Олаф (повторно) меѓу нас

Претпоставувате ли што ќе им напишеше проф. Марјановиќ на германцине да беше жив? Не? Јас – да. Ќе ги отераше таму каде што им е местото, онака елегантно, мудро, елоквентно, професорски… Што само уште еднаш докажува – и едновремено ја побива онаа ступидна теза на еден наш селски даскал  – дека и „малите“ народи и „малите“ држави често имаат поумни интелектуалци од „големите“ сили. Што е многу подрагоцено богатство од сето нивно оружје. Поточно, многу е поубоито – зашто зборот знае (и) да убие, како што велеа и Миљковиќ и Конески – и светот повеќе го цени.

Бидејќи „пука зборот како камшик“, (Миљковиќ), „знае да каса, да клоца, да мава“, вели Конески. За жал, повторно, кај нас нема кој да пукне како камшик, да касне, да клоцне и да мавне – ако треба – како професорот. Ни како Варуфакис. Сигурен сум дека професорот ќе умееше да ја смести на соодветното место и оваа сурија негови „колеги“ – особено од фамозниот Правен – кои се како пијавици закачени за оваа власт и цицајќи се лигават на сите страни за „победите“ на нивните газди. Не гледаат дека овие се споулавени од казната што им доаѓа.

И, повторно, за жал кај нас има сѐ помалку луѓе како професорот – врвни научници во својата професија, големи демократи и космполитски политичари – кои се водени од цивилизациските стандарди, граѓанските права и моралните норми. Ги нема ни на едната ниту на другата страна. Особено овие македонски „прогресивни“ сили во власта се навистина леви, но во онаа друга смисла. И секој втор збор им е фашизам, неофашизам, национализам…, небаре тие се разликуват од тоа. А се социјалдемократи колку што тоа бил и Сталин. Или колку што е Олаф. Зошто Олаф? Ќе ви кажам подоцна.

Затоа и случајов со Deutchland uber alles доаѓа во вистинско време. Не само да го покаже „слободарскиот“ дух на оваа и ваква ЕУ – кон која стремиме, нели – туку и да им ги затне муцките на овие нашиве слепци кои пелтечат за нешто што тотално не го разбираат. А циркусот во Германија да биде уште поголем, еден од најрадикалните германски политичари, Бјерн Хеке одговара на суд поради употреба на забранети националсоцијалистички слогани. Па има ли поголем националсоцијалистички гест од апсолутната забрана за влез во Германија на еден врвен интелектуалец од форматот на Варуфакис само заради изречените критики на сметка на таа власт?

Зашто, да речеме дека не е проблем само Варуфакис, па дури ни д-р Гасан Абу Сита, хирург кој исто така требал да држи говор на „Палестинскиот конгрес“ во Берлин и кого, исто така, германските власти не го пуштиле да влезе во државата. Но слична „демократија“ се повтори во вторникот и во Брисел, со обид да се спречи конференцијата на европската десница, со присуство на Орбан, Фараж, Суела Брејврман, Ерик Земур и др. Проработи на дело познатиот фламански „cordon mediatique“ – приглупа „стратегија“ дека е подобро зборот на десницата да не се слушне во јавноста.

А тој сепак се слуша, со вакви методи уште погласно. И добива приврзаници. Зашто, ако не знаете, ако не умеете аргументирано да се спротивставите на зборот на десницата, зарем забраната е соодветното решение?

Ако пак европската, па и светската вистина – односно „вистина“ – има само една страна, зошто ни е тогаш таа „вистина“, а особено од оваа и ваква ЕУ? И кој тоа ги претплати „нашиве“ (божем) стратешки партнери на таа „вистина“? Или, ако баш сакате: зошто ни е таа ЕУ-еднострана, слепа „вистина“ кога ние и овде имаме таква, па и послепа од нивната? И тоа е таа „светлина“ што ни ја нудат Ковачевски, Пендаровски, Османи и остала братија, или попрво се вика – мрак?

Но, „не лези враже“, токму Олаф, „главом и брадом“, во четвртокот се појави меѓу нас – поточно: меѓу неговине “прогресивци“ – за да ни ја каже неговата „вистина“ и да нѐ упати за кого треба да гласаме на претстојните избори. Сите собрани во Музејот на современата уметност, нашине „прогресивци“ за прв пат во животот таму – па не смееа ни да влезат туку стоеа надвор – а Олаф преку видео порака ни вели: „Димитар Ковачевски, Стево Пендаровски и Социјалдемократскиот сојуз на Македонија покажаа голема решителност да ги надминат надворешните и домашните предизвици и да ги преземат неопходните чекори за изградба на посилна, попросперитетна Северна Македонија.“ И понатаму: „Поддржете ја европската иднина на Северна Македонија, иднина на која сите се надеваме, давајќи го својот глас за СДСМ, со Димитар Ковачевски како премиер и Стево Пендаровски како претседател.“

Се разбира, секој нормален граѓанин на државава, освен „прогресивциве“ и нивните коалициски партнери, ќе се праша: ова ли е вистинскиот Олаф Шолц или негов двојник, ова ли е истиот германски канцелар кој, како еден од највлијателните двајца државници во ЕУ, ги потпишуваше оние годишни извештаи за државава? И во кои не се говореше за просперитетна и силна Македонија туку за криминално-коруптивна бандитска енклава на Балканите? За мафијашка „држава“ во којашто се неопходни административни реформи, независно судство, силна борба против криминалот и корупцијата во највисоките врвови на власта…, а којашто требаа да ја донесат токму спомнатине „фаворити“?

И сега бара од нас да ги гласаме истите што се директно одговорни за катастрофалните состојби во земјава?  Тогаш, која е неговата „вистина“: онаа во извештаите на ЕУ за „државава“ или оваа што безобразно ни ја сугерира преку видео порака? Или во оваа и ваква ЕУ на Шолц, на оние политикантски џуџиња во Брисел, па и на Макрон, постојат толку вистини колку што ним им се потребни, но не и онаа на Варуфакис?

И која е вистинската вистина за Македонија? Онаа на Ковачевски, Пендаровски, Османи…? На Радев и компанија?   

Се разбира, некој – ако смее гласно, ако не во себе – ќе се праша и дали е ова оној ист Шолц, германски канцелар, наследник на Меркел, кој забранува влез на интелектуалци во неговата земја бидејќи, ете, тие имаат намера да ја критикуваат германската политика, кој, следствено, на самите германски граници ги узурпира темелните човекови права на слобода на говор… итн.? Ама не се срами на македонските граѓани да им држи лекции кој од оваа криминална банда овде повторно да биде гласан?  

П.С.

И штом повторно ни го предлага, го прашал ли, можеби, г-динот Шолц оној Пендаровски – бидејќи, нели, се уште актуелен претседател – знаел ли за бесрамните манипулации на неговиот министер за надворешни работи Османи со некакви резолуции? Или не мора да знае, ама треба повторно да ни биде – „претседател“?

Leave a comment