министерството, од тие некои „докажани професионалци“ на кои се повикува.

Врз основа на претходното, бројките со кои што се оперира, а нив ги користи и министерот, се токму спротивното од тоа што треба да биде. Која тоа држава, па нека е и културно најсилната, финансира 2.700 (не сум докрај сигурен во бројот) проекти од национален интерес за државата? Тоа е contradictio in adjecto! Да имавме ние барем 100 такви проекти, проекти навистина од важен, јавен, национален интерес, ќе бевме културно успешна и среќна држава. Ама немаме. Од сите 2.700 финансирани проекти нема ни стотина навистина важни, сериозни, такви на кои што може да им се закачи брендот „национален“ односно „јавен“ интерес. Вака, со преку две илјади такви проекти – ние сме светски шампиони, ама не во културата туку во глупоста! Оттука, вака поставено односно со таквите бројки во игра, оние фамозни „советници“ и „професионалци“ кои што го излажале министерот, го излажале добро. И тој ја прифатил лагата и – потпишал. А впрочем, ако, како што вели министерот, предлозите „беа десет пати проверени од страна на вработените во Министерството за култура“ (што, повторно, е приказна за себе!) и дека „за бодувањата решаваа докажани професионалци“, тогаш зошто повторно би се преиспитувале одлуките а тој би поднесувал оставка (ако треба!)? И понатаму, ако таа цела армија „професионалци“ навистина нешто гледала и проценувала, дури и десет пати, зарем не видела дека пари се даваат и за фирми основани само неколку дена, или неколку месеци пред конкурсот? Или токму тоа се вклопува во флоскулата „култура за сите“?

Повторно, велам, се обидувам да го разберам министерот, зашто тој е нов таму, а нова му е и областа. Но, сите други околу него не се баш така тазе и морале да знаат дека Годишниот конкурс не е форма за промоција на идејата „култура за сите“ и дека за тоа можат да се бараат други форми низ работата на Министерството за култура. И тука, повторно, по којзнае кој пат се навраќаме на стручноста, компетентноста, знаењето на „вработените“ во Министерството и тие некои „докажани професионалци“ кои по правило остануваат непознати за јавноста. А во таа насока и т.н. стручни комисии кои се се’ само не тоа што треба да бидат! Да беа стручни, имено, ќе му укажеа на министерот дека нивната работа не е да бираат проекти за „култура за сите“ туку проекти од национален (јавен) интерес за македонската култура. Што се две дијаметрално спротивни нешта. И во оваа прилика морам да бидам и индискретен и да посочам дека пред околу два месеци – додека се’ уште бев во Министерството како надворешен соработник – од мене беа побарани предлози за членови на тие комисии. И ниту еден мој предлог, ниту едно име од листата сериозни професионалци во сите области не беше прифатено! Е па, извинете … И кога сме веќе кај т.н. стручни комисии, уште од 2017 година, во неколку наврати говориме за јавен конкурс, со строги критериуми за избор на членови на овие комисии кои мора да работат според закон и стручност, а не според партиски диктати. Најмалку пак според флоскулата култура за сите!