Криминална „шведска маса“

Речиси пред неполн месец, а во насоката на предизборниов циркус што се случува пред нас, спомнав еден подзаборавен (и приглуп, извинете) дилетант од времето на „шарената“ улична пропаганда, кој сега се повампири па ни мавта со прстето и ни вели: „Изборите ќе го дадат одговорот дали ќе забрзаме во користењето на европските фондови и придобивки“. Е поставете го неговово „укажување“ во контекстот на најновиот скандал на „прогресивниве“ криминалци и проневерата токму на тие европски фондови, па ќе ви стане појасна целата нивна приказна со нашето зачленување во ЕУ како стратешки приоритет на државава!

Зашто, ако само за одвај две години тие успеале да искрадат цели 2,2 милиони евра – поточно: ЕУ толку успеала да открие! – тогаш замислете што правеле во преостанатите шест години, до денес. Па кој е луд да остави таква криминална „шведска маса“ (smörgåsbord) само заради некаква демократија, опозиција, право и правда, срам и морал… и слични будалаштини? Нели е најзгодно таквиот арамилак да се прогласи за стратешки приоритет на државата, а себеси да се поставиш за единствен чувар на тие државни интереси?

А впрочем, тие ЕУ фондови се само делот од предјадењето на таа богата шведска трпеза зашто локалниве криминални банди на неа го ставаат и целиот државен буџет па секој се служи како сака, но не онака како во комунизмот – секому според потребите – туку секому според алчноста. Или, ако сакате, потсетете се како изгледаа овие хибридни „прогресивци“ во онаа 2016 година? Немаше куче за што да ги касне, уште одеа со опинци и панталони од чоја. А сега? Не можат да дишат од дебелина, а да можат би ги возеле сите свои џипови одеднаш само за да се покажат пред својата сељачана! Се разбира, ни претходнине не беа поарни, само поуспешно се прикриваа.      

Оттука, ако она Жижеково актуелизирање на Лакановата теза за будалите и никаквеците го поставиме строго локално, ќе видиме дека тоа е премногу бајато за нас. Зашто, прво, тие два Лаканови типа на интелектуалецот се „прототипови“ на некогашниот европски интелектуалец. Лакан, па и Жижек, не ги познаваат најдобро балканските, односно македонските варијанти на „интелектулаците“ и „политичарите“. Тие овде се еден меланж, една збирштина, се препелкаат во ист криминално-коруптивен котел зачинет со старовремски џебџиски мирудии во него. Таа збирштина не е ни неоконзервативна ниту пак неолиберална, уште помалку е модерна или постмодерна. Нив не ги интересира ни општеството ниту државата. Само шведската трпеза со ЕУ фондовите!

Тие се, повеќе или помалку, една иста лицемерна сорта, со извесни нијанси на апаши и лажговци и не можат да се подведат под ниедна современа дефиниција на политичари и/или интелектуалци. И зависно од поделбата на улогите, секој се занимава со својата работа. Се разбира, знам дека некој ќе реагира на зборот апаши како прегруб, но мора да се направи некаква разлика помеѓу вистински „софистицирани“ криминалци и овие улични – или буџетски – џебџии!

Следствено, нашите „политичари“ многу бргу се трансформираат во апаши бидејќи тоа им го дозволува системот. Сите надлежни за нивно гонење се – нивни луѓе. Тие ги поставуваат и обвинителите, судиите и полицијата, го постилаат правосудниот „систем“ и „законите“ според нивните криминогени мерила и проекции на опфатот на криминалот, а потоа ја кројат и целата мрежа на државните институции и „кадрите“ во нив според нивните потреби. Тогаш доаѓа на ред третата криминална фаза: испорачување на желби до системот! Како за оние 2,2 милиони евра, во форма на списоци за побарувањата на нивните поблиски или подалечни семејства и останатата клиентела. Меѓу неа и онаа најлажливата, „интелектуалната“!

А ни таа збирштина не е мала. И не е наивна туку веднаш „мудро“ се престројува во проевропска војска и се реди до шведската маса! Едно чудо „форматни“ кафеански новинарчиња, „даскалчиња“ прегазени од времето, нво-апаратчици и политикантски анал-итичари стојат во редот да ни ги „појаснат“ сите идиотизми на нивните газди, да ги завиткаат во проевропски целофан и да врзат машничка на пакетчето.

А газдите, апашите, бидејќи самите тотално неуки и неспособни да го пропелтечат ни сопственото мислење – ако и кога го имаат, се разбира – за возврат им угодуваат на лажговците во нивно име со хонорарчиња, награди, вработувања итн. И тоа беше, се покажа впрочем низ годиниве, една извонредна продуктивно-манипулативна дружба, често потпомогната со здружените сили на „стратешките партнери“ кога тоа беше најпотребно. Како во случајот со продавачон на половни возила кој диригирано упатуваше дека „изборите претставуваат јасен избор помеѓу луѓе кои имаат пат кон Европа и луѓе чие минато покажува дека не се заинтересирани за пристапување во ЕУ.“ Ама ништо не кажува за криминалната сегашност на неговите миленици.  

Но продавачот не гледа(ше), ниту може(ше) да согледа, дека апашанава нему му продава половно возило од држава од којашто останала само шасијата. И мислат со неа да „возат“ до Брисел бидејќи сето друго е распарчено, разнесено, распродадено на делови… А попат – бидејќи од Илинденска до центарот на Брисел има цели 2.173 километри – лажговците ќе започнат нова тура бомбастични пледоајеа за нашата посветеност на евроинтеграциите, на демократијата, на партнерството, на прозападноста со балкански шмек итн. За таквата „операција“ предизбориево им легнува како кец на десетка!

Следствено, двата (интегрирани) табори – и апашите и лажговците – настојчиво се здружени да ни појаснат дека ништо друго освен ЕУ не е важно во државава односно ќе си дојде – ама подоцна. Ни принципот на стручност, компетентност и моралност, ни реформите и демократизацијата, ниту правото и правдата… не треба да ни се основната цел и визија, туку ЕУ фондовите и интеграцијата како базичен двигател на нештата во оваа провинција. Но не кажуваат дека заради тоа го добивате сето она низ што поминува(в)ме во овие триесет години: криминална приватизација, малоумна надворешна и типична (пост)комунистичка внатрешна „политика“, диригирана партиска економија, соцреалистичка (не)култура, средновековно „образование“, политикантска наука… итн.

Тогаш ги добивате и сите пропратни „успеси“: оној на невидливата „пруга“ кон Бугарија што се гради веќе дваесет години и „видливиот“ ама непрооден автопат Кичево-Охрид „во изградба“ цели десет; добивате модуларни „болници“ што горат за дванаесет минути и Клиника за онкологија каде крстена водичка е замена за терапија; имате два генерални секретари на Влада (о)судени за криминал и еден (екс)вицепремиер на „црна листа“ на САД; децата во основното образование заборавија што е тоа учебник бидејќи можат да го видат само во некој музеј, а и оние малку што ги има се со 30% толерирани грешки…! Но, „возилото“ вози за Брисел.    

И, за жал, никој во државава нема да направи „математичка“ анализа на крајниот резултат од оваа бесрамна „коалиција“ на апашите и лажговците односно на „политикантите“ и „интелектуалците“. Тук-таму ќе излегуваат онакви податоци за грабежите и бргу ќе ги заташкуваат, нема да знаеме колкав дел од колачот зграбиле лажговците во вид на хонорари, семејни вработувања, награди и слични идиотизми, а колкав плен од локалнава шведска трпеза се слеал кај апашаната од другата коалиција, онаа политичката односно политикантската.

Освен ако навистина не се обистини она ветување на опозицијата за непростување на криминалите. Но, останува да видиме, се разбира.        


Leave a comment