ЌЕ ГО ПОТПИШЕШЕ ЛИ БЛАЖЕ КОНЕСКИ „ПРОГЛАСОТ“?

или

ИНДИГНАЦИЈА (6)

Кога една клиентелистичка гнида, еден типичен претставник на родот mammalia, во својство на претседател на комисијата за издавачка дејност и шнајдер на годинешнава програма во издаваштвото,  за други ќе каже дека се „членови, активисти и приврзаници на конкретна политичка партија и платформа“, тогаш се’ е јасно и не заслужува никаков коментар.

Затоа: зошто е толку битен Прогласот за заштита на достоинственото на македонски писталел и на македонската книжевност за денешниот миг на македонската култура? Заедно и, се разбира, со сите други реакции – поединечни или групни – апропо годишната програма за финансирање на националниот интерес на Министерството за (не)култура, а всушност контра сите напластени состојби во македонската култура во изминатава деценија. Затоа што покажува дека во државава има достоинствени луѓе на кои им пречат ќорсокаците на македонската културна „политика“, кои се загрижени заради агресивното, дури милитантно и во суштина безочно безобразие вткаено во сите одлуки, програми, акции … на ова Министерство, луѓе кои се гнасат од „системот на фрлање под нога на многу од она што се градело во изминативе седумдесетина години, но и во голема мера и на она што се гради денес во културата“ (Д. Башевски). Прогласот е битен затоа што ги обединува поединечните гласови во прогресивен хор што се срами од и протестира контра ваквата заробена и најпростачки партизирана култура, битен е затоа што изрично порачува дека „не можеме да дозволиме овој обид за обезличување и посрамотување на книжевната стварност од страна на мал број некомпетентни лица да успее“.

И тука воопшто не е важно кој каков писател е, кој колку книги објавил или продал. Тука, во и околу овој Проглас и сите други критики контра Министерството за (не)култура и нивниот културен геноцид, е важно што стојат имињата на педесетина македонски писатели од сите генерации и (творечки) ориентации! Се разбира дека ќе беше поубаво, дека ќе бевме погорди ако под Прогласот стоеа и потписите на повеќемина други реномирани писатели, некои од форматот на еден Матеја Матевски, на пример, или Милан Ѓурчинов, или … Импровизирам, се разбирам, и никако не се сомневам во нивните чувства и ставови кои што многу пати ги искажувале. Но, едновремено, се мислам, би го потпишал ли Прогласот и еден Блаже Конески? Или Петре М. Андреевски? Ниту во тоа воопшто не се сомневам, напротив! Верувам дека ќе беа први на списокот (иако овој е реден по азбучен ред). Во тоа ја гледам големината не само на писателот, на уметникот, туку и на – човекот!

И токму затоа, на некои (приватни) реакции апропо моето спомнување (во негативен контекст, се разбира) на одделни имиња на реномирани македонски писатели кои уста не отворија десет години туку својски работеа на приграбувањето на сите можни награди, пензии, привилегии – на сметка на нивните колеги, се разбира – велам: овде, денес, не станува збор за творештвото на овега или онега, за квалитетот и естетиката на нивната поезија или проза. Овде, и денес, и не само во Прогласот, не станува збор само за писателот, за творецот, туку пред се’ за човекот, зашто нема творец без човек, или има – ама тој / таа е „творец“ без здив. Има творци не-луѓе, ама кратко траат! Вистинскиот творец, пред се’ и пред сите, има света должност да (за)стане во името на правото, правдата и творештвото, ама на сите, не само на своето. Вистинскиот творец не може да го гледа само својот џеб и мев и да не му е гајле за другите. А токму тоа се случува(ше) во оваа Македонија цела една деценија. Или, како и Елизабет, и тие, утре, божем со индигнација ќе ги отфрлат сите критики на нивната пасивност, колаборационизам, неколегијалност … нечовечност? И токму затоа и мислам дека еден Конески, еден Андреевски и многумина други секако ќе го ставеа својот потпис под Прогласот зашто беа творци со голема почетна буква. А тоа е не само доблест туку и – обврска! И сигурен сум дека под Прогласот ќе го видевме и потписот на еден Славко Јаневски, но и на Петар Мазев, Танас Луловски, Живко Поповски, Јордан и Искра Грабулоски, Михаило Петрушевски, Фимчо Муратовски, Илија Милчин, Ненад Стојановски …

Затоа и чекам, веројатно не осамен, да видам дали Прогласот на групата писатели ќе придвижи некаква свест, некаков морал и потреба од акција и кај другите творци во државава, оние во ликовната уметност, кај музичарите, актерите, композиторите …? Ќе се смени ли нешто во свеста кај македонскиот творец, ќе тргне ли, конечно, по нов пат мислата дека некој друг треба да ги бие нивните битки? Или и понатаму ќе калкулираат, ќе чекаат и како глувци ќе ја ослушнуваат политичката ситуација, можните промени што би требало да ги ослободат? Ќе останат ли заробеници на етаблираните „политики“ на оваа власт и на личните лукративни апетити? Ќе ја (у)видат ли конечно убиствената „политика“ на оваа власт, онаа која што ја посочува и писателот Башевски, дека „Кога сака книги, државата си издава самата, и тоа во големи количества“[1], кога сака изложби ги тегне за уши нејзините пулени во ликовната уметност, ако сака театарски претстави си има на располагање свои партиски актери …?

Затоа, впрочем, и прашањето од насловот не е (само) реторичко, туку е суштинско за овој миг на македонската култура. Зашто, во пресудни мигови како овој, треба почесто да си го поставуваме прашањето како во дадена ситуација би постапиле некои македонски великани во културата. Но прашањето не е битно само за културата, туку и за достоинството на државата во која што, во некои подобри времиња, творците навистина беа нејзина доблест!

[1] Димитар Башевски, Културата на „заробена држава“, Плусинфо, 27 јануари 2017

Leave a comment