Monthly Archives: March 2015

КАРНЕВАЛОТ ПОЧНУВА

1.

Значи, не случајно неодамна го спомнав т.н. „Стокхолм синдром“ како можна инфекција што се повеќе (ќе) ја зафаќа земјава, пропорционално на интензитетот и големината на гадостите што излегуваат во јавноста. И не само некакви си „слободоумни патриоти“ или слични малоумни групички, туку и „видни“ (sic!) некогашни функционери, сите оние кои заедно прдеа и се усмрдуваа во истата криминална лејка главешините, сега полека (ќе) се дистанцираат од нив, (ќе) се прават дека не се од тука, дека немале врска (не само) со (дефинитивно) докажаниот заговор за бескрупулозна  елиминација на се’ што е разумно и демократски настроено во државава. Па дури и ги повикуваат луѓето, како човечено Н. Димитров, „да исправат глава и да се одважат да кажат не“, та дури и да „разговараат со опозицијата „со чиста совест“?! Ма немој! А оној Лазаревиќ пак, ќе прераскажува случки и итроштини од седниците на Владата во којашто и тој со години седел (по сопствено признание!) и не гукнал ни збор, ама еве сега одеднаш – се свестил! Ма јели могуќе? Како тоа така молскавично се свестуваат луѓево, мислат дека народов пие(л) нафта? А кога шетаа како млади јунци околу Николче-парапетче, тогаш си изгледаа себеси мнооогу важни? Та уште и мудруваат дека „ВМРО-ДПМНЕ е голема партија и не можете да очекувате дека сите луѓе што гласале за Никола Груевски денес се согласуваат со раководството“. Па никој и не говори за сите, ама тие кои седеле на владини седници, по разноразни кабинети, кои спроведувале „политики“ … и тие ли не се согласувале со „Парапетчето“? Ама – молчеле и полнеле џебови? Па дајте, ве молам, сега уште и ќе не расплачат?

2.

Ваквите кокичиња се предвесници на бурата што дефинитивно доаѓа и ќе ја помете македонската политичка сцена. За некои можеби ќе треба и ураган, или багери, ама иднината им е веќе зацртана. А и тие си ја знаат, само и понатаму се прават мутави. На Македонија секако ќе и’ се случи „бомбашки процес“, или втор Нирнберг, наш прв, порано или подоцна. И нема да се суди на некаква партија (зашто ни во Нирнберг не и’ се судеше на партијата на Хитлер), туку на нејзините репрезенти. Од сите ешалони. А богами, ги има(ло) многу. Вклучувајќи ги и овие што сега ги покриваат трагите. Затскривањето зад тоа дека „сите сме ВМРО“ не држи ама баш никако. Зашто – не сме. Ниту сакаме да бидеме. Ни ова, ни она. Како што потенцира Тричковски, кога и да е’, ќе се покаже, и (научно) докаже, дека  таа т.н. опција никогаш и не била „легитимна артикулација на македонскиот народ и на граѓаните на Македонија“. Без оглед што и како проповедаат шарлатански историчари од типот на Парапетчето, или оние лукративците од калибарот на бившиот Тодоровски и еди кој си друг! Впрочем, зарем резултатите наназад толку години се мал доказ за тоа? Оној Љубчо малку ни беше, па ни требаа(т) овие, сосе „Парапетчето“? Не, благодарам! Тие што сакаат да се залажуваат со идеалите на Делчев и Сандански (кои, патем, се начисто деисторизирани од овие), Груев и останатите, треба само да се (пот)сетат на овие нивни „идеолошки“ наследници.

Ама, говорејќи за идните процеси и т.н. Стокхолм синдром“, белки не „ќе дозволиме тужените да станат – тужители? Не знам, нека мислат тие кои треба да мислат, ама целава атмосфера се подгрева токму како српска сарма. Полека се крчка, да не загори, да се извлечат „здравите“ сили (кои ли се тие, да ми е да знам, белки не мислат на Димитров, Лазаревиќ и остала братија?), да се амнестираат „стручните“ кадри (та зарем имало и такви?),  или некој кој не бил баш тооолку зацапан во криминалите (за што, повторно, се сомневам). Затоа и го спомнав т.н. „Стокхолм синдром“ којшто не е случајно влезен во историјата токму заради ваквото однесување на заложниците, малтретираните, киднапираните …!

А впрочем, ако (дури и бегло) се читаат сите текстови што во „деновиве на бомбите“ се пишуваат во / по она малку слободоумни весници и портали, или се слушаат и гледаат на подеднакво малкуте независни електронски медиуми, во сите провејуваат токму тие зборови: дека сме биле заложници на криминалци, дека сме биле малтретирани од киднапери на демократијата, дека цела држава била држена во страв од казни и одмазди … Ама повторно, и упорно, бараме и светли точки помеѓу битангите, посочуваме дури и на стручни поединци, на здрави сили …! Како за онаа Парнаџиева, за која една новинарка уште малку да заплачеше што си поднела оставка, зашто била – стручна!? А овие илјадници кривични пријави што сега се откриваат и заради коишто луѓето го губеле здравственото осигурување, им се заканувал затвор и слично, тоа да не било мое дело? Или токму на таа, „стручната“, за која што, еве, ќе плачеме? (И, интересно, никој од опозициски настроените новинари не ги спомнува таквите гафови – ако воопшто можат така да се наречат – на колегите. А да го каже тоа некој друг, на пример некој од „куртоните“, ќе го сотрат).

Или, можеби, Лилето на тато, која сега „смело“ бара оставка од јавниот обвинител (после толку години), не знаела за сите марифетлуци на нејзините коалициони партнери? А градоначалничката на Кисела вода, која дури и не знае дека „домобраните“ ќе и’ шпартаат низ општината? А СДСМ во Кисела вода – дреме?!

freaks_1

3.

Оттука, сезоната на карневалите во Македонија, којашто обично завршува со Струмичкиот карневал, сега повторно во „режија“ на струмичанец, ќе отвори нова карневалска летна сезона со (за сега) најатрактивни маски. Како што почнале учеснициве – ќе има што да се гледа и слуша! Ќе се гледаат досега невидени маски и костими, ќе се слушаат нечуени приказни и бајковити сочиненија од типот „не, јас не бев таму, не знам ништо“. Колку ли ќе се збогати македонското глумиште со разноразни нови актери од прва, втора и трета категорија, зависно од тоа кој на какво место бил и за што ќе биде обвинет?  Какви се’ „величини“ ќе траскаат од земја, какви се земјотреси ќе има долж и попреку македонската култура? Почнувајќи од ПР менаџерката која толку години глумеше министерка, па – надолу! Од „директори“, „советници“, членови на „комисии“, „експерти“ кои (пот)пишуваа каталози и монографии, „уметници“ во гебелсовски и шперовски улоги …! Каков карневал ќе биде тоа!!!

И се’ си мислам дека многумина ќе заглават. Дебело (со акцент на второто „е“)! Од горе до долу, од најдесно до најцентар. Зашто направија премногу злодела – против  државата, културата, уметноста. И тоа не се простува туку-така. За тие за кои Конески беше „џуџето од Небрегово“, а Македонија и уништувањето на современата (и модерната!) македонската култура и уметност само уште еден „проект“ платен со големи странски пари, не може да се бара алиби или каква и да е’ „стокхолмска“ емпатија.

Иако мислам дека тие самите меѓу себе ќе си ги извадат очите. Па и срцата, како и што доликува на ВМРО (историска). Ене, слушнете го оној што бараше „за шиптари гасни комори“, па армоникашон преправен во професор, па повторно татиното синче малиот Димитров, па којзнае уште кој ќе се јави. Така ќе биде и во културата. Ќе се плукаат и газат, ќе се бодат и дават, само заради евентуалната шанса за ново позиционирање на културно – политичката мапа на Македонија. Верувам дека некој и ќе помине. Со етикета дека бил „умерен“, или дури „присилен“ на нешто. Ама, се плашам,  такви, одеднаш, ќе има – премногу. Тоа е’ македонската историја, впрочем. Низ карневал да се тера до сто и едно, и назад! Ако може, се разбира. А (ќе) може, зашто ќе се вадат „аргументи“ дека сме мала земја, дека немаме толку учен кадар, дека … ова или она. А забораваат на младите, па и на постарите: оние млади кои мораа да ја напуштат земјата заради овие бараби, но и оние постарите кои издржаа секакви битанги и нивните „политики“. Затоа, мислам, дека ќе биде грешка ако се „стокхолмизираат“ овие луѓе-нелуѓе, овие сенки што годиниве ја беа киднапирале македонската култура и уметност (впрочем и цела држава, буквално!), сите оние кои придонесоа за ваквата провинцијализација и криминализација на Македонија. Доколку тоа не биде така, ќе се направи нова, историска грешка, со амнестирањето на такви хиени со човечки лик, жедни за крв, секогаш и секаде. И карневалот ќе се трансформира во продолжена варијанта на „freak carnival“ во којшто сите (или барем повеќето) ќе бидеме жртви на нови и нови будали!

ЗА „ПРАЗНИКОТ“

1.

Да нема никакви дилеми веднаш на почетокот – мислам на претстојниот „празник“ 8-ми март, илити попознат како „Денот на жените“. И, повторно да нема никакви недоразбирања, немам ама баш ништо против „празникот“. Уште помалку себеси се гледам како некаква машка шовинистичка свиња односно човек кој на каков и да е’ начин (освен полот, се разбира) ги двои жените од мажите! Ама, (секогаш има некое „ама“, нели?), постојано се фаќам во стапицата дека, практично, како да живеам во непозната земја, помеѓу непознати луѓе. Зошто? Па затоа што се’ она што сум го сметал како апсолвирано прашање, надминати состојби, одново и одново ни се враќа како некаков новокомпониран бумеранг, менувајќи ја само формата, но не и суштината. Па така и „празников“. Не дека имам против луѓето (и жени и мажи) да си го прославуваат, да си одат во кафеана онака дотеранки, па и да направат по некоја глупост на денот. Ама тоа можат да го прават и секој друг ден, нели? Иако токму на овој ден е некако послатко, можеби? Барем така велат.

По правило, сум гледал да ги одбегнувам таквите „празнувања“ зашто не гледам што е тоа што се слави. Мислев, и мислам, дека ние тие „состојби“ – мислам на состојбите на рамноправноста – сме ги надминале уште 1945-та година. Или, ајде нека биде 1955-та, или 1965-та … ама поодамна, тоа сум сигурен. Во кој тоа сегмент жената кај нас не е рамноправна со мажот, одамна, барем седумдесеттина години? Можеби само во насилството, ама ова не е празник против насилството врз жените? (Иако, велат, имало жени кои умеат и те како добро, ако не и подобро, да се справат на насилен начин со кој и да е’ маж!).

2.

Или, ајде да ја стеснам темата само на полето на уметноста: во што тоа, и како, уметничките од „понежниот пол“ (белки ова нема да ми го земат за зло?) биле / се нееднакви со мажите? Примери? Зашто без примери не можеме да водиме дијалог. А сакам да водам (барем) дијалог со констатацијата дека „Да се биде авторка во вековно недостапниот или, во најмала рака, „немтурски“ настроен канон на признаени и неодминливи творци во ликовната, но и во уметноста воопшто, никогаш не било едноставна и лесно достапна работа“ (Елизабета Шелева). Од каде сега „недостапниот“, и „немтурски“, па уште и „канон“? И понатаму: „Родовата обележаност тврдоглаво опстојува, дури и денес во 21 век, како дополнителен маркер, премолчано впишан во општиот третман и критичката опсервација на визуелните уметници. Притоа родовата обележаност како таква, ниту е бајковна, ниту историски надмината измислица и занимација на безработните феминистки, туку и непобитна – изворна или иницијална траума – неизбежно вградена во севкупниот творечки (не помалку и егзистенцијален) ангажман на жената, како што впрочем потврдуваат и делата одбрани за оваа изложба“.

Не можам да говорам за изложбата – се’ уште не е ни отворена, се планира за „празникот“ – така што тој дел ќе го оставам за подоцна. И не знам што и како ќе потврдат „… делата одбрани за оваа изложба“? Ама, каде тоа „опстојува“ родовата обележаност? Кај нас или во светот? Примери? А особено и примери за „… општиот третман и критичката опсервација на визуелните уметници …“!? И повторно: кај нас или во светот? Ако се водиме од тоа дека, повторно, тоа ќе го потврдат „… делата одбрани за оваа изложба“, значи ли дека сето ова се однесува на состојбите со „родовата обележаност“ – кај нас? Дали е ова сериозно кажано, или само во контекстот на „празникот“, колку да се рече нешто?

Најмалку би сакал да ја оценувам „родовата обележаност“ во уметноста или во другите манифестации на духот во светот. Иако можеби и би можел, имајќи го предвид „статусот“ (знам, грдо звучи, ама затоа го ставам во наводници!) на една Марина Абрамовиќ (која многумина, и со право, ја сметаат за една од највлијателните уметници на дваесеттиот век!), Луис Буржуа, Фрида Кало, Сузан Валадон, Џени Холцер, Синди Шерман … да не спомнувам имиња од филмот, музиката, естрадата, театарот, литературата … Да, ама малку се – како да го слушам ехото. Можеби, ама јас во моментов не можам да ги наведам сите, односно не ни можам да направам баланс, во проценти, колку се мажи а колку се жени. Веројатно мажите се многу повеќе. Ок, ама што докажува тоа? Или: што тоа докажува кај нас? Од каде тоа, ве молам, дека „Родовата обележаност тврдоглаво опстојува, дури и денес во 21 век …“? Кај нас? Примери?

РАКА

3.

Никаде, до денес, не сум сретнал тврдење дека првите уметнички дела во историјата, оние на пештерската уметност пред многу десетици илјади години, биле дело на маж. А што ако биле дело на – жена? И тогаш ли би говореле за некаква „родова обележаност“, или машките шовинистички свињи не би дозволиле да се појави таква еретичка мисла?

Еден податок вели дека во Лондон во 1855 година било основано Здружение на жени уметнички (Society of Female Artists), кое веќе две години подоцна започнало со редовно одржување годишни изложби, а на првата учествувале „дури“ 149 уметнички со 358 дела! Или, ако се префрлиме на домашен терен, сепак и пред 1945 година можеме да говориме за уметнички, на пример Лена Стефанова, член на ДЛУМ од неговото основање, вклучена со дело и во Националната поставка, или Борка Аврамова како прва македонска скулпторка со самостојна изложба (1954) итн.

Ама, повторно, не ми е целта да историзирам или да се споредуваме со другите. Меѓутоа, денес, кај нас, да се инсистира по секоја цена на некаква „родова обележаност“ – преведено како запоставеност на уметничките во македонската уметност – е навистина непримерено! Па гледајте кој стана државен уметник бр. 1 во ступидниот проект „Скопје 2014“! Знаете ли колку пари заработи таа „господична“, за само неколку години? Колку сите машки уметници во Македонија од 1945 година, заедно!!! Тогаш, за што ние овде би разговарале, или само исфрламе „тези“ како на седенка сред село, со плетилото в рака? (Е, ама тука би ни требал барем Хорхе со неговиот штрикерај, или најмалку со велосипедот без педали. Да врти во место, и онака нема попаметна работа!).

ЛЕНА СТЕФАНОВА

Лена Стефанова, „Автопортрет“

4.

Оттука, навистина не знам што тоа ќе прикажат македонскиве уметнички апропо празникот, а што би било некаква потврда за нивната запоставеност во Македонија. Кога ќе видам – ќе напишам, ако завредува. Ама мислам дека е тоа погрешна, натегната теза во самиот старт. Или, ако веќе имало такви сознанија, зошто уметничките, или г-ѓа Шелева, не ги активирале тие сведоштва, докази, тенденции … што ли … и во некое друго време, а не само по повод „празникот“?

Од лично искуство (безмалу четириесеттина години) можам одговорно да тврдам дека македонската историја на уметноста и ликовна критика никогаш немала диксриминаторски однос кон македонските уметнички. Дури напротив, па разберете го тоа како сакате! А ако некој се чувствувал дискриминиран, или „родово обележан“, морал да реагира. Веднаш и на лице место! Инаку, ваквите натегнати „празнични“ тези звучат премногу шупливо, со лошо ехо.  Ако веќе денот морал да се одбележи и со изложба, па и да се добијат пари за тоа, зошто да не биде само и единствено обична изложба на уметнички од Македонија, или од Скопје, без претерувања и сензационалистички акцентирања на непостоечки нешта?

„СТОКХОЛМ СИНДРОМ“?

или

(И) ЗА МОРАЛОТ СЕ РАБОТИ, НЕЛИ?! (10)

37.

Се мачам како црн ѓавол да го завршам ова, оваа аморална (квази)интелектуална „приказна“ од Дивиот Исток. Ама се’ некако, нешто ми фали. Она „fuck off“ ми се виде најсоодветно за крај, ама пак некако – недовршено. Не ми го решава проблемот. А и лесно би поминале.

Па згора, на целата мака, ги преслушувам тоа „дијалозите“ на простациве и повторно нешто не ми штима. Видете, кумашинот вели „ние сме лудаци“, ама безмалу пола држава им враќа: „не бе, не сте, супер сте“! Знам, некој ќе рече: не е баш така. А како е? Зарем може една групичка полуписмени битанги толку години да се одржи без поширока поддршка? Па нека е и фингирана, нека е и штимувана, нека е и од страв (?), нека е и од лукративни цели, нека е и од простотилак … нека е и криминална! А е’, од сето по малку.  Се разбира дека првото сидро на ваквите бараби се неморалните интелектуалци. Оние што глатко ќе се продадат за функција, за амбасадорско место, за тендер, за книгичка, за изложбичка … И (доброволно) ќе ја шират „приказната“. Иако овие деминутиви не ја отсликуваат реалноста докрај, бидејќи кај нас овие интелектуални крлежи грабаа и грабаа многу повеќе. Томови книгишта и катагодишни изложби, „творештвото“ на ДВД и туристички крстарења низ светот, директорски места за нив (од Струшки вечери, Охридско лето, библиотеки и се’ по тој ред) и работа за целото им семејство, места во сите можни комисии и одбори, до членство (ни мање ни више) во МАНУ, национални пензии и државни награди …! Пожнеаа се’ што можеа, и повеќе од тоа. Барем малку да беше заслужено, па да не ти е криво.

Ама, повторно, колкумина се тие – стотина, двесте …? Сосе конвертитине, сосе поштарине и келнерине за амбасадори, сосе „културњациве“ што подолго седат по кафеани отколку на работа, сосе бронзено-уметничкион им „кадар“ секогаш на готовс да исполнува наредби, сосе градскана им советничка група на која што во нормална ситуација би требало да им биде одземено жителството во Скопје заради сторени злосторства врз душата и телото на градот … А другите? Добро, и оние распеанине новинарски мегафони, оние издишани „аналитичари“ (го гледам на Алсат-М оној клекнатион „аналитичар“ и несуден амбасадор, веднаш се преоблече!) и „анкетари“, онаа булумента „институтџии“ … ама сепак – не се баш толку. Но, кога на ороводците ќе им се придодадат играорците како некаков втор или трет ешалон, па целата онаа партизирана администрација, па бизнис релациите, па „за грош“ (пот)купената македонска сиромаштија … ете го есапот.

38.

Оттука, повторно: кој е овде навистина луд? Тие, или – ние? Ова „ние“ е само фигуративно кажано зашто, дозволете, ама никако не се гледам себеси во таа група. А богами и уште илјадници други кои издржуваа и издржаа во оваа македонска лудница. Ама колкумина се пак – тие? Тоа ли е таа критична маса која се’ почесто ја слушаме и која што ќе ја истера разврската на оваа наша „приказна“, со дијагноза и терапија? (Кога формулацијата „критична маса“ ја спомнав пред една одамна од тука замината амбасадорка на која очигледно се’ и беше јасно, таа праша: „А како Македонија ја имаше таа критична маса во 1941 година“? И ми ја затвори устата!).

Не знам, не сум сигурен. И не сакам однапред да осудувам илјадници луѓе – на тоа немам право, (или имам?) – ама и таканаречената неполитичност има свои граници. Кои се и до каде се, каде е границата помеѓу неполитичноста и колаборационизмот, помеѓу (квази)неутралноста и соучесништвото? Можеби тоа прашање треба секој да си го постави самиот. И да го одговори со дело.  Ама, многумина нема да сакаат, свесно, зашто го знаат одговорот! Едно од (валидните?) оправдувања е дека не е секој подготвен да жртвува бизнис, професија, семејство … дека не секој е подготвен на таква борба … па иднината на децата, нели … што ли?! Ама зошто пак другите и за нив би биле подготвени на тоа? И на се’ друго?

СТОКХОЛМ СИНДР

39.

Се разбира, јас немам магична формула за решавање на нашава срамна и болна ситуација. Ама можам да препознаам тенденциозни намери, ступидни анахрони дијагнози, малоумни анализи. Оние од типот на шарлатанон од „Телма“ дека од тројца македонци двајца се шпиуни (каква будала, и му дадоа на чинија цела телевизија!), или жалта за оној Груевски од 2006 (море носете си го дома и овој и тој Груевски), или прогнозите дека бргу и лесно ќе сме се справеле со кризата, односно дека криза воопшто и – нема!

Ни ќе биде ни лесно, ниту пак ќе биде бргу. Ако се знае дека од оние (најмалку) 150.000 јавна администрација барем половината се вработени последниве години, тогаш ништо нема да биде лесно. Зашто многу семејства ќе останат без плата и не ќе сакаат да го прифатат тоа баш така лефтерно. Иако лесно прифаќаа, и прифаќаат, кога другите остануваа(т) без плати.

Оние кои први ќе го напуштат брдот секако, повторно, ќе бидат – интелектуалците. Поточно – квазиинтелектуалците, овие кои денес ја шпартаат државата и го бранат народот од опозицијата, оние кои по обичај уживаат во аморалната ладовина на власта молзејќи и понатаму дебели средства за лични будалаштини, оние кои се истрчаа со текстови, со говори, со дела и веќе не можат назад … сето тоа бргу ќе го смени дресот. Ако му се дозволи, се разбира. Дури и оној некогашен ригиден комунистички и  пројугословенски агитатор, сега претседател на МАНУ, кој бара некаква „вистина“ низ судските катакомби на власта. Сета таа булумента бргу ќе отиде по ѓаволите под притисокот на доказите.

40.

Меѓутоа, во јавноста како да се препознава и една нишка на помирливост, на чудно сочувство („Стокхолм синдром“?) дури и со примарните џелати – демек, ете, тие се спротивставувале – со креаторите на сите погубни политики (ако и тие манипулации можат да се наречат политики!), со нивните први и втори пулени, со сета таа забревтана партиска машинерија која се’ уште се билда, се’ уште сака да гази и упропастува. Како некои подземни сили да сакаат да создадат атмосфера на некакво лажно „национално помирување“, на толеранција во име на државата (која држава, оваа раскупусанава?), ако се почне со игри на тенки жици – пиши пропало! Ако целосно не се отворат криминалите, ако комплетно не се разобличат битангите, македонското (не само) интелектуално ткиво засекогаш ќе остане разјадено. Тогаш неморалот, перфидноста, превртливоста, глупоста, незнаењето, нестручноста … криминалот дефинитивно ќе добие своја држава. Е тогаш – сите можеме да се сликаме! Во едно групно кадро со вемерото!!!

FUCK OFF

или

(И) ЗА МОРАЛОТ СЕ РАБОТИ, НЕЛИ?! (10)

34.

Извинете, ама што значи тоа дека „Обединетите нации не можат и не смеат да си дозволат да бидат рамнодушни на кршењето на човековите права и правата на човечкото достоинство“, кога излегува од устата на оној Хорхе кој глуми претседател на државава? ОН не можат и не смеат, ама Македонија може и смее да си го дозволи тоа, и тоа под негов директен патронат, нели? Или под (ин)директно не превземање ништо – ама баш ништо, како да се работи за ланскиот снег – од неговите Уставни надлежности како (божемен) избран претседател? И за што ли тоа (божем) била избрана персонава? Оваа фарса од човек одамна нема ни срам ни грам достоинство барем целосно да се исклучи од нашиот видокруг, до дефинитивните разврски во земјата. А после – треба да го добие тоа што самиот си го подготвил со тоталната и доброволна апстиненција од превземање (законски и уставни) дела за коишто толку години добива плата и други бенефиции. Зашто, не може утре ни тој да каже дека некој не му дозволувал да дејствува. Та не е малолетен, или не дај боже малоумен?! Ако МАНУ-овците можат детски да се вадат на претседателот на МАНУ за своето нереагирање, на кого ли утре ќе се вади претседателот на државата?

Ако пак на оваа автократски нокаутирана од власта држава и’ требал некој кој во резиденцијата ќе везе миљенциња и хекла шустикли наместо да се занимава со виталните државни интереси, веројатно на претседателските  избори ќе побарала некоја баба со такви склоности, и вештини. Која што и финансиски помалку ќе ја чинеше оваа земја.

Или можеби онаа подеднакво срамна глума на госпожата му како прва „дама“ на разни приеми и прослави треба да не’ утеши дека тие – постојат? Како приемот по повод Меѓународниот ден на ретките болести, при што таа наводно испратила „силна поддршка и порака за истражувањата, третманите, раното откривање, раната превенција, потоа рехабилитацијата на пациентите со ретки болести, како и позиционирањето на ретките болести во јавното здравство, како на ниво на  Европска Унија, така и во земјите од каде што доаѓаме, односно на национално ниво“. Ја спомнавте ли и Тамара и нејзината судбина во вашата земја, Иванова? Испративте ли поддршка на нејзиното семејство? И му ја спомнавте ли и на вашиот сопруг, колку да биде информиран што му се случува во државата? Онака, навечер, уз чај и додека штрика, за да не се возбуди премногу па да рипне веднаш да ги средува работите?! Да има време барем да преспие!

ДО БАЛЧАК

35.

Не знам што е тоа што може да биде наша утеха денес, барем минимална утеха дека не сме целосно морално банкротирани, дека немаме столб што не е потопен, или исечен до урнување од модерните „волови“ на Милета и компанија. „Вистината за Македонија“ се’ повеќе станува мачна, трагична приказна за една аморална власт – и не само власт туку и за аморално општество сосе неговите „елитни“ претставници – иако многумина, на почетокот, мислеа дека само добро ќе се забавуваат. Ама Ѓаволот редовно доаѓа по своето, некогаш побргу, некогаш поспоро. Ама доаѓа – сигурно!

Независно од политичките / правните (?) разврски на македонскава трагична приказна, последиците ќе бидат далекусежни. И темелни. Но такви и треба да бидат. Ние предолого се вртевме во круг, глумевме демократија, си игравме држава, од институциите правевме маалски театри според лични ќефови, од функциите – прчија. Тие даноци на глупоста, на нечинењето, на неморалот, на алчноста, на безобразлукот … ќе мора да се платат. И сите трагедии што му ги приредија на народот.

А впрочем, не се трагедија, како што вели кумашинот, петте проценти за културата, трагедија се петте проценти за ваква (не)култура, трагедија е филмот на „Стале Попов“, ама трагедија се и едно чудо друго филмови, мизерија се и оние тони и тони никому потребни „книги“, оние дилетантски „изложби“, оние документарци од пет стотини илјади евра и оние спотови од двесте и педесет (или беа шеесет?) илјади евра … оние туристички патешествија на нивните пулени од сите фели, оние тони бронза и стиропор со коишто ја „усреќија“ оваа држава. Онака, баш „до балчак! Macedonian story. Вистинска трагедија се оние полуписмени стрип ликови кои ни ги инсталираа како некаков вредносен репер, оние веќе спомнати жугиќки-шушумигиќки и тамари, мишеви-каракамишеви, додовки и ачковки, никовци и двоцевци, гишовци и рембранти …

Сметките се трупаат во папките на Заев. Ама тоа не се сметки само на една малоумна власт, тоа се дебели сметки на улични орди аморални пижиња и улични филозофи, „глумици“ и „професорки“ со изгорени коси, куртон новинари и неписмени директори, архи-тетки и лумпен-ѕвезди … Тоа се сметки за историјата, и иднината. Од вчера / денес натаму, светот ќе не’ учи како пример на држава-превара, на глув и слеп народ немоќен да се справи со стотина простаци на власт, тинтрани од уште толку самонаречени интелектуалци – писатели, уметници, бизнисмени, професори … – маскирани во некаков „крем“ на државата.

36.

Затоа, мислам, дека македонските разврски не смеат да останат на половина пат. Белки о(п)стана некое, некакво здраво ткиво во оваа држава кое што ќе може утре да побара да се платат сметките? Од сите, по име и презиме и на сите можни начини! Ако не – тука се студентите! Во нив, како што веќе покажаа, можеме да имаме доверба. Зашто, конечно, тие се тие што (ќе) си ја градат иднината.

Но, како и да е’, некој – или тие – ќе мора цврсто да застане пред сите оние кои биле директно, индиректно или со нечинење замешани во сите криминали што секојдневно ги гледа(в)ме, а еве денес и ги слушаме „во живо“. Почнувајќи од оној на Водно кој глуми дека не е од тука, преку МАНУ-овците закукулени во нивните кабинети, до секоја шуша во т.н. институции што одамна тоа не се.

„Еден ден“, вели во неговата поезија Ото Рене Кастиљо, „неполитичките интелектуалци од мојата земја ќе бидат испрашувани од најобичните сограѓани. Ќе бидат прашани што правеле кога нивната држава умирала бавно, како мило огниште мало и само“. Поезијата на Кастиљо не се прераскажува, уште помалку се „преведува“ во проза. Особено оваа песна. Иако допира и како проза, особено кај нас, денес. Зашто Кастиљо знае што говори. Го дал животот за својата земја. Го запалиле, жив. Нашиве „интелектуалци“ пак, се возат со автобуси и држат трибини, го организираат народот за борба против својата земја, против својот народ, против опозицијата. Која што била бесрамна во нејзините барања за подобра држава, за влаедеење на правото, за основни лични слободи, за ред и закон … Е не, тоа не чинело, подобро било цела држава да биде нивен заложник и тие да кажуваат што и како да се прави. А за што? За нивните бедни (иако многумина велат дека и не биле така бедни!) хонорарчиња, книгичка ваму – книгичка таму, документарци од по 500.000 евра, членство во некоја мочана комисија … Тука почнува и завршува нивната интелектуална борба за државата и добробитот на народот. Оние повештите ќе зграпчат и по некоја функција, како битолскион слаткар со секаква провениенција. Или баџанак му, шура ли му е, кој к.. му е којзнае, кој цел живот го помина со Македонија во устата и сребрениците во џебот? Каква неморална интелектуална бласфемија!

Затоа, еден ден, набргу, некој ќе праша: А што правевте вие додека државата ни умираше, полека? И конечно ќе им порача: Fuck off! А „вашата мизерија ќе ја глода вашата душа / И ќе бидете неми во вашиот срам“!!!

ЛУЃЕТО КОИ ГИ НЕМА

или

(И) ЗА МОРАЛОТ СЕ РАБОТИ, НЕЛИ?! (9)

31.

Токму на такви жугиќки-шушумигиќки и тамари, мишеви-каракамишеви, додовки и ачковки, никовци и двоцевци … мисли Јоши кога вели дека тие кои ги гледа всушност – не постојат. Ниту постоеле. Тоа се само некои сенки кои талкаат низ просториве барајќи стопани кои ќе ги оживеат, ќе им дадат форма и глас, ќе ги заповедаат, или – погалат? Можеби навистина на таквите им треба некаков / секаков „контакт“ – па нека е и измеќарски, можеби навистина им треба(ла) милозвучноста на она „говеда“ и заповедноста на она „да ги сотреме“, им требал некаков збор – па нека е и автократски? Зашто, ако можеби растеле во некаков нивен виртуелен свет без човечки однос, без чувства, без морал, тогаш и оваа и ваква „реалност“ им е рај на земјата. Инаку, каков и колкав монструм треба да биде некој за да така се нафрли врз смртта на едно хендикепирано девојче? И нејзините родители? И да се изживува, јавно, низ социјалните мрежи? Или да го шпарта ова парче земја со такви клетви во устата?

Тоа се луѓе-нелуѓе, сеништа на некое дамнешно неморално минато, нешто што сме мислеле дека е далеку зад нас, во некоја друга проколната историја. Призраци јадни и гадни, јавачи на метли и апокалиптични магариња без трошка свест и совест. Зашто, да ги имаа, ќе постапуваа ли вака? Ќе слугуваа(т) ли така поданички на бескрупулозни газди? А барем да се некои газди, туку и тие гологузи измеќари кои преку ноќ се збогатија на туѓата мака. Ене – ги слушаме. Што, како и кому да се смести; што, како и кому да се урне; кој и како да се понижи, како да се наплати власта. Современа македонска садистичка реалност!

Shadow People

32.

Ваквите сеништа по правило доаѓаат на крилјата на злото. На најтемното саруманско зло кое што ништи се’ пред себе, само и единствено во лична полза. Инаку, да не беше така, зарем не ќе ги знаевме пред десеттина години, зарем не ќе ги видевме на јавната сцена? Зарем не ќе ги препознаевме по нешто добро – барем ние повозрасните – по што и да е’: улога, песна, текст, збор …? Ама нема, ништо, нула, зеро! Затоа тие и чекаат вакви зла да го заиграат својот дивјачки танц на смртта. За да оживеат, да им се придружат, да си ги облизуваат крвавите раце и усни со туѓа крв. Бал на вампирите? Можеби!

Постоењето не е и не може да биде само збир на прости механички функции сведени на елементарните потреби на единката. Постоењето подразбира и постојано надградуван склоп на мисли и чувства, на активен однос кон реалноста, на лични и општествени норми. Инаку, која би била разликата помеѓу глутницата и општеството? Кое и какво е тоа „општество“ каде се оркестрира една ваква абнормална и до крајни граници первертирана стварност?

Но, можеби, тие и такви жугиќки-шушумигиќки и тамари, мишеви-каракамишеви, додовки и ачковки, никовци и двоцевци … не се нашиот голем проблем. Тие биле и – не биле, тоа се молци за една ноќ привлечени од светлината на злото. Како дошле – така отишле. Ниту едно општество не може да биде посериозно инфицирано од клиентела од таков долен вид. Тоа се дури и бенигни инфекции, тераписки решливи со ударни пеницилински дози. Зашто, зад овие не се реди и не може да се реди никој! Тие се редат зад Злото, ама и се проретчуваат. Тие не можат да привлечат и повлечат, зашто токму тие се повлекувани и привлекувани. Оттука, тие се нашата најмала грижа. Ги нема, не постојат! И – како и да не постоеле!!!

33.

Дури, ние немаме (пре)голем проблем ни со материјалните отпадоци на ова Зло, сите оние идиотштини распослани низ центарот на Скопје, оние малоумно пресоблечени објекти што некогаш беа гордост на овој град, оние мостчиња со тролчиња и хорор музејчиња. Нормален народ со тоа се справува за 24 часа.

Она што македонското општество го разјадува од самата срцевина, она што дополнително го турка во невиден неморал и хипокризија, се неговите божемни елитни претставници, оние таканаречени мудри и умни глави кои со децении седат во највисоките државни институции, полека побелувајќи во косите и неповратно луфтирајќи ги главите. Оние кои овој народ ги плаќа, секој божји месец, да му нудат излез од проблемите, да го советуваат, да го водат … Оние исти МАНУ-овци кои денес бараат да се оди преку институциите на системот. Кој систем, кои институции? Па излезете, „мудреци“, и покажете го тој систем, и тие институции? Можеби овој народ навистина е слеп и не може да ги види. Ама, нели вие гледате и повеќе и подалеку – а и би требало, за сите тие пари што ви биле дадени – па ајде осмелете се и излезете на улица, нека е и со вашите бројаници во рацете, и посочите им на луѓево каде да тргнат. Од Уставниот суд, па – каде? Посочете им ги на луѓето и процедурите, Уставот и законите, и потврдете им дека на тој пат ги чека Правдата. Ако сте навистина толку сигурни. Ама не сте, и тоа го знете, ама уште калкулирате. Како најдолни бабетини, а не како академици достојни на својот народ.

Или осмелете се или, конечно, соберете се и одете си. И од тоа МАНУ, ама и од македонскава историја, зашто и онака – ве нема! И не може да ве има со вакво неморално однесување. И не може да ве има со таква дволичност, со таква хипокризија, со таква подлост.

Зарем е можно од толкумина наводно умни луѓе – писатели, уметници, општественици, правници, економисти … – еден да не стане да праша: а кои институции, а кој систем, а кои процедури …? Зарем е можно дека сте отидени таму само и единствено за да заработите уште некој дополнителен денар врз грбот на овој народ? Толку ли сте залегнати во комформизмот и топлината на сопствениот неморал, па не можете да видите што се случува надвор? Треба ли народот да почне да ве прозива по име и презиме, да ви ги извади сметките колку сте не чинеле сиве овие години и што за возврат сте вратиле?

Еднаш ви беше простено што сакавте да ја делите државава сосе народот во неа. Мислите дека повторно ќе ви се прости?