Monthly Archives: August 2022

SALUS POPULI SUPREMA LEX

Изреката, или максимата, од насловот вели дека Добросостојбата на луѓето е врвен закон! Но таа максима важи за демократските општества, не за хибридни режими. Не важела ни за руските социјалдемократи (подоцна болшевици!) во времето на нивниот Втор партиски конгрес (1903), кога се утврдувала рамката на нивното делување. Па следствено, Плеханов, повикувајќи се токму на максимата Salus populi suprema lex на Цицерон, тврдел дека во револуционерни времиња, таа добива поинаква интерпретација со значење: „успехот на револуцијата е највисок закон“! Дури, инсистира Плеханов, „ако е потребно за успехот на револуцијата да се ограничи влијанието на еден или друг демократски принцип, би било злосторство да се запре таквото ограничување“! Плеханов, како жесток револуционер, сметал дека не е грев, ако револуцијата има потреба за тоа, да се ограничи и правото на глас.

Ете заради тоа е добро барем да се познава (ако веќе не да се знае) историјата бидејќи може некогаш да ви биде некаков ориентациски патоказ за позитивноста, или негативноста, на постапките во политиката. Впрочем, оваа историја што ја цитирам не е толку далечна – нешто повеќе од еден век, а сличностите со актуелниве „социјалдемократи“ се фрапантни. Та нели и ние, пред пет години, започнавме како некаква револуција? Додуша „шарена“, и со пенкало, ама сеедно. Но во историјата не се важни само почетоците туку и завршетоците: онаа Октомвриската, со Сталин, заврши трагично; онаа нашана, „Шарената“, со нејзините палјачо-револуционери заврши уште потрагично. Но, со „револуцијата“ дојде и нашата современа социјалдемократска Salus populi suprema lex максима преку славното „Дојде живот“!

И еве го „животот“, денес и овде, после цели пет години. Ни го донесе „елитата“ на македонската социјалдемократска идеја – некои велат нејзиното „сељачко крило“ (или македонските „меньшевики́“ како некаква историска паралела) – а кои, за инает на историјата, успеаа да се наметнат и да ни го сервираат нивното разбирање за животот во Македонија во третата деценија на дваесет и првиот век. Но, мојата паралела на ова крило со руските меншевици почнува и завршува само во нивната (условна) малубројност. И – толку, зашто сите други споредби, особено во интелелектуална, револуционерна, културна, образовна и др. смисла се неспоредливи. Ни со меншевиците ниту со болшевиците. Да, нашиве не дошле (сѐ уште?) до ограничувањето на правото на глас, барем не буквално, но сите други ригидни рецепти на Плеханов, Ленин, Мартов, Акселрод, Жданов, Сталин… одамна ги применуваат во нивните „политики“. Со, повторно, една „мала“ разлика: најголем дел од спомнатите руски историски личности биле барем учени луѓе! Овие денешниве „прогресивни социјалдемократи“ и нивниот „живот“? Подобро човек некогаш да премолчи, нели!  

Но, токму премолчувањата нѐ доведоа до овде, до оваа точка од која што враќањето станува многу, многу тешко. Целиот систем е девастиран од криминал и корупција, политиката се сведе на камповско-партиска и внатреклановска војна, а „животот“ во филозофија на паланката. А таа филозофија, тоа „дојде живот“ како македонска варијанта на благосостојбата е инсталирањето на државен примитивизам спроведуван од сите, буквално сите институции на узурпираниот систем.  Граѓанинот е само топовско месо кое, ако преживее, ќе се надева на некаков подобар резултат од идните битки. Иако, де факто, во секој резултат, ние сме – губитниците. И целата држава, нормално.

Се разбира, примитивизмот не би бил тоа што е кога би знаел дека е примитивен. И тоа, секако, не е проблем само во културата, науката, образованието итн., туку во актуелните ешалони на оваа власт очигледно нема човек кој воопшто знае што е тоа благосостојба – па нека е и во некаква балканска варијанта! – што подразбира тој концепт, какви стандарди и критериуми наложува. Некој ќе рече: видете ја културата и сѐ ќе ви биде јасно, но тоа е сепак друга тема за друга прилика. Но, концептот на благосостојба – или „дојде живот“ – подразбира дека власта, преку мрежата на државни институции, игра клучна улога во заштитата и промоцијата на социјалната и економската добросостојба на граѓаните. Но што кога граѓаните не се еднакви пред власта, кога партократската логика е таа што ја води државата? Или кога граѓаните едноставно немаат еднакви можности во неа? Или кога ништо не добиваат за возврат од придонесите и даноците што ги плаќаат, или добиваат сосема малку? Ако, по дефиниција, државата е одговорна за обезбедувањето на благосостојбата на граѓаните, каде, во што се огледа нејзината одговорност? Петнаесет години по ред сите премиери се (божем) економисти – каде е нивното знаење, каде е нивната одговорност за овој економски колапс на целиот систем? Каде е она бесплатно школство, бесплатно здравство, култура…? Само во партиските програми? Во развиените западноевропски демократии, оние со коишто мислиме утре да се натпреваруваме во ЕУ, добросостојбата на граѓаните не се состои само во одговорноста на власта туку пред сѐ во независната и автономна јавна администрација. Такви се речиси сите западноевропски држави, дури и Грција! Каде сме ние со оваа партиска администрација? Сѐ уште во времето на Плеханов?

Затоа, кога светот, па и Цицерон и Плеханов, говорат за благосостојба, знае ли воопшто некој во државава што тоа значи? Новите супер-цени на струјата, новите супер-цени на горивата, новите супер-супер покачувања на сите животни трошоци…? Македонската власт, не само оваа, цврсто ја следи (парафразираната) Ждановистичка доктрина за благосостојбата: „Единствениот можен конфликт во македонското општество е конфликтот помеѓу доброто и најдоброто“! Ни социјализмот во екс-ЈУ не успеа да измисли подобра лага.

Се разбира, секоја благосостојба, па и економската, доаѓа прво во – умот. Ако ја нема таму, ја нема ни во реалноста. Во филозофијата на паланката – еквивалент на македонската благосостојба и „дојде живот“ – благосостојбата доаѓа прво во џебот/семејството на партискиот лидер/функционер, потоа во партиската каса, а остатокот, ако го има (што речиси никогаш не се случува), служи за подмирување на базичните обврски на државата кон граѓаните. Но повторно според утврдените приоритети: партиски членови, абоненти, клиенти, симпатизери… итн.

Бидејќи веќе ја спомнав културата, само еден пример: со неодамнешниот реабаланс на буџетот, кој пред извесен период беше изгласан во Собранието, кратењето на „благосостојбата“ во културата изнесуваше 34,6%, и тоа е од програмскиот дел. И повторно: од програмскиот дел, значи токму од делот за финансирање на проектите од јавен интерес во културата (издаваштво, уметност, театар, музика…)! Во истовреме, една Германија, во исти услови на криза, во истиот период, го зголемува културниот буџет (висок 2,3 милијарди евра) за дополнителни 148 милиони евра (7%), а ние во истиот период кратиме од културата цели 100 милиони евра од цркавицата што овие неписмени властодршци ја одобруваат катагодишно? Или, умее ли некој од нивните мали умови да протолкува што значи фактот дека Ирска, на пример, воведува основен приход за уметниците што ќе го доделува државата, дека во Србија се основа Фонд за солидарност на културните работници…, итн.?


ДВА КАМПА

Кога слободата на изразување како основно човеково право и демократска вредност, селективно и субјективно се (зло)употребува особено од државни институции денес, тоа горе-долу може да се подведе под одредницата прогресивен неождановизам. И да, оваа кованица неподносливо мириса на оксиморон, но така, хибриднорежимски (уште еден оксиморон!) ни мириса и целата држава, нели? Првиот збор е наш локален производ – го измислија оваа власт и нејзините трабанти, самонарекувајќи се „прогресивци“, со надеж дека со тоа барем малку ќе ја неутрализираат реата на ретроградност, конзервативизам и анахроност што ја шират околу себе цели пет години. Неождановизмот пак меѓу првите го употреби Пјер Паоло Пазолини, италијанскиот филмски режисер, поет и виден интелектуалец, посочувајќи на состојбите во италијанската поезија/култура во шеесетите, седумдесетите години на минатиот век во Италија. Ние, денес – оваа власт и нејзините институции и вонинституционални абоненти – сме новите неождановисти во Европа!

На крилјата на „прогресот“ ѕидан збор по збор, цигла по цигла, цели 11+5 години, кај нас властите го усовршуваат до верна копија „славниот“ говор на Жданов во 1946 година дека светот  е поделен на два кампа: „империјалистичкиот, предводен од САД; и демократскиот, предводен од СССР“. Нашите мали умови не умеат да размислуваат во такви глобални релации, а впрочем нив глобалното не ги интересира, туку наметнаа свои поделби: претходно на „наши“ и „нивни“ и „патриоти“ и други“, сега на „прогресивни“ и „мултикултуралисти“ наспроти „назадни“ и „националисти“, на „евроинтегративци“ и на оние на кои „им нема спас“… итн. Сѐ што е лошо во државава е лоцирано во кампот/таборот на другите, сите позитивни нешта се во властелинскиот коалициски камп. И од таа ултра-селективност никогаш не се отстапува. Владејачкиот „прогресивен“ камп е секогаш во право, дури и кога прогласува „расипан ментален код“ кај другите во „мултикултурното“ општество, кога се самопрогласуваат етнички спасители на                 „државата што сака да се самоубие“, кога едно моноетничко министерство има повеќе „вработени“ од сите останати заедно, кога секакви шушумиги затскриени зад звучни институции мислат дека се од господ дадени да држат лекции за демократија; тогаш и каплари облечени во професорски тоги умислуваат дека ни даваат „леб и путер“, а ние, слепци, бараме ајвар; тогаш дури и претседателот на државата си зема слобода отворено да нѐ плука и нарекува непоправливи психијатриски случаи на кои „им нема спас“ заборавајќи притоа дека баш тие му го подарија својот глас – очигледно залудно!

Но македонските квазидемократски – или неождановистички или оксиморонски, како сакате – кампови се такви: на почетокот милно ви го бараат гласот, на крајот ве честат со пцовки. Тие се затворени со бодликава жица “идеолошки“ антидемократски гета водени само од лични и групни интереси. Таков е впрочем и нивниот фокус врз човековите права и демократските вредности: тие се применливи единствено кога се во прашање нивните интереси, коишто тогаш се издигнуваат на рамништето на државен проблем и диктирана интервенција. Тоа значи дека само јавното делување на другиот (но не и нивното!) имплицира „сериозни негативни последици во општеството“[1], дека јавната реторика на другиот (но не и нивната!) е проблемот што „предизвикува ширење говор на омраза врз етничка припадност“. Но кога нивниот јавен настап стигматизира тврдејќи дека другиот „има вроден, шовинистички, негативен и кавгаџиски ментален код, како замена за нормалното,“[2], дека „Северна Македонија е проколната земја“ и дека само една етничка заедница овде си губи време спасувајќи суицидна налудничава држава…, фамозниот Хелсиншки комитет сака да каже дека тоа е во духот на она нивно едно општество за сите? И дали навистина тие „борци“ за нашите права сериозно мислат дека не треба и на претседателот на државата да му исцитираат некој член од Кривичниот законик за јавна навреда на сите кои мислат поинаку од него, неговата тајфа/камп и македонскиот дел од т.н. Историска комисија? И не треба ли тоа да го стори и некоја друга, малку посериозна државна институција?

Ако не само со Уставот туку и со бројни закони сме го ставиле граѓанинот во центарот на државата, од каде тогаш оваа селективна грижа само за своите – сопартијци, коалициски партнери, симпатизери и клиенти, интересни групи, припадници на тајфата…? И кој, и зошто, наметнува такви поделби на граѓани од прв ред кои се дел од гореспомнативе, и „раја“ од втор ред – луѓе без право на заштита од државата и нејзините институции, безлично „стадо“ што мора да биде презадоволно со „лебот и путерот“ и криминалните игри на власта, да се радува како мало дете на „спектакуларниот“ прелет на два Б-52 еднаш во годината и да твори „во духот кон тоа што ќе го расположи народот и публиката“? Има ли „рајата“ сѐ уште право на слобода, говор, култура, образование…, или тие права полека но сигурно стануваат права само на припадниците на камповите? Па ако уште Џон Лок пред речиси цели четири века ги утврдил приоритетните и неотуѓиви човекови права коишто и денес претставуваат темел на сите демократски устави во светот, уште колку векови нам ќе ни требаат да ги научиме и примениме врз сите граѓани?

Дали Македонија денес полека се оддалечува од оксиморонот „хибриден режим“ за да опасно се придвижува до некаква отворена форма на тоталитарна власт која што ги девалвира, „камповски“ ги дискриминира своите граѓани и ги репресира на таа основа? Уште колку векови (ќе) ни требаат да разбереме дека власта – претседателот на државата, владата и нејзините министри и државните институции – не се приватни партиски и самоодржливи „организми“ туку се тука токму заради вољата и благосостојбата на граѓаните? Или некое квазиминистерче кај нас сѐ уште верува во Хобсовите тези за неспособниот и егоцентричен човек со кој некој мора да управува, па макар и со камшик? Зашто, инаку, какви се оние самобендисано самоволни бришења на адвокати од регистарот за бесплатна правна помош? Или оние условни казни (sic!) за лажно сведочење на богати граѓани од редот на „камперите“? Кој тоа, и зошто, ги доведува граѓаните во таква нерамноправна положба пред законот? Или, на што министерот за образование ја темели „одлуката“ да го прекине финансирањето на „Мал битолски Монмартр“, една од само неколкуте македонски културни манифестации со реноме во светот? Или токму тоа – пречи, и нели е тоа уште еден (за Хелсиншкиот комитет, но и за целата власт од едниот камп!) премолчан инцидент со „сериозни негативни последици во општеството“ односно по фамозното „едно општество за сите“? Или културата навистина не е дел од оваа власт, ни во нејзината потесна ниту во пошироката дефиницијата и дали тоа е всушност суштинската дијагноза на ова поделено општество?    


[1] ОДГОВОРНОСТ ЗА ЈАВНИТЕ ЛИЧНОСТИ И ЗА МЕДИУМИТЕ, (Реакција на Хелсиншки комитет за колумна на Јагнула Куновска), Плусинфо, 23/08/2022

[2] Биљали e во дилема: Дали Албанците да продолжат со Македонците кои имаат ,,расипан ментален код”, Infomax, August 8, 2022

НАУКА СО ЛОШ ВКУС

Веќе е заморно по стоти пат да убедувате некого, особено оваа власт, дека културата, разбрана во нејзиниот најширок опфат, е темелот на една држава. Кога тој се урива, се урива и државата. Не велам дека некој намерно ги урива културните темели на оваа држава. Но не можам да кажам и дека не е така. Ние најчесто штетите ги припишуваме на неукост, игнорирање, на умисленост и „високо“ его…, итн., ама забораваме дека таквите неуки и игноранти некој ги поставува на витални позиции. Инфантилните изјави од типот за „чист јазик“, „заедничка историја“ и релативизирањето на периодот 1941-1945 се само еден актуелен тренд од мноштвото глупости што секојдневно ги слушаме! Особено последниот и најпростачкиот: дека на оние кои мислат поинаку „им нема спас“! Но тие се само сегмент од оние „подлабоките“ што оправдуваат сѐ – од идеолошки памфлети до тешки криминали, од дискриминација до неождановизам, од културни заблуди до научна понизност. И тука, за жал, завршуваат сите демократски релации/опции во расправите, зашто вие на такви ликови не можете да им објасните колку не знаат. Како што ни на Владата не можете да ѝ објасните дека историјата е дел од културата, а обете не се детска играчка баш за секого, дека тоа се сериозни нешта во коишто се важни само и единствено (научните) аргументи. Сето друго е политикантска пролиферација, квазинаука, некултура… политики со лош вкус. А кога политиките се такви, науката не може да биде поиоаква!

Токму затоа почитуваниот и драг пријател, професор, голем лингвист и интелектуалец Атанас Вангелов, по еден повод во врска со нашиве перипетии со источниот сосед, беше напишал: „Проблемот е во тоа што еден е доменот и компетенцијата на науката, друг на политиката. Никаде во светот научници не преговараат и не се договараат за тоа што е – научна вистина, но затоа пак во светот на политиката без преговори и договори (дијалог) има само говор на топови и тенкови.“ Се разбира дека Вангелов беше/е во право и знаеше дека ние не се вбројуваме во она „никаде во светот“. Де факто, ние сме тоа „никаде во светот“, ние сме најдостојните репрезенти на балканската крчма што сѐ уште чади, но ние сме – сѐ уште – и најочигледните потомци на оние сто илјади ослепени Самоилови војници. Толку сме слепи што не гледаме ни овде што ни се случува, не пак во светот. Оттука, ама баш никако не ме плаши ова со Царот. Тој бил и ќе си остане – „наш“, барем по слепилото. И тој, имено, бил „слеп“ односно без логична политичка ориентација кога, избирајќи го Охрид за престолнина на „блгарското царство“, мислел дека државните граници се и етнички граници. Ама не биле. А замислете да го избрал Ниш за престолнина? Или Лариса? А можел, биле негови. А Крум можел да го избере дури и Белград, Какви ли сѐ „историски“ дилеми ќе предизвикаше тоа кај оној Димитров, па кај нашиов Ѓоргиев… и другите од „заслепената“ Комисија. Зашто таа, Комисијата, дилемите ги решава не со наука туку преку – соопштенија. Не со аргументација, не со научен дијалог и/или полемика, најмалку пак со своерачно напишани книги на конкретните теми, со што би се легитимирале како компетентни за прашањето . Токму тоа говори дека таму и не станува збор за наука туку за „политика на лош вкус“. Или политикантство, како сакате. Колку бил во право Вангелов!

Оттука, добивме ли ние всушност нова комисија за некрофилска историска лустрација? Веројатно, зашто онаа првата, на злосторничкото здружение и бегалецон од Пешта, се занимаваше главно со живи идеолошки опоненти. И тие, вака или онака, барем можеа да реагираат на нивните „тези“ и обвинувања. Кој, и како, да реагира во новиве случаи на историска лустрација што зафаќа низ десетици векови во минатото, кој да биде „дрвен адвокат“ на Кирил и Методиј, Климент и Наум, Самоил и други, и кој, евентуално, да покрене процеси во нивно име? Кој друг ако не МАНУ (каква-таква), ако не УКИМ (каков-таков), ако не другите национални институции од областа на историјата…, кој ако не – науката? Без оглед што и оваа нова некрофилска историска лустрациска комисија се обидува да се (со)крие зад науката, што малку потешко ѝ успева. Зашто, каква е таа наука што се занимава со кладилница за нечија етничка припадност, која во неколку чифта очи определува кој што бил во деветтиот, десеттиот, единаесеттиот век? Или повеќе ѝ прилега зборот – паранаука, квазинаука, полит-наука и „наука“ со лош вкус?

Зашто, прочитајте го уште една Вангелов: „(…) научници не преговараат и не се договараат за тоа што е – научна вистина (…)“! А овие, по ѓаволите, седнале како средсело и ја крчмат историјата божем тие ја измислиле. Никако не мислам дека „социјалистичката“ македонска историска наука ја беше поцицала целата мудрост во светот и најдобро си ја сработи домашната задача. Меѓутоа, нели овие денешниве некрофили се ученици токму на некогашните македонски историчари? Па зошто молчеа досега, зошто никој од нив не крена глас против незнаењето на нивните професори, против (наводните) фалсификати, против допишувањето и препишувањето на историјата, зошто никој не напиша барем една книга за заблудите на македонската историја? Ако сето тоа го знаеле, а молчеле, нели се всушност полоши дури и од нивните професори, нели е тоа лицемерие и хипокризија, недостаток на научна етика и доблест, но и на добро воспитување? Ако нивните професори биле тесно поврзани со тогашната македонска политика, зарем овие не се со сегашната? Впрочем, сите сме имале професори кои можеби грешеле, ама сме имале смелост и доблест на тоа да им укажеме – низ дијалог, но и полемика, па и кавга, ако било неопходно. Инаку, во што би биле подобри од нив?

Политикантството не може да биде наука, како што ни науката не смее да биде политикантство. Не мислам дека нивниот „брак“ е невозможен, но е многу, многу проѕирен, напорен, ризичен. По науката, се разбира. Не случајно – а во нашиов пример тоа е очигледно – Richard Brown и Elizabeth Malone велат дека „Концептот на науката обично ги вклучува посветеноста на разумот, објективноста и непристрасност во потрагата по вистината за природата на светот. Во овој поглед, политиката, во смислата на маневрирањето да се здобие со власт, ги корумпира и процесот и продуктот на науката.“ Тоа ли се случува кај нас, сега и овде? Чиста „научна корупција“, не помала од сличните криминални коруптивни афери на оваа власт? За таква ли „наука“ говориме и кому навистина таа му е потребна? На збиените партиски редови кои им аплаудираат и на оние грст неуки шушумиги со нивните „сочувства“ колку наводно „е напорно и мачно кај нас луѓето што знаат, да си ја вршат својата работа“?


А ДА БЕШЕ АЦА ЛУКАС БУГАРИН?

Кога навистина би можеле да застанеме само на забраната на Аца Лукас и турбо фолкот како само уште еден циркус во низата, односно тука да ја започнеме и веднаш да ја завршиме новата скандалозна приказна на Министерството за контрола (пардон: за култура), коешто решило да не ги даде ветените пишливи 2.500 евра бидејќи името на дотичниот се нашло на плакатот на некаков фестивал во Крива Паланка . Ама – не можеме, оваа „приказна“ ќе трае. Не можеме бидејќи новиот скандал повторно остава блуткав вкус во устата, а глумиме дека не знаеме зошто. Дали затоа што станува збор за спомнатиот турбофолкер, или затоа што тој е од Србија, или затоа што некој го смета турбо фолкот за кич или пак така ја гледа (и) спомнатата земја од каде што доаѓа пејачот… итн.? А да беше Цеца во прашање, ќе беше поинаку? Знае ли Министерството колку пати таа му гостувала не екс-премиерот Заев дома, во Струмица? Или Аца Лукас да беше Словенец, или Бугарин, ќе постапеа ли исто? Или, на плакатот да се појавеше името на Влатко Стефановски (исто така ненајавен), или некоја наша оперска првенка (исто така ненајавена)…, повторно ли немаше да им ги дадат парите на кривопаланчани? Што од спомнатото, па и неспомнотато, е навистина спорно во новиот скандал или, повторно, некој неконтролирано си игра со жарчето викано неождановистичка контрола?

Инаку, фестивалот, според информациите од Крива Паланка, во најголемиот дел е финансиран од општината и спонзори, а Лукас доаѓа по желба на (велат: рударите) и жителите на Крива Паланка.

Се разбира дека дел од „прогресивната“ јавност ќе ракоплеска на потегот на Министерството коешто, ете, се грижи за вкусот и ушите на рударите и останатите жители на Крива Паланка. А ќе се грижи и понатаму, согласно „надлежностите“ од бугарскиот Протокол! Но, првото прашање што веднаш се наметнува е: што досега на културен план направи Министерството за контрола – пардон: за култура – за рударите во Паланка, и не само за нив туку и за другите жители на општината? И тоа не е тешко да се утврди, доволно е да се пролистаат фамозните годишни програми за финансирање на националниот интерес и да се види што, и колку, од тој „национален интерес“ отишол во Паланка. Зашто, за да се грижите за нечиј вкус и уши, треба во континуитет да им нудите нешто подобро од забранетото, нешто наводно попривлечно и посуптилно од срцепарателниот турбо фолк на Аца Лукас. Ако само турбо-фолкот е проблем во случајов, не и пејачот лично или земјата од каде што доаѓа? Затоа впрочем ја земам таа опција како најверојатна бидејќи другите две би нѐ одвеле во уште полошо политикантство!

Следствено, во случајов, Министерството мора да нѐ просветли кој тоа кај нас, и кога, утврдил дека турбо фолкот е лош. Дека е можеби кич, а Аца Лукас негов еминентен претставник? Не ми паѓа на крај памет да го „бранам“ дотичниот, ниту пак тој за тоа има потреба – впрочем, концертот му е платен 15.000 евра! – но зошто тој би бил поразличен, или полош, да речеме, од една Крлеуша, Цеца и слични претставнички на истата „музика“ кои редовно шетаат низ земјава, со или без парите на нашето чуварско Министерство? Или од некои од нашиве фолкери, кое редовно добиваа пари не само за концерти туку и за снимање ЦД-а, спотови, турнеи итн.? Ако треба да ги листаме оние годишни програми, ќе налетаме, на пример, во областа на музиката и музичко-сценската дејност, на 120 физички лица (од „национален интерес“, sic!) кои, вонинституционално, организираат нешто – концерти, некакви „вечери“ на нешто, издавање на албуми и др. – во музичката дејност и инкасираат огромни суми. И сето тоа со етикетата „национален интерес“! Што е кич самото по себе, нели. Или некој сака да каже дека, на пример, оние десетици „музички“ и други фестивалчиња што секоја година се одржуваат кај нас со огромни пари од државава се некаков квалитет наспроти Аца Лукас?

Се разбира, овие во принцип „политики на лош вкус“ не се присатни само во музичката дејност. Ги имате буквално секаде, а сето тоа финансирано како „национален интерес“ токму од истиот орган наречен Министерство за контрола – пардон: за култура – и без какви и да се реперкусии по барателите на средства односно организаторите. Е сега, дали навистина некому баш толку не му се допаѓа тој Аца Лукас, или ние, по обичај, треба да го свртиме вниманието од другите нешта во културата, а турбо фолкот се нашол при рака? Ако, на пример, во издавачката дејност во 2021 година, истото Министерство за контрола финансирало, ни помалку ни повеќе, туку 491 „проект“ со вкупен буџет од  цели 61.330.312,00 денари (што, во превод, значи околу 100.000 евра!), некој во државава сака да каже дека целото тоа ѓубре – и уште еднаш: ѓубре, барем во поголемиот дел! – е од „национален интерес“? Каде што не можете да одредите што е литература, што е култура, што е наука, што е публицистика…, или сето тоа е исто само за да се задоволат клиентите и абонентите? Или, кога веќе говориме за кичот – ако тој е вистинскиот проблем – зошто никој не прави такви „ревизии“ во македонскиот филм и најскапиот домашен КИЧ во него? Или, ако на една ретроспективна изложба на еминентен македонски сликар во (наводно) реномирана национална институција викана Национална галерија на Македонија гледате изложена само една половина од диптих, каков поголем кич ви е потребен?

Или, ако пак државата, преку Министерството за контрола, смета дека треба да наметнува „вкус“ кај публиката, а тој наводен вкус е концентриран во тоа Министерство и Владата како такви, зарем среде Скопје сѐ уште ќе стоеше онаа кич-шума викана „СК 2014“? Се разбира дека дисперзијата на културните вредности е една од работите во надлежност на тоа Министерство (и Владата, се разбира), но тој сегмент не можете да го видите во ниту една програма на тој орган, ни како интенција ниту како реализација. А во тој сегмент по правило треба да бидат инкорпорирани и програмите за рамномерен културен развој во државата. Токму тука треба да се побара и Крива Паланка, но и едно Кратово, Радовиш, Ресен, Делчево… и други, чии жители еднакво плаќаат придонеси за култура и годишен данок на државата, но за возврат добиваат – нула!

Затоа, ако (и) оваа „прогресивна“ власт очигледно решила да продолжи да изигрува цензор и да спроведува неождановистички „политики“ на контрола во духот на бласфемичните забрани на „министерон“ Адеми и Тозија – кој, ете, сега, ќе биде дури и награден! – тоа е нивен личен проблем а не проблем на македонската култура. Нека си го цензурираат семејството дома, нека им заповедаат што да гледаат, слушаат, читаат…, нека продолжат да живеат во тој свој мрачен свет. Ако навистина постои нешто кич во оваа држава денес, тоа е токму таа власт и тие луѓе! Ако секојдневно седите во оние кич објекти односно во суштината на некогашното злосторничко здружение, ако поминувате покрај онаа кич споменичка сценографија во центарот на градот и тоа не ви пречи, ако потпишувате онакви кич договори и протоколи со други земји негирајќи си ја сопствената култура и историја, тогаш кичот ви станува – живот. А тој „живот“ е само „лажна сензација“ (Клемент Гринберг) и „дезинфикуван поглед на светот“ (Кундера), својствен токму на тоталитарните режими. Или хибридните, како сакате. 

ОПАСЕН ФЛЕРТ СО НЕОЖДАНОВИЗМОТ

Македонскиот идентитетски танц со ѓаволот се чини влегува во завршна фаза. И се надградува, од ден во ден: со етнички свирежи за македонскиот јазик во рамките на проектот „едно општество за сите“, со новите бугарски „културни“ клубови, „чистењето“ на споменикот на Делчев… you name it. За да конечно се огласи и смешнана комисија со „препораките“ за заеднички чествувања со источниот сосед. Ама зошто, по ѓаволите, ние би морале заеднички да чествуваме нешто со Бугарија? Ќе мораме ли утре да си бараме и пријателчиња „в страната“ родени на ист ден и заеднички да си ги славиме и родендените? Какви морони се овие со докторски титули? Наместо со нивното академско реноме – ако го имаат, се разбира – да кажат нешто за сталинистичките изјави на министерката за култура, ним им дошло до славје.

Зашто токму тој сегмент од „новата културна политика“ во државава е увертира за нашиов танц, а не само времен, инцидентен „деликт“ што ќе сведе на некаква „форма“ но не и суштина. Ама нема да биде само така. Дури и да биде, доволно е гротескно, страшно, апсурдно, ненормално, што воопшто нешто такво било помислено, не пак изречено. Разбираме ли ние воопшто што (ни) се подготвува, или „општеството за сите“ ги предвидува и таквите ждановистички мерки во културата и образованието? И навистина ли никој во онаа комисија не чувствува потреба да каже еден збор за тоа?

Во еден постар текст (1980) познатиот Пазолини веќе во воведната реченица вели: „Кога пораката ја надминува одредената граница на прекршувањето на кодот, автоматскиот резултат е носталгија за кодот“. Што, во случајов, ќе рече дека јазичната навреда – а кај нас, сега, сѐ уште сме само на рамништето на јазична навреда или тинејџерски флерт со една опасна закана  – има иста функција како и моралната или бихевиористичката. Пазолини говори и за „ultimate offense“ (на пример за погрдното црнец, Евреин, хомосексулец итн.), но зошто ние не го разбираме овој обид за воведување некаков локален неождановизам како отворена навреда за македонската култура, за македонската интелигенција (каква-таква)? Таа навреда, во оваа фаза, се доживува не физички туку преку свеста, како „егзистенцијален терор“. Но тендира да биде спроведена во дело. И впрочем, кај кого тоа овде се јавува таа „носталгија“ за кодот, за нормата што треба да ја контролира културата и без неа не се може? Зашто, мислевме дека епизодата со ждановизмот е само референтна точка во интелектуалната историја (и) на Македонија. Но не било така. Очигледно сѐ уште постојат луѓе кои мислат така и толку ретроградно, анахроно, војнички, малоумно.

Пазолини вели дека Комунистичката партија на Италија никогаш целосно и докрај не ја спроведе критиката на сталинизмот, заради што „фашизмот на левицата, тој нов феномен“, станува типичен за шеесетите години на минатиот век во Италија. Но ние таа критика и раскинот со сталинизмот и ждановизмот ги завршивме уште во педесетите години. Тогаш каков е, од каде е овој нов флерт со неождановизмот на овие непросветени социјалдемократи и како тој ним им изгледа, што им значи? Глумат некаков „мачизам, камарадизам“? Ако сталинизмот и ждановизмот се сѐ уште витални во Бугарија, кој тоа, и зошто, сака да ги импортира и кај нас? Повампируваат ли самопрогласениве „прогресивци“ некаква „нова“ комунистичка култура? Култура на диктати и забрани?

Иако, фактички, кај нас спомнатата носталгија не е тоа, ниту може тоа да биде бидејќи овие луѓе се неуки, незнајковци, немаат поим што значел тој ждановизам, за да сега промовираат негова „нео“ варијанта. Прашање е дали воопшто свесно го говорат тоа што го говарат или (и) тоа е само политикантски диктат „од горе“. Зашто, нашиве се полуписмени шушумиги кои се расфрлаат со поими што не ги разбираат, со ситуации за коишто немаат чувство што и како означуваат во реалноста. Тие следат некакви идиотски „политики“ кои од луѓето прават кукли, или кловнови, од кои утре ќе се срамат нивните поколенија. Ако не веќе денес, секако. Дали навистина мислат дека „прогресивноста“ и „левичарството“ денес се идентификуваат со неождановизмот? Или овие чекори се само одраз на нивниот кукавичлак и незнаење да се справат со проблемите, филувани со типична неокомунистичка ароганција?

Државништвото, лидерството, прогресивноста… се огледаат во промислата и (особено) во акцијата, не во лажните алибија, во фингираните „странски притисоци“ и „исполнувањето“ на ступидните договори. Новиот македонски неождановизам во културата е само еден чекор до некаква нова варијанта на неосталинизам. Таму ли, така ли, утре ја гледаат државата овие политикантски комформисти? И кога актуелната „Протокол-министерка“ говори за некакви „мрачни времиња каде што навистина не видовме ништо добро“, на кои времиња мисли? На времињата на заробената држава? Точно е дека заробената држава „произведе“ заробена култура, но не од овој неождановистички тип со којшто таа и нејзината партија ѝ се закануваат на македонската култура. Таа е производ на хибридната држава! Заробената држава ја зароби (и) културата, но не успеа да ја уништи. На новиов социјалдемократски ждановизам тоа полека но сигурно им – успева! И око не им трепнува. Зошто? Затоа што не разбираат што прават! Или – грешам?

Можеби, но некој мора да им предочи дека македонскиот неождановизам е отворена и директна конфронтација, или дерогирање, на основното човеково право – правото на култура. Тоа право веќе утре ќе се ускратува на многумина врз основа на некакви произволни, провизорни, измислени, умислени… „критериуми“, ќе ги селектира уметниците и културните работници според некакви малоумни нео-концепти за забрана на одредени теми, прашања, проблеми, пристапи, периоди.  

Ако правото на култура му е ускратено само на еден човек во оваа држава, тоа е еднакво како да им е ускратено на сите. Ако правото на култура им е достапно само на партиските клиенти и абоненти, и на оние кои ќе ги почитуваат ступидните неождановистички ограничувања на оваа власт, тогаш оваа држава има сериозни проблеми. Ако правото на култура значи и право на одлучување во културата, тогаш кој одлучува за нас, и со кое право тоа го прават нестручни и некомпетентни поединци чија единствена заслуга е припадноста на партиите на власт? Но, дури и да е така, дотолку повеќе имаме право на – културни права, а тука е вклучено и правото на учество во културниот живот (чл. 15 од Меѓународната конвенција за економски, социјални и културни права, 1976), што пак го подразбира и правото да се учествува на конкурси и да се биде избран врз основа на критериуми за квалитет, стручност и компетентност и никако поинаку!

Но, можеме ли да ја завртиме приказната и од другата страна? На пример, дали и несогласувањето да се работи/учествува според новиве „концепти“ предизвикува казна? На пример за Антониа Гиговска, Владо Јаневски… и други кои одбиваат, или ќе одбијат, да учествуват во скандалозните мегаломански прослави на хибриднава власт? Денес, утре, задутре…? Предвидува ли новиов македонски неождановизам и такви реперкусии за културата? И зошто, впрочем, не? Зарем власта ќе дозволи такви „своеволија“ и право на избор?  


ШУНД ДРЖАВА

Се разбира дека ние, ако решиме, можеме сѐ да релативизираме, умееме економскиот колапс да го подведеме под светски процес, хибридниот режим да го претставиме како „наша сорта“ демократија, ждановизмот како културна политика итн. Но тоа ништо не менува во реалноста, повторно остануваме тие кои сме, а државата тоа што е. Или – едно големо ништо. И тоа веќе не е нешто за фалење, уште помалку за гордеење. Исто е и со политиката: безмалку три децении ги гледаме како циклично се менуваат, малите умови на малата држава. Де едни, де други. Третите се – константа. Го перцепираат светот низ нивниот ограничен светоглед и мислат дека ја откриле тајната формула за вечна власт. Шунд луѓе во шунд држава. Згора, држат и лекции. Во секоја нормална земја веќе ќе беа спастрени во соодветни институции, здравствени и други.

Сега не можеме да знаеме што мислел – ако воопшто нешто мислел – државниот врв инсистирајќи на потпишувањето на оној срамен документ во Софија. Но, како и обично, еден ден и тоа нема да биде тајна. Но веќе ни е јасно што и како мислела (барем) министерката за култура. Од друга страна, ние наивните можеби се надевавме дека шизоидниот Протокол сепак ќе остане само глупаво „слово на хартија. Сега знаеме дека не е така – и тоа ни го „објасни“ министерката. Другите мали умови – молчат. Мислите дека се срамат? Не, не верувам.

Некако станува премногу очигледно дека некој од овие наши палјачовци некаде ставил потпис дека оваа држава ќе биде светско експериментално трло. Во секој поглед: политички, економски, културен, образовен, научен… кадровски и др. Како поинаку можете да го објасните ова што (ни) се случува? Македонската демократска јавност само пред неколку години, во екот на „реформските“ процеси во државава, беше запрепастена од забраната на еден филм директно од страна на тогашниот „министер“ за култура и директорот на Агенцијата за филм. Дали тоа беше само уште еден тест во трлото, за оваа нова матрица и во културата? Можеби, зашто ни тогаш власта, оваа иста власт што шеташе со народот по улиците на Скопје и извикуваше пароли „Демократија сега“ и „Нема правда, нема мир“, не најде за потребно да ги санкционира министерот и директорот за уривањето на демократскиот углед на земјата. Тестот помина успешно. Како ли ќе помине сега ова со новава „министерка“? Веројатно исто. Тркалото веќе добило иницијална сила, а реалативизаторите се пуштени на најсилно. Сега „Секој филм којшто ќе ја промовира македонската култура, којшто ќе го помовира македонскиот индивидуалитет какви сме ние како Македонци би требало да има поддршка“. Ама – „би требало“, нели, ако се смилуваат „прогресивциве“. Типичен ждановски малоумен кондиционал!

Но, во шунд држава сѐ е такво – условено, ефтино, невредно, кичесто, trashy, неупотребливо, инфериорно, „во духот кон тоа што ќе го расположи народот и публиката“ (sic!). Повторно турбо фолк култура, пиво-фест, пи(ф)тијади, „шљокици“ и друг тип леб и игри. И не дај боже да има говор на омраза кон Бугарија. Претходните мали умови нѐ антиквизираа, хунзираа и „гемиџираа“, овие ќе нѐ ждановизираат, посељачуваат и ограничуваат! Во третата деценија на дваесет и првиот век Македонија повторно гордо зачекорува по старите врвици на соцреализмот, на диктатот во културата и уметноста, на полициската присмотра и пендрек-политиката. Ни во оние волнени времиња на првите години по 1945-та немало оправдување за повеќето партиски интервенции во културата, иако поголемиот дел биле инфилтрирани со флоскулите за „новиот пат“, „новата држава“, „новата култура“… итн. Сега, ќе ги оправдаме со – што? Со малите умови на малите неспособни луѓе, со неукоста и ретроградноста на државните првенци, со нивната кусогледост?

За сѐ што се колнеа дека нема да го прават, го направија. Остана уште само културата, иако и таа веќе парцелисана, етнизирана, нивелирана… посељачена до непрепознатливост. Но – со продемократска „глазура“. Сега, да простите, и тоа го посраа. Малку ни беа оние двајца неспособни етно-министри, малку ни беше умисленана историчарка „сезнајка“ и таквите како неа, сега загазуваме длабоко во мракот на шундот, во жабурникот на едномислието и цензурата. Еднонасочната култура, така простачки замислена од оваа хибридна власт, се разбира, нема да функционира во реалноста. Но ќе функционира во – државата (или „државата“, како сакате). И тоа е уште пострашната варијанта, онаа на шинелосаниот каплар кој ни вели дека државата нема време да ја чека науката. Па зошто тогаш би ја чекала културата, нели? Државата и нејзините мали цензорски умови ќе си прават своја „државна“ култура, остатокот ќе функционира паралелно, како андерграунд. Како во времето на шизоидниот Андреј Александрович Жданов во СССР по 1946-та година.   

Секако, малите релативизирачки умови веќе започнуваат да се бават со оние познати „културни“ флоскули од типот дека не е сѐ во парите, дека кај нас културата одамна е целосно зависна од државното финансирање (а божем во Европа и светот не е?), дека никој не се обидува на уметниците да им наложува што и како да создаваат туку само дека нивното „проблематично“ творештво нема да биде финансирано од страна на државата и дека тоа е нормално и „по закон“, и зошто, по ѓаволите, самите не си ги финансираат своите идеи (така впрочем повеќе би останале пари за оние со „државотворни идеи“) итн. И сето тоа е така-речи нормално во една шунд држава: една глупост раѓа поголема глупост, малите умови се групираат и ги збиваат редовите, таквите релативизатори можат сѐ да подведат под сомнеж и контрола, културата како единственото (сѐ уште) вредно во државава ќе ја покријат со траорни „социјалдемократски“ превези.  

Впрочем, ни претходниците на овие, олицетворени во, на пример, Плеханов и Посидовски, немале никаква дилема околу тоа „треба ли да ја потчиниме нашата идна политика на одделни фундаментални демократски принципи и да им припишеме апсолутна вредност или треба демократските принципи да бидат субординирани на интересите на нашата Партија“? Следствено, зошто такви дилеми би имале нашиве „прогресивни социјалдемократи“ и нивните трабанти, нели? Па тие се раководат од еднакво таква „гооолема“ идеја викана Европска унија, која што некакви невредни антидржавни елементи сакаат да им ја поматат. И тоа не смее да се дозволи, дури и по цена на налудничави рестрикции, полициски реперкусии, на газење врз достоинството и неприкосновеноста на личноста, врз културата и уметноста, а во полза на шунд партијата во шунд државата. Но – со голема Идеја!

Сега јасно ли е зошто министерката за култура беше во Софија?


НА ШТО ЗАМИРИСУВА „ОВАА ЗЕМЈА“?

Одамна Илинден не е „празник кој обединува“, како што тоа сака и денес да ни прикаже оваа власт во последното (повторно) нелекторирано соопштение. А ако пак токму нивната врхушка милува да спомнува „сквернавење, омаловажување и газење по вредностите на илинденците и по неговото значење“, тогаш треба уште еднаш да го препрочита фамозниот Протокол од Вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија, формирана врз основа на членот 12 од Договорот на пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија. За нештата да им бидат појасни. И, после тоа, да си ги зачистат ушните канали и повторно да ја преслушаат пораката од холандскиот амбасадор за „францускиот предлог“: „Затворете го носот и голтнете го“! Или, уште еднаш да ги чујат маестралните лупинзи на еу-амбасадорот Гир дека ако не го смениме Уставот процесот прекинува, ама не заради тоа што „трета земја дошла и ставила вето, туку бидејќи оваа земја решила да се повлече од обврската која е направена билатерално со Бугарија“!

Оттука, Крушевската Република не може да биде на „оваа земја“ (како што „од милост“ нѐ нарекува Гир), или  „симбол на нашата, македонска самобитност и непокор“, како што порачува премиерот, ако државата сте ја претвориле во септичка јама во која што секој може да фрли што сака. Тогаш таа мириса „до небо“, освен можеби не во „Белата шампита“, каде реата ја камуфлираат со парфимирани партиски и коалициски соопштенија за „нашата континуирана борба за слобода и подобро утре, на нашата заложба за мултикултурно и мултиетничко општество“. Кој тоа ја води денес таа „континуирана борба“, и како? Прогласувајќи го мислењето на мнозинството за „нерелевантно“, оцрнувајќи ги највисоките државни институции (МАНУ, УКИМ и др.), како? Ќе го одликуваме со највисоко државно признание и еден Крсте Црвенковски кој да може сега, во оваа и ваква Македонија, да им излезе од некаде, ќе се разбегаат како глувци! Ќе ѝ дадат највисоко државно признание и на Невена Георгиева – Дуња, масакрирана од бугарскиот фашистички окупатор, а веќе утре ќе продолжат да го применуваат понижувачкиот Протокол.   

Ние не можеме да се лутиме на амбасадорите на меѓународната заедница, особено не на оние од земјите членки на ЕУ. Тие се тука да ги бранат интересите на нивните земји, но и на ЕУ. Сепак, дали правилно ќе ги „читаме“ нивните „упатства“ – зависи од нас. Не секогаш тие се добронамерни, на пример како овој на официелниот претставник на Европската унија во Македонија, викан Дејвид Гир, Меѓутоа, со полно право, можеме – и треба – да бидеме навредени, па и лути, на македонската политика и нејзините први луѓе, кои нѐ третираат како малоумни, и нерелевантни. Тука ништо не помага, најмалку задоцнети одликувања, уште помалку „огнените“ празнични говори што траат само еден ден, и толку. Таквата смирисана дволична „политика“ – или подобро речено политикантство – на божем горди Македонци дома а преплашени провинцијалци надвор, полека но сигурно се претвора во ново, современо обележје на македонскиот идентитет денес.

Зашто, кому му треба вакво еднодневно славје од типот на лош театар режиран од полуписмени „режисери“ на „оваа земја“, ако веќе утре повторно се вратат на нивната понизност, вулгарност, арогантност? Ако претседателот на државата, кој денес доделува највисоки државни ордени, само ден претходно за претседателот на МАНУ си дозволил речник од типот „Во однос на тие негови писанија не би се потресувал толку многу што напишал господинот Коцарев затоа што се работи за физичар, кој од меѓународна политика, внатрешна политика, етногенеза, се разбира колку што јас се разбирам во атомска физика, значи, многу малку или воопшто не се разбира“, тогаш како кон тој претседател на највисоката научна и уметничка институција во државава ќе се однесува „обичниот“ човек? Ќе го плука на улица, ќе го удира, ќе го пцуе…? Што и да кажал претседателот на МАНУ односно како и да го кажал тоа што го кажал, а без оглед дали ние со тоа се согласуваме или не, тој останува не само претседател на МАНУ туку и најцитиран научник од Македонија во светот. Неговите публикации се цитирани според Web of Science (Science Citation Index) 6384 (6133 без самоцитирање) пати додека според Google Scholar тие се цитирани 11.248 пати (податоците се од 25-10-2015 година). И впрочем, од кога спротивставените политички ставови или политичкото несогласување дозволуваат такво ниско – да не речам уличарско – рамниште на комуникација? И за еден претседател на држава, кој и да е, претседателот на МАНУ – особено овој – не смее да биде „дотичниот господин“, без оглед дали тој рекол дека „заедно со МАНУ од септември ќе го просветувал и ќе го будел македонскиот народ“. И што, впрочем има погрешно во тоа? Ако веќе македонскиот образовен систем, со овие и вакви „политики“ и „политичари“, тоа не го прави, зошто една МАНУ не би го правела тоа?

Во времето на заробената држава, кога истото ова МАНУ одмолчи цели 11 години и се редеше да добие потпис од криминалецон од Будимпешта, таа мекотелност на институцијата не ни се допаѓаше. Но и сега некому не му се допаѓа ако негови членови говорат, ама не на истата линија со власта?! Тоа ли е главниот услов за пристојноста, одмереноста, примереноста на македонската владеачка политика – да се мисли како неа? Сите други с(м)е непријатели?

Нема да кажам, иако можам со полна одговорност, дека ваквите истапи на македонскиот државен врв, воден од крајно понизни политикантски и себични мотиви, само ја продлабочуваат политичката и моралната криза во државава, но и – свесно или не – го поттикнуваат таквиот тип на непринципиелен говор, вклопувајќи се во повампирувањето на современата ждановистичка матрица на неаргументирано обвинување кај нас. Зашто, тој тип на говор сѐ почесто го слушаме во Собранието, од претставниците на Владата, во медиумите, од новинарите и др. Одбраната на актуелните државни политики често е доблест, но и медиокритетство, глупост, наивност… во вакви услови. Одбраната на кои и да се државни политики ќе добие вистински илинденски ореол само кога се темели на вистина, транспарентност, одговорност. Денешната дволичност не е тоа. А тоа не се ни македонскиве политичари, без оглед дали некој кај нас ги нарекува дури и „екселенции“. Тие, со нивната неукост, простотилак и провинцијалност, не се политичари од овој век, па дури ни од времето на Илинден. Тоа се непораснати мажиња желни за неограничена моќ. Затоа, впрочем, им се потребни и оние клиентелистички војски што ќе ги оправдуваат и бранат нивните политикантски чекори, нивните лаги и понижувања на сопствената земја, нејзината историја, култура, јазик… Оние од типот на капларон кој од шинелот вади флоскули за „мнозинството од народот, опозицијата и  некогашни претседатели и високи партиски функционери дури и од самата партија на власт, интелектуалци од МАНУ и универзитетите, уредници на медиуми, невладини организации финансирани од фондови на ЕУ“ кои говорат глупости, ќе нѐ плаши со Путин и слични будалаштини. Друг ќе ја идентификува МАНУ со САНУ, грижата за најсензитивните прашања за Македонија денес ќе ги нарекува „невиден аматеризам и неодговорност“? На тоа и на такви ли „мириси“ спадна „оваа земја“?