Северна Пироманија

Ние – или јас, како сакате – би биле „среќни“ кога Универзална би била првата и последната пироманска катастрофа што ја погодила оваа држава. Да, би ни било жал, но ако тоа е „курбанот“ за нормална држава… Ама не е, зашто со неа веќе триесетина години владеат политикантски пиромани кои „палат“ сѐ што ќе стигнат. Затоа посоодветно ќе беше да се прекрстевме во Северна Пироманија, а не во Северна Македонија. И, како Нерон, да направевме камерен оркестар од оние клиентелистички барабани и вувузели, што ќе ја свиреше химната за време на секој „пожар“ што го подметнаа и ќе држеа „служба“ за Бугарите во Уставот. Историјата никогаш не го потврдила фактот дека Нерон свирел на виолина за време на големиот пожар во Рим, но како пандан на нашиов државен „пожар“ звучи интересно. Но, од друга страна, историски факт е дека од тој пожар во Рим (64 г. од новата ера) „славиме“ јубилејни 1960 години!

А историски факт е и дека не е точно дека „подземјето сака победа на избори“ – како што соли памет една „госпожа“ – туку дека актуелново про-ЕУ „прогресивно надземје“ осум години инсталира криминално-коруптивна стравовлада на којашто би позавидело и „подземјето“ на „Големиот Ал“!

Поточно, кога би ги наброиле сите нешта кои фактички, но и метафорчки, ги „изгореа“ овие политикантски пиромани, листата ќе биде дури и подолга од она што изгоре во тој пожар во Рим, наводно подметнат токму од Нерон. А тој, големиот римски император, сакал само да си ја изгради „Златната куќа“ (Domus Aurea). Ама нашиве пиромани не сакаа(т) да изградат „Златна држава“ зашто со нечисти раце не се гради држава, особено не – златна! Тие, секој одделно, сака „златна куќа“ само за себе! И нивните златни куќи да ја глумат – златната држава.

На почетокот мислевме дека го плаќаме данокот на политичкото и државничкото неискуство, на политичката и државничката „неписменост“ но и неспособноста на одделни „кадри“ во континуитет наметнувани од партиите. И дека првичните пожари се инциденти, или детски болести, што бргу ќе поминат. Испадна дека тоа била страотна пандемија на неукост, неспособност и пироманија, но и на макијавелистички план постојано да се биде во власта. Одамна нема инциденти – има само планови, локални и/или меѓународни, колку сето тоа и да звучи песимистички или заговорнички.

Зашто, ако веќе говориме за пироманите во акција, потсететете се што сѐ „изгореа“ – буквално и метафорички – во овие три децении. Од онаа лесно запалива „приватизација“, па тајванската милијарда (која исто така „вивна“ како во пожар!), па етничкиот пожар во 2001 година, па онаа бучковистичка катаклизма, па „Беко“, „Скопје 2014“, зградата на Поштата, Калето, „Шар“…, меѓународните „договори“ и „француската рамка“, „Бехтел и Енка“, „прогресивното“ цунами… и сега – Универзална! Каков Нерон, „какви бакрачи“, може само вода да ни носи за гаснење на нашиве пожари.

А дојде, неочекувано и за пироманиве, и нов пожар: Македонија е „цикличен хибрид“ заедно со Црна Гора во однос на правото и борбата со корупција, вели никој друг туку „Фридом хаус“ во годинашниот извештај за земјите од целиот свет. Што ќе урлаат сега во кампањава „прогресивнине“ Пендаровски, Ковачевски, Османи, Маричиќ и остала братија? Дека и „Фридом хаус“ е потплатен од опозицијата, дека е вклучен во нивните лажни вести, темпирани за овие избори? Или, како онаа нивна шушумига, сега проблемите што ги посочува „Фридом хаус“ ќе ги остават во наследство како „добра почетна основа за следната влада“ (sic)! Нема врска што сето она што го говори „Фридом хаус“ се однесува на оваа влада, на оваа криминална коалиција. Тие горливите нешта ќе ги остават – за другите!

Се разбира, колкумина кај нас (ќе) го читаат извештајот на „Фридом хаус“? Малкумина, дури ни политикантиве на кои тој се однесува. Овие политички пиромани тоа не ги интересира знаејќи дека македонскиот граѓанин денес нема време да се занимава со такви софистицирани нешта каков што е „Фридом хаус“ и, како што таму велат, „предолгата наперченост“ на оваа власт кон опозицијата, на „бесконечното одложување на парламентарната сесија“ за уставните измени од страна на спикерот Џафери, за „неменувањето на изборната рамка во 2023“, „стравувањата за перспективите на журнализмот“ во земјата, за „судовите како најкритикувани и недоверливи институции“ како и непотизмот во нив, за генералната јавна скандализираност во врска со „смртоносниот пожар во 2021 година што ја уништи времената COVID-19 болница во Тетово и обвинувањата за висока корупција на државната Клиника за Онкологија“, итн., итн.

И, се разбира, „широкиот јавен скандал“ со „неочекуваното воведување на амандмани на Кривичниот законик што ги намалуваат казните за злоупотреба на службената должност…“! Само што кај нив се редат пожар до пожар, па после „Фридом хаус“ дојде и „Светска банка“ со податоците дека нивната Северна Пироманија е најголемиот економски „пожар“ на Балканот, дека економскиот раст не е ни за спомнување. Па уште и на Ивица Челиковиќ му требаше да им го поттурне она (по)жарчено за македонскиот јазик – оној „зацементираниот“, нели – во ЕУ, со што така се гордеат Пендаровски, Османи и Ковачевски.    

И наспроти сето тоа деновиве преку циркузантскиот предизборен карван ќе го слушаат оној како се провикнува од теретаната „ние направивме многу“ и не можете да си верувате на ушите. Па и на очите, ако баш сакате, зашто сме биле не само глуви туку и – слепи. Колку пати дозволува(в)ме да бидеме излажани и манипулирани, уште колку лаги и приказни, но и „пожари“, можеме да поднесеме во име на таа ЕУ од којашто само криминалциве се офајдуваат толку години на ред? „Инвеститорите доаѓаат во држава во која гледаат стабилност и сигурност“, упорно се дереше истиот, заборавајќи дека ни тој ниту неговиот претходник-прекупец не сакаа, ама и не умееа, да обезбедат ни минумум ред, мир, стабилен систем и демократична атмосфера, стручна и компетентна администрација, правен поредок за тие инверститори. Бившиот министер на полицијата сега нуди нула толеранција за криминалот и корупцијата, онаа гревка од ЛДП дели бесплатни оброци а фамознион Филипче божем од својот џеб се расфрла со бесплатно студирање и високи плати, оној, повторно од теретаната, ќе нѐ правел акционери во енергетскиот сектор… итн.! Пожар до пожар, од луд полуд, од безобразен – побезобразен.

Ја опожарија, ја уништија цела држава, цел народ, цела една милениумска култура… Тоа не е „подвиг“ за потценување, токму како за на избори. Ако се уште има кој да им верува. И да ги гласа.

А Нерон? И тој, слично на нашиве, кај римските историчари останал запаметен не само по големиот пожар, туку и по бескрупулозното трошење на пари за „капитални проекти“ („Бехтел и Енка“?), по финансиското исцрпување на провинциите и сл. И завршил со damnatio memoriae – бришење од јавната меморија на Рим – што ќе им се случи и на нашиве „прогресивци“!

Leave a comment