Monthly Archives: April 2017

ПРОВОКАЦИЈА?

или

А ШТО АКО, ЕТЕ,

НЕ СЕ ПОВЛЕЧЕ „ТИРАНСКАТА ПЛАТФОРМА“?! (7)

Една суштинска работа во врска со т.н. Тиранска платформа останува да биде разјаснета, денес или утре, а особено во светлината на хоророт во македонското Собрание од 27 април. Тоа е прашањето на провокацијата, збор кој што се’ почесто го мантраат режимските мегафони и веќе познатите провокатори од сите „национални“ видови и бои. И токму заради тоа ќе ви стане јасно дека, прво, не можеле баш сите самостојно да дојдат до истиот „заклучок“ зашто многумина од нив не се ни способни за рационално и разложно размислување, и второ, токму заради првото, дека мантрата, како и наредбите, доаѓа од еден штапски центар, одамна веќе познат на сите нас, а сместен во белана грдотија среде главниот град. Ова пак особено заради фактот што истиот збор, како навиени, го верглаат сите подржувачи на  Злото, од Иванов па надолу, а особено оној насилник кој сосема смирено, во стилот на главен актер во шестокласен хорор прчвајс, порачува дека „ако сакале да го убијат Заев, ќе извадеа пиштол и ќе го стореа тоа“! Ок, тоа ли е  можеби вториот чин на трагедијата што некој планира да и’ се случува на оваа држава и тоа сега јасно ни го ставаат до знаење? Па белки и луѓево од СДСМ научија со кого си имаат работа?

Нејсе, хушкачкиот и на крв налепен „интелектуален“ хор, вклучувајќи тука и актуелни или некогашни пратеници-отпадници, професори, новинари и еднодневни министри со благотелеќи поглед, упорно терцира дека основната провокација за крвавото сценарио за 27 април 2017 година е, прво, токму т.н. Тиранска платформа, а потоа и изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието на РМ. Но, прво за Платформата.

Да беше таа, имено, навистина таква страшна закана за унитарноста на државата, за нејзиниот правен и уставен поредок, белки тоа некој и од надвор ќе го видеше? Мислам, ако веќе ние овде (а под „ние“ ги подразбирам сите оние кои размислуваат прилично нормално и прилично поинаку од „најпатриотската“ партија), заслепени од нашата комуњарска идеологија, тоа не можеме да го видиме. Но, „патриотиве“ за тоа веднаш имаат спремен одговор: и меѓународната заедница е предавнички уротена против Македонија, како што впрочем секогаш и била. Па дури и главниот им адут Трамп кој, ете, го испраќа својот емисар од кого хохшатплериве, уште недојден, почнаа да се кријат. И против тоа не можете ништо, зашто залудно е на такви глави да им објаснувате што и да е’ од македонската и светската историја и политика. Затоа, еве, расположен сум и тоа да го прифатам односно да „видам“ дека сето ова е и меѓународен заговор. Ама, дури и да е толку опасна таа Платформа, зарем тоа е некакво аргументирано оправдување, зарем тоа парче хартија бара таков одговор контра македонските пратеници кои, демек, не сакаат да се откажат од неа? Баш таков, убиствен одговор? Или зад сето тоа стоеше некаков друг плаан? И зарем ова е првиот и најопасниот таков настан во поновата македонска историја, оваа по 1992 година? Та зарем веднаш ги заборавивме некогашната ЈНА и нејзиното однесување овде по распадот на Југославија,  па заканите и мерките од страна на Грција, па бугарските „добрососедски“ сопки  и историски памфлети, итн.? И дали тие беа помали и побезначајни од оваа Платформа? Ама сепак не предизвикаа таков крвав „патриотски“ одговор? Или, ако сакате, кај беа овие „патриоти“ тогаш да се организираат и да тргнат по нивна „правда“ и во одбрана на интересите на државата која што тогаш беше целосно и поопасно негирана? Каде беа тогаш овие ороводциве од типот на разноразни лилјаци и останати други асфалтни ѕверки? Како никој од нив не застана на македонската граница со барања да не одиме на јужнососедското море и да им ги полниме џебовите на „непријателите“ на Македонија? Или и тие уживаа во благодетите на Медитеранот и на крај памет не им паѓаше некаква национална агенда? Или заканата на Платформава е поголема од сите негации што цели 25 години константно доаѓаа(т) преку одделни се’ уште живи аспирациите на соседите? Или пак, вистината се крие некаде другаде, токму онаму каде што ја посочуваат сите нормални луѓе во земјава – во стравот на криминалната врхушка на „најпатриотската“ партија дека, конечно, правдата дојде по свое?  И која, и каква е и колкава е таа „провокација“ која што дури сега ја видоа „патриотиве“, а не успеаја да ја согледаат цели единаесет години во коалицијата на нивните газди со истите автори и промотори на оваа Платформа? Или, во лукративните бизниси нема место за патриотизам?

„Приказната“ со Талат Џафери и наводно иритирачкиот негов избор за претседател на Собранието е уште побанална и верувам дека за неа не е потребен коментар. Па човекот беше министер за одбрана, во нивна влада!

Но, она што е подеднакво шокантно во последниве настани е, повторно, фрапантното нехумано однесување на пратениците на „најпатриотската“ партија. Слично како и на оној „црн понеделник“, само сега и со ракоплескање и скандирање. Та зарем е можно меѓу целата таа силеџиска толпа во Собранието, топтан, да има само двајца човечни, морални и одговорни лика – Ѓорчев и Тодоров – и само тие да успеале да ги согледаат димензиите и цената на хоророт што таму се случуваше? Тоа е вистинската македонска тема!

ЦРНА МАКЕДОНИЈА

или

А ШТО АКО, ЕТЕ,

НЕ СЕ ПОВЛЕЧЕ „ТИРАНСКАТА ПЛАТФОРМА“?! (6)

Ништо повеќе не може да биде исто. Она што се случуваше на оној црн 24 декември 2014 година сега заличува на пикник, на загревање или увертира  во овој 27 април – ден што дефинитивно ќе биде запаметен како најтраорниот ден во македонската понова демократска историја, или токму реализација на толку посакуваната, и најавуваната „ноќ на долгите ножеви“ од страна на онаа хистерична баба (божем) богомолка! Се разбира, историјата ќе има свое видување на настанот од четврточната вечер во македонското Собрание, но тоа секако ќе биде прилично испеглано од времето, денфувано од зовриените посттрауматски чувства. Како што впрочем е и овој мој текст, намерно пишуван „ден потоа“, за да не каже нешто што „не треба“, да не биде пресилен, навивачки. Иако, не верувам дека каков и да е збор би бил пресилен во спредба со она што го видовме, во споредна со она што го преживуваа пратениците од владејачкото мнозинство во Собранието на РМ тој траорен четврток 27 април 2017 година. И ова е датум што мора да се запамети, датум што мора да влезе во македонските историски читанки како ден, односно ноќ кога дефинитивно паднаа маските, кога режимот на „најпатриотската“ партија, и не само таа, си го покажа(а)  вистинското лице, она лице кое што всушност сите го знаевме, или го претчувствувавме, ама некои не сакаа да им веруваат на личните чувства. И тука апсолутно не ги амнестирам – напротив – оние грст бараби од македонската (не)култура како божем непартиски „патриоти“ кои веќе утре, или задутре, ќе бидат обвинети за обид за убиство и редица други обвинувања. И не ќе можат да се правдаат дека тоа не е нивно дело зашто тие стоеа на чело на разулавената толпа! И ако такви бараби, повторувам – такви бараби – некој повторно ги смета за дел од оваа култура, тогаш и тој / таа е апсолутно дел од ваквите садистички убиствени структури во државава!

Затоа, не е Македонија само „посрамотена и понижена“ (Андов), таа е демократски целосно инвалидизирана држава, морално урнисана, но  злосторнички наострена, убиствено ориентирана. И дури и во таква атмосфера она смешно шапшалче Емил „Никола“ Димитриев, кој упорно а евидентно патетично глуми премиер, вели дека „Чавков и полицијата ја имаат мојата доверба“! Па се разбира дека ја имаат, не само довербата. Но и тоа ќе дојде на дневен ред, еден ден.

И знам дека некој мудрец можеби ќе рече: е па, ете, ако се повлечеше „Тиранската платформа“ … Е што, што ќе се случеше? Та зарем некој навистина мисли дека оние инструирани насилници и убијци воопшто го прочитале дури и насловот на тоа парче хартија? И дека заради тоа така реагираа (што секако е деминутив пар екселанс)? Та зарем некој навистина мисли дека тие воопшто и знаат да читаат? А и ако знаат – разбираат ли што читаат? И важно ли им е тоа што го читаат, визави омразата што ја видовме, закрвавените ококорени очи, запенетите усти? И во тие и такви ли има Димитриев доверба и поддршка? И малку ли беше говорот на Заев само неколку часа пред ударот врз коалицијата, неговите уверувања што има намера коалицијата да прави, за што да разговара а дека никој воопшто не размислува за прекршување на закони и Устав? И сето тоа не беше доволно, ама повеќе од доволни беа измислиците на ороводачите од „За заедничка Македонија“ и на врхушката на „најпатриотската“ партија?

И сега останува ние да се срамиме пред светот заради толпа хулигани од две-триста луѓе на чело со неколкумина локални (не)културни бараби влезени во филм дека ја бранат државата? И дека „Ова е НОБ, бре! Четврти Илинден! Во Македонија се крчка втор АСНОМ: Јасно?“, како што хистеризираше лудана баба? И после неполни дваесет и четири часа од крвавиот пир на разулаваните ќосевци да ви го пуштат цел час инсипираторот на сиот овој хаос да држи говори на една национална телевизија? И после друг ни е крив, „Тиранската платформа“, што ли? Црна Македонија!

ГОЛЕМА ЛАГА

или

А ШТО АКО, ЕТЕ,

НЕ СЕ ПОВЛЕЧЕ „ТИРАНСКАТА ПЛАТФОРМА“?! (5)

Не знам колкумина, и од едната и од другата страна, навистина ја прочитале т.н. Тиранска платформа. И колкумина од нив навистина ја разбрале (со што никако не сакам да сугерирам дека баш јас целосно сум ја разбрал). А сепак, на таа страничка и половина, како што веќе реков, и нема баш нешто многу комлицирано и неразбирливо. Но, покрај сите „отворени“ емисии и дебати со „експерти“ од секаков вид, ние до денес не слушнавме сериозна и темелна расправа по сите наводи на овој документ. Онака, точка по точка, без импровизации, без чепатење и лажен патриотизам, без надвикување, особено не онака како што тоа го прават „патриотите“ во Собранието на РМ!

Упатот за читање на овој документ е особено важен за оние „водачине“ на протестите „За заедничка Македонија“, кои просто се запењавија од врескање за некаква опасност што се надвиснала над Македонија, за  разноразни федерализации и етнички војувања, за губење на идентитетот и слични будалаштини, и тоа се’ онака на слепо, на невидено и непрочитано. А слепците по нив одат ко … Нејсе, и тие квазипатриотски уличарски изблици се „разбирливи“ кога им се знае позадината, и цената, но истите, дури мултиплицирани, се повторуваат и во прорежимските медиуми како некакви национални прогласи што треба, демек, да го разбудат подзаспаниот народ и да го кренат на протести. И тоа почнува да добива епски размери, дури натпреварувачки димензии помеѓу „новинари“, „интелектуалци“ и остала „културна“ преторијанска братија. И постојано нам, кутрите, некој нешто ќе ни земе, некој ќе не прелаже, ќе сме останеле без име, без идентитет, без мајчичка Македонија … Да рикнеш да плачеш до утре сабајле кога ќе видиш кој се’ се спрема да те брани или да ти ги отвора очите!

И токму затоа, помеѓу останатото, мислам дека т.н. Тиранска платформа која што, патем, малкумина ја прочитале, не е никаков реален повод за ова што ни се случува, уште помалку е некаква објективна опасност за македонската безбедност, унитарност, идентитет, па заради тоа некој да ја повлекува зашто на „патриотите“ новата коалиција им е ноќна мора. И предвидлива иднина! Се разбира, тие што ја составувале единствени можат да решат што понатаму ќе прават со неа. Ќе ја повлекуваат, ќе ја доработуваат, ќе ја поништуваат и сл. Не верувам дека некакви наши аутсајдерски „инструкции“ ќе им помогнат во решението. Но факт е дека, ако „патриотиве“ немаат никаков друг сериозен адут во рацете, а очигледно немаат, тие два листа хартија не се четириглавата ламја што и’ се заканува на државава. А впрочем, инсистирањето на некакво нејзино повлекување само дополнително ќе ги закомплицира работите. Зашто, не само што платенициве ќе ликуваат – нека ликуваат, тоа им е последното преостанато задоволство – туку непроветрени ќе останат сите лаги и измислици, сите бараби што лажеа долж и попреку ќе се гледаат себеси како некакви херои, можеби ќе облечат и комитски униформи, кој ги знае. Сите македонски хистерии и вечното покажување со прст на другиот како единствен виновник за нашите проблеми ќе се материјализираат во миг. Ќе ни останат сите недоделкани кафеански и подрумски муабети објавувани како некакви „патриотски“  прогласи или анализи низ медиумите, како оној на нашион зовриен „писател“ и  историчар-дилетант за и околу сите хипотетички точки токму на фамозната Платформа и на новиот коалициски договор кој што, ете, ќе ја прекрстел дури и МТВ (веројатно шутракот мислел на МКРТВ) во ТВ БЈРМ, а македонската книжевност ќе станела „скопска книжевност“, за да сепак, меѓу другото, „стручњакот“ праша: „Што предвидува Платформата од Тирана за која потписниците велат дека никогаш нема да се откажат![1]“. Таква и толкава е македонската свест за мигот во кој што живееме, за реалната ситуација во која што се наоѓа државата. Впрочем, и еден од „водачите“ на „црвено жолтата револуција“, веројатно несвесно, односно подсвесно, вели: „Но, ќе пишувам за оние кои се дома и кои чувствуваат дека нешто се случува, но не знаат точно што. Чувствуваат дека некој ги лаже но не можат да откријат кој“[2]! Ќе откријат, не бери гајле. Зашто, се разбира, лагите никогаш не остануваат вечно сокриени. Особено големите, а овде и сега се развејува  една навистина гооолема десетгодишна лага, за многумина „патриоти“, домољуби и политиканти, за редица самопрогласени интелектуалци и уметници, за едно умрежено злосторничко здружение намерачено да киднапира цела држава и да ја држи во заложништво заради лични лукративни цели!

[1] Блаже Миневски, Македонија нема време за колебливци и калкуланти, Дневник, 09.03.2017

[2] БЕТМЕН ВЕЛИТ: Големата слика, за фејк интелектуалците, Telegraf.mk, 1.4.2017

ПЛАТФОРМА

или

А ШТО АКО, ЕТЕ,

НЕ СЕ ПОВЛЕЧЕ „ТИРАНСКАТА ПЛАТФОРМА“?! (4)

Наместо да слушате и читате од посредници, особено полуписмени и во начало злонамерни, најдобро е самите да се информирате за нештата, па и  за фамозната „Тиранска платформа“. Иако, во принцип, имав одбојност заради патерналистичкиот дух што го надвисува овој „документ“, истиот и не ме интересираше  којзнае колку, но сепак, после се’ добро е човек да ја прочита за да знае со што си има работа и за што, и дали, и колку (не) лажат бандитиве. И, ако тоа што го најдов е оригиналниот текст – се разбира преведен на македонски – признавам: разочаран сум. Поточно, имав, како што веќе реков, прилично мешани предубедувања околу целата работа. Од една страна, мислев дека станува збор за некаков политички памфлет од типот на „документине“ што ги лиферуваше најкриминалната антимакедонска партија односно она „како мали Ѓокица“ (не знам соодветна албанска замена за овој хумористичен лик) замислува политички документи. Од друга, имав чувство дека, можеби, луѓето седнале и разработиле сериозен елаборат, со критичка анализа на состојбите и предлози за нивно надминување, онака како што ги гледаат односно посакуваат тие. Е сега, не дека е многу битно што јас сум разочаран или што мислам дека документот не е сериозен, ама, некако – очекував повеќе. Зашто, мислев, да се крене толкава „војска“ и „тешка артилерија“, да се потпали толкава „интелектуална“ машинерија … значи дека таму сигурно има страшни работи, крв до колена, тела на сите страни, нова македонска хорор приказна ала некои од познатите наши историски страданија итн. И добро е што сум „разочаран“ и добро е што албанските политички партии мислеле (генерално) со глава. Иако прилично анахрона, се разбира. Зашто, повторно, мислев дека станува збор за малку посериозен, постудиозен, потемелен документ!

Имено, ако можам да му верувам на текстот што го најдов на порталот „Infomax.mk“ од 8 април оваа година, креаторите на документот, прво, не се премориле многу, и второ, сепак прилично концизно, иако сосема бегло, ги навестиле точките на нивниот иден (не само) политички интерес. Иако, велам, гледано низ очите на „тврдокорниве“, и јас очекував некаков монструм со четири глави! Или, од друга страна, знаејќи го интелектуалното рамниште на неколкумина албански интелектуалци за кои велат дека се блиски и до овие партии, објективно очекував многу поквалитетен документ. Сеедно, но  сега, не знам дали на македонските партии, односно на онаа најкриминалнана антимакедонска партија и нејзините помали сателити им е едноставно криво што тие не успеале низ годиниве да создадат таков краток но ударен (и во извесна смисла етнички целовит) документ каде во по една реченица ќе ги сумираат нивните најважни политички цели. Мислам да, иако тие и немаат такви цели, или се плашат да ги формулираат зашто дури тогаш ќе им ги видиме приоритетите. Иако и тие, мислам приоритетите, веќе ги видовме и ги почувствувавме на своја кожа!

Но, поконкретно, можното општо разочарување (не само кај македонците) во ставовите на албанските партии изложени во т.н. Платформа претпоставувам се темели на, како што реков, анахроноста на политичката мисла (во одделни делови), на недостатокот на поширока државничка визија, на одлесното и некритичко расфрлување со сништа и желби. Платформата на моменти заличува на  документ на сите можни поединечни и групни (подразбирајќи ги тука и етничките односно националните) недоразбирања на овој простор. Што ќе рече дека нашиве самонаречени политички елити се само една проста збирштина на полуписмен свет впрегнат во некакви националистички игри на крилјата на неизживеаните деветнаесетвековни „романтични“ илузии.

Иако, за волја на вистината, во такво парче хартија од страничка и половина, реално не можело аналитички, па и критички да биде образложено се’ што довело до сите таму наведени точки, како и до сите таму наведени желби. Но, тоа сепак е нивни документ и каков таков треба да се прифати. Или отфрли, се разбира, ако за тоа има аргументи. А таквите се малку, многу малку. Со повторна ограда дека една посеопфатна и покритичка анализа наместо оваа Платформа ќе беше многу подобредојден документ, ни на овој, таков каков што е’, не можеме којзнае колку многу да му забележиме. Поточно, ако се апстрахира онаа една точка што најсилно боцка очи (Уставот на Република Македонија треба да утврди дека „македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и албанскиот јазик со неговото писмо се официјални јазици во Република Македонија”), но која што подразбира менување на Уставот – инаку невозможно без двотретинско мнозинство – безмалу сите други точки, дури и онака бегло нафрлени, се точки за потенцијална дискусија, сериозна. Зашто, прво, сите, до една, биле веќе ставани на македонската политичка маса во разни прилики, некогаш и многу поостро. Затоа, сегашното (наводно) запрепастување од истите е само очајно лоша глума ала директоркана на „Комедија“. А второ: најголемиот дел, дури 98% од нештата, или „барањата“, како сакате, наведени во т.н. „Тиранска платформа“ се прилично сталожено срочени демократски принципи против кои тешко да има резолутен негативен одговор. На пример: зошто не смее да се разговара за „за знамето, химната и за државниот грб на Република Македонија, со цел државните симболи да ја рефлектираат општествената мултиетничност и етничката рамноправност“; или за „Создавање нов механизам, во форма на една државна комисија за финансирање на општините, за донесување одлуки со право за владини грантови во корист на општините“; или за „Поддршка за непристрасно вршење на работата на специјалниот обвинител, без етнички и политички предрасуди“; или за „Целосно расчистување на прашањата и на судските постапки како „Сопот”, „Бродец”, „Монструм” и „Куманово” преку една анкетна комисија или меѓународен независен орган“; или за  „Вклучување на Албанците во работната група за директни преговори со Грција“ и „Вклучување на Албанците во работната група за директни преговори со Бугарија“ (од што особено се трескаа од земја некои наши „аналитичари“!), итн.? Што е тоа во овие точки што го разнебитува македонскиот систем, или го федерализира, или го поткопува македонскиот идентитет, или претставува опасност за безбедноста на земјата? Тикви со расол! Или „патриотиве“ мислат на баба рога барањето за „Соработка со Косово и Албанија за интегрирано гранично управување“? А какво е, инаку, граничното управување во Европската Унија, кон која стремиме, нели? Или всушност им пречи токму тоа спомнување ЕУ, она за „Брза интеграција во НАТО и во Европската унија“, или за „Засилување на владее­њето на правото, како предуслов за напредок на евроатлантскиот интегративен процес“ и  „Спроведувањето на реформите во согласност со договорот во Скопје, Препораките на Прибе, итните препораки на Европската комисија, како и препораките од пристапниот дијалог на високо ниво со ЕУ“? Ова ли се „проблематичните“ делови опасни за бандитската врхушка, па следствено и за целата земја, библиска?

Се разбира, второто (после јазикот) „спорно“ (и историски и морално  чувствително) прашање е она за „Усвојување резолуција во Собранието на Република Македонија со која се осудува геноцидот врз албанскиот народ во Македонија во периодот од 1912 година до 1956 година“! И токму овде е очебиен недостатокот на поширока (аргументирана!) експликација, а богами и запрепастувачкото непознавање на историјата. Зашто, како би можела Македонија да биде одговорна (ако воопшто се мисли на одговорност?) за нешто што се случувало на оваа територија пред 1945 година? И зошто таква одговорност, односно осуда, не се бара од тој кој го вршел геноцидот, ако го вршел? А за периодот од 1945 до 1956 година неопходна е уште подебела аргументација, се разбира. Ако албанските партии ја имаат како доказен материјал, сигурен сум дека секој разумен во оваа држава ќе го прифати. Но, само така да се „плесне“ зборот геноцид е прилично аматерски, да не речам политикантски потег. Со сомнителни цели!

101 ПРИЧИНА

или

А ШТО АКО, ЕТЕ,

НЕ СЕ ПОВЛЕЧЕ „ТИРАНСКАТА ПЛАТФОРМА“?! (3)

И повторно на почетокот: А што ако, ете, не се повлече „Тиранската платформа“?! Читам дека има приличен број „заговорници“ кои добронамерно советуваат повлекување на „платформата“, не од некакви симпатии кон „најпатриотската“ (не)македонска партија или заради не знам какви лоши чувства кон албанските политички партии потписници на тоа фамозно парче хартија, туку првенствено заради олабавување на целата „ситуација“ и забрзување на демократските процеси. И тоа е сосема разбирливо. Иако без соодветни, односно никакви гаранции дека тоа е решението на проблемот. Или навистина им веруваат на криминалцине дека тие потоа мирно ќе се повлечат? И ќе чекаат да бидат уапсени? Извинете, ама гледале ли некаде таков филм, снимен ли е воопшто тој филм, зашто такво аматертско сценарио не верувам дека би поминало кај сериозен продуцент.

Се разбира, би сакал да грешам. Би сакал комплетно да сум во заблуда и да се покаже дека дури и во криминалните структури на „најкриминалната“ антимакедонска партија останала некаква чест, и збор. Ама, сето досегашно искуство, сиве овие единаесет години говорат нешто сосема различно, раскажуваат сосема друга приказна во која што нема место за чест, морал, достоинство … уште помалку за збор. Колку зборови до сега беа прекршени особено во изминативе две-три години, колку документи беа прогласени за тоалетна хартија само за да се продолжи со насилничкото владеење со државата? Од друга страна, логично е и прашањето: што би го чинело албанскиот политички блок, потписник на таа фамозна „платформа“, времено истата да ја повлече? Ништо, и многу. Од наша (квазинеутрална)  перспектива мислиме дека не би ги чинело ништо. Демек – голема работа, една „платформа“, сега ќе ја повлечете, утре ќе направите нова. Да, веројатно така би си играле деца во градинка, или во забавиште, зашто оние веќе во прво одделение се малку посериозни. И поумни, нели. „Заговорниците“ на оваа варијанта на повлекување не се ни обидуваат да помислат на што би личеле раководствата на овие партии во очите на нивното членство, па и на симпатизерите и гласачите (да не ја ширам работата до размери на сите Албанци кои живеат во оваа држава)? Вчера ја направија таа платформа, денес се откажуваат од неа заради тоа што, ете, тоа некој налутено го бара и не сака понатаму да си игра со нив! Или мислите дека потписниците не промислиле убаво пред да стават параф на истата? Извинете, ама тоа е прилично наивно гледање на нештата. И тука не помагаат никакви убедувања, најмалку политички, патриотски или не знам какви.

Зошто? Па, прво, мислам, не само јас, дека таа „платформа“ не е причината за циркусот во државава. И без неа ќе беше истото, односно и по нејзиното хипотетично повлекување истите акробации на „патриотине“ ќе се вртеа низ Собранието и по улиците на Скопје. Само тогаш ќе имаше други причини, на пример: предложената програма на идната влада (која што уште веднаш  беше прогласена за не-програма!), потоа „врските“ на пратениците од мнозинството со неуништивиот и омразен Сорос како генерална закана за безбедноста на државата, па „навивачки“ настроениот меѓународен фактор и слично, а кога и тие „пречки“ ќе беа (евентуално) надминати (односно некако  „повлечени“) тогаш ќе се појавеше проблемот со фризурата на Заев или бојата на неговите вратоврски, бројот на чевлите на Шеќеринска или некој друг од пратениците итн. Ќе слуша(в)ме 101 причина зошто, повторно, коалицијата не смее да состави влада. Изгледа претерано? Не е. Не е зашто цела деценија слушавме и гледавме слични маратонски долгометражни ала турка  серии со македонски криминални актери како крадат и лажат на сите страни. А се изнаслушавме и прислушувани телефонски разговори на бандата за кои во нормални земји веднаш се лежи долгогодишен затвор. И врз основа на тоа искуство се’ уште има луѓе кои мислат дека на овие може да им се верува на збор? На чиј и каков збор, ве молам? Или, барањето токму Заев односно раководството на СДСМ да се откажело од „платформата“! Да се откаже од туѓ документ, со кој што нема ама баш никаква врска!? Дали утре ќе бараат да се откажат и од „Комунистичкиот манифест“, од романите на Толстој или некој проглас на Колишевски?

Не мислам, се разбира, дека актуелното парламентарно мнозинство со вклучени дури 4-5 политички партии има лесна задача пред себе. Не мислам ни дека товарот на решавање на проблемот е еднакво распределен помеѓу нив. Да беше така немаше Ахмети да се однесува како странски амбасадор во земјава. Но, некогашната македонска опозиција играше прилично наивно цела деценија. Не успеа да и’ текне дури ни тоа да побара, како овие, откажување на власта од нејзините погубни за државава „политики“. Макар и само формално, иако од нивните барања односно протести тогаш не зависеше ама баш ништо. Ако пак после (релативно) успешниот резултат на декемвриските избори мислеле дека понатаму се’ ќе добијат одлесно, онака ко „на тацна“, што се вели, тогаш направиле многу лоша проценка. Или навистина се’ уште  не знаат со кого си имаат работа? Во што се сомневам, се разбира, не се баш толку наивни, иако поминаа многу вторници, и петоци, кои што ни ги  ветуваа како пресвртни во завршувањето на веќе неподносливава „ситуација“ во Собранието.

„УМЕТНОСТ НА ВОЗМОЖНОТО“

или

А ШТО АКО, ЕТЕ,

НЕ СЕ ПОВЛЕЧЕ „ТИРАНСКАТА ПЛАТФОРМА“?! (2)

Не знам зошто професорот Малески во нашиов политикантско криминален  контекст посегна по Бизмарковата теза за „политиката како уметност на возможното“? Односно – претпоставувам, зашто ваквата „затната“ ситуација во Собранието води кон логичен(?) заклучок дека е неопходен некаков компромис, или конструктивен дијалог (иако, како што гледаме, дијалог има, проблемот е што истиот не е конструктивен туку е деструктивен!), или некакво попуштање (што се само синоним на претходните) од обете страни. Зашто Бизмарк веројатно мислел на тоа дека ни во политиката, како ни во животот, никогаш не се добива баш се’ што се посакува, па заради тоа се неопходни одредени отстапки. Лични или општи, колективни, сеедно. Или, во политичкиот жаргон тоа можеби би значело дека во политичките односи  најчесто го ставаме прагматизмот пред идеологијата, реалполитиката пред политиката, што пак, развиено понатаму, би значело дека таквата политика (или дипломатија?) ги зема предвид првенствено дадените услови и состојби  и факторите што влијаат на истите, додека сите останати премиси (идеолошки, етички, морални) се главно запоставени или ставени во втор план. И на тоа, веројатно, заличува и нашава „ситуација“. (Ова пак многу потсетува на гласините, за кои што многумина тврдат дека се апсолутно веродостојни, за некаков таен „дијалог“, или преговори помеѓу лидерите на двете македонски партии, во што пак многумина, вклучувајќи ја и мојата маленкост, не сакаат да веруваат. Што пак, ако е вистина, би не’ одвело во целосно спротивна насока од посакуваната, од ветуваната, од очекуваната!).

Но, од перспективата на еден политички аматер како мене,  идентификацијата на реалполитиката и Бизмарк со нашава „ситуација“  отвора неколку битни проблеми. Прво, нашата „ситуација“ (го употребувам овој поим како деминутив за грдата вистина што ни се случува), таква каква што е, најблаго речено „затната“, не е политичка, ниту пак има нешто заедничко со политиката. Освен што се случува во највисокиот претставнички и законодавен дом, а актерите се членови на политички партии. Други сличности – нема! Затоа и ја нарекувам политикантска, бидејќи нема никаква врска со изворното значење на поимот политика (πολιτικός) тоест „за односите помеѓу граѓаните“. Во нашава политикантска „ситуација“ граѓанинот едноставно – го нема! Или, ако го има, е потопен, удавен во лично партиските калкулантски флоскули на „најпатриотската“ партија во земјава. Да постоеше вистинска (политичка) грижа за граѓаните на Македонија, претпоставка е дека целата „ситуација“ ќе се одвиваше токму на регуларен, легитимен, легален и политички начин! Како, на пример, во сите други слични промени на политичката власт во земјава.

А сепак, тоа не се случува. Токму затоа, а бидејќи „ситуацијата“ не е политичка односно нема ниту еден сериозен политички епитет, таа е политикантска, а згора и криминална. Поточно, таа не брани политички позиции со политички стредства туку политикантски узурпира демократски права во одбрана на криминални дејанија на една партиска врхушка. И тоа е огромна разлика: од модалитетите на некаква политичка борба до насилничката окупација на процедурите во Собранието во одбранашки  интерес на криминалот! Тука завршуваат сите допирни точки со вистинската политика, па тука би требале да почнат, и веднаш да завршат и сите евентуални политички „дипломатии“ во обидот да се најде некакво „компромисно“ решение односно некакво да се инволвира мислата на Бизмарк за „уметност на возможното“. Зашто, кога сме веќе кај Бизмарк, неодминливата „Википедија“ цитира и неколку други негови мисли, на пример дека „Освојувачката армија на границите не може да биде сопрена со елоквенција“, или „Со џентлмен јас сум секогаш џентлмен и половина, но кога треба да се справам со пират, се обидувам да бидам пират и половина“. Но, секако, Бизмарк повеќе од еден век не е меѓу живите, иако некои од неговите „доктрини“ се’ уште се применливи. Во зависност од „ситуацијата“, секако!

А нашава „ситуација“ е ситуација кога политикантството на една во суштина криминална група се обидува „политиката“ да ја направи гешефт (зашто уметност никако не може да се нарече!) на невозможното. И во тоа, за чудо, успева. Зашто, навистина би сакал да чујам пример од поновата европска (не мора дури да биде ни демократска) историја каде се случувале вакви нешта после легитимни избори, каде што ниту една партија немала посериозни приговори за резултатите, но каде потоа трансферот на власта се оневозможувал на ваков насилен начин, каде некаква постизборна „платформа“ и коалиција се посочува како главна опасност за земјата и се зема како основа за барање нови избори итн. Затоа и велам, кај нас на дело е политикантството како ујдурма на невозможното, па згора и функционира. Како космодиск! И тука не помагаат никакви логични објасненија.

А ШТО АКО, ЕТЕ, НЕ СЕ ПОВЛЕЧЕ „ТИРАНСКАТА ПЛАТФОРМА“?!

Без намера да попувам односно некому да солам памет, ама ми се чини дека прашањето од насловот е порелевантно отколку истото кај проф. Малески, само без негацијата „не“. Бидејќи веќе од декември минатата година односно од завршувањето на изборите, или, уште поконкретно, после  29 јануари, во Македонија не станува збор за политика, уште помалку за „уметност на возможното“[1]. И тоа е многу пати до сега констатирано од многумина сериозни аналитичари и политичари, не само наши туку и со меѓународна репутација. Последното такво укажување дојде токму од канцеларијата на американскиот Стејт департмент, во форма на дијагноза дека „политичарите кои се обидуваат да го блокираат формирањето на Влада, ги обезвреднуваат владеењето на правото, демократските процеси и стабилноста на Македонија и регионот пошироко“, но и порака дека САД ќе работат „со нивните европски партнери на охрабрување на овие политичари, да престанат со нивните опструкции, вклучувајќи и земање на одговорност за нивните постапки“! Затоа, (повторно) ќе прашам: што има тука нејасно? Никој во меѓународната јавност одамна не говори за некакви „тирански платформи“, уште помалку за нивно повлекување; никој не спомнува, на крај памет не му паѓа какво и да е’ пазарење или ценкање за нешта што се јасни како бел ден. А јасно е дека во игра се ставени сите подмукли механизми што треба да ја одвлечкаат и мислата и земјата од срцевината на вистината:  дека криминалната деценија на „најпатриотската“ партија заврши и дојде време за плаќање на сметките. И во тоа нема ни политика, ни демократија, уште помалку патриотизам ѕидан околу некаква „платформа“. Тука има уплав од праведниот и неопходен одговор на едно општество контра криминалните дејанија на една политичка врхушка, вклучувајќи го тука и претседателот на државата кој, самиот вели, под полна свест и одговорност постапува така како што постапува!

Ако е тоа така, а така е, зошто треба ние, или кој и да е друг, да се грижиме за него и неговото достоинство односно треба „да му се помогне на претседателот да си го спаси образот“? Што имено тој т.н. претседател направи за нас да не’ спаси од оваа јад и беда во која што не’ вовлече неговата партија и криминалните пајташи? Се загрижи ли тој т.н. претседател за некој друг во оваа држава освен за своите (потесни и пошироки) интереси? А луѓе беа затворани, убивани, заради негрижа умираа деца, заради безперспективност се иселуваа(т) млади …? Што направи тој т.н. претседател да спречи што и да е’ од тие катастрофални за државата процеси? Та сега ние да сме му помогнале да си го спаси образот? Па зарем некој се’ уште мисли дека тој има образ?

А нештата може да се постават и поинаку. На пример, толкава цена ли има тој исчезнат претседателски образ што сите ние треба да го загубиме нашиот за да го вратиме неговиот? Зашто, операцијата „образот на претседателот“ автоматски би значела неоправдано губење на нашиот образ, валкан и плукан од него и неговите криминални пајташи цела една деценија. Сме го заслужиле ли тоа, навистина? И заслужил ли тој, навистина, таква наша саможртва?

Ако за миг, дури само и за миг државата, демократијата прифати да размислува, па и да разговара за таков тип уцени што доаѓаат од криминални „политичари“ (без оглед на какви позиции се наоѓаат), па и народни избраници, тогаш веќе не можеме да говориме ни за сериозна политика, уште помалку за сериозна демократија или држава. Да, знам дека во моментов не сме ни едното ниту другото, а најмалку третото, ама ова, нели, требаше да биде некаков нов почеток за се’? Ако е така, таквиот почеток би бил лош почеток. Апсолутно и недвосмислено! Зашто, прво, веќе на стартот потклекнале и потенцијалната нова држава и претпоставената нова демократија, и тоа пред уцените на една криминална банда на високи државни функции. Второ, сериозни држави дури и не прифаќаат никаква форма на разговори / преговори со такви уценувачи. И трето, познавајќи ја од минатото лажната слаткоречивост и проверената  превртливост на главниве протагонисти, кои и какви се гаранциите дека оваа уцена, еднаш прифатена, нема потоа да биде надополнета, надградена и проширена? И тогаш – што? Та нели смислата на смена на власта е токму смената и на таквиот начин на размислување и однесување?

Затоа операцијата „образот на претседателот“ е црна дупка што се заканува да ги голтне и последните, или првите, демократски никулци во новата државата. Зашто тогаш започнува нивниот голем пазар и нашиот уште поголем срам. Тогаш ќе се започне со лицитации од секаков тип, се’ до имунитети и амнестии. И тогаш подобро да прогласиме фајронт!

Оттука, нам не ни требаат варијанти „за“, туку токму варијанти „против“: против сите уцени од тој тип, против диктатурата на криминалците, против жртвувањето на нашиот образ и достоинство. Зашто и за тоа се работи, нели, за достоинството на овој измалтретиран народ кој сака конечно да ја види правдата во целата нејзина претпоставена ефикасност. Затоа и „дилемите“ од типот на некакво откажување се лажни дилеми. Тие се апсолутно непотребни и контрапродуктивни и само подгреваат нови аздисани апетити дека во оваа Македонија навистина се’ е можно, па и тоа криминалци да диктираат што е право и правда. Вистинските прашања, вистинскиот придонес денес би бил како најитно да се ефектуираат новиот демократски бран во Македонија и придобивките од неодамнешните избори. Ништо друго. Откажувањата од каков и да е тип не се тоа! А впрочем, кога сме веќе кај откажувањата, зошто никој, на пример, не бара од „најпатриотската“ партија да се откаже од нејзиното криминално раководство? Што ако, имено, другата страна го постави тоа како услов за понатамошни разговори? И се’ така, до бескрај?!

[1] Денко Малески, Што ако, ете, се повлече „Тиранската платформа“?, Плусинфо, 19 април 2017

ЕТИКЕТИ

или

КОНТРАРЕВОЛУЦИЈА (12)

Ако имаше некакво оправдување да се бараат сличности помеѓу „Шарената револуција“ и иницијативата „За заедничка Македонија“ пред се’ во одделни надворешни манифестации (улицата како терен / театар, иконографски и „режисерски“ сличности итн.) и автономни права (правото на протест), суштинските разлики секако лежат во нивните цели. И водачи, се разбира, кои сликовито ја репрезентираат „идеолошката“ и моралната страна на протестот, но прокламираните цели особено. И тука – во целите, во барањата – се двојат патиштата на овие два протести, тука се наоѓа крстопатот каде едната тргнува (метафорички и фактички) лево а другата десно. Или, ако сакате, се манифестираат прогресивните и регресивните / ригидните светогледи, се проветрува суштината, инаку често затскриена зад националистички патетики и квазипатриотски изблици, светнуваат „идеолошки“ и политички (или политикантски, како сакате) искри што ја моделираат вистинската светлина на протестите.

И намерно го ставам зборот идеолошки во наводници зашто мислам дека дури и во двата случаи немаме право на овие „револуции“, на овие протести да им лепиме такви светликави етикети. Зашто, во двата табори, во обете колони секако имало и учесници кои ни имале ниту пак сакале да имаат врска со некоја од актуелните идеологии, лева или десна, или која и да е’ друга, сеедно. И, можеби, би биле навредени што некој (непотребно и неоправдано) така ги класифицира. Како што впрочем ни во вистинските револуции (буржоаските, комунистичките односно  социјалистичките итн.) сите учесници не биле припадници на соодветната класа, или партија / движење и слично. Оттука, со таквите етикети од идеолошка односно политичка провениенција, особено во граѓанските движења, треба да се биде внимателен, воздржан! Но, затоа, мислам дека со полно право можеме да говориме за моралната заднина (или предница, како сакате) на овие „револуции“, на овие протести, и тоа е етикетата од која што не може да избега ниту еден учесник во истите, го сакал тоа или не. Поточно, мислам дека секој кој дури и само еднаш се појавил на истите, или застанал на нивна страна на каков и да е начин, автоматски ја прифатил (не)моралната етикета!  И конечно, сите наши постапки, сиот живот, ако сакате, се прекршува низ моралната призма како (се’ уште’) најмеродавен репер, параметар на човечкото битисување. Друга приказна е дали моралот како категорија е соодветно ценет во едно општество во даден период, како што не беше односно не е во нашево во изминативе години, па и денес. Моралот сепак о(п)стана, и о(п)станува, таа вистинска референца за човековиот живот и дела.

А пропуштен низ таа оптика секој учесник односно поддржувач (на каков и да е’ начин) на спомнатите македонски „револуции“ не може да смета на „амнестија“ од поддршката и на (не)моралните начела на истата. Па ако така се разглоби проблемот, се добиваат поинакви морални визури. Зашто, „Шарената револуција“, да се потсетиме, протестираше против отворената (и  срамна, секако!) амнестија на Иванов за четириесетина високи државни и партиски функционери од актуелната власт, а кои беа апострофирани во фамозните  јавно објавени прислушувани разговори. Протестите, понатаму, односно барањата на протестирачите се проширија и на апсолутна и бескомпромисна борба против криминалот и заробената држава односно за целосно расчистување на криминалите спомнувани во спомнатите  прслушувани разговори. Ако некој смета дека тие прашања односно барања биле нечесни, неиздржани, непотребни и, во крајна линија, неморални – има целосно право така да мисли, ако мислењето може и умее логично (но не како кафеавите крави!) да го аргументира. Но, такво нешто, сепак, освен хистеризирањето околу боењето на „спомениците“, до денес не слушнавме! Ниту пак историјата би можела, барем не во догледно време, поинаку да се постави во однос на овие прашања.

Но, во еден ваков контекст, која е моралната димензија на протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“? Суштинскиот почеток и крај на „моралниот“ кодекс на овие протести е сосема спротивен на оној на „Шарената револуција“, односно овие протести, и директно и индиректно, се поклопуваат со сите, или повеќето барања токму на криминалната партија против која што шеташе „Шарената револуција“. И понатаму, гласноговорниците на иницијативата отворено бараат во земјата да остане на власт истиот криминален систем и истата криминална политичка гарнитура против која што се крена не само „Шарената револуција“ туку и мнозинството граѓани на државава, вклучувајќи ја тука и меѓународната заедница. Зашто, да не се преправаме, глумењето на страв од некаква федерализација на државата, губење на идентитетот и јазикот и слични будалаштини немаат ама баш никаква основа во реалните политички смерници на новата коалиција. Инструментализирањето на божемните опасности од некаква т.н. Тиранска платформа (и тоа откако истата веќе била целосно прифатена и од првиот мандатар и од „најпатриотската“ партија“) е само проѕирна популистичка и во основа неморална игра врз тенки популистички жици, со една и единствена заднина: да се попречи трансферот на власта и продолжувањето на законските истраги за криминалните дела на политичката врхушка именувана јавно од сите како злосторничко здружение! И ова веќе го препозна не само најголемиот дел од македонската јавност туку безмалу и целиот свет, вклучувајќи ја и последната надеж на бандитите – новата американска администрација на Трамп – која штотуку се огласи дека „Македонските граѓани избраа парламентарни претставници во декември, и постои јасно мнозинство во Собранието, што чека да формира Влада“, а „политичарите кои се обидуваат да го блокираат формирањето на Влада, ги обезвреднуваат владеењето на правото, демократските процеси и стабилноста на Македонија и регионот пошироко“! И сега – што има тука нејасно? И против што, односно за што протестира иницијативата „За заедничка Македонија“? За правда, за мир, за демократија, за стабилност … поддржувајќи ги своите криминални газди во нивниот неморален поход контра македонската иднина?!

Но, се разбира, на крајот, секој останува сам со себе, и пред себе, секој со својот (не)морал и постапки.

КАФЕАВИ КРАВИ

или

КОНТРАРЕВОЛУЦИЈА (11)

Неодамна прочитав една поучна приказна како измислена за нашава актуелна демагошка оптика на „видните“ водачи на иницијативата „За заедничка Македонија“. Приказната вели: се возеле економист, физичар и математичар во автомобил низ Шкотска. Здогледале кафеава крава и економистот рекол: „Зачудувачки е што кравите во Шкотска се кафеави“. Физичарот одговорил: „Мислам дека ги генерализираш работите според доказите. Знаеме дека само некои крави во Шкотска се кафеави“. Математичарот им одговорил на двајцата: „Грешка сте. Тотално неоправдано според доказите. Се’ што можеме да кажеме, логично, е дека во земјава има барем една крава, која барем од едната страна е кафеава“!

„Логиката“ на економистот и на физичарот е логиката на криминалната врхушка на партијата на власт и на водачите на иницијативата „За заедничка Македонија“. Таа „логика“ тврди не само дека сите крави во Шкотска се каефави, туку и дека се најпаметни, најубави, најдобри … со еден збор – единствени, самодоволни! Односно, таа „логика“ вреска дека онаа толпа излезена на скопските улици – па нека се и дватриесет илјади, или сто, иако веќе спаднаа на само неколку стотини – е сиот македонски народ, па дека токму тој „цел народ“ гласал за „најпатриотската“ партија, па дека нивните 51 пратеник се повеќе од коалициските 69 пратеници, па дека токму тие нивни пратеници и тој нивен народ се единствените кои се прашуваат во оваа држава, а тие нема да дозволат ова или она … Како што впрочем и оние пет-шест минорни антимакедонски (не)културни типови заседнати пред микрофоните на иницијативата „За заедничка Македонија“ мислат дека ја претставуваат македонската култура, или малоумните „Рембрант“, Манев и компанија дека ја претставуваат македонската уметност, итн.! Логиката на кафеавите крави настојува да не’ убеди дека едно делче е поважно од целото само затоа што е божем нивно и божем патриотско; дека токму тоа делче ги има сите права и привилегии контра правата на другите, па дури и да им го загорчува животот на сите можни насилни начини; дека нивната „логика“ и нивните „докази“ мора да бидат и наша логика и наши докази … Логиката на кафеавите крави се поистоветува со државата и народот тогаш кога им одговара и за што им одговара. Но истото им го оспоруваа на „Шарената револуција“ и нејзините учесници, ја минимизираа нивната бројност (во секој поглед поголема од оваа што се тркала низ скопските, ама за викенди – одмора!) и ја оспоруваа каузата на нивните протести. За да, нормално, радикалноста на своите барања ги прогласуваат како барања и волја на сиот народ, како решеност на „целиот македонски народ“ – се разбира, претставен од само неколку стотини протестирачи – да ги узурпира демократските процеси во државата.

Но и тоа им беше малку, па нивниот налудничав кафеав данс го издигнаа дури и на степен на борба за правата на опозициските гласачи убедувајќи ја јавноста дека токму гласачите на опозицијата не се согласни со т.н. „тиранска платформа“, дека се чувствуваат излажани и дека токмутие бараат истата да биде повлечена! Се разбира, кога човек ќе влезе во едно лудило, тешко оттаму излегува зашто ветерот го носи во нови и нови лудила. Што пак ќе рече дека иницијативата „За заедничка Македонија“ – ни барана ниту посакувана од нормалните луѓе – се трансформираше во карикатурално одбрамбено тело на опозициските гласачи, а уличните протести ги престори во борба са нивните права! За кафеавата логика не постојат ни изборни резултати, ни мнозински коалиции, ниту програми. Постојат само кафеави генерализации според кои само тие и никој друг може, треба и смее да каже кој победил на изборите, кој има право да составува коалиција и влада, кој има право да протестира и да бара се’ што ќе му падне на ум, па дури и нови избори зашто гласачите не биле задоволни од постизборните „платформи“, коалиции, случувања. Само тие и никој друг можат себеси да се нарекуваат Македонци и патриоти, достојни да живеат во оваа земја. И да владеат со неа, се разбира.

Доблестите на „Шарената револуција“, за среќа, беа во тоа што беше спротивна на сите кафеави логики на домобраниве – беше граѓанска, инклузивна, демократична, мултиетничка, позитивна, морална, логична, стамена … Имаше неколку, или попрво една битна цел, една црвена линија: да сопре криминалот во оваа држава! Идните потемелни проучувања и интерпретации ќе покажат дека таа цел беше остварена, на еден или на друг начин. Но, истата иднина, блиска или подалечна, еднакво ќе докаже дека под  превезот на иницијативата „За заедничка Македонија“ всушност се прави партиски обид да се протне црна контрареволуција со цел да се поништат регуларните резултати од избори што ниту една политичка партија не ги оспори, а со тоа да се закочи трансферот на власта и почетокот на редемократизацијата на државата.

„КОЛЕБЛИВЦИ И КАЛКУЛАНТИ“

или

КОНТРАРЕВОЛУЦИЈА (10)

Она што е особено симптоматично кај најгласните противници на некогашната „Шарена револуција“ и денес, повторно, најжестоките поддржувачи на иницијативата „За заедничка Македонија“, освен тотално произволната и нерагументирана лиферација на лични недокваквани ставови, е и отсуството на морален став и здрав разум во однос на единаесетгодишното коруптивно и клиентелистичко владеење на (се’ уште) актуелната власт. И отсуство на политички сенс, на знаење и информираност, се разбира. Ни еден од нив, ниту еднаш во овие единаесет години не најде за потребно да посочи, да укаже, да реплицира контра погубните политики на оваа власт за државата, за нејзината култура и уметност, за катастрофалното здравство и погубниот образовен „систем“, иако најголемиот дел од нив се некаков (иако минорен и целосно партизиран и маргинален) дел од оваа македонска култура. Така, врпочем, тие се легитимираа не само како противници, туку токму како непријатели на таа култура, нејзините вредности и традиции!

Особено е индикативен примерот на еден „писател“ кој сите негови „успеси“ ги книжи само кога „најпатриотската“ партија е на власт, а особено ужива да чепка по историски теми – оние што најмалку ги знае и разбира. Ете, нему, неодамна, не знаејќи како да ја одбрани демократската узурпација на неговата партија, одеднаш „му зоврело“ и решил на опозицијата да и’ постави едно чудо (малоумни) прашања зашто, вели тој, „Македонија нема време за колебливци и калкуланти“[1] (sic!). Ама, нели, имаше цели единасет години да потроши на криминал, аминуван токму од ваквите неколебливи во поддршката типови? Тоа, се разбира, „писателов“ не праша! Ни денес, ни вчера. И јас, се разбира, немам намера да завлегувам сериозно во целото мени на неговите ступидни прашања до опозицијата кои што  директно и неотповикливо сведочат за неговото тотално незнаење и непознавање на правниот систем во кој што живее, за неговата наивност дека некој ќе ги „купи“ неговите ставови како „писателски“ а не како партиско штабни директиви кои што од него (помеѓу останатото) направија и писател, или пак некој сериозно ќе седне и со ред ќе му одговара еднакво малоумно, како прашањето, на пример, „дали е точно дека е прифатена промена на името Република Македонија“ (наспроти, нели, разговорите што ги слушавме околу преговорите токму на неговите газди!), или „дали во договорот пишува дека албанскиот ќе биде втор службен јазик …“ (како да сега е нешто поинаку!), или дури и детски наивни прашања (што секако сведочи за нивото / зрелоста!) „дали е точно дека ќе се менуваат грбот, химната и знамето на Република Македонија“, итн. Мислам, извинете, ама колку наивен, неинформиран, ама и глуп треба да биде човек за да јавно поставува такви „прашања“? А дека глупоста не знае за граници сведочи и прашањето „дали е точно дека Фудбалската арена ’Филип Втори’ во Скопје ќе се ’ребрендира’ во Џемо Хаса, балист од Симница“! Има таму и „брилијантни“, „бравурозни“, па и психијатриски делови односно констатации за македонската култура (од типот: „Македонската книжевност не ќе може да биде македонска книжевност, туку анационална, двојазична, скопска книжевност“!), кои што просто плачат барем за магистерска, ако не и докторска дисертација за глупоста на македонскиот писател денес!!!

И понатаму, бидејќи сето тоа му било малку, „писателов“ почнал да си ги  повикува останатите „браќа писатели“ – оние од трлото рамно на неговата клиентелистичка свест – да не молчат туку да се спротивстават на „културниот и духовен инженеринг на македонскиот идентитет“, убедувајќи ги дека „македонските интелектуалци немаат право на молк“, дека „македонските писатели не смеат да молчат“ итн., за да, конечно, возбудено воскликне: „ако не сега – кога?“! И тоа е, се чини, единственото вистинско  прашање што ваквите типови треба да си го постават, иако доаѓа од погрешната страна на барикадите. Зашто, нивниот молк беше толку силен, просто заглушен цели единаесет години; молчеа за се’ што можеше да се одмолчи, молчеа за криминалот и убиствата вршени во нивно име, за безочното ограбување на државата, за корупцијата и партизацијата, за заробената држава од која што и тие исцицаа се’ што можеа. Не молчеа единствено кога „Шарената револуција“ маршираше контра криминалот, корупцијата, некултурата, кичот и шундот барајќи правда и радикални општествени промени. Само тогаш не одмолчаа туку по директива се нафрлија како хиени врз се’ што беше прогресивно во државава, бранејќи си ги газдите и нивните фотелји. Како впрочем и сега, кога си ги бранат и личните ситни интереси!

И тоа е уште една особена битна разлика помеѓу двата протести, помеѓу т.н. „Шарена револуција“ – неоптоварена од вакви профитери и клиенти – и ова  што се нарекува иницијатива „За заедничка Македонија“, каде просто врие од срамна саможива и самонаречена македонска интелигенција заинтересирана единствено за своите џебови.

[1] Блаже Миневски, Македонија нема време за колебливци и калкуланти, Дневник, 09.03.2017