КАУБОЈСКА НАЦИЈА

или

ФЕНОМЕНОТ НА КОЊОТ И ЛАВОТ ВО СОВРЕМЕНАТА

МАКЕДОНСКА МОНУМЕНТАЛНА „УМЕТНОСТ“ (11)

Во сосема ист стриповски односно вестерн стил како и сите претходни, се и последните неколку коњанички споменици поставени на потегот пред Народната и Универзитетска библиотека и пред Универзитетскиот кампус. Тоа се спомениците на Пере Тошев, Никола Петров Русински, Ѓорѓи Сугарев и Петар Чаулев. Како да само уште тие недостасуваа да ја заокружат македонската вестерн приказна од Дивиот Исток, како некаква наша копија на сите оние вајатерповци и докхолидеи, џонвејновци и клинтиствуди во нивните најдобри денови.

Но, овде, уште еднаш треба да се коментира, или дополни ако сакате,  (веќе цитираната) мисла на Вангелов за „ … самото срце на Скопје како срце на сегашна Македонија …“, потврдена и со локацијата на овие последниве (ако воопшто се последни односно ако некој има претстава до кога ќе трае лудилово?) споменици. Поточно, очигледно е дека „во самото срце на Скопје“ местата биле резервирани – однапред. За „најважните“: Аце, Делчев, Груев, Карев, Гули … Другиве можеле да се надеваат на некоја подеднакво добра локација, ама вон централното градско подрачје. И ги нацуцулиле на потегот пред НУБ „Св. Климент Охридски“ (која ли е тука врската?) и пред Универзитетскиот кампус (можеби за да им служат за пример на студентите, што ли?).

Впрочем, уште Барт („Царството на знаците“) ја разви тезата за центар – периферија, велејќи дека „во склад со самото движење на западната метафизика, за којашто секој центар е место на вистината, центарот на нашите градови секогаш е полн: токму тука, на означеното место, се собираат и згуснуваат цивилизациските вредности: духовноста (со црквите), моќта (со канцелариите), парите (со банките), робата (со стоковните куќи), зборот (со агорите: кафеаните, шеталиштата): да се влезе во центарот значи да се сретне општествената ’вистина’, тоа значи да се учествува во величествената полнотија на ’стварноста’“. Се разбира, се надевам дека нема некој да помисли дека овие „нашиве“ ги следеле зборовите на Барт, уште помалку дека полнотијата кај Барт го подразбира оној шизофрен конгломерат на скопскиот плоштад. Тие само (неуко и лошо) ја следеле токму идејата дека се’ што е важно треба да биде истакнато во центарот на Градот. И – истакнале, како и колку знаеле и умееле. Ама  ни знаеле, уште помалку пак умееле!

Инаку, спомнатите (хронолошки меѓу последните) коњанички споменици со ништо не отстапуваат од „постулатите“ на новата шарлатанска македонска монументална школа и „спецификите“ согледани во постарите коњанички споменици, оние во центарот на Скопје. И кај нив „уметниците“ се препуштиле на фантазијата, замислувајќи ги во еден миг македонските комити како каубојци (Пере Тошев), како циркуски или родео кротители на коњи (Никола Петков Русински), или во нелогични / неосмислени пози (Петар Чаулев). Зашто, ако го гледате споменикот на Пере Тошев, на пример, и ако апстрахирате еден-два детали, добивате типичен лик од американскиот Див Запад, јавнат на полудив мустанг, со развиорена пелерина. Или, ако не сакате да одите толку далеку, другата асоцијација е една од оние македонски т.н. закачки / залагалки: „Думба, думба дивина, јавни коња пауна; ивли кони кревает, сини могли дигает …“! Можеби уметникот ја имал на ум токму оваа, не знам, ама ми се чини дека ни тој не знаел што и како прави.

%d0%bf%d0%b5%d1%80%d0%b5-%d1%82%d0%be%d1%88%d0%b5%d0%b2
Пере Тошев

Останува нејасно зошто и другиот „уметник“ – или можеби е истиот, не знам, а впрочем и не е толку битно – сметал дека токму ликот и делото на Никола Петров Русински, инаку револуционер и социјалист, соодветствува за таква поза на кротител на коњи? Или упатувал на некаква случка од неговиот живот за која што никој друг не знае освен него? Иако, мислам, дека и тој имал на ум некоја од оние спомнати т.н. закачки / залагалки, на пример: „Тумба, тумба Татара, јавни коња Златара, та појди си Вегле; Вегле колје кревае, сам бег седеше, самовила пишвеше … “! (Која што, велат, ја има и во „Зборникот на Миладиновци“!).

sdc12882
Никола Петров Русински

Војводата Петар Чаулев, пак, барем не е во некоја слична карикатурална поза. Но „уметникот“ и овде не се потрудил малку да ја проучи личноста на портретираниот, неговиот живот и дело, кои се речиси целосно спротивставени на „она“ што треба да претставува негов споменик. Од друга страна, позата на Чаулев е целосно нелогична – неговото движење со кренатата пушка, како да повикува на јуриш, на напад, е апсолутно спротивна на статичноста на коњот, којшто очигледно нема чувство за намерите на јавачот. Односно, коњот е прикажан во миг на застанување, со тежината пренесена на предните нозе, додека јавачот, според гестикулацијата, го тера да оди напред, во напад! Инаку, и ликот и ставата на Чаулев повеќе наликуваат на средношколец, првпат качен на коњ, отколку на искусен војвода, за кој, впрочем, останале и фотографии што можеле да послужат. Доколку се сакало, се разбира, тоест доколку станувало збор за сериозен пристап кон материјата. Во овој однос далеку најпристоен (во секој поглед) е споменикот на војводата Ѓорѓи Сугарев.

Инаку, бидејќи ја спомнав локацијата на последниве коњанички споменици, не знам кој стручњак го определил тој потег односно ги наредил каубојциве во иста линија со споменикот на Св. Климент Охридски од Петар Хаџи Бошков –секако  еден од најдобрите споменици кај нас. На тој начин не само што е потенцирана целата творечка беда на овие споменици, туку е потврдена и општата и веќе многупати констатирана незрелост и неукост на планерите на овој „проект“.

 

Leave a comment