„НАШИОТ“ НАРОД

1.

„Нашиот народ е мирен, спокоен, семеен … и не дај боже да му брцнеш во око или да го излажеш …“, така некако велеше „премиерот“ во последниот му говор. „Министерката“ пак од „мвро“-то со слична интонација не подучи дека оние другине, оние не-патриоти се свесни дека кај нашиов народ „… нивната приказна не поминува“! И се изнаслушавме, и ќе се изнаслушаме уште многу „мудрости“ за карактерот / табиетот на „нашиот народ“, од различни аспекти. Дури и за неговиот генетски код, откриен од битолскион слаткар во улога на режисјор. И, некако, сите му го знаат табиетот на народот, сите знаат што сака а што не сака, сите (а особено политичарите) знаат што тој „наш“ народ мисли, и конечно – сите (божем) се трудат како да му угодат. Иако токму овие полни девет години, иако токму овие кои денес држат говори, не само што му брцаа во очи туку и умот му го зедоа, особено „патриотиве“ кога наплаќаа(т) по амерички или јапонски цени.

2.

Не верувам дека воопшто постои таков хомоген народ каков што го мислат политичариве. Тоа, особено, не може да се однесува на македонскиот народ. Зашто, кога велат „македонскиот народ“, на кого и на што мислат? Дали се тоа, на пример, оние „ антички македонци“ од првата не така одамна наметната поделба? Или е тоа остатокот од оние „словени“ и останата боранија? А Илири, има или нема, или друг се грижи за нив и тие не спаѓаат во „нашиот народ“? А Ромите, или како ли ги викаше онаа малечкана? А „небескиот народ“ и неговите припадници овде, на чело со земјоделецон во Министерството за култура (еееј, што работа им заврши тој таму на неговите браќа)? Сето тоа не само што ја побива тезата за некаков „наш“ народ, за некаква хомогеност, за некакво познавање на луѓето. И повеќе говори за научени на памет (деветнаестовековни) флоскули што, можеби, палат кај само еден дел од тој „наш“ народ.

Од друга страна, ние всушност и не знаеме како би се препознавале меѓу себе кој е кој, и кој е – што? Дали ако сите, како Хорхе онојпат, ставиме антички шлем на глава и мафтаме со сонцето од Вергина, автоматски стануваме „антички македонци“? А останатите се само словенски и некакви други македончиња? И остала боранија? И дали, како новооткриени наши браќа ќе ги сметаме оние од Белизе, Лугано … и другите од оф-шор дестинациите? И во која категорија на „нашиот“ народ ќе ги сместиме?

Па понатаму, дали поделбата на патриоти и издајници е подеднакво маркирана со некаков знак (на чело, на гради, на нозе …?), видлив односно препознатлив за сите, или пак има некаков таен поздрав, некакви шифри и движења според коишто луѓето се препознаваат? Или, можеби, постои – и мислам дека тоа е знакот – некаков новоговор што ги разделува едните од другите, ги калкулира во дадената категорија? Тоа е, веројатно, оној тип новоговор присутен на одделни (национални) телевизии, во некои пишани медиуми, оној новоговор кој тера се у п.м. и најчесто го слушаме и низ актуелните „бомби“ на опозицијата!

Впрочем и зборот „опозиција“ е само уште една можна поделба контра замислената хомогеност на овој народ, како антипод на зборот „позиција“, подразбирајќи тука пред се’ – власт. Иако зборот „позиција“ не влегува во онаа прва категорија на суштествени карактеристики на еден народ, кај нас е сепак поинаку. Кај нас овој збор значи се’: остварување на желбите, седумка на лото, златна рипка … кај нас зборот „позиција“ во последниве години стана синоним за carte blanche за лажење, крадење, мамење, фалсификување … Но и еквивалент за неспособност, неукост, неумешност, неписменост, тупавост, глупост …!

3.

Затоа, кога политичариве велат „нашиот народ“, на што точно мислат? На сите два милиони граѓани, иако со различно етничко потекло но со (изгледа) еднакви или слични генетски всадени карактеристики? И кој тоа, и како, ќе не селектира? Слаткарон Ламброзо од Битола?

Или, сепак, кога ги велат овие нешта мислат само на нивното членство и, евентуално, на нивното гласачко тело (што денес е веќе тооолку релативизирано со актуелните „бомби“)? Но, дури и во таков случај, никако не би можело да се рече дека сите мислат исто, дури и помеѓу членството, дека баш сите се некаква хомогена (генетска) целина, зашто, еве, и таму се јавуваат некакви други „патриоти“, некакви други „водачи“.

Оттука, не знам од каде им е таа убеденост дека „го знаат народот“, дека тоа што го велат се потврдило низ некаква историја, поблиска или подалечна. „Народот е нашата сила“, велат. Не е точно, се покажа дека силата е во манипулацијата, измамата, фалсификатот, исклучувањето на лифтовите, влечењето за уши … Ако веќе говориме за македонскиот народ, попрво би се обложил дека сето погоре изречено, па и она неизреченото или што ќе биде допрва изречено, нема ама баш никаква врска со реалниот народ. Зошто?

4.

Прво, мислам дека хипотетичката слика за некакви национални карактеристики, особено оние од типот што сакаат да ни ги наметнат  „политичарите“ кога сакаат да не’ одоброволат, нема врска со вистинската реалноста. Овој народ тоа многу пати го покажал и го докажал. А ако овој (само) двамилионски народ не можете да го подветете под едно равенство, како ли ќе се справите со народ што брои педесеттина, или стотина (да не речам една милијарда!) милиони „души“? Какви ли карактеристики би им пришиле нашиве актуелни „политичари“ на една (и нешто повеќе) милијарда кинези? Освен дека имаат преубава кујна, ама и тоа не е точно, зашто има огромни (и суштински!) разлики меѓу кинеските кујни, зависно од регионот од којшто доаѓаат. Впрочем, како и кај македонската кујна, којашто не е иста во Скопје и Гевгелија, во Охрид и Берово, што ќе рече на растојание од некакви пишливи стотина и пет-шеесет километри.

Не знам дали некој друг во овој и ваков свет толку се бави со „својот“ народ, сакајќи да го карактеризира и категоризира, да го сместува во (фиктивни) фиоки и полици, да го нарекува со секакви имиња. Ни постоел ниту пак може да постои таков хогомоген народ за каков сонуваат актуелниве македонски „политичари“. Ни постојат, ниту пак можат да постојат некакви национални карактеристики што би му биле својствени на „нашиот“ или кој и да е’ друг народ.

На пример, ние сме биле гостољубиви! Види богати, а другите – не се? Или ние сме имале одлична храна! А другите – што, тие јадат лишаи, или пасат трева, или ние стигнавме да им кажуваме за храна на французите, или италијанците, или индијците …? Па, ние сме биле весел народ! А дугите нон-стоп плачат, што ли? Ма ајде богати, нека излезат малку по улициве да ги видат тие „весели“ лица како се мислат како да врзат крај со крај во денот, за месецот да не говориме!!! Или, ние сме имале богата историја? А другите – немале, нивната историја да ти била сиромашна? Мислам, убаво е човек да си ја сака земјата, да си го цени „нашиот“ народ, ама да тресе вакви глупости, како да сме сами на планетава?

А зошто пак вистинскиот „наш“ народ да не е оној што вандализираше пред и околу Општина Центар силувајќи го донесувањето на ДУП-от за (скриените) интереси на нивниот пастир? Или оној „наш“ народ од далаверите на изборите во Струмица – сега обнародени – или од Центар, или …?

shepherd-and-flock1

5.

Меѓутоа, мислам дека тие дури и не мислат на сето ова. За нив е битно овој „наш“ народ да е мирен, спокоен, семеен (што ли и да значи таа будалаштина, дека имаат по три гладни деца, што ли?!) … да гласа за нив и да не прашува многу. Особено – да не верува на неверниците, односно издајниците, односно непатриотите. И на „бомбите“. Да му верува само и единствено на Пастирот, зашто сите други му брцаат во око, го лажат, го крадат, му купуваат парцели, му ги кријат парите по оф-шор дестинации … За жал, мислам дека дел од тој фамозен „наш“ народ токму така и се однесува. Не знам во колкав процент, зашто кај нас бројките се веќе толку релативизирани што ни Ајнштајн не би ги средил, ама десетина проценти се сигурно под таква анестезија. И тука нема помош, тоа е (сепак) привремена состојба на несвесност, нечувствителност, отсуство на примарни функции, губење на меморија …

Оттука, сигурен сум дека тие мислат само на „својот“ народ, оној кој го посвојуваат, буквално го приватизираат заради идејата дека токму тој му  носи барем дел од „победата“ на избори, какви и да се. Му одработува, ако ништо повеќе. Иако знаат дека, генерално, се’ е лага – како што впрочем и се покажа. Па останува само оној „наш“ народ што (ќе) се собира влечен за уши на последните партиски собири, оној страден народ за сендвич и сокче, за вреќа брашно, за кутија зејтин. Зашто, впрочем, тоа е и најдобриот модел да се има „свој“ народ: осиромашен до гола егзистенција, подложен на лаги и манипулации, особено на поткуп, на приказни за некакво славно минато и горделиви предци, иако ништо од тоа никогаш нема да се повтори. Како што впрочем никогаш и не било, освен во приказните и новокомпониранава историја на Ачковска и остала „научна“ булумента! Та да имаше Македонија тооолку комити и тооолку херои, зарем ќе останеше пет века под турско ропство?

6.

Затоа, без оглед кој и како ќе го толкува, не би можел да се идентификувам со тој „наш“ народ, со оваа анестетизирана толпа водена од полуписмени преваранти. Со целото разбирање за економските тешкотии – коишто, патем, се резултат токму на нивните „водачи“ – тој „наш“ народ ќе мора еднаш да се свести и излезе од историската стапица во којашто го фрлиле. Ако мисли тој нивни народ дека може да се живее од митови и легенди, од бронза и стиропор, нека продолжи и понатаму. Со среќа, иако таа никако нема да ги следи! А за тоа време нивните водачи ќе купуваат планини и долини, згради и фирми, од езера ќе прават мориња … се’ за благосостојбата на нивниот народ овековечена во сендвичот (со маргарин или паштета?) и сокчето. И, евентуално, сликањето пред Ацета, среде „метрополата“!

Тој и таков нивни народ не може да биде вистински репрезентативен примерок на нашиов народ. Ако тоа, преку измами и лаги, било толку години наметнувано како идеја за македонскиот народ (подразбирајќи ги тука и сите други кои живеат во земјава), тогаш таа приказна мора да престане. И тие и „нивниот“ народ нека си најдат некој друг народ да го малтретираат.

Leave a comment