РАМНОДУШНОСТ И ЗАБОРАВ

или

ФЕНОМЕНОТ НА КОЊОТ И ЛАВОТ ВО СОВРЕМЕНАТА

МАКЕДОНСКА МОНУМЕНТАЛНА „УМЕТНОСТ“ (17)

За крај, морам да се вратам на онаа фамозна прес конференција на повеќето „автори“ – колку луѓево кај нас имаат погрешна претстава за авторство, да се чудиш! – кои не’ „оплеменија“ со нивните испрдоци во рамките на „Скопје 2014“ (и тука не мислам само на „уметниците“). Имено, на таа прес конференција, Жарко Башески, веројатно во името на сите, порачал: „Најостро и најенергично се огласуваме на нестручните и невешти напади врз нас и се спротивставуваме на секој обид да се девалвираат нашите дела, компетентност и труд. Молиме да се задржи нивото на комуникација на основи што се на ранг на цивилизациските вредности и придобивки. За проектот треба да се води стручна дебата, со факти и аргументи“[1].

Е сега, една ваква изјава заслужува сериозно внимание, заради неколку битни причини.

Прво, не дека немало и „нестручни и невешти“ напади врз сите идиотштини содржани во самонаречениот и самонарачаниот проект „Скопје 2014“. Мислам дека луѓето – не само компетентните поединци – беа згрозени до таа мерка што чувствуваа потреба тоа и да го искажат. А тоа го кажуваа на различни начини, често невешто и нестручно, но прилично емотивно, со жар, би рекол. И тоа не може да им се забележи. Тие имаа(т) многу поголемо право да го кажат своето мислење отколку што најголемиот дел приучени уметници имаа право на таков начин да ги трошат нивните пари. И моите, секако. Но, од друга страна, за овој самонаречен и самонарачан „проект“ беа искажани и низа стручни и компетентни оценки од домашни и странски експерти. И ниту една пофалба, освен неколку ступидни крпеници и „прошетки“ од партиски оркестрирани поединци. Тогаш – што е тука спорно? Зарем Башески, и компанија, имаат таков кредибилитет да ги оспорат ставовите на грото македонски историчари на уметност, меѓу кои речиси ниту еден – освен, повторно, клиенти од типот на „професорот“ и двајца партиски платениците – не најде ни еден барем благ, да не речам пофален збор за нивните (не)дела?

Второ, поврзано со првото: ако мислат дека го имаат, тогаш зошто, до денешен ден, не организираа ниту една сериозан расправа за нивните (не)дела „… што никој немаше доблест да ги изгради во последните 60-ина години“[2]? Па таму да ги соочат аргументите и компетенциите, токму таму, на отворена сцена да се проговори за нивните „дела, компетентност и труд“! Зашто, ако некој се повикува на „стручна дебата, со факти и аргументи“, треба да се погрижи и да ја организира. А тие тоа го можеа. И се’ уште го можат. Зошто тоа до денес не е направено? Или повеќе им одговара(ше) да се групираат низ т.н. куртонски медиуми и да се фалат? Па дури и да се „чувствуваат како херои“!?

Трето: во што тоа се состои нивното херојство? Што успеале да стават во џеб толку народни пари? Па тоа и не е некакво херојство, туку вообичаено се нарекува со друго име. Или што испорачувале количества бронза помалку од договорените, ама парите не ги враќале? Или што користеле „Сасанидски“ калкулатори? Или што безочно ги пумпале претсметките знаејќи дека ќе им ги одобруваат партиски пајташи? Тоа ли е херојстовото на македонскиве партиски „уметници“?

Четврто: зарем уште не разбраа, наспроти целата македонска јавност, дека „проектот“ со којшто се гордеат воопшто и немал историски, идеолошки, културни, естетски … амбиции, туку само и единствено да потенцира моќ, самољубие и одмазда, а паралелно да ги наполни и  џебовите на криминалната врхушка? И дека тие послужија како продолжена рака на бандата, платени со грст сребреници, во силувањето и уништувањето на еден цел град?

Но, еве, дури и сега не е доцна за расправа, напротив, ако навистина имаат таква доблест и ако се убедени во вредностите што ги поставиле. Само не знам со што би ги поткрепиле, освен (некои) со партиски книшки? Зашто, кај повеќето од нив единствената биографска цртичка е членувањето во партијата на власт. Па така ли се добиваат такви нарачки за големи народни пари? И како воопшто можат такви „уметници“ да знаат што се тоа „сериозни, издржани и естетски моќни“ дела, за да се споредат со истите? Зарем навистина веруваат во партиските ракоплескања и евентуално по некое потчукнување по рамо, наспроти презирот од колегите и стручната јавност?

Зашто презирот е единственото нешто што нивните недела го добиваат  во оваа држава. Презир затоа што не смогнаа сила да кажат не, затоа што превладаа партиските, финансиските и клиентелистичките интереси над уметничките, ако воопшто знаат што тоа значи. И навистина ли мислат дека биле одбрани заради квалитетот на нивните „идеи“ и (не)дела, а не заради сите останати фактори што, многу бргу, ќе бидат докрај расветлени? Тогаш, веројатно, презирот ќе премине во нешто друго, во нешто уште пострашно, во – рамнодушност и заборав. Зашто само тоа е соодветен одговор на средината на такви „уметници“ и нивните (не)дела!

[1] Деспина Трајковска, Скулпторите се чувствуваат како херои, Утрински весник, 08.02.2010

[2] Исто

Leave a comment