„Биполарен“ соживот

Ние никако не можеме ни да насетиме, а уште помалку да знаеме  – зашто тоа низ овие години се покажа невозможно – на што мисли оној од Водно кога вели дека „соживотот е наша најголема вредност“. И од кога тоа ифтарските вечери се „можност за негово продлабочување“ кога тие се ништо друго туку само добро смислен театар на „дружба“ на политичките врхушки и по некој „важен“ странец. Тука почнува и тука завршува тоа „продлабочување“.

За жал, наместо фингираното „продлабочување“, стварноста, но и политиката, говорат нешто сосема друго. А овие избори тоа ќе го изострат до невидени размери. Дури и во „соживотот“, реално биполарен, и во буквална и во метафорична смисла.

А во почетното“ „загревање“, едно соопштение на албанската опозиција ВРЕДИ му промакнало на нашион Пинокио. Во него се вели: „За среќа, Албанците не забораваат. Затоа, дојде време луѓето инкриминирани во антинационални постапки, да бидат казнети преку гласање, како најдобар инструмент за одвојување на измамникот од чесниот“. Нивниот таргет во ова соопштение е никој друг туку „славниот“ Бујар Османи и некои негови – селектирани, секако – лаги од предолгиот список во неговата политикантска кариера.

Се разбира, јас би бил невиден морон ако, после сите мои споделувања на застрашувачката неукост и политичка неспособност на тој лик, сега застанам во некаква негова одбрана. Секој треба (не само) политички да си одговара за постапките, а особено за криминалите што ги правел низ животот. А овој тип, како што тргнало, и не само заради погореспомнатото соопштение туку и заради отворените обвинувања на Изет Меџити, досега требал да заврши на некое прилично непопуларно место, а не на листата на претседателски кандидати. Доволно штети направи и како министер за надворешни работи на Македонија! Ама „прогресивциве“ знаат подобро, нели?

Меѓутоа Османи овде воопшто и не е важен зашто во „соопштението“, видливо потенцирана, „боцка очи“ една друга поента: онаа јасно акцентирана и наречена – „антинационални постапки“. Не гледам дека е потребна којзнае колкава мудрост да се „прочита“, и разбере, точното нејзино значење. Или, ако сакате, единственото можно „читање“ на тие „антинационални постапки“ во општиот контекст. Тие, де факто, не се оние од „соживотна“ национална провениенција туку се гревовите против етничката кауза, албанското „национално“ чувство и постапките/однесувањето што не се компатибилни со него. Сето друго е неважно, маргинално, простливо, дури занемарливо и заборавливо.

Се разбира, ваквиот наратив е дел, важен или дури најважен дел, од една политичка логика и пракса, што ги прави „легитимни“, иако сведени на премногу „редуциран“ етнополитички светоглед. Тоа е дискурс што нема врска со совремието, со дваесет и првиот век, со демократијата…, ниту пак повикува на некаков – соживот! Но, повторно, има цврст легитимитет штом е така помпезно најавен. И иако сосема доволна да внесе првична забуна – да не речам сомнеж – оваа формулација дополнително збунува со придавката „инкриминирани“ пред „антинационалните постапки“. Кои се, какви се тие „инкриминирани антинационални постапки“, постои ли некаков партиски (или етнички) список на истите, или внатрепартиски „закон“ што ги дефинира… итн.?

Или, сето тоа станува појасно со дополнувањето односно квалификацијата за Османи дека „за ниски лични интереси продава се национално“? Веројатно. Но чие „национално“, или нема потреба од такво потпрашање бидејќи тоа автоматски се подразбира како – етничкото? 

И како по правило, овој и ваков прилично (најблаго речено) контроверзен и етноцентристички наратив понуден токму пред претседателските и парламентарните избори, нема да наиде на соодветен одговор, или барем прашање, од страна на сегашната криминална коалиција на власт иако директно задира во суштината на „соживотот“. Уште помал интерес за неа ќе покажат оние нивни – извинете, но морам да ги наречам приглупи! – „интелектуални“ вувузели кои (наводно и токму сега) ни ги појаснуваат глобалните геостратешки односи, ни советуваат повеќе да трчаме ама тие и понатаму да си седат во ладовина, или пак пелтечат за нечиј „лажен патриотизам“ наместо за очебијниот криминал што им се случува пред очи. А можеби токму оној криминал со парите од „Ерзмус“, и многу други, го сметаат за дел од соживотот и вистинскиот патриотизам?       

Нив, впрочем, како и „прогресивциве“, не ги поремети во коруптивната нирвана ни она „упатство“ од највисокото место на албанскиот политички блок до македонската опозиција:  „Ако се патриоти, тогаш треба да поддржат промена на Уставот и Бугарите да бидат уставна категорија, зашто на овој начин македонскиот народ ќе биде легитимиран на меѓународно ниво“ (sic!). Па, по ѓаволите, тоа беше упатено до опозицијата, не до нив, нели!?

Но, едновремено, ние односно тие во наше име секогаш имаат спремен одговор: тоа се нешта што (ќе) ги оценува нивниот електорат! Како да тој нивен електорат не е и наш електорат, како да тие нивни гласачи живеат во некоја друга земја а не во оваа Македонија? Таквата налудничава „биполарна“ етничка поделба одамна е реалност во државава, поддржана, дури поттикнувана од партократската клиентела.

А сепак, како да се заборава дека таквата биполарност, медицински кажано, води кон манијакални етнички нарушувања, дека е нездрава (политичка) состојба што често предизвикува екстремни емоционални реакции на националистички вознес и аплауз, но и етнички конфликт како конечен производ. И тоа се епизоди толку добро познати во македонското општество, поттикнувани од многу страни, внатрешни и надворешни, по потреба. И за коишто мислевме дека се минато. Но – не се, очигледно, и секогаш другиот е виновникот.

Во суштина, во сериозните демократии, такви „биполарни“ нарушувања не се толерираат бидејќи предизвикуваат абнормално покачување на афективните етнички расположенија, коишто понатаму можат да доведат до отворени судири.  Зашто, иако посочената формулација е првенствено насочена токму кон еден етнички електорат, не може да исклучи реакции и од другата страна. Што ако и таму, сега, баш пред избори, се јават односно се засилат такви и слични душегрижници за спротивните „антинационални постапки“, инкриминирани или не, сеедно? Малку треба, нели, да се насочи негативната енергија и кон спротивната страна, да се поттикнат токму биполарните „национални“ чувства како оние на познатите фудбалски натпревари.

Дали би-етничките општества развиваат такви биполарни симптоми? Се разбира, а ние, од некогашното потенцирано мултиетничко општество, запишано дури и во Уставот, развивме типично конфликтно би-етничко општество, со тенденција за експлозивни разврски, дури и јавно прокламирани. Оние кои го слушнаа оној „мудрец“ како се заканува дека никој не смее да чепне во Охридскиот договор зашто од Македонија ќе останела само Северна, знае за што зборувам.

На крајот, уште еднаш за „соживотот“ на оној од Водно: ова кататонично општество дава најпрецизен одговор на и за тој нивен „соживот“ базиран на мафијашка поделба на територии и интереси, на влијанија и апетити. Ова општество одамна ги покажува сите симптоми на тој биполарен синдром – длабока депресија и нереактивност, психотички знаци, растечка меѓуетничка омраза и конфликти итн. – а таквите општества по правило се и длабоко суицидални. Од нив, често, останува само пепел. И спомени. Само што тоа некој треба да го види. „Соживотариве“ од крадење немаат време за тоа!


Leave a comment