НАЦИОНАЛНА ГОРДОСТ – ИЛИ СРАМ?

или

ЗОШТО БУДАЛИТЕ НЕМААТ РОГОВИ? (2)

6.

Не видов творба што мене лично би ми била со сомнителен карактер. Навистина сум задоволен од сето ова. Во име на уметниците, како уметник и како член на Друштвото на ликовни уметници, можам да дадам целосна поддршка на оваа акција“, вели Данчо Ордев, македонски уметник, на отворањето на изложбата како претставник на ДЛУМ, а по повод „спектакуларната“ изложба на (от)купени дела од страна на Министерството за (не)култура.

И сега, кој би можел да му забележи на зборовите на Ордев, од перспектива на уметник со (от)купено дело во „акцијата“? Веројатно никој од неговите колеги, со исто така (от)купени дела. Ама, во оваа „акција“ (каков патетичен назив, небаре ја спасуваат македонската уметност!), не се бараа(т) „творби“, уште помалку со „сомнителен карактер“, туку се бараа дела (и автори) со национални вредности. Или поточно, ако Ордев заборавил, приоритет во Конкурсот беа „… квалитетни ликовни дела од автори од Република Македонија кои дале исклучителен придонес во создавањето, профилирањето и афирмирањето на македонската современа ликовна уметност“! Или уште попрецизно, зошто на националните институции – Националната галерија и Музејот на современата уметност пред се’ – би им требале „сомнителни“ или какви и да се други неупотребливи дела, односно „дела“ што понатаму ќе фаќаат прашина по ќошови и во депоа?

???????????????????????????? И ова е, наводно, „дело“ со „национални вредности“

7.

Впрочем, токму затоа тој / таа кој(а) го пишувал(а) „говорот“ на Канческа (иако не сум сигурен дека таа нешто разбрала од напишаното, и виденото!) ни подметнува вака: „Уметничките слики, скулптурите, инсталациите кои се пред нас го потврдуваат историскиот континуитет на современото македонско творештво, тоа се дела на автори кои се гордост на македонската уметност и култура“! Ама, ако козата лаже …

Е па токму тука е проблемот, во квалификациите на конкурсот што бара(л) „дела од автори … кои дале исклучителен придонес …“, односно (како што сака да укаже Министерството за некултура во говорот на министерката) дела коишто би го потврдиле „… историскиот континуитет на современото македонско творештво …“ и „… автори кои се гордост на македонската уметност и култура“! Е па сега, ако ова што го гледаме во Чифте амам е токму тоа – секоја чест. И на Ордев (односно најмалку нему, зашто нему му паднало во должност да фали нешто што не се фали!), и на министерката сосе Министерството, особено на онаа домаќинкана од МСУ (којашто дури се осмелила да говори на отворањето небаре и таа е некаков стручњак!), а посебно на Комисијата што ги „избрала“ овие „дела“.

А впрочем, токму тука, во таа спрега – полуписмено ама богато Министерство, послушни „директори“ на национални институции, коруптивни уметници и “puppet on a string“ Комисија – е изведена целата ујдурма, за среќа за релативно мали пари (се разбира, споредено со финансиските „ефекти“ на овие криминални умови во другите „проекти“ и „операции“ од „национално“ значење). Но, оваа „акција“ беше само увертира, да се испипа пулсот на македонската култура, на јавноста, на уметници … Кога сите си легнаа на брашно мирно и молчешкум, следуваа(т) нови конкурси со поголеми пари. И, најверојатно, со истите резултати!

???????????????????????????? И ова „дело“ треба да биде со „национални вредности“

8.

Но, на отворањето на изложбата Ордев, можеби не сакајќи, рече и нешто друго. Односно, рече дека „Ова е пресек на ликовното творештво во Македонија – имаме од сите возрасти, од сите правци, од сите сензибилитети“. Е сега, тоа ли беше поентата? Да добиеме уште една ДЛУМ-ова изложба, овојпат платена подебело отколку нивните редовни годишни „изложби“? И низ неа да протурат и се’ она друго (ќе простите) ѓубре кое никако поинаку не би можело да влезе во некоја од националните институции? Да платат некому за верноста, за (можеби) помошта, за партиските активности – онака, наместо сокче и сендвич ? Зашто, ако (повторно) целта на оваа акција беше да се откупат дела со национални вредности, дела од уметници кои претставуваат гордост на македонската уметност .. . тогаш каква врска со тоа има некаков пишлив „пресек“, или некакви „возрасти“, „правци“, „сензибилитети“? И уште ли не им јасно на оние неколкумина релативно сериозни и реномирани македонски творци во каква ујдурма влетале? Или важно е само едно: грабни ги парите и бегај да не се предомислат?

Ако ова требаше да биде само уште еден вообичаен и по правило здодевен  ДЛУМ ама со партиски предзнак, нели ќе беше многу поефтино и поедноставно да се направеше еден убав панаѓур на којшто сите ќе си донесеа по две-три дела, ќе поминеше истата „стручна“ Комисија (сосе библиотекаркана која ужива да се преоблекува во стручњак, па онаа од МСУ која буквално трампеше Надежда Петровиќ за Личеноски, Емануел Видовиќ за еден прилично сомнителен Мартиноски којшто сега стои кај „чеканот“ Ставре, итн.), па ќе ги „селектираа“ истите гадости, пардон „гордости“, на македонската уметност, и – чича Мича готова прича! Кому, и зошто, му требаше ваков циркус, и срам?

???????????????????????????? И уште едно „дело“ со „национални вредности“

9.

Но, најконкретно, она со што така дично се фали Министерството за (не)култура, па згора и двете национални институции, се (от)купените 64 дела, од коишто 21 дело ќе оди во МСУ  (од авторите Ж. Вангели, Б. Маневски, С. Јанешлиева, Б. Ибрахим, Г. Наневски, М. Арсовска, Л. Цветковски, А. Мазневски, Г. Поповски, Д. Старова, И. Димитрова, И. Сековски, Б. Шемов, и др.), а 15 дела (од уметниците Р. Калчевски, С. Шемов, Р. Корубин, В. Ташовски, И. Аризанов, Л. Стефанова, Т. Аџиевски, А. Спасовски, А. Миов, Ј. Новковска, М. Кировска и др.) во Националната галерија.

Ама, една проста математика – не знам дали Канческа и оние приглупине во Министерството умеат толку да собираат – вели дека 21 плус 15 се 36! Што ќе рече дека до 64 (от)купени дела остануваат уште 28 дела, или „дела“, за коишто не се знае каде ќе одат. Соопштението на Министерството вели – „… некои од делата ќе бидат подарени во државни институции“ (sic!). Извинете, ама Конкурсот не предвидуваше „државни институции“! Ако државните институции сакаат да имаат уметнички дела, зошто не си ги купат? Малку ли пари имаат, или тие пари се за други „намени“, онакви какви што слушаме во „бомбите“? И никој ли не го поставува тоа прашање? Ако „акцијата“ била организирана за националните институции односно за пополнување на нивните збирки, каква тогаш врска имаат некакви државни институции и нивните канцеларии и ходници каде што, веројатно, би виселе овие дела?

Се разбира, сето тоа се коцкички во мозаикот наречен „Големата превара“ односно „откуп“ на уметнички дела со национални вредности за националните институции. Сложувањето на коцкичките можеби оди полека, ама мозаикот веќе доби грда, криминална форма. А впрочем, помудрите ќе речат дека сето ова беше познато – однапред. Имајќи предвид како досега „работеше“ ова Министерство во сите негови „проекти“, како да беше јасно во чии едра и овој пат ќе дувне ветерот. Иако, веројатно, не мислевме дека во целото криминално замешателство улоги ќе земат и неколкумина реномирани македонски уметници.

Но, да речам и јас дека, некако, се’ беше јасно уште во стартот, зашто ниту еден паметен кој барем малку знае како се откупуваат дела за национални институции, не би поверувал дека целта на оваа „акција“ било токму тоа. Канческа и нејзината карневалска дружина сигурно немаат појма дека уметнички дела не се купуваат на кило и на пазар како патлиџани и пиперки, дека национални институции од „реномето“ (од коешто, за жал, не остана ама баш ништо!) на МСУ и Националната галерија имат потреба од конкретни (ремек) дела од конкретни реномирани автори, дека често таквите дела дури и не се сопственост на уметниците туку треба да се преговара со колекционери и галеристи, дека уметноста не е и не може да биде алаш-вериш операција (без оглед колку тие би сакале да ја направат таква!).

Но бидејќи на целата селско кооперативна „акција“ пристапиле со ситнотрговски менталитет на очебијни провинцијалци, затоа се такви и резултатите. Затоа се, впрочем, такви и резултатите во македонската култура девет години наназад, од Канческа па надолу! Од целата таа збирштина натрупана во Чифте амамот, само едно – и само едно – дело го заслужува епитетот антологиско дело: делото „Крик“ (2002) на Славица Јанешлиева (иако и тоа нецелосно односно несоодветно презентирано на изложбата!). Само тоа дело завредува да се најде во национална институција (и тука жалам што отишло во МСУ, зашто тие слепци не умееле на време да го побараат за новната Постојана поставка). Сето друго е, мање-више, ремек дело на незнаењето, шарлатанството и кичот, што можат комотно да им го вратат на уметниците, дури и по цена да им ги остават парите! Нека им се алал на алчноста!!!

Leave a comment