За шлеперот и жабата

Насловот би можел да гласи и поинаку, на пример: кој, после сѐ, а особено после средата (3 април 2024), би посакал повторно да гласа за сдсм (малите букви се реален одраз на нивната улога денес)? Но, предложениот наслов што стои над текстов има историска нишка, алудира на еден поранешен предизборен миг, кога шлеперот навистина ја згмечи жабата. Ама во средата, богами, „жабата“ не само што го згмечи „шлеперот“ небаре направен од хартија, туку буквално го растури на составни делови, го пикна во онаа преса за метал и го прати во – историјата. Онаа црната, жалната, непосакуваната.

Некој ќе рече: ама тој и не беше некој шлепер. Извинете, ама тој се претставуваше како таков, а тоа особено гласно го правеше и неговата партија, без оглед што тој, во реалноста, беше пластична дечја играчка. Или туѓа играчка, како сакате. Па следствено, на „жабата“ можеби не ѝ беше тешко да го „растури“. Меѓутоа, добро беше да се гледа тој „дуел“ – иако и не беше баш дуел зашто „шлеперот“ трокираше и не можеше ни да запали – бидејќи јавноста можеше конечно да се увери каква всушност „машина“ ја влече оваа држава во амбис. И какво лудило владее во таа партија!

Зошто ја спомнувам партијата? Затоа што, да беше нормална партија, некој од потпретседателите ќе се појавеше среде „дуелот“, ќе го фатеше „шлеперот“ под рака и ќе го изнесеше од студиото. Онака грогиран, стуткан, згмечен… Или, ако не сакале баш толку да се резилат, некој од спомнатите ќе го свикаше Централниот одбор веќе во четвртокот, ќе му ја одземеа партиската книшка и ќе го пратеа дома. Ништо од тоа не направија!

Но, повторно на сцената ќе стапи нивната квази-интелектуална клиентела која ќе прогласува дури и успешен „дуел“, ќе нѐ убедува дека „Ковачевски гледа во иднината“ (а тој ни бела мачка не може да види!), дека „ќе ги заврши и реформите и преговорите со ЕУ“ (а тој ниту ги започнал!) и слични будалаштини, мислејќи дека некако ќе ја поправат катастрофалната слика што „прогресивнине“ слепци ја оставаат зад себе. Зашто, кога зад „шлеперов“ од хартија ќе ги наредите сите оние останати потрошени ликови почнувајќи од фамознион политикант Филипче кој, повторно од наш џеб, ветува бесплатно школување, плати до небо за лекарите и сестрите, или Спасовски со неговиот „европски полицаец“ заталкан низ македонскиве Сцили и Харибди, „Цаци“ со нејзините хеликоптери, Битиќи и стоте евра за пензионерите…, тогаш сдсмовскиот карван на глупоста станува комплетен! 

Заради тоа, за нормална држава и за нормален народ, не само после оној „дуел“, нештата би требале да бидат многу, многу појасни. Ако пак во целата слика го доцртате и прозаичниот ама урнебесен факт дека „водечката“ македонска партија е тотално неписмена (не само) за презимето на нејзиниот претседател (или „претседател“, како сакате) и името на нивни кандидат за изборите (кого го прекрстија во хемиски елемент), туку за нив и иднината е „идинина“, тоа е сосема доволно да ја ставите на листа на чекање во наредните два-триесет години.

Следствено, кога претходно ги слуша(в)ме реакциите и чудењата на „видните“ првенци особено на сдсм, но и на дуи (малите букви се реален одраз на нивниот актуелен политички рејтинг) за резултатите од мноштвото предизборни анкети, кога ги гледавме како (демек) со неверување одвраќаат дека тоа се лаги и дезинформации на опозицијата и дека нема објективни причини зошто македонскиот граѓанин би бил незадоволен од нив, просто ве фаќа мачнина, но и бес. Не од лагите и одглумената ноншалантна надменост туку од континуитетот на простачкото потценување на јавноста/граѓаните.  

Затоа, гледајќи ги – покрај „дуелот“ – нивниве последни предизборни претставувања, со неверица слушајќи ги политикантските бравури на нивните „првенци“ небаре ние сме биле на Марс а не овде изминативе осум години или сме малоумни па не знаеме кој што грабнал од нас во овие 2.920 дена, почнува да ве фаќа и депресија. Па зарем е можно некој толку безобразно да лаже? Или се надева дека не се сеќаваме на неспособните и неуките партиски војници поставени за министри и директори, на коалициската и семејната окупација на државната администрација, на криминалниот раст на нивните плати од 78% наспроти потценувачките 5% за пензионерите, на секојдневните скандали поврзани со отворениот грабеж на државните ресурси…? И зарем навистина треба да се прашаме зошто не би сакале да ги видиме и утре сдсм и дуи со нов четиригодишен мандат?

И не само што не покажуваат никаков срам за криминалот, корупцијата и неморалот што ги воведоа како државни стандарди, туку згора и продолжуваат со минхаузеновските ветувања, исто онака како во 2016 година. Па зошто во изминативе осум години не го направија сето тоа што сега го ветуваат за во иднина? Немаа време од крадење?

Кога ќе се присетите на сите минати лаги од устите на двата нивни „премиери“ (па и овој лажниов, актуелниов технички „премиер“ на дуи), на сите некомпетентни шушумиги што заседнуваа во министерските фотелји, на онаа армија полуписмени шутраци на чело на државните институции и агенции, на онаа приглупа интелектуална клиентела што со барабани и вувузели ги следеше во чекор сите овие години правдајќи ги нивните глупости…, навистина ли се преиспитувате што е тоа што ви пречи кај нив, што ви создава одбивност, дури гадење и од сопствената држава? Или – точно знаете?! И не треба да се замислите подлабоко за да ви надојдат сеќавањата за дворците што ќе ги изградеа, за кулите што ќе ги извишеа, за реформите што ќе ги направеа, за бројчаникот што ќе вртеше, за правото и правдата за сите и за медот и млекото што ќе течеше низ улиците…, за да се срамите наместо нив. Зошто? Заради тоа што верувавте/верувавме во приказни за мали деца раскажувани од неуки и некомпетентни суртуци кои сакавме да ги видиме како реформисти и демократи.  

Во овие три децении навистина имавме прилика да преживееме секакви бандитски коалиции – од оној карикатурален тандем на вмро и да (малите букви се реален одраз на нивната историска улога) во 1998 година, преку онаа циркузантска „широка коалиција“ по 2001 година па до неспособнион „тенкист“ – за да денес со полно право се прашаме: па што му згрешивме на Господа вака да нѐ казнува? Или колкава доза мазохизам постои во македонскиот граѓанин да може така помириливо да трпи вакви палјачовци и криминалци секојдневно да го вандализираат и ограбуваат, да му го загрозуваат опстанокот и иднината и да му го крадат минатото?      

Колку наивни и, да простите, будали треба да бидеме за да, прво, му поверуваме на оној полуписмен лик кој оперира со одвај стотина зборови, а потоа и во бајковитите приказни дека тој и неговата „партија“ – а сосе оној Пинокио од Водно! – можат да ја извлечат земјава од ова криминално мочуриште што самите го инсталираа? Или дека токму оваа коалиција на две неморални банди е таа што ќе не однесе во ЕУ? Со истите оние старо-нови кримоси, оние бесрамни ликови спремни за нови грабежи!?  

Затоа, прашањето кој нормален повторно би гласал за сдсм и за дуи не е само реторичко туку е и суштинско прашање за македонскиот граѓанин, без разлика на неговата етничка, верска или друга припадност. Затоа впрочем и прашањето што некои „мудри“ глави упорно ни го поттурнуваат под нос дали, демек, сакаме да се врати „груевизмот“, е страотно нечесно, подло, депласирано и во целост доликува на оваа политикантска гарнитура. И на него има само еден одговор: а во што тоа „груевизмот“ беше пострашен од „заевизмот“ и „сељачизмот“? И кому тоа му одговара да го поставува македонскиот граѓанин пред избор помеѓу две зла? Немаме ли ние право на пристоен живот, подалеку од овие криминални банди?

Криминална „шведска маса“

Речиси пред неполн месец, а во насоката на предизборниов циркус што се случува пред нас, спомнав еден подзаборавен (и приглуп, извинете) дилетант од времето на „шарената“ улична пропаганда, кој сега се повампири па ни мавта со прстето и ни вели: „Изборите ќе го дадат одговорот дали ќе забрзаме во користењето на европските фондови и придобивки“. Е поставете го неговово „укажување“ во контекстот на најновиот скандал на „прогресивниве“ криминалци и проневерата токму на тие европски фондови, па ќе ви стане појасна целата нивна приказна со нашето зачленување во ЕУ како стратешки приоритет на државава!

Зашто, ако само за одвај две години тие успеале да искрадат цели 2,2 милиони евра – поточно: ЕУ толку успеала да открие! – тогаш замислете што правеле во преостанатите шест години, до денес. Па кој е луд да остави таква криминална „шведска маса“ (smörgåsbord) само заради некаква демократија, опозиција, право и правда, срам и морал… и слични будалаштини? Нели е најзгодно таквиот арамилак да се прогласи за стратешки приоритет на државата, а себеси да се поставиш за единствен чувар на тие државни интереси?

А впрочем, тие ЕУ фондови се само делот од предјадењето на таа богата шведска трпеза зашто локалниве криминални банди на неа го ставаат и целиот државен буџет па секој се служи како сака, но не онака како во комунизмот – секому според потребите – туку секому според алчноста. Или, ако сакате, потсетете се како изгледаа овие хибридни „прогресивци“ во онаа 2016 година? Немаше куче за што да ги касне, уште одеа со опинци и панталони од чоја. А сега? Не можат да дишат од дебелина, а да можат би ги возеле сите свои џипови одеднаш само за да се покажат пред својата сељачана! Се разбира, ни претходнине не беа поарни, само поуспешно се прикриваа.      

Оттука, ако она Жижеково актуелизирање на Лакановата теза за будалите и никаквеците го поставиме строго локално, ќе видиме дека тоа е премногу бајато за нас. Зашто, прво, тие два Лаканови типа на интелектуалецот се „прототипови“ на некогашниот европски интелектуалец. Лакан, па и Жижек, не ги познаваат најдобро балканските, односно македонските варијанти на „интелектулаците“ и „политичарите“. Тие овде се еден меланж, една збирштина, се препелкаат во ист криминално-коруптивен котел зачинет со старовремски џебџиски мирудии во него. Таа збирштина не е ни неоконзервативна ниту пак неолиберална, уште помалку е модерна или постмодерна. Нив не ги интересира ни општеството ниту државата. Само шведската трпеза со ЕУ фондовите!

Тие се, повеќе или помалку, една иста лицемерна сорта, со извесни нијанси на апаши и лажговци и не можат да се подведат под ниедна современа дефиниција на политичари и/или интелектуалци. И зависно од поделбата на улогите, секој се занимава со својата работа. Се разбира, знам дека некој ќе реагира на зборот апаши како прегруб, но мора да се направи некаква разлика помеѓу вистински „софистицирани“ криминалци и овие улични – или буџетски – џебџии!

Следствено, нашите „политичари“ многу бргу се трансформираат во апаши бидејќи тоа им го дозволува системот. Сите надлежни за нивно гонење се – нивни луѓе. Тие ги поставуваат и обвинителите, судиите и полицијата, го постилаат правосудниот „систем“ и „законите“ според нивните криминогени мерила и проекции на опфатот на криминалот, а потоа ја кројат и целата мрежа на државните институции и „кадрите“ во нив според нивните потреби. Тогаш доаѓа на ред третата криминална фаза: испорачување на желби до системот! Како за оние 2,2 милиони евра, во форма на списоци за побарувањата на нивните поблиски или подалечни семејства и останатата клиентела. Меѓу неа и онаа најлажливата, „интелектуалната“!

А ни таа збирштина не е мала. И не е наивна туку веднаш „мудро“ се престројува во проевропска војска и се реди до шведската маса! Едно чудо „форматни“ кафеански новинарчиња, „даскалчиња“ прегазени од времето, нво-апаратчици и политикантски анал-итичари стојат во редот да ни ги „појаснат“ сите идиотизми на нивните газди, да ги завиткаат во проевропски целофан и да врзат машничка на пакетчето.

А газдите, апашите, бидејќи самите тотално неуки и неспособни да го пропелтечат ни сопственото мислење – ако и кога го имаат, се разбира – за возврат им угодуваат на лажговците во нивно име со хонорарчиња, награди, вработувања итн. И тоа беше, се покажа впрочем низ годиниве, една извонредна продуктивно-манипулативна дружба, често потпомогната со здружените сили на „стратешките партнери“ кога тоа беше најпотребно. Како во случајот со продавачон на половни возила кој диригирано упатуваше дека „изборите претставуваат јасен избор помеѓу луѓе кои имаат пат кон Европа и луѓе чие минато покажува дека не се заинтересирани за пристапување во ЕУ.“ Ама ништо не кажува за криминалната сегашност на неговите миленици.  

Но продавачот не гледа(ше), ниту може(ше) да согледа, дека апашанава нему му продава половно возило од држава од којашто останала само шасијата. И мислат со неа да „возат“ до Брисел бидејќи сето друго е распарчено, разнесено, распродадено на делови… А попат – бидејќи од Илинденска до центарот на Брисел има цели 2.173 километри – лажговците ќе започнат нова тура бомбастични пледоајеа за нашата посветеност на евроинтеграциите, на демократијата, на партнерството, на прозападноста со балкански шмек итн. За таквата „операција“ предизбориево им легнува како кец на десетка!

Следствено, двата (интегрирани) табори – и апашите и лажговците – настојчиво се здружени да ни појаснат дека ништо друго освен ЕУ не е важно во државава односно ќе си дојде – ама подоцна. Ни принципот на стручност, компетентност и моралност, ни реформите и демократизацијата, ниту правото и правдата… не треба да ни се основната цел и визија, туку ЕУ фондовите и интеграцијата како базичен двигател на нештата во оваа провинција. Но не кажуваат дека заради тоа го добивате сето она низ што поминува(в)ме во овие триесет години: криминална приватизација, малоумна надворешна и типична (пост)комунистичка внатрешна „политика“, диригирана партиска економија, соцреалистичка (не)култура, средновековно „образование“, политикантска наука… итн.

Тогаш ги добивате и сите пропратни „успеси“: оној на невидливата „пруга“ кон Бугарија што се гради веќе дваесет години и „видливиот“ ама непрооден автопат Кичево-Охрид „во изградба“ цели десет; добивате модуларни „болници“ што горат за дванаесет минути и Клиника за онкологија каде крстена водичка е замена за терапија; имате два генерални секретари на Влада (о)судени за криминал и еден (екс)вицепремиер на „црна листа“ на САД; децата во основното образование заборавија што е тоа учебник бидејќи можат да го видат само во некој музеј, а и оние малку што ги има се со 30% толерирани грешки…! Но, „возилото“ вози за Брисел.    

И, за жал, никој во државава нема да направи „математичка“ анализа на крајниот резултат од оваа бесрамна „коалиција“ на апашите и лажговците односно на „политикантите“ и „интелектуалците“. Тук-таму ќе излегуваат онакви податоци за грабежите и бргу ќе ги заташкуваат, нема да знаеме колкав дел од колачот зграбиле лажговците во вид на хонорари, семејни вработувања, награди и слични идиотизми, а колкав плен од локалнава шведска трпеза се слеал кај апашаната од другата коалиција, онаа политичката односно политикантската.

Освен ако навистина не се обистини она ветување на опозицијата за непростување на криминалите. Но, останува да видиме, се разбира.        


„Биполарен“ соживот

Ние никако не можеме ни да насетиме, а уште помалку да знаеме  – зашто тоа низ овие години се покажа невозможно – на што мисли оној од Водно кога вели дека „соживотот е наша најголема вредност“. И од кога тоа ифтарските вечери се „можност за негово продлабочување“ кога тие се ништо друго туку само добро смислен театар на „дружба“ на политичките врхушки и по некој „важен“ странец. Тука почнува и тука завршува тоа „продлабочување“.

За жал, наместо фингираното „продлабочување“, стварноста, но и политиката, говорат нешто сосема друго. А овие избори тоа ќе го изострат до невидени размери. Дури и во „соживотот“, реално биполарен, и во буквална и во метафорична смисла.

А во почетното“ „загревање“, едно соопштение на албанската опозиција ВРЕДИ му промакнало на нашион Пинокио. Во него се вели: „За среќа, Албанците не забораваат. Затоа, дојде време луѓето инкриминирани во антинационални постапки, да бидат казнети преку гласање, како најдобар инструмент за одвојување на измамникот од чесниот“. Нивниот таргет во ова соопштение е никој друг туку „славниот“ Бујар Османи и некои негови – селектирани, секако – лаги од предолгиот список во неговата политикантска кариера.

Се разбира, јас би бил невиден морон ако, после сите мои споделувања на застрашувачката неукост и политичка неспособност на тој лик, сега застанам во некаква негова одбрана. Секој треба (не само) политички да си одговара за постапките, а особено за криминалите што ги правел низ животот. А овој тип, како што тргнало, и не само заради погореспомнатото соопштение туку и заради отворените обвинувања на Изет Меџити, досега требал да заврши на некое прилично непопуларно место, а не на листата на претседателски кандидати. Доволно штети направи и како министер за надворешни работи на Македонија! Ама „прогресивциве“ знаат подобро, нели?

Меѓутоа Османи овде воопшто и не е важен зашто во „соопштението“, видливо потенцирана, „боцка очи“ една друга поента: онаа јасно акцентирана и наречена – „антинационални постапки“. Не гледам дека е потребна којзнае колкава мудрост да се „прочита“, и разбере, точното нејзино значење. Или, ако сакате, единственото можно „читање“ на тие „антинационални постапки“ во општиот контекст. Тие, де факто, не се оние од „соживотна“ национална провениенција туку се гревовите против етничката кауза, албанското „национално“ чувство и постапките/однесувањето што не се компатибилни со него. Сето друго е неважно, маргинално, простливо, дури занемарливо и заборавливо.

Се разбира, ваквиот наратив е дел, важен или дури најважен дел, од една политичка логика и пракса, што ги прави „легитимни“, иако сведени на премногу „редуциран“ етнополитички светоглед. Тоа е дискурс што нема врска со совремието, со дваесет и првиот век, со демократијата…, ниту пак повикува на некаков – соживот! Но, повторно, има цврст легитимитет штом е така помпезно најавен. И иако сосема доволна да внесе првична забуна – да не речам сомнеж – оваа формулација дополнително збунува со придавката „инкриминирани“ пред „антинационалните постапки“. Кои се, какви се тие „инкриминирани антинационални постапки“, постои ли некаков партиски (или етнички) список на истите, или внатрепартиски „закон“ што ги дефинира… итн.?

Или, сето тоа станува појасно со дополнувањето односно квалификацијата за Османи дека „за ниски лични интереси продава се национално“? Веројатно. Но чие „национално“, или нема потреба од такво потпрашање бидејќи тоа автоматски се подразбира како – етничкото? 

И како по правило, овој и ваков прилично (најблаго речено) контроверзен и етноцентристички наратив понуден токму пред претседателските и парламентарните избори, нема да наиде на соодветен одговор, или барем прашање, од страна на сегашната криминална коалиција на власт иако директно задира во суштината на „соживотот“. Уште помал интерес за неа ќе покажат оние нивни – извинете, но морам да ги наречам приглупи! – „интелектуални“ вувузели кои (наводно и токму сега) ни ги појаснуваат глобалните геостратешки односи, ни советуваат повеќе да трчаме ама тие и понатаму да си седат во ладовина, или пак пелтечат за нечиј „лажен патриотизам“ наместо за очебијниот криминал што им се случува пред очи. А можеби токму оној криминал со парите од „Ерзмус“, и многу други, го сметаат за дел од соживотот и вистинскиот патриотизам?       

Нив, впрочем, како и „прогресивциве“, не ги поремети во коруптивната нирвана ни она „упатство“ од највисокото место на албанскиот политички блок до македонската опозиција:  „Ако се патриоти, тогаш треба да поддржат промена на Уставот и Бугарите да бидат уставна категорија, зашто на овој начин македонскиот народ ќе биде легитимиран на меѓународно ниво“ (sic!). Па, по ѓаволите, тоа беше упатено до опозицијата, не до нив, нели!?

Но, едновремено, ние односно тие во наше име секогаш имаат спремен одговор: тоа се нешта што (ќе) ги оценува нивниот електорат! Како да тој нивен електорат не е и наш електорат, како да тие нивни гласачи живеат во некоја друга земја а не во оваа Македонија? Таквата налудничава „биполарна“ етничка поделба одамна е реалност во државава, поддржана, дури поттикнувана од партократската клиентела.

А сепак, како да се заборава дека таквата биполарност, медицински кажано, води кон манијакални етнички нарушувања, дека е нездрава (политичка) состојба што често предизвикува екстремни емоционални реакции на националистички вознес и аплауз, но и етнички конфликт како конечен производ. И тоа се епизоди толку добро познати во македонското општество, поттикнувани од многу страни, внатрешни и надворешни, по потреба. И за коишто мислевме дека се минато. Но – не се, очигледно, и секогаш другиот е виновникот.

Во суштина, во сериозните демократии, такви „биполарни“ нарушувања не се толерираат бидејќи предизвикуваат абнормално покачување на афективните етнички расположенија, коишто понатаму можат да доведат до отворени судири.  Зашто, иако посочената формулација е првенствено насочена токму кон еден етнички електорат, не може да исклучи реакции и од другата страна. Што ако и таму, сега, баш пред избори, се јават односно се засилат такви и слични душегрижници за спротивните „антинационални постапки“, инкриминирани или не, сеедно? Малку треба, нели, да се насочи негативната енергија и кон спротивната страна, да се поттикнат токму биполарните „национални“ чувства како оние на познатите фудбалски натпревари.

Дали би-етничките општества развиваат такви биполарни симптоми? Се разбира, а ние, од некогашното потенцирано мултиетничко општество, запишано дури и во Уставот, развивме типично конфликтно би-етничко општество, со тенденција за експлозивни разврски, дури и јавно прокламирани. Оние кои го слушнаа оној „мудрец“ како се заканува дека никој не смее да чепне во Охридскиот договор зашто од Македонија ќе останела само Северна, знае за што зборувам.

На крајот, уште еднаш за „соживотот“ на оној од Водно: ова кататонично општество дава најпрецизен одговор на и за тој нивен „соживот“ базиран на мафијашка поделба на територии и интереси, на влијанија и апетити. Ова општество одамна ги покажува сите симптоми на тој биполарен синдром – длабока депресија и нереактивност, психотички знаци, растечка меѓуетничка омраза и конфликти итн. – а таквите општества по правило се и длабоко суицидални. Од нив, често, останува само пепел. И спомени. Само што тоа некој треба да го види. „Соживотариве“ од крадење немаат време за тоа!


Првиот морален пораз на новата држава

Историјата е всушност „тешка“ наука. Особено кога е доживеана, преживеана. Едно е да пишувате за, на пример, походите на Александар Велики (или Македонски, како сакате), што се случиле пред многу векови, а друго да се обидете објективно, реално, или „научно“, да сведочите за настани што се случиле во ваше време и во коишто – гинеле луѓе. Со наша, или „наша“ (како сакате) вина!

Во тој контекст, не сум докрај сигурен како да го разберам целосното – со мали, чесни исклучоци – бришење од македонската меморија на датумот 24 март 1999 година. Од којшто, само пред три дена, поминаа „јубилејни“ 25 години. Не сакаме да го спомнуваме тој датум, се срамиме од него, сеедно ни е…, или – што? Зошто не би сакале да го спомнуваме тој датум, а спомнуваме многу други, неважни или помалку важни, безначајни или помалку значајни, датуми како оној којшто оној Мерко (а е демек на „црна листа“!) го „слави“ на некаква табла среде Струга, но и многу други? Или, се срамиме од спомнатиот датум, што би било посоодветно и поцивилизирано чувство?

Знам, некој, или многумина, ќе прашаат: а зошто би се срамеле? Добро, јас се срамам, а познавам уште многумина кои еднакво се срамат од тој датум во контекстот на (тогаш) новата македонска држава. Но тоа, очигледно, не е некаков генерален национален срам односно само малкумина, очигледно е и тоа, го гледаат како еден од првите големи морални порази на (тогаш) новата македонска држава. Потоа – следуваа и многу други!

Но, бидејќи станува збор за месец март, морам, дури и со „тешко срце“, да направам една паралела: онаа со датумот на бугарската фашистичка депортација на Евреите од Македонија на 11 март 1943 година. Ние како држава чесно си спомнуваме – и соодветно го „одбележуваме“ – тој датум иако како народ немаме ама баш никаков удел/вина во тој грозоморен чин. Но, станува збор за депортација, или за предвидлива смрт, на 7.240 Евреи – наши сожители/сограѓани – во германските концлогори! И повторно, Македонија односно Македонците немаа(т) ама баш никаква вина за таа трагедија. А сепак оддаваат должна почит на загубените животи! Така и треба. Но, сме помислиле ли дали во онаа некогашна СР Југославија некои од овде исто така имале роднини, пријатели, познати…? И дека можеби некој од нив бил една од жртвите на 24 март 1999?

Но, за да нема забуни, истото го мислам и за оддавањето почит, па и демонстрирањето за жртвите во Украина. Но зошто не и за она што се случуваше во некогашна СР Југославија? Бидејќи, која е, каква е разликата помеѓу идентичните насилија што одземаат невини жртви?

И сега, повторно, прашањето е: зошто не оддаваме должна почит и за жртвите на бомбардирањето на НАТО на тогашна СР Југославија во континуитет од 24 март до 10 јуни 1999 година? Зашто, дел од оние 38.000 прелети и бомбардирања на воени, стопански и цивилни цели во тогашната Југославија се одвиваа преку македонска територија. Со дозвола од тогашните македонски власти! Што ќе рече дека и ние имаме свој удел во таа трагедија, нели. Не мал!

И да потсетам: во нападите што траеле 78 дена без прекин биле тешко оштетени бројни инфраструктурни објекти, стопански објекти, училишта, здравствени установи, медиумски куќи, споменици на културата, цркви и манастири. Бројот на цивилни жртви изнесувал околу 500-1200 загинати. Економската штета е проценета на 30 милијарди долари. А што е поважно, НАТО бомбардирањето врз СРЈ, со дозвола на македонските власти, се одвиваше ден и ноќ, без согласност од Обединетите Нации, при што Генералниот секретаријат на ОН забранил воени акции. Истото тоа го сторил и американскиот Конгрес којшто ги отфрлил идеите од тогашниот американски претседател Бил Клинтон да се предложи да се нападне СРЈ. Што ќе рече дека тој американски „претседател“ реагирал неуставно според американските закони.

Или, кога денес слушате/гледате какви идиотски улоги имале еден Шредер, Шарпинг, па и големиот „демократ“ Фишер, во таа мартовска трагедија, а за што обилен материјал создале токму нивни новинари и медиуми, уште еднаш се прашувате: што ли си мислеа македонските власти? И зошто и ние како држава, но и како народ, сме се придружиле кон една таква убиствена акција контра наши довчерашни сонародници!

Кој кај нас одобрил такви крволочни прелети, врз основа на кои и какви овластувања и со каква цел? Ни било ли ветено дека веднаш ќе станеме членка на НАТО па сме сакале да направиме страотно неморална „трампа“ со туѓи животи? Или ни се заканиле дека во спротивно и ние можеме да бидеме бомбардирани па некој одлучил дека е подообро да гинат други отколку – ние? И кој е тој „некој“: Глигоров, онаа политикантска креатура со „б“, оној полуписмен Кљусев…, кој? И зошто никој не одговарал за таа одлука?

Уште понеморален чин е нашето прифаќање на статус на земја кандидат за членство во Алијансата во април 1999 година – само месец дена по започнувањето на воените операции – како подарок за соучесништвото во злосторот. Но за полноправно членство нивните „пријатели“ ги лажеа уште цели 20 години!

Се разбира, ние можеме да избереме – како што тоа и го правиме – да глумиме дека сме невини во целата таа операција, дека немаме врска со убиствата на недолжни граѓани на тогашна СР Југославија, дека (дури) и не сме знаеле што се случувало иако секоја божја вечер ги слушавме авионите како прелетуваат над Скопје. Но тој и таков наш „избор“ секогаш ќе биде неизбор, молк заради вина, сѐ до мигот додека некој од власта, која и да е и кога и да е, не се осмели да се извини за тогашните наши нехумани одлуки.

И воопшто не е важно што ние денес сме полноправна членка на таа воена организација. Дури особено заради тоа. Фактот што многумина наши „мудреци“, платени за тоа, и понатаму упорно ги плашат луѓето со НАТО како со „баба рога“ е само аргумент плус. Моралноста и големината на една држава, па нека е и „мала“ како Македонија, се отсликува токму во подготвеноста за прифаќање на грешките и извинување за истите. Само тогаш и само така и граѓаните на државава ќе ја видат оваа земја како доблесен член на меѓународната цивилизирана заедница.

Или, ако сакате, ако ние од другите бараме да се извинат за злосторствата што ги правеле во оваа земја, не мислиме ли дека и ние треба да се извиниме на соседите за ова наше соучесништво во едно од најголемите злосторства на овие простори на крајот на дваесеттиот век?  

П.С.

Не сакам на „прогресивниве“ кримоси да им ја расипам прославата на НАТО „јубилејот“, ама навистина ли не знаат дека нормалните држави прославуваат цивилизиациски дострели во науката, образованието, културата, уметноста, спортот…, а не членство во воени организации?     

Луѓе без срам

Кога на невоспитаноста, дрскоста и безобразлукот во политиката и јавниот дискурс навреме не им се застане на пат тоа прераснува во вербално силеџиство, кога алчноста поприма неконтролирани димензии таа води во корупција, а кога партократијата надвладува над демократијата тогаш политичката мафија добива своја држава. Сето тоа, и многу друго, го обликуваат политичкиот неморал поставен на македонскиот „цивилизациски“ пиедестал како единствена „вредност“, којшто потоа изнедрува ваква Македонија и вакви македонски политиканти од форматот на оној двоец Османи-Таравари, па Пендаровски, Ковачевски, Маричиќ, Грковска, Филипче, Шеќеринска… и сите останати кои денес ја доведоа државата во ваква бездна во којашто царува криминалот, лагата, дволичноста, опортунизмот, манипулацијата…    

Зашто, инаку, зарем некој во сериозна демократија би го помислил не па изрекол она што Османи, онака безобразно јавно го изјавува кого ќе кани на некаква вечера? И зарем некој друг освен Таравари онака шарлатански би манипулирал со Уставот и процентите на етничките заедници, а згора промовирајќи го својот моноетнички „кабинет“? И зарем некој друг освен оној Пендаровски, во неговиот познат подлизурковски стил (сега во трката по албански гласови), после цели пет години би се сетил дека на Македонија ѝ треба нов Устав бидејќи овој не бил како што треба затоа што во 1991 година Албанците не учествувале во неговото изготвување?

И зарем оној Ковачевски, наместо во рани зори да троши енергија по теретани не треба да помисли дека онаква политичка хајка околу неговиот поранешен сопартиец Димитриевски, особено со набрзина склепаното „судење“ пред претседателските избори, е уште една негова/нивна проѕирна манипулација со судството, со луѓето, со правдата… со демократијата? Ако овој човек воопшто и разбира што е тоа?

И уште колку вакви примери можат да се наведат денес, цели осум години по зракот надеж што требаше да донесе нов ден во македонската современа историја? Осум години потрошени залудно, во криминал, корупција, бесрамни лаги, политички неморал и лично богатење? Оваа генерација политиканти ја уназади не само државата и демократските процеси во неа туку и столбовите на секоја цивилизирана држава – образованието, културата, науката – и вредностите што произлегуваат од нив.

И тој факт останува неспорен односно цврсто вкопан во македонската реалност: политичките (односно политикантските, како сакате) елити, особено во последниве дваесетина година, зад себе оставаат пустош во сите сегменти на државата и општественото живеење. Нивниот внатрепартиски канибализам, оној што упорно ни подметнува приглупи и неспособни криминално-коруптивни гарнитури, никогаш не се задржува само во врвовите на власта. Напротив, тој континуирано се прелева во сите пори на општеството и, особено, во државните институции. За жал, тоа дефектно политикантство на негативна селекција го зафати и не така многубројниот интелектуален корпус во земјава, се инфилтрираше (и) во него и го стави под своја команда, сѐ со цел да го заокружи киднапирањето на државата.

И ништо од тоа, се разбира, не беше/не е случајно туку е правено според некои прирачници – и од источна и од западна провениенција! – за комплетно завладување со системот, ионака лабилен односно (дали намерно?) недоизграден и оставен со страотни „дупки“ во Уставот и законите, подложни на секакви „интерпретации“ и „реинтерпретации“, дури и од ликови како оној „ала Гошњак“!

Следствено, никакви црни листи на САД, особено не вакви „филтрирани“ низ американската (по правило) „чудна“ диоптрија, не можат да ја сменат бесрамнава и безнадежнава состојба во земјава. Зашто, кај нас не се голем проблем оние кои се на црната листа туку тие кои – не се! А ги има многу и повеќето се нивни пулени (да не речам инсталации!) односно драги „пријатели“ на „стратешкиот“ партнер. А впрочем, кој ни ја „смести“ онаа Јанева? Па и другите? Оттука, не можете на некаква црна листа да ставите стотици луѓе, нели? Особено ако се од самите врвови на власта, аминувани од „стратешките“ партнери! Па, меѓу останатото, читате дека и онаа карикатура од политичар кој сега сака да се претставува како „средно богат бизнисмен“ работел нешто за УСАИД, во Белград! И после сѐ, таквите не се на „црна листа“?

И сето тоа се прави без елементарно чувство на срам, без минимално почитување на демократските и човечките вредности. И дали токму (и) во тој збор – срам – меѓу другите, се крие еден од клучевите на оваа голгота на македонската држава: луѓе без срам ја „водат“ оваа земја во пропаст повеќе од две децении! И го сметаат тоа за нормално бидејќи „концептот“ на срам не им бил објаснет/всаден онаму каде што тоа вообичаено треба да се случи – во семејството и низ образовниот процес. Следствено, отсуството на таквата базична емоција силно влијае врз нивното однесување и (особено) процесот на одлучување. Луѓето без срам се во самиот старт морално поразени но, за жал, не се ни свесни за тоа. Нивната бесрамност паѓа врз нас, ние сме тие кои ги сносиме последиците!

Токму затоа оваа бесрамна „политичка борба“ кај нас поприма димензии на типична мафијашка битка не само за власт туку и за превласт врз територии, за привилигии со безказнивост, за богатства без труд и знаење. Затоа впрочем и странците, кога ќе им кажете од каде сте, ве гледаат со измешани чувства на жал и страв бидејќи не знаат на која категорија припаѓате – на мафијата или на безгласното граѓанство.

Овие и вакви бесрамници ја оставија земјата во тешки и закоравени црнила, вон сите цивилизациски процеси и просветителски развојни текови. Не само што ја манипулираат сегашноста туку ги крадат и минатото и иднината формулирајќи некаква нова квази-историја корисна само за нивната иднина. Ќе почнат да ги крадат и митовите и легендите, преданијата и толкувањата, само за да си удоволат на провинциските апетити. Ќе продадат и историја, и култура и уметност – сегашна и мината, ќе распродадат сѐ што ќе им дојде под рака!     

Впрочем, овие луѓе без срам не разбираат ништо од тоа. Не разбираат дека ги разнебитуваат самите темели на државата, дека овде веќе не станува збор за задржување на некакви културни вредности туку за зачувување на просветителските и хуманистичките текови на еден нормален раст и развој. Или, ако сакате: што значеше онаа папагалштина на еден „професор“ за руски шпиони меѓу македонското свештенство? И зошто требаше уште една шушимига да ги преповтори глупостите на оној од Водно кој глуми претседател на државава, озборувајќи за „нешто“ и „некои“ цели пет години? Затоа што веќе познатата глупост на тој Пинокио не фати место во јавноста па требаше некој да ја – дуплира? И за тоа се најде токму еден „професор“, „случајно“ претседател на Комисијата за одликувања на претседателот на државата? Колкав степен на бламажа е тоа, каков срам е тоа не само за него туку и за „претседателот“ и актуелната власт која молчи на ваквите обвинувања?

И зарем не гледаат дека веќе народот се срами од нив!?

Орбан е мало дете за нашиве

Очигледно загрижениот и особено надобуден „прогресивен“ дел од македонската јавност громовито нѐ просветли за „историскиот“ говор на американскиот амбасадор во Будимпешта Дејвид Пресман, но со недвосмислена назнака – или закана?! – дека истиот е „многу важен за целиот поширок регион“, а особено за нас утре односно за некои „(…) херои-одметници, кои не сакаат да ги почитуваат правилата на безбедносниот блок чии членки се (…).“ И сега, вие можете да се мислите кои се тие „херои-одметници“ и (потенцијални утрешни) непочитувачи на правила, но мислам дека веќе „од прва“ ќе ви текне. Но тоа не е поентата, иако не е ниту за занемарување.

Нејсе, не завлегувајќи во нашето веќе ирационално воодушевување од секој американски збор, па дури и од вакви, во основа непристојни и недипломатски обраќања – како впрочем и онаа бесмислена „порака“ од продавачот на половни возила О’Брајан – нејасно е зошто нам толку ни значат американските зборови упатени кон други, па дури бајковито ги ставаме и во некаков можен иден локален контекст. Но, од друга страна, со сите сили ги одбегнуваме оние „пораки“ изречени сега и овде за овој политички миг во Македонија, а што директно се однесуваат на локалните „ситуации“. И тоа „пораки“ изречени токму од највисок дипломатски претставник на САД во земјава. На пример говорот на г-ѓата Агелер на јубилејната прослава на Уставниот суд! За којшто сите молчат, ама за нас бил важен говорот – во Будимпешта!?

Елем, кога г-ѓата Агелер вели: „Притисоците врз судската власт во Северна Македонија е нешто што мора да престане, судиите мора да бидат слободни за да можат да го практикуваат правото. Граѓаните на оваа земја имаат потреба од тоа и се повеќе го бараат тоа“, на кого мисли? На оние „херои-одметници“ од опозицијата или на некоја утрешна власт, или пак на бандитиве кои се веќе осум години на власт? Или не ни се слуша кога криминалциве ги обвинуваат за притисоци врз судството, кога им влепуваат сочни шлаканици дека се корумпирани до највисоките врвови на власта? Амбасадорот Пресман не спомнал такво нешто во говорот во Будимпешта, ама амбасадорката Агелер во Скопје го потенцираше токму тоа. Но „прогресивциве“ мислат дека тоа не е важно?

А и не им е важно, дури и се подбиваат со фактот што 230 милиони евра од оваа сиромаштија ќе отидат на купување хеликоптери, и тоа баш од „Леонардо“! И тоа го споредуваат со успешниот „неиздржлив притисок“ Унгарија да купи четири авиони ловци „Грипен“ од Шведска! Е тоа бил – „светот на големите“!? Фактот што тој „свет“ на нормален човек ќе му се види малоумен, гангстерски, силеџиски… не е важен, важно е да ги разберете пораките од – „големите“! 

Но, ајде да не биде дека овде намерно не сакам да ги разберам пораките на амбасадорот Пресман, еве еден интересен експеримент: направете одредени измени во делови од неговиот говор во Будимпешта, на пример каде што стои Унгарија ставете Македонија, и проценете дали добивате детален опис и на локалниве случувања, сега и овде, речиси идентични како оние во Унгарија. Ама Унгарија е за потсмев, но ние – не?!

За да не се мачите, еве неколку примери. Амбасадорот Пресман вели: „Некои велат дека треба да внимаваме што прави Унгарија (Македонија, м.з.), а не што вели. Но, гледате, сега токму тоа е проблемот: јас не зборувам само за она што го кажува владата, туку за она што го прави, за нејзините постапки. Систематското преземање на независни медиуми (…) од владата, додека неколкуте медиуми кои останаа независни се соочуваат со истраги, даночни контроли и губење на приходите од реклами – тоа не се зборови, туку дела.“ Зарем ова нема врска со нас денес (а не утре!) или нашиве надобудни така бргу и лесно сакаат да го заборават катастрофалниот Закон за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги? И во што е тогаш Унгарија полоша од оваа денешна (а не утрешна) Македонија?

Или, кога сме веќе кај законите, зарем сите „демократски дебати“ кај нас денес не се еднакви на оние во Унгарија коишто се ништо друго туку само „напори на една партија да го монополизира јавниот дискурс“ (како што вели амбасадорот)? И зарем во Македонија денес е нешто поразлично од Унгарија кога амбасадорот Пресман говори за јавна бламажа од страна на власта на „независните медиуми“, на невладините организации коишто „добиваат етикета како политички пристрасни“? Да ги потсетам што говореше оној екс-премиер за одделни македонски телевизии што не му беа по ќеф? И кога Пресман говори за Унгарија дека „се чини дека оваа влада има мал интерес за конструктивен дијалог за решавање на овие проблеми“, зарем не е и сегашна Македонија првото што ви паѓа на ум?

Понатаму, кога амбасадорот говори дека „сојузниците на Унгарија ја предупредуваат Унгарија за опасностите од нејзините блиски и проширени односи со Русија“, не може ли да се повлече паралела за коруптивните врски на оваа македонска власт со одредени фирми од Белорусија? Или некој ќе рече дека тоа не е исто? Ма немој, а во што се разликува? И ако амбасадорот Пресман укажува дека „овие легитимни безбедносни грижи – кои ги споделуваат триесет и еден сојузник на Унгарија – не можат да се игнорираат“, зошто нашиве, но и САД, мислат дека треба да се игнорираат сличните сегашни врски на Македонија со руските сојузници?

Поточно, ако амбасадорот Пресман навистина во ова обраќање ја имал на ум и Македонија, тогаш тој не опишувал некоја идна, утрешна Македонија со оние „херои-одметници“ туку токму оваа и ваква „прогресивна“ Македонија, со оваа и ваква криминална, коруптивна, автократска односно недемократска, опресивна и лажлива власт! Кому тогаш, и зошто, му треба да подметнува некакви идни, утрешни приказни наместо овие сегашниве, денешниве?

Оттука, „точките на тензија“ помеѓу македонската реалност и политикантска пракса што нè раздвојува од европските стандарди и квалитет на живот (и) кај нас се „предолго оставени нерешени“, и тоа токму заради одредени „чудни“ политики на оваа македонска власт, но и на стратешките партнери САД и ЕУ. Ако, имено, едни критериуми важат за Унгарија, зошто истите не се применуваат и во – Македонија? Денес и овде?! Ако се бара некои и некакви правила, особено оние во поглед на владеењето на правото и демократијата, на независното судство, на борбата против криминалот и корупцијата…, да важат во земјите членки на ЕУ, зарем ние како потенцијална членка односно со (наводно) започнати преговори за членство, сме ослободени од тоа? Или ние, преку ваквите произволни толкувања сакаме да се самоослободиме од правилата што важат за сите, да ги игнорираме дури и отворените повици за проактивно разрешување на состојбите?

Ако камчето во чевлите на ЕУ и САД се вика Орбан, што ли е Македонија? Кубик дрва во нивните очи? Или ние сепак имаме „специјален статус“, нешто како лабораториско глувче, трло за етноексперименти, криминогена „царинска“ зона, виа игнација за корупција, средно училиште за приглупи политичари и нивните ментори…? И зошто, како што посочува колумнистот Михајловски, ако сме им толку важни, оној господин Ескобар наместо да кружи околу нас како „киша око Крагујевца“, не дојде да си ги види пулените и овде, па и оние „силни“ претседателски кандидати за кои не знаеш „во која држава тие се кандидираат за претседател“?

Па, по ѓаволите, Орбан за нашиве е мало дете. Причекајте Македонија да стане полноправна членка па ќе видите!        

П.С.

Ете, и на Мерко единствен грев му бил што незаконски поставил в.д. директор на училиште!


Политички канибализам

Вон сите текови на современата политичка и општествена мисла, наспроти сите нормални процеси на прогресивно – па нека е и утописко! – „просветителство“ на политичките и интелектуалните елити во цивилизираните држави денес, кај нас изборите се речиси еденствениот граѓански/демократски механизам за посакуваните, или очекуваните, општествени трансформации. И за граѓаните, во однос на нивниот конечен избор, но и за политичките партии со нивната политичка (кадровска и програмска) понуда. Односно – таа политичка, а пред сѐ кадровската понуда, како приоритетен предизвик за граѓанинот да го даде својот глас за одредена политичка опција. Или не, се разбира.

И вкупната македонска предизборна ситуација „мириса“ повеќе на она не отколку на да. Или, како партиите, особено двеве најголеми македонски партии – „прогресивниве“ слепци особено – да се трудат да ја артикулираат токму „негативната опција“, онаа којашто носи политичка штета а не полза. Поточно, како да форсираат еклатантен политички канибализам внатре во партијата, каде големите риби ги јадат малите (како што вели еден познат и прилично смешен „професор“!), или (повторно во стилот на истиот), каде што врхушката ужива да клоца мали кучиња ама бега од големите. За среќа, клоцачи на кучиња веќе не поминуваат во политиката!

Се разбира, на крај памет не ми е сериозно да ја обмислувам актуелната „кадровска“ понуда за претстојните избори, но веќе на прв поглед евидентен е тој политички (поточно политикантски!) канибализам што веќе долго време владее (не само) во оваа партија. И тој прави таква монструозна чистка во партиските редови, што како носител на листа го става дури и еден Филипче како адут што ќе привлече гласови, со сите негови катастрофално дилетантски, па дури и животозагрозувачки опашки. Или еден Спасовски, на пример, што се граничи со чисто лудило после сѐ што тој човек (не) направи во време на неговиот мандат, а особено со хаосот со личните документи ставајќи ја во бирократско заложништво цела држава!

Затоа, впрочем, дури и нивни непоправливи партољубци и/или симпатизери веќе нескриено говорат за некаков опсесивен самоуништувачки синдром што ја зафатил врхушката на оваа партија. Иако, нели, малку е налудничаво свесно да си поставиш таква и толкава бомба среде партиските редови и да ја активираш за време на избори, но и втората можна варијанта на лудилово – глупоста како заедничка единица мерка на раководството – е еднакво поразителна. Се договориле ли да ја пратат партијата во историјата? Можеби, не дека ќе плачеме, ама таа партија има ли членство, има ли раководни органи, има ли еден паметен човек во нејзините редови кој може барем да праша: зошто?       

Просто, не можете а да не се сетите на природниот закон, или нагон за опстанок, при што дури и животно во стапица е подготвено да жртвува дел од телото за да преживее, не пак една толкава партија да не може да се ослободи од каменот околу врат што ја влече во уништувачкиот амбис!? Како е можно една осведочено криминална врхушка така слободно повторно да се репозиционира на добитни изборни места, небаре се заслужни за не-знам-што а не за тоталниот крах на државата и партијата?          

Не дека целото медиумско-политичко опкружување во Македонија нема соодветен (негативен) удел во ублажувањето, па и негирањето, на апсолутната неспособност на оваа сдсм-овска дилетантска гарнитура, не дека нивната „интелектуална“ клиентела позиционирана во дел од јавниот просто не придонесе за маскирањето односно заташкувањето на создадениот од нив криминално-коруптивен хаос во државата. Па и денес ќе слушнете небулози од типот дека Филипче се покажал како „талентиран политичар во време на кризата“(!?) иако бевме во светскиот врв по бројот на смртност од ковид. Филипче – талентиран политичар? Па ве молам!

Или, успешно ја релоцираат вината за сите катастрофи во државава кај опозицијата обвинувајќи ја за сѐ и сешто, а највеќе за неуспешните политики на власта, исцртувајќи идиотски цртежи за „вистинскиот патриот“, лепејќи непријателски/предавнички етикети за сѐ што е вон нивниот клиентелистички втренчен ум. Згора, ќе прочитате и такви епохални бисери за оваа криминална банда дека со работа стекнале богатство (sic!). 

За жал, овој тип на канибализам не е својствен само на политиката, иако таа е неговата перјаница. Димензиите на македонската морална и интелектуална трагедија пропуштена низ партократската глупост, нивелацијата и негативната селекција, низ измислици од типот на коекакви „балансери“ и „позитивни дискриминации“ за заглупување на државната администрација одамна се доближија до врвот после којшто – нема назад. Идеолошкото наследство од информбирото и соцреализмот веќе стануваат детска играрија во споредба со владеењето на денешниот политичко-интелектуален канибализам на оваа власт, што отворено се заканува земјата да ја претвори во бандитска држава од јужноамерикански тип на Балканот.

Хибридната држава на „прогресивциве“ на чело со нивната криминална полит-мафија метастазира во сите битни општествени сегменти бидејќи државното ткиво не се регенерира со свежа политичка и интелектулна мисла туку дефинитивно се закостува низ процесот на самопресликување, на огледално криминогено мултиплицирање коешто по правило не може да внесе нов дух. А прочистување повторно ќе нема, очигледно е тоа и преку спомнатите партиски перјаници на изборните листи. Секако, не смее во овој контекст да се заборави/занемари влијанието на „стратешките партнери“ кои, јасно е ко бел ден, сакаат да играат само со малоумници и неуки прислужници, со морални инвалиди и неспособни политиканти. Дури и го поттикнуваат политичкиот канибализам на секогаш гладниве македонски политиканти, организирани како хиени во крвожедни крда: и понатаму, упорно, бараат од нас да се држиме до такви ликови!

Маскедонскиот граѓанин како да е поставен пред нерешлив проблем: апатично излегување на гласање и кинење на гласачкото ливче или, просто, останување дома како можно решение на проблемот? Но, така не се решава тој проблем. Не дека јас имам готово решение, но против вакви ликови мора да се бараат нови средства за борба. Некој во светов мора да знае како да се справиме со ликови како оној Пинокио на Водно, или оној умислен „ала Гошњак“ во Владата или сите оние други што се гледаат себеси во претседателски и/или премиерски униформи. Како што и Ковачевски – да не му го спомнувам прекарот – на 9 мај се гледа себеси повторно на чело на Владата. А не се прашува зошто не го пуштиле да влезе на оној конгрес во Рим!

П.С.

И, се разбира, на листа ќе биде и оној кој прогласува за донесен закон со 51 глас „за“, и онаа која крека „па ние сме мнозинство“ и уште дузина други од актуелнава полуписмена „мнозинска“ булумента. И тие се навистина мнозинство, но она криминално, коруптивно, неспособно мнозинство што ја доведе оваа држава до дното!

Пашалук на глупоста

Токму она што деновие на социјалните мрежи го прави еден бивш „професор“ и екс-„амбасадор“ со двете кандидатки за претседател на државата не е само недолично, вулгарно и безобразно, туку ја отсликува целата онаа простачка пропаганда што (ќе) се води веќе неколку години против сите што поинаку мислат и се однесуваат од „прогресивнава“ криминална булумента. Како впрочем и она што му го прават на довчерашниот сопартиец Максим Димитриевски. И нема сила, нема еден, барем еден глас на разумот меѓу таа политикантска сдсм-овска збирштина да се јави и да ги отера сите во мајчината, враќајќи им ја партиската книшка. Не, напротив, сите се растрчани и во последниве денови да откинат парче од туѓото, да го носат дома небаре го заработиле или го заслужиле. Меѓу нив и оние 400 несреќници во „Македонски шуми“!   

Поточно, тие себеси се гледаат како среќници бидејќи мислат дека успеале да го прелажат системот, комшијата, оние од другите партии…, ги сместиле задниците „на државно“, па сега другите нека му мислат. Сето она што го гледавме претходните единаесет години, сега ни се враќа „прогресивно“  удвоено, дури триплирано. Очигледно, натпреварот е кој може повеќе односно кој може да ја смести целата партија „на државно“. А ќе успеат, ќе видите. Кога-тогаш.

Зашто македонските политички и интелектуални елити – поточно: „елити“, се разбира! – во последниве три децении се пројавуваат како најсилен агресор контра сопствениот народ, контра неговиот здрав разум и право на живот. Нивната окупација на системот и јавното мислење преку нивните партиски инсталации, на медиумите преку коруптивните политики и „интелектуалната“ клиентела, како и на институциите преку севкупното киднапирањето на нивните функции, го постави граѓанинот пред речиси непремостив партократски ѕид. Македонски „ѕид на плачот“ на којшто може да ни позавиди и Ерусалим, или ѕид на глупоста како оној што го подигна Израел против Палестина. А тоа се ѕидови што остануваат! Дури и кога (ќе) ги нема. Речиси вечно, како и глупоста.

Затоа таа, глупоста, низ деценииве стана наш заштитен знак, симбол на македонската партократија како замена за ветената демократија. Ја негуваме во сите сфери на животот, ја бираме на избори, ја наградуваме дури и со државни награди… Го плаќаме данокот на таа глупост со децении, ја воведовме како државен и партиски критериум – што поглуп, тоа подобар! – со неа ги наполнивме државните институци, факултетите, медиумите, културата, образованието…, дури и уметноста. Државната политика стана нејзин пашалук, или царство, како сакате, прибежиште на најглупавите од генерациите, на „кремот“ од најнеспособните.

Оттаму и оваа неверојатна распространетост на некритичко и нефункционално мислење, несвесност за последиците од постапките, неодговорност и вулгарност во однесувањето. Заради тоа и оваа ригидност на државниот апарат до највисокото рамниште, привид на свесност и разбирање на процесите и ситуациите, тврдоглавост и самоувереност дури и во најлошите решенија за државата, неотстапување дури ни пред фактите/вистината. А како инаку ќе дојдевме до ова рамниште, нели?

Кај нас како да има натпревар во глупоста – во политиката и во „јавниот“ живот. Речиси и да не можете веќе да направите разлика кој е кој и што е што – во македонската глупост сите се еднакви, и политичарите и интелектуалците. Или, подобро речено, „политичарите“ и „интелектуалците“. Зашто границите помеѓу нив се бришат а тежината и димензиите на нивната глупост стануваат – епохални! Впрочем, не случајно го споменав и примерот од почетокот со „професорот“/„дипломатот“. А такви имаме безброј, не можеме да ги доброиме. Затоа, впрочем, изреката „рака раката ја мие“ може да се преведе и во царството на глупоста, каде што глупоста поттикнува глупост!  

Затоа кај нас и не можете да направите цврста граница помеѓу „политикиот“ и „интелектуалниот“ ангажман. Сето тоа, во царството на глупоста се втопува во една безлична маса што голта пред себе: ја голта државата, нејзините ресурси, нас… Затоа кај нас во сите влади имате папазјанија од „професори“/„интелектуалци“ и „политичари“, затоа кај нас имате „професори“/„интелектуалци“ потпретседатели на партии, затоа кај нас се неприменливи ни „светските“ искуства во политиката, науката, културата, образованието…, или во интелектуалната сфера.

Некои сепак ни се блиски, како онаа мисла на британската писателка Дорис Лесинг, која вели дека „нема будала како интелектуалецот“! Што е блиско до „толкувањето“ на интелектуалецот и на Жижек и Лакан, но за тоа во следната прилика.             

Во тој и таков контекст, или во тој и таков пашалук на глупоста, Македонија денес (и последниве многу години) го плаќа данокот на глупоста на своите политички и интелектуални „елити“, на нивните навистина бравурозно ступидни игри без граници во коишто конечниот „корисник“ – граѓанинот – редовно го плаќа цехот. Токму македонскиот гласач е првата и последната нивна жртва на нивните незнаење и неспособност, доведена често до амбисот на секакви ретроградни ситуации, дури и животозагрозувачки состојби. Земете ги само за пример оние две црни „корона години“, или напливот на овие „неразјаснети“ хакерски напади последниве години врз витални државни институции (Фондот за здравствено осигурување, основните училишта, сега МЕПСО и др.), коишто буквално ги киднапираат државните институции за подолго време, не дозволувајќи им на раководните слепци таму да пристапат до своите податоци итн.

Се разбира, ништо поинакво не е ниту дивеењето на онаа „градоначалничка“ во Скопје или оној во Охрид, неразумното разнебитување на македонската надворешна политика на Османи и  Пендаровски, „премиерствувањето“ на Заев и Ковачевски, политикантството на „госпожите“ Шеќеринска и онаа вицепремиерка за опомени… итн. Целиот тој панаѓур на суети, неспособност, незнаење и страотна глупост се покажува како наша доживотна казна, данок што ќе го плаќаат не само нашите деца туку и внуци…

Бујна машта лупа свашта

Никако не потценувајќи го македонскиот јазик, сепак не успеав да најдам соодветен – и добар – приближен превод на оваа српска „изрека“. Зборовите се тука, на пример за „машта“ (мечта, вообразба, фантазија), за „лупа“ (тропа, треска…), за „свашта“ (сешто), но нивниот спој, на пример бујна мечта тропа сешто, ја доловува суштината но сепак не и „звучноста“ на оригиналот. Затоа и го оставив така, со надеж дека не пречи.

Но, се разбира, поважно е сето ова што почнува пропагандно да ни се сервира од сите актери во предизборниот процес, иако ни досега не бевме поштедени од нивните глупости. А ако почетокот е ваков, каков ли ќе биде крајот? Или, пак ќе велиме „само да нема насилство“, како силеџиството на зборот да е помало од физичкото?

Елем, дека пропагандниот циркус со претпоставен монструозен тек  може да започне објави никој друг туку оној (веќе) смешен лик кој толку години глумеше претседател на државата (па му се виде малку и посака уште) потпишувајќи го – баш сега, пред избори! – катастрофалниот Закон за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Не разбирајќи дури ни дека со тоа докрај ни ги открива својот недемократски профил, својата неукост и неспособност за политичко мислење, се дрзнува да ни „објаснува“ дека „во Законот јасно е дефинирано што претставува државна кампања од јавен интерес, на државно или на локално ниво“.

Нивната, и неговата, „кампања“ – што ќе рече плукање по другите, бил – јавен (односно наш)  интерес! И понатаму, демек како главен арегумент, човекот вели дека „Законот (…) во Собранието беше донесен без поднесени амандмани од опозицијата, што значи дека опозицијата нема забелешки за неговата содржина.“

И сега, не знаете кој е овде посмешен: „претседателот“, неговиот кабинет или сдсм којашто веројатно му напишала што треба да каже. И сите среќни и весели бидејќи, нели, Законот бил донесен „без поднесени амандмани од опозицијата“! Е па извинете, кој е овде глуп, а кој – поглуп? И зошто опозицијата, којашто е убедена дека веќе утре ќе биде власт, би имала нешто против таков „закон“ сервиран во нејзина полза директно од власта? Денес, за нејзина употреба – утре?! И они, според логикава на „интелигентиве“, би требало да се бунат, да поднесуваат амандмани?

И, замислете, за разлика од порано – сакаат да кажат од времето на ДПМНЕ како репер за сите нивни сегашни глупости – сега било прецизно регулирано како медиумите и колку средства – наши пари, за нивни проипагандни потреби! – ќе добиваат за кампањи на државно или на локално ниво. Тоа треба да е некаков демократски напредок, некаква реформа, што ли? Не разбира ли човеков дека се самоубива, по којзнае кој пат?

Впрочем, глумецов од Водно досега многукратно ни се претстави како човек не само без основна политичка култура и елементарни знаења, туку и како Пинокио со бујна фантазија, особено онаа од којашто растат носот и ушите. И упорно нема некој да му каже дека тие делови од телото многу му пораснале, дека неговата „машта“ навистина „лупа свашта“, особено во контекстот на „Источниот проблем“, на што ќе се наваратам подоцна.    

А, се разбира, ниту една македонска манџа не може да помине без капларската мирудија на (сега) техничкиот премиер кој, каков што го дал Севишниот, е контра секоја посебно и сите заедно разумни опции за барем делумно излегување од оваа изборна катастрофа. Но, впрочем, тој е седнат на тоа место токму (и) заради таа негова пауновидна „поза П“ – да се биде непринципиелно тврдоглав, па и контра здравиот разум! „Статистиката“ на некои полуписмени билмези му пресметала на капларот дека секој граѓанин во оваа Недојдија може за месец дена да добие нова лична карта. Ама реалноста кажува друго, нели? Но кога во војската, која и да е и чија и да е, реалноста имала некакво значење?! Па таа, војската, по ѓаволите, знае и зошто во високото образование едни добиваат повисока плата а други – не. И како, впрочем, „командата“ може да биде одговорна за што и да е?

А во целиот предизборен циркус се вклучува и оној подзаборавен „стручњак“ од времето на „шарената“ улична пропаганда и мавта со прстето: „Изборите ќе го дадат одговорот дали ќе забрзаме во користењето на европските фондови и придобивки“. Ма није ваљда! Што ќе рече дека европските пари се резервирани само за „прогресивциве“, па ако тие пропаднат на избориве користењето на тие фондови и придобивки – ќе запре? До кога ли слепциве ќе плаќаат вакви тупави ликови?

Се разбира, врвот на сегашниот популистички миг повторно доаѓа од оној Пинокио на Водно и неговите „објаснувања“ за Македонците во Бугарија и за нивните историски голготи, но и со оној драматичен акцент дека ние, сепак, мораме да ги прифатиме Бугарите во Уставот. Ама затоа Бугарија не мора да ги вметне Македонците во нејзиниот Устав бидејќи светските сили не можат „да го сменат бугарскиот Устав како што мисли опозициската партија, која смета дека е фактор број еден во светот“!

Ама нашиов „фактор“ бр. 1 заборава дека постои Совет на Европа којшто го бара од Бугарија – токму тоа? Или Советот на Европа не е таква „светска сила“ по негов ќеф? А на „факторов“ бр. 1 веднаш се надоврзува „факторот“ бр. 2 во надворешната политика, со еднакво бујна фантазија, и ги брани Бугарите дека, ете, она ВМРО некогаш потпишало некаков документ дека нема да се меша во малцинските права во Бугарија. Ама зошто тоа не им го каже на оние во Советот во Европа, да не им се мешаат на луѓето во нивните „интерни“ работи?! Како што молчи како сом и за она барање од истата „светска сила“ за амнестијата на „Хашките случаи“? Како фантазијата еднаш не им проработи во вистинската насока?

Како и да е, човек не може да не се запраша како е можно македонските највисоки политичари да не се свесни за глупостите што ги трескаат секојдневно, дека дури ни најзагрижените хроничари не би можеле доследно да ги забележат сите будалаштини на нивната фантазија, сите „тресоци“ на нивните летаргични сиви ќелии. Но, системот ни е така скроен токму од нив, не можете да ги поместите ниту за милиметар од нивните позиции без оглед колку се глупави и неспособни. Впрочем, ене ви ја онаа Данела во Скопје, „најдобрата“ европска менаџерка, сега и „лидерка“ на партија! 

Но, всушност, тие и немаат којзнае каков проблем. Проблемот е – наш. Сите тие, на еден или на друг начин, ќе бидат згрижени: со апанажи, со фантастични пензии, повторно со возила и возачи…, некои од нив со дипломатски функции итн.  Се згрижуваат меѓусебно, да не некому нешто му фали од стекнатите привилегии. Мачнината и тегобноста уште долго време ќе ја влече на свој грб само македонскиот граѓанин (од сите етнички провениенции), во потрага по некое цунами што ќе ги збрише криминалциве во власта.

Но, цунамито не доаѓа само од себе, потребен му е ефективен потрес – или да речам земјотрес, но оној народен, слободарски, масовен, некалкулантски – којшто би ја сменил политичката конфигурација на Македонија во секој поглед. Што, се разбира, воопшто не е лесно, уште помалку едноставно. Меѓутоа, и по којзнае кој пат, ако навистина ни требаат историски примери: зарем Крушево и 1903 биле детска игра со предвидлив завршеток, или можеби 11 Октомври? И што ќе се случело тогашните Македонци да размислувале како денешниве, онака комотно распиштолени во пиџамите и домашните влечки?

Или некој сака да ја спомне „Шарената револуција“ и негативниот резултат од истата? Па зарем пред 1903 немало други, неуспешни но сепак агилни обиди? Зарем пред Прилеп и Кумамново немало комунистички акции против окупаторот (бугарски, германски и италијански)? И тие, извинете, не биле производ на она „бујна машта лупа свашта“ од насловот туку биле реални акции за ослободување од опресијата на агресорот! Или овие денес некој не ги доживува како – агресори?

Е па, како што вели еден портал, ако е така, ако ви е добро – тогаш ништо. Останете со здравје!


Пропаганден холокауст

Немате што да забележите на комплексната креативност на реномираниот холандски уметник Стал, ниту пак на напорите на организаторите да ни ја прикажат неговата верзија на пропагандата во светот денес – ултранационалистичка пропаганда, десничарска пропаганда, либерална пропаганда, финансиска пропаганда, пропаганда на империјата, климатска пропаганда, геолошка пропаганда и др. – и нејзините немилосрдни влијанија (и) врз културата и уметноста. Но ние, де факто, како држава, сме барем во тоа понапредни од Европа: ние, прво, речиси веќе и немаме непропагандна култура и уметност, и второ, имаме само една пропаганда, онаа во сите бои (црна, сива, бела…), којашто интринсично ги опфаќа и сите други видови. И е раководена од државната власт, дистрибуирана во сите пори на општеството низ нејзиниот разработен пропаганден клиентелистички систем. Сега, со налудничавото враќање на државното рекламирање во медиумите, и тоа со наши пари, таа „шарена“ пропаганда ќе поприми димензии на Орвеловско-Ланговски медиумско-пропаганден холокауст.

Но и без него, Македонија одамна е пропаганден музеј на отворено, светска атракција во тој домен, еднакво како и кичот на „Скопје 2014“, којшто во 2028 година ќе нѐ претставува како културна престолнина на Европа. Иако повеќе одговара културен циркус на Европа, но до таа година можеби и тоа ќе си дојде на своето место. Само треба да се најде еден поголем – циркуски шатор!

Се разбира, оптимистите ќе речат: па барем по нешто да сме препознатливи, нели. А бидејќи веќе го спомнувам Јонас Стал и неговото гостување во МСУ, можеби некој од кураторите на неговото претставување треба да му укаже на последното пропагандно шоу на веќе „славната“ портпаролка на сдсм (малите букви се реален одраз на моралното и политичкото рамниште на оваа „партија“ денес), во коешто вели: „ДПМНЕ, со Силјановска нуди само враќање назад, во изолација, заглавени 11 години без било каков напредок, далеку од ЕУ. Даваат лажни ветувања кои никогаш нема да се остварат. Доволно е само да се погледне што се случи во Скопје. ДПМНЕ не донесе никаква позитивна промена, не донесе никаква реформа, само катастрофа. ДПМНЕ не може да донесе никакви позитивни промени затоа што единствената шанса за Македонија е членството во ЕУ – а тие се против тоа. Со ДПМНЕ нема ЕУ ниту за 100 години.“ Без овој локален сегмент, презентацијата на Стал е – нецелосна.

И кога целиот овој „сдсм циркус“ го комбинирате со последните сретселски кокодакања на нивниот конгрес – оние на претседателот на партијата, на „независниот“ претседателски кандидат и др. – со право ќе речете дека тоа и не е некаква пропаганда туку ординарно провинциско и божем итерпејовско „надмудрување“ кој е поглуп. Па веројатно и ќе бидете во право зашто такви ликови „живеат“ само во македонските народни приказни! И сега, ука-бука, Ковачевски не го пуштиле да влезе на собирот на европските социјалисти во Рим! Па ни јас не би го пуштил.

Како и да е, и актуелниов „сдсм циркус“ е типична нивна пропаганда, најшарена од сите можни и познати, којашто веќе осма година „се вози“ на извртената теза дека власта, оваа „прогресивна“ власт, е тука само за украс и инкасирање онолкави плати, а некој друг, особено опозицијата, треба да ги сработи сите други државни работи. Особено оние коишто слепциве им ги беа ветиле на избирачите во онаа 2016 година, и понатаму. Овие стрип-ликови сакаат да ве уверат дека сиве години на власт е опозицијата, особено она ДПМНЕ, и токму тие морале да донесат напредок, позитивни промени, реформи, можеби и членство во ЕУ…! Тие се всушност главната причина за сите катастрофи во државава, а не фамозниве „прогресивни“ наследници-барокољубци и нивната „интелектуална“ клиентела.  

И згора на сѐ, ниту претседателската кандидатка на ДПМНЕ не им се допаѓа бидејќи, ете, таа не би можела да донесе никакви позитивни промени иако е професор по Уставно право, ама оној нивнион, „неконтролиран“ (како што самиот се декларира!), со петгодишен рејтинг не повисок од 4% – може? Се разбира, кога „прогресивниве“ политиканти би имале малку срам и малку повеќе политички и човечки морал, би се сетиле дека токму потписот на неговото пенкало ни смести редица анахрони, ретроградни и авторитарни закони, смислени во најтемните катчиња на властелинските штабови и нивната приглупа клиентела.

Затоа и не е на одмет одвреме навреме да си ги препрочитуваат ветувањата што ги давале на избирачкото тело, особено оние од 2016 година, и подоцна. На пример нивниот веќе историски „План за живот“ којшто, за медиумските политики, ветуваше „цел пакет реформи на медиумската сфера“, „клучни мерки за итни демократски реформи на групата невладини организации изнесени на конференцијата ’Blueprint for Urgent Democratic Reforms’“, прекинување на „трошењето на средства од буџетот на државата, општините и јавните претпријатија за реклами во медиумите“, „јавноста нема веќе да биде труена ниту со владина, ниту со политичка пропаганда“ итн., итн.

И сето тоа збришано во миг со потписот на „неконтролибилниот“ ни и „недиригиран“ „претседател“, а избришано и од политикантската меморија на „прогресивциве“. Се разбира, пропагандата нема меморија, ама забораваат дека луѓето – имаат!

Затоа, нивната манипулативна мултиколористичка пропаганда насочена кон дисторзија на реалноста и/или меморијата на избирачкото тело е само уште еден безобразен обид во низата да се заведе јавното мислење, да се оцрни опозицијата и сите кои мислат поинаку. И сето тоа дополнително ќе се вжештува со секој нов ден до изборите. А меморијата уште посилно ќе се брише, ќе се полира новата реалност, „херојскиве“ години на манипулативното менување на името на државата, на бугарскине „протоколи“ што не постојат, нели, на фантастичната „француска рамка“ итн. Останува уште да видиме како ќе го депласираат државниот криминал и корупција, какво ново име ќе му дадат…

Но, всушност, сите овие нивни осум години се пример на нечесна манипулација и социјално влијание помогнато од нивните орди „интелектуални“ клиенти, на сметка на граѓанинот, опозициските политички партии и, секако, вистината! Ќе гледаме и нови ликови во таа игра на надмудрување на паметењето на граѓаните, нови сурии простаци кои ќе сакаат да откинат делче од азното барем на крајот од мандатот на бандитиве.  

Еден од важната „клиентела“ со куса меморија настојчиво се обидува да нѐ убеди дека сите проблеми започнуваат и завршуваат со „фактот“ дека во политката генерално, a (демек) особено во меѓународната, два плус два не се секогаш четири. Што не е точно, се разбира, зашто тоа е, повторно, застапување на „теоријата“ за „малите“ и „глупави“ народи, секогаш манипулирани од „големите“, заборавајќи притоа дека меѓу „големите“ два плус два по правило мора да бидат – четири. Но тој резултат е секогаш проблематично погрешен токму кај нас, односно кај политикантиве кои плаќаат такви клиенти. Или, ако сакате, „стручњакот“ не кажува како, и зошто, токму овде и сега, но и порано, два плус два никогаш не се четири!?

Зашто македонските власти, особено оваа осумгодишна криминална банда, има посебна математика. Кај нас секогаш, а особено денес, владее некаква виша математика, онаа на неуките, неспособните и некомпетентите…, или – ако баш сакате – токму на оваа политикантска гарнитура којашто сега активира клиентски групации што ќе мора да ги оправдаат сите нивни криминали, неработење и/или погрешно работење, разнебитувањето на државните ресурси итн. Па и јавно да истакнуваат за кого ќе гласаат. Како да е тоа нешто за фалење!

П.С.

Можеби нашиот локален „стручњак“ за математика треба да ги прочита спомените на Дора Бакојану со Кондолиза Рајс и да види како се бранат претпоставени национални интереси дури и од мала земја?