НАРОД vs ПОЕДИНЕЦ

или

„НАШИОТ“ НАРОД (3)

11.

Не знам дали некој, некаде направил таква стручна анализа на сопствениот народ каква што прават, особено денес, нашиве „политичари“. Се сомневам, иако не е исклучено, во одделни слични на нашата „демократии“.

Но, она што во самата суштина е интересно, е дефиницијата на поимот народ. Што подразбираме под зборот „народ“ кога денес, особено денес, толку често го изговараме, каде треба и (почесто) каде не треба. Народот стана џокер, алиби за се’ и сешто, особено (сега) за покритие за сите криминали. Божем, ако народот е „со нас“, тогаш слободно можеме да крадеме, што ли? Но, штом многумина толку често го ставаат во устите колнејќи се во неговата благосостојба, веројатно е некој и некаков важен фактор!

The Cambridge Dictionary дава една многу едноставна дефиниција за нашиот збор „народ“ (people): „сите мажи, жени и деца кои живеат во одредена земја, или кои имаат иста култура или јазик“. Според првиот дел на оваа дефиниција, сите кои живеат во Македонија би биле еден народ (не и нација, секако!), па следствено, „македонската дефиниција“ дека „нашиот народ е мирен, спокоен, семеен …“ може да се однесува на сите. Ама не верувам дека останатите етнички заедници би се согласиле, прво, дека сме еден народ (people), а второ, можеби и не би се согласиле дека се такви какви што ги опишува „премиерот“.

Според остатокот од дефиницијата на Кембриџ, не можеме сите да се стокмиме како еден народ во една земја, така што, повторно, мислам дека добро сум проценил дека онаа „дефиниција“ на „премиерот“ сепак се однесува само на македончињата. Односно – на Македонците!  Иако, мислам, дека многумина од нас Македонците исто така не би се согласиле со неа, зашто не се гледаат себеси како мирни, како спокојни, а уште помалку како семејни (според неговите „стандарди“).

Но, ако една власт, преку нејзиниот главен репрезент – ќе ми прости Хорхе, се надевам – така го гледа, или сака да го види народот, што се случува со сите други кои не се гледаат себеси во еден таков контекст, во една таква конструирана според свои потреби „дефиниција“ (мирни, спокојни, семејни)? Дали тие не се тој народ за кој мечтае власта? И што ако не се? Дали автоматски стануваат предавници, непатриоти, соросоиди, комуњари … што ќе рече: народ од втор ред? Дали, во овој контекст, треба да се започне со видливо обележување на едниот и другиот народ, бидејќи инаку тешко се препознаваме? Едните би носеле ленти со сонцето од Вергина, другите црвени ѕвезди петокраки?! Дали така власта конечно ќе знае кој е кој? Или они и така одамна знаат – кој е кој?!

12.

Друг битен момент во нашава актуелна „народна“ приказна е фактот дека, божем, ние одамна го напуштивме (комунистичко – социјалистичкиот) принцип на колективитети, а во полза на силата и важноста на индивидуата, поединецот, граѓанинот. Зашто народите, во принцип, се само филозофско политичка фантазмагорија, непостојна категорија. Народите се збир на индивидуи, нив ги прават поединците со нивното делување, или неделување. Ниту војните не ги добиваат народите, туку токму оној збир на храбри поединци, од кои некои и ги оставаат животите на бојното поле, за добробитта на другите. А впрочем тоа се и оние истите (македонски) бранители кои денес овие ги нарекуваат „човечиња“, а понекогаш и – „говеда“! И тие не се сметаат за нивни „народ“.

Ако во социјализмот силата беше народот (и партијата, се разбира, ама повторно произлезена од народот), нели во демократскиот плурализам ќе доминираше поединецот и неговите (граѓански) потреби и интереси? Или тоа беа само флоскули додека се грабне власта? Зошто се тогаш потребни силењата од типот „еве со кого е народот, во овој народ е нашата сила, во сите овие луѓе …“? И што потоа? Што со таа наводна сила, ќе се употреби повторно против другиот дел од народот, оној другиот? Затоа, впрочем, и теоријата вели дека таквите (зло)употреби на народот се своствени главно на недемократските и авторитарните системи, ако ова кај нас воопшто и можеме да го наречеме систем.

Оттука, што се случи со поединецот, со индивидуата и неговото право на глас(ност)? Дали значи дека ако веќе е узурпирано правото на глас, а видовме и чувме дека е’, дали е укинато и правото на гласност? Се разбира, тоа е првото што се укинува, што пак се гледа и од актуелните состојби и од медиумската застапеност на едниот и на другиот „народ“!

Ако ова општество треба(ше) да биде општество на поединци, на (силни и самостојни) индивидуи, што се случи со таа насока? Каде, и кој, попатно – ја загуби? Наместо да се стимулира поединецот, особено оној кој мисли и делува самостојно, тие повторно се бават со стада; наместо да стимулираат модерна и слободоумна младина тиа сакаат да ја антиквизираат и униформират; наместо да се потпре на учени и писмени индивидуи овој „систем“ негува полтрони и поткупливци …

13.

Затоа, уште еднаш: народот не е ништо друго туку само прост збир на поединци, на индивидуи „… кои живеат во одредена земја, или кои имаат иста култура или јазик“, како што вели Кембриџ. Ако пак (демократската) власт се црпи од тој народ, што ќе рече од волјата на секој поединец искажана на (демократски) избори, каде е овде таа волја на поединецот, на индивидуата? И после се’ што слушнавме, може ли некој се’ уште да говори за искажана слободна волја? Ако некој пак ја узурпира (краде, манипулира, фалсификува) таа волја на поединецот, за каква народна власт можеме да говориме? И со таа и таква фалсификувана волја на толку поединци некој сега се повикува на – народ? А впрочем, и пресудите, нели, се носат во името на народот? Па слушајќи ги сега сите овие судски перверзии што ни се случувале во изминативе години, прашањето е: во името на кој народ се носени тие пресуди? И од кои судии?

Не знам какви се карактеристиките на македонскиот народ, ниту пак на другите што живеат овде. Не сум толку умен како власта која си го „знае“  стадото. Иако мислам дека воопшто и не е битно што ние самите мислиме за себеси, какви се’ карактеристики си придаваме, додаваме, измислуваме. Не само за Македонецот вчера и завчера, туку и за овој денес, особено за овој денес. Побитно е што другите мислат за нас. И историски, и сега. А тоа не е баш за фалење.

Никој паметен не говори за цели народи, туку за негови репрезенти, за негови претставници – политички, научни, културни, уметнички, спортски … Само истакнатите поединци се вистинските репрезенти на еден народ, оние кои навистина ги признава и препознава (цивилизираниот) свет. Флоскулите од типот „народот“, „ние“, „ние и народот“ не поминуваат веќе никаде. Тоа се „модели“ закречени во некое далечно минато, реторички празни и суштински надминати. Токму тие „модели“ на однесување беа оние што требаше одамна да ги закопаме. Или – одново и одново (ќе) ги оживуваме популистичките слогани од типот „народот и партијата“?

14.

Народот е препознатлив, ценет, силенако сакате, само и единствено заради препознатливите, ценетите и силните репрезенти, заради индивидуите чие знаење, умеење, интегритет, постигнувања … се мерат во регионални и меѓународни рамки. Не според парите и плацевите, не според пцовките и оговарањата, не според местенките и криминалот …

По што ние стануваме препознатливи за светот, вчера и особено денес? По кои големи луѓе, по какви големи дела? Кои се поединците, силните индивидуи со морален и творечки интегритет што му ги нудиме на светот, покрај „мирниот, спокоен и семеен … народ“? Кои се современите претставници на тој „мирен, спокоен и семеен … народ“? Кое е и тоа минато, ако баш сакате, на коешто овие се гордеат? Аце, Самоил, онаа дузина карикатури од комити во Џон Вејн стил, оние восочни лилипутанци во Музејот на хоророт или оние тролчиња на уште посмешните мостчиња? Или можеби некој од политичкава „елита“: оној кој самиот себеси се вика Хорхе, овие кои секој ден ги слушаме како го пцујат другиот им народ? Тоа ли е нашето денешно наследство – за иднината? И за светот? Или можеби на светот ќе му ги понудиме „интелектуалците“ од димензиите на оние глувонеми МАНУ-ковци, или swarovski судијкине, или можеби некој од „професорите“ од калибарот на онаа збирштина во анти-пленумот, можеби некој од „синдикалцине“ за два или „уметницине“ за три гроша  …? Извинете, ама таа багра не е ни за локална употреба, камо ли за меѓународна!

Не мислам и не велам дека ние немаме поединци, дека немаме силни творечки индивидуи кои со вкупниот морален (намерно го потенцирам овој сегмент!) и творечки интегритет можат да ја претставуваат Македонија секогаш и секаде. Ама, повеќето од нив не се по „стандардите“ на оваа власт. Не се покорни, не виткаат кичма, премногу говорат и – лошо мислат. Не мислат во насоката на дополнителното лично и газдинско збогатување, туку повеќе се ориентирани кон духот. Е таквите не се по воља на оваа држава. Таа сака да крцка кесенцето, само нивното, а за другите – ќе размислат!

Leave a comment