Monthly Archives: July 2017

КОЛКУ ТРЕБА ДА СИ ГЛУП?

Многу, многу треба да си глуп за да поставиш такво прашање како што постави „најпатриотската“ партија во Собранието на РМ. Демек, власта – којзнае колку тешко им е тоа да го кажуваат секој ден алудирајќи на СДСМ – да одговори колкумина вработила за овие неполни два месеци откако е на власт! Какви морони. И што мислеле, овие од власта јаделе семки и нема да им ги извадат нивните вработувања, оние баш пред изборите и во текот на формирањето на новата влада? И каков е резултатот? Лош сум во математика, ама ако вториве – сегашнава Влада, де – вработила 90сетина луѓе, моронине вработиле преку 7.000 беспризорни души. И со букви: седум илјади полуписмени протуви. Зошто полуписмени и зошто протуви? Па кој нормален човек би прифатил такво вработување?! Или, поентата е: ние ве вработивме ама овие ве бркаат? И такво прашање, во Парламентот, поставува довчерашната владеечка партија која што седеше на фотелјите цели  единаесет години?

Ама, целиот амбиент продолжува да ни биде таков, розово ступиден, малоумен, простачки, каде секоја протува мисли дека ќе не’ надлаже, надитри, итерпејовски ќе се престори во некој друг и ние нема да го препознаеме. Видете ја (веќе) екс-директоркана на извиканата ни Филхармонија – онаа „институција“ која што му  свиреше на вмровскиот „крем“ на отворањето на новиот (незавршен, sic!) објект, заедно со „националниот“ ни „уметник“ Симон Трпимир, а во стилот на оние квартети-квинтети во концлогорите на смртта во времето на Втората светска војна на територијата на Германија и Полска – како се однесувала кон институцијата, кон Министерството, кон државата. Не доставувала програми, делела 2/3 бесплатни билети токму за спомнатиот концерт, како да сето тоа е нејзина лична сопственост! А впрочем не само таа, сите така се однесуваа не баре си ги донеле фотелјите од дома и заседнале – за вечност. А апропо „настанот“ со Филхармонијата, се сеќавате на Елизабет, онаа (екс)министерка без паспорт, но и без многу други нешта, како тврдеше пред камерите дека билетите биле во продажба и секој можел да си купи? И као случајно, нели,  целата вмровска булумента си купила билети – еден до друг?! Стварно: колку треба да си глуп?

А она крвоцицачко крилесто суштество кое продаваше некаков граѓански активизам и упорно ги негираше врските – дури и покрај очигледните фотографии – со „најпатриотската“ партија реорганизирана како злосторничко здружение? Како одеднаш скокна во редовите на нивниот Извршен комитет? Онака – случајно? Долета? Или, како што велат, одел во „белата шампита“ два-три пати во тоалет и браќава – оп, го ќариле за во ИК? Колку треба да си глуп, или очаен, па да мислиш дека можеш сите да ги лажеш, секогаш? Како впрочем и „професорон“ кој како подготвен да чекаше да убаци во рикверц и да почне да плука по се’ што до вчера го фалеше, особено љубимото му, ама и лукративното му „Скопје 2014“? Луѓево веќе се подготвуваат како да се справат со последиците од тоа локално лудило, оваа будала тек сега се свестува и почнува, демек, да критикува! Па што правеше цели десет години, црни „професоре“? Инкасираше? А ќе дојде ли на ред да си ја критикуваш и твојата „монографија“ за сликите во Музејот на македонскиот хорор? И со каков вдахновен критички осврт?

Се разбира, многу пати е констатирано, и потврдено, дека глупоста кај нас е безгранична. Ама за неа, некако, секогаш има муштерии и во весниците и по телевизиите. Како да ни беа малку оние десет изминати години па продолжуваме да ја шириме. Безгранично, и задгранично, ако треба. Ако пак  некогаш навечер ви е здодевно, пуштете ја онаа кочанвизија – таму глупоста царува во континуитет! Особено кога е присутен стручњакон за се’ Костов, кој изгледа си има инсталирано креветче на склопување во студиото и достапен им е 24/7. Е он ќе ви ја раскаже нашата „културна“ соработка со Бугарија – како секој ден си доаѓале и си оделе како на расхотка македонските и бугарските писателчиња, по нивниот терк и нашите и нивните театарчиња, па едикоиси други протуви од наша партијна провениенција и сл. Убавина! За да „поентира“: зошто ни бил договор за добрососедски односи со Бугарија?

И навистина: колку ли човек треба да е глуп? Или туп? Или очаен?

ПРИЧАМ ТИ ПРИЧУ

или

АДВОКАТОТ НА ЃАВОЛОТ (3)

Најпознатото судење во светската историја секако е судењето на Исус Христос во Ерусалим. А современите правници имаат редица суштински забелешки на истото. Многумина го сметаат судењето за легално, но неетичко. Особено заради фактот што Синедрионот и посебно високиот свештеник Кајафа веќе однапред биле согласни за пресудата, нешто како и во нашиве судови последнава деценија. Па имало лажни сведоци, па го суделе ноќе (што не било дозволено во случаи кога се работело за смртна казна) итн. Од друга страна, Исус немал ни адвокат, барем не во денешната смисла на зборот. А многумина велат дека ниту му бил потребен зашто тој бил Син Божји! Кој би се дрзнал да му суди на Синот Божји? Е, ама имало и такви. Впрочем, ни Св. Павле немал адвокат туку се бранел самиот. Дали заради тоа судбината на обајцата им била таква?

Без сомнение, човекот (во принцип) највеќе ги цени слободата и здравјето. Затоа впрочем и оние две професии – адвокат и лекар – се издигнати на пиедесталот на „златните“ професии, дури и со засилени етички кодекси кои што ги „присилуваат“ на одреден тип однесување. Се разбира, можеме и да не се согласиме со ваквите констатации бидејќи секоја професија е исправена пред специфични ризици и предизвици, пред сериозни одлуки што во даден миг имаат далекусежни влијанија – негативни или позитивни. Сетете се на дилемата на пацифистот Ајнштајн за неговото учество во производството на првата атомска бомба? Потполно свесен дека работи во полза на човечката штета, превагнала убеденоста дека тоа е единствениот брз начин да се заврши крвавата Втора светска војна! А овде – адвокатот не можел да одбие клиент? Причам ти причу, велат Србите!

Или, ако сакате, може ли некој да претпостави колку опасна – по другите – може да биде професијата сликар, на пример? Можат  ли неговите одлуки да влијаат врз животите на многумина? Не? Ама ако сликарот се вика Адолф Зиглер и ако му е доверена партиската задача (со наредба потпишана од самиот Хитлер!) да подготви изложба наречена „Entartete kunst“ („Дегенерирана уметност“ – одржана во Минхен од 19 јули до 30 ноември 1937 година – тогаш и таа професија станува опасна. По нарачка на врвот на Нацистичката партија Зиглер собрал 650 уметнички дела од германските музеи и ги изложил во Минхен на изложба под спомнатиот наслов. Целата нацистичка партиска елита присуствувала на отворањето на изложбата на дела од 112 уметници – една цела авангардна плејада меѓу кои и великани од форматот на Кле, Грос, Марк, Колбе, Лембрук, Мондриан, Шагал, Кандински и др. И сите прогласени за „дегенерици“ токму заради нивната уметност! И не само тоа, туку на овие прокажани уметници им се заканувала опасноста од губење работа, учество на изложби, па воопшто и понатамошното бавење со уметност! За среќа, многумина од оваа авангардна плејада набргу ја напуштаат Германија. Е сега, можела ли будалата Зиглер да одбие да биде „куратор“ на една таква изложба? Се разбира, дури и да била партиска задача, како што и била. Ама тој со задоволство ја извршил! А можеме ли ние да повлечеме паралела со нашата ситуација и оној шизоиден „проект“ наречен „Скопје 2014“ каде на ударот на други будали повторно се најде Модерната, овојпат во локалната скопска архитектонска варијанта? Можеме, и треба да ги наброиме сите локални идиоти кои партиципираа во тоа културно злосторство – за историјата. Мислам дека Ацо Кондев имаше некаде предлог во центарот на Скопје да се подигне обелиск на кој што ќе бидат испишани со црни букви имињата на сите партиципиенти во ова злосторство. За спомен и долго сеќавање!

Сакам да кажа, секоја професија има мигови на евидентни ризици, на тешки одлуки со непредвидливи последици. Но токму затоа природата му дала на човекот свест за правото на избор, а семејството / општеството го научило – ако го научило – на разликите помеѓу доброто и злото. А некои одлуки, за среќа или несреќа, често го обележуваат целиот натамошен живот на поединецот. И не се сите, секогаш, подготвени да речат: каква е таа министерка без пасош.  Тоа можеби добро се плаќа, ама стигмата – останува!

ПРАВО НА ИЗБОР

или

АДВОКАТОТ НА ЃАВОЛОТ (2)

Сите човечки професии подлежат на одредени правила, прописи, морални и етички кодекси. Но, едновремено, сите, практикувани во реалноста, се поврзани (повторно) со еден општ заеднички именител: парите! Најчесто, односно во најголем број случаи, освен кога професијата не се практикува како хоби и за услугите не се наплатува хонорар. Но тоа се крајно ретки и занемарливи случаи. Оттука, штом во една професија се инволвираат пари, таа станува (пот)куплива. Па и најсветата, лекарската професија, за што последниве години, барем кај нас, сведочевме на бројни такви случаи.

Примерите пак за адвокатската професија како актуелна приказна што неодамна ги изнесе Тричковски се куриозитетни за овие простори, особено примерот на адвокатот Срѓа Поповиќ и неговите одбрани на „проблематични“ (како најблаг израз) клиенти (Андрија Атруковиќ, Воислав Шешељ, Владимир Шекс, Бригит Монхаупт и други)[1]. И тоа е соодветен пример на, да речеме, чисто професионален ангажман на еден адвокат во познат случај! Или, како што тоа го поставува Тричковски, „адвокатот не застапува според своите политички или други преференци“! Можеби. Велам можеби, зашто адвокатот, на самиот старт, има право – како впрочем и секое друго човечко суштество – на избор и тоа право не може никој да му го одземе со никаков закон. Значи, сакам да кажам, човекот секогаш има избор, па и адвокатот, дури и лекарот. Негово е што и како ќе избере, но никој за тоа не може да го (о)суди! Се разбира, точно е и тврдењето на Тричковски дека адвокатот може да биде чисто професионално, стручно заинтересиран за одделни случаи, истите да му претставуваат предизвик, како тој на Артуковиќ суден за воени злосторства но на многу одмината возраст, или случајот на Шешељ итн. Но, повторно, тоа е прашање на – избор. Впрочем, и Рикардо Клемент, алиас Адолф Ајхман, имал бранители: д-р Роберт Серватиус и Дитер Вехтенбрук. Но тоа, повторно, ништо не докажува! Инаку д-р Серватиус бил учесник на двете светски војни, во Втората стасал до чинот мајор, но не бил член на Нацистичката партија и не бил поврзан со воени злосторства. Инаку, Израел не би го прифатил, се разбира. Но, човекот сам се пријавил да го брани масовниот убиец, како впрочем и многумина други адвокати. Што повторно не е чудно зашто тоа судење се смета за едно од најзначајните судења на минатото столетие! Но, и тоа ништо не докажува бидејќи во исто време илјадници други адвокати не се пријавиле да го банат Ајхман!

Затоа и велам, и во нашиот случај, никој никого не можел со сила или со присила со некаква етичка / професионална одговорност да натера да се бави со Елизабет. Тоа бил личен избор на адвокатот. Како и зошто – тој знае. Но, повторно, тој негов избор не е спорен. Јавноста, па и мојата маленкост, беше вчудовидена од ненадејната промена на страните на адвокатот – од гласноговорник контра минатиот режим во негов директен бранител. Тука, извинете, јавноста има право да реагира барем со чудење! И можеби да бара објаснување, иако никој не е должен истото да и’ го даде. Јас паметам, се надевам не се лажам, дека истиот адвокат јавно – на „Телма“ – понуди бесплатна правна помош за притворените и обвинетите во „Шарената револуција“. И сега – ова?! Што, повторно, е негово лично и професионално право. Но не и обврска, како што се прикажува! Уште помалку искусниот адвокат смеел да си дозволи онакви коментари. Тоа е веќе – недопустливо, па и чист аматеризам! Ние, се разбира, немаме право да го (ис)прашуваме адвокатот за мотивите на неговото прифаќање. Но имаме право, како јавност, да се чудиме, особено на однесувањето. А некој постави и многу добро прашање: со чии пари ќе бидат платени неговите услуги? Со пари на осомничената или со народни пари? Интересна дилема!

Од друга страна, (пре)често спомнуваната осомничена бивша министерка има(ла) право да бара, па и да си обезбеди, одбрана каква што мислела дека и’ треба. И, можеби, направила (нај)добар дил / избор? Гледано подолгорочно, се разбира, односно во контекстот на претстојната реформа на судството и веројатното заминување на „сваровски“ легиите во историјата. Што ќе рече дека изборот на правниот застапник бил правен со таа идеја на ум? Ни тоа нема да го (до)знаеме, зашто и тоа е лично право: да барате правна заштита таму каде што мислите дека ќе го добиете најдоброто. Толку ли била умна Елизабет? Можеби, можеби многу поумна од нејзините партиски пајташи чија што појава во судските сали денес, со оние извикани адвокати, се’ уште, веројатно предизвикува предност, дури страв. Ама – утре? Нема ли веќе утре тоа да се трансформира само во потсмев, презир кај новите судии, па и гадење? И да се покаже како отежителна околност?!

[1] Бранко Тричковски, Одбрана на адвокатот, Плусинфо, 25 јули 2015

АДВОКАТОТ НА ЃАВОЛОТ (1)

Знам дека конкретниот наслов често беше употребуван деновиве. И тоа дефинитивно е најдобар наслов за ситуацијава. Затоа и јас не се двоумам да го користам. Но, насловот никако не сака да имплицира конкретни ситуации и конкретни личности од македонската реалност. Иако, со разбира, има врска со неа. Зашто, човек просто не може а да не се замеша во актуелната „жешка тема“ на социјалните мрежи, а во врска со дотичниот адвокат како бранител на пуфлана Елизабет. Една навидум „нормална“ ситуација, и „нормална“ релација на обвинет и бранител и се’ друго што оди уз тоа. Ама забораваме дека одамна кај нас ништо веќе не е – нормално! Па и спомнатата релација. Зошто? Бидејќи овде станува збор за аргумент плус, односно за јавно изречени судови, ставови, квалификации … токму од адвокатот а за бившиот режим, за македонското правосудство и општата општествена клима во државава, сега, според некои, да не речам многумина, целосно демантирани, или погазени, како сакате, со неговиот ангажман како бранител на пуфлата.

Но, ова е само повод, а никако некаква лична пресметка со адвокатот, кого не го познавам, а кој ми оставил сосема солиден (демократски) впечаток во неговите отворени дискусии за време на уривањето на режимот чии што претставници сега – ги брани! Тоа, едноставно, е негов избор. И така треба на тоа да се гледа. Но, други велат дека е и негова – обврска!? Е тоа ме интересира, а верувам и повеќето од луѓето кои се јавија по социјалните мрежи со нивни коментари за и околу овој „случај“. И понатаму, мојот личен „конфликт“ или анимозитет со / кон пуфлата никако не влијае на моите рационални судови за нештата. Не мислам, ниту пак некогаш ќе мислам дека човек, па и Елизабет, треба да остане без правна заштита, ако истата му е потребна. Без оглед на криминалните квалификации односно тежината на злосторството! Тоа ниту едно човечко суштество не го заслужува. Или – малкумина го заслужуваат, да се корегирам – а нашиве бараби сепак не се од таков формат! И токму на тоа, впрочем, се однесува и насловот, односно дека никој, па ни ѓаволот лично, не треба да биде лишен од основните човекови права. Иако, нели, ѓаволот како таков баш и не е некој човек?

И сега, бидејќи веќе ги спомнав и адвокатот и Елизабет, поставив (јавно, на Твитер) прашање на кое што немам ниту еден одговор. Прашањето беше: „Ме интересира: ќе бара ли адвокатон на пуфлана Елизабет изземање на „сваровски“ судиите? Или сега ќе му бидат – добри?“). Поточно, на прашањето добив само еден (1) конкретен одговор: „Нема да бара“! Јасно е? Кому не му е јасно нека се јави, ќе се обидам да му објаснам или ќе го упатам на авторот на одговорот! Се разбира, недостатокот на реакции не мора да значи ништо посебно, односно може да значи дека тој твит не го прочитал никој, или го прочитал само еден човек – оној кој дал одговор. А може да значи и дека го прочитале многумина ама сметале дека прашањето во старт го подразбира и одговорот? Добро, но тоа се само претпоставки.

Треба ли на почетокот да го кажам личниот став? Можеби треба. А тој е: не мислам дека има привилегирани професии / професионалци кои можат да се однесуваат во јавноста така како што сакаат, дури дијаметрално спротивно на своите јавно искажани ставови, спротивно на моралните / етичките кодекси, спротивно дури и на човечките / хуманистичките норми! А кои / какви би биле тие кодекси и норми? Е тоа, веројатно, е најтешкото прашање. Ама, повторно, кај нас сите прашања станаа (пре)тешки, односно станаа прашања кои што, наводно, не би требало да бидат поставувани! Ма немој! А кој го вели тоа? На пример, актуелното одморање на пратениците во Собранието на РМ. Па малку ли им беше одмор? Одмораа цели три месеци, избрани, потврдени, а неконституирани. И што сега сакаат? Плус одмор? А зошто тие би имале четири месеци одмор, наспроти сите други нормални луѓе во државава? Сакам да кажам: изгледа дека сепак не сме сите еднакви во  државава, по основ на професијата? Исто како и адвокатите кои се, изгледа, повластени во многу насоки.

Како и да е’, не можам да не се согласам дека сепак има „златни“ професии, односно такви кои што имаат некакви дополнителни права, или отстапки, за разлика од другите. И сите што на социјалните мрежи се (по)јавија со став, ги спомнуваат адвокатската и лекарската професија. Ок, немам ништо против, нека биде така. Ама, аргументите ми се некако тенки. На пример: адвокатот не смее да одбие клиент! Види богати. А ако е презафатен, ако има премногу клиенти, ако едноставно не може физички да постигне да ги застапува сите? Зарем тоа не е сериозно оправдување да го одбие клиентот бидејќи не би можел, заради презафатеност, да му се посвети со сета своја стручност и компетентност? Или мора да прифати се’, дури и по цена да го оштети клиентот? Ако пак, од друга страна, клиентот нема пари, мора ли да прифати да работи pro bono – што би рекле: без пари? Па кој луд тогаш би им плаќал на адвокатите? Сакам да кажам дека често пребрзо изрекуваме судови или едноставно некритички ги превземаме. Мислам дека не постои закон, или правило, или не знам каква професионална етика, барем кај адвокатите, која би можела да ги натера да го сработат тоа што мислат дека не би требало да го сработат, заради какви и да се причини. Поточно, како што историјата бележи примери на своеволно слободно ангажирање, дури и pro bono, на адвокати во редица за нив интересни случаи, сигурно постојат и обратни примери кога адвокат, заради редица причини, морал да одбие потенцијален клиент. Прв пример што ми паѓа на памет е филмуваната сторија со Том Хенкс и Дензел Вашингтон во филмот „Филаделфија“, наводно правен според вистинит настан, што и не е толку битно! Релацијата адвокат-клиент станува „света“, недопирлива, само од мигот на ангажирањето односно потпишувањето на договорот (полномошното). А дотогаш нема сила што може на адвокатот да му наложи да застапува конкретен случај. Освен, се разбира, по службена должност, но тоа е нешто друго!

Друг тоест суштински различен пример е односот лекар-пациент, па ако сакате и фармацевт-пациент. Тука, веќе, станува збор за нешто друго, дури и да ја нема познатата Хипократова заклетва, зашто се работи за човековото здравје, па и живот, што баш и не е случај во секој адвокат-клиент пример. Најмалку пак во конкретниот наш актуелен пример!

ЛОКАЛНА МАТЕМАТИКА

Ние дефинитивно мораме да си преиспитаме многу нешта во државава – од историски, образовен, културен, научен и секој друг аспект. Зашто праксата ни покажува дека ниту една од тие науки, третирана на начин како што тоа ние го правиме, не дава вистински резултати.

На ваков заклучок ме поттикна особено вдахновеното излагање на еден турски парламентарец кој вели дека нема смисла да им се предава математика на деца кои не знаат што е тоа џихад! И човекот е во право, како сакате кажете. Некој можеби „под мустаќ“ ќе се насмее, ама тоа би била кисела насмевка. И ова ме тера да предложам да си преиспитаме некои од нашите народни (погрдни) квалификации за османлиите, зашто денешниве жители на таа земја се сепак нивни наследници. Без оглед што ние од другите религии, а многумина богами и тотални неверници, не можеме од прва да ја видиме врската на математиката со џихадот, тоа си е нивно право. Полесно е во тој контекст да се премолчи судирот на теоријата на еволуцијата со исламот односно Куранот, која што исто така се наоѓа на листата на „мудрости“ за протерување од турските образовни учебници.

Е сега, јас не би импровизирал – а прекрасна тема е – со врските на математиката со џихадот зашто во заносот може да треснам глупост и некого да навредам на верска основа, што не би било добро. Но, мислам дека може отворено да се каже дека Балканот како некогашен дел од големата, а богами и силна, Турска империја не ги кине така лесно исторските врски. Зошто? Па само пред неколку месеци и во Белград беше поднесена петиција за отфрлање на теоријата на еволуцијата од учебниците како лажна односно несоодветна за денешниот свет. Демек – доста сме ги лажеле децата. И тоа петицијата беше поднесена од нивни академик, член на САНУ! Од тогаш чекам да се огласи и МАНУ, ама сега ги подбраа и Фрчковски, и Вангелов, не знаат алот кај им е!

Ако пак се префрлиме на наш терен, многу блиску сме до укинувањето на математиката и во нашето образование. Односно, поточно би било: бевме блиску, со оние претходнине. Зашто, нивната „математика“ беше се’ само не тоа што треба да биде. Може некој да посочи еден, барем еден тендер каде почетната цена се совпаѓа со крајната? Не може, се разбира. И тука не можеме да бараме оправдувања во скудното образование на Пастирот или неговите први соработници од типот на пуфлана, или оној Миле и слични будалетинки на кои пасошите им требале за да ги носат децата на одмор. Па на децата никој не им ги бара пасошите! Нека одат каде сакаат и кога сакаат. А Миле? Е па … слаб бил по математика! И како одеднаш на сите им текна да мислат на децата, на одмори и слични „прозаични“ работи а до вчера беа заакани само по дилови и „спасување“ на земјата со измислена „бизнис ориентед“ математика? Затоа ние комотно можевме целосно да ја укинеме математичката наука односно да ја замениме со нивната математика, каде два и два никогаш не се четири. А можеби и ние можевме да најдеме некаква врска со религијата? Добро, ние немаме џихад, ама имаме 30 сребреници, можеби тука требало да бараат некаква релација? Иако тоа сега им е доцна, новава министерка ко со скалпел им ги сецка сите будалаштини во образованието!

Или, кога сме веќе кај математиката, може некој да открие со каква, и која математика отидоа трине будали кај Путин? Толкави луѓе, бог да чува, да не знаат да соберат еден и еден! Ама тоа ти е, кога не учеле школи, или учеле погрешни! Или видете ја математикана на онаа „госпожана“ од свирипичино, за која Археолошкиот музеј е направен во 2012 година. А тој, пустиот, да ти бил најстара македонска музејска институција основана уште во 1924 година! Ама, археолозите – ако таа „госпожа“ воопшто може така да се нарече – се исто така слаби со математика, баш како и партиските им „политичари“ од типот на Миле и компанија. Тие оперираат со векови, со ери, со милиони и трилиони … не се заморуваат со ситнурија!

Но, добро беше што ја видовме „госпожава“, онака јавно, во т.н. nude издание. Јас би им препорачал на тутуруткине во онаа партовизија полека да ги викаат сите бивши директори на едно такво јавно расоблекување. Многумина ги знаеме што мустри беа, ама не и сите. Вака, би ни приредиле вистинско шоу, а можеби ќе им се зголеми и гледаноста? Sky-high!

НАРОДНА КУЈНА

или

НАЦИОНАЛЕН ИНТЕРЕС (11)

Се разбира дека никој не не’ присилува да менуваме нешто (и) во културата. Дури и ЕУ гледа благонаклоно кон националните културни политики – ако ова нашево воопшто може да се нарече политика – и не тера никого на ништо. Велам, барем во културата. Во некое идно време, кога би станале нивна полноправна членка, можеби ќе мораме да извршиме некои ситни прилагодувања, и толку. Како во Хрватска, впрочем. Можеме и понатаму да си останеме последниот болшевистички бастион во културата во Европа и за тоа никого нема да го боли глава. Освен нас, се разбира, ама не сите. Можеме и да и’ го оставиме дипломатскиот пасош на онаа естраднана шушумига, ако навистина го има. Таа барем, за разлика од некои други, го има „заработено“ врескајќи по сите партиски конгреси, прослави и митинзи. Иако тоа дебело го наплатувала, а пасошот веројатно бил шлагот на тортата.

Но, шега на страна, кога одблизу, но и од далеку ќе погледнете низ какви се’ бирократски лавиринти минува македонската култура и македонскиот творец, ве фаќа депресија. Зашто кај нас за културата и творештвото решаваа  бирократи и партиски „уметници“, а нивните „решенија“ понатаму минуваа  низ вториот, побитниот партиски филтер на Министерството за (не)култура вгнезден во кабинетот на „врло веома“ пуфлата. И таму не можеше ни врапче да прелета а да не е партиски обележано, и одобрено. И сега, ние можеме да ја продолжиме истата приказна, па наместо довчерашната еднопартиска култура да инсталираме друга – повторно еднопартиска, само со друго име – приказна која што ќе ги продолжи „славните“ традиции на претходниците. (Апропо, знам дека вакви или слични текстови пишував и во 2002 година, без некој поголем резултат. Иако имаше видливи, да не речам сериозни промени во однос на она што ни се случуваше во културата во периодот 1998 – 2001 година. Ама не се смогнаа сили да се отиде до крај, особено во  „реконструкцијата“ на институциите, во дефинирањето на самонаречениот национален интерес и слични глупости!). Оттука, не сум сигурен до каде ќе се отиде со оваа тема. Ама во едно сум сигурен: ние не можеме / не смееме да продолжиме вака! Ние не смееме од културата да правиме народна кујна (формулација на Ранко Дакиќ, уметник кој знае што е што!) пред која што ќе се редат сите гладни и жедни за парче леб и чаша вода. Културата тоа не е’! Таа уште помалку е социјална заштита за сето некреативно и непродуктивно во општеството, само што добило некаков „повисок“ степен на третман од оној на социјалните случаи. Таквата култура е јаже околу вратот на сериозните творци и културни работници, без оглед на нивниот (мал) број. Односно, ние тој број не го ни знаеме, зашто просекот го снижуваат односно уништуваат некадарните социјални „случаи“.

Сепак, не мислам дека една држава, па и Македонија, треба да развива исклучиво т.н. елитна или врвна култура. Ама државниот буџет во културата мора пред се’ да биде ориентиран таму – во врвните вредности. Зашто тие се вистинската одбрана на идентитетот, на културата, на нацијата. Има други буџети, пред се’ општинските – или можат и да се измислат, ако треба – од каде што би се финансирале сите други културни потреби. Ако општините имаат пари за „Пивофест“, или „Битфест“, или секакви други квазикултурни манифестации што ја слават ракијата, пастрмајлијата, ајварот и слично, против кои што јас немам ама баш ништо, дапаче, се’ дури не земаат од парите од мојот данок, нека си ја тераат нивната приказна. Ако граѓаните на тие општини мислат дека за нив – за нивните деца – е поважно во една вечер да се изедат илјада пастрмајлии финансирани од општинскиот буџет наместо една изложба на делата на хартија на Петар Хаџи Бошков или еден сценски настап со камерна претстава на МНТ, тогаш – ок! Таму нема помош се’ додека гласачите во општината, односно мнозинството не се побунат и не гласаат за другата (политичка, културна) опција, која и да е’! Онаа опција која што ќе им овозможи културен производ според современи стандарди. А во такви случаи треба и државата да помогне, се разбира.

И, колку за крај, еве што велат за своите цели во Министерството за дигитализација, култура, медиуми и спорт на Велика Британија: „Министерството помага во придвижувањето на растежот, збогатувањето на животите и промоцијата на Британија во странство. Ние го заштитуваме и промовираме нашето културно и уметничко наследство и помагаме бизнисот  и заедниците да се развиваат преку инвестирањето во иновациите и нагласувањето на Британија како фантастично место за посета. Му помагаме на Обединетото кралство да добие уникатно првенство на глобалната сцена, залагајќи се за економски успех“. Нема ни темелни вредности, ни национални  интереси и слични будалаштини; разбирливо, јасно, концизно! А приоритети на тоа Министерство се: раст на економијата, поврзување на ОК, поттикнување на партиципацијата, поддршка на извонредноста, поткрепа на медиумите и обезбедување на социјална одговорност.

Е па, ако не учиме од најдобрите, тогаш – од кого?

(НЕ)КУЛТУРЕН СОН

или

НАЦИОНАЛЕН ИНТЕРЕС (10)

Сегашната власт не нуди концепт на такви реформи или воведување на нови системи на вредности, уште помалку некаков стриктно дефиниран национален интерес, или барем тоа не го прави така јавно и лицемерно, како што тоа го правеше злосторничконо здружение. Впрочем, во таа влада има доволно паметни луѓе кои знаат дека тоа така не функционира. Едновремено, барем засега, ни актуелниот министер за култура не дефилира со флоскули од типот на одбрана на националниот интерес, не се треска од земја како претходнана заради некакви измислени „македонски вредности“, туку повеќе бара одговор на „предизвиците на модерното време, новите културни наративи, новите технологии, уметнички изрази и новата публика“! И така и треба да биде. Тоа се, впрочем, предизивиците на современата култура. Секој обид државата директно да се замеша во определувањето „што е добро, а што е зло“ – барем во културата и уметноста – неповратно води кон повторна диктатура на лични / групни интереси и / или вкусови. Нема толку паметна држава што може тие проблеми да ги разреши на општо задоволство. Но затоа има, претпоставувам, доволно паметни поединци, учени луѓе, кои слободоумно, но и во името на државата, ако истата ги праша, можат да кажат „што е добро, а што е зло“ во културата и уметноста, кои се и кои треба да бидат ингеренциите на таа држава во културата пред се’ и посредно во уметноста, итн.

Засега, Владата и Министерството за култура се држат до некои зацртани политики во нивната предизборна програма. На пример, дека клучните вредности на владината културна политика се слободата на творештвото, еднаквоста и универзалното добро, а најважните движечки принципи се пристапноста, учеството и еднаквите услови и права за сите. Дека концептот на културна демократија, која го промовира учеството на сите граѓани во културата и во создавањето на културните политики е битен за нив, дека културата мора да има прогресивна општествена функција: да поттикнува, да полемизира, да продлабочува, да критикува, да експериментира, да создава нови вредности, итн. Овој концепт е европски тренд во културата и не познава строга контрола од страна на државата, зашто културата по својата природа е отворена кон другите култури, отворена кон сите граѓани. Оваа Влада вели дека не сака да биде авторитарен чинител на културниот живот и главен оперативец во културата како досега, туку само регулатор на општите рамки на културниот систем и на основните цели на културната политика.

Добро, секогаш е полесно нештата да се стават на хартија отколку да се спроведат во пракса. И секогаш е полесно да кажете што не е’ отколку што е’ односно што не е култура отколку што е’ култура. Во тоа обилно (ќе) ни помага минатото искуство и, за почеток, доволно би било да се избегнуваат сите оние стапици на премногу моќ и пари, нешта што буквално ги спобудалеа претходните.

Друга работа е како тоа – ако биде спроведено – ќе биде прифатено во разгалената македонска култура која што себеси се смета за национален интерес број еден – мит потхрануван со децении, а особено последнава деценија. Зашто, кога некој ќе ве убеди дека сте најважната карика во идентитетскиот ланец, дека секој „творечки“ испрдок треба да биде платен со грст златници, дека светот појма нема што е тоа култура и уметност а ние сме тие дадени од господа да го подучиме … тогаш таквите приказни му се удираат од глава токму на оној кој ги сонува. Како во нашиот случај, нели. Нашиот (не)културен сон трае предолго, прескап е и е непродуктивен. Ние божем имаме светски уметници, присутни и ценети на елитните сцени, ама на истите се’ уште со суво злато им ги плаќаме сите „проекти“, на возраст од четириесетина години им доделуваме статус национален уметник и им исплаќаме секој месец по илјада евра! Тоа, извинете, го немаше ни во најцрниот комуносоцијализам!!! А колку за споредба: прашајте било кој ликовен уметник кога последен пат видел толку пари за самостојна изложба? Освен ако не е Ацо „Рембрант“, женатаму и некој од таа банда!

Или, како е можно, заради редица „причини“, еден огромен дел вработени во институциите (театрите особено) со години да немаат никаков работен ангажман? Ние во континуитет трупаме институции, а во институциите непотребни и неспособни луѓе кои ја чинат оваа држава големи пари, без обврски и одговорности, без знаења и умеења. Нашите централни институции немаат визија и мисија, немаат развојни програми, не знаат зошто постојат. Односно – знаат, а тоа „знаење“ најчесто се сведува на непродуктивни итромански „програми“ и „проекти“ на раководството и неколкумина околу него. Ние никогаш не сме спровеле истражување дали ваквото нивно постоење се поклопува со потребите на заедницата која што им ги подмирува сите потреби, од плати, преку програмски трошоци до материјални издатоци? Со што тие придонесуваат во сопствениот и општиот развој? Кои се целите на нивното постоење, низ што се исполнува нивната мисија во домашната култура? Со што, на пример, беше оправдано отворањето на еден „Театар комедија“? Ни недостасуваше комедија во животот или требаа да се нахранат големите партиски апетити на неколкумина? Или Музеј на македонскиот хорор? Кој воопшто во светот гради институции без солидно културолошко истражување на потребите од истите? Ние, секако, уште долго нема да доживееме одделни културни институции, особено на пример музеите, да бидат самоодржливи или со минимална помош од државата зашто целото рамниште на културата ни е се’ уште премногу ниско. Или е ниско знаењето и умеењето на директорите, сеедно. Но, како да ја вергламе истата плоча, со децении, како да се вртиме на некакво налудничаво тркало, без цел и без резултат. А тоа пак значи дека ни се џабе и темелни вредности, и национални интереси, (детински) самофалби и (лековерни) себепромоции. Културата од тоа нема никаква полза.

ВРЕДНОСНИ СИСТЕМИ

или

НАЦИОНАЛЕН ИНТЕРЕС (9)

Сигурен сум дека криминалното замешателство во културата и игрите без граници со т.н. национален интерес создавале фрустрации кај „заборавените“ – да не речам забранетите – чинители во македонската култура од сите профили и возрасти. Тие фрустрации, тој со години собиран гнев од ретроградните политики во културата, од неписмените автократи и самоповиканите цензори, сигурно генерирал процеси на барање соодветна замена за ваквите закоравени во тенденциозноста и незнаењето практики   кои што, во самата суштина, претставуваа државно културно самоубиство! Во таков контекст можам да го разберам и јадосувањето на секогаш агилниот Филип Јовановски, кој вели дека „Следната влада, прво што треба да направи, е сериозна реформа на вредностите, еднаш да се договориме што е добро, а што е зло и дека тоа не може да се релативизира, а после тоа кој за која партија нека гласа, нека поддржува која сака заедница, група, идеологија, религија, а бе нека си верва во шо сака“[1]! Знам дека и Филип „не верва“ дека работите баш така одат и дека владите се тие што создаваат, или договараат, реформи на системот на вредности, а уште помалку дека можат да забранат нивна релативизација. Тоа така не функционира. Иако, всушност, Филип веројатно алудира на претходната влада која што се обиде тоа да го направи, на простачки и провинцијален начин, чии што резултати ги гледаме денес. Иако токму јас овде треба да се релативизирам себеси зашто  формулацијата „се обиде тоа да го направи“ треба да биде попрецизна,  безмалу зацементирана со формулацијата „го направи“. Зашто тие де факто (па во одделни случаи и де јуре!) тоа го направија, не само во културата туку во целиот систем на општествени вредности. Или, ако сакате, мигот кога пуфлана стана министерка за култура, целиот систем на културни вредности во Македонија се урна до темел. А и нејзините претходници од дпмнеовско-дуиевска провениенција – Беќири и Џемаили – не беа подобра варијанта. Така впрочем и почнаа процесите на антиквизација и десловенизација, на провинцијализација, на поларизација, партизација и (само)изолација. Така се појави и „џуџето од Небрегово“, лустрацијата, кичот и фашизацијата, добивме штрби новинарски баби како хистеризираат против се’ што до вчера оваа држава го признаваше за вредност! Вратата на културата се отвори за секоја будала со партиска книшка, а вредност (односно „вредност“) станаа и оние кои умеат да чекорат само по калливо селско џаде! Впрочем, токму тоа и се обидоа да направат од Скопје. Делумно успеаја! Ама никако не можеа да го сопрат општиот потсмев и нашата релативизација на нивните „вредности“.

Значи, мислам дека Филип знае отприлка што говори, дури и без да посочи конкретни личности и настани. Или, ако сакате, ние во не така долгата историја на културните вредности или вредносни системи, сме минале низ (пре)многу слични премрежија. И секогаш државата, или партијата, која и да е’, се јавувала како инсталатер – разберете го зборот како што сакате, а верувам дека има само еден начин – на секакви системи, па и вредносни! И секогаш во функција на таквите партиски потреби биле инволвирани претставници на македонската интелектуална елита (или „елита“, како сакате). Ако на времето, говорам за времето пред шест-седумдесет години, единственото оправдување за ваквите чекори беше „крeвкоста“ на нацијата и државата, денес тоа не е случај. И не знам зошто не се однесуваме така, односно како независна, самостојна, суверена Европска држава! Без оглед кој, и што мисли по тоа прашање!!!

Односно, сакам да кажам дека т.н. вредносни системи, како некаква алтернатива на т.н. национален интерес, што, за мене, му доаѓа некако исто, или слично, не е работа на државен, уште помалку на партиски декрет. Тие и такви вредносни системи не се инсталираат со октроизација односно со државно наложување дека од денес па натаму ќе важи овој вредносен систем. Такво нешто никаде не се случило, ниту пак ќе се случи! Вредносните системи се макотрпна, долгорочна работа на филтрација на квалитетот од квантитетот, на извишување на вредноста од просечноста. Ние тоа го имавме, какво-такво, можеби не беше идеално но беше изградено врз сериозни вредносни судови. Оние партиските уште во седумдесетите години на минатиот век полека почнаа да бледнеат. За да безмалу вчера ни се вратат како повампирени државни камшици во рацете на полуписмени бараби.

Во контекстот на преиспитувањето на т.н. национален интерес и прераспределбите на државните средства во културата интересен е и ставот на актерката Синоличка Трпкова, која вели дека „Уметноста создавана исклучиво од народни пари треба да е за народот. За секого достапна. Од град до село. Не може да се користат исклучиво народни пари за уметнички дела што ниту се достапни ниту од значење за народот“. И ова е концепт кој што е близок до некаков јавен интерес – „од значење за народот“ – а кој што во извесна смисла беше присутен во македонската културната политика до 2006 година, наложувајќи им дисеминација односно дисперзија на програмите на националните институции на територијата на целата држава, таму каде што тоа е можно.  И тоа беше – и треба да биде – добар појдовен концепт за (културно неразвиени) држави како Македонија!

[1] Филип Јовановски, Реформа на вредностите, Слободен печат, 31 март 2017

ДА СКОКАШ ОД РАДОСТ

Кој како сака нека разбере, ама многу е пријатно, дури жизнерадосно кога некои нешта ќе ти го разубават денот. Во наплививе на топло-ладно и сите други заебанции што ни ги приредува летово, типичните постизборни македонски куриозитети ни доаѓаат како мевлем на рана – не е битно која и каква, нека е и национална – или како хумористичко освежување, ладен шприцер (се пие и на топло и на ладно!) на полн стомак. На пример, дека македониците преку Катар ќе летаат низ целиот свет! Јеботе, каква незаборавна понуда, седумка на лото (или колку броеви беа, сум заборавил). Да не беше овој потег не знам како ќе преживеевме. Сега, можеме на браќата Грци да им го расипеме бизнисот со Егејот и да летуваме каде сакаме. Со Qatar Airways! Или ако сакате службено да летате за Париз, на пример, за каде што немаме директна врска, ќе одите преку Катар. Две муви со еден удар: ем сте го виделе Катар, односно аеродромот, ем сте стигнале до Париз. Добро, можеби со неколку дена задоцнување, ама што е тоа битно? Или, сакате да летате за Америка, г-дин Трамп ветил дека ќе ве прифати без проблем (ѕидот уште не е изграден), палите авионот и правец – Катар. Па од таму, директно во Њујорк, или Вашингтон. Лепота!

Или, во актуелната македонска политика, на пример, кога оној Антонијо коса кубе – добро, таа малку што му останала, а можеби токму и заради тоа малку му останала? – што во договорот со Бугарија стоело македонски јазик според Уставот на земјата, а не само македонски јазик. И не можам да замислам некој „подостоен“, и подобар од него, тоа да го каже. Ееееј, никој друг туку Антонијо! Чекаме само да му се придружи оној ќилимарот, или Чилиманов, или како веќе се вика и таа будала! Зашто, претпоставувам, кога ќе кажете „македонски јазик“, тоа му доаѓа како некаков светски бренд, нешто како „кока кола“ што сите го разбираат, а веројатно и го упражњаваат. А ако е истиот бренд, ама како што е според Уставот на оваа земја, тогаш брендот го менува вкусот и наместо сладок станува – горчлив? Што е истата моронска логика и на „професорон“ Жежов, според кој ако се потпише договорот за добрососедство, „односите ќе се влошат уште повеќе“ (sic!). Мислам, можна ли е ваква первертирна логика, ваков идиотизам од луѓе со некакви, какви-такви академски титули? Ама можна е дури и од „амбасадори“ од профилот на Филипов. Можно е, се разбира, зашто станува збор за тврдокорен профил на луѓе и титули, и идентична налудничава логика.

Иако и други кои формално не припаѓаат на таа антиквизаторска логичка  школа покажуваат слични симптоми. На пример, кој, и што, треба да и’ објасни на онаа Ванковска, кога во ретките слободни мигови се спушта од вселената на Земјава за да постави по некое прашање, и вели: „Во превработеното Министерство не можат да се најдат ДВАЈЦА компетентни луѓе, кои би биле советници во кабинетот“? Добро прашање, зашто таа, ако станеше претседател на државава со оние нејзини 120 гласа поддршка од Фејсбук, сигурно ќе го задржеше целиот кабинет на лудакон од Водно. Впрочем, не се сомневам дека тоа ќе беше истата „политика“ и „стручност“, нели! А можеби ќе го задржеше и лудакот како специјален советник? Сосе женатаму? А јас ќе и’ препорачав и неколку други брачни парови како можни кандидати, некои од оние маневци, станковци, јанкуловци и слична комбинирана машко женска булумента, а кои што сега полека остануваат без нивните слатки дополнителни партиски приходи. И се трансформираат или во баби нарикачи или во ветувачка перестројна кохорта. Нешто во духот на нашава до скоро – или се’ уште? – подопашна „елита“ која што се престројува во од и се обидува да фати што подобра бусија на идеолошкиот фронт. Онака, освојува чекор по чекор. Прво „Слободен печат“, што му иде како некаква демократска препорака, потоа ќе закачат некоја телевизиичка, па правец – буџет. Демек, заслужни борци. А всушност заслужни само за Паторот – пардон Пастирот – и трговската компанија. И ене го и „професорон“, довчерашен верен слуга на режимот кој им се најде ама баш за сите нешта, од „делата“ во Музејот на македонскиот хорор до „Скопје 2014“, сега се чатали токму во „Слободен печат“ и тоа за „грдо и дилетантски изведени дела од проектот ’Скопје 2014’“. Ма што збориш! И тоа сега, после толку години, кога згаснаа сите чешмички на онаа пуфлана Елизабет? Но, кутриот не е единствениот. Можете да видите такви поединци, организирани во двојки-тројки низ скопските кафетерии како си шушукаат, како разменуваат информации, менуваат гаќи и чорапи … Ги загубија вносните профити, партискиот чадор се дупна, прокиснува на сите страни.  Сега ќе се престројувате, нели, за повторно да цицате? Да, може и така, ако оваа држава дефинитивно загубила чувство за морал, за етика, за професионализам! Ама тогаш би можеле повторно да ги вратиме сите такви не само „стручни“ вртимушки туку и целата нивна погубна „политика“ и да и’ пишеме крст на државата. Белки не сме такви будали?

Апропо: веќе не го гледам нашион непрежален андерграундист Сарајлија на електронските страници на „Република“? Се нафатира доволно – што е невозможно, нели – или кај овие снема пари? И сега онаа Кукубајска му е замена? Извинете, ама слабо. Оној барем не’ засмејуваше. А да организираме референдум да го вратат? Или, да не се спрема и тој за во „Слободен печат“?!

СПОРЕДБИ

или

НАЦИОНАЛЕН ИНТЕРЕС (8)

Излегува на телевизија едно пиже, еден од оние стотици човек-фирма издавачи, не умее две правилни реченици да стокми, ама знае дека на државата и’ треба поагилно издаваштво, помош на авторите по светски стандарди (камо да имаме светски автори!), сака да каже ама не знае да рече … После него едно тукушто пораснато европско бирократче ни открива топла вода посочувајќи дека најдобар начин за пласман на националната литература и издаваштво е учеството на саемите на книгата. Бреее, какви откритија! Како да изминативе години сме правеле нешто друго или којзнае што различно. Кој се’ не отиде по тие саеми на книги. Ама – треба да имаш што да понудиш, нели?

И од каде впрочем таа и толкава грижа за македонскиот писател? Се грижи ли некој барем четвртинка толку за македонскиот визуелен уметник, на пример, за неговиот пласман во светот? Или знае ли Министерството за култура дека постои македонска фотографија? Или некој сака да не’ убеди дека токму македонскиот збор не’ прослави во светот? А кога било тоа, и каде? Култура односно т.н. национален интерес не се гради врз национално романтичарски теории за јазикот, идентитетот, мачната историја, туку врз сериозни културолошки истражувања, развојни стратегии и политики, приоритети. И вредности, се разбира. А приоритетите ќе ги видите кога ќе ја погледнете структурата на културниот буџет, соодносите во финансиската поддршка на одделни (таканаречени) дејности, многу скриени трошоци и слично. И врз основа на тоа може да се заклучи дека, прво, ние сме држава што сака да пее / свири (имаме свиропојни манифестации за секој ден во годината), да снима филмови и да издава книги (ама не и да ги чита!). А разликите се фрапантни. На пример, македонската книга вреди (во буџетот) четири и кусур пати повеќе од македонската ликовна уметност. Или пак, државава троши повеќе пари за снимање филмови отколку за програми на сите музеи, што е куриозитет по себе. Државава исто така смета дека има многу силен театар, па и за нивните програми троши десет пати повеќе отколку за ликовната уметност, итн. Односно, вакви споредби можат да се прават до недоглед и повторно ништо нема да појаснат. Тоест нема да појаснат кој, кога и како ги утврдил овие вредности / приоритети, и врз основа на што? Кои се тие истражувања што треба да ги потврдат ваквите квантификации? Или, уште повеќе: кои се тие резултати што се постигнуваат, или биле постигнувани во неодамнешното минато, што пак би говореле во полза на ваквото бенефицирано финансирање? Истото прашање, секако, може(ше) да се постави и за она фамозно покачување на платите во театрите (за 50% во однос на другите културни дејности) пред повеќе години? Ама никој не го постави, како што никој не ги поставува ниту овие прашања за фрапантните разлики во финансирањето во културата!

Определувањето на т.н. национален интерес – или како веќе ќе го наречеме, можеби најдобро јавен интерес – во културата не е спорно само во две константи: заштитата на недвижното културно наследство и музеите и библиотеките како чувари на движното културно наследство (вклучувајќи ја тука и кинотеката со аудиовизуелното наследство). Оваа „обврска“ – историска, морална, хуманистичка, цивилизациска – за заштитата на недвижното и движното културно наследство е неспорна тоест претставува долг на сегашните генерации кон идните генерации, како што тоа понатаму ќе биде нивен долг кон другите. И тоа треба да е столбот околу кој (ќе) се врти интересот на државата во културата. После тоа доаѓаат сите други (се разбира битни) аспекти / програми за партиципативност, десеминација на културата, достапноста до сите под еднакви услови, мултикултурализмот, меѓународната соработка итн. Тоа се алинеи на јавниот интерес околу кои што мора да се концентрира државниот орган надлежен за работите во културата, да стимулира такви програми, да унапредува, да поттикнува. И тоа никако не треба да се толкува како заговор контра т.н. „жива култура“ – вечната дихотомија, дури „војна“ во културните политики – односно контра современото творештво. Напротив! Дистанцирањето на државата од директното мешање во поддршката и „проценката“ на творештвото односно препуштањето на таа значајна работа на парадржавни тела и агенции (arm’s length принцип) е во полза на творештвото, на уметноста. Иако, такви какви што сме, ние и таму би умееле да ги заплеткаме не само јавните туку пред се’ партиските, групните и личните интереси на поединци. Како примерот со работата на Агенцијата за филм сиве овие години, каде што единствено се обидовме да следиме некакви европски практики! Но, ако сме такви, тогаш подобро и не заслужуваме!!! Ова што до вчера го имавме, но и порано, иако не во ваков ригиден облик, за уметничката / креативната страна на културата беше чиста лотарија: „Миш бели среќу дели“, само што улогата на белото среќно глувче ја играа партиските солдати во државниот орган, по правило усреќувајки ги партиските истомисленици или симпатизери!