ФАЈРОНТ

1.

Ако кај нас јавниот обвинител, а во врска со објавувањето на материјали од ПИМ на интернет, вели: „Во врска со објавување на материјали на такви мрежи, надлежното јавно обвинителство до надлежните институции има издадено наредби да се открие дали материјалите потекнуваат од посебни истражни мерки и дали се соодветни со некакви истражни мерки, односно кој и како ги поставил таму и, од друга страна, исто така, до надлежните институции дадени се наредби да се отстранат таквите материјали, без разлика од каде потекнуваат, и да се спречи натамошно објавување“; ако „претседателот“ на државата смета дека, во ваква криза, „Советот за безбедност не е ниту собраниска комисија ниту јавно обвинителство“ и ќе го свикал кога ќе добиел „… збирни податоци информации од надлежните институции“; ако мишеви-каракамишеви сега велат: „Правото да се има слобода на мисла и слобода на говор, како и слобода на политичко уверување е неприкосновено човечко право“; ако една друга професорка плачно вели „Премиере, ние не сме против Владата“; ако цела Влада се прави мутава за сопствените криминални зделки и говори за „конструкции“, „сецкања“, „лепења“ … наспроти здравиот разум и сетила на сите нас; ако една „г-жа“ – мајка и жена – толку години глуми министерка, па уште за култура; ако (не)културните работници протестираат против опозицијата; ако некојси Миле (от Прилеп) брка луѓе од работа и укинува музеи; ако за еден „претседател“ на МАНУ оваа македонска монструозна реалност е само дневна политика и ја препушта да ја „решаваат институциите“, а осумдесеттина подеднакво умни, ако не и поумни од него, “академици“ молчат како глувци; ако еден Коле Манев, одамна бел во главата, вели дека „Никој не знае зошто од волшебните фрески во Помпеја се’ до појавата на италијанската ренесанса владееше дванаесет вековна ликовна штама“, а еден „новинар“, и тој подеднакво бел јавно измислува зборови од типот „скулптурство“ ; ако може премиерот, онака ноншалантно, божем од свој џеб, да му даде 2.5 милиони евра на едикојси режисер за едикојси филм; ако веќе секоја будала може да излезе и да тртља што сака а новинарите веднаш му ставаат микрофон пред фаца … мислам дека сме зрели за – фајронт. Зрели, презреани!

2.

Ако во една држава, една партиска врхушка функционира како мафијашка организација за којашто не постојат ни институции, ни судство, ни јавност; ако во оваа и ваква држава надлежните институции сосе „министерот“ и „лекарите“ на чело оставаат едно деветгодишно девојче да умре заради нивна негрижа; ако во една земја примената на сите закони, вклучувајќи го и Уставот, зависат од два-тројца луѓе; ако во некоја држава една партија ја јавнала државата, а народот го трансформирала во клиентела поделена на „наши“ и „нивни“; ако „интелектуалците“ во една држава се малоумни до тој степен што не умеат да разликуваат бело од црно; ако во една земја континуирано и најбезочно се крадат избори; ако … тогаш некој мора да објави фајронт и да ги изгасне светлата! Зашто ова веќе не се трпи, а и нема сврха да продолжи до недоглед. Чуму?

Затоа, мислам дека од некаде мора да се појави конобарот и да ја донесе сметката, мора да излезе шумарот и да ја растера оваа глутница, мора некој да направи нешто сериозно зашто ова ќе оди во недоглед. И воопшто не е битно кој ќе биде тој некој – конобарот, шумарот, медијаторот – битно е оваа агонија да заврши. Зашто, сето ова веќе нема смисла. Не дека бомбите не се, или нема да бидат убоити, ама барабите носат панцири. И уште ја држат за м… цела држава. И не пуштаат! Од горе до доле, од десно до центар, од најголемине будали ала „домобранине“ до цела една Македонска академија на науките и уметностите продадена за 35.000 денари. По „академик“, (месечно, се разбира)!

Волшебното стапче кај нас одамна е загубено, ако воопшто и сме го имале. Целиот општествен живот – политички, културен, научен, образовен … – е сведен на лага и измама, и трка по пари. Кој колку може, и како може. Ако човек може дури и да ги разбере помладиве наакани „домобрани“, зарем и на МАНУ-ковците им се се’ уште толку битни денарите? За што? Ќе ги носат во Бутел?

3.

Ако ние не сакаме да разбереме дека ни е неопходна една Лаура Кодрута Ковеси; ако граѓаните се’ уште не можат да разберат дека не можат две-три будали да им го упропастуваат градот само заради нивните инфантилни лични комплекси; ако кај нас се’ уште нема свест дека не може секоја шушумига да биде министер, а секоја лејка универзитетски професор; ако ние не сакаме да се справиме со еден прилепски простак кој мисли дека баш така може да дојде во Скопје и да ни ја е.. мајката; ако дури и во опозицијата има такви што мислат дека ова што ни се случува е затоа што не сме во ЕУ (а да бевме, немаше да ни случува?); ако … тогаш ние не сме ни зрели за држава. Ама зрели сме за фајронт. И за ремонт, генерален. На сите рамништа.

Само не знам кој ќе го прави ремонтот? Ако се потпреме на оние кои Мисини сака да ги види како малкумина „херои“ во сегашните институции – ама кои преспаа цели девет години извршувајќи секакви гнасни наредби – тешко дека ремонтот ќе биде успешен. Ќе подзаборават некои витални делови, ќе поврзат погрешни жици, ќе доупропастат се’. Ако опозицијата не игра на картата на некомпромитирани (ама не онакви од типот на пребегнатите им пратенички!); ако не се воведе строг стручен и професионален филтер што однапред ќе го сопре можниот талог од типот на милевци, канчевки, ирени, стевчовци …; ако пак почнат да се влечкаат ко црева фамилијарни и пријателски врски; ако пак почнат „широки“ или не знам какви коалиции со лилиња и павлиња, со зиковци и слични шутрачиња – е тогаш ќе играат само едно лето. А ремонтот ќе создаде само нов монструм!

КЕЛНЕР

4.

Но, прво мора сериозно да се одсвири фајронтот. И да се наплатат сметките. И домашните, ама и странските, оние низ сите белосветски оф-шор дестинации. Сето испумпано надвор мора повторно да стане домицилно, а оберконобарот потоа да почне да ги наплаќа домашните сметки. По азбучен ред, и по дејности: од градежна (инфра)структура до култура, од олигарси до издавачи, од лекари до пекари … Колку за пример, ама и за долго паметење! Инаку, се’ ќе биде залудно – и „бомби“ и ровови и митинзи. Не знам дали е добро оберкелнерот да биде странец зашто тие се во принцип попустливи. Не’ гледаат како малоумни, заостанати, испрдоци … и ни попуштаат и ни одбиваат на глупост. И си оставаат простор и за понатамошна работа. Затоа, фајронтот мора да го обзнани и процесуира домашен еснаф човек, добро запознаен со сите марифетлуци на барабиве. Од најгоре, до најдоле. И кога ќе подвлече црта – да е подвлечена. Со црвено!

1 thought on “ФАЈРОНТ

Leave a comment