БОЛНИОТ НА БАЛКАНОТ

1.

Не мора човек да биде којзнае каков дијагностичар за да ги почувствува, онака, „во лет“, главните симптоми на нашата општествена болест. Впрочем, таа е веќе хронична и ги минала безмалу сите прогресирачки фази, до последната, терминалната. Таа, се разбира, претстои, и може да биде многу болна, или помалку болна. Зависи и од пациентот и од лекарскиот конзилиум и / односно од третманот. Значи ли тоа дека сега, во оваа фаза, нема никаква (функционална) терапија? Тоа допрва треба да го кажат експертите, и нашите и странските, зашто за „болниов на Балканот“ мора да има меѓународен конзилиум кој најефикасно, но и најбезболно, ќе му ги скрати маките. Зашто, ова, веќе е – мачење! Тука веќе не помагаат ни оние препишани од надрилекари дневни прошетки на чист воздух карикатурално крстени како некакво „движење“ за спас на болниот, не помагаат ниту зголемените дози морфиум на оние „куртон медиуми“. Распадот е евидентен, и неминовен.

2.

На сите малку поразумни, веќе на стартот како да им беше јасно дека нашава неоплазматична состојба не може да биде ни бенигна, ниту пре-малигна, туку баш – канцерогена. Веднаш, од прва.

И меѓу последните опитни и јавно изречени дијагнози, којашто патем (повторно) се покажа и сосема точна, беше и онаа на д-р Чаусидис. Тој утврди дека „… сегашните состојби во нашево општество можат да се споредат со заболен организам. Притоа, функциите на компонентите што ги предизвикуваат проблемите во него ме доведоа токму до дијагнозата „Канцер“. Зошто сред толку болести се решив токму за оваа, а не за некоја друга, како на пример, некаква бактериска или вирусна инфекција? Затоа што кон неа ме насочуваат симптомите на болеста, нејзината физиологија и концептите на дејствување. Канцер, затоа што и нашава општествена болест не ја предизвикува видлив екстерен окупатор во вид на некаков микроорганизам или паразит. На некој начин предизвикувачот сме самите ние, нашиот организам, односно некои негови мутирани клетки“. Не му беа потребни ни биопсии, ни други марифети, само – чисто набљудување!

И тоа е, се разбира, сериозна дијагноза, и сериозна болест. Мислам дека веќе ја потврдуваат многумина компетентни, и дома и надвор. Иако болештината и беше очекувана, зашто после толкаво истоштување на сите демократско – имунолошки капацитети на општествениот организам, по правило се јавуаат терминални процеси. Иако, за воља на вистината, нашите демократски и имунолошки (на криминал и марифетлуци) капацитети никогаш не ни биле на завидно ниво. Нашиот општествен организам никако не успеа да изгради соодветни одбрамбени системи, не успеа да воспостави баланс на очекувањата и можностите, не обезбеди континуираност на редовни дијагностички специјалистички и субспецијалистички прегледи кои на време би откриле автоимуни или други авторитарни / тоталитарни п(р)ојави.

Напротив, најбитните државни одбрамбени механизми, да не речам елитните општествени структури веќе на почетокот се поклонија пред терминаторот, пред заразата, пред Злото, посакувајќи му добредојде на Туморот како на радо виден гостин. Не баре ни носеше среќа и радост а не тага, не баре ни носеше просперитет а не – смрт! После тоа, метастазите само си ја вршеа својата вообичаена работа!!!

Cancer

3.

Она што ние подеднакво не успеавме навреме да направиме, после точната дијагностика, беше почетокот на сериозен третман. Малкумина укажуваа на вистинското лице на Злото, многумина мислеа дека е тоа краткотрајна инфекција, не баре настинка, грип, што ли, ама како никој да не бараше лек!?

Токму заради таа подзадоцнета и делумно игнорирана дијагноза и одолговлекувањето на иницијалните третмани, Туморот се почуствувал на топло и на сигурно. И земал замав, живнал. Впрочем, психологијата на Туморот е, велат, специфична психологија. Зашто и Туморот е жив па следствено ја има психологијата на – животот. Без оглед на степенот, и Туморот е крв, ткиво и месо. „Расте и се прилагодува на околината, се бори за опстанок … Се храни од домаќинот, расте и се бори за живот … “, вели еден филмски лик, инаку неврохирург. И сега, никој не сака такво нешто во организмот, па ни во општеството, се разбира, како посебен вид „организам“. Но, од друга страна, а ние сме жив пример за тоа, Туморот уште во стартот замислува дека не е тој проблемот, туку дека проблемот му е – домаќинот. Тоест, проблемот е организмот, или општеството, како сакате. Тој (организмот) односно тоа (општеството), од перспективата на Туморот, му е главната закана (иако се храни од него!), ние сме му опасноста – го напаѓаме  – ние сме му проблемот. За Туморот, ние сме Канцерот! Тој, се разбира, сака да преживее и да се развива, а ние сакаме да го уништиме! Дури, кај нас, перверзијата оди дотаму што Туморот се предлага и како решение на проблемот. Што ќе рече, допуштете му да го „изеде“ општеството, и така е солидно етаблиран и веќе добро ухранет, па нека ја заврши работата. Прогласете смрт на општеството, а живот на Туморот! Општеството е мртво, да живее Туморот!!!

Зашто во оваа Балканска канцерогена перверзија испаѓа дека ние сме варварите кои сакаат да го отстранат Туморот, кои сакаат да му го одземат неговото перфектно осмислено и опремено живеалиште. А тој е подготвен на такви манифестации на слабост. Ќе превземе веднаш, попрво ќе уништи се’ отколку да се предаде. Ако му дозволите, се разбира.

4.

Затоа, туморите се решаваат со инвазивни методи, а на крај – со хирушки зафати. Зашто друго нема, колку и да се мислиме, колку и да бараме поблаги решенија. А ако скалперот малку промаши, односно остави делови од канцерогеното ткиво, исто како и да не направил ништо. Тоа Зло е се’ уште живо и бара нови простори за растење и развивање. Тие таканаречени метастази се, тогаш, уште поопасни зашто започнуваат да се развиваат неконтролирано и во сите зони.

Затоа и зачудува нашата се’ уште наивна толерантност, до глупост. Ние сме подготвени, наводно, да се справиме со злото, ама ако може, онака, со аспирин. Аналгетик ако е ептен неопходно. И да не „се сече“ ептен длабоко. Ако воопшто мора. Затоа, впрочем, овој балкански пациент и боледува толку долго зашто е лечен од шарлатани и со бабини девитини. За секоја болка – тревка, за температура – две тревки! Ние никогаш не сме спремни да одиме до крај во борбата со Злото.

Затоа и сите базични институции се одамна метастазирани. Туморот веќе фатил позиција. Токму затоа и оние кои ги предлагаат (метастазираните) институции како логично решение на проблемот, се всушност само клонови на Туморот. Знаат дека тој, тогаш – ќе преживее! Впрочем, сосема на истата линија на „барање“ на решенија се и оние новинарскине „демократски“ вежби  за т.н. Преодна влада. Та видете им ги луѓето, барем половината се метастазирани парчиња на Туморот што со години го јаде(ше) ова општество. Ама македонскиве новинари сметаат дека токму тие метастази, иако дел (поголем или помал) од болештината, токму тие ќе ни го решеле актуелниот проблем! Како? Со нови тумори, со нови разграноци?

Изгледа дека овде малкумина разбираат дека „болниов на Балканот“ е навистина сериозно болен. И дека со такви болести нема играчки од типот мои и твои „фаворити“, од активирање на стари неплатени сметки, можни симпатии и слично. Ако пак тоа не го разабира дури ни т.н. седма сила односно, поточно, токму оние кои беа сериозно „гризени“ од локалниов Тумор, тогаш, можеби, ни треба – еутаназија? Како инаку би си ги објасниле нивниве – и не само нивните, се разбира – надрилекарски рецепти за решавање на проблемот, со враџбини, тревки и подеднакво инфективни „терапии“?

Leave a comment